You are on page 1of 8

Д-р Гордан Калајџиев, Доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Скопје

Замки и заблуди на реформата на истрагата

1. Вовед
2. Напуштање на истражниот судија
3. Нов однос помеѓу полицијата и јавниот обвинител
4. Една работна станица
5. Предистражна и истражна постапка
6. Истражни или доказни дејствија- деформализирање на истрагата и доказна вредност на
истражните дејствија во новиот ЗКП
7. Права на одбраната
8. Заклучок

1. Вовед. Реформата на казнената постапка во целина, а особено реформата на претходната


постапка во последниве неколку години се одвива со голем интензитет низ цела Европа. Во светскиот
печат деновиве одекна веста дека и последниот бастион на судската истрага во Европа ̶ Франција
конечно се откажува од услугите на истражниот судија.1
Во време кога се вршат последните дотерувања на новиот Закон за кривична постапка со кој во
целост се менува концептот на една во суштина инквизиторна постапка дизајнирана како службена
истрага на судот, сакаме да посочиме на неколку битни моменти. Имено, напуштањето на судскиот
патернализам е многу повеќе од некакво козметичко менување на постојниот модел. Се работи за
коренита измена на основните постулати врз кои е изградена постојната постапка од т.н. мешовит
тип, што подразбира сосема нови цели на цели делови на постапката и улогата на главните актери во
истата.2 Опасно е работите да се поедноставуваат и да се сфати дека само се менуваат улогите на
истражниот судија и јавниот обвинител, а дека сè друго ќе остане по старо. Ваквото гледање може да
се очекува бидејќи луѓето се оптоварени од долгогодишните сфаќања (кои со време станале
своевидни догми) и практики (кои со време преминале во навики). Ова може да наведе на погрешно
разбирање на суштината на новиот систем. Така, битно е да се разбере дека новиот систем е многу
повеќе од едноставна замена на судската истрага со обвинителска. Јавниот обвинител бездруго нема
да го прави истото што досега го правел истражниот судија. Ќе се обидеме да појасниме како
полициската и обвинителската истрага во новиот систем се надополнуваат и фузионираат, а судската
истрага практично се прескокнува, а не се заменува со некаква формална обвинителска истрага. Сето
ова се разбира е придружено со многу дилеми и особено со преиспитување на балансот помеѓу
овластувањата на државните органи на прогонот и правата и слободите на лицата вовлечени во
кривичните истраги.

2. Напуштање на истражниот судија. Уредувањето на претходната постапка секако зависи од


тоа која е нејзината цел. Во литературата се нагласува дека главна цел на истрагата е расчистување на
сомненијата за кривичното дело од почетокот на постапката и собирање докази за да се одлучи дали
ќе се подигне формално обвинение по кое на обвинетиот ќе му се суди. Ако предоминантна цел на
истрагата навистина е собирање докази заради донесување на одлука дали обвинителот ќе подигање

1
Види текстот објавен во the Irish Times: Sarkozy's reform of French justice system causes outcry, достапен на
интернет страницата http://www.irishtimes.com/newspaper/ireland/2009/0119/1232059658389.html. Слично
Sarkozy goes to war with Napoleon's legal legacy, http://www.independent.co.uk/news/world/europe/sarkozy-
goes-to-war-with-napoleons-legal-legacy-1230058.html; M. Sarkozy envisage de supprimer le juge
d'instruction, www.lemonde.fr/ politique/article/2009/01/06/m-sarkozy-envisage-de-supprimer-le-juge-
dinstruction_ 1138259_823448.html

