You are on page 1of 13

СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

И НЕГОВИТЕ ВИДОВИ

Автор: Адвокат М-р Изабела Димковска


Ноември, 2019 год.

ВОВЕД

Семејното насилство е доста чувствителна тема, за која долг временски период не


постоела соодветна правна регулатива во нашето законодавство. Најчесто се дефинира
како збир на однесувања со цел да се воспостави контрола над другите.

Неспорно е дека семејното насилство е проблем од епидемски размери со далекусежни


последици на индивидуите како жртви, нивните деца и нивните заедници. Истото,
најчесто резултира со смрт или сериозни хронични и ментални проблеми за жртвите,
нивните деца, сторителите и др.

Под поимот семејно насилство се подразбира малтретирање, грубо навредување,


загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или
физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв
спрема брачен другар, родители или деца , или пак секое друго лице што живеее во брачна
или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема поранешен брачен
другар или лица што се наоѓаат во блиски лични односи.

Поединецот, исто така, може да биде изложен на насилство во семејството во текот на


целиот свој живот, почнувајќи од детството, па се до длабока старост. Сепак, согласно
голем број истражувања и анализи , како најчести жртви на семејно насилство се јавуваат
жените, децата и старите лица.
Насилството во семејството вклучува широк опсег на загрозувачки однесувања кои
еден член од семејството ги користи за да воспостави моќ и контрола над друг член во
семејството, или да задоволи некои свои потреби на сметка на другиот. Затоа, во секој
поединечен случај насилството претставува кршење на темелните човекови права.

Последиците од изложеноста на насилство се многубројни и битно влијаат на


менталното здравје на оние кои се изложени директно, но и на оние кои се набљудувачи
на насилството. Најчесто, последиците кои ги трпат жртвите на семејното насилство
вклучуваат појава на напнатост, депресивност, агресија, зависност, намалено работно
функционирање и др.

1. ДЕФИНИРАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО

Семејното насилство најчесто вклучува присилно контролирање на однесување , кое е


опасно по животот и ги погодува сите заедници без разлика на пол, возраст, сексуална
определба , раса, етничка припадност или пак социјална положба.

Истото , се манифестира најчесто со контрола на една личност кон друга со која се во


некој близок однос или семејна врска. Законодавното право во нашата држава забранува
секаков вид на насилство , па така согласно Законот за семејство во Република Северна
Македонија се забранува секаков вид на насилство меѓу членовите на семејството, без
оглед на раса, пол и возраст .

Неспорно е дека денес, семејното насилство е уредно дефинирано во македонското


законодавство и истото е подетално регулирано со Законот за семејство, Законот за
превенција, спречување и заштита од семејно насилство, Законот за социјална заштита и
Кривичниот Законик.

Согласно одредбите во Законот за семејство во нашата држава, под семејно насилство


се подразбира малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно
повредување, полово или друго психолошко или физичко насилство со кое се
предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв. Семејното насилство

2
најчесто се случува во семејната заедница, било да станува збор за брачна или вонбрачна
заедница во која што партнерите имаат деца, заеднички деца добиени во брак, надвор од
брак, помеѓу брачните и вонбрачните партнери, постарите лица во семејството или пак
помеѓу роднинските релации кои произлегуваат од семејните релации и норми.

Цитирајќи ги одредбите од нашиот Закон за семејството, битно е да се напомене, дека,


семејното насилство може да биде извршено врз:

 брачниот другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна
или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство,
 поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во
блиски лични односи, вклучувајќи ги односите кои настануваат со
посвојувањето и старателството,
 браќа и сестри, полубраќа и полусестри,
 постарите членови во семејството или заедничкото домаќинство и лица
 членови на семејството или заедничкото домаќинство чија деловна способност
е делумно или целосно одземена.

Долг временски период немало доволно правни норми со кои подетално би се


регулирало семејното насилство во македонското законодавство , ниту пак семејното
насилство се сметало како посебно кривично дело, напротив, истото се санкционирало
преку инкриминирање на неговите поединечни облици при постоечките кривични дела.

