You are on page 1of 50

Славица Гаџова Свидерска

Т Е Л А
 
 
 
 
 
 
 
 
 
43 КАРАМАНОВИ СРЕДБИ
2016

1
Библиотека: КАРАМАНОВ

НАГРАДА „КАРАМАНОВ“ 2016

Славица Гаџова Свидерска


ТЕЛА

Компјутерска обработка:
Борче Панов

Мотив на корицата:
Надја Петровиќ, Behing the skin

Лектура:
Борче Панов

Издавач:
ОУ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА „АЦО КАРАМАНОВ“
СОВЕТ НА 43 КАРАМАНОВИ ПОЕТСКИ СРЕДБИ
РАДОВИШ

За издавачите:
Борче Панов
Дарко Коцев

Печати: ИДЕАЛ-ГРАФИКА, Штип

Тираж: 300 броја

2
 

ВИДОВИ ТЕЛА 

3
4
БЕБЕ 

Твоето тело
е замесено од ѕвездена прашина и небо
и мириса на домашен леб
млекото што го цицаш
потекнува од млечниот пат
твоето тело
колку земско,
толку небеско
има очи полни љубов
за уште десет милениуми
исконска невиност
и насмевка
што го спасува светот од исчезнување
Еден ден
и твоето тело ќе се зголеми
ќе се издолжи, ќе се рашири,
ќе се спознае самото себеси
ќе гризнеш од јаболкото
ќе сети страст
ќе сети болка
еден ден
и твоето тело ќе се збрчка,
ќе се наведне
и повторно ќе заборави да оди

5
но дотогаш
твоето тело замесено од ѕвездена прашина и небо
ќе мириса на домашен леб
и секој ден
ќе го спасува светот од исчезнување

6
ДОИЛКА 

Светот започнува и завршува


на твоите гради.
Историјата со векови разлева крв
ти со милениуми ја надокнадуваш
со млеко.
Со млекото исцртуваш
дождоносни облаци
цветови од невен и од камилица
мали планински куќички
и по некоја ѕвезда.
Кога ги покриваш градите
универзумот излегува од рамнотежа,
се менува составот на јоносферата
морето ги помешува плимата и осеката
ги испишува на плажата првите линии
на недостигот
и неутешливиот крик кон Целото.
Човештвото започнува
и завршува на твоите гради

7
ЖЕНСКО ТЕЛО 

Честопати посакуваш
да го скроиш по мерка
да ги исечеш вишоците
да додадеш во недостатоците
сама да се пресоздадеш
ама реброто ти е позајмено
едно ребро ти е туѓо
во стомакот имаш езеро што надојдува
реки што надојдуваат и пресушуваат
на трепките носиш стратуси, кумулонимбуси,
кумулуси и цируси
поради нив вагата секогаш покажува повеќе
не можеш да ги контролираш
електричните празнења во градите
еден ден
дланките ќе ти се престорат во географски карти
што ќе ги спакуваат во атласите
без да дадеш согласност
Никој не ги запиша во историјата
искуствата на твоето тело
оти всушност немаш свое тело
и со милениуми немаш

сопствена соба

8
ДЕВОЈКИ 

Во чантите
од одрани кожи на животни
носат светкави сенки за очи
од издробени крилца на пеперутка
убавината им смрди на смрт
еден ден ќе им се збрчкаат лицата
со сите пеперутки во прав на капаците
ќе им побелат косите
и сите масла и мириси ќе исчезнат
ќе се подгрбават толку за да ја бакнат земјата
а потоа ќе се вратат во неа
на смрт смрди убавината

9
ИМА ЕДНО ТЕЛО 

Има едно тело со рани и лузни


без раце без нозе
оќоравено наглуво и немо
оставено во подрумот
во кој не влегува никој
не знае кога е ден
колку е часот
колку е небото сино
ниту кога изгрева месечината
Има едно тело што постои
ама не може да се види
што боли ама не може да рикне
Има едно мазно тело што
се облекува за специјални прилики
од три видови пудра, лосион, парфем
има коса од кашмир
и чекори како да лебди

и едно тело што се соблекува


пред спиење

10
ТЕТОВИРАНО ТЕЛО 

Врз тебе цртаат


рацете на времето,
хормоните на светот,
непознатиот автор
на естетиката на убавото и грдото,
секој ден ти доцртуваат
пеги, акни и чиреви
брадавици и пулскавци
лузни од извадените
слепи црева и тумори,
линии од царски резови

