You are on page 1of 7

Атанасиј Лимасолски

СОВРЕМЕНОТО ИДОЛОПОКЛОНСТВО

Современото идолопоклонство не е поклонувањето пред светите


икони, од кое што некои стравуваат, обвинувајќи нè дека иконите биле
идоли во црквата. Идолите на современиот свет се други и тие имаат
такво влијание на душата на човекот и неговиот ум, така што понекогаш
го оттргнуваат човека надвор од себе и претставуваат опасност за сите
нас.

Многу нешта се неутрални и не можеме да речеме дека тие се


грев или добродетел. Тоа зависи од тоа на кое место ќе ги поставиме во
нашиот живот. Ако тие нешта излезат надвор од границите, тогаш
стануваат идоли, божества, тогаш нè поробуваат и ние ги
апсолутизираме.

На пример, сега секоја седмица во сабота и недела има


натпревари. Зарем тие екипи не одмораат? Јас имав едно големо
“благословение” да се најдам во близината на нивните приврзаници.
Една вечер патувавме со автомобил и возеше еден пријател. Во
Никозија има едно место кое е како клуб на тие фудбалски навивачи. Не
знам дали тогаш нивниот клуб беше победил или загубил. Ние се
најдовме среде една маса народ, и сите беа млади луѓе. Нашиот живот
беше изложен на ризик. Го запреа автомобиот пред нас. Јас си велам,
ако ме видат, дека и јас, попот, сум тука внатре, тогаш завршено е со нас.
За среќа, помогна Бог и ние се извлековме. Навистина се уплашив,
бидејќи за прв пат бев видел толку дива толпа луѓе. Што да ви кажам?
Имаше 500-600 млади луѓе на патот, кои се дереа, удираа по
автомобилот пред нас, не личеа како да се при себе. Ако се осмелиш да
излезеш надвор, не беше сигурно дека ќе преживееш. Не знаев дека има
толку млади во Никозија! Во нив имаше толку фанатизам, што ги вадеше
надвор од разумот. Ако некој ги снимаше со камера и потоа да им го
пуштеше филмот, за да се видат што правеа во тој миг, навистина
верувам дека тие немаше да се познаат. Зошто го кажувам ова? Бидејќи
фудбалот денес е божество.

Кога се стигнува до таму што тој дејствува на таков начин во


душата на човекот, на младиот човек, да го фанатизира до таков степен
и да го обезумува и прави опасен по животот на другите луѓе, или да го
тера да го мрази другиот човек, да ги мрази противниците и при тоа да
се случуваат сите тие безредија, да се преземаат толку драстични мерки
за безопасност, за да ги сопрат, тогаш за што говориме? Ако тоа не е
идол и божество од овој свет, тогаш што би биле идолите? И така
младите, кои имаат можност Бог да им дарува мир и смисла во животот,
и да ги натера да ги сакаат другите и да бидат кротки и разумни, Го
отфрлаат од својот живот и на Неговото место го поставуваат фудбалот.
И при тоа тие самите не играат фудбал. Ако играа, тогаш добро, бидејќи
да трчаш, да спортуваш е полезно за телото. Но, да си симпатизер на
некој клуб на таков начин е најмалото идолопоклонство.

Не знам дали некои психолози и социолози го изучувале овој


феномен, но мислам дека тоа е многу сериозно и е потребно многу
истражувања, на пример: како денес појавата фудбал функционира во
младиот човек? Што претставува тоа во крајна мерка? Една огромна
маса од фанатизирани приврзаници, кои ги полнат џебовите на
фудбалерите. Познавав неколку фудбалери во Грција, кои ми кажуваа
колку милиони драхми заработуваат. Си велиш: “Тоа си е нивна работа.
Трчаат нагоре-надолу. За да заработат пари за обувките” Всушност
ваквиот фанатизам е непотребен.

Така гледаме дека кога во нас недостасува вистинскиот Бог, кога


Тој отсуствува, тогаш во човека постои вакуум. Тоа празно место треба
да се пополни и тоа се исполнува со сè друго, вклучително и со таквите
појави од овој свет каков што е фудбалот. Фудбалот не е грев, но не е
ниту добродетел. Кога тој ќе излезе од своите граници, тогаш се
престорува во грев. Кога фудбалот ќе стане фанатизам, божество, идол,
тогаш е грев.

Истото се случува и со политичарите. Кога ќе се премине


границата и политичарот станува божество за народот, ќе стане идол, ќе
го засолни вистинскиот Бог и по некаков начин народот престанува да се
надева на Бога и почнува да се надева на политчките лидери, тогаш
колку и да се добри, сепак и тоа е грев.

