You are on page 1of 144

Стојко Стојков

Штип, 2016

Штип 2023

1
2
Стојко Стојков
ИМПЕРИЈАТА НА НОВИОТ РИМ (1025 – 1453)

3
Автор: вонр. проф. д-р Стојко Стојков

ИМПЕРИЈАТА НА НОВИОТ РИМ (1025 – 1453)

Рецензенти:
проф. д-р Коста Аџиевски, вонреден проф. д-р Тони Филипоски
Лектор:
м-р Марија Иванова
Уредник:
проф. д-р Лилјана Колева Гудева
Техничко уредување:
Стојко Стојков

Издавач:
Универзитет „Гоце Делчев” - Штип
Објавено во е-библиотека: https://e-lib.ugd.edu.mk

DOI: 10.46763/9786082449623

CIP - Каталогизација во публикација


Национална и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски", Скопје
94(495.02)"1025/1453"(075.8)
930.85(495.02)"1025/1453"(075.8)
СТОЈКОВ, Стојко
Империјата на Новиот Рим [Електронски извор] : (1025–1453) : учебник / Стојко Стојков. -
Штип : Универзитет "Гоце Делчев", Факултет за образовни науки, 2023
Начин на пристапување (URL): https://e-lib.ugd.edu.mk/1122. - Текст во PDF формат, содржи
[143] стр., илустр. - Наслов преземен од екранот. - Опис на изворот на ден 15.03.2023. -
Биографски податоци: стр. [141]. - Фусноти кон текстот. - Библиографија: стр. [138-140]
ISBN 978-608-244-962-3
а) Византија -- Историја -- 1025-1453 -- Високошколски учебници
COBISS.MK-ID 59743237

4
УНИВЕРЗИТЕТ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ” – ШТИП

ФАКУЛТЕТ ЗА ОБРАЗОВНИ НАУКИ

Вон. проф. д-р Стојко Стојков

ИМПЕРИЈАТА НА НОВИОТ РИМ (1025 – 1453)

Учебник

Штип, 2023

5
ПРЕДГОВОР
Овој учебник е наменет за студентите што студираат историја и(или) археологија
на Факултетот за образовни науки при УГД – Штип. Го покрива предметот:
Империјата на Новиот Рим (1025-1453 г.), Византиска цивилизација – II, од
старата програма и како дополнителна литература по предметот Византиска
култура.
Во подготовката на овој труд се потрудив да искористам најсовремена и
истовремено актуелна научна литература, како и класични дела со непомината
важност во науката.
Материјалот е доволен за полагање на испит по посочените предмети за
студентите на УГД. И покрај тоа им препорачувам користење на дополнителна
литература: како онаа што е вклучена во библиографијата, така и онаа што е
препорачана во спецификациите на предметите за да ги прошират и надградат
своите знаења.
Се определив византиските имиња да ги давам во форми поблиски до
оригиналните, наместо вообичаените кај нас или на Запад. Затоа, наместо Јован
студентите во текстот ќе најдат Јоан, а наместо Мануел Комнен – Мануил
Комнин.
Во Учебното помагало вклучив повеќе историски извори преведени на
македонски – дел од нив за првпат. Изворите се во доволно голем обем, за на
студентите да им дадат претстава за изворните бази на овој предмет, како и да
им овозможат да допрат до уникатната атмосфера на Империјата на Новиот Рим.
Им се заблагодарувам на сите кои директно или индиректно помогнаа за појавата
на овој текст! Посебна благодарност на рецензентите проф. д-р Коста Аџиевски
и проф. Тони Филипоски за мислењата, критиките и предлозите. Исто така и на
моите студенти кои, преку разговорите за време на предавањата, искажаните
мислења, поставените прашања и забелешките, помогнаа за подобрувањето на
овој текст.

Авторот

(Предна корица: Новиот Рим, реконструкција (горе), бедемите на Константинопол


(долу); Задна корица: императорот Мануил II со семејството).

6
СОДРЖИНА

1. ОД ТРИУМФ КОН КРИЗА (1000-1056)


1.1. Последните години на владеењето на Василиј II и уредувањето на
Балканот (1018-1025)
1.2. Згаснувањето на Македонската династија – времето на Зоја и Теодора (1028-
1056)
1.2.1. Роман III Аргир (1028 – 1034)
1.2.2. Пафлагонската династија (1034-1042)
1.2.3. Константин IX Мономах (1042-1055)
1.2.3.1. Обнова на високото образование и културен процут во средината на XI
в.
1.2.3.2. Реакција против реформата и нова ситуација по границите на
империјата
1.2.4. Поделба во црквата

2. ЕКОНОМСКИ И СОЦИЈАЛНИ ПРОМЕНИ ВО ВИЗАНТИСКОТО ОПШТЕСТВО ВО XI


В.
2.1. Внатрешни промени во византиската држава и општество
2.2. Опаѓање на воената моќ на Византија

3. КРИЗАТА ВО ТРЕТАТА ЧЕТВРИНА НА XI ВЕК.


3.1. Михаил VI Стратиотик и Исак Комнин
3.2. Константин Х Дука (1059 – 1067)
3.3. Роман IV Диоген (1068-1071 г.)
3.4. Михаил VII Дука (1071-1078)
3.5. Никифор Вотанијат (1078- 1081)

4. АЛЕКСИЈ КОМНИН
4.1. Алексиј Комнин и Норманите
4.2. Војните на Алексиј Комнин со Печенезите, Куманите и со Рашка
4.4. Алексиј Комнин и Првиот крстоносен поход
4.2. Религиска политика
4.2.1. Односи со папството во крајот на XI в.
4.2.2 Префрлување на шизмата на исток
4.2.3. Алексиј Комнин и дуалистите.
4.5. Последната деценија од владеењето на Алексиј Комнин
4. 6. Социјалните и економските промени во времето на Алексиј Комнин
4.7. Воените реформи на Алексиј Комнин. Пронија.

7
5. АПОГЕЈ И ПАДОТ НА КОМНИНИТЕ
5.1. Јоан Комнин (1118-1043 г.)
5.2. Мануил I Комнин (1143-1180)
5.2.1. Западната политика на Мануил
5.2.2. Политиката на Мануил на исток
5.2.3. Црковната политика на Мануил Комнин
5.2.4. Стратегиските цели на Мануил Комнин
5.3. Падот на Комнините
5.4. Културни и духовни текови во XI и XII в.
5.4.1. Реорганизација на Цариградската патријаршија
5.4.2. Полет на монаштвото – Света Гора
5.4.3. Харистикија
5.4.4. 12 в. – врв на културната и интелектуална обнова на Новиот Рим
5.4.5. Црквата и интелектуалните појави во XI и XII в.
5.4.6. Дебатите со Папството за време на Комнините

6. ДИНАСТИЈАТА НА АНГЕЛИТЕ И ПАДОТ НА КОНСТАНТИНОПОЛ


(1185-1204)
6.1. Новиот Рим во изолација. Продлабочување на недовербата меѓу Ромеи и
Латини и растечка опасност од Западна инвазија
6.2. Слабеење на централната власт - сепаратизам во провинциите
6.3. Исак II Ангел (1185-1195)
6.4. Алексиј III Ангел (1195-1203)
6.4.1. Преговорите за унија на Исток и Запад во времето на Алексиј Ангел.
6.4.2. Последните години на Алексиј Ангел
6.5. Внатрешната положба на Византија под Комнините и Ангелите
6.6. Четвртиот крстоносен поход и Византија
6.7. Ограбување и осквернување на Новиот Рим
6.8. Последици од освојувањето на Новиот Рим

7. РАСПАД НА ИМПЕРИЈАТА И БОРБА ЗА НЕЈЗИНОТО НАСЛЕДСТВО


7.1. Partitio Romaniae и создавање на Латинската империја
7.1.1. Црковна политика на крстоносците во освоените делови на империјата
7.2. Државите наследнички
7.3. Императорот Хенрих I
7.3.1. Црковна поделеност во империјата
7.4. Раѓањето на Никејската империја

8
7.4.1. Против-акција на православната црква, патријаршијата во егзил
7.5. Продлабочување на верскиот судир
7.6. Нов претендент за Римското наследство: Епирско деспотство – Солунска
империја
7.7. Никеја и реставрацијата
7.7.1. Победа во борбата за легитимирање: Јоан Дука Ватац
7.7.2 Обнова на црковниот дијалог: Никеја и Папството
7.7.3. Внатрешната политика на Јован Ватац
7.7.4. Теодор II Ласкарис (1254–1258)
7.7.5. Обновата на Ромејската империја.

8. НОВИОТ РИМ: 1261-1354 Г.


8.1. Михаил VIII Палеолог
8.1.1. Лионска Унија
8.1.2. Отпор против Лионската унијаво Византија
8.1.3. Резултати од политиката на Михаил VIII
8.2. Новиот Рим на раскрсница: Андроник II (1282 – 1328).
8.2.1. Византија во крајот на XIII в.
8.2.2. Положбата во Мала Азија кон крајот на XIII и почетокот на XIV в.
8.2.3. Каталанската дружина на Роџер де Флор
8.2.4. Турски освојувања на Мала Азија во времето на Андроник II
8.2.5. Внатрешната положба и мерки за засилување на државата
8.2.6. Религиската политика на Андроник II
8.2.7. Андроник II Палеолог како личност и владетел (1282-1328)
8.2.8. Граѓанската војна во Византија во 1321-1328
8.3. Андроник III Палеолог (1328 – 1341)
8.4. Исихазмот и црковните борби поврзани со него
8.4.1. Почеток на Исихастичката контроверза
8.5. Граѓанската војна во Византија по 1341 г.
8.5.1. Паѓање авторитетот на Византија и нејзиниот патријарх – појава на
ривалски империи и идеја за Трет Рим.
8.6. Јоан Кантакузин (1347-1354)
8.6.1. Победа на Исихазмот
8.6.2. Обнова и засилување авторитетот на Цариградската патријаршија.

9. ВНАТРЕШЕН РАЗВОЈ НА ИМПЕРИЈАТА ОД СРЕДИНАТА НА XIII ДО СРЕДИНАТА


НА XIV В.
9.1. Слабеење на државата во крајот на XIII и во XIV в.

9
9.2. Економска и демографска криза во XIV в.
9.3. Финансиски колапс
9.4. Воено слабеење
9.5. Црквата

10. СОЦИЈАЛНА И ЕКОНОМСКА ПОЛОЖБА И СЕКОЈДНЕВЕН ЖИВОТ


10.1. На двата краја на социјалниот спектар: аристократија и робовите
10. 2. Византиското село – селани и аристократи.
10.3.1. Трговијата во Византија
10.3.2. Византискиот град
10.4 Семејството и бракот
10.4.1. Улогата на жените
10.5. Заедно во радост и тага
10.5.1. Забавата во градовите
10.5.2. Спорт
10.5.3. Страдањата во животот и смртта
10.5.4. Верски живот
10.6. Исхрана

11. ДУХОВЕН И КУЛТУРЕН ЖИВОТ


11.1. Образованието
11.2. Книги и книжевност
11.3. Полет на монаштвото и влијание на монаштвото во доцно-византиската
култура
11.4. Кодифицирање на литургиските текстови
11.4. Културни и идејни текови во доцна Византија

12. ЗАОДОТ НА ИМПЕРИЈАТА


12.1. Јоан V Палеолог
12.2. Османлиски освојувања на Балканот во втората половина на XIV в.
12.3. Мануил II Палеолог (1391-1425)
12.3.1.Битката кај Ангора и кризата во Османската држава
12.4. Последните децении на Византија (Јоан VIII (1425-1448)
12.4.1. Фирентинска унија.
12.4.2. Последици од одлуките на соборот на Исток и Запад.
12.4.3. Крстоносниот поход кон Варна.
12.5. Константин XI Драгаш и падот на Новиот Рим.

10
1. ОД ТРИУМФ КОН КРИЗА (1025-1056)
1.1. Последните години на владеењето на Василиј II и уредувањето на
Балканот (1018-1025)
(Основна литература: Острогорски, 373-379, Gregory, 2005, 246).

Византија во 1025 г.
(автор: Nécropotame [CC BY-SA 2.5 (http://creativecommons.org/licenses/by-sa/2.5)], сајт:
https://commons.wikimedia.org/wiki/File%3AMap_Byzantine_Empire_1025-fr.svg)
Империјата на Новиот Рим го достигнала своето најголемо територијално проширување
и воена моќ во средниот век имено кон крајот на владеењето на Василиј II, кој успеал да
го сруши Самуиловото царство на Балканот и да ја врати трајно границата на империјата
на Дунав, истовремено проширувајќи ги и источните граници. Уште поважни биле
неговите достигнување во однос на стабилизирање на византиската власт во новите
територии.
Василиј повел мудра, умерена, политика спрема освоените области на Балканот. На
сите великодостоинственици што доброволно му се предале тој им дал високи
византиски титули и поврзаните со тоа годишни субсидии од царската благајна.
Организирал повеќе мешани бракови меѓу Самуиловата аристократија и старата
ромејска аристократија и дал високи позиции на дворот на повеќе припадници на
Самуиловата елита, преку чие присуство ја балансирал силата на ромејската
аристократија. Припадниците на династијата на Комитопулите биле доведени во
Цариград каде добиле највисоки титули и во иднина биле назначувани далеку од
Балканот – на Исток за да бидат подалеку од своите поранешни поданици, кои
продолжувале да ја чуваат лојалноста спрема нив. Така припадниците на Самуиловиот
род служеле и како заложници за доброто однесување на нивните поданици. Василиј ги
оставил непроменети даноците воспоставени од Самуил и овие територии продолжиле
да плаќаат своите прилично ниски даноци во натура наместо во пари како што било во
останатите делови на империјата.
Тој ја потврдил автокефалноста на црквата во Самуиловото царство давајќи ѝ ранг на
архиепископија. Ја ставил во традиционалните рамки воспоставени со создавањето на
Јустинијана Прима, во чии рамки во 879 г. и во времето на Јоан Цимисхиј (869 – 976)

11
била сместувана и бугарската црква. Го озаконил нејзиниот автокефален статус
поврзувајќи ја правно со автокефалната патријаршија во Дрстар од времето на царот
Петар (927 – 968), поради што Охридскиот архиепископ вклучил во својата титула
„архиепископ на Бугарија“. Веќе во средината на XI в. нејзините поглавари ќе се
идентификуваат директно со Јустинијана Прима, а истото во XII в. ќе влезе и во титулата
на архиепископите (Stojkov, 2022, 137). Архиепископот се поставувал директно од
василевсот и бил независен од Цариградската патријаршија, Gregory, 2005, 246).
Василиј II од јадрото на покореното царство создал тема (административна единица) со
име „Бугарија“, која опфаќала територии во денешна Албанија, Србија, Македонија и
Софиско, а чиј центар бил во Скопје. Неколку децениското постоење на ова
административна единица во центарот на Балканот, заедно со името на
архиепископијата, ќе станат причина во историските извори од XI и XII в. за населението
во темата и архиепископијата, на просторот од Белград и Срем до Сердика, и од Ниш и
Рас до Драч и Тесалија да се употребува поимот „Бугари“. Истовремено, за срцето на
некогашната бугарска држава во Мизија овој поим бил заборавен, што јасно покажува
дека таквото именување не било етничко, туку административно. Поими како Бугари,
Македонци, Тракијци и т.н. во Византија во XI и XII в. имале административно, а не
етничко значење (види во Прирачникот). Покрај Дунав била создадена провинцијата
Паристрион (Крајдунавие), а со центар во Срем е создадена провинцијата Срем. Рашка
и Дукља не биле опфатени во тематската организација, но се нашле во вазална
зависност од империјата и под црковната јурисдикција на Охридскиот архиепископ. По
падот на Самуиловото царство хрватските владетели побрзале да се стават во
зависност од империјата (Острогорски, 1992, стр. 373 - 376).
Големи успеси постигнал Василиј II и на Исток. Во освоените, во периодот 963-1025 г.,
територии во Сирија, Месопотамија и Ерменија биле создадени осум нови теми:
Антиохија, Телух, Едеса, Мелитина, Тарон, Васпуркан, Иберија и Теодосипол. Василиј II
успеал да ги стабилизира и загрозените од Арабјани и Германци византиски поседи во
Јужна Италија обединувајќи ги за поуспешна одбрана во единствена административна
единица ‒ катепанат. Откако ги решил проблемите на исток и на Балканот Василиј II
подготвил голем воен поход во Италија, но за време на подготовките, на 15 декември
1025 г., големиот цар починал.
Василиј водел аскетски живот, не се оженил и не оставил деца. Го оставил царството
проширено (од Кавказ и Еуфрат до Дунав и Италија) и заштитено на сите страни. Во
негово време тоа го постигнало своето најголемо проширување од времето на големата
арапска инвазија. Меѓународниот авторитет на Византија извонредно се зголемил. Еден
од најзначајните успеси на надворешен план, секако, било покрстувањето на Русија.
Големи биле успесите и на внатрешен план: обидите за узурпација на царската власт
биле сузбиени, власта – централизирана. За целта, меѓутоа, Василиј морал лично да ја
преземе контролата над војската и поголем дел од своето владеење го поминал надвор
од столицата и во походи. Сè поголемите проблеми со кои даночната администрација
се судирала при собирањето на даноците од крупните сопственици на земја тој успеал
да ги компензира преку создавање на огромни државни имоти во освоените богати
источни провинции и со богатиот воен плен. Затоа, без разлика на незапирливите војни,
државната благајна не само што била полна, туку и значително зголемена. Според некои
истражувачи државните даночни примања во негово време достигнале врв од 3 милиони
номизми, примања, на половина од оние од времето на Јустинијан Велики, независно
од многу помалата територија. (Шене ‒ Флизен, 2010, 159)
Василиј бил наследен од својот брат Константин, кој макар што формално владеел
заедно со Василиј низ целиот негов живот, дури сега реално добил власт. За кратко
време тој успеал да ги потроши богатствата собрани од неговиот брат за празници и
спортски натпревари. Меѓутоа, покажал и одредена цврстина на карактерот и ги одбил

12
барањата на крупните земјопоседници и црквата да прекине со политиката на својот
покоен брат против крупниот земјопосед.

1.2. Згаснувањето на Македонската династија – времето на Зоја и Теодора (1028-


1056)
(Основна литература: Острогорски, 386-392; Gregory, 2005, 246-248)

1.2.1. Роман III Аргир (1028 – 1034)


Последниот император од македонската династија Константин немал машки наследник.
Имал три ќерки – Евдокија, Зоја и Теодора, од кои најстарата се замонашила, а Зоја,
василевсот се сетил да ја омажи дури на смртниот одар. Нејзината рака, а со тоа и
круната му припаднала на префектот на Константинопол Роман III Аргир (1028-1034 г.),
припадник на цивилната аристократија,1 човек со големо административно искуство.
Обидот на овој владетел да ја продолжи агресивната воена политика на Василиј
завршил неуспешно ‒ воената кампања во Сирија, предводена лично од царот,
завршила со пораз. Ситуацијата ја спасил еден од најистакнатите војсководци на тоа
време Ѓорѓи Манијак; под негово водство Византија во 1032 г. успева да ја освои Едеса.
Роман Аргир ја прекинал политиката на македонската династија против крупните
земјопоседници. Данокот алиленгион, кој ги задолжувал магнатите да го плаќаат и
данокот за земјата напуштена од селаните бил отповикан. Законите со кои на динатите2
им се забранувало да се стекнуваат со селански и војнички имоти уште биле во сила, но
повеќе го немало активното инсистирање на државата за нивното спроведување, а ниту
се преземале нови мерки во истата насока. Ширењето на крупниот земјопосед зема
голем замав за сметка на опаѓањето на слободните селански имоти.

1.2.2. Пафлагонската династија (1034-1042)


Роман Аргир ја направил грешката да ја запостави својата возрасна сопруга на бракот
со кој ја должел круната. Во 1034 г. тој ненадејно умира во бањата. Зад неговата смрт
стоеле Зоја и евнухот3 Јоан Орфанотроф,4 кој потоа ја омажил царицата за својот брат
Михаил, селанец од Пафлагонија; последниот стапува на престолот како Михаил IV
(1034-1041). Бил способен владетел, но бил болен од епилепсија и неговото здравје
постојано се влошувало. Власта се нашла во рацете на Јоан Орфанотроф, кој се
погрижил да ја изолира царицата Зоја. Тој управувал успешно со државата. Се обидувал
да ги стабилизира финансиите наметнувајќи им даноци на динатите (моќниците), но
зголемувањето на даноците го погодило, главно, сиромашното население, а
безобѕирноста со која ги собирал, создала силен револт, уште повеќе што Јоан бил
корумпиран и се погрижил да ги збогати сите свои роднини.
Владата на Михаил во 1038 г. презела важен чекор за стабилизирање власта на
Византија во Јужна Италија и враќање на Сицилија со назначувањето на најдобриот
војсководец – Ѓорѓи Манијак за катепан на Италија. Тој, вклучувајќи во својата војска
голем број Нормани, успешни навлегол на Сицилија каде освоил 13 градови меѓу кои
Сиракуза и Месина. Генералот ги земал од Сиракуза моштите на Свети Лука и ги

1 Условна поделба на аристократијата во Византија во XI в. во зависност од тоа дали соодветната


богата земјовладелска фамилија го создавала своето влијание преку високите позиции на своите
членови во војската (воена аристократија) или во бирократијата (цивилна аристократија).
2 Буквално „моќници“ ‒ така биле нарекувани луѓето кои поседувале моќ преку своето богатство

или позиција во државата и црквата.


3 Кастриран маж. Токму поради неспособноста да има потомство, а често и да прават секс,

евнусите играле важна ролја во повеќе средновековни држави вклучително во Новиот Рим.
4 Орфанотроф – човек задолжен со домовите за сираци во Константинопол.

13
испратил во Константинопол. Контранападот на муслиманите завршил со нивен целосен
пораз кај Траина. Судирот на генералот со Норманите околу распределбата на пленот,
што довел до нивно дезертирање, како и судирот со командантот на флотата – Стефан,
шура на Јован Орфанотроф, довел до негово сменување и запирање на освојувањето и
Арапите си ги вратиле териториите.
Зголемениот даночен товар, заедно со укинувањето на старите даночни привилегии во
територијата на Самуиловото царство, кои некогаш Василиј ги оставил непроменети,
довел до големо востание во 1040 г. на чело со Петар Делјан, незаконски син на царот
Гаврило Радомир, преку кое за малку не било обновено Самуиловото царство.
Византија, за краток период, ја изгубила територијата од Белград до Волос и од Драч до
Сердика. Само неслогата што настанала меѓу востаниците, со појавата меѓу нив на
Алусијан – законит син на Јован Владислав ѝ помогнала на империјата да си ја врати
контролата. Меѓутоа, хаосот предизвикан со востанието го искористил зетскиот
владетел Стефан Воислав кој успеал, по голема победа во 1042 г., да извојува
самостојност за Зета и да ја прошири со областите Травунија и Захумје.
Кога во 1041 г. Михаил починал, Јоан Орфанотроф ја убедил Зоја да го посини неговиот
внук Михаил, кој на таков начин станал василевс (Михаил V Калафат5). Меѓутоа, првата
работа на новиот владетел била да го отстрани од престолнината човекот на кој ја
должел круната – Орфанотрофот бил омразен на сите и никој не го заштитил. Но кога
Михаил се обидел да се ослободи и од Зоја испраќајќи ја во манастир, лојалното на
македонската династија цариградско население се кренало на востание – Михаил бил
симнат од власт и ослепен (20 април 1042 г.).

1.2.3. Константин IX Мономах (1042-1055)


(Основна литература: Острогорски, 393-402; Gregory, 2005, 250, 251; Angold, 1999,
230)
По ослепувањето на Михаил Калафат во 1042 г. власта им припаднала на двете сестри
Зоја и Теодора, кои, меѓутоа, се покажале неспособни да управуваат. Зоја по трет пат
се омажила, сега за угледниот сенатор Константин Мономах, роднина на покојниот
Роман Аргир.
Во времето на овој василевс империјата ги постигнува и своите последни надворешно
политички воени успеси пред големата криза што ја снашла во следните децении.
Василевсот успеал кон империјата да ја присоедини последната независна област во
Ерменија – Ани.
Императорот го вратил повторно на позиција катепан на Италија Ѓорѓи Манијак, кој
започнал да ги враќа во потчинетост нелојалните италијански градови во Апулија преку
драстични и дури монструозни мерки, што предизвикало силна огорченост против
Империјата. Како последици од дворски интриги војсководецот бил сменет и тоа на
исклучително понижувачки начин. Истиот кренал востание и тргнал кон Константинопол
и само неговата ненадејна смрт во битката крај Острово во Македонија (во која инаку
победил) ја спасилa власта на Константин Мономах.
Новата ситуација во која изгледало дека империјата веќе немала сериозни непријатели
по границата, го поттикнала императорот кон реформи, кои имале за цел да ја ослабат
силата на военото благородништво. Во граничните региони војската составена од
регрути била распуштена, а одбраната дадена на професионални одреди поставени на
клучни места. Тематската војска официјално продолжила да постои, но повеќе на
хартија. Провинциската администрација била одземена од воените команданти –
стратезите и предадена на цивилни службеници со титула судија или претор. За

5 Калафат – човек што ги пополнува празнините меѓу даските во корпусот на бродовите или
каците со отпадоци од ткаенини, прекарот го добил од занаетот на неговиот татко.

14
регулација на новиот административен систем било создадено ново министерство, пред
чиј раководител сега провинциските гувернери одговарале. Овие мерки темелно ја
измениле византиската провинциска организација и го завршила процесот на
демилитаризација на провинциската управа. Реформите биле спроведени во името на
обнова на империјата.

1.2.3.1. Обнова на високото образование и културен процут во средината на XI


в.
(Основна литература: Острогорски, 1992, 394- 395; Gregory, 2005, 248, 249; Angold,
1999, 229; Papadakis – Mayendorff, 1994, 176).
Реформата била водена од група млади луѓе со највисоки за своето време култура и
образование, во чиј состав влегувале филозофот Михаил Псел, идниот патријарх Јоан
Ксифилин, нивниот учител Јоан Мавропус, а на чело бил Константин Лихуд. Михаил
Псел бил најмаркантната фигура во оваа ренесанса, со огромно влијание кај новата
интелигенција, приврзаник на дијалектиката во теолошките истражувања, но во строго
ограничени рамки.
За успешното функционирање на новиот систем имало потреба од голем број добри
правници. Правната школа имала западнато за време на владеењето на Василиј II, така
што на почетокот на владеењето на Константин Мономах во Цариград немало ниту еден
професор по право. Константин Момонах, обратил специјално внимание на обуката на
правници и за таа цел била создадена нова Висока школа (Универзитет) во
Константинопол, во чии рамки особено значење имал правниот факултет, раководен од
Номофилакс (чувар на правото), во чии надлежности влегувал и надзор на училиштата
во Константинопол. Начело на филозофската обука бил поставен Михаил Псел (1018 –
1079) со титула ипат (конзул) на философите“.Наскоро оваа школа стекнала извонреден
авторитет не само во христијанскиот свет, но и меѓу муслиманите, и од сите страни
започнале да доаѓаат студенти зголемувајќи го значително византискиот престиж. Овде
се проучувала античката култура и римското право и се подготвувале службеници и
правници за византиската држава. Во наредните децении оваа школа ќе подготви голем
број правници и администратори кои ќе играат важна улога во преструктуирањето на
империјата во наредниот период (Angold, 1999, 229). Универзитетот создал нова урбана
интелигенција заинтересирана од идеите на Платон и Аристотел. Истражувањето на
овие автори ќе го надмине енциклопедизмот или имитирањето на постари дела од
претходните векови.
Во времето на Константин IX Мономах (1042-1055) културниот живот во престолнината
го достигнал својот најголем блесок од времето на Константин Порфирогенит.
Императорот инвестирал многу средства во церемонии, свечености и културни настани
претворајќи ја столицата во центар на модата и раскошот.
Големите инвестиции во образование и култура, како и на блескави церемонии довеле
до културен и научен процут во Византија и до мала културна ренесанса.

