You are on page 1of 12

Акатист на светиот апостол и евангелист Јован Богослов

21 мај
Кондак 1
Од рибарските мрежи избран за проповедање на Евангелието, и од ловењето
риби за ловење луѓе за светлоста на вистинско богопознание, о голем
апостолу, ученику, пријателу и љубимецу Христов, моли Го единствениот
вистински Човекољубец, Кого со серафимска љубов си Го возљубил, да се
смилува на нас кои го просиме твоето посредување кај Него и кои ти
воспеваме: Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову!
Икос 1
Творецот на ангелските сили и секоја твар, Владетелот и Господарот Кој на
Себе го прими телото наше и се јави на земјата заради спасението наше,
гледајќи Го кај оди покрај Морето Галилејско и во повик апостолски те
повикува тебе и твојот брат, Јоване Блажен, ги остави мрежите рибарски и
отецот свој во коработ, и од тогаш непоколебливо по Спасителот тргна.
Поради тоа вака ти извикуваме:
Радувај се, зашто од љубовта кон Христа отецот по тело го остави!
Радувај се, зашто преку Христа – Отецот небесен Го пронајде!
Радувај се, зашто светот и неговите волшебства ги презре!
Радувај се, зашто небесните блага на наем ги доби!
Радувај се, зашто телото на духот потполно му го потчини!
Радувај се, зашто духот свој на преслаткиот учител твој Исус Му го покори!
Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову!
Кондак 2
Гледајќи ја беспрекорната чистота на твоето срце, со телесни страсти
неизвалкана, Христос Господ виде дека достоен си за созерцување на
откровенијата таинствени, со чија помош навлегувајќи во богословските
длабочини, ќе можеш богословието да го проповедаш за сиот свет да чуе.
Заради тоа те нарече син на громот кој Му воскликнува: Алилуја!
Икос 2
Осветлувајќи ја душата своја со духот на вистинското богопознание, по благиот
Учител твој одеше, учејќи се на премудроста која од Неговата уста излегуваше;
и поради совршената незлобивост твоја и девственото целомудире те
возљуби Христос Господ. Заради тоа чуј нé нас, кои те славиме:
Радувај се на незлобивоста љубителу!
Радувај се на девственоста и чистотата чувару!
Радувај се на љубовта божествена учителу!
Радувај се на добрите нарави воспитувачу!
Радувај се на смиреноумието зерцало!
Радувај се на божествената благодат светило!
Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову!

Кондак 3
Силата на Божеството Христово, скриена под облакот на немоќната природа
човечка, очигледно ја позна кога Господ, воскреснувајќи ја ќерката Јаирова и
на Таор преобразувајќи се потоа, те удостои тебе единствено, со двата други
ученици сведоци да бидете на тие чудеса преславни; и ти, познавајќи Го
Христа, дека Бог вистински е, од длабочините на срцето свое Му воскликна
Нему: Алилуја!
Икос 3
Имајќи голема слобода пред Христос Синот Божји Кој те љубеше, за време на
Тајната Вечера се наслони ти на градите Негови; и кога Господ предскажуваше
за издајникот Свој, тогаш единствено ти се осуди да прашаш кој е тој. Заради
тоа ние ти воскликнуваме:
Радувај се возљубен Христов ученику!
Радувај се близок Негов пријателу!
Радувај се, зашто слободно на градите Господови се одмори!
Радувај се, зашто смело за тајното издајство праша!
Радувај се, зашто поблизок си на Христа од другите ученици!
Радувај се, зашто тебе повеќе одошто на другите апостоли Христос ти ги
откриваше тајните божествени!
Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову!
Кондак 4
Кога бурата на јарост и бес ѕверски на тврдоглавите и неблагодарни Евреи
удри на Христа Синот Божји, тогаш сите ученици Негови, од страв обеземени,
побегнаа; но ти, исполнет со поголема љубов кон Господа Христа од сите
други, гледајќи ги сите маки Негови, остана неотстапно и до самото распетие,
со сето срце сострадувајќи со Дева Мајка Божја која плачеше и ридаше, и на
крајното милосрдие и долготрпение Божјо восхитувајќи се, воскликнуваше
кон Постраданиот за родот човечки: Алилуја!
