You are on page 1of 20

Двоглавиот византиски царски орел симболот на моќта на Византиското царство

1
Малкумина градови во светската историја оставиле такви далекусежни и

неизбришливи траги чиешто влијание толку многу силно се чувствува и денес какошто е тоа
денешниот современ Истанбул. Но да направиме мала историска ретроспектива и да се
нурнеме длабоко во океаните на времето за барем малку да го изнесеме сјајот и моќта на тој
величенствен град кој претставува вечно жива и неисцрпна инспирација за плејада истакнати
историчари , научници, архитекти, уметници, светски патници и авантуристи кои ничкум се
поклонуваат и треперат пред неговата импозантна моќ.

Периодот од VIII до VI-от век пред Христа, грчките колонисти од Стара Хелада (ден.
современата Република Грција) трагајќи по плодно земјиште и место за развој на занаетчиски
и трговски центри талкале низ целиот Медитеран (Средоземното Море) и Pontus Euxinos
(денешното Црно Море) и ги бирале најповолните места кадешто основале свои колонии.
Околу 660-та година пр.н.е група колонисти од градот-полис Мегара на бреговите на Босфорот
основале мало градче на коешто му го дале името Визант. Никој ниту во најлудите соништа не
можел да претпостави дека тоа мало градче изградено на стратешкиот проток Босфор кадешто
се сечат Црното и Мермерното море после неколку векови ќе стане центар на светската
цивилизација, образование, религиозен центар, култура и уметност.

11 мај 330 година од новата ера на бреговите на Босфорот , Константин I Велики го


извршил свеченото осветување на својата нова престолнина којашто во чест на неговото име
била наречена Константинопол (Цариград). Оној ден кога Константин го основал Новиот Рим е
зародишот на Византиското царство. Во времето на овој император биле подигнати првите
одбранбени бедеми коишто зафаќале површина од околу 700 хектари. Меѓу
најрепрезентативните објекти кои биле изградени во времето на императорот Константин I
Велики (324-337) биле Палатата, Сенатот, Зевксиповите терми (топли бањи) и Хиподромот.
Последниот претставувал огромен Circus Maximus кој имал капацитет да собере 100 000
гледачи.

На местото на некогашниот Хиподром се наоѓа денешниот современ плоштад посветен


на султанот Ахмед I (1603-1617) и неговата велелепна Сина џамија со којашто си обезбедил
место во бесмртноста. Градот бил снабдуван со вода од познатиот Валенсов аквадукт чиишто
раскошни остатоци постојат и ден денешен и изгледаат вака:

2
Сл. 1 Остатоците на Валенсовиот аквадукт или главниот водоводен систем во древниот
Константинополис

На следната фотографија е реконструкцијата на познатиот Хиподром т.е едно од


главните обележја на Константинополис или ,,мајката царица престолнина” на сите градови
какошто ја нарекувале нејзините жители.

Сл. 2 Реконструкција на изгледот на Хиподромот во Константинолопис

3
Градот незапирливо продолжил да расте и да се развива. Во времето на императорот
Теодосиј II (408-450) биле изградени импресивните Теодосиеви ѕидини кои биле долги седум
километри и претставувале најспектакуларен успех на античката архитектура, затоашто биле
изградени од два реда ѕидини високи 11 метри зајакнати со многубројни кули, помеѓу кои се
наоѓал широк канал со вода. Во градот се влегувало низ врата во ѕидините, пришто едната од
нив која била наречена Златна порта до која допирал и патот Via Egnatia била отворана само
кога се прославувал величенствениот триумф на царот или некој од неговите војсководачи. По
турското освојување на градот Златната порта била вклопена во новоизградениот ,,замок на
седумте кули” каде се наоѓала царската ризница на султанот Мехмед II. Златната порта и
замокот постојат и денес и се зачувани во одлична состојба. Овие моќни ѕидини со векови ги
одбивале нападите на многубројните варварски племиња и освојувачи какошто биле
Арабјаните, Бугарите, Аварите, Хуните, Печенезите. Само двапати биле освоени за време на
илјадогодишното постоење на Византиското царство: првиот пат во 1204-та година од страна
на крстоносните армии за време на IV-от крстоносен поход, и вториот пат за време на падот
на Византиското царство и градот Константинопол во рацете на Турците Османлии и Мехмед II
ел Фатих (Освојувачот). Денеска претставуваат една од главните туристички атракции на градот
Истанбул.

