You are on page 1of 3

Има многу општествени „изми“. Сите тие ми се бесконечно интересни.

И
Инспиративни. Зависи од поднебјето, за различни „изми“ се дискутира, за различен
„изам“ се смета дека „не се може“. Негде е тоа „туризам“, негде е тоа „комунизам“, или
„фашизам“, или двете. Или трите. Најчесто, тоа е „патриотизам“, кој има дефиниции,
колку што имаат Ескимите зборови за снег. Имате забележано дека колку е појавата
погуста и почеста, толку повеќе зборови знаеш да ја опишеш? Во случајов има еден
збор, многу дефиниции и различни значења.

На вакви поларни температури, бев инспириран на „патриотизмот“ да му поставам


неколку прашалници. Да, поларни температури. Минус 4 е поларна температура во
општество каде што и дождовите се тропски и земјотресите се апокалиптични.

Што е патриотизам? Википедија (и mk и en.) велат дека зборот има латински корен, и
дека тој поим ја објаснува љубовта и поддржувањето на поединецот кон својата
татковина. И веднаш отвораме нова врата, а старата почнува да креира „промаја“.
Што е татковина? Нема потреба да се одговори тоа прашање. Од проста причина што
ќе се избега од темата, која има „мал милион“ други прашалници. Значи, со општиот
корен кој се зафатил во латинска плодна земја, патриотизмот е она чувство кога си ја
сакаш татковината. Ги сакаш, ги поддржуваш, ги сметаш за свои сите татковински
елементи. Природно-географски, социо-географски и економско-географски.

Ги сакаш и поддржуваш карпите (магматски, метаморфни, седиментни), целата


геолошка историја и геолошка градба на својата татковина. Ги сакаш планините
(ниски, средни, високи, изразито високи), грамадни и верижни, безразлика во која
орогенеза настанале. Но, ги сакаш и долините, клисурите, кањоните - сите
акумулативни и ерозивни форми флувијални и абразивни форми. Но и еолските и
глацијалните форми. Патриотизмот опфаќа и бескрајна љубов кон морените,
валовите, цирковите,... Патриотски е да ги сакаш и полињата и котлините. Овој
латински термин објаснува како е да ги сакаш и сите хидрографски елементи на
твојата татковина. Секој цурак, секој поток, река, сите водоразделни линии, речниот
слив. Целата речна мрежа и речниот систем. Сите езера, безразлика на нивниот
генетски карактер. Љубовта кон твојата татковина опфаќа и тектонски, и глацијални,
и урвински езера. Но, патриотски манир е да ги љубиш и вештачките езера, не
помалку од природните.

Но, патриотски е да ги обожаваш и климатските елементи на(д) твојата татковина.


Воздушните маси, ветровите, безразлика на нивниот правец, интензитет и сила. И
дождот, но и снегот. Да не се заборави ниту росната точка, сињакот (ињето), но и
сланата!

Патриотизмот опфаќа љубов кон комплетната био и педогеографска карактеристика


на твојата татковина. Сите биоми и сите ареали. Сите педолошки хоризонти, сите
солончеци и сите алувијални почви. Сите лисици, волци, кафеави мечки и сите
црвеници. И до тука е едноставно. Иако љубовта е преголема, сепак, барем до тука, е
едноставна. Но, патриотизмот не ја опфаќа само природната страна на твојата
татковина. Татковината не е само падини на планина и бистрата вода во изворишниот
дел на некоја река. Патриотизмот, помалку или повеќе, го опфаќа и општествениот
дел од татковината. Човекот и целата негова појава и активност. Социо-патриотизмот.

Патриотизмот вели дека ги сакаш и поддржуваш сите оние кои се дел од твојата
татковина. Безразлика на нивната религија, боја на кожа, боја на кола, боја после
одмор и слично. Од твоето маало, твојата населба, твојот град, твојот регион. Твојот
влез, твојата зграда. Сите луѓе со кои ги делиш претходно споменатите и љубените
природно-географски карактеристики. Сите оние кои ги знаеш, и кои не ги знаеш.
Сите оние кои си ги сретнал, но и оние кои никогаш нема да ги сретнеш. И оние за
кои никогаш нема да дознаеш дека постојат. Бидејќи патриотизмот налага љубов и за
тие од друг влез, друга зграда, друго маало, друга населба, друг град, друг регион.
Иако не постои теоретска можност да ги знаеш и запознаеш сите, сепак, љубовта кон
нив не смее да трпи.

