You are on page 1of 20

УДК 811.163.3’367.52'367.

62

Бобан КАРАПЕЈОВСКИ

ЗА НЕКОИ ОСОБЕНОСТИ
НА ЗАМЕНСКИТЕ КЛИТИКИ ВО МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК1

1. Воведни забелешки

Теоријата отстапува. „Уморен е демонот на теоријата“, вели романскиот


критичар Еуѓен Симион. Лингвистиката е во рецесија: нема простор за нови
теории што ќе направат револуции како оние на младограматичарите, на Сосир
или на Чомски. Новата задача на лингвистиката е да се соочи со предизвикот на
интердисциплинарноста, да не остане само вештина туку да вклучи и мерливи
варијабли, како во техничките науки, со кои ќе ја анализира стварноста
одразена во јазикот, т.е. со јазични средства.
Во прв план таа поврзница може да се одрази преку концептот на
референцијата. Земајќи го предвид дефинирањето на референцијата „како
однос на јазичните изрази со стварноста – механизми што дозволуваат да се
поврзуваат зборовните искази и нивните компоненти со нејазични објекти,
ситуации, настани, факти, положби на нештата во реалниот свет“ (Падучева
2010: 7) (в. и Тополињска 1974: 62; Дучевска 1996: 8; Matthews 2005: 312), таа
е основната алка, која како парадигма се поставува во овој концепт. Помош
добиваат од заменките, кои, како што наведува Кристал (Kristal 1998: 406), се
назив за една затворена група зборови, кои може да се употребат како замена за
именска група/синтагма или за поединечна именка. Граматичкиот опис на
дистрибуцијата на заменките во некој јазик е, според него, сложен: честопати се
дава повикувајќи се на поопштите поими, како што се про-форма и деиксис.
Важно е да се дополни дека тоа заменување е условно, односно во фокусот е
посочувањето, т.е. упатувањето, а не проста супституција.
Дефинирањето на клитиките врзува два аспекта: синтаксичкиот и
фонолошкиот. Иако нашиот поглед врз нив нема да биде од фонолошки, туку
од дистрибутивен и од семантички аспект, односно ќе ги гледаме како

1 Текстот, со извесни измени и приспособувања, првично е објавен во поширока форма во


Карапејовски, Бобан. 2018. Јазикот и стварноста : дистрибуцијата на заменските клитики во
македонскиот јазик. Скопје: Ми-Ан. Овој текст претставува проширена и ревидирана верзија на
статијата објавена во: Karapejovski, Boban. 2012. “Distributive and Semantic Interpretation of
Macedonian Pronominal Clitics: Three Cases”, Annals of “Dimitrie Cantemir” Christian University,
Linguistics, literature and methodology of teaching, Volume XI, No. 2/2012, 7–33. Bucurest: “Dimitrie
Cantemir” Christian University, Faculty of foreign languages and literatures.(http://limbi-
straine.ucdc.ro/en/doc/anale2_2012.pdf)

281
Бобан Карапејовски

реченични елементи, сепак, поимот на клитиките во себе иманентно го содржи


фонолошкиот момент, односно е врзан за супрасегменталната фонологија.
Лингвистиката ги дефинира клитиките како граматички елементи,
третирани како одделни зборови во синтаксата, но кои формираат фонолошка
единица со зборовите на кои им претходат или што следуваат по нив. Тие може,
на пример, да се деклинираат или да се конјугираат самостојно [го, му, ја, ѝ; (ти)
си, (тој) е], но оформуваат целост во изговорот со зборовите од нивната околина
(сп. Matthews 2005: 56).
Нашата цел тука е да поставиме принцип, во форма на хипотеза, кој
натаму низ пониските структури на теоремите, во облик на импликации, ќе се
(само)докаже (преку практиката или низ процес на анализирање) или ќе се
побие. Заправо, ќе се докажат или ќе се побијат теоремите (сп. со гледиштата на
Хјелмслев, на пример, Hjelmslev 1980). Нашата хипотеза гласи: системот на
заменските клитики, поврзан со заменките по линија на референциски
карактеристики, со синтаксата по однос на линеаризацијата и по однос на
искажувањето падежни односи и со фонологијата по однос на атоничноста, го
урива воспоставениот концепт на употребата на заменките и се однесува надвор
од вообичаените логичко-граматички правила. Доказ се трите случаи низ кои ќе
ја спуштиме теоријата до теорема.
Зборуваме за дистрибуциска, од една страна, и за семантичка
херменевтичка постапка во сфаќањето на употребата на заменските клитики,
зашто тие се одликуваат со дополнителен семантички товар во однос на
предлошките клитики, на пример, кој е и нивна diferentia specifica во
дистрибуцијата. Имено, тоа што се работи за некакви морфолошки падежни
форми, подразбира дека тие инхерентно покажуваат реченични односи меѓу
зборовите (посесивна релација, објектни релации итн.), а тоа што се заменски ги
оптоварува со семантичкиот полнеж на референцијата. Нивната специфична
дистрибуција треба да се бара и во атоничноста, неакцентогеноста, односно тоа
што се клитики, но и во семантиката со која оперираат и во рамките на
ендофората и во рамките на егзофората.
Имајќи ја предвид ситуацијата во словенските јазици, особено во
јужнословенските, Френкс (Franks 1997, 111) е на став дека „клитиките играат
исклучително активна улога во однос на нивната синтаксичка функција. Иако
повеќето од времето домаќинот доаѓа до нив, кога ова нема да се случи,
клитиките самите бараат свој домаќин. (...) во ова тие посегаат по сите
синтаксички операции што им се на располагање за да најдат соодветен
домаќин“.
Пред да преминеме на анализа на случаите што ги најавивме во врска со
дистрибуцијата и со семантичката интерпретација на заменските клитики, ќе се
осврнеме на двата типа клитики воопшто, а тоа се адноминалните и
реченичните. Ова е потребно затоа што заменските се појавуваат и во двата
основни типа клитики, а глаголските, дополнително, ни се потребни во врска со
еден од случаите.