Сл. 3 Изглед на дел од реконструираните Теодосиеви ѕидини

Константинопол по падот на Западното Римско Царство станал престолнина на


Источната Римската Империја позната како Византија. Ова царство имало големи цареви,

4
прочуени државници, вешти дипломати и победоносни војсководачи со чијашто помош
извршила огромно влијание во светот и оставила неизбришливи траги. Огромниот подем на
византиската императорска моќ и понатамошниот растеж и сјај на оваа држава ќе започне за
време на владеењето на императорот Јустинијан I (527-565). Тоа е периодот кога неговите
прославени војсководачи Велизариј и Нарзес ја уништиле државата на Вандалите во Северна
Африка и после дваесет годишни жестоки и крвави борби ја зазеле цела Италија кршејќи го
‘рбетот и воената моќ на кралството на Готите. Ова е ,,Златниот век” на византиската
дипломатија, кодификација на правото и пред се архитектурата.

Меѓу зачуваните споменици на Јустинијановата влада во Цариград далеку најзначајна


и најважна е Аја Софија (Св. Софија) ремек делото на архитектурата на тоа доба и еден од
најголемите градежни триумфи на сите времиња. Велелепниот храм ги надживеал и
некогашните моќни империи: Византија и Османлиската империја немо сведочејќи за нивната
огромна моќ. Изградена за само пет години 532-537 станала толку многу славна што биле
запаметени и имињата на нејзините градители- Антемиј од Тралес и Исидор од Милет. По
турското освојување на градот (29 мај 1453 била претворена во џамија). Основата на Света
Софија или црквата на Божјата премудрост претставува единствена композиција на елементи:
таа има основа на старохристијанските базилики но главната карактеристика е главниот брод
којшто е составен од квадратен простор крунисан со огромна купола. Света Софија била
симбол и обединување на Истокот и Западот, минатото и иднината во една неодолива
синтеза. Црквата била украсена со величенствени мозаици и била седиште на цариградските
патријарси и место на коешто биле крунисувани моќните византиски цареви и царици. Денес
повторно претворена во џамија со одлука на турската влада и претседателот на Република
Турција, Реџеп Таип Ердоган претставува една од најмаркантните културно- историски
споменици на градот Истанбул и главно туристичко обележје.

5
Сл. 4 Величенствената црква Св. Софија во ден. современ Истанбул. Надворешен
изглед.

Сл. 5 Дел од величенствените мозаици во црквата Света Софија во Цариград.

Што да се каже за огромниот раскош на византиската царска палата која била


постојано надоградувана, украсувана со раскошни мозаици, слики, уметнички дела и
скапоцени предмети од целиот свет. Кај варварските водачи кои доаѓале во посета на
Константинопол оставала таков впечаток и восхит што истите останувале без зборови пред
моќта и богатството на византиските императори. Еве што напишал дворскиот поет Корипиј за
една посета на аварските кагани: ,,Додека ги воделе низ вестабилите кон одаите за прием,
емисарите со страв ги гледале огромните стражари и нивните позлатени штитови и
копја, нивните шлемови со пурпурни перјаници мислејќи дека царската палата наликува на

6
божји дом (et credunt aliud Romana palatia caelum).Биле видно задолволни кога некој ги гледал
и чекореле како хиркански тигри пуштени од кафез во циркус, горди што на себе ги
чувствуваат погледите на римскиот народ во арената. Кога се тргнала завесата пред
царските одаи, го кренале погледот кон богато позлатениот таван и го здогледале царот
на издигнатиот престол, облечен во пурпур, со светкава дијадема на главата. Водачот на
емисарите трипати го подвил коленото и потоа ничкум паднал пред Царот. Истото го
сториле и неговите сопатници и додека аварските емисари лежеле ничкум, теписите биле
покриени со нивната разбранувана коса.”

