You are on page 1of 26

ПОТЕРА НИЗ РУМЕЛИЈА

место со оригиналниот наслов ,,Низ земјата на Шиптарите‘‘! што не одговара геогравски!

1. Разоткриен

Турското правосудство, како што е познато, има свои особености,


всушност зборуваме за неговите темни страни, колку повеќе се истакнуваат,
толку е поодалечена областа за која се работи. Тоа го дознавме уште
попладнето па бевме решени, на седницата на која сега одевме во пресрет, да
настапиме на правосилен начин.
Кога стигнавме во ،Судската зграда، веќе се стемнуваше. Попатно
видовме како многу луѓе стоеја, а не нашле место во дворот па се поредиле
тука, во најмала рака, за нас да нè видат како доаѓаме. Кога влеговме во
дворот, зад нас портата беше веднаш затворена. За нас тоа не беше добар
знак. Мубарек го искористил неговото влијание, и тоа, како што се чинеше, не
без резултат.
До местото за сослушување можевме да стасаме со тешкотии. Таму,
каде што порано имаше една столица, сега беше поставена уште една долга
клупа. Механизмот за бастонада уште стоеше тука. Имаше садови наполнети
со масло, внатре имаше поставен коноп и истиот беше запален. Пламените
јазици на сите им изгледаа како авантуристичко светло.
Господата од Судот сè уште беа во внатрешноста на куќата. Беше
најавено нашето пристигнување. Заптиите се поставија околу нас така, што го
препречија патот кон портата. Бидејќи таа беше заклучена, ова однесување на
заптиите можеше да се сфати како двојно обезбедување, а тоа важеше за нас.
Наоколу владееше мртва тишина. Сега од куќата се појавија петмината
господа а заптиите веднаш се повлекоа и направија пат.
„О Господи!” се шегуваше Халеф. „Што сè ни се случува, Господару! Јас
се тресам од страв.”
„Јас исто така.”
„Треба ли на овие глупави луѓе да им дадам да го вкусат мојот камшик,
оти веруваат, дека можат да не исплашат со нивните сабји?”
„Без никаква избрзана невнимателност! Ти денес веќе беше пребрз и
носиш кривица, што воопшто сме тука.”
Петтемина Судии ги зазедоа местата: Коџабашијата на столицата а
другите на клупата. Една жена се протурка низ толпата близу до нас и застана
зад застапникот. Јас ја познав Нохуда, „Грашок”, која нејзината убавина ја
потпомагала со железен оксид. Значи застапникот на обвинението беше
секако нејзиниот среќен сопруг. Тој имаше на лицето безизразни црти.
Прв до Коџабашијата седеше Мубарек. Преку неговите колена тој имаше
положена една хартија. Помеѓу него и неговиот сосед стоеше едно мало лонче.
Бидејќи внатре имаше еден пардув, претпоставив дека тоа содржи мастило.
Коџабашијата ја клатеше главата и нападно се искашлуваше. Тоа беше
знак, дека расправата би требало да почне. Тој започна со крештав, надалеку
силен глас. „Во името на пророкот и во името на Султанот, Господ да му
подари илјада години! Ние ја свикавме Казата, за да суди по два прекршока,
кои денес се случија овде во нашиов град и неговата близина. Селим, истапи
напред! Ти си тужителот. Сега раскажи ни што ти се случило.”
Полицаецот истапи во близина на неговиот господар и раскажуваше. Тоа
што го слушнавме ние, беше многу смешно. Тој се наоѓал на најтешката
службена задача а од нас бил смртно нападнат. Само тоа што не се плашел и
поради неговата храба одбрана му успеало да си го спаси животот.
Кога заврши со исказот, Коџабашијата го праша: „А кој бил тој што те
натепал?”
„Овој овде е тој”, одговори Селим и покажа на Халеф. „Па тогаш сега го
знаеме него и неговото дело па ќе продолжиме со советување.”
Тој започна да шепоти со неговите соседи и по некое време објави со
силен глас: „Казата заклучи, дека прекршителот треба да добие по тиресет
удари на секое стапало а потоа треба да биде затворен полни четири седмици.
Тоа го изјавуваме во името на Султанот. Господ да го благослови!”
Раката на Халеф појде кон рачката на камшикот. Јас морав да се
помачам, за да не се насмеам гласно.
„Сега на ред доаѓа вториот прекршител”, најави службеникот. „Махонаџи
─ Корабџијо, истапи напред и раскажувај!”
Корабџијата ја послуша оваа наредба. Во секој случај, тој се плашеше
повеќе отколку јас. Пред да можеше да почне со неговиот извештај, јас многу
учтиво се обратив на Коџабашијата. „Ќе бидеш ли љубезен и да станеш?”
Тој стана од неговиот стол, без да се запраша зошто го барам тоа. Потоа
јас го подбутнав на страна и седнав.
„Ти благодарам!”, реков јас. „Правилно е потчинетиот да му искаже
почитување на повисокиот. Ти направи како што треба”.
Голема штета е, што не беше можно да се опише изразот на неговото
лице. Главата ја зафати опасно клатење. Судијата сакаше да зборува, но од
запрепастеност не изусти ни еден збор. Затоа ги испружи неговите суви раце,
своето лутење барем да го изрази со јазикот на знаци и удри со дланките преку
главата што постојано се клатеше.
Никој не рече ни збор. Ни еден заптија не се помрдна од место. Се
очекуваше да избувне лутината на заповедникот. За среќа тој повторно дојде
до збор. Тоа избувна во една серија на неразбирливи извици а потоа се издра
кон мене: „Што ти паѓа на памет! Како можеш да направиш ваква бесрамост и -”
„Хаџи Халеф Омар!” го прекинав јас гласно. „Земи го твојот камшик!
Човекот кој ќе прозбори против мене уште еден единствен неучтив збор, ќе го
наградиш со удари, додека не му пукне кожата; па нека биде кој што сака!”
Малиот Аџија веднаш го имаше камшикот во рака. Господару, јас
слушам”, рече тој решително. „Дај ми само еден знак!”
За жал недостасуваше само осветлување, инаку ќе можеа да се видат
многу зачудени лица. На Коџабашијата очигледно не му беше јасно, како треба
да се однесува. Тогаш Мубарек му прошепоте неколку збора, при што Судијата
им заповеда на заптиите: „Фатете го него! Однесете го во подрум!” Тој со рака
покажа кон мене.
Полицајците ми пристапија со голи сабји во рацете. „Назад!” им
подвикнав јас. „Кој ќе ме допре, веднаш ќе го застрелам!”
Јас двата револвера веќе ги држев насочени кон нив, а во следниот миг
не видов ни еден заптија. Тие се изгубија меѓу сеирџиите.
„Што ја предизвика твојата лутина?” го прашав судијата. „Зошто
стануваш? Зошто не седнеш? Заповедај да стане Мубарек и седни на неговото
место!”
Сега низ мноштвото народ се слушна шепотење. Дека јас можев да го
навредувам Коџабашијата, донекаде ним можеше да им одговара; но дека сега
го навредував и светиот човек, тоа беше премногу смело. Почнаа да мрморат.
Тоа на Коџабашијата му влеа особена храброст. Тој налутено ми
подвикна; „Туѓинецу, биди ти кој сакаш, но за ваков безобразлук јас ќе те
казнам најстрого. Мубарек е светец; тој е миленик на Господа, еден
чудотворец. Ако сака, тој на тебе може да испрати оган од небото!”
„Молчи Коџабаши! Ако сакаш да зборуваш, тогаш држи попаметен говор!
Мубарек не е ниту светец, па ниту чудотворец. Тој е разбојник, еден лажго,
грешник и злосторник!”
Потоа во мноштвото народ се слушнаа заканувачки гласови. Уште
побучен беше гласот на самиот Мубарек. Тој беше се исправил, ја испружил
раката кон мене и извика: „Тој е ѓаур─Христијанин, еден невернички кучкин син.
Јас го проколнувам. Да даде Господ под него да се отвори пеколот и да го
проголта темнината. Лошите духови да го ─ ─”
Понатаму не стаса. Мојот мал Аџија замавнал и камшикот го удри со
таков ловечки удат, што стариот грешник се превитка и направи огромен скок
во воздух.
Тоа беше голем чекор, како што се покажа веднаш. По еден миг на
заканувачка тишина од сите страни на сеирџиите одекнуваа лути извици.
Задните редови притискаа напред. Работата можеше да биде судбоносна.
Тогаш јас брзо стапив на страна до Мубарек и извикав толку гласно, колку што
ме држеше глас: „Рахат, суекјут ─ мир таму, бидете тихи! Јас ќе ви докажам,
дека сум во право. Халеф принеси го пламенот овде! ─ Погледнете овде, вие
луѓе, кој е Мубарек и кој ве лаже вас! Погледнете ги овие штеки?”
Измамникот го фатив за врат со десната рака и го притиснав за тенката
гуша. Со левата рака му го разоткрив кафтанот. Точно, на секоја страна висеше
по една штека. И двете беа направени со зглобови и можеа да се склопуваат.
Покрај оваа можност, можев да видам, дека внатрешната страна на кафтанот
беше обоена со друга боја за разлика од надворешната страна. Облеката
имаше многу џебови. Јас зафатив во првиот најдобар и почувствував еден
влакнест предмет. Тој предмет го извлеков надвор. Тоа беше една перика,
точно таа замрсената, гргурава коса, каква што ја видов кај питачот.
Лупежот беше толку преплашен, што дури заборави на било каков отпор.
Сега пак тој почна да вика за помош и почна со рацете да мафта околу
себе.
„Оско, Омар, држете го! Ама зграбчете го цврсто! Се едно и ако го
доболи!”
Двајцата именувани го зграпчија, така што сега ми беа слободни двете
раце. Бидејќи Халеф принесе еден сад со масло, нашата необична група беше
јасно осветлена, така што присутните можеа да видат сè јасно. Тие беа мирни.
„Овој човек, кој вие го сметате за светец”, продолжив јас, „Тој е во сојуз
со Жолтиот или можеби è и самиот тој. Неговата колиба е собиралиште на
крадци и разбојници, тоа јас подоцна можам и да го докажам. Тој во земјава се
влечка наоколу со разна облека, за да истражува можности за разбојништва.
Тој и сакатиот Бусра се една и иста личност. Овде под пазувите, тој си ги
приврзал штеките. Кога вие се судирате со него, сте мислеле, дека тропотат
неговите коски. Еве ја периката, која како сакатиот ја носел на глава.”