2
Види повеќе во нашите трудови во кој се расправа за правците на реформата: Каква постапка сакаме?,
Зборник на Правниот факултет "Јустинијан Први", Скопје, 2006, Стратегија за реформа на казненото право на
Р. Македонија, Министерство за правда на Република Македонија, Скопје, 2007; Правци на реформата на
кривичната постапка во Република Македонија, МРКК Бр. 1, 2007.
обвинение, тогаш не е логично доказите за ова на јавниот обвинител да му ги собира истражниот
судија. Уште почудно изгледа тоа што истражниот судија работи на расчистување на случајот, а на
крајот не дава ни мислење за тоа дали се потврдуваат сомненијата од почетокот на истрагата, туку
само му ги враќа списите како куп материјали кој овој допрва ќе ги проучува за да донесе сопствена
одлука. Навистина, ова изгледа оправдано ако држиме до принципот на акузаторност на кривично
гонење кој инсистира на поделбата на функциите меѓу учесниците во постапката, но истиот принцип
би бил уште подоследно применет ако судијата не се меша во истрагата и собирањето докази, туку се
држи до одлучувањето.
Штетата од ваквото уредување (или поточно кажано - компликување) на претходната постапка е
во тоа што 1) истата непотребно се оддолжува и 2) со инволвирање на истражниот судија како
активен истражувач како инквизитор тој станува пристрасен и со тоа наместо да ги штити
законитоста и правата и слободите на осомничениот и другите граѓани, самиот како заинтересиран за
побрзо и целосно расчистување на случајот повеќе ќе биде склон луѓето да ги притвора, претресува,
прислушува и сл. Ова е втората цел на истрагата која стариот систем не ја исполнува коректно заради
природниот сојуз во кој упаѓаат судот и обвинителството и полицијата. За да ја потенцира оваа
слабост на континенталните европски кривични постапки, еден германски автор ќе рече дека „ако го
имате судијата за обвинител, Ви треба Господ за бранител“. Така, обвинителската истрага изгледа
подобро решение и за ефикасноста на прогонот и за човековите права и слободи. Во други прилики
подетално сме пишувале за тоа дека една од главните причини за напуштање на истражниот судија е
тоа што тој се покажа како неефикасен и во двете улоги: во суштина не собираше многу нови докази,
различни од оние што претходно веќе ги собрале органите на откривање и гонење, ниту пак ефикасно
ги штитеше правата и слободите на поединецот.
Сепак, работите не се така едноставни како што може да изгледа на прв поглед. Имено, во
истрагата се собираат и докази во корист на осомничениот. Рака на срце, одбраната во новата
констелација навистина добива непристрасен одлучувач за слободите и правата, но губи битен
сојузник во прибирањето на доказите. Во таа смисла, обвинетиот ќе биде во потешка позиција да се
одбрани од неосновани обвиненија уште во една рана фаза од постапката. Ако се (при)знае дека во
истрагата во суштина се собираат докази за судењето, а не само за одлуката за прогон ̶ што во
теоријата и законот не е нагласено како цел на истрагата, но произлегува од повеќе одредби и
структурата на постапката во целина, обвинетиот на ваков начин воедно губи сојузник и за судењето
во целина.
Од денешен аспект изгледа несоодветно претходната постапка да е регулирана детално и со
стотици членови, а на главната расправа да и се посветат само неколку страници од законот. Ова
особено ако се поаѓа од тоа дека доказите во истрагата само се собираат, а валидно се изведуваат
само на главна расправа, освен материјалните докази и оние персонални докази кои ќе се изведат на
посебно доказно рочиште во истрагата. Не треба секако да се заборави заштитната функција на
процесната форма во истрагата. Навистина, недоверба во смисла на злоупотреби на овластувањата кај
нас одамна постојат по однос на полицијата, но не и спрема јавниот обвинител. Во таа смисла,
снимањето на исказите во полиција е сосема оправдано како начин на минимизирање на полициските
злоупотреби (кои се чини се глобален проблем) и по успехот на реформата на полициската постапка
во Велика Британија претставува тенденција во светски рамки.3