1.2.3.2. Реакција против реформата и нова ситуација по границите на


империјата
(Основна литература: Loud, 2006, 105 – 107; Angold, 1999, 230, 231)
Реформите засегнале интересите на многу слоеви во византиското општество и довеле
до силна реакција. Во 1047 г. против антимилитаристичката политика на царот се
кренало силно востание во темата Македонија на чело со Лав Торник. Востанието зело
голем замав и Константинопол бил опседнат, но нерешителноста на узурпаторот довела
до пораз на востанието. Императорот продолжил со реформите, но постепено
реакцијата се засилувала. Клучни носители на реформата биле принудени да се

15
повлечат во манастир (Јоан Ксифилин), или да примат епископски позиции далеку од
престолнината (Јоан Мавропус). Императорот требало да се откаже од повеќе моменти
во неа. Реформите останале недовршени, но пак сериозно ја ослабеле византиската
воена сила.
Мирниот период по византиските граници во меѓувреме завршил. Византија се
соочувала со агресијата на Норманите во Јужна Италија, а во 1048 г. Русите за последен
пат го нападнале Константинопол. Истата 1048 г. Печенезите го поминуваат Дунав.
Царската влада им дала земја за населување и се обидела да ги искористи како
помошна војска. Но наскоро тие кренале бунт и започнале да ги ограбуваат византиските
територии. Откако претрпела серија порази Византија морала да ги смирува преку
давање земја и титули на водачите. Реално, голем дел од териториите во Мизија се
нашле надвор од контролата на византиската влада. На источните граници се појавиле
нови опасни и агресивни непријатели – Турците Селџуци, кои во 1048 г. ја нападнале
што туку анексираната од Византија ерменска столица Ани (Angold, 1999, 230).
Застрашувачки правец земале настаните во Италија. Со симнувањето на Георги Манијак
и неговата побуна била изгубена надежта да биде вратена Сицилија; истовремено
омразата против Византија во Јужна Италија предизвикана од жестоките мерки на Ѓорѓи
Манијак ќе доведе до сојузување меѓу италијанската аристократија и Норманите, кои
дотогаш служеле овде само како платеници. Во 1042 г. за прв пат Норман ќе биде избран
за гроф на Апулија. Иако сѐ уште од позиција на вазали на локалните принцеви тие
започнуваат да придобиваат територии и во Калабрија и на Јадранот. Наскоро
стануваат целосно самостојни и во почетокот на 1050-те се закана за цела Јужна
Италија. Со цел да ја стабилизира ситуацијата овде императорот се обратил до
влијателниот локален аристократ Аргир и го поставил во 1051 г. за катепан и преку него
се обидел да ги придобие локалните италијански елити. Обидот се покажал неуспешен.
Порастот на норманската закана ги зближил интересите на папата Лав IX и Византија.
Војската собрана од папата со помош на Византија и Германија ќе биде уништена од
Норманите во битката кај Цивитате во Северна Апулија на 18 јуни 1053 г., а папата ќе
падне во заробеништво на Норманите. После оваа победа Норманите започнуваат
маштабни освојувања на преостанатите византиски територии во Јужна Италија (Loud,
2006, 105 – 107; Angold, 1999, 230, 231).

1.2.4. Поделба во црквата


(Основна литература: Острогорски, 402-405; Gregory, 2005, 251-252)
Еден од значајните настани во владеењето на Константин Х Мономах бил расцепот меѓу
папата и цариградскиот патријарх што се случил во 1054 г. и кој често и не особено
основано се разгледува како официјална поделба на црквата на римокатоличка и
православна.
До тоа дошло наспроти тоа што Византија и Папството имале општ интерес да се сојузат
против инвазијата на Норманите во Јужна Италија. Проблемите меѓу двете страни се
продлабочиле во текот на XI в. Во 1014 г. папата по барање на германскиот император
прифатил да ја претвори додавката Filioque6 во постојан дел од симболот на верата
(Blumenthal, стр. 11, Runciman, 1997, 30), што пак довело до тоа името на папата повеќе
да не биде спомнувано во Константинопол (Runciman, 1997, 32; Crusades, 95). Сепак
вистинска причина за конфликтот ќе биде моќното реформско движење што по 1049 г.
трајно ја зафатило западната црква. Реформаторите настојувале преку засилување на

6Латински: „и од Синот“, додавка кон симболот на верата која се појавила во VIII в. во Шпанија,
подоцна била прифатена на дворот на Карло Велики, а од 1014 г. станала официјална и во
папството, наспроти забраната да се додава нешто кон него донесена од Вториот вселенски
собор. Додавката се однесува на произлегувањето на Светиот Дух „од Отецот“ (како што е во
симболот на верата примен од вселенските собори) „и од Синот“.

16
дисциплината и зголемување на авторитетот и власта на папите да ја избават црквата
од корупција и од мешањето на световните владетели. Идејата за врховенство на
духовната над световната власт ќе доведе до остар судир меѓу црквата и светската
власт на Запад, а пак инсистирањето за монархиска власт на папата во црквата ќе
доведе до неизбежен судир со источните патријаршии, кои на папата гледале како на
прв по чест, но не и како на некој што имал право да им заповеда. Еден од првите
симптоми за новиот курс на папството било назначувањето во 1050 г. на кардиналот
Хумберт за архиепископ на Сицилија, која во тоа време била под арапска власт, но која
четири века била под јурисдикција на Цариградската патријаршија. Во областите
освојувани од Норманите Латините7 започнуваат да забрануваат практики користени од
византиската црква и да затвораат византиски цркви. Од своја страна патријархот на
Константинопол, кој се стремел да ги апсорбира полесно христијаните во новоосвоените
ерменски области се обидел да наметне единствени литургиски практики вклучително и
причестување со квасен леб, на сите христијани во империјата, што директно ги
погодило и западните што биле во Византија. Откако тие одбиле – патријархот,
информиран за она што го правеле Норманите, ги затворил латинските цркви. Во 1053
Лав I (1037 - 1054), архиепископ на автокефалната Охридска архиепископија, ќе напише
писмо до епископот Јоан од Трани во Италија, во кое ќе ги нападне дисциплинските и
литургиски практики на Латините во Италија – целибатот8 и неквасниот леб во причеста,
настапувајќи во тоа како говорник на Михаил Керулариј. Патријархот изгледа не бил
заинтересиран за богословски прашања и бил подготвен да го обнови спомнувањето на
папата доколку добие истото од папата. Во свое писмо до Лав IX тој алудирал дека
литургиските разлики не се причина да нема општење и братство меѓу двете цркви. Но
прашањата од областа на дисциплината и литургиските практики што биле подигнати ги
поставиле исто така на маса и прашањето за црковните граници и авторитет, а за истото
придонело и потпишувањето на Керулариј како „вселенски патријарх“ и неговото
тврдење дека ќе го спомнува папата, но како „брат“, наместо „татко“, како што било
порано (Papadakis – Mayendorff, 1994, 71, 152, 243; Runciman, 1997, 40 – 43; Crusades,
96, Naxidou, 10).
Во меѓувреме Норманското ширење во Италија ги поттикнувал и папството и Византија
и Германската империја на соработка во Јужна Италија. Неуспехот на општите воени
дејствија – поразот на византискиот војсководец Аргир во 1052, и на папската армија во
1053 г., како и писмото на Охридскиот архиепископ Лав, ќе биде причина папа Лав IX да
испрати делегација во Константинопол. Составена од тројца легати начело со
кардиналот Хумберт. Таа пристигнала во пролетта на 1054 г. и донела две писма од
името на веќе болниот папа до императорот и патријархот. Во писмото до патријархот
се изложувала доктрината за супрематија на папата во црквата, поставувало под
сомнение каноничноста на неговото избирање за патријарх, го обвинувале за
нарушување правата на источните патријаршии, го укорувале за употребата во титулата
на „вселенски“ и за неговите критики против римските литургиски практики и се барало
од него да се покае. Легатите се сретнале со патријархот, но на исклучителен груб начин,
одбиле да го поздрават и само му го дале писмото од папата и напуштиле. Патријархот
ги поставил под сомнение правата на легатите да го претставуваат папата, кој се наоѓал
во заробеништво кај Норманите и кој неколку дена по пристигнувањето на делегацијата
во Константинопол, умрел (15 април). Согласно каноните легатите не можеле да
претставуваат умрен папа и кога дознал за неговата смрт патријархот Михаил
Керулариј, одбил да преговара со нив додека не биде избран нов папа.
Игнорирани од патријархот легатите биле добро примени од императорот. Тие превеле
на грчки и објавиле два текста против писмото на Лав Охридски, што пак предизвикало

7 Термин користен за припадници на Западното Христијанство, поради употребата на латинскиот


јазик во литургијата, на сличен начин на кој пак „Латините“ ги именувале припадниците на
Источните цркви кои користеле во богослужбата грчкиот јазик „Грци“..
8 Забрана на свештениците да се женат.

17
одговор од студитскиот монах Никита. Разгневен од одговорот Хумберт, напишал нов
текст полн со навреди против монахот,9 а и ги нападнал уште некои верски практики на
Ромеите. Императорот исплашен дека гневниот карактер на кардиналот ќе ги упропасти
плановите за сојузот, го натерал монахот да се извини на легатите. Ефектот бил
спротивен од очекуваното – кардиналот уште повеќе се охрабрил од својот успех и го
подигнал прашањето за Filioque, со што уште повеќе ги разгневил Ромеите. Патријархот
останал настрана во сите овие настани, но тоа не го успокоило Хумберт и на 16 јули
1054 г. папските пратеници во олтарот на „Св. Софија“ после литургија поставиле була
во која се фрлала анатема на патријархот Михаил Керулариј и неговите приврзаници
(види за содржината на булата во Учебното помагало) и веднаш го напуштиле
Константинопол. Кога императорот се запознал со содржината на булата, прво одбил да
поверува дека е таа вистинита, а кога тоа се потврдило им заповедал на легатите да се
вратат и да дадат објаснување за содржината пред синод на црквата во Константинопол,
но тие категорично одбиле. Кога содржината на булата станала позната на граѓаните на
Константинопол по улиците избиле нереди и демонстрации. Императорот наредил
истата да биде јавно изгорена и ги уапсил луѓето што помогнале да се преведе на грчки.
Патријархот свикал собор на 24 јули на кој легатите биле анатемисани, но внимателно
било избегнато да не се засегне на било кој начин папството или западната црква
генерално (Runciman, 1997, 42 - 50).
Судирите меѓу Цариградската патријаршија и римските папи се случувале во минатото
повеќе пати, затоа и не зачудува што на овој настан современиците не му обратиле
посериозно внимание: „расцепот меѓу источната и западната црква во 1054 г., не е
спомнат ни со еден збор во современата византиска историографија“ (Острогорски,
1992, 383, 384; cf. Runciman, 1997, 50). Дури многу подоцна овој настан ќе биде осмислен
како конечен расцеп. Нему ќе му се даде специјално значење подоцна затоа што бил
последен расцеп. Тоа што го разликува раскинот од 1054 г. од претходните, не биле
причините или спорните прашања кои биле главно исти како и порано, туку големите
промени што течеле на Запад и кои ќе го направат расцепот перманентен. Не
меѓусебното ексомуницирање во 1054 г. довело до траен расцеп, туку големата
реформација што течела во средината на XI в. на Запад, која ги опфатила сите сфери
на духовниот и црковен живот и фундаментално и револуционерно го променило
Западното христијанство, поставувајќи го на различен пат на развој и зголемувајќи ја сè
повеќе пропаста со источната црква (Papadakis – Mayendorff, 1994, 55, 56, 70, Runciman,
1995, 94; Острогорски, 1992, 402-405; Gregory, 2005, 251-252; Ришар, 1996, 14).
Скандалозното однесување на Хумберт всушност ги изразувало мислите и односот на
многу од клучните реформатори и било примено благонаклонето на Запад каде
реформацијата создало силна самосвест и чувствителност за достоинството и
исправноста на папската институција; затоа и на настаниве им било обратено многу
поголемо внимание на Запад отколку во Константинопол (Runciman, 1997, 50, 51).
Поделбата од 1054 г., за разлика од оние порано, нема да може да се надмине зашто
двете страни повеќе нема да имаат заеднички инструмент преку кој ќе ги решаваат
спорните прашања. Порано таква улога играле вселенските собори кои се јавувале како
највисок авторитет во црквата. Новата концепција за папскиот авторитет на запад,
меѓутоа, го поставувала папата над вселенските собори, што на практика ја одземало
можноста соборите да се искористат за надминување на разликите и во иднина секое
разидување по секое прашање ќе се сведува до дилемата – прифаќање или отфрлање
на монархискиот авторитет на папата во црквата.
Разделувањето меѓу исток и запад ќе се изврши постепено во еден подолг период, кој
започнал пред 1054 г. а завршил во 1204 г., со освојувањето и ограбувањето на
Константинопол од крстоносците. Освен големата трансформација на Запад,
крстоносните походи исто одиграле важна улога во тоа преку натрупувањето на омраза

9Меѓу другото го истолкувал неговото презиме како „влекач“ и напишал дека тој треба да доаѓа
не од манастир, туку од јавна куќа.

18
и недоверба меѓу источните и западните христијани и преку пренесувањето на расколот
во источните патријаршии под крстоносна власт.
Во меѓувреме втората половина на XI в. во Византија продолжувале да гледаат на
Западот како дел од општата црква, а на расцепот, ако се сеќавале воопшто на него –
како привремен и не многу важен. Исто така судирот останал изолиран – патријаршиите
на Александрија и Еруслим така и не зеле однос по него, а Антиохискиот патријарх Петар
како единствен реален проблем ги гледал прашањата за Filioque и неквасниот леб, што
го објаснувал со недоволната образованост на Латините и предлагал да се искористи
принципот на икономија10 за да не се оди на расцеп, па дури и сметал дека Керулариј
бил непотребно крут во своите дејствија. Тој продолжил да го спомнува името на папата
Лав на литургија, така постапувал и патријархот на Ерусалим, а тоа се правело и во
Александрија најмалку до средината на XI в. Кон крајот на векот слична позиција кон
верските разлики ќе биде поддржана и од Охридскиот архиепископ Теофилакт, кој
недвосмислено ќе изјави дека разликите од литургиски и дисциплинарен карактер
вклучително и прашањето за квасниот леб се тривијални и не се причина за шизма11.
„Црковното единство е загрозено само од оние практики, кои имаат доктринарни
импликации“, ќе изјави тој. За него само два моменти создавале проблеми: додавањето
на Filioque во Симболот на верата (но кое го објаснувал со сиромашноста на латинскиот
јазик и препорачувал икономија) и претензиите на папите самостојно да решаваат за
прашањата на верата. Мнозинството на источни богослови и црковни лидери во XI в.
гледале со снисходливост на црковните практики и разбирања на латинските христијани
и сметале дека истите треба да се толерираат доколку тие не се обидуваат да ги
наметнат истите на останатите цркви. Имено не-наметнувањето ќе се покаже
невозможно за реформираното папство (Papadakis – Mayendorff, 1994, 152; Runciman,
1997, 64 – 69, 72, 73; Crusades, 97).
***
Константин Мономах умрел во 1055 г.
Последната од ќерките на Константин VIII ‒ Теодора ќе управува од свое сопствено име
до својата смрт во следната 1056 г. Со нејзината смрт конечно згаснува македонската
династија.

2. ЕКОНОМСКИ И СОЦИЈАЛНИ ПРОМЕНИ ВО ВИЗАНТИСКОТО ОПШТЕСТВО ВО XI


В.
(Основна литература: Острогорски, стр. 385, 387-388, 396-398; Gregory, 2005, 248-
250, 253)
2.1. Внатрешни промени во византиската држава и општество
По смртта на Василиј II владетелите се обиделе да ја следат неговата милитаристичка
политика, но со слаб успех. Големите воени трошоци не ги дале очекуваните резултати
и постепено настапил период на реакција. Запирањето на територијалните
проширувања, а со тоа и на пленот, богатствата и наградите што тие ги носеле со себе
довело до низа промени – елитата ги насочила своите амбиции кон престолнината,
заговорите и интригите на дворот зачестиле, воената кариера повеќе не претставувала
најдобар пат за успех како порано. Доаѓа до превласт на цивилната бирократија над
воената аристократија.

10 Црковен принцип на компромис или неприменување на каноните во целата нивна строгост,


кога таа била невозможна или контрапродуктивна, без тоа да ги укинува или алтернативата да
се претвора во преседан.
11 Црковен раскол, расцеп

19
Поучена од тешките искуства на изминатиот период, граѓански војни и узурпации,
централната власт во Константинопол, од времето на Константин Мономах, понатаму ќе
се стреми да ја ослаби силата на воените команданти. Од една страна тоа се правело
преку намалување на војската, овозможено од периодот на долг мир, кој настапил како
последица од победите на Василиј. Ослабувањето на влијанието на воените команданти
ќе се прави и преку намалување на размерот на темите, а преку тоа и на силата и
значењето на нивните стратези, како и преку зголемување на значењето на цивилните
функционери во нив, а на крајот и преку одземање на власта во темите од стратезите.
Намалувањето на размерот на темите, меѓутоа, ја ослабува силата на државната
провинциска администрација спрема локалните моќници.
Периодот што следел по 1025 г. бил период на економски и културен подем, но и на
политичка и социјална криза. Економскиот пораст наместо да резултира во зголемување
на државните приходи, всушност, води до збогатување на динатите. Сè поголем дел од
државните приходи поминуваат во нивни раце, преку добивање на имоти, титули и
привилегии од централната власт. Сè почесто се доделува делумен или целосен
даночен имунитет (екскусија)12, а исто така и судски имунитет.13 На имотите чии
сопственици поседуваат целосен имунитет државните чиновници имаат забранет
пристап – тие целосно се издвојуваат од надлежностите на државниот апарат. Се
практикувало и дарување на даночни олеснувања на големи сопственици како што биле
манастирите. Понекогаш тоа се правело како награда за извршени услуги, а понекогаш
претставувало начин на кој државата ја плаќала платата на некои од своите истакнати
функционери (Шене – Флизен, 2010, 161). Се појавува и пронијата14, која во овој почетен
период значела давање на доживотно користење на државна земја, со сите нејзини
примања, како награда за извршена служба спрема државата.
Даночната администрација често не била во состојба да ги собира даноците од богатите
сопственици, кои преку подмитувања, заплашувања или игнорирање често ги
избегнувале своите обврски. Затоа концентрацијата на големи делови од земјата во
рацете на динатите за државата значело загуба на голем дел од даноците. Во обид да
го компензира тоа намалување власта вовела систем на давање на даноците под закуп,
продавајќи го правото на собирање на даноци, во областите и провинциите на приватни
лица по цена повисока отколку што бил данокот што требало да го дава областа. Од
своја страна закупниците се стремеле да си ја вратат дадената на државата сума со
добивка што доведувало до серии злоупотреби и значително го зголемувало даночниот
товар на населението. За да можат да ги соберат даноците со добивка закупниците,
слично на крупните сопственици, создавале свој приватен апарат, кој наликувал на
државниот, и имале свои воени дружини. Напорите за собирање на повеќе даноци ги
насочувале кон оние делови на населението кои не можеле да им дадат успешен отпор.
Преку тоа реално се вршело префрлување на даночниот товар од богатите врз средните
и мали сопственици, ослабувајќи и осиромашувајќи ги. Многу од нив неспособни да го
носат даночниот товар и злоупотребите на даночните чиновници, ќе побараат заштита
кај големите земјопоседници станувајќи нивни зависни селани, зголемувајќи ја на таков
начин уште повеќе нивната сила и богатство. Признавајќи го својот пораз државата во
овој период постепено се откажала од политиката на спротивставување на ширењето
на крупниот земјопосед. Но таа и понатаму ќе продолжи да се бори против
поминувањето на париците15 на имотите на крупните земјовладетели и во секој
поединечен случај точно ќе ја одредува максималната бројка на парици кои одреден
динат смее да ги поседува. Имено, борбата за селаните, а не за земјата, ќе биде основна
во овој период (Kazdan – Konstabl, 2009, стр. 237). Независно од напорите на

12 „Екскусија“ ‒ ослободување од даноци.


13 Судскиот имунитет му давал право на динатот да им суди на своите луѓе.
14 Зборот значи подарок, бенефиција.
15 Парици биле нарекувани селаните кои биле зависни од светски аристократ, а клирици – оние

кои се зависни од црковна институција.

20
василевсите бројката на слободни селани била во постојано опаѓање, а со тоа и
примањата на државата, зашто зависните селани сите задолженија што требало да ги
имаат спрема државата ги давале на своите господари, од кои државата тешко и само
во ограничена степен можела да ги земе.
Окрупнувањето на земјопоседите имало и позитивна страна за стопанството – богатите
сопственици биле во состојба да инвестираат многу повеќе во развојот на земјоделието
и да го усовршуваат и зголемуваат земјоделското производство давајќи ѝ силен поттик
на византиската економија. Зголемените приходи меѓутоа завршувале не во државната
благајна, а во рацете на динатите. Создавањето на класа на извонредно богати
фамилии имало како последица развој на раскош и луксуз непознат за претходните
четири векови, кој им правел силен впечаток на посетителите на Империјата.
Императорите не заостанувале поназад од општиот тренд, така што започнал период
на подигање на големи и блескави градби во размер невиден од VI в. наваму, а
луксузниот живот во дворецот во тоа време во многу го надминал блесокот на
претходниот век.
Големите магнатски фамилии играле сè поголема улога во економскиот, општествениот
и политичкиот живот на Византија. Сè поважни за кариерата на одделната личност ќе
бидат фамилијарните врски. Тоа се огледува во стилот на потпишување на
официјалните документи во овој период. Наместо според старата практика да се
посочува титулата и името сега на прво место ќе биде посочувана фамилијата. Меѓу
императорите зачестуваат такви со фамилни имиња на моќни земјовладелски родови
како Аргир, Дука, Диоген, Комнин. Се засилува корупцијата и непотизмот на дворот. Еден
од симптомите за тоа е зголемувањето на бројката на доделуваните титули и со нив
поврзаните државни пензии. Тоа не можело да оди до бескрај и во времето на Никифор
Вотанијат (1078-1081) системот на титули, кој долго и успешно служел како механизам
за управување со империјата, ќе банкротира поради невозможноста на државата повеќе
да ги плаќа пензиите на носителите на титули.
Притиснати од постојаното намалување на државните примања, наспроти
зголемувањето на државните трошоци, василевсите ќе се обидуваат да заштедат за
сметка на војската или црквата. Оние кои се потпирале на цивилната бирократија ќе се
обидуваат да штедат од трошоците за војска, а претставниците на воената
аристократија – преку земањето на црковни приходи. Како трет излез се јавувало
ковањето пари со пониска содржина на злато и сребро, кон кој василевсите од времето
на Константин IX Мономах (1042-1055) понатаму активно ќе прибегнуваат. Тоа создава
инфлација во државата, а на меѓународен план угледот на византиските пари, кој бил
неспорен од времето на Константин Велики, започнува да запаѓа.

2.2. Опаѓање на воената моќ на Византија


(Основна литература: Острогорски, стр. 385, 399-401)
Неуспешниот обид да се продолжи воената експанзија од времето на Василиј II,
отсуството на сериозни надворешни закани, слабеењето на државните финансии,
заедно со стремежот на цариградските влади да се заштитат од узурпации на воените
команданти постепено ќе ја поткопаат воената сила на империјата. Намалувањето на
размерот на темите, скратувањата на војската и долгиот период на мир ја слабеат
византиската војска. Тематското уредување полека го губи воениот карактер – власта на
стратезите се ограничува, а покрај нив сè поголемо значење добиваат преторите –
претставници на цивилната провинциска управа.
Засилувањето на динатитие и пропаѓањето на воените селански имоти на стратиотите
неизбежно ја слабее домашната византиска војска. Меѓутоа, за разлика од порано сега
и државата ќе биде помалку заинтересирана за одржувањето на лесно или средно
вооружената селанска војска на стратиотите, која ќе се покаже слабо ефективна против

21
новите тешко вооружени непријатели на империјата од Запад. Уште во времето на
Василиј II странците го сочинувале најелитниот и борбен дел од византиската војска, кој
често го решавал излезот на битките. Со намалувањето на домашната стратиотска
војска странските наемнички професионални контингенти ќе добиваат уште поголемо
значење. Основниот наемнички контингент во овој период го сочинувале Варјагите
(Викинзите). Но наместо со Варјаги од Русија тој започнува да се пополнува со наемници
од Англија и Скандинавија. Тие ја сочинуваат императорската гарда и се јавуваат елитни
воени трупи. Покрај тоа важна улога играат и етникиите – трупи од странски платеници,
кои не биле дел од гардата. Новата војска се одликувала со својата повисока
професионалност и борбеност, но истовремено била и многу поскапа за издржување.
Во потрага по повеќе средства властите во Константинопол ќе им дозволат на
стратиотите со пари да се откупуваат од вршење воена служба, намалувајќи ја уште
повеќе бројката на стратиоти чии имоти освен останатото биле погодени и од кратењето
на воените трошоци на државата (Острогорски, 1992, стр. 385, 399-401).
Голема улога во слабеењето на византиската војска ќе има владата на Константин
Мономах, во чие време ќе се извршат или ќе започнат најголем дел од посочените
промени. Така реално Византија го напушта воспоставениот уште во VII в. систем на
евтина полупрофесионална војска и се навраќа кон одржувањето на професионална и
скапа армија со што била позната во антиката.

3. КРИЗАТА ВО ТРЕТАТА ЧЕТВРИНА НА XI ВЕК.