Притоа јас еден по друг ги празнев неговите џебови, ги проучував
предметите поединечно и ја објаснував нивната намена: „Овде имате една
конзерва со брашно за боење, која служи за тоа, за на неговото лице набрзина
да му даде друга боја. Ова е крпата, со која тој можел повторно да ја избрише
набрзина. Сега вие гледате шише со вода уште до пола, во секој случај и на
оние места, каде што немало вода, по потреба да би можел да се измие. И сега
доаѓа ─ да, па што е ова? Тоа се две мали полутопки од гума. Тој си ги ставал
под образите, кога сакал да се претставува како питачот. Тогаш лицето
станувало подебело од порано. Дали ги познавате различните бои на
кафтанот? Како питач тој го соблекувал, ја звртувал темната страна однадвор и
повторно го облекувал. Тогаш облеката изгледала како крпа. Дали некогаш сте
го виделе питачот и Мубарек заедно? Сигурно не. Тоа не било можно, бидејќи
двајцата биле една иста личност. И дали Мубарек во овој крај се појавил за прв
пат, кога во исто време дошол и питачот?”
Овие последни докажани причини се чинеа дека се уверливи, бидејќи од
сите страни слушнав како одекнуваа извици на зачудувачка согласност.
Сега од неговите џебови извадив едно мало пакетче. Завиткано во една
стара крпа се појави една белегзија од стари, венецијански златни цекини. Кај
некои парички отисоците беа добро сочувани. При светлото на пламенот на
предната страна видов слика од Свети Марко, кој на Поглаварот му го предава
знамето со крст, а на задната страна сликата на еден друг, за мене непознат
светец, заобиколен со ѕвезди и напис: „Sit tibi, Christe, datus, quem tu regis, iste
ducatus.”
„Овде има една белегзија од дванаесет златни парички, завиткана во
една крпа,” изјавив јас. „Кој знае, од каде ја украл! Ако истражувате, можеби
сопственичката ќе се најде.” „Он ики секке-ми ─ дванаесет парички?” извика
еден женски глас позади мене. „Покажи ја ваму! Една ваква нараквица мене ми
беше украдена пред неколку недели.”
Нохуда ,Грашак’, беше говорничката. Таа пристапи, ми ја зеде
наракавицата од рака и ја разгледуваше.
„Господи” извика таа. „Ова е мојата. Ова е старо наследно парче од
претците на мајками. Погледај ваму и увери се, дека тоа мене ми припаѓа!”
Таа ја подаде на нејзиниот маж.
„Господ ми е сведок, ова е твојата нараквица!” се согласи тој.
„Тогаш присети се, Нохуда, дали Мубарек во тоа време бил кај тебе”,
реков јас.
„Мубарек не беше, но куциот питач да. Тој беше повикан внатре, за да му
дадам јадење. Мојот накит лежеше на маса па го ставив назад во сандак. Тој
тоа го видел. Кога по неколку дена случајно погледнав, белегзијата ја немаше.”
„Значи сега го познаваш крадецот.”
„Тоа е тој. Тој ја украл; тоа е докажано. О ти крадецу! Ќе ти ги ископам
очите. Ќе ти ─”
„Тишина сега!” ја прекинав жената од страв, дека реката на нејзините
зборови, веднаш ќе се претворат во поплава, која нема скоро да пресуши.
„Задржи ја алката и дозволи да се казни крадецот! Сега гледате каков човек сте
почитувале. А овој разбојник дури е назначен за баш китаб - главен
записничар, и покрај другото седел во Судот да суди на други. Тој ме проколна
мене да сум одел во пеколот и за малку, поради него, ќе ја навлечев лутината
на овој добар совет. Јас предлагам тој да биде затворен на сигурно место, од
кое што никој не би можел да побегне, а до Махреџот ─ Командантот на Солун
да се поднесе пријава.”
Не само што се согласија со мене, туку можеа да се слушнат и
многубројни гласови: „Најпрво истепајте го! Удрете му ја бастонадата!
Искршете му ги стапалата!”
„Чевринис бујунуну ─ свиткајте му го вратот!” се лутеше ,Грашок’, полна
со жестина за извршената кражба кај неа.
До сега Мубарек не рече ништо. Но сега тој се издра: „Немојте да му
верувате! Тој е Христијанин. Туѓинецот е крадец. Тој дури сега ми ја стави
нараквицата во џеб. Тој ─ ─ ваи, ваи!” Тој прекина со кукањето со извик од
болка, бидејќи Халеф му тресна еден камши преку грбот.
„Чекај лажго еден” извика Аџијата. „Јас на грбот ќе ти напишам, дека ние
дури денеска пристигнавме во овој крај. Како можел нараквицата да ја украде
овој Ефендија? Впрочем, така прочуен човек не може да се набеди дека е
крадец. Еве ти потврда за тоа.”
Халеф му одмери уште неколку силни удари, по што истепаниот гласно
викаше.
„Аферин, аферин ─ браво, браво” извикуваа истите гласови, кои пред
неколку мига за мене изгледаа опасни.
Коџабашијата не знаеше што да прави, и што требаше да каже. Тој ме
остави да делувам. Но сепак, што побрзо искористи прилика и повторно седна
на службената столица. Сепак така, најмалку што можеше да направи, барем
беше одбранета неговата чест. Неговите соседи се однесуваа мирно и со
молчење. Тие како да претчувствуваа некој вид пригушеност. Полицајците
увидоа, дека моите акции почнаа да се засилуваат, и под претпоставка, дека
јас затоа се наоѓам во добро расположение, и нема повеќе да бидам опасен за
нив, тие се вратија ─ еден по друг ─ повторно дојдоа тука.
„Врзете го човекот!”, им наредив јас. „Врзете му ги рацете!” Тие уште
веднаш послушаа, а против моето самоволие од присутните судски
службеници не протестираше ни еден.
Но Мубарек, во секој случај согледа дека, за него поумно би било да се
помири со судбината. Тој дозволи да го врзат без противење, а потоа седна на
неговото место, каде што се склопчи. Соседите брзо станаа од нивните места.
Тие не сакаа да ја делат клупата со еден безобразен разбојник.
„А сега за твојата пресуда”, реков кон Коџабашијата. „Дали доволно ги
познаваш законите на твојата земја?”
„Секако дека нив морам да ги знам”, одврати тој. „Јас студирав во висока
граѓанска школа.”
„Тоа не го верувам.”
„Зошто не?” праша тој навредено. „Јас го знам целото духовно право, кое
произлегува од Куранот, на Суната и на решенијата на четирите први Калифи.”
„А дали, исто така ја знаеш и Мултека ел бухур, вашата граѓанска и
криминалистичка книга на Закони?”
„Ја знам. Таа е издадена од Шеикот Ибрахим Халеби.”
„Ако ти навистина ги знаеш овие одредби, зошто не делуваше според
нив?”
„Јас секогаш се придржував според нив, а исто и денеска работев според
нив.
„Тоа не е вистина. Таму стои напишано, дека судијата, и на најопасниот
прекршител мора да му дозволи да се брани, пред да му ја изрече пресудата.
Но вие на мојот пријател и сопатник му ја изрековте пресудата, без да му
дозволите да каже ни еден единствен збор. Тоа значи дека вашата пресуда не
важи. Исто така при претресот мораше да бидат заедно присутни сите
обвинети и сведоци. Но тоа не беше така во ниеден случај.”
„Па тие се сите тука!”
„ Не. Недоставува Аџи Ибарек. Каде е тој?”
„Судијата збунето ја клатеше главата, потоа стана и одговори; „Јас ќе го
доведам.”
Тој сакаше да се оддалечи; јас пак претпоставував, што се случило со
Ибарек, па Коџабашијата го задржав фаќајќи го за ракав, додека пак на
полицајците им заповедав: „Доведете го Ибарек! Но доведете го во состојба
точно, во која што се наоѓа сега!”
Двајца од полицајците веднаш се оддалечија и по кратко време крчмарот
го доведоа тука. Рацете му беа врзани на грбот. „Што е тоа? Што направил
Анџијата, та рацете сте му ги врзале?” прашав јас. „Кој дал наредба за тоа?”
Коџабашијата ја клатешпе главата наваму-натаму, и одговори. „Мубарек
така сакаше да биде.”
„Тогаш значи и Коџабашијата мора да го прави тоа што ќе го заповеда
записничарот? А ти сепак велиш дека си студирал закон! Сега не е ништо
чудно, во твојата област најопасните арамии да се сметаат за светци.”
„Јас имав право”, се бранеше службеникот тивко. „Тоа не можеш да ми
го докажеш.”
„О, секако! Вас не можам да ве осудам, бидејќи сте туѓинец. Но овој
Анџија е сожител на оваа област. Тој стои под мојата власт.”
„А ти мислиш дека тебе ти е дозволено да ја злоупотребуваш таа власт?
Тука стојат неколку стотини твои потчинети. Ти мислиш, дека ти ним можеш да
им правиш што ќе ти се посака? Можеби тоа си го правел и до сега. Денешниве
случувања тие ќе ги запаметат и во иднина ќе бараат правда. Ибарек е
ограбен. Тој дошол кај тебе да побара помош. Наместо да му помогнеш, ти си
наредил да го врзат и да го затворат. Како сакаш да одговараш за ваквата
неправда? Јас предлагам веднаш да наредиш да му ги одврзат рацете.”
„Тоа треба да го направат полицајците.”
„Не, ти сам треба да го направиш тоа, како грев за твојата неправда.”
Тоа на стариот сепак му беше премногу. Тој ми се втурна налутено: „Па
навистина, кој си ти овде да заповедаш како да си наш Махреџ или Билад-и
Кхамзе Моллалару?”
„Еве, види ги моите документи!”
„Јас му ги подадов сите мои три пасоша. Кога тој, ги виде тескерето,
бурулдијата, па дури и ферманот, ги стисна исплашено малите вовлечени очи,
а неговата глава се клатеше како таксиметарот на прочуениот Јохан Непомук
Мелцел.
„Ефенди, па ти стоиш под сенката на Султанот!”, извика тој.
„Па тогаш погрижи се за тоа, еден дел од сенката да падне и над тебе.!”
„Ќе направам како ќе заповедаш ти.” Судијата пристапи кон Ибарек и го одврза
од јажето.
„Дали сега си задоволен?” праша тој.
„Привремено да. Но од тебе ќе се бара уште повеќе. Твојот заптија
Селим ти поднел целосно погрешен извештај. Средбата беше сосема
поинаква, од таа што ти ја раскажал тој. Мубарек му рекол, како мора да каже,
за нас да ни наштети колку, што е можно повеќе.”
„Јас во тоа не верувам.”
„Но јас верувам, бидејќи тој исто така го наговорил и скелеџијата, за
мене да даде погрешна изјава.”
„ Дали е вистина тоа?”
„Ова прашање беше упатено на скелеџијата, кој сега веруваше, дека
Мубарек повеќе не можеше да му напакости, па затоа раскажа без страв, како
тој бил посоветуван од него.
