You are on page 1of 32

Универзитет „Св.

Кирил и Методиј“ во Скопје


Факултет за драмски уметности

Семинарски труд
по предметната програма
Продукција 7а/б

Истражување за дипломски труд


„Зависноста на независниот театар - Услови за работа, можности за
финансирање и потреби на вонинституционалната театарска
продукција во Северна Македонија“

предметни наставници: изработил:


Игор Вецовски Петар Антевски
Дејан Илиев Продукција, инд. бр. 789

Скопје
јануари 2021
1. Вовед - За истражувањето и вонинституционалниот театар
2. Методологија на истражувањето
3. Резултати од истражувањето
4. Заклучоци од истражувањето
5. Анекс - Преглед на истражувачки инструменти
6. Користена литература

1
1. Вовед - За истражувањето и вонинституционалниот театар

Македонскиот театар низ својата мала историја бележи различни форми на


организација и продукција на театарски претстави. Од патувачките трупи,
училишните театри, партизанските театри, па се до својата институционализација
со официјалното основање на Народен театар - Битола во ноември 1944 и
Македонскиот народен театар во април 1945 година. Формите на организација на
театарската уметност се директно врзани со нивниот историски контекст. Нивниот
животен век е резултат на општествените текови, политички влијанија, услови и
уметничките потреби да тој се создава. Но, едно е сигурно, а тоа е дека театарското
организирање надвор од државните институции, какво име и да му ставиме,
успева да ги преживее сите општествени влијанија.

Меѓутоа, денес доминантна улога има токму институционалната форма на


организирање на театарската уметност. Неговото формирање се должи на
идеологијата на национализмот на XIX век, од потребата да се создава театар што
ќе го поттикнува националното самочувство, а кој што државата ќе го финансира.
(Клаиќ, 2020:15) Ваквото тврдење го потврдува и зародишот на македонскиот
институционален театар чие дејствување денес е под покровителство на
Министерството за култура како надлежен државен орган за продукцијата,
заштитата и развојот на уметноста. Ваквиот систем на уметничка, поконкретно
театарска продукција, не бележи значителни промени од почетокот на своето
постоење, моделот на ансамбл и понтаму опстојува како „соодветно“ решение за
театарската продукција без притоа да се ревидира неговото постоење во денешен
контекст.

Наспроти оваа доминантна форма на организирање на театарот или


институционалниот театар постои неговиот не толку среќен пандан, театарот кој
се создава надвор од институционалните театри кои се вкупно 151 во Република
Северна Македонија (6 во главниот град, останатите низ поголемите градови во
државата). Колоквијално, театарот кој се создава надвор од институциите

1
Министерство за култура, Регистар на национални установи

2
срамежливо ги носи прекарите „алтернативен“, „независен“, па дури и
„експериментален“. Но, дали вистински тие театарски продукции се
алтернативни, независни, па дури и експериментални за да се користи таа
номенклатура при нивното условување? И дали барем две од тие титули,
алтернативен и експериментален, се ексклузивно врзани за
вонинституционалната театарска продукција? Проблемот да се дефинира со еден
збор театарската продукција која се создава надвор од државните театри директно
влијае врз неговото признавање и уважување како легитимна театарска форма. А
што подоцна се одразува на условите во кои се развива и создава, и конечно на
квалитетот на самата продукција. Оттука, терминот „вонинституционален“ во
денешниот контекст доаѓа како најсоодветен и во себе ги содржи сите форми на
театар кои се продуцираат од страна на физички и правни лица кои немаат статус
на национална установа, а согласно Законот за култура тоа се регистрираните
самостојни уметници, други физички лица, претпријатија и трговски друштва,
здруженија и фондации.

Во последните години се бележи раст на бројот на вонинституционалните


театарски продукции, во различни организациски форми, со што може да се каже
дека постои сериозен интерес од театарските работници за продукција на театар
надвор од националните установи. Дополнително, ја оправдува потребата да
театарските уметници и работници слободно ја избираат формата во која ќе
дејствуваат што е од исклучителна важност за заштита на слободниот уметнички
израз. Меѓутоа, колку и да е позитивно зголемувањето на бројот на
вонинституционалните продукции, нивното појавување отвора низа прашања и
проблеми врзани за условите кои им се овозможуваат за непречено творење.
Оттука, главната хипотеза на истражувањето е дека театарската продукција во
Северна Македонија која се создава надвор од државните институции повеќе се
соочува со предизвици и проблеми отколку со можности и соодветни услови за
развој и продукција. Поставувањето на оваа хипотеза доаѓа од потребата за
евалуација на статус квото, односно позицијата во која се наоѓа
вонинституционалната театарска продукција во државата, како и немањето на
соодветни истражувања кои се релевантни за темата и кои овозможуваат преглед

3
на предизвиците со кои се соочуваат овој тип на продукции за нивно евентуално и
конечно надминување. Следствено на главната хипотеза, како помошни хипотези
во рамки на истражувањето се поставува следново:
- Вонинституционалниот театар во Република Северна Македонија зависи од
условите и можностите кои ги воспоставуваат државните (културни)
политики;
- Во Република Северна Македонија нема соодветни услови за работа и развој
на вонинституционалната театарска продукција;
- Министерството за култура несоодветно ја финансира и стимулира
воинституционалната театарска продукција;
- Културните политики кои се однесуваат на начинот на кој се организира,
спроведува и продуцира театарската уметност треба да соодветствуваат и на
потребите на вонинституционалната театарска продукција;
- Потребно е да се работи на привлекување поголем број на публика на
вонинституционалната тетарска продукција.

Предмет на истражувањето се околностите од кои зависи развојот,


продукцијата и поддршката на вонинституционалната театарска продукција во
Република Северна Македонија. Покрај политиките кои ги спроведува државата
во однос на финансирањето на театарската продукција, во рамки на
истражувањето ќе бидат земени предвид користењето на други можности за
финансирање, условите за работа на вонинституционалните театарски продукции,
нивната позиција во однос на институционалните театри, комуникацијата со
публика и со какви предизвици се соочува една театарска продукција кога треба да
почне од нула.

2. Методологија на истражувањето

Главната цел на истражувањето е утврдување на предизвиците со кои се


соочува вонинституционалниот театар во Република Северна Македонија и кои се
реалните потреби кои треба да се задоволат за понатамошен непречен развој на
оваа форма на организирање на театарската уметност. Наодите од истражувањето,

4
заклучоците и целата негова содржина се стремат кон систематизирање на
основните информации за позицијата на вонинституционалната театарска
продукција во Република Северна Македонија, како и кон подигнување на свеста
кај засегнатите страни за развој на овој тип на театар. Истражувањето беше
спроведено во периодот декември 2020 - јануари 2021 година.

Во рамки на истражувањето беше користена квантитативна методологија за


да се утврди бројот на театарски проекти кои се финансиски поддржани од страна
на Министерството за култура во последните 3 години, како и да ја анализира
разликата во финансирањето на институционалните театарски продукции
наспроти вонинституционалните. Односно, до која мера Министерството за
култура ја поддржува вонинституционалната театарска продукција и дали
подеднакво ја третира продукцијата на театарска уметност. За добивање на
резултатите беше испратено Барање за пристап до информации од јавен карактер
до Министерството за култура со кое беа побарани „Резултатите од годишните
конкурси за проекти од национален интерес во културата во 2020, 2019 и 2018
година за драмска дејност, и за национални установи и за други корисници“.

