You are on page 1of 115

Џемс Метју Бари

ПЕТАР ПАН
Петар Пан во Кенсингтонскиот парк
и
Петар Пан и Венди

obrada : Lena
www.balkandownload.org
Петар Пан
во Кенсингтонскиот парк
ДЕЛ ПРВИ
I

Кога Петар Пан имаше седум дена – само една недела, знаете – тој
пронајде начин веќе воопшто да не расте. Делум тоа може да се
постигне на тој начин што не се прославуваат родендените. Тоа е
можеби штета, зашто родендените се често многу корисни, со
картичките, слатките, подароците, честитањата и така натаму. Но,
вистинското бебе исто така сака и други нешта. И Петар Пан сакаше,
па кога имаше една недела и можеше од голема далечина да ги гледа
дрвјата од Кенсингтонскиот Парк, многу му се присака да отиде
таму. Неговата желба беше толку силна што прилегаше на забобол.
Но, се разбира, тој не го знаеше тоа, бидејќи се уште немаше ниеден
заб. Тој сакаше, сакаше и, најпосле, донесе решение. За две секунди
се најде надвор низ отворениот прозорец, се задржа еден момент на
надворешниот раб – и летна. Иако немаше крила, тој леташе како
птица. Тоа изгледа лесно како и се друго, штом еднаш ќе се обидеш.
Ако во тој момент некоја, гувернанта, некој полицаец, провалник
или некој друг возрасен, погледнеше во темното небо и го видеше
бебето во ноќна кошулка како лета над ќерамидите и оџаците, ќе
станеше голема мешаница. Ќе довлечкаа пожарникарски коли,
авиони, обични скали, ќе пронајдеа специјални големи мрежи за
пеперуги со долги рачки, за да се обидат да го фатат Петар и здрав и
жив да го симнат долу. Тогаш, најверојатно, тој ќе мораше да
порасне и оваа приказна. никогаш немаше да биде раскажана. Но се
случи така што никој не гледаше нагоре и никој не го виде бебето
што леташе. Петар Пан непречено стигна до Кенсингтонскиот Парк и
се спушти во тревата крај Серпентината – бесшумно како што паѓа
мал лист.
Кенсингтонскиот Парк зафаќа многу голем простор во Лондон –
толку голем што би требало години и недели за да се раскаже се за
него. Тој е исполнет со многу дрвја, цвеќиња, птици, кучиња,
самовили и деца. Но, сепак, за да добиете некаква претстава, ќе ви
речам дека таму е Широката Врвица (што најмногу служи за колички
и обрачи), Детската Врвица и многу други врвици. Некои од нив се
прави, оние што ги направиле луѓето, а други криви, што се појавиле
сами од себе. Последниве се најубавите, зашто никогаш не знаеш
каде ќе те одведат. Нив ги изгазиле децата, кучињата и други што не
се грижеле за тоа врвицата да биде таква и таква. Потоа таму е
Тркалестиот Рибник, по кој пловат секакви едрилици, освен
малечките од ламарина што ги пуштате во кадите. И Серпентината,
големо и убаво езеро на чијашто површина паднатите цветови од
костен изгледаат како розово-бели бродови. Во Серпентината се
наоѓа островот на Петар Пан; но тој е многу тивко скришно место.
Таму се раѓаат птиците што потоа стануваат бебиња, машки и
девојчиња; и никој, освен Петар Пан, не смее да отиде сега таму.
(Ако сакате да му испратите некаква порака, напишете ја на парче
хартија; правописот не е важен, зашто тој никогаш не ги учел
неговите правила. Тоа треба да го ставите во бротче од хартија и да
го пуштите во водата. Бидете сигурни дека најпосле ќе стигне до
неговиот Остров.)
Ете, сега гледате зошто Петар Пан можел да летне од прозорецот и
да лета над покривите од куќите. До неодамна и самиот тој беше
птица. А на местото каде што му беа крилјата се уште има белези и
одвреме-навреме го јадат. Кога се спушти во Кенсингтонскиот Парк,
тој, всушност, мислеше дека е се уште птица.
Во паркот виде многу самовили и се сети кои се тие. Но, за
несреќа, самовилите имаат многу кратка меморија, па воопшто не се
сеќаваа за него. Несомнено, делум и поради тоа што бебето во ноќна
кошулка ни малку не личеше на некоја птица од Островот во
Серпентината. Затоа тешко можат да се обвинат самовилите што
толку се исплашија. Секоја самовила што ќе ја сретнеше Петар ќе
побегнеше како исплашен зајак – некои поединечно, а некои во
група. И можеше да ги чуе како зборуваат со пискавите гласови дека
во паркот се наоѓа едно вистинско дете, иако поминало времето кога
се затвораат вратите, што не е воопшто дозволено. Тоа беше доволно
да ја потресе и да ја исплаши секоја уважена самовила.
Истото се случуваше и со птиците. Петар дојде право до нив за да
поразговара, а тие вознемирено загракаа, удрија со крилјата и за миг
ги снема. Тој не можеше сето тоа да го разбере; размислуваше со
кого би можел да разговара на Островот; и го пронајде стариот
Соломон Гракач, гавранот, што беше на стража, со едното око
отворено: да гледаше со двете, ќе претставуваше губење на време,
зашто тука никогаш ништо не се случуваше. Петар му раскажа на
стариот Соломон за своите авантури и за тоа дека самовилите и
птиците не сакале да го распознаат. Што би можело да биде причина
за ваквата грубост?
„Погледни се каков си“, рече стариот господин Гракач.
Петар се погледна.
„Добро, па што?“ рече тој.
Соломон редеше:
„Будалче! Бебе! Тикво! Па, ти имаш ноќна кошула, а не перја!“
Сосем точно: беше токму така: но Петар дотогаш тоа го немаше
забележено. Тој беше премногу возбуден.
„Сега погледни ги птиците“, рече стариот Соломон. „Гледаш ли
некаква разлика?“
Беше многу лесно тоа да се види. Птиците (што сите цврсто спиеја)
беа облечени сосем поинаку: тие имаа перја, а не ноќни кошулки.
Петар се почувствува многу загрижен. Што требаше да прави? Се
чинеше како да се присеќава за милиот лик на една жена што
живеееше некаде на друго место и што беше облечена слично како
него – сакам да речам, во ноќна кошула, без ниедно перце.
Неуверливо рече дека мисли да се врати кај мајка си. Но тогаш откри,
ох, кутриот! – дека веќе не може да лета. Беше го потрошил сето
време што му остануваше за летање – и сега мораше да остане
засекогаш на Островот. Веќе не беше ни птица ни вистинско дете,
туку само (како што умно му рече стариот Соломон) „Половинко“.
Сепак, на стариот Соломон му беше многу жал за Петар и му вети
дека ќе го научи да може да проаѓа како птиците низ водата кон
Кенсингтонскиот Парк. Инаку, ќе му биде многу здодевно на
Островот, зашто тој не беше пуст остров, остров со богатство,
гусарски остров или нешто слично, туку место каде што птиците ги
одгледуваа своите малечки, што по време ќе станат вистински деца,
машки и девојчиња.
Птиците не мислеа многу на Петар; тој беше толку смешен. Но му
даваа парченца леб по наредба на стариот Соломон, зашто тој
едноставно одбиваше да јаде црвје и инсекти и велеше дека повеќе
би сакал да умре. Птиците сакаа многу да го набљудуваат кога со
раце ги принесуваше корчињата леб кон устата, наместо да ги клука
со клун. Кога јадеше, се собираа илјадници околу него да го гледаат.
Во замена за храната, Петар им даваше парченца од својата ноќна
кошулка за да ги обложат гнездата, се додека не му останаа само
партали. И така, одеше речиси сосем гол, но воопшто не му беше
студено. Наскоро и самиот научи како се прават гнезда и виде дека
може да биде корисен. Навистина, секогаш беше зафатен со нешто,
или ништо, кое, впрочем, на Островот беше сосема исто. Поради таа
постојана зафатеност, беше многу среќен и радосен. А бидејќи не
можеше да ги изразува низ песна своите радосни чувства толку убаво
како што го правеа тоа птиците, тој си направи една мала свирка од
трска. На неа свиреше многу убаво, иако никогаш немаше учено. И
можеше да го имитира ветрот и рибите кога се плеснуваат во водата,
и брановите што удираа во брегот, и тоа толку верно, што дури и
птиците често можеа да се излажат. А јас можам да ви речам дека
воопшто не е лесно да се излаже птица. Човек не треба ни да се
обидува.
Но имаше и часови кота Петар забораваше дека има среќно срце.
Дури и свирењето на свирката не можеше да го натера во тоа да
поверува. Можеше да го гледа убавиот Кенсингтонски Парк во
далечината и децата што си играа во него. Сето тоа изгледаше многу
весело и радосно. Но тој понекогаш и плачеше, зашто никогаш нема
да може да тера обрач, да се наттрчува со некое куче, или да
извишува балон врзан за конец. Дури и да претпоставеше дека
некогаш ќе може да им се придружи на децата во Паркот, тие можеби
нема да сакаат еден Половинко без крпи или перја на грбот.
Состојбата му беше навистина жална.
Петар повеќепати се обидуваше да открие како се плива – но кога
ги праша шатките, тие беа многу глупави и не можеа да му објаснат.
А кога ги праша лебедите, тие само зашиштеа и не му одговорија.
Лебедите секогаш се надуени. Затоа беше разочаран и сневеселен.
Но, најпосле, еден ден, на Островот се спушти силен змеј, со многу
долга опашка што беше избегал од својот сопственик. Отпрвин Петар
многу се исплаши од него – но птиците му кажаа што е (тие имаа
видено и други слични во Паркот), па потоа тој многу го засака,
зашто некогаш му припаѓал на некое вистинско дете. И Петар се
договори со птиците да летнат назад во Паркот, држејќи го змејот за
конецот, додека тој ќе се закачи за опашката. Идејата беше
прекрасна, а птиците беа сосем готови да му помогнат. Речиси
стотина од нив го држеа конецот и се кренаа нагоре: Петар, змејот и
сите други. Но уште пред да дојдат над водата, хартијата почна да се
кине – од змејот останаа само парчиња – птиците страшно загракаа –
се чу тресок – и Петар падна во Серпентината. Тој беше уверен дека
го спасија двата намуртени и надуени лебеди. Инаку, сигурно ќе се
удавеше.
Така Паркот и натаму остана оддалечен како што беше.
II

Меѓутоа, по извесно време, на Петар му се насмевна среќата. Таа


дојде (како што се случува понекогаш) во вид на банкнота од пет
фунти. (Најверојатно вие никогаш не сте виделе таква, зашто тие се
прилично ретки; – тоа е едно парче тенка шушкава хартија, со
огромна петка во долниот лев агол.) Некој човек, што сакал да прави
необични работи, направил од банкнотата бротче и го пуштил да
отплови по Серпентината. И така, како и сите други бротчиња од
хартија, тоа било исфрлено на Островот. Стариот Гракач Соломон,
макар што беше многу умен, не можеше да направи од неа ни глава
ни опашка, бидејќи никогаш порано немаше видено такво нешто. Но
претполагаше дека тоа мора да значи оти некој посакал пет бебиња
наеднаш. Луѓето често бараа по едно – машко или, можеби, девојче.
Но пет!
„Тоа е премногу!“ викна тој; и за да не ја потпомогне таквата
лакомост, рече: „Нема да ја земам предвид!“ и му ја даде банкнотата
од пет фунти на Петар, за да си игра со неа.
Но Петар беше достатно мудар да не постапува со неа како со
играчка. Онаа недела пред да го напушти домот, тој внимателно
гледаше и слушаше и знаеше дека таа шушкава хартија претставува
голема сума пари, достатна да се збогатат сите на Островот за цел
живот (зашто птиците многу малку употребуваат пари, освен чавките
што се скржави па собираат парички каде што ќе најдат. Освен тоа,
тука и немаше чавки). Затоа тој им објасни на Соломон и на другите
птици колку многу чини бротчето од хартија. А тие сметаа дека е
прилично глупаво да се мисли дека еден Половинко може да знае
толку многу повеќе од нив. Сепак, подоцна се разведрија, кога Петар
ги собра на собир и им понуди да им плаќа по шест пенси на ден ако
му изградат доволно големо гнездо за да може да го држи – дроздово
гнездо обложено со дебел пласт кал, за да не пропушта вода. Зашто,
сметаше да го употреби како кајче. Ова беше најголемата работа за
која птиците имаа некогаш расправано. Но тоа толку им се допадна
што воопшто не се грижеа да ги прават своите сопствени гнезда, туку
веднаш се зафатија со работа на чудесното гнездо-кајче за Петар. Тој
редовно им плаќаше секоја вечер, кинејки парченца од по шест пенси
од банкнотата од пет фунти. Правењето на гнездото траеше долго
време, бараше многу гранчиња и трева и купишта кал. Но, на крај
краишта, беше готово, и сите беа многу горди и среќни; црцореа и се
веселеа како улави. Потоа, наместо платно, Петар, го стави она што
му остана од ноќната кошулка, но никој не беше толку нељубезен да
му рече дека тоа личи на ноќна кошулка. Чекаше додека дојде
полноќ и излезе полната месечина и додека птиците цврсто заспаа,
пред да влезе во своето прекрасно кајче и да се оддалечи од брегот.
Меѓутоа, воопшто не беше лесно да се плови: Петар имаше неколку
непријатни авантури пред да успее да стигне до саканиот волшебен
Парк. Дроздовото гнездо постојано се вртеше во круг, а тој немаше
со што да го управува. Затоа го скрати едрото вадејќи еден ракав од
кошулата, а потоа заплови толку брзо што за малку ќе удреше во
мостот. А имаше и други опасноти, премногу за да се раскажат. Но,
со голема среќа, тој ги избегна сите и токму кога требаше да излезе
на брегот од Паркот, слушна некаква крескава викотница и догледа
маса мали исплашени фигури. Тоа беа самовилите што му наредуваа
да се врати назад, зашто одамна беше минато времето кога се затвора
Паркот и сега на никој човек не му беше дозволено да влегува. Тие
замавнуваа со тупаници, фрлаа трнливи листови од зеленика по него
и така си ги намуртија лицата што секој друг, освен Петар, би им
свртел гоб. Но Петар воопшто не се вознемири. Навистина беше
безгрижен.
„Да се вратам? Никако!“ помисли. Многу внимателно и учтиво им
објасни дека тој не е вистинско бебе, туку пријателски расположен
Половинко. А потоа скокна на брегот, не чекајќи докрај да се објасни
со нив. Самовилците отпрвин имаа поделени мислења за тоа дали
треба да го отераат. Таквата личност за нив можеше да претставува
опасност. Но самовилите, што веднаш го засакаа зашто многу
личеше на бебе, сакаа да го галат. Најпосле го одведоа кај кралицата
на самовилите, која покажа многу разбирање за целата работа. Таа
му дозволи на Петар да шета па Паркот каде што сака и кога сака. И
им нареди на самовилите со него да постапуваат љубезно и да се
грижат да му биде удобно. Но сепак, таа беше многу возвишена и
моќна за да може да помисли на галење.
И така, Петар се најде токму на местото за кое цел живот
копнееше. Тоа беше многу големо, сето во лисја, убаво и секогаш
многу интересно. Дури и поубаво одошто очекуваше, а тоа многу
значеше. Па сепак, не сосем како што очекуваше. Работите никогаш
не се такви. Знаете, сега беше прилично добар пријател со
самовилите и можеше да скита по Паркот колку што сака, цела ноќ.
Но наутро, кога завршуваше неработното време и кога се отвораа
вратите на Паркот, а децата, гувернантите и кучињата се струпуваа
внатре – каде беше тогаш Петар? Ах, каде, подобро не прашувајте!
Секое утро, пред да се раздени сосем, мораше да отплови назад на
Островот. А неговото гнездо-кајче го чекаше крај брегот. Зашто,
откако неколку дни гледаше скриен како си играат децата, виде дека
нема надеж некогаш да му дозволат да им се придружи.
Еднонеделниот Половинко нема да го сакаат: тој не ќе може да се
вклучи во ниедна нивна игра. А тој воопшто не можеше да
потпорасне или да стане поинаков одошто беше.
И макар што Петар често ги собираше ноќе играчките што децата
ги губеа дење (некогаш, како што веројатно знаете, на играчките не
им се допаѓаат нивните сопственици и ненадејно намерно се
изгубуваат, така што никогаш веќе да не ги видат) – ете, Петар не
знаеше како да ракува со тие играчки. Ги праша птиците, но тие му
кажаа се погрешно. Ги праша и самовилите, но и тие ништо не
знаеја. На пример тој мислеше дека обрачот што го најде е некакво
кајче – па го фрлаше многупати во Серпентината, само за да може да
влезе во водата да го бара. Тоа му беше многу здодевно на обрачот,
што веруваше дека побегнал од се и дека сега ќе може слободно да се
тркала каде што сака... А за еден балон Петар помисли дека е топка.
Го чукна прилично силно, а тој легна и издивна... За едно дрвено
лопатче помисли дека е весло – па го употребуваше како весло. Тоа
добро му послужи. (Лопатчето не се противеше многу, зашто беше
многу изморено од копање сува земја.) Но Петар немаше можност да
ја дознае вистинската намена на играчките. Сепак, општо земено, тој
беше многу среќен. Човек можеше да се увери во тоа штом ќе го
чуеше да свири на својата свирка од трска. Ќе седнеше на некоја
печурка и ќе засвиреше некоја најумилна музика, замислувајќи се
како виолинист, оргулист, пијанист и секаков друг „ист“, додека
самовилите и самовилците, лудо играа околу него. Понекогаш во
неговите тонови ќе се вовлечеше некоја тажна нотка – кога случајно
ќе се сетеше што бил некогаш, каде е сега и каде бил некогаш – еден
вид носталгично чувство по родниот дом. Тоа никогаш не траеше
долго – но беше многу нежно и слатко додека траеше, така што
старите господа, враќајки се дома при звездената светлина,
помислуваа дека Петар беше славеј.
III

Како што можете и самите да замислите, во Кенсингтонскиот Парк


ноќе се будни само самовилите и самовилците – и Петар Пан.
Птиците спијат на дрвјата и во грмушките, па затоа нив не ги
сметаме. Децата спијат дома. Кучињата, помалку или повеќе исто
така спијат, а гувернантите се појдени во кино. (Цвеќињата имаат
различни времиња кога се затвораат, така што тие можат да се
изостават.) Дење, се разбира, тука се самовилите и самовилиците, но
тие се речиси невидливи, зашто се претвораат во цвеќиња. Тоа го
прават многу смислено: самовилите и самовилните се итри мали
суштества. Се облекуваат според годишното време, исто како
цвеќињата, така што можете да гледате некој шафран, зумбул, или
некој крин, а никогаш да не ви падне на ум дека е тоа некоја
самовила, или некој самовилец, зашто стојат сосем мирно. Меѓутоа,
штом ќе престанете да ги гледате, тие ќе избегаат колку што можат
побрзо. Се разбира, вие никогаш нема да помислите да се свртите
назад за да ги забележите. Не можете да претположите дека
самовилите се толку лукави. Но самовилите се навистина многу
вешти. Се што прават претставува вистинска измама и итрина. Тоа е
затоа што тие не се баш сосем вистински. Тие се само делчиња од
детскиот смев, што е прилично тешко да се објасни. Еве како е: кога
првото бебе првпат се насмеало, неговиот смев се распрснал во
илјадници и илјадници мали делчиња што се растуриле по целиот
свет, се појавувале и исчезнувале и едно по едно се претворале во
самовили. Јасно е дека тие не се како вас или како мене и не треба да
се очекува да знаат многу. Всушност, тие не знаат речиси ништо
(освен неколку, што се денес многу ретки). Ниту пак можат да
направат нешто разумно, иако секогаш се прават како да се многу
зафатени. Ниедна самовила, дури ни од оние најретките, не знае да
прави ништо друго освен да мавта со стапче и тогаш може да се
случи нешто волшебно – или пак да не се случи. Се разбира, тие
знаат да играат, но тоа може да го прави и пајакот на зидот, или
комарецот крај потокот. А имаат и седенки; тие седенки изгледаат
многу величествени и весели, штом ќе се расположат сите. Но
нивните јадења и пиења вам нема да ви се допаднат: многу се ситни,
ги има многу малку и немаат некој особен вкус. Барем Петар така
мислеше. Виното од јаглика не беше слатко, слатките беа толку
ситни што немаше што да се загризе, а сладоледот – е сладолед
немаше. Ако се земе предвид дека беше само еден Половинко, тој
имаше добар, здрав апетит. Не беше од оние што чепнуваат само по
малку храна, како што прават некои луѓе, ниту пак од оние што,
поради ова или она, го креваат носот.
Поради бедните јадења и некои други причини, Петар почувствува
дека самовилите и самовилиците почнаа да му стануваат здодевни.
Тие премногу често правеа исти работи. Човек можеше многу добро
да знае што следува. Тој сигурно чувствуваше дека луѓето прават
различни работи, заради промена, а особено на свечените вечери.
Затоа една ноќ, кога особено убаво свиреше и посака да има нешто
особено убаво на самовилската трпеза, му стана многу мило кога ја
чу Самовилската Кралица дека го вика кај неа.
„Клекни, Петар“, му рече таа. „Сакам да те наградам за убавото
свирење. Ќе ја исполнам желбата на твоето срце.“
„Се надевам дека тоа би требало да биде некоја убава храна“,
помисли Петар. Тој рече гласно прилично нерешително:
„Ви благодарам“, но толку долго се обидуваше да се сети што е
желбата на неговото срце (во случај да нема никаква нова храна) што
кога почнаа да му се вкочануваат колената, Кралицата речиси веќе го
имаше заборавено своето ветување. Најпосле, тој праша: „Ако речам
дека сакам да се вратам кај мајка ми, би можеле да ми го исполните
тоа?“
Сите се зачудија, дури и се вознемирија, зашто никогаш не
помислуваа дека Петар ќе посака да си оди и, се разбира, да ја однесе
со себе и својата свирка. Во тој случај, ќе треба да играат без
неговата музика, и тоа би било навистина глупаво.
„Зошто немаш некоја поголема желба од оваа?“ праша Кралицата.
„Зар може да се посака нешто толку ситно!“
„Тогаш, колкава би требало да биде големата желба?“ праша Петар.
Кралицата го рашири колку што може своето долниште и рече:
„Па, приближно олкава“.
„Ох!“ рече изненадено Петар. „Па, тогаш – јас повеќе би сакал да
ми се исполнат две мали желби одошто една голема. Прво, би сакал
да можам да одлетам назад кај мајка ми и пак да можам да се вратам
овде, ако не ми се допадне таму.“
На самовилите ни ова не им се допадна, но мораа да се преправаат
дека се е во ред. Сепак, Кралицата се обиде да докаже дека е тоа
многу тешко. Таа му рече:
„Јас можам да направам да летнеш, но не можам да ја отклучам
вратата кога ќе стигнеш таму. Таа ќе биде добро затворена“.
„О, мама секогаш го остава отворен прозорецот“, одговори Петар,
„прозорецот низ кој летнав, во случај одново да и се вратам.“
Самовилите го прашаа од каде го знае тоа, но тој упорно тврдеше
дека знае. Така, првата желба мораше да му биде исполнета. Втората
ја држеше како тајна, мислејќи дека ќе може да ја посака подоцна.
Тогаш Кралицата им нареди на самовилите да му дадат моќ да може
да лета. Тие се собраа околу него и го скокоткаа по грбот. Наскоро
тој почна да го чеша, па викна: „Престанете! Доста!“ и се обидуваше
да се оттргне од нив. Потоа почувствува дека пак може да лета. А
немаше крилја; едноставно се крена во воздухот, како што правите и
вие насоне, и леташе над Паркот и над покривите. Беше прекрасно
пак да леташ! На Петар тоа толку му се допадна што почна да прави
големи кругови околу Кристалниот Дворец, Лондонскиот Мост и
Паркот Риџент, пред да сврти кон својата куќа и кон прзорецот на
мајка си беше чудно што толку добро се сеќаваше за патот.
IV

