Professional Documents
Culture Documents
Во одговор на Драган Алчинов
Во одговор на Драган Алчинов
„Иако не можам да гледам како страда ситен инсект, тие сепак ми кажуваат дека сум
суров. Но, мене ме обзема длабока огорченост поради нашите лажни хумани сфаќања и
поради нашата длабока попустливост кон секој наш суров непријател. Ние сме глупаци
поради тоа што забораваме да се чуваме од нивните удари. Ако било кога тие добијат
надмоќ над нас, погледајте ги тогаш како, носејќи оган во едната и меч во другата рака, ги
пустошат регионите и просто ги убиваат сите родољубци, ги убиваат нивните жени и
нивните деца, а градот го препуштаат на пламени јазици.“ (Жан-Пол Мара)
„Слушајте! Има само една неодложна работа, Републиката е во опасност. Јас знам само
едно: да се ослободи Франција од непријателот. За тоа се добри сите средства. Сите! Сите!
Сите! Кога имам работа со сите опасности, јас прибегнувам кон сите средства, и кога се
плашам од сè, јас му пркосам на сè. Мојата мисла е лавица. Во револуцијата нема
полумерки и попустливост. Немеза не е светица. Да бидеме страшни и полезни. Зар
слонот гледа каде ја става својата нога? Да го сотреме непријателот.“ (Жорж Дантон)
Апасиев ниту е Павловиќ, ниту е Мирчев. Етичката разлика меѓу Павловиќ и Апасиев што
Алчинов сака да ја прикаже како разлика меѓу белото и црното се заснова на историски
ревизионизам и лицемерен хуманизам. И последните зборови на Ернесто Гевара беа
истоветни со тие на Павловиќ („Јас знам дека ти дојде да ме убиеш. Пукај, кукавицо! Ќе
убиеш само човек!“), но сепак Че умре немајќи лажни хумани сфаќања за својот класен
непријател. Парафразирајќи го Мара во контекст на сегашната македонска политичка
состојба, би кажале: Голема глупост е да се тврди дека оние кои 30 години имаа моќ да нè
понижуваат, да нè ограбуваат и да нè угнетуваат неказнето, сега ќе се согласат, со добра
волја, да бидат еднакви на нас. Да, Апасиев е „црн ѓавол“ за вашите „бели ѓаволи“ затоа
што нема лажни хумани сфаќања за нив и токму тоа го прави неподмитлив народен
трибун. За вас Апасиев е „црн ѓавол“ затоа што верува дека е сè праведност во служба на
вистината и затоа што за него во борбата за социјална правда нема средина! Вие се
плашите од овој „црн ѓавол“ бидејќи е возвишен, но возвишен во самотијата со својата
доблест, на карпите, во негостоприемната оловна атмосфера над буржоаската
дрдорилница наречена парламент, возвишените луѓе како Апасиев ја имаат таа злокобна
девственост само во очите на корумпираните.
Апасиев е една чиста, но мрачна совест, познат по изреката: „Не сакам кога туѓата
(не)совест ќе стане судија на мојата слобода.“ Тој е од оние ретки луѓе што имаат во
себеси свој внатрешен глас и што го слушаат него. Тој знае сè од правото и не припознава
ништо од политичкиот живот. Оттаму и неговата крутост. Тој има врзани очи како Темида
на Хомера. Ја има слепата сигурност на стрелата што ја гледа само целта и оди кон неа. Во
борбата за социјална правда нема ништо пострашно од правата линија. А, Апасиев,
фатален, оди право.
Човекот, како небото, може да има темна ведрина, доволно е поединечна несреќа во него
за да ја создаде ноќта. Сведоштвото на социјалната неправда ја создаде ноќта. Кој ја
почувствувал социјалната неправда на своја кожа, тој и го разбира гневот на Апасиев. Тоа
што ја создава ноќта во нас, може да направи да се појават и ѕвезди. Апасиев е полн со
добродетели и со вистини, но тие блескаат во темнината на социјалната неправда.
Ноќта на 15 јули 2020 таа катастрофа настапи на македонската политичка сцена и Апасиев
рамо до рамо со своите сопартијци Реџеп Исмаил, Борис Крмов, Јована Мојсоска, Бранко
Ристов, Гораст Муратовски, Јован Крајевски и стотици други, се фрлија во таа широка
човечка преродба со доследност и за еден дух од нивниот ков, неумоливо. Тие сакаат таа
Минерва, овенчана со ѕвездите на блескавата иднина на македонската нација, да биде исто
така и Палада, и штит да ѝ биде маската со змиите. Тие сакаат нејзиното божествено око
да може во случај на потреба да фрли на демоните од сороспии, петоколонаши и балисти
пеколни молњи и да им врати ужас за ужас.
Левицата ќе биде тука секој ден да пркоси на вашиот бес. Таа е преродена во човекот кој
нема работа, во шивачката која нема одмор, во девојката која мора да го продава своето
тело, во талентираните студенти кои немаат пари за специјализација; Левица е преродена
во незатоплениот стан, во мизерниот душек без ќебе, во невработените, во пролетаријатот,
во борделот, во затворот, во безмилосните закони, во безперспективните училишта… О,
внимавајте, политички елити: вие не можете да ја уништете Левица сè додека не ја
уништете мизеријата на сиромаштијата.