3. Нов однос помеѓу полицијата и јавниот обвинител. Денес повеќето современи држави
водењето на целата претходна постапка му го доверуваат на јавното обвинителство, во тесна
соработка со полицијата и сè поголемиот број специјализирани органи кои работат на следење,
анализа и откривање на различни форми на криминалот и корупцијата. Со цел самото да стане
респектибилна институција која ќе гарантира владеењето на правото во современите демократии,
јавното обвинителство сé повеќе се профилира како посебен и самостоен орган на правосудството,
дистанцирајќи се од извршната власт.4 Новиот ЗКП не смее да се разбере така што полицијата и
3
Види: The Police and Criminal Evidence Act (PACE) and the PACE Codes of Practice
(http://police.homeoffice.gov.uk).
4
Види: Y. DANDURAND, The role of prosecutors in promoting and strengthening the rule of law, Crime, Law and
Social Change, 2007; B. PAVIŠIČ, Pogled na prethodni postupak u europskom kaznenom pravu, vo: Suzbijanje
kriminaliteta, Beograd-Kragujevac 2004, 463-469; J.-M. JEHLE / M. WADE (Eds.), Coping with Overloaded
Criminal Justice Systems- The Rise of Prosecutorial Power across Europe, Göttingen, 2005. За ваквите тенденции во
новиот Закон за јавното обвинителство повеќе: Г. КАЛАЈЏИЕВ, Што нуди Нацрт законот за јавното
обвинителство во односот со полицијата, во: Билтен бр. 2, Борба против организираниот криминал во РМ,
другите органи што работат на откривање на кривични дела делуваат само во фазата на откривање и
пријавување, а потоа јавниот обвинител сам да ја преземе и води истражната постапка. Напротив.
полицијата и другите т.н. law enforcement5 тела по природа на нештата и со оглед на нивната
примарна надлежност уживаат определена автономија и ги водат т.н. „извиди“ самостојно и по
сопствена иницијатива, а врз основ на овластувањата со ЗКП, Законот за Полиција и други закони (ex
lege). Тоа не значи дека полицијата со предавањето на пријавата односно известувањето до јавниот
обвинител таа ќе се „повлече“ од натамошната работа на случајот.6
Полицијата, сега како правосудна полиција, станува главен соработник на јавното обвинителство.
Раководната улога на јавниот обвинител не треба да се сфати како некакво потценување на
Полицијата и другите државни органи. Таа произлегува од неговата уставна обврска да ги гони
сторителите на кривични дела. Така си одат работите и во практика, полицијата открива, обвинителот
подига обвинение. Напротив, доколку не соработуваат уште од најрана фаза на постапката, дури
тогаш тие може да дојдат во вистински конфликт, кога на крај на истрагата јавниот обвинител ќе
оцени дека можеби доказите не се доволни или не се законито изведени, и ќе мора да го отфрли
случајот бидејќи и самиот нема да може истиот да го добие на суд (особено сега кога со напуштање
на активната улога на судот во расчистување на случајот товарот на докажување во целост преминува
на обвинителството). Затоа, соработката на јавниот обвинител и полицијата е во сосема нова светлина
во еден систем кој сега е акузаторен и странечки по природа. Успехот или неуспехот на јавниот
обвинител пред судот е заеднички успех односно неуспех на полицијата (односно правосудната
полиција) и јавниот обвинител.
Освен тоа, без сериозна поддршка на полицијата јавниот обвинител ни на сон нема да може да ги
исполни очекувањата од него во новиот систем. Да потсетиме, јавниот обвинител ќе има отворено
повеќе „нови фронтови“, ако може така да се каже, па покрај активното учество во истрагата ќе има
сериозни обврски на главната расправа каде самиот ќе мора да ја докажува вината на обвинетиот.7
Од друга страна, ослонувањето или блиската соработка на јавниот обвинител со полицијата МВР
ќе го растовари од обвинувањата дека е политизиран и селективен во кривичните истраги. Тоа
позитивно ќе се одрази врз унапредувањето на професионалноста во самата полиција, но и во
зголемената доверба во полицијата на другите учесници во кривично правниот систем и општеството
во целина.
МВР не треба да се плаши ниту дека со конституирањето на правосудната полиција и
префрлањето на дел од крим-инспекторите во истражните центри на јавното обвинителство ќе го
заслабне министерството. Капацитетите на државата во борбата со криминалот со тоа нема да бидат
хендикепирани, туку напротив ќе добијат на професионалност и квалитет. Од друга страна,
истражните центри на јавното обвинителство нема да се развиваат како некаква конкуренција на
криминалистичката полиција или на Финансиската полиција. И тие, впрочем, самите понепосредно
отколку досега ќе работат по инструкција или по наредба на јавното обвинителство. Во таа смисла,
јавното обвинителство нема да гради сопствени капацитети во смисла на криминалистички
лаборатории, опрема за прислушување и сл. Тие работи ќе останат лоцирани во МВР, но непречено
ќе се користат за (заедничките) истраги.
Се разбира само по себе, дека ниту една одредба од новиот Закон за јавното обвинителство и сега
новиот ЗКП не треба да се толкува и применува како некакво развластување, кочење или
пасивизирање на полицијата во нејзините истраги. Напротив, тие ќе добијат на квалитет, повеќе ќе
успеваат на суд и ќе стекнат доверба кај граѓаните. Јавниот обвинител, исто така нема да се претвори

ФИООМ, Скопје, 2006.


