You are on page 1of 6

СВЕТИ НИКОЛЕ

единствениот град со име на светец во Македонија

Што е толку свето во Свети Николе? Која била причината за овој град да биде
именуван според Свети Николај Чудотворец? Што открива светлината на древното знаење
кое е зачувано од староседелците во Свети Николе? Одамна Свети Никола, па Клисали, па
пак Свети Никола, а денес Свети Николе...единствениот град со име на светец во
Македонија, централната и главна населба во големата и плодородна Овчеполска Котлина.

Најстарите познати записи за денешно Свети Николе потврдуваат дека и пред


скоро еден милениум, овде постоела населба која била именувана според Свети Никола.
Старите мапи покажуваат дека во средниот век се знаело за големата античка крстосница
која се наоѓала во непосредна близина на денешниот град. Записите од минатите векови
потврдуваат и постоење на некаков голем град во средиштето на Овчеполието, а
пронајдените градежни материјали и артефакти на територијата на Свети Николе
потврдуваат континуитет на живот од неколку милениуми. Именувањето на населбата со
име на светец како во минатото, така и денес во 21 век предизвикува полемики кај
староседелците, роднокрајните истражувачи, истражувачките новинари и научниците.

Зошто Свети Никола, па Свети Николе? Кој, кога и зошто го направил


официјалното преименување на ова македонско градче? Која била причината поради која
тие дамнешни жители ја именувале населбата според Свети Николај Чудотворец?

Постои запис од 1378 година, кој потврдува постоење на метох – населба околу
црквата Свети Никола кое го носело истото име како и храмот. Во сите турски пописни
тапу дефтери од 15 до 19 век, може да се прочита дека населбата била именувана како
Исви Никола и Клисали. За време на Австро – Турската војна Овчеполието било бојно
поле, старите Турци од Џумајлија, стара Петковица, паметеле дела „Алеман дошол преку
Свети Никола и од Ташли баир ги гаѓал со топови“. По Карпошовото востание во кое
учествувало голем број на населението од Овче Поле, населбата Свети Никола повторно
претрпела терор. Народот паметил дека тогаш било „бегање“ и „лошо“ и дека била
срушена црквата која се наоѓала во центарот на денешниот град, а врз неа била изградена
џамија. Во 17 век Аџи Калфа („Ќатиб Челеби“) во патеписот забележал дека во
Овчеполието и неговата околина се работело со метал. Евлија Челебија во патеписот
забележува две населби – Овче Поле и Клисели. Потврдено е дека патеписецот во 1669
преноќил во Клисели, кое во патеписот е споменато како село. Во 1704 година,
патеписецот и монах Еротеј (Јеротеј, Јеротие) од манастирот Рача на пат кон Ерусалим,
застанал на конакот во Горобинци во Овче Поле и изброил остатоци од 14 бели цркви. Во
19 век, францускиот патеписец Ами Буе ја спомнал населбата Клисели во Овче Поле.