Покрај квантитативната методологија како дел од истражувањето беа


спроведени 8 длабински интервјуа со 8 театарски професионалци од доменот на
вонинституционалната театарска продукција. Репрезентативниот примерок се
состоеше од два продуценти, три режисер(к)и и три актер(к)и кои имаат повеќе од
5 годишно работно искуство и биле активни во последните три години. Во рамки
на својата работа учествувале во продукција на театарски проекти како дел од
неформална театарска трупа или пак како дел од продукцијата на правни лица,
односно здруженија чија дејност е реализација на театарски проекти. Бројот на
испитаници беше определен согласно бројот на луѓе кои ги исполнуваат
горенаведените услови.

Целта на интервјуата беше подетално да се истражат ставовите на


театарските професионалци во однос на предизвиците со кои се соочува
вонинституционалната театарска продукција во Република Северна Македонија.

5
Одговорите добиени преку интервјуата овозможуваат подетална анализа за
тековната ситуација, како и информации околу ставовите за начинот на кој
вонинституционалната театарска продукција треба да се развива. Интервјуто
содржеше 12 отворени прашања подделени во 5 поткатегории кои се однесуваат на
различни аспекти од театарската продукција. Започнувајќи од општествениот
контекст, односно целта на театарот кој денес (и во иднина ќе) се создава, условите
за работа, можностите за финансирање и нивното користење, како и потребите на
вонинституционалните театарски продукции и комуникацијата со публиката.

Соговорници во рамки на интервјуата беа: Русе Арсов (продуцент), Филип


Николовски (продуцент), Нела Витошевиќ (режисер), Билјана Радиноска
(режисер), Јане Спасиќ (режисер), Наталија Теодосиева (актерка), Симона
Спировска (актерка) и Ивица Димитријевиќ (актер).

Како дополнување на квалитативната анализа, во рамки на истражувањето


беше изработена студијата на случај „Да се почне од нула“ која ја анализира
реализацијата на претставата „Иднината е приватна“ (2020) во продукција на
Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“. Студијата на
случај го анализира процесот на создавање на претставата „Иднината е приватна“
насочувајќи се кон тоа што значи да се започнува од нула за една
вонинституционална театарска продукција. Анализата се фокусира на
предизвиците и проблемите со кои се соочуваше продукцијата почнувајќи да
работи со буџет од 0 денари. Во рамки на студијата се објаснети начините на
финансирање, начинот на остварени соработки, донациите и спонзорствата како и
потенцијални решенија кои би можеле да ја олеснат понатамошната работа на
ваквиот тип на театарски продукции.

6
3. Резултати од истражувањето
3.1. Преглед на резултатите од Конкурсот за проекти од
национален интерес

Првиот дел од истражувањето се однесуваше на квантитативните податоци


добиени од страна на Министерството за култура согласно Барањето за пристап до
информации од јавен карактер. Информациите кои беа добиени од страна на
Министерството ги содржеа резултатите од годишните конкурси за проекти од
национален интерес во 2018, 2019 и 2020 година. Податоците првично беа
систематизирани по години (2018, 2019 и 2020), а втората поделба се однесуваше
на типот на театарска организација, односно национални установи и
вонинституционални театри. Во рамки на истражувањето беше забележано дека
податоците за 2020 година не се целосно достапни што ја оневозможува во целост
анализата. Висината на средствата доделени на националните установи, како и
одобрените проекти не се достапни што укажува на сериозен прекршок во однос
на транспарентното работење и отчетноста на Министерството за култура.

Со цел да се идентификува соодносот помеѓу побараните и добиените


средства, во рамки на анализата беа внесени вкупната сума на побарани средства
од страна на националните установи и вонинституционалните театри, како и
вкупните суми на доделени средства. Од добиените податоци може да се забележи
дека во 2018та година од вкупно побарани средства во рамки на националните
установи, на истите им биле одобрени 60.35% од побараните средства, додека пак
на вонинституционалните театри им се одобрени само 34.65% од побараните
средства. Слична ситуација се случува и наредната година, во 2019, каде на
националните установи им се одобрени 61.04% од побараните средства, додека на
воинституционалните театри им се одобрени само 31.22% од побараните средства.
Може да се забележи огромна разлика во начинот на кој Министерството за
култура ја третира театарската продукција во зависност од апликантот, самите
проценти покажуваат дека проектите кои се аплицирани од страна на
вонинституционалните театри скоро и да не добиваат повеќе од 30% од
побараните средства за реализација на театарските проекти, како и нееднаков

7
третман во однос на националните установи. Визуелен приказ на разликата во
побараните и доделените суми за реализација на театарски проекти може да се
видат на следните два графикони, 1 и 2.

Графикон 1. Сооднос на вкупно побарани и одобрени средства (МКД) во 2018

Графикон 2. Сооднос на вкупно побарани и одобрени средства (МКД) во 2019

8
Согласно соодносот на вкупно побараните и добиените средства, процентот
на просечната доделена сума останува ист како горенаведените податоци. Во 2018,
просечната сума на побарани средства за еден проект во национална установа
достигнува 1,698,471.85 денари, додека просечната сума на одобрени средства за
еден проект во национална установа изнесува 1,008,730.16 денари. Во меѓувреме,
податоците во рамки на вонинституционалната продукција се далеку од сјајни. Во
истата година, просечната сума на побарани средства за еден проект во
вонинституционален театар изнесува 805,656.00 денари, додека одобрената сума
на средства опаѓа на 279,166.67 денари. Слична ситуација се повторува и во 2019
година кога просечната сума на побарани средства за проект во национална
установа изнесува 1,799,142.56 денари, а пак просечната одобрена сума е
1,074,074.07 денари. За вонинституционалната театарска продукција, истата таа
година, просечната побарана сума за проект изнесувала 900,409.59 денари, која
иако е поголема за скоро 100.000 денари од просечната побарана сума во 2018,
просечната одобрена сума за проект е приближно еднаква на својот пандан од
2018. Па така, просечната одобрена сума за проект од вонинституционална
продукција во 2019 изнесува 281,111.11 денари. На следниот графикон, бр.3,
визуелно се прикажани просечни побарани и добиени суми за 2018 и 2019 година.

Графикон 3. Просечни суми на побарани и одобрени средства (МКД) во 2018/19

9
Во поглед на подеталната распределба на средствата податоците
покажуваат дека во 2018та биле поддржани 93 театарски претстави од кои 63 во
рамки на националните установи, а останатите 30 во рамки на
вонинституционалните продукции. Овие проекти биле реализирани од страна на
42 различни ентитети, односно 14 национални театри и 28 вонинституционални
театарски продукции меѓу кои се наоѓаат здруженија, трговски друштва и
физички лица. Во 2019 година бројот на поддржани проекти се намалил на 83, од
кои 56 се проекти поддржани во националните установи, а останатите 27 во рамки
на вонинституционалната театарска продукција. Финансиска поддршка за овие
проекти биле дадени на вкупно 50 различни ентитети, од кои 15 се националните
театри, а останатите 35 на вонинституционални продукции. Може да се забележи
дека бројот на проекти во рамки на вонинституционалната продукција е скоро
идентичен во 2018 и 2019, а пак во 2020 година се зголемил на 52 поддржани
проекти во рамки на 48 вонинституционални театарска продукции.