Да, прозорецот беше ширум отворен, како што си мислеше, и влета


внатре. Мајка му спиеше во креветот. Спалната облека и беше
стуткана, а косата разбушавена. Па, сепак, беше убава како секогаш.
Петар седна на дрвениот раб од креветот и долго ја набљудуваше.
Раката и лежеше над покривачот; можеше да види дека изгледаше
како да го бара своето бебе за да го прегрне. Го помилува местото
каде што и беа нозете и се прашуваше дали да ја разбуди без да и
зборува или е подобро да и шепне „Мамо!“ Па сепак, колку и да
изгледа чудно, не можеше да се реши да ја разбуди.
Зар не помисливте дека се вовлекол крај неа и почнал да и се
умилкува зборувајќи: „Мила мамо, еве го твојот мал син, се врати
дома!“
И колку среќни дни би имале пак заедно! Но Петар не беше сосема
сигурен дека ќе биде убаво да остане дома, како што си мислеше.
Носталгичното изгледа дека веќе го немаше. А облеките? Ќе треба ли
да се врати на ноќните кошулки? Многу тивко отвори неколку фиоки
и виде дека таму беа неговите пелени, убаво наредени.
„Како ли се облекуваат?“ си рече тој „и каква е, воопшто, користа
од нив? Многу е убаво и без облека“.
Тој извади еден пар чорапи – но тие го збунија, зашто беше
заборавил дали беа наменети за рацете или за нозете. Му се сторија
прилично смешни. И, додека ставаше еден чорап на раката, за да
види како му стои, ненадејно, слушна сосем сигурно дека зборува
мајка му. А она што го рече беше „Петар!“ Тој се притаи и слушаше.
Од каде знаеше дека е тука? Веројатно го слушнала чкртањето кога
ги отвораше и ги затвораше фиоките. Ако прозбори уште еднаш, тој
ќе скокне, ќе се качи на креветот и ќе и ги каже сите зборови за
љубовта што постојат на светов. Но таа не прозборе вторпат; само
малку застенка. А кога ја погледна крадешкум, таа пак спиеше, со
солзи на образите. Беше го сонувала својот син Петар што се изгуби
една ноќ кога имаше една недела. Таа не можеше да си претстави
што се имаше случено со него – и тоа ја тераше да плаче.
Ете, таа тажна глетка го натажи Петар. Но се уште беше несигурен
што сакаше всушност да направи. Се врати на работ од креветот,
седна на него и и свиреше со свирката на кутрата жена. Музиката
беше многу умилна, како нежна приспивна песна и тој виде дека
наскоро лицето и стана многу поведро. Засега се и беше добро.
„Треба ли да останам оваа ноќ и пак да станам мамино детенце?“
помисли Петар, „или да се вратам веднаш во Паркот за да им речам
збогум на Соломон и на сите други, толку многу би сакал да пловам
уште еднаш во моето кајче. И, се разбира, би сакал да им раскажам
на Соломон и на другите птици за оваа авантура... Да, ќе побрзам
дотаму и назад. Ветувам дека ќе се вратам!“ рече со гласен шепот,
небаре можеше да го чуе мајка му неговото ветување.
Но тоа беа само изговори. Му требаше повеќе време за да донесе
решение. А сакаше самовилите да му ја исполнат и втората желба.
Уште не знаеше која му е втората желба, но би било штета да ја
пропушти шансата. Затоа, не смеете да помислите дека Петар имаше
тврдо срце – тој беше само многу млад; и ги сакаше птиците и
самовилите што ги познаваше речиси исто колку и мајка си, што му
беше сосем туѓа. Тој сакаше да ја бакне мајка си – но така можеше да
ја разбуди. Најдоброто што можеше да го стори, во тој момент, беше
да летне назад во Паркот. И летна.
Но, додека леташе над покривите, се уште си велеше во себе: „Јас
ќе се вратам дома. Јас ќе се вратам дома кај мама.“
Тоа продолжи да го зборува со недели и со месеци откако се врати
и им кажа збогум на сите и на се. Имаше последно едрење во кајчето,
па потоа вистинско последно пловење и потоа уште многу безимени.
Беше на многу проштални приеми, каде што толку се прејадуваше и
толку се возбудуваше што свиреше лошо. Играше некакви глупави
игри со изгубените играчки и на самовилите им ја раскажуваше
безброј пати авантурата со летањето, така што самовилите си
помислија дека тој ја заборави својата втора желба и засекогаш ќе
остане во Паркот... А тој внимаваше да не им каже што има
навистина решено. И затоа самовилите беа збунети и зачудени кога
ги помоли:
„Ве молам, скокоткајте ми ги пак рамењата; сега сакам да си одам
дома кај мајка ми засекогаш.“
Тој сонуваше дека ја виде мајка си пак расплакана а бидејќи беше
сосем сигурен зошто плачеше, си рече храбро во умот: „Ќе одам дома
и ќе ја израдувам. Срамота е што ја оставив толку да чека“.
Но, кога дојде до мајчиниот прозорец, тој веќе не беше отворен.
Беше цврсто затворен, а преку него имаше и железни решетки.
Можеше да ја види мајка си в постела, мила и убава како секогаш –
всушност, многу помила и поубава – со рака обвиткана околу друго
малечко дете.
Никогаш во животот Петар немаше доживеано таков удар. Тој
плачеше, викаше, повикуваше – „Мамо! Мамо! Јас сум тука! Се
вратив!“ Но таа ништо не слушна. Удираше со нога по железните
решетки и со раце по стаклата, но само се повреди, додека на
решетките и прозорците не им беше грижа за него. Мораше да се
врати во Паркот. Овојпат тој плачеше, а не мајка му. Велат дека
соништата имаат спротивно значење. Нему му требаше премногу
долго време за да донесе решение, што покажува што може се да се
случи ако се одолжува. Зашто, тој никогаш веќе не ја виде таа
прекрасна жена.
Сепак, останаа уште многу среќни денови, за кои сега ќе ви
раскажам.
ДЕЛ ВТОРИ

КУЌИЧКАТА ВО КЕНСИНГТОНСКИОТ ПАРК


I

Самовилите не се грижат да градат куќи за себеси, зашто е полесно


да се живее во удобни мали дупки под корењата од дрвјата (како што
живее полскиот глушец), во големите цветови или под големите
лисја. Но, еднаш, тие изградија куќа за едно вистинско дете. Тоа е
единствената куќа на светот што ја имаат тие направено и таа
воопшто не личи на другите куќи; зашто, секоја ноќ ја пренесуваат во
друг дел на Кенсингтонскиот Парк. Секогаш истата куќа, знаете, но
секогаш на друго место. Тоа е многу поинтересно одошто обичните
куќи, кои стојат вечно на едно место, така што од прозорците не
може да се види ништо ново.
Оваа куќа самовилите и самовилците прво ја изградија за Меми
Немирната. А еве зошто го сторија тоа.
Меми Немирната имаше четири години, а нејзиниот брат Тони –
шест. Таа многу се гордееше со Тони, за кого што мислеше дека е
секогаш многу храбар, умен и вистински маж – скоро возрасен човек,
само со повеќе разум од мнозина возрасни. Меѓутоа, ноќе Меми
беше похрабра од Тони, што беше храбар само дење, и таа тоа го
знаеше, но беше премногу добра за да го каже. Тие често одеа во
Кенсингтонскиот Парк и имаа слушнато за Петар Пан и за
самовилите – само што, се разбира, никогаш ги немаа видено,
бидејки, како што знаете, на ниеден жив човек не му е дозволено да
остане во Паркот откако ќе се затворат вратите, а токму во тоа време
Петар и самовилите се надвор и се веселат. Но Тони беше дете што
многу сакаше да се фали и да се перчи, а најмногу сакаше да се фали
дека еден ден ќе остане во Паркот, по затворањето на вратите, и ќе
види се што може да се види ноќе.
„О, Тони“, рече Меми, „но самовилите ќе ти се налутат!“
„Тоа е можно“, одговори Тони. „Баш ми е грижа!“
Но тоа беше само за да ја натера Меми да му се восхитува. И така
стана.
Тони продолжи и рече дека тогаш ќе може да го запознае Петар
Пан.
„Да го запознаам сосем добро. Добриот стар Петар!“ рече Тони.
„Можеби ќе те повози во своето кајче“, забележа Меми.
„Јас ќе го повозам него“, рече Тони. Ги нададе градите како гулаб,
ги рашири рацете и почна да оди со долги чекори, за да докаже дека
за ништо не му е грижа. На Меми и се стори дека повеќе од секогаш
изгледаше како вистински маж. Кога зборуваше вакви работи – и се
допаѓаше, но истовремено и ја заплашуваше.
Но, никогаш не можете да знаете кој ве слуша кога зборувате;
особено во Кенсингтонскиот Парк – каде што има насекаде
самовили, што ги шират ушите штом ќе бидат споменати. Така и се
случи. Кога зборуваа Тони и Меми, ги слушна една самовила што
собираше исушени лисја за да направи тантелени завеси. Таа ги
повтори нивните зборови пред фамилијата и пред пријателите, што
се вознемирија поради таквите смели, непријатни планови на Тони.
Самовилите се фатија за работа да му докажат колку се налутени. Му
приредија на Тони многу ситни незгоди – му ја одврзаа врвцата од
чевелот за да се сопне од неа, ги разлабавија железните прачки на
оградата за да падне кота ќе седне врз нив – и тајно ги наговорија
шатките да му го превртат кајчето во Тркалестиот Рибник. Но,
бидејќи не ги знаеше причините за сите овие мали незгоди, Тони
продолжуваше да се фали и да се перчи со тоа дека мисли „некој ден“
да остане ноќе во Паркот. Тој никогаш не велеше „дека“, зашто
тогаш ќе мораше да го стори тоа за кое се фалеше и се лутеше кога
Меми упорно бараше од него да го определи денот кога ќе остане во
Паркот, по времето кога тој се затвора. Беше многу посигурно тоа да
се одлага, а исто така многу посигурно само да се зборува за тоа.
Едно попладне Меми и Тони беа во Паркот со својата гувернанта.
Беше студен зимски ден, земјата беше покриена со снег а
Тркалестиот Рибник со мраз. Немаше многу луѓе. Гувернантата им
рече дека не им дозволува да шеткаат ваму-таму и можеби да
настинат, туку мораат да одат со брзи чекори. А кога погледна на
таблата за да види кое време се затвораат вратите, таму пишуваше
пет и триесет. Затоа прилично брзо отидоа до Детската Врвица и
исто така брзо се вратија. Но кога повторно дојдоа кај таблата,
гувернантата се изненади кога виде оти пишува дека пет часот е
време за затворање. Помисли дека првиот пат го прочитала
погрешно. Но Тони и Меми знаеја многу повеќе за самовилите од она
што воопшто ќе можат да го дознаат возрасните. И беа сигурни дека
самовилите се пошегувале и го преправиле часот на таблата, зашто
вечерва местото им требало порано. И навистина беше така:
приредуваа голем бал. Петар Пан требаше да го претставува
оркестарот, а беше предвидено да има повеќе јадење и пиење од кога
и да било порано, макар што ништо не беше особено вкусно. Тони
беше сигурен дека никогаш не ќе има поубава можност да остане од
оваа вечер, но не можеше сосем да се реши додека не почувствува
дека Меми ја стави својата топла рака во неговата, студена. Знаеше
што сака да рече, „Ќе останеш?“ – и тој потврди со глава.
Почувствува дека побледе и беше потивок одошто требаше, ако се
земе предвид дека се наоѓаше пред голема авантура. Меми многу
љубезно го симна својот шал и му го даде.
„Можеби ќе ти застуди подоцна“, му рече.
Тони уште сега чувствуваше прилично студ. Навистина беше
наежен и брзо почна да мисли дека не избрал добра ноќ. Шепотеше:
„Не ќе можам да заостанам, а да не ме забележи гувернантата. Се
плашам дека овој пат ништо не ќе можам да сторам.“
Меми ни за момент не помислуваше дека нејзиниот храбар Тони се
обидува да пронајде причини за да избега од авантурата. Таа му рече
гласно: „Тони, јас ќе трчам по тебе до вратата“, и додаде тивко: „Така
ќе можеш да се скриеш.“ Двајцата заедно почнаа да трчаат, а Тони
толку брзо се оддалечи, што таа во квечерината речиси го изгуби од
видот. Мислеше дека брза за да најде некое скришно место – но, о не,
ништо слично! Тој истрча низ вратата и јуреше се понатаму и
понатаму. Нејзиниот храбар голем брат не беше ништо друго туку
обичен плашливко! Меми беше толку потресена и навредена што и
запираше гласот во грлото, па не можеше да вика по него да го врати.
Можеше само да помисли: „Тогаш, јас ќе морам да се скријам
наместо него“: И се стрча надолу, по скалите, кон едно скришно
место што се викаше Говоров Извор и се скри. Тоа беше такво место
што никому немаше да му падне на ум да ја побара таму; премногу
влажно и темно.
Одејќи полека кон излезот, гувернантата можеше да го види Тони
што трчаше, па помисли дека и Меми е со него. Така излезе од
Паркот, како и сите други луѓе. Речиси сите сакаа да стигнат дома
пред да напаѓа уште повеќе снег. Се стана сосем тивко, студено и
празно. А Меми, собрана при дното на скалите од изворот, со
затворени очи, чу дека звони од разни страни на Паркот бам, бам,
бам и знаеше, иако никогаш порано тоа не го имаше чуено, дека тоа
значи оти се затвораат вратите.
II

Кога удри звончето последен пат, Меми слушна дека некој наеднаш
рече: „Е, сега се е во ред!“ А кога погледна нагоре, виде еден даб што
се протегаше и се прозеваше.
Потоа еден друг глас, што звучеше како да зборува самиот извор,
рече: „Претполагам дека таму горе е малку студено?“ – а дабот
плесна со раце и одговори: „Па, кога стоиш вака долго на една нога,
ќе се вкочаниш.“
Меми потоа забележа дека уште неколку други големи дрвја се
протегаа, се прозеваа и плескаа со рацете. Таа многу се изненади.
„Не знаев дека дрвјата можат да зборуваат!“ помисли. Изгледа,
веднаш почна да доживува авантури. Тоа беше многу возбудливо. Го
напушти Изворот и се довлечка до Детската Врвица, каде што
застана под една голема зеленика и чекаше со широко отворени очи
и уши, прашувајки се што ќе се случи понатаму.
Уште не ви раскажав како изгледаше Меми. Имаше мило, малечко
лице и кадрава коса: тоа беше се што можеше да се види од неа,
покрај чевлите и камашните. Другиот дел целиот беше облека: меки
волнени работи, а одозгора бундичка со качулка. Качулката и јаката
беа украсени со бело крзно. Толку многу беше облечена што
прилегаше на топка. Но во облеката и беше убаво и топло. Некои
облеки се наменети за да ве греат, но возрасните тоа не го знаат.
Ѕирна од под зелениката и ги виде младите дрвја што одеа на
вечерна прошетка. Некои одеа сами, други, рака за рака; но сите
употребуваа бастуни: се потпираа врз стапови и колци. Бидејќи беа
навикнати да употребуваат бастуни дење, без нив ќе се чувствуваа
многу слаби и ноќе. Се тетеравеа и се клатеа, а старите дрвја кривеа
како старци. Меми сакаше да им помогне, но беше премногу
срамежлива тоа да им го предложи.
Потоа догледа едно мало момче-самовилец што трчаше по Детската
Врвица, забавувајќи се како вистинско дете со својата немирност – ги
тресеше дрвјата за да паѓа снегот врз малите растенија под нив.
Кутрите мали растенија се тресеа од студ. Знаете колку е страшно
кога некој ќе ви стави нешто студено и влажно во вратот, па дури и
ако сте излегле за да се гаѓате со топки. Затоа Меми му викна многу
силно: „О, ти, лошо, лошо момче!“
Беше штета што проговори – дрвјата можеби не ќе ја забележеа ако
молчеше бидејќи беа зафатени со своите сопствени грижи. Но една
висока хризантема ја слушна кога викна и тргна со крупни чекори
кон неа, гледајќи ја намуртено.
„Види!“ рече Хризантемата. „Што е ова? Кој е? Каде е?“
Така, мораше да излезе од под зелениката, а младите дрвја се
насобраа околу неа, возбудувајќи се и џагорејќи, и се прашуваа едно
со друго што е најдобро да сторат. Ова многу ги збунуваше, зашто
вакво нешто никогаш порано не се имаше случено – вистинско дете
да се најде во Паркот во зимска ноќ. „Сето тоа е грешка“, си велеа
меѓусебно, „просто не се случило.“ Шепотеа, кимаа и нишаа глави.
Најпосле, едното од нив и рече на Меми: „Ти сосем добро знаеш дека
не треба да бидеш овде. Не е наша работа, но мислиме дека ќе ни
префрлат ако не ги известиме самовилите. Што ќе речеш на тоа?“
Меми одговори:
„Мислам дека нема да ги известите самовилите. Тогаш би биле
поткажувачи, нели?“
И самите дрвја мислеа така, но беа во недоумица дали ќе биде
подобро ништо да не кажат или ќе биде полошо да станат
поткажувачи. Непријатно се вртеа нагоре-надолу, додека Меми не им
рече:
„Се разбира, јас би сакала да одам на самовилскиот бал. Но
отпрвин би сакала да се прошетам со секое од вас. Можете да се
потпрете врз мене едно по едно.“
Ова им се допадна на дрвјата, зашто се нишаа на нозете и беа
многу среќни што некој ќе им помогне. Стаповите и колците беа
сосем добри кога се стои мирно, но прилично несигурни кога се
употребуваа како патерици.
Така Меми ги шеташе, едно по едно, по Детската Врвица и назад,
држејќи ги нежно и учтиво со едната рака или со прст, се додека
многу не се измори и веќе не можеше. Можеби ќе се зачудите зошто
не се плашеше од дрвјата што одат и зборуваат; но, како што беше
речено, Меми, беше храбра обично ноќе. Се разбира, сега дрвјата не
сакаа да ја пуштат да си оди малечката што им помагаше. Тие ја
предупредија дека е најопасно ако ја видат самовилите.
„Тие ќе те натераат да останеш засекогаш овде, за да им ги
занимаваш децата“, рече еден бурјан. „Ќе те претворат во нешто
неподносливо и грдо“, рече една леска. „Веројатно ќе те отепаат со
мразулци“, рече еден јоргован.
Но Меми секој момент стануваше се похрабра и одговори само: „Не
грижете се!“ Се разбира, тоа не беше дамски; но нејзе и беа прилично
здодевни прошетките со дрвјата. Таа одмавна со рака и рече: „Засега
догледање“, и избега трчајќи. Ги виде црвените ленти послани по
патот што беа ставени за да им го покажуваат правецот на
самовилите кон балот. Едно време одеше по една од лентите и кога
помина поворка самовили, трчајќи по лентата, се скри на тој начин
што клекна на колена, ги испружи рацете и се направи како стол за в
градина. Тие беа многу зафатени со нешто друго, инаку секако ќе
забележеа дека тоа не беше стол.
Самовилите дури не ги свртеа главите да погледнат во Меми, што
значи дека преправањето во стол беше сосем успешно. Беа премногу
налутени за да загледуваат некого или нешто и продолжија гледајќи
право пред себе, со носовите кренати многу високо, така што некои
мораа по малку да подлетнуваат наместо да одат.
Меми делум ја погаѓаше причината за оваа лутина, зашто младите
дрвја и раскажаа нешто за тоа. Војводата на Елките, една од
најважните личности во дворецот на Самовилската Кралица, го
мачела чудна болка. И некои возрасни луѓе страдаат од неа, а исто
така и некои личности во самовилските сказни – се вика Студено
Срце. Ниедно дете не боледува од неа, иако Студените Стапалки не
се нешто необично, дури и меѓу најмладите... И ете, краличните
лекари, сите многу умни и сериозни, се обидуваа да го излекуваат
кутриот војвода од таа страшна болка. Тоа не му беше само многу
непријатно, туку го спречуваше да се заљуби во некоја од убавите
самовили, така што немаше желба да се ожени, а во самовилското
царство таквата состојба на работите е многу жална. Војводата беше
од Исток и беше пропатувал многу земји, но каде и да сретнеше
некое особено убаво суштество, неговиот приватен лекар, што
секогаш одеше со него, ќе побрзаше да го допре срцето на војводата
со својот мал термометар (знаете, онаков каков што ви ставаат в уста
кога сте болни) – а војводата се преправаше дека неговото замрзнато
срце само што не се стопило. Но тоа никогаш не се случуваше и
докторот секогаш мораше да се сврти, да затрепка низ очилата и
тажно да рече:
„Студено, сосема студено!“
Една од причните за големиот самовилски бал што се приредуваше
оваа ноќ беше да му се даде на војводата уште една шанса да си го
одмрзне срцето. Се разбира, кралицата не знаеше дека ноќта ќе биде
особено студена. Таа ги имаше покането сите најубави млади
самовили од Паркот, десетици и стотици, и нареди секаде да се
постават патеки од црвени ленти за да им останат чисти малите
скапоцени чевли за играње, во случај да има снег или кал. Знаете,
самовилите многу водат сметка за играњето и, макар што ги
забораваат чекорите кога се тажни, се потсеќаваат за нив веднаш
штом ќе се развеселат. Ете зошто самовилите никогаш не викаат
„Весели сме“, туку „Ни се игра“. Тоа е речиси исто и сметам дека и
вие сте го забележале. Среќата многу лесно влегува во нозете.
И така, таа работа со срцето не само што ги разочара гостите на
балот, туку сосем ги огорчи и ги налути. Пред војводата се изредија,
една по една, најодбраните самовили; оние за кои преку летото би
можело да се помисли дека се ружи, јасмини, јорговани или
темјанушки. Војводата секогаш ги погледнуваше со намуртено лице,
а очите му прилегаа на оние што ги гледате на мермерните плочи кај
продавачите на риби; а докторот секогаш ја наведнуваше одеднаш
главата спроти срцето на војводата. Некогаш држеше на него
часовник од млечка, некогаш топломер, но изгледа дека тоа не беше
воопшто важно, зашто крајот беше секогаш еднаков: „Студено, сосем
студено!“ Тогаш убавите дами ги тргнуваа настрана; некои пролеваа
розови солзи, некои беа исполнети со бес; а други беа толку лути што
не можеа ни минутка повеќе да останат на балот, туку одеа право
дома, налутени, бесно мрморејки, како оние кои тукушто ги виде
Меми. Зашто, секако е непријатно кога со една убава млада самовила
што била сосем сигурна дека наскоро ќе стане војвотка ќе се постапи
како да не е ништо повеќе од купче сува трева.
III

Одејќи понатаму по црвената лента, Меми наскоро слушна некакво


тивко липање и виде една малечка самовила која, обидувајќи се да
премине по мостот од лента преку една исушена баричка, беше
паднала во калта од која не можеше да се извлече. Меми ја извлече
нежно и внимателно, плашејки се да не ја скрши, зашто никогаш
порано не беше имала работа со самовили. Самовилата исто така
отпрвин се исплаши, но наскоро го совлада својот страв и сосем
пријателски се намести на дланката од Меми, брборејќи како некакво
врапче. За неа беше вистинско задоволство да зборува со едно толку
убаво дете каква што беше Меми. Рече дека е таа само малечка
сирота улична пејачка и дека се вика Брауни. А беше тргната за на
балот, со надеж дека можеби ќе може да го одмрзне студеното срце
на Војводата, иако тоа не изгледаше многу веројатно. „Знаеш“, рече
малото едноставно суштество, „јас сум прилично неугледна“, а Меми
не можеше да и рече „О, не, ти си многу убава“, зашто Брауни
навистина беше погрда од многу други самовили. Не беше грда
знаете, но никој не би ја погледнал двапати. Има многу слични
цвеќиња.
Тоа беше прилично непријатно за Меми, што ја сакаше вистината,
но сакаше и да и влее надеж на Брауни. Па, сепак, таа и раскажа на
својата мала пријателка неколку приказани за некои личности што не
биле ни малку величествени, туку обични и сироти (како
Пепелашка), и кои, на крајот, секако ја развеселија Брауни и таа
наскоро побрза по патот послан со ленти. А Меми ја посоветува да
не оди по неа, зашто, и рече, тоа би можело да биде многу опасно.
Но, се разбира, Меми се чувствуваше, се похрабра и, кога Брауни се
изгуби од видот, таа се довлечка крадешкум до балската сала и се
скри зад едно големо дрво, сосем заслепена од блескотот на
Самовилското Оро. Тоа беше однадвор осветлено со илјадници
светулки што се држеа едно за друго, а однатре – со светлината на
самите самовили.
Таму седеше Самовилската Кралица, сета блескотеше и трепетеше,
а тука беше и невеселиот војвода со својот доктор при рака. Беа
присутни и вонредно убави млади самовили, што беа доведени да
зборуваат со него, исполнети со насмевки и со убави погледи – со
надеж да го омекнат неговото замрзнато срце. Ниедна од нив не
успеваше да го стори тоа, па плачејќи налутено си одеа понатаму.
Но, каде беше Петар Пан? Меми никаде не можеше да го види, а тој
беше личноста што најмногу сакаше да ја види. Тоа многу ја
разочара. Немаше кој да и каже дека кајчето на Петар беше му се
заглавило меѓу сантите од мраз на Серпентината и дека му беше
потребно многу време за да се пробие со своето дрвено весло-
лопатче. Затоа самовилите уште немаа почнато да играат – прво,
зашто Петар задоцни, а второ, бидејќи на сите не им се играше
некако оваа вечер.
Голем број самовили што ја разгледуваа околината на дворецот,
илјадници и илјадници, одеднаш избувнаа во смеа. Се смееја поради
тоа што Брауни штотуку беше пристигнала, а бараше веднаш да ја
одведат кај војводата, па таа беше толку обично, едноставно, тивко
мало суштество – беше сосем смешно од неа, и рекоа – за да се
очекува дека таа би можела нешто да стори, кога не можеа да сторат
ништо сите други убави и блескави самовили. Но Брауни тропна со
својата мала нога и рече: „Одвете ме кај војводата, овој миг кога ви
велам! Веднаш!“ И сите беа толку изненадени што пропуштија и ја
изведоа пред неговата Милост.
Докторот одвај ја забележа; веќе беше изморен од толкуте многу
девојки. Токму го ставаше прстот на срцето од Војводата и почна да
ги изговара зборовите што со часови ги повторуваше како папаѓал:
„Студено, сос... но пред да може да заврши, застана и викна: „Што е
тоа?!“
Го стави увото на срцето од Војводата и викна: „Жими светот!“
Сите самовили многу се возбудија – се туркаа, се притискаа и се
пробиваа напред, за да видат што се случува. Гледаа со ококорени
очи во Војводата, кој изгледаше исплашен.
„Нека е благословено!“ викна докторот. Тој ги тргна прстите од
срцето на Војводата и ги стави во устата, зашто си ги изгоре. Се
поклони длабоко и пелтечејќи од радост, рече: „Мој господару
Војводо, ја имам честа да ви соопштам дека вашето срце не само што
се одмрзна, не само што се стопли, не само што е топло – туку гори
од жештина. Се осмелувам да речам, тоа пламти!“
Тогаш Војводата и Брауни се прегрнаа. Тоа го сторија и Кралицата
и лордот Коморник. Тоа го сторија сите самовили и самовилци;
зашто во самовилскиот дворец се се одвива како во играта „Прави
што ќе правам јас“, и сите викаа „Ура!“
О, зар тоа не беше среќно и славно! Масата сосем подиве, се
веселеше и викаше и наеднаш сите почувствуваа дека им се игра. Се
слушна звук на труби (но не свирката на Петар Пан), пеење и
плескање на раце и беше повесело од кога и да било порано – кога
еден сосем неочекуван звук го прекина сето тоа. За се беше крива
Меми. Беше станала премногу храбра, а тоа е исто како да си многу
возбуден – и не можеше да издржи да не викне од радост:
„О, Брауни, колку е тоа убаво!“
Кога го рече тоа, тргна неколку чекори напред во полниот блескот
на Самовилското Оро, – и ги подаде рацете сакајки да ја прегрне
Брауни, која сосем беше заборавила на неа, наполно зафатена со
Војводата.
Ох, небеса! Каква лудост – да се направи такво нешто! Светулките
во истиот миг изгаснаа; музиката престана. Разиграната маса се
смири и не остана ништо друго освен студенина, темнина, тишина,
како да немаше веќе никој. Меми се сети, но премногу доцна, дека
таа е вистинско дете и дека се наоѓа на место каде што не треба да
биде. Самовилите нема никогаш да и простат. Слушна некакво
брмчење, што можеби беше ветрот во телеграфските жици, или
можеби беа гласовите на илјадници налутени самовили што
изговараа страшни заплашувања упатени кон неа. Нејзината храброст
се распрсна како меур – писна од страв како глувче; се сврте и почна
да трча, да трча, да трча.
IV