Старите патишта кои овде минувале во древноста се во непосредна близина на


денешните патни правци за Штип, Велес, Скопје, Куманово и Пробиштип. Делови од
старите траси се познаваат и денес, а топонимите во регионот ни даваат дополнителен
увид во значењето на крстопатот кој се наоѓал кај денешно Свети Николе. Повеќе за тие
стари патишта и друмови можеме да дознаеме не само од мапите, туку и од книгите кои
биле објавувани во изминатите векови. Во книга на Ѓорче Петров од 1896 година можеме
да прочитаме дека патиштата кои се крстосувале во Свети Николе биле „друмот“ меѓу
Велес и Скопје, кој минувал низ југозападната ридеста страна на Овчеполието, патот од
Скопје за Кочани кој водел преку Светиниколско и Злетовско, патот од Велес за Штип, кој
ја сечел вдлабнатината во Овче Поле и патот од Штип за Куманово, кој преку
Светиниколско и Ѓуришкиот премин преминувал кон полето околу Куманово. Според
неколку автори, изградбата на железничката пруга покрај Вардар и нејзиното поврзување
со Моравската пруга во последните децении од 19 век било една од причините за
намалување на сообраќајот низ Овчеполската Котлина, а со тоа и на обемот на стоките со
кои се тргувало на пазарот во Свети Никола. Записите на Ефрем Каранов ја потврдуваат
трасата „преку рид“, по која од Свети Николе се одело пеш „чак до Ќустендил“ – пат кој
се користел на крајот на 19 век, се познава и денес, а бил користен и низ вековите во
минатото. По „ајдутскиот пат“ за 20 часа пеш се стигало „по билото“ од Овче Поле до
Ќустендил. Тоа ги објаснува преданијата и приказните за куририте кои оделе до „преку
граница“ и се враќале за само неколку денови. Од книга на Јован Цвијиќ од 1906 година
дознаваме дека преку Овче Поле поминувале „велики пут“, „серески пут“ и „штипско-
велешки пут“. Првиот бил користен уште многу порано, по него поминувал Јеротеј од
Рача во почетокот на 18 век, а во почетокот на 20 век веќе бил слабо користен и многу
запуштен. „Серскиот“ пат водел преку Овче Поле кон Штип, а од таму кон Радовиш,
Струмица, Петрич, Рупелската клисура на Струма и понатаму кон Сер. Откако била
изградена пругата и овој патен правец бил напуштен, па целиот транспорт во регионот
најчесто се одвивал по патот Велес – Штип. Цвијиќ забележал дека и тогаш по овој пат
низ Овче Поле поминувале карвани со мазги и коњи, кои биле натоварени со жито, ориз,
волна, грозје, двоколки натоварени со овошје, товарни коњски коли натоварени со
воденички камења од Лесново, крупна и ситна стока, но и дрво за градба. Повеќе за
караваните можеме да прочитаме и во книга од 1909 година, напишана од Јован Хаџи-
Васиљевиќ, кој запишал дека „штипскиот пат“ водел од Куманово преку Кумановска река
низ Овче Поле, а во тоа време старите паметеле дека порано по тој пат поминувале
карвани со по 100-300 камили и 200-500 коњи. Кога ја пишувал книгата веќе се знаело
само за големиот број на попатни анови во кои кираџиите преноќувале. Мане Чучков во
1936 објавил текст во кој пишува дека до седумдесеттите години на 19 век патот за Солун
минувал преку Овче Поле, а во тие времиња населбата Свети Никола била едно од
поважните економски места на левата страна на реката Вардар. Трасата на овој пат низ
Овче Поле се менувала низ вековите, но останал правецот по кој карваните со жито иделе
за Солун, а се враќале со сол и „други есапи“. Од Свети Никола патот продолжувал за
Штип, Струмица, Рупелскиот теснец кон Сер, а еден крак преку Дојран излегувал на
Солун. И порано и тогаш овој пат се нарекувал Штипски или Серески пат. Од него кај
Свети Николе се одвојувале краци за Скопје и Куманово, а еден помал пат одел до
манастирот Прохор Пчински, тоа бил Аџискиот пат по кој оделе аџиите. Свети Никола и
Велес биле поврзани со патот кој поминувал преку селата Кнежје, Ѓуземелци и Милино.
По овој пат поминувале гурбетчиите од Прилепско, Битолско и Леринско кога оделе на
пат за Србија или Бугарија. Населбата Свети Никола имала и повеќе мали селски
„коловозници“ кои излегувале на Кочанскиот пат и го поврзувале Свети Николе со
Злетовското и Кочанското поле.

Во 1892 Каранов објавил податоци за големо село „Свети-Николе“ со саботен


пазар. Во 1896 Ѓорче Петров запишал дека „Св. Николе (Клиселија)“ било економски
центар на Овчеполието. Во списанието „Дело“ од 1897 година, читаме дека „народот го
нарекувал градчето како Свето-Николе“. На етнографската карта на Васил Кнчов од 1900
година, населбата е запишана „St. Nikole“. На една австриска воена мапа од 1910 година,
населбата е запишана како Клисели (Свети Никола). Во етнографската карта на
Македонија во 1912 година, изработена од Јордан Иванов, населбата е запишана како
Свети Никола. Во воените книги од соседните држави во кои се пишува за Балканските
војни, населбата се споменува најчесто како Клисели или Свети Никола. Српските
весници од годините и децениите подоцна, сè до Втората светска војна. Многу веројатно е
дека поранешното Свети Никола станало Клисели, па дури за време на Балканските војни
пак Свети Никола, за по 1945 и официјално административно да го носи името Свети
Николе. Во првите броеви на „Службен весник“ од 1945 година се забележуваат
именувањата Свети Николе и Свети Никола. На неколку американски топографски мапи
од 1948 и 1959 гратчето може да се пронајде обележано со „Sv. Nikola“ и „Sveti Nikola“.
Официјалното преименување од Свети Никола во Свети Николе по 1945та, потсетува на
српското град Светог Николе, но и ни дава за право да претпоставиме дека можеби по
втората светска војна не било пожелно да постои град кој би бил именуван како големиот
Светец Николај Чудотворец. По околиските и општински административни промени, по
неколку децении се случила промена и на официјалната дата на ослободувањето на
градот, кое до тогаш се празнувало на 8 ноември.