3.1. Михаил VI Стратиотик и Исак Комнин
(Основна литература: Gregory, 2005, 252-257; Острогорски, стр. 406-420).
Пред својата смрт Теодора за император го посочува Михаил VI (1055-1057) познат како
Михаил Стратиотик (Старецот), претставник на цивилната аристократија, кој ја
продолжил политиката на Конатантин Мономах. Тој ги одбил барањата на генералите
што му биле претставени од делегацијата водена од Исак Комнин и Катакалон Кекавмен.
Тоа предизвикало востание против него во Мала Азија во 1057 г. и Исак Комнин бил
прогласен за василевс. Војската испратена против него била поразена. Кога
востаниците наближиле Константинопол Михаил се обидел да склучи мир предлагајќи
му на Исак титула кесар и позиција на совладетел и наследник. Меѓутоа, додека се
воделе преговорите во Константинопол, бил кренат бунт на чело со патријархот Михаил
Керулариј и Михаил VI бил приморан да се откаже од власта и да се замонаши.
Во лицето на Исак Комнин (1057-1059) на власт доаѓа военото благородништво. За
време на своето кратко владеење тој успешно ги бранел границите на империјата на
исток, на запад ги запрел продорите на Унгарците и успеал да ги респектира Печенезите.
Неговата политика била насочена кон обнова на византиската војска силно ослабена во
последните 30 години владеење на цивилното благородништво. Засилувањето на
армијата барало големи средства какви што државата не поседувала. Спротивно со
политиката на владите од цивилното благородништво, кои штеделе преку кратење на
воените трошоци, Исак Комнин прибегнува кон одземање на привилегии дадени на
црквата и на цивилното благородништво, како и кон конфискации на црковни и други
имоти, што довело до конфликт со дотогашниот сојузник ‒ патријархот Михаил
Керулариј. Императорот и патријархот се судриле и по прашањето за независноста на
црквата од императорската власт како и за тоа која од двете власти треба да биде
супериорна. Се зборувало дека Керулариј дури носел пурпурни сандали какви што имал
право да носи единствено императорот. Меѓу нив била постигната спогодба која
значително ја зголемувала независноста на црквата и создавала извесна рамнотежа
меѓу двете власти, но таа не траела долго. На крајот патријархот бил уапсен и обвинет
за ерес, но умрел пред да биде осуден. Апсењето и смртта на патријархот предизвикале
силен револт меѓу жителите на престолнината, кои започнале на него да гледаат како
на маченик и тоа заедно со непријателскиот став на цивилното благородништво и

22
црквата против императорот довело до неговиот пад. Болниот василевс се одрекол од
престолот и се закалуѓерил (Острогорски, 1992, стр. 409).

3.2. Константин Х Дука (1059 – 1067)


(Основна литература: Острогорски, 1992, 410 – 413; Papadakis – Mayendorff, 1994, 71
– 72; Loud, 2006, 106 – 109)
Коалицијата на цивилното благородништво, црквата и поддршката на цариградското
население го донела на власт Константин Х Дука (1059-1067 г.), претставник на
влијателната фамилија Дука, пријател и следбеник на големиот византиски филозоф
Михаил Псел кого го направил учител на своите деца (Острогорски, 1992, стр. 410). За
да ја засили својата позиција, тој го зголемил бројот на сенаторите.16 Цивилната
бирократија била зголемена, а пораснале и трошоците поврзани со неа. Големи
подароци се давани на црквата, а големи трошоци се правеле и за потребите на
престолнината и нејзините жители. Пораснале и трошоците на дворот каде се водел
најраскошен живот. Така Константин Х се одолжувал на силите на кои им го должел
престолот: цивилното благородништво, црквата и населението на престолнината.
За да ги набави неопходните пари за ова расипничка политика Константин Х се вратил
кон фискалната политика на Константин IX, и започнал да ги обезвреднува парите.
Освен тоа прибегнал кон давање на даноци под закуп и продавање на државни служби.
Од друга страна драстично ги намалил трошоците за војската со што освен заштеда на
пари, имал за цел да ја ослаби опозицијата на военото благородништво и да се заштити
од узурпатори (Острогорски, 1992, стр. 411).
Тоа ослабување на армијата се правело во најнесоодветно време, кога по сите граници
на Византија непријателите се засилуваат.
Норманското освојување на териториите во Јужна Италија што Византија ги
контролирала или на кои претендирала продолжувало со полна сила. Уште пред
доаѓањето на власт на Константин Дука Норманите имале започнато со освојувањето
на кнежевството Салерно (1056), меѓу 1057 – 1060 г. е освоена Калабрија, во 1058 г. –
Капуа. Најжесток удар меѓутоа бил извршен непосредно пред неговото доаѓање на
власт, во август 1059 г. кога на соборот во Мелфи папата Никола II им ја дал на двајца
нормански лидери – Роберт Гвискард и Ричард од Капуа Јужна Италија и Сицилија како
лено, а тие за возврат се признале за вазали на папата. Ова ја зацврстило позицијата
на Норманите, легитимирајќи ја нивната власт. Тие за возврат сите цркви во своја
територија ги поставиле под папска власт и ја замениле византиската богослужба со
латинска. Подржани од Норманите папите започнуваат да ги заменуваат епископите
лојални на Византија. Со овие дејствија се директно погодени како политичките и
територијалните, така и црковните интереси и права на империјата (Runciman, 1997, 57,
Papadakis – Mayendorff, 1994, 71 – 72; Loud, 2006, 107, 108). Освојувањата на Норманите
продолжиле. До 1060 г. освојувањето на Калабрија било завршено, а во 1061 г.
започнува освојувањето на Сицилија (кое ќе продолжи до 1091 г.), а до 1064 г. е освоена
и Ломбардија. Единственото што владата на Константин Дука успеала да го преземе
било прво во соработка со Германската империја да поддржи антипапа Хонориј II, акција
која не успеала, a против Норманите да поттикне востание на незадоволната
аристократија во Апулија во 1067 г. После поразот на востанието во 1068 г. норманскиот
лидер Роберт Гвискард ја започнал опсадата на последната византиска тврдина во
Италија – Бари (Loud, 2006, 106 – 109; Runciman, 1997, 57).
На Балканот се засилиле нападите на Печенези, Узи, Кумани и Унгарци. На исток растел
притисокот и од страна на муслиманските соседи. Од една страна од Фатимидскиот

16Сенатот во империјата во тоа време се состоел од највисоко рангираните носители на


титули, а кои добивале годишно финансирање од буџетот.

23
шиитски калифат во Северна Сирија. Од друга и поопасно ‒ ослабените сунитски
емирати биле заменети од воинствените Турци Селџуци. На чело со Арп Арслан,
Селџуците ја нападнале територијата на Ерменија во 1065 г., ја ограбиле Киликија и во
1067 г. ја освоиле клучната византиска тврдина Кесареја.
Токму тогаш умира василевсот оставајќи ја империјата на своите малолетни синови во
чие име управувало регентство на чело со царицата Евдокија. Тешката воена ситуација
во империјата ја наметнала потребата од силен и воинствен лидер и таков бил најден
во лицето на Роман Диоген, генерал кој се истакнал во борбите против Унгарците и
Печенезите. Евдокија се омажила за него и тој станал император и настојник на децата
на Константин Х (Острогорски, 1992, стр. 413).

3.3. Роман IV Диоген (1068-1071 г.)


Роман Диоген сите свои напори ги насочил кон спасување на положбата во Мала Азија
запоставувајќи ја целосно Италија, што придонело за падот на последната византиска
тврдина ‒ Бари (1071 г.). Во 1068 и 1069 г. Роман успеал да постигне повеќе успеси
против Турците Селџуци. Воените походи ја покажале ослабеноста на византиската
војска – поголем дел од некогаш славните византиски трупи повеќе не постеле или
постеле само формално, така што војската на Роман Диоген се полнела со странски
платенички трупи (види во Прирачникот). Од друга страна, потфатите на императорот
често биле попречувани од интригите на дворот и пасивноста на генералитетот кој се
наоѓал во рацете на аристократи блиски до владетелската фамилија Дука, а кои биле
лошо расположени кон новиот император. Успеси се постигнувале само кога василевсот
лично присуствувал на бојното поле и ја водел војската, додека неговото отсуство
доведувало до гротескни порази.
Во 1071 г. Роман организирал голем поход со намера конечно да го реши прашањето со
Селџуците, но кај Манцикерт, близу до езерото Ван во Ерменија, на 19 август 1071 г. тој
неочекувано ја губи успешно започнатата битка поради предавството на припадникот на
владетелската фамилија Андроник Дука. Последниот раширил глас дека императорот е
убиен, што предизвикало паника и бегство на византиската војска. Изоставениот
император бил заробен од непријателот.
Поразот кај Манцикерт сам по себе го немал судбоносното значење што обично му се
припишува. Не самата битка туку настаните после неа ќе имаат фатални последици.
Роман Диоген бил ослободен од Арп Арслан откако било договорено да исплати голем
откуп, да ги врати турските заробеници и да се обврзе на голем годишен данок. При
такви услови меѓу двајцата бил заклучен мир. Меѓутоа, непријателите на Роман Диоген
во Константинопол го искористиле неговото заробување за да го отстранат од власт.
(Острогорски, 1992, стр. 413, 414).

3.4. Михаил VII Дука (1071-1078)


За василевс бил прогласен Михаил VII Дука, син на Константин Х. Кога Роман се вратил
во Византија бил пречекан како непријател. Започнатата граѓанска војна се одвивала
неповолно за Роман Диоген и тој се согласил да ја прекине под услов да му биде
гарантирана личната безбедност. Меѓутоа, откако го оставил оружјето тој бил ослепен и
умрел од здобиените рани во 1072 г. Неговото ослепување и смрт не ги прекинало
побуните во Мала Азија каде многу воени команданти се обидувале да приграбат
територии и влијание за себе. Турците Селџуци ослободени од договорот и заклетвата
што ја имале дадено на Роман Диоген започнале систематски да ги ограбуваат и
освојуваат териториите на Византија. Граѓанската војна била искористена и од
аристократите лојални на некогашното Самуилово царство и тие во 1071/2 се обиделе
неуспешно да го обноват на чело со Константин Бодин и Ѓорѓи Војтех.

24
Неспособната византиска влада не само што не била во состојба да организира отпор
во Мала Азија, туку и сама започнала да ги вика Турците на помош против различни
нелојални византиски команданти во Мала Азија, плаќајќи им за тоа големи пари. Така
турските освојувања не сретнале скоро никаков отпор, а понекогаш дури биле
финансирани со византиски пари. Најфатално за Византија, меѓутоа, било нивното
населување во Анатолиската висорамнина која на таков начин засекогаш ќе биде
изгубена за империјата.
Слабата влада на Михаил VII целосно ја препуштила Мала Азија на Турците. За да се
заштити од Норманите Михаил се обратила за помош кон Григориј Хилдебранд, избран
за папа во 1073 г. Без разлика што овој папа понесен од идејата за целосна супрематија
на папската власт ја напуштил милениумската практика и не испратил писмо со свое
исповедање на верата до источните патријарси, сепак Михаил му испратил поздравно
писмо за устоличувањето и започнал преговори, согласувајќи се на унија. Папата дури
планирал света војна за ослободување на Мала Азија водена лично од него и
организирање собор во Константинопол под негово водство каде источните цркви да се
потчинат на Рим. Со негово посредништво во 1074 г. била постигната спогодба со
норманскиот лидер Роберт Гвискард, неговата ќерка Елена била свршена за синот на
Михаил VII, а освоените територии во Италија му биле признати како мираз (Papadakis
– Mayendorff, 1994, 75; Runciman, 1997, 59; Crusades, 98, 99). Но иако Византија
избегнала нормански напад на Балканот положбата на полуостровот постојано се
влошувала поради честите и успешни напади на Унгарци и Печенези.
Византија била опфатена и од тешка економска криза – хаосот во најбогатите источни
провинции и загубата на опширни делови од Мала Азија, значело загуба на најголем дел
од приходите на државата, а на тоа се додавале брановите бегалци од исток.
Драстичните, но непромислени мерки, преземени од десната рака на василевсот ‒
логотетот Никифорица, не само што не успеале да ги решат проблемите, туку и сериозно
ја продлабочиле кризата, срушувајќи го авторитетот на владата. Вредноста на парите
опаднала, додека цените постојано растеле (Острогорски, 1992, стр. 415-418).

3.5. Никифор Вотанијат (1078- 1081)


Во 1078 г. против Михаил VII се креваат, истовремено, две големи востанија водени од
угледни генерали – аристократи: на Балканот дуксот на Драч и задушувач на востанието
на Бодин и Војтех – Никифор Вриениј, а во Мала Азија – Никифор Вотанијат, стратег на
Анатолиската тема и потомок на семејството Фока. Последниот ја придобил на своја
страна и поддршката на Селџуците. Кога Вотанијат достигнал до престолнината во
Цариград започнало востание во негова корист со активно учество и на црквата. Михаил
бил принуден да абдицира и Никифор Вотанијат свечено влегол во престолнината. Бил
крунисан за василевс и за да ја зацврсти својата позиција се оженил за сопругата на
симнатиот император Михаил, го фрлил престолонаследникот во затвор и ја раскинал
неговата свршувачка со ќерката на Роберт Гвискард (Острогорски, 1992, 418, 419;
Runciman, 1997, 59).
Истакнат генерал, но во напредната возраст, Вотанијат не бил во состојба да ја
стабилизира положбата во царството. Соочен со катастрофална ситуација на
внатрешен план Вотанијат бил приморан да продолжи со обезвреднувањето на парите,
а истовремено ‒ да раздава големи награди на своите приврзаници и сојузници за да ја
осигури својата позиција. Неговата власт се соочувала со чести бунтови и заговори.
Успеал да излезе на крај со својот конкурент Никифор Вриениј против кого го испратил
младиот и талентиран генерал Алексиј Комнин. Наскоро се појавил нов узурпатор –
новиот драчки дукс Никифор Василаки, кого исто го совладал Алексиј Комнин. Во 1080
г. во Никеја било кренато востание од Никифор Мелисин, кој се обратил за помош кон
Селџуците на Сулејман. Соработката на Вотанијат и Мелисин со Турците дополнително
го олеснило и помогнало освојувањето на Мала Азија од Турците. Во 1080 г. практично

25
цела Мала Азија се наоѓала под турска власт, во границите на Империја која се
протегала на Исток до Индија.
Во овој натпревар за власта над Византија победник ќе излезе Алексиј Комнин –
истакнат генерал и искусен политичар, кој преку брак се поврзал со фамилијата Дука и
дури бил посинет од царицата Марија. На таков начин фамилиите Комнин и Дука се
сојузиле, а ја придобиле и поддршката на фамилијата Мелисин откако на претендентот
Никифор Мелисин, кој му бил зет на Алексиј Комнин, му била ветена највисоката после
императорската титула кесар. Алексиј се договорил со командантот на странските
наемници кои го чувале градот и лесно влегол во Константинопол. Борбите по улиците
на престолнината траеле три дена. Увидувајќи ја безнадежноста на понатамошниот
отпор Никифор Вотанијат се одрекол од престолот и станал калуѓер (Острогорски, 1992,
стр. 419, 420). На 4 април 1081 г. Алексиј Комнин бил крунисан за василевс. Со тоа е
поставен почеток на владеењето на династијата на Комнините.

4. АЛЕКСИЈ КОМНИН
(Оновна литература: Острогорски, 429-431; Gregory, 2005, 258; Papadakis –
Mayendorff, 1994, 75, 76)
4.1. Алексиј Комнин и Норманите

Византија на почетокот на владеењето на Алексиј Комнин


(http://www.ict.griffith.edu.au/wiseman/Roman/Decline&Fall.html)
Положбата на империјата на чие чело дошол Алексиј Комнин била очајна. Благајната
била празна, даночните примања упропастени, војската драстично намалена и
ослабена. Цела Мала Азија била во рацете на Турците Сеџуци. Во северниот дел на
Балканот, во Мизија, владееле Печенезите од каде извршувале чести пљачкашки
напади во Тракија. Италија се наоѓала во рацете на Норманите, кои се спремале да го
нападнат Балканот и самиот Константинопол. Роберт Гвискард чија ќерка била мажена
за синот на симнатиот Михаил VII настапувал од името на својот зет, а нашол и човек
кој се претставувал за симнатиот византиски принц. Папата Григориј VII Хилдебранд,
чии планови на исток со симнувањето на Константин Дука претрпеле тежок удар,
прибегнал до новото оружје на реформираното Папство – екскомуникација17 на
владетелите од црквата и го екскомуницирал прво Никифор Вотанијат, а сега и Алексиј

17 Исклучување од црквата и забрана за примање причест.

26
Комнин и отворено ги поддржувал амбициите на Норманите за освојување на
Империјата (Papadakis – Mayendorff, 1994, 75, 76; Runciman, 1997, 59; Crusades, 99,
Ришар, 1996, 36).
Алексиј прво се смирил со Селџуците признавајќи ги нивните освојувања, давајќи им ги
веќе изгубените територии за нивно населување како федерати – на таков начин
формално биле зачувани правата на империјата, но реално територијата била изгубена.
Сето свое внимание потоа василевсот го свртел против Норманите, кои на чело со
Роберт Гвискард го опседнале Драч. Алексиј не располагал со флота и затоа ги
привлекол на помош Венецијанците, за кои зацврстувањето на воинствените Нормани
на двата брега на Јадранот било неприфатливо. Венецијанската флота успеала да ја
порази норманската и да ја симне поморската блокада на Драч. Освен тоа императорот
добил воена помош и од Селџуците. Алексиј бил принуден да ги претопува црковните
садови за да кова пари за платеничката војска, бидејќи државната благајна била празна.
Но во решавачката битка на копното кај Драч во октомври 1081 г. војската на Алексиј
претрпела тежок пораз во извесна мера благодарение на предавството на зетските
одреди на Константин Бодин. По овој пораз Драч паднал во рацете на Норманите, а тие
се пробиле на југ во Епир. На сцена настапила византиската дипломатија и Роберт
Гвискард, во пролета на 1082 г., бил принуден да се врати во Јужна Италија загрозена
од германскиот император Хенрих VI, кој поттикнат од Алексиј Комнин ги нападнал
Норманите. На Балканот војската ја оставил под водство на својот син Боемунд.
Кај Јанина, во 1082 г., Норманите по втор пат ја поразиле византиската војска, а нешто
подоцна Алексиј ќе доживее и трет пораз. Потоа Боемунд навлегол во Западна
Македонија која се јавувала како база за византиските операции против Норманите.
Војсководецот Петар Алиф го освоил Полог, а грофот Пунтес – Скопје. Принцот Боемунд
ги нападнал Охрид, а потоа Острово и Бер, го обновил Меглен, и се улогорил на реката
Вардар. Овде дознал дека тројца негови војсководци направиле заговор да поминат на
страната на василевсот – двајца биле казнети, а еден (грофот Пунтес) успеал да пребега
кај Алексиј. Боемунд ги освоил Битола, Костур и Трикала во Тесалија. Лариса ја држел
во опсада во текот на повеќе месеци, но без успех. Овде Алексиј Комнин во 1084 г. ќе
успее да им го нанесе првиот сериозен пораз на Норманите.
Неуспехот на Боемунд да се наметне во Македонија, независно од неговиот сојуз со
зетскиот владетел Константин Бодин, кој пред само една деценија бил прогласен во
Скопје за цар од приврзаниците на Комитопулите, се должат до голема мера на фактот
што самиот Алексиј Комнин преку бракот со принцеза од родот Дука и своето
посинување од царицата Марија реално се поврзал тесно и со фамилијата на
Ароновците. Ова претопување на потомците на династијата на Комитопулите во родот
на Комнини и дури истакнати ромејски фамилии, веројатно е една од причините за тоа
што понатаму до падот на Империјата под Османлиска власт населението во
Македонија и пошироко во Централниот Балкан ќе биде лојално на Империјата и ќе биде
сметано за составен дел од „Романија“ и гледано како туѓо и ромејско од српските и
бугарските владетели (Стојков, 2021, 147 – 166).
Византиската дипломатија повторно стапила во акција и ги поттикнала норманските
грофови да си ја побараат платата за четири години што им ја должел Боемунд. За
награда василевсот им ветил дарови и служба кај него или право на безбедно
повлекување. Боемунд немајќи во себе доволно пари бил принуден да се врати во
Италија за да ги собере. Искористувајќи го неговото отсуство византиската војска го
освоила Костур. Дел од грофовите поминале на страната на Алексиј. Роберт Гвискард,
кој ја отстранил германската опасност, се подготвувал за нова акција против Империјата,
но на самиот почеток умрел од чума (1085 г.). Немирите кои настанале во Италија по
неговата смрт ги парализирале Норманите за подолг период, ослободувајќи ја
Империјата од нивните освојувачки закани.

27
4.2. Војните на Алексиј Комнин со Печенезите, Куманите и со Рашка
(Основна литература: Острогорски 43-434; Gregory, 2005, 258)
Откако завршил со Норманите Алексиј требало да се пресмета со Печенезите кои ја
напаѓале и пљачкале Тракија добивајќи помош од тамошните павлиќани. При второто
навлегување византиската војска успеала да порази дел до Печенезите и да натера друг
дел да се повлече зад Хемус. Императорот организирал поход во Мизија и стигнал до
Дрстар каде што го освоил долниот град. Печензите ги повикале на помош Куманите, но
уште пред овие да стигнат Алексиј ги нападнал Печенезите во близина на Дрстар и
претрпел тежок пораз (1087), па требало да се спасува со бегство во Берое (ден. Стара
Загора). Додека овде подготвувал нова војска Куманите пристигнале кај Печенезите и
побарале да им биде даден дел од пленот што овие го зеле од Ромеите, но биле
одбиени. Започнала битка во која Печенезите биле целосно разбиени, а Куманите
немајќи доволно храна за да останат се повлекле во својата земја.
1088 и 1089 г. поминале во судири со Печенезите, кои напаѓале и грабеле во Тракија,
прекинувани од кратки примирја. Печенезите имале видлива надмоќ. И покрај
повремените византиски успеси Печенезите постепено стигнале до бедемите на
Константинопол. Од страната на морето градот бил блокиран од селџукскиот емир на
Смирна ‒ Чаха, кој се сојузил со Печенезите. Константинопол ја поминал зимата на
1090/1091 г. блокиран од копно и море. Алексиј Комнин ги повикал на помош Куманите
и со нивна помош, на 29 април 1091 г., кај Лебунион им нанел на Печенезите пораз кој
засекогаш ќе стави крај на нивното постоење како значајна и самостојна сила.
Заробените Печенези се населени во Моглен (Македонија) и во други делови на
царството и вклучени во воените списоци.
Царската флота го поразила Чаха, а наскоро византиската дипломатија против него ќе
поттикне други турски емири. Меѓусебната борба на Селџуците во Мала Азија го
ослободила царството од опасности од оваа страна.
Војни со Бодин и Вукан
Искористувајќи ја зафатеноста на Византија со Норманите зетскиот владетел Бодин
редовно ги ограбувал византиските територии и успеал да ги освои Босна и Рашка каде
како жупани ги поставил Марко и Вукан. Византискиот управник на Драч Јоан Дука во
периодот 1085-1091 успеал да ги одбие неговите напади, да поврати дел од освоените
територии во Драчката област и во Рашка и дури да го зароби Бодин. Но додека Бодин
бил смирен рашкиот жупан Вукан продолжил редовно да ја напаѓа и ограбува
византиската територија.
Откако се ослободил од опасноста од Печенезите и Чаха Алексиј лично се ангажирал
против Рашка и организирал три походи против нејзиниот жупан (1091, 1093, 1094 г.).
Вукан не смеел отворено да му се спротивстави на императорот, но кога Алексиј се
повлекувал тој ги обновувал своите напади. Појавата на нова закана од страна на
Куманите водени од претендент за византискиот престол, кој се претставувал за син на
Роман Диоген, го натерало Алексиј да заклучи мир со Вукан, задоволувајќи се со
неговото формално потчинување и земајќи заложници за да се обезбеди од
понатамошни напади.

4.3. Алексиј Комнин и Првиот крстоносен поход


(Основна литература: Gregory, 2005, 262, 263; Острогорски 434-439; Papadakis –
Mayendorff, 1994, 89 – 91; Runciman, 1995, 145, 150 – 154, 163, 164, 168; Runciman, 1997,
82 – 85; Ришар, 1996, 58 – 60)
Откако се ослободил од опасностите на Балканот Алексиј Комнин започнал подготовка
за поход во Мала Азија. Смртта на Селџукскиот владетел Малик Шах на 19 ноември
1092 г. и граѓанската војна меѓу неговиот брат и синови давале добри надежи за успех.

28
Селџуците во Мала Азија сега се нашле под водството на Килиџ Арслан, која овде ќе го
основе Иконискиот (по името на столицата) или Румскиот (од Рум = Рим) Султанат. Тој
бил активно ангажиран во борби со своите браќа за превласт во големата Селџукска
империја. Императорот се обратил кон различни владетели ан Запад и кон папата со
молба за воена помош. Неговите молби меѓутоа ќе имаат сосема неочекуван резултат
и ќе послужат како повод за организирање на Првиот крстоносен поход. Византиската
империја гледала на војната со муслиманите како на своја државна работа и помошта
што Алексиј ја барал од западните христијани имала за цел токму тоа – да се добие
воена помош за да може Византија да се одбрани или да си ги поврати изгубените
територии. Целиот простор на исток до Ерусалим за василевсите претставувал
територија што им припаѓала по право. Крстоносниот поход од друга страна гледал на
освојувањето на Ерусалим како на општо христијанско дело и си поставувал сопствени
цели, а не да ѝ служи на Византија. Поради тоа походот не бил добродојден за
империјата, а грабежите извршени од првите крстоносци ‒ сиромашните одреди на
Петар Пустиникот, кои пристигнале на дунавската граница во 1096 г., дополнително ги
влошиле односите. Собрани околу Константинопол овие сиромашни изгладнети селани
продолжиле да грабат и пустошат и затоа Алексиј побрзал да ги префрли во Мала Азија
каде тие во првиот судир со Селџуците претрпеле целосен пораз. Наскоро започнале
да доаѓаат одредите на бароните и рицарите водени од најугледни западни аристократи,
меѓу кои браќата на англискиот и на францускиот крал.
Алексиј Комнин покажал извонредна дипломатска умешност спрема нив и успеал, на
почетокот на 1097 г., од повеќето водачи да добие вазална заклетва и признание на
византискиот суверенитет врз земјите што оделе да ги ослободат. Негови вазали
станале Југ од Вермандоа, Годфроа – војводата на Лотарингија, Роберт Фландерски,
Робер Куртоа, Етиен од Блоа. Најопасниот за Византија – стариот непријател
норманскиот принц Боемунд, се покажал најнаклонет кон спогодба и положување
заклетва и дури побарал да биде поставен од императорот за Голем Доместик на
истокот, надевајќи се на таков начин да добие позиција на водач на крстоносниот поход,
кој после заклетвата практично се одвивал под врховенството на Алексиј. Императорот,
кој не му верувал на Боемунд го отклонил тоа барање, но му дал надеж дека преку
својата храброст и дела наскоро ќе ја заслужи оваа позиција. Тулускиот гроф Рајмонд
од сен Жил одбил да стане вазал, но му дал лична заклетва на Алексиј и откако бил
уверен дека Алексиј никогаш нема да ги подржи амбициите на Боемунд, се претворил
во верен сојузник на императорот. Како вазали крстоносците се задолжуваат и ветуваат
да му ги отстапат поранешните византиски територии што ќе ги освојат, а во замена
императорот ќе ги помага со храна и војска. Не е јасно дали Алексиј мислел на враќање
на секоја една поранешна територија која би била освоена, или само на оние што
Империјата ги имала изгубено од Турците по 1071 г. Во секој случај примајќи ја нивната
вазална заклетва Алексиј покажал дека нема против, ако тие создадат свои кнежевства
меѓу неговата територија и муслиманите, доколку истите кнежевства се под негова
врховна власт. Тоа реално би создало безбедносен буфер меѓу Империјата и
муслиманите (Runciman, 1995, 145, 150 – 154, 163, 164, 168; Ришар, 1996, 58 – 60).
Во јуни 1097 г. крстоносците ги поразиле Селџуците, ја зазеле Никеја и му ја предале на
Алексиј. Василевсот ја искористил можноста и неговите војски ги запоседнале Смирна,
Ефес, Сард и така поголемиот дел од Западна Мала Азија се вратил под византиска
власт.
Сојузот меѓу крстоносци и Ромеи продолжил до првата половина на 1098 г. Сите освоени
градови дотогаш му биле предадени на императорот. Но кога на почетокот на 1098 г.
Балдуин ја освојува Едеса, тој ја задржал за себе, отстранувајќи го на 10 март
православниот господар на градот, кој го имал посинето и независно што истиот
формално бил признаен за служител на Алексиј, кому Балдуин се имал заколнато во
вазална верност.

