You are on page 1of 11

Преглед на неличните глаголски форми во германскиот и во

македонскиот јазик

Апстракт
Во центарот на ова истражување се неличните глаголски форми во германскиот и во
македонскиот јазик, кои се користат пред сѐ во образување на сложени глаголски конструк-
ции, но функционираат и надвор од глаголскиот комплекс. Во трудот прво ќе се разгледаат
трите нелични форми во германскиот јазик (инфинитивот и првиот и вториот партицип).
Секоја форма ќе се разгледува прво во однос на начинот на образување, а потоа и во кон-
струкциите и контекстите во кои таа може да се појави. Понатаму ќе се даде преглед на
четирите нелични форми на глаголот во македонскиот јазик, и тоа л-формата, глаголската
придавка, глаголскиот прилог и глаголската именка. Притоа за секоја од овие форми ќе се
даде засебно објаснување на начинот на кој се образува и во кои конструкции се користи.
За крај ќе се направи споредба помеѓу двата јазика во однос на местата каде се користат
овие форми, при што ќе се утврдат сличностите и разликите во нивната употреба.

Клучни зборови: нелични глаголски форми, инфинитив, партицип, глаголска л-форма,


глаголска придавка, глаголски прилог, глаголска именка, сложени конструкции,
атрибутивна употреба

1. Вовед
За глаголот како менлив збор карактеристична е категоријата лице. Но во германскиот и во
македонскиот јазик постојат и такви прости форми кои се надвор од оваа категорија,
односно парадигматски не ја разликуваат (Саздов 2008: 17). Токму поради ова својство
ваквите форми се наречени н е л и ч н и (гер. ‚infinite Verbformen‘) и не можат самите да
образуваат реченица, бидејќи секоја граматичка реченица се состои од барем една лична
глаголска форма, но не мора да содржи нелична (Енгел 19963: 430).
Во германскиот јазик постојат три вакви форми: инфитив (гер. ‚Infinitiv‘), прв партицип
(гер. ‚Partizip I‘) и втор партицип (гер. ‚Partizip II‘). Според Енгел (19962: 430) овие форми
се јавуваат како составни делови на сложени глаголски конструкции, но можат да бидат дел
и од именски или од придавски синтагми и барем во однос на глаголските категории се
неменливи, но можат да се деклинираат.
Во современиот македонски јазик од друга страна постојат четири форми од овој тип:
глаголска л-форма, глаголска придавка, глаголска именка и глаголски прилог (Саздов
20132: 62). Исто како во германскиот овие форми не ги разликуваат типичните глаголски
категории, но и кај нив постои можност за деклинација по род и број. Во постарите фази на
развој на македонскиот јазик постоеле и други форми како што се инфинитивот и супинот
(кој се употребувал со глаголи на движење), а познати биле и повеќе форми на партицип,
кои преминале во една општа форма (Конески 1996: 176ff). Дел од овие форми се замениле
со нови конструкции; на пр. наместо инфинитивот денеска се употребува конструкција со
партикулата да (Конески 1996: 177), а од други се задржале само остатоци, на пр.
придавката бивш е единствениот пример за стариот минат активен партицип (Конески 1996:
182).

2. Нелични форми во германскиот јазик


Според морфолошките особености во современиот германски јазик се разликуваат три
нелични глаголски форми:
 инфинитив
 прв партицип
 втор партицип
Овие форми најчесто се врзуваат со лични и образуваат сложени конструкции, но можат да
се јават и како дел од именска или придавска синтагма.

