You are on page 1of 4

ПРЕДГОВОР

ЗБОР ДВА ЗА АНТИЧКИТЕ МОНЕТИ

Монетите се материјални извори со кус натпис стручно наречени нумизматички


извори. Тоа e прeодна група меѓу епиграфските (пишани извори) и археолошките извори,
последниве наречени неми извори, што археолозите треба да ги „прочитаат“. Монетите
се главен извор за економијата зашто главна тема во делата на античките историографи
е политичката историја и меѓусебните односи на народите и државите. Но, колку што се
значајни за економската историја, зашто во прв ред биле, и до ден денес претставуваат пла-
тежно средство, нумизматичките извори исто толку се важни и за политичката историја, но
не само во фактографска смисла, кога биле ковани за обележување на некој настан – тнр.
комеморативни монети, туку и за општествено – политичката и културната историја. Има
примери кога од монетите односно од монетарните сојузи (монетите на сите членки имаат
ист аверс) дознаваме за воено-политички сојузи што не се споменати во пишаните извори.
Затоа собирањето и изучувањето на нумизматичките извори е мошне важно за историјата
на секој народ и земја.
Монетите се прворазреден историски извор зашто спаѓаат во групата извори што се
најмалку субјективни. Тоа е така зашто не се обоени со личните сфаќања и политичките
определби на авторите / писатели на историографските дела. Исклучок се пропагандните
пораки испишани свесно на монетите што државните институции и владетелите сакале да
ги упатат до народот или до оние со кои имале взаемни политички или економски односи.
Имено, со легендите, а особено со симболите и монограмите тие се посредници меѓу држа-
вата и народот, официјални преносители на пораките на владетелите, на нивната идеологија,
религискиот светоглед итн.
Нумизматичките извори имаат уште едно важно обележје својствено само за монети-
те и мошне значајно за историјата на античките народи кои не оставиле пишани извори за
самите себе. Имено, монетите се недвосмислен показател за создавањето на првите држави
(кнежевства / кралства) на племињата, за кои има многу малку податоци во историографските
извори. Имено, центрите на културата, кадешто биле пишувани историографските извори,
во античко време имале ограничени можности за комуникација, и што е уште поважно не
биле заинтересирани за, како што погрешно се вели „неразвиените“ народи. Се разбира дека
оваа квалификација не е точна зашто е искажана од грчко-римска гледна точка, од која, за
жал сё уште се мерат достигнувањата на сите народи во антиката. Колку ова гледиште е
погрешно се гледа од фактот што овие божемно заостанати племиња од периферијата на
Хелада и од внатрешноста на Балканскиот Полуостров што биле надвор од грчко-римскиот
видокруг, ковале монети истовремено со малите старогрчки градови – држави, исто така
создадени од одделни племиња,1 кои заради нивните природни ресурси немале производна
економија туку биле принудени да развијат трговска економија, за што им биле неопходни
практични платежни средства, какви што се монетите. Но монетоковањето на овие мали,
дури и минијатурни старогрчки градови-држави никој не го нарекува племенско како што

Старогрчките племиња зборувале на различни дијалекти и никогаш не создале една единствена држава. Со текот
1

на времето, заради трговската предност на атинскиот град-држава, атичкиот јонски дијалект се наметнал во лите-
ратурата на различните хеленски пелемиња како и во комуникацијата со надворешниот свет па така во науката се
воспостави и одомаќи поимот хеленски народ иако територијално некои од овие градови-држави биле дури помали од
тнр. племенски држави кои ковале монети. Со поимот пак хеленска култура се означувааат културните достигнувања
на сите народи кои твореле на атичкиот дијалект кој се до римско време имал статус на lingua franca во Медитеранот.
X Доне Таневски МОНЕТОКОВАЊЕ ВО АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА

е случај со монетоковањето на племињата од нивната периферија. А јасно е дека за да има


монетоковање мора да има организирана власт, односно државен орган, зашто парична
економија не соодветствува на родовско-племенското уредување и време е оваа несоодвет-
на терминологија што сё уште преовладува во современата историска наука да се отфрли.

