You are on page 1of 15

Блаже Конески

Ангелот на Света Софија


Ти којшто толку време мина
под малтерот на ѕидот мрачен,
пак слободен си в простор зрачен
— о сине тих на мисла сина —
со живот пак ти гори видот
и зори како небо ѕидот.
.
Но таа лика што се крие
под малтерот на мојте гради
и — утеха од дните млади —
по убост како сестра ти е,
не, нема мајстор да ја спаси,
со мојот живот ќе се згаси.
.
Инспирација за оваа песна е фреската во црквата Света Софија. Таа оживеана
фреска на која ѝ се обраќа лирскиот субјект е симбол на минатото, на
вечното, на нашата историја.
Но, вториот дел на песната е рефлексивен и во него субјектот пее за својата
младост и за минливоста на животот.
Двата дела на песната, Конески мајсторски ги спојува во целина,
споредувајќи го ликот на ангелот со својата душа (под малтерот на ѕидот
мрачен – под малтерот на мојте гради), но сепак спротивставувајќи ги како
вечност (ангелот) и минливост (својот живот).

Тешкото
О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот -
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто ми навирa река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.

О тешкото! Старци излегуват еве,


на чело им мисла, во очи им влага
и првиот чекор по меката трева
е мирен и бавен, со здржана тага.
Но 'рзнува тапан и писок се крева
и молнија светнува во секој глед,
и напред се пушта, се стрелка, се слева
стегнатиот ред.

До старците момци се фаќаат скокум;


не издржа срце - сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен во око,
не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
и чиниш - се корне стресениот век,
и околу трпнат ридиштата темни
и враќаат ек.

И божем се врасло кипнатово оро


со исконска сила за земјава наша
и во него шуми на реките зборот,
и во него рика див ветер и страшен
и во него шепнат узреани житја
и вечерен мирис се разлева тих,
и земјата дише во пролетна ситост
со запален здив.
И душата, чиниш, на родот мој мачен
во тешково оро се уткала сета -
век по век што трупал сè попуст и мрачен
од крвава болка, од робија клета,
век по век што нижел од корава мисла
за радосна челад, за слободен свет,
од песна - за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет.

О тешкото! Кога во молк да те гледам,


на очиве магла ми напаѓа сура,
и одеднаш - в бескрај се растега редот
и ридја се губат в пустелија штура -
и еве кај иде од маглата матна
сè сенка до сенка, сè еден до друг -
во бескрајно оро син оди по татка,
по деда си - внук.

Времињата мрачни се нивното поле,


и нивната свирка - на прангите ѕвекот,
а главите им се наведени доле,
и покроце врват - сè чекор по чекор.
О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!

Кој број ќе ми каже на лутите рани,


на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти?
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
од калеши моми и невести ред.
со врзани раце во плен што ги погнал
насилникот клет.

О тешкото! Синџир ти беше на робја,


дур не стана народ во листена гора,
сè дури со јадот од векови собран
не поведе бујно, бунтовничко оро!
се залула танец низ крвје и огон,
и повик се зачу и грмеж во чад -
те разнесе сегде бунтовната нога
по родниот кат.

О тешкото! Сега по нашите села


во слобода првпат штом ќе opo сретнам,
зар чудно е - солза да потече врела,
зар чудно е - жалба јас в срце да сетам?!
Од вековно ропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој!

„Тешкото“ на симболичен начин преку националното оро, карактеристично


за нашиот народ, ни ги прикажало вековните страдања, измачувања и
стремежи да се биде слободен. Бунтовноста е присутна во најтешките
моменти на непокорениот македонски народ.
Песната има десет строфи, со по осум стихови. Секој стих има по дванаесет
слога освен последниот стих од секоја строфа кој има пет слога.
Според местото во стиховите римата е вкрстена (рани-збрани, усти- пусти).
Според местото на акцентот има машка рима (пој-твој), женска (штура-сура).
Сликовитоста на песната ја даваат големиот број  стилски изразни средства.
На почеток, самата симболика се открива во насловот на песната (орото-
мачното вековно минато на народот преполн со страдање, ама и борба за
подобро утре).
Апострофата се гледа во емотивниот крик на поетот:,,О тешкото!“
Компарацијата е присутна во повеќе стихови: „да плачам ко дете“; 
„од песна -за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет“
Намерното испуштање на сврзници со цел засилување на емоцијата ни ја
дава стилската фигура асиндет:„да превијам раце, да прекријам лик“.
Поетот ја употребил и спротивната на неа, полисиндет (зачестена употреба
на сврзници): „и чиниш...
                         и околу...
                         и враќаат ек“
Во следните стихови ја забележуваме покрај полисиндетот и анафората:
„ И во него шуми...
   и во него рика...
   и во него шепнат...“
Прекрасна е персонификацијата во стиховите:
„и земјата дише со пролетна ситост
  со запален здив.“
Метафората ја најдовме во:„не издржа срце - сив сокол во клетка“
За да ја зголеми убавината на песната ја употребил и стилската
фигура реторско прашање: „Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
                        над пустош и крв?“
Големиот број епитети ја потврдуваат маестралноста на нашиот Блаже
Конески.
 Пр.  вековно ропство, родниот кат, бунтовната нога, листена гора, калеши
моми, пламнати ноќи, пеплишта пусти, лутите рани, радосна челад, слободен
свет...