Кога станува збор за подетални суми кои се побарани за поединечни


проекти од Министерството и доделени во рамки на Конкурсот за проекти од
национален интерес може да се види значителна разлика и во побараните и во
одобрените средства, особено што е многу мал бројот на примери каде целосно
побараната сума од страна на апликантот е одобрена од страна на
Министерството. Единствен случај кој се појавува во рамки на истражувањето каде
на еден проект биле одобрени сите побарани средства е проектот „Госпоѓиците од
Авињон“ аплициран од страна на Македонскиот народен театар во 2018 година.
Воедно овој проект, истата таа година ја има и побарано и добиено најмалата сума
на средства за реализација на проект, вкупно 150,000 денари, како дел од
националните установи. Од друга страна проектот кој побарал најмногу средства,
4,000,000 денари, доаѓа од истиот театар (МНТ), а се работи за „Рони - Ќерката на
разбојникот“. Овој проект, заедно со уште еден на МНТ, „Месец дена на село“ во
2018 им била одобрена највисоката сума од 3,000,000 денари за реализација.
Истата година во рамки на вонинституционалните продукции највисоката
побарана сума за проект била 1,400,000 денари од страна на Здружението
„Едрониа арт продукција“ од Скопје за претставата „Трговецот на гробиштата“, а

10
пак највисока одобрена сума од 600,000 денари добиле два ентитети за три
проекти и тоа установата за култура „Детски театарски центар“ од Скопје за
претставата „Ветерниците“ и јавната локална установа за култура „Театар за деца“
од Скопје за претставите „Под креветот“ и „Поштенска бајка“. Со најниската
побарана сума од 200,000 денари во 2018 од вонинституционалните продукции
аплицирале Здружението за театар „Чекори“ од Скопје со претставата „Драма за
Мирјана и тие околу неа“ и Здружението за култура, уметност и едукација „Јон
Исаија“ од Тетово со претставата „Црнила“. Најниска сума од вкупно 75,000
денари и била доделена на Захарија Ангелеска од Крушево за претставата
„Цветови за Алгерон“. Ваквата разлика во третирање на поединечните проекти
кои не се дел од националните установи се забележува и во 2019 година, каде
најниската одобрена сума е уште помала.

Во 2019, во рамки на националните установи највисока сума била побарана


од страна на Албанскиот театар, вкупно 4,478,800 денари за претставата со
работен наслов „Балкан Балкон“, а пак највисока одобрена сума била претставата
„Бесачи“ во продукција на МНТ со вкупен одобрен износ од 4,000,000 денари.
Најниската побарана сума во рамки на националните установи повторно ја
побарал МНТ за претставата „Ужалена фамилија“ со вкупен износ од 398,800
денари и истата ја добила најниската одобрена сума од 300,000 денари. Од
приложените информации може да се забележи дека Македонскиот народен
театар и во двете години ги добива најниските и највисоките суми за реализација
на проект без разлика дали средствата кои се побарани ја имаат највисоката сума
меѓу апликантите од националните установи. Во поглед на вонинституционалните
театри највисока сума од 2,407,000 денари има побарано Здружение за култура,
уметност, спорт и рекреација „Артал“ од Тетово за претставата „Виза“, а пак
највисока одобрена сума од 650,000 денари добило Друштвото за филмска и
театарска продукција „Перипетија“ од Скопје за претставата „Отело“. Во однос на
најниската побарана сума од 200,000 денари ја побарале Здружението Отворена
сцена Театар „Чекори“ од Скопје за претставата „Сите кои паѓаат“, а пак само
60,000 денари како најниска одобрена сума добиле ОУ Центар за култура „Ацо
Караманов“ од Радовиш за претставата „Класен непријател“.

11
Од информациите достапни за 2020 година може само да се напомене дека
вкупната одобрена сума за проекти од вонинституционални театри изнесува
13,770,000 денари распределни на 48 ентитети за вкупно 52 проекти. Иако
вкупната одобрена сума е зголемена на околу 5,ооо,000 денари од претходните
години, сепак просечната одобрена сума нема драстични промени во однос на
претходните години и изнесува вкупно 264,807 денари што е за нијанса помала
сума од оние во 2018 и 2019. Највисоката сума за одобрен проект изнесува 550,000
доделена на Мартин Кочовски од Битола за претставата „Хроника на најавената
смрт“, а пак најниската сума од вкупно 70,000 денари ја добиле Александар
Нешкоски од Гостивар за детската театарска претстава „Волшебникот од Оз“ и
Здружението „Драмско Студио“ од Тетово за претставата „Чај со рум“.

Анализата покажува дека Министерството за култура воспоставува


нееднаков третман при поддршката на театарската продукција во Северна
Македонија со што покажува дека несоодветно и недоволно го стимулира
вонинституционалниот театар. Иако Законот за култура гарантира дека секој
може да ја остварува културата како поединечен, локален и национален интерес
со профитна или непрофитна цел, сепак бројките укажуваат дека не сите ја
остваруваруваат под еднакви услови и привилегии како националните установи.
Нееднаквоста во третманот на националните установи и вонинституционалните
театри е воочлива со тоа што може да се забележи дека театарските проекти од
вонинституционалната продукција никогаш не добиваат средства поголеми од
600,000 денари, додека одредени проекти во националните установи добиваат
суми и до 4,000,000 денари. Односно, вонинституционалните проекти скоро и да
не добиваат поголема поддршка од 35% од побараните средства, додека
институционалните проекти добиваат повеќе од 60% од побараните средства.
Притоа, не се зема предвид дека покрај значително поголемите суми,
националните установи веќе располагаат со годишни буџети за нивната редовна
работа во која спаѓаат режиските трошоци за зградата која ја поседуваат,
административно-техничкиот персонал, како и уметничкиот ансамбл. Наспроти
тоа, вонинституционалната театарска продукција во рамки на добиените проектни
средства потребно е да ги покрие и овие трошоци и со тоа може да се заклучи дека

12
за иста работа, односно исто вложен труд на пазарот, цените на
вонинституционалната театарска продукција се драстично помали, а со тоа и
условите за работа кои се предмет на анализа во вториот дел на истражувањето се
дискутабилни во однос на нивниот квалитет.

3.2. Длабински интервјуа со театарски професионалци од


доменот на вонинституционалната театарска продукција

Во вториот дел од истражувањето фокусот беше ставен на квалитативна


анализа за условите на работа, финансирањето и потребите на
вонинституционалната театарска продукција со цел да се разбере подетално
тековната положба и да се формулираат препораки за понатамошен развој.
Интервјуто, кое е дадено во анексот на ова истражување како прилог бр.1,
содржеше 12 отворени прашања поделени во 5 категории. Како надоврзување на
првиот дел од истражувањето, со цел квалитативно да ги обработи
квантитативните податоци, првата категорија се однесуваше на функцијата на
театарот, односно првото прашање целеше да одговори на тоа каква е позицијата
на вонинституционалниот театар денес во однос на институционалниот театар.