„Гледаш ли”, реков кон Коџабашијата, „дека во никој случај не сум бил
никаква опасност по неговиот живот. Јас бев уверен дека тој беше шпион на
стариот, и го зедов со мене, за да истражам за надлежностите. Тоа е сè. Ако
сакаш ти да ме казниш за тоа, тогаш сум подготвен да настапам во моја
одбрана.”
„Ефенди, не може да стане збор за некаква казна, ти не си направил
никаква грешка.”
„Во тој случај не може да биде казнет ниту мојот сопатник поради
полицаецот, бидејќи, не Аџи Халеф, туку еден друг е крив за случувањата.”
„Кој е другиот?”
„Тоа си ти самиот.”
„Јас? ─ Како тоа?”
„Кога Ибарек бил ограбен, тој дошол кај тебе, за да поднесе пријава. Што
си направил ти, за да ја исполниш твојата обврска?”
„Се што можев јас.”
„Така ли? ─ Што било тоа?”
„Му наредив на Селим, дека треба да размисли, што би требало да
направи во врска со тоа.”
„Другите полицајци не си ги запознал со тој случај?”
„Не; бидејќи тоа ќе беше одвишно. Тие сепак не би откриле ништо.”
„Тогаш твоите полицајци би требало да бидат најголемите глупаци,
бидејќи ти однапред си знаел, дека со нив немало да има никаков резултат.
Работата се случила овде. Зошто на овој Селим, кој овде дошол пред кратко
време, си му ја доверил оваа работа?”
„Бидејќи тој е најпаметниот.”
„Јас мислам дека ти имаш друга причина.”
„Каква причина би требало да имам?”
„Добар службеник би ги искористил сите средства, да биде пронајден
извршителот на ваквиот злочин. А ти пак, си премолчел, и тоа на еден, на кој
си му соопштил, и си му дал цела недела време да размисли за работата.
Може слободно да се помисли, дека ти на крадците си им дал доволно време
за да можат да побегнат.”
„Ефенди, за што ме сметаш ти мене?”
„Моите погледи се упатени токму кон твоето држење. Ништо не стоело
поблизу, отколку да си наредил извршителот да се бара токму овде во
Струмица.”
„Па тие одјавале кон Дојран!”
„Да се верува во тоа, мора да се биде многу збунет. Ни еден крадец
нема да каже, на каде сака да се сврти. Толку би требало да знаеш како стар
Судија. Што би било сега, ако јас откријам, дека ти си пријател на тие
разбојници?”
Тој почна престрашено да ја глати главата, во секој случај поради
запрепастеност.
„Ефенди, не знам што би требало јас да кажам на тоа!” свика тој.
„Подобро ништо да не кажуваш, бидејќи моето мислење за тебе
останува уште непроменето. Ако на работата ти си и пришол на начин, како
што прилега на твојата обврска, разбојниците ќе беа откриени уште многу
порано.”
„Веруваш ли ти, дека тие доброволно ќе дојдат, за да се јават кај мене?”
„Не; но јас верувам, дека тие се веќе овде во Струмица.”
„Невозможно! Тројца јавачи не сјавале во ни еден конак.”
„На такво нешто нема ни да помислат. Тие нема да се појават така
отворено на местото на злочинот. Тие се сокриле некаде.”
„Треба ли јас да знам кај кого?”
„Зошто да не? Јас сум овде туѓинец а сепак веќе знам.”
„Тогаш ти си сезнајко.”
„Не, но јас научив да размислувам. Такви луѓе ќе се скријат, само кај исто
така лоши луѓе. Па кој е најлошиот човек во Струмица?”
„Ти мислиш на Мубарек?”
„Е да знаеш, дека баш погоди.”
„Би требало да бидат кај него? ─ Тука се лажеш.”
„Не се лажам во никој случај. Ако сакаш да ги фатиш крадците, тогаш би
тебало да одиш горе кај урнатините.”
Тој погледна кон Мубарек отспротива, а тој одговори на погледот. Тоа ми
се чинеше баш така, како тие двајцата сепак дека имаат некаков договор.
„Бесполезен би бил патот, Ефенди” тврдеше Судијата.
„Јас сум убеден во спротивното и ти кажувам, ние ќе ги најдеме не само
крадците, туку исто и украдените предмети. Затоа од тебе барам, да ме
следиш со полицајците.”
„Во оваа темница?”
„Се плашиш ли?”
„Не; ваквите луѓе се опасни. Ако тие навистина се таму горе, тогаш ќе се
бранат. Подобро почекај до утре, додека да се раздени.”
„Дотогаш тие би можеле да бидат избегани. Не, ние ќе одиме сега!”
„Погрижи се за тоа, да можеме да тргнеме што побрзо, а издај и наредба, со
себе да понесат и фенери!”
„Дали со нас да го поведеме и Мубарек?”
„Да, тој ќе не води.”
„Тогаш дозволи ми да се погрижам за осветлување.”
Судијата влезе во куќата. Но бидејќи не ми беше ни на крај памет,
Коџабашијата да го оставам сам ни една минута, кој сигурно со Мубарек е во
некаков договор, го повикав Омар.
„Омар, оди по Коџабаџијата и никако немој да го испушташ од вид! Грижи
се за тоа, тајно да не зборува со никого, и да не презема никакви мерки, со кои
нема да се согласам.”
„Омар се оддалечи низ вратата, низ која се изгуби Судијата. Исто така
многу од присутните побрзаа да си одат, јас претпоставував, за да донесат
фенери или нешто слично и да не придружуваат. Досега Ибарек слушаше
мирно. Сега тој ме праша:
„Ефенди, навистина ли веруваш, дека ќе ги фатиме тројцата арамии и
дека мојата сопственост ќе си ја добијам назад?”
„Јас сум уверен во тоа.”
„Ефенди, јас не можам да те разберам! Се чини дека ти знаеш сè. Со
задоволство ќе одам горе кон урнатините.”
„Што велиш ти сега за светецот? Ти си го прославувал, сè едно што си се
плашел од него.”
За скоро врене Коџабашијата се врати назад и со Омар донесе неколку
фенери, повеќе факели и една количина деланки, борина. На мојот прашален
поглед беше одговорено со знак на негација. Според тоа, Судијата не му дал
никаква причина нешто да презема. Тука почнаа да доаѓаат и другите луѓе, со
слични предмети за осветлување, а потоа поворката се стави во движење.
Една ноќна поворка нагоре кон урнатините за да ги фати крадците, тоа тука
никогаш го немало. Затоа зад нас појдоа скоро сите жители на Струмица.
Бидејќи јас не му верував ниту на Коџабашијата па ниту на полицајците, Оско и
Омар мораа да го чуваат Мубарек. Тие го зедоа во средина меѓу нив.
Најнапред чекореа неколцина полицајци. Потоа доаѓаше Коџабашијата
со господата од неговиот Суд, зад нив Мубарек со неговите двајца чувари, се
потсопнуваше и старо и младо од Струмица. Исто така беше смешно да се
слушне какви мислења беа искажани, и за нашите личности. Еден мислеше,
дека јас сум бил некој голем принц, а друг ме сметаше за син на персиски
принц. Еден трет се колнеше, дека јас сум бил наследник, принц од Москва и
сум дошол, земјата да ја освојам за Русија.
Колку доаѓавме поблизу до урнатината, толку луѓето стануваа потивки.
Тие сепак забележаа, дека мораа да внимаваат, доколку се сакаше да се
фатат мангупите. На почетокот на шумата мнозина останаа назад. Тоа беа
страшливците. Но сепак упорно се колнеа, дека тука остануваат само затоа
што, крадците би можеле да поминат на ова место, доколку горе им успее да
избегаат.
Кога потоа стасавме на чистинката, таму веќе владееше гробна тишина.
Јунаците се чувствуваа потиштено. Арамиите можеа да се појават во секој миг
или да бидат скриени позади секое стебло. Се чекореше колку што можеше
пополека, за да не се исплашат и ─ отприлика да не бидат први тој или таа, тој
или таа да стапат во борба со нив, бидејќи покрај нив имаше и жени.
Оваа тишина еднаш претрпе краток прекин. Еден пискав врисок одекна
од едно женско грло. Кога дојдов на местото, ја најдов, Грашок, така несреќна,
кога паднала во студениот кладенец, каде што го најдов глуварчето. Дебелата
седеше во вода и на својот драг судски поротник му држеше полугласен говор,
чија содржина брзо посакав, оваа желба да ја искаже само со шепотење.
Нохуда не сакаше да биде извадена, бидеќи можела да се прелади, ако мора
да оди таму - ваму низ студениот воздух, и само, кога јас и објаснив, дека
водата била многу постудена од воздухот, таа рече:
„Ефенди, ќе го послушам твојот совет. Ти за сè знаеш подобро отколку
другите луѓе или дури и од мојот сопруг, кој ме довлечка право внатре во оваа
дупка.”
Јас ,Грашакот’ ја извлеков од кладенецот. За среќа водата не беше длабока
ниту половина метар. Дали како последица за подмладената убавица к’ната
станала штетна, за жал не знам.
Мубарек со Омар и Оско стоеја пред вратата на колибата, тој бараше, да
биде пуштен внатре. Но, бидејќи тој бил способен, наводно, за секаква
уметност со маѓии, јас не му верував. Тој можел да вгради било каква стапица,
на која можел да смета во случај на ненадејна опасност или откритие.
„Што сакаш да правиш внатре?” го прашав јас.
„Имам животни, за да не дозволиме да изгладнат, треба да ги нахранам.”
„Јас самиот ќе ги нахранам утре порано. Од сега твојот дом ќе биде
затворот. Сепак јас сум подготвен да ти ја исполнам желбата, во случај да ми
ја кажеш вистината за некои прашања.”
„Тогаш прашај!”
„Имаш ли посета?”
„Не.”
„Дали освен тебе живее уште некој во колибава или урнатинава.”
„Не.”
„Познаваш ли еден човек по име Манах ел Барша?”
„Не.”
„Или еден друг по име Баруд ел Амасат?”
„Исто не.”
„Па сепак овие луѓе велат, дека тие добро те познаваат.”
„Тоа не е вистина.”
„Дека ти денес си ги известил за моето пристигнување.”
„Тоа е лага!”
„И дека ќе си се погрижел за тоа, да бидам затворен.
Потоа вие ќе сте дошле да ме убиете.„
Тој не одговори веднаш. Дека јас сè знаев, во секој случај не му беше
сосема јасно. Би можел да се досети, дека вечерва нема да најде како што
оставил. Слушнав како тој подголтнуваше и повторно потголтнуваше, како
нешто да го давеше оддоле. Тогаш одговори:
„Ефенди, незнам јас, за што зборуваш и што сакаш од мене.
Јас не ги знам имињата што ги спомнуваш, и немам работа со луѓето, како што
се чини, за кои зборуваш ти.”