5
Како органи со посебни овластувања во ЗКП се сметаат оние кои имаат за основна задача откривање и
истражување кривични дела, и тоа, полицијата, Воената полиција, Финансиската полиција и (дел од)
Царинската управа (сектор за истраги), додека други органи на кои откривањето на кривични дела им е во
рамки на поширок надзор врз определена сфера (на пример, УЈП, разни инспекторати и сл.) се сметаат како
државни органи кои се должни да пријават кривични дела за кои дознале во своето работење, а нивните
овластувања произлегуваат од други закони, а не од ЗКП. Во таа смисла, овие последниве немаат полициски
или слични овластувања кои ЗКП им ги признава само на оние првите. Поинаку Директорот на УЈП во мислење
доставено до Министерството за Правда од 23.01.2009 год.
6
Треба да се преиспита двојството на пријавување и известување на обвинителот од страна на полицијата. Ако
сега полицијата и обвинителството работат заедно, а полицијата мора веднаш да го извести јавниот обвинител,
пријавата (како некакво финале на сопствените извиди) треба да се напушти и да се задржи само кај другите
државни органи.
7
Види: Г. КАЛАЈЏИЕВ, Предизвици пред јавното обвинителство во реформата на казнената постапка, Билтен бр.
1, ФИООМ, Скопје, 2006.
во нов истражен судија, ниту во некаква „Баба Рога“ за полицијата. Полицијата навистина повеќе и
порано отколку досега ќе го информира јавниот обвинител, но и натаму ќе задржи значајна
автономија кај полесните кривични дела, а во соработка со јавниот обвинител и по негови упатства
активно ќе му помага во расчитувањето на потешките кривични дела.
Опасност од пасивизација на обвинителството и преземање на истрагата од полицијата е познат
проблем за кој сме пишувале на друго место. Најчестото објаснување е дека полицијата по својата
природа е пооперативна и располага со поголеми материјални и човечки ресурси,8 па ситуацијата во
практиката битно се разликува од законските и теоретските концепти. Така на теренот фактички
доминира полицијата во сите европски држави со исклучок на Италија. 9 Имено, полицијата во полна
мера го користи просторот што е оставен во нејзина автономија.10 Па така, додека во контекст на
подготовки на еден кривичен случај јавното обвинителство само делумно ги користи законските
овластувања, полицијата по правило во целост ја игра својата улога, а понекогаш и повеќе од тоа. Ова
се должи на неколку фактори. Најпрвин, полицијата тешко се откажува од традиционалната
доминација во овој иницијален дел на постапката, било затоа што грото од задачите секако сама ги
извршува, било по сопствена иницијатива било по иницијатива на јавниот обвинител, но и за да ја
задржи моќта што ја носи пошироката дискреција. Полицијата ова го изведува на начин што не го
известува навреме и редовно јавниот обвинител за сите откриени случаи на криминал. Со тоа
полицијата за себе го задржува овластувањето неофицијално да ги отфрла пријавите така што без да
го извести јавниот обвинител ќе го затвори случајот, со кое за себе всушност приграбува овластување
што законодавецот го има резервирано за јавниот обвинител. Неретко полицијата ова го прави со
одвраќање на жртвата да го пријави делото или пак со не составување на записник за поднесената
пријава. Ова е се разбира нелегално, но повеќе или помалку се среќава насекаде. 11 Со имплементација
на италијанските решенија, нашиот нов ЗКП прави силен напор да стави крај на ваквите практики.
Колку ќе се успее во тоа ќе зависи од многу работи за што ќе пишуваме на друго место.