Мнозинството од испитаници при споредбата на позициите на


институционалниот и вонинституционалниот театар сметаат дека од уметнички
аспект театарските проекти кои се создаваат во вонинституционален контекст се
похрабри во изборот на темите за работа, односно дека носат свежина на
македонската театарска сцена. Генералното мислење е дека станува збор за
покреативни театарски проекти од она што се нуди од страна на
институционалните театри затоа што ја имаат привилегијата да бидат ослободени
од наметнатите и досега постоечки театарски форми од страна на
институционалниот менаџмент. Оттука, заклучокот во однос на уметничкиот
квалитет на вонинституционалниот театар е дека во себе го носи потенцијалот за
развој на нови театарски форми, посовремена естетика и избор на теми кои се
релевантни за денешниот општествен контекст. Спротивно на тоа, повеќето
испитаници сметаат дека вонинституционалниот театар во Северна Македонија е

13
генерално во незавидна позиција од аспект на условите и можностите кои ги има
во споредба со националните установи. Иако го пофалуваат уметничкиот квалитет
на вонинституционалниот театар сепак сметаат дека истиот не е третиран еднакво
од страна на Министерството за култура кога ќе се земат предвид висината на
средствата кои се одобруваат за реализација на вонинституционалните проекти,
како и немањето на сопствен простор во кои театарските работници ќе ги
изложуваат своите дела. Фактот што вонинституционалните театри не почнуваат
од иста нула со институционалните театри од аспект на простор и логистика,
техничка подготвеност и човечки ресурси потврдува дека во Република Северна
Македонија нема соодветни и еднакви услови за работа и развој на
вонинституционалната театарска продукција без разлика на уметничките
квалитети кои ги нуди.

Следствено на тоа, на прашањето кои се идеалните услови за работа на една


вонинституционална театарска продукција мнозинството од испитаници сметаат
дека вонинституционалниот театар не треба воопшто да размислува за идеални
услови кога ги нема ниту основните. Оттука, генералниот став е дека на
вонинституционалниот театар првично треба да му се овозможат истите услови
кои ги имаат националните установи како би овозможиле фер терен за развој на
здрава конкуренција. Како основни услови во рамки на истражувањето беа
детектирани: имањето на сопствен простор за реалзација на читачки и
мизансценски проби, сопствена сцена на која ќе може континуирано да се
изведуваат сработените претстави, техничка подготвеност на сцената од аспект на
светло и тон и човечки ресурси кои ќе овозможат техничка поддршка за
непречена реализација на проектите. Мнозинството на испитаници смета дека
немањето сопствен простор за работа е еден од најголемите проблеми на
вонинституционалните театри и дека мора да биде прироритет неговото
решавање. Беше посочено дека токму поради немањето на сопствен простор дури
и да сакаш да поставиш театарска претстава вонинституционално сепак потребно
е истата да ја изложиш во институција која има соодветна сцена за играње. Како
позитивен пример од страна на мнозинството испитаници беше посочен
Младинскиот културен центар (МКЦ) кој безрезервно излегува во пресрет на сите

14
вонинституционални театарски продукции и служи како пример за отвореност на
институциите за соработка со надворешни физички и правни лица. Меѓутоа
ваквиот услов за играње на претставите во рамки на институционална зграда, кој
произлегува од немањето сопствен простор, ја потврдува зависноста на
вонинституционалните продукции од државните ресурси. Не станува збор за
оспорување на ваквата соработка, напротив истата е повеќе од добредојдена, туку
проблематично е немањето на избор каде вонинституционалните продукции ќе ги
прикажуваат своите проекти. Следствено на тоа, беа посочени и примери на
театарски продукции кои ги реализирале своите претстави во алтернативен
простор како дискотеки, кафулиња или галерски простори како решение за
немањето сопствен простор за играње. Иако се работи за позитивен пример на
соработка со трговски друштва, повторно се појавува зависноста од трети лица и
немањето на автономија врз физичкиот простор каде претставата се изведува што
е од исклучителна важност за воспоставување на континуитет при изведбите.
Скоро сите испитаници потврдија дека никогаш ги немале сите основни услови
при работата во вонинституционална театарска продукција што е поразителен
податок кога ќе се земе предвид поголемиот број на проекти кои испитаниците ги
имаат сработено во изминативе години.

Во продолжение на немањето соодветни услови за работа, прашани за


начините на кои ги решавале предизвиците при продукцијата, сите испитаници
продукцијата на независниот театар ја поистоветуват со импровизација и правење
на компромиси бидејќи секогаш располагаат со помали можности и финансии во
однос на барањата за реализација на проектот. Независно дали станува збор за
исплаќање на хонорари за луѓето вклучени во процесот, набавката на материјали
за изработка на костими или сценографија или пак рентање на простор за проби
или изведби, компромисите настануваат од две причини: немањето доволно
финансиски средства и немањето на сопствен простор за работа. Како решенија
кои биле користени беа посочени договарањето на материјални спонзорства со
трговски друштва и индивидуалци при изработка на костими и сценографија,
компензации на работен труд, поделба на профитот од изведбите на претставите,
трудот на екипата да биде исплатен процентуално од собраните финансиски

15
средства или пак само од изведбите, а не и процесот на подготовка, користење на
лични ресурси од аспект на финансии, сценографија и костими. Оттука, може да
се заклучи дека ваквиот начин на работа влијае врз финалниот продукт кој се
прикажува со што се намалува уметничкиот квалитет на претставите и
вонинституционалната театарска понуда, а истовремено се зголемува
незадоволството кај театарските работници кои се принудени да се борат за
животот на сопствената претстава.

Прашани за тоа дали државата треба да помогне во обезбедувањето на


услови за работа на вонинституционалните театарски продукции, сите
испитаници се децидни дека треба поддршка од државните институции и дека е
потребно да се најде модел кој ќе функционира во македонски контекст. Во рамки
на интервјуата беа изнесени предлози за начините на кои државата може да
помогне на вонинституционалните театри, а како прв чекор беше издвоено самото
признавање на оваа форма на организирање на театарските работници како
еднаква на националните установи и промена на односот кон
вонинституционалното уметничко дејствување. Следствено на тоа, испитаниците
посочија три начини на кои државата може да ја олесни вонинституионалната
театарска продукција и тоа: обезбедување на автономни театарски простори за
работа, законско решение со подобри услови за даночни ослободувања на
приватни спонзори со кои ќе ја стимулираат поддршката од бизнис заедницата и
поголема финансиска поддршка во рамки на Конкурсот за поддршка на проекти
од национален интерес. Мнозинството на испитаници се согласни дека државата е
потребно да помогне во лоцирање, обновување и оспособување за работа на
напуштени државни објекти како месни заедници, домови на култура, фабрики и
слични згради кои не се во функција, а имаат потенцијал да станат културни
центри на локално ниво. По оспособувањето на ваквите објекти во театарски или
културни центри испитаниците предлагаат државата да ги препушти објектите на
менаџментот на вонинституционалните театарски/културни работници кои со
свои програми ќе дејствуваат во рамки на просторот кој може да го користат
повеќе театарски трупи и здруженија. Дополнителна поддршка од страна на
државата може да биде развивање на системско решение во однос на фискалната