Ацо Шопов
Црно сонце
1.
Ни исток имаш, црно сонце, ни имаш запад,
ни небо за молитва ни земја за напад.
И секој што ќе посака да ти се напие од сјајот
изгнаник е од пеколот и изгнаник од рајот.
Тревите се веднат, дрвејто трчаат боси
пред твојот цвет што гори и црна пепел носи.
Црно сонце, птицо преправена во ѕвезда,
кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна.
Црно сонце, црно без исток и запад,
црно сонце за жедни на брегот што ќе стапат.
2.
Од која незнајна земја, како долета тука
о црно сонце, птицо во живо дрво што клука.
Кој маѓесник те прати, со каква тајна сила
ѕуницо над триста Волги и преку триста Нила.
Каков е тој небесен појас, таа шарена лента
од сите темни галаксии па до нас – два континента.
Зар да те истрадам сега пред да знам како се страда,
пред да те видам како вселенска барикада.
О црно сонце, песно, о кој ли тоа те става
на плеќи да те носам место својата глава.
3.
Каде ме водиш сега, која ли пештера глува
сè што ќе биде наше ќе знае да го чува.
Ѕвездите гледаат во нас, а ѕвездите се слепи.
Ние сме само на светот како две сраснати крепи.
Кој тоа над нас стои, кој тоа над нас ѕида
за да нè закопа живи во мртва пирамида.
О песно, земјо, жено, о живот и смрт ведно
сè што ми носиш денес, сам ќе го испијам жедно.
Ни исток имаш, црно сонце, ни имаш запад,
Попусто те молам со молитва за напад.

Очи – Ацо Шопов


Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка на погледот срцен,
и секоја капка на твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.
Другарите беа и морни и гладни
со згорени грла и свиени плеќи
со тап бол се впија во очите ладни
и жалеа оти не ќе пламнат веќе.
Но јас знаев оти пак ке вивнат в жарој
и борците под нив ќе цветат и раснат,
в студените утра ќе греат ко сонце
и никога нема да стијнат и згаснат.
Последната вечер в планинското село,
кај борците беа со дрипава дреа,
со пликови жешки на стапал тешки,
и смрштени чела – згасени, мразни
ко нивните пушки укочени, празни,
и нечујно, глуво, ко здушена реја
се точеше шепот од уво до уво:
“Утре, друже, в зори, страшен бој не чека,
а ние сме малку, – сал неколку души…”
И кога ко игла ти прободе уши –
ти растресе снага и размолска тага,
со лунјени очи широки и волни
ги расече в ноќта здивените молнји!
Ко тогај, ко тогај, о другарко, помниш –
в смрзнатата вечер на пролетта рана,
кај нашата младост и првата радост
ја косеше луто куршумната слана,
а ти чело збрчка, ко тигрица рипна
и летна во ноќта крвава и црна, –
со своите очи што ригаа пламен
ги растопи чашкум челичните зрна…
И после! И после – в последната вечер…
јас нејќам да мислам што потаму стана,
прошталниот шепот ти замрзна в усни,
ти гореа очи под веѓите густи!
Со нивниот пламен и со клетва света,
на заседа тргнав сред мојата чета.
А утринта кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе в редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! о видов – кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила –
ко елени брзи и лесни ко птица.
А твоите очи се искреа гневно
во нивните потни, распалени лица…
Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.
Песната „Очи“ е тажачка по загинатата другарка — соборец, Вера Јоциќ. Таа
има баладичен, елегичен тон и претставува тажно сеќавање на трите долги
дена кога партизаните ја носеле својата другарка на раце низ македонските
планини. Тие се неми сведоци на нејзиното бавно умирање, но и сведоци на
нејзината бестрашност и храброст.
Смртно ранетата партизанка ги изговорува во шепот своите проштални
зборови.
Болката заради нејзината смрт кај борците предизвикува желба за одмазда,
желба да се продолжи со борбата, да се биде како неа.
Блесокот на нејзините очи се вселува во очите на нејзините другари. Тој
блесок е поттикот за новите борби за слобода.
РАЃАЊЕ НА ЗБОРОТ
Глужд на глужд.
Камен врз камен.
Камена шума
изѕемнина.
.
Глужд на глужд.
Камен врз камен,
од камен и ние обата.
Чади ноќта.
Зборот се двои од темнината.
Модар јаглен му гори во утробата.
О ти што постоиш зашто не постоиш,
небото го лулаш,
земјата ја вртиш.
О ти што постоиш зашто не постоиш,
земјата јачи под камени плочници.
Иде замелушен од своите смрти
Зборот што ги крши сите слепоочници.
Глужд на глужд.
Камен на камен.
Својот гроб со прокуда го копам.
Отвори ме
проклетио,
ти тврдино камена,
да изгорам во јагленот на зборот,
да се стопам.
 