2.1.Инфинитив
Инфинитивот во германскиот јазик се образува од првиот корен на глаголот (Engel 19963:
435) со додавање на наставката -n кај глаголите sein, tun и кај оние чија основа завршува на
-el и -er (на пр. angeln, lächeln, rudern, computern). Кај сите останати глаголи се користи
наставката -en: machen, sehen, fliegen, ahnen. Хелбих/Буша (2001: 95f) оваа форма ја
нарекуваат прв (сегашен) активен партицип и разликуваат понатаму уште пет други форми
на инфинитив во однос на перфект и пасив, но тие нема да се разгледуваат во овој труд.
Инфинитивот во реченицата секогаш се појавува во врска со лична глаголска форма. Таа
врска може да се случи непосредно или со помош на партикулата zu (Helbig/Buscha 2001:
96f). Начинот на врзување на инфинитивот е определен за секој глагол. Така, модалните
глаголи (dürfen, können, müssen, mögen, wollen, sollen), глаголите на восприемање (hören,
sehen, fühlen, spüren), на движење (gehen, kommen fahren) и некои други глаголи (werden,
lassen, bleiben) при поврзување со инфинитив не ја употребуваат партикулата:
(1) Wir dürfen bei schlechtem Wetter nicht ins Schwimmbad gehen.
(2) Ich sah da meine Freundin weinen.
(3) Am Nachmittag gehen wir immer einkaufen.
(4) Die Mutter lässt das Kind keine Süßigkeiten essen.
Останатите глаголи остваруваат врска со инфинитивот преку партикулата zu. Во зависност
од глаголот таа може да стои пред инфинитивот (кај прости и неделиви глаголи), односно
меѓу првиот (нагласен) слог и основата (кај т.н. деливи глаголи):
(5) Im geschlossenen Raum ist es verboten zu rauchen.
(6) Wir hoffen, sie bald wiederzusehen.
Формата за инфинитив се употребува и кога образуваат минато време како замена за
вториот партицип (Engel 19963: 435). Ваквиот инфинитив го користат модалните глаголи,
како и глаголите на восприемање и во германската традиционална граматика е познат како
з а м е н с к и и н ф и н и т и в (гер. ‚Ersatzinfinitiv‘):
(7) Am Sonntag habe ich zur Party nicht kommen können.
(8) Die Mutter hat das Kind nicht weinen hören.

2.2.Прв партицип
Првиот партицип се гради со додавање на наставката -d на основната (инфинитивна)
глаголска форма, освен кај глаголите sein и tun, кај кои првиот партицип гласи seiend,
односно tuend. Во теорија оваа проста нелична форма може да се изгради кај секој глагол,
освен доколку таа е семантички стопирана: *bekommend, *weiterfahrend (Engel 19963: 430).
Овој партицип може се употребува пред сѐ како а д ј ун к т на личната глаголска форма, при
што се изразува дејство кое се случува симултано со дејството на главниот глагол. Во оваа
употреба првиот паритицп останува непроменет, а значенски се доближува до
македонскиот прилог, кој исто така се користи за изразување истовременост (в. Т. 3.3.):
(9) Sie verließ den Raum fröhlich singend. (мк. Ја напушти просторијата пеејќи весело.)
Освен оваа употреба, првиот партицип може да се јави и а т р и б ут и в н о како дел од
именска синтагма, при што означува активно дејство во поглед на вршителот (Engel 19963:
430f). Активноста произлегува од тоа што парафразата на овој партицип е односна реченица
во актив. Кога се појавува атрибутивно, првиот партицип ги добива одликите на придавка
и се деклинира со истите наставки. Во македонскиот јазик не постои ваква употреба на
нелична глаголска форма, па затоа во преводот често се користи односна зависна реченица.
(10) der lesende Mann – der Mann, der liest (мк. човекот кој чита)
(11) die sprechende Schülerin – die Schülerin, die spricht (мк. ученичката која зборува)
(12) ein spielendes Kind – ein Kind, das spielt (мк. дете што игра)
Во германскиот јазик постои и форма која е слична на првиот партицип. Оваа форма,
наречена г е р ун д и в (гер. ‚Gerundivum‘), се појавува само во атрибутивен контекст и тоа
секогаш со партикулата zu и е почеста во пишаниот јазик (Engel 19963: 430f):
(13) das schnell zu lösende Problem
(14) eine von Passanten zu testende Biersorte
Герундивот значенски се разликува од првиот партицип со тоа што изразува идност
наспроти истовременост и треба да биде сфатен пасивно наместо активно. Така,
парафразата за примерите (13) и (14) ќе гласи:
(15) Das Problem soll schnell gelöst werden.
(16) Die Biersorte kann von Passanten getestet werden.