16
политика на државно ниво кое ќе овозможи поголеми даночни ослободувања,
како и симплифицирање на административниот процес, за трговските друштва.
Со стимулирање на поддршката од страна на бизнис секторот и зголемување на
нивниот интерес повеќе да финансираат театарски, и општо проекти од доменот
на културата, за вонинституционалните театарски продукции се отвора уште една
можност за финансирање на нивните проекти без притоа да зависат од
финансиите доделени на државните конкурси или пак да се приморани да прават
компромиси. Притоа развивање на овој модел би им дал шанса на
вонинституционалните театри да изберат дали воопшто би аплицирале на
конкурсите од страна на Министерството за култура, а со имањето на тој избор
стануваат понезависни во нивното дејствување. И конечно, доколку се решат да
аплицираат на Конкурсот за проекти од национален интерес, Министерството за
култура е потребно да обезбеди повеќе финансии за проектите од
вонинституционалниот театар кој реално ќе одговори на буџетските барања, како
и еднакво да го вреднува трудот на театарските работници од овој домен на
театарското организирање. Од горенаведеното може да се заклучи дека
генералниот став е дека државата не треба засекогаш само да инвестира финансии
во вонинституционалната театарска продукција туку да помогне во
обезбедувањето логистички услови за работа на театарските групи и здруженија.
Следствено со тоа, ќе овозможат избор за начините на кои ќе ги финансираат
сопствените проекти со цел да ја постигнат сопствена независност,
самоодржливост и континуитет на работење.

Кога станува збор за финансирањето на театарските проекти на


вонинституционалните театри сите испитаници потврдуваат дека никогаш не
успеале да ги соберат сите однапред предвидени финансиски средства за
реализација на претставите, а со тоа може да се потврди компромисното работење
посочено во еден од претходните одговори на испитаниците. Најчести извори за
финансирање на проектите се посочуваат Министерството за култура и Град
Скопје, додека многу малку од испитаниците имаат скромно искуство на работа со
спонзори или донатори, а пак самофинансирањето е скоро непостечко и
невозможно бидејќи вонинституционалните театри не располагаат со сопствен

17
капитал. На прашањето дали успеале да заработат повеќе од што вложиле во
самата претстава повеќето испитаници одговараат позитивно, но само во услови
кога претставата била направена со 0 или многу мали финансиски средства и
добра волја на вклучените во процесот, во ситуација кога претставата е
продуцирана со поголем или блиску до реалниот буџет, одговорот е не. Со тоа
може да се заклучи дека вонинституционалната театарска продукција ниту успева
да ги собере потребните средства за реализација на своите театарски проекти,
ниту заработува доволно за да си овозможи капитал со кој ќе инвестира, односно
ќе ги самофинансира, во идни проекти. Прашани за тоа дали треба државата да го
промени системот на финансирање на театарска продукција, сите испитаници се
согласни дека е потребна промена. Во овој контекст неизбежна е врската помеѓу
националните установи и вонинституционалните театри бидејќи станува збор за
иста буџетска ставка од делокругот на Министерството за култура. Иако спаѓаат во
иста категорија, драмски дејности, во рамки на Конкурсот за проекти од
национален интерес, сепак се поделени во подкатегориите „национални установи“
и „други корисници“ каде спаѓаат вонинституционалните театарски проекти. Ова
се посочува како проблематично бидејќи самото Министерство од старт прави
поделба со која на едните е мајка, а на другите маќеа. При промената на системот
на финансирање се посочува дека е потребно да се направи декатегоризација на
театарската продукција базирана на начинот на кој таа се организира. Со тоа, на
националните установи и вонинституционалните театри би се гледало од иста
позиција, би имале еднакви шанси при оценувањето на проектите и би се
разгледувале низ перспектива на исти критериуми. Следствено на тоа, повеќето
испитаници искажуваат загриженост за нетранспарентното финансиско работење
на Министерството за култура со што се наведува дека со промената на системот
на финансирање потребна е и поголема отчетност од страна на Министерството за
доделувањето на средствата, како и за начинот на кои се оценуваат проектите. При
реформирањето на системот за финансирање на театар, државата е потребно да
направи сериозна анализа за потребите на театрите во однос на бројот на
националните установи, кадрите кои се вработени во самите згради, како и
системот на кој се организира театарската уметност во рамки на институциите.
Повторно, дел од испитаниците го истакнуваат унапредувањето на системот на

18
даночни ослободувања кој не само што овозможува поголем избор на
вонинституционалните театарски продукции за изворите на финансирање, туку
претставуваат уште еден начин на користење на даночните финансии. Со тоа, се
демократизира процесот на одлучување кому ќе му се доделат средствата од
буџетот на државата. Односно, наместо одлуката за доделување даночни
финансии во доменот на културата да припаѓа само на Министерството, во
процесот се вклучува и бизнис секторот чии претставници сами ќе изберат на кого
да ги доделат средствата наменети за данок. Согласно горенаведеното може да
констатираме дека реобмислувањето на нов систем на финансирање на театарот, и
воопшто културата, треба да се потпира на демократските принципи кои
овозможуваат еднаквост на театарските организации, поголема слобода за
театарските продукции и бизнис секторот, како и транспарентност во работењето
на Министерството за култура.

Промената на системот на финансирање на театарската уметност треба да


биде пропратена и усогласена со промена на системот на кој се организира самата
уметност, особено во делот на институционалниот театар. Повеќето од
испитаниците сметаат дека системот на театарско организирање е потребно да
направи промена која ќе биде видлива и ќе се одрази позитивно и на
институционалните и на вонинституционалните театарски продукции, затоа што
работата на едните и другите е во корелација. Генералниот став оди во насока на
изготвување на сериозна анализа и евалуација на тековната состојба во која се
наоѓаат институционалните театри, како и оправданоста за нивното постоење. Во
таа смисла, потребно е да се ревидираат резултатите од вложувањето во
институционален театар од страна на Министерството за култура, како и бројот на
национални театари кои активно дејствуваат под негова закрила. Дополнително,
сериозно треба да се разгледа одржливоста на националните театри, како би
можеле да се има потранспарентен увид во тековната распределба на средства и
како се искористуваат овие ресурси. Следствено на тоа, при промената на системот
на организирање на театарската уметност, поголемиот дел од испитаниците
сметаат дека Министерството за култура е потребно да изработи сериозна
стратегија која ќе биде спроведена во пракса и истата ќе биде базирана на

19
евалуацијата и анализата на тековната состојба. Во моментов, генералниот став е
дека Министерството, со груби зборови, не знае во кој правец оди и што сака да
постигне во развојот на културата на Северна Македонија. Иако официјално, како
документ постои Национална стратегија за развој на културата 2018-2022, сепак
поголемиот дел од испитаниците сметаат дека истата не покажува резултати во
праксата. И тоа може да се докаже со побивање на самата визија која гласи:

„Националната стратегија за развој на културата во Република


Македонија во период од 2018-2022 година се раководи од визијата за
демократски, плурален, секуларен, слободен, динамичен, рамномерен и одржлив
културен развој заснован на рамноправен пристап и учество, како и на
одговорно и ефикасно раководење, поаѓајќи од уверувањето дека правото на
култура е основно и неприкосновено човеково право. Оттаму, таа се
застапува за професионализација, институционална и вонинституционална
автономија, департизација и децентрализација во дејствувањето во
социо-културниот контекст.“2

Повеќе од очигледно е дека од досегашната анализа во рамки на


истражувањето дека Министерството за култура воопшто не заснова културниот
развој на рамноправен пристап и учество на сите културни работници, ниту пак
дека се застапува за институционална и вонинституционална автономија во
дејствувањето на засегнатите ентитети. Актуелната состојба покажува дека
државата не обезбедува услови за видливост и континуирано работење на
вонинституционалните театри, фактори кои испитаниците ги сметаат за клучни
при создавањето на силна вонинституционална театарска сцена. Дополнително,
генералниот став е дека во овој контекст здружената борба од страна на сите
вонинституционални театри е неизбежна за постигнување на рамноправен и
демократски однос од страна на Министерството за култура кон сите форми на
театарско организирање.