Византиските писатели и хроничари од тој временски период ни оставиле


фантастични и детални записи за таа господарска и раскошна резиденција. Подовите биле
украсени со најквалитетен скап мермер и сјајни мозаици. Во големата дворана на Новата
палата која ја изградил Василиј I Македонецот (867-886) над величенствените колонади на
кои наизменично се редел мермер и црвен оникс имало огромни композиции кои го
претставувале владетелот како седи на престолот опкружен со неговите победоносни
војсководачи. Византија била силна автократска држава но и многу силен религиозен центар.
Сите византиски владетели започнувајќи од царевите преку деспотите, високите црковни
великодостојници и останатите граделе цркви и манастири како нивни задужбини со што
нивните имиња останале вечно да живеат и после нивната смрт. Во Константинопол биле
изградени голем број цркви. Едни од најрепрезентативните кои постојат до денешен ден се
црквите посветени на Св. Ирина и Св. Сергеј и Бах. Првата била подигната уште во времето на
императорот Константин Велики и во истата во 381 та година бил одржан Вториот вселенски
собор на којшто била формулирана догмата за ,,симболот на верата “ на христијанската црква.

Сл. 6 Црквата Света Ирина во Цариград

7
Интересен е податокот дека истата за време на турското освојување на градот не била
претворена во џамија, туку била користена како склад за чување оружје и берут на
цариградскиот гарнизон. Денес е музеј на византиската култура и цивилизација и се наоѓа во
склоп на надворешниот дел на Топкапи сарајот или официјалната резиденција на турските
султани се до 1856-та година.

Сл . 7 Црквата Св. Сергиј и Вак (Ἐκκλησία τῶν Ἁγίων Σεργίου καὶ Βάκχου ἐν τοῖς Ὁρμίσδου)

И ова ремек дело на византиската сакрална архитектура било подигнато за време на


владеењето на императорот Јустинијан I и неговата сопруга царицата Теодора. Денеска се
користи како богомолитвен храм за муслиманските верници т.е и таа е претворена во џамија.

Сепак далеку најзначаен и највеличенствен храм од византиската историја подигнат во


Константинополис е огромниот манастир посветен на Христос Пантократор (Седржителот).
Овој велелепен ,,Божји дом” бил изграден за време на династијата на Комнените кои
владееле со Византиското царство во периодот од 1081 па се до 1185-та година. Манастирот
бил граден во времето од 1118 до 1124 година како задужбина на Ирина Комнина, сопругата
на императорот Јован II Комнин (1118-1143). Кога бил завршен претставувал втора
најграндиозна архитектонска целина во Константинопол веднаш после црквата посветена на
Светата мудрост- ,,Св. Софија”. Манастирскиот комплекс се состоел од главната црква,

8
болница и голема библиотека. Манастирот бил дом на 700 православни монаси. За време на
освојувањето на Цариград од крстоносците во периодот од 1204 до 1261 година, манастирот
бил официјална резиденција на латинскиот император Балдуин Фландриски. По турското
освојување на Цариград бил претворен во џамија која го носела името Мола Зејрех џамија.
Денес е еден од главните туристички атракции во современиот Истанбул и е ставен на листата
на светското културно историско наследство на УНЕСКО.

Сл. 8 Грандиозниот манастир Христос Пантократор, денес Зејрех џамија во Истанбул.

Последните два века од постоењето на Византиското царство (1261-1453) се период


на внатрешно слабеење на оваа државна творба и борба за преживување. Но тие се исто така
периодот на владеење на последната византиска царска династија на Палеолозите. За
последен пат Византија доживува културен процут. Во нивно време била повторно
реставрирана царската палата. Почетокот на април 1453 година турскиот султан Мехмед II
довел огромна армија од преку 160 000 војници за опсадата на Цариград. Малиот градски
гарнизон под команда на Џустинијани и императорот Константин XI Драгаш храбро ги
одбивале сите напади. На 29 мај (вторник) 1453 година султанот наредил генерален напад на
градот од три страни кои го предводеле јаничарите после жестоко артилериско
бомбардирање. Џеновјанецот Џустинијани кој заедно со царот бил душата на одбраната бил
тешко ранет и морал да се повлече од борбата внесувајќи растројство меѓу војниците. Царот