Во некои книги од крајот на минатиот век може да се прочита дека наводно


„некогаш одамна во Свети Николе имало 40 цркви, а кога дошле турците ги срушиле сите
и останала само црквата посветена на Свети Никола“, што не е точно, затоа што ниту е
потврдено со материјални и пишани докази, ниту пак може да се сретне во записите за
градот од крајот на 19от и првата половина на 20от век. Во време турско Свети Николе
било именувано како Клисали, со значење место покрај црква, црквено место, населба со
цркви, а Нагоричане било именувано како Крк Клисали, со значење 40 цркви...според
записите, роднокрајните написи и теренските истражувања, голема е веројатноста дека во
и околу денешно Свети Николе порано имало многу повеќе од 40 цркви. Она што со
сигурност се знае, е дека во центарот на градот биле пронајдени артефакти од прастариот
неолит, дека сите ридови во Свети Николе кријат остатоци од антиката па се до средниот
век, но и дека некој одамна овде градел според правила кои денешната цивилизација ги
има заборавено...тие стари храмови биле рушени не еднаш, туку повеќе пати. Уште пред
Јустинијана Прима овде постоеле ранохристијански храмови. Во времето на Кирил и
Методиј и нивните ученици во Овче Поле се обновувале старите цркви. Неколку векови
подоцна повторно се забележува обновување на некои срушени храмови. Во следните
векови исто така, се до крајот на 15 век, кога Свети Николе во пописните тапу дефтери е
запишано како Клисали и Исви Никола. Постојат податоци и за големи земјотреси и
поплави кои се случувале на овие простори. Историските записи потврдуваат дека во
време турско црквите во Овче Поле настрадале неколку пати, скоро по еднаш во секој од
петте века ропство. Во градот Свети Никола и денес постојат месности на кои се
поставени камени крстови за кои никој не знае колку се стари, а староседелците зборуваа
дека се белези за стари цркви.

Црквата Свети Никола на север, ридот Свети Спас на југ, ридот Свети Илија на
запад и градските гробишта Свети Стефан на југ се локациите на кои се наоѓаат цркви и
камени крстови. Доколку се повлечат линии во правец исток – запад и север – југ,
поставеноста на двата камени крстови и двете цркви формира совршен крст. Линијата
исток – запад поминува низ американско маало каде што во минатиот век биле пронајдени
остатоци од ранохристијанска базилика, а се сечат во непосредна близина на денешната
полициска станица. Таму, порано имало џамија која била изградена врз срушена црква.
Според зачувани записи од роднокрајните истражувачи, таа црква била посветена на
Свети Архангел Михаил. Познато е дека населбата порано се наоѓала во месноста
Јужиново во близина на градските гробишта, каде што со сигурност се наоѓаат остатоци
од уште постари цркви. Пред една деценија, при заштитни работи и дренажа на градската
црква, во дворот биле пронајдени остатоци од ранохристијанска базилика и артефакти од
ранохристијанскиот период. Записите од минатиот век потврдуваат за постоење на
неколку чудотворни бунари во Свети Николе, чија што трага исчезнува околу втората
светска војна. И ден денес на неколку локации уште протечуваат старите водички кои
еден ден ќе избијат со сета своја сила...

За волја на вистината, во изминатите децении од повозрасните жители можеа да се


слушнат преданија и легенди кои воопшто не се соодветни со голем дел од официјалниот
историски наратив. Според некои од нив, некогаш одамна во Овче Поле имало 365 цркви,
голема епископија и главна црква посветена на Свети Никола. За топонимите Богословец,
Синај, Витлан, Назрица, Кутлеш, Кутмичевица, Главиница и некои други имиња на
месности се шепотеа преданија и легенди за кои се паметеше дека биле забранети уште
пред турско. Историските записи потврдуваат за некакви пренесувања на мошти и
присуство на крстоносци во Овчеполието токму во времињата пред моштите на Свети
Никола да завршат во Бари. Во многуте цркви кои се посветени на празникот на
пренесување на моштите на Свети Николај Чудотворец – летен Свети Никола се наоѓа
еден симбол кој може да се види и во старата градска црква која во 19 век била градена
врз темели на уште постара црква. Постојат претпоставки, според кои населбата била
именувана во чест на Свети Никола поради тоа што во стариот голем град кој се наоѓал кај
денешно Свети Николе поминале или се чувале моштите на Чудотворецот. Поврзаноста
на топонимот со антиката се забележува и во споредбени проучувања на историските
записи, според некои од кои овде во антиката постоел град посветен на античката божица
на победата – Ника, а роднокрајните истражувачи имаат стигнато и до записи според кои
овде била и „малата Никеја“. Во Овче Поле уште можат да се видат црквите Свети Никола
во Свети Николе, Свети Никола во Кнежје, Свети Никола во Сопот, Свети Никола во
Павлешенци, Свети Никола во Буриловци, Свети Никола во Строиманци, Летен Свети
Никола во Мечкуевци, Летен Свети Никола во Долно Ѓуѓанци, Летен Свети Никола во
Строиманци, остатоци од стара црква Свети Никола во атарот на Крушица, и многу други
споменици на македонското културно наследство кои претставуваат градби со
цивилизациско значење на кои за жал им се обрнува се помало внимание. Не само овие,
туку и сите други цркви во Овче Поле биле градени врз темели на стари храмови или во
непосредна близина на локации каде што и порано се наоѓале цркви. Многу од камените
крстови претставуваат белези за локации на кои одамна постоеле храмови, што се
потврдува и од народните традиции и собори на празниците.