2.3.Втор партицип
Вториот партицип се гради со комбинација од претставката ge- и наставка –(е)t кај слабите
глаголи (гер. ‚schwache Verben‘), односно -en кај силните (гер. ‚starke Verben‘): lernen –
gelernt, reden – geredet; kommen – gekommen, fahren – gefahren. Кај силните глаголи често
доаѓа и до промена наречена а б л а ут (гер. ‚Ablaut‘): schwimmen – geschwommen, trinken –
getrunken, schreiben – geschrieben (Engel 19963: 433). Оваа форма може да се изгради кај
секој глагол, но претставката ge- не се појавува секаде. Во однос на употребата на
претставката воглавно важи следното:
 Претставката ја добиваат едноставни глаголи (gemacht, gegangen) и глаголи со делив
прв дел, при што претставката стои меѓу деливиот дел и коренот (ausgedacht,
angefangen).
 Претставката не се јавува кај т. н. неделиви глаголи (bekommen, verbracht), како и кај
глаголите од странско потекло кои се препознаваат по наставката -ieren (registriert,
informiert, passiert).
Според Хелбих/Буша (2001: 145) вториот партицип влегува во сложени конструкции со
помошните глаголи haben, sein и werden. Комбинација со други глаголи е доста поретка.
(17) Wir sind nach der Feier gleich heimgefahren. (Perfekt)
(18) Sie hatte den Brief endlich geschrieben. (Plusquamperfekt)
(19) Wir wurden zur Feier nicht eingeladen. (Vorgangspassiv)
(20) Tom und Andrea sind ineinander sehr verliebt. (Zustandsreflexiv)
Како што може да се забележи од примерите, при ваквата употреба на вториот партицип тој
останува непроменет. Граматичките категории ги изразува помошниот глагол во
конструкцијата. Освен оваа функција, вториот партицип може да се јави и во атрибутивна
употреба и да се деклинира како придавка. Меѓутоа, ова важи само за глаголи кои можат да
прават пасив и образуваат перфект со помошниот глагол haben и за некои глаголи што го
градат перфектот со sein и имаат свршено значење (Енгел 19963: 434):
(21) die bereits geschriebenen Briefe – Man hat die Briefe bereits geschrieben.
(22) die vor drei Tagen eingetroffene Sendung – Die Sendung ist vor drei Tagen eingetroffen.
Во однос на употребата овој партицип соодветствува со македонската глаголска придавка,
бидејќи и таа се користи во сложени конструкции со помошните глаголи сум и има, а освен
тоа може да се јави и атрибутивно (в. т. 3.2.).

