You are on page 1of 10

Човечноста на Господ и неблагодарноста на човекот

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, во неделата на


Раслабениот, изговорено во манастирската трпезаријата

Возљубени браќа и сестри,

Денес, на Светата Литургија, го прочитавме прекрасното и поучно четиво од Евангелието,


каде е опишано чудото што Господ наш Исус Христос го направил во бањата Витезда, со
раслабениот човек, кој цели 38 години лежел болен и неподвижен во еден од тремовите
на бањата. Почетокот на ова евангелско зачало го слушаме секогаш при чинот на
осветување вода и може да се каже дека донекаде ни е добро познато на повеќето од нас.
Но, неговиот втор дел претставува навистина една трогателна сторија за болниот човек,
каде излегува на површина уште потрогателното сочувство и човекољубие Божјо.

Имено, кога Господ Исус се искачил во Ерусалим заради празникот Јудејски, отишол еден
ден да ги посети болните во познатата лековита бања. Кога велам лековита не мислам на
полезноста за телесното здравје на термалните води, туку, како што раскажува
евангелистот, на чудото што Господ го правел преку Свој ангел, кој одвреме-навреме ја
раздвижувал водата и ја правел исцелителна за првиот што ќе влезел во неа. Тоа било едно
постојано сведоштво за присуството Божјо и за Неговата сила. Пројавата на Божествената
енергија и чудодејствие преку стихиите на земјата не била ретка појава во Стариот Завет.
Да се потсетиме само на огнениот столб, на раздвојувањето на Црвеното Море, на
Несогорливата Капина, на тивкото ветре на пророк Мојсеј итн.

Но, да се вратиме на конкретниот евангелски настан. Во бањата лежеле мнозина болни,


слепи, куци, исушени, кои очекуваа да се раздвижи водата (Јован 5,3). Сепак, од сите нив,
само оној што прв ќе влезел во облагодатената вода, оздравувал. Сигурно, кога ќе го
забележеле необичниот феномен, стотици се втурнувале во водата, ама само еден
излегувал здрав, од каква и да било болест да боледувал. Во една таква очајна средина на
човечко страдање, болест, немоќ, каде слегувањето на ангелот Господов и
раздвижувањето на водата била единствената и последната надеж, влегол
сочувствителниот Господ, кога сите други во Ерусалим се подготвувале за празникот, или
пак, ја живееле празничната атмосфера. Ги посетил, значи, страдалниците во бањата и од
многуте што се наоѓале таму, избрал да го исцели токму оној кој веројатно најдолго
престојувал таму, па би можело да се каже дури и дека живеел таму. Замислите 38 години
живот во јавни тремови, без роднини, пријатели, познаници! Можеби само некој од
помалку болните, од сочувство ќе му оставел малку храна пред неговата постелка, колку за
да може да преживее. Какво ли трпение имал тој човек! И покрај својата физичка немоќ,
покрај невозможноста самиот да влезе во водата, тој не губел надеж, туку трпеливо чекал
да се најде човек што ќе го спушти во водата веднаш по нејзиното раздвижување. И
најпосле, после скоро четири десетлетија, се појавил пред него Синот Човечки, Христос Бог,
Кој заради овој човек од Витезда, заради мене, тебе, заради секој човек на овој свет, стана
Човек во сѐ еднаков со нас, освен во гревот. Ги знаел Срцезналецот страданијата на овој
човек и неговото несфатливо трпение, па застанал до него и го прашал: Сакаш ли да
оздравиш? Се разбира, Господ знаел дека тој сакал да оздрави – рековме Нему Му биле
познати и маките и трпението на овој страдалник – но, го поставил тоа прашања за и
другите наоколу да ја слушнат трагичната приказна на едно заборавено Божјо создание.
Да, Господи! – одговорил со искра надеж човекот кој 38 години барал човек – Само немам
човек што ќе ме спушти во бањата кога ќе се раздвижи водата; додека јас да дојдам, друг
слегува пред мене (Јован 5,7).