„Тогаш ти исто така не знаеш, дека сакаат да дојдат двајца браќа, за да
ве известат, дека јас веќе сум бил убиен во Мелник?”
„О Господе, јас за тоа не знам ни збор.!”
„Ти си толкав незналица, твоето непознавање ме разжалостува, а од
таквата разжалостеност сакам да ти покажам, какви опасни луѓе се наоѓаат во
твоја близина. Дојди!”
Јас го фатив лицемерот за рака и го поведов понатаму. На мој знак
Халеф појде напред со факелот, за да осветли. Господата кои се вбројуваа во
Казата не следеа во чекор, исто и Оско, Омар и двајцата анџии. Другите мораа
да останат назад, бидејќи во внетрешноста на урнатината немаше толку
простор. Што ли сè мораше да помине низ главата на Мубарек, кога тој сега
забележа, со каква сигурност го следиме патот, за кој тој веруваше, дека за
секој туѓинец бил голема тајна!
Кога Халеф го повлече бршленот назад, слушнав како стариот испушти
една воздишка, која не можеше сосема да ја потисне.
„Што? Коњи?” праша Коџабашијата, кога влеговме во одделението, кое
беше користено како штала.
Бидејќи беше ноќе, животните не натераа да се пробиваме. Тие не беа
врзани и се плашеа од светлата и од непознатите луѓе.
„Каде што има коњи, мора да има и луѓе, на кои тие им припаѓаат”,
забележа Халеф. „Дојдете овде надвор, тогаш ние ќе ги најдеме.”
Тројцата врзани се уште лежеа таму, така како што ги оставивме.
Најпрво не беше кажано ниту збор. Со помош на Халеф тројцата ги одврзав,
но само толку, за да можат да се исправат и да стојат на нозе.
„Манах ел Барша, го познаваш ли овој човек?” пршав јас, покажувајќи на
Мубарек.
„Господ да те казни!” зашкрипе тој.
„Баруд ел Амасат, го познаваш ли?”
„Струполи се од мостот на смртта удолу во вечниот пекол!” извика тој
налутено.
Потоа се обратив и на чуварот на затворот:
„Ти си направил само еден прекршок, што си ги ослободил овие
затвореници. Казната на овие двајца ќе биде тешка; но твојата ќе биде можеби
многу полесна, доколку покажеш, дека не си никаков тврдоглав грешник. Кажи
ми ја вистината! Дали го познаваш овој човек?”
„Да, призна тој, откако се советуваше во себе неколку мига. Тој е стариот
Мубарек.”
„Дали го знаеш неговото вистинско име?”
„Не.”
„Дали се познаваат меѓусебно твоите двајца компањони?”
„Да. Манах ел Барша често пати бил кај него.”
„Требаше ли јас да бидам убиен во Мелник?”
„Да.”
„И денес беше донесен ист заклучок, Сакаа да ме убијат во затвор?” ─
„Тоа е точно.”
„А сега уште едно. Додека ти на Ибарек и на неговите луѓе им
покажуваше трикови со картите, другите двајца го ограбуваа?”
„Јас не, туку тоа беа другите.”
„Во ред! Ти притоа си исто соучесник како и тие, бидејќи со тоа
придонесе, кражбата да биде успешна. Доволно слушнав.”
И свртувајќи се кон Коџабашијата прашав: „Па, нели бев во право? Нели
крадците се во урнатините?”
„Ефенди, ти веќе си ги нашол, кога за нив зборуваше со мене.”
„Секако! Но дека јас ги најдов толку брзо, може да ти биде за доказ,
колку тоа би било лесно и за тебе да ја извршиш твојата обврска. Овие тројца
луѓе ќе бидат одведени во затвор и добро чувани. Утре рано наутро на
Махреџот веднаш ќе му испратиш извештај, со кој јас ќе приложам и мој
извештај. Потоа тој ќе одреди, што треба да се случи. Ибарек, погледни овде
доле на подов! Јас сум уверен, дека тоа се предметите што биле украдени од
кај тебе.”
Содржината од џебовите и појасите на тројцата затвореници од нас
беше оставена на купче. Ибарек целиот зрачеше од среќа, кога го виде
неговиот имот. Тој сакаше да ја земе, но тогаш Коџабашијата извика: „Застани!
Така брзо не може. Сите овие предмети ќе морам јас да ги земам со мене. При
водење на постапката тие ќе служат како доказен материјал на самиот претрес
и како патоказ за одмерување на казната.”
Мене ми беше позната навиката на овие луѓе. Кој знае дали Ибарек
некогаш ќе го добие повторно! Затоа јас одговорив место него: „Тоа не е
потребно. Јас личо ќе направам список на овие предмети и ќе ја проценам
нивната вредност. Овој список ќе послужи и како самите предмети.”
„Ефенди, ти не си никаков службеник!”
„Коџабаши, јас денес ти докажав, дека би бил подобар службеник,
отколку што си ти! Ако го одбиеш мојот предлог, на Махреџот ќе му напишам
многу поопширен извештај, отколку што може да ти биде мило. Значи подобро
молчи! Тоа е во твоја сопствена предност.”
Јас почувствував, дека Судијата сакаше да ми одврати со грубост, но
сепак се воздржа. Тоа би можело да се рече, дека би било само на негова
штета. Но тој сега имаше други барања: „Тогаш Ибарек може да ги задржи
неговите предмети, но сето останато, што тие го имале кај себе, јас ќе го земам
кај себе.”
Тој сакаше да се наведне, за да го земе кесето со пари и другите
предмети.
„Стој” реков јас. „Овие предмети се веќе конфискувани со признаница!”
„Од кого?”
„Од мене.”
„Имаш ли право на тоа?”
„Секако! и за нив ќе поднесам извештај, при што ти можеш да послужиш
како сведок, дека јас ништо не запленувам. Потоа и двете ќе ги испратам на
Махреџот ─ листата и предметите.”
„Сето тоа доаѓа во мои раце!”
„И ти исто ќе дојдеш до твоето право. Тебе ти ги преотстапувам коњите и
се што оди со нив, така ќе се исполни и твојата желба. Другото ми припаѓа
мене. Халеф, земи и стави сè кај тебе!”
Малиот Аџија беше така брз со неговите раце, што за три секунди сето
тоа се изгуби во неговиот појас.
„Крадци!” промрморе Мубарек.
Веднаш беше награден на лице место. Камшикот на Халеф му покажа
доволно јасен и чувствителен одговор.
Сега заробениците беа изведени низ урнатината надвор на ледината.
Таму стоеше љубопитниот народ, кој се стискаше накај нас, за да ги види
тројцата.
Ибарек раскажуваше со силен глас, дека тој среќно дошол до неговата
имовина. Тој беше полн со пофалби.
Сега полицајците ги зедоа четворицата разбојници во средина и почнаа
да се движат. Толпата ги следеше, разговарајќи за успешната авантура.
Враќањето се одвиваше многу погласно отколку настапувањето.
Исто и господата од старешините се приклучија на поворката. Јас
останав со Халеф. Тој ми даде некаков знак.
„Господару, јас имам уште пола факел”, рече тој. „Додуша тој е изгаснат,
но можеме повторно да го запалиме. Нема ли да ја разгледаме колибата на
стариот?”
„Да, најмалку што можеме да направиме е да пробаме и да ја
разгледаме.”
„Го имаш ли клучот сè уште? Јас видов дека го сокри, кога при судската
расправа му ги празнеше џебовите на подлецот.”
„ Сè уште е кај мене, но не знам дали е тоа клучот од колибата.”
„Секако дека ќе биде тој. Колку ли клучеви би требало да има стариот?”
Затоа почекавме додека се изгубија од вид другите, и тогаш ја
отворивме вратата. Со помош на едно шкорче од кибрит и едно парче хартија
факелот повторно го запаливме, а потоа влеговме внатре.
Како што беше веќе спомнато, трошното градбиче се потпираше на
ѕидините. Гледано однадвор, се чинеше дека тоа содржи само една
единствена мала просторија. Но кога се најдовме во внатрешноста, видовме,
дека поврзани едно со друга, лежеа повеќе соби. Внатрешните простории
спаѓаа кон старата тврдина, а колибата беше поставена на отворот на
префриган начин.
Предната соба беше скоро празна. Можеше да се забележи, дека таа
служеше само за тоа, да се примаат посетителите. Кога сакавме да влеземе во
втората собичка, јас забележав повеќе конци, кои водеа горе, доле и во
средина попречно преку влезот. Јас внимателно допрев еден со рачката на
мојот камшик, и во истиот миг одекна еден истрел. Мачки замјаукаа, едно куче
залаа, гаврани загракаа а можеа да се слушнат и други разни гласови.
„О Господе!” се насмеа Халеф. „Сигурно се наоѓаме во Ковчегот на
прататкото Ноe. Но, Господару, јас предлагам да не влегуваме понатаму.
Подобро е да почекаме, додека да се раздени.”
Јас се согласив со големо задоволство, иако верував во извонредните
познавања на стариот Мубарек, тогаш можеби неговите сепак би биле доволни,
па пронашол некаков ефикасен механизам за онеспособување на непознати
натрапници. Значи ние повторно заклучивме и го изгаснавме факелот.
Кога сакавме да тргнеме по патот за назад, кон нас притаено се
прикрадуваше една женска прилика. Нејзиното лице не го познавав. Но таа пак,
го грабна мојот кафтан и ги притисна нејзините усни на него, пред да можев да
ја спречам.
„Ефенди, при светлото на факелот можев да видам, дека тоа си ти,
морав уште еднаш да те видам и да ти се заблагодарам.”
Тоа беше треварката Небатја.
„Што бараш ти овде горе?” ја прашав јас неа. „Беше ли веќе тука, кога ги
зедовме затворениците?”
Не. Не е никаква радост, да видиш вакви несреќни луѓе. Но јас бев во
дворот на Коџабашијата, кога требаше да бидеш осуден. Ефенди, ти беше
храбар, но исто така си навлече еден лут непријател!”
„Кого? Мубарек?”
„Јас не мислам на него, иако и тој те мрази. јас мислам на
Коџабашијата.”
„Секако дека не е за верување, дека тој може да ми ја подари неговата
особена љубов, но како на непријател не треба да му се плашам.
„Сепак јас те молам, биди внимателен!”
„Дали тој е некој лош дух?”
„Да, Судијата е власт, но во тишина тој ги поддржува луѓето на жолтиот.”
„Ах, од каде знаеш пак ти?”
„Тој ноќе, често беше овде кај Мубарек.”
„Да не си се препознала?”
„Не, при светло на месечината јас јасно го видов и во темна ноќ го препознавам
по гласот.”
„Хм! Дали често си била овде горе?”