282
За некои особености на заменските клитики во македонскиот јазик

2. Адноминални клитики

Случаите на т.н. адноминални клитики може да се сместат во две


поголеми групи: присвојните дативни клитики и членот. И покрај тоа што
Мишеска-Томиќ (2008: 15) јасно ги издвојува присвојните дативни клитики
како клитики во вистинската смисла на зборот, а членот како морфема, таа
сепак, ги разгледува и нив во овој контекст (Мишеска-Томиќ 2008: 17–23). Иако
за членот може да се каже дека спаѓа во оние случаи на границата меѓу клитика
и морфема, ние ќе го исклучиме од натамошна анализа: прво, зашто не е
прономинална клитика, за кои ги сметаме само кратките заменски форми;
второ, зашто клитичноста е повеќе дијахрониска состојба на членот, а на
синхрониски план се работи за морфолошки експонент.
За посесивните дативни клитики може да се каже дека функционираат
во сите балкански јазици, со поголем или со помал опсег. Овие клитики ги
нарекуваме „дативни“ не поради тоа што искажуваат некаков однос на
индиректен објект (споменавме дека се работи за чисто посесивна релација),
туку по однос на формата, која е идентична со прономиналната дативна
клитика. Не може да се повлече никаква структурна и значенска релација меѓу
овие две клитики:

(1) Му реков на човекот.


(2) Го видов брат му.

Примерите (1) и (2) не претставуваат аналогни случаи. Поврзницата на


првото со второто „му“ е само формална, но не и структурна или значенска. Тоа
(различната семантика) има дистрибуциска реализација, односно формален
експонент во фиксната линеаризација во овие два случаја, која е различна во
едниот во однос на другиот пример. Имено, во првата реченица, кога се работи
за дативен објект, прономиналната клитика се наоѓа лево од глаголот и,
практично, е реченична:

(3) Воопшто, нему му се случуваше да се наоѓа на места каде што има


белја.
(4) Нему свет му се заврте.

Дативната клитика во (3) и (4) се експоненти на индиректниот објект,


кој „ја претставува индиректно зависната ИГ (именска група, заб. наша) и со
него се именува адресатот или целта на дејството“ (Минова-Ѓуркова 2000: 205).
Адноминалните клитики со посесивно значење редовно стојат десно од
именката што е центар на синтагмата и се врзуваат најчесто за роднински
имиња:

283
Бобан Карапејовски

(5) Сестра ти веќе неколку пати те бараше.


(6) Син ми не дошол веќе година.
(7) Ќерка ни е најубава.

Употребата со други именки е недозволива во македонскиот стандард,


но во печатот и особено колоквијално често се среќава со стилистичка
маркираност и иронична емоционална обоеност:

(8) Владата ни нè учи преку рекламите.


(9) Комшијата ми е најлошиот на светов.

Ваквата употреба, пак, е сосема вообичаена во бугарскиот стандард, на


пример.

3. Реченични клитики

Реченичните клитики опфаќаат дијапазон од прономиналните, па сè до


глаголските. Покрај овие две категории, во редот на реченични спаѓаат и:
модалните клитики ќе и би, субјунктивната клитика да и негативната клитика
не, а како клитики може да се однесуваат и прашалните: кој (кого, кому), што,
кога, каде/кај (Мишеска-Томиќ 2008: 37).
Системот на прономиналните клитики во македонскиот јазик изгледа
вака:

датив акузатив

едн. мн. едн.


мн.

1 л. ми ни ме
нè
2 л. ти ви те
ве
3 л. му им го
ги
повр. си се

(Табела 1. Системот на прономиналните клитики во македонскиот


јазик.)

Нивната дистрибуција во индикативни афирмативни конструкции е


секогаш лево од глаголот.

284
За некои особености на заменските клитики во македонскиот јазик

(10) Кога ти реков: драга! –


потемне твојата белост,
ме презре ти со снага.
(11) Штом му го препознав плачот, пред очи ми се појавија...

Иста е ситуацијата и во прашалните конструкции:

(12) Му го препозна плачот?


(13) Вам ви рече?

Збороредот се менува во императивните конструкции. Ако е глаголот во


форма на заповеден начин, тогаш клитиката доаѓа десно од него, т.е.
непосредно по глаголот. Линеаризацијата, според стандардот, треба да биде
иста и во негираните императивни контексти.

(14) Речи му да дојде.


(15) Не пиш'увај му повеќе!

Сепак, во практиката се забележува сериозно отстапување од овој


препорачан и стандарден збороред и тие мошне ретко може да ги слушнеме во
разговорниот стил. Во говорен текст, т.е. во дискурс, почесто ќе се слушне:

(15а) Не му п'ишувај повеќе.

Примерите (15) и (15а) ги акцентиравме за да покажеме дека, независно


од местото на клитиката во смисла на стандард vs. колоквијалност, сепак,
акцентот ќе си го заземе своето место како во стандардот, т.е. на
антепенултимата, односно е од пропарокситонска природа. Сепак, примерот
(15а) отвора можност за акцентирање и на негативната клитика не, од
прагматски причини – да се стави во фокус, односно да се нагласи. На тој начин
се искажува и модалност, односно дополнителен личен став, иако, во суштина,
не се менува пропозициската вредност на исказот:

(15б) Н'е му п'ишувај повеќе.

Оваа ситуација е особено присутна во скопскиот говор, кој не


соодветствува со состојбата опишана од дијалектолозите, туку се наметнува
како еден наддијалектен говорен израз.
Модалните клитики ќе и би, како и субјунктивната клитика да, се
наоѓаат лево од глаголот, но и лево од прономиналните клитики. Всушност,
редењето на клитиките во една низа би почнало со негативната, преку
модалните и субјунктивната, па дативната и, на крајот, акузативната клитика.

(16) Не би да му ја даде книгата.


(17) Не ќе да му ја даде книгата.
285
Бобан Карапејовски

(18) Му ја зеде книгата.


(19) Не сака да му ја испее песната.

Системот на глаголските клитики ги содржи формите на помошниот


глагол сум. Всушност, целокупниот глаголски клитички систем се состои од
нив и нивните форми претставуваат реченични клитики.

еднина множина

1 л. сум сме
2 л. си сте
3 л. е се

(Табела 2. Системот на глаголските клитики во македонскиот јазик.)

