You are on page 1of 3

a) Атичка комедија

За хеленската комедија, која се однесува на класичниот период и на хеленизмот, се


употребува и терминот атичка комедија. Овој термин укажува на две работи: дека
комедијата настанала во Атика, односно Атина како културен центар во оваа област и/или
дека нејзините творци се од Атика/Атина. Дали овој драмски вид настанува во Атина не е
од голема важност1, меѓутоа со право го носи називот атичка комедија, затоа што токму во
Атина комедијата, и драмата воопшто, ја достигнува својата акме, макар што нејзините
претставници, комедиографите, не се нужно од Атина, но затоа твореле во и за Атина.

Бидејќи комедијата не била земена под надлежност на државата кога започнала да се


прикажува, а и хорот ѝ бил одобрен многу подоцна одошто на трагедијата, со тоа и
правото на учество на драмските натпревари, не може да се зборува многу за нејзините
почетоци. Она што со сигурност се знае е дека комедијата е институционализирана во
487/6 година ст. ера, кога за прв пат ѝ е одобрен хор, за да учествува на драмскиот
натпревар Големи Дионисии; право на учество на Ленаите добива подоцна, во 442 година,
кога за прв пат и овој драмски натпревар се институционализирал. И покрај тоа што
комедијата не била замена под надлежност на државата од почеток, уште во антиката
можел да се согледа нејзиниот еволутивниот процес. Поделбата на атичката комедија што
се користи денес, на стара, средна и нова комедија не укажува на посебни драмски видови,
туку на единствениот драмски вид – комедија. Може да се каже дека и Аристотел кога
зборува за комедијата во Никомахова етика (1128а) прави разлика меѓу комедијата од
петтиот век и онаа што му била современа нему (τῶν παλαιῶν καὶ τῶν καινῶν), а тоа според
трипартитната поделба е средната атичка комедија. Имено, поделбата што тој ја имал на
ум не се совпаѓа со подоцнежната употреба на терминот стара и нова комедија токму
заради временските рамки во кои живеел Аристотел, а кои се разидуваат со појавата на
последната генерација комички поети, наречени поети на новата комедија. Меѓутоа,
разликата што ја прави Аристотел повеќе се однесува на јазикот, кој бил срамен
(αἰσχρολογία) кај старите поети и поумерен, што се темели на подразбирање (ὑπόνοια), кај
новите, нему современите. Според тоа, современиците на Аристотел би биле поетите од
периодот на средната комедија. И во Александрија, во времето на хеленизмот, учените
библиотекари знаеле за оваа поделба на стара и нова комедија, што значи се чувствувала
разликата која се јавила во текот на еволутивниот процес на атичката комедија, а
трипартитната поделба е подоцнежна иновација, и не се датира порано од Апулеј (Florida
III, 29)2, кој го нарекува Филемон ‘mediae comoediae scriptor’. Како и да, поделбата на
комедијата не означува некои строго определени граници, во чии рамки би можело да се
стави творештвото на еден комедиограф, туку тоа се условни граници, кои, секако,

1
За потеклото на комедијата зборува Аристотел во расправата За поетиката (глава III, 1448a27-37).
2
Наведено според Erich Segal, “The Physis of Comedy”, Oxford Readings in Aristophanes, ed. Erich Segal,
Oxford University Press, 1996, pp. 1-8.
дозволуваат мешање, затоа што станува збор за еволутивни фази, а не посебни драмски
видови. Дури и кај Аристофан, кој е припадник на старата комедија, може да се согледа
еволутивниот процес на комедијата, ако се споредуваат неговите почетни со последните
комедии, кои припаѓаат на почетокот на четвртиот век, а кои може да влезат со некои свои
особености во периодот на средната комедија.