Денес пак, согласно македонското законодавство, физичкото насилство се


санкционира со кривичните дела против животот и телото, потоа, психолошкото
насилство се санкционира со кривичните дела против слободите и правата на човекот ,
додека пак сексуалното насилство се санкционира со кривичните дела против половата
слобода и половиот морал.1

1
Закон за семејство, сл. весник на РСМ, бр. 153 од 20.10.2014 година

3
2. ФИЗИЧКО НАСИЛСТВО

Согласно голем број истражувања направени од страна на поединци и невладини


организации во нашата земја, како најчести форми на физичко насилство ги препознале:
удирање, шлаканици, боксирање, штипење, удар со колено, грубо потегнување, врзување,
затворање, тргање за коса, давење, горење, попарување, убод, силување, употреба на сила
и присилување на жената на сексуален однос, употреба на оружје, фрлање предмети,
чување на оружје кое ја плаши, кршење мебел, уништување на нејзините ствари, кинење
или уништување на облека.

Физичкото насилство претставува најеклатантен пример на насилството што се врши


врз жените , кое за разлика од психичкото и сексуалното насилство, најчесто е видливо и
забележливо за другите луѓе. Физичкото семејно насилство се дефинира и како „употреба
на физичка сила или закана дека ќе биде употребена физичка сила спрема брачниот или
вонбрачниот партнер или спрема некој друг член на семејството”.

Овој облик на насилство во нашата земја , најчесто се изразува преку удирање


шлаканици (87.5%), закани за употреба на физичка сила (70.1%), зграпчување и туркање
(63.9%). Меѓутоа, битно да се напомене е дека, сепак, физичкото насилство не е
најчестиот облик на семејно насилство, особено во нашата држава. Се јавуваат и голем
број други видови на семејно насилство кои што оставаат трајни последници на
менталното и психичко здравје на жртвата. Според истражувањата направени во
Република Северна Македонија на ниво на целата територија во државата, податоците кои
што се добиени се застрашувачки , па така согласно истите, дури секоја 4-та жена барем
еднаш во животот била жртва на семејно насилство од ваков вид.2

3. СЕКСУАЛНО НАСИЛСТВО

Друг вид на семејно насилство е сексуалното насилство. Истото , најчесто се


манифестира со присилување на сексуален однос , обид за присила или друг вид на
сексуална активност, сексуално вознемирување, како ,,дофрлање,, или било кој облик на

2
Арнаудовски, Љупчо, „Криминологија“, 2 Август С Штип, Скопје, 2007, стр.348.

4
сексуална активност (на пр. допирање, милување, љубење) против волјата на другата
личност, присилување на секс, силување) и сл.

Сексуалното насилство, најчесто е комплементарно на физичкото насилство и како


такви,често се случуваат и истовремено. Имено, согласно нашата правна регулатива, под
сексуално насилство и сексуална злоупотреба се подразбира , секој сексуален контакт со
лицето жртва (допирање, милување на несоодветни места), подведување на проституција,
несакан полов однос, полов однос пред дете како и покажување на интимните делови на
делото пред дете.

Исто така, денес , се почесто се јавува и сексуално насилство во брак. Постојат голем
број различни теории и мислења за сексулното насилство во брак, кое како појава е се
повеќе застапено во современото општество. Голем дел од државите во светот, а посебно
исламските, не го препознааваат истото и не го регулираат доволно во нивните
законодавства. Сепак, неспорно е дека под сексуално насилство се подразбира и
силувањето во брак, како и понижувачкиот сексуален однос, подведувањето и
присилувањето на гледање на порнографски филмови.3

4. ЕКОНОМСКО НАСИЛСТВО

Едно од помалку дискутираните, а се почесто присутните видови на семејно насилство


е економското насилство. Економското насилство подразбира правење или обид жртвата
да се направи финансиски зависна, со одржување на целосна контрола над финансиските
ресурси, вклучувајќи го приходот што го заработува жртвата или средствата добиени
преку социјална помош, задржување на пари и/ или пристап до пари, кога сторителот
забранува на жртвата да посетува училиште, да се вработи, ја малтретира на работа, бара
од жртвата да се оправда за сите потрошени пари, итн.