Презентските форми на помошниот глагол сум се клитики во сите


јужнословенски јазици. Формите на минатото време на помошниот глаголот
сум се акцентогени форми и може да претставуваат домаќини на клитики.

(20) Т'ој м'у_беше верен соработник.

Примерот (20) покажува дека му е во проклиза со беше –


прономиналната форма е проклитика, а имперфектната форма на помошниот
глагол е – домаќин.
Комбинирањето на глаголските и прономиналните клитики претставува
одделен проблем, односно е првиот од трите случаи што се во фокусот на
нашиот интерес. За македонските глаголски клитики, да потенцираме, важно е
тоа што ја напуштаат словенската состојба да бидат само во енклиза и се
јавуваат и со чисто балканска проклитичка пројава и во иницијална позиција во
реченицата (без разлика дали таа влегува во рамките на некоја друга сложена).

Во однос на можноста за употреба во иницијална позиција на клитиките


и разликата во таа смисла меѓу македонскиот исток и бугарскиот (Кажа/каза
му), од една страна, и македонскиот стандард и запад (Му кажа/рече), од друга,
го проследуваме и мислењето на Френкс (Franks 2010, 79), кој го истакнува
„ефектот на Тоблер-Мусафиа“ (наречен така во романистичката литература), а
примерите во кои се покажува дека во македонскиот клитиките можат да
заземат позиција и на апсолутниот почеток на реченицата, за разлика од
неможноста во бугарскиот, му даваат за право да заклучи дека „повеќето
клитики во македонскиот се прозодиски неутрални и бараат потпора во сите
насоки, додека во бугарскиот повеќето се само енклитики“.

286
За некои особености на заменските клитики во македонскиот јазик

4. Случај 1: „Скокачки клитики“

Веќе споменавме дека клитиките заземаат фиксно место во однос на


опкружувањето. Споредено со акцентогените форми, тие може да бидат општи
и специјални. Ако ги имаме предвид глаголските клитики, тие се веќе
категоризирани како специјални, споредено со акцентогените глаголски форми.
Но, што се случува со оние што се од исто потекло (на пример, формите на
„сум“), а, сепак, зависно од лицето во кое се конјугирани, го менуваат своето
место? Напоменуваме дека можноста за дистрибуциска двојност кај првото и
кај второто лице е сведена само на дативната клитика. Акузативната не може да
го менува местото затоа што таму се работи за посилна рекција во однос на онаа
што ја претполага дативниот објект. Имено, „за силна рекција се смета односот
меѓу личноглаголската форма и директниот објект, а за слаба рекција се зборува
во случаите кога се јавуваат: индиректниот и предлошкиот објект, како и
прилошката определба во реченицата“ (Минова-Ѓуркова 2000: 99). Затоа и не е
можен случајот, на пр.: *Го сум видел. Исто и можноста за споредба за
дистрибуцијата во однос на првото и второто наспрема третото лице е
ограничена на дативната клитика, бидејќи акузативната нема да се појави во
конструкциите со глаголско-именски предикат, а во перфектот е неможно да се
спореди поради отсуството на глаголската клитика во третото лице.

Да ги земеме за пример случаите:

(21) Јас не се каам поради тоа и благодарен сум им на боговите...


(22) Заеднички им е само крајот.

Имајќи ја предвид формулата за дистрибутивната анализа (а1,а2...аn-1, И,


аn+1,an+2..., an; сп. Дикро-Тодоров 1994: 55) во исказот „...благодарен сум им на
боговите...“, каде што имаме комбинација од глаголска и од прономинална
клитика, линеаризацијата е од типот „сум“, па „им“, односно прономиналната
клитика се наоѓа десно од формите на „сум“. Таков е случајот и во првото лице
множина:

(23) Вие во најмала рака заклучувате дека ние, едноставно, сме им


излегле во пресрет...

Аналогна ситуација имаме и во второто лице:

(24) Ти си ми пријател.
(25) Но, таму не бев сосем среќен, и вие, денес, сте ми потребни.

Примерот (22) ја следи дистрибутивната практика на комбинацијата


глаголска + прономинална клитика. Имено, во третото лице (и еднина и

287
Бобан Карапејовски

множина), прономиналната клитика оди лево од глаголската, каде што ја


очекуваме во сите комбинации прономиналната клитика + глагол.
Спореди и со примерот (26):

(26) Јаболката ни се главен извор за егзистенција.

Како што може да се забележи, исклучок од очекуваната дистрибуција


прават формите на прономиналните клитики во првото и во второто лице,
додека во третото тие ја заземаат очекуваната позиција во однос на сите други
глаголи. Се поставува прашањето за причините поради кои е тоа така. За да
имаме подобар увид во оваа неаналогна2 дистрибуција во смисла на
линеаризацијата, ќе мора да направиме паралела и со дијалектната состојба,
како и со онаа во Балканскиот јазичен сојуз или барем во некои јазици, како и
во јужнословенски контекст.
Во дијалектите ситуацијата е речиси идентична со стандардот. Особено
доследна е ситуацијата на македонскиот исток. Спротивно, во централните, но
и во периферните дијалекти на западот, имаме отстапувања на линија на
изедначување на местото на прономиналната клитика. Па, така:

(27) Колку пута ви сум рекла да не го праете тоа. (тетовски градски


говор)

Забелешка: Ова не е регуларна појава на синхрониско рамниште. Може


да се регистрира кај постарите говорители, но ни кај нив не регуларно, ами само
во некои контексти.
Таквата линеаризација кај првото лице еднина, во Зборникот на
Миладиновци, на пример, се среќава само на едно место:

(28) „...Ако ти сум од Бога писана,


сама, лудо, дома ке ти дојдам“.

Современата употреба на ваквиот збороред со поголема фреквенција е


одлика на дијалектниот ареал што ги опфаќа говорите на македонскиот запад.

(29) Јас му сум комшија. (Охрид)


(30) Mи ја растури грубо косата и знаев дека му сум убава.
(31) Ти не ми си веќе пријател (Битола).