Меми и натаму трчаше, паѓаше и одново стануваше – се додека


сосем не се исцрпи. Навистина, толку беше исплашена и толку
изморена што не можеше да се сети каде се наоѓа. Да и се
приближеше некој и да ја прашаше каде е патот до некое место, таа
ќе му речеше: „Жалам, но и јас сум овде странец“, зашто го имаше
заборавено дури и името на Кенсингтонскиот Парк. Знаеше само
дека мора и натаму да трча. Па, сепак, никој не може постојано да
трча, особено во темнина, по криви врвици покриени со снег;
најпосле Меми се препна, се слизна и остана да лежи таму каде што
падна. Заспа цврсто и сонуваше. За снегулките што и паѓаа по
лицето мислеше дека се бакнежите на мајка и пред спиење; а за
снежниот покривач, што брзо ја покри, помисли дека е уште едно
ќебе повеќе, што некој љубезно го ставил врз неа. Исто така и се
стори дека ги слуша татко и и мајка и што си разговараат тивко
близу до неа; за среќа, никогаш не дозна дека тоа беа самовилите.
Се разбира, тие ја имаа фатено. Едно вистинско дете што бесно
трча низ непознат крај не може да им се спротивстави на илјадници
самовили што живеат во него. Ја следеа цели чети самовили; тие не
можеа да се ослободат од мислата дека е глупава и беа многу
задоволни што тие самите не беа човечки суштества. Но, беше добро
што не мислеа да и направат ништо лошо, ниту да и фрлат магии.
Сосем спротивно. Сакаа да и укажат секакво внимание.
Кога таа првпат го вознемири целото Самовилско Оро излегувајќи
одзади дрво, се крена голема врева, вистински бунт – и речиси секоја
самовила што се најде тука викаше дека треба да биде убиена,
претворена во жаба, да им се фрли на лебедите или нешто слично. Но
таа имаше пријателка – тоа беше Брауни, што сега требаше да се
вика Војвотка. Брауни падна на колена пред Кралицата и ја молеше
да и го спаси животот на Меми, како свадбен подарок за неа. „Секоја
невеста има право да бара да и се исполни една желба“, рече
загрижено Брауни; „Ете ја мојата.“
„Се друго само тоа не“, одговори Кралицата.
Сите самовили (тие се копираат) наеднаш се развикаа:
„Се друго само тоа не!“
Но Брауни отсекогаш беше добро мало суштество, а уште повеќе
сега, кога стана Војвотка. Таа не сакаше да го прими тоа „не“ како
одговор. Им објасни за тоа колку беше љубезна Меми кога ја извлече
од длабоката кал, потоа за шегувањето, за веселењето и за односот
како со вистинска пријателка, иако пред тоа не се познаваа. „Да не
беше таа“, рече Брауни, „јас сега не ќе бев овде; а срцето на мојот
мил Војвода ќе останеше замрзнато за вечни времиња. Замислите го
тоа!“
Тогаш Кралицата го промени мислењето и рече: „Да живее Меми!“
– и сите илјадници самовили се одгласија: „Да живее Меми!“
Направија голема процесија и тргнаа да му заблагодарат на
„вистинското дете“, да му изразат од срце благодарност и да му
понудат најубави слатки.
Но, кога ја најдоа Меми легната длабоко во снегот, таа не можеше
да чуе ниеден збор од нивните благодарности, ниту да проба нешто
од нивните слатки. И шепотеа на уво „Слатки!“ – „Меден сок!“ –
„Вино од јаглика!“ и така натаму, но никако не можеа да ја кренат.
Се исплашија дека можеби страда од студ, зашто колку и да го
чистеа брзо снегот од неа, тој паѓаше и пак ја покриваше.
Потоа се обидоа да ја дигнат и да ја однесат на некое засолнето
место; но што да прават со облеката, со нејзиното тркалезно тело, со
снегот; таа беше премногу тешка за самовилите. Самовилите со
помеки срца почнаа да си ги бришат солзите; но на малите момчиња-
самовилци, што никогаш не губат кураж, им светна наеднаш
величествена идеја. „Зошто да не изградиме една куќа околу неа?“
рекоа тие. Тоа беше навистина прекрасен план. Сите плескаа со раце
и се веселеа. Наредбата беше дадена: „Да го сториме тоа веднаш!“ И
за пократко време одошто е потребно да ви се раскаже тоа, куќичката
беше готова! Зашто, кога тука работеа чети самовилци – зидари,
гипсари, лимари и ќерамитчии, работата се свршува многу побрзо
одошто кога би биле само двајца мажи и едно момче, од кои едниот
можеби отишол до дома да си ја земе торбата.
Тоа беше најслатката куќичка што сте ја виделе некогаш. Точно
прилегаше за Меми, ја покриваше целата од сите страни. Едната
нејзина рака претставуваше пречка, зашто беше спружена незгодно;
но самовилите изградија над неа веранда, што изгледаше особено
убаво. Покривот беше многу убаво направен; беше вистинска штета
што ќе мора да го урне кога ќе се разбуди зашто, се разбира, не
можеше да излезе низ врата; вратата и прозорците беа исто како тие
на куќичките за кукли. Сепак, покривот беше така направен да може
да се отвори како капак од кутија, иако тоа не можеше да се види,
зашто беше многу мудро созидан. Се беше толку убаво и совршено
како што растеа крај зидовите на куќичката, градинка за заборавени
разни други ситници; секој миг самовилите се сеќаваа уште за
нешто. Внатре немаше место за никаков мебел, зашто Меми го
заземаше секое делче од просторот. Затоа тие однадвор совршено ја
свршија работата, колку што се може, завршувајќи ја со една
полукружна градина полна со цвеќиња, трендафили што растеа крај
зидовите на куќичката, градинка за зеленчук и буре за дождовница.
Ништо поубаво не можеше да се замисли.
Потоа самовилите пак се вратија кон играта, задоволни како
кловнови. Одејќи си, и испраќаа бакнежи на малата куќичка, а
наместо ноќна ламба, оставија една светулка. Брауни, која остана
последна, спушти еден прекрасен мал сон низ оџакот, надевајќи се
дека нема да се стопи пред да поужива Меми во него. Кога ќе се
погледнеше тој, многу личеше на сладолед од јаготки.
V

Во малата куќичка на Меми и беше удобно и топло цела ноќ, а


розовиот сон траеше се до зората. Тогаш таа се разбуди – помалку
или повеќе – и мислеше дека се наоѓа дома во своето креветче. Таа
викна: „Тони“ – но никој не одговори. Затоа се исправи – и така се
удри во покривот. И виде насекаде околу себе само снег и дрвја. Ни
малку не личеше на нејзината спална соба, во која висеа слики по
зидовите и немаше снег. Тогаш се загледа себеси и виде дека е
облечена во облеки што се носат надвор од дома: качулка, бундичка
и се друго! А каде ли е Тони?
„Ова мора да е сон“, помисли Меми, но се штипна по образ за да се
увери во тоа. И тогаш почна да се присетува за се што се случи.
Можеше да види дека се уште се наоѓа среде една прекрасна
авантура; дури сега може да се случи многу нешто. Таа излезе многу
внимателно низ отворениот покрив, што не беше паднат бидејќи
беше прицврстен со чивии како капакот на кутија. Премина преку
расцутената градина – и тогаш можеше да се сврти и да ја гледа
убавата мала куќичка што ја штитеше цела ноќ. Никогаш немаше
видено таква толку мала зграда. Ни таа, ни кој и да било друг.
„О, колку си мила!“ викна таа. „О, ти слатка! О, ти најмила!“
Куќичката беше премногу убава за да биде вистинска.
Меѓутоа, како што можевте да забележите, работите тргнуваа во
друг правец, и тоа во погрешен, кога ќе им се обрнеше Меми; којзнае
зошто беше така. Барем овојпат така излезе. Куќичката не се
распадна на парчиња и не се изгуби наеднаш. Таа не беше од оние
куќи што ги прават самовилите и што за миг стануваат невидливи.
Всушност, единствена на светот од својот вид, таа исчезнуваше
постепено. Кога го слушна зборувањето на Меми, веднаш почна да се
смалува. Секој момент стануваше се помала. Отпрвин стана како
куќичка за куче, потоа уште помала, како школка. Па сепак, Меми
можеше да види се како што беше, само многу, многу малечко;
трендафилите на ѕидовите, бурето за дождовница и се друго. Кога
куќичката стана сосем малечка, како макаричка за конец, Меми се
исплаши дека сосем ќе се собере. „О, мила, мила куќичке, не оди си!“
викна таа. Но, можеби тоа го рече многу доцна, зашто следниот
момент куќичката ја снема – снегот сосем ја покри. Не остана
никаква трага од неа. Никој немаше да поверува дека некогаш била
тука.
Меми почна да липа; треба ли да се чудите поради тоа? Се
чувствуваше многу осамено и бедно кога слушна еден глас, кој
љубезно и рече: „Не плачи, малечко девојче! Те молам, не плачи“.
Таа скокна, се сврте и виде близу до себе едно симпатично малечко
разголено дете, што ја гледаше пријателски.
Веднаш беше сигурна дека тоа мора да е Петар Пан.
VI

Бидејќи сега беше утро, Меми веќе не беше особено храбра; ви реков
дека храброста и доаѓаше само ноќе. Го гледаше прилично
срамежливо Петра, прашувајќи се како да почне разговор со него.
Петар беше одушевен што ќе може да зборува со едно вистинско
девојче. Никогаш порано му се немаше насмевнато таква среќа. Тој,
сепак, се однесуваше како да разговарал цел живот со мали
девојчиња и ни малку не се срамуваше. И рече учтиво: „Се надевам
дека убаво си спиела?“
„Да, благодарам“, рече Меми, „ми беше многу топло и удобно.
Освен тоа, како што гледаш, облечена сум во зимски работи. Но, зар
не ти е тебе студено?“ Таа се загледа во неговото полничко голо
тело.
„Мислам дека не ми е“, одговори Петар, „но не сум сосем сигурен
што е тоа ‘студено’.“
„Какво смешно момче!“ рече Меми и се закикоти.
„Знаеш“, рече Петар, обидувајќи се да објасни, „јас не сум
вистинско момче. Јас сум Половинко. Барем така ме вика стариот
Соломон Гракачот, а тој знае се.“
„О, така ли е?“ праша таа изненадено. „Ти си Половинко?“
„Не сакам да речам дека ми е така името“, и рече тој. „Моето
вистинско име е Петар Пан“.
„Да, знам, се разбира“, рече Меми. „Сите знаат за тебе“.
Ова на Петра му се допадна можеби повеќе од што и да било друго
порано. Зашто, да ја зборуваме вистината, тој беше суетно, горделиво
суштество. Го исчисти снегот од едно паднато дрво, па тој и Меми
седнаа на него, цврсто допрени еднододруго. Тој ја помоли Меми да
му каже точно што знаат луѓето за него и што зборуваат.
„Немој ништо да изоставиш“, ја молеше. „Сакам да чујам се.“
Така, таа му раскажа се за она што можеше да се сети и тој виде
дека луѓето прилично знаат за него, но не баш се. Оној дел од
неговата историја, кога се врати кај мајка му и кога го најде
прозорецот затворен, а покрај мајка му имаше друго бебе, воопшто
не се споменуваше: тоа му беше мило на Петар, зашто се уште
поради тоа по малку се срамуваше.
Тој праша:
„Знаат ли луѓето дека јас умеам да играм вистински игри, исто како
другите деца? Би сакал тоа да го знаат. Знаеш, јас морав да се учам
сосем сам.“
Меми го погледна и помисли: „Тоа не може да биде вистина. Како
е возможно да играл крикет, криенка, или што и да било друго?“ Го
натера да и раскажува за своите игри и, се разбира, тие беа
невозможни, како што беше пуштањето обрач да плови во
Тркалестиот Рибник или употребувањето на балон наместо топка.
Таа не сакаше да го нажали, но мораше да рече:
„Петар, ти играш сосем погрешно. Децата не играат ни приближно
така. Ти не си можел самиот да се научиш да играш правилно“.
На Петар му потекоа солзи. Беше страшно разочаран, зашто
секогаш се гордееше што во нешто личеше на вистинските деца.
Многу ретко плачеше, но беше необично жално да го гледаш така,
особено за една љубезна мала личност таква што беше Меми. Таа му
ги бришеше очите со своето шамиче и го прегрна со едната рака; и
беше многу жал што толку многу се разочара. Петар липаше и
јачеше.
„Сакаш ли да те бакнам?“ наеднаш го праша таа.
А Петар рече, гушејќи се:
„Благодарам!“ но немаше ни поим што мислеше таа и и подаде
рака. Мислеше дека ќе му стави нешто во неа.
Кутрата Меми беше страшно зачудена; но, не сакајќи да ги навреди
неговите чувства со објаснување, таа извади еден мал сребрен
напрсток што случајно го имаше во џебот, и рече:
„Еве, мил“, како тоа да беше бакнеж.
А Петар не ја знаеше разликата меѓу бакнежот и напрстокот, а не ја
дозна ни до денешен ден!
Го преместуваше од еден прст на друг. Тоа многу го развесели, па
наскоро престана да плаче. Можеше брзо да премине од тага кон
радост и, бидејќи се почувствува многу подобро, почна да се перчи и
да се прави важен, дури полошо од Тони – се за своите необични
авантури. Беше убаво да имаш некој што ќе те слуша, некој што
никогаш порано не слушал за тоа. Особено поради тоа што на
птиците веќе им беа многу здодевни неговите раскажувања и
понекогаш остро му велеа да замолчи. А за Меми, се разбира, сето
тоа беше ново и интересно. Ништо слично никој и немаше раскажано
порано, ни Тони ни некој друг. Најмногу ја сакаше авантурата што се
уште траеше – Петровите патувања меѓу Островот и Паркот во
дроздовото гнездо што птиците го израдија за него за да го задржат.
„Колку величествено!“ викна Меми и погледна во Петар со своите
големи светнати очи.
„Мислиш ли дека би можел тоа да го стори Тони?“ рече Петар.
Таа се му имаше раскажано за Тони, за својот дом за гувернантата
и за се друго, но Петар не разбираше ни половина од зборовите што
таа ги употребуваше, иако се преправаше дека разбира. Тој умееше
многу добро да се преправа.
„О, не“, рече Меми, „Тони никогаш не би можел да плови натаму-
наваму како тебе. Тој би се исплашил. Освен тоа, тој речиси никогаш
не се возел во кајче.“
„Што е тоа „исплашил“?“ рече Петар. „О, јас би сакал да сум храбар
како Тони!“
Таа виде дека сосем погрешно ја разбрал, па одговори:
„Па ти си најхраброто момче што некогаш сум го познавала!
Илјадапати похрабро од Тони!“
Кога Петар сфати дека Меми навистина го мисли тоа што го
зборува, извика од радост и сето негово разочарување поради игрите
се претвори во вообразеност, така што целиот се наду, а особено
главата. Целиот се претвори во насмевка и самољубие.
„Ако сакаш, можеш да ме бакнеш“, му рече Меми.
Петар без волја почна да го врти напрстокот на својот дебел прст,
зашто мислеше дека сака да и го врати. Поради ова, тој изгледаше
натажен и мрачен.
„О, не, не мислев бакнеж“, објаснуваше таа. „Сакав да речам, дај ми
го напрстокот“.
„Што е тоа напрсток?“ рече Петар збунето.
„Ова е напрсток“, рече таа и го бакна.
„О, разбирам“, рече Петар. „Да, би сакал да ти дадам неколку
напрстоци.“ Ја бакна неколку пати, полека и сериозно. Тоа го
направи многу добро, со оглед на тоа што ова беше негов прв обид.
Често се вели дека луѓето никогаш не знаат што можат да сторат
додека не пробаат.
VII

Кога Петар и даде на Меми многу напрстоци или, како што ги


викаме ние, бакнежи – можеби вкупно седум, а можеби дури и осум –
помисли колку би било убаво кога двајцата би живееле заедно во
Паркот.
„Слушај, Меми“, рече тој, „како би било да се омажиш за мене?“
И Меми за тоа многу размислуваше, зашто и се чинеше дека е
штета Петар и натаму да ги доживува сам своите авантури. Тоа
навистина би било загуба. Затоа одговори:
„Би сакала да се омажам за тебе, во секое време, но има ли место во
твоето кајче и за мене?!“
„О да, бездруго“, рече Петар, „ако не ти пречи малку да се
стесниме.“
„А птиците? Ќе бидат ли тие против?“
„Тие само ќе се радуваат ако дојдеш“, одговори тој. „Покрај тоа,
како што можеше да видиш, зиме овде има многу малку птици.
Единствената незгода е во тоа“, додаде тој непријатно, „што можат да
ја посакаат твојата облека.“
„Па, знаеш, некои делови од твојата облека би биле мошне корисни
за нивните гнезда“, и тој ја допре нејзината крзнена јака. „Убаво
меко нешто“, продолжи гледајќи ја. „Јаката многу ќе ја сакаат.
Сигурен сум.“
Меми одговори, речиси налутено:
„Е, нема да ја добијат.“
„Не, не морат да ја добијат“, рече Петар се уште милувајќи ја
јаката. А потоа викна: „О, Меми, верувам дека причината што толку
те сакам е во тоа што целата си како некое убаво гнездо. Така
тркалеста, мека, топла и пријатна... Да, многу личиш на гнездо, иако
не се сеќавам на кое.“
Меми речиси се налути поради тоа. Таа рече: „Глупости, Петар. Не
биди толку смешен. Зборуваш како да си птица, а не момче. Се
разбира, ти си само Половинко. Но јас воопшто не сум гнездо, ниту
мислам тоа некогаш да станам. Повеќе би сакала еден ден и самата
да станам Половинко“.
„Тогаш, дојди со мене и остани, мила Меми!“ одговори тој.
Тоа ја смири и двајцата тргнаа кон Серпентината и кајчето на
Петар. Додека одеа, тој шепотеше:
„Сосем точно, ти ни најмалку не личиш на гнездо. Тоа нека не те
загрижува. Јас понекогаш зборувам такви глупави нешта – ни самиот
не знам зошто.“ Така Меми беше задоволна и му прости за глупавите
зборови.
Но, кога се доближија до водата, таа изгледаше многу студена и
воопшто не личеше на куќа, па Меми го пожели својот топол појадок
и огнот од детската соба. Таа малку се стресе и рече:
„Се разбира, јас не им велам засекогаш збогум на мама и Тони,
нели? Ќе одам многу често да ги виѓавам, нели?“
„О да, се разбира“, рече Петар; но во тоа многу се сомневаше. Само,
сега чувствуваше толку голема љубов спрема неа што се плашеше да
не ја изгуби ако и ја каже вистината; а таа беше дека веќе никогаш
нема да се врати дома, штом еднаш ќе стане Половинко. Тој ги
забрза чекорите, за да не и даде време да се премисли. И штом таа ќе
покажеше намера да го забави одот или да застане, и даваше уште
еден напрсток.
Кога го виде кајчето, таа му се восхитуваше толку многу што
очекуваше тој да му се восхитува, но се уште беше малку несигурна.
Пак рече:
„Знаеш, Петар, јас не би одела кога не би била сосем сигурна дека
ќе можам кога сакам да се вратам дома кај мама?“
Гледаше право во Петар, но виде дека тој не смееше да и погледне
в очи.
Тој рече намуртено:
„О да, сето тоа ќе биде во ред. Но дали си сигурна дека мајка ти ќе
те сака тебе?“
„Па, се разбира дека ќе ме сака!“ викна Меми, изненадена од
ваквото прашање.
„Нејзе можеби нема да и е грижа за еден Половинко“. Петар се
почувствува задолжен да ја предупреди. Тој беше искрено момче.
„Зошто да не и е!“ одговори Меми. „Мене ми е грижа за тебе!“
„Но претположи да ја најдеш вратата затворена?“ рече тој без волја.
„Вратата секогаш ќе биде отворена“, одговори Меми, „а мама
секогаш ќе ме чека. Секогаш!“
„Тогаш, многу добро“, рече Петар со прилично олеснување, „ако си
во сето тоа толку сигурна, дојди со мене. Влези“.
И и подаде рака за да и помогне да влезе во кајчето.
„Петар“, рече Меми, прифаќајќи ја неговата рака, „зошто не гледаш
во мене? Во што е работата?“
Петар силно завесла и излезе на брегот; седна на снежниот брег, го
скри лицето во рацете и почна несреќно да воздивнува.
Меми се искачи по него на брегот и го праша што го мачи.
Тој викна:
„О, Меми, не е фер да те одведам на Островот, ако навистина
веруваш дека ќе можеш да се вратиш кај мајка ти. Ти не ги познаваш
мајките како што ги познавам јас. Слушај ме.“
И и го откри сето она што го држеше во тајност, дека го нашол
прозорецот затворен, а мајка му се тешела со друго дете. Приказната
беше многу тажна. Зборовите на Петар се прикинуваа, а Меми силно
дишеше се додека и ја раскажуваше.
„Но мајка ми нема да го стори тоа... “ почна Меми.
„Сите мајки се исти“, рече Петар. „Се осмелувам да тврдам дека таа
веќе му пишала на Гракачот Соломон да и испрати друго девојче со
повратната пошта“.
Во тој момент се слушна некакво чкртање и звечкање низ целиот
Кенсингтонски Парк. Се отвораа вратите. Петар побрза во своето
кајче а Меми беше готова да се стрча накај дома низ најблиската
врата.
„О, Петар“, плачеше таа, „претположи дека веќе сум задоцнила!
Претположи мајка ми веќе да добила друго девојче.“
„Во тој случај“, рече Петар, „јас вечер ќе те чекам овде. Но мислам
дека ќе стигнеш навреме, ако се стрчаш сега.“
Двајцата за последен пат цврсто се прегрнаа и си дадоа уште по
еден „напрсток“, а потоа Меми отскока како пиле. Петар си ги стави
рацете на очи, за да не може да ја гледа како си оди. Знаете, за него
беше многу полошо одошто за неа. Зашто таа имаше своја мајка,
Тони, куќа, топла соба и појадок – а Петар немаше речиси ништо. Тој
чекаше во Паркот, таа ноќ и уште многу други ноќи, надевајќи се и
надевајќи се дека можеби некако ќе му се врати; но таа никогаш веќе
не се врати. Прво, зашто мислеше дека ако го види пак својот мил
Половинко, не ќе може да го напушти; тој водеше толку осамен
живот, сосем сам. А втората причина беше што гувернантата веќе не
симнуваше очи од неа, така што никогаш немаше ни најмала шанса
да се скрие во Паркот кога се затвораа вратите. Постоеше и трета
причина – но во моментов не можам да се сетам која беше.
VIII