Има ли поголема трагедија од тоа да немаш покрај себе човек во животот, но човек во
вистинска смисла?! Сите имаме потреба од присуството на другите, од нивната грижа, од
нивната љубов. Околу болниот во бањата имало многу луѓе, во градот околу бањата уште
повеќе. Меѓу нив и свештеници, левити, книжници – тие кои верувале и се молеле на Бога,
но никој од нив не се сетил да отиде во бањата и да помогне некому, кој не можел сам да
слезе во водата кога ќе се случело чудото. Затоа Господ Исус, со ова негово јавно чудо во
бањата Витезда, го истакнува она што е непоходно за секој човек: човечноста на човекот,
или како што уште современо се нарекува – хуманоста на човекот (од лат. придавка
humanus, ‘човечки, човечен’).

Човекот, завладеан од егоизмот и поробен од гревот, од сопствените грижи, стравови, од


сопствената распадливост и смртност, заборавил што значи во суштина да се биде човек.
Се оддалечил од неговото првобитно предназначение, целосно се изгубил. Се отуѓил
најнапред од Бога, а со тоа и од себеси. Неопходно било да дојде еден друг Човек, новиот
Адам, Христос, за да го пресоздаде човекот и да му ја врати неговата божествена вредност.
Овој совршен Човек, Богочовекот Христос, стана единствен пример за вистински човек, па
следствено, хуман човек, човечен човек, во онтолошка смисла може да биде само оној што
ќе Го земе Него за образец во својот живот.

Големи се Божјите добротворства во нашето секојдневие, неизмерни се. Доколку


подлабоко погледнеме во својот живот, ќе забележиме како Бог постојано нѐ чува, ни
помага. Ни испраќа и луѓе да ни помагаат и да нѐ сакаат. Следствено, треба постојано да
Му бидеме благодарни. Сега го врвиме периодот кога го славиме и благодариме за
највозвишеното Божјо добротворство – Воскресението од мртвите, поништување на
династијата на смртта и дарувањето на бесмртен живот на човештвото. Нашиот поздрав во
текот на овие четириесет пасхални денови, до празникот Вознесение, се состои во
радостотворните зборови: „Христос воскресе – Вистина воскресе!“ Но не треба само сега
да благодариме за Воскресението Христово и за нашето лично воскресение. Нашата
благодарност кон Бога треба да биде постојана.

Во денешното Евангелие го видовме Христовото сопатие со родот човечки и Неговото


безмерно човекољубие. Но, во исто време поразува и избликот на човечката
неблагодарност со која се соочил Господ. Болниот човек бил исцелен во саботен ден, и
согласно тоа што му заповедал Исцелителот, ја кренал својата постела и си заминал. Овој
настан, т.е. божемното нарушување на саботата со кревањето на постелата, ги разлутил
Јудејците до тој степен што дури сакале да Го убијат Исуса. Замислете, наместо да се
радуваат и да благодарат за исцелението на нивниот сограѓанин, на нивниот собрат, тие
збеснале против Добротворот, поведени, секако, од несовладлива завист и од нивното
идолопоклонство, од слепото поклонение на буквата од Законот, а не на неговата суштина.
Првосвештениците кои особено Му завидувале и Го мразеле Христос, се ужаснале како му
дозволил на човекот да ја крене својата постела и да замине од бањата. Нив не ги
интересирало тоа што ова бедно човечко суштество толку години лежело како жив
мртовец и сега е здраво, туку тоа кој го натерал во сабота да направи нешто „забрането“.
До каде може да стигне човечката завист и неблагодарност!