2Аналогијата е мошне важна појава во јазикот, па според тоа и во лингвистиката. Нејзиното


значење и место во јазикот се огледуваат кај учењето на младограматичарите. Имено,
„суштината на младограматичарската теорија може да се сведе на тврдењето, кое во својот
‘манифест’ го истакнуваат во прв план Карл Бругман и Остхоф, дека јазикот се развива според
строги фонетски закони, кои немаат исклучоци, а она што не може да се објасни во развојот на
јазикот со нивното дејствување, може да се објасни со аналогијата“ (Glovacki-Bernardi et al. 2007:
53).

288
За некои особености на заменските клитики во македонскиот јазик

Во албанскиот, исто така, се среќава ваква линеаризација:

(32) *Ty tё jam mik. = Тебе ти сум другар.

Во врска со примерот (32) имаше широка дискусија меѓу родените


говорители на албанскиот, некои од нив и со оформено лингвистичко
образование. И покрај тоа што клитичката низа е сосема коректна, за некои од
нив оваа конструкција беше, додека, пак, за повеќето од нив таа не беше
прифатлива, особено поради рекцијата на глаголот jam. Некои се обидуваа да ја
оправдаат како производ на меѓујазичен контакт и интерференција од
македонскиот или од другите словенски јазици, во кои оваа конструкција е
регуларна. За оние за кои овој пример беше прифатлив, такви беа и сите други
варијации во смисла на замена на клитиките по лице (иако нивниот процент
беше сосема мал).
Проблемот на редењето на клитиките, особено во конструкциите со
глаголско-именски предикат, не е од ист тип со проблемот на линеаризацијата
воопшто. Имено, клитиките, сфатени како гранични меѓу афиксацијата и
самостојноста, не треба да ја имаат можноста за „шетање“, односно нивната
позиција е апсолутно фиксирана. Отстапките што ги забележуваме ние и се дел
од западниот македонски дијалектен ареал, поткрепувајќи ги со примери од
други балкански јазици, ни го отвораат прашањето: може ли да ги сметаме нив
за еден тип балканизам. Ниту едно друго објаснување нема да ја расветли
нивната позиција докрај [на пример, обратното – словенско влијание (од
полните форми на „сум“, ерго – „јесам“) врз несловенските балкански
јазици].Ако ги земеме познатите ставови за граматичките структури како одраз
на концептуалните [Крофт (Croft) 1990 кај Ивиќ (Ivić 2002: 27)], тие ќе ни
помогнат во илуминирањето на атрибутските преместувања во рамките на
синтагмата, на пример, соодветно натаму синтагмите во реченицата, дел-
речениците (клаузите) во рамките на сложената (комуникативната реченица) (в.
Тополињска 1993: 205), но не и на клитичките преместувања, кои нема да
направат поголеми концептуални разлики. Во таа смисла, освен балканското
несловенско vs. словенско влијание, ни останува да го погледнеме и
референцијалното стојалиште, односно лицето како фактор. Тука ни се отвора
значајното прашање за хиерархизацијата на лицата, говорните чинови, па и
соодносот субјект vs. објект, имајќи предвид дека клитиките се појавуваат кај
косите форми на заменките, т.е. се работи за зависни именски групи. Третиот
фактор, дали е „сум“ копула или помошен глагол, се покажува дека не прави
значајни разлики: можноста за дистрибуција и пред и по „сум“ на
прономиналните клитики на македонскиот запад е можна и во двете позиции
[сп. пример (27), (28), (30)].

289
Бобан Карапејовски

Во грчкиот се среќава линеаризација од ваков тип:

(33) Εγώ είμαι ο φίλος σου [Ego ime o filos SU.] = Јас сум пријател(от)
ти.

Кој е аналоген на албанското:

(34) Unë jam shoku yt. = Јас сум пријателот твој.

Еквивалент на примерот (51) е конструкцијата:

(35) ??Εγώ σου είμαι φίλος [Ego su ime filos] = Јас ти сум пријател.

Се работи за форми што се третираат повеќе како колоквијализми и во


албанскиот, и во грчкиот, и во влашкиот, а нивните соодветници во влашкиот се
со особено честа фреквенција:

(36) ?Mini tsa escu sots. = Јас ти сум пријател. (влашки)

Ако примерите (32) и (35) и се дискутабилни, во грчкиот изгледаат


прифатливи во неиндикативни конструкции (конјунктив и прохибитивна
негација) формите во прво и во второ лице во кои клитиката оди лево од
помошниот глагол сум. Нивната фреквенција во интернет-пребарувањето беше
сосема мала, за првиот случај, или речиси и незасведочена, за вториот: Πώς να
μη σου είμαι θυμωμένος. = Како да не ти сум лут.; Μη μου είσαι θυμωμένος!3 =
Немој да ми си лут.
Но, ако го земеме глаголот kam (има) во албанскиот, кој има акузативна
рекција, тогаш истото значење, истата пропозиција што ја имаат погорните
искази, ќе биде искажана на следниов начин:

(37) Тë kam mik. = Te имам (за) пријател. // Т.е. Ти си ми пријател.

Иако не очекувавме ваква линеаризација во бугарскиот, корпусот ни


даде и поинакви резултати. Имено, во драмата „В полите на Витоша“ (1910) на
бугарскиот писател Пејо Јаворов го среќаваме следниов пример:

(38) Мила. Недей. Аз искам да погледна още веднаж - няма ли да ми се


стори пак тъй. Много чудно. Мене днес все ми се струваше, че Христофоров е
тук, при нас, и присъствува на всичко... Дори още от сутринта аз му сьм и
някак сърдита - с една потайна умисъл, че той ще го почувствува. Ето - и
сега...

3Сп. Έλα Mirage μου, μημουείσαι θυμωμένος...(http://katerinaanteportas.blogspot.com/2006/11/blog-


post_02.html).

290
За некои особености на заменските клитики во македонскиот јазик

Исто и кај Иван Вазов во „Под игото“ (1894):

(39) Ти му си учител и наставител...

Потврдата на вакви случаи со делумна или целосна прифатливост на


дијалектно, колоквијално или (речиси) стандардно рамниште во албанскиот,
влашкиот, бугарскиот и во македонскиот укажуваат на нашата претпоставка
дека извориштето на таквото редење е балканско, особено имајќи го предвид
фактот дека овие јазици претполагаат низа во која прономиналната клитика ќе
се најде лево од глаголот.
На јужнословенскиот ареал, покрај забележаните случаи во бугарскиот
(38), (39), во српскиот таква линеаризација со помошниот глагол може да
очекуваме само ако ја имаме предвид полната форма на глаголот јесам.