Икос 4
Спасителот на светот, висејќи прикован на крстот за гревовите наши, и
гледајќи те тебе и својата мајка како покрај крстот стоите, те восинови на
Преблагословената Дева Богородица, говорејќи и’: „Жено, ете ти син!“ и тебе
потоа „ете ти мајка!“. А ние, достојно ценејќи ја таа чест, укажана на тебе, ти
воскликнуваме вака:
Радувај се, зашто восинувањето од Божјата Мајка си се удостоил на!
Радувај се, зашто со тоа, како преку духовно сродство, посебно со Христа си се
ородил!
Радувај се, зашто на Мајката Божја на достоен начин си и’ послужил!
Радувај се, зашто за сето време на животот нејзин на земјата си ја издржувал!
Радувај се, зашто и при Успението нејзино до гробот си го прател чесното и
свето тело нејзино!
Радувај се, зашто пред ковчегот нејзин си одел со блескава гранка, донесена
од Архангелот Гавриил!
Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову!
Кондак 5
Како боговодена ѕвезда во Асија се јави, заминувајќи таму, со жреб одреден,
поради проповедање на зборовите Божји. Но да те проголта морето Господ
допушти пред тоа; а благодатта Божја, која секаде со тебе беше, во длабините
морски жив те сочува, и по четириесет дни на брановите морски да те исфрлат
на брегот им нареди. Кога тоа го виде ученикот твој Прохор, кој веќе ја оплака
смртта твоја, со громок глас Му восклина на чудотворниот Бог: Алилуја!
Икос 5
Кога жителите ефески го видоа преславното чудо кое ти го стори
воскреснувајќи го младиот Домн, умртвен од демонот што во бањата стоеше,
громко ја прославија силата Божја кога ти им проповедаше, и од
идолослужењето гнасно избавувајќи се, ти воскликнаа тебе вака:
Радувај се, на вистинскиот Бог служителу!
Радувај се, на демоните изгонителу!
Радувај се, зашто со силата Христова мртовци оживуваш!
Радувај се, зашто со истата таа сила ти животот и здравјето ни го враќаш!
Радувај се, зашто по ум помрачените кон светлоста на вистината ги повикуваш!
Радувај се, зашто со правата вера просветувајќи ги, ти кон добродетели ги
упатуваш!
Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову!
Кондак 6
Во Ефес престојувајќи како богоносен проповедник на зборовите Божји, и за
распространување на благодатта евангелска ревнувајќи, своето учење со
чудеса страшни и тешко разбирливи ти го потврдуваше: оти со една молитва
го сруши храмот на Артемида, за идолопоклониците, гледајќи го тоа да Го
познаат Бога единиот, Кому Му воскликнуваме: Алилуја!
Икос 6
Светлоста на верата Христова, која ти ја проповедаше, во Ефес заблеска во
полн сјај, кога злочестивиот Домицијан го започна гонењето на христијаните;
тогаш и тебе, како ревносен исповедник на името Христово, во Рим те испрати
окован, каде ги претрпе страшните мачења. Поради нив, ние, со овие
поздрави те пречекуваме:
Радувај се, зашто поради исповедањето Христово си биен!
Радувај се, зашто испиената чаша со отровот смртоносен воопшто не ти
наштети!
Радувај се, зашто во котелот со врело масло не се свари!
Радувај се, зашто во лутите маки со силата Христова сиот се сочува!
Радувај се, зашто ќесарот мачител со неповредливоста надприродна го
исплаши!
Радувај се, зашто со таа иста неповредливост надприродна сиот народ во
големината на Бога во кого христијаните веруваат си го убедил!
Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову!
Кондак 7
Кога мачителот виде дека ни најлутите маки, кои ги смисли тој, да те умртват
не можеа, сметајќи дека си бесмртен, те осуди на прогонство на островот
Патмос; а ти, на Божјата промисла така потчинувајќи ú се, со благодарност на
Бога Кој сé кон добро устројува пееше: Алилуја!
