You are on page 1of 2

Edit doc

Како да купите здрава орхидеја


MAYA STEVCESKA · TUESDAY, 13 MARCH 2018 ·

При купување на орхидеи, секогаш се прашуваме дали сме го избрале вистинскиот


примерок, дали има некои недостатоци и сл.

Еве неколку совети од моето досегашно искуство, на што треба да внимавате при
изборот на здрав и убав примерок на орхидеја:

Здрави корени. Корените се најважниот орган на орхидејата и се специјализирани


брзо да собираат вода, па дури и да вршат фотосинтеза (поради тоа некои видови
доаѓаат во проѕирни саксии). Ако се работи за орхидеи - епифити, тие се дизајнирани
да се прилепуваат на груби површини. Корените на здравата орхидеја треба да бидат
сребренкасто сиви кога се суви и темно зелени кога ќе се влажни. Колку подолго расте
коренот, толку е поздраво растението. Мртвите корени на орхидеите се смачкани и
темни кога се влажни и бели и суви кога ќе се исушат. Орхидејата со мртви корени
нема да преживее. Кога сме кај корените, додека ги проверувате нив, убаво погледните
дали низ супстратот шетаат бубачки. Таквата орхидеја никако не ја зимајте.

Проверете ги лисјата. Овој дел е малку покомплициран, бидејќи има различни


варијации меѓу орхидеите. Некои имаат тенки и долги листови , додека други имаат
месести, рамни лисја. Во принцип, сепак, треба да барате листови кои се дебели, лесно
обоени и тешки. Бојата на листовите кај Phalaenopsisot варира од светло до темно
зелена, но тоа е сосема нормално кај овој вид. Кај видовите како Cymbidium, Cambria,
Oncidium, лисјата треба да бидат малку жолто-зелени, речиси како зелено јаболко.
Листовите што се премногу светло зелени, не се добри. Тоа значи дека орхидејата
примила премногу светлина и нема да цвета, а доколку се премногу темно зелени,
значи дека им фали светлина. Исто така, треба да се внимава на болести, штетници и
сл. Убаво проверете ги лисјата од двете страни, бидејќи често знаат во продавниците да
бидат нападнати од Црвениот пајак, па кога ќе ги донесеме дома, да си ги заразиме и
останатите растенија (ми се случило ова неколку пати). Внимавајте и на
дисколорацијата на самиот лист. Ова, како и кафеавите дамки и флеки, треба да бидат
знак дека нешто не е во ред со орхидејата. Секогаш бирајте Phalaenopsis со најмалку 6
листови на круната. Тоа е знак на возрасна, здрава орхидеја, која и понатаму ќе цвета
(оние со помалку листови или биле болни, па им ги пресекле пожолтените листови во
продавницата или се млади билки, кои понатаму ќе трошат енергија на растење, а не
на цветање)

Проверете ги булбите. Во основа има два вида на орхидеи - епифити: оние кои
растат од една растечка точка (на пример, Phalaenopsis) и оние кои растат од ризом (на
пример, Cattleya, Cambria и сл). Вториве секоја година пуштаат нова булба или
псевдобулба со нови лисја и цветна стапка. Ако купувате вакви орхидеи, бидете
сигурни дека псевдобулбите се месести и дебели.
Бројте ги пупките. Ако купувате орхидеја во цвет, гледајте да не купите таква со
сите свои пупки веќе отворени. Цветовите на орхидеите може да траат еден или повеќе
месеци, но ако купите примерок со неотворени пупки, ќе уживате во севкупното шоу
подолго. Сепак, не купувајте растенија со жолти или збрчкани пупки, бидејќи тие во
секој случај ќе паднат.

Дознајте го името. Ова можеби звучи непотребно, но добра идеја е да бидете


сигурни дека вашата орхидеја има ознака со целосно име на неа секогаш кога е можно.
Во нашава ни државичка, потешко се наоѓаат такви орхидеи, но сепак ги има. Не
купувајте растенија означени како "ORCHID" или "FLOWERING ORCHID". Подобро е
да се купи растение со полн вид или хибридно име секогаш кога е можно. Ова ќе ви
овозможи да дознаете повеќе за таа орхидеја и ако одлучите да започнете колекција,
секогаш е убаво знаете што растете.

Аклиматизација на вашата орхидеја. И конечно, ја избравте вистинската


орхидеја и ја донесовте дома. Но сеуште не е се готово. Пред да почнете да уживате во
неа, потребно е да ја оставите некое време да се аклиматизира. Орхидеите не сакаат
нагли преместувања, па така, кога ќе пристигне во вашиот дом, новата орхидеја ќе биде
во шок. Тогаш најчесто паѓаат неколку пупки, но не е крај на светот, сето тоа е
нормално. Првите неколку дена во вашиот дом треба да внимавате. Не ја изложувајте
орхидејата на директни сончеви зраци, ниски температури или провеви и никако
немојте да ја залевате со вода (некои 7-10 дена сигурно). Ова е контраинтуитивно за
многу луѓе, но обично е подобро да се дозволи орхидејата да се исуши, отколку да се
удави (и онака од продавница ни доаѓаат полуудавени). Овие растенија сакаат висока
влажност, но имаат ограничена толеранција за постојано изложување на вода, што
може да предизвика гниење и да го убие растението.

Кога ќе помине периодот на аклиматизација (како што кажав некои 7-10 дена), за
понатамошното одгледување следете ги советите специфични за секој вид. За некои
видови проверете во нашите датотеки. Среќно!!!

You might also like