ПОЧЕТОЦИТЕ НА НУМИЗМАТИЧКАТА НАУКА ВО МАКЕДОНИЈА

Сè до создавањето на современата македонска држава нумизматичкиот материјал од


Македонија бил изнесуван од страна на разноразни патеписци и од конзулите на странските
држави во Отоманската империја и продаван на колекционери, или подаруван на музеите
во западно европските земји. Следствено на тоа и првите научни трудови за македонските
монети се напшани од странски автори. Со вклучувањето на поголемиот дел на македон-
ската територија во рамките на современата грчка држава, македонското монетоковање,
почнувајќи од најстарите монетите со етничко име, а потоа на македонските кралеви, и на
македонските монети ковани за време на римскиот протекторат, е изучувано во рамките
на хеленската (старогрчка) нумизматика, меѓу другото заради мислењето дека античките
Македонци биле Хелени (сё уште недокажано), иако монетарната политика и процедурите
на кралското монетоковање и на хеленските градови – држави се различни.
Со создавањето на музејски и други научни установи во тогашната Народна Република
Македонија започнува не само прибирање на монетите туку и објавување во првите музејски
гласила како што се Гласникот на Музејско – конзерваторското друштво, Зборникот на
Археолошкиот Музеј во Скопје, во зборниците на другите поголеми музеи во Република
Македонија, како и во тогашните југословенски списанија. Во 1975 год. археолошкото
друштво на Република Македонија започна со објавување на списанието Мacedoniae acta
archaeologica, што во почетокот излегуваше еднаш годишно за потоа да проретчи до граница
на згаснување – последниот број е објавен во 2011 год.
Првите нумизматички трудови во Република Македонија, се однесуваа на нумизма-
тичкиот материјал од музејските збирки прибран со археолошките ископувања или со откуп
на случајните наоди: најчесто единечни монети, а поретко на збирни наоди – скривалишта
(сокровишта) стручно наречени депоа (dépôt) или остави. Во почетокот, поради немање
на специјалисти за нумизматика, нумизматичкиот материјал беше објавуван од страна на
археолозите во нивните археолошки гласила и зборниците на Музеите. Така, значајниот зби-
рен наод на тетрадрахми од с. Прилепец беше објавен од Душанка Вучковиќ – Тодоровиќ.2
Првиот текст за циркулација на пред-римските монети во Пелагонија е дел од докторската
дисетација на Иван Микулчиќ.3 Истиов автор во 1973 година има објавено статија со преглед
на монетните наоди во Република Македонија од V до II век на старата ера.4 Циркулацијата
на монетите на територија на Република Македонија во античко време беше тема на прва-
та дипломска работа од областа на нумизматиката одбранета во 1992 год. на катедрата за
античка историја на Филозофскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во
Скопје. Единствената ковница што во римско време работела на територијата на Република
Македонија беше другата дипломска работа одбранета на катедрата за античка историја,

2
Остава грчког новца из с. Прилепец код Прилепа, Гласник на Музејско-конзерваторското друштво на Македонија,
Скопје, 1958.
3
Ivan Mikulčić, Pelagonija u svetlosti arheoloskih nalaza, Beograd – Skopje, 1966.
4
Една нова остава на тетрадрахми и преглед на монетните наоди од V до II век пр.н.е. во Македонија, ГЗФФ Скопје,
1973.
XI ПРЕДГОВОР