Во мигот кога ќе ги снема,


оти од нив си создадено
и ти ќе исчезнеш

11
ЕНОРМНО ДЕБЕЛИ ТЕЛА 

Ги испраќаат во нашите
дневни соби
со емисиите за занимливости
а понекогаш,
уморни од камерманите и фотографите
излегуваат од телевизиските екрани
и седнуваат заедно со нас
да го каснат омилениот чипс

Шеќер во замена за љубов


сахарин во замена на шеќер
горко кафе без кроасан
кроасан без чоколадно полнење
чинија со три зрна грашок

Ги испраќаат во нашите
дневни соби
со емисиите за тајните на вечната глад
Ги испраќаат во нашите кошмари

како закана

12
СТАРЕЦ 

Како што растеше


се смалуваш,
како што се исправаше
се наведнуваш.
На рамената ги носиш
сите камења и тули
на куќите во градовите
што сонуваше да ги посетиш
патувајќи
по патиштата
што полека
ти се испишале на лицето
како лична географија
Ти тежат во очите
езерата што сонуваше да ги препливаш
По збрчканата кожа
расте езерска трска
таму веќе рибите не се мрестат
ниту галебите слетуваат
ниту кајчињата се закотвуваат
во лотаријата на времето:
за секоја неостварена желба
добиваме по еден меур декубитус
и антибиотик гратис
старечкото тело
лазејќи ќе стигне

13
до некој чудесен подземен град
со уште почудесно небесно езеро

14
СМРТНИ ТЕЛА 

Брзаме, брзаме
каде ли сакаме да стигнеме
со мазните негувани тела
Брзаме да создадеме спомени
фотографирајќи ги моментите
пред да се случат
Во желудниците ни се вртат пилиња
а не сакаме комарец да не касне
Постојано ја бришеме правта
сакајќи да го победиме космосот што ни ја праќа
Во библиотеката имаме само статуетка на Ерос
оти лицето на Танатос не го знаеме
ама тој насекаде се протнува
секаде се провлекува
како во кошмар
во кој не можеш да ја затвориш вратата
ни да ја заклучиш
имаме само една правосмукалка за борба
на крајот
ќе не вовлече и нас
оти
прашина
сме и ние

15
ТЕЛОТО ЗА КОЕ Е ЗАБРАНЕТО ДА СЕ 
ЗБОРУВА   

Врз тебе се канализираат


негативните енергии на историјата
Ги примаш, ги бришеш
и се отвораш за нов почеток
Твоето месо
ги апсорбира сите завети
за прекин на крвопролевањата
А, ти ќе продолжиш
да крвопролеваш
Да се правиш
помало од клопче волница
стркалано на подот
да бегаш од собата
во која служиш како тепих
или молчиш како ѕид со врамени слики
Магично
да се симнуваш
во прекрасната баналност
на шарените каталози за козметика
меѓу балсамите
меѓу илјада и едниот мелем
што можеби конечно ќе ти ја зацелат
душата

или
расечената усна

16
ТЕЛА ВО ПРОСТОРОТ 

17
18
ТЕЛА ВО ПРОСТОРОТ 

Ги памети ли светот
отпечатоците од нашите стапала
ги чува ли во некое ковчеже
мртвите клетки од нашите петици
што ги оставаме во песокта на брегот
Ја памети ли сета наша пот
излеана врз автобуските седишта
Ни ги чува ли влакната од косата
што одлетале
кога сме се чешлале на прозорец
со поглед на некој непознат плоштад
Се трошат ли нашите тела
додека патуваме во светот
или стануваат потешки
Градовите ли ги исцртуваат
новите брчки околу очите
истите градови што се претвораат
во магнетни плочки
на фрижидерот

19
БЕЗИМЕНИ ТЕЛА 

Безимени тела
исфрлени, расфрлени,
распарчени
од нагазни мини, од рачни бомби
камшикувани
тетовирани жигосани прогонети
покажани со прст
од дефинираните стандарди за убавината
понижени во семејно насилство
изгладнети во насилството на државата
прејадени во насилството на консумеризмот
без раце без нозе
со извадени жолчки пресадени бубрези
и надградени нокти
сите вие безимени тела по земјата
скапувате и во земја се претворате
Телата со имиња
ги пресоздаваат во гипс,
во бронза или во мермер,
ама и тие позеленуваат
ги детронизираат и ги обезглавуваат
им ги корнат плочите
и на нивното место поставуваат нови
се е залудно