Можете да бидете сигурни дека Меми им ги раскажа сиве овие


необични преживелици на мајка си и на Тони; и секогаш кога им
раскажуваше, се присетуваше уште за нешто. Тие беа склони да
речат дека сето тоа го сонувала – но кога видоа дека прстенот и го
нема, помислија дека секако постои нешто многу чудно во целата таа
работа. Меми, навистина, толку често и со таква љубов зборуваше за
Петар Пан што Тони понекогаш чувствуваше дека му се расипани
плановите – мноту непријатно чувство што се надевам дека никогаш
нема да го испитате. Но Тони беше фино момче и не покажуваше
никаква љубомора, ако воопшто ја имаше. Макар што понекогаш
сакаше Меми да зборува за се друго освен за Петар, заради промена.
Таа научи да плете, за да може да му прави подароци на Петар;
првото нешто што го направи беше навлака за рачката од чајникот.
Но подоцна помисли дека тој повеќе би сакал да има нешто што се
движи; навлаката за рачката од чајникот беше толку мирна и
неподвижна. Мајка и, која беше многу паметна и чувствителна жена,
и рече:
„Дали би сакал тој јарец, за да го јава?“
„Јарец!“ викна Меми. „Е, тоа би било прекрасно за него! Би можел
да седне на него и да си свири на свирката додека јава!“
„Мислиш ли дека ќе може да се држи на него?“ рече Тони.
„Тој може се“, рече Меми толку гордо што Тони се посрами. „Но
каде да најдам јарец?“ продолжи таа, гледајки вознемирено.
„Можеш да му го дадеш својот“, одговори мајка и, „знаеш, оној од
фантазијата со кој се обидуваш да го исплашиш Тони.“
Меми беше вчудовидена од сознанието дека мајка и знае се за
измислениот јарец. Таа веруваше дека е тоа тајна. Обично се
случуваше така: ако се скараше со Тони, се правеше дека е јарец што
трча по него, што го турка со нозете и што го боде со роговите. А таа
толку добро знаеше да се преправа што Тони никогаш не беше сосем
сигурен дали таа може навистина да се претвори во јарец или не
може. Колку што беше посонлив навечер, толку помалку знаеше дали
тоа беше вистински јарец или само Меми. Затоа се радуваше при
помислата дека јарецот ќе му биде даден некому.
„Но тој не е вистински јарец“, рече Меми. „Како можам да му го
дадам на Петар, кога не постои?“
„Тој постои“, мрмореше Тони, макар што речиси се срамуваше
поради тоа.
„Знам како ќе го направиме тоа“, рече мајка и. Така сите тројца
отидоа идниот ден во Кенсингтонскиот Парк и скитаа наоколу
додека не го најдоа местото каде што беше Самовилското Оро
(потребно е да се има остро око за да се најде) и Меми застана
самата сред него.
Тогаш мајка и ги изговори подготвените зборови – тие беа еден вид
многу блага магија:
„Ќерко, кажи ми ако можеш, што имаш донесено за Петар Пан?“
А Меми одговори како што ја научија:
„Му носам јарец да јава, по цел ден, колку сака!“
Тогаш таа замавна со рацете околу себе, како да сее нешто и се
сврте трипати со затворени очи.
„Добро, готово!“ рече Тони, многу задоволен што отиде јарецот.
Меми исто така остави и една мала белешка во која му објаснуваше
на Петар за својот подарок и му кажуваше да побара од самовилите
да му го сменат измислениот јарец за вистиноќи. Самовилите тоа
одушевено го прифатија. Многу се заинтересираа и веднаш го
претворија јарецот, така што сега Петар јава на него секоја ноќ по
Паркот, натаму-наваму, де овде, де онде, свирејки прекрасно на
својата свирка. Кога не јава, лежи во тревата и ги мавта нозете во
воздух, весел до бескрај. Весел е животот што сега го живее, со
кајчето, со свирката, со јарецот и со самовилите. Најубавото е што
ете тоа ќе трае вечно, зашто Петар никогаш нема да порасне.
Што се однесува до Малата Куќичка, таа не е урната, како што
можеби претпоставувате и со неа не е свршено. Зашто, секоја ноќ
(освен во оние кога има балови, кога се премногу зафатени),
самовилите пак ја градат во некој нов дел од Паркот, во случај да се
најде внатре некое изгубено дете по затворањето. Понекогаш некое
дете останува, па Петар го поведува со себе до Малата Куќичка, каде
што тоа безбедно ја преспива целата ноќ, а наутро се разбудува и
излегува низ покривот – исто како што направи Меми. Но, се
раскажува дека ниедна мала куќичка не е толку убава како првата,
иако се прават на ист начин. Ако може да им се верува на децата што
преспиваат по една ноќ таму, таа е многу убава, многу слатка – но не
токму онаква како онаа на Меми. Се прашувам дали самовилите ги
градат набрзина, па нешто пропуштиле? Можеби го заборавиле
бурето за дождовница.
Петар Пан и Венди
I

СЕМЕЈСТВОТО ВО БРОЈ 14

Живееше едно време едно девојче на возраст од околу две години. Се


викаше Венди Мојра Анџела Дарлинг, но секогаш ја викаа скратено
Венди. Еден ден таа играше во градината и се стрча кон мајка си со
некои цвеќиња што ги имаше собрано. А изгледаше толку слатка, и
самата токму како мало цвеќе што г-ѓата Дарлинг рече:
„Ох, зошто не би можела да останеш секогаш ваква?“
Тогаш Венди почна да увидува дека човек не може да остане на две
години целиот свој живот. Всушност, две години се почеток на
крајот. Крајот е кога ќе пораснеш. Штом ќе бидеш на дваесет и една
година или тука некаде, веќе не можеш одново да бидеш мал. Но г-
ѓата Дарлинг не и го кажа тоа на Венди. Мегу две и дваесет и една
остануваше полно време и самата да открие.
Г-ѓата Дарлинг беше совршено мила. Мајка каква што секој би
посакал: слатка како мед, со убави очи и уста што изгледаше како
бакнеж. Таква беше станала поради тоа што многу често ги бацуваше
своите деца. Имаше три деца: Венди, Џон и Мајкл и г-ѓата Дарлинг
не знаеше кого сака повеќе. Сите беа прилично добри, но најдобра
беше Венди, зашто таа се обидуваше колку што може повеќе да биде
како мајка си. Се разбира, тоа не беше лесно, но сепак, таа се
обидуваше.
Трите малечки Дарлинзи имаа многу убава детска соба, со многу
играчки и сликовници, а исто така и детска спална со три мали
креветчиња. А имаа и многу необична гувернанта. Таа се викаше
Нана, како и другите гувернанти, но всушност беше големо
њуфаундлендско куче. Нејзината куќичка беше во детската соба, така
што да може секогаш да ги надгледува децата. Таа беше прилично
убава и необична и сакаше да има се; но беше вонредна во игрите и
земаше учество и во најдивите џумбуши. Всушност, таа беше
навистина за се: ги капеше и ги облекуваше децата, се грижеше да
станат и да легнат во определеното време. Ох, ви велам, таа не
можеше да поднесе никаква глупост! Кога требаше, им даваше
лекови, им ги менуваше играчките кога многу ќе се испокршеа и
секој ден ги водеше во детската градинка и ги земаше назад, а кога
изгледаше дека ќе врне, носеше и чадор.
Единствената личност во број 14 (тоа беше куќата на Дарлингови)
на која не и беше многу грижа за Нана беше г-н Дарлинг, таткото на
Венди, Џон и Мајкл. Тој многу се грижеше за тоа што ќе помислат
соседите; а чувствуваше дека тие мора да мислат дека е многу чудно
да имаш куче како гувернанта. Затоа на Нана никогаш не и беше
дозволено да се појави во дневната соба, а кога доаѓаа гости, неа ја
затвораа во детската соба, додека вратата ја отвораше малата
слугинка Лиза. Секој знаеше дека г-н Дарлинг не и беше пријател на
Нана; но секој се преправаше дека тоа не го знае. Беше штета што тој
беше толку непопустлив спрема неа.
Меѓутоа, децата размислуваа за други работи. Кога ќе поминеше
времето за детската градинка, а уште не беше време за вечерните
џумбуши и танци, тие си разговараа меѓу себе за Никоја Земја. Тоа
можеа да го прават со часови.
Никоја Земја беше еден измислен остров полн со прекрасни места и
со интересни луѓе. Таа тешко може да се опише, зашто таквиот
остров се менува од ден на ден, во зависност од тоа каков сакате да
биде. Може да биде исполнет со самовили, со џуџиња или со
вампири; или може да има џинови што живеат во магепсани замоци и
принцови (секогаш најмладиот од тројцата) што одат да ги нападнат.
Или може да има пештера на крадци и некоја превртена куќичка,
каде што некоја вештица прави магии. Може да има гусари и секакви
бродови (ете зошто е токму остров) и корални наноси, и подземни
реки. И нема крај на прекрасните нешта во Никоја Земја.
Сепак, најпрекрасен од сите е Петар Пан.
Г-ѓата Дарлинг, помалку или повеќе, знаеше за Никоја Земја.
Најверојатно, но и таа кога била мала имала свој измислен остров,
исполнет со цвеќиња, бакнежи и самовили. Но, како што минувало
времето, го заборавила; сепак, таа сакаше да слуша децата да и
раскажуваат. Меѓутоа, едно нешто ја збунуваше а тоа беше името
Петар Пан. Венди најмногу раскажуваше за него, а и Џон и Мајкл го
споменуваа одвреме-навреме. Кога г-ѓата Дарлинг праша: „Но, кој е
тој Петар Пан,“, никој не можеше да и објасни; само Венди рече дека
тој не е возрасен човек, дека е исто колку неа. Венди сега имаше
околу девет години. Г-ѓата Дарлинг помисли дека тој можеби е некое
дете од детската градинка.
Но, еден ден Венди и рече дека Петар понекогаш доаѓа ноќе,
седнува на работ од нејзиниот кревет и и свири на својата свирка.
Ниедно дете од детската градинка не можеше да го прави тоа. Освен
тоа, не може да влезе во куќата без да го види некој.
Затоа г-ѓата Дарлинг рече дека Венди зборува глупости. Никој не
може да дојде така ноќе.
Венди одговори дека тоа не се глупости; Петар влегува низ
прозорецот. Таа рече:
„Ги знаеш ли оние чудни лисја што беа денес на подот крај
прозорецот? Не можеш да си претставиш што беа тие?“
Г-ѓата Дарлинг навистина имаше собрано неколку чудни непознати
листови. Таа рече:
„Што имаат општо лисјата со Петар Пан?“
„Тие паднаа од неговите чевли“, рече Венди. „Лошо дете, не си ги
брише чевлите. Никогаш.“
„Зошто никогаш порано не си ми кажала за сето тоа?“ праша мајка
и.
„Претполагам дека сум заборавила“, рече Венди. На г-ѓата Дарлинг
и беше многу непријатно па пребара секаде по детската соба да види
дали се крие лошото дете. Го праша и г-нот Дарлинг дали слушнал за
некоја личност што се вика Петар Пан. Но тој рече:
„Ох, добога! Тоа е некоја глупава работа што Нана им ја втерала во
главите на децата. Што можеш да очекуваш друго кога имаш куче
како гувернанта?“
Таа помисли дека би требало да му ги покаже лисјата, но потоа се
премисли.
Идната вечер г-ѓата Дарлинг седеше крај каминот во детската
спална и шиеше. Нана беше излезена надвор, така што сама ги
искапа децата и ги стави да спијат. Тие позаспаа додека им пееше.
Ги имаше запалено трите ноќни ламбички и се беше сосем тивко. По
едно време стана толку тивко што и таа заспа.
И наеднаш, прозорецот од детската спална се отвори и внатре
скокна едно убаво момченце. Беше облечено во лисја со секаква боја.
Кога виде дека тука седи некоја возрасна, многу му стана неудобно.
Разбудувајќи се потресена, г-ѓата Дарлинг веднаш знаеше – макар
што не можам да кажам од каде – дека тоа мораше да биде Петар
Пан.
II

КАКО Г-НOT ДАРЛИНГ ЈА ЗАМРАЗИ НАНА

Г-ѓата Дарлинг крикна од изненадување; во тој момент се отвори


вратата и влезе Нана. Кога го виде момчето, за’ржа и скокна по него.
Таа не го фати, зашто тоа се слизна низ прозорецот, пред да може да
го собори. Но таа му ја фати сенката и и ја донесе в уста на г-ѓата
Дарлинг. Сенката беше сосем обична; можеше да му припаѓа на кое
и да било момченце.
Г-ѓата Дарлинг внимателно ја свитка и ја стави во една фиока.
Беше збунета повеќе од кога и да било порано. Но знаеше, ако му
каже на г-н Дарлинг што видела, тој ќе и рече дека сето тоа е затоа
што имаат кучка како гувернанта. И навистина, Нана го направи
најдоброто што можеше.
Помина една недела и ништо повеќе не се случи. Беше петок
навечер: г-нот и г-ѓата Дарлинг се облекуваа за да одат на некој
прием, а Нана ги ставаше децата в постела. Како и обично, почна со
Мајкл. Беше ја ставила водата за капење, ја зеде крпата в уста, а
Мајкл го стави на грб, за да го носи; но Мајкл се противеше зошто да
не може уште да остане. Тој викаше, клоцаше и рече дека нема да
оди да спие.
„Не сакам, не сакам!“ викаше. „И веќе не те сакам, Нана!“
Г-ѓата Дарлинг изгледаше толку убаво што Мајкл веднаш стана
добар. Целата беше во бело, со ѓерданот што и го имаше подарено г-н
Дарлинг и со гривната што и ја позајми Венди. Венди мислеше дека е
убаво да имаш толку добра гривна за да можеш да и ја позајмиш на
толку убава дама. Г-ѓата Дарлинг беше како насмевка, бакнеж и
цвеќе, сето тоа составено во едно.
Венди и Џон играа како да се Татко и Мајка. Тие тукушто беа
добиле измислено бебе и беа многу задоволни. Мајкл не можеше да
игра, зашто се капеше. Беше страшно да те сапунат и да те тријат со
сунгер – ох, вие не можете да си замислите каква беше Нана! – кога
другите толку убаво си играат. Мајкл скокна од водата и, пред да
биде наполу исушен, почна да ја прегрнува г-ѓата Дарлинг. Некои
мајки би се противеле да ги прегрне влажно дете: но г-ѓата Дарлинг
беше толку добра.
Во тој момент се отвори вратата и со тресок се затвори. Се разбира,
не сама од себе, туку затоа што, брзајќи, влезе г-нот Дарлинг, сиот
разбеснет и разлутен. Г-нот Дарлинг беше добар човек, но беше го
обзело она што се вика нервоза. Тој беше многу добар кратко време,
а потоа кратко време многу лош, и така натаму, одново и одново.
Често беше незгоден што толку брзо се менуваше. Овојпат
лошотилакот му дојде само за една минута. Г-нот Дарлинг беше се
обидел да ја стави врската за на прием, но не можеше. Врските се
често такви, особено кога знаат дека брзате.
„Што има, мил Тато?“ рече г-ѓата Дарлинг.
,.Што има!“ викна г-нот Дарлинг и за малку очите ќе му излезеа од
глава. „Зошто оваа врска сосем добро се врзува околу рамката од
креветот, а никако не сака околу мојот врат! Се обидов дваесетпати, а
таа едноставно одбива да биде врзана!“
„Е, е!“ рече г-ѓата Дарлинг. Сите деца се обидоа да направат израз
дека им е многу жал; но г-нот Дарлинг тоа не го забележа. Тој стана
уште побесен и продолжи да зборува дека сите ќе ги испотепа.
Зашто, ревеше тој, нема да оди на приемот додека врската не му биде
како што треба врзана на вратот; а ако не оди на приемот, никогаш
веќе нема да оди во својата канцеларија. А тоа значи дека веќе нема
да печали пари; и тој, г-ѓата Дарлинг и децата ќе станат бедни
бездомни просјаци. Сето тоа заради врската.
„Дај да пробам јас, мил“, рече г-ѓата Дарлинг, со глас на разгукан
гулаб. И таа многу ладнокрвно и лесно му ја врза врската. Следниот
момент г-нот Дарлинг, во вонредно добра расположба, лазеше по
собата со Мајкл на грб. Неговата нервоза беше мината – до идниот
пат.
Сите играа, скокаа и викаа од радост, кога Нана (која обично
земаше учество во џумбушите) трчајќи влезе во собата. Случајно таа
се чукна во г-нот Дарлинг додека тој се вртеше натаму-наваму – и
полно од нејзините долги влакна останаа на неговите нови
панталони. Тоа страшно го разлути; и макар што г-ѓата Дарлинг му
ги исчисти со четка, тој пак почна да зборува за тоа колку е глупаво
да имаш кучка како гувернанта.
На г-ѓата Дарлинг и беше мачно што тој не ја поднесуваше Нана.
Затоа му раскажа за чудното момче што дојде низ прозорецот и пак
си отиде; и за тоа дека Нана се обиде да го фати момчето, но успеа да
ја фати само неговата сенка.
„Ба! Глупости!“ рече г-нот Дарлинг; но кога му ја покажаа сенката,
престана да вика „Глупости!“. Сенката не беше многу необична; но,
се разбира, оставена завиткана во фиоката, беше се стуткала. Додека
г-нот Дарлинг ја разгледуваше, Нана се сврте да му даде лек на Мајкл
против кашлањето, носејќи го шишето и лажичката во својата уста.
Мајкл веднаш рече дека нема да го земе лекот. Тој тоа го велеше
секоја вечер. Нана чекаше трпеливо.
„Ајде, биди, добар, Мајкл“, рече татко му.
„Не сакам“, одговори Мајкл. Ова му беа омилените зборови.
„После ќе ти дадам една чоколада“, рече г-ѓата Дарлинг и излезе од
собата.
„Не треба да го разгалуваш“, викна г-нот Дарлинг; па продолжи:
„Мајкл, јас кога бев малечок, ги земав лековите без секакво
противеше. Велев: „Благодарам, мили тато и мамо, што ми давате
нешто што ќе ме оздрави.“ А лекот што требаше да го земам беше
многу, многу поодвратен од твојот. Би го зел и сега, само да ти
покажам, но шишето е изгубено.“
„Ох, јас знам каде е“! викна Венди. што беше во својата спална
облека. И за миг се врати со определената доза за г-нот Дарлинг во
една чаша.
Г-нот Дарлинг навистина мразеше да го зема; и се правдаше на
секаков начин. Рече дека ќе му биде тешко и дека во неговата чаша
има многу повеќе одошто во Мајкловата и така натаму.
„Тате мора да го испие прв“, рече Мајкл.
А кога г-нот Дарлинг рече: „Не, прво Мајкл“, Мајкл рече: „Тато е
голем плашливец,“
„Зошто не би го испиле двајцата одеднаш?“ рече Венди.
„Добро“, рече г-нот Дарлинг. Тогаш Венди изброи до три и Мајкл
го голтна својот лек; а г-нот Дарлинг ја скри својата чаша зад себе.
Тој не знаеше што да прави со неа, а не можеше да го испие лекот;
затоа го истури во чашата на Нана. Тој се правеше како да му е тоа
многу смешно. Децата го гледаа во тишина. Кога Нана пак влезе, тој
и рече:
„Добро куче, Нана, ти ставив малку млеко во чашата.“
И навистина, тоа изгледаше како млеко; но кога Нана го вкуси,
знаеше дека прави виц со неа. Таа влезе во својата куќичка со
насолзени очи, па мораа да ја милуваат за да ја успокојат. Веднаш
потоа ова требаше да се прави со сите три деца.
Зашто г-нот Дарлинг, што знаеше дека нема право... ги направи
работите уште полоши, бидејќи беше нетрпелив спрема Нана.
„Не сакам да видам куче во детската спална!“ викна тој, „Ќе го
врзам во задниот двор.“
И го стори тоа. Замислете само, да ја врзете гувернантата во
дворот!
Кутрата Нана не можеше да си замисли зошто постапуваат со неа
така. Таа квичеше, зашто врнеше снег; а одвреме-навреме и лаеше,
зашто можеше да намириса некаква опасност во воздухот. Г-ѓата
Дарлинг го слушаше тоа додека ги ставаше децата да спијат и ги
палеше ноќните ламби. Венди, Џон и Мајкл заспаа уште додека таа
им пееше. Нејзе и беше необично што ги остава сами; но не
изгледаше дека ќе се случи нешто лошо. Освен тоа, приемот на кој
одеше беше само на неколку чекори од куќата, во број 27. Сепак, таа
повеќе сакаше да може да остане дома покрај трите мали главчиња
во трите мали креветчиња.
Таа ги погледна звездите – изгледаше дека ги има многу повеќе
одошто обично и дека беа многу поблизу, како да сакаа да се
прикрадат во куќата. Потоа си отиде со г-нот Дарлинг. Ниеден од нив
не чувствуваше радост што оди на приемот. Ја минаа улицата кон
број 27.
А веднаш штом се поодалечија возрасните, звездите станаа многу
возбудени и можеше да се чуе (ако некој слушаше) како викаат: „Еј!
Петар! Побрзај! Дојди, Петар!“
III