„Многу често, иако од Мубарек ми беше забрането. Јас ја обожавам
ноќта. Таа е пријателка на луѓето. Таа човекот го остава сам со неговиот Бог и
не дозволува , тој да биде спречен во молитвата. Исто така тука има билки, кои
треба да се берат само ноќе.”
„Навистина?”
„Да. Како што има билки, кои мирисаат само ноќе, така има и такви, кои
само ноќе се будат; но преку ден тие спијат. А овде горе има такви ноќни
пријателки, кај кои јас тогаш седам, за да зборувам со нив и го очекувам
нивниот одговор. Во последно време тоа ми беше отежнато. Но ти денес го
раскринка мојот непријател; тој е во затвор, а јас сега се качив веднаш, за
после полноќ да го најдам кралот.”
„Кралот? Дали е тоа некое растение?”
„Да. Ти не го знаеш ли тоа?”
„Не.”
„Тоа е крал, бидејќи ако умре тој, со него умира целиот народ.”
Овде пред мене имав еден своевиден женски карактер. Оваа жена
мораше со мака да се грижи за нејзиното семејство а сепак наоѓаше уште и
време, преку ноќ и со часови да комуницира со растенијата, да разговара со
нив и да ги слуша тајните на нивното постоење.
„Како се вика ова растение?” прашав јас љубопитно.
„Се вика Хаџ-и Маррјам─Крстот на Марија (Артичока или магарешки
трн). Каква штета, што не го занеш ти!”
„Јас го знам, но не знаев дека има крал.”
„Тоа го знаат само малкумина луѓе, а меѓу тие малкумина ретко е некој
така среќен, да најде крал. Хаџ-и Маррјам мора да се сака и неговиот вид точно
да се познава, дури тогаш може да се најде кралот. Народот расте на неплодни
места, по ридишта, карпести одрони и пусти удолници. Тоа секогаш стои во
круг, кој често е мал а често е и голем а точно во средината на тој круг стои
кралот.”
Тоа за мене беше ново. ,Крстот на Марија’, а растението расте и во
Германија а од народот наречено ,Мариенкројцдистел’. Колку чудно, што името
на висините на Ерц-Планините всушност изгледаат исто така како на
планината Бабуна и планината Плачковица во тогашна Турција! Небатја
продолжи понатаму со нејзината омилена работа. Овој трн е доста сув и
кршлив. Тој не е висок и има тенко стебленце. Но кралот е широк и секоја
година е поширок. Неговото стебленце е тенко како сечило на нож. Тоа може
да стане широко две дланки а горе носи една долга, тесна артишока-глава, на
чија темна основа е нацртана една цик-цак змија. Оваа змија свети во ноќта.
Ова растение сум го видела често пати а денес ќе го видам повторно. Ако
дистел-кралот расте понатаму, а сите негови поданици умираат. По
изминување по еден месец тие се исушени. Инаку тие можат да бидат доста
стари. Кралот, кој денес ќе го најдам, веројатно е стар околу десет години.”
„Но ако го скинеш него, ќе пропадне неговиот народ!”
„О, не! Израснат е еден нов, млад крал; тогаш стариот можеш да го
земеш. Тоа мора да се случи во недела по полна месечина, на светиот ден на
Христијаните, чија Небесна Кралица е Марија. На овој ден кралот свети
најубаво. Тој свети дури и кога пресечен и уште неколку ноќи. Тогаш тој ја има
неговата најголема сила. Денес е првата недела после новата месечина; затоа
јас ќе го пресечам кралот оваа ноќ. Ако имаш време, можеш да го видиш како
свети.”
„Јас ќе одам со тебе, бидејќи вакви тајни на природата многу ме
возбудуваат, но за жал морам да се симнам доле во град.„
„Тогаш кралот ќе ти го донесам утре навечер, тој и тогаш уште ќе свети.”
„Не знам дали сè уште ќе бидам во Струмица.”
„Ефенди, толку брзо ли сакаш да си одиш?”
„Да. Јас не дојдов овде, за да престојувам долго време, и моето време е
измерено штедливо. Сепак кажи: „Каква сила му се припишува на магарешкиот
трн?”
„Обичната ─ Хаџ-Маррјам ─ ,Мегарешкиот трн’, ја лечи болеста на
белите дробови, испиен како чај, во случај да не е застарена. Магарешкиот трн
има една материја, која ги убива многу малите бактерии, кои се наоѓаат во
белите дробови. За кралот се зборува, дека луѓето со оболени бели дробови
може да ги излечи дури и во гроб.”
„Дали тоа си го пробала?”
„Не. Но во тоа верувам, бидејќи создателот е семоќен и може, ако сака
тој, да им подари сила и на најмалите растенија.”
„Тогаш утре дојди кај мене и покажи ми го кралот, доколку сè уште сум
тука. Знаеш ли каде станувам?”
„Слушнав. Спиј спокојно, Ефенди!”
„Добра среќа со кралот, Небатја!”
Таа замина.
„Господару, веруваш ли во ‚кралот на магерешки трн’?” ме праша Халеф
продолжувајќи да чекори.
„Јас не се сомневам.”
„Сè уште не сум слушнал, дека растенијата имаат владетел!”
„Значи ти не веруваш. Сега, ако Небатја ми го донесе овој владетел на
Хаџ-Маррјам, ќе го видиш и ти.”
„Јас денес ниту претпоставував, дека кралот на магарешкиот трн
наскоро ќе му благодарам за мојот живот. Дека берачката на билки сега, овде
горе се наоѓаше поради него, би требало да ми биде и од голема предност.
Впрочем магарешкиот трн ─ кралот навистина е своевидно растение.
Престојував на Саксонските Ерц─планини измеѓу Шајбенбад и Шварценберг на
еден од сеча соголен врв, најдов народ’ на магарешки трн и таму останав цели
четири дена, за да го барам кралот.
Местото, врз кое се распослал магарешкиот трн, навистина образуваше
еден доста правилен круг. Јас го заобиколив неговиот опсег а потоа чекорев по
разни полупречници кон средината, но сепак без резултат. На крајот, бараниот
крал го најдов на една точка, покрај која често поминував, без да го видам,
бидејќи тој беше целосно заобиколен со едно жбунче од густ, сув хмељ. Тој
одговараше на описот на Небатја. Јас го пресеков и го чувам и денес. Кога
отприлика по четири месеци повторно дојдов во Аннаберг, и покрај тоа што
немав многу време, од љубопитност направив излет до местото што го најдов
кралот ─ поданиците беа исушени.
Овој доказ за вистинитоста на описот, секако дека го немав овде во
Струмица, но јас и верував на Небатја. Големиот Линнè раскажува со добро
познавање, дека најубавите наоди и посматрања, тој ги направил за време на
давање на знаци, кој ги добивал од едноставни луѓе. Дете од народот има
помилозлив поглед за тајните на природата, отколку од таканаречениот
повластен човек.

2. Повторно во бегство

Кога повторно се вративме во Струмица, отидовме право кај


Коџабашијата, кај кого го изготвив списокот со запленети предмети. Неговите
мали очи искреа, кога ја пребројувавме содржината на трите кеси со пари. Тој
повторно праша, дали испраќањето на парите ќе му го препуштам нему, а јас
пак го уверував, дека за тоа ќе се погрижам самиот. Наскоро требаше да се
покаже, дека правилно сум постапил што сум направил така. Тој вршеше
притисок на тоа, да ме налути во секој случај, за да се стави жиг на кесињата и
да се запечатат со неговиот печат. На тоа јас не се спротивставив ни за миг.
Потоа побарав да ми ги покажат фатените. Тие беа сместени во една
просторија во вид на подрум и беа врзани.
На Судијата му реков, дека тоа било непотребно измачување. Но тој
мислеше, дека со вакви криминалци не би можело да се постапува доволно
строго, и дека за време на ноќта пред вратата ќе има поставено еден
полицаец, како стражар. Тогаш јас бев уверен и се чувстував смирено за
сигурноста на затворениците и ниту не помислив, дека Судијата ги врзал само
за тоа што очекувал, дека јас би можел да дојдам за да проверам. Оттука јас
се упатив кон конакот, каде што ни беше понудена задоцнета вечера. Сите
седевме заедно во истата соба како и за ручекот. Беше доста весело, бидејќи
настаните на денот дадоа доволно материјал за размена на живописни
мислења. Така седејќи веќе одамна беше измината полноќ, кога се
разотидовме на ноќна починка.
Јас ја добив најдобрата соба, до која стасав преку едни скали. Бидејќи
беа подготвени две легла, со мене го повикав малиот Аџија. Знаев колку добро
на него делуваше ваквиот доказ на пријателство.
Мојот часовник покажуваше нешто повеќе од два часот, кога се
подготвивме да ја соблечеме облеката. Тогаш некој зачука доле, на веќе
затворената порта. Јас го отворив кепенецот и погледнав надвор. Некој стоеше
на парта, но кој беше тоа, не можев да го познаам.
„Ким дир ─ кој е таму?” прашав јас.
„Ох, тоа е твојот глас”, одврати еден женски глас.
„Нели е вистина, ти си странскиот Ефендија?”
„Да, а ти си берачката на билки?”
„Да, Ефенди. Симни се доле! Морам нешто да ти кажам.”
„Толку ли е нужно и итно?”
„Секако.”
„Ќе може ли повторно да одам на спиење?”
„Секако не толку брзо.”
„Почекај! Доаѓам.”
Една минута подоцна стоев со Халеф доле.
„Ефенди, знаеш ли ти што се случи ─ или застани, секако дека имаш
уште толку време: погледни го мојот крал Хаџ-Миррјам!”
Небатја ми го даде него во раце, еден боцкав магарешки трн од две
ширини на шака, но навистина толку тенок, колку сечиво на нож. Змијулестата
светлина во цик-цак горе, на долгиот тесен венец, можеше лесно да се
распознае, наспроти темницата. Додуша тој не светеше, но имаше еден
посебен сјај, скоро како фосфорно украсен.
„Сега ми веруваш?” праша таа.
„Јас не се сомневав на твоите зборови. Овде е многу темно; јас ќе те
посетам в’зори, за точно да го разгледам магарешкиот трн, при дневна
светлина. Но сега кажи, што сакаше да ми соопштиш!”
„Нешто многу лошо: затворениците се избегани.”
„Што? Навистина? Од каде го знаеш тоа ти?”
„Јас ги видов и дури ги слушнав што зборуваа”
„Па каде тоа?”
„Таму отспротива на ридот, кај колибата на Мубарек.”
„Господару!” скокна Халеф. Тогаш ние мораме уште веднаш да одиме,
горе на планина. Да ги застреламе, инаку нашите животи се во опасност.”
„Почекај.” Најпрво мораме да дознаеме сè. Кажи ни, Небатја, колкумина
беа тие?”
„Тројцата туѓинци, Мубарек и Коџабашијата.”