(40) Ја ти јесам рекао. = (буквално) Јас ти сум рекол.

Пошироко, во српскиот/хрватскиот/босанскиот4/црногорскиот
5
дијасистем , односно во „среднојужнословенскиот дијасистем“ (в. Брозовиќ во
фусноста 5), вакви примери најдовме особено на несрпска почва:

(41) Ma ja ti jesam dosta razumna i realna ženska u sagledavanju tog našeg


braka i situacije u kojoj sam sada... (хрватски)
(42) Ja ti jesam rekao da ja nisam nikakva “vertikala”, već sam vjerovatno
najgori od svih (босански/бошњачки)

Овде е јасно дека ваквите конструкции се маркирани, служат за


нагласување и е потребна заменка (или некој друг збор) во иницијална
позиција, бидејќи, како што е познато, за разлика од балканската состојба на
проклиза на прономиналните клитики во иницијална позиција, словенската
ситуација налага тие да бидат енклитики. Нагласувањето во ваквите контексти
често е врзано за контраст или компарирање (ја ти јесам рекао... мада ти ни си
веровао... и сл.).
Со оглед на тоа, третото лице, всушност, не отстапува туку ја следи
дистрибутивната практика на другите глаголски форми, а првото и второто

4Бошњаците својот јазик го нарекуваат „босански“, а не „бошњачки“. Во таа смисла, присвојната


придавка „босански“ овде се однесува на именувањето на јазикот, а не на територијата, односно
државата; поточно, кога зборуваме за „босански дијасистем“ [со забелешката за неговото
единство во рамките на „среднојужнословенскиот“, како што го нарекува Брозовиќ (сп. во
следната фуснота)], терминот го поврзуваме со официјалното именување на јазикот, а не
посвојност според називот на територијата „Босна“.
5 Овие јазици сочинуваат единствен дијасистем. Ние тука ќе се повикаме на тврдењето на

Брозовиќ (Brozović: Hrvatski jezik 1998, Opole, в. и http://ihjj.hr/page/iz-povijesti-hrvatskoga-


jezika/15/).

291
Бобан Карапејовски

имаат прономинална клитика лево од глаголската, се поставува прашањето дали


има некаква разлика (од фонетско-фонолошка природа) меѓу глаголските
форми за овие лица. Ние веќе направивме преглед на глаголските клитики во
македонскиот јазик и видовме дека формите на сум во презент се однесуваат
исто, во смисла на тоа дека се клитики кои може да стапат и во енклиза и во
проклиза, особено во иницијална позиција, што е балканско влијание. Сепак,
тоа не е сосема така. Да споредиме:

(43) Тежок му е.
(43а) *Е му тежок.
(44) Тежок сум му.
(44а) Сум му тежок.
(44б) ?Му сум тежок. (дијалектно)
(45) Тешка си му.
(45а) Си му тешка.
(45б) ?Му си тешка. (дијалектно)

Како што може да се забележи, во ваквите конструкции е неможно


глаголската клитика за трето лице да заземе иницијална позиција, за разлика од
другите. Всушност, кај првото лице тоа е највообичаено, кај второто е помалку
прифатливо, а кај третото воопшто не е. Едно од можните толкувања е
фреквенцијата, ако претпоставиме дека повеќе зборуваме во прво отколку во
трето лице.
Конечно, со мошне висок степен на веројатност, се појавува опцијата за
ваква разлика на местото на клитиката во реченицата поради структурни
причини6. Сум и си, како неакцентирани елементи пред клитика, стануваат
проклитики. Јас + сум и ти + си интонациски и акцентски се спојуваат. Ако се
земат предвид претеритските форми, ќе се види дека бев/беше не е клитика, па
нема и промена на местото: Јас сум ти брат; Ти си ми брат; Тој ми е брат vs.
Јас ти бев брат; Ти ми беше брат; Тој ми беше брат. Во таа смисла, може да
се претпостави дека е станува полнозначно/акцентогено. Во западниот
дијалектен ареал, каде што има тенденција да се изедначи местото на
клитиката, можеме да зборуваме за иновациски процес под влијание на
аналогијата или во балканско опкружување.
Како маргиналија во овој контекст сакаме да го споменеме и
испуштањето на глаголската клитика во третото лице, која таму е во улога на
помошен глагол. Од старата состојба во која во сите лица имало употреба на
сум + глаголска л-форма, во македонскиот, во чешкиот и во словачкиот
формата на глаголската клитика сосема се изгубила во третото лице. Во
украинскиот, во белорускиот и во рускиот „esse“ се изгубил и како самостоен и
како verbum auxilliare. Се отвораат две прашања: кога се случило тоа, историски

292
За некои особености на заменските клитики во македонскиот јазик

и кои се причините за губењето. Иако тоа не е сосема во контекст на нашата


тема, да го споменеме мислењето на Мареш, кој пишува: „Во овој развој (во кој
се изгубил verbum auxilliare во третото лице, заб. наша) се работи, по мое
мислење, за покомплексно сфаќање на обликот: конгруентното 3 л. едн. и
формално станува необележана основа на претеритната конјугација; 3 л. мн. на
таа структура органски се приспособува, се изедначува со 3 л. едн. само со
обична ознака за множина...“ (Мареш 2008: 211).
Во врска со прашањето кога се губи, односно престанува
дистрибуцијата на глаголската клитика во третото лице, примери имаме во
Супрасалскиот кодекс7: nesl7 jest наспрема nesl7ø; izvolil7 jest : izvolil7 ø; а
натаму и во Шафариковиот триод: 4'e mi ist6kal7 sd5tel7 (752); a]e ne sm5ril7
tvor7c7m7ysl7ti i ras7ypal7 (76v); Лесновскиот паренезис: a]e li
zv5r6rastr6zal6 ili ptic4 rashitil7y ili r7yb7y razdrobil7y (302z); и
Станиславовиот пролог: c<a>rstvoval6 v6 armenin5 (160v).
Покрај мислењето на Мареш, може да претпоставиме дека тоа губење е
и поради нефункционалноста на помошниот глагол во третото лице. Сепак,
мора да имаме предвид дека лицето како фактор е јазична универзалија и
концептот за него е секаде ист, па не е докрај уверливо да му се припише само
на тој фактор губењето на оваа форма, зашто, ако е мотивот во лицето и во
формата, тоа ќе го очекуваме и во другите јазици или барем во другите
словенски јазици што имаа ваква формализација на искажувањето на
перфектот.
Причините за губењето на глаголската клитика се особени важни, иако
ѝ дадовме маргинален призвук тука, бидејќи може да се направат поблиски или
подалечни паралели, ако констатираме дека формата е причината за губењето,
со дистрибуцијата на прономиналните клитики во врска со глаголските и
нивното место vis-à-vis лицето.