Истото се случува и со нашето знаење. Кога тоа од слуга и


помошник на човекот ќе му стане цел во животот, ќе стане божество и
идол, тогаш и тоа се претвора во грев. На истиот начин сè може да стане
грев, кога ќе ја премине границата. Затоа, ние, христијаните, треба да се
научиме правилно да ги оценуваме нештата од овој свет.

Спомнете си, кога Бог го создал човекот, Тој го поставил за цар на


созданието и му ги покорил сите твари на него. Кога тие се покорни на
човекот, тогаш се многу добри, толку дури што стануваат како столб што
го води човека до богопознанието. Отците велат дека првичното
созерцание, што го испитува човекот, кога ќе навлезе во духовните тајни,
е познанието на тварите. Тоа означува дека човекот разбира, но не
интелектуално, туку опитно, преку благодатта на Светиот Дух, дека
созданието било создадено поради него, за секој од нас, и дека тој ја
има целта да Го познае Творецот. Кога созданието ќе излезе надвор од
границите и владее над човекот, тогаш се случува тоа, кое го
нарекуваме култ кон природата и вистинско идолопоклонство. Тогаш сè
започнува и завршува во природата, а човекот, царот на природата, бива
пренебрегнат.

Еден духовен и донекаде црковен човек имал голема мудрост да


го каже следното, кое го публикувале во некаков весник и ми го испратија.
Тој беше на една фотографија со своето куче. Според него, од моментот
кога ја спознал љубовта кон кучето, ја замразил љубовта на луѓето.
Односно: кога ги спознав луѓето, ги засакав и животните, или кога ги
спознав животните ги засакав и луѓето.

Тоа е како една анегдота, во која некој човек го испратиле на суд,


бидејќи ја невредил некоја жена, која ја нарекол животно. Судијата го
осудил. И човекот го запрашал судијата:

-Се извинувам, но дали смеам некое животно да го наречам со


името на некоја жена?

-Не е забрането.

-А можам ли кон него да се обратам со зборот госпоѓа?

-Да, можете.

Тогаш тој се завртел кон госпоѓата, која го судела, и и’ рекол:

-Добар ден, госпоѓо!

Знаете ли дека во Кипар имаше ваква појава: култ кон животните.


Познавав луѓе кои беа толку приврзани со животните, што не можеа да
бидат без нив, така што јадеа заедно на маса, заедно спиеја, ги возеа во
автомобили, сецело се грижеа за нив.

Гледајте, Божјиот човек, светителот, исклучително многу ги сака


животните. Но светите имале мерка и граница во својата љубов. Кога
љубовта кон животните ќе ја премине таа граница и ќе почнеме да им
зборуваме, да ги галиме, да водиме дијалог со нив тогаш тие, сиротите,
како животни не разбираат што им зборуваме, но тогаш ние стануваме
животни, за да нè разберат. Тоа исто така е грев, бидејќи човекот така
излегува од границите на разумната природа, која му ја дал Бог, и
престојува во созданието.

Од искуството кое го имам од светата тајна Исповед, кога при


мене доаѓаат разни луѓе и разговараме, можам да речам дека има и
такви кои тврдат дека се атеисти. Велат дека Го отфрлиле Бога и не
веруваат дека Тој постои. Јас им давам да разберат дека тие не Го
отфрлиле, туку дека Го замениле. Човекот не може да Го отфрли Бога.
Тој едноставно Го заменува. Го отстранува вистинскиот Бог и ги
поставува идолите. Резултатот од тоа е дека се поистоветува со тие
нешта, кои се исполнети со таков духовен мрак, така што не знае што
прави.

Во акатистот на св. Богородица се вели: “Бидејќи си направил да


заблеска во Египет светлината на вистината и си го прогонил мракот на
лагата; оти идолите, кои не можеа да ја поднесат Твојата сила,
Спасителе, паднаа”. Знаете дека, според Преданието, кога Христос
отишол во Египет, настанал земјотрес и сите идоли паднале. Треба да
знаеме дека телото е храм Божји, а нашата душа, срцето, е олтарот,
Светињата на светите. Во душата на човекот, на жртвеникот, на кој се
принесува непрестајно служење на живиот и вистински Бог, на Христа,
ние служиме на нашите страсти, на нашите идоли. За да можеме да го
очистиме Божјиот храм, за да функционира правилно нашето срце,
треба да се изврши тој процс, за кој се говори во акатистот. Всушност,
треба Христос да дојде во нашето срце, во Египет. Светите отци Египет
го подразбираат и толкуваат не како географски поим, туку како едно
пространство о кое царува гревот, ѓаволот, мракот. Кога во срцето на
човекот ќе дојде Христос, тогаш на парадоксален начин се случува
земјотрес, и идолите паѓаат еден по друг., човекот одеднаш се
разбудува и вели: “Ама, што се случило со мене, што правев сето
време?” Всушност, тој гледа што направил, гледа во што верувал, гледа
на што му служел и опитно дознава дека бил роб на таа цела
идоломанија.