„Што, Коџабашијата бил со нив?” се зачудив јас.
„Тој лично ги пуштил надвор а за тоа од Мубарек добил пет илјади
пијастера.” ─ „Сигурна ли си во тоа?”
„Јас тоа јасно го слушнав”, ме уверуваше Небатја.
„Тогаш раскажи ни, но сето тоа во кратки црти! Не смееме да изгубиме
повеќе време ни миг.”
„Јас го скинав кралот-магарешкиот трн и сакав да поминам преку
чистинката. Тогаш видов како од градот доаѓаат четворица мажи. Јас не сакав
да ме видат па се сокрив во аголот, кој го образуваат колибата и ѕидината, на
која се спојуваат. Четворицата мажи сакаа да влезат во колибата, таа беше
заклучена. Тројцата од нив не ги познавав. Четвртиот беше Мубарек. Тие
зборуваа за тоа, дека Судијата ги ослободил и дека веднаш ќе дојде да си земе
пет илјади пијастера. Кога ќе го плателе, тие сакаа да си заминат, но на вас
мораат да се одмаздат. Едниот рече, во секој случај ти ќе си јавал за Радовиш
и Штип. Попатно требало да ве нападнат Алаџиите.”
„Кој се тие Алаџии?”
„Не знам. Потоа дојде Коџабашијата. Бидејќи никој немаше клуч, вратата
ја отворија со нозе. Тие запалија светло а горе над моето скривалиште се
отвори еден прозор. Од кепенците надвор излегуваа птици, лилјаци и други
животинки, што беше ги ослободил Мубарек. Бидејќи јас се исплашив, дотрчав
кај тебе колку што можев побрзо. Тоа сакав да го кажам.”
„Ти благодарам, Небатја.” Твојата награда ќе ја добиеш утре. Сега оди си
дома! Јас немам повеќе време.”
Потоа се вратив назад во куќата. Немаше потреба да будам никого. Тоа
што ме разбудија, беше сигурен знак дека нешто се случило. Значи сите се
разотишле. За нецели две минути сите бевме наоружани и тргнати: Халеф,
Оско, Омар и јас. Двајцата Анџии сакаа да дадат узбуна, но јас им забранив,
бидејќи бегалците ќе можеа да ја слушнат вревата а со тоа ќе беа опоменати.
Јас на анџиите им заповедав, во тишина да повикаат уште неколку храбри
мажи и со нив да ја заземат улицата која води за Радовиш. Така побегнатите,
во секој случај би морале да им паднат во раце, ако не ни успее нам,
претходно да ги направиме безопасни. Најпрво ние четворица побрзавме по
патеката која водеше нагоре, а теренот меѓу дрвјата беше послан со камења,
бидејќи водата од поројните дождови секогаш ги испирала меките делови од
земјата.
Тогаш ми се причини, како пред нас да слушнав еден остер, тенок машки
глас, како некој од страв да испушти едно високо, крато „Ј”. Потоа слушнав
еден тап звук, како некој да падна.
„Стојте” им шепнав на другите. „Пред нас има некој човек. Застанете и
бидете сосема мирни.”
Наскоро ни се приближија спори чекори. Тие беа нееднакви, бидејќи
човекот ја ставаше едната нога напред побавно од другата. Тој кривеше. Тој
можеби се повредил при паѓањето. Сега беше близу пред мене. Ноќта не беше
проѕирна, а овде помеѓу и под дрвата лежеше дури и дебала темница. Затоа
повеќе се потпирав на претчувството на очите да препознаат долга тенка
прилика, слична на онаа на Коџабашијата. Јас таа прилика ја зграбчив за
гради.
„Дур ве ссусс-Стој и молчи!” му заповедав со пригушен глас.
„Господи!” извика тој исплашено. „Кој си ти?”
„Зар не ме познаваш?”
„Ах, ти си туѓинецот, што сакаш ти овде?”
Можеби тој го слушна мојот глас, можеби подобро можеше да се
препознае мојата става отколку неговата ─ тој знаеше, кого има пред себе.
„А ти, кој си ти?” прашав јас. „Секако дека си Коџабашијата што ги
ослободи затворениците!”
„Машаллах-Господ на помош!” се издра тој гласно. „Тој знае!”
Тој изведе еден страничен скок, за да се ослободи. Јас додуша држев
цврсто, бидејќи, секако дека очекував дека ќе проба да избега, но неговиот
стар, трул кафтан не беше цврст како јас. Едно цепење, и јас во рака имав
само уште едно парче од материјалот, а човекот срипа под дрвјата, каде што
следењето би било бескорисно.Тој притоа од петни жили извика: „Хајде,
сса─уш кулибеден, чабук, чабук ─ бегајте, бегајте од колибата, веднаш, брзо!”
„О, Господару каков будала си ти!” се налути Халеф. Човекот веќе го
имаше за коса и повторно го пушти! Кога би го сторил јас тоа, тогаш ─”
„Тишина!” го прекинав јас него. „Сега немаме време да си префрламе.
Мораме брзо да стасаме кај колибана, бидејќи, според неговиот повик за
опомена, може да се претпостави, дека нашите противницисе сè уште се таму.”
Потоа оттаму надоле одекна еден прашален извик: „Ничин неје ─ зошто,
од која причина?”
„Јабанџилар, еџнебилер! Качин, кошин, ссичинин ─ Туѓинците,
туѓинците! Бегајте, трчајте, рипајте!” одговори од страна избеганиот.
„Сега ние се потрудивме да одиме со поголема брзина. Но сепак
нерамниот пат прилично не задржуваше. Успеавме да стасаме само неколку
чекори понатаму, тогаш горе нешто спукоте: видовме еден огнен одсај како се
издигна нагоре, потоа повторно стана темно.
„Господару, бир топ фишеклер иле ─ тоа беше топ со ракети!” мислеше
Халеф, додека збревташе позади мене. „О Господи, тамо дури и гори нешто.”
Сега помеѓу стеблата на шумата видовме пламени светла, а потоа кога
стасавме до празното место, колибата лежеше пред нас, гореше се повеќе и
повеќе.
„Таму тие доаѓаат! Ги гледате ли?” Стрелајте!”
Ние бевме осветлени од пламенот, што значеше дека бевме добра цел.
„Назад!” во исто време скокајќи назад позади првото стебло.
Другите во миг го следеа мојот пример, токму во вистински час, бидејќи
кон нас спраштеа три истрела, но не погодија ниту еден од нас. Уште при
скокањето, јас веќе го имав оружјето во раце. Светлото на истрелите ми го
откри местото каде што се наоѓаа арамиите. Јас притиснав ни секунда подоцна
од нив и погодив, бидејќи веднаш се издра еден глас: „Еј фалакет, бре ха!
Јараламишим ─ О несреќо, помош! Јас сум ранет!”
„Напред на нив!” извика храбриот мал Аџи Халеф Омар, додека изрипа
напред испред неговото стебло.
„Стој!” наредив јас, фаќајќи го за рака. „Можеби тие имаат две цевки!”
„Ако сака овие неранимајковци нека имаат стотина, јас ќе ги истепам
сите!” Тој се истргна од мене, ја завитла неговата пушка и рипна преку јасно
осветлената полјанка. Потоа нам не ни остана ништо повеќе, туку да го
следиме него. Беше опасно, но за среќата отспротива немаше двоцевка, а за
повторно полнење побегнатите исто така немаа ни време. Ние стасавме со
здрава кожа, од каде што паднаа истрелите; но тоа беше единствениот успех,
кој ни го донесе нашиот непромислен напад. Тука немаше никој повеќе.
„Господару, каде се тие? праша Халеф. „Имаш ли некаква појма за тоа?”
„Каде се тие? Не! Но како се тие, тоа точно го знам.”
„Па, како се?”
„Попаметни од нас, пред сè, попаметни од тебе.”
„Веќе сакаш повторно да ме прекоруваш.”
„Тоа го заслужуваш. Сигурно дека злочинците ќе ги фатевме, ако не
истрчаше ти.”
„Па тогаш на кој начин?”
„Доколку ние, прикриени од стеблата, се прикрадевме околу полјанката,
би можеле да дојдеме до нив.”
„Тие и тогаш би можеле да избегаат.”
„Тоа би било големо прашање. На отворен напад секако дека
четворицата ќе побегнеа. Но со прикриено прикрадување би имало резултат,
особено, ако еден од вас останеше назад и притоа испукаше неколку куршуми.
Тогаш тие би можеле да веруваат, дека ние сè уште сме таму.”
„Дали ти сега мислиш, дека веќе не можеме да ги фатиме?”
„Во секој случај луѓето сè уште се во близина, но барај ги во темница, да
те видам! Огнот ја осветлува само полјанката. И сè едно би било и да знаевме
каде се скриени, би морале да ги оставиме на мира. Тие би можеле да не
слушнат како доаѓаме, и што би следело, можеш самиот да си замислиш.”
„Да, тие би не пречекале со куршуми, а јас би дозволил да ми се рече,
дека таков куршум е во состојба, да ја спречи младоста во растењето. Но што
да правиме сега?”
„Да прислушкуваме!
„Оваа кратка размена на мислите се разбира беше водена тивко.
Можеше да се претпостави, четворицата мажи да не беа многу далеку од нас,
и ние не смеевме со невнимателен разговор да ги привлечеме на местото каде
што стоевме. Покрај тоа, ние се наместивме така, што стоевме во темница.
Така ние прислукувавме некое време, при што дури ни сметаше
пуцкетањето на запалената колиба. Но откако увото се навикна на тоа, јас
слушнав доста јасно, гласно викање. Исто и Оско наслушнал, бидејќи ме
праша:
„Ефенди, слушаш ли дека тие бегаат отспротива низ грмушките?”
„Да се заклучува според шумот, во најголем случај тие оттука се малку
повеќе од сто чекори, и претпоставувам, дека под дрвата нема никакви
грмушки, тогаш прстенот кој го формираат дрвата околу врвот, на ова место не
може да биде значаен. Тие го знаеле тоа, па затоа нивното бегство го насочиле
натаму.
„Како би можеле да го знаат тоа? Сепак овде и тие се туѓинци?”
„Манах ел Барша овде веќе често доаѓал, и Мубарек сепак е кај нив.”
Јас отидов накај колибата и истргнав една летва од покривот, која
висеше надоле горејќи. Бидејќи дрвото беше доста смоласто, тоа гореше како
факел. Со оваа светилка јас го следев правецот, за кој мислев дека се упатиле
побегнатите. Моите тројца придружници ми се приклучија, при што оружјето го
држеа подготвено за стрелба. Пуцкетањето на огинот ме правеше нервозен.