ако не погледнуваш кон ѕвездите

20
КРАТКА ИСТОРИЈА НА ТЕЛОТО 
 
 
Набодено од рогови на мамут
растргнувано од диви ѕверови
што понекогаш
ти се преселуваат во градите
Некогаш покриено со густи влакна
што сега ги отстрануваш
како најголем срам
Спалувано и силувано
жигосувано и оперирано
украсувано и накитувано
Те принесуват како жртва на боговите:
некогаш те хранат како фармакос,
некогаш те прегладнуваат
и те претвораат во логорско сениште
Со тебе се храни челуста на историјата
Те полнат со хемикалии
ти го забрануваат чистиот воздух
ти буричкаат во спиралите на ДНА
те клонираат, па те истребуваат
Со двете свои раце отвораш пат
копајќи тунели во планините
а нечии други раце ти копаат по артериите
Во тебе населуваат микроби
како што ја населуваш планетата
Иако тврдат дека последниот
пршлен треба да те потсетува
на опашката што некогаш ја имаше

21
Тело! Ти
неколкупати воскресна
а можеби
еволуцијата на тебе заборавила
останале во тебе
видливи остатоци од рајот

22
ТУРИСТИ 

Сите туристи се исти


купуваат разни дреболии
магнети, шолји за кафе, отворачи за пиво,
маички, торби и што уште не,
со пејзажот што не сакаат да го заборават

Сите туристи
живеат двојно повеќе
трипати побрзо
сите туристи имаат тахикардија
и покачена температура

сите туристи се воини


го освојуваат светот
со кликнувањата на фотоапаратот

сите туристи се поети


ги пресадуваат
белите олеандри од крајбрежјето
во своите бели дробови
и ги претвораат во мориња своите зеници

Кога заминуваат,
земаат дел од светот со себе, камче, школка или
цвет
кога заминуваат,
оставаат дел од себе,
капки пот, стапалки по песокта, поклон пред иконата

23
Со очите ги обојуваат
избледените делови од фреските
како невешти деца
што внимаваат да не излезат од линија

Ги прегрнуваат рушевините
го бакнуваат страшното ехо на историјата

го скротуваат стравот
од умирање и исчезнување

со дланка
нежно ги милуваат
раните што на светот
им ги отвора времето

ги исцелуваат

24
МИГРАНТИ 

Четиринаесетмина покрај Велес


ги прегази воз
нивните темни тела беа невидливи во темнината
нивните наведнати чела се залепија за шините
нивните рапави грла онемеа на камењата
Прашината од Хиран, Бенадир и Мудуг
од Кабул и Херат
во нивните пори
испари покрај една непозната река

нивните празни црева растурени по пругата


ги наполнија цревата на мршојадите

25
СКИТНИЦИ 

Додека
сонуваат нова облека
по железничките станици
под мостовите на улиците
под натстрешниците
нивните тела
се здрвуваат под дрвјата
се скаменуваат на камењата
се заѕидуваат во ѕидовите на кои се потпираат
се топат со асфалтот
а потоа
испаруваат со градската прашина
патуваат до атмосферата
до јоносферата
и вселената
таму продолжуваат да скитаат
таму скитањето не боли

26
ЧЕШКА ПРИКАЗНА
на Ивета Бартошова

Една жена се фрли под воз


грлото и остана на шините
и веќе нема да запее
Патниците се нервозни
оти возот застанал
а тие ќе задоцнат
и нема да ја испијат навреме
својата кригла пиво

железницата го тужи нејзиното семејство


за задоцнувањето на возот
Таа веќе не се брза никаде
Нема да се појави
на судењето за доцнењето на возот
не ги слуша оние од задните вагони
што ја пцујат државата

Таа никогаш веќе нема да задоцни


да ја испие
својата кригла пиво

27
 

28
ОНИРИЧНИ ТЕЛА 

29
30
СПОЕНИ ТЕЛА 
 

Сè е поврзано

мирисот на ориентален тутун


од твоите пори до моите
и оној на кујна
од мојата коса до твоите ноздри

огновите во твојата дланка


и студовите во мојата
собата без кислород
небесата што излегуваат од светите книги и
молитвениците
покрај креветот

нештата што ги гледав со очи затворени


а сега ги гледам со отворени
оти небото еднаш годишно невидливо се отвора

мојот нерамномерен пулс


и сите оние вратнички и прозорчиња што сакаш да ги
доотвориш
кога ти велам дека ми треба време
а ти – дека времето не постои