Финансиската злоупотреба е една форма на контрола што ја користат сторителите на


семејно насилство со цел да стекнат моќ над партнерот. Имено, истата може да има

3
Дукас, Д., Коцева, А., Качанска, Б., “Семејно насилство-Брошура”, Свети Николе, 2010, стр. 6.

5
различни форми, но сите се во насока на ограничување и контролирање на тековните и
идните активности на партнерот и слободата на избор.

Па така, на пример, сторителот може да се меша во вработувањето, образованието или


обуката на жртвата на начин што истата , ја спречува да работи или да се образува; или,
напротив, инсистира таа да работи, но, ги присвојува нејзините приходи; врши контрола
на пристапот до сите финансии во домаќинството (вклучувајќи ги и нејзините приходи/
бенефиции): на пример, врши контрола на банкарските сметки, кредитните картички,
бенефициите, итн., не давајќи пари, и/ или ги одзема нејзините сопствени пари/ средства
(вклучувајќи ги и парите за секојдневните трошоци во домаќинството, нејзините заштеди
или други лични пари); инсистира жртвата да дава сметки за секој потрошен денар; краде
од неа и ги користи парите за себе, или ги префрла заедничките средства на сопствено
име.

Економското насилство денес е се почесто застапено поради тоа што лицата, а посебно
жените, не се доволно свесни дека се жртви на овој вид на семејно насилство, па така
живеат на овој начин со години, се додека не сфатат дека се финансиски и економски
злоупотребени најчесто од страна на нивните партнери.4

5. ПОИМ – ЖРТВА НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Под поимот жртва на семејно насилство се подразбира член на семејството или


домаќинството кој секојдневно или повремено трпи насилство од страна на друг член од
семејството или домаќинството, на кое се нанесуваат физички, психички и ментални
повреди.

Во општеството и помеѓу граѓаните, општо прифатено е и се зборува најчесто за жртви


на семејно насилство – жени. Посебно битен е фактот дека сите статистики укажуваат на
тоа дека најчести жртви на семејно насилство се жени, меѓутоа не се исклучок и мажите и
децата.

4
http://www.woodbridgedvrt.org/pages/fiveforms.html.

6
Во речиси 90 проценти од сите пријавени случаи на семејно насилство жртвите биле
жени, согласно последните податоци објавени од страна на Хелсиншкиот комитет.
Станува збор за навистина поразлителна бројка, за која се неопходни итни мерки од
страна на надлежните органи во голем број од државите.

5.1 НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНАТА

Неспорно е дека жените се најчести жртви на семејно насилство, не само во нашата


земја туку и пошироко. Како вршители на овој тип на насилство многу често се јавуваат
нивните сопрузи, свршеници и момчиња. Меѓутоа, битно да се напомене е дека не
секогаш се работи за физичко насилство врз жената. Се позастапени се случаите каде што
жените се изложени на душевно и вербално насилство. Посебно загрижувачки е фактот
дека насилството најчесто е вршено од страна на нивните партнери, и истото во голем број
случаи е непријавено, па така се смета дека бројот на жени жртви на семејно насилство е
многу поголем од она што покажуваат статистиките.

5.2 НАСИЛСТВО ВРЗ ДЕЦА

Посебен вид семејно насилство е насилството врз децата. Истото се дефинира како
насилството кое што се врши врз дете, од страна на возразен маж или жена. Согласно
Конвенцијата за правата на детето, детето треба да биде заштитено од секов вид насилство
и злоупотреба, а државата е должна да ги превземе сите законски, административни и
социјални мерки за да обезбеди заштита на детето од насилство и злоупотреба. Детето
може да биде жртва на насилство и во своето семејство, насилство кое тешко може да се
утврди и открие, а може да предизвика тешки последици по психичкиот и физичкиот
развој на детето.