ПЕТАР, ВЕНДИ И ЕДЕН НАПРСТОК

Сега беше сосем темно и тивко во малата соба на Дралингови, зашто


трите ноќни светилки се изгаснаа речиси истовремено кога излезе г-
ѓата Дарлинг.
Но темнината траеше само еден момент, зашто навлезе јасна
светлина низ прозорецот (што беше отворен во горниот дел) и
скиташе таму-ваму како топка од живо сребро. Да застанеше оваа
светлина некогаш мирно, тогаш можеше да се види зошто беше така
– поради убавата мала самовила што се викаше Звончица. Таа трчаше
насекаде по собата, барајќи ја сенката на Петар. Но сенката беше
затворена во фиока, како што знаете, а таа воопшто не помисли да
погледне таму. Беше презафатена со пребарување по џебовите и зад
сликите. Дури, зирна и во еден бокал. Тој беше празен и таа се пикна
внатре за да види како изгледа. Првпат во животот се најде во бокал.
Необично и се допадна!
Така, нејзината светлина беше скриена, кога влезе самиот Петар
Низ прозорецот. Тој се сети каде може таа да биде.
„Ох, Звончице, излези од бокалот!“ викна тивко, „и кажи ми,
пронајде ли каде ми ја ставиле сенката?“ Таа му одговори со глас
сличен на малечко звонче направено од сребро, како што зборуваат
самовилите: тоа беше единствениот начин на кој знаеше да зборува,
па затоа беа ја нарекле Звончица. Петар разбра што сака да му каже,
макар што никој друг тоа не би го разбрал. Таа рече дека неговата
сенка се наоѓа некаде во големата кутија – мислеше на шкафот со
фиоки. А овој беше премногу голем за да може да го отвори. Петар за
секунда ја извади сенката и толку се возбуди што пак ја имаше да,
без да го забележи тоа, ја затвори Звончица во фиоката.
Но, тешкотијата беше во тоа што сенката никако не сакаше одново
да му се придружи. Таа беше заборавила дека му припаѓала нему. Се
обиде да ја залепи со малку сапун, но од тоа не излезе ништо.
Сенката едноставно падна и остана да лежи на подот. Петар толку се
збуни што седна на подот крај неа и силно заплака.
Неговото липање ја разбуди Венди и таа седна во креветот за да
послуша. Таа го имаше видено Петра порано, насоне; затоа воопшто
не се изненади кога го виде сега. Го праша, сосем учтиво:
„Момченце, зошто плачеш?“
Петар стана и двајцата се поклонија еден на друг многу убаво. Тој
сакаше да знае како и е името; таа му кажа. Имаше слатко име:
„Венди Мојра Анџела Дарлинг.“
„А како се викаш ти?“ праша таа. Но кога тој одговори, „Петар
Пан“, таа рече: „Тоа ли е се?“ Тоа прилично го онерасположи; тој
беше многу чувствителен. Венди посака да не речеше: „Тоа ли е се?“
„Каде живееш?“ продолжи таа. Петар одговори: „Вториот свијок
десно, а потоа право, се до утрото.“ Венди за малку што не рече пак
„Тоа ли е се?“, но беше многу учтива. Таа го погледна Петра и виде
колку беше симпатично облечен, во сошиени лисја; сепак некои лисја
беа неприцврстени. Таа штотуку сакаше да му предложи да му ги
сошие, кога тој почна да и објаснува зошто плачеше. Тоа го правеше
поради тоа што не можеше да си ја прицврсти сенката. Затоа Венди
си ги зеде иглата, конецот и напрстокот и ја соши сенката за нозете
на Петар; се трудеше да го избоцка колку што може помалку.
Кога виде дека му е добро прицврстена, тој почна да игра и радосно
да вика. Зашто, да ја кажеме вистината, Петар беше многу вообразен.
И, наместо да рече: „Ти благодарам, Венди, многу си љубезна!“, тој се
пофали: „Ох, колку сум паметен!“
Венди се навреди, што не е и за чудење. Таа се врати в постела; а
Петар мораше да дојде и да и се извини, уште пред таа да може да се
извлече од под ќебињата. Но таа беше добро девојче што проштева;
и, малку по малку, седна до Петар на креветот и рече:
„Ако сакаш, ќе ти дадам бакнеж.“
Петар подаде рака.
„Ти навистина знаеш што е тоа бакнеж!“ рече Венди.
„Ќе знам кога ќе ми го дадеш“, одговори Петар.
Венди не сакаше и натаму да му ги навредува чувствата; зашто го
извади напрстокот и му го даде. Тоа беше убав. мал, сребрен
напрсток. На Петар толку му се допадна напрстокот, што предложи
да и даде на Венди еден бакнеж. Таа го сврте своето лице кон него, а
тој и даде едно копче од желад од своето палто. Тоа не беше онаков
бакнеж каков што таа сакаше; но рече дека ќе го носи секогаш на
герданот околу вратот. Најпосле, не можеше да очекува сите да знаат
за бакнежите колку што знаеше г-ѓата Дарлинг. Особено Петар, што
немаше мајка, а Венди тоа брзо го откри.
„Немаш мајка?“ се зачуди Венди.
„Немам мајка“, рече Петар. „И не сакам. Каква корист би имал од
неа?“
„Колку години имаш?“ го праша Венди.
„Не знам“, рече Петар.
„Да имаше мајка, секако ќе можеш да ја прашаш колку години
имаш. Таа ќе знаеше“, рече Венди.
„Можеби“, рече Петар: „само, знаеш, Венди, јас избегав уште на
денот кога се родив!“
„Оооох!“ викна Венди, „каква глупава работа!“
„Ни најмалку“, одговори Петар. „Ги слушнав татко ми и мајка ми
како зборуваа што ќе бидам кога ќе пораснам. А јас не сакам да
пораснам! Сакам да останам малечко секогаш и секогаш и секогаш!“
„Ооох!“ пак викна Венди; „но како можеш да го постигнеш тоа?“
Петар и објасни дека летнал право во Кенсингтонскиот Парк на
денот кога се родил и долго време живее меѓу самовилите. А тие му
раскажале многу работи.
„Затоа сега сум многу умен“ заврши тој. (Но всушност тоа беше
само фалење.) „Да, Венди, верувам дека сум толку умен што нема
никогаш да пораснам ако тоа не го посакам!“
Венди не беше толку сигурна во умноста на Петар. Но таа веќе
толку многу го сакаше! А кога и рече дека живеел со самовилите,
навистина се изненади!
„Што!“ рече таа, „Навистина ли познаваш некои самовили?“
„Ох, многу и многу!“ рече Петар.
„Колку е убаво!“ рече Венди.
„Па, можеби, да“, рече Петар. „Но тие се прилично здодевни, знаеш.
Толку многу му се мешаат на човека. Навистина, понекогаш морам
да ги плескам“. Потоа Венди му постави толку многу прашања што
тој тешко можеше брзо да и одговори. Таа сакаше да знае „Кои се
самовилите, реално и вистински? Од каде доаѓаат? Од што живеат?
Каде би можел човек да најде некоја? Би ми дозволиле ли да
зборувам со нив?“ и така натаму.
„Па, вака е“, рече Петар. „Кога првото бебе што се родило се
насмеало првпат...“
„Како се викало тоа бебе?“ праша Венди.
„Не прекинувај ме. Не знам. Во секој случај, неговиот смев се
распрснал на илјадници ситни парчиња, а тие се раштркале насекаде
и станале самовили.“
„Си бил ти таму?“ праша Венди.
„Не прекинувај ме. Не, не бев. Но сега има само неколку самовили,
зашто луѓето во нив не веруваат. Тие не можат да живеат ако не им
се верува. А детето секогаш вели: „Не верувам дека постојат такви
нешта како што се самовилите“, и тогаш паѓа мртва уште една
самовила.
„Ох, кутрите!“ рече Венди. „Колку е тоа жално!“
„По ѓаволите!“ рече наеднаш Петар. „Ме чуди каде е... Звончица!
Звончица! Звончица!“ викаше тој, „каде си?“ Да ја кажеме вистината,
сосем беше ја заборавил. „Немам поим каде отишла“, рече загрижено;
стана и почна да ја бара.
„Ох, Петар!“ викна Венди, „се разбира дека во оваа соба нема
никаква самовила!“
„Таа штотуку беше тука – но многу е мирна“, одговори Петар.
„Слушај, Венди, вслушај се внимателно. Слушаш ли нешто?“
„Слушам некаков звук како звонење на малечки звончиња“, рече
Венди. „Изгледа како да доаѓа од шкафот со фиоки.“
„Да, тоа е Звончица!“ рече Петар. „Тоа е јазикот на самовилите. Ох,
Венди, верувам дека сум ја затворил во фиоката!“ и почна силно да се
смее.
„Кутрото малечко суштество! Мораш веднаш да ја пуштиш!“ викна
Венди. Тој ја отвори фиоката од каде што се слушаше звонењето, и
Звончица летна надвор.
„Глупаво магаре!“ му писна таа на Петар; и почна да скока наоколу
по собата, врескајќи од радост.
Петар рече дека му е жал, но како можел да знае дека е во фиоката?
„Ох, Петар“, викна Венди, „кога би сакала да застане мирно еден
момент! Не можам убаво да ја видам.“
„Самовилите се такви“, рече Петар. „Тие одвај застануваат некогаш
мирни. “
Но токму тогаш Звончица застана на врвот од зидниот часовник и
се загледа во Венди. Звончица изгледаше многу грда, бидејки беше
налутена; но Венди викна:
„Ох, колку е убава!“
„Звончице, дамава би сакала да бидеш нејзина самовила“, рече
Петар. Тој мислеше дека тоа ќе и се допадне на Звончица и ќе ја
натера да се симне долу. Но таа одговори многу грубо. Венди не го
разбираше самовилскиот јазик, затоа Петар мораше да и објаснува.
„Таа вели дека ти си големо грдо девојче и дека не сака да биде
твоја самовила; сака да биде моја.“
На Венди тоа не и се допадна.
„Но ти знаеш дека навистина не можеш да бидеш моја самовила,
Звончице“, продолжи тој, „зашто јас сум господин, а ти не си.“
„Ти глупаво магаре!“ одговори Звончица и летна во бањата.
„Не смеете да и забележувате“, и рече Петар на Венди. „Таа е
невоспитана, обична мала самовила. Таа лепи лонци и котли – затоа
ја викаат Звончица.“
Ова воопшто не беше вистинска причина; но Петар ја имаше
лошата навика да го рече првото нешто што ќе му дојдеше на ум.
Сега седеше со Венди во големата фотелја. Таа продолжи и натаму
да му поставува прашања.
„А каде живееш сега, Петар? Уште ли си во Кенсингтонскиот
Парк?“
„Понекогаш“, рече тој, „но најмногу живеам во Никоја Земја со
Изгубените Момчиња.“
„И тие ли се самовили?“
„Не, тие се деца што паѓаат од своите колички кога гувернантите
не ги гледаат. Потоа ги земаат самовилите и се грижат за нив седум
дена, за да видат дали ќе дојде некој по нив. Ако не дојде никој, ги
испраќаат во Никоја Земја. А јас сум нивниот капетан.“
„Но зошто сите се токму момчињата?“
„Зашто девојчињата се премногу умни за да испаднат од своите
колички“.
Оваа забелешка и се допадна на Венди толку многу што рече:
„Можеш да ми дадеш еден бакнеж.“
„Јас помислив дека ќе посакаш да ти го вратам“, рече Петар
прилично налутено; и и го подаде напрстокот.
„Ох, мил, не мислев на него“, рече таа; и помисли: „Ако тој го вика
напрстокот бакнеж, ќе биде подобро јас да го викам бакнежот
напрсток.“
„Сакав да речам напрсток“, му рече таа. „Како овој.“ И го бакна.
„Колку смешно!“ рече Петар. „И јас ли треба да ти дадам таков
напрсток?“ Тој го стори тоа; прилично му личеше на клукање. Но
веднаш потоа Венди крикна. Зашто Звончица ја тегнеше за коса и се
тресеше полошо од секогаш. А кога Петар се обиде да ја смири, таа
само остро му одговори: „Глупаво магаре“! Се разбира, Звончица не
беше дама.
IV

ДЕЦАТА БЕГААТ

Во детската спална беше прекрасно светло, зашто Венди беше ги


запалила светилките кога му ја шиеше сенката на Петар. Таа и тој се
уште седеа, удобно и расположени, во големата фотелја; а следното
нешто што сакаше да го знае Венди беше зошто е тој толку
задоволен што дошол низ прозорецот? Се разбира, таа мислеше за да
ја види неа; можеби нешто да му сошие или да му закрпи. Но сосем
се лажеше.
Петар беше вистинољубив, а исто така и прилично без срце. Затоа
и рече (макар што гледаше оти ја онерасположи) дека дошол да ги
слуша приказните – приказните што им ги раскажуваше Дарлинг на
децата кога беше време за спиење.
И рече:
„Знаеш, јас воопшто не знам приказни. Не знае ништо повеќе од
мене ниедно од Изгубените Момчиња. Никој никогаш не ни
раскажувал.“
Венди сметаше дека е тоа многу страшно. Петар продолжи:
„Затоа доаѓам тука за да запаметам по нешто од приказните, толку
колку што можам. За несреќа, никогаш не ги слушам докрај. Ох,
Венди, мајка ти ви раскажуваше толку убава приказна кога дојдов
минатиот пат.“
„За што беше таа?“
„За некој принц што не можел да најде некоја девојка што носела
стаклена влечка.“
„Ох, Петар!“ рече Венди, сосем изненадена, „па тоа е приказната за
Пепелашка! И принцот, на крајот, ја нашол и потоа си живееле
среќно.“
На Петар му беше многу мило што го слушна тоа. Тој скокна и
јурна кон прозорецот. Венди викна: „Каде ќе одиш?“
„Па, да им кажам на другите момчиња.“
„Ох, не, Петар, уште немој да си одиш!“ рече Венди. „Јас знам
многу други приказни. Ох, колку многу приказни можам да ти
раскажам!“
Петар се врати со лаком поглед во очите.
„Дојди со мене!“ и нареди. Ја фати за рака и почна да ја влече кон
прозорецот.
„Пушти ме!“ рече Венди, превиткувајќи се.
„Но јас сакам да дојдеш со мене и да ни раскажуваш приказни. Би
можела да ни бидеш како мајка“, рече Петар.
На Венди и беше мило што ја молат; но таа одговори:
„Ох, но јас не можам. Што ќе рече мама? А освен тоа, јас не знам
да летам.“
„Јас ќе те научам“, рече Петар. „Само ќе скокнеме на грбот на
ветрот, и тоа е се: летаме.“
„Ооох, колку е тоа убаво!“
„И можеш да продолжиш да леташ меѓу звездите со мене, наместо
да спиеш на глупавиов кревет. Колку смешно! А кога ќе стигнеме во
Никоја Земја, таму има сирени, и самовили, и...“
Петар сакаше да рече гусари, но помисли дека ќе биде подобро тоа
да не го споменува. Мислеше дека девојките лесно се плашат. Затоа
продолжи:
„Да, Венди, и ти ќе можеш да не покриваш ноќе, како што прави
мајка ти; и да ни ги крпиш чорапите; и да ни ги раскажуваш сите
приказни што никогаш не сме ги чуле. Ох, тоа ќе биде прекрасно!“
„Ооох“, рече Венди. „Да, се разбира дека ќе биде прекрасно. Но ќе
ги научиш и Мајкл и Џон да летаат, за да можат и тие да дојдат?“
„Ако го сакаш ти тоа“, рече Петар, кому што не му беше грижа за
Мајкл и Џон. Затоа Венди ги протресе браќа си и ги разбуди.
„Петар Пан е тука“, викна таа, „и ќе не научи да летаме!“
Децата за миг се разбудија, но Петар им даде знак да молчат.
Џон викна:
„Изгаси го светлото!“
Слушаа во темнината; не се слушаше никаков звук. Дури и Нана,
која по цела ноќ лаеше, сега беше сосем мирна. Но Петар, што имаше
многу остри уши, слушаше чекори во далечината.
Работата беше во ова. Лаењето на Нана толку беше ја возбудило
малата слугинка Лиза, која мешаше новогодишен пудинг во кујната,
та беше побркала што е маст а што шеќер, што е суво грозје а што
рибизли, па ставила премногу од едното, а премалку од другото.
Најпосле, многу се разлути, ја пушти Нана внатре и ја одведе по
скалите кон детската соба.
„Еве ти, глупава!“ и рече на Нана. „Гледаш дека воопшто нема
зошто да лаеш. Сите мирно си дишат во своите кревети.“
Но Лиза малку знаеше дека мирното дишење доаѓаше одзади
прозорските завеси, каде што беа скриени трите деца и Петар.
„А сега, Нана, доста веќе глупости!“ рече строго Лиза. „Ако лаеш и
натаму, ќе одам да ги повикам господинот и госпоѓата од приемот; а
тогаш ќе си го добиеш своето!“
Таа ја остави Нана.
„Тоа е се во ред“, рече Џон, излегувајки откај завесата. „Само, јас те
прашувам, Петар, како леташ?“ Петар грациозно летна наоколу по
собата, за да покаже колку е тоа лесно.
„Колку високо!“ викнаа момчињата.
„Колку убаво!“ рече Венди.
„Да, јас сум убав!“ рече Петар на својот вообичаен начин. Тие се
обидоа да го подражаваат, но не можеа ни малку да летнат, додека
Петар не им дувна по малку самовилска прашина на секој од нив. Тој
им рече:
„Се што треба да направите е да замислите убави, прекрасни нешта
и да ги мрдате рамениците, па ќе тргнеме.“
Ним им беше прилично тешко да најдат такви убави, прекрасни
мисли – тие не можат да се измислат туку-така, наеднаш – но тие
мрдаа со рамениците и тргнаа, а самовилската прашина го стори
другото. За половина минута тројцата мали Дарлинговци летаа
наоколу по собата, удирајќи со главите во таванот. Тоа беше
величествено! А кога Џон виде дека навистина може да лета и дозна
дека има гусари во Никоја Земја, донесе решение дека мора да ги
види. Немаше време за губење. Ја зеде својата празнична шапка – таа
му стоеше прилично смешно со ноќната облека! – и викна:
„Да излеземе веднаш!“
„Да, да излеземе!“ викнаа сите други.
Звездите, што набљудуваа чекајќи да видат што ќе се случи, веднаш
го отворија прозорецот.
***
Во меѓувреме поминаа десет минути откако Нана беше повторно
врзана во дворот. Таа беше сигурна дека во детската соба нешто не е
во ред – можеше да почувствува дека нејзините штитеници се во
опасност. Па, сепак, што можеше да стори? Беше бесмислено да лае;
тоа беше сосем попусто. Затоа почна да го трга синџирот со сета
сила. И, на крајот, тој се скина.
Г-нот и г-ѓата Дарлинг се исплашија кога ја видоа дека се втурна на
приемот каде што беа, влечејќи го скинатиот синџир и кревајќи ги
шепите. Веднаш ја напуштија зградата број 27 и тргнаа по Нана по
улицата.
Замислете си колку се потресоа кога погледнаа низ прозорецот на
детската соба, видоа дека собата е полна со светлина и дека има три
– не, четири – сенки на завесата, сенки на мали фигури што летаат
наоколу и наоколу, нагоре и надолу, натаму и наваму. Да, летаа!
Добога! Сонуваа, или што? Се тресеа од страв кога ја отворија
уличната врата и се стрчаа нагоре колку што можеа понечујно.
Можеби ќе стигнеа навреме да одеа побрзо. Можеби – но јас не
мислам така.
А кога стигнаа до вратата од детската соба, Нана тажно заквичи.
Зашто, таа можеше да слуша многу подобро од г-нот и од г-ѓата
Дарлинг. И некако знаеше дека прозорецот се отвори токму во тој
момент и дека четирите малечки, летајќи, излегоа надвор во ноќта.
Звончица, се разбира, беше петтата; но неа нема да ја сметаме,
зашто беше толку малечка и толку незгодна.
V

НОЌНИ ЛЕТОВИ

Патот до Никоја Земја беше многу подолг одошто можеа да си


замислат Венди, Џон и Мајкл. Петар, што зборуваше се што ќе му
паднеше на ум, ја убеди Венди дека е многу лесно да се стигне таму:
едноставно „вториот свијок лево, па право, се до утрото.“
Па, можеше да биде „вториот свијок лево“, но потоа воопшто не
беше сосем право. Петар ги вртеше децата наоколу и толку често
запираше за да ги разгледа предметите што на тоа изгубија многу
време набрзо по тргнувањето.
Се разбира, беше уживање, вистински да леташ, да можеш да се
вртиш околу црковните покриви или високите оџаци, исто како да си
ластовица. Но во ноќите е прилично студено. А кога се сменуваа
ноќи и дни, и дни и ноќи, и мориња и земји, без да стигнеш на некое
определено место, малите Дарлинговци за малку што не посакаа
воопшто да не беа тргнале.
Беа многу гладни, но немаше ништо за јадење; и многу им се
спиеше, но немаше никаков убав кревет на кој би се истегнале.
Понекогаш не можеа да не ги затворат очите летајќи; а ако ги
затвореа очите, веднаш паѓаа долу – обично над некое море. Тоа му
се случуваше доста често на Мајкл, зашто тој беше најмлад и
најмногу му се спиеше. Тој паѓаше како камен кон водата; а Венди ќе
викнеше:
„Спасете го! Спасете го!“
И токму кога тој требаше да се најде во морето, Петар се
нурнуваше и го фаќаше. Не затоа што му беше жал за Мајкл, туку
само за да покаже колку е вешт. На Петар му се чинеше многу
смешно да ги гледа децата што претаа додека тој како стрела се
упатуваше кон звездите и надолу кон брановите и ја покажуваше
сета вештина што ја знаеше.
Понекогаш тој се губеше прилично долго време и тие мораа да
летаат без водач, како што знаат и како што умеат. А кога ќе се
вратеше, тој речиси забораваше кои се тие, па еднаш Венди мораше
да му го каже своето име. Не беше пријатно да бидеш оставен така,
сам во воздухот; а тие го продолжуваа патот низ облаците.
Сепак, можете да бидете сигурни дека тие многу, многу се
израдуваа кога една вечер, по толку долго летање, Петар наеднаш
рече:
„Ене ја!“
„Каде, каде?“
„Каде што покажуваат сите стрели.“
Стрелите беа зраците на сонцето што заоѓаше. Тие го осветлуваа
целиот остров. Децата веднаш го распознаа. Чувствуваа како да се
вратиле дома, во познато, блиско место. Зашто можеа да ги видат
сите работи што порано само си ги замислувале. Тука беше лагуната,
и Џоновиот фламинго, и Мајкловата пештера, и Вендиниот волк.
Навистина, изгледаше дека децата знаеја за островот исто толку
колку што знаеше Петар: немаше ништо што тој би можел да им
покаже. Тоа прилично го разочара.
Но токму кога радосно се довикуваа еден со друг: „Еве го моето
кајче!“, Ене го логорот на Црвенокошците!“ „Гледајте ги желкине!“ и
така натаму – сонцето зајде. Никоја Земја стана темна: таа секој
момент стануваше потемна. Веќе не изгледаше позната и блиска. А
децата почувствуваа страв; тоа би го почувствувал секој што е
свикнат да заспива при светлината на ноќната лампа. Зашто тука
немаше ноќни лампи, немаше гувернанта, немаше Нана – ја немаше
ни милата прекрасна г-га Дарлинг. Тука беа само тие и Петар – што
многу лесно можеше да ги остави во темнината, едноставно за да се
пошегува.
Сега летаа над островот, толку ниско што понекогаш нозете им ги
допираа врвовите на дрвјата. Се држеа колку што можеа поблизу до
Петар. А страшното беше во тоа што чувствуваа како некој или
нешто да сакаше да ги запре, така што мораа да си го пробиваат
патот; меѓутоа, ништо не можеше да се види. Петар, што изгледаше
многу весел и радосен, рече: „Тие не сакаат да се спуштиме.“
Кои можеа да бидат „тие?“
Одвреме-навреме тој ги прашуваше што би сакале да имаат прво –
авантура или чај? Венди и Мајкл сакаа чај; но Џон мислеше дека би
сакал авантура, се додека не откри каква ќе биде таа авантура. Петар
рече дека токму под нив на тревата спие еден гусар и, ако Џон тоа го
сака, би можеле да се спуштат и да го отепаат.
Бездруго, Џон не можеше да го види гусарот, па помисли дека
сепак е подобро прво да се напие чај. Тој праша:
„Има ли многу гусари на Островот?“
„Никогаш немало толку многу“, рече Петар.
„Кој е нивниот капетан?“
Петар изгледаше многу сериозен и строг кога одговори само со
еден збор:
„Кука“.
„Џес? Кука?“
„Да“.
Тоа беше ужасно. Мајкл почна да плаче, а Џон почувствува дека му
се суши грлото. Зашто, имаа слушано за Џес Кука. Дури и во мирот
на нивната спална и во тишината на детската градина, – името на
Кука многу ги онерасположуваше луѓето. Немаше друг гусар, жив
или мртов што беше толку страшен како Кука. А сега тие беа, како
што би можеле да речете, скоро лице в лице со него. Тој беше
последниот човек што очекуваа да го сретнат.
„Каков е тој?“ рече Џон, голтајќи. „Голем ли е?“
„Не толку голем колку што беше.“
„Како мислиш?“
„Јас малку го потсеков.“
„Ти!“
„Да, јас“, рече Петар, прилично надуено.
„Не сакав да те навредам“, рече Џон.
„Ох, добро.“
„Но, кој дел му го скрати?“
„Десната рака.“
Џон се извиличи кога го чу тоа и рече:
„Тогаш, тој веќе не може да се тепа?“
Петар одговори:
„Ох, баш не може? Сега има железна кука наместо рака и гребе со
неа.“
Сите пребледеа.
„Сега, Џон, слушај ваму“.
„Да“.
„Речи ’Разбирам, сер’“ остро рече Петар.
Џон толку сериозно мислеше на Кука што веднаш рече „Разбирам,
сер“, послушен како глувче.
„Секој што служи под моја команда“, рече Петар „мора да ми вети
едно нешто. Тоа морате да го сторите и вие. Еве во што е работата.
Ако се сретнеме со Кука во отворена борба, морате да ми го
препуштите мене. Самите не одете на него“.
„Разбирам, сер“, рече Џон; „ветувам“.
Во меѓувреме, Звончица многу убаво им го осветлуваше патот,
вртејќи се околу нив како што летаа. Не можеа да видат многу од
Островот под нив, но можеа да го гледаат Петар и да се гледаат меѓу
себе.
Петар застануваше на секоја една или две минути и се вслушуваше
(тој можеше да се рее во воздухот како птица), гледајки долу во
темнината. Потоа пак продолжуваше напред, без да даде какво и да е
објаснение. Тоа прилично ги вознемируваше децата, но тие мислеа
дека тој мора да знае на што е.
По извесно време тој рече:
„Звончица ми вели дека гусарите не догледале пред да се стемни“.
„Ох, леле!“
И ја извадиле својата долга пушка, Долгиот Том. Тие можат да ја
видат светлината на Звончица, се разбира; и затоа не пуштаат да
летаме, зашто знаат дека мора да сме близу до неа“.
„Ох, Венди!“
„Ох, Џон!“
„Ох, Мајкл!“
„Ох, Петар!“ викнаа тројцата, „речи и да си оди!“
Петар одговори дека тоа никако нема да го стори.
„Таа е исплашена“, рече тој; „мисли дека сме го изгубиле патот“.
Венди рече:
„Тогаш речи и да ја изгасне светлината.“
„Не може. Таа не се гасне додека не заспие.“
Џон викна:
„Тогаш кажи и да оди да спие.“
„Не може. Самовилата не може да заспие додека не и се приспие.“
Тоа многу ги отежна работите.
„Барем еден од нас да имаше џеб за да ја стави внатре“, рече Петар.
Но никој немаше. Многу ретко се ставаа џебови на ноќните облеки, а
никогаш на облеките од лисја, каква што беше облеката на Петар.
Тогаш Петар се сети за високата капа на Џон. Звончица не одби да ја
стават во капата. Така, прво ја носеше Џон, а потоа Венди. И
светлината беше сосем скриена, така што никој не знаеше дека таа
беше тука.
Секако, без неа беше многу темно. И се беше така тивко (со
исклучок на некои пискави звуци без кои сосем се можеше), што
децата мислеа дека беше потемно и поосамено од секогаш.
Продолжија да летаат низ тивката ноќ; најпосле, Мајкл се пожали
дека веќе не сака да биде осамен. Тој рече:
„Барем нешто да правеше малку врева!“
И правеше. Тоа беше еден огромен гонг што одзвонуваше како
разревен лав насекаде околу нив. Гусарите беа го истрелале Долгиот
Том, со цел да го погодат Петар или некој друг. И таа експлозија
направи прилично штета, зашто ги раздели децата едно од друго. Џон
и Мајкл се најдоа сосем сами; Петар беше дувнат кон морето; Венди
беше однесена напред, заедно со Звончица во капата.
Беше штета што Венди не ја фрли капата. Зашто, Звончица, што ја
мразеше, веднаш излезе од неа и се обиде да се ослободи од Венди.
Звончица можеше да биде или многу лоша или многу добра. Сега таа
беше многу лоша. Многу убаво ја осветлуваше Венди, вртејќи се
околу неа. Венди, што беше толку добра та никогаш дури и не
сонуваше дека некој би посакал да и наштети, мислеше дека
Звончица се нуди да и го покажува патот.
„Петар!“ викна Венди. „Џон! Мајкл! Каде сте? Одговорете!“
Но се беше мирно.
Само Звончица беше тука да и помогне. Затоа таа ја следеше
измамливата светлина.
VI

НИКОЈА ЗЕМЈА

Луѓето од Никоја Земја чувствуваа дека Петар наскоро ќе се врати.