29
Алексиј кој водел војска да им помогне на крстоносците кои ја опседнувале Антиохија во
јуни 1098 г. во Феломенон бил посетен од Стефан од Блоа и други водачи на
крстоносците, што ја имале напуштено опсадата на Антиохија пред големата турска
контра-офанизва. Тие го инфомирале дека крстоносната армија најверојатно е веќе
уништена и дека Турците подготвуваат голема офанзива против Империјата. Исправен
пред опасност да биде опкружен од турски сили на пат за Антиохија, императорот го
запрел походот и се повлекол. Наспроти сите шанси на 3 јуни крстоносците ја освоиле
Антиохија, и ја поразиле големата турска војска што дошла против нив. Нема сомнение
дека доколку императорот дојдел со војска тие ќе му ја предаделе Антиохија, која до
само пред 14 години била византиска, но погрешно информиран тој се повлекол. Тоа
отворило можност за Боемунд да започне кампања да го задржи градот за себе. Сепак
крстоносците испратиле во јули до Алексиј пратеник кој да го замоли да дојде лично да
го земе градот и да им се придружи во походот кон Ерусалим. Пратеникот попречен од
турските воени сили стигнал кај Алексиј дури во есента. Во тоа време било премногу
касно за Алексиј да организира поход – сезоната на го дозволувала тоа и тој не можел
да тргне пред пролетта на следната година. Во меѓувреме во Антиохија започнала
епидемија и главниот поджрувач на идејата Алексиј да го земе градот – папскиот легат
Адемар имал умрено (1 август). Со тоа крстоносците останале без обединувачка фигура
и се распрснале подалеку од заразениот град и започнале да освојуваат територии секој
за себе. На 11 септември тие му пишале на папата со молба да дојде лично во Антиохија
и изјавиле дека се спремни да го чекаат.
Императорот им испратил писмо дека ќе дојде да им се придружи и ги моли да го
причекаат до јули 1099 г., но во тоа време било веќе премногу доцна. Крстоносците
приморани до глад тргнале за Палестина на 13 јануари 1099; во февруари единствено
останале Боемунд во Антиохија и Балдуин во Едеса. Боемунд, ослободен од
присуството на останатите крстоносни водачи и особено на Рајмонд од Тулуза кој
најдоследно ги поддржувал правата на Алексиј, и користејќи како изговор тоа што
императорот не им помогнал при освојувањето на Антиохија ја раскинал вазалната
заклетва и го задржал градот за себе, а истото било легитимирано од новодојдениот
папски легат. Понатаму Боемунд започнува да ги освојува соседните територии.
Крстоносците кои продолжиле кон Ерусалим постапиле на ист начин и започнале да ги
задржуваат освоените територии за себе. На 15 јули 1099 г. тие го освоиле Ерусалим и
го воспоставиле Ерусалимското кралство (Papadakis – Mayendorff, 1994, 89 – 91;
Острогорски, 1992, 437, 438, Ришар, 1996, 68-72; Runciman, 1995, 205 – 207, 230, 231,
235, 239 – 241, 248 -256, 261, 262)
Како последица од крстоносните освојувања Алексиј ги повратил западниот и јужниот
дел од Мала Азија, а на југоисток се појавиле четири крстоносни државички:
кнежевството на Боемунд во Антиохија, грофовството Едеса на Балдуин од Фландрија,
Тирско грофовство и, на чело на сите нив – Ерусалимско кралство на чело со Готфрид
Бујонски. Особено непријателски биле односите на Византија со норманското
кнежевство во Антиохија со кое во следните децении ќе се водат неколку војни. Особено
сериозна причина за конфликт ќе биде понатаму расколот во црквата предизвикан од
крстоносците во Сирија и Палестина.

30
Византија 1000 – 1110 г.
(http://easterneuroperussiawhap2.weebly.com/important-maps.html)

4.4. Религиска политика


4.4.1. Односи со папството во крајот на XI в.
(Основна литература: Papadakis – Mayendorff, 1994, 75, 76, Runciman, 1995, 102, 103;
1997, 61, 62, 76, 77)
Алексиј бил длабоко навреден од тоа што папата го екскомуницирал од црквата кога
дошол на власт и во одговор ги затворил латинските цркви во Империјата со исклучок
оние на неговите сојузници Венецијанците. Смртта на Григориј VII Хилдебранд во 1085
г. ги смирила донекаде односите. Во тоа време имало двајца папи на Запад – едниот
поставен од германскиот император го држел Рим, додека наследниците на Хилдебранд
биле во егзил кај Норманите. Папа Урбан II, наоѓајќи се во таква притеснета ситуација
презел чекори да се смири со Византија и на соборот во Мелфи во септември 1089 г. ја
поништил одлуката за екскомуникација на императорот и се обратил до Алексиј Комнин,
со молба да ги отвори латинските цркви и да им дозволи да одржуват служби согласно
своите обичаи. Тој го подигнал прашањето зашто неговото име не се спомнува на
литургија од патријархот во Константинопол. Причината бил што папите вдахновени од
новата идеја за целосна супрематија во црквата, ја прекинале древната практика да
испраќаат при изборот на нов папа писмо со изложување на верата до источните
патријарси. За да се одговори на папското прашање бил собран Синод начело со
патријархот Никола III, кој констатирал дека не постои одлука името да не се споменува
и дека папата треба само да го испрати неопходното писмо со изложување на верата во
18 месечен рок, и името ќе започне да се споменува. Не биле подигнати богословски
прашања, но и не било потребно – ако испрател писмо папата сам ќе декларирал каква
е неговата вера. Одлуката потврдува дека никој во Константинопол не гледал на
настанот од 1054 г. како на прекин на односите со западната црква, а како инцидент меѓу
конкретни личности и дека по тоа време големината на црковните промени на Запад
сеуште не е сфатена во Константинопол. Патријархот го известил папата за решението
на синодот со писмо, во кое му се обратил како на „брат“, а не како „татко“, го уверил
дека латинските цркви во Византија се поново отворени и можат да ги применуваат
своите сопствени обичаи без никакви пречки и го поканил да го посети Константинопол.

31
При новата идеологија прифатена во Рим, на испраќањето на писмо си исповедање на
верата до останатите патријарси се гледало како понижување на папскиот авторитет и
барање одобрување од пониски и потчинети институции. Тоа, а веројатно и несакањето
да се подигнат поново догматските прашања, до што неизбежно би дошло со испраќање
на бараното писмо, биле причините такво писмо да не биде испратено, а тоа од своја
страна го направило невозможно споменувањето името на папите во источните
патријаршии.
Останува нејасно зашто Алексиј, го поддржал де факто Урбан II, наместо папата што
седел во Рим и бил поставен таму од неговиот сојузник Хенрих IV, особено кога Урбан
не ги криел своите претензии не само кон византиските диецези во Јужна Италија, но
исто така и на Балканот. Во секој случај одлуката на Алексиј не била дочекана добро од
неговиот претставник во Италија Васил, митрополитот на Трани, а ниту на Роман,
византискиот архиепископ на Росано. Двајцата императори се јавувале природни
сојузници против хегемонистичките претензии на папите реформатори, но можеби во
Новиот Рим сеуште не ги разбирале сите апликации од реформаторското движење
раководено од папите на Стариот Рим.
Независно што во крајот на XI в. најистакнатите црковни мислители на Исток и Запад
поддржувале дека нема доволно сериозни причини за шизма, сепак веќе јасно се
оцртувало дека постои еден сериозен проблем – Filioque. И додека Теофилакт Охридски
истиот ќе се обиде да го истолкува со слабостите на латинскиот јазик, неговиот
современик Анселм од Кентербери правилно ќе воочи дека проблемот е многу подлабок
и доаѓа од различно разбирање на Света Троица на Исток и на Запад. Сепак непосредно
пред крстоносните походи официјално шизма не постоела (Runciman, 1997, 76, 77).

4.4.2. Префрлување на разсколот на исток


(Основна литература: Papadakis – Mayendorff, 1994, 84, 89 – 99; Runciman, 1995, 237,
250; 1997, 74, 75; Ришар, 1996, 73, 80 – 83, 123 – 129)
Атмосферата создадена меѓу западните христијани со реформаторското движење се
карактеризирала со силен ентузијазам и понесеност од идејата за возвишеноста на
власта на папите, како црковни поглавари кои никогаш немале испаднато во ерес
(историски неточно верување) и такви кои ја добиле од Константин Велики власта над
Западот (верување базирано врз средновековниот фалсификат „Константинов дар“); во
наметнувањето на папскиот авторитет го гледале решението на проблемите во црквата.
Овој однос лесно го пренеле врз источните цркви, кои ги немале многу од проблемите
со кои се соочувал Западот. Одбивањето да се признае апсолутниот папаски авторитет
и разликите во обичаите и практиките на Исток започнале да се гледаат како на
бунтовничко и шизматичко однесување, одбивање да се следи вистинската (т.е. според
новото разбирање – римската) црква. Така додека богословите и на исток и на запад
сеуште не гледале сериозна причина за шизма, меѓу понискиот клер и верниците таквиот
однос се ширел и за тоа допринесувале активните контакти и патувања на пилигримите
на Исток. Пилигримското движење неизбежно го пренесувало таквиот однос на исток.
Веќе пред 1090 г. ерусалимскиот патријарх Симеон II, чија патријаршија до овој момент
стоела настрана од контроверзата подигната со настанот од 1054 г. и кој го толерирал
во својата диецеза причестувањето со неквасен леб, практикувано од Латините и
Ерменците, бил провоциран од латински верски памфлет кој го напаѓал како
неправилно причестувањето со квасен леб практикувано од неговата патријаршија. Тој
напишал одговор во кој посочил дека го смета причестувањето со неквасен леб за
целосно погрешно (Runciman, 1997, 74, 75).
Можностите на Западните христијани да интервенираат во Источните цркви драстично
се зголемиле со крстоносниот поход.

32
На почетокот сѐ одело добро, додека духовен лидер на походот бил папскиот легат
Адемар, кој го имал зад себе авторитетот на папата и се залагал за соработка со
источните христијани. Така освојувањето на Антиохија им дало слобода на
православните – по заповед на Адемар црквите што Турците ги направиле џамии им
биле вратени на православните. Антиохија имала мнозинско православно население, а
православно било и мнозинството од населението во градовите на Северна Сирија (во
селата пак доминирале јаковитите монофизити). Антиохискиот патријарх Јоан IV Оксит
бил ослободен од затвор и свечено вратен на својата позиција. Адемар влегол во
кореспонденција и со Ерусалимскиот патријарх Симеон, избеган во Кипар. Напишал и
неколку писма до папата од свое име и од името на патријархот на Ерусалим третирајќи
го последниот како поглавар подеднакво на источните и на латинските епископи овде.
Работите се менуваат кога на 1 август 1098 г. Адемар умира. Само за месец по неговата
смрт односот чувствително се менува. Крстоносците ќе му пишат на папата од Антиохија
на 11 септември 1098: „ние ги скршивме Турците и паганите, но не знаеме како да ги
победиме еретиците, Грците и Ерменците и Сириските Јаковити“ – Источните христијани
веќе се видени како непријатели. Крстонсоците го поканиле папата да го заземе другото
седиште на апостол Петар – тоа на Антиохија, игнорирајќи го наполно фактот дека овде
има законски патријарх. Сепак во октомври сеуште барем еден од водачите на походот
Рајмонд од Тулуза уште покажувал почит кон правата на императорот и кон тие на
патријархот на Антиохија. Откако во октомври го освоил градот Албара, тој постигнал
еден негов свештеник да биде поставен за епископ од страна на православниот
патријарх (Runciman, 1995, 250; 1997, 84-86).
Со и заминувањето на крстоносците за Ерусалим, отфрлањето на вазалната заклетва
спрема Алексиј и присвојувањето на Антиохија до Боемунд работите брзо се менуваат.
Иако почетната цел на походот била да се помогне на „црквите во источните региони“,
наместо да ја почитуваат хиерархијата на месните христијани, крстоносците
започнуваат истата да ја заменуваат со своја, практика определена од некои модерни
автори како „црковен колонијализам“.
Веднаш после освојувањето на Ерусалим на 25 јули 1099 бил поставен латински
патријарх Арнулф од Шок, независно што имало православен таков кој се наоѓал на
Кипар – Симеон, чија титула претходно била признаена од Адемар. Патријархот имал
умрено малку пред тоа, но крстоносците не знаеле за тоа кога си поставиле нов
патријарх и тоа без да се консултираат со православниот клер. Новиот патријарх
започнал со измачување на православните монаси за да откријат каде избеганиот
патријарх Симеон имал скриено некои реликвии, а неговиот наследник ги избркал сите
источни православни од црквата на Божи гроб која ја зачувал само за Латините. Чудото
со слегувањето на огнот потоа не се случило додека православните не биле допуштени
во службите, што го поттикнало ерусалимскиот крал да ги обнови нивните права
(Runciman, 1997, 87, 88).
Во времето на освојување на Ерусалим, на 29 јули 1099 г. умира и организаторот на
походот и благонаклонет на соработка со источните христијани папа Урбан II . Во
септември 1099 на Исток доаѓа нов папски легат - Даимберт, кој ќе ја подржи
антивизантиската линија. Му ја дал формално Антиохија на Боемунд како лено, како таа
да му припаѓа на папата, а Боемунд да бил негов вазал. Игнорирајќи го живиот
антиохиски патријарх и црковните канони тој поставил нов латински патријарх на
Антиохија - Бернар од Валенсија, а потоа поставил латински епископи во Едеса и Тарс,
а интервенирал и во организирањето на Ерусалимската црква (Papadakis – Mayendorff,
1994, 84; Ришар, 1996, 73).
Антиохискиот патријарх Јоан се повлекол во Константинопол, каде наскоро ќе напише
текст против „азимитите“.18 Алексиј и императорите по него воспоставуваат практика да

18 Луѓе што се причестуваат со бесквасен леб.

33
поставуваат патријарси на Антиохија и Ерусалим во егзил и така да ја одржуваат
православната линија на поглавари на овие две патријаршии.
Крстоносците започнале во нарушување на каноните да поставуваат латински епископи
во епархиите чии православни епископи биле отсутни, а наскоро започнале да ги
менуваат и оние што биле на своите катедри. Крстоносците ја промениле традиционата
структура на црквата на исток затворајќи некои епископски седишта. Така во
митрополијата Феникија останале само 3 од 7 епископии. Во 1120 г. била прифатена
соборска одлука латинските епископи да земаат десеток од сите поданици и правни
субјекти на Ерусалимското кралство, вклучително православни манастири и
свештеници. За да може некако да се менаџираат односите со православните на некои
места било дозволено да се изберат од страна на православниот клер водачи на кои им
давале номинално титула од седиште на епископии што крстоносците ги затвориле, но
истите биле сметани за викарии (помошници) и сугфрагани (зависни) на латинскиот
епископ на кој ветуваат верност (Ришар, 1996, 123 – 129). Православните манастири се
присилувани да ги прифатат латинските епископи како свои раководители. Од
манастирите и свештениците се барало формално потчинување. Законите во
Ерусалимското кралство ги третирале источните христијани (православни и
монофизити) и муслиманите како граѓани втора категорија и применувале линија на
нетолеранција против муслимани, Евреи и православни, додека имале нешто
попозитивен однос спрема монофизитите (Papadakis – Mayendorff, 1994, 95, 96). Надвор
од тоа православните во Палестина наоѓаат одредена закрила од кралската власт и
меѓу различните христијански групи биле воспоставено ниво соработка и соживот
(Runciman, 1997, 88, 89).
Црковната ситуација на исток фундаментално се менува со создавањето на двете
латински патријаршии. Империјата нив не ги признавала и инсистирала за враќањето на
православната хиерархија во нив. Протерувањето на крстоносците од Антиохија и
враќањето на православниот патријарх таму, ќе стане клучен елемент од византиската
политика спрема крстоносните држави и сериозно ќе ги отежни нивните меѓусебни
односи. Заборавајќи брзо дека тие самите ги имале узурпирано двете патријаршии и
протерано православните епископи Латините пак ќе гледаат на барањата на империјата
како обид за мешање во внатрешните работи на источните цркви и отфрлање на
папскиот авторитет.
Од своја страна, откако ги потчинил со сила Антиохиската и Ерусалимската патријаршии
папите ќе инсистираат понатаму да ги потчинат и Цариградската и Александриската
патријаршии. Во 1112 г папа Пасхал II му испратил писмо на Алексиј во кое повикувајќи
се на фалсификатотот „Константинов дар“ барал потчинување на црквата во
Константинопол „како што било воспоставено од верниот принц Константин и потврдено
со согласноста на светите собори“. Инсистирањето на наследниците на Урбан II да ја
наметнат реформаторската политика во Империјата на Новиот Рим постојано ги
отежнува односите.
Во ист правец била и папската политика спрема Александриската патријаршија, која
останува во контролирана од муслиманите територија. Иако папството не успева да ја
придобие, сепак во XII в. александриската патријаршија продолжувала да го спомнува
името на папата и да биде во црковно општење како со Константинопол така и со Рим,
а во 1215 г. испратила и свој претставник на Латеранскиот собор. Дури во 1310 г., откако
изгубило надеж да ја придобие Александриската патријаршија папството започнува да
поставува титуларни александриски патријарси, одбивајќи на таков начин да ги признае
патријарсите во Александрија за легитимни (Runciman, 1997, 99, 100).
Така наспроти црковното единство на кое се надевал папата Урбан II, крстоносните
походи довеле до ескалирачка шизма и антагонизам во црквата. Воспоставувањето од
страна на папството на нова и паралелна црковна структура на Исток, во директно
нарушување на каноните и одлуките на вселенските собори, со целосно непочитување

34
на правата и традициите на источните патријаршии имала повеќе-димензионален
негативен и долготраен ефект. Таа го реализирала расколот во практиката, ги
направила претензиите на папите за доминација во црквата сосема реално и актуелно
прашање за источните патријаршии, ги навредила и понижила источните христијани, го
раширила непоправливо разидувањето од највисоко, до најниско лаичко ниво. Сепак
барем до крајот на XII в. во црквата во Византија сеуште не е општоприфатено
мислењето дека треба целосно да се прекине секакво евхаристичко општење со
Латините (Papadakis – Mayendorff, 1994, 84, 89 – 99, Runciman, 1997, 100, 101, Ришар,
1996, 80 - 83).

4.4.3. Алексиј Комнин и дуалистите.


За време на борбите со Норманите Алексиј морал да се справи и со внатрешна закана,
која доаѓала од приврзаниците на некои дуалистички учења.
Една од овие групи биле Павлиќаните. Павлиќаните, дуалистичка воинствена секта
појавена во раниот среден век во Ерменија, долго и упорно војувале против Византија
во источните делови на Мала Азија. За да го разбие нивниот отпор византиската власт
преселила делови од нив во Тракија и особено во реонот на Филипопол (ден. Пловдив).
Со текот на времето тие се претвориле во многубројна и влијателна заедница во овие
краишта. За време на војната против Норманите тие дезертирале и потоа одбивале да
се вклучат во походите на Алексиј. Во 1082 г. за време на својот втор поход против
Норманите императорот се погрижил да ги казни. Нивните водачи биле уапсени, а
имотите конфискувани. Главните поттикнувачи и организатори биле заточени на
островите, а останатите ‒ ослободени. Освен тоа била извршена широка пропагандна
акција за обраќање на павлиќаните во православието. Сепак, тие не се смириле и во
следните години често ќе прават немири и ќе ги помагаат Печенгите за време на нивните
напади во Тракија.
Друго еретичко движење што се покажало како сериозна закана макар и од подруг вид
биле богомилите. За разлика од павлиќаните тие не настапувале отворено и со оружје,
туку делувале прикриено и конспиративно. Тоа што особено ја погодувало власта била
нивната проповед дека државата е зло, дека не треба да се плаќаат даноци или да се
врши некаква служба во корист на власта. Засилувањето на нивното движење сериозно
ги погодило интересите на државата, која во овој критичен момент имала постојан
недостаток на пари и војници. За нивното разбивање Алексиј се послужил со измама.
Се престорил дека самиот е спремен да стане богомил и така го убедил нивниот водач
Василиј да му раскаже сè за идеите на богомилите, а во меѓувреме скриени писари
запишувале. Уапсени биле најугледните богомили и биле подложени на комбинација од
убедување и заплашување; дел од нив се откажале од богомилството и биле
ослободени, а друг дел останал во затвор (Острогорски, 1992, стр. 449). Само водачот
Василиј, кој останал упорен докрај бил изгорен на костер – единствениот познат случај
на согорување на некого поради ерес во Византија. Како една од мерките за сузбивање
на ересите Алексиј заповедал монахот Ефтимиј Зигавин да напише полемичка книга
против сите еретици наречена Догматско сѐоружије, а во неа било опишано и учењето
на богомилите такво какво што го претставил нивниот водач Василиј.
Драстичните мерки што ги презел Алексиј Комнен против дуалистичкките учења
контрастираат со времето пред и потоа, кое се одликува со одредена толерантност, и
во кое борбата се водела главно преку проповеди. Тоа се објаснува со критичната
положба во која испаднала Византија и реалната опасност која во моментот ја
претставувале овие две учења. Имено, затоа иницијативата за прогоните доаѓала од
државата, а не од црквата.

4.5. Последната деценија од владеењето на Алексиј Комнин

35
(Основна литература: Острогорски 439-440; Gregory, 2005, 263)
Не можејќи успешно да се спротивстави на василевсот во Антиохија, норманскиот водач
Боемунд, се вратил во Италија да организира нова инвазија против Византија. Во 1107
г. тој се истоварил со војска кај Валона и се пробил кон Драч. Меѓутоа, сега силата на
Византија била далеку поголема, и Боемунд претрпел тежок пораз во 1108 г., што довел
до договорот од Девол. Боемунд се признал за вазал на василевсот и како вазал го
добил од него Антиохиското кнежевство; се согласил да биде вратен таму
православниот патријарх, кој да ги ракополага сите – и источните и западните епископи.
Боемунд се вратил во Италија каде скоро умрел. Неговиот внук Танкред, кој раководел
со антиохиското кнежевство одбил да го признае договорот.
Слабеењето на Норманите го охрабрило Алексиј да побара сојуз со папата со надеж
дека Империјата ќе може да стапи пак во Јужна Италија. Во 1112 г. напишал писмо до
жителите на Рим, во кое истакнал дека е спремен да ја прими императорската круна на
Западот за себе или за својот син Јоан и добил покана од нив да дојде во Рим, до што
сепак не дошло. На патот на сојуз со папата застанала поново прашањето за папскиот
примат. Папата Пасхал му пишал на Алексиј истата година дека прво треба патријархот
да го признае неговиот примат, а дури потоа да се организира вселенски собор кој да ги
разгледа разликите (Runciman, 1997, 107, 108).
До заострување дошло и со Унгарија, која во првите години на XII в. ги присоединила
териториите на Хрватска и Далмација. И покрај тоа што престолонаследникот Јоан
Комнин бил оженет за унгарска принцеза односите продолжиле да бидат
проблематични.
На исток, меѓу 1113-1116 г., Алексиј иако стар и болен морал да застане на чело на
византиската војска за да ги одбива нападите на Селџуците, кои се реорганизирале и
поминале во офанзива. Во 1117 г. тој се пробил длабоко во анатолиската висорамнина
со намера да ја освои столицата на Селџуците – Иконион. Кај Филомелион во тридневна
битка го поразил иконискиот султан Малик Шах, по што бил заклучен мир. Алексиј притоа
презел мерки за преселување на христијаните од територијата под контрола на
Селџуците. Следната 1118 г. година Алексиј умрел оставајќи ја задачата за враќање на
Мала Азија на својот наследник (Острогорски, 1992, стр. 439, 440; Gregory, 2005, 263).