Поетите Хионид и Магнет се првата генерација комички поети, кои му припаѓаат на


периодот на старата атичка комедија, а за Хионид е потврдено дека бил победник во
годината 487/6. Втората генерација се поетите Кратин и Кратет, а Евпол и Аристофан и
припаѓаат на последната генерација поети од периодот на старата атичка комедија. Она
што денес е познато за овој вид комедија главно се темели врз оставштината од
Аристофан (од другите поети од овој период ништо не останало) и заради тоа оваа
комедија се нарекува аристофанска. Карактеристично за аристофанската комедија е тоа
што се темели на еден ист образец: револуционерна идеја која треба да ја смени
постојната/актуелната состојба и понатаму низ разни епизодни сцени да се испробува
новата состојба. Содржината на комедијата влијае и врз нејзината структура; драмското
дејство е поделено на два дела кои се состојат наизменично од хорски/лирски и
драмски/дијалошки делови; во првиот дел (пролог, парод, агон и парабаса) се најавува
промената и се остварува низ борба во агонот, додека во вториот дел (епизодни делови,
ексод) се испробува новата состојба, за да на крајот се слави преку некаква гозба/свадба
победата на новото/револуционерната идеја. Значајно е учеството на хорот во
аристофанската комедија, а посебно парабасата, главната хорска партија, во која хорот ја
разбива сценската илузија и настапува во некоја друга драма, директно обраќајќи и се на
публиката. Уште кај Аристофан е забележано постепено редуцирање на хорот, така што во
неговите последни комедии што се зачувани и кои му припаѓаат на четвртиот век (Жени
во народното собрание, Плутос) парабасата отсуствува, а со тоа и нарушувањето на
сценската илузија постепено исчезнува.

Каква била состојбата на хорот во периодот на средната атичка комедија може само да се
претпоставува според она што постои како сведоштво пред и по неа, имено според
Аристофан и Менандар, ако се почитува развојната линија на комедијата. Веројатно е дека
улогата на хорот значително е редуцирана, ако се земат предвид последните комедии на
Аристофан, меѓутоа хорот како дел од комедијата не исчезнува, а тоа може да се потврди
преку комедиите на Менандар, каде што по завршувањето на секој чин стои именката
 со која се најавува доаѓањето на хорот на сцената. Посебен текст за овој дел не
постои, така што не може да се претпостави за содржината на песните што ги пеел хорот,
како и тоа дали ја нарушувал сценската илузија, затоа што е поверојатно дека она што го
пеел хорот немало содржинска поврзаност со драмското дејство. Се претпоставува дека
хорот пеел некои актуелни песни и претставувал некој вид починка меѓу чиновите.
Постепено елементот музичка композиција почнал да ја раскинува врската со драмскиот
текст и да му отстапува место на дијалогот, како главен во прикажувањето на драмското
дејство.

Што се однесува до содржината на комедиите од средниот период, повторно може да се


претпостави според насловите дека станува збор за митолошки травестии; се напушта
потсмевањето на актуелни, секојдневни личности заради изменетите политички услови во
Атина во четвртиот век, кои не дозволувале толкава слобода на говорот, а се обработува
некоја митолошка приказна, која се пародира, или, пак, реално се прикажуваат ситуации и
ликови од секојдневниот живот. Подоцна, во периодот на новата атичка комедија се
доразвива токму ова реално прикажување на луѓе и ситуации, додека митолошката
травестија се напушта. Бројни се имињата на насловите на комедиите како и на
комедиографите од овој период, но и покрај тоа, освен некои поситни фрагменти, наслови
и имиња, ништо друго не останало зачувано. Според византинскиот лексикон Суда
најпознатиот комедиограф од овој период - Алексид му бил вујко на Менандар,3 а
истовремено и учител во драмската уметност, и тој напишал 245 комедии и живеел 106
години. Друг автор од средната атичка комедија за кого се знае нешто повеќе е Антифан,
по потекло од Мала Азија. Според едни извори напишал 280 комедии, а според други дури
365. Врз основа на сочуваните фрагменти се препоставува дека пишувал митолошки
травестии, како впрочем и повеќето комедиографи од овој период.

3
Наведено според Владета Јанковић, ibidem, pp. 8-9.

You might also like