4. Една работна станица. Најбитната идеа на реформата на претходната постапка е


редуцирањето на т.н. „работни станици“.12 Имено, постојат докази дека во постојниот наш модел
најмногу време се губи со префрлање на предметот од еден субјект до друг, при што доаѓа до
непотребно повторување на едни исти дејствија, време се троши додека предметот воопшто почне да
се работи на новата „станица“ (да дојде на ред, луѓето да се наканат да го проучат и сл.). Така,
случајот којшто прво го сработил некој државен орган (на пример, даночна инспекција, УЈП и сл.)
допрво се пријавува до полиција, за откако таа самостојно ќе го истражи самата формално да му го
пријави на јавниот обвинител, кој многу често предметот го враќа на МВР или друг државен орган
заради т.н. „претходно собирање известувања“, потоа ќе бара истрага (за што во случај на неслагање
одлучува советот на судот), па откако по долги месеци предметот ќе го добие назад без вистински
одговор, може одново да го врати на истражниот судија заради дополнување на истрагата… и така,
речиси нема крај на истрагата.
Притоа, како што заклучивме претходно, ваквата поделба на задачите помеѓу органите директно
или посредно задолжени за откривање и пријавување и полицијата и јавното обвинителсвто, како
судската истрага подоцна, заради мултиплицирањето на работите (и работните станици) доведуваат
до некоординираност, недоволна соработка и само ја усложнуваат работата. Тоа негативно се
одразува не само врз ефикасноста и ефективноста на системот, 13 туку е штетно и за правата и
слободите за осомничените и сведоците кои повеќе пати се повикуваат и распрашуваат за едно исто,
8
Види: A. PERRODET, The public prosecutor, вo: M. DЕLMAS-MARTY /J. SPENCER (Eds.), European Criminal
Procedures, 415 i natamu; E. MATHIAS, The balance of powers between the police and the public prosecutor, вo:
European Criminal Procedures, 459, 461.
9
Иако теоретски jавното обвинителство треба да доминира со истрагата, во практика полицијата ужива голема
автономија, што се должи на неколку фактори: а) полицијата е пооперативна, б) пасивност на jавното
обвинителство, в) не информирање на обвинителството од страна на полицијата и другите органи што го
спроведуваат законот сé додека не се подготви кривичната пријава, и г) административна подреденост на овие
органи на Министерството за внатрешни работи и Министерството за финансии, од кои фактички зависи
кариерата на службениците што го применуваат законот. Види: MATHIAS, supra.
10
Види: K. AMBOS, Comparative summary of the national reports, во: L. ARBOUR/ A. ESER/ K. AMBOS/ A. SANDERS
(Eds.), The Prosecutor of a Permanent International Criminal Court, Max-Planck-Institut für ausländisches und
internationales Strafrecht, Freibourg 2000, 495, 526.
11
Исто.
12
Види: Г. КАЛАЈЏИЕВ, Дали имаме правец за реформите, во: Реформи на македонското судство, Агтис,
Прилеп, 2005.
а осомничениот со месеци, па некогаш и со години се држи во состојба на силен притисок и
неизвесност, неретко со значителни штети по личната слобода, приватноста и семејниот живот,
угледот, бизнисот и сл.
Затоа, идејата е сите овие работни станици да се спојат во една единствена истрага за
криминалниот настан која со здружени сили и координирано ја водат полицијата и другите органи со
посебни овластувања под раководство на јавниот обвинител. Имено, по првичните проверки кои во
рамките на автономните овластувања за откривање и пријавување ги вршат полицијата и другите
државни органи веднаш штом ќе дознаат дека постојат основи на сомневање дека е сторено кривично
дело, со цел да истражат дали навистина има дело, кој е осомничен, да ги обезбедат доказите за тоа
(активност која во теоријата се нарекува извиди, преткривична постапка и сл.), 14 истрагата против
конкретен осомничен за кој сомненијата се потврдиле на ниво на основано сомнение продолжува под
раководство на јавниот обвинител. 15 Не само што тие меѓу себе ќе работат како еден тим (јавниот
обвинител притоа бездруго ќе може определени активности да им ги довери односно остави на овие
специјализирани државни органи), туку практично во целост се прескокнува формалната судска
истрага.
Ова е особено важно да се разбере: јавниот обвинител не води сопствена истрага од типот на
сегашната судска истрага. Напротив, јавниот обвинител откако ќе дознае за случајот наместо
проверките кои сега површно ги прави како „претходно собирање известувања“ за да одлучи дали ќе
бара судска истрага (своевидно првично обвинение), а предметот го праќа „натаму-наваму“ (до
полицијата, па до истражниот судија), малку подобро предметот ќе го истражи самиот, поточно со
помош на правосудната полиција. Така, со продлабоченото „собирање известувања“ всушност се
прескокнува, или поточно нема потреба од судска истрага.

5. Предистражна и истражна постапка. Повеќе странски експерти и меѓународните


организации вклучени во проектот силно инсистираа да се избрише границата помеѓу
предистражната постапка (во Нацртот активност насловена со „Откривање и пријавување“, Глава
XX) и истражната постапка. Тоа, би можело да се рече е впрочем на линија и на нашата концепција за
„една работна станица“ за која досега говоревме. Сепак, работите не се така едноставни.
Овластувањата за откривање и пријавување се секаде логичен вовед во кривичната постапка,
своевидна „предигра“, ако може така да се каже. Ова се области кои делумно се покриени и со други
закони. Дали се тие дел од кривичната постапка и уредени во самиот ЗКП или се дел од полициското
и административното право е прашање на избор и е различно од систем до систем. Досега кај нас, на
пример, имавме едно хибридно решение, кое сè подетално ја уредуваше полициската постапка заради
зголемена сензитивност за човековите права и слободи (полициската постапка е очигледно поголема
грижа отколку кривичната постапка и за нашиот уставотворец), за истовремено да не се смета
формално дел на кривичната постапка).16 Од друга страна, заштитната фунција на процедурите се
остварува не само со обезбедување никој невин да не биде осуден, туку никој непотребно воошто да
не биде вовлечен во една казнена постапка. Затоа е потребен определен филтер пред против некое
лице да воопшто да се поведе кривична постапка; не се доволни обични непоткрепени со докази
сомневања. Дури откако по определени проверки и полициски истраги (некои ги викаат „извиди“) ќе
собереме доволно информации и докази дека определено лице е основано сомнително дека извршило
кривично дело за кое се гони по службена должност против истото ќе можеме да водиме службена
истрага (не и формална во смисла на сегашниот ЗКП) што подразбира можност спрема него да
примениме мерки што зафаќаат во неговите интереси, права и слободи (притвор, претреси, посебни
истражни мерки, заплена на предмети или замрзнување на имот и сл.).
Маркирањето на една граница помеѓу полициските извиди и истражната постапка има двојна
функција: 1) да означи момент во постапката кога јавниот обвинител мора поактивно да се вклучи во

