You are on page 1of 4

ХАМЛЕТ

Хамлет на Шекспир е римејк на популарна драма базирана на историска


фикција.Хамлет е сложен лик кој со векови претставува мистерија и инспирација за
милиони луѓе. Гневниот, тажен принц Хамлет и неговото разочарување од животот го
возвишува неговиот дух во височините на љубовта и омразата. Размислувајќи за секоја
своја постапка и колебајќи се за нејзиното извршување тој доаѓа до разумни мислења.
Хамлет се определил за животот бидејќи тој му овозможува на човекот да се надева и да
сонува, да љуби и да мрази. Хамлет е, пред сѐ, многу лабилен, несигурн лик, постојано
се наоѓа некаде помеѓу должноста и бегството. Постојано сконцентриран и фиксиран
врз проблемот за кој не е ни сигурен дека постои, потоа се провлекува и доза на
шизофренија низ неговите постапки, моменти на луцидност и губење, значи мора да се
потенцира неговата природа за да може да се дојде до некој, каков било одговор. Тој
мора да биде сигурен пред да направи што било затоа што не би можел просто да
поднесе да го гризе совеста, а тука е и неговата поранешна приврзаност со мајчинската
фигура која тој чувствува дека го предала. Сигурно тој би го пролонгирал убиството да
може до бескрајност затоа што, колку и да звучи чудно, тој ужива во својата улога на
маченик, мислител и филозоф, а притоа се обидува очајно да избега од неа. Токму затоа
доказите му се и толку битни, неговиот слаб и неодговорен лик е толку јасно оцртан со
што веднаш се доаѓа до заклучок зошто тој и не е способен да ја донесе веднаш
одлуката. На моменти Хамлет знаел да навлече маска на лудак за да може да дојде до
некоја вистина и да кажува вистини. Омразата е длабоко во неговата душа и за да ја
одбрани својата чест го убил убиецот на татко му. Со својата љубов сакал да се бори
против кризата на моралот и олицитворение на лажната љубов. Тој ја почувствувал и
лажната мајчинска љубов и лажното пријателство, кои биле трагични за неговиот
живот.
Најтешко е прашањето зошто Хамлет веднаш не го послушал духот на татко му и не
спасил седум од осумте изгубени животи во дејството на драмата.

За Хамлет и околу Хамлет постојано се пишувало и се пишува. Хамлет не е само едно


од најголемите дела на светската литература. Но помеѓу најголемите изгледа дека е
најзагадочно. Затоа големиот великан на англиската поезија Томас Стернс Елиот ќе
каже дека Хамлет е Мона Лиза на литературата.

Средиштето на драмата е хамлетовското основно и древно прашање на


одложувањето.

Зошто тој од сите Шекспирови јунаци најтешко носи одлуки? Зошто толку трагично и
доцна се решава да делува? Тој го обожува својот татко велејќи дека неговиот татко
личи на неговиот чичко како „Аполон на Сатир“. Штом од Духот ќе дознае за
злосторството веднаш се колне дека ќе се одмазди. Дури и вели дека се друго ќе
избрише од „табличката на мозокот“. Па сепак, не делува. Постојано го одложува
својот план за одмазда. Тој го изведува својот план со „стапицата“ за Клавдиј и лично се
уверува во злосторството, а сепак мечот му останува во кориците. Додуша тој исцрпно
теолошки ни објаснува дека кралот ќе биде помалку виновен на „оној свет“ ако е убиен
за време на молитва. Неговото однесување е двосмислено. Ќе го убие Полониј, ќе ги
прати во смрт Гилдестерн и Розенкранц и ќе се врати во Данска, но зошто веднаш не го
убива Клавдиј туку дозволува тој да му намести двобој со Лаерт? Не е ли „одмаздата“
на Хамлет само „случајност“ како што тврдел Доктор Џонсон?
Прашања се ројат во сите правци. Зошто Хамлет цинично ја брка Офелија во манастир?
Зошто не ја прифаќа понудената помош од својот верен пријател Хорацио? Дали
неговото „лудило“ е само маска пред непријателите или е состојба која е повеќе од
„преправање“ а помалку од „лудило“? Сите овие прашања водат до централното
прашање. Дали е Хамлет навистина трагичен јунак, голем во својата болка , како што е
воздигнуван од романтичарите? Или тој е само човек соочен со гнасниот свет на
практичната политика измачен од општиот апсурд на положбата на човекот во светот?
Или е „пратеник на смртта“ кој не се сложува со животните ограничувања и тежејќи кон
идеалното ги уништува основите на сопствениот живот и на туѓите животи? Дали
Хамлет е жива спротивност на универзумот на здравиот, робустен живот,
добродушноста, хуморот, романтичната сила и благосостојбата? Не е ли Хамлет
затруен од злото кое постојано го набљудува како да е фасциниран од она што го
осудува?
Во центарот на трагедијата на Шекспир стои човек кој многу бара од животот, а секоја
неправда ја чувствува како свој сопствен пад и пораз. Во Хамлет бие секој дамар на
свеста и тој секое прашање го подига до висините на смислата на самиот живот.
Шекспир го надарил својот лик со толкава чувствителност и ум што не постои движење
од кое не трепери Хамлетовото срце, нема вистина која неговото „духовно око“ не ја
гледа, нема идеал кон кој неговата душа не се стреми. Таквиот човек Шекспир го
изнесува на сцената за време на неговиот прв судир со смртта, најцрната и најтешка
животна вистина.