потоа дополнета со монети од европските музеи, одбранета како магистерска теза на кате-
драта Историја на уметност со археологија и објавена како монографија.5 Првата генерација
професионални нумизматичари во Република Македонија што полека се создаде, започна со
објавување на македонско нумизматичко списание во Република Македонија, Македонски
нумизматички гласник,6 чие објавување засега е запрено по немилиот и сё уште неразјаснет
случај на исчезнување на скапоцени археолошки предмети од Музеите на Македонија во
Скопје.
По осамостојувањето на Република Македонија (1991 год.) во рамките на Народната
банка на Република Македонија, 1999-та година беше формирана нумизматичка збирка, а во
2000-та година беше основана прва специјализирана лабораторија за конзервација на метал
со двајца вработени (археолог конзерватор и хемичар-конзерватор). И двата оддела од 25. IV.
2002 год. добија статус на Нумизматички Музеј, кога беше објавен каталог на постојаната
музејска поставка во Народната Банка на Република Македонија.7 Вработените објавија и
неколку книги поврзани со монетарното осамостојување на Република Македонија, а по
повод десетгодишнината од монетарното осамостојување на Република Македонија нумиз-
матичката поставка беше модернизирана и беа објавени две книги, при што едната е прв
труд кај нас на тема конзервација на метални предмети најдени со археолошки ископувања.8
Друга нумизматичка збирка е создадена во рамките на уште една комерцијална банка
– поранешнатата Охридска банка. После првичната намера збирката да биде составена само
од монети најдени во Охрид и околината, како што била замислата на Димитар Миладинов,
иницијаторот за создавање на оваа збирка, се продолжило со собирање на монети од целата
територија на Р Македонија и се дошло до бројка од 1700 монети и шест скривалишта –
остави. По повод десетгодишнината на Охридска Банка и шеесетгодишнината од ослобо-
дувањето на градот Охрид и победата над фашизмот, беше објавен каталог на македонски
и на англиски јазик.9 По приватизацијата на Охридската банка збирката е во сопственост на
Société générale, делумно изложена во просториите на оваа банка во Скопје.
Нумизматичкото богатство на Република Македонија на широката светска јавност й
беше претставено со публикацијата подготвена по повод светската изложба во Хановер,10
каде е објавен преработен дел од текстот на првата дипломска работа од областа на нумиз-
матиката одбранета 1992-та год. на катедрата за историја на стариот век при Филозофскиот
факултет.11 Од учебната 2000/1 год. на постдипломските студии за античка историја на
Македонија на истата катедра на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во
Скопје, за прв пат во Република Македонија беше воведен предмет античка нумизматика.
По преструктуирањето на групата историја на уметност со археологија во две, одделни
насоки, во 2002/3 год. воведен е предмет епиграфија со нумизматика12 на четвртата година
од првиот степен на студиите за археологија.
Од монетите што се чуваат во музеите во Република Македонија, откриени во архе-
олошки контекст со ископување на античките локалитети, досега единствено се објавени
5
Перо Јосифовски, Римската монетарница во Стоби, Скопје, 2002 .
6
Досега се излезени пет броеви 1/1994; 2/1996; 3/1999; 4/2000; 5/2012.
7
К. Христова, Македонија, парите и историјата, Скопје, 2002. Macedonia: Coins and History, Catalogue of the NBRM
Permanent Museum Exhibition, K. Hristovska (ed.), Skopje 2002.
8
Биљана Божароска и Дијана Ванчевска „Конзервација на метални археолошки предмети“, Скопје 2013; The coins and
the monetaty systems in Macedonia, Skopje, 2012.
9
Монети од колекцијата на Охридска банка / Coins from the collection of Ohridska banka. Skopje, 2006.
10
Natural and cultural monuments of the R. of Macedonia, Skopje, 2000 (Н. Проева, ур.).
11
Oliver Brankovik, Ancient coinage and circulation of currency, In Natural ans cultural monuments, pp. 45-67.
12
Кај нас, одомаќено и поправилно име на епиграфската дисциплина, е епиграфика.
XII Доне Таневски МОНЕТОКОВАЊЕ ВО АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА

монетите пронајдени со систематски археолошки ископувања (1994 – 2000 год.) на Вардарски