5. Случај 2: Комбинирање на дативните и на акузативните клитики

Ние ги разгледуваме дативните и акузативните кратки заменски форми,


иако тие, ќе видиме подолу, нема секогаш да се совпаднат со структурата на
длабинските падежи. Тука е важно да се напомене тезата на Бугарски (Bugarski
1993, 146-47), кој површинските и длабинските падежи, според Филмор, ги
илустрира со примерите:

7Проф. д-р Мито Миовски, за потребите на истражувањето во врска со оваа проблематика, ги

најде овие примери од Супрасалскиот кодекс.


Проф. д-р Емилија Црвенковска ми ги посочи и другите примери од развојот на таа појава во
подоцнежните ракописи (Шафариковиот триод, Лесновскиот паранезис и Станиславовиот
пролог). На двајцата сум им особено благодарен за овие драгоцени прилози.

293
Бобан Карапејовски

(46) Петар ја отвори вратата со клучот. (Petar je otvorio vrata


ključem.)

(47) Клучот ја отвори вратата. (Ključ je otvorio vrata.)

Инструментот во примерот (46) има и формален експонент во


српскиот/хрватскиот во инструментал, додека инструментот во примерот (47) е
изразен со номинатив8.
Овој случај ни е мал прелудиум за примерите од типот (48), (49), кои,
иако системски и логички можни, не се активирани во практиката. Ова е вториот
случај за кој зборуваме, кој во една потесна смисла може да се третира како
комбинирање на дативните и на акузативните клитики, а во поширока во
контекстот што го начнавме погоре.

(48)*Сакам да ви нè претставам.
(49) Тој ми ве предаде.
а) ми – dativus ethicus;
б) ?ми – прономинална дативна клитика, еднина, индиректен
објект.

Очигледно е дека има извесни ограничувања во комбинирањето на


клитиките во еден исказ. Генерално, тоа ограничување се должи на лицето:
првото и второ се комбинираат со третото, но не и меѓусебно. Причините може
да се бараат на повеќе рамништа:
– хиерархизација на лицата;
– прагматички фактори;
– специфичноста на исказите во однос на семантиката и нивната мала
фреквенција.

Поточно, а поврзано со третата точка од наведените причини за


пасивноста, односно неактивираноста на овие случаи, може да се најде во тоа
дека се работи за пропозициска содржина што подразбира дека субјектот е
вршител на дејството, а објектот е комплексен и е составен од субјектот + друг
елемент. Тоа доведува до блокирање: не може да се употреби кореферентна
форма зашто објектот и субјектот не се еквивалентни, но се појавува потреба да
се истакне дека и вршителот е во групата/множеството трпители на дејството.

8„Dubinske padeške distinkcije nekad se sačuvaju u površinskoj strukturi, a nekad ne,ako se sačuvaju,
onda u zavisnosti od strukture svakog pojedinačnog jezika jedan dubinski padežmože da izbije na
površinu u obliku površinskog padeža, afiksa neke druge vrste, predloga, klitike,supletiva, ili ograničenja
na red reči“ (Bugarski 1993, 147).

294
За некои особености на заменските клитики во македонскиот јазик

Да го земеме примерот (48) и да се обидеме да го подложиме на


интерпретација. Вршител на дејството е првото лице, дејството е насочено кон
второто (ви – датив, индиректен објект), а дејството преминува на првото лице
множина (нè – акузатив, директен објект), кое е инклузивно, односно го
вклучува и говорното лице. Всушност, проблемот се појавува во тоа што првото
лице е и вршител на дејството и е засегнато од вршењето, но како елемент од
множеството што вклучува дополнителен член. Таквата ситуација бара
рефлексивност, ex definitione, но во случајов тоа не е така поради тоа што
дејството не подразбира ист референт и како субјект и како објект, туку
субјектот е и дел од објектот.
Тоа не мора нужно да биде проблемот за некомбинирање на овие
форми. Во примерот (49), ако ја сфатиме прономиналната клитика ми како
dativus ethicus, тогаш реченицата може да егзистира и е прифатлива. Нам тие
конструкции не ни се во фокусот бидејќи подразбираат само формално
комбинирање на овие клитики, а не и суштинско, т.е. референцијално, бидејќи
формите на dativus ethicus подразбираат субјективен став за кој рековме дека не
ја менува фактичката пропозициска содржина на исказот.
Ако се толкува примерот (49) надвор од границите на етичкиот датив,
тогаш тој има интерпретација во значењето дека третото лице извршило
предавство на група елементи што сочинуваат множество соговорници (второ
лице плурал), а тие му се предадени на првото лице (говорителот). Во рамките
на логичките односи, односно на онтологијата (нашите онтолошки познавања
на светот), оваа реченица е апсолутно можна и искажува остварлива и фактичка
релација во стварноста, но примерот не е фреквентен со такво толкување и не е
докрај приемлив од родените говорители. Сепак, за разлика од сосема
хипотетичкиот пример (48), кој е непостоечки во стварноста и не се реализира,
(49) може, под одредени услови и во одредени околности, да се реализира во
говорниот јазик9.
Да разгледаме уште неколку реченици од ваков тип:

(50) ?Тој му ве продаде за ситно.


(51) ??Марко ни ве (на)кажа.