Затоа почнаа да се будат и да се готват да го пречекаат, така што
кога ќе дојде, да ги најде сите многу зафатени.
Знаете, додека тој беше отсутен, тие постојано беа мирни. Никому
не му паѓаше ни на ум да се бори против некој друг. Но Петар ги
сакаше возбудливите нешта; затоа сега требаше работите да се
направат колку што е можно повозбудливи.
На Островот живееја шест вида жители. Самовилите – најчесто
високо во гнездата, на врвовите од дрвјата. Сирените, во лагуната –
најчесто длабоко под водата. Дивите зверови – чиишто дувла беа во
горите и во планините. Црвенокошците – Индијанци што логоруваа
каде што ќе посакаа. Гусарите – што секоја ноќ се враќаа на
едреникот Веселиот Роџер. Изгубените Момчиња – чијшто дом, што
беше многу убав, се наоѓаше подземи, како што ќе чуете.
Сите тие беа непријатели, освен Самовилите и Сирените, што
добро внимаваа да не се сретнат. А вечерта, кога пристигнаа Петар и
малите Дарлинговци, сите се движеа наоколу по Островот, гонејќи се
едни со други.
Тоа претставуваше голема промена во споредба со поранешниот
мир и тишина. Додека Петар беше отсутен, Црвенокошците имаа
некаков голем празник што траеше шест дена и шест ноќи, Дивите
Зверови се грижеа за своите малечки, а пак Гусарите и Изгубените
Момчиња, ако се случеше да се сретнат, едноставно клаваа палец в
уста и поминуваа.
Но Островјаните само за една минута можат да станат страшни. И
сега се движеа едните по трагата на другите, полека и тивко.
Изгубените Момчиња го бараа Петар, својот капетан, што секој
момент го очекуваа да се врати. Гусарите ги бараа Изгубени
Момчиња. Црвенокошците ги гонеа гусарите; а Дивите Зверови
талкаа по Црвенокошците.
Изгубените Момчиња, наместо да бидат нежни и грациозни како
Петар во неговиот костум од лисја, беа облечени во кожи од мечките
што беа ги отепале. Тие беа речиси тркалести, како крзнени топки –
навистина, беа толку тркалести што кога би паднале, би се тркалале.
Секој носеше кама; се прикрадуваа многу тивко, еден по еден, и се
чинеше како да викаа „Шшшт!“
Беа шестмина. Беззабиот, што беше симпатичен и храбар, но
секогаш несреќен; Нипс, момче со лесно срце; Слабиот,
највообразениот од сите. Потоа доаѓаше Карли, обичен никаквец, и
Близнаците, што немаа имиња, зашто беа се изгубиле уште пред
мајка им да реши како ќе ги вика. Овие момчиња воопшто не личеа
едно на друго (освен по своите овчи кожи), но најмногу од се не
личеа на Петар. Всушност, Петар им забрани воопшто да личат на
него.
Но токму кога Изгубените Момчиња навлегоа во темнината, се
втурна маса грди насилници – најгрдите што можеа да се видат
некогаш. Пред да се покажат, можеа да се чујат нивните страшни
гласови, како крескаа една строфа од својата омилена песна. Тоа
беше оваа:

„Тргнуваме во бој, о хеј,


Одиме да гусариме,
А ако не раздели некој истрел,
Сигурно ќе се сретнеме долу!“

Тоа беше најстрашната збирштина од гусари. Колку беа – не


можам да речам: но најлошиот од нив беше еден Италијанец, што се
викаше Чеко, и еден огромен човек, што обично го викаа Црниот
Мавар, зашто тоа и беше; и Сми, Џентлмен Старки, и Бил Џукс, и
Скајлајтс. Сите беа изгребани и тетовирани, со пиштоли, јатагани,
ками, ножови, мускети и многу други нешта што сечат и пукаат.
Гусарскиот капетан, Џес Кука, лежеше и пушеше две пури наеднаш
во еден вид кочија, што ја туркаа неговите луѓе. Ако не одеа доволно
брзо, тој ги плашеше клатејќи ја својата железна канџа, или кука. Тие
го слушаа како да беа кучиња, зашто многу се плашеа да не ги закачи
со канџата. Тој изгледаше многу чудно, со долги црни кадрици и со
многу учтиви манири. Во својот живот никогаш не беше покажал
страв – освен кога ја гледаше својата сопствена крв, што имаше
многу лоша боја. Но тоа ретко се случуваше.
Гусарите минаа, кревајки голема врева; а неколку минути подоцна
следуваа Црвенокошците. Да ги немавте претходно видено Гусарите,
ќе посакавте да избегате од Црвенокошците. Тие немаа облека, но
целите беа убаво намачкани со масло, а очите им светкаа во
темнината. Нивниот шеф се викаше. Великот Голем Мал Пантер. Тој
одеше на чело. на сите четири, така што да може повеќе да личи на
пантер; но бидејки тој, а и сите од неговото племе, беше страшно
најаден, чувствуваше дека е прекумера дебел. Единствената личност
што не беше прејадена беше прекрасната принцеза, Тигрицата Лили.
Таа одеше последна од сите, многу горда и исправена.
Црвенокошците се изгубија од вид, а веднаш потоа се појавија
Дивите Зверови, во огромен број – страшни суштества со големи заби
што ги покажуваа, и со долги јазици што им беа исплазени. Лавови,
тигри, мечки и други големи животни – и многу помали зверови, сите
диви и сите гладни.
По Крокодилот немаше никој, зашто Изгубените Момчиња не
знаеја дека тој беше тука. По едно време тие пак се појавија, откако
го обиколија целиот Остров. Беа уморени па легнаа на тревата, што
всушност претставуваше покрив на нивниот подземен дом. И секој
од нив рече:
„Би сакал да се врати Петар!“
Мислеа, за да ги избрка Гусарите.
Слабиот рече на својот, фалбаџиски начин: „Единствено јас не се
плашам од Гусарите!“
Но веднаш потоа и тој повтори дека би сакал Петар да се врати.
Изгубените Момчиња, што се чувствуваа осамени, почнаа да
зборуваат за своите мајки. Тоа можеа да го прават само кога го
немаше Петар, зашто тој мислеше дека мајките се глупави. Меѓутоа,
Изгубените Момчиња токму сега сакаа да има некои мајки што би се
грижеле за нив. И додека разговараа, се слушна глас оддалеку. Тие
многу добро го познаваа тој глас; тоа беше песната на Гусарите, што
се доближуваше.
Изгубените Момчиња веднаш се изгубија – сите освен Нипс, што
отиде да погледа каде се Гусарите. Како се изгубија толку брзо? Па,
близу до местото каде што лежеа, имаше седум големи дупки во
дрвјата, по едно дрво за секое дете и едно за Петар. Тоа беа тајните
скали и влезови кон чудесниот подземен дом. Кука немаше ни поим
каде да го најде. Но сега тука се најде самиот Кука, а само еден
момент подоцна, со својата страшна гусарска придружба. Тие го
догледаа Нипс дека се крие меѓу дрвјата и Кука ги испрати да ги
пронајдат и другите Момчиња. Тој остана сам со својот курир Сми; и
почна да му ја раскажува на Сми приказната за својот живот. Сми ни
малку не ја разбираше; но Кука продолжуваше да зборува:„Најмногу
од се“, рече Кука, „јас го мразам Петар Пан. Тој ми ја пресече раката
и му ја фрли на еден Крокодил. А на Крокодилот толку му се
допадна мојата рака, Сми, што оттогаш насекаде ме преследува,
сакајќи да го земе и остатокот од мене!“
„Често сум забележал“, рече Сми, „дека претерано се плашите од
крокодилите“.
„Само од тој Крокодил. Тој го чека, ти реков, остатокот од мене. А
јас чекам да го фатам Петар Пан!“ Како што зборуваше, седна на една
голема печурка. „Но слушај, Сми, Крокодилот еднаш голтна
часовник, и часовникот чука тик, тик, тик внатре во него. Така јас
можам да го слушнам кога доаѓа и имам време да избегам!“
Сми одговори дека часовникот еден ден мора да запре.
„А тогаш“, рече тој, „Крокодилот ќе ве фати“. Кука токму викаше
дека тоа го знае, кога наеднаш скокна. Тој викна:
„Зошто е печуркава жешка! Јас речиси горам!“ И тој и курирот со
сета сила се обидоа да ја искорнат печурката. Таа веднаш излезе,
зашто немаше корен. На местото каде што беше таа остана дупка; а
од дупката излегуваше чад. Не беше чудно што Кука почувствува
жештина! Печурката беше затворач од оџакот на Изгубените
Момчиња. И двајцата гусари можеа да ги чујат Изгубените Момчиња
како весело брборат таму долу.
Најпосле, подземната куќа беше пронајдена! А наскоро Кука ги
забележа седумте дупнати дрвја. Тој долго стоеше размислувајки,
правејќи план како да ги фати Изгубените Момчиња в стапица,
додека беше отсутен Петар. И му раскажа на Сми како ќе го стори
тоа – еве вака:
„Ќе се вратиме на бродот и ќе направиме голем убав колач, со
зелен шеќер на него. Ќе го оставиме колачот крај брегот на Лагуната
на Сирените. А кога Момчињата ќе дојдат да играат со Сирените, ќе
го најдат. Тие немаат мајка, па затоа не знаат дека е опасно да се јаде
богат, влажен колач. Па затоа ќе го излапаат и ќе умрат! Ха! ха! ха!“
Кука и Сми се смееја и радосно скокаа при помислата за тој гнасен
план. И почнаа да ја пеат песната на Гусарите; но слушнаа некаков
тивок звук. Да, беше токму тоа –
Тик, тик, тик, тик!
Крокодилот!
Кука избега, страшно исплашен. Сми не беше толку исплашен,
зашто Крокодилот не доаѓаше по него. Но и тој избега.
Изгубените Момчиња, размислувајки малку, за тоа дека
непријателите ги слушаат низ оџакот, пак излегоа надвор. Нипс не
беше тука, но веднаш потоа дотрча до нив. Одзади доаѓаа два волка,
завивајќи и протегајќи ги јазиците кон Нипс. Тој падна наземи и
викна:
„Спасете ме! Спасете ме!“
Полесно беше тоа да се рече одошто да се направи.
Момчињата мораа да размислат колку што се може побрзо, зашто
волците воопшто не ги чекаа да размислуваат. Тие си рекоа
меѓусебно:
„Што би направил Петар? Се знае, Петар би ги гледал низ нозете“.
И тие се наведнаа и одеа назачки кон волците, гледајќи ги низ
своите нозе.
Волците видоа пет пара очи што гледаа гневно во нив свртени
наопаку и толку се исплашија што веднаш избегаа.
Кога на Нипс му се поврати здивот, тој рече:
„Видов прекрасно нешто. Наваму лета една огромна бела птица. И
како што лета, тажи: Кутрата Венди!“
„Се сеќавам, има птици што се викаат ’Венди‘“, рече Слабиот. Тој
секогаш се правеше дека се сеќава за работите во Англија пред да се
изгуби и пред да го донесат на Островот.
„Ене ја, доаѓа“ викна Карли.
Можеа да ја видат Венди што леташе над нивните глави и да ги
слушнат нејзините тажни крикови. Звончица ја штипеше насекаде.
Светлината на Звончица ќе блеснеше овде-онде и ќе се слушнеше
тивко звонење.
Децата многу се збунија. Тие викнаа: „Здраво, Звончице!“, а
ништожното мало нешто одговори: „Петар сака да ја застрелате
Венди.“
Тие побрзаа подземи да ги земат лаковите и стрелите, сите освен
Беззабиот, што ги имаше при себе.
„Брзо, брзо, Штрбле!“ пиштеше Звончица. „Петар ќе биде многу
задоволен.“
„Тргни се подалеку, Звончице“, викна Беззабиот; и фрли една
стрела кон Венди.
Венди падна долу и остана сосем неподвижна, со стрелата в гради.
VII

МАЛАТА КУЌИЧКА

Кога се вратија другите пет момчиња со своите лакови и стрели, ја


најдоа Венди легната наземи, а Беззабиот се чувствуваше многу
задоволен од себеси. Тој викна:
„Премногу доцна. Јас ја застрелав Венди!“
Тие не ја слушнаа Звончица кога рече „Глупаво магаре!“ и летна за
да се скрие. Беззабиот го направи токму тоа што го сакаше таа и врз
него ќе падне сета вина.
Момчињата се собраа околу Венди; и (како и обично) прв
проговори Слабиот. Тој рече со исплашен глас: „Но ова не е птица.
Јас мислам дека е девојче.“ Беззабиот почна да се тресе. Зар можеше
да биде девојче?
„Тогаш, значи сме ја отепале“, рече Нипс.
„Гледам што е“, рече Карли; „Петар ни донел девојче.“
„Да, девојче што ќе се грижи за нас“, рекоа Близнаците, „а сега
Беззабиот го отепа.“
Беззабиот беше многу блед. Тој рече дека никогаш не видел
девојка, освен насоне, и тогаш ја викал Убава Мама.
„Но кога дојде вистинската“, продолжи тажно тој, „јас ја застрелав.“
На сите им дојде една мисла:
„Ох, само Петар да не се налути!“
А Беззабиот рече дека тој ќе си оди; многу му е страв од Петар.
Но тогаш го слушнаа Петар, кој им леташе над глава, а во следниот
момент веќе се спушти крај нив. Сите, освен Беззабиот, стоеја околу
телото на Венди, надевајки се дека Петар нема да ја види.
„Јас сум пак тука“, рече Петар. „Зошто не се радувате?“
Тие се обидоа да ја искажат својата радост, но од устите не им
излегуваше никаков звук.
„Најпосле ви донесов мајка“, задоволно рече Петар.
Тој очекуваше дека ќе речат: „Колку си умен!“ Но тие не рекоа.
Петар беше прилично зачуден. Тој рече:
„Таа леташе наваму. Не ја видовте?“
„Петар“, рече Беззабиот. „Јас ќе ти ја покажам. Тргнете се
Близнаци – нека ја види Петар.“ Петар ја виде Венди, која лежеше со
стрелата се уште забодена во градите. Тој не знаеше што да рече ни
што да стори. По извесно време, забележа дека Венди беше мртва.
„Можеби е исплашена што умрела“, продолжи тој. Тој мислеше со
тоа да направи виц, па застана на една нога. Ви реков дека Петар
беше сосем без срце. Но некој мораше да биде казнет. Затоа тој ја
извади стрелата од градите на Венди и праша чија е?
Беззабиот храбро одговори дека е негова. Тогаш Петар тргна да го
прободе со неа – а Беззабиот, клечејќи чекаше да биде отепан; беше
сигурен дека тоа го заслужува. Но Петар некако не можеше да се
реши да го отепа Беззабиот. И додека другите го гледаа со чудење,
Нипс ја гледаше Венди. Тој викна:
„Девојката Венди помрдна рака! Ја слушнав како рече: Кутриот
Беззаб!“
Петар рече:
„Тогаш, таа е жива.“
„Девојката Венди е жива!“ викна Слабиот. Петар клекна до неа и
виде дека копчето што и го даде, а што таа беше го ставила на
герданот, и го спасило животот. Стрелата беше удрила токму во него.
Венди не беше мртва. Таа само се онесвестила.
„Оздрави побрзо, Венди“, рече Петар. „Сакам да ти ги покажам
Сирените.“
Се разбира, таа не можеше да одговори. Каква беше таа чудна врева
над нејзината глава?
„Слушајте ја Звончица“, рече Карли: „таа плаче зашто сакаше
Венди да биде отепана.“
Петар не знаеше што значеа тие зборови, но кога му кажаа дека им
викала да ја отепаат Венди, беше вчудовиден и рече:
„Звончице, јас веќе нема да ти бидам пријател. Оди си, засекогаш.“
Звончица молеше и преколнуваше, но Петар не сакаше ни да чуе, се
додека не виде дека Венди повторно ја крена раката, а тогаш рече:
„Добро, тогаш, оди си барем за една недела.“
И Звончица веднаш летна.
Петар и Момчињата се чудеа што да прават со онесвестената
Венди. Карли рече:
„Ајде да ја однесеме долу во нашата куќа.“
И Слабиот се согласи дека токму така треба да се постапи со
девојката.
„Ох, не“, рече Петар, „не е учтиво таа да се гибне.“
„Токму како што мислев и јас“, рече Слабиот.
„Но таа ќе умре ако ја оставиме тука“, рече Веззабиот.
„Да, ќе умре“, викна Петар. „Ќе изградиме мала куќичка околу
неа!“
Зар не беше ова умен план! Петар ги натера Момчињата да донесат
гранки, мов, мебел од подземната куќа – колку што можат побрзо.
И додека тие се растрчаа насекаде наоколу – скоро судирајки се
еден со друг, толку сакаа да го задоволат Петра, – две задремани
личности се измешаа меѓу нив. Тоа беа Џон и Мајкл, што се уште
спиеја, а се разбудуваа само колку да направат уште еден чекор и пак
продолжуваа да спијат. Петар сосем ги заборави, но кога му рекоа:
„Здраво, Петар“, почна да се присеќава.
Тие прашаа:
„Спие ли Венди?“
Петар беше зафатен со грижа околу Венди; правеше место крај неа
за маса и столови. Без да мисли, им рече „Да.“
„Ајде да ја разбудиме да ни направи нешто за вечера“, рече Мајкл.
Но Петар им нареди да помагаат во изградбата на куќата за Венди.
Тој му рече на Карли да се погрижи за тоа. Џон и Мајкл толку се
изненадија од помислата за градење куќа за Венди што Мајкл
заборави да рече „Нема!“ – а Џон заборави дека е сонлив. Двајцата
веднаш почнаа да работат како сите други.
„Прво мораме да ги ставиме масата, столовите и каминот“, рече
Петар, „а потоа ќе ја изградиме куќата околу нив.“
„Да, се сеќавам“, рече слабиот, „така се гради куќа“.
„Слапче, оди и доведи лекар“, рече Петар.
„Разбирам, сер“, рече Слабиот. Тој отиде и се врати со шапката од
Џон на глава. Се преправи како лекар; а бидејќи Петар не ја знаеше
разликата меѓу вистината и преправањето, ова успеа многу добро.
Петар го викаше него „сер“, а Слабиот се правеше како да става
нешто стаклено во устата на Венди. Кога го извади тоа, тој му рече
на Петар дека ја излекувал. Тогаш нареди да и се даде чај. Потоа му
ја врати шапката на Џон, што беше сосем вистинска, од кого што ја
позајми без да го праша.
Чудното беше во тоа што на Венди навистина и стана подобро. Таа
почна по малку да се помрднува, иако очите уште и беа затворени; и
полека-полека ја отвори устата.
„Можеби ќе запее в сон“, рече Петар. „Венди, ќе ни отпееш ли
каква куќа би сакала?“ Тогаш Венди испеа мала песничка со очите се
уште затворени.

„Би сакала да имам убава куќичка,


Најмала од сите куќи,
Со убави мали црвени зидови
И покрив од зелен мов.“

Тие речиси веднаш и направија таква, зашто ги имаа при рака сите
работи потребни за градба. Работеа пеејќи; малата куќичка
изгледаше многу убаво, со црвени гранки, зелен мов и замислени
каранфили. Внатре ги ставија најубавите работи од подземната куќа.
А кога помислија дека е се готово, Петар им рече дека заборавиле да
изградат направа за чукање и оџак; така, високата шапка на Џон,
свртена наопаку, стана прекрасне оџак, што веднаш почна да чади.
Потоа сите застанаа наоколу додека Петар зачука на вратата.
Многу ги интересираше што ќе се случи!
Вратата се отвори и Венди излезе. Таа праша: „Каде сум јас?“
„Девојко Венди“, рече Слабиот, „оваа куќа ја изградивме за тебе.“
„Кажи дека си задоволна!“ рече Нипс. „Куќичката е прекрасна!“
викна Венди. Изгубените Момчиња клекнаа, ги подадоа рацете и
викнаа:
„Ох, девојко Венди, биди ни мајка!“
Венди беше трогната, но одговори дека таа е само едно мало
девојче.
„Тоа не е важно“, рече Петар. „Нам ни треба некоја личност што ќе
ни биде наместо мајка.“
„Тогаш, добро“, рече Венди, „мислам дека јас би можела да бидам
тоа. Ќе сторам се што можам. Деца, пред да ве ставам да спиете, ќе ја
довршам приказната за Пепелашка“.
Така, сите се награмадија некако во малата куќичка и Венди им
раскажуваше приказни. А потоа ги стави в постела во нивниот дом
под дрвјата. Венди беше најпрекрасната мајка. Кога таа легна да спие
во Малата Куќичка, Петар, со меч в рака, застана да чува стража. Се
беше весело и среќно како што може да се посака. Самовилите, што
се враќаа доцна дома, го најдоа Петар исто така заспан: тоа им беше
многу чудно, но не ги изненади. Веќе беа свикнати со него.
VIII

