You are on page 1of 47

МИХАЈЛО СВИДЕРСКИ

ГРАНИЦИ

1
Издава
ВОСТОК
ул. Мирко и Танче Живкови 124 Битола
е- mail: vostok.publishing@gmail.com
www.vostok.mk

© Восток 2020

За издавачот
Славица Гаџова Свидерска

Одговорен уредник
Елена Богдановска

Лектура
Весна Грозданова

Техничка обработка
Весна Свидерска

Печати
Графо Пром
Тираж 200

Ниту еден дел од оваа книга не смее да биде


препечатуван, умножуван или објавуван во која
било форма или на кој било начин, без претходна
дозвола од издавачот.

Ова издание е поддржано од Министерството за


култура на Република Северна Македонија

2
МИХАЈЛО СВИДЕРСКИ

ГРАНИЦИ

3
4
ПОСВЕТА

На
протераните од домовите
бегалците од војните
имигрантите без паричници
азиланите по камповите

На
Моите баби и дедовци
кои и денес живеат во егзил
и од денот кога ја преминаа границата
сѐ уште сонуваат
дека ќе се вратат назад
за да умрат во своите домови

На
моите прабаби
кои додека беа живи
палеа свеќи во црквите
за да им е светол патот до облаците
кога повторно ќе мора да се селат

На
моите прадедовци
кои после толку војни и пребегнувања
конечно го нашле својот дом
на небото

5
На
нивните татковци и дедовци
кои им ги оставија приказните
и семјните митови
да се прераскажуваат на разни јазици
па преку нив и тие да живеат
во домовите на потомците
во мене, а преку мене и во вас.

На
сите кои носат товар
повеќе
отколку што можат да издржат
и неуморно одат, одат,
одат

На
сите кои
се двоумат дали да заминат
и мислата ги мачи повеќе отколку
болката

На
сите кои заминале
и не се вратиле

6
пасош
што не вреди
име
што го заборавив
презиме
на кое не се сеќавам
адреса
на која можеби никогаш
нема да се вратам

7
пред мене и зад мене
луѓето заминуваат
и веќе нема да се вратат
не знам што е поголемо
сонцето
или мојот народ
по светот

8
заминувајќи
нозете ги пакувам во куферот
рацете во ранецот
телтото излегува низ вратата
душата останува дома
легнува на креветот и не сака
да стане
поделен сум на две половини
како
Кипар

9
заминувам од дома
одам без да запрам
што може да стори
скршен човек
правам големи чекори
како да ја преминувам
Рио Гранде

10
заминувам
илјада мечеви
ме распарчуваат
ме делат
ме ситнат
ме смалуваат
ме тераат да се одречам
од себеси
како
Македонија

11
заминувам и мислам
колку лесно може
да те избркаат од дома
бомби
авиони
хаубици
беспилотни летала
хемиски оружја
си одам
низ рушевините на своето битие
како да ја напуштам
Сирија

12
заминувајќи
од Египет
до Аушвиц
разни Вавилонци
крстоносци и инквизитори
ни ја пишуваат историјата
го сонувам прогонот на Израил
моите синџири се невидливи
на мојот пат го нема Мојсеј
да го подели морето кон Ханан
оти јас не се враќам дома
одам во обратен правец
кон својата
Ветена Земја

13
ми кажаа
дека умрела мајка ми
во рацете на татко ми
вести на радио
глад поради сушата
водоводните претпријатија
нè прежеднуваат
рудниците на белците нè затрупуваат
плантажите нè умртвуваат
Денес господарат и со сонцето
го палат и го гасат по желба
затоа дење е жешко
а ноќите се студени
чекорам како во празно
и секој чекор ме враќа наназад
кој знае колку празно
ѝ било срцето на мајка ми
кога ја оставив
Низ песокта како низ облаци
да ја напуштам
Африка

14
молитва
со еден збор
нè создаде
и со еден збор
можеш да нè растуриш
Ти што од земја
си ни ги изделкал
предците
покажи ни го патот
оти кај тебе нема граници
нема граници

15
зборувај ми за љубовта
вели таа
и нека не биде тоа патетично
зборувај ми за нас
ми дише во увото
а пред нас
бодликава жица
полиција
и кучиња

16
јас сум поетеса
вели
додека пловиме
со чамецот по морето
само
не знам дали ќе ги довршам
започнатите песни

17
зборувај ми
само тоа нека биде од срце
зборувај ми
за домот, за децата, за ѕвездите
зборувај ми за небото
зошто да ти зборувам за небото
небото можеш секогаш да го гледаш
не го гледам
ми вели и ја крева
главата нагоре
гледам само црни облаци
и почува да врне

18
врне силно
капките дожд
се спојуваат со морето
и стануваат едно
како што се едно
и животот
и смртта

19
бродот се превртува
таа не знае да плива
панично удира со рацете по водата
вика
и со секое отворање на устата
си ја голта смртта

20
прогонет
сиромав
бегалец
имигрант
моето тело
нема место
за нов нож
и не ми давајте имиња
називи
еуфемизми
наречете ме
несреќник
на светот

21
како да ја именувам далечината?
како смрт
не гледам ништо пред себе
само снег
зима е

22
дали некогаш ќе се вратам дома?
дали воопшто ќе стигнам
онаму кај што одам?
кој авион лета над нашето небо
кој воз вози до урнатините
кој пат води кон празнината
дали некогаш ќе се вратам дома?