2
Национална стратегија за развој на културата на Република Македонија во периодот 2018-2020,
објавена во Службен весник на РМ, бр.81 од 08.05.2018

20
Слабата видливост, неконтинуираното работење, како и немањето сопствен
простор, поради ограничените ресурси, влијае врз бројот на публика, сметаат дел
од испитаниците. Иако мислењата на испитаниците се поделени во однос на
прашањето дали сметаат дека вонинституционалната театарска продукција има
доволно публика, сите се согласни дека со повеќе ресурси бројот на посетители
може да биде зголемен. Како фактори кои влијаат врз публиката се потенцираат
уметничкиот квалитет на претставите и самата промоција на делата за која
најмалку се вложува поради недостатокот на средства. Поголемиот дел од
испитаниците истакнуваат дека причината за малиот влог во промоција е фактот
што се принудени сите ресурси да ги насочат во т.н. „стигнување до премиера“,
односно дека приоритет секогаш се става на продукцијата, додека промоцијата
завзема споредна улога и најчесто се базира на бесплатните алатки кои ги нудат
социјалните мрежи. Во рамки на истражувањето може да се забележи дека свеста
за важноста на промоцијата се зголемува со што поголемиот дел од испитаниците
посочуваат дека е клучно да се инвестира во начините и каналите преку кои едно
театарско дело се пласира на пазарот со цел поголема успешност на самиот
проект.

3.3. Да се почне од нула - Студија на случај за продукцијата на


претставата „Иднината е приватна“, Пресврт, 2020

Ако досегашниот тек на истражувањето анализираше модус операнди на


веќе оформени организациски структури, студијата на случај „Да се почне од нула“
обрнува внимание на процесот на отпочнување театарско здружение, односно
вонинституционална форма на организирањето на театарска продукција. На
кратко, Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“ е млада
организација формирана во ноември 2019 согласно Законот за фондации и
здруженија, а чија прва претстава „Иднината е приватна“ ја доживеа својата
премиера на 09.09.2020 година преку онлајн платформа за видео пренос зимајќи
го предвид општествениот контекст и мерките за превенција од ширење на
Covid-19. Меѓутоа, фокусот на оваа анализа се осврнува многу повеќе на
предпродукциската фаза на проектот од аспект на креирање на еден проект во

21
услови со почетен капитал кој е еднаков на нула и никаква финансиска поддршка
од институциите.

По формулирањето на идејата, развојот на проектот и оформувањето на


тимот во јануари 2020 година, Пресврт ги анализираше потенцијалните извори
на финансирање на претставата Иднината е приватна. Ситуацијата стана
алармантна кога се посочија неколку проблеми, односно конкурсите наменети за
поддршка на проекти од страна на Министерството за култура и Град Скопје беа
завршени што значеше дека проектот требаше да остане во фиока до следниот
отворен повик од скоро година дена. Втор проблем на кој наиде продукцијата на
претставата е тоа што се воочи дека нема ниту еден активен и апликабилен повик
наменет за проекти од областа на културата од страна на други здруженија или
фондации (странски и домашни). Ова укажува на сериозен предизвик во работата
на здружение кое допрва почнува и кое не може да ги исполни критериумите на
повикот од аспект на домен на работа, двегодишно постоење, земја на потекло или
пак немање на веќе обезбедени буџетски средства. Следствено на тоа, немањето
или малиот број на активни повици за финансиска поддршка во рамки на
културата дополнително ги отежнува условите за работа и стимулирањето на
развој на организации од областа на театарската уметност.

Ставени во ваква ситуација, продукцијата реши да искористи модел на


финансирање кој нема да се потпира на институционална финансиска поддршка и
ќе се обиде да ги собере средствата преку донации или спонзорства. Во рамки на
процесот на прибирање средства за реализација на Иднината е приватна беше
организирана крадуфандинг3 кампања која ја повика потенцијалната публика да
донира финансии за отпочнување на продукцијата на претставата и со тоа да
добијат билети за една од изведбите на самата претстава. Дополнителен проблем
со кој се соочи продукцијата на претставата е тоа што процесот на наоѓање
соодветна платформа за краудфандинг кампањи која е достапна во Северна
Македонија беше отежнат. Скоро сите платформи како IndieGogo, GoFundMe, како
и GoGetFunding не ги нудат своите услуги на територијата на нашата држава

3
Од англиското crowdfunding = прибирање на донации од страна на заедницата

22
поради фактот што се уште не е во функција платежниот систем на PayPal.
Повторно потврдувајќи ги наодите од длабинските интервјуа, сведени на правење
компримиси и импровизација, продукцијата на Пресврт успеа да ја отпочне
кампањата благодарение на преговорите со платформата GoGetFunding која
овозможи средствата да стигнат на трето лице со корисничка сметка на PayPal во
САД, по што собраната сума беше директно донирана на трансакциската сметка на
Здружението. Ова инцидентно решение не го решава системскиот проблем на
државно ниво со кое се ускратени можностите на вонинституционалните
театарски работници, и општо сите уметници, кои би сакале своите проекти да ги
финансираат преку донации од заедницата. Донирањето во театарската уметност
има потенцијал да овозможи добри услови за одржлив развој и да биде од
исклучителна важност за опстојувањето на театарот. Ако се водиме според
премисата дека уметноста е активен чинител во развојот на културата, тогаш таа е
нужно да биде поттикнувана и поддржувана од секој член на заедницата.
Донациите треба да означуваат начин на кој заедницата помага во развојот на
културолошката матрица и начинот на кој театарот го оправдува своето постоење
во иднината со тоа што овозможува публиката да придонесе во негово создавање.
Без разлика кој е авторот, уметноста е дериват на општествените текови кои ги
движи заедницата, односно луѓето, група во која и авторот и публиката припаѓаат.
Следствено на тоа, донациите овозможуваат демократичен пристап при
продукцијата на театарски претстави, а кога публиката ги поддржува вредностите
кои одредена претстава во себе ги содржи, со донациите тие директно вложуваат и
го промовираат вредносниот систем кој го застапуваат.