Икос 7
Чудеса нови на идолопоклониците им покажа, сакајќи да ги обратиш во
спасоносната вера Христова, кога пловејќи кон твоето прогоноство, по
заповедта твоја морето на коработ го исфрли удавениот младич; бурата
престана, водата солена во слатка се претвори, војникот од чир во стомакот се
излечи, и по твоето доаѓање на Патмос, демонот гатачки од Аполон изгонет
беше. Тогаш, сите кои така несфатливите нешта ги гледаа доаѓаа кон познание
на Триипостасниот Бог, а ние те величаме вака:
Радувај се, зашто на морето и бурата им заповедаш!
Радувај се, зашто духовите сатански од луѓето ги изгонуваш!
Радувај се, зашто со еден збор болести исцелуваш!
Радувај се, зашто на сите што се во неволји помош им укажуваш!
Радувај се, зашто младичот од давење во морето го избави!
Радувај се, зашто неверниците во верата вистинска ги утврди!
Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову!
Кондак 8
Необично беше за жреците во храмот аполонов да гледаат како ти домот
негов, кого тие, безумните, го сметаа за бог, со еден збор на земја го сруши; и
тие, чудејќи се и воедно на таа дрскост твоја беснејќи, појдоа кај волшебникот
Кинопс, ревносниот заштитник на демони, за срамотењето на нивниот бог да
се одмазди; тој пак, по душа слепиот, не зјаејќи ја силата која е во тебе, се
обиде со привиденија разни да те заплаши, и народот против тебе да го крене;
но потоа тој самиот, беден, на своите магии потпирајќи се, во морето се нурна,
и таму потона, зашто демоните немоќни беа да го спасат кога ти им забрани
со името на Исуса Христа Синот Божји; народот, сведочејќи го ова чудо, Го
прослави Христа, пеејќи: Алилуја!
Икос 8
Сé во себе со божествена љубов исполнувајќи, сиот стана престојувалиште на
Светиот Дух; иднината ја пророкуваше, говореше за она што далечно е како да
е нешто блиско, болните ги исцелуваше, на жената на царскиот намесник која
во маки породилни беше болките ú ги олесни стапнувајќи го прагот на нивниот
дом. Затоа прими ги и од нас, грешните, овие пофалби:
Радувај се, на благодатта Божја живеалиште!
Радувај се, на Духот Свет престојувалиште!
Радувај се, реко чудотворна, со лековита сила исполнета!
Радувај се грому, кој змијата стародревна ја биеш со ангелите нејзини!
Радувај се, зашто лукавството на злиот сатана го изобличуваш!
Радувај се, зашто верните од неговите замки ги заштитуваш!
Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову!
Кондак 9
Ревносно искоренуваќи го секое беззаконие меѓу луѓето кај кои испратен
беше, со еден збор Бахусовото идолиште го разурна; со чудесата убедувајќи
го магот Нукијан, од волк кротко јагне ти направи, и го приведе кон верата
Христова; и изобличувајќи ја мајката заради нејзините блудни похоти кон
синот нејзин, кон покајание ја обрати; тие, обратувајќи кон спасение од гревот,
незамолчиво на Бога воскликаа: Алилуја!
Икос 9
Краснозборноста на философијата човечка не е во состојба да ја изрази, ниту
умот на плотскиот човек да го сфати она што ти нас ни го објави за
беспочетното Битие на Триипостасниот Бог; зашто, слично на Мојсеја ти во
громови и молњи на гората од Бога ја прими тајната на богословието, и на
светот му објави: дека во почетокот беше Логосот, од искона нераздвоен од
Отецот, дека Тој е причина на сé што постои, дека Тој е светлост на животота
на животот која темнинанта да ја обземе не може. Со такво блескање на
светлоста на Вистината Божествена, ние те почитуваме како тајник на
беспочетната Троица, и те славиме како најсовршен богослов:
Радувај се орелу, кој си летнал до самиот пламенолик престол Божји!
Радувај се ти, кој недостижните тајни Божји нам ни ги откриваш!
Радувај се ти, кој човештвото и Божеството Христово ни ги објаснуваш!
Радувај се, кој на љубовта кон Бога и ближниот нé учиш!
Радувај се ти, кој за таа љубов присуството Божјо ни го ветуваш!
Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову!