Како што може да се види од примерот (50), ограничување се појавува,


односно лимитирана е прифатливоста, и во некои конструкции што засегаат
употреба на форми што припаѓаат и во опсегот на второто и на третото лице.
Ако му е во анафорска функција или, пак, припаѓа во сферата на ситуациската
определеност, тогаш многу почеста ќе биде конструкцијата со предлошка
синтагма:

9 Затоа и ознаките: * vs. ? – како што налага практиката на лингвистичката дескрипција, со


астериск (*) ги обележуваме хипотетичките примери, со еден прашалник (?) делумно
прифатливите, а со два прашалника (??) оние примери чија фреквенција и реализација се под
поголем сомнеж.

295
Бобан Карапејовски

(50а) Тој ве продаде на соседот/на стопанот/на душманите за ситно.

Такво решение не може да се примени и за следниот пример, а


пропозицијата да остане целосно иста.

(51а) Марко ве (на)кажа. – отсуство информација за тоа кон кого е


насочено дејството.
(51б) Марко ве (на)кажа кај нас. – првичната информација треба да е од
просторен тип. Со вторично значење, ваквата реченица може да ја опфати
пропозицијата на (51), но само поради тоа што и основниот глагол е
метафоризиран. Во другите случаи нема да се најде соодветник за сосема
логичкото редење на клитики.

Останува отворено прашањето зошто се појавува оваа рестрикција.


Причините сигурно не се фонетски, а уште помалку семантички. Како што
наведува Мишеска-Томиќ (2008: 41), ограничувањата во другите балкански
јазици се поголеми отколку во македонскиот. Имено, во албанскиот и во
грчкиот, на пример, по дативната клитика во кое и да е лице, може да дојдат
само акузативни клитики од трето лице. Јасно е дека од аспект на
линеаризацијата, и во македонскиот низата ќе биде дативна клитика на прво
место, па акузативна – на второ.
Лоцирањето на причините за неприфатливоста или за делумната
прифатливост на примерите што се предмет на интерес и се обединети под
одредницата „случај 2“ кај нас во прагматиката, односно во тоа што
„говорникот и адресатот не упатуваат често еден на друг“ (Mишеска-Томиќ
2008:42), не изгледа сосема прифатливо, зашто токму јас – ти е една од
основните прагматски релации, па (со)односот адресант : адресат треба да биде
примарен и да биде поттик да се реализираат ваквите потенцијални примери, а
не пречка за нивната фреквенција.

6. Случај 3: Ќе ни сварам кафе.

Во фокусот на нашиот трет случај за дистрибутивните отстапки или


спорни моменти и примери во врска со заменските клитики е еден дијапазон на
употреби што се на границата на прифатливоста за родените говорители на
јазикот, но чија фреквенција се зголемува. Имено, се работи за употребата на
прономиналните клитики за прво лице множина – ни и нè во конструкции со
глагол во прво лице еднина од типот на примерот:

(52) ?Ќе ни сварам кафе.

Првото лице е вршител на дејството, но е и објект, заедно со некои


други. По ваквата интерпретација, овој пример, во извесна мера, му се

296
За некои особености на заменските клитики во македонскиот јазик

приближува на примерот (48). Постои и опцијата да го разгледуваме овој


пример во рамките на употребата на ни како datives ethicus, и тогаш неговата
прифатливост е апсолутна. Во примерот ние претполагаме парафраза што е
еквивалентна на пропозициската содржина на примерот (52а), односно ‘ќе
сварам кафе за тебе и за мене’.
Да разгледаме уште еден пример од ваков тип:

(53) ?Каде да нè возам?

Додека за примерот (53) има еквивалент во примерот (53а),

(52а) Ќе сварам кафе за нас.

можност за таква варијација нема за примерот (53), односно не е можна


конструкција во којa акузативниот ќе биде заменет со предлошки објект, освен
ако не го декомпонираме, па да му најдеме еквивалент во реченицата:

(53а) ??Каде да те возам тебе и себе/мене.

Примерот (53а) звучи сосема вештачки, па дури е и на границата на


прифатливоста, зашто тебе и себе/мене ќе бара кратка заменска форма во прво
лице множина, односно повторно нè.

(54) ?Ќе ни направам торта.


(55) Ќе ви свиткам палачинка.
(56) Ќе им сварам чорба.
(57) ?Ни носам пари.

Примерите (54) и (57) се идентични со (52). Дека проблемот не се крие


во валенцијата на глаголот, се појавуваат два индикатора: можноста за употреба
на истите глаголи со други прономинални клитики [в. пр. (55) и (56)], како и во
Интенцијално-синтаксичкиот речник на македонските глаголи. Имено, во
првиот том на Речникот, кај глаголот ‘вари’, на пример, имаме:

вари1 (...) 2. готви, приготвува (со варење) храна (за јадење или за
пиење)
— И (С), И (Од), ± на И (Оинд) / за И (Оп), ± на И (Оп)1 / во И (Оп)
(...)
И (Оинд) / И (Оп) → човек или некое животно

Каде што И – именка, О – објект, д – директен, инд – индиректен, п –


предлошки.

(58) Секретарката ни вареше/вареше за нас кафе (чај, млеко итн.) на


едно старо решо.
297
Бобан Карапејовски

Очигледно, валенцијата е константна и дозволува алтернативност на


индиректниот и на предлошкиот објект. Од аспект на глаголите, таков не е
случајот со „вози“, кој бара директен објект, но кај кој повторно се забележува
ограничување од аспект на употребата на прономиналната акузативна клитика
за прво лице множина.
Имајќи ги предвид овие критериуми применети и на другите глаголи,
нашиот заклучок оди во правец на тоа дека лимитираноста во употребата само
на оваа форма е поради тоа што таа го вклучува и првото лице еднина како
субјект. Како што видовме во примерот (58), нема ограничување кога субјектот
е кое било друго лице. Практично, со употребата на ни и на нè во вакви
конструкции се сугерира дека вршителот е дел од множеството трпители на
дејството, тоа е донекаде рефлексивно, но само дел од него врзано со подметот.
На тој начин се руши општата концепција за синтаксичките членови и лицето,
односно се дава нова димензија, во смисла на тоа дека субјектот може да се
појави како објект не само во рефлексивни конструкции туку и во реченици
каде што е дел на покомплексен објект.
Од друга страна, прифатливоста на овие конструкции од говорителите,
како и нивната употреба во секојдневниот говор, се индикатор дека таквиот
концепт постои во свеста на оние што се служат со јазикот и дека тие не им се
противставуваат на законите на логиката.
Да заклучиме: никакви фонетско-фонолошки причини не влијаат во
„чудноста“ на употребата на ваквите конструкции. Семантички,
пропозициската содржина е сосема јасна и прифатлива од аспект на опишување
на она што нè опкружува, односно на стварносните феномени. Причините се
кријат во граматичките концепти кои не соодветствуваат секогаш – како што
веќе беше заклучил Вандриес (Вандријес 1998, 114) – со стварносните и со
логичките.