Освен идолите, на кои целото општество, универзитетот,


семејството, нè поттикнуваат да им се поклониме, чувствуваме и
огромен притисок да се наведнеме и да се поклониме на идолите на
современиот свет. Се случува исто како во времето на трите момчиња
во Персија, кои биле принудувани да се поклонат на идолот, големата
статуа, поставена по заповед на Навуходоносор. Оној што не сакал да се
поклони, требало да биде убиен и изгорен. Трите момчиња тоа не го
направиле и биле фрлени во печката, но Бог ги запазил. Истото се
случува и со нас, притискани сме од нашата средина, дури и од нашите
пријатели, од родителите, од учителите, од идеите, од модата, од сè. Ти
велат дека треба да го правиш она што го прават и другите, да одиш
каде што одат другите, да правиш како што прават другите, да се
облекуваш како што се облекуваат другите, илјадници нешта, кои вие ги
знаете подобро од мене.
Освен идолите, кои ни ги предложува светот, има и такви кои ги
среќаваме и во нашиот личен живот, тоа се нашите помисли. Сите ние
секојдневно гледаме различни претстави и слики. Буквално сме
бомбардирани со ваквите слики. Во повеќето случаи тие се
предизвикувачки, бесрамни, плотски, жестоки, слики на насилства, на
омраза, злоба, на сè она што го изградува телото на гревот. Нашиот ум
функционира како фотоапарат, кој постојано слика сè што ќе види. Кога,
пак, се наоѓаме во состојба на мирување, тогаш сите тие претстави
оживуваат пред нас и градат цела претстава, цел филм. Умот може со
часови да ги гледа тие претстави. Ако човекот се обиде да се моли,
тогаш се појавува сето она што го видел, слушнал, сето тоа се појавува
на површината. Уметноста се состои во тоа човекот да може да се
ослободи од мноштвото образи, и тоа за време на молитвата. Треба да
знаете дека во духовниот живот Христос не може да биде на
периферијата. Ако Го поставиш на периферијата, тогаш нештата нема
нормално да функционираат. Кога нема да го поставиш Христа,
духовниот живот, вниманието на умот во центарот, тогаш сè дејствува
наопаку и нема никакви резултати. Кога, пак, Христос е центарот на
нашето битие, во сите наши дејства – учењето, емоциите, врските со
другите луѓе, идното семејство – односно се вртат околу Него, тогаш сè
си го зазема своето правилно место. Тогаш човекот може да се ослободи
од повеќето образи и претстави. Зошто? Затоа што се учи на тоа.

За среќа во Кипар нема толку многу киосци каде што се продаваат


списанија. Има, но не толку многу, додека во Грција ги има на секои сто
метри. Во тие киосци се изложени и се рекламира сиот тој разврат. Ја
гледаш улицата пред себе, за да не се сопнеш, и додека поминеш два
километри, може да поминеш покрај дваесет киосци. Но, и во Кипар, кога
патувам, гледам слики врз разни плакати и билбордови. Вие гледате
телевизија, таму има уште повеќе слики, со други зборови ги има
насекаде.

Што треба да направиме, да ги затвориме очите? Не знам дали


сум ви кажувал за една случка со две мали деца, да ја видите
простодушноста на малото дете. Кога бев во Солун, понекогаш доаѓаа
благочестиви семејства за да се исповедаат. Еднаш донесоа и две мали
деца. Едното девојче беше во трето одделение, а другото, Катерина, во
прво оддление. Поголемото ми рече: “Отче, во училиште децата
зборуваат лоши зборови. Што да правам?” “Ех, му велам, затвори си ги
ушите и немој да ги слушаш”. Помалото ме слушна. После малку време
пак дојде и ми вели: “Јас нешто направив и не знам дали е добро.
Додека се враќавме со сестра ми од училиште едни момчиња зборуваа
лоши зборови. Јас ги затворив ушите на Катерина, за да не може да ги
слушне, и ја турнав да оди напред, ама јас ги слушнав тие лоши зборови”.
Не станува тука збор за тоа да ги затвориме ушите. Има еден
духовен метод, кој ги победува впечатоците, а тоа е молитвата. Ако
научите да се молите тогаш и очите ќе ви функционираат на свет начин.
Со други зборови, што и да има пред вас, вие нема да го гледате со
лукави очи. Чувствата на човекот се преобразуваат и дури и очите
гледаат на свет начин. Човекот гледа на тоа што е пред него со добро
око, бестрасно. Духовниот труд на молитвата, која се извршува во умот и
во срцето на човекот кој, дури и да ја види сликата, која ја гледаат и
другите, не му дозволува таа да се отпечати во неговото сознание.
Оттука, кога човекот ќе се предаде на молитвата или се наоѓа во мир,
тогаш умот нема што да извади на јаве, нема лоши образи, туку
напротив, има добри претстави.