Кондак 10
Сакајќи да ги спасиш душите човечки, ти сесрдно луѓето во Христа Синот Божји
да веруваат ги поучуваше, чиста совест да имаат и еден со друг да се љубат, за
не само овде, но и во населбите на праведните восхитено да Му пеат на
семоќниот Бог: Алилуја!
Икос 10
Гледајќи го во Откровението горниот Ерусалим, ти нам ни предаде пророштво
за она што веќе е што ќе биде до крајот на светот, кажувајќи ни го тоа со
зборови таинствени и препуштајќи го разбирањето на оние кои божествен ум
имаат. Восхитувајќи се на таквата премудрост, од Бога дарувана, ние вака те
величаме:
Радувај се, зашто со познавањето на Алфата и Омегата ја надмина природата
човечка!
Радувај се, зашто живеалиште стана на таинствата недофатни за умот човечки!
Радувај се, зашто неискажаните откровенија Божји ги виде!
Радувај се, зашто на верните им ги предаде!
Радувај се, зашто радостите свети уште во овој живот ги позна!
Радувај се, зашто тие радости свети сега во мера највисока непречено ги
уживаш!
Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову!
Кондак 11
Благодарна жртва на пофалба тебе ти принесе, свети апостолу Јоване, оној
христијанин кој, осиромашувајќи и немајќи со што долгот на задолжителите
да им го исплати, во очајание падна и самоубиство да изврши планираше; но
ти, човекољубив, да го избавиш од времената и вечна смрт сакајќи, со
крстниот знак сеното во злато го претвори и нему му го даде, со тоа злато
долговите на задолжителите да им ги врати, и домот свој да го прехрани, и на
Бога, Кој преку тебе добро му стори, да Му пее: Алилуја!
Икос 11
Твојата душа светлозрачна, достигајќи во мерата на растот Христов висина, и
во мерата на растот на совршениот човек, почувствува оти времето за
неопходна човечка промена се приближи: гнилежното да ја наследи ветената
негнилежност, и смртното – бесмртноста ветена. На учениците свои тогаш им
нареди ти жив да те погребаат; а кога утредента на твојот гроб дојдоа, и го
откопаа, во него тие ништо не најдоа. Дознавајќи дека твојата промена
извршена е преку необично за човечкотсмртно успение, тие пофалба ти
принесоа вака:
Радувај се орелу, кој младоста своја со непречениот лет кон сонцето на
Божјата слава ја обнови!
Радувај се, зашто со таа промена сите закони на човечката природа ги
надмина!
Радувај се, зашто по ветувањето на својот благ Учител на еден од дванаесетте
престоли седна!
Радувај се, зашто на него суд и правда вршиш среде Божјите луѓе Израилеви!
Радувај се, зашто сега се насладуваш гледајќи го лицето на Оној пресладок
Исус, на Чии гради пред Неговите страданија и воскресение се наслони!
Радувај се, зашто од Неговото милосрдие ги измолуваш сите блага за нас!
Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову!
Кондак 12
Благодат од Бога дадена беше на она место каде телото твое на земјата се
предаде, за на денот на твоето погребение ситен прав за исцеление на
болесниците да испушта, и преку тоа чудо покажувајќи како Бог оние кои Го
љубат ги прославува, за сите ние, гледајќи го ова, непрестајно со срцето и
душата дење и ноќе Нему Му воскликнуваме: Алилуја!
Икос 12
Фалејќи го трудот твој во апостолството, и чудесата и исцеленијата кои ги
излеваше и ги излеваш преку благодатта на Светиот Дух Кој во тебе престојува,
Бога Го славиме што ни дарувал таков патеводител кој по патот на спасението
нé води, и полн со сожалување е кон ништожноста наша. Поради тоа, свети
апостолу, прими ги од нас ваквите пофалби:
Радувај се, сеодличен ученику Христов!
Радувај се, сеизвонреден учителу на Црквата Христова!
Радувај се почетоку и темелу на богословието!
Радувај се, откровение на тајните Божествени!
Радувај се, примеру на девствените и кон целомудрие охрабрителу!
Радувај се, брз помошнику и заштителу на верните кои кон твоето
заштитништво прибегнуваат!
Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову!
Кондак 13
О, преславен и сефален апостолу и евангелисту, љубимецу Христов, возљубен
Јоване, со своето семоќно посредништво измоли за нас, кај семоќниот Учител
твој, и Владика наш и Господ, секое времено и вечно богатство, и христијански
крај на нашиот живот, за со тебе во населбата на праведните, и со хоровите
ангелски да Му запееме на Триипостасниот Бог: Алилуја!
(овој кондак се чита три пати; потоа повторно се чита Икос 1 и Кондак 1)
Икос 1
Творецот на ангелските сили и секоја твар, Владетелот и Господарот Кој на
Себе го прими телото наше и се јави на земјата заради спасението наше,
гледајќи Го кај оди покрај Морето Галилејско и во повик апостолски те
повикува тебе и твојот брат, Јоване Блажен, ги остави мрежите рибарски и
отецот свој во коработ, и од тогаш непоколебливо по Спасителот тргна.
Поради тоа вака ти извикуваме:
Радувај се, зашто од љубовта кон Христа отецот по тело го остави!
Радувај се, зашто преку Христа – Отецот небесен Го пронајде!
Радувај се, зашто светот и неговите волшебства ги презре!
Радувај се, зашто небесните блага на наем ги доби!
Радувај се, зашто телото на духот потполно му го потчини!
Радувај се, зашто духот свој на преслаткиот учител твој Исус Му го покори!
Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову!
Кондак 1
Од рибарските мрежи избран за проповедање на Евангелието, и од ловењето
риби за ловење луѓе за светлоста на вистинско богопознание, о голем
апостолу, ученику, пријателу и љубимецу Христов, моли Го единствениот
вистински Човекољубец, Кого со серафимска љубов си Го возљубил, да се
смилува на нас кои го просиме твоето посредување кај Него и кои ти
воспеваме: Радувај се, Јоване апостолу, љубимецу Христов и богослову!
Молитва кон светиот апостол и евангелист Јован Богослов
О, голем апостолу, громогласен евангелисту, извонреден богослову, на
недостижните откровенија тајновидецу, девственику, и мил љубимецу
Христов Јоване, прими нé со своето својствено милосрдие нас, грешните, кои
прибегнуваме кон твојата моќна заштита и покровителство. Измоли од
семилосрдниот човекољубец Христос и Бог наш, Кој пред твоите очи ја изли
Својата сескапоцена крв за нас, непотребните Свои слуги, да не Си спомене на
беззаконијата наши, туку да се смилува на нас, и со нас да постапи по Својата
милост, да ни дарува душевно и телесно здравје, секоја благодат и изобилие,
учејќи нé сето тоа да го употребуваме во слава на твојот Творец, Спасител и
Бог наш; и по завршувањето на привремениот живот да ги избегнеме, свет
апостолу, немилосрдните испитувања кои нé очекуваат на воздушните
митарства, и под твое водство и покровителство да стигнеме во небесниот
Ерусалим, чија слава си ја видел во откровението, а сега се насладуваш со онаа
радост која ветена е на избраниците Божји. О, голем Јоване, сочувај ги сите
градови и земји христијански, и сите православни христијани од глад, помор,
земјотреси, поплави, пожари, непријателски напади и меѓусебни војни;
избави нé од секаква неволја и напаст, и со своите молитви одврати го од нас
праведниот гнев Божји, и измоли ја Неговата милост за нас.
О, голем и недостижен Боже, Алфо и Омего, извору и сливу на нашата вера!
Еве, за молитвен застапник свој Ти го предложуваме свети Јован, кого Ти си го
удостоил преку неизречените откровенија да Те познае Тебе, неискажливиот
Бог: прими го посредништвото негово за нас пред Тебе, исполни ги молбите
наши во славата Твоја; но над сé усоврши нé со духовното совршенство, за да
уживаме во бесконечниот живот и небесните семејства Твои! О, небесен Оче,
Творецу на сé, семоќен Цару! Со Својот прст допри ги срцата наши, и како
восок ќе се растопат и истечат пред Тебе, и земната твар ќе стане духовна, во
чест и слава на Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Амин!

You might also like