Според преданието, исцеленииот човек бил истиот оној, кој кога Спасителот Христос бил
одведен на судење пред првосвештеникот Ана, Го удрил Господа по образот (Јован 18,22).
Ова ме зачудува. Кога сум го прочитал прв пат, се чудев како е возможно човек, кому некој
му направил толку големо добро, да се осмели да го удри својот добротвор. Секако, тој тоа
го направил во својата помраченост и збунетост од гревот. Бил заслепен од суетноста на
овој свет, но веројатно и заведен од првосвештениците и книжниците. Кога после
исцелението го запрашале кој бил човекот што му рекол да си замине со постелата, тој не
знаел да одговори, бидејќи Господ Исус веднаш се изгубил во мноштвото народ. Но,
подоцна, Он го сретнал во храмот и му рекол: Ете, сега си здрав и не греши повеќе, за да не
те снајде нешто полошо! (Јован 5,14) Потоа овој им кажал на Јудејците дека Исус е тој што
го исцелил. Тие веднаш побрзале да го убедат дека не Тој, Кој е маѓепсник и соработува со
демоните, ами Бог за кого тие имаа сосема други перцепции. Тој го исцелил. Кутриот
човек, најверојатно им поверувал на нивните лукавства и се предал на гревовен живот.
Затоа, според зборовите Господови, навистина го снашло нешто полошо: станал злотвор на
својот Добротвор. Ако 38 години беше физички болен, сега неговата душа е смртно
разболена.
Се прашувам, не сме ли и ние некогаш такви, неблагодарни? Да, ужаснува тоа како може
човек на кого му е направено толку големо добротворство да возврати со таква
неблагодарност. Но, не сме ли и ние слични? Му возвраќаме ли на Бога за Неговите добри
дела со љубов? Мислам многу ретко. Се будиме од сон секое утро, а некогаш не ни сакаме
да Го поздравиме, да Му се заблагодариме, да Му кажеме дека го љубиме. Стануваме и
веднаш трчаме да направиме тоа што ни е нам угодно. Не благодариме што нѐ удостоил
тој ден повторно да ја видиме светлината. Навечер не Му благодариме за добротворствата
што ги направил во текот на денот и што нѐ оставил живи. Исто така, за жал, не знаеме да
им благодариме ниту на оние што Господ ни ги испраќа во Негово име, да ни помагаат.
Благодарноста е добродетел што Господ особено ја сака и наградува.

Затоа, мили мои, сеќавајќи се на денешното евангелско собитие, да се потрудиме да го


стекнеме блаженото трпение, за кое видовме дека е од Бога наградувано. Он го исцелил
човекот кој најмногу трпел и искрено се надевал. Колку и незгоди да ни се случуваат во
животот, колку искушенија, напади од лукавиот, од луѓе, никогаш да не негодуваме, туку
трпеливо да се надеваме на милоста Божја. А таа ќе дојде задолжително. И потоа, откако
ќе пристигне Неговото исцеление, Неговата милост, Неговата љубов, откако Он ќе нѐ
пресретне, како што тоа секогаш го прави, да го чуваме тоа со благодарност. Да не бидеме
како раслабениот од бањата Витезда, кој заборавил на добротворството од Господа и затоа
го снашло нешто уште полошо. Ако во бањата бил само телесен мртовец 38 години, а
неговата душа сепак живеела со надеж и очекување на Божјо чудо, после Неговото
исцеление и отпаѓање од Бога, тој станал веќе духовен мртовец.

Да ни дава Господ трпение и да нѐ чува од неблагодарноста!

Да сте живи и здрави!

Христос воскресе!

За бескрајната љубов и бескрајното милосрдие Божјо спрема човекот

Св. Амфилохиј, епископ Икониски, земјак, другар и пријател на св.Василиј Велики и


св.Григориј Богослов, високо образован и голем подвижник, ја опишува следната
потресна случка:

Имало некој човек, напaднат од блудната страст; тој многу често паѓал во грев, но, исто
така, многу често прибегнувал кон Бога со покајнички солзи и молитви. После покајанието,
победуван од навиката, тој повторно грешел. Но, после падот, повторно одел во Црква,
паѓал ничкум пред иконата на Господ Исус Христос, плачел и говорел: “Господи смилуј се на
мене и оттргни го од мене ова страшно искушение! Заробен од задоволствата, јас сум сиот
во ужасни рани.“

Долго време правел така, не престанувал да греши, но, не престанувал ни да се кае. Еднаш
дал завет пред иконата на Спасителот: “Господи, еве од овој час, ветувам дека никогаш
повеќе нема да згрешам. Само те молам, Благи, прости ми ги гревовите што ги направив од
почетокот, па сé досега.“

Но, иако дал таков завет, тој повторно паднал во истиот грев. И тогаш, после веќе
закоравената навика, отишол во Црква, паднал со лицето на земјата, плачејќи, ридајќи,
преколнувајќи Го милостивиот Господ да се сожали на него и да му подаде рака за помош,
бидејќи немал сили да се оттргне од гадното сладострастие.