23
одам покрај реката
уловен во рибарските мрежи
носејќи го на себе
својот
егзил

24
одам покрај мочуришта
темни облаци паѓаат на мене
а во мене
моето сопствено
прогонство

25
одам покрај мракот
сенката на смртта
ме демне
не се плашам
што може да биде полошо
од човек
без татковина

26
немаме доволно храна
мора да чуваме резерви
поминуваме преку планина
чувствувам како волците
ја јадат мојата празнина

27
таман да тргнеш
те враќаат назад
и секогаш почнуваш
одново
бараш начини
како да ја преминеш
границата
жеден

28
Халил
не се плаши од ништо
го моли Алах да биде милостив
Николас
по илјадапати
го превртува розариумот
Ave María
el Señor es contigo
Амин
ја стега иконата на Христос
во рацете
Сите погледи
гледаат нагоре
од сите страни на светот

29
сонуваме да станеме други
да избегаме од кругот
на секојдневната борба
да научиме нов јазик
да добиеме ново лице
нова транскрипција на имињата
што никогаш
нема да ги изговорат правилно
нов дом
нови соседи
кои никогаш
нема да нè поканат на кафе
сонуваме да бидеме прифатени
славејќи ја
асимилацијата

30
каде и да одиш
насекаде си странец
дури и во својот дом

31
не можам повеќе
се откажува Халил
и ја спушта главата
диши му велам
ме погледнува
а погледот му затајува
го брка сонцето
дехидрација
смрт

32
во раката го стискам писмото од брат ми
живее во Њујорк
во гарсониера
и со години
гледа низ стаклото кон улицата
далеку од сите случувања
на неговата адреса не стигнуваат пратки
освен списанијата за кои се претплатил
не доаѓаат пријатели
освен мачката
што има посебен отвор
на долниот агол во вратата
тој нема пропуштени
телефонски повици
ниту предлози за вечера
поубаво им е на бездомниците
пишува
оти тие својата самотија
ја живеат под отворено небо

33
мислам како и јас
да го почнам моето писмо
драг брате,
јас немам дом
ниту прозор низ кој гледам во улиците
и не се плашам од самотијата
со денови стојам
помеѓу бодликавите жици
со кои нè оградуваат
иако сум меѓу стотици луѓе
сепак сум сам и не можам да ги
прескокнам
ѕидовите што ни ги поставуваат
сам плачам и сам се смеам
и јас како и бездомниците од Њујорк
живеам под ведро небо

34
после толку пешачење
сè изгледа бескрајно
доаѓа група маскирани
нè ограбуваат
ни ги кинат ранците
ги истураат шишињата со вода
ја расфрлуваат храната
ни ги земаат парите
сега сме во Божји раце
голи

35
по пругата
поминуваат возови
и со себе земаат по некој
од нас
доаѓаат кучиња скитници
ја лижат крвта

36
мојот дом
домот што го немам
домот што го барам
домот што ми е далечен
е во мене

37
одовде
не може да се праќаат пораки
ниту фотографии со насмевки
ниту писма
одовде се испраќа само
животот
кој е полесен и од еден коверт

38
во себе
ја носам
својата тишина
ги затворам очите
заспивам

39
спијам
повторно некаде заминувам
нов пат
ново небо
и нова земја
ако смртта е преселба
те молам да трае кратко
не сакам повторно
да талкам

40
одам
без престан
четириесет дена
по сопствената пустина
и камењата ги гледам
како лебови
ветрот како вода
сѐ победувам
поради тебе

41
не заминувај
остани во својот
дом
како во небеско
жилиште
остани во својот
дом
како траење
во бескрајот
во Мојот Дом

42
43
44
РАСПЕТИЕ НА ЕГЗИЛОТ

Кој поет, не се вдал во тревога, пр-


венствено заради обидите да се спојат два
круцијални света: оној сурово именуван
како ,,реален“ и внатрешниот свет кајшто
се напојуваат сите негови тајни од дното
на космичкиот бунар. Не можам да напи-
шам поинаков вовед за поемата Граници
на Михајло Свидерски, новиот донкихото-
вски воин. Јазикот на поетот е прегна-
нтен, дециден, јасен до неподнослива бо-
лка во изложувањето на концептот посве-
тен на прогонствата и страдањата.
Темата е древна, мачевна, се бави
со егзекуцијата на правдата на оние што
го изгубиле домот, покривот, името и пр-
езимето (парафраза од стих во поемата).
Зарем и онака поетите не се изгнаници,
мигранти, од оваа дуња, како што ја нар-
екуваа нашите баби и прабаби? Но, затоа
поетите се токму такви, најсуптилно мож-
ат да присуствуваат на обдукцијата, опсе-
рвирајќи ја динамиката на изгорената ду-
ша на откорнатиците, сведочејќи за неа.

45
Тоа сведоштво се плаќа и има висока и не-
видлива цена. Поетот го гледа невидлив-
ото во заветрина, во чуждина, во пустина.
Само оној, чиј корен е длабоко засаден во
матката на мајчицата земја, на таткови-
ната, може да заплови во светот и да го
прегрне како граѓанин без граници.

Телото излегува низ вратата


душата останува дома

Да, таа останува дома, или во најл-


ош случај, мигрантот, азилантот, си ја вл-
ече како ортома за ментална бесилка. Ка-
де е овде границата? За каква граница пи-
шува поетот? Можеби за онаа меѓу небото
и земјата, мртвите староседелци и живи-
те мигранти. Или, можеби обратно? Всуш-
ност, извонредно избистрената, бисерна
поема на Свидерски говори за безграни-
чната преданост на љубовта на поетското
битие кон татковината.

Ирена Павлова Де Одорико

46
CIP - Каталогизација во публикација
Национална и универзитетска библиотека "Св.
Климент Охридски", Скопје

821.163.3-1

СВИДЕРСКИ, Михајло
Граници / Михајло Свидерски.
- Битола : Восток, 2020. - 44 стр. ; 21см

ISBN 978-608-4885-41-2

COBISS.MK-ID 51220997

47

You might also like