3. Нелични форми во македонскиот јазик


Според Саздов (20132: 62) во современиот македонски јазик постојат четири прости
нелични форми и тоа:
 глаголска л-форма
 глаголска придавка
 глаголски прилог
 глаголска именка
Карактеристично за овие форми, покрај тоа што тие не градат парадигма по лице, е тоа што
се наоѓаат на границата помеѓу глагол и именски збор (со исклучок на глаголскиот прилог),
бидејќи се менуваат по категории карактеристични за тие зборови, како што е родот.
3.1.Глаголска л-форма
Оваа нелична форма името го добила по согласката која се користи како наставка за нејзино
образување: -л. Глаголската л-форма се доближува до именските зборови со тоа што
разликува форми за трите рода (читал – читала – читало) и два броја (читал – читале). Во
постарите фази на развојот на македонскиот јазик постоеле повеќе форми за множина, но
тие денеска се изедначиле како и кај другите придавки (Конески 1996: 183).
Кај оние глаголи што немаат различен тематски вокал за свршен и несвршен вид во
простите времиња, како што се глаголите од а-група и некои од другите групи (на пример
глаголот старее) можна е само една ваква форма: вика – (из)викал (од викаше и извика) сака
– (по)сакал (од сакаше и посака), остарел и сл. Кај останатите глаголи се образуваат две
вакви форми, од кои едната му соодветствува на аористот, а другата на имперфектот
(Саздов 20132: 63). Така, од глаголот пие се јавуваат формите пиел – пил (од формите за
минато пиев, односно (ис)пив), од глаголот плаче формите плачел – плакал (аналогно на
формите плачев – (ис)плакав) итн.
Оваа нелична форма води потекло од постариот минат активен партицип II, кој се јавува и
во другите словенски јазици. Меѓутоа, во македонскиот јазик оваа форма покажува некои
особености. Од една страна таа повеќе не може да се употреби атрибутивно (придавски),
туку влегува само во состав на сложени глаголски конструкции. Од друга страна, пак, во
старословенскиот јазик постоела само една форма на партицип која се изведувала од
инфинитивната (аористна) основа, додека во македонскиот, како што покажавме, има
можност за образување и на втора форма од несвршенои глаголи (Конески 1996: 183-194).
Инаку, глаголската л-форма не може самостојно да изрази категорија, туку влегува во
состав на сложени конструкции со помошниот глагол сум и со честичките ќе, би:
(23) Ми кажаа дека си се оженил.
(24) Мајка му ќе дојдела во петок.
(25) Кога би го знаел подобро, веднаш би го прашал.

3.2.Глаголска придавка
Глаголската придавка потекнува од стариот пасивен партицип на перфектот, но за разлика
од таа форма, која се образувала само од преодни глаголи, во современиот јазик глаголската
придавка се изразува и од непреодни: носен, насмеан наспроти паднат, заспан (Конески
1996: 185). Втората разлика во однос на нашиот стар јазик се состои во тоа што се
проширила наставката -т, со која денеска се образуваат сите глаголи чија основа завршува
на -н или -њ (сп. паднат, бањат и сл.). Сите останати глаголи ја образуваат формата за
глаголска придавка со наставката -н (скинат, ценет, искршен). Исто како и глаголската л-
форма, така и придавката познава форми за трите рода и за множина (паднат – падната –
паднато – паднати), со што се доближува до именски збор во однос на флексијата (Саздов
20132: 64).
Глаголската придавка пред сѐ влегува во составот на сложени конструкции со помошните
глаголи сум и има, но за разлика од глаголската л-форма, во овие конструкции се
употребува само формата за среден род во еднина:
(26) Таа имаше оставено силен впечаток врз нејзините врсници.
(27) Сите ученици ја имаа прочитано книгата.
Покрај употребата во аналитички конструкции глаголската придавка може да се јави и со
придавско значење како дел од именска синтагма, при што се усогласува граматички со
надредениот елемент, на пр. именка: ранет војник, паднато јаболко (Саздов 20132: 65).
Освен тоа, оваа форма може да се употребува и предикативно со глаголот сум (Бевме
фасцинирани од нејзината убавина.) а во некои случаи дошло и до лексикализирање на
значењето, со што настанала именка (таков е случајот со зборот минато). Со овие начини
на употреба глаголската придавка покажува сличности со германскиот втор партицип (в. т.
2.3.).