9
продолжил храбро да се бори кога еден непријателски одред се пробил низ тајната капија
позната како Ksiloporta и ги нападнал бранителите од зад грб. Тука бил и крајот. Константин
Драгаш херојски загинал на продорот осветлувајќи ја Византија со последниот зрак убавина.
Турците станале господари на градот. Византија пропаднала и станала мртва империја. Но
нејзините големи традиции останале живи и дејствувале надвор од границите на бившото
Византиско царство, влијаејќи на културниот и политичкиот живот на европските народи.
Византија успеала да ги зачува културните богатства на Антиката и со тоа исполнила една
светско-историска мисија. Го зачувала римското право, грчката поезија, филозофијата и
науката и им ги предала во наследство на европските народи кога тие созреале за нивно
примање.

Истанбул за време на владеењето на Османлиската Империја

Султанот Мехмед II на само 19 годишна возраст дошол повторно на чело на престолот.


Неговата главна цел и опсесија била заземањето на Константинопол, престолнината на
Византија и еден од најголемите и најбогатите градови на светот во тој временски период.
Првата цел кон којашто пристапил била изградбата на моќната ,,Богазкесен”многу попозната
како Румели хисар тврдина во 1452-та година. Таа се наоѓала на европскиот дел од стратешки
важниот морски теснец Босфор и на 10-на километри оддалеченост од тогашниот
Константинопол. Ова моќно упориште се состоело од три големи кули од кои централната
била наименувана по прославениот турски војсководач Халил паша. Главната цел на тврдината
била да спречи секакво доаѓање на помош, храна и останати намирници од Црното Море кон
опседнатиот град. За таа цел тврдината била вооружена со далекуметни топови кои можеле да
ги потопат тамошните галии и трговски бродови доколку без нивна дозвола би се осмелиле да
се упатат кон Цариград. На следната фотографија е изгледот на оваа моќна цитадела.

Сл. 9 Румели Хисар

10
По турското освојување на Константинопол тврдината целосно го изгубила своето
стратешко значење. Со одлука на турската влада во 50-те години на минатиот век била
целосно реконструирана и денес претставува музеј и место на коешто во летниот период се
одржуваат многубројни театарски претстави и фолклорни игри. Мехмед II и неговите војници
кога влегле во Цариград биле добро припремени да ја оценат сета убавина на Св. Софија. Таа
на нив оставила толку многу силно влијание што нејзините архитектонски решенија се јавуваат
на многубројните изградени џамии не само во Константинопол туку и низ цела Мала Азија, а
подоцна и низ Африка и Азија кога Османлиската империја го доживеала зенитот и процутот
на импресивната воена и економска моќ. Мехмед II решил да создаде архитектонски дела по
примерот на некогашните византиски цареви. Така по негова наредба бил целосно срушен
прекрасниот црковен комплекс посветен на ,,Светите апостоли” и на нејзиното место била
подигната џамијата Фатих којашто претставувала и негова задужбина и која постои и денес. Во
рамките на овој муслимански богомолитвен храм изграден од архитектот Атик Синан се
наоѓаат и гробовите на султанот Мехмед II Освојувачот и неговата омилена сопруга,
султанијата Ѓулбахар Хатун којашто му го родила престолонаследникот и идниот султан
Бајазид II (1481-1512).

Сл. 10 Џамијата на султанот Мехмед II позната и како Фатих џамија во Истанбул.