Но, тука не престанува љубовта убаво опишана со збор со латинска генеза.


Патриотизмот кажува дека треба да ги љубиш сите луѓе, со сите свои маани и
доблести, со сите свои карактеристики и можности. И бидејќи татковината има и
голема општествена страна, предизвикана од самиот човек, кој по default го сакаш,
заради патриотизмот, нели, фино е да се сака и обожува и комплетната човекова
активност во склоп на татковинската структура. Па затоа, патриотизмот вели дека
треба да се сака и поддржува активноста на рударите во рудниците, наставниците низ
образованието, полицајците низ безбедносните структури, чистачите по санитарните
структури, пекарите во пекарите, докторите по медицинските установи, продавачите
по продавниците, ... сфаќате. Но, патриотизмот вели да се обожуваат и објектите кои
се резултат на активностите кои веќе одамна ги љубиш. Па затоа, патриотски е да се
сакаат фабриките, со нивните дворишта, оџаци и хангари. Спортските стадиони,
плоштадите, улиците, паркинзите, тротоарите, бандерите, далноводите, но и
затворите, хотелите, станиците, домовите, ... комплет.

Патриотизмот претставува безусловна љубов кон целокупната структура наречена


„татковина“. Од природно и општествено ниво. Од локално, до државно ниво. Се што
е надвор од границите на татковината, може и не мора да се сака.

И во услови на толку голема љубов, патриотизмот зазаба ефективни пропорции на


секојдневна љубов и традиционално обожување на твојата татковина и на сите
елементи кои ја градат таа.

Затоа, патриотски е да го нарекуваш „снаодливост“ принципот да му го загорчиш


животот на „некој друг“, кога повлекуваш или повлекуваат врски за услуга од
„незаслужен“ или „прекуреден“ карактер. Затоа е нормално око да не ти трепне ако со
„протекции“ се вработиш, положиш, завршиш, уредиш. Не ти е гајле, бидејќи е
патриотски ако заработиш пари на сметка на туѓа несреќа или проблем, иако „тој
другиот“ е патриот исто како тебе. Сето тоа е оправдано, бидејќи „не го знаеш“ и „не
ти е гајле“.

Патриотски е да сакаш „преку ред“ да се протнеш во било кој сегмент во секојдневието


и општеството. Бидејќи не ги знаеш другите кои „трпат“ заради „снаодливоста“.

Патриотски е да не стануваш на пензионери и трудници во автобус.

Патриотизмот кажува дека најпатриотски е да украдеш пари на некој што не го


знаеш.

Патриотски е да омаловажуваш некој на сметка на социјална, економска, политичка


моќ и карактеристика. Не е проблем некој да е „сељак“ бидејќи ги нема твоите
манири, и не е од твојот “урбан круг“. Сето тоа е оправдано, бидејќи не го знаеш, оти
доаѓа од „сељачки крај“.

Патриотски е да омаловажуваш и негираш дијалект.

Патриотски е да го негираш и затскриваш руралното потекло на твоите претци.

Патриотски е другот да биде од „провинција“ и да има „поинаков карактер“ бидејќи


„тие од таму се такви“. Сето тоа е оправдано, бидеќи „тие таму“ не ги знаеш, и немаат
иста карактеристика како тебе, иако се дел од татковината и се патриоти, од ист
калибар, исто како тебе.

Патриотски е да западнеш во комплетна спортска шизофренија. На пример,


патриотски е денес „некој“ да биде дел од твојата „раса“ оформена по истакнат
револуционер од пред стотина години, а другиот дел да биде „најниско ѓубре“ за тебе,
а тој тебе да ти посака да „ти се повтори земјотресот“.

Патриотски е во иста реченица да мантрираш излитени нацистички white power


фрази, моменти пред некој потемен натурализиран спортист кој го носи дресот на
твојата татковина да ги постигне победничките поени.

Патриотски е да го презираш северниот сосед, ама да не можеш „да пиеш“ без да му ја


слушаш неговата најлоша варијанта на музика.

Патриотски е да пишуваш патриотски статуси на facebook на латиница.

Патриотски е да ја презираш секоја мисла поинаква од твојата.

Патриотски е да бидеш патриот на 10 000 километри од твојата „патрија“.

Патриотизмот не може да заврши со една обична дефиниција, а уште помалку со една


ваква „листа“.

Патриотски е да се биде презиран заради една ваква дефиниција и ваква листа.

You might also like