Додека се молел и плачел, ѓаволот, гледајќи дека никако не успева да го победи, бидејќи
сите негови гревовни замки, овој покајник ги кинел и уништувал со својата надеж во
милоста Божја, му се јавил во видлив облик.

Влегол во црквата во облик на човек, и застанувајќи крај вратата, сатаната се обратил на


иконата на Господ, Спасителот наш, и громко повикал:

’Што е тоа меѓу мене и Тебе, Исусе Назареецу? Твоето сожалување е несфатливо и
неумесно! Зошто го примаш тој блудник, нечист, кој од нозете до главата е целиот
осквернавен. Тој секој ден Те прелажува, Ти се потсмева, ја презира Твојата власт, ја
прекршува заклетвата, со која Ти се заколна… Зошто во пепел не го претвориш? Зошто уште
чекаш и Си попустлив?… Зошто тогаш Те нарекуваат праведен судија? Но! Ти пристрасно
гледаш на одредени луѓе! Нема правда во судот Твој!…’
Така говорел ѓаволот и од гнев низ устата испуштал пламен. А кога тој замолкнал, од
жртвеникот се слушнал глас, сличен на далечна грмотевица. Тој глас говорел вака:

Змијо лукава и погибелна! Не ја насити својата злоба со тоа што го проголта светот, па
сакаш и оној, кој се надева на мојата милост, да го зграбиш и раскинеш. Или во него има
толку гревови, што ти ги изедначи со Крвта Моја, која е пролеана на Крстот за него! Токму
за блудниците, безакониците и грешниците Јас се распнав и за нив пречистите Свои раце
ги раширив, за секој кој сака, да прибегне кон Мене и да се спаси. Од никого Јас не се
одвраќам и на никого нема да му ја скратам Мојата добрина, па макар и некој илјада пати
на ден да Ми приоѓа, па да се оддалечува, и потоа пак да Ми пристапува…

Додека гласот грмел, ѓаволот стоел како закопан во место, не бил во состојба ни да бега,
ниту да се сокрие. А покајникот го нашле упокоен, лежејќи пред иконата и облеан во солзи.

Христе мој, воскресни ме и мене, последниот Твој пријател

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на празникот


Цветници, во манастирската трпезарија, 21 април 2019 лето Спасителово

Чесни отци и браќа монаси, мили мои браќа и сестри Христијани,

Добриот наш Господ нѐ удостои и оваа година да го празнуваме денешниот голем настан
од животот на нашиот Спасител Господ Исус Христос – Неговото последно и славно
влегување во Ерусалим, пред да биде искачен на Неговиот престол. На едно место од
светото Евангелие, поточно кога бил запрашан од судијата Понтиј Пилат дали е Тој цар,
Спасителот за Себе посведочил: Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов
на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој (Јован
18,37). Меѓутоа, каков е овој Цар и од што е составен Неговиот престол? Можеби е украсен
со чисто злато и драгоцени камења? Не, туку Неговиот престол е, всушност, Крстот на
страданијата. На овој ден Месијата, Спасителот на светот, торжествено влегол во Ерусалим,
не да го заземе местото на римската власт, туку да се искачи токму на тој престол, на Крстот
на Голгота, преку кого го ослободи светот од најгорчливата и дотогаш непобедлива
тиранија, тиранијата на смртта. Влегол во Ерусалим за да ги понесе на Себе слабостите на
овој свет, да го победи гревот што завладеал со човекот и да му го врати Божественото
достоинство. И најважно од сѐ, ќе повториме, да ја победи смртта, како причина за секоја
човечка несреќа, несигурност, страв и меланхолија.