4. 6. Социјалните и економските промени во времето на Алексиј Комнин


(Основна литература: Gregory, 2005, 258, 26-266; Острогорски, 440-445, 448, 450)
Алексиј Комнин успеал комбинирајќи воена сила и дипломатија да ја спаси и обнови
империјата, која била доведена до работ на пропаста. Тој ја заштитил и обновил
нејзината власт на Балканот и повратил дел од териториите во Мала Азија. Ја обновил
војската, ја стабилизирал економијата и го реформирал државниот систем.
Благодарение на неговите енергични мерки Византија повторно станала најмоќната
сила во источниот Медитеран.
Сето тоа имало и своја цена. Тој заменил некои од темелните византиски институции со
нови или дури со лична обврзаност, што сериозно го променило карактерот на
византиската држава во правец на нејзина феудализација. За да може да ја зацврсти
власта тој прибегнувал редовно до роднинските врски, назначувајќи на клучни позиции
свои најблиски роднини. Тоа не било непозната појава и порано, но сега започнува да
станува начин на владеење со државата.
Во негово време Империјата го изгубила и приматот во поморската трговија, кој поминал
кон Венеција, чии трговци со договорот од 1082 г. добиле големи привилегии за трговија
без плаќање царина. Мислењата во науката за последиците од овој договор се
поделени. Додека според едни тоа жестоко ја погодило византиската трговија
(Острогорски, 1992, стр. 441), според други историчари имало поскоро позитивен ефект

36
врз развојот на византиската економија во која трговијата имала споредна улога, за
разлика од производството кое било стимулирано од странските трговци (Gregory, 2005,
264). Но, нема дилема дека ослободувањето од царини ја оштетило државната благајна
што било причина за непријателското однесување на византиската аристократија против
привилегиите на Венеција, а потоа и на италијанските републики генерално: во 1111 г.
привилегии добива и италијанскиот град Пиза, а при наследниците на Алексиј и Џенова
и Фиренца. Италијанските републики извлекле голема корист од своите привилегии и
загосподариле со морето во воена и економска смисла за сметка на дотогашниот
фаворит Империјата на Новиот Рим. Тоа се манифестирало и со појава на нов
доминантен тип брод – галера, кој по XI в. го изместил славниот византиски дромон, кој
господарел со Медитеранот од доцната антика.
На почетокот на царувањето на Алексиј Комнин владеел финансиски хаос. Императорот
немал пари, а требало да финансира скапи воени кампањи за да го одбрани царството.
Затоа морал да прибегнува кон конфискации на црковни садови за да набави злато и
сребро за ковање пари. Освен тоа применувал ковање на пари со пониска вредност, што
носело краткотрајна корист на државната благајна, меѓутоа создавало финансиска
нестабилност. Во 1092 г. василевсот требало да утврди нов стандард при кој еден
иперперон (како што се викала сега номизмата) наместо старите 12 сребрени милиарсии
вредел само 4 милиарсии, што значи дека парите изгубиле 2/3 од вредноста
(Острогорски, 1992, стр. 444), и имал само 21 карат (Gregory, 2005, 264). Со цел
набавување средства биле воведени нови даноци, при што вкупното зголемување на
данокот надминувало 50 %. Тоа ги подобрило државните финансии, но легнало како нов
тежок товар врз даночните обврзници, кои дополнително биле оптоварувани од
самоволието на закупците на даноци. Карактеристично е тоа што повеќето поплаки од
тоа време се против злоупотребите на собирачите на даноци отколку кон висината на
самите даноци. Во потрага по повеќе пари државата многу често го издавала на закупци
собирањето на даноци, понекогаш и од цели провинции, и дури со обврска да го соберат
данокот во двојна висина. Освен плаќањето на даноци во пари населението плаќало
даноци и во натура, а било обврзано да гради и одржува тврдини, мостови, патишта,
пристаништа, да прима и да ги храни царските пратеници и одреди кои поминувале низ
нивната област и сл. За да ги наградува оние што биле заслужни царот наголемо
прибегнувал кон делење на имунитет, давање на харистикија (црковни имоти на
управување и уживање на приходите) и сл.
Алексиј се судрил и со друг проблем – банкротирањето на системот на титулите. Како
последица од масовното продавање и подарување на титули, во втората половина на
XI в. од една страна и економската криза од друга, државата повеќе не била во состојба
да ги исплаќа поврзаните со титулите субсидии што практично го блокирало системот.
Алексиј го решил проблемот создавајќи нов систем од нови титули ослободувајќи ја
државата од неисполнивите задолженија спрема носителите на стари титули, а
истовремено искористувајќи ја можноста да набави готови пари преку продавањето на
новите титули. Алексиј зачувал само три од старите највисоки титули: кесар, нобилисим,
куропалат, но кои добиле пониско значење. За својот брат ја создал титулата
севастократор, правејќи ја прва по значење после онаа на василевсот, по што му било
лесно да го исполни ветувањето спрема Никифор Мелисин и да му ја даде поранешната
највисока титулата кесар. Новите титули се создавани преку употреба на епитети кои
порано биле користени за царот и давани на членови на неговото семејство, и преку
нивно комбинирање. Така се појавуваат: севаст, протосеватс, паниперсеваст,
нобилисим, протонобилисим, протонобилисмоимператат и многу други. Исчезнале, исто
така, и повеќето титули во провинциската управа. Некогаш најпознатата титула – стратег
ја снемува заедно со тематската војска. Се задржуваат само највисоките, кои некогаш
се давале ретко – сега секој управител на тема ќе се нарекува дукс, а катепани се
нарекуваат нивните помошници. Командантот на армијата понатаму ќе носи титула
голем доместик, командантот на флотата – голем дукс, а раководителот на цивилната
бирократија – голем логотет.

37
4.7. Воените реформи на Алексиј Комнин. Пронија.
(Основна литература: Острогорски, 445-448; Gregory, 2005, 264)
Алексиј Комнин успеал да ја обнови византиската моќ. Основна улога во византиската
армија продолжиле да имаат странските платеници. Но покрај нив царот создал елитна
домашна војска. Негова е заслугата што пронијата која постоела и порано ја врзал со
воената служба. Пронијарот ги добивал од државата даночните примања од одредена
територија и задолженијата што жителите во неа ги имале спрема државата, а во замена
бил должен да служи војска како тешко вооружен коњаник и да вооружи, издржува и
води во војска одреден број војници. Од поранешните стратиоти пронијарите ги
одликувало многу подоброто и скапо вооружување и високиот социјален статус. Стариот
систем на селани – стратиоти, кои во замена на земја и ослободување од данок
учествувале како лесни или средно вооружени војници во војската, не можел да се
одржи во времето кога бојното поле сè почесто ќе биде доминирано од тешко вооружена
војска. Неопходното вооружување било скапо и по силата само на богатите слоеви.
Византискиот пронијар се разликува од западниот витез по тоа што неговата пронија не
била наследна и пронијарот не можел да продава делови од земјата или да ги дава на
друг. Системот на пронијарската војска, ќе се рашири при наследниците на Алексиј и ќе
постои до крајот на византиската империја, а ќе биде усвоен и кај Турците Селџуци, во
јужнословенските држави, и кај Турците Османлии, кај кои ќе постои како спахиски
систем. Стратиотите не исчезнале целосно, но веќе нема да играат важна улога. Алексиј
прибегнувал и кон населување на номади на запустени делови од византиската
територија, кои биле обврзани да служат во војска.

5. АПОГЕЈ И ПАДОТ НА КОМНИНИТЕ


5.1. Јоан Комнин (1118-1043 г.)
(Основна литература: Magdalino, 2009, 629- 635; Острогорски, 1992, 452, 456; Gregory,
2005, 266-268)
Најстариот син на Алексиј Комнин – Јоан, бил крунисан за совладетел уште во 1092 г.
Неговото крунисување за василевс нашло силна опозиција во лицето на императорката-
мајка која сакала на престолот да ги доведе ќерката Ана Комнина и нејзиниот сопруг
Никифор Вриениј. Веројатно, само одбивањето на Вриениј да се присоедини кон
заговорот го осигурило заземањето на престолот од Јоан Комнин, но борбата траела до
самата смрт на Алексиј. После земањето на престолот во 1118 г. опозицијата против
владеењето на Јоан се обединува околу неговиот брат севастократорот Исак, кој по
неуспешните обиди да го заземе тронот долги години ќе помине во туѓи владетелски
дворови барајќи поддршка од нив против својот брат.
Алексиј Комнин му оставил на својот наследник стабилизирана држава, добро уредена
и силна воено и финансиски; меѓутоа власта била поделена меѓу претставниците на
коалицијата на влијателни фамилии на чело со родовите Комнини и Дука. Високите
функции се давале обично според потеклото и роднинската врска со императорот.
Макар што останува највисока фигура во државата василевсот реално се претвора во
лидер на сојуз составен од членовите на владетелската фамилија и поврзаните со неа
родови. Како резултат на оваа промена управувачкиот род повеќе нема конкуренција во
други аристократски родови и фракции, и борбата за власт сега ќе се води внатре во
рамките на владеачкиот род. Резултат на тоа биле честите заговори и поделеноста во
самата владетелска фамилија. Јоан Комнин ќе се обиде да го прекине овој систем и ќе
се потруди да се потпре на служители надвор од семејството и дворот. Најпознатиот од
нив бил Јоан Аксук, роб од турско потекло, сопатник на Јоан од детството, кого тој ќе го

38
направи голем доместик. Истиот стремеж ќе води кон привлекување на странци на
највисоки служби во империјата, факт кој ќе го предизвика гневот на современите Ромеи.
Јоан Комнин лично раководел со воените походи, осигурувајќи ја на таков начин
лојалноста на армијата и докажувајќи се како способен војсководец и владетел. Тој ѝ
посветил големо внимание на византиската војска и успеал да ја претвори во добро
извежбана и вооружена сила. Успесите на ова поле, меѓутоа, се постигнати за сметка на
запоставувањето на флотата, која во тоа време сосема запаѓа. На внатрешно поле тој
ја засилувал својата власт преку брачни врски со најистакнатите аристократски
фамилии. Така, исклучувајќи ги неуспешните обиди на неговиот брат да ја освои власта,
поголемиот дел од неговото управување поминува во внатрешен мир и стабилност.
Сметан за најголем меѓу императорите од родот на Комнините тој бил способен
владетел и војсководец, со благороден карактер, го поседувал реткиот квалитет да биде
умерен во трошењето на ресурсите на империјата, така што му оставил на својот
наследник силна и стабилна држава.
Во првите години на своето владеење Јоан успеал да ги освои од Турците важните
малоазиски тврдини Лаодикеја и Созополис. Главното тежиште на политиката, во
раните години на неговото владеење, меѓутоа било на Запад. Во 1122 г. требало да
војува против номадите „Скити“ (Кумани), кои го поминале Дунав. Во битката кај Вероја
(ден. Стара Загора) Јоан спечелил решавачка победа против нив, а заробените биле
населени во Византија и вклучени во војската. Императорот успеал да им нанесе голем
пораз и на немирните жители на Рашка, а неговиот брак со унгарска принцеза му
отворил можност да се меша во политичките борби во Унгарија.
Јоан Комнин се обидел да ја ослободи империјата од неповолните трговски договори
што неговиот татко ги заклучил со Венеција и по доаѓањето на престолот одбил да ги
потврди. За тоа придонело и слабеењето на опасноста од Норманите за борба против
кои, имено, била потребна венецијанската помош. На почетокот работите се одвивале
успешно поради зафатеноста на Венеција, која до 1124 г. не можела да реагира
сериозно, но во 1125 г. венецијанската флота ги опустошила островите Хиос и Самос, и
егејскиот брег на Мала Азија. Слабата византиска флота не била во состојба да ја
заштити империјата од Венеција и Јоан морал да се согласи да ги обнови договорите
(1126 г.) и дури да го рашири нивниот опфат и врз островите Крит и Кипар.
Во 1125 г. василевсот му дал азил на ослепениот унгарски принц Алмош, што
предизвикало војна со унгарскиот крал Стефан II. Унгарците во 1127 или 1128 г.
навлегле на југ од Дунав, го освоиле Браничево и ги поттикнале на востание жителите
на Рашка. Императорот морал на два пати лично да доаѓа со војска за да ги смири
состојбите околу Дунав. Поразените Унгарци прифатиле мир, кој се задржал до крајот
на Јоановото владеење.
Ослободен од проблемите на запад, во 1130 г. царот започнал воена кампања во Мала
Азија за да ја заштити нејзината северна граница загрозена од Данишмендитите, и да ја
поврати лојалноста на локалните ромејски магнати. Кампањата на два пати (1130,
1131/2 г.) била прекинувана поради заговори во престолнината, кои се обидувале да го
донесат на власт неговиот брат севастократорот Исак. Бегството на Исак на исток го
ослободило василевсот од грижата за власта и тој по 1135 г. започнал широка кампања
на исток. Во 1135 г. ги поразил Данишмендитите. Во 1137 г. организирал голем поход
кон Антиохија освојувајќи го малоерменското кнежевство во Киликија и претворајќи го
принцот на Антиохија во свој вазал (Ришар, 1996, 166).
Настојувањата да го потчини Антиохиското кнежевство го довеле до судир со
агресивниот сицилиски крал Роџер II, кој исто така претендирал на Антиохија. За да ја
неутрализира опасноста од нов нормански напад Јоан Комнин заклучил договор со
германскиот император Лотар III (1125-37), на кого во 1136 г. му помогнал со војска во
војната против Норманите во Јужна Италија. По смртта на Лотар василевсот се сојузил
со Конрад III (1138-52), при што договорил брак на својот најмал син Мануил со сестрата

39
на Конрадовата сопруга. Кон коалицијата била вклучена и Пиза. Започнале преговори и
со папата Инокентиј II (1130-43) за унија.
По 1138 г. Јоан ги засилил византиските граници во Мала Азија против Данишменидите.
Кога во 1142 г. антиохискиот кнез се побунил и ја отфрлил власта на Византија царот
организирал нов поход на исток со намера да ги освои Антиохија и Ерусалим, но
неговата смрт од отровна стрела за време на лов во Киликија во 1143 г. им ставила крај
на овие планови (Ришар, 1996, 167).

5.2. Мануил I Комнин (1143-1180)


(Основна литература: Magdalino, 2009, 636-646, Острогорски, 457-472; Gregory, 2005,
268- 271; Stephenson, 2009, 682-686; Ralph – Johannes Lilie, Byznatium and the Crusader
states 1096-1204, Oxford 1993, 212-214).
Непосредно пред смртта на Јоан Комнин умреле и неговите двајца најголеми синови –
Алексиј и Андроник. За наследник, заобиколувајќи го постариот Исак, тој го посочил
својот најмал син Мануил, веќе докажан војник и војсководец, кој во моментот се наоѓал
со него во војската во Киликија. Но иако Мануил бил успешно крунисан во
Константинопол, неговата позиција била далеку од сигурна ‒ постариот брат Исак имал
многу приврзаници, а желби за престолот демонстрирале и други членови на
фамилијата, особено синот на стариот заговорник Исак Комнин ‒ Андроник.
Новиот император испратил војска по суво и по море против Антиохија и тоа, заедно со
падот на Едеса во рацете на Зенги, во 1144 г. го принудило антиохискиот кнез Рајмонд
да дојде во Константинопол и да се заколне како вазал. Во 1146 г. Мануил организирал
експедиција против Турците при што стигнал дури до нивната престолнина Иконија
покажувајќи голема лична храброст, но без да постигне конкретни резултати.

5.2.1. Западната политика на Мануил


Падот на Едеса го предизвикува организирањето на Вториот крстоносен поход
раководен од францускиот крал и германскиот император. Походот бил непријатно
изненадување за василевсот и сериозно ги поткопувал неговите позиции спрема
крстоносните држави на исток. Во Новиот Рим преовладувало мислењето дека
вистинската цел на походот е освојувањето на Константинопол. Мануил презел
дипломатска акција со цел, по примерот на својот славен дедо, да го добие
раководството на походот, а крстоносците да се заколнат да му ги вратат сите
поранешни византиски територии. Во тоа не успеал, но сепак постигнал сицилискиот
крал Роџер да биде исклучен од походот. Најлошо за него било доаѓањето на исток на
германскиот император Конрад III (негов баџанак – Мануил бил оженет за Берта,
сестрата на Конрадовата сопруга, која во Византија добила име Ирина („мир“), сојузот
со кого служел како средство за неутрализирање на сицилиските Нормани. Така
исклучувањето на сицилискиот крал од походот се свртело против Мануил зашто
Норманите сега можеле да ги насочат своите сили против зафатената со крстоносците
Византија, олеснети и од отсуството од Европа на главниот византиски сојузник –
германскиот император. Поминувањето на крстоносците низ Византија придружено со
вообичаените истапи сериозно ги влошило односите на василевсот со германскиот
сојузник, а во окружувањето на францускиот крал дури започнало да се зборува за
освојување на Константинопол (Острогорски, 1992, стр. 459).
Мануил се погрижил да ги префрли крстоносците колку што е можно побргу во Мала
Азија, а во меѓувреме потпишал мирен договор со Турците што им дало можност на
последните, ослободени од заканата од византиски напад, да ги сконцентрираат своите
сили против крстоносците. Ниту германските, ниту француските крстоносци не го
послушале советот на Мануил да не навлегуваат на Турска територија, туку да стигнат

40
до Антиохија преку контролираните од Византија области. Во резултат Германците
претрпеле тешки загуби, што го принудило Конрад да се повлече назад во Никеја. Тешко
поминале и Французите кои игнорирајќи ги советите на василевсот упорно си пробиле
пат низ турските територии (Runciman, 1997, 127). Без разлика на неговите совети и
помош, без разлика што тој потоа дал бродови и му помогнал со пари на Конрад да
стигне до Антиохија по море, мирот со Турците му донел на Мануил лоша репутација на
саботер на крстоносниот поход. Помошта за Конрад меѓутоа ги подобрила односите
меѓу двајцата императори и при своето враќање од Палестина германскиот владетел се
договорил со Мануил за општ напад против Сицилија. Сојузот бил засилен преку
мажењето на внуката на Мануил Теодора со братучедот на Конрад – Хенри од
Бабенберг.
Основна причина за новото зближување меѓу двете сили биле агресивните дејствија на
Норманите. Искористувајќи ги отсуството на германскиот монарх и зафатеноста на
Мануил тие во 1147 г. го освоиле островот Корфу од Византија, ги нападнале Атина,
Коринт и Теба на копното, преселувајќи ги во Сицилија Евреите произведувачи на свила
и разбивајќи го на таков начин византискиот монопол во свиларството. За да ги одбие
овие напади Мануил во 1147 г. се обратил кон Венеција, а за возврат ѝ ги потврдил
старите привилегии. Во 1148 г. се договорил со Германија дека норманските територии
во Јужна Италија ќе бидат отстапени на Византија како мираз на неговата сопруга. Од
своја страна Норманите успеале да ги поттикнат Гвелфите против Конрад, а против
Византија ‒ Рашка и Унгарија. Византиските сили го нападнале Корфу со помош на
Венеција, а во одговор Норманите организирале поморска експедиција во Егејот. Во
1149 г. Корфу се предал, а во 1150 г. Рашка и Унгарија биле поразени од Мануил во
битката на р. Тара. Борбите со тоа не запреле и во периодот 1150-1155 г. Мануил ќе
мора да организира серија воени походи против Рашка и Унгарија, а истовремено да
води поморска војна со Сицилија. Се оформиле две европски коалиции – од една страна
Византија, Германија и Венеција, а од друга Норманите, папата, Гвелфите, Франција,
Унгарија и Рашка. Конрад ги совладал Гвелфите, но непосредно пред планираниот
поход во Италија во 1152 г. умрел и бил наследен од амбициозниот Фридрих Барбароса.
Новиот германски владетел гледал на себе како на единствениот вистински римски
император што понатаму ќе создава постојана недоверба меѓу него и Мануил и ќе ја
спречува нивната соработка. Рамнотежата била вратена преку конечната победа на
Византија над Унгарија и Рашка, а Мануил дури успеал да постави свој приврзаник на
престолот во Киевска Русија – Јуриј Долгоракиот.
Со смртта на сицилискиот крал Роџер II во 1154 г. ситуацијата се свртела во корист на
Византија и Мануил ја искористил за да започне инвазија во Италија. Во 1155 г. тој
испратил флота во Анкона, која го освоила Бари, а византиската дипломатија успеала
привремено да придобие на своја страна повеќе нормански водачи незадоволни од
новиот крал на Сицилија (Вилијам I, 1154-1166). Многу градови во Апулија ги отвориле
своите врати за ромејската војска, меѓутоа овие успеси не биле трајни. Византиските
сили биле малубројни и зависеле од соработката на градовите и бароните во Италија.
Од друга страна византиските успеси сосема ги расипале односите со Фридрих
Барбароса и со традиционалниот византиски сојузник против Норманите ‒ Венеција.
Поразот на византиската војска во 1156 г. кај Бриндизи им ставил крај на византиските
надежи и во 1158 г. Мануил, со посредство на папата, заклучил мир со Вилијам.
Преговорите со Барбароса за општа акција против Сицилија продолжиле, но без успех.
Венеција активно се спротивставувала на можноста Византија да завладее со двата
брега на Јадранот, а пак растечките амбиции на Фридрих ја правеле поделбата на
сфери на интерес во Италија невозможна.
Смртта на сопругата на Мануил, Германката Берта – Ирина во 1159 г. и неуспехот на
преговорите со Германија во 1160 г. одбележале почеток на нов период во византиската
политика спрема Западот. Амбициозните императорски планови на Фридирх Барбaроса
ја загрозувале Византија и Мануил започнува да се зближува со неговите непријатели –

41
кралот на Сицилија (на кого му предложиле брак меѓу неговиот син и ќерката на Мануил),
папата и францускиот крал Луј VII.
Византиските агенти и пари ја поддржувале антигерманската опозиција низ цела
Италија. Мануил му давал материјална поддршка на папата. Во 1167 – 1170 г. Мануил
се обидел да го придобие папата со предлог за унија, а за возврат - негово крунисување
за император во Рим од папата. Во 1169 г. тој понудил решение за спорот за авторитетот
во црквата преку поставување на папата за патријарх на Константинопол. Папата се
согласил да го поддржи во сите светски прашања, но го отклонил предлогот да биде
поставен за патријарх, а за возврат побарал три работи: патријархот да ја признае
неговата супрематија, да прифати право на апелација до Рим и да го спомнува името
на папата на литургија. Мануил бил спремен веднаш да ги исполни два од овие три
услови, но за третиот црквата барала папата да испрати исповедање на верата, а такво
во кое би присуствувало Filioque би довело до неспомнување на папата. Освен тоа на
Исток папската супрематија и примат се разбирале на фундаментално различен начин
– како првенство меѓу рамни, а не власт и соодветно овде не би прифатиле право на
апелација до папата (Runciman, 1997, 120, 121).
Оваа скапа политика на Мануил била насочена кон запазување на статус-квото во
Италија и надминување на црковната поделба, но макар што му носела личен авторитет
и го постигнала неутрализирањето на Барбароса, на територијален и црковен план не
му донела ништо. Кога во 1177 г. Фридрих заклучил мир со Ломбардиската лига и папата,
и договор во Венеција, тоа им ставило крај на надежите на Мануил за добивање на
територии во Италија или за признавање на неговата императорска претензија на запад.
Поголем успех постигнала политиката на василевсот спрема Унгарија. По смртта на Геза
II во 1161 г. Мануил активно се замешал во борбата за власт во оваа земја. Во XI - XII в.
Империјата успевала да одржува свое силно влијание во Унгарското кралство наспроти
неговата поврзаност со Западот и се подлабоката црковна поделба. Унгарските кралеви
во 1000 добиваат круна од папата, но подоцна два пати добиваат круни како подароци
од византиските императори: Константин IX му ја поклонува на кралот Андреј I (1046 –
1060) „круната на Константин Мономах“, а Михаил VII на Геза II (1074 – 1077) - „круната
на свети Стефан“ – најсветата реликва на унгарското кралство. На круните се дадени
портрети кои ја поставуваат Унгарија во византискиот комонвелт. Сега Унгарија добила
особено значење за Империјата поради започнатиот конфликт со Фридрих Барбароса и
двајцата императори поддржувале различни страни во борбата за унгарскиот престол.
Серија успешни византиски походи меѓу 1161-1167 г. довеле до разрешувањето на
конфликтот во корист на Византија. Ромејската војска во 1165 г. ги освоила Далмација,
Босна и Хрватска, а неуспешната контраофанзива на Унгарците во истите области во
1166 г. ги принудила да побараат мир. Тој бил заклучен во 1167 г. и со него била
зацврстена византиската власт над овие земји, како и над Срем и поголем дел од Рашка.
Договорот го гарантирал наследувањето на унгарскиот престол од византискиот
штитеник Бела III, оженет за Мануиловата ќерка Марија. Бела од 1164 г. до 1172 г.
живеел во Константинопол и до 1169 г. бил сметан за наследник на византискиот
престол и преку него требало да дојде до обединување на Унгарија и Византија. Овие
планови се расипани со раѓањето на син на Мануил во 1169 г., но сепак, откако станал
крал на Унгарија во 1172 г. до смртта на Мануил Бела останал негов верен сојузник и
Унгарија се наоѓа под силно византиско влијание. (Papadakis – Mayendorff, 1994, 245).
Победата над Унгарија и ставањето на власт на Бела во 1172 г. истовремено значело и
пораз на обидите на рашките жупани да се осамостојат од власта на Константинопол –
во 1172 г. Стефан Немања се предал на Мануил и бил одведен во Цариград.
Успесите против Унгарија и особено заземањето на Далмација од Империјата во 1167 г.
значеле и крај на добрите односи со Венеција. И Мануил се стремел да се ослободи од
доминацијата на венецијанските трговци. Побарал поддршка против Венеција во
нејзините конкуренти и потпишал договори со Џенова (1169) и Пиза (1170), меѓутоа
давајќи им многу поскромни привилегии од венецијанските. Во 1171 г. Мануил наредил

42
да бидат уапсени венецијанските трговци, а нивниот имот – конфискуван. Како одговор
венецијанската флота ги окупирала островите Хиос и Лезбос. Односите останале
прекинати до смртта на Мануил.

5.2.2. Политиката на Мануил на исток


Успешната офанзива на Зенги против крстоносците, падот на Едеса и неуспехот на
вториот крстоносен поход сериозно ги загрозиле крстоносните држави на исток.
Европските држави вовлечени во меѓусебни борби не биле во состојба да организираат
нов крстоносен поход и латинските владетели на исток немале избор освен да се
обратат за помош кон Новиот Рим. Владетелските на Антиохија и Едеса се обратиле кон
Мануил како кон свој господар – едната за да му го предаде кнежевството Едеса, а
другата – за да ѝ најде сопруг. Уште во 1150 г. ерусалимскиот крал Балдуин III се
согласил Едеското грофство да биде дадено на Империјата, а во 1158 г. помолил и ја
добил за сопруга внуката на Мануил Теодора, со ветување за помош против Нур ал Дин.
Зафатен на Запад Мануил успеал да интервенира лично на исток дури во 1158/1159 г.
Тогаш организирал воена експедиција во Киликија и со поддршка од водачите на
крстоносните држави им наметнал вазален статус на Антиохија и на малоременското
кнежевство во Киликија, и го зел правото да поставува патријарх на Антиохија. На
свечената поворка во Антиохија императорот влегол на коњ воден за уздата од
антиохискиот кнез кој одел пешки, а одназад бил следен од ерусалимскиот крал
симболизирајќи ја преку тоа својата супрематија (Острогорски, 1992, стр. 466, Ришар,
1996, 193 - 195). Во 1165 г. тој го задолжил новиот антиохиски кнез да го отстрани
латинскиот патријарх на Антиохија и на негово место да го устоличи овде антиохискиот
патријарх што се наоаѓал во Константинопол и да ги пополни слободните епископски
места со православни епископи, што било направено без разлика од заканите на папата
дека ќе ги исклучи од црквата и императорот и кнезот (Runciman, 1997, 96).
За засилување на своето влијание на исток Мануил создал мрежа од брачни врски. Во
1157 г. бил заклучен династички брак со ерусалимскиот крал; по смртта на царицата
Ирена – Берта (1159 г.) Мануил, во 1161 г., се оженил за Марија, ќерката на кнезот на
Антиохија, а потоа нејзиниот брат Балдуин зел жена од родот на Комнините. Новиот
ерусалимски крал Амалрик I (1163–74), во 1167 г. исто така зел сопруга од родот на
Комнините. И тој исто како и неговиот претходник Балдуин ΙΙΙ му дал заклетва за верност
на Мануил (Ришар, 1996, 197). Византија им давала на крстоносните принцови богати
субсидии и ги откупувала нивните заробени рицари, а во замена барала и добила
признавање на врховната власт на василевсот и правото на поставување на византиски
патријарх во Антиохија. Како последица од договорот потпишан во 1168 г. со
Ерусалимското кралство византиската флота го помагала Амалрик за време на неговата
инвазија во Египет во 1169 г., а во 1176/7 г., византиската флота допловила во
Палестина на помош на Ерусалимското кралство.
За да им помогне на крстоносните држави на исток против растечката опасност од Нур
ад Дин, Мануил како противтежа го користел Иконискиот султанат и со султанот Килиџ
Арслан II (1156-92) во 1161 г. заклучил мировен договор кој донел на византиско-
турската граница 14 години мир, кој ги насочил силите на султанатот на исток. Но кога
во 1174 г. Нур ад Дин умрел Мануил ја сменил политиката и во 1176 г. организирал
голема експедиција со намера да ја освои престолнината Иконија и да ја обнови
византиската власт во Мала Азија. Дополнителен мотив за овој поход можело да биде
отворањето на патот по суво до Светите земји, што на Византија би ѝ донело не мала
корист од поминувањето на голем број на пилигрими низ нејзина територија, а исто така
и зголемување на византискиот авторитет на Запад и меѓу крстоносните држави. Тој
повикал преку папата на крстоносен поход, но ги започнал воените дејствија без да
причека таков да биде организиран. Поразот што го претрпува од Турците кај

43
Мириокефалон на 17 септември 1176 г. им ставил крај на овие планови. Самиот Мануил
го споредил него со поразот кај Манцикерт.
Последиците од оваа битка во современата наука се различно оценувани. Според едни
учени тоа било катастрофа, која целосно го урнала угледот на Византија. Како потврда
се посочува писмото на Фридирх Барбароса до Мануил во кое го навредува како „грчки
крал“ и барал да ја признае неговата власт (Острогорски, 1992, стр. 469; Gregory, 2005,
271). Други научници посочуваат дека византиската армија и територија останале како
цело сочувани после битката, а Византија успева во голема мера да го зачува угледот
на запад и на исток, за што пример е испраќањето на ќерката на францускиот крал Луј
VII Агнес за жена на малиот Алексиј Комнин и мажењето на неговата ќерка за Рение од
Монферат. Во секој случај овој пораз става крај на неговите планови на исток и
поконкретно на намерите да биде потчинето Антиохиското кнежевство. Напротив –
значењето на Латинците во Империјата и на добрите односи со Западните земји
нараснува (Magdalino, 644; Ришар, 1996, 198).