Од видови семејно насилство кое се извршува спрема децата разликуваме:

 Запоставување– Одговорната возрасна личност не води грижа за детето и


неговите потреби како за физичките (обезбедување на храна, облека и хигиена),

7
емотивните (отсуство на љубов) , така и за едукативните потреби (спречување
на детето да оди на училиште).
 Физичко злоставување– Се манифестира со физичка агресија на возрасните врз
детето. Вклучува тепање , горење на детето, за кое семејно насилство, често се
кажува дека овој тип на насилство врз децата се користи како мерка за
воспитување и дисциплина кај децата.
 Сексуално злоставување– Вклучува извршување на било каков сексуален чин
помеѓу детето и возрасната личност од семејството.
 Душевно злоставување– Познато и како емотивно злоставување на децата и
истото вклучува неприкладни и претерани казни, потсмевање, непокажување
љубов кон детето.

5.2 НАСИЛСТВО ВРЗ МАЖИ

Иако најголем акцент се става на жените како жртви на семејно насилство , сепак
денес, во современото општесто, се почесто се јавуваат и мажите како жртви на семејно
насилство. Разликуваме физичко и психичко насилство, кое најчесто се состои од
постојано отфрлање и критика за неспособност од страна на нивниот партнер-жената.

5.3 НАСИЛСТВО ВРЗ СТАРИ И ИЗНЕМОШТЕНИ ЛИЦА

Како жртви на семејното насилство не се изоставени и се повеќе се застапени, старите


и изнемоштени лица кои се често неспособни да се спротистават на сторителот на
насилството. Насилството кое се врши врз стари и изнемоштени лица, исто така може да
биде физичко, душевно сексуално, економско насилство или пак напуштање и недоволна
грижа за старите лица.5

5
Gelles, J. Richard “Family Violence” in “The Handbook of Crime and Punishment” Oxford University Press,
1998.

8
6. ЗАКОН ЗА ПРЕВЕНЦИЈА, СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД СЕМЕЈНО
НАСИЛСТВО

Со Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, се уредува


одговорното и должно постапување на институциите и здруженијата, нивната меѓусебна
координација и соработка, заради превенирање и спречување на семејното насилство и
обезбедување на заштита на жртвите .

Цел на законот е преземање на мерки насочени кон превенција и заштита на жртвите


на семејно насилство, почитување на основните човекови слободи и права, живот, личен
интегритет, недискриминација и родова еднаквост, со должно внимание на интересите и
потребите на жртвата .

Со носење на Законот за превенција, спречување и заштита од семејното насилство


јасно се дефинира кои институции превземаат мерки за заштита и превенција на жртви од
семејно насилство како и нивната взаемна координираност и поврзаност.

Па така Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни


работи, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука,
Министерството за правда, единиците на локалната самоуправа, институциите кои вршат
дејност од областа на социјалната заштита, детската заштита, внатрешните работи,
здравството, вработувањето и образованието, преземаат мерки за заштита на жртвата и
спречување на насилство, остваруваат меѓусебна соработка и координација.

Институциите се должни да обезбедат работите од својата надлежност да ја вршат


стручни лица, обучени за спроведување на работите определени со овој закон и родово
засновано насилство.

По дознавањето за семејно насилство дали преку граѓанските организации,


институциите или пак по пријавувањето на самата жртва следува третман за истата. Се
согледуваат причините за настанатото насилство, времетраењето на истото, начинот на
вршење, обликот на насилството, кој е сторител, во каква психичка состојба се наоѓа
жртвата, дали е животно загрозувачка и слично.

Важен чекор после сето ова претставуваат мерките за заштита на жртвата.

9
Мерките за заштита претставуваат сите превземени дејствија кои што вршат заштита
на жртвата од повторно вршење на насилство врз жртвата, надминување на претрпената
траума од насилството кое што го претрпела, обезбедување на сигурен простор ( кризно
згрижување) доколку е потребно, сигурност, правна заштита, здравствена заштита,
интеграција во општеството поради несигурност и страв како и ниска самодоверба за
повторно нормално функционирање во истото. Мерките за заштита освен за жртвата се
обезбедуваат и за други членови на семејството кои што исто така се јавуваат како жртви.