крцкањето на вратата на соседите


што на кратко го прекинува соединувањето на телата
што откако ќе се раздвојат

31
остануваат соединети на некој друг начин

совршената симетрија на планинските снегулки


парфемот дрвата во каминот лиснатото тесто со
кечап
четвртото кафе и дваесет и петтата цигара
размачканата маскара
и мускулните контракции на полузаспаното тело
полно естроген и серотонин
и очите полни ѕвезди
и зениците полни бескраен простор
без време
затоа што времето е создадено за регулација
црните дупки во мене
што во некој чудесно-обратен процес
стануваат сонца

и јас и ти
во вселената

32
ПОВРЗАНИ ТЕЛА 

Ништо не е случајно

како што
ми ги спушташ
засуканите ракави од пижамата
така се спушта и ноќта

потоа заедно
пловиме низ вселената
на нерамниот душек

како што ги одвојуваш


долните трепки од горните
така ги здогледувам одблизу
првите фотони
и така денот
го спознавам

33
ВЉУБЕНО ТЕЛО 

Тахикардија немам
така природно ми чука срцето
забрзано
бесконечно многу ѕвезди
чекаат да бидат испумпани
во систола
и дијастола
уште толку се создаваат
времето е релативно рече Ајнштајн
тоа го знам оти минутата некогаш ми се чини вечност
ја сечам по навика на уште помали делови
но што е таа за сите овие ѕвезди што се создаваат
во систола и дијастола
тахикардија немам
така природно ми чука срцето
забрзано

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

34
ТЕЛО: ВСЕЛЕНА
 
Ако си воздух
а јас вода
ќе испарам

Ако си вода
а јас воздух
ќе заврнам 

35
МОЕТО ТЕЛО Е СОСТАВЕНО
ОД ГЛАСОВИ И ЗВУЦИ

Моето тело е составено од гласови


нежно гласче што вика мама
изморен глас што вели чедо
гласови што извикуваат збогум
и оние што велат заминувај.
Моето тело е составено од гласови и звуци
нагло кочење пред пешак што поминува на црвено
морничаво чкрипење на стари креденци
хистерично трескање на вратата
меланхолично тропкање на дождот
и ѕвечкање на монети во питачка кутија
Моето тело е составено од гласови и звуци
еднаш се усогласува со музиката на сферите
другпат звучи како Вагнер
воени маршеви што навестуваат лешеви
однатре ми се истетовирани нотите
и на свадбените ритми и на погребалните напеви
и на блеењето на јагнињата пред колење
и музиката за атмосфера со печено јагнешко
се разлева во мене еден хор византиски
и Fortuna velut luna statu variabilis

Од гласови и звуци
моето тело
е составено

36
НЕДОФАТНО ТЕЛО

Твојата прегратка
треба да биде целосна
дефинитивна и совршена
Стисокот на твоите дланки
усогласен со
временските прилики,
Погледот -
со правецот на ветрот
Големината на стапалата
во хармонија со патот
што треба да го изодам
Оти моето тело е без нозе
и ќе треба да ми ги позајмуваш
Не ти го знам ликот
ниту обликот на усните
Можеби за тебе зборува Сабато
во поглавјето за слепите,
не знам дали си сонот или кошмарот
на мојот материчен универзум
или
шемата по која напредува
моето слепило и моето распаѓање

37
КУЌИ

И куќите се од крв и месо


јадат, пијат, се размножуваат,
некои страдаат од бели дробови
затворени прозорци и
недостаток на кислород
никој не живее во нив,
од тага престануваат да дишат
Некои од нив постојано се шминкаат и подновуваат
нова фасада и нова ограда од ковано железо
А некои, пак, ги погодува куршум во главата
разнесен покрив, разлетани греди
терористички напад, воена инвазија
геополитички калкулации и колатерална штета,
па го губат идентитетот,
го губат ликот и месото
за момент се претвораат во скелет

а потоа некоја играчка


чудесно сочувана од огнот
може да им ја врати
целата меморија

38
ДОМАШНИ АРХИВИ

Домашните архиви
имаат чудни тела:
место органи
имаат стари фотографии
писма со избледено мастило
дијагнози, билети,
крштеници и умреници
Домашните архиви
вдишуваат и издишуваат
космичка прашина,
таму се сите паднати ѕвезди,
сонцата што догоруваат
и планетите на кои нема живот
Само домашните архиви
ја знаат
тајната на просторот
што го кондензира времето
Понекогаш им ги отвораме
телата
како за операција
не знаејќи