Непосредно сврзан со свеченото влегување на Господ Исус во Ерусалим е настанот за кого


литургиски си спомнавме вчера – воскресението Лазарево. Видовме како Христос со
своето моќно, живоносно слово, го воскреснал Својот пријател Лазар, кој веќе четири дена
бил мртов и почнал да се распаѓа во гробот. Гласот за ова, дотогаш невидено и нечуено
чудо, со голема брзина се распространил среде сите жители на Ерусалим и околината, како
и помеѓу придојдените од сиот свет во Светиот Град, коишто се подготвувале да го
прослават најголемиот еврејски празник, Пасхата Господова. Сите тие биле во големо
недоумение како Некој може да воскресне мртовец кого смртта целосно го беше веќе
проголтала и следствено, со голема љубопитност и восхит сакале да Го видат необичниот
Воскресител. На тоа, во најголема мера, се должи и таквиот свечен пречек на Господа, за
кого слушнавме пред малку на Светата Литургија од евангелистот Јован.

Лазаревото воскресение било, всушност, едно ново пресоздавање. Творецот на


целокупната твар, Кој некогаш со збор го создал и првиот човек Адам, сега, повторно со
Своето слово, го пресоздава и пријателот Лазара. Но, Христос зар само на Лазар му е
пријател? Се разбира не, туку во лицето на Лазар, Тој му е пријател на човекот општо.
Барајќи го него, загубен во бездната на гревот, љубејќи го до бескрај, овој необичен Цар,
второто Лице од Троичниот Бог, слезе Самиот, се облече во човечка природа и се уподоби
на Своето создание, само за да го спаси од распадливоста. Значи, Он е нашиот најголем
пријател, Кој го сака нашето воскресение, нашето спасение, сака да нѐ избави од
сопственото ни мртвило. Да нѐ подигне од гробот што си го копаме со нашата заладеност и
отуѓеност од Бога, со студенилото и скаменетоста на срцето, коишто произлегуваат од
гревовниот начин на живот што доброволно го прифативме.

Ноќеска, на бдението, ги слушавме преубавите псалмопеења, исполнети со радост заради


воскресението на Лазара. Во нив постојано се извикуваше: „Осана во висините,
благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово“. Исус Христос е единствениот Кој
целосно, во полна смисла на зборот, дојде во името Господово. Пред Него, во името Божјо
доаѓале и пророците, но Тој дојде во полнота, Бог и Човек совршен, образ за секој човек
што се раѓа на овој свет. Па така, размислувајќи за ова човекољубиво дело на Господа, си
велев во себеси: „Христе мој! Што сѐ не направи ти за мене, а јас, бедниот, со што ти
возвратив?! Погледни што направив со себе! Се претворив во гроб. А што може да се
очекува од еден гроб, освен студенило и безнадежност? Но, Ти, Човекољупче, воскресне
ме и мене, последниот Твој пријател!“ Замислете, колку страшно нешто претставувале
гробовите пред Христовото Воскресение! Биле извор на безнадежност, очај, крај. Дури и
Самиот Христос, како човек, просолзил пред гробот на Лазара. А денес, оние гробови во
кои лежат телата на луѓе што умреле со надеж во воскресение и живот вечен не се повеќе
такви како Лазаревиот гроб и како сите други гробови наназад до Адама. Од Христа
наваму, гробовите станаа симбол на надеж и исчекување. Дури и на утеха. Да ги земеме за
пример гробовите на светиите. Тие се претвориле во места на поклонение и илјадници
души секојдневно добиваат од нив исцеление, утеха, спокој. Сега знаеме дека во
гробовите на нашите ближни, на нашите мајки, татковци, дедовци, баби, отци и праотци,
лежи правот што еден ден ќе биде повикан од Животворецот, од Царот Кој за Свој престол
го избра Крстот. При Неговото второ доаѓање на земјата, ќе воскреснат и телата од
гробовите за вечен живот. Душите, пак, на покојните уште по разделбата со телото
заминуваат во Божји раце, и тоа го знаеме, бидејќи чувствуваме како тие честопати се меѓу
нас, Господ ни ги испраќа да ни помагаат, да нѐ утешуваат. Особено, се разбира, духовите
на светиите, знајни и незнајни, кои се удостоиле со обожение уште во овој живот и добиле
од Христа голема слобода да ни содејствуваат во нашето спасение. Затоа и секојдневно им
се молиме и нивните гробови ги посетуваме, на нивните мошти чест им оддаваме.