13
За (не)координираноста на органите на откривање и прогон види: Т. СТОЈАНОВСКИ/ Г. КАЛАЈЏИЕВ/ М.
ЛАБОВИЌ/ Т. ВИТЛАРОВ, Системска анализа на законската рамка и соработката меѓу надлежните институции во
борбата против организираниот криминал, ФИОМ, Скопје, 2005.
14
Види: D. KRAPAC, Zakon o kaznenom postupku, Narodne novine, Zagreb, 2003, 192 и натаму.
15
За прв пат во значење на законските изрази во член 23 ЗКП се дефинирани поимите „основи на соневање“ и
„основано сомневање“ и разликата помеѓу нив, па така основи на сомневање се сознанија кои врз основа на
криминалистичкото знаење и искуство може да се оценат како доказ за сторено кривично дело, додека
основано сомневање е повисок степен на сомневање заснован врз прибавените докази кои упатуваат на
заклучок дека определено лице сторило кривично дело.
16
Така и домашната литература: Н. МАТОВСКИ, Казнено процесно право, Посебен дел, Скопје/ Штип, 2004.
истрагата, а тоа е моментот кога таа ќе се фокусира врз конкретно лице, и 2) да се означи моментот
кога осомничениот е така сериозно засегнат со истрагите, да по правило треба да се информира за
истрагите против него и да се сослуша во негова одбрана. Битно е да се сфати дека ваквата точка не
значи дека истрагата сега ќе почне одново, дека сите лица сега одново и формално ќе се сослушуваат
и сл. Како што се обидовме да објасниме понапред, истражната постапка која ја води јавниот
обвинител само се надоврзува на полициските истраги (или извиди, како сакате).

6. Истражни или доказни дејствија- деформализирање на истрагата и доказна вредност на


истражните дејствија во новиот ЗКП. Една од главните стапици во која во реформата на ЗКП
западнаа сите држави на поранешна Југославија е што истрагата само ја префрлија врз јавниот
обвинител, а таа и понатаму остана детално уредена и формална, а истражните дејствија само се
преименуваа во доказни дејствија. Ваквата терминологија и снимањето на сите дејствија во истрагата
води во сосема спротивна насока од онаа на моделите (на полициско-обвинителска истрага) кои
наводно се следат.17 Така, доказите и понатаму практично се изведуваат во истрагата, доказните
правила се обработени во склоп на истрагата и сл., што е една комплетна мешаница на концепти и
идеи. Нашиот нов ЗКП се обидува да ги избегне овие замки и заблуди кои потекнуваат првенствено
од длабоко вкоренети сфаќања и навики, но и од сложеноста на еден строг номотехнички рез со
стариот закон. Во таа смисла доказите во истрагата само се прибираат, и само по исклучок се
изведуваат, но на посебно доказно рочиште, само тогаш кога оправдано може да се очекува дека
доказите нема да може да се изведат на главната расправа. Оттука, овие не може да се изведат на
главен претрес со читање, дури и кога сведокот дал исказ на расправата пред судот. Навистина, како
што е тоа случај со сите модерни постапки кои држат до начелата на контрадикторност и
непосредност, неконзистентните искази ќе може да се прочитаат заради „освежување на меморијата“
и оспорување на веродостојноста на исказот даден пред судот, но не ќе може директно да се земе
како поверодостоен доказ, како што тоа согласно постојниот ЗКП се прави кај нас.
Од друга страна, општите правила за докажувањето и доказните средства во новиот ЗКП се
издвојува во посебна глава, наместо постојната номотехника која доказите ги детално обработува во
истрагата, со специфики за главната расправа, што говори за инквизицискиот пристап на постојниот
ЗКП, а која контроверза е задржана во новите закони на другите поранешни југословенски
републики.
Ова, се разбира не беше лесна задача, ниту е до крај завршена и конзистентно изведена. Така, не е
многу јасно како се филтрира списот од истрагите пред да дојде на расправата, дали е потребно и
натаму да постојат формалности во смисла на решение за проширување на истрагата, нејзино
запирање, завршување и сл. Посебно загрижува можноста да дојде до повторување на дејствијата во
„предистражната“ („извидите“, или во ЗКП -„откривање и пријавување“) и во истражната постапка.
Сепак, најголемите контроверзи на постојниот текст и тука, како и кај поделбата на извидите
(откривањето) и истрагата се врзани со положбата и правата на одбраната во претходната постапка.