Култот на Свети Никола во Овчеполието бил раширен уште во средниот век, а тоа
е докажано и преку старите цркви, но и од многу историски записи. Старите манастирски
школи за преписи, преводи и пишување на книги овде работеле уште од времињата на
Јустинијана Прима, па се до крајот на средниот век. Текстовите кои биле објавувани во
изминатите два века во голем дел содржат пропагандни пораки со политички цели.
Објавеното во многу книги, дека црквата Свети Никола и населбата Свети Николе биле
направени од српските Милутин или син му Стефан немаат никаква историска поткрепа,
затоа што и кога тие го освоиле Овчеполието, црквата Свети Никола веќе постоела, а
населбата околу неа живеела. Истото важи и за тврдењата, според кои при градењето на
бели цркви од бугарскиот Борис векови претходно, била направена црквата Свети Никола,
па потоа се создала населбата. И за тоа време постојат податоци дека пред да се случи
покрстувањето од Кирил и Методиј, во Овче Поле веќе имало разурнати цркви, а тогаш
била обновена старата Овчеполска епископија. Сведоштвата за култот кон водата од Овче
Поле која враќа вид и прогледувањето на Стефан Дечански, народните традиции и обичаи,
почитувањето на пустиножителите Прохор Пчински, во чие житие пишува дека
родителите му биле од Овче Поле, се само потврда за живата Македонска традиција која
се одржала во Овчеполието со векови.

Единствениот град со име на светец во Македонија – градчето Свети Николе кое е


центар на истоимената општина и на целиот Овчеполски регион, се наоѓа врз старата
населба Свети Никола, под која што постојат траги од уште постари населби. Уште од
памтивек овде имало владетелска традиција, што се потврдува како од историските
записи, така и од топонимите Градиште, Кнежје, Царски пат, Царев двор, и многуте
месности кои уште одамна од народот биле крстени како црквиште, манастириште,
селиште, кои заедно со археолошките локалитети сведочат за илјадниците години живот
во Овче Поле. Античкиот локалитет во атарот на селото Кнежје на само неколку
километри од Свети Николе со импресивна архитектура од пред повеќе од две илјади
години, пронајдоците на ридовите во денешниот град, историските записи за владетелите
од антиката до средниот век и народните традиции, преданија и легенди покажуваат дека
овде владееле не само странци, туку и многу домашни владетели. Борбата, пркосот и
отпорот на домородното население против сите окупатори во изминатите милениуми и
борбата за слобода и човечки правдини во 19 и 20 век се само потврда на старата
воинствена традиција од Овче Поле. Се до втората половина на минатиот век била
забележлива здружена организирана борба за ослободување од сите видови на политичко,
економско и духовно ропство. Во последните педесетина години, Свети Николе е далеку
од епитетот „главен град на Овче Поле“, затоа што некогашното организирано градче е
претворено во обично населено место. И покрај сите неприлики и катастрофални
менаџирања со градот, селата и регионот, економскиот потенцијал на Свети Николе и
Овче Поле не може да згасне поради огромните природни ресурси и културно наследство
со кое располага овој древен македонски регион. На почетокот од третата деценија на 21
век, Свети Николе има потенцијал да се развива во современ град во кој жителите конечно
би ги имале основните услови за живот, но и заедница која би имала придобивки од
разумно управување со економскиот потенцијал на општината и регионот. Би било
прекрасно доколку на градот и општината Свети Николе им биде вратено старото име –
Свети Никола, но и ако се започне официјална иницијатива за збратимување на овој
македонски град со градовите од каде што се земени и каде што се пренесени моштите на
Свети Николај Чудотворец – Демре во Турција и Бари во Италија. Посетете го Свети
Николе, градче кое се наоѓа врз старата населба Свети Никола која крие тајни од времиња
за кои уште не сме созреани...на помош Чудотворецот и сè видливо и невидливо.

м-р Никола Ристевски

You might also like