ЛИТЕРАТУРА

Вандријес, Ж., 1998, Говор. Лингвистички увод у историју. Сремски


Карловци –Нови Сад: Издавачка књижарница Зорана Стојановића.
Дикро, О. и Тодоров, Ц., 1994, Енциклопедиски речник на науките за
јазикот, т.1, 2. Скопје: Детска радост.
Дучевска, А., 1996, Персоналната рефeренција во современиот
македонски јазик (магистерска работа). Скопје: Универзитет „Св. Кирил и
Методиј“, Филолошки факултет.
Карапејовски, Б., 2018, Јазикот и стварноста: дистрибуцијата на
заменските клитики во македонскиот јазик. Скопје: Ми-Ан.
Конески, Б., 1996 [1986], Историја на македонскиот јазик. Скопје:
Просветно дело.
Конески, Б., 1999 [1982], Граматика на македонскиот литературен
јазик. Скопје: Детска радост.

298
За некои особености на заменските клитики во македонскиот јазик

Лопашов, Ю. А., 1978, Местоименные повторы дополнения в


Балканских языках. Ленинград: Наука.
Мареш, Ф. В., 2008, Компаративна фонологија и морфологија на
македонскиот јазик: синхронија и дијахронија. Скопје: Универзитет „Св. Кирил
и Методиј“, Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура.
Минова-Ѓуркова, Л., 2000, Синтакса на македонскиот стандарден
јазик. Скопје: Магор.
Мишевска-Томиќ, О., 2008, Македонските клитики во балканското
окружение. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите.
Падучева, Е.В., 2010, Высказывание и его соотнесенность с
действительностью (Референциальные аспекты семантики местомений).
Москва: URSS.
Тополињска, З., 1974, Граматика на именската фраза во македонскиот
литературен јазик. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите.
Тополињска, З. ,1993, „Функционална перспектива на исказите
конституирани од т.н. симетрични предикати“. Folia Philologica Macedo-
Polonica 2, стр. 205–213.
Црвенковска, Е. и Макаријоска, Л., 2018, „Заменските форми во
црковнословенските ракописи од македонска редакција“, Во: Реферати на
македонските слависти на XVI меѓународен славистички конгрес во Белград,
Република Србија, август 2018 година (специјално издание) Скопје: Институт за
македонски јазик „Крсте Мисирков“, стр.5–28.
Цивьян Т. В., 1979, Синтаксическая структура балкансокого
языкового союза. Москва: Наука.
Bugarski, R., 1996, Uvod u opštu lingvistiku. Beograd: Čigoja.
Franks, S., 1997, "South Slavic Clitic Placementis still syntactic". Penn
Working Papers in Linguistics 4.2., стр.111–126.
Franks, S., 2010, "Clitics in Slavic". Contemporary Issues in Slavic
Linguistics,
10.(http://pubs.cogs.indiana.edu/pubspdf///36974/36974_Clitics%20in%20Slavic_fra
nks.pdf)
Franks, S., 2017, Syntax and spell-out in Slavic. Bloomington, Indiana:
Slavica Publishers.
Glovacki-Bernardi, Z. et al., 2007, Uvod u lingvistiku. Zagreb: Školska
knjiga.
Ivić, M., 2002, Red reči. Beograd: Biblioteka XX vek – Čigoja štampa
Hjelmslev, L., 1980,Prolegomena teoriji jezika. Zagreb: Grafički zavod
Hrvatske. (Prijevod: Ante Stamać, Predgovor: Mirko Peti)
Karapejovski, B., 2013, “Distributive and Semantic Interpretation of
Macedonian Pronominal Clitics: Three Cases”, Annals of “DimitrieCantemir”
Christian University, Linguistics, literature and methodology of teaching, Volume
XI, No. 2/2012, p.7–33. Bucurest: “DimitrieCantemir” Christian University, Faculty
of foreign languages and literatures. (http://limbi-
straine.ucdc.ro/en/doc/anale2_2012.pdf)
Kristal, D., 1998,Enciklopedijski rečnik moderne lingvistike. Beograd: Nolit.
299
Бобан Карапејовски

Matthews, Peter H., 2005,The Concise Oxford Dictionary of Linguistics.


Oxford: Oxford University Press.
Mišeska-Tomić, O., 2012, A Grammar of Macedonian. Bloomington,
Indiana: Slavica.
Mišeska-Tomić, O., 2012, A Grammar of Macedonian. Bloomington,
Indiana: Slavica.

ON SOME SPECIFICS OF PRONOMINAL CLITICS IN MACEDONIAN

Summary
The predominant linguistic concepts, traditional grammar and hitherto used
description, have mostly focused on language per se. However, we will step out of the
frames of this view and attempt to concentrate on three cases, which, being
exceptions, may be interpreted from three different aspects, which are not necessarily
mutually exclusive: a) as an interference within the Balkan Language Area; b) as a
reflection of the way reality is perceived and an exception regarding the linguistic
projection of this reality; c) as a linguistic marginal case, which (barely) exists in the
Macedonian language and in the languages of some of the other Balkan dialects. We
will look into three cases that focus on clitics: 1. the so-called “jumping clitics”; 2. a
combination of dative and accusative forms; 3. the case whose paradigmatic
properties are founded upon the example: “Kje ni svaram kafe/Will (to) us make
coffee.” Since these cases stand out as exceptions from the predominant description
in Macedonian, we will correlate them with the rest of the Balkan languages and raise
them to the level of a new Balkan phenomenon, an expression of the common
mentality. Or, on the other hand, we will discard them as a marginal case in
linguistics.

300

You might also like