Законот за заштита, превенција и спречување од семејно насилство јасно ги дефинира


превентивните мерки кои што ги превземаат и вршат надлежните министерства и
институции како Министерство за труд и социјална политика, Министерство за
внатрешни работи, Министерство за здравство, Министерство за образование и наука,
Министерство за правда, локалната самоуправа и граѓанските здруженија, а тоа се
следниве:

 промовирање на општествени и културни вредности на однесување, кои се


засноваат врз еднаквост на жените и мажите,
 воведување на програми за ненасилно однесување од најрана возраст во
предучилишните установи,
 воведување на програми за ненасилно однесување и разбирање на родовата
еднаквост во основните училишта,
 воведување на програми за развивање на способности за мирно решавање на
конфликти, разбирање и вреднување на принципот за еднаквите можности помеѓу
жените и мажите, во средните училишта,
 воведување на програми за развивање на способности за мирно решавање на
конфликти, почитување на дигнитетот и достоинството на личноста,
недискриминација и еднаквоста помеѓу мажите и жените во високо образовните
институции,
 обезбедување на стручна советодавна и советувалишна работа во советувалишта за
брак и семејство, центрите за социјална работа и други институции, спроведување
на кампањи или програми за подигнување на свеста и разбирањето на општата
јавност за препознавање и последиците од семејното насилство,

10
 воведување на контунуирани обуки за стручните лица за извршување на работите
од својата надлежност и родово засновано насилство,
 подигнување на нивото на одговорност на печатените и електронските медиуми за
објективно известување за случаите на семејно насилство, при што да не се
наведуваат околности кои можат да значат повреда на човековите права,
дигнитетот на личноста и избегнување на секаква дискриминација на мажите и
жените.

Со овој Закон се дефинираат и надлежностите на локалната самоупава во поглед на


превенција, заштита и спречување од семејно насилство. Локалната самоуправа делува со
обезбедување на заштита на жртвите преку делување во локалната заедница со отварање
на советувалишта, центри за кризно згрижување, достапност на СОС линии, водење на
кампањи за заштита и превенција од семејно насилство и слично. Локалната заедница е
должна да соработува со локалните здравствени установи, образовни институции и
институциите на Министерството за внатрешни работи.6

ЗАКЛУЧОК

Генералниот заклучок на овој труд е итноста за потребата да се одговори најскоро


на овој глобален проблем со семејното насилство, така што, ке се превземат сите
неопходни мерки од надлежните органи со цел да се изврши негова превенција.
Карактеристично е тоа што, во сите области каде што се јавува семејното насилство,
последнователните услуги преовладуваат над превентивните интервенции. Напротив.
Потребно е да се посвети повеќе внимание и навреме да се идентификуваат жртвите и
формите на семејното насилсвто, се со цел да се намали бројот на лицата што се жртви на
семејно насилство во иднина.

Семејното насилство, а посебно врз жените и децата, мора да се сфати како социо-
економски проблем, отколку како приватно прашање, што најчесто и многу лесно се
игнорира. Истото, мора да добие и поголемо глобално внимание од сите институции во

6
Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, сл.весник бр. 138 од 17.09.2014 година

11
современото општесто, како проблем што влијае на квалитетот на живеење на жртвите.
Ова не треба да се сфати само како ,,женско,, прашање, туку проблем кој се заканува на
хармонијата на нашите заедници.

12
КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА

 Арнаудовски, Љупчо, „Криминологија“, 2 Август С Штип, Скопје, 2007, стр.348.


 Дукас, Д., Коцева, А., Качанска, Б., “Семејно насилство-Брошура”, Свети Николе,
2010, стр. 6.
 Чачева, В., Фришчиќ, Ј., Мишев, С., „Живот во сенка”, Семејно насилство врз
жените Скопје, 2006
 Gelles, J. Richard “Family Violence” in “The Handbook of Crime and Punishment”
,Oxford University Press, 1998.

ЗАКОНИ
 Закон за семејство, сл. весник на РСМ, бр. 153 од 20.10.2014 година
 Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, сл.весник бр.
138 од 17.09.2014 година

КОРИСТЕНИ ИНТЕРНЕТ САЈТОВИ

 http://www.woodbridgedvrt.org/pages/fiveforms.html.

13

You might also like