Финално, краудфандинг кампањата успеа да собере вкупно 1320$ од


побараните 7000$, што е 18% од вкупниот проектиран буџет на претставата. Во
рамки на оваа студија може да со воочат четири причини зошто процентот на
донирани средства е многу мал и тоа: ниската свест на публиката за донирање во
продукција на театарски претстави, немање на соодветно портфолио на претходни
проекти на Пресврт како организација, недоволно квалитетна промоција и
презентација на идејата за проектот, како и наглата промена на општествениот
контекст поврзан со прогласување на пандемијата на Covid-19 која предизвика

23
неизвесност кај граѓаните за нивните месечни финансиски примања. Во секој
случај, искуството покажува дека е потребно да се работи подетално на развивање
на ваков модел кој ќе го зголеми изборот на вонинституционалните театарски
продукции за реализација на нивните проекти со цел да се поткрепи
самоодржливоста на нивното работење и олеснување на нивните почетоци.

Краудфандингот е возбудлив процес и иако во целост не овозможува


самоодржливост на работењето на театарските организации, сепак ја отвора
можноста да се продуцира театарска претстава почнувајќи од нула. Загубите во
ваквиот процес се минимални или воопшто непостоечки затоа што
организацијата скоро и да не вложува ништо при прибирањето на средства и секој
влезен денар е плус. Доколку во одредени сфери може да функционира ваквиот
модел при создавањето на старт-апи, истиот модел може да се примени и за
театрите кои ќе решат пазарно да се ориентираат исполнувајќи ги или
надминувајќи ги очекувањата на публиката во позитивна смисла. Доколку овој
модел стане редовна пракса, бидејќи станува збор за донации, истиот треба да
подлежи на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности и да важи и за
физички и за правни лица со цел да се овозможи слободата да луѓето одлучуваат
каде ќе биде инвестиран нивниот данок наместо тоа да го прави државата. Овој
модел на финансирање на театарска претстава не ја исклучува можноста да биде
искомбинирано со двата претходно наведени модели во рамки на истражувањето,
преку аплицирање на одредени повици или спонзорства од правни лица.

Имено, продукцијата на Иднината е приватна по собирањето на


средствата од краудфандинг кампањата се насочи кон изнаоѓање на дополнителни
средства преку контактирање на трговски друштвa кои би фигурирале како
спонзори во рамки на проектот. Спонзорство е доброволна финансиска исплата,
давање добра или услуги за конкретен проект и/или активност, кои овозможуваат
директна корист на давателот како што се промоција на име, фирма и заштитен
знак на давателот на спонзорството.4 Спонзорирањето на театарските претстави

4
Закон за донации и за спонзорства во јавните дејности, Службен весник на РМ, број 47/06, 86/08,
51/2011, 28/14 и 153/ од 04.09.2015

24
отвора голем број на можности за претпријатијата да ги промовираат своите
производи или услуги затоа што театарот во себе содржи најразлични уметнички
алатки кои можат да ја унапредат промоцијата на одреден бренд. Во рамки на
проектот Иднината е приватна беа исконтактирани вкупно 100 трговски
друштва, од кои само две се согласија да ја поддржат претставата и тоа на два
различни начини, со финансиска поддршка и бесплатна изработка на костимите
за претставата, потврдувајќи ги и наодите од интервјуата каде соговорниците
потврдуваат дека ваков тип на соработки, иако во мал број, се случуваат.
Поразителен е фактот што само 2% од бизнис секторот успеаа да видат потенцијал
во поддршката на театарски проект.

Од маркетиншки аспект спонзорствата отвораат потенцијал за квалитетни


промотивни содржини користејќи ги капацитетите на театарските организации.
Театарските организации се составени од голем број на професионалци кои можат
да помогнат во создавањето на промотивни содржини на претпријатијата кои ќе
спонзорираат одреден театарски проект. Рекламирањето на производи е веќе
неизоставен дел од секојдневието со што театарот не треба да се изостави како
потенцијален медиум одредени производи или услуги да бидат промовирани
доколку има простор тоа да биде направено. Спонзорирањето на театарските
продукции покрај бенефициите за приватниот сектор истовремено овозможува
поширока промоција за претставите преку каналите на спонзорите што значи
дека поддршката во овој контекст е взаемна и претставува здружување на
капацитетите и влијанието со цел да се подобри профитот и на двете засегнати
страни. Во таков случај се создава средина во која им се овозможува на
театарските организации да ја зацврстат својата финансиска состојба и позиција
на пазарот, финално постигнувајќи самоодржливост во својата работа.

Продукцијата на претставата Иднината е приватна започна со почетна


сума од 1500$ собрана преку донации и спонзорства, меѓутоа она што навистина
помогна во реализацијата на проектот беше финансиската поддршка од Europe
House која административно се води како спонзорство на проектот иако не
станува збор за трговско друштво, туку за организација чија цел е да ги поддржи

25
младите во својата работа преку иновација и истражување. Со поддршката на
проектот од вкупно 1500€ проектот го доби својот финален буџет од 2750€ што е
отприлика 47% од проектираниот буџет за продукција на претставата. Ова го
потврдува ставот дека вонинституционалните театарски продукции не успеваат да
ги соберат сите потребни средства за реализација на своите проекти и е уште еден
доказ дека државните политики влијаат врз работата на овој тип на театарско
организирање, независно дали станува збор за културни политики или политики
од сосема друга природа која се одразува на работењето на организациите.

Од аспект на услови за работа сепак проектот се потпре на


институционалната поддршка на МКЦ кој го отстапи просторот во Денсинг салата
за изведба и проби без никаков финансиски надоместок. Ова повторно укажува на
зависноста на вонинституционалните театри да зависат од институциите за
простор за работа и изведби, како и олеснување на финансиските трошоци.
Следствено на немањето доволно финансиски средства да го продуцира својот прв
проект, Пресврт истовремено, како млада организација, нема проектни
активности кои можат да помогнат во исплаќањето на сопствен простор и негово
одржување, делумно затоа што се ретки повиците за проекти од доменот на
културата кои ќе го овозможат тоа. Оттука, продукцијата на претставата мораше
да се потпира на капацитетите на други организации како КСП Јадро и Кино
Култура за користење на нивните простории за читачки и мизансценски проби.

Со немањето сопствен простор, соодветни услови за работа и доволно


можности за финансирање повеќе од очигледно е дека вонинституционалните
театри не започнуваат од иста нула со националните установи. Доколку се
стремиме кон тоа да сите под еднакви услови ја остваруваме културата, како што
ветува Законот за култура, тогаш потребно е да им овозможиме на сите играчи
терен со искосена трева. Наместо вонинституционалните театри да учат да
пливаат со тегови на рацете во празен базен, новата стратегија за развој на
културата потребно е да овозможи порадикални промени во односот кон театарот
надвор од националните установи со што ќе ги унапреди условите за работа,

26
зголеми можностите за финансирање и ќе помогне во покревање на видливост на
овој тип на театарско организирање.