Вчерашното бдение, значи, го поминав во молитвен плач: „Христе, љубов и радост моја,
помогни ми и извади ме од мојата бесчувствителност. Те молам повикај ме со Твојот
животворен глас, како тогаш при гробот на твојот пријател Лазар. Знам дека јас не можам
да се наречам Твој пријател, бидејќи многупати Те предадов. Но исто така, знам и дека Те
сакам, премногу Те љубам. Ти, пак, знаеш дека паѓам според мојата слабост. И бидејќи си
милостив, имам надеж дека ќе ме извадиш од гробот на скаменетоста, на студенилото и
безнадежноста и ќе ми дадеш живот“. Мили мои, Он навистина на сите нас ни дава живот
во полнота. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие (Јован 10,10) – сведочи
Самиот. Сака да нѐ извади од нашата бесчувствителност, за да се радуваме на животот.
Единствено Он може да го направи тоа, никој друг. Зарем може овој свет да ни понуди
друго спасение? Сите убавини што се во него, добиваат содржина и смисла само преку
Христа. Не можеме да му се радуваме на творението без неговиот Творец. Доколку, пак,
им се предадеме на насладите од овој свет, заобиколувајќи Го Бога, задолжително накрај
ќе бидеме повредени, зашто ништо овде нема постојана вредност и убавина. А преку
Христа сѐ е поинаку. Животот со Него е поинаков, бидејќи Неговата љубов е необична. Таа
е животворна и воскресна, оживотворува. Нема човек што ја воспримил Неговата љубов, а
да не станал нова твар, нов човек, кој живее една духовна пролет, едно радосно
воскресение. Затоа, мили мои, да Му го предадеме на Христа нашето срце, за Он да дојде
во него и да ни ја донесе таа духовна пролет, да станеме и ние чеда на Воскресението.
Спомнете си, кога прв пат сте слушнале или прочитале за Него, за Неговите поуки и чуда,
сигурно сте почувствувале благодат, некој несфатлив спокој, радост. И ерусалимјаните се
радувале со Него на Цветници, бидејќи пречекувале еден Цар, Кој дури и мртовци
воскреснувал. Затоа надвор од себеси од радост, фрлале гранки и цвеќиња по патот, ги
соблекувале дури и облеките свои за да ги постелат пред Него… Во тој серадосен восторг,
најгласни биле младенчињата и децата, кои незамолчиво го извикувале пророштвото од
Стариот Завет за доаѓањето на Месијата: Осана на Синот Давидов! Благословен е Тој што
доаѓа во името Господово! Осана на висините! Верувам дека на сите нам ни се случило
барем еднаш во животот да Го почувствуваме Христа толку блиску и да познаеме дека
единствено Неговата радост е онаа која може вистински да го израдува човекот и преку
која сите други радости имаат смисла.

