You are on page 1of 1

Штитот на Ахил

Од содржински аспект оваа песна е значајна зашто ја опишува смртта на Патрокло, што ќе го
предизвика гневот на Ахил кон Хектор и неговото враќање на бојното поле. Но, пред да се врати
на бојното поле, неговата мајка Тетида оди кај богот Хефајст со молба да му искове нов штит на
Ахил. Описот на убавината на штитот спаѓа меѓу најубавите страници во светската литература и
претставува сведоштво на уметничката генијалност на Хомер. Хефајст, со божествено
мајсторство, на штитот создал цел еден универзум. Како што боговите го создаваат светот во
космогосниските митови, така тој на штитот создал сè: и вода, и копно, и небо со сонце, со
месечина и со ѕвезди. Ја создал природата и луѓето во неа со сите нивни дејности. Луѓето на
штитот на Хефајст им се радуваат на свадбите и на свеченостите, умираат во злосторствата поради
кои се судат пред благородни судии, се убиваат во војнии истовремено одгледуваат растенија и
добиток на земјата која што сите ги храни. Убавината на овој текст се состои во тоа што, тука со
зборови се создава цел еден свет. Светот прикажан на штитот го надраснува штитот не само со
големината, туку и со квалитетот на опишаните нешта. Наместо читателот да гледа статична
слика, изработена од калај, бакар, сребро и злато, сликите на штитот почнуваат да се движат како
на филм, па читателот не само што гледа слика, тој слуша звуци, музика, разбира нечии мисли и
сл. Овде, всушност се среќаваме со т.н. синестезија. Тоа е способноста на едно сетило да
почувствува дразба од друго сетило: во овој случај, со очите да се види звук. Така од штитот (кој
може само да се гледа) „се слушаат“ и звуците: реката е жуберлива, се пеат свадбени песни, се
свири на различни инструменти, се игра весело оро, па дури и се мислат младешки мисли.

You might also like