АВАНТУРИ ОД СЕКАКОВ ВИД

Бидејќи во подземната куќа имаше полно место Петар нареди


тројцата мали Дарлинговци да живеат таму заедно со Изгубените
Момчиња: така, Венди, Џон и Мајкл добија по едно шупливо дрво
низ кое можеа да влегуваат и излегуваат. И наскоро тие научија да се
качуваат и слегуваат толку лесно како да го правеле тоа целиот свој
живот. Подземната куќа имаше само една просторија, но таа беше
многу голема. За седење имаше цврсти печурки што растеа од подот;
наместо маса имаше едно стебло, што мораше секој ден да се
потсекува, за да остане кратко. Огништето беше навистина големо,
така што Венди можеше да ја суши испраната облека. Имаше едно
огромно легло, на кое спиеја сите момчиња, речиси како сардини во
конзерва; никој не можеше да се сврти додека не се свртеа сите.
Само Мајкл висеше во една кошница, зашто Венди не сакаше тој да
порасне многу брзо, а во кошницата повеќе личеше на бебе. (Самата
Венди спиеше во својата Мала Куќичка.)
Се разбира, тоа беше прилично едноставна просторија: во неа
немаше ништо големо и ништо многу убаво; со исклучок на едно
место, една правоаголна дупка во зидот, голема колку кафез за славеј,
заградена со завеса и со многу убав мебел внатре: огледало, мијалник
и шкаф со фиоки најмал што имате видено, и еден кауч послан со
цветови од дрвја. Простирки, килими, па дури и свеќник, макар што
личноста што живееше тука сама ја осветлуваше просторијата.
Досега и сами погодивте дека таа личност беше Звончица. Таа многу
се гордееше со својата прекрасна собичка. Со неа им се фалеше на
другите самовили; но никого не покануваше во неа.
Бидејки требаше да се грижи за толку големо семејство, Венди
секогаш беше многу зафатена. Да се сошие, да се закрпи и да се
зготви за осумте момчиња, за неа и за Петар, требаше многу време.
Освен тоа, секоја вечер мораше со часови да им ги раскажува сите
приказни за кои можеше да се сети. Но нејзе не и пречеше што
имаше толку многу работа, зашто беше неизмерно среќна. Таа
едноставно сакаше да биде мајка на толку многу деца. За неа тоа
беше најголемата забава.
Се разбира, понекогаш Венди размислуваше за куќата, за г-нот и г-
ѓата Дарлинг и за Нана; но никогаш од тоа не и стануваше тешко.
Беше сигурна дека таа, Џон и Мајкл можат да се вратат дома кога ќе
посакаат и дека прозорецот од нивната спална ќе биде отворен за да
можат да се спуштат внатре. Малку ја загрижуваше тоа што виде
дека Џон и Мајкл речиси почнаа да го забораваат својот стар дом.
Таа пишуваше прашања на една плоча, на кои тие требаше да
одговорат, како: „Каква е бојата на мамините очи?“ „Кој е повисок,
Тато или Мама?“ „Опиши го свечениот фустан на Мама“, и така
натаму. Другите деца сакаа да им се поставуваат такви прашања и
Слабиот ќе напишеше одговор на секое такво прашање, се разбира,
секогаш погрешен. Сепак, одговорите на Џон беа сосем глупави, а
Мајкл воопшто не беше сигурен дали Венди не му е вистинската
мајка. Полека-полека, Венди сфати дека и самата почна да заборава.
Во Никоја Земја времето минува многу брзо.
Петар не учествуваше во таа игра со плочи, делум затоа што не
знаеше ни да чита ни да пишува, а делум поради тоа што сметаше
дека сите мајки се глупави. Една од приказните на Венди, таа за
госпоѓата Дарлинг, тој едноставно ја мразеше и секогаш веднаш ќе
избегаше надвор штом Венди ќе почнеше да ја раскажува. Никој не
знаеше што се случува со Петар кога ќе останеше сам; но изгледаше
како да ги доживува токму тогаш авантурите. Можеби тоа беа битки
со Гусарите, или со Кафеавите Мечки, или со Црвенокошците:
понекогаш Петар се враќаше дома со врзана глава. Сепак, тешко
беше да се каже дали неговите авантури беа вистински или
измислени; за него тоа беше се едно.
Сепак, некои вистински авантури беа највозбудливи; Венди знаеше
дека се вистински, зашто и самата учествуваше во нив. Тука беше
колачот што го печеа Гусарите. за да умрат Момчињата откако ќе го
изедат. Одвреме-навреме него го наоѓаа, скриен на различни места;
но Венди секогаш го грабнуваше пред да може да го допре некое од
децата. Така тој стануваше многу стар и тврд и им се наоѓаше при
рака за фрлање по Гусарите.
А тука беше и авантурата со Птицата, чиешто гнездо падна од
дрвото во лагуната; но таа продолжуваше да лежи над своите јајца, а
Петар нареди никој да не ја вознемирува. Тука беше и авантурата со
Големиот Лист, на кој Звончица и неколку немирни мали самовили-
уличарки ја ставаа Венди кога ќе ја најдеа заспана и ја пуштаа во
морето, надевајки се дека одливот ќе ја одвлече. Знаете, Звончица
беше злобна, како и секогаш. Но Венди се разбудуваше и, пливајки,
се враќаше назад.
Сепак, мислам дека најголема беше авантурата со Лагуната на
Сирените. Сирените не сакаа Момчињата да доаѓаат и да играат во
нивната лагуна; а исто така тие долго време не ја сакаа и Венди, па
штом ќе ја здогледаа, веднаш се нуркаа во водата и колку што можеа
ја заплискуваа со своите опашки. Тоа воопшто не беше пријателски;
зашто, Венди сакаше да разговара со нив, ако ништо друго, барем да
размени неколку збора за времето. Но тие никогаш не и велеа ни
еден единствен збор, дури ни „Добар ден“, макар што можеа со
часови да брборат со Петар.
Еден летен ден Момчињата лежеа на сонце, задремани, на големата
карпа што се викаше Костенливата Карпа. Венди беше сосем будна и
работеше нешто со иглата. Наеднаш се стемни и стана студено и се
слушна некаков чуден звук, кој доаѓаше се поблизу, преку вода.
Венди не знаеше што е тоа, но Петар знаеше. Тоа беше шум на весла.
Се разбира, никој не можеше да употребува такви придушени весла
освен Гусарите. Всушност, тие беа единствените на Островот што
воопшто имаа весла.
Затоа кога Петар викна, „Гусари! Нуркајте се!!“ сите се разбудија и
испоскокаа во водата. Петар и Венди останаа заедно зад карпата,
каде што не можеа да ги видат.
Гусарското кајче пловеше кон карпата; во него веслаа курирот Сми
и неговиот другар Старки, и двајцата многу лоши луѓе. Тие ја имаа
заробено Принцезата на Црвенокошците, Тигрицата Лили; и ги беа
врзале рацете и нозете и доаѓаа за да ја остават на карпата да се
удави! Тоа покажуваше какви зли срца имаа тие.
Петар донесе решение да ја спаси Тигрицата Лили. Најлесното што
можеше да се направи беше да се чека додека Гусарите си заминат.
Тој се нуркаше во водата зад карпата и го имитираше толку верно
гласот на Кука, што Сми и Старки помислија дека ги вика нивниот
капетан. Петар им нареди да ја ослободат Тигрицата Лили и да ја
пуштат да си оди. Тој рече дека ќе ги удри со куката ако не го
послушаат веднаш.
Тие помислија дека тоа би било многу страшно; но се плашеа да му
противречат на својот капетан, Ги пресекоа јажињата околу рацете и
нозете на Тигрицата Лили; а таа скокна во лагуната и заплива кон
брегот. Петар и Венди беа одушевени кога го видоа тоа; и Петар за
малку што не почна да вика од радост, кога Венди му стави рака на
уста. Зашто, сега вистинскиот Кука викаше над лагуната, пливајќи
кон карпата. „Кајчето, еј!“ викаше тој. Двајцата гусари кренаа фенер
и го осветлија, така што тој се качи и седна до нив, сиот намуртен и
намокрен, со глава потпрена врз куката. Ох, колку стенкаше и
јачеше! Сми и Старки не можеа да си замислат што му е; најпосле се
решија да го прашаат:
„Што ти е капетане?“
Кука одговори со тап глас:
„Оние Момчиња нашле мајка!“
„Што е тоа мајка?“ праша Сми. Тоа никогаш не го имаа научено.
„Она е мајка“, рече Кука и покажа на птицата што лежеше во
гнездото што пловеше. „Тоа гнездо паднало во водата, но дали
мајката ги напуштила јајцата? Не.“
„Ако е таа мајка“, рече Старки, „веројатно тука се вртка за да му
помогне на Петар.“
Кука рече дека токму од тоа и се плаши.
Сми и Старки тогаш разбраа дека Петар и Момчињата се сосем
спасени и дека веќе не им можат ништо отровните гусарски планови,
зашто имаат мајка што ќе се грижи за нив. Мајката е посилна дури и
од најподмолниот Гусар. Што можеше да се стори? Наеднаш Сми
рече:
„Капетане! Јас имам збор! Зар не би можеле да ја украдеме мајката
на Момчињата – и да ја земеме нам да ни биде мајка?“
„Прекрасно“, викна Кука. „Да, ќе ги опколиме децата, ќе ги земеме
на бродот и сите ќе ги потопиме. Тогаш Венди ќе стане наша мајка.“
„Никогаш!“ викна Венди откај карпата.
„Што беше тоа?“ прашаа гусарите, но одговор немаше. Затоа ги
ставија рацете врз куката на Кука и се согласија да постапат како
што рече тој, да ја грабнат Венди, а другите да ги уништат. Ништо
полесно од тоа. Гусарите се радуваа како деца.
Во тој миг Кука се сети за Тигрицата Лили.
„Каде е Црвенокожата?“
„Ја пуштивме да си оди, како што ни рече ти“, рече Сми.
„Сте ја пуштиле да си оди!“ викна Кука. Беше страшно налутен; но
кога неговите луѓе му објаснија дека лично неговиот глас им ја дал
наредбата, нему му стана навистина многу непријатно. Исто така и
ним. Навистина беше незгодно што некој можел така да го имитира
Кука. Тоа не можела да го направи некоја Сирена; нити некој
Црвенокожец; нити некоја самовила. „Можеби личноста што се
подбива со мене уште се наоѓа некаде тука“, помисли Кука. Затоа тој
викна, а Петар му одговори со сосем ист глас. Исто како ехо, само
што не ги рече истите зборови.
„Непознат, кој си ти?“ рече Кука.
„Јас сум капетанот Џемс Кука од Веселиот Роџер“, одговори Петар.
„Тогаш, кој сум јас?“ рече Кука.
„Обичен бакалар“ рече гласот.
Кука многу се налути.
„Имаш ли некое друго име?“ викна тој.
Ова беше само трик и стапица. Но Петар беше толку многу
самозадоволен што не можеше да здогледа што подготвуваше Кука.
И одговори со својот вистински глас:
„Имам!“
Кука и натаму нагаѓаше кој може тоа да биде; најпосле, тој дојде до
заклучок дека гласот му припаѓа на некое чудно момче, што се наоѓа
многу близу, но не може да се види.
„Не можеш да погодиш, не можеш да погодиш!“ крескаше Петар.
„Признаваш ли?“
„Да, да!“ викаа Гусарите.
„Добро, тогаш, јас сум Петар Пан!“
„Фатете го, мртов или жив!“ крикна Кука.
„Готови ли сте, Момчиња?“ викна Петар.
„Да, сер!“
Овој одговор дојде од различни делови на лагуната.
„Тогаш напред по Гусарите!“
И битката почна.
IX

СПАСЕНИ ОД КАРПАТА

Битката беше голема, иако кратка. Осум мали момчиња, вооружени


со стрели, и Петар Пан – значи девет – против тројца возрасни
Гусари, сите наредени со пиштоли, пушки, ножови, јатагани и други
страшни нешта; а, се разбира, тука се наоѓаше и железната канџа на
Кука, што беше најстрашна од се.
Беззабиот беше ранет, а Венди се онесвести. Но другите успеаја да
ги победат Сми и Старки, напаѓајки ги од три страни наеднаш.
Поразените разбојници избегаа кон својот брод. Штета што не можеа
да ги отепаат; но многу е тешко да се бориш во вода и по лизгави
карпи.
Од друга страна, сите Момчиња се придржуваа на ветувањето што
му го имаа дадено на Петар многу одамна. Ниедно од нив не отиде
близу до Кука. Петар чекаше да се сретне со Кука, но гусарскиот
капетан беше толку лукав што никако не можеше да дојде до него,
додека не се искачи на Костенливата Карпа за да земе здив. Во
истиот миг Петар се качи од другата страна, па се сретнаа и речиси
ќе се судреа лице в лице.
Петар се готвеше да го убоде капетанот, кога виде дека Кука беше
на карпата подолу од него. Затоа подаде рака за да му помогне на
противникот да се качи погоре, да можат да се борат фер. А
никаквецот Кука го чукна!
На Петар му беше повредена раката, но уште повеќе му беа
повредени чувствата. Тоа беше толку нефер од Кука! Макар што, се
разбира, не може да се очекува од човек како него да се однесува
благородно, сепак, Петар беше толку изненаден што се најде сосем
беспомошен. И додека гледаше во својот страшен непријател, Кука
двапати го закачи со својата железна канџа. Изгледаше дека е се
изгубено, зашто само со уште еден удар Кука можеше да сврши со
ранетиот Петар; кога –
Тик, тик, тик, тик!
Крокодилот се доближуваше до карпата.
Кука одвај успеа да избега. Момчињата го видоа како плива диво
кон својот брод пребледен од страв. И тие ќе запливаа по него и ќе
му се радуваа на Крокодилот, но беа прилично во неизвесност, зашто
не можеа да ги најдат ни Петар ни Венди. Откако викаа по нив по
целата лагуна и не добија одговор, се прибраа во гусарското кајче
што самото беше излегло на суво.
Петар и Венди не можеа да одговорат, зашто двајцата беа
онесвестени. Тие лежеа на карпата, а плимата брзо надоаѓаше. Таа
скоро ќе ја покрие карпата.
Наскоро ги освести една Сирена, што се обиде да ја повлече Венди
во водата. Петар повторно ја извлече назад. Изгледаше како таа да не
сфаќа во каква опасност се наоѓаа. Тој и покажа дека карпата е
речиси под вода.
„Гледаш“, рече тој, „станува се помала и по мала.“ „Тогаш ќе треба
да си одиме“, весело рече Венди. „Да“, рече Петар, кого што раните
страшно го болеа.
„Ќе пливаме или ќе летаме, Петар?“
„Мислиш ли дека би можела да пливаш или да леташ до Островот
без мене, Венди?“
Венди рече дека е многу уморена.
Тогаш Петар и рече дека тој е многу лошо ранет за да може да и
помогне.
„Кука ме удри со канџата“, рече тој. „Јас не можам да летам, а не
можам ни да пливам.“
Беше сосем јасно дека многу брзо двајцата ќе се удават. Од тоа
едноставно немаше спас.
И додека седеа чекајќи, а водата околу нив постојано растеше, дојде
нешто лесно и перјесто и го почеша Петра, како да велеше: „Можам
ли јас да бидам од некаква корист?“ Тоа беше опашката од еден змеј.
„Тоа е змејот на Мајкл“, рече Петар. Мајкл беше го направил и го
загуби пред неколку дни.
Петар веднаш помисли дека тој ќе може да им помогне. Тој ја фати
опашката и го привлече змејот кон себе – тој беше многу голем.
„Кога можеше да го подигне Мајкл“, рече тој, „зошто не би можел
да те носи тебе, Венди?“
„Нас двајцата, Петар“.
„Не, не може да носи двајца – го знам тоа, зашто Мајкл и Карли се
обидоа заедно“.
Венди рече дека нема да си оди без него. Но Петар ја завитка
опашката околу неа, и рече „Збогум, Венди“, и ја турна од карпата.
Змејот се крена во воздухот; изгледаше како да нема ништо против
тежината на Венди. За неколку минути неа ја снема, а Петар остана
сам на она од карпата што остана над вода. Сега тоа беше многу
мало; имаше место колку за неговите нозе.
Излезе месечината и лагуната стана светла. Сирените излегоа од
своите корални пештери и слатко и пееја тажни песни на месечината;
но никако не го забележуваа Петар, кој стоеше сосем сам. Зашто,
само за момент тој почувствува страв, знаете, првпат во својот живот.
Најверојатно, тоа ќе биде и последен пат. Меѓутоа, во следниот
момент, тој веќе го заборави стравот. Беше насмеан и задоволен.
Срцето му се ширеше, ширеше, ширеше, како тапанот кога чукаат по
него. На Петар му се чинеше како да вели: „Смртта ќе биде страшно
голема авантура.“
***
Кога Сирените ги испеаја сите песни што ги знаеја, една по една си
се вратија во своите спални под мореката површина. Петар го слушна
звонењето на малите звончиња на нивните врати, цинцин, кои
Сирените ги затвораа зад себе. Сега водата му удираше во петиците
и не можеше да очекува ништо друго освен да го збрише од карпата.
Но тогаш догледа дека нешто необично плови по лагуната; тоа
изгледаше како парче хартија. Помисли дека би можело да биде дел
од змејот, додека не забележа дека се движеше спроти струјата.
Навистина се чинеше како да се обидува да дојде до него. И,
најпосле, дојде, право до карпата. Не беше парче хартија, туку
Птицата на своето седело во кое имаше јајца. Таа замавнуваше
некако со крилјата, но беше многу уморена. Беше дошла да го спаси
Петра, зашто (како што чувте) тој беше љубезен спрема неа, кога
нејзиното гнездо падна од дрвото.
Му рече дека сака да му го даде гнездото, за да отиде со него до
брегот. Но нему му требаше толку долго време за да ја разбере што
сосем се сплеткаа и почнаа да се нарекуваат со разни имиња.
Најпосле, Птицата силно го турна гнездото и летна од јајцата. Тогаш
Петар сфати што сакаше таа да му рече и навистина и беше
благодарен. Помисли дека би било штета да ги смачка јајцата, па ги
стави во длабоката шапка што беше ја оставил гусарот Старки за
време на битката. Таа воопшто не пропушташе вода и Петар ја
пушти да плива. Птицата беше многу задоволна. Таа влезе во
шапката, а Петар во гнездото, и си се смееја како улави. Потоа се
одделија еден од друг. Не мина многу време, а Петар стигна во
подземната куќа – речиси истовремено со Венди, што патуваше
извесно време до дома, зашто на змејот не му се брзаше.
И тој и таа многу се израдуваа што пак се гледаат. А бидејќи Петар
требаше да биде преврзан, другите Момчиња побараа завои. И,
раскажувајќи за своите авантури, раскажувајќи за ова и за она,
задоцнија неколку часа за в постела. Тоа беше многу убаво.
X

ЦРВЕНОКОШЦИТЕ И ГУСАРИТЕ

Сега црвенокошците им станаа најдобри пријатели на децата,


особено Тигрицата Лили, што не можеше да заборави како ја спаси
Петар од рацете на Сми и Старки. Таа рече:
„Петар Пан ме спаси мене, јас сум му многу добра пријателка. Јас
нема да дозволам Гусарите да му напакостат.“
Таа и нејзините јунаци секоја ноќ чуваа стража над подземната
куќа. А Црвенокошците паѓаа на колена пред Петар Пан и го викаа
Големиот Бел Татко. Ова на Петар мноту му се допаѓаше и тој
уживаше во тоа. Но Црвенокошците воопшто не беа толку учтиви
спрема другите Момчиња. Тие само им велеа „Како си“, или нешто
слично. Можеби мислеа дека Петар се бореше сосем сам во лагуната;
но ние знаеме дека му помагаа Момчињата.
Една вечер Црвенокошците беа на стража над куќата, а децата долу
пиеја чај. Тоа беше замислен чај, што никогаш не е онака интересен
како вистинскиот; и се слушаа многу караници. Тие и раскажуваа
еден по друг приказни на Венди, но сите тие беа само низа поплаки:
„Слабиот кашла на масата.“
„Нипс зборува со полна уста.“
„Карли се обидува да јаде питарка и џем наеднаш“.
„Јас се жалам на Близнаците.“
И така натаму и така натаму.
Токму тогаш влезе Петар носејки вистински ореви за Момчињата, а
го донесе и вистинскиот часовник од Крокодилот за Венди; таа
особено се интересираше колку е часот кога наближуваше времето за
спиење – а часовникот од Крокодилот беше единствениот на
Островот.
Момчињата сакаа нешто да прават по обилниот замислен чај и
Венди, како што седеше и крпеше куп чорапи, рече дека би можеле
да запеат една песна и да потанцуваат, откако ќе ги облечат ноќните
кошули. И така, навистина имаа прекрасен танец, измешан со битка
со перници. Се тркалаа еден врз друг по целата соба, се преправаа
дека се плашат од своите сопствени сенки и се гаѓаа меѓусебно со
перници додека пееја и извикуваа. Тоа беше највеселата вечер во
подземната куќа.
Најпосле, многу уморени и среќни, легнаа в постела и ја помолија
Венди да им ја раскаже омилената приказна – приказната што Петар
ја мразеше, онаа за г-ѓата Дарлинг. Овојпат Петар не ги затна ушите
и не ја напушти собата, како што правеше обично. Тој остана каде
што беше, врз својот стол од печурка.
Венди почна:
„Имало некогаш еден господин...“
„Јас повеќе би рекол дека била госпоѓа,“ рече Карли.
„Молчи“, рече Венди. „Имало и госпоѓа“.
„Таа не е мртва, нели?“ рекоа Близнаците.
„Ох, не.“
„Страшно ми е мило што не е мртва“, рече Беззабиот.
„Ох, мил!“ воздивна Венди, „дозволи ми да продолжам.“
„Помалку врева!“ викна Петар.
„Господинот се викал г-нот Дарлинг“, продолжи Венди, „а
госпоѓата се викала г-ѓата Дарлинг.“
„Јас ги познавав“, рече гордо Џон.
„Мислам дека и јас ги познавав“, рече Мајкл; но тој не беше сосем
сигурен.
„Тие имале три деца“, рече Венди, „а децата имале гувернанта што
се викала Нана. Но г-нот Дарлинг се налутил на Нана и ја врзал со
синџир во дворот. И така, сите деца летнале.“
„Тоа е страшно убава приказна“, рече Нипс.
„Тие летнале“, продолжи Венди, „кон Никоја Земја. Но знаеле дека
мајка им секогаш ќе го остава прозорецот отворен за да можат
децата, летајќи, да се вратат во спалната. Така тие останале далеку –
со години – и многу убаво поминале. Потоа си се вратиле дома и
оттогаш живееле многу среќно.“
Тука Петар длабоко се издиши, од кое Венди многу се исплаши,
зашто помисли дека е болен. Таа му стави рака на половината и го
праша каде го боли.
„Не таква болка“, и рече тој. „Го сторив поради тоа што имаш
сосем погрешно мислење за мајките. Тие не се такви. Не го оставаат
прозорецот отворен. Јас знам, зашто и јас летнав од дома и долго
останав надвор, многу долго. Бев сигуен дека кога сакам ќе можам да
се вратам. Не сум ви кажал никогаш порано, но кога летнав назад,
прозорецот беше затворен; мајка ми ме беше заборавила; а во мојот
кревет имаше друго мало дете.“
Ова можеби не беше сосем вистина, но Петар веруваше. Исто така
и сите други.
Џон и Мајкл толку се возбудија при помислата дека би можеле да
останат надвор што и викнаа на Венди:
„Ајде веднаш да си одиме дома!“
И и се обесија на врат.
„Но не ноќеска!“ протестираа Изгубените Момчиња.
„Да – ноќеска, веднаш“, решително рече Венди. „Петар, ќе се
погрижиш ли да уредиш да си одиме дома? “
„Штом сакате“, одговори безгрижно Петар, излезе низ дрвото и им
нареди на Црвенокошците да ги одведат трите деца на брегот.
Звончица требаше да ги води преку морето. Звончица тоа навистина
бескрајно ја израдува; но отпрвин таа одби и Петар мораше да биде
многу нежен спрема неа.
Изгубените Момчиња беа толку нажалени што ќе си оди мајка им
Венди та почнаа да се договараат, да ја врзат со синџир и да ја
задржат како пленик. Но внимаваа тоа да не го речат пред Петар.
Пред се, таа му беше гостинка на Петар. Не можете да врзете со
синџир нечија гостинка.
Сепак, изгледаше дека на Петар не му беше грижа што ќе ја изгуби
Венди. Тој дури не рече ни „Мораш ли да си одиш толку брзо?“ или
„Остани уште малку“. Тој мислеше дека не му е грижа. И толку
добро се преправаше што Венди, на крајот, помисли дека нему му е
мило што ќе се ослободи од неа; од тоа и стана многу жално, по
прекрасното време што го поминаа заедно.
Џон и Мајкл беа облечени и готови за пат, кога Венди наеднаш
помисли колку би било убаво да ги покани дома и Изгубените
Момчиња, за да ги усвојат г-нот и г-ѓата Дарлинг.
Кога им го рече тоа на Момчињата, тие скокнаа од радост.
„Петар, можеме ли да си одиме?“ викнаа одушевено.
„Добро“, рече Петар.
Тие почнаа да бараат стапови и да си ги пакуваат бовчите. Но кога
Венди му рече на Петар да си ги земе своите работи, тој почна да се
тркала по собата, свирејќи на својата свирка и рече дека нема да
дојде со неа. Тој мислеше секогаш да остане мало дете и му беше
многу убаво во Никоја Земја.
„Ако ги најдете своите мајки“, им рече тој на Изгубените Момчиња,
„се надевам дека ќе ги засакате!“ Тие се сетија дека Петар немаше
многу убаво мислење за мајките. Меѓутоа, Венди се надеваше до
последната минута дека Петар ќе го промени мислењето. Таа го
приготви лекот за него, грижливо броејќи ги капките – тоа беше само
вода, но во лековите не смеете да имате особена доверба; и го натера
да вети дека ќе ја смени облеката, ако се испоти. И се уште се
надеваше дека тој ќе рече нешто убаво. Но тој весело се ракува со
неа и и викна на Звончица да ги води по патот.
„Само без глупости“, им викна на Момчињата. „Збогум, Венди!“
Таа одговори со липање:
„Збогум, Пет...“
Но не го доврши неговото име. Зашто над нивните глави се разнесе
најстрашна, најсвирепа и најфуриозна врева. Гусарите беа ги
нападнале Црвенокошците!
Воздухот беше исполнет со заглушувачки крикови, писоци,
воинствени извици, удари на мачети, судирања на челик. А звуци од
тешки чекори ја потресуваа земјата.
Исто така се потресоа и сите долу – освен Петар. На сите лицата им
побледеа, сите ги отворија устите на сите нозете им станаа како
камен студени – освен на Петар. Петар се чувствуваше храбар, како и
секогаш. Тој го зеде мечот в рака, а очите му заблескаа.
XI