Со првата песна од циклусот „Раѓање на зборот“, Ацо Шопов ја отвара темата
на зборот во македонската поезија.
Песната започнува со метафизичка слика на камената шума над која чади
ноќта. Тоа е слика на хаосот пред создавањето на светот. Поетот и зборот се
дел од таа шума. Креативно, поетот го поистоветува зборот со светлината. Во
Светото писмо, Бог ги создава земјата и небото и потоа ја издвојува
светлината; поетот го издвојува зборот. Модриот јаглен метафорички го
претставува огнот. За поетот, зборот е тој што го претставува вистинскиот
почеток. Со зборот, со говорот, човекот станува човек. Со зборот, со
именувањето на предметите и појавите е и нашиот почеток. Со раѓањето на
вистинскиот збор и поетот станува поет.
.

Матеј Матевски
Езеро

По години и сништа многу


повторно се вратив
на езерово
со слатки води
залутано во скутот на ридовите
Дијамантот на сонцето
уште длаби
Не камен на неговото дно
ни трева грло што си крие
под брановите
ни птица грабеж див што носи
Око сум само око на сонцето
што му ги ниша водите
стари
О оставете ме крај ова езеро
оставете ме крај езерово
крај горчливово
оставете ме мртов
 Матевски во песната „Езеро“ се соживува со природата, тој е воодушевен
набљудувач кој станува дел од неа. На крајот, посакува, слично како
Миладинов, својот мир, своето вечно почивалиште по сите животни
перипетии и искуства да ги заврши дома – дома крај езерото, дома во
природата.