Кога луѓето се болни и, на пример, се наоѓаат во полусознание,


тогаш во таа состојба тие кажуваат сè што имаат внатре во себе,
скриените проблеми, емоциите. Кога таквите се црковни луѓе, тогаш во
таа состојба тие кажуваат молитви, псалми и други слични нешта,
бидејќи со тоа е исполнет нивниот внатрешен свет, а не со нечисти
нешта. Тие го очистувале внатрешниот човек не преку некаква
психолошка метода, туку преку молитвата. Кога молитвата ќе влезе во
човекот таа функционира на многу начини. Освен што ја привлекува
Божјата благодат и му помага на човекот во неговиот духовен пат и
искачување, таа станува и очистително средство, кое го очистува умот
од сето она што го видел. Не само од тоа што го видел, туку и од тоа што
го направил. Кога луѓето, кои се свесни за сопствените гревови, ќе
научат да се молат и најмногу преку умствената молитва, Исусовата
молитва, тие го исполнуваат времето, кое претходно го губеле, со оваа
молитва. Тогаш постепено се случува тоа, за коешто говоревме пред
малку – паѓаат идолите во човекот, се разрушуваат, умот се очистува,
срцето се осветува и не може да прими нечисти нешта. Човекот
стигнува до таму што дури и да сака да си претстави некаква нечиста
помисла, не може.

На пример, може да си рече: “Еве, ќе си дозволам да мислам на


некаков грев, за некаков телесен грев, па да видам што ќе се случи”. Но
не може. Исто како кога пред нас имаме некаква одвратна глетка и колку
и да сакаме да ѕирнеме, тоа не можеме да го направиме, оти ќе ни се
слоши. Како што, на пример, не можеме да јадеме расипана храна, та
колку и да ни ја ставаат со лажица во устата. Ако, пак, вкусиме, што ќе
направиме – ќе ја исплукаме. Самит стомак ја отфрла. На истиот начин и
умот и срцето, кои навикнале да примаат здрава храна, здрави образи и
здрави претстави, не ги примаат тие нечисти нешта, и ги офрлаат.

Затоа да знаете дека, противотровот на современото


идолопоклонство се состои во поклонувањето на живиот и вистински Бог,
кое се извршува на жртвеникот на нашиот внатрешен храм, наречен ум и
срце, и главно преку молитвата.

Молитвата, исто така, е само едно од средствата. Друго средство,


кое исто така е многу добро за вашата возраст е читањето. Кога велам
читање, имам предвид да читате духовни книги, и тоа, воглавно оние
што се напишани од свети луѓе, од светители. Таквите книги ја кријат
благодатта на Оној Којшто ги напишал – Светиот Дух, Којшто дејствувал
преку дадениот автор. Благодатта се канализира и се предава во
нивните зборови и текстови, и кога читаме такви книги, тогаш душата
таинствено општи со Светиот Дух. А тоа, пак, е исто така еден вид на
молитва.

Изучувањето на Евангелието, на Светото Писмо, на делата на


светите луѓе, или Житијата на светите, дејствува на здрав начин во
нашето срце и не само што го исполнува умот со добри претстави и го
ползуваме правилно нашето време, туку дарува и здравје на душата.

Читањето дејствува како противотров. Противотров од


разнообразните нечисти помисли, кои како идоли ја попречуваат нашата
молитва и вистинското служење на Бога. Освен молитвата и читањето
светите отци ни предале и друг начин. Тоа е бдението, кое го очистува
умот. Кога велиме бдение, немам в предвид на бдеењата во дискотеките,
или пак бдеењето пред телевизорот, или во празни разговори, туку на
духовно бдеење, бдение во молитва, во црква, во духовно читање.
Бдение, пост, света Литургија. Со еден збор сето она што Црквата ни го
предложува како духовни средства. Ако човекот тоа го практикува, тогаш
да знаете дека се извршува духовно лекување, коешто е предимно дело
на Црквата. Предимно дело е и светата тајна Исповед, која го исцелува
умот на човекот, така што тој, веќе чист, совршен и здрав, да може да се
движи право кон Бога.

You might also like