3.3.Глаголски прилог
Оваа нелична форма потекнува од стариот активен партицип на презентот, кој доста рано
се загубил во македонскиот јазик со тоа што се свел на една (прилошка) форма (Конески
1996: 181). Во современиот јазик оваа проста нелична форма се образува со додавање на
наставката -јќи. Притоа, кај глаголите од а-група тематскиот вокал е а, додека кај глаголите
од другите две групи се употребува тематскиот вокал е: викајќи, пеејќи, одејќи (Саздов
20132: 66).
Со тоа што оваа форма преминала во неменлива категорија, таа не ги разликува категориите
род и број како л-формата или глаголската придавка. Токму затоа не може да се употребува
во атрибутивен контекст, туку се користи само во комбинација со друг глагол. Во тој случај
глаголскиот прилог означува дејство коешто се врши напоредно со дејството што е изразено
со личната глаголска форма: Таа влезе во собата плачејќи. Од примерот се согледува дека
дејството што го изразува глаголскиот прилог го има истиот вршител како личната форма
(Саздов 20132: 67). Со оваа употреба глаголскиот прилог се доближува до првиот германски
партицип (в. т. 2.2.).
Иако глаголскиот прилог се изведува само од несвршени глаголи, бидејќи само тие
изразуваат активно дејство, оваа форма може да се употребува и со глаголи свршени по вид:
Гледајќи настрана, таа падна од столот. Во овој случај не станува збор за истовременост,
туку за последователност на двете дејства (Саздов 20132: 67).

3.4.Глаголска именка
Во современиот македонски јазик глаголската именка се образува само од несвршени
глаголи со наставката -ње. Кај глаголите од а-група се појавува гласот а како тематски
вокал, додека од глаголите од другите две групи формата се образува со помош на
тематскиот глас е: јава – јавање, оди – одење, спие – спиење. Оваа нелична форма, како и
другите именки, има точно определен род (среден), може да се членува (читање –
читањето), а ја познава и категоријата број (движење – движења), иако не регуларно
(Саздов 20132: 66).
Оваа нелична форма не може да се образува од свршени глаголи бидејќи изразува дејство
што трае или повторливо дејство. Поради ова таа се разликува и од другите именки
изведени од глаголи, кои не означуваат процес, вклучувајќи ги и оние образувани со
наставката -ние: решение, одделение (Саздов 20132: 65). Освен тоа, Конески (2004: 451ff)
посочува и на неколку глаголски особености кои ја разликуваат оваа именка од другите.
Една од тие особености е можноста за (непосредно) врзување со предмет: Дојде директива
за исфрлање одреди на 11-ти октомври. Во народниот јазик, пак, глаголската именка се
употребува и како еден вид „замена“ на лична глаголска форма. Имено, зборовната група
едно влегување во дворот може да се сфати како замена за дел-реченицата Штом влезе во
дворот… (Конески 2004: 453).
Глаголската именка е од големо значење во развојот на македонскиот јазик, бидејќи таа
форма постепено ги заземала функциите на инфинитивот: Не треба седење, треба
работење (Конески 1996: 185). Во јазиците кои ја задржале формата за инфинитив не се
јавува вакво значење на глаголската именка, додека во македонскиот оваа употреба се
должи на контактот на македонскиот јазик со несловенски балкански јазици (Конески 1996:
179, 186).