Ерусалимјаните, истите оние, кои на Цветници Го поздравувале Христа со: Осана на Бога во
висините, на Велики Петок извикувале: распни Го, распни! Истото, мили мои, го правиме и
ние кога Го оставаме, кога не Го поставуваме Него пред секоја наша цел. Нека ни биде
Христос пред сѐ во овој свет. Не плашете се, нема да нѐ лиши од ништо. Тој не е тиранин
кој сака сурово да господари со нашите души, туку е Цар ослободител, Миротворец, Кој
сака да ни даде неизмерна радост. Тој е Цар Кој нѐ прави благи и добри како Него. Нѐ
прави миротворци како Него, синови Божји. Има ли поубаво од тоа постојано да го
благовестиш мирот на Овој прекрасен Цар? Нема друг вистински, вечен Цар освен Него.
Да, точно е дека човечката историја видела многу цареви, тирани, владетели, но сите тие
биле само привремени и си заминале. Помеѓу нив имало и такви коишто се осветиле, па
денес ги среќаваме на иконите и на фреските, ги спомнуваме, им се молиме. Тие стасале
дотаму, затоа што како свој образец Го имале токму Овој небесен Цар, Царот над сите
цареви. Другите владетели, пак, ги среќаваме само во историските читанки и учебници,
спомнувајќи ги било по лошо, или по некое добро и сѐ се сведува само на тоа. Нивната
власт исчезнала. А Христос царува вечно. Затоа, мили мои, да Го повикаме да влезе во нас
и да завладее со нашето битие. Верувајте, нема подобар пријател, подобар другар,
подобар брат, подобар татко од Христос. Прифатете Го. Ќе бидете среќни, радосни,
исполнети и ќе можете и другите да ги правите радосни. Со што друго овој свет може
вистински да се пофали, ако не со радоста која дојде од небото во лицето на Исус Христос?
Оваа радост ја примале во себе следбениците Негови низ сета историјата на
Христијанството и ја предавале на другите, правејќи го овој свет поубаво место за
живеење. Зашто, овој свет е возљубен од нашиот Спасител, но сепак, највозљубени Му се
нашите души. Каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и
напакости? – прашува Он во Евангелието (Матеј 16,26). Само една единствена душа во
очите на Господа е поскапа од целиот свет. Вие, сите ние поединечно, во очите Христови,
во очите на милостивиот наш Татко, сме поскапоцени од целиот свет. Гледајте колку нѐ
љуби! Затоа и крст претрпе, затоа и секојдневно трпи, ги поднесува нашите гревови,
нашите оддалечувања од Него. Но, никако не се откажува од нас, туку нѐ милува, нѐ чека
за да нѐ спаси. Сепак, мораме и ние тоа да Му го дозволиме. Ете, чувме пред малку од
беседата на светиот отец наш Климент Охридски, како на крајот повторно повикува на
будност и подготвеност да Го пресретнеме Христа. И оние, вели, коишто можеби во
почетокот на постот биле немарни, некои поради болест, некои поради слабост, па не
постеле, не размислувале за овие чудесни Божествени нешта, и сега имаат време, им
останува уште една седмица, најголемата и најсвета, за да се обратат кон Бога. Погледнете
колку е голема милоста Божја, а следствено и милоста на следбениците Христови. Оној кој
барем оваа недела искрено ќе се покае, ќе застане пред Христа и ќе Му рече: „Христе
Боже, каков и да сум, грешен, недостоен, Твој сум. Знам дека Те предадов многупати, но
повторно Тебе Ти се предавам. Те молам дојди во моето срце, еве, ќе постам шест дена, ќе
се молам повеќе овие денови, не оставај ме, но удостој ме да се поклонам на Твоите
Страдања и да го видам Твоето Воскресение!“

Чудесна е Божјата љубов, прифатете ја. На овој свет му е потребна љубов. Неопходна му е
Христовата љубов затоа што таа го преобразува. Вие треба да сте носители на таа љубов.
Да не бидеме како гордите фарисеи и лицемери, осудувачи. За жал, денес за голем број
православни Христијани можеме да заклучиме дека прекумерно се занимаваат и
осудуваат за тоа кој каков е, каков е владиката, свештеникот, игуменот, монасите, што
прави архиепископот, со кој се сретнал патријархот, што решава и како решава. Тоа е
ужасно! Бегајте од тој осудувачки дух! Смирете се при вашиот Цар, Кој е кроток и смирен
по срце (Матеј 11,29), Кој никого не осуди, дури ни тие што Го распнуваа на Крстот. Таков
треба да биде Христијанинот. Ширете ја љубовта на овој прекрасен Цар, Кој денес влезе во
Ерусалим и влегува во нашите срца. За Него нашите срца се најубавиот Ерусалим. Да не се
покажеме како неблагодарните ерусалимјани, распнувајќи Го, туку со радост да Го
пречекаме и со Него до крајот да останеме, за да нѐ совоскресне заедно со Себе.

Да сте благословени и добро воскресение!

You might also like