4. Заклучоци од истражувањето

При анализата на податоците добиени од истражувањето фокусот иако


беше ставен на вонинституционалната театарска продукција неизбежна беше
врската со националните односно институционалните театри и како нивното
постоење влијае врз развојот на работата на театарските трупи и здруженија.
Имено, во првиот дел од истражувањето квантитативната анализа на податоците
овозможи систематизиран преглед на нееднаквиот третман на театарските
работници од страна на Министерството за култура. Оттука, може да се потврди
хипотезата дека Министерството несоодветно ја финансира и стимулира
вонинституционалната театарска продукција. Дополнително, при
крос-референцијалната анализа на податоците добиени од првиот и вториот дел
на истражувањето со сигурност може да кажеме дека културните политики кои се
однесуваат на начинот на кој се организира, спроведува и продуцира театарската
уметност треба да соодветствуваат и на потребите на вонинституционалните
театри. Во оваа насока препорачливо е да се работи на формулирање на нова
стратегија за развој на културата, како и нови законски решенија кои ќе
овозможат еднаквост на театарските организации, поголема слобода за
театарските продукции и бизнис секторот, како и транспарентност во работењето
на Министерството за култура.

Потешкотиите со кои се среќаваат вонинституционалните театри во текот


на своето работење, а приложени во сите три дела од истражувањето, упатуваат на
незадоволително статус кво на театарскиот контекст во Северна Македонија. Иако
уметничкиот квалитет на проектите е светлата точка, процесот да се стигне до
финален производ е полн со предизвици, компромиси и импровизации кои
наштетуваат на резултатот. Па така, ако вонинституционалните театри се ставени
во позиција каде нема да има потреба да се справуваат со начинот на кој ги
продуцираат сопствените проекти во овие незадоволителни услови се

27
претпоставува дека и уметничкиот квалитет ќе се зголеми, а со тоа и развојот на
театарската уметност во државата. Анализата ја докажува хипотезата дека во
Република Северна Македонија нема соодветни услови за работа и развој на
вонинституционалната театарска продукција, што значи дека потребно е да се
ревидира театарскиот систем во кој се создава.

Во реобмислувањето на театарскиот систем мора да бидат земени предвид


сите форми на театарско организирање затоа што истражувањето покажува дека и
вонинституционалниот театар зависи од условите и можностите кои ги
воспоставуваат државните (културни) политики. Особено е важно да се
размислува дека врз нивното работење не влијае само Законот за култура, туку и
законите кои се под закрила на фискалните политики на државата. Не смее да се
изостави фактот дека театарот не е изолиран од општествените и политички
влијанија и дека за негово развивање е важна само промената на културните
политики. На театарот мора да се гледа, особено на вонинституционалниот театар,
како интегрален дел од општеството во кое тој се создава поради својата социјална
улога и естетичка функција која ја има. Театарот не е само колективна уметност во
рамки на својата продукција, театарот е колективна уметност и поради фактот што
за тој да се случи му е потребна публиката.

Резултатите од истражувањето покажуваат поделени ставови во однос на


бројот на публика кој вонинституционалниот театар го има. Меѓутоа, самиот факт
што мислењата се поделени значи дека сепак е потребно да се работи на
привлекување поголем број на публика затоа што и таа е есенцијален дел од
развојот на театарот. Како би можел да се зголеми бројот на публика, потребно е
да се унапреди уметничкиот квалитет на самите театарски проекти кој како што
наведуваат резултатите од истражувањето зависи од можностите и условите во кои
се создава. Публиката не може да биде обвинувана за сопствената неукост,
напротив, доколку Министерството за култура навистина сака да ја заштити
театарската уметност, мора да разбере дека мајсторот е онолку добар колку што му
се добри и алатките со кои располага, па така мора да развие модел со кои сите

28
мајстори на театарот ќе им ги стави алатките на располагање и ќе им овозможи
сами да ги изберат за да го создадат своето дело.

Конечно, анализирајќи ги околностите од кои зависи развојот,


продукцијата и поддршката на вонинституционалната театарска продукција во
државата можеме со сигурност да ја потврдиме главната хипотеза на
истражувањето дека театарската продукција во Северна Македонија која се
создава надвор од државните институции повеќе се соочува со предизвици и
проблеми отколку со можности и соодветни услови за развој и продукција. Во
решавањето на проблемите и преминувањето на предизвиците мора да има волја
од сите засегнати страни, односно Министерството за култура, националните
установи и здруженоста на вонинституционални театарски продукции, доколку
сакаме да ја развиваме театарската уметност воопшто.

5. Анекс - Преглед на истражувачки инструменти

ИНТЕРВЈУ:
1.1. ФУНКЦИЈА НА ТЕАТАРОТ
1.1.1. Каква е позицијата на вонинституционалниот театар денес во
однос на институционалниот театар?
1.2. УСЛОВИ ЗА РАБОТА
1.2.1. Кои се идеалните услови за работа на една
вонинституционална продукција? Follow up: Дали ги има(в)те
сите потребни услови?
1.2.2. На кој начин го решавате немањето соодветни услови за
работа?
1.2.3. Дали и на кој начин државата треба да помогне во
овозможување на услови за работа на вонинституционалните
театарски продукции?
1.3. ФИНАНСИРАЊЕ

29
1.3.1. Како ги финансирате вашите театарски проекти и дали сте
успеале да ги соберете сите однапред предвидени средства за
продукција на театарска претстава?
1.3.2. Дали сте користеле други извори на финансирање на
театарските проекти, освен Министерството за култура? Какви?
Доколку не, зошто не? Опишете го искуството.
1.3.3. Дали државата треба да го промени системот на финансирање
на театарска продукција? На кој начин?
1.3.4. Дали сте успеале да заработите повеќе од колку што сте
вложиле во представата?
1.4. ПОТРЕБИ НА ВОНИНСТИТУЦИОНАЛНИОТ ТЕАТАР
1.4.1. Дали има потреба да се направи промена во начинот на кој се
организира театарската уметност во РСМ, односно дали е
потребна промена на ниво на културни политики? На кој
начин односно какви? Доколку не, зошто?
1.4.2. Што е клучно за креирање на силна вонинституционална
театарска сцена?
1.5. ПУБЛИКА
1.5.1. Дали сметате дека вонинституционалниот театар има доволно
публика? Доколку да, објасни. Доколку не, на кој начин сметате
дека може да се привлече повеќе публика?
1.5.2. На кој начин комуницирате со вашата публика и дали сметате
дека имате доволно услови, средства и алатки за соодветна,
односно посакуваната, комуникација со публиката?

30
6. Користена литература

Драгичевиќ - Шешиќ, Милена и Стојковиќ, Бранимир, Култура, Анимација,


Менаџмент, Маркетинг, Темплум, Скопје: 2003

Закон за култура, Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/98, 49/03,


82/05, 24/07, 116/10, 47/11, 51/11, 136/12, 23/13, 187/13, 44/14, 61/15, 154/15, 39/16,
11/18 и 11/18 - Одлука на Уставниот суд на РМ, У.бр.196/2007 од 16.1.2008 год.,
објавена во „Сл. на РМ“ бр. 15/2008

Закон за донации и за спонзорства во јавните дејности, Службен весник на РМ,


број 47/06, 86/08, 51/2011, 28/14 и 153/ од 04.09.2015

Клаиќ, Драган, Да се почне одново, Промена на системот - државните театри


меѓу пазарот и демократијата, Арс Либрис, Скопје: 2020

Национална стратегија за развој на културата на Република Македонија во


периодот 2018-2020, објавена во Службен весник на РМ, бр.81 од 08.05.2018

31

You might also like