Ѕвона
 
Некаде ѕвони. Некаде далеку ѕвони.
Звуците се бранови на ветрот
низ тревите подгонети.
Некаде ѕвони. Продолжително остро и нежно.
Глуво е сѐ. Сал ритамот
плиска по брегот на железото.
Некаде ѕвони. Шибни ме високо и бездно.
Бегајте низ кавезот звучен
глуво и безнадежно.
Некаде ѕвони. Малечок ѕвонам и врискам.
Сѐ е затворено. Опчинет
за звуците сум виснал.
Некаде ѕвони. Удри ме. Колку сум храбар а питом.
Време, удри и ти по споменот
грубо и незаситно.
Некаде ѕвони. Премногу дамна и сега.
Сѐ боли, небо. По тревата
на звуците познати легни ме.
 „Ѕвона“ е песна за спомените, за детството, за големите нешта во животот на
малиот човек и за помирувањето со минливоста на животот.
Таа е лирско-медитативна, рефлексивна песна. Составена е од шест
терцински (со три стиха) строфи во слободен стих.
Мотивот во песната е детството и родниот крај – трите ѕвона од
гостиварската црква. Секоја строфа започнува со: „Некаде ѕвони“ – со што се
потенцира силниот звук од ѕвоната од минатото, но и во сегашноста. Тоа
„некаде“ треба да означува место, но во песната означува време – некаде во
детството. Звукот, ѕвонењето е присутно во целата песна, тој го доловува
чувството, а не сликата. Освен звуците, во песната се постојано присутни
контрастите кои ја посочуваат временската разлика: детството и сегашноста.
Песната започнува со ѕвонежот во далечина, со ѕвонежот на минатото кој
полека надојдува. Градскиот живот („брегот на железото“), ритамот на
секојдневието го обзема и заробува човекот. Само во спомените, детството и
безгрижните игри, минатото, природата, тој ќе може повторно да се успокои
и да ужива. На крајот од песната, сиот восхит, сета храброст, големина и моќ
што ја чувствува сеќавајќи се на минатото, исчезнуваат. Поетот иако
разочаран, сепак ќе се помири со минливоста на животот (па друг избор и
нема).
Пораката во песната е токму тоа: дека во животот сè поминува, дека со болка
се сеќаваме на убавите мигови од детството и младоста, но со таа судбина
мора да се помириме.
Гане Тодоровски
НЕРЕЗИ
Во секој заглед: Занемена Големина!
Во сека мисла: Победа на невремето!
И одвет: Ваше сум Вчера!
Колку е малку нужно в очи да те збереме,
колку е многу нужно во дланките на самочувството
да те сочуваме.
Витосни векови време требало да се надживеат,
векови невекувани,
години неизгодинети,
денови неразденети.
Витосни векови време во костец со забравата,
и – пак те имаме!
Тука сме, речи ни: почесто елате тука
и узнавајте ја смислата
на своето постоење.
Бликотен врутоку влеј се во нашите пориви,
така да истрајуваме,
така да се осмислиме,
така да убавееме.
Многузборлива немотијо, велиш ли:
и покрај се —
живееме, живееме, живееме.
Нерези“ е патриотска песна во која поетот со воодушевување пее за
постојаноста и траењето низ вековите. Преку манастирот, тој всушност пее за
својот народ кој успеал и покрај сите тешкотии да опстане и сè уште да
постои.
Песната започнува со восклик и воодушевување од погледот кон манастирот,
од неговото истрајување и победа на невремето.
Во секој заглед: Занемена Големина!
Во сека мисла: Победа на невремето!
И одвет: Ваше сум Вчера!
Дали големината се огледа во градбата, во архитектонскиот приказ или
метафората е таа која укажува на големината на православната вера, таа што
времиња ќе победи? Занеменоста е показ дека зборовите се излишни –
секоја црква (секој народ) зборува од своите дела. Каменот е сведок на
минливоста на времињата и раскажувач на историјата на македонскиот
народ.
Манстирот е постојан и цврст иако преживеал „витосни“ векови, години и
денови, не му потклекнал на невремето, не му потклекнал на заборавот.
И тогаш кога вековите се невекувани, заради ропства; и тогаш кога годините
се неизгодинети, заради окупации; манастирот стои, трае, мирува – народот
живее како да не живее, но сите тие премрежја се ништо наспрема
опстојувањето. Вековите, годините и деновите се носат во душата, а таа  се
крепи со верата. Верата и не мора да има свој соѕидан храм, затоа што
најголемиот соѕидан храм на верата е човековата душа.
Манастирот е тука и нè потсетува на нашето минато, нè потсетува дека тоа
сме ние. Поетот е горд што и припаѓа на оваа традиција, на овој народ кој
успеал да преживее сè и повторно да опстане и да опстои. Секој од нас треба
да биде свесен на оваа големина (многузборлива немотија = оксиморон), на
минатото и традицијата и таа да биде изворот, „бликотен вруток“ од каде
што ќе ја црпиме силата за нашата иднина.
Последните стихови се дискурсот на нашето бидување: сме живееле во
минатото, живееме денес, но овој народ ќе живее и утре.
едум навраќања кон мотивот трепетлика
            (од збирката „Спокоен чекор“)
            1.
            Зелени клепки несон.
            Зелена, нема разбранетост.
            Таа е лична средполка,
            средполе сон прегладнета.
            2.
            Ставата и е зеленило пеперуги
            пленети вечно во вишна вертикала.
            3.
            Прекопната за спокој, неспокојна се траќа,
            трепери простум, се вѕира во облаците,
            го следи патот, тагува по катунците
            и ѕемне кога спотнат средлетните безветрини.
            4.
            Ја мачи ли безсоница, во уплав ли се тресе
            грешно-прегрешна јаловица занесена?
            5.
            Крстеник да ми беше, со Немир би ја крстел,
            немир-немирлика, неродна полска висотија.
            Вечерник да сум, трепетот би и го брстел,
            трепетот, показ на стравлива самотија.
            6.
            Колку е само плашливка, самата ќе ви рече,
            везден треперење: Утрина. Пладнина. Приквечер.
            7.
            Им се заблазува на птиците
            гнезда што свиле во неа,
            на сонот, рожбите, починката им заблазува,
            Несонка. Неротка. Зелена неспокојничка.