Ширината на теренот формирана од дрвјата овде не беше толку голема, како
што мислев. По кратко време веќе стасавме кај грмушките а го погледнавме и
местото, каде што бегалците направиле патека низ нив. Ние ја следевме неа и
во истиот миг стасавме на чистинката, кога мојот факел се угасна. Тука под нас
доле во ноќта одекна гласен коњски топот.
„Аллаха ،ссмарладик, ховардалар ─ со здраје вие никаквеци!” извика
еден силен глас кон нас нагоре. „О бир гин јанахакссинисс џехенеде ─ утре вие
ќе се печете во пеколот.”
„Тоа беше кажано доста јасно. Кога не би знаел, дека сега сакаат да не
начекаат во заседа, тогаш сега би погодил. Сепак овие луѓе не беа многу умни.
Мојот мал Аџија беше доста разлутен за оваа навреда. Тој ги стави
двете раце на уста и во ноќната темнина се издра од неговите бели дробови
колку што го држеше гласот: „Шејтана гидин ─ јавајте кај ѓаволот!” Неговата
лутина беше толку голема, што продолжи уште да вика: „А чиршислер,
хајдудлар, кајллар, кондакшилар, ипден касикдан куртулмуслар ─ вие
разбојници, вие убијци, вие паликуќи, вие дерикожи, вие ортоми за бесилки!”
Како одговор одекна гласно кикотење. Без здив од големиот напор,
Малиот праша:
„ Господару, нели фино им го спопикав? Нели дека јасно им кажав?”
„Да, толку фино, што тие те исмеаја, како што сигурно слушна и самиот.”
„Овие луѓе немаат никакво образование. Тие не знаат да се однесуваат.
Тие немаат поим од законот за учтивост и за правилата на добри обичаи. И
сопствениот непријател мора постојано да го обработуваш и да го победиш на
фин и добро одбран начин.”
„Да, ти сега тоа и го дакажа, драги Халефе. Пцовките што им ги упати
беа многу милосливи и поучни.”
„Тоа не бев јас, туку мојата лутина. Ако зборував јас самиот, тогаш ќе бев
љубезен. Сега тие си отидоа. Што ќе правиме сега?”
„Сега баш ништо. Сега повторно стоиме како пред нашето
пристигнување во Струмица. Нашите непријатели се пред нас. Тие се слободни
и сега се дури побројни за еден човек. Сега ловот може одново да почне, и кој
би знаел да каже, дали повторно ќе добиеме ваква добра прилика како овде.”
„Имаш право, Господару. Оној Коџабашија би требало да го обесиме на
бесилка!”
„Не само што тој ги ослободил затворениците, туку и коњите повторно им
ги дал.”
„Мислиш?”
„Се разбира! Па и ти самиот сепак слушна, дека тие имаа коњи? Тие
стоеја подготвени за нив”
„Судијата ќе лаже.”
„Неговите лаги нема да му помогнат. Од неговиот кафтан јас откинав
едно парче, а тоа е во мојот појас.”
„Но што сакаш да направиш со него? Имаш ли власт над него?”
„За жал немам.”
„Тогаш јас работата ќе ја земам во мои раце.”
„Никакво избрзување, Халеф!”
„Биди безгрижен, Господару! Нема да се избрзам, туку работата ќе ја
завршам во најголем мир и сосема спокојно. Сега не мора да одиме кај
колибата?”
„Да. Можеби таму има уште нешто за спасување.”
Нам не ни беше тешко, повторно да го најдаме патот, кој сега веќе го
знаевме. Станот на Мубарек морал да содржи многу запаливи материјали за
огинот, бидејќи пламените јазици се издигаа високо нагоре. Покрај тоа беа
дојдени луѓе, кои ги привлекол надалеку видливиот пожар. Кога ние излеговме
од под дрвјтата, од спротивната страна, каде што се спојуваше патот, трчајќи
пристигна и Коџабашијата. Кога не виде нас, заповедникот на Струмица ја
крена раката, покажа на нас и извика:
„Фатете ги! Држете ги цврсто! Тие се пироманите!”
Од овој безобралук бев повеќе зачуден отколку налутен. Едноставно
човекот поседуваше некаква зачудувачка бесрамност. Присутните пак, на кои
им беше веќе познато, како јас се однесував кон него, ни за миг не се побрзаа,
за да ја извршат неговата заповед.
„Дали вие слушнавте?” им се нафрли на неговите поданици. Вие треба
да ги фатите пироманите!”
Тогаш се случи нешто, што тој не можеше да го предвиди. Малиот
Халеф пристапи кон него и праша:
„Бис не јис, ссевгилим ─ Што сме ние драги мој?”
„Кондаксцхи ссинис ─ Вие сте пироманите”, уште тврдеше тој.
„Ти многу се лажеш Коџабаши. Ние сме нешто сосема друго. Ние сме
штавувачи на кожи, и за тоа ќе ти покажам практично, не цела кожа, туку само
делот за чија цврстина потоа ти ќе се радуваш, бидејќи ќе го користиш за
седење. Оско, Омар дојдете ваму!”
Двајцата именувани не дозволија да им се кажува по втор пат. Додуша,
најпрво тие фрлија прашални погледи кон мене, за да се уверат, како јас ќе
реагирам кон намерата на малиот кавгаџија. Бидејќи јас не кажав ни не, ниту
пак да, туку се држев неутрален, тие веднаш го зграпчија стариот клатиглава и
го фрлија на земја.
Тој забележа што требаше да се случи и испушти еден уплашен врисок.
„Господи, Господи”, се тресеше тој од страв. „Што сакате да правите?
Сакате да згрешите на господовиот и човечкиот Старешина? Господ да ве
сотре, а Султанот ќе ве пикне во сите негови зандани. Ќе ви бидат отсечени
главите а вашите тела ќе бидат обесени на портите во сите градови и села.”
„Молчи идиоту” заповеда Халеф. „Пророкот им заповедал на неговите
верници, трпеливо да ја прифатат секоја судбина, бидејќи така стои запишано
во книгата на животот. Вчера во неа прочитав, дека ти треба да добиеш удари,
а бидејќи јас сум верен приврзаник на Пророкот, ќе се потрудам за тоа, оваа
голема среќа да ти се исполни. Легнете го на стомак, ако тој воопшто има такво
нешто, и држете го цврсто!”
Оско и Омар ова упатство го спроведоа. Додуша, Коџабашијата ја
користеше сета сила , да се спротивстави на неговата судбина; но двајцата
силни мажи беа посилни од него, па така неговиот отпор му користеше колку и
неговото понатамошно врескање.
Со задоволство признавам, дека работата лично не ми одговараше. Да
се дели ќотек не е привлечно: исто така ние овде бевме труѓинци и не можевме
да знаеме, како би се однесувале тукашните присутни жители. Тие беа во
поголем број, а тука придоаѓаа и уште повеќе. Но овој нечесен старешина, кон
нас се однесуваше многу непријателски. Неговото делување беше
противзаконско, а сега дури и неговата оптужба, дека ние сме биле
пироманите, беше така дрска оптужба, што немаше да му наштети една мала
опомена. Можеби ударите ќе делуваат на тоа така, што во иднина, ќе биде
подобар толкувач на параграфите од законот.
Што се однесуваше до луѓето, кои љубопитно се стискаа и направија круг
околу нас, јас и тогаш не се исплашив. Најверојатно Судијата немал ни еден
пријател, кој би сакал да се жртвува за него. Значи, тој беше легнат во
бараната положба. Оско го држеше цврсто за рамената доле, а Омар клечеше
притискајќи му ги неговите нозе. Потоа, кога малиот Халеф го извлече
камшикот од неговиот појас, сепак се слушна еден глас: „Дали сакате да
дозволите да биде тепан нашиот старешина? Одбранете го Коџабашијата!”
Од некои истомисленици, кои се притискаа кон говорникот се слушна
заканувачко мрморење. Тие се приближија поблиску. Јас зачекорив полека кон
оваа група, го удрив на земја кундакот од пушката за мечки, ги прекрстив
рацете врз отворите на цевките и без да кажам ниеден збор, ги погледнав во
лицата. Тие се повлекоа назад.
„Чок еји, чок догхру, вурун ону ─ Така е право, така е правилно, тепајте
го, тепајте го!” извикаа кон нас повеќе пријателски гласови.
Халеф превише љубезно мафташе кон страната, од каде што одекнаа
овие гласови, и го започна неговото смирувачко дело. На тоа тој се посвети со
смирувачка сесрдност. Кога камшикот повторно го забоде во неговиот појас, на
казнетиот му го предложи следниот добар совет:
„Сега те молам, следните денови да не седнуваш на ништо тврдо. Тоа би
можело да попречи на сјајот на твоите очи, убавината на твоето лице,
рамнодушноста на твоите црти и свеченоста на твојот говор. Ти не смееш да
му пречиш на делувањето на нашето племенито дело а потоа туѓинците ќе ги
благословуваш од твојата сегашна младост до доцната старост, чија појава за
тебе станала толку милозлива. Се надеваме, дека денешниот ден ќе го
прославуваш секоја година со пригодно славење, и во исто време, за тебе
славењето ќе биде со особена привлечност. Стани и дај ми еден бакнеж за
благодарност, што ми припаѓа мене!”
На овој говор, одржан со висока сериозност, одекна една громогласна
смеа.
Ослободен од Оско и Омар, Коџабашијата сега стана полека и обете
раце ги стави на телото, на, од Халеф отпорано спомнатиот дел. Кога малиот
му се приближи, тој налутено му се развика: „Кучкин сину! Што направи! Ти ја
соголи снагата на Старешината. Ќе наредам, тебе и твоите да ве врзат со
ортома ─”
„Немој да се лутиш” го прекина малиот. „Ако ти го нарекуваш тоа
скрнавење, кога доби само дваесет удари, тогаш уште веднаш ќе ја поправам
грешката. Легнете го уште еднаш!”
„Не, не!” се издра загрозениот. „Си одам, си одам!” извика тој, додека пак
јас го повлеков назад во кругот. „За вас јас ништо повеќе не сакам да знам.
Доста ми е од вас!”
„Тоа е многу веројтано, но јас сакам од тебе да знам и затоа ќе останеш
уште неколку мига. Стави ги твоите раце таму назад! Ништо не смета, тие да
стојат таму, кога се разговара со Ефендија.”
Тој проба да ја изврши оваа наредба, но му беше прилично тешко, па тој
ја менуваше, носејќи ја назад те десната, а наскоро левата рака.
„Ти значи нас не нарече пиромани. Која беше причината за тоа?” го
прашав јас сериозно.
Ова распрашување на стариот му предизвика видлива непријатност. Ако
останеше на неговото тврдење, тогаш ударите можеа лесно да се повторат. Но
ако се негираше себеси, тој тука ќе испаднеше лажго. Значи тој додека десната
рака ја имаше на колкот, се чешкаше со левата рака по голото теме, и
внимателно одговори: „Јас така помислив.”