5.2.3. Црковната политика на Мануил Комнин


Мануил Комнин вложил голем напор да постигне единство во црквата. Од една страна
се трудел да ја надмине поделбата со Западот како на црковно, така и политичко поле.
За целта активно ги заштитувал крстоносните земји, но се стремел да ги стави во своја
зависност и да врати во Антиохија православен патријарх во што во 1166 г. и успеал
(Ришар, 1996, 196). Водел преговори за Унија со папата. Во негово време се извршиле
повеќе дебати меѓу православни и римо-ктатолички богослови по спорните прашања
што ги делеле двете цркви (види во дел 5.4.6.).
Од друга страна тој вложил многу напор за да ја надмине старата веќе 700 години шизма
со монофизитските цркви на исток и особено со ерменската. Во тоа тој постигнал
значајни резултати и бил поблиску до успехот од било кој друг император на Новиот
Рим. Биле организирани повеќе средби со монофизитски богослови во Сирија особено
во 1170-те, но тие така и нема да вродат плод затоа што јакобитскиот патријарх Михаил
Сириски (1166–1199), имал силна недоверба и нетрпеливост кон православните. За
разлика од нив преговорите водени со ерменската црква во времето патријарсите Лука
Хрисоверг (1157 – 1170) и Михаил III (1170 – 1178) стигнале близу до успехот. Главен
преговарач од византиска страна бил богословот и дипломат – надарениот Теорианус.
Тој во 1169 започнува преговори со католикосот Нерзес IV (1166 -1173) и во 1172 г. бил
изготвена проект на спогодба од 9 точки кои да бидат понудени на разгледување на
ерменскиот синод. Тие вклучувале прифаќање на соборот од Халкедон и неговите
одлуки, причестувањето со квасен леб и вино со вода. Католикосот бил спремен да ги
прифати, но умрел пред да го направи тоа. Наследен е од својот внук Грегорие IV (1173
-1193), кој бил подеднакво ентузијазиран за постигнување единство. Тој прифатил дека
соборот во Халкедон не бил несторијански како што монофизитите тврделе. За жал
спогодба нема да биде достигната na ерменскиот синод собран во 1179 г. со присуство
на 33 епископи 10 од кои од Голема Ерменија – последните се спротивставиле на
спогодбата. Било решено уште еднаш да се консултираат со императорот и патријархот,
но и двајцата умреле пред веста да стигне до нив, а тоа заедно со хаосот што ја зафатил
Византија го одложило планот за постигнување на единство (Papadakis – Mayendorff,
1994, 113 , 115-117).

5.2.4. Стратегиските цели на Мануил Комнин


Политиката на Мануил била насочена главно кон заштита на границите на Империјата
и нејзино опкружување со лојални зависни држави. Успехот на неговите акции бил
променлив, но за Империјата тие преставувале големо финансиско оптоварување,
често без успеси кои да ги оправдаат трошоците. Иако слично на својот татко се

44
обидувал да населува странци на византиска територија со цел да ги користи како
војници, сепак основата на војската останувале наемниците, чие издржување барало
многу пари. Милитаризацијата на државата и големите воени и дипломатски трошоци ја
ослабиле државата. За тоа придонесувал и блескавиот раскошен живот на царскиот
двор. Мануил бил голем заштитник на уметноста. Неговото владеење се карактеризира
со навлегување на западни обичаи на дворот и организирање на рицарски турнири во
кои учествувал и самиот император. Се зголемило и значењето на странците во животот
на империјата протежирано од самиот василевс Неговата љубов кон западните обичаи,
огромните пари кои ги трошел за влијание во Италија и Ерусалимското кралство,
давањето на голем дел од најдобрите постови во војската и администрацијата на
„Франки“19 многу придонеле за засилување на омразата на обичните Ромеи спрема
западњаците. Тоа заедно со истоштувањето на ресурсите и поткопувањето на
економијата на државата, довело до тоа пред крајот на неговото владеење империјата
да биде во полоша состојба и потешка позиција отколку кога дошол на власт.
Политиката на Мануил Комнин не може целосно да се разбере ако ја гледаме само од
геополитичка перспектива. Таа дури во многу аспекти изгледа неразумна, противречна
и дури бесмислена. Главниот државен проблем на Византија – Турците во Анатолија
бил запоставен за да се даде приоритет на политики кои не изгледаат неопходни, а
изгледаат дури ексцентрични. Биле потрошени огромни средства за цели кои не би
требало да бидат приоритет за политички лидер на Империјата. Но Мануил делувал во
улогата на универзален христијански император, одговорен пред Бога за целата
христијанска црква и за него надминувањето на расцепот во црквата и неговите
политички последици имал приоритет пред враќањето на Мала Азија и јакнењето на
Византија како локална сила. Така било и за неговите претходници. Затоа
потчинувањето на Антиохија и враќањето на патријархот таму се клучна цел на
политиката на исток. Заштитата што ја давал на крстоносните држави имала повеќе
цели: да се подобри положбата на православните во овие земји; да се воспостави
законската хиерархија протерана од крстоносците; да го поправи негативниот имиџ
создаден за неговата Империја на Запад и така да го намали непријателството и
недовербата меѓу Истокот и Западот и преку тоа да ги помогне преговорите за
надминување на црковниот раскол. Иста цел имале и обидите да се постигне унија со
папата и преговорите водени со монофизитите на исток. Со иста насока биле и
инсистирањата да се олесни обраќањето на муслимани во христијанството, преку
поприфатлива за нив формулација на заклетвата, за што дури дошол до судир со својот
патријарх. Слична мотивација имала неговата политика во Италија против Норманите –
главните поддржници на папството во неговата нова политика; затоа и во периодот на
борбата за инвеститура меѓу папството и Германија, Византија е во добри односи со
Германија (пред 1122), а потоа односите полека се расипуваат, кога Германија ја
прегрнува папската политика. Политиката спрема Унгарија и плановите да го постави на
византискиот престол унгарскиот престолонаследник исто можат да се разберат од овој
аспект како начин за намалување на недовербата на Запад. Неговите напори да најде
формула да се надмине расколот биле искрени. На долги патеки во својата преценка на
приоритетите на империјата Мануил се покажал прав – имено црковниот раскол ќе
доведе накрај до падот на Византија во 1204 г.
***
Мануил Комнин умрел во 1180 г. без да успее да ги постигне своите главни цели. Го
оставил престолот на својот малолетен син Алексиј II.

5.3. Падот на Комнините

19Име користено во Новиот Рим за жителите од територијата на некогашната империја на Карло


Велики и генерално за христијаните под јурисдикцијата на папите.

45
(Основна литература: Magdalino, 2009, 646-649, 650, 655, 660; Stephenson, 2009, 686-
687; Острогорски, 1992, 474- 481; Gregory, 2005, 271-272).
Пред смртта Мануил се погрижил да ја обезбеди власта на својот малолетен син,
создавајќи регентство од најугледни членови на фамилијата, патријархот и царицата, а
побарал гаранции од султанот на Рум и ерусалимскиот крал дека ќе го бранат
наследството на малиот Алексиј. Ситуацијата, меѓутоа, воопшто не била добра и
лојалноста внатре во самата фамилија Комнини била недоволна и несигурна. Тоа што
Мануил долго немал син охрабрил повеќе негови роднини да се обидат да го освојат
престолот. Еден од најпознатите бил Андроник, повозрасен братучед на Мануил чиј
татко Исак долго се обидувал да ја земе власта од Јоан Комнин. Од 1154 г. Андроник
бил постојана грижа за Мануил. Фрлен во затвор тој два пати избегал од него (во 1159 и
1164 г.) и се криел во Русија, во муслиманските и крстоносните држави (1167-1180), на
крајот тој бил вратен и испратен во заточеништво на брегот на Црното Море.
При смртта на Мануил неговиот син Алексиј II бил 12-годишен. Регентството било
преземено од неговата мајка Марија, сестра на кнезот на Антиохија, без разлика што
истата станала монахиња по смртта на својот сопруг. Таа ја предала реалната власт во
рацете на внукот на покојниот Мануил ‒ протосевастот Алексиј Комнин, нејзин фаворит
и љубовник што предизвикало голем скандал меѓу Ромеите. Неспособен и суетен човек
тој настроил многу од своите роднини против регентството. Освен него императрицата
природно се потпирала на блиските на Мануил политичари од западно потекло. Тоа
создало впечаток кај народот дека целата власт во Империјата паднала во рацете на
Латините.
Императорката била непопуларна во Константинопол поради своите прозападни
позиции и латинофилската политика на нејзината влада; уште повеќе што таквата
политика не довела до позитивни резултати. Бела III – зет на Алексиј, согледувајќи ја
слабоста на Византија во 1181 г. ги освоил од неа Далмација, Хрватска и Срем,
уништувајќи ги плодовите на сите Мануилови успеси против Унгарија. Искористувајќи ја
ситуацијата рашкиот жупан Стефан Немања прогласил независност и ја освоил Дукља
од Византија.
Лидери на опозицијата станале ќерката на Мануил од неговиот прв брак –
порфирогенитата Марија Комнина и нејзиниот сопруг кесарот Рение од Монферат.
Нивниот заговор не успеал, но кога се засолниле во Света Софија народот не дозволил
да бидат уапсени и под притисок на јавното мислење регентката требало јавно да им
прости. Потоа таа се обидела да го отстрани патријархот испраќајќи го во манастир, но
народот го вратил од таму во триумфална поворка. За да го зачува редот во градот таа
морала да се потпира скоро исклучиво на западните војници (Runciman, 1997, 130, 131).
На крајот власта била освоена од Андроник I (1183-5), братучед и основен ривал на
Мануил I, кој во 1181 г. наводно во име на заштита на малолетниот цар, кренал востание
во Мала Азија, кое брзо се раширило. Во мај 1182 г. кога неговата војска наближила во
Константинопол започнало востание во кое бил извршен масакр над Латините во градот
(главно Генуесци и Пизанци), при што се рашириле гласови дека црквите биле
опљачкани, пациентите биле убивани во болниците, а главата на папскиот легат била
отсечена и врзана за опашот на куче (Ришар, 1996, 198, 199). Иако внимателната
анализа на изворите покажува дека таквиот опис е преувеличен и реалниот размер на
масакрот бил поскромен, но без разлика на неговата големина, тој ги засилил
непријателските расположенија спрема Ромеите на Запад. Оние Латини кои успеале на
15 брода да се спасат од Константинопол по пат ги опустошиле островите во
Мраморното море и брегот на Тракија (Rnciman, Schism, 132, 133).
Андроник влегол со триумф во градот и на почетокот настапувал како бранител на
малолетниот цар, погубувајќи ги своите опоненти во негово име. Регентот Алексиј бил
ослепен. Меѓу егзекутираните била и царицата мајка Марија, чија заповед за егзекуција
бил принуден да ја потпише самиот Алексиј, а наскоро биле егзекутирани и кесарот и

46
кесарисата – лидерите на опозицијата против Регентството и затоа ривали во
симпатиите на народот. Откако на таков начин го расчистил патот Андроник бил
крунисан во септември 1183 г. за совладетел на Алексиј, а потоа на негова заповед
младиот император бил удавен, а телото фрлено в море. Убиството на малиот цар
довело до поделба во владејачката фамилија. За да ја зацврсти својата власт Андроник
ја присилил 13-годишната сопруга на Алексиј, француската принцеза Агнес, да се омажи
за него без разлика што веќе имал 65 години. Згрозен од серијата убиства патријархот
се заканил да забрани на Андроник да се причестува, но императорот потпрен на
популарната поткрепа на народот немал проблеми да го симне патријархот (Runciman,
1997, 132, 133).
Андроник на внатрешен план се обидел со драстични мерки да ги излечи злата од кои
страдала империјата – доминацијата на воената аристократија, феудализацијата на
државата, корупцијата и претворањето на власта во фамилијарна сопственост.
Неговите методи биле брутални, но често и успешни. Продавањето на должности било
прекинато, за чиновници се поставувани способни луѓе со повисоки плати за да се
избегне опасноста од подмитување. Андроник ги поставил корумпираните чиновници
пред изборот „да се откажат или од своите зли дела или од животот“. Успеал да ги
отстрани злоупотребите при собирањето на даноците што довело до осетно
олеснување низ византиските провинции. Успеал, со решителни мерки, да ја искорени и
практиката да се ограбуваат бродовите кои настрадале и се засолниле на брегот –
виновните биле бесени на јарболите на од нив ограбените бродови.
Неговите мерки го претвориле во непријател на поголемиот дел од аристократијата, која
и најмногу профитирала од корупцијата. За да ги постигне своите цели и да го скрши сè
посилниот отпор Андроник прибегнал до брутален терор сеејќи страв и омраза. Режимот
на терор создал револт и отпор. На теророт се одговарало со терор и заговори.
Андроник егзекутирал повеќе членови на фамилијата Комнини, која во изминатиот век
била во основата на сите заговори и обиди за преврат, а сега ‒ на отпорот. Земјата се
нашла во ситуација на необјавена латентна граѓанска војна. Во Мала Азија, во Никеја и
Прус (Бурса) биле кренати востанија од членови на фамилијата Комнини, а еден од нив
– Исак Комнин успеал, во 1185 г., да го отцепи Кипар, се прогласил таму за василевс и
ковал пари со својот лик, станувајќи модел за серијата локални узурпации што ќе се
појават во следните две децении.
Се смета дека со своите дејствија Андроник сакал да ја врати старата политика од
времето на македонската династија, но во негово време аристократијата веќе ја
претставувала базата на византиската воена моќ и акциите на царот од темел ја
разнишале нејзината воена сила, создавајќи во исто време бројни надворешни
непријатели. Дел од убиените од него членови на владејачкиот род биле сврзани преку
бракови со влијателни западни фамилии. Некои од аристократите кои успеале да
избегаат во странство оттаму активно агитирале против неговото владеење. Тоа, заедно
со убиството на малиот цар, и убиствата на Латините во Константинопол во 1182 г.,
настроило голем број држави против Новиот Рим. Така, кралот на Ерусалим, папата,
кнезот на Антиохија, заедно со патријархот, Фридирх Барбароса, маркизот на Монферат,
кралот на Унгарија, кралот на Сицилија, италијанските трговски републики, но и
иконискиот султан станале непријатели на Андрониковото владеење. Кон тоа
придонесувала и новата политика на Империјата на исток. Андроник преценил дека
интересите на Империјата на исток подобро ќе се заштитат преку сојуз со растечката
сила на Саладин (Египет) отколку со слабите крстоносни држави. Лошата репутација
што тој ја заработил во латинскиот исток додека во минатото престојувал таму20 исто
така негативно влијаела на односите со крстоносните државички.

20Андроник тогаш успеал да ги соблазни сестрата на владетелот на Антиохија и вдовицата на


ерусалимскиот крал.

47
Како резултат на ваквата политика Андроник си создал непријатели на сите страни. Бела
III, зет на убиениот Алексиј I, сега настапувал како одмаздувач на царицата Марија. Во
1183 г., во сојуз со рашкиот жупан, тој ја освоил византиската територија сѐ до Сердика,
земајќи ги одовде моштите на св. Јоан Рилски. Џенова и Пиза започнале активно да го
поддржуваат пиратството во Егејско Море нанесувајќи ѝ голема штета на византиската
трговија. На исток, кнезот на Мала Ерменија Рупен III (1175-87) го отфрлил својот
вазален статус спрема Византија и ги окупирал последните византиски градови во
Киликија.
Свесен за својата изолираност на запад Андорник се обидел да ја поправи ситуацијата
придобивајќи ја Венеција преку исплаќање оштета за претрпените штети и обновувајќи
ги нејзините привилегии, но ниту тоа не ја подобрио сериозно положбата.
Антилатинската политика на Андроник и отсуството на сојузници на Запад го отворале
патот за нова норманска инвазија, нешто што неговите претходници успешно го
спречувале. Во 1185 г. норманскиот крал Вилијам II, поттикнат од правнукот на Мануил
– Алексиј Комнин и под изговор дека сака да го врати на тронот Алексиј ΙΙ (лаже - Алексиј)
ја нападнал Византија, го освоил Драч (јуни 1185), а потоа, после тешка 18-дневна
опсада и Солун (24 август 1085). Овде бил извршен масакр како одмазда за масакрот
извршен три години порано во Константинопол. Поделени на два дела Норманите се
насочиле кон Серес и Константинопол. Аристократијата која ја сочинувала воената сила
на Византија била непријателски расположена спрема василевсот и затоа империјата
се покажала целосно немоќна пред Норманите. На 12 септември 1185 г. во Цариград
започнало востание – граѓаните на столицата дотогаш силни приврзаници на
императорот се свртеле против него, толпата го фатила Андроник и го убила после
жестоко мачење. Со неговата смрт завршил и обидот да се стават граници на
независноста и влијанието на земјовладелската аристократија. Во текот на следните две
децении централната власт ќе колабира, локалните династии и тирани ќе станат
независни, подготвувајќи го теренот за падот на империјата во 1204 г.

5.4. Културни и духовни текови во XI и XII в.


5.4.1. Реорганизација на Цариградската патријаршија
Во XI - XII в. црковната организација во Империјата преживува одредени промени, кои
доведуваат до зголемување улогата на патријаршискиот синод и силно развој на
патријаршиската канцеларија. Уште од крајот на Х в. изборот и ракополагањето на
митрополит наместо да е дело на провинцискиот собор било предадено во надлежност
на синодот (изборот) и патријархот (ракополагањето). Синодот дури ќе се обиде
неуспешно да ја ограничи власта на патријархот, што ќе породи повеќе
спротивставувања. Поради загубата на повеќе територии поради турското освојување
како и замената на православните епископи до Сирија и Палестина со католички, после
крајот на XI в. голем број митрополити ќе се присутни постојано во Константинопол и ќе
играат улога на Синод. Во XII в. синодот претседаван од патријархот добива власт над
сите дела на патријаршијата – догматски, црковни, литургиски, дисциплински. Се
создаваат пет специјални функции во Синодот, кои истовремено добиваат позиција на
ѓакони во Света Софија и служители на патријархот.
1. Големиот Хартифилакс (Секретар) – најважната личност меѓу нив, специјалист по
канонско право и изготвувач на патријаршиските писма и декрети.
2. Големиот Сакелариј (кој ги надгледува патријаршиските манастири), втор по значење.
3. Големиот Иконом.
4. Големиот Скевофилакс (задолжен за литургиските прашања).
5. Сакелиу – надзорник на црквите.
Сите овие поседувале броен секретаријат и добиваат големо влијание во црквата, што
се гледа во тоа што почнуваат да добиваат високи митрополитски должности. Нивната

48
појава го означува активирањето на клириците во политиката – тие често соработуваат
со императорот и сенатот понекогаш дури и против патријархот. Исто тие често држат
професорски позиции во патријаршиската школа и од тука имаат значајно влијание во
интелигенцијата (Papadakis – Mayendorff, 1994, 185 – 189).

5.4.2. Полет на монаштвото – Света Гора


(Основна литература: Rosses, 2000, 157 – 167; Papadakis – Mayendorff,1994, 276 – 282;
Greenfield - Talbot, 2016, ix).
Во доцниот среден век монаштвото во Византија останува истото како во времето на
неговите основачи Свети Антониј, Пахомиј и Василиј. Тоа се дели на два типа –
еремитичко (отшеничко, осаменичко) и кенобитиско (колективно). Двата вида не се
исклучувале меѓу себе и имало и меѓуваријанти или од еден вид се поминувало во друг.
Својата целосна детална форма монаштвото го добило под влијание на манастирот
свети Јоан Студит во Константинопол, во времето на влијателниот игумен свети Теодор
Студит (759-826), кога бил создаден детален правилник за организирањето на животот
во манастирот, базиран на старите правила и кој потоа станал пример за организирање
на монаштвото во православниот свет. Тој ги избегнувал крајностите и давал акцент на
колективното служење на Бога, и рачниот труд.
Монасите потекнувале од сите слоеви на општеството и нивниот принос во областите
на верата, културата и уметноста бил добро познат и почитуван. После падот на
иконоборството монаштвото постојано се засилувало. Македонската династија и
Комнините активно ги поддржале постоечките и основале нови манастири.
Византија познавала „свети планини“ и во постариот период – тоа обично биле
изолирани и ненаселени планини, кои привлекувале отпрвин отшелници, а потоа се
создавале серија манастири, што создавало големи монашки центри, каква што била
планината Олимп во Мала Азија, каде имал манастир и свети Методиј Солунски. Една
таква планина била Атос на Халкидик, која привлекувала отшелници уште од IX в., со
враќањето на византиската власт овде. Првиот голем манастир од кенобитиски тип ќе
биде основан од Свети Атанасиј Агиорит во 963 г. – Големата Лавра, која користи имено
студитски правилник. Веќе во 1008 г. манастирот Ивирон имал 300 монаси, а во 1030 г.
монасите во Големата Лавра броеле 700 души, а нивната бројка уште повеќе се
зголемила кон крајот на векот. Манастирите се организирале во монашка федерација
начело со совет на игумените, кој заседавал во административната столица – Кареја, но
секоја манастир си останувал независен. Така се појавила Света Гора во Македонија.
Големиот број монаси и посетители барал многу храна, која не можеле да се обезбеди
од производството во Света Гора. Тоа било компензирано со големи дарови во пари,
земја и ослободувања од давачки од страна на императорите. Кон средината на XI в.
Големата Лавра добивала од државната благајна годишно по 2232 номизми, а Ивирон –
592. Благодарение на своето богатство и протекцијата на императорите манастирите
биле во позиција да инвестираат во производство, да купуваат имоти и особено
напуштени поради варварски напади земји, што од една страна носело добра печалба
на манастирите поради ниската цена на купување и почетниот олеснет даночен товар,
а од друга помагало за обновување на производството во Македонија. Манастирите
добиле голем број имоти низ Јужна Македонија, во Халкидики и по Долна Струма, а исто
така ги инвестирале умешно добиените пари и дарови за купување лозја, ниви за жито,
маслинови гори, гледање стада и организирање производството низ Халкидики и Јужна
Македонија, особено на вино, зејтин и восок неопходни за манастирските служби. До
крајот на XI в. Големата Лавра поседувала земја во регионите – Струма, Халкидики –
Солун во размер на 4705 хектари, а Ивирон дури 8000 хектари. Тоа ги претворило
Светогорските манастири во важен економски фактор во Македонија, но и воопшто во
Византија.

49
Турската инвазија во крајот на XI в. довела до згаснување на Светите гори во Мала Азија
и ќе го претвори Атон во единствено големо монашко средиште од таков вид –
единствена Света Гора. Со создавањето на манастири како Зограф (словенски) и
Ивирон (грузиски) Света Гора станува зона на сѐ-православното монаштво, центар на
чести посети од монаси од Италија, Кавказ, Русија и т.н. и од тука можност за активна
размена на искуства и знаења. Од пуста територија полуостровот Атос се претворил во
земја со бројни големи и убави манастири, кои разработиле сѐ што било можно да се
разработи во оваа негостопримна територија. Таа се претворила во центар кој
привлекувал и голем број верници од целиот православен свет; овде имало на почетокот
и бенедиктински манастири од Амалфи. Освен центар за обука во аскетски практики и
споделување на монашко искуство, манастирите биле исто така и центри за размена на
занаетчиски и уметнички знаења и умеења. Влијанието на Света Гора се чувствувало
од Медитеранот до Северниот океан. Таа и ќе биде центар на монашката ренесанса во
XIV в. и исто така најголем центар на исихазмот и срце на над-националното
мултиетничко исихастичко движење понатаму.

5.4.3. Харистикија
(Основна литература: Papadakis – Mayendorff, 1994, 280)
Манастирите имале големо духовно влијание но биле и моќен финансиски фактор во
Империјата. Била раширена практиката богати личности да основат манастири и такви
се појавувале постојано. Лошото управување со нивните имоти, или завршувањето на
оставените од основачите на манастирите пари често ги воделе истите во криза и
запустување. За да се надмине ова се вовела практиката на давање харистикија. Тоа
значи давање на манастирот и неговите имоти на грижа на влијателно светски лице со
цел да бидат средени манастирските финансии. Се давала за временски период,
понекогаш – доживотно. Тоа не давала право на сопственост. При совесно извршување
на должноста харистикијата имала позитивен ефект. Проблем настанувал кога
држателот на харистикијата истата ја злоупотребувал за свое лично богатење, како
често се случувало. Системот станал жртва на корупција и на друг начин – започнало во
харистикија да се даваат и манастири, чија економија била во добра состојба и немале
потреба од таква помош, но императорите во тоа наоѓале начин да наградат свои
приврзаници или да исплатат свои задолженија. Злоупотребите често ги воделе таквите
манастири во криза и банкрот. Големата власт добивана од несовесни држатели на
харистикија водела до тоа некои манастири да се претворат од духовни средишта во
светски живеалишта, дисциплината опаѓала, сиромашните за кои се грижел манастирот
исто страдале. Слабеела и власта на епископите во такви манастири. Иако не сите
манастири станале жртва на таква корупција сепак таа сериозно го засегнало
монаштвото и било причина за негово опаѓање во текот на XI - XII в. независно од
силната поддршка давана од императорите. Тоа предизвикало силна реакција внатре
во црквата – проповедите на личности како антиохискиот патријарх Јоан Оксит и
митрополитот Лав од Халкедон довеле до драстично намалување на практиката да се
дарува харистикија.