Хамлет го губи својот татко. Се враќа дома од школување и не го затекнува. Едноставна


вистина која е тешко да се прифати и сфати. Ликот на неговиот татко сега живее само во
неговата душа, а за очите е неповратно изгубен. Каде и да погледне Хамлет неговиот
татко го нема, постојано и повторно го нема. Но, тука е неговата мајка која го предава
споменот на својот покоен маж и се мажи за неговиот чичко кој пак се топори со
надувани политички говоранции за „општо добро“. Нивните ликови се такви што тешко
дека Шекспир можел да смисли посоодветни мрдачи на „ножот во грбот“ на Хамлет.

Искусен во политичките игри Клавдиј се обидува да му се додвори на својот внук и


„син“,но Хамлет ја проѕира и презира таквата вербална блискост. „Внук, а не син,
неприроден татко“, вели тој. Кога и да проговори неговиот глас е глас на болката кој
попреку стигнува до вистината „О жено, слабост е името твое!“, „да се биде или не“.
Пред крајот му вели на Хорацио „подготвен биди, тоа е се“ а неговите последни
зборови се „Преостана молчењето“.

И сето ова звучи како некоја филозофија во која трепери грчот на болката од која е
родена. По ова гласот на Хамлет е препознатлив и поинаков од гласот на сите други
шекспирови јунаци. Истовремено тој е некако најопштиот Шекспировски глас бидејќи
тој глас се слуша далеку од рамките на Шекспировската драма. Во многу литературни
дела овој глас на несреќниот дански принц одново се раѓа и се размножува, гласот
роден од најтемната болка и зафатен со граничните вистини на постоењето. Овој глас од
бол-непребол уште повеќе изострен со интелигентниот ум е неодолив и длабоко
човечки.

Хамлет е лишен и од она кое го теши човека кога ќе му почине некој близок. Луѓето
тогаш се собираат, се тешат меѓусебно. Така е полесно. Блиските ја подметнуваат и
својата душа за ожалостениот да го поднесе товарот на болката. Во тие мигови
најобичниот утешителен збор многу значи. Но, Хамлет е сам во својата болка. Тој дури
и со Хорацио не може да подели сѐ бидејќи „има нешта на небото и земјата“ за кои
Хорацио не ни сонува, а Хамлет е опседнат со нив. А што да се каже за мајка му и чичко
му. За мајката смртта на таткото е „обична работа“ која ја дели целото човештво. Што да
каже Хамлет одвоен од својата мајка со ѕид на рамнодушност освен „да, Госпоѓо
обична“. Така болката на Хамлет останува само негова болка.

Кога ќе му вети на Духот дека сѐ ќе избрише од помнењето, бришењето го започнува од


онаа која му е најтешко да ја избрише, од Офелија. Каква љубов кога неговиот татко е
подмолно убиен? Каква смисла има љубовното умилкување за оној кој добил улога на
одмаздник? Освен тоа, Офелија е жена како неговата мајка која брзо го заборавила
својот сакан сопруг. Зарем и на Офелија „слабоста“ не и е име? Зарем таа не е
послушна „ќерка на тато“ преку која го шпиунираат? Тој сето ова ќе ѝ го каже со
горчина на некој кој „некогаш сакал“.