11
Меѓутоа далеку најпознато архитектонско остварување коешто на Мехмед II ќе му
овозможи заслужено место во бесмртноста е наредбата за изградба на раскошен царски
дворец кој неколку векови ќе биде официјална резиденција на султаните од Османлиската
династија. Овој турски султан се сметал за наследник на Византиската империја. Бил
воодушевен од церемониите и раскошот на византиската царска палата во Влахернскиот
дворец и решил да изгради сопствен императорски двор. Неколку години по освојувањето на
Цариград по негова наредба во 1459-та година биле поставени темелите на раскошната
Топкапи палата. Таа претставувала огромен комплекс од царски и државни резиденции, харем
за царските конкубини, место со прекрасни паркови, амами (топли) бањи, богата библиотека
во која се чувале некои од најважните документи на империјата, трезорот или царската
благајна со бесценети камења и неброени богатства од злато и сребро. Палатата била
изградена на брегот на Златниот рог и имала фантастичен поглед на Мраморното море, а оваа
импозантна градба зафаќала површина од речиси 700 000 квадратни метри. Денеска
претставува музеј на Отоманското културно-историско наследство коешто вклучува и над 40
000 вредни и ретки документи кои се неми сведоци на некогашната огромна моќ на
Османлиското царство (1281-1923). Вреди да споменеме дека палатата е дел од светското
културно историско наследство на УНЕСКО. Денес претставува магнет за туристите од целиот
свет и задолжителен дел за посета од секоја туристичка понуда на градот Истанбул. И
повторно во прилог две фотографии за тоа како изгледа овој архитектонски бисер.

Сл. 11 Фасцинантната Топкапи палата или Топкапи сарај кој бил официјална резиденција на
турските султани се до 1856-та година.

12
Сл. 12 Макета на изгледот на Топкапи палатата.

Константинополис чиешто име турците го промениле во Истанбул продолжил да расте


и да се развива. Секој султан кој доаѓал на чело на престолот но и големите везири, моќните
војсководачи, аги, паши и бегови граделе архитектонски објекти со кои останале забележени
во историската меморија. Еден од најубавите споменици е големата џамија на султанот
Сулејман I Величенствениот (1520-1566). За време на неговото владеење Османлиската
империја го достигнала врвот на моќта. Најважната градба којашто ја започнал главниот
царски архитект Мимар Синан била изградбата на големата царска џамија која е позната и
како Султан Сулејманова џамија. Била изградена околу 1550-та година и е врвно дело на
османлиската архитектура. Самиот султан побарал џамијата со својата импозантност да ја
надмине Света Софија. Таа е ремек делото и најважната животна градба на Мимар Синан.
Последниот навистина успеал во својата интенција и замисла. Блескавиот креативен ум на
Синан проектирал совршен квадрат на совршен круг внимавајќи на најситните детали. Создал
главна купола висока цели 55 метри и широка преку 25 метри. Четири џиновски столбови ја
држеле огромната купола, а 138 прозори од обоено стакло пропуштале светлина во огромната
џамија. Пред џамијата Синан проектирал огромен раскошен двор, медреса (верско училиште),

13
болница, кујна и амам (бања) за султанот и неговите најблиски соработници кога доаѓале да
се молат. Со ова Сулејман се наредил меѓу најголемите градители во историјата кои подигнале
богомолитвени грандиозни храмови: библискиот Соломон кој го изградил Ерусалимскиот храм
и Јустинијан I кој ја подигнал Св. Софија. Во рамките на храмот е и гробот на
највеличенствениот турски султан Сулејман.

Сл. 13 Надворешниот изглед на Сулејмановата џамија во Цариград.

Сл. 14 Поглед на внатрешната купола на Сулејмановата џамија

14
Сепак една од најимпресивните џамии изградени од турските владетели е џамијата
подигната од Ахмед I (1603-1617). Била градена во периодот од 1609 до 1616-та година.
Нејзината основа е многу поправилна од онаа на Св. Софија. Основата се состои од квадрат со
главна купола и четири помали полукуполи наместо две, а на аглите биле изградени уште
четири помали куполи. Нивниот степенест пад бил изграден со таква извонредна логика и
геометриска точност што претставувала последен цут на муслиманската архитектура. Била
изградена на некогашното место на Константиновата царска палата и имала енормни
димензии. Ја изградил и проектирал Мехмед ага најважниот ученик на големиот Мимар
Синан. Се состоела од 6 големи минариња и се наоѓа наспроти Св. Софија. И овој величенствен
културно историски споменик е под заштита на УНЕСКО.