рид кај Гевгелија – античката Гортинија (Gortynia), при што најстарите најдени монети
се статерите на Ореските, а кралското монетоковање е застапено со монетите ковани од
кралевите Пердика II (454–413 год. ст.е.) до Персеј (179 -168 год. ст.е.), додека најдоцнежна
монета е римскиот денар на Марк Антониј 32/31 год. ст.е.13 Истиот автор, во вториот том,
ги има обработено монетите најдени со систематските ископувањата 2001 – 2011 год.14
Хронолошката рамка е иста од крајот на VI до I век ст. е., со мала разлика – последната
монета најдена во археолошки контекст е на Г. Помпеј, кована после 45 год. ст. е.
Авторов на монографијава не е професионален нумизматичар туку влубеник во нумиз-
матиката, кој се зафатил со опишување и разјаснување на монетите ковани на територијата
на античка Македонија. Прикажани се сите типови на монети ковани од етникумите во
источниот, со руди најбогат дел на античка Македонија; од македонските кралеви и од
градовите, во временска рамка од крајот на VI век ст. е. сè до крајот, односно потпаѓањето
на македонското кралство под власт на Римјаните и сведувањето на Македонија во ранг
на римска провинција. Во рамките на оваа првооснована римска провинција на Балканот
влегле и јужните, односно вистинските, Илири тнр. Ilyrii proprie dicti, поради избегнување
препреки на најкусиот пат меѓу Апенинскиот полуостров и Мала Азија, а тоа е прастарата
балканска сообракајница, од Римјаните наречена Via Egnatia, како и поради припадноста
на јужните (вистинските етнички Илири) на источната тнр. грчка културна сфера, каде што
до доаѓањето на Римјаните, јазик на комуникација бил старогрчкиот. И не само тоа, од вре-
мето на Филип II, најголем дел од овие јужно илирски области сè до областа на Таулантите,
кои живееле долж јадранскиот брег, биле под македонска власт. По ненадејната смрт на
Александар Македонски и превирањата во време на дијадосите, кралевите од матичното
македонско кралство се обидувале повторно да ги освојат илирските области и да излезат
на брегот на Јадранското Море. Во тој обид најуспешен бил македонскиот крал Касандар
кој во 314 год. ст. е. успеал да ги заземе грчките колонии Аполонија и Дирахиј. Во време на
римското вмешување на Балканот се случувало илирските напади на Македонија да стигнат
и до Пелагонија. Во 217-та год. Филип V успеал да ги врати претходно заземените делови од
граничната област Дасаретија која повремено потпаѓала под власт на Илирите. Дасаретија е
најзападна македонска област каде биле ковани автономни монети, како и монети со името
на Дасаретите што недамна прв пат се најдени во Охрид (античкиот Лихнид – Lуchnidos). Тоа
се два типа со македонска иконографија (вклучени во книгава) што меѓу другото, покажува
дека Дасаретија била дел од македонското кралство.
Иако е наменета првенствено на широката публика, Авторот на книгава дава не само
основни податоци, туку и преглед на најновите созанија во нумизматичката наука корисни
дури и за професионалните нумизматичари. Со едноставниот и разбирлив јазик авторот
успеал да прикаже една мошне тешка но истовремено и мошне интересна материја и да й
ја доближи на широката публика и на сите заинтересирани за нумизматиката и за антич-
ката историја воопшто. Следствено на кажаново, книгава, што е во рацете на читателите
претставува вистински прирачник за македонското монетоковање во прв ред за студентите
– почетници, со што се пополнува еден голем недостиг од стручна литература за оваа област.

Скопје, Септември 2018


Проф. Д-р. Наде Проева
13
Бобан Хусеновски, Античките монети од Вардарски рид, Гевгелија 2004.
14
Бобан Хусеновски, Античките монети од Вардарски рид, Гевгелија 2018.

You might also like