Professional Documents
Culture Documents
Autizam Asistent2 1
Autizam Asistent2 1
Најтежок момент ми беше првиот, кога требаше да воспоставам врска со ученикот на кој
требаше да му бидам асистент во наставата, оти се плашев дали тој ќе ме прифати, а тоа беше
најважно за обајцата да постигнеме успех, вели Катерина Матевска, образовен асистент на
шестооделенец со аутизам во училиштето „Јоаким Крчоски“ во скопско Волково. Матевска е
една од 316 асистенти што се ангажирани во оваа учебна година во училиштата низ Македонија
како поддршка на учениците со посебни образовни потреби (ПОП), преку проект на УНДП.
Иако нема доволно за сите деца (линк), позитивните примери каде што се ангажирани обучени
асистенти покажуваат дека тие, заедно со подготвените училишта се клучни фактори за успешна
вклученост на учениците со попреченост во редовното основно образование.
Матевска, која по струка е одделенски наставник, вели дека е свесна оти инклузијата во нашето
општество се уште е на ниско ниво и затоа и било предзивик да биде дел од пилот-проектот кој
има цел да создаде услови, позитивна атмосфера и еднаквост во училницата за сите ученици.
- Секој ден ми беше исполнет со нови и клучни одговорности од кои зависеше фузијата на
различностите во една компактност. Од ден на ден, ученикот се менуваше во позитивна смисла,
а ние се повеќе се поврзувавме. Пред мојот ангажман и на првите неколку часа не сакаше да
бои, да црта и да пишува, но со тек на времето му се зголеми заинтересираноста. Беше видливо
дека колку повеќе вложувам труд, толку повеќе тој напредува. Го подобри ракописот, црташе
убави цртежи и ми ги подаруваше, имаше внимание во текот на целиот час, а заедничката
работа му нудеше успех што двајцата не правеше среќни. Од мене добиваше аплауз, пофални
зборови и многу љубов. Имаше солиден успех на исто ниво како некои ученици со уреден развој
- вели Матевска.
Родителите велат дека асистентот значително му помогнал на нивниот син во наставата и
социјализацијата, а ним секојдневието им се олеснило, затоа што до средината на четвртото
одделение таткото седел со него на часовите.
- Откако доби асистент беше видливо позадоволен од претходно кога мораше да седи со мене, а
ние редовно добиваме пофалби од наставничката дека одлично напредува во повеќе предмети.
Петтото одделение го заврши со одличен успех - вели таткото.
Родителите потврдуваат дека дел од „формулата за успех“ покрај асистентката е самото
училиште во Волково, во кое досега не сетиле ни трага од каква било дискриминација на
учениците. Мајката вели дека кога пред шест години влегле да го запишат синот како прваче, во
ходникот ги пречекал огромен ѕиден весник со зборовите: „Ние сме инклузивно училиште и кај
нас се добредојдени сите деца“ и во тој момент исчезнале многу нејзини немири за тоа како
детето ќе биде прифатено.
Асистентката Матевска вели дека успехот на еден асистент со ученик со попреченост се темели
на упорност, посветеност и секојдневна лична и образовна надградба. Но, освен што ја даваат, и
ним им е потребна поддршка, за да бидат уште поуспешни.
- Асистентот не е стручен да работи со различни типови на деца со попреченост и треба да се
стекне со разни вештини и знаења. Потребни се и добро осмислени програми, соодветна
опрема и адекватна обука и на наставниците. Морам да потенцирам дека сме оставени на себе и
успехот на учениците со кои работиме зависи исклучиво од нашиот труд и влог. Министерството
за образование не впушти во овој важен општествен сегмент без да не мотивира. Примаме
минимални средства што редовно доцнат, а не можеме да работиме и на друго место, затоа што
работата со овие деца не е хоби, туку целосен ангажман - вели таа.
Од УНДП, кои го спроведуваат овој проект велат дека идејата за обезбедување на асистенти
дошла од самите општини кои ја идентификувале потребата и аплицирале во Програмата за
општинско-корисна работа, која е дел од Оперативниот план на Владата за вработување.
- Општините можеа да аплицираат за обезбедување или надополнување на различни видови
социјални услуги и во 2016 година за прв пат се појави идеја, односно потреба за помош и
поддршка на децата со попречности што се вклучени во редовна настава, која од 2017 година ја
прифати и поддржа и МОН. Првата година во две општини, Куманово и Струмица, беше
обезбедена помош и поддршка на 20 ученици во основно и средно образование, а потоа
бројките растеа. Во 2017 година во 18 општини беа вклучени 140 асистенти (106 образовани и
34 лични), а во 2018 во 36 општини имаше 334 асистенти (248 образовани и 86 лични). Во
2019/20 година се вклучени 35 општини каде се обезбедени 316 асистенти - вели Ана Димовска
Котевска.
За исплатите таа објаснува дека УНДП ги добива барањата од општините до 15-ти во месецот и
има обврска да им ги исплати во рок од 5 дена, а потоа општините им ги исплаќаат на
асистентите исто така за 5 дена. Надоместокот за 20 работни часа неделно е 9.000 денари
месечно.
- Ангажманот на асистентите и на сите вклучени во програмата за општинско-корисна работа не
е вработување, туку работно ангажирање кое треба да им обезбеди работно искуство и вештини
на сите вклучени невработени лица за полесно наоѓање на работа на пазарот на труд. Тоа се
рефлектира и низ фактот што околу 40 отсто од сите вклучени лица се вработиле за време на
реализацијата на програмата или во рок од 3 месеци по нејзиното завршување - вели Димовска
Котевска.
РАМКА:
Н: Асистентите се повеќе од неопходни
ТАБЕЛА 1
Број на асистенти во скопските училишта
Карпош 44
Кисела Вода 29
Ѓорче Петров 13
Центар 13
Бутел 13
Аеродром 13
Гази Баба 9
Сарај 5
*извор Народен правобранител
ТАБЕЛА 2:
Фактори што ја отежнуваат инклузијата во Скопско