Сл. 15 Султан Ахмедовата или многу попозната како ,,Сината џамија” во Истанбул

Периодот од почетокот на XVIII-от век бил време на перманентно слабеење на турското


царство и период на феудална анархија на се помоќните аги, паши и бегови. Империјата
губела територии и трпела воени порази на бројните фронтови. Сепак и во една таква
неповолно состојба императорскиот град Истанбул бил постојано збогатуван со многубројни
караван-сараи, медреси, амами, џамии и бројни други објекти. Османлиската империја
станала ,,болниот од Босфорот”. Било се повеќе јасно дека без модернизација на државниот
апарат, реорганизација на армијата по пример на современите европски армии од тој
временски период и средување на финансиската состојба како и подобрувањето на положбата
на покореното немуслиманско население- рајата, империјата неминовно одела кон работот на

15
пропаста. Реформите започнале во XIX-от век. Така најпрвин султанот Махмуд II (1808-1839) во
1826- та година го укинал јаничарскиот корпус некогашната најмоќна воена формација во
царството и создал модерна армија со униформи по западен терк. Укинал и голем број на
привилегиите на пашите и вовел нов систем на собирање даноци. Неговиот син и наследник,
султанот Абдул Меџид I (1839-1861) продолжил по татковиот пат воведувајќи ги
танзиматските реформи и издавајќи два многу важни документи за подобрување на
положбата на населението: Ѓулханскиот хатишериф и Хатихумајунот. Овој султан бил одличен
ерудит и течно зборувал француски јазик. Она по што помеѓу другото ќе остане запаметен
многу векови по неговото време е изградбата на грандиозната Долма Бахче палата. Повторно
на европскиот дел од Босфорот по негова наредба во 1843-та година биле удрени темелите на
последното ремек дело на доцната османлиска архитектура. Оваа раскошна палата била
изградена во барок и рококо стил и нејзината изградба траела полни 13-ет години. За
нејзината изградба биле употребувани најквалитетните и најскапите материјали од светот и за
таа цел биле подигнати и огромни кредити од Франција од коишто империјата не се
опоравила и не можела да ги врати дури и по нејзината пропаст. Чинела цели 5 милиони
златни турски лири или еквивалентно на 35 тони злато. Според денешната еквивалентна
вредност на златото (2021 година) кога повторно би се изградила би чинела цели 1 900 000 000
$. Импонираат со својата импозантност раскошните тешки балдахини и лустери украсени со
скапоцени камења, ретките персиски килими и завеси од најфин материјал, Сината и Розовата
сала, свечената хала за прием на дипломатските претставници акредитирани во Османлиската
империја. По целосната изградба и свечената инаугурација, султанот Абдул Меџид и
членовите на неговото семејство како и членовите на Министерскиот совет, високите армиски
генерали и другите се вселиле во палатата. Во прилог еве неколку фотографии на
надворешниот и внатрешниот изглед на оваa архитектонско мегаградба.

16
Сл. 16 Свечената сала за прием со Кристалниот лустер, подарок од англиската кралица
Викторија во Долма Бахче палатата.

Сл. 17 Амбасадорската сала за прием на високите дипломатски претставници.

17
Сл. 18 Надворешниот изглед на Долма Бахче палатата сликана од Босфорскиот теснец.

Неполни шест децении по изградбата на палатата на 1 ноември 1922 година со одлука


на новата турска влада предводена од генијалниот офицер Мустафа Ќемал Ататурк била
извршенa формална дисолуција или укинување на Османлиската империја, а Турција
зачекорила по нов пат и станала Република Турција. Така завршила моќната династија
основана од Кара Осман во далечната 1281 година. Последниот жив потомок на оваа моќна
фамилија починал во 2010-та година со што згаснала лозата на некогашните силни султани кои
низ вековите претставувале страв и трепет на трите континенти кадешто се протегала
империјата: Азија, Африка и Европа.