„И зошто мислеше така? Еден Коџабашија мора да знае да ја објасни
секоја мисла.”
„Затоа што овде вие веќе бевте пред нас. Ние го видовме пожарот и
побрзавме наваму. Кога пристигнавме овде, и вие веќе бевте тука. Дали не е
тоа никаква причина за сомневање?”
„Не, бидејќи исто и ние можевме да побрзаме наваму како и вие, бидејќи
видовме како гори. Но сети се! Дали навистина бевме овде пред тебе?”
„Секако! Па вие ме видовте кога доаѓав овде.”
„А јас пак мислам, дека ти беше тука пред нас.”
„Не е возможно!”
„О Секако! Ние те видовме како доаѓаш одовде и те познавме.”
„Ефенди, се лажеш. Јас бев дома и спиев. Тогаш јас се разбудив од
големите викотници. Јас станав, погледнав низ прозорецот и го видов пожарот
на ридов и побрзав наваму, како старешина јас сум обврзан на тоа.”
„Дали ти како старешина си обврзан и за тоа, да ги опоменуваш и
избеганите разбојници?”
„Јас ништо не те разбирам, Ефенди.”
„Немој да лажеш! Каде се четворицата затвореници, кои ти беа доверени?”
„Се разбира во затворот.”
„Дали се добро чувани?”
„Двојно. Едниот полицаец стои пред врата а другиот пред куќата.”
„Па тогаш овој што има да бара овде горе?”
„Човекот, кој пред тоа се застапуваше за Коџабашијата, стоеше во
близина. Јас веднаш во него го познав полицаецот на коого му беше доверено
чувањето на затворениците, и го довлечкав напред меѓу останатите.
Службеникот изигруваше налутен.
„Што има ти тука да стоиш?” му привика на полицаецот. „Веднаш да си
отишол на твоето стражарско место!”
„Остави го!” реков јас. „Нема ништо повеќе што да се чува.
Затворениците се ослободени.”
„Ослободени?” се преправаше, како божем да е исплашен.
„Немој да се преправаш! Ти сепак подобро знаеш отколку јас. Ти самиот
си ги ослободил, и за тоа од Мубарек си добил поприлична сума пари.”
Сега Судијата во исто време ги испружи двете раце. Тој ги плесна и се
издра:
„Што зборуваш? Со што ме оптужуваш ти? Кој си ти да се осудиш, да
жигосуваш еден Коџабашија како престапник? Сум примил пари? Сум ги
ослободил затворениците? Јас ќе те затворам и со цела строгост на законот ќе
водам процес против тебе ─ не, не, бегај, остави ме!”
Овие последни зборови важеа за Халеф, кој го зграпчи за рака и,
подигајќи го камшикот, праша заканувачки: „Треба ли да ти ги штавам и другите
делови? Сè уште ли не знаеш, дека ние не дозволуваме со нас да се разговара
на овој начин? Ако кажеш само уште еден, единствен збор, кој нема да биде по
волја на моево уво, мојот камшик ќе се истури врз тебе, како град кога удира
врз покрив.”
Јас се завртев кон луѓето и им раскажав, што дознав од Небатја, но без
да го спомнам нејзиното име. На тоа додадов, дека потоа не сретна и
Коџабашијата кој ги опоменал разбојниците.
Тогаш истапи напред еден човек, во кого познав еден поротник на Судот,
и изјави: „Ефенди, тоа што ни го раскажуваш, не ми е за верување. Ние треба
многу да ви бидеме благодарни, бидејќи го откривте најголемото разбојништво,
што го имало до сега во ова место. Доколку затворениците навистина се
побегнати, со наводниот Мубарек и неговите компањони, тогаш би требало, тој
што им помогнал во тоа, да биде најстрого казнет. Јас денес те видов и
слушнав; верувам, дека ти ништо не кажуваш, без пред тоа убаво да
размислиш. Ти мора да имаш особена причина, да го, обвиниш Коџабашијата.
Бидејќи и јас сум Државен обвинител, значи најглавен после него, јас сум
обврзан, да стапам на неговото место, кога е тој недостоен за неговата служба.
Сега ти мораш да ми се обратиш мене.”
Се чинеше дека човекот добро размислува, иако јас не верував во некоја
негова голема одлучност. Без многу да се размислувам изјавив: „Ме радува, да
видам човек во тебе, на кој на срце му лежи доброто на граѓаните, и се
надевам, дека постапката ќе ја водиш без страв и без заземање страна.”
„Тоа ќе го сторам, но мораш да ми ја докажеш вистината на ова
обвинение.”
„Секако!”
„Значи ти ќе ми кажеш, од каде знаеш, дека Коџабашијата бил овде горе
со избеганите и дека од Мубарек добил пари.”
„Зошто да не?”
„Јас несакам да му наштетам на лицето, што слушнало и видело сè.”
„Тоа нема да има никаква штета.”
„Дозволи, јас да се сомневам во тоа. Ти си еден добар човек, но не се
сите службеници како тебе. Јас добро ве познавам. Кога ќе си отидам, овој
добар Коџабашија повторно ќе службува и управува како му е волја. Тоа лице,
од кое јас разбрав сè, лошо ќе помине. Затоа подобро е да не го спомнувам
неговото име.”
„Но тогаш ти не можеш да го докажеш твоето обвинување!”
„О, напротив! Парите, што ги добил Коџабашијата, треба да ги најдеме
кај него или во неговата куќа, а дека тој беше овде горе и мене ми се истргна, и
тоа лесно ќе се докаже, бидејќи тој во мојата рака остави едно парче од
неговиот кафтан.”
„Тоа не е вистина!” извика обвинетиот. „Погледни овде! Недостасува ли
некое парче?”
Тој со двете раце покажа на местото, каде што јас претходно го зграбчив.
Кафтанот беше нов и неоштетен.
„Гледаш ли дека си се измамил”, мислеше Државниот обвинител.
„Ти се шегуваш одвратив јас смеејќи се. „Ако ја проценувам твојата
остроумност, тогаш сум убеден, дека ти самиот виде, како Коџабашијата сега
се издаде самиот.”
„Се издал?”
„Да. Тој сака да биде Заповедник на Струмица а сепак прави глупости
како почетник во криминалот. „Виде ли, на каде покажа со раката, кога ни
покажуваше на кафтанот?”
„Да, секако! На горното рамо, таму лево.”
„Но дали јас ви кажав, од кое место го скинав парчето?”
„Не, Ефенди.”
„Па точно од местото, каде што покажа Судијата. Од каде го знаеш тоа?”
Застапникот на законот ме погледна со неверување и праша:
„Ефенди, да не си ти Командант на полиција?”
„Зошто прашуваш така?”
„Бидејќи само висок службеник може да има така високи мисли.”
„Тука се лажеш. Јас не живеам во земјата на Султанот, туку во
Алеманија (Германија), чии граѓани се однесуваат толку строго, што секое дете
би ја забележало и би ја сватило невнимателноста на Коџабашијата.”
„Тогаш Господ повеќе ја дарувал со разум вашата област отколку
нашата.”
„Но ти секако увиде, дека сум во право?”
„Да, бидејќи Коџабашијата покажа на тоа место, би морал да знае, дека
таму е оштетен кафтанот. Што велиш на тоа ти, Коџабаши?”
„Не кажувам ништо”, се намурти запрашаниот. „Јас сум превише горд, за
подолго да разговарам со човек, како што е овој Алеман.”
„Но твоето држење во никој случај не е гордо. Зошто ти се рацете на
задник?” се насмејав јас.
„Молчи, се издра тој налутено на мене. „Тебе ќе те снајде голема
несреќа, и ти сè уште, после долги години ќе размислуваш на последиците на
твојата лажна оптужба. Не гледаш ли дека мојот кафтан не е искинат?”
„Секако. но исто така гледам јас, дека тоа е друг кафтан. Тој што го
носеше претходно на себе, беше постар од овој.”
„Јас го имам само овој единствен кафтан.”
„Ќе видиме.”
„Да, Коџабашијата го има само овој кафтан”, се замеша полицаецот.
„Ти смееш да зборуваш, само ако бидеш прашан”, го поучив јас. И
осврнувајќи се на Државниот обвинител, продолжив: „Знаеш ли можеби ти,
колку кафтана има Коџабашијата?”
„Не, Ефенди. Кој се грижи за облеката на некој друг?”
„Но ти секако знаеш, каде ги одведе коњите на тројцата разбојници? Јас
му ги препуштив нему.”
„Во неговата штала.”
„Има ли тој сопствени коњи?”
„Четири. Тој обично ги чува во оградата, за да се наоѓаат на отворено.”
„Каква боја имаат тие?”
„Тие се црни, бидејќи тој ги сака вранците. Нели е така, Коџабаши?”
„Што ги интересираат овие туѓинци моите коњи?” одврати запрашаниот.
„Многу, ти секако дека го знаеш тоа”, објаснив јас. „На избеганите им
помогна со коњи, а бидејќи тие имаат причина, да ги заменат боите на нивните
досегашни коњи, ти си им дал други. За тебе ќе биде многу добро, доколку сега
ги најдеме сите коњи на твојот имот. Овде нема ништо за спасување. Колибата
е запалена, и за кратко време ќе се стемни. Мубарек бил толку паметен, што
колибата ја запалил пред неговото заминување, инаку ние во неа ќе најдевме
многу докази за направените злодела. Тој дури имаше складирано и барут, за
да ја запали, или лесно да ја дигне во воздух. Лудост беше од Коџабашијата да
тврди, дека ние сме ја запалиле. Впрочем нам ни одговараше, да ја затечеме
неоштетена. Сега да отидеме до станот на Судијата, за да ви докажам, дека
затворениците веќе се избегани.”
Кога се подготвувавме за поаѓање, го видов Аџијата како набрзина срипа
од местото а веднаш потоа од патот одекна неговиот заканувачки глас: „Стој,
застани, инаку ножот ќе ти го забодам меѓу ребра!”
„Остави ме!” извика еден друг глас. „Што имам јас работа со тебе?”
„Баш ништо, но напротив јас со тебе имам многу повеќе работа. Ти си
заробен.”
„Охо!”
„Да, и ако не се повинуеш, тогаш овде имам еден камшик, кој многу
лесно може да го запознае еден полицаец, откако го искуси неговиот
наредбодавач.”
„Аха, полицаецот сакал да побрза, за да стаса пред нас во станот на
Коџабашијата, секако да го опомене и да го подготви неговото семејство. Тој,
како и неговиот господар, беше ставен во средина меѓу нас.
И по трети пат надоле се придвижи една посебна поворка. Некои мажи
носеа запалени гламји, за да го осветлат патот. Сите жители на градот беа
будни, а кога пристигнавме во дворот, беше полн исто колку и вечерта.

You might also like