7. Права на одбраната и нејзино учество во обвинителската истрага. На изненадување на


многумина, речиси во сите модерни кривични процедури (Италија, САД, Велика Британија,
Германија и др.) обвинетиот се држи прилично настрана во текот на истрагата, а „еднаквоста на
оружјето“ како есенцијален елемент за правично судење стапува на сцена многу подоцна од она на
кое ние сме навикнале.18 Така, за разлика од нашето право кое на обвинетиот му гарантира увид во
списите уште пред формално да започне постапката, па потоа му дава можност пред судијата и
советот да ја оспорува основаноста на истрагата, за подоцна да може (ЗКП навистина не го
формулира ова како право) да присуствува на истражните дејствија, да предлага изведување на некои
дејствија, да поставува прашања на сведоците и вештаците и сл., вакво информирање на
осомничениот и негово активно учество со помош на бранител уште во истрагата нема речиси
никаде! Се чини по малку лицемерно, тоа што обвинетиот се информира за постапката против него
дури тогаш кога ќе се лиши од слобода, притвори, претреси сл., што ќе рече ̶ во ситуации кога тој
практично секако ќе дознае. Навистина, сето ова донекаде се компензира со силната обврска (која
17
За типовите истрага види истражувањата од проектот на реформата на македонското казнено право: Новите
односи меѓу полицијата, јавното обвинителство и судот во претходната постапка, МРКК, бр. 1, 2008 и
Преуредување на претходната постапка во Република Македонија во МРКПК, бр. 2/3, 2008.
18
Види: E. IVICEVIC KARAS, Načelo jednakosti oružja kao konstitutivni element prava na pravični kazneni postupak iz
članka 6. Еuropske konvencije za zatitu ljudskih prava i temeljnih sloboda, Zbornik PFZ, 57 (4-5), 761-788 (2007).
C. J. SAFFERLING, Towards an International Criminal Procedure, Oxford University Press, Oxford, 2001.
досега ја немаше кај нас) обвинителството по завршувањето на истрагата осомничениот да го
запознае со сите докази собрани против него, но и во негова полза.19
За нас ова отвори неколку битни прашања на кои сè уште не сме го дале конечниот одговор.
Прво, дали осомничениот воопшто да се информира за фактот дека против него се води истрага и
зошто. Второ, дали обвинетиот треба да има можност да ја оспорува истрагата. И трето, но не и
помалку важно, дали одбраната треба активно да учествува при преземањето на истражните
дејствија, во смисла да присуствува на истите, да предлага, да поставува прашања и сл.
Недовербата во органите на прогонот, во смисла дека тие нудат доволно гаранции за правата на
одбраната доведоа до тоа Нацртот на новиот ЗКП да направи некои компромиси. Така, обвинетиот се
информира за фактот дека против него се води истрага и има право на увид во списите, кое право
заради ефикасност на истрагите за потешки кривични дела се суспендира на определено време. 20
Основна идеjа зад ова е дека осомничениот нема да може да се брани од неосновани обвиненија ако
воопшто не знае дека против него е поведена истрага.
Осомничениот инаку, веќе нема да може да го оспорува поведувањето на истражната постапка,
што значи дека стандардот на „основано сомнение“ нема да може да се тестира односно оспорува во
предметите кои не се притворски и ќе биде само од инструктивна природа. Но, доколку при
одлучување за притворот судијата на претходната постапка најде дека нема основано сомнение дека
тој го сторил делото, истражната постапка мора да се запре. Ваквото решение се наметна како
логично со оглед на тоа што основен услов за определување на мерка притвор е постоењето основано
сомневање дека обвинетиот сторил кривично дело, стандард востановен и со член 5 став 3 од
Европската конвенција за правата на човекот.
Од друга страна, Нацртот на новиот ЗКП го задржува учеството на одбраната при преземањето на
процесните дејствија што сега ги води јавниот обвинител, како и да води сопствени истраги на
одбраната, со цел да може да се запознае со доказите против него и да прибира докази во своја полза
за ефикасно да може да се брани, а веќе и во оваа рана но критична фаза да може да има некаква
„еднаквост на оружјата“ или „еднаквост на шансите“, како што велат некој. Дали ваквото решение е
рационално и дали со тоа можеби непотребно се оддолжува или осуетува постапката е доста
дискутабилно. Додека едни мислат дека со ова непотребно се намалува ефикасноста на постапката,
други мислат дека со самото тоа што неприсуството на одбраната не е услов за преземање на
истражните дејствија нема непотребно да ја развлекува постапката. По однос пак на доказите, може
да се каже дека за одбраната е доволно да може да има увид во списите, па затоа не е потребно да се
повикува да присуствува на дејствата, па нејзиното присуство и воопшто формалниот пристап кон
истражните дејствија се чини несоодветен ако појдеме од тоа дека во оваа фаза доказите само ќе се
прибираат, а нема да се изведуваат. Ова во најголема мера е спорно кај сослушувањето на сведоците.
Од друга страна, ако една од причините за самостојно (без одбраната) спроведување на истражните
дејствија е да не се осуетат доказите, тогаш можеби се компромитираат правата на одбраната
навремено да се запознае со доказите. Секако дека целата прикаска треба уште еднаш да се разгледа
од гледиште на новиот концепт. Така, ако смислата на вклучување на одбраната во истрагата беше
своевидна „еднаквост на оружје“ бидејќи уште во истрагата практично се изведуваа докази кои
според постојниот ЗКП може да се користат на главниот претрес пред судот, се поставува прашање
дали информирањето и подготвувањето на одбраната односно „еднаквост на оружје“ при собирање
на докази е битно за правичност во новиот модел. Ако се погледне споредбеното право, како и
јуриспруденцијата на Европскиот суд за правата на човекот, тоа не е неопходно. Моето лично
чувство за правичност говори поинаку.