5.4.4. Врв на културната и интелектуална обнова на Новиот Рим


(Основна литература: Шене - Флизен, 348 – 350, 393)
Врв на економската обнова бил достигнат во XII в., а тоа нашло израз во вистински
културен процут. Биле изградени голем број блескави цркви и манастири, царски и
приватни палати. Се произведуваат луксузни од највисок квалитет. Уметноста и
сликарството бележат процут, заедно со украсувањето на книги. Се појавуваат
литературни кружоци околу богати мецени. Богатството на облеката и префинетоста на
животот стануваат препознатлива карактеристика на Новиот Рим до степен што

50
Западњаците започнуваат да ги поигруваат Ромеите дека се женствени и дека за нив
книгата и перото им се поблиски отколку оружјето. Во книгите рецептите за вкусна храна
заземаат место како никогаш порано. Особено предничел Константинопол со својот
блескав културен живот, концентриран околу императорскиот двор, но исто така и во
големите цркви и манастири и богатите аристократски фамилии. Животот во градот бил
карактерен со своите богати процесии и карневали.
XII век обележал и врв на интелектуалниот живот. Освен низа на светски интелектуалци,
како Јоан Итал, активно учество земат и голем број на црковни лица. Главен центар на
ученоста и книжевноста била престолнината и повеќе учени луѓе на тоа време, такви
како Теофилакт Охридски или Михаил Хонијат – атинскиот владика се жалеле дека со
своите назначувања далеку до престолнината се протерани до цивилизацијата. Но
преку испраќање на некои од најистакнатите интелектуалци како митрополити во
провинциите империјата не само ги спонзорирала нив и им помагала да продолжат со
својата дејност, но и испрати дел од столичната ученост во провинциите. Овие
интелектуалци често лично се познавале меѓу себе од времето на своето образование
и служба во Константинопол и сега далеку од него тие развивале активна
кореспонденција меѓу себе, делови од која ќе бидат собирани и издавани како примери
на висок стил и ерудиција. Надвор од Константинопол исто се забележува
интелектуално будење – особено во Солун и Трапезунд. Најголемиот ерудит на XII в.
бил архиепископот Евстатиј Солунски, кој оставил коментари на Хомер, реторички дела,
историски опис и богата кореспонденција.
Со етаблирањето на моќните аристократски фамилии во XII в. се појавуваат и приватни
патрони на уметноста. Влијателните луѓе во Империјата се стремеле да се опкружат со
учени и способни луѓе. Се појавуваат книжевни салони во кои авторите ги читале своите
дела пред тие да бидат објавени. Се појавува нов вид автор – таков кој живее од своето
пишување, а со помош на богат заштитник, како пример за кој може да служи
филозофот, говорник и поет Теодор Продорм. Се шират некогаш маргинални и се
појавуваат нови жанрови во книжевноста. Со запишувањето на епот за Дигенис Акритис
говорниот јазик навлегува во книжевноста. Иако реториката продолжува да биде нај
модниот жанр, се шират и сатирата, и љубовните романи.
XII век е време на процут на историографијата. Во тоа време пишуваат Јоан Зонара,
Никифор Вриениј, Јоан Кинам; Константин Манасиј ќе напише извонредно популарна
историја во стихови, а делата на Ана Комина и на Никита Хонијат спаѓаат меѓу
најдлабоките трудови на византиската историографија воопшто.
На овој процут бил ставен брутален крај во 1204 г.

5.4.5. Црквата и интелектуалните појави во 11 – 12 в.


Времето на Комнините е време на процут на правото. Обновата на правото сега за
разлика од периодот на македонската династија оди подалеку од неговото собирање и
систематизирање, кон коментирање и унапредување. Се појавува нова класа од јуристи
и канонисти. Луѓе како Алексиј Аристенус, Јоан Зонара и Теодор Балсамон ќе бидат
водечки канонисти на времето, кои ќе соберат и ќе дадат коментари на целата колекција
од канонски црковни извори и влијанието на нивните трудови ќе се чувствува силно во
следните векови.
Богословските дебатите водени меѓу богословите внатре во Империјата во времето на
Комнините биле главно од христолошки карактер при што сите прашања од раните
вселенски собори биле поново проучени. Од IX до XV в. христологијата и сотирологијата
се јавуваат доминантна грижа за византиските богословски кругови и сите доктринални
дискусии ќе бидат поврзани имено со христологијата. Само во XIII в. прашањето за
Filioque ќе заземе главно место.

51
После времето на Михаил Псел и засилениот интерес меѓу неговите ученици кон
античката филозофија, кон логиката на Аристотел и неоплатонизмот, кај некои
интелектуалци се отвораат одредени проблеми на богословски план. Дел од
ентузираните љубители на антиката се обидуваат да ја претворат аристотеловата
логика, филозофијата и човечкиот ум во единствен инструмент за објаснување на
божествените тајни. Црквата реагира и на неколку црковни собори и синоди учењата на
такви интелектуалци биле осудени. Византиската црква до крај ќе продолжува да ја
брани првичната теза дека иако логиката и философијата можат да бидат корисни
инструменти во објаснувањето на божествените работи, а паганските филозофии – да
бидат корисен дел од учебниот процес, сепак тие не се ниту главни, ниту незаменливи
во разбирањето на божествените тајни, зашто длабочината на овие тајни е недостижна
за човековиот ум и тие се вистински достапни само преку откровението дадено во
Божјото писмо; некои тајни треба да се примаат со вера и смирение, а не да се
потчинуваат на судот на ограничениот човечки ум и на ограничените моментни знаења
и верувања во науката. За разлика од латинскиот запад каде богословието во XII – XIII
в. се претвора во организирана и сеопфатна систематска теоретска наука, во Византија
богословието останува во доменот на религијата и во голема степен останува практична
дисциплина, истражувана од луѓе што неа активно ја практикуваат - почесто - монаси.
Византиското монаштво ќе остане примарен извор на креативност во Византија до
нејзиниот пад. За разлика од Запад, овде богословието никогаш нема да биде
претворено во учебен предмет ниту во училиштата, ниту во универзитетот
Во времето на Комнини се преценува дека се случиле 25 судови против интелектуални
ереси. Тие не биле насочени кон движења и заедници, туку кон индивидуални мислења
или такви на мали групи интелектуалци. Одлуките обично ги носел синодот. По познати
меѓу таквите соборски одлуки биле следните. Во 1076/7 и 1082 бил осуден Пселовиот
ученик Јоан Итал, зарад учења слични на оригенизмот; неговата осуда е првата која
влегува во Синодиконот на православната црква после времето на иконоборството. Во
1117 г. најславниот Италов ученик митрополитот на Никеја Евстатиј, кој инаку
учествувал во повеќе дебати во заштита на православието, бил осуден за поддржување
на толкувања блиски со несторијанството. Во 1156/7 г. по прашања поврзани со
причеста биле осудени антиохискиот патријарх во прогон Сотерихус Пантевгенус и
неговите приврзаници, меѓу нив митрополитите Михаил Солунски и Евстатиј од
Дирахиум. Ова учење било анатемисано и анатемата - вклучена во Синодиконот. На два
собори во 1166 и 1170 биле осудени Константин од Корфу и Јоан Ириникус.
Интелектуалците, чии ставови биле осудувани, обично сами се откажувале од нив и не
биле подложувани на потешки казни. Смртни казни за такви интелектуалци не биле
изрекувани. Најтешките казни биле одземање на црковната позиција, кога заземале
висок црковен пост. Потешка казна во некои случаи изрекувал императорот во вид на
заточение надвор од Константинопол за одреден период. Во целиот период не била
наложена цензура врз античките текстови кои продолжиле да се користат и во
образованието (Papadakis – Mayendorff, 1994, 175 – 185, 188 - 195).

5.4.6. Дебатите со Папството за време на Комнините


Во времето на Комнини се одржуваат активни контакти со Западот. Дури после првиот
крстоносен поход Византија станува свесна за големината на проблемот и за
претензиите на западните реформатори. Константинопол бил посетен од голем број
истакнати западни интелектуалци, и нивното присуство овозможило водење на јавни
дебати по прашањата за папската супрематија, (не)квасениот леб во причеста и Filioque.
Темата за папскиот универзален суверенитет зазема централно место во богословската
литература на византискиот XII в. Имено во XII в. Истокот ќе го оформи својот одговор
на папските претензии, во сите аспекти и XIII в. на тоа нема да му додаде ништо
суштинско, освен што ќе стане повеќе полемички. Несогласноста била спрема папските

52
претензии, а не по прашањата за моралот и дисциплината во црквата во врска со кои и
константинополската патријаршија зема повеќе сериозни мерки во текот на XII в.
особено за експлоатацијата на манастирските имоти од страна на мирјани (Papadakis –
Mayendorff, 1994, 151, 153, 154).
Во текот на XII в. ќе стане јасно дека Истокот и Западот веќе фундаментално се
разминуваат по разбирањето на папскиот примат во црквата. Пред 1100 г. Истокот
немал проблем да го признае папскиот примат во Пентархијата, кого го разбирала како
позиција на прв меѓу рамни, но управувањето со Црквата се сметало за доверено општо
на сите патријарси во духот на 34-то Апостолско правило (види во Прирачникот). Никој
епископ или патријархат вклучително првиот – не поседувал универзална јурисдикција
како ексклузивен прерогатив. Приматот не се разбирал како доктринарна
непогрешливост, ниту како апсолутна супрематија над сите цркви и нивните хиерархии.
Правото на некој поглавар да интервенира во делата на друга црква било туѓо за Истокот
и повремените папски претензии во таа насока биле категорично отфрлани како
неканонски. Апелирањето до моралниот авторитет на папата правено повремено на
Исток не предвидувало признавање на монархиска или правна власт на истиот, а
поскоро како апелирање кон морален авторитет и начин да се опонира на императори
еретици и поставуваните од нив патријарси. До XII в. монархиското управување на
црквата не било дел од еклесиологијата, канонското право или традицијата не само на
Исток, но и на Запад. Новата интерпретација на папската супрематија како монархиска
власт во црквата била продукт на реформацијата од XI в. и стремежот за централизација
на црквата (Papadakis – Mayendorff, 1994, 154 – 155; Runciman, 1995, 93, 94).
На почетокот на XI в. во Византија веќе се појавуваат полемички дела и по другите две
прашања. Прашањето за потеклото на Светиот Дух ќе заземе централно место во
капиталното дело на Теофилакт Охридски „Пространото житие на Св. Климент
Охридски“, каде тоа е претставено како главна ерес на оние што го прогонувале
словенското писмо, а словенските ученици се дадени како заштитници на Светиот Дух
и во додадената полемика е наведена аргументацијата на Теофилакт против Filioque.
Во првата декада на XI в. свое дело против Азимитите (т.е. оние кои употребуваат
неквасен леб во причеста) напишал протераниот од Антиохија патријарх Јоан Оксит.
Во 1113 г. во Константинопол била спроведена дебата во присуство на императорот,
меѓу миланскиот архиепископ Петар Гросоланус и неколку византиски богослови меѓу
кои Евстатиј од Никеја и Јоан Фурнес. Темата била прашањето за папската супрематија,
додека прашањата за Filioque и неквасениот леб не биле дискутирани. И двете страни
во неа тргнуваат од различни претпоставки и нивните аргументи фундаментално се
разминуваат. Суштината на проблемот се покажува дека се претензиите за апсолутна
монархиска супрематија на папата, врз кои Гросоланус ја базира својата аргументација,
позиција која ги прави сите контрааргументи на Источните ирелевантни за него.
Прашањето допира до тоа има ли право папата по свое разбирање да додава зборови
во симболот на верата или не, има ли право да инсистира на еднакви црковни практики
во целата црква и да ги одредува таквите, или не. Тоа прашање испливало на
површината наспроти што по инсистирање на императорот прашањето за папскиот
авторитет не бил дискутирано во дебатата.
Дебатата станала широко позната и предизвикала реакции од повеќе византиски
богослови., Учесниците во дебатата од византиска страна ги објавиле аргументите што
тие ги користеле против Гросоланус. Свои трактати објавиле и Никита Сеидес од
Иконија и историчарот монах Јоан Зонара и филозофот Теодор од Смирна. Сепак
следејќи ја линијата на императорот во Делото посветено на побивање на сите ереси:
Паноплија догматика, блискиот до Алексиј богослов Евтимиј Зигавин, не зборува
посебно за Латините, прашањето за бесквасниот леб е дискутирано во однос на
Ерменците, а за потеклото на Светиот дух, изгледа дури и не било засегнато, а е
додадено подоцна – преземено директно од трактатот на патријархот Фотиј по темата
(Runciman, 1997, 108 110).

53
Многу значајна дводневна дебата одржана во 1136 г. меѓу Анселм од Хавелберг,
амбасадор на германскиот император и Никита од Никомидија, а во присуство на
императорот. Таа имала две сесии, втората од кои била одржана во Света Софија.
Првата тема била Filioque, а втората - папскиот примат и (не)квасениот леб.
Анселм се аргументирал преку доктрината на Петризмот, дека власта во црквата била
дадена од Исус Христос на свети Петар (Мат. 16:18; Лука 22:32; Јован 21: 15), чиј
наследник е папата, и свети Петар живеел во својот наследник – папата, и како таков
папата поседува Plentitudo potestatis (термин кој на Запад ја изразува полнотата на
папската власт - врховното право на папата да интервенира во сите делови на црквата,
кое веќе околу 1140 г. е општоприфатено на Запад). Поради таквата своја позиција
папата никогаш не западнал во ерес. Според него по принцип постоеле само три
црковни престолнини - Рим, Антиохија и Александрија – на сите од кои им припишувал
потекло од апостолот Петар директно (Антиохија и Рим) или посредно (преку ученикот
на апостол Петар - апостолот Марко), девалвирајќи го така значењето на Новиот Рим.
Од оваа позиција папата имал право да ги отфрла византиските практики на
причестување и да извршува други промени во Црквата.
Никита ќе ја даде најелоквентната заштита на православната позиција во XII в. Тој
одговорил дека Истокот нема проблем со папскиот примат по принцип – но овој примат
се разбира не како базиран на апостолско основање од свети Петар туку на улогата на
Рим како престолнина на империјата и како базиран врз и легитимиран преку одлуките
на црковните собори, а не наследен од апостолот Петар. Тие го прават папата само
епископ на првиот престол, а не универзален епископ или “принц на свештениците,
врховен свештеник или нешто од овој род“, а уште помалку му даваат монархиска власт.
Имено во таквите претензии, според него бил коренот на конфликтот. Против
доктрината на Петризмот, тој ќе се аргументира дека правото дадено од Господ „да
врзува и разврзува“ е дадено не само на Петар, но и на сите апостоли (Јован, 20: 22, 23;
Матеј, 18: 18) и дека на денот на основање на црквата Светиот Дух слегол еднакво на
сите апостоли, а не само на апостол Петар, така што ниту едно црковно седиште не
може да претендира дека се јавува единствен носител на полнотата на Божјата
спасителна благодат. Наспроти папската претензија за ексклузивно наследство од
апостол Петар и неговите привилегии, тој посочува дека секој епископ на црквата како
наследник на апостолите претендира на привилегиите дарувани на Петар; дарот на
Петар не можел да се толкува институционално, легалистички или територијално како
основање на Римската црква. Во тоа тој бил близок до некои од толкувањата прифатени
порано и на Запад дека давањето на клучевите на црквата на Петар, претставува нивно
давање на целиот епископат.
Против претензијата дека папството никогаш не паднало во ерес Никита одговорил дека
иако ересите често се раѓале на Исток, тие исто така и биле победувани на исток и тоа
било постигнато не од папството а од колегијалниот напор на сите епископи и
погенерално на вселенските собори. „Зашто тие бие оние кои исполнети со ревност за
верата, ги осудија овие ереси и дадоа потврда на вистинската вера, понекогаш со
Римската црква, понекога – без.“ Немањето ереси на Запад било случајно и се објаснува
со неговата заостанатост и немањето на учени и богослови (види Прирачникот)
(Mayendorff, 156 – 158).
Тој бил спремен да прифати како компромис кон Латините да се кажува дека светиот
Дух доаѓа „преку Синот“, но не и дека „произлегува од Синот“ иако сметал дека дури и
таква варијација не треба да се додава во Симболот. За бесквасниот леб потенцирал
дека различни папи поддржувале различни позиции и според тоа: „Ако, авторитетот на
Римскиот првосвештеник изгледа е доволен за вас да го користите против мене, тој би
требало да е доволен за мене да го користам против вас“ (Runciman, 1997, 115, 116).
Во 1154 г. Анселм од Хавелберг пак го посетил Константинопол и на враќање поминал
низ Солун каде имал дебата со архиепископот Василиј од Охрид, по истите прашања и

54
поново суштинскиот проблем се покажало дека е прашањето за папскиот авторитет
(Runciman, 1997, 119).
Освен со организирање дебати, дијалогот одел и преку писмена кореспонденција. Така
во 1155 г. папа Адријан IV му напишал на солунскиот архиепископ Васил писмо во кое
барал истиот да им помогне на неговите пратеници, но и не пропуштил да ја изложи
својата позиција за папскиот авторитет и ја опишал Источната црква преку евангелската
парабола за изгубената овца. Архиепископот одговорил навреден дека тоа од страна на
папата е несовесна клевета, зашто со Божјата благодат Петровата исповед на верата
била секогаш непоколеблива основа на неговата црква и дека од ова наследство на
верата христијанскиот исток никогаш нема застрането . Папата можел да ги нарече
изгубена овца доколку тие имаат ставено нови зборови во Симболот на верата или
користеле бесквасен леб, но случајот бил токму спротивен. Сепак забележал дека
разликите меѓу двете цркви се мали и можат да се решат при добра волја меѓу
епископите раководени од папата и оние од патријархот на Константинопол (Runciman,
1997, 119; Papadakis – Mayendorff, 1994, 160 – 162).
Уште повеќе се стврднал тонот во патријаршијата кон крајот на владеењето на Мануил.
Кога во 1169/1170 императорот го препратил писмото на папата со барање патријархот
да го признае неговиот примат, да прифати право на апелација до Рим и да го спомнува
неговото име на литургија, патријархот Михаил од Анхијало, бил категорично против во
однос на претензиите за супрематија и доктрината на петризмот, кои основано ги
распознал како суштина на проблемот. Тој одговорил дека приматот на Рим не доаѓа од
Петар а од позицијата на градот како престолнина на империјата. Ако основата на
приматот е наследство од апостол Петар истиот бил претходно епископ на Антиохија и
Антиохија е постаро црковно средиште од Рим, а освен тоа по истата логика приматот
треба да оди во Ерусалим. Управувањето со вселенската црква треба да се базира на
современи реалности, а не на сведоштва за апостолско основање, кои не дозволуваат
неспорен заклучок. И затоа без разлика какви права можел да има во минатото Рим е
смешно врховното управа на црквата во империјата да се наоѓа на друго место освен во
нејзината престолнина - Константинопол, кој е избран од Бога за седиште на
христијанската империја. Патријархот ќе стигне до таму да изјави дека поскоро ќе ја види
Црквата под светска доминација на неверници, отколку под духовната доминација на
Западот. „Нека Муслиман биде мој материјален господар, подобро отколку Латинец да
биде мој духовен господар. Ако сум потчинет на првиот, тој барем нема да ме присилува
да ја споделувам неговата вера. Но ако треба да бидам обединет во религијата со
вториот, под негова контрола, јас може да се одвојам себе си од Бог“ (Runciman, 1997,
121, 122). Овие зборови ја формулираат за прв пат дилемата пред која ќе стои
империјата во следните 273 години, додека третата опција – независност полека ќе се
губи.
***
Дебатите водени во овој период се карактеризирале со својата умереност и
цивилизираност. Сепак полека византиските богослови станувале свесни за
длабочината на разликите.

6. ДИНАСТИЈАТА НА АНГЕЛИТЕ И ПАДОТ НА КОНСТАНТИНОПОЛ


(1185-1204)
(Основна литература: Magdalino, 2009, 649-651, 655-657; Stephenson, 2009, 687-689;
Острогорски, 1992, 439-440, 459, 482-491; Gregory, 2005, 272, 273; Papadakis –
Mayendorff, 1994, 100 – 105; Runciman, 1997, 102, 103)

55
6.1. Новиот Рим во изолација. Продлабочување на недовербата меѓу Ромеи и
Латини и растечка опасност од Западна инвазија
Почетната обострана добра волја што се забележува за време на Првиот крстоносен
поход, уште тогаш започнала да се губи. Грабежите на посиромашните крстоносци
предизвикале реакција и се стигнало до насилство и убиства и од двете страни. Лошиот
спомен од првите контакти понатаму ќе породува силна недоверба кај населението во
Византија и одбивање да обезбедуваат пазари за крстоносците и да ги снабдуваат со
храна и намирници. Тоа ќе биде толкувано од крстоносците како акт на непријателство
и неретко ќе ескалира до насилни грабежи и убиства, особено кога војската е оставена
без храна.
Важна улога за засилување на недовербата ќе имаат Норманите. Соочен со притисокот
на надмоќната Империја кон Антиохија Боемунд, се вратил во Италија да организира
нова инвазија на Балканот. Антивизантиската пропаганда што притоа ја извршил на
Запад одиграла важна улога во раѓањето на митот за византискиот император како
предавник на крстоносниот поход. Норманите успеале до 1104 да го придобијат
поголемиот дел од јавното мислење на Запад против Империјата, претставена како
бескрупулна и виновна за секоја крстоносен неуспех на Исток. Негативното мислење за
Империјата и источното христијанство нема да можат да бидат надминати ниту преку
дипломатијата на Комнините, ниту од добрата волја на многу Западни лидери.
Западњаците ќе гледаат на договорите што Империјата ги заклучува со исламските
земји како предавство, а на ист начин гледале и на византиското непријателство со
Антиохија. Учесникот во вториот крстоносен поход Одо од Деуил (личен свештеник –
капелан на крал Луи VII) јасно кажува дека за крстоносците Ромеите биле всушност
еретици поради отфрлањето на Filioque и латинското крштевање, како и поради
византиските практики на причест: „поради овие причини Грците21 беа мразени до
нашите луѓе, зашто нивните грешки станаа познати дури и меѓу обичните луѓе. Поради
тоа тие беа преценети дека не се христијани и Франките гледаа на нивното убивање
како на неважно прашање и поради тоа беше потешко да бидат спречени да грабат и
пљачкаат“. За време на овој поход идниот германски император Фридрих Барбароса,
како одмазда за тоа што разбојници убиле еден од феудалците во крстоносната армија,
ќе го изгори блискиот манастир и ќе ги убие монасите. И германската и француската
крстоносна армија, гневни што не се допуштени до Константинопол ги нападнале
неговите предградија (Runciman, 1997, 125).
Империјата на Ромеите се покажала погодна искупителна жртва за сите неуспеси на
крстоносците – наместо сопствените слабости и грешки на крстоносците; во новиот
крстоносен светоглед единственото можно објаснувања за неуспехот на „божјото дело“
можело да бидат само гревовите на христијаните и единствениот начин да го избегнат
обвинувањето дека нивните сопствени гревови се причината на неуспесите, за
крстоносците бил да го насочат исото кон предавството на „шизматиците Грци“. Тоа
било најприфатливо објаснување и за големите харизматични духовни лидери на
Западот кои го инспирирале Вторито крстоносен поход како Бернар, игуменот на Клерво,
Сугер, игуменот на Сен-Дени, Петар Венерабилис, игумен на Клини, кои заедно со
папскиот легат во Германија кардинал Теодвин после неуспехот на походот започнале
да проповедаат нов крстоносен поход против Константинопол. Само мудроста на папата
Евгени III и германскиот император Конрад II не дозволиле таа идеја да се развие. Но
без разлика на тоа, недовербата спрема Ромеите карактерна за атмосферата во која е
организиран и спроведен Вториот крстоносен поход после него навлегува и меѓу
обичните луѓе на Запад, прераснува во нетрпеливост и за мнозинството Латини Ромеите
биле веќе подеднакво закана како и муслиманите (Runciman, 1997, 127, 128).

21Понижувачко именување на Ромеите од Западните Христијани, кое има за цел да ја негира


нивната претензија дека се Римјани и наследници на Рим. Жителите на Византија себе си не се
викале Грци. Понатаму било пренесено и врз сите православни.

56
Негативните чувства биле меѓусебни, почетната добра волја на Исток е брзо заменета
со популарна одбивност. „Франките“ се видени како неизлечиво лакоми, а нивните
походи како мотивирани не толку од вера колку од алчност, разузданост и лични
амбиции. Силна одбивност создавале на Исток невидени практики како вооружени
свештеници, монаси и епископи, кои земале учество во битки. Не помалку биле тие
запрепастени дека папата можел да се меша во светски дела и да објавува војна на
владетели. Во 1137 г. пратеникот на василевсот на пат кон германскиот владетел Лотар,
во манастирот Монте Касино ќе му рече на абатот: „Вашиот папа има станато
император“ и додал дека не може да одобри црква „чиј епископ влегува во војна, како
вашиот папа Инокентие прави, раздавајќи пари, собирајќи војници и генерално
присвојувајќи го пурпурот“ (Runciman, 1997, 118, 128).
Проблемите се комплицирале и од црковната шизма создадена од Латинските држави
на Исток. Во 1139 г. папата Инокентие II забранил Латини да служат во војската на
императорот Јоан Комнин, ако тој се меша во црковните прашања во Антиохија.
Поставувањето на православни епископи на нивните древни седишта и особено на
Антиохиски патријарх во 1165 г. исто ги ескалирале проблемите (Runciman, 1997, 124).
Кон недовербата се додал и страв. Норманското навлегување 1105 претставувало
своевиден крстоносен поход и тоа со благослов на папата насочен не против
муслиманите, туку против Новиот Рим. Бројката луѓе кои сакале да се организира
крстоносен поход против Империјата растел на Запад низ целиот XII в. и идејата била
застапувана од истакнати личности како император Фридрих Барбароса, кралот на
Франција Луи VII, кралот Роџер од Сицилија, Бернар од Клерво и многу други. Идејата
да се освои Константинопол е сугерирана при секој Крстоносен поход во XII в. До крајот
на векот таквите мислења се претвораат во општоприфатени вистини и нивната
популарност е голема и затоа нападот против Константинопол во 1204 г. ќе биде
прифатен без колебање, зашто за секој учесник Ромеите биле гледани како еретици.
Ромеите биле свесни за тоа. Ана Комнина во средината на XII в. е веќе убедена дека
некои од крстоносните водачи не биле мотивирани од желба да одат до Божи гроб туку
да го освојат Константинопол. Во XII в. стравот од освојување постојано расте во Новиот
Рим, а бил поврзан и со порастот на италијанската трговија. До 1200 г. Медитеранот и
Дарданелите веќе не се под византиска контрола и Италијанците почнуваат да се фалат
дека ако сакаат можат да го задушат Константинопол преку нивата контрола врз
трговските морски патишта. Ова ја објаснува омразата на обичните луѓе во
Константинопол против западните трговци, и како мотивирана од страв, додека таа на
трговците и аристократијата била мотивирана повеќе од конкуренција. Убиствата
извршувани за време на крстоносните походи, како и во погромот над италијанските
трговци во Константинопол биле од една страна израз на веќе создадена омраза, но и
дополнително креирале таква.
Така крстоносните походи, заедно со создавањето од нив на паралелни црковни
хиерархии на Исток, одиграле важна улога во разделувањето на христијаните на Исток
и Запад. Ако до 1095 г. и на Исток и на Запад христијанството е сфаќано како единствено
цело, кон крајот на XII в. малкумина мислеле така. Ако во крајот на XI в. Крстоносците
се гледале себе си како спасители на источните христијани против муслиманите и
спремно прифатиле да станат вазали на византискиот император, сега тие гледале на
Империјата како на предавничка земја, на незиното население - како на еретици, а на
источната црква – како на побунета против авторитетот на папата. Нападот против таква
земја и нејзиното покорување биле веќе морално оправдани и дури пожелни. Новиот
Рим се нашол меѓу двата непријателски и војувачки света на Римо-католицизмот и
Исламот, никој од кои не гледал во неа пријател. На единствената граница по која тие
не граничеле со муслимани или римо-католици, живееле пагани - турските номади
Кумани, воинствени пљачкаши и грабачи, кои никаков договор не можел да заузда. Во
крајот на XII в. во геостратешка смисла Новиот Рим бил изолиран и опколен (Papadakis
– Mayendorff, 1994, 100 – 105, Острогорски 439-440, 459).