И насловот и песната „Седум навраќања кон мотивот трепетлика“, се


инспирирани од народното творештво. Во народните песни, трепетликата се
јавува и со името: трепетуша, јасика, топола. Треперењето на јасиката,
според легендите всушност е божја казна. Од неа биле направени клиновите
со кои бил прикован Исус на крстот. А и пред тоа, уште при бегството на
Богородица со Христос пред гонителите, кога мајката Божја се скрила зад
трепетликата, таа ја предала со своето треперење. Јасиката ја искажала
својата гордост и непокорност не поклонувај- ќи им се на светците кои
минувале низ шумата. Тогаш, Богородица ја проколнала јасиката – да
трепери до века, ни од ветар, ни од дожд, ами од стравот божји, а во други
преданија ја проколнала и со неплодност. Исто така и бројот седум, во
народното творештво има магиско значење.

„Седум навраќања кон мотивот трепетлика“ е лирско-медитативна,


рефлексивна песна во која предмет на набљудувањето е трепетликата
(јасиката). Навидум песната е пејзажна, но всушност, таа е песна за јаловата
убавина, за бесцелното, неплодно постоење.
Составена е од седум строфи во слободен стих, наизменично катрени и
двостишја (4 – 2 – 4 – 2 – 4 – 2 – 4).
Набљудувајќи ја трепетликата, поетот ни ја опишува и од нејзината
надворешна и од нејзината внатрешна страна. Однадвор, таа е
прекрасна, „лична средполка“, „снагата и е зеленило пеперуги“, таа е
разлистена, зелена, висока убавица. Но, во нејзината внатрешност, таа
преживува вистинска драма. Таа е несонка, „сред поле сон прегладнета“, таа
е немир, „прекопната за спокој“, таа е „неродна полска висотија“, „грешно-
прегрешна јаловица занесена“, таа е плашливка „показ на стравлива
самотија“. Внатрешната болка ја прави завидлива кон сите што имаат мир,
спокој и сон, кон сите што имаат свој дом и рожба.
Тоа е песна за човекот, за девојката, чија надворешна убавина пленува, но
таа не мора секогаш да биде и показ на внатрешната убавина.

Радован Павловски
Младичот што спие на пладне
Звукот на смртта
те занесува да спиеш
о младичу
разбуди се
Имаш поле озвучено од билки и мотики
Утринското сонце е голема трпеза
на која орачите го кршат својот леб
Пладнето крие црни конци на ноќта
Ти под себе си закопал камење и месечина
Десет коњаници од заседа
Нежна билка ти ги врзува прстите за земја и не те пушта
сè додека не ѝ доделиш
замрачен бакнеж среде пладне
Од тревата се крева хор на мртвите љубовници
Разбуди се о младичу
Мојот брод граден од винова лоза
со засипнато грло е на море
Има час кога сè е мртво од сон
Има час кога се проучувам дали сум луд
Вечер е
и доаѓаат многу луѓе да те разбудат
Ти ја црташ картата на ѕвездите
и длабоко дишиш
Разбуди се о младичу
и раскажи ни ги соновите
па на убав коњ ќе одјавам до Железна Река
да нè освежи ветерот до водениците
Со ранет цвет ја закопчувам кошулата од ветер
и влегувам дома о љубов
кажи со каков пијалак се служиш во сонот
што не се разбудуваш о младичу.
Песната „Младичот што спие на пладне“ е испеана во носталгичен тон, во
постојаната желба на поетот да се врати во својата родна Железна Река, да
им се врати на своите корени. Сонот и јавето; животот и смртта се основните
мотиви во песната. Поставени во постојан контраст тие го преокупираат
поетот. Сонот, замаеноста, небудноста се блиски до смртта и метафорично се
претставени преку „црни конци на ноќта“, „под себе си закопал камење и
месечина“, „нежна билка ти ги врзува прстите за земја“, „замрачен бакнеж
среде пладне“, „мртвите љубовници“, „сè е мртво од сон“ итн. Наспроти таа
замаеност и темнина во младичот, сè околу него е полно со живот (поле со
мотики, орачи, утринско сонце), но животот поминува покрај него. Поетот му
се обраќа во вокативна форма (младичу), повикувајќи го да се разбуди и да
почне да живее, а животот започнува и завршува таму од каде што ти се
корените (за него Железна Река).

You might also like