колку ги боли

39
БАБА

Понекогаш те здогледувам
во полусон
Имаш тело што лебди
и повеќе не мириса на земја
Колку што повеќе ги подавам рацете
толку повеќе се оддалечуваш
Имаш онирично тело
што не може да се прегрне
Понекогаш се појавуваш
кога мијам садови, во меур од сапуница
или во сончевиот зрак во кој стануваа видлива
секоја прашинка во домот
Само по очите познавам дека си ти
повеќе немаш брчки одиш исправено
не те боли ништо
не се сеќаваш на менструалните грчеви
ниту на денот кога ја роди мајка ми
ниту на денот кога ти го откорнаа ноктот од палецот
поради гангрена
телото што ја заборавило и гравитацијата
сега мириса на небо во пролет

40
REGRESUS AD UTERUM

Има една невидлива папочна врвца


и со неа повторно се врзуваме
па се одврзуваме
само за да прснеме во вистински плач
Понекогаш спиеме
со колената блиску до усните
а наредниот ден лазиме по подот
и се што успеваме да изговориме
се само слогови или нејасни звуци
Има една невидлива плацента
и во неа се завиткуваме
па се одвиткуваме да си го видиме телото
без лузни, без брчки, без пеги
Има една прозрачна плодова вода
и кога во неа одново ќе запливаме
веќе нема да сме мртви

41
42
ЕТЕРИЧНО ТЕЛО

43
44
ЕТЕРИЧНО ТЕЛО

Твојата етерична рака


ги брише
сите жигови
што ни ги ставаат
пред да ни стават нож под грлата

Доволно е
да ги затвориме очите
да ти дозволиме
да не кренеш нас паднатите
ничкосаните

со трошни тела
од земја
а во земјата внатре –
небо

45
46
 

Славица  Гаџова  Свидерска (1984, Битола), поет,


есеист, книжевен теоретичар и преведувач. Ги
објавила поетските збирки Бесконечност (2001),
Писма (2012) и Политики на љубовта (2014) и
научната студија Книжевноста и дискурсите на
моќта (2013). Учествувала на бројни поетски
фестивали и е добитничка на голем број награди,
меѓу кои и наградата Енхалон на Струшките вечери
на поезијата во 2012 година. Се занимава со
проучување на врските меѓу книжевноста,
дискурсите на моќта и политичкото насилство.
Нејзината поезија е преведувана на англиски,
словачки, чешки, српски, хрватски, босански,
албански, италијански и кинески јазик.

Во 2016 година, за поетската збирка Тела ја добива


наградата Караманов.

47
СОДРЖИНА

ВИДОВИ ТЕЛА 
БЕБЕ ........................................................................................ 5
ДОИЛКА .................................................................................. 7
ЖЕНСКО ТЕЛО ........................................................................ 8
ДЕВОЈКИ ................................................................................. 9
ИМА ЕДНО ТЕЛО .................................................................. 10
ТЕТОВИРАНО ТЕЛО .............................................................. 11
ЕНОРМНО ДЕБЕЛИ ТЕЛА ..................................................... 12
СТАРЕЦ.................................................................................. 13
СМРТНИ ТЕЛА ...................................................................... 15
ТЕЛОТО ЗА КОЕ Е ЗАБРАНЕТО ДА СЕ ЗБОРУВА .................. 16
 
ТЕЛА ВО ПРОСТОРОТ 
ТЕЛА ВО ПРОСТОРОТ ........................................................... 19
БЕЗИМЕНИ ТЕЛА .................................................................. 20
КРАТКА ИСТОРИЈА НА ТЕЛОТО ........................................... 21
ТУРИСТИ ............................................................................... 23
МИГРАНТИ ........................................................................... 25
СКИТНИЦИ ........................................................................... 26
ЧЕШКА ПРИКАЗНА ............................................................... 27

48
ОНИРИЧНИ ТЕЛА 
СПОЕНИ ТЕЛА ....................................................................... 31
ПОВРЗАНИ ТЕЛА .................................................................. 33
ВЉУБЕНО ТЕЛО.................................................................... 34
ТЕЛО: ВСЕЛЕНА .................................................................... 35
МОЕТО ТЕЛО Е СОСТАВЕНО ОД ГЛАСОВИ И ЗВУЦИ ......... 36
НЕДОФАТНО ТЕЛО ............................................................... 37
КУЌИ ..................................................................................... 38
ДОМАШНИ АРХИВИ ............................................................ 39
БАБА...................................................................................... 40
REGRESUS AD UTERUM ........................................................ 41
 
ЕТЕРИЧНО ТЕЛО 
ЕТЕРИЧНО ТЕЛО ................................................................... 45

49
Печатењето на книгата го помогна
Рудникот „Бучим“ - Радовиш

50

You might also like