Мустафа Ќемал Ататурк (,,татко на Турците”) бил по потекло од селото Коџаџик,


западниот дел на Република Македонија. Како премиер ја водел турската држава во периодот
од 1922 до 1938 година. Извршил и направил многу значајни реформи какко што се
воведувањето граѓанско образование за сите ученици, го укинал калифатот, Турција ја
направил модерна секуларна држава. Го укинал и староперсиското писмо и вовел ново
модерно латинско писмо. Исто така престолнината на државата ја пренел од Истанбул во
Анкара но тоа е веќе друга тема за дискусија.

18
Истанбул денес

Модерниот Истанбул денес е најголемиот град во Република Турција со популација од


над 15, 5 милиони жители и петнаесетиот најголем град во светот. Тој е главниот сообраќаен,
трговски, индустриски, културен, образовен и туристички центар во Турција и еден од
најпосетуваните градови на Планетата Земја. Истанбул има медитеранска клима и се наоѓа од
двете страни на Босфорот. Тој е единствениот град на светот кој лежи и се протега на два
континенти: Европа и Азија. Босфорскиот теснец е најоптоварениот морски премин на светот.
Низ него годишно поминуваат преку 200 милиони тони најразновидна роба. Градот Истанбул е
седиште и на единствената берза во Република Турција. Градот има три големи аеродроми од
коишто главниот кој го носи името на Мустафа Кемал Ататурк има капацитет да опслужи дури
23 милиони патници годишно. Преку Босфорскиот теснец има изградено бројни мостови кои
се главната сувоземна патничка артерија . Иако градот низ целокупниот период на своето
постоење бил космополитски град, а тоа е и денес сепак во голема мера е хомогенизиран и во
него доминантната популација ја сочинуваат турците. Овој мегалополис е седиште и на
Истанбулскиот универзитет кој е најстар во градот бидејќи неговите почетоци се од 1453
година. Друг многу познат универзитет е Техничкиот Универзитет основан во 1773 година и
третиот најстар Универзитет во светот за инжињерски студии. Покрај овие два постојат уште
шест други универзитети од кои најголеми се Универзитетот Мармара и Универзитетот за
ликовни науки Мимар Синан. Последниот го носи името на најголемиот османлиски архитект
на сите времиња. Градот е седиште и на некои од најдобрите и најстарите клубови во
турската лига. Еден од најстарите е ФК Бешикташ, а денес најпознати се ФК Галата Сарај и ФК
Фенербахче. Истанбул е седиште и на речиси сите најважни медиуми и тв куќи во модерна
Турција. Најпознатиот турски дневен весник се печати во градот. Тоа е мегапопуларниот
,,Хуриет”. Турската радио и телевизиска корпорација посебно националното Радио 2 своето
седиште го имаат токму го градот. Свои мрежи во градот имаат и светските медиуми Си- Ен- Ен
(CNN) како и Би-Би-Си (BBC), а ултрапопуларната телевизија СТАР ТВ е главниот ,,виновник” за
огромната продукција и дистрибуција на популарните турски телевизиски серии кои се екстра
популарни и во Македонија особено помеѓу постарата популација. Градот има дури за 110%
поголема продуктивност од националниот просек во Република Турција, а по просечниот БДП
не самошто е најбогатиот град во Турција туку е еден од најмоќните и најбогатите градови во
светот. Финансиската моќ на градот доаѓа од економските дистрикти Маслак и Левент во
коишто свои претставништва и канцеларии имаат речиси сите компании од целиот свет.

19
Сл. 19 Финасискиот центар Левент во модерен Истанбул

Сл. 20 Финасискиот центар Маслак

Овој град кој е ,,Портата на Ориентот”, спојот на историјата со ултра модерното е жива
немирна материја која расте, а не старее. Градот може целосно да биде горд на својот растеж,
култура, историја, економска моќ и престиж. Но овој град како ,,Царица на градовите” треба да
биде предизвик и за секој еден од нас да го посети и да го почувствува ритамот, пулсот, срцето
и енергијата на мегалополисот Истанбул.

(К Р А Ј)

20

You might also like