You are on page 1of 1

Охридско Езеро — најголемо и најзначајно природно езеро во Македонија, најстаро

во Европа и, од биолошки аспект, најзначајниот стагнантен воден екосистем на континентот.


Се карактеризира со богата историја, културa, археолошки наоѓалишта и природна убавина, и
го делат две држави: Македонија и Албанија.
Благодарение на ваквите особености, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се
прогласени за Светско културно наследство, под заштита на УНЕСКО[1]. Светската важност на
езерото се потврдува во 2010 г. кога НАСА и Меѓународниот астрономски сојуз решаваат едно
од езерата на Сатурновата месечина Титан да го носи името „Охридско Езеро“[2] (лат. Ohrid
Lacus)[3].

Езерото покрива површина од 358,2 км2 и се протега во должина од 30,8 км, а најголемата
широчина изнесува 14,8 км. Должината на брегот изнесува 87,5 км. Неговата длабочина
достигнува до 289 м. Вкупниот волумен на езерото изнесува 58,6 км3. Езерото е сместено во
длабока и затворена котлина, на исток ограничена со планината Галичица (2288 м), а на
запад со Јабланица (2257 м).
Се наоѓа на надморска височина од 695 метри. Во сливот на Охридското Езеро припаѓаат 40
реки, од кои 23 на албанска и 17 на македонска територија. Најголемата должина на
Охридското Езеро изнесува околу 30 километри. Неговата широчина е различна - од
максимална 15 км. до средна широчина од 11 км. Најголемата длабочина од 286 метри е
измерена меѓу селата Пештани и Трпејца, на околу 5 км од езерскиот брег. Средната
длабочина на езерото е 151 м. За бистрата вода чија провидност изнесува и до 22 метри, што
претставува вистинска реткост помагаат бројните подводни врутоци и изворите кои се наоѓаат
по должината на источниот и јужниот брег.

Потеклото на Охридското Езеро, гледано како езерски систем со Преспанското Езеро е


тектонско. Двете езера претставуваат остатоци од базенот на поранешното Десаретско
Езеро од кое настануваат по пат на геотектонска депресија за време на плиоценот (пред 5,3-
1,8 милиони години). Неговата геолошка старост се проценува на околу 2-3 милиони години и
како такво е најстаро во Европа. Ваквите езерски екосистеми се сметаат за центри
на диверзитет и резервоари на еволуција во кои пред сè поради стабилноста на
амбиенталната средина, изолираноста на екосистемот и долгото постоење доаѓа до процеси
на рапидна еволуција на одредени групи на организми.

You might also like