Тој не може да смета ниту на своите пријатели Розенкранц и Гилдестерн, тој започнува
да им се исповеда, но наскоро сфаќа дека пред него стојат бедни доушници кои се
дојдени да го шпиунираат. Така, од неговата душевна мака светот на Хамлет се распаѓа
на парчиња. Делото на Шекспир расте до моќна слика на потполното и дефинитивно
соочување со смртта кое сиот живот го фрла во бесмисленост и ништожност. Во
огледалото на Хамлетовиот ум сѐ повеќе не се гледаат живи луѓе, туку костури.
Приказната на злосторството во данскиот дворец се повлекува во втор план и станува
рамка на подлабока драма. Во воздухот лебдат најстрашни прашања. Ќе издржи ли
Хамлет или ќе се убие? Има ли потпора и оружје за ваква нерамноправна борба? Како
тој, згрозен од животот, да не ја посака смртта? Во средишниот монолог тој е на меѓата
„да се биде“ или „да не се биде“. И така сѐ до крајот. Со черепот на Јорик на
гробиштата ја одмерува ништожноста на животот со оглед на неминовноста на смртта.
Ете, ќе му рече тој на Хорацио како човек по трагата на преобразувањето би можел да
исфантазира како Александар Македонски се претвора во обична затка за пиво.

Хамлет, не само што ѝ гледа на смртта в очи, туку тој ја разгледува од сите страни. Ја
открива нејзината мрачна привлечност. Во Хамлетовските кризи има некоја чудна
негативна величина. Тој оди по земјата сиот свртен кон небото, рушејќи сѐ пред себе.
Шекспир има и други трагични јунаци. Но Отело на пример, сета вина ја фрла врз
Дездемона за разлика од Хамлет кој гледа вина во сите, но и во себе. Затоа неговата
болка е подлабока и универзална.

Човекот е ремек дело со неограничени способности според разумот сличен на Бога, но


под товарот на злото и страдањето се распаѓа во прав. Храброста на човекот е
Хамлетовската храброст да си го постави крајното прашање без да заобиколува затоа
што е опасно да се мисли на него.

Во прочуениот монолог „да се умре...да се спие“ Хамлет запира на границата од која се


враќа назад разбирајќи дека „никој оттаму не се вратил“ и дека тој за смртта
фантазира како за идеал кој не е тоа.

Тогаш добива малку цврста почва под нозете. Навистина реалноста е изменета пред
можноста за сопственото небитисување. Тогаш тој ги прави првите чекори во
изменетата реалност и следува вториот дел на драмата. Во него Хамлет повеќе не
очекува ништо. Најмалку пак очекува животот да биде на висина на неговите животни
идеали. Тој ќе ја понижи Офелија обидувајќи се да ѝ ја пренесе неговата сопствена нова
реалност. Ќе се обиде мајка му да ја одвои од чичкото без само да се згрозува над
нејзиниот неморал. Ниту пак ќе им се жали на Розенкранц и Гилдестерн туку ќе им
скреска дека тој не е „свирче“ на кое тие можат да музицираат по желба.

И средбата со храбриот Фортинбрас ќе му даде малку сила. Ќе сфати дека разумот не


му е даден на човека за да остане во него „мемлосан, неискористен“ и за првпат своето
постоење ќе го одвои од неговата етичка срж. Оттогаш тој не е повеќе заробеник на
сопствениот разум. Тој, во забуна, наместо на Клавдиј, ќе го потегне мечот на Полониј,
а со своите божемни пријатели ќе се пресмета по кратка постапка. Трагично, но тој не
се заморува повеќе со „крајната смисла“ на сето тоа. Тој е активен. Пред крајот на
Хорацио ќе му го открие своето гесло „да се биде подготвен, тоа е се“. Тој го прифаќа
двобојот со Лаерт не размислувајќи за опасноста, исходот и крајната цена на
ситуацијата.

Шекспир постојано нѐ потсетува дека животот не нѐ чека добро да се подготвиме за


борба со него. А да се биде подготвен, истовремено пркосејќи им на
„претскажувањата“ за смртта не е лесно. Најтешко е да се распрсне површинското
„меуресто знаење“ кое е „мода на времето“ во кое живееме и кое може да ни ги заврзе
рацете за делување. Животот треба да се погледне в очи бидејќи „кога некој не знае што
остава, каква врска има што го остава“.

You might also like