4. Заклучок
Неличните глаголски форми во германскиот и во македонскиот јазик се интересен пример
за тенката граница помеѓу глаголот и именскиот збор. Со тоа што можат да се употребуваат
и во глаголски комплекси, а да влегуваат и во состав на именски синтагми, тие ја
покажуваат полифункционалноста на јазичните форми.
Во споредба со германскиот јазик, македонскиот брои повеќе вакви форми. Глаголската л-
форма и глаголската придавка влегуваат во состав на сложени времиња и конструкции со
помошните глаголи сум, има, слично како и германскиот втор партицип. Но, додека овој
партицип се јавува во недеклинирана форма во германскиот, во македонскиот глаголската
л-форма се менува по род и број (тој читал – таа читала, сме читале наспроти er/sie hat
gelesen, wir haben gelesen). Глаголската придавка не се менува во машки и во женски род,
туку во сложени конструкции се употребува формата за среден род. Од друга страна,
германскиот прв партицип, кој во своето значење при употреба со нелична глаголска форма
се доближува до македонскиот глаголски прилог, влегува во составот на именска синтагма
(das brennende Licht). Тоа не е случај со глаголскиот прилог во македонскиот јазик, бидејќи
овој остаток од стар партицип ги изгубил своите придавски својства и се свел на една
неменлива форма.
Глаголскиот прилог е доказ за долгогодишни процеси на промени кои ги зафатиле
неличните форми, при што се зголемиле можностите за нивно образување (на пр.
глаголската придавка денеска се образува и од непреодни глаголи), а се зголемила и нивната
употреба со тоа што некои почнуваат да ја преземаат функциите од други форми (на пр.
глаголската именка постепено го заменува стариот инфинитив). Ова се јавува како резултат
на контактот на македонскиот јазик со балкански јазици кои не се од словенската група. Со
тоа се потенцира живоста на јазикот и можностите за поместување на значењето на
одредени форми, кои не се определени строго во рамките на еден јазик, туку можат да
зависат и од одредено географско подрачје.
5. Користена литература
5.1.Кирилица
Конески, Блаже (1996): Историја на македонскиот јазик. Скопје: Детска радост.
Конески, Блаже (2004): Граматика на македонскиот јазик. Скопје: Детска радост.
Саздов, Симон (2008): Современ македонски јазик 3. Скопје: Табернакул.
Саздов, Симон (20132): Современ македонски јазик 2. Скопје: Табернакул.

5.2.Латиница
Engel, Ulrich (19963): Deutsche Grammatik. Heidelberg: Groos.
Helbig, Gerhard / Buscha, Joachim (2001): Deutsche Grammatik für den Ausländerunterricht.
Leipzig: Langenscheidt Verlag Enzyklopädie.

Zusammenfassung
Die infiniten Verbformen, die sowohl im Deutschen als auch im Mazedonischen erscheinen,
beweisen eine Reihe von interessanten Besonderheiten, mit denen sie sich an der Grenze
zwischen einem Verb und einem Substantivwort befinden. Das Deutsche zählt drei solche
Formen: Infinitiv, Partizip I und Partizip II. Alle drei lassen sich mit einem finiten Verb
verbinden und können nicht allein einen Satz bilden. So kommt der Infinitiv in Verbindung
mit Modal- und Modalitätsverben, sowie einige andere Verben und schafft damit einen
erweiterten Verbalkomplex, während sich das Partizip II nur mit den Hilfsverben sein, haben,
werden verbinden kann und zum Ausdruck komplexerer Verbformen dient. Das Partizip I ist
dagegen kein Teil eines Verbalkomplexes, sondern bezeichnet in Verbindung zum Verb ein
gleichzeitig durchgeführtes Geschehen. Außerdem können die Partizipien statt einfacher
Adjektive in einer Substantivphrase verwendet werden.
Im Mazedonischen gibt es vier infinite Formen, die Reste eines älteren, komplexeren Systems
von Partizipien sind. Zu dieser Gruppe zählen die verbale l-Form und die verbalen Adjektive,
Adverbien und Substantive. Einige von diesen lassen mit einem Hilfsverb eine komplexer
Verbalform bilden (so etwa die verbale l-Form, die zur Bildung einiger Tempora dient, sowie
das sog. verbale Adjektiv, das im Rahmen der Konstruktionen mit sein und haben zu finden
sind). Der Nachfolger des aktiven Partizips im Mazedonischen – das heutige verbale Adverb
– kann genauso wie im Deutschen Gleichzeitigkeit zweier Geschehen bezeichnen. Im
Gegensatz zur deutschen Form kann aber diese nicht in einem attributiven Kontext erscheinen.
Im Mazedonischen kann nur noch das verbale Adjektiv im Rahmen einer Substantivphrase
vorkommen und die Funktion eines einfachen Adjektivs übernehmen. Diese Formen sind ein
interessantes Beispiel für die vielfältige Funktionalität einer Form, die in unterschiedlichen
Kontexten mit neuer Bedeutung erscheinen kann.

You might also like