8. Заклучок. Важно е да се разбере суштината на новиот концепт на казнена постапка и новиот


дизајн на ЗКП согласно ваквите суштински измени. Врзувањето за старите процесни правила кои
понекогаш тежнееме да ги фетишизираме може да доведе до многу заблуди и погрешна примена на
новиот закон во практиката. Треба да се прифати дека процесното право е жива материја и со време,
кога ќе стане јасно дека определени правила или гаранции не се веќе корисни или ефикасни за

19
Досега истражниот судија на крајот на истрагата можеше (значи не мораше) да ги повика странките за да им
ги запознае со поважните наоѓања во истрaгата, но јасна обврска за полицијата и обвинителството да ги
откријат доказите во полза на одбраната до кои дошле во своите истраги немаше во ЗКП, иако е тоа јасна
обврска согласно член 6 на Европската конвенција за човековите права (види: Edwards vs. UK,
http://www.humanrights.coe.int).
20
Види: Г. КАЛАЈЏИЕВ /Д. ТУМАНОВСКИ/ Д. ИЛИЌ, Правичното судење и еднаквоста на оружјето во новиот ЗКП,
МРКПК бр. 4, 2008; Г. КАЛАЈЏИЕВ, Правична постапка, Докторска дисертација, Правен факултет, Скопје, 2004.
обезбедување на правдата и правичноста, може да се преиспитаат. Во таа смисла, реформите на
постапката се постојана грижа на секој правен систем. Оттука, може да заклучиме: почитување на
процесните гаранции и процедури на кои сме навикнале и од кои некои се втемелени како основни
начела на кривичната постапка не значи дека тие директно извираат од некаков извор на правдата.
Тие едноставно во дадено време биле резултат од добри практични причини и нивното оправдување,
во крајна линија, не е дека тие се инхерентно добри или правични, туку дека во дадени општествени
констелации биле ефикасно средство за обезбедување коректен и правичен третман. Новиот концепт
поаѓа од современите сфаќања за процедуралната правичност чии стандарди се сè помалку зависни
од домашниот правен фолклор, бидејќи сè подетално се уредуваат со единствените европски
стандарди за правичност развиени во рамките на Советот на Европа и Европската Унија.

(РЕЗИМЕ)

Во време кога се вршат последните дотерувања на новиот Закон за кривична постапка со кој во
целост се менува концептот на една во суштина инквизиторна постапка дизајнирана како службена
истрага на судот, во трудот се да посочува дека напуштањето на судскиот патернализам е многу
повеќе од некакво козметичко менување на постојниот модел. Се работи за коренита измена на
основните постулати врз кои е изградена постојната постапка од т.н. мешовит тип, што подразбира
сосема нови цели на цели делови на постапката и улогата на главните актери во истата. Опасно е
работите да се поедноставуваат и да се сфати дека само се менуваат улогите на истражниот судија и
јавниот обвинител, а дека сè друго ќе остане по старо. Ваквото гледање може да се очекува бидејќи
луѓето се оптоварени од долгогодишните сфаќања (кои со време станале своевидни догми) и
практики (кои со време преминале во навики). Битно е да се разбере дека новиот систем е многу
повеќе од едноставна замена на судската истрага со обвинителска. Јавниот обвинител бездруго нема
да го прави истото што досега го правел истражниот судија. Притоа се појаснува како полициската и
обвинителската истрага во новиот систем се надополнуваат и фузионираат, а судската истрага
практично се прескокнува, а не се заменува со некаква формална обвинителска истрага. Сето ова се
разбира е придружено со многу дилеми и особено со преиспитување на балансот помеѓу
овластувањата на државните органи на прогонот и правата и слободите на лицата вовлечени во
кривичните истраги.

Предности ако не е известен за истрагата


- помалку ќе се става во притвор, бидејќи сега се става во притвор најповеќе заради
опасноста да влијае врз истрагата (трагите, сведоците и сл.)
- нема да се вознемирува непотребно, во случај истрагите да завршат со откажување на
ЈО
-

You might also like