ХРАБРОСТА НА ЗВОНЧИЦА

Кука и неговата страшна дружина се однесуваа многу нефер спрема


храбрите Црвенокошци. Се разбира, и треба да очекувате Кука да
биде таков; сетете се само како го тепаше Петар! Но Црвенокошците
беа сосем изненадени, зашто со стотици години тие први ги напаѓале
белците, пред разденување. Тие никогаш не сонувале дека белците
нив ќе ги нападнат навечер. Затоа не беа подготвени за голема битка;
и мнозина од нив загинаа, додека другите успеаја само да избегаат.
Ќе ви биде мило да чуете дека Тигрицата Лили избега.
Но децата, долу подземи, за сево ова ништо не знаеја. Тие во мртва
тишина ја слушаа големата врева што доаѓаше одозгора. А кога
работите малку се смирија, Петар им рече на другите:
„Ако победиле Црвенокошците, тие ќе чукаат со там-тамите. Тоа го
прават секогаш кога ќе извојуваат победа.“
Кука паслушнуваше низ оџакот и кога го чу ова, веднаш почна да
чука во там-тамот, за да ги измами децата. Зашто тој, всушност, не ги
прогонуваше Црвенокошците, туку Момчињата и Петар Пан. Там-
тамот зачука двапати тогаш Кука го слушна Петар како вика:
„Индијанска победа!“
А децата одговорија:
„Ура!
Кука се чудеше зошто тие рекоа: „Збогум, Петар.“ Но тој и неговата
дружина чекаа само да ги нападнат. Децата трчајки излегоа низ
дупките во дрвјата – и нив веднаш ги фатија подмолните, лажливи
Гусари. Ги фрлаа од рака в рака, додека не стигнаа до раката на
Блекмур. Тој сите ги врзуваше и ги редеше како пакети.
Венди излезе последна од своето дрво; сите нејзини Момчиња веќе
беа пленици. Кука и се поклони многу учтиво и ја натера да го фати
за рака. Наскоро и таа беше врзана, со затната уста. Кука некако ги
пикна сите деца во малата куќичка и неа четворица Гусари ја
однесоа на бродот, додека другите маршираа по нив, пеејки ја
омразената песна.
Кука се врати за да го фати Петра; и успеа да влезе низ дрвото со
најголема дупка, онаа на Слабиот. Слабиот толку беше се здебелил,
пиејки постојано многу вода кога му беше жешко (опасно нешто),
што тајно беше го зголемил своето дрво за да може да влегува.
Инаку, Кука никако не ќе можеше да се протне.
Гусарскиот капетан зирна низ една пукнатина кога дојде до
подножјето на дрвото. Таму го виде Петар кој спиеше во големиот
кревет. И толку убаво изгледаше во сонот што Кука речиси
почувствува љубезност спрема него – половина минута. Но, за
несреќа, и Петар изгледаше одвратно вообразен, па Кука почна да го
мрази повеќе од секогаш. Ако постоеше нешто што Кука навистина
не можеше да го поднесе, тоа беше некој друг да биде вообразен.
Тој виде дека не може да ја отвори собната врата. Но во џебот
имаше шишенце со смртоносен отров, ја протегна раката низ
пукнатината и истури пет капки во лекот на Петар. Венди имаше
ставено една доза готова за земање, но тој негрижливо беше ја
оставил, зашто знаеше дека ако го дознае тоа, ќе ја онерасположи.
Кука сега беше сигурен дека сврши со Петар; и пак се искачи по
дрвото, чувствувајки се неизмерно задоволен.
Петар спиеше до околу десет часот; потоа седна во креветот и
викна: „Кој е тоа?“ зашто слушна дека некој чука на вратата. Ја
извлече камата и пак викна: „Кој си ти?“
Тогаш му одговори тивко, тапо звонење: „Пушти ме да влезам,
Петар.“
Звончица! Како можеше да биде тоа, кога таа отиде преку море
како водач на децата?
Но беше. Таа беше зацрвенета, извалкана и возбудена. Со два удара
како што чука крокодилскиот часовник, таа му кажа на Петар дека
Венди е фатена заедно со Момчињата.
Петар викна: „Ќе ја ослободам“.
Но, кога се спушти по својот меч и по камата, го забележа лекот.
„Би можел да го земам пред тргнување“, помисли. „Можеби никогаш
нема да се вратам, па ќе биде попусто изгубен“.
Токму кога тој стави рака врз чашката, Звончица крикна:
„Не! Немој!“
„Зошто?“
„Кука стави отров“.
„Глупости! Како можел Кука да се симне долу?“
Звончица не можеше да му го објасни тоа; но му рече дека го
слушнала Кука, кој си мрморел во гората и се фалел оти го отрул
Петра.
Петар рече:
„Тоа е совршено бесмислено. Кука не можел да биде тука без да го
видам јас: а јас не спиев.“
Звончица не се запре на докажувањето. Таа застана меѓу чашката и
неговите усни и го испи лекот на една голтка.
Потоа веднаш побледе и почна да трепери, додека Петар викаше:
„Како се осмелуваш да го пиеш мојот лек!“
„Тој беше затруен“, шепна папсано Звончица. Таа успеа да летне до
својата мала собичка и се испружи на креветот. Нејзината светлина
секој момент стануваше послаба. Петар клекна до нејзината малечка
врата и залипа:
„Ох, Звончице, ти го стори тоа за да ме спасиш мене!“
Можеше да види дека е речиси мртва. Ако изгасне светлината
сосем, ништо нема да може да ја спаси.
Тогаш му се стори дека ја слушна оти му шепоти со многу тивок
глас дека мисли оти би можела да оживи ако речат децата дека
веруваат во самовилите.
И тој им викна на сите деца во целиот свет:
„Ако верувате во самовилите плеснете со раце! Брзајте, или
Звончица ќе умре! Верувате ли?“
Се слушна плескање – тоа доаѓаше многу оддалеку, но бездруго
беше плескање, многу плескање. Тоа запре исто онака ненадејно
како што почна; и навистина, на Звончица пак и беше сосем добро!
Нејзината светлина пак стана јасна, пак почна да звони, таа стана од
креветот и, светејќи, се движеше низ собата. Петар виде дека сега
сосем безопасно може да ја остави Звончица, а тој да тргне да ја
спаси Венди.
Немаше поим каде треба да ја бара; зашто Звончица не знаеше на
која страна ги одведоа плениците. Беше паднал снег, па Петар не
можеше да ги види трагите од стапките. Не можеше да чуе никаков
звук, ниту да забележи нешто што се движи, додека не помина крај
него Крокодилот, влечејки се бавно и сигурно.
Петар реши да тргне по Крокодилот. Знаеше дека тој оди по
трагата на Кука.
„Овојпат ќе се реши: Кука или јас!“ помисли Петар. „Едниот или
другиот мора да загине!“ И, чувствувајќи се многу радосен, многу
среќен и многу горд, замина претпазливо, прикрадувајки се по
Крокодилот.
XII

БИТКАТА НА „ВЕСЕЛИОТ РОЏЕР“

Гусарскиот брод, „Веселиот Роџер“, таа ноќ, имаше само една зелена
светилка што се покажуваше во темнината, а на стража немаше
никој, зашто немаше кој да го нападне. Црвенокошците беа поразени,
Момчињата беа заробени, Дивите зверови не можеа да пливаат, а
Сирените имаа да мислат за други работи.
Затоа Гусарите лежеа на палубата речиси ништо не работејќи; а
капетанот Кука се шеташе натаму-наваму. Беше понамуртен од
секогаш. Најверојатно бидејки не останаа повеќе непријатели што ќе
го одржуваат во живост (зашто веруваше дека го отру Петра). Во
секој случај, му беше многу здодевно.
По извесно време, за да се забавува, овој неурамнотежен човек ги
извади сите осум Момчиња од затворот и ги построи пред себе во
линија. Јажињата беа симнати, но секое момче беше ставено во окови
за да не може да летне.
Кука им рече:
„Шестмина од вас ќе натерам ноќеска да одат по штицата“ – „да се
удават“, сакаше да рече – „но имам место за двајца.“
Момчињата не рекао „Ох!“ но тоа го помислија. Само „Ох!“
Кука беше нестрплив. Тој ревеше:
„Добро, кој ќе дојде од вас со мене во добриот брод „Веселиот
Роџер?“
Беззабиот излезе напред и учтиво одговори дека мисли оти мајка
му не би сакала да биде гусар. Тој му намигна на Слабиот, што го
рече сосем истото. Така постапи и Нипс; така направи еден од
Близнаците. Кука беше премногу налутен за да ги прашува другите.
Тој ги избра Џон и Мајкл, за кои мислеше дека се поинакви од
другите; а тие беа прилично задоволни од помислата дека ќе станат
гусари. Кука рече дека ќе се викаат Црвеноракиот Џек и
Црнобрадиот Џо. Навистина, тие за малку ќе и се придружеа на
бандата – но сфатија, пред да биде премногу доцна дека, ако го
сторат тоа, ќе мораат да викаат: „Долу кралот!“
Тогаш двајцата великодушно одбија.
Кука и неговата дружина беа бесни. Тие ги удираа Момчињата по
ушите, а Кука ревеше:
„Пригответе ја штицата. И доведете ја мајка им да види како
умираат.“
Венди виде дека Кука изгледаше многу црн, а нејзините момчиња
многу бели. Таа исто така ја виде најизвалканата, најнечистата,
најцрната штица што со години не била измиена.
„Какви свињи се овие Гусари!“ помисли таа. Кука и зборуваше на
својот страшно учтив начин: „Сега ќе видиш како одат твоите деца
по штицата. Тишина, сите! Да ги чуеме последните зборови на
мајката до нејзините деца“.
Венди го погледна Кука со таков презир што тој за малку ќе
паднеше. Таа рече:
„Моите последни зборови, драги момчиња, им се порака на вашите
вистински мајки. Да беа тие овде ќе ви речеа: ’Се надеваме дека
нашите синови ќе умрат како англиски џентлемени’.“
„Јас ќе го сторам тоа што го сака мајка ми“, викна Беззабиот.
„И јас“, рече Нипс.
„И јас“, рече еден од Близнаците.
Пред да можат другите да одговорат, Кука, страшно налутен, му
нареди на Сми да ја врзе Венди за катарката. А момчињата ја гледаа
штицата по која требаше да одат. Крајот, каде што се спушташе,
беше над длабоката вода; и тоа ќе биде крајот и за нив. Чувствуваа
страшен студ и се тресеа, па се помалку изгледаа како англиски
џентлемени. Кука се готвеше да им нареди да тргнат еден по еден по
штицата; но помисли дека прво ќе треба да ја фиксира главата на
Венди, така што таа да не може да им помага гледајќи ги. Но, кога
зачекори кон неа извиличен страшно –
Тик, тик, тик, тик!
Кука се струполи на палубата. Ако се искачи Крокодилот на
бродот, нема да може да избега. Посадата се собра околу него за да
го скрие, ако е можно. Тие можеа да се борат против кутрите невини
дечиња, но се плашеа да се закачат со Крокодилот.
Осумте Момчиња избегаа од штицата и се стрчаа кон другата
страна на бродот, за да го гледаат качувањето на Крокодилот.
Но тоа не беше Крокодилот. Тоа беше Петар, кој чукаше гласно
колку што може. Тој им даде знак да не викаат и се искачи на
палубата. Кога ги виде Гусарите што се обидуваа да го скријат Кука,
се изненади, зашто Кука изгледаше сосем млитав и исплашен, како
да го слушнал Крокодилот што доаѓа.
Беше се случило така што Крокодилот го изгубил часовникот
минатата ноќ. Часовникот му паднал; а Петар чукал самиот за да
помине неповреден низ Дивите Зверови. Крокодилот бил осамен без
својот часовник, па така тргнал по Петар.
Оздола скокна еден Гусар; Петар му го зари длабоко својот нож.
Момчињата го фрлија телото од бродот.
„Еден“, рече Слабиот.
Петар влезе на прсти во кабината. Чукањето престана. Сми му рече
на Кука дека Крокодилот си заминал. Кука стана и почна да рика
една строфа од гусарската песна, за да ги исплаши децата пред да ги
потопи:

„Јо-хо, јо-хо, немирна штица,


Ти одиш по неа така;
Додека таа слезе долу и ти слезеш долу
Кај Ѓаволот Џонс на дното!“

Дури, почна да танцува и да им се криви на децата; а што беше


полошо од се, нареди да ги изудираат со мачката со девет опашки па
потоа да одат по штицата. Тој му рече на еден од посадата, Џукс, да
ја извади мачката со девет опашки од капетанската кабина.
Џукс отиде по неа и наеднаш се слушна страшен писок. По него
следуваше некакво звонење.
„Што беше тоа?“ рече Кука.
„Двајца“, рече Слабиот.
Во кабината влезе Чеко Италијанецот и излезе трчајќи. Тој одвај
прозбори:
„Кабината е црна како јаглен, а Бил Џукс е убиен; и таму има
нешто сташно, што кукурига.“
„Изнесете го надвор“, рече Кука. Чеко се плашеше да одбие;
канџата на Кука беше премногу близу до него. Тој се вовлече во
кабината. Се слушна уште еден писок и уште едно кукурикање.
„Тројца“, рече Слабиот.
„Некој мора да го извади никаквецот“, рече Кука. „Јас мислам дека
тоа ќе биде Старки.“
Но Старки побрзо скокна во водата одошто да ја послуша
заповедта.
„Четворица“, рече Слабиот.
Тогаш Кука влезе внатре и Слабиот чекаше да рече „Петмина“, но
Кука пак се појави и рече дека нешто му го изгаснало фенерот.
А посадата, кога виде каков плашливко е нејзиниот капетан, се
сврте против него. Кука беше многу разгневен од нивното подбивање
па помисли, штом не може да ги казни мажите, ќе им отплати на
децата. Тој им нареди на сите (освен на Венди, што се уште беше
врзана за катарката) да се затворат во темната кабина. Тој рече:
„Нека се борат едни со други тие и никаквецот“.
Потоа капетанот и Гусарите внимателно се вслушнаа. Се надеваа
дека ќе чујат осум крикови... Но во моментот кога Момчињата се
најдоа во кабината со Петар, тој веднаш им ги отклучи оковите со
клучот што го најде тука и ги вооружи со најдоброто оружје од Кука.
Тие се искрадоа надвор и се скрија наоколу по палубата, додека
Петар ги пресече јажињата околу Венди, ја испрати и неа да се скрие,
а тој застана до јарболот, на нејзино место, со нејзината наметка
околу себе.
Потоа најсилно закукурига.
Кога го слушнаа тоа Гусарите, помислија дека Момчињата се
поклани од чудното нешто во кабината. И смртно се исплашија.
Почнаа за се да го обвинуваат Кука и отворено да зборуваат дека
човекот со железна канџа му носи несреќа на бродот.
Но Кука рече:
„Не, сета невола доаѓа поради тоа што имаме девојка на бродот.
Девојката секогаш претставувала несреќа за гусарски брод. Исфрлете
ја в море“, викна тој, покажувајки кон Венди (како што мислеше).
Гусарите сакаа да ја задржат Венди за своја мајка. Но толку беа
навикнати да го прават она што ќе им наредеше Кука, што веднаш се
стрчаа кон фигурата крај катарката, викајки:
„Никој сега не може да те спаси, гоопоѓице!“
„Има еден што може“, одговори покриената фигура.
„Навистина! Кој?“
„Петар Пан!“
Наметката падна, а Кука, со окакорени очи, го здогледа, својот
најлош непријател.
Гусарскиот капетан и неговата посада сега разбраа кој беше оној
што колеше и кукуригаше во кабината и не гледаа каква шанса имаат
против едно такво момче. Сепак, Кука им нареди на своите луѓе да го
заколат Петар; Петар ги викна своите Момчиња околу себе и почна
страшна битка. Гусарите можеа лесно да победат, да се држеа во
група. Но, поради едно или друго, тие сосем ги изгубија главите. Беа
истепани и фрлени в море побрзо одошто Слабиот можеше да ги
преброи. Најпосле не остана жив ниеден од нив, освен Кука.
Децата беа премногу возбудени за да се сетат на своето ветување
што му го дадоа на Петар дека нема да го напаѓаат Кука. Го удираа
диво од сите страни, кога Петар скокна меѓу нив и викна:
„Стој! Тој човек е мој!“
Никогаш немало посвирепа битка од оваа што се гледаше сега.
Кука го имаше својот голем меч и железната канџа; Петар го имаше
својот мал меч и својата малечка кама. Тешко беше да се рече кој е
побрз и повешт. Но, најпосле, Кука беше ранет и ја виде својата
сопствена крв што, како што знаете, имаше многу грда боја. и
секогаш го разочаруваше. На крај краишта, Кука виде дека се наоѓа
во гаден сос. А кога се обиде да го дигне во воздух магацинот со
барут и не успеа – тогаш, не сакајки повеќе да се соочува со камата
на Петар и да ја гледа сопствената крв, се фрли право во морето.
Крокодилот, што тивко го следеше Петра до бродот го имаше
загубено својот часовник, но го најде Џес Кука. Тоа покажува дека
ако чекате достатно долго, ќе го дочекате она што сте го чекале или,
како што се вели, кој чека ќе дочека. Никогаш не треба да се биде
многу нестрплив.
XIII

ДЕЦАТА СЕ ВРАЌААТ ДОМА

За Петар и за Момчињата беше прекрасно да имаат свој гусарски


брод. Тие се облекоа во гусарски облеки, а Петар, се разбира, стана
капетан. Секако ќе ве зачуди, тој почна да го имитира Кука, иако ни
малку не личеше на него. Дури ги пушеше и цигарите на Кука; но не
многу долго.
Венди беше многу зафатена со преправање на облеките од
возрасните за да им бидат точни на Момчињата, а исто така и со
правење планови, заедно со Мајкл и Џон, како да отидат веднаш дома
во куќата број 14, каде што ќе ги пречекаат г-нот и г-ѓата Дарлинг.
Но Петар беше многу мрачен и молчелив во поглед на своите
планови и толку беше свиреп и прилегаше на Кука што никој не се
осмелуваше да му поставува прашања.
Меѓутоа, никако не остана време да ви раскажам што стануваше во
меѓувреме во куќата број 14. Госпоѓата Дарлинг беше многу
несреќна без своите деца; но таа беше толку сигурна дека ќе и се
вратат летајќи, што секој ден остануваше дома, оставајќи го отворен
прозорецот од детската спална, а крај неа беше Нана, што чекаше и
гледаше.
Се разбира, г-нот Дарлинг беше исто така несреќен; но тој во тоа
повеќе уживаше, зашто сите зборуваа за него, а тоа го сакаше. Тој
живееше во куќичката на Нана. Велеше дека ако не се скараше со
Нана и ако не ја врзеше со синџир во дворот, таа ќе можеше да се
погрижи за децата. Поради тоа, Нана мора да е подобра од него: и
затоа таа може да живее каде што сака во куќата, но тој мора да
остане во нејзината куќичка. Тој одеше во својата канцеларија и пак
се враќаше во куќичката секој ден; оттука дури и го канеа на приеми.
Тоа му помагаше да ја поднесе загубата на децата.
Еден четврток навечер – околу два дена откако Петар стана капетан
на бродот – г-дин Дарлинг спиеше во куќичката, а г-ѓата Дарлинг
свиреше на пијано во дневната детска соба, кога две фигури се
втурнаа во отворениот прзорец и веднаш го затворија и го заклучија.
Тоа беа Петар и Звончица. Петар сакаше Венди да дојде дома и да го
најде прозорецот затворен, така што да мора да се врати со него во
Никоја Земја. Ова не беше убаво од Петар; всушност тоа повеќе беше
лошо имитирање на Кука.
Но г-ѓата Дарлинг веднаш почна тивко да плаче и Петар знаеше
дека многу и е потребна Венди – можеби исто колку и нему. Тој
помисли: „Не можеме да ја имаме двајцата.“ Тогаш виде дека не е
толку без срце како што мислеше; и пак го отвори прозорецот и
викна: „Дојди, Звончице“ и си замина.
Венди, Џон и Мајкл стигнаа со летање една минута подоцна. Тие
беа збунети кога видоа дека во куќичката спие г-нот Дарлинг а не
Нана; а потоа слушнаа музика во соседната соба, г-ѓата Дарлинг
продолжуваше да свири.
Венди зирна и рече:
„Тоа е мама.“
Џон зирна и рече:
„Така е.“
Мајкл рече:
„Венди, зар ти не си ни вистинска мајка?“
Венди не сакаше многу да ја потресе г-ѓата Дарлинг; а кога влезе г-
ѓата Дарлинг, помисли дека сонува, додека децата скокнааа и силно
ја гушкаа.
Потоа мораа да ги прегрнат г-нот Дарлинг и Нана. И настана такво
бацување, и милување, и прегрнување! Никоја Земја, секако, беше
многу интересна, но никаде не е како дома.
Петар го виде сето тоа, гледајќи низ прозорецот. И сега не беше
сигурен како што беше порано дека мајките се глупави. Во секој
случај, оваа изгледаше многу чувствителна.
Г-нот и г-ѓата Дарлинг решија да ги усвојот Изгубените Момчиња,
како што рече Венди. А сакаа да го имаат и Петар. Но Петар рече:
„Не, мајко на Венди, никој нема да ме фати мене и да ме направи
човек“.
Тој објасни дека мора да живее со Звончица, во малата куќичка на
Венди, што ќе ја кренат самовилите на врвот од едно дрво.
Тогаш Венди толку многу сакаше да се врати назад и да ја види
Малата Куќичка на новото место што г-ѓата Дарлинг мораше да вети
дека ќе може да оди секоја година по една недела во Никоја Земја за
да ја исчисти Куќичката – ако Петар доаѓа да ја земе.
„Ти нема да заборавиш, нели, Петар?“ рече Венди.
Петар рече дека сигурно нема да заборави и летна радосен. Но, по
првите две години (кога ги имаа најубавите часови заедно), Петар
заборави. И тој дојде само уште еднаш, по уште една изгубена
година. Го имаше заборавено Кука; ја имаше заборавено Звончица; а
сега ја заборави и Венди. Се разбира, нејзе и беше многу жал.
Поминаа петнаесет години. Сите Момчиња беа возрасни и воопшто
не можеа да летаат, па Островот сосем им исчезна од главите. Венди
беше омажена; и имаше малечко девојче што се викаше Џејн; и Џејн
сакаше да ги слуша приказните на мајка си за Петар. Таа ги слушаше
се додека ги научи напамет. Но една вечер, кога Венди го стави
своето дете в постела и седеше шиејки крај каминот во детската
спална (исто како што правеше и г-ѓата Дарлинг), прозорецот сам се
отвори и влезе Петар Пан. Тој беше дошол да ја поведе Венди за
пролетно чистење на Куќичката.
Таа мораше да му каже дека е сега возрасна жена и не може повеќе
да лета. Отпрвин Петар не поверува. Тој беше многу разочаран; а
кога ја најде Џејн во креветот, знаеше дека Венди нема веќе да се
грижи за него како мајка. Седна на подот и се расплака. Венди
излезе од собата, обидувајќи се да смисли нешто што ќе го утеши.
Џејн се разбуди, го виде Петар и го праша зошто плаче. Тој учтиво
и се поклони; веднаш потоа тој и таа разговараа исто онака како што
разговараа многу одамна тој и Венди. Тие толку добро се разбираа, и
толку брзо што, кога се врати Венди, што најде? Да, Џејн леташе по
собата, а Петар седеше на креветот и кукуригаше! Тој рече дека Џејн
му е мајка и дека сега таа ќе се врати со него во Никоја Земја. Џејн
рече дека Куќичката на Петар мора да биде исчистена за пролет; а
Венди мораше да ја пушти да оди, но само за една недела. Венди
беше страшно возбудена поради тоа, што којзнае што може да се
случи во Никоја Земја. Но не смееше да ја запре Џејн.
Сепак, како што минуваше времето, кога Венди сосем остаре, и
Џејн стана возрасна и имаше мало девојче кое се викаше Маргарета,
Џејн откри дека веќе не може да лета; затоа сега таа не вели ништо
освен „Грижи се за неа“, кога Петар доаѓа напролет за да ја одведе во
Малата Куќичка. Маргарета му стана многу добра мајка на Петар. Јас
сметам дека така ќе продолжи засекогаш. Чудно е само што додека
ниедно од Момчињата веќе не се сеќава дури ни за името на Никоја
Земја, Венди и нејзината ќерка и нејзината внука се се уште многу
добри пријатели со Петар Пан.
ЏЕМС БАРИ: „ПЕТАР ПАН“

Почетните страници од оваа книга претставуваат изненадување за


читателот. Просто не е во состојба одеднаш да поверува во една, на
прв поглед, толку пресолена шега: дете старо само една недела бега
од дома! Бега во Кенсингтон паркот, затоа што штом ги видело
дрвјата во паркот, сакало да биде таму. И се што тоа бебе го
доживува во Кенсингстонскиот парк ни изгледа од почеток мошне
необично, мошне несериозно. Навикнати сме на сказни кои и во
својата измисленост сепак течат по некаков логичен пат, сепак во
нив препознаваме објекти и ситуации од реалниот свет, додека во
„Петар Пан“ докрај остануваме збунети и сме присилени да бараме
сосем други начини и средства од вообичаените, принудени сме да
размислуваме поинаку за да можеме да влеземе во светот на оваа
интересна и многу, многу необична книга. А влегувањето во тој
необичен свет навистина не е сосем едноставно. Се чини дека треба
да се бара посебен влез и да се носи специјален клуч.
Тоа е првиот впечаток на еден возрасен читател кој тешко од својот
сериозен, макро свет е ставен во ситуација да се симне во некој
микро свет и да гледа на работите со очите на едно цветче, со умот
на една птица или едно дрво! Тешко може да се замисли дека некое
куче, и покрај тоа што се вика Нана, може да биде гувернанта, да ги
капе децата, да ги заспива; тешко може во умот на возрасниот човек
да се смести претстава за некаква сенка што се превиткува и се става
во фиока како да е обично шамивче, тешко е да се замисли девојче
кое ги фаќа дрвјата за рака и ги шета низ паркот! Тешко, велам, за
возрасниот читател!
А децата?
Оваа книга им е наменета ним и огромната популарност што ја
ужива кај малите читатели, нејзината распространетост, зборуваат за
тоа дека децата го сакаат и разбираат Петар Пан, уживаат во
неговите вантури и веруваат во него. И, се чини, писателот Џемс
Бари нашол вистински начин да се постави во ситуација на дете, да
се всели во светот на детските соништа и мечти, и да гледа на
работите со детски очи. А како што знаеме, во определени години од
детството, се е можно. Детето разговара со животните, детето живее
со предметите, инаку не би постоеле гумени кукли, мачиња, кучиња
и сл. И ете, вештината и големината на писателот Џемс Бари е во тоа
што успеал да си создаде детска одлика на светот и на начин на
детско поимање и сфаќање, да им се доближи на нештата и да им ги
прикаже на децата.
Џемс Метју Бари (1860–1937 г.) е плоден англиски писател. Роден е
во малото шкотско село Кириемјуру. Пишувањето му било страст
уште во детските години. А како студент веќе имал напишано и
роман во три книги. Се бавел со новинарска работа. Напишал повеќе
книги, но во многу земји од светот е познат како автор на
прекрасната поетска сказна за Петар Пан.
Глигор ПОПОВСКИ

You might also like