57
6.2. Слабеење на централната власт - сепаратизам во провинциите
Реакцијата против централизаторската политика на Андроник во комбинација со
слабиот авторитет на новата династија придонеле за слабеење на централната власт и
појава на бран од сепаратизам во византиските провинции. Новата династија немала
доволно легитимитет зад себе, а против неа, од една страна биле претставниците на
родот Комнини, а од друга секој посилен и амбициозен моќник во империјата гледал
шанса да ја оспори власта на Исак Ангел. Локалната аристократија ќе гледа сѐ помалку
корист од запазување на лојалноста спрема централната власт и сѐ почесто ќе ја бара
во одвојување од неа. Исак Ангел направил малку за да ги заузда амбициите на
провинциската аристократија, дури и ги помогнал ослабувајќи ја администрацијата преку
продавање на служби „како зеленчук на пазар“ со цел набавување средства за неговите
амбициозни градби во столицата. Зголемувањето на давачките, неразумното трошење
на пари и порастот на корупцијата осетно ја ослабело државата.
За 10 години владеење Исак ќе се судри со 17 заговори и во практика за него нема да
биде возможно да даде сериозна воена сила на влијателен војсководец без да ризикува
генералот да се побуни против него. Серијата од такви побуни во голема мера ја
парализирала силата на империјата и ја направила крајно неефективна против
локалните побуни.
Во Кипар продолжувал да владее Исак Комнин, а во Мала Азија се отцепиле Теодор
Манкафа, кој создал свое владение со центар во Фиалделфија, и Васил Чоца ‒ во
близина на Никомидија. Наскоро слични процеси ги опфатиле и балканските територии
на империјата. Со извонредните даноци за свадбата со унгарската принцеза Исак
успеал да ги револтира Власите во централна Мизија. На чело на востанието застанале
двајца браќа, Петар и Асан, чии аспирации да бидат вклучени во византискиот
пронијарски систем биле одбиени од новиот император. Повозрасниот – Петар се
прогласил за василевс на Ромеите и изгледа го зел како владетелско името Теодор („дар
од Бога“). Како инспирација браќата го искористиле падот на Солун – столицата на
темата Тесалоника, во чиј состав била „Голема Влахија“, т.е. Тесалија - за да ја развијат
тезата дека св. Димитар го напуштил Солун за да им помогне ним. Византија испратила
три експедиции против востаниците, но во два случаја војсководците ја искористиле
можноста самите да се прогласат за василевси и да тргнат кон Цариград (меѓу нив и
прославениот војсководец Алексиј Врана), а во третиот ‒ на чело бил неспособен
генерал. Кога на крајот лично Исак Ангел тргнал на поход тој лесно ги совладал
востаниците и го задушил востанието. Но водачите успеале да избегаат преку Дунав и
да ги придобијат на своја страна Куманите ветувајќи им слободен премин низ Стара
Планина и правото да го задржат пленот што можат да го земат од Империјата. Сојузот
со Куманите го спасил и обновил востанието, дел од Мизија била повторно освоена, а
Тракија била подложена на редовно ограбување. И покрај тоа што Исак Ангел во 1188 г.
успеал да го земе за заложник најмалиот од браќата востаници – Јоан (познат уште како
Калојан или Ј(о)аница Влавот) работите продолжиле да се влошуваат.
Во периодот 1185-1204 г. се појавиле и низа други узурпатори. Во Просек и Струмица се
отцепил Влавот Добромир Хрс; во Родопите за василевс се прогласил Влавот Иванко;
во Источна Македонија се отцепил византискиот управник Спиридонаки; во Западна
Македонија и Тесалија се обидел да го направи тоа Мануил Камица; во Пелопонез се
отцепиле Лав Сгур и Лав Каматир, а во Анталија во Мала Азија – Алдобрандин. Кога кон
овие обиди за отцепување од централната власт ќе ги додадеме серијата обиди за
освојување на централната власт од страна на византиски војсководци се добива јасна
слика за нестабилноста што ја опфатила империјата.

6.3. Исак II Ангел (1185-1195)

58
Исак Ангел бил член на аристократска фамилија, поврзана со Комнини – неговиот дедо
бил женет за најмалата ќерка на Алексиј Ι. Тој дошол на власт по стек на околностите.
Исак Ангел не бил сосема неспособен и се обидувал активно да управува со империјата,
но се судрил со извонредно тешка внатрешна и надворешна ситуација. Почетокот на
неговото владеење бил доста среќен. Византискиот војсководец Алексиј Врана успеал
да ги порази Норманите, кои во меѓувреме се препуштиле на грабеж и сосема ја
изгубиле дисциплината и борбеноста. Фатените Нормани биле убиени, а преживеаните
го напуштиле Балканот.
Со чудесното избавување од норманската опасност положбата на запад се
стабилизирала. Особено по договорот и женењето на Исак Ангел со десетгодишната
Маргарет, ќерката на унгарскиот крал Бела III. Тоа довело до враќање на регионот
Белград – Сердика на Империјата како мираз на принцезата, а биле вратени и моштите
на св. Јоан Рилски. Договорот со Унгарија отворал добри можности и за смирување на
Рашка, која во своите непријателски акции против Новиот Рим се потпирала на
Унгарците.
Исак ја сменил антизападната политика на својот претходник. Освен што склучил брак
со унгарска принцеза тој го поканил Конрад Монфератски во Константинопол, му ја дал
титулата кесар (што порано ја држел неговиот брат Рение, убиен за време на Андроник),
и го оженил за својата сестра. Конрад играл важна улога во задушувањето на големото
востание против Исак во 1187 г., но политиката на императорот за зближување со
Саладин го натерала да го напушти Константинопол и да замине за Палестина.
После битката кај Хатин во 1187 г. кога силите на Ерусалимското кралство биле скршени
и поголемиот дел од неговите територии освоени од Саладин политиката на поддршка
на крстоносните држави од страна на Византија станала бесмислена. Враќањето на
православната хиерархија таму можела да се изведе посигурно преку Саладин и
соработка со муслиманските држави, отколку со непопустливите Латини.
Муслиманската реокупација значела генерално подобрување на положбата на
православните таму. Затоа Исак Ангел ја продолжил Андрониковата проегипетска
политика на исток со надеж дека од Саладин ќе ја добие епископската мрежа во
Палестина и право на византиската црква врз христијанските светињи таму, во што и
успеал. По 1187 г. православниот патријарх на Ерусалим кој веќе 88 години престојувал
и се бирал во Константинопол се вратил во Ерусалим и со исклучок на еден краток
период - 1229 – 1244, ќе остане трајно таму. За возврат Византија требало да се обврзе
да не ги поддржува крстоносците во нивните походи (Runciman, 1997, 90; Papadakis –
Mayendorff, 1994, 99).
Исак се сојузил и со Венеција. Венецијанскиот монах Доситеј му станал духовен отец и
бил направен прво патријарх на Ерусалим, а потоа и на Константинопол. Императорот
им дал на Венецијанците повеќе привилегии отколку што имале порано.
Провенецијанската политика го чинела скапо – пирати поддржувани од венецијанските
конкуренти Џенова и Пиза во 80-те и 90-те години на XII в. редовно го тероризирале
Егејот.
Големи грижи на Исак Ангел му задал третиот крстоносен поход и особено
поминувањето на Фридирих Барбароса низ Балканот во 1189/1190 г. Меѓу двете страни
дошло до жестоки судири при што целосно се покажала надмоќта на германската војска.
Филипопол и Адријанопол биле освоени, а Тракија ‒ систематски опљачкана. Рашка и
Власите побарале сојуз со Фридирих, при што Петар, кој сам ја носел по тоа време
титулата „император на Грција“ (т.е. василевс на Ромеите) побарал Фридирх да му ја
потврди титулата, а во замена нудел војска од 40 000 Власи и Кумани за напад на
Константинопол. Василевсот бил принуден да отстапи и да ги префрли крстоносците во
Мала Азија, каде што нивниот поход доживеал жалосен крај откако Фридирх се удавил
при преминување на една река.

59
Откако опасноста од Фридирх Барбароса поминала Исак Ангел презел мерки да се
пресмета решително со Власите и со Рашка. Против Рашка биле постигнати извесни
успеси – некои од освоените територии биле вратени, а синот на рашкиот жупан ‒
Стефан бил оженет за царевата внука и ја добил високата титула севастократор.
Меѓутоа, походот против Власите во 1190 г. се покажал како целосен неуспех ‒ макар
да стигнал до нивната столица Трново императорот не успеал да ја освои, а на враќање
во планината доживеал сериозен пораз. Оттогаш ограбувањата на Тракија од Власи и
Кумани станале уште поредовни, а востаниците започнале да напаѓаат и ограбуваат, не
само села туку и помали градови и тврдини, и да ја шират својата власт и над
преостанатите делови во Мизија.
Во 1191 г. друг учесник во IV крстоносен поход ‒ Ричард Лавовското срце го освоил
Кипар од локалниот узурпатор Исак Комнин и следната година го продал на темпларите,
а островот бил претворен во база на ерусалимскиот крал Гај (Гвидо или Ги) од Лузињан.
Со тоа Кипар засекогаш бил изгубен за Новиот Рим
Кога на местото на Фридирх Барбароса дошол Хенрих VI, кој се спремал да ја освои
Сицилија, опасноста за Империјата станала уште посериозна. Исак Ангел бил принуден
да ги обнови договорите со Пиза и Џенова во 1192 г. за да го лиши Хенрих од бродови
за походот против Сицилија и ја омажил својата ќерка за Роџер од Апулија, наследникот
на сицилискиот крал Танкред, кој го имал заземено сицилискиот трон. Смртта на Роџер
(1193) и Танкред (1194) ги расипала овие планови; Хенрих ја освоил Сицилија во 1194 г.
и ја премажил ќерката на Исак Ангел за својот брат Филип Швабски. За да ги придобие
Џенова и Пиза Исак морал да им исплати голема оштета за масакрот во 1182 г., што
силно го поткопало неговиот авторитет во Империјата, а кога сите направени жртви се
обесмислиле со победата ан Хенрих во 1194 г. тоа го отворила патот кон симнување од
власт на императорот.
Во меѓувреме во периодот 1190-1195 г. Исак Ангел успеал да постигне извесни
дипломатски успеси против Власите. Успеал да предизвика поделба меѓу Петар и Асан.
Нападите продолжиле сега водени од вториот брат Асан. Во 1195 г. Власите ги освоиле,
разурнале и ограбиле Ниш и Сердика однесувајќи ги моштите на св. Јоан Рилски во
Трново и преселувајќи делови од населението. Потоа се пробиле по текот на Струма до
Серес и Амфипол, ограбувајќи и разурнувајќи ги тврдините по патот, ја поразиле
византиската војска и заробиле и преселиле со себе големи маси население. Плановите
на Исак Ангел да се пресмета со нив заедно со Унгарија биле прекинати од заговор на
неговиот поголем брат Алексиј, кој на 8 април 1195 г. успеал да го симне и ослепи Исак.

6.4. Алексиј III Ангел (1195-1203)


(Основна литература: Stephenson, 2009, 690; Острогорски, 1992, 491-500; Gregory,
2005, 273)
Во 1195 г. заговор поддржан од пет од најугледните фамилии поврзани со родот
Комнини: Палеолози, Врана, Кантакузин, Раул и Петралифа го симнале Исак и го
донесле на власт неговиот постар брат Алексиј. Алексиј ќе најде, според тоа, многу
помал отпор од страна на Комнините, кои ќе ја искористат неговата слаба влада за
сопственото засилување. Преку женидба со родот Каматир, кој имал големо влијание во
црковните кругови Алексиј се здобил со потпора во црквата. Ќе ужива извесна поддршка
и во бирократијата. Но без разлика на тоа во негово време слабеењето на централната
власт продолжило. Негова била грешката за издигнување на низа нелојални луѓе на
високи позиции, кои потоа се претвориле во узурпатори и отцепници. Најпознатите меѓу
нив биле Иванко, кој се отцепил во Родопите, и Лав Сгур во Елада.
Положбата на Балканот продолжила да се влошува. Симнувањето на Исак Комнин
значело раскин на сојузот со Унгарија. Оддалечувањето на Унгарија од Византиската
сфера течело уште од времето на Андроник Комнин и продолжило после падот на

60
Комнините. Женењето на кралот Бела за принцезата Маргарита Капет од Франција во
1186 и падот на Исак Ангел стават крај на последните колебања и ја обврзуваат Унгарија
цврсто со Западот (Papadakis – Mayendorff, 1994, 245).
Убиствата на водачите на Власите Асан (1195/6) и Петар (1196/7) во Мизија, исто така
не довеле до подобрување на ситуацијата за Империјата, зашто таа не била во состојба
да испрати помош на убиецот на Асан ‒ Иванко. Власта таму ја презел третиот брат
Калојан (1197-1207), непомирлив непријател на Алексиј III, кој ги поддржувал сите
отцепници и непријатели на Империјата во следните години, сојузувајќи се дури и со
убиецот на својот брат – Иванко. Обидот на Алексиј да се помири со Калојан на
почетокот на неговото владеење се покажал неуспешен поради условите што Калојан
ги поставил и кои според Никита Хонијат биле „бесчесни за Ромеите“ – најверојатно,
Калојан побарал да му биде признаена титулата василевс на Ромеите.
Ако како прв резултат од промената на власта во Империјата дошло до промена на
власта и во Србија, тоа не било трајно. Во 1196 г. Стефан Немања се повлекол од
престолот поставувајќи го на него својот син Стефан („Првовенчани“ 1195-1227), зет на
Алексиј III. Византија, меѓутоа, не успеала да ја искористи оваа околност и Рашка
потпаднала под влијание на Унгарија, која го поставила на престолот братот на Стефан
- Вукан. За да ја врати власта и да ја одоброволи Унгарија Стефан понижувачки ја
протерал ќерката на Алексиј, се оженил за ќерка на венецијанскиот Дужд Енрико
Дандоло и побарал спогодба со папата. Но ниту тоа не го спасило ‒ неговиот брат Вукан,
потпрен на унгарска поддршка, го протерал од Рашка. Ќе се врати на власт, но не со
помош на Империјата туку на Власите и Куманите на Калојан. Во Македонија - Струмица
и Просек, се зацврстил Добромир Хрс, а подоцна во Родопите – Иванко. И двајцата
стапиле во сојуз со Калојан.
Алексиј III Ангел за разлика од својот брат ги фаворизирал Џенова и Пиза, но се трудел
да не ги прекине односите со Венеција и во 1198 г. ги потврдил и нејзините привилегии.
Најсериозен проблем за Алексиј, во овој период, бил германскиот император Хенри VI,
кој искажал територијални и политички претензии спрема Византија – да ги добие
териториите освоени од Норманите во 1185 г. (од Драч до Струма), а истовремено
настапувал и како одмаздувач за симнатиот император Исак II за чија ќерка го имал
оженето својот брат Филип.
Алексиј III се обидувал да се погоди со Хенрих со посредство на папата Инокентије III,
кој самиот бил исплашен од големата моќ на германскиот император и неговите
претензии за светско господство. Василевсот бил принуден да собира пари за
германскиот император со цел да се финансира од него планиран крстоносен поход. Во
Византија бил воведен алемански данок (алеманикон) во размер 16 кентинарии злато
(околу 524 кг.), при што било собрано дури и златото од некои цркви. Од големата
опасност Империјата на Новиот Рим била ослободена со неочекуваната смрт на Хенрих
во 1197 г. и слабеењето на Германската империја што следело потоа.

6.4.1. Преговорите за унија на Исток и Запад во времето на Алексиј Ангел


Во времето на Алексиј Ангел, силниот поддржник на унијата меѓу Константинопол и
Ерменија - Нерсес од Ламброн, се обидел да ги продолжи преговорите за единство. На
Синод одржан во Тарс во 1196 г., тој се застапил за ставот дека двете цркви
исповедуваат иста вера и дека разликите се од семантичка, а не суштинска природа. Но
поново не била постигната согласност поради проблеми од областа на јурисдикцијата
како и поради Четвртиот крстоносен поход и падот на Константинопол (Papadakis –
Mayendorff, 1994, 116, 117).
Веќе во доцниот XII в. истакнатиот богослов и номинален патријарх на Антиохија Теодор
Валсамон ќе му напише на Александрискиот патријарх да не им дава причест на
Латините освен ако прво ги отфрлат нивните „доктрини и обичаи“, но советот нема да

61
биде применет. Сепак тој не оди толку далеку да бара тие да бидат крштевани поново,
но очигледно смета дека има шизма. Иако во тоа време таквиот став сеуште не бил
општ, веќе е делен од низа на црковници и воопшто не бил нетипичен или невообичаен
(Runciman, 1997, 99, 139; Papadakis – Mayendorff, 1994, 98).
На овој истакнат правник и канонист се должи конечното оформување на идејата за
двоглавата симфонија во државата начело со императорот и патријархот, кои работат
во хармонија. Но притоа императорот зазема супериорна позиција зашто тој се грижи за
плотските како и за духовните работи, додека патријархот – само за духовните.
Императорот не е потчинет ниту законите ниту на каноните, но на доктрините на
христијанската вера, верата на Седумте вселенски собори. Иако императорот е
супериорен спрема патријархот (и консеквентно спрема папата), тој нема полна власт
внатре во црквата и нема право да ја потчини цариградската патријаршија на Рим, зашто
нејзината позиција како и самата пентарихија се базира на одлуките на вселенските
собори (Runciman, 1997, 138, 139).
Ставовите на Теодор Валсамон кон Латините биле критикувани од некои угледни
византиски богослови, меѓу кои ќе биде и Охридскиот архиепископ Димитар Хоматијан.
Тој ќе каже дека според многумина Валсамон покажал непотребна огорченост и
неправилно ги екскомуницирал Латините зарад нивните поразлични обичаи, затоа што
ниту една од нивните практики не била осудена од синод, а ниту Латините некогаш биле
наречени еретици, напротив било вообичаено било тие да слават и да се молат со
православните (Runciman, 1997, 140). Оваа позиција на Охридскиот архиепископ е толку
позначајна што е искажана после освојувањето на Константинопол и политиката
спроведувана од Римо-католиците на Балканот.
По смртта на Хенрих, Алексиј III во 1198 г. му понудил сојуз на папата што довело до
нова размена на писма. Папата му напишал на императорот дека Рим се јавува црква
мајка на сите цркви и затоа побарал како услов за сојуз црквата на Константинопол да
се потчини на Рим и императорот да земе учество во крстоносен поход. Императорот
одговорил дека е согласен дури да загине во таков поход, но ситуацијата е
комплицирана зашто Латините во Ориентот го заграбиле островот Кипар од него. Што
се однесува до унија е неопходен вселенски собор на кој црквата во Константинопол
радосно би испратила свои делегати.
Паралелно во 1199/1200 г. писмо до папата испратил и патријархот Јован Каматир. За
патријархот идејата за Рим како црква мајка и глава била екстремна, зашто неа ја нема
никаде во Новиот Завет, ниту може да се најде во актите на Вселенските собори. Тоа
што Петар проповедал и умрел во Рим не му дава предност на Рим. Од една страна
зашто неговото погубување таму не е причина папството да се гордее. А од друга, зашто
и другите цркви го добиле истото евангелие од Петар и од другите апостоли. Сите
апостоли добиле од Бога исто достоинство и власт, при што ги истакнал специјалното
место и титули што ги имале апостолите Јаков и Павле во раната црква. Патријархот не
го негирал личниот примат на Петар меѓу апостолите, ниту папскиот примат во
епископатот, напротив, но тоа било позиција на чест меѓу рамни; сите апостоли добиле
иста моќ со Петар, што значи дека ниту еден не бил поставен пониско од Петар или
потчинет на Петар. Но римскиот примат меѓу патријарсите не произлегува од лидерската
позиција на Петар меѓу апостолите. Мисијата на Петар била универзална и затоа
неговото наследување не може да се сведе само до Рим, таквата претензија е
навредлива за апостолот и неговата вселенска мисија. Потеклото на папскиот примат
не е одредено со божја одлука, ниту се базирал на божјото ветување кон Петар, или на
апостолско основање, туку бил одреден преку црковните правила и од црковните
собори, а поради причини од историски и политички карактер, конкретно на позицијата
на Рим како столица на империјата, каква што таа повеќе не се јавува. Ако некој треба
да биде нарекуван Црква мајка на Христијанството, тогаш тоа треба да е Ерусалим, каде
Христос ја основал црквата. Ако некој ја раскинува облеката на Христос, тоа е имено

62
Рим, кој иако ја потпишал одлуката на соборот во Никеја сепак го менува симболот на
верата примен во Никеја (види во прирачникот).
Папата му одговорил на патријархот дека е согласен на собор, но предуслов за истиот
е Константинополската патријаршија прво да се потчини на Рим. (Runciman, 1997, 142,
143, Papadakis – Mayendorff, 1994, 163 – 165.
Иако сите во Византија не ги сфатиле веднаш опфатот на папските монархиски
претензии, сепак до крајот на XII в. византискиот одговор кон истите бил целосно
завршен. По 1200 г. скоро и нема нови аргументи против папските монархиски
претензии, за разлика од аргументацијата за Filioque која продолжува да се развива.
(Papadakis – Mayendorff, 1994, 165).

6.4.2. Последните години на Алексиј Ангел


Алексиј не бил толку неспособен колку што обично се претставува. Тој успеал да се
пресмета со узурпациите и буните на Хрс, Камица, Спиридонаки и Иванко.
Благодарение на византиската дипломатија галичкиот руски кнез организирал серија
успешни походи против Куманите. Останат без сојузници меѓу византиските узурпатори
и лишен од клучната помош на Куманите во 1202 г. Калојан ќе биде принуден да заклучи
мир поволен за Империјата, при што се откажал од титулата василевс на Ромеите и ја
признал истата на Алексиј.
Овој договор имал важни последици за Балканот. Останувајќи без сомнителната
легитимност на узурпатор и претендент на Константинополскиот престол Калојан,
познат за современиците како „Јаница Влавот“, кој и самиот прифаќал во својата
кореспонденција со папата дека е Римјанин по „крв“ и „потекло“ (т.е. Влав) ќе побара
легитимност во друг правец – преку преземање на одамна згаснатата традиција и круна
на бугарското царство. Симптоматично за слабеењето на влијанието и авторитето на
Империјата е тоа што тој ќе побара признание од Рим, а не од Константинопол и на 7
ноември 1204 г. ќе добие од папата титула крал на Бугарите и Власите, а во Трново ќе
биде основана со папска благословија „Архиепископија на цела Бугарија и Влахија“ на
чело со папски примас – архиепископот на Трново. Така започнува да се оформува
второто бугарско царство со центар во Трново, раководено од елита составена од Власи
и Кумани (Papadakis – Mayendorff, 1994, 247).
Алексиј се договарал со папа Инокентие III за унија, но тоа не го спасило од нападот на
крстоносците од Четвртиот крстоносен поход, кои во 1203 г. дошле пред
Константинопол. Чувствувајќи се небезбеден во столицата Алексиј наскоро избегал,
земајќи ја со себе благајната и заедно со своите приврзаници го поставил својот двор
во Мосинопол. Одовде се обидувал да стапи во врска со Калојан нудејќи му
императорска круна и патријаршија, но Калојан исплашен од моќта на крстоносците тоа
не го прифатил.

6.5. Внатрешната положба на Византија под Комнините и Ангелите


(Основна литература: Magdalino, 2009, 647, 654- 663; Gregory, 2005, 274-279)
Обично се смета дека феудализацијата во провинциите на Империјата и претворањето
на феудализмот во основа на државата биле главна причина за нејзиното слабеење и
пропаст во 1204 г. Ова традиционално, класично, гледиште застапувано од Острогорски
во поново време е делумно ревидирано. Современите специјалисти констатираат дека
XI и XII в. биле време на позитивен економски развој на Империјата на Новиот Рим и
дека според својата економика и богатство таа далеку ги надминува нејзините
современи западни држави. Империјата била супериорна и во однос на својот
бирократски апарат и во однос на образованите луѓе. Макар што била ослабена од
територијалните загуби на исток таа го зачувала својот државен систем составен од

63
образована бирократија, кој и покрај низа слабости, под водство на силен владетел
можела да работи ефективно. Империјата продолжувала да биде една од
најцентрализираните земји на своето време. Притоа територијалното смалување и
практиката на подарување на имунитет изгледа не ја поткопувале сериозно нејзината
економска и финансиска моќ.
Економијата во XII в. се карактеризира со намалување на поседуваните ресурси, но
зголемување на богатството – како причини се претпоставуваат влијанието на
венецијанските трговци врз локалната економија или неспособноста на бирократијата
да ги собира даноците. Тоа е време на економски напредок и развој на градовите. Имено
во XI-XIII в. се случува вистинската обнова на градовите во Византија после големата
криза од крајот на антиката.
Во економскиот развој, обновата на градовите и феудализацијата сега се смета дека
меѓу Новиот Рим и Западна Европа постоеле доста повеќе сличности отколку што
порано се мислело. Но постоеле и важни разлики. Во Империјата ја немало опозицијата
меѓу феудалната аристократија и централизаторските стремежи на централната власт
карактеристични за Западниот свет. Во Новиот Рим аристократијата била добро
обврзана со градовите и овде не постоела можноста владетелот да се потпре на
градовите против аристократијата.
Главната слабост на Империјата во споредба со западните држави била повеќе на воено
поле. Византија не била во состојба од своето население да изгради војска која ќе биде
способна да се носи со милитаризираните општества на Западот или на Номадите од
Исток, во кои воената обука започнувала од детство. Израснати во тешки услови и
навикнати да се борат за својот опстанок тие биле многу подобри и издржливи војници
од економски многу подобро обезбеденото, но поради тоа „размекнато“ население во
Империјата. Слично на доцната антика Империјата пак, и тоа сè почесто, ќе прибегнува
до изнајмување на „варвари“ и ќе ги претвори странските контингенти не само во ударна
сила како што било веќе во времето на Василиј II, но и во рбет на својата армија.
Во XII век милитаризацијата на државата е доведена до крај – целата власт била во
рацете на воената аристократија; се милитаризираат и аристократските идеали, се
милитаризира и идеалот за василевсот. Со тоа е поврзано и зголемувањето на
популарноста на светците војници како св. Ѓорѓи, св. Димитар, св. Мина, св. Теодор во
овој период, како и нивното вклучување во владетелскиот култ. Од друга страна
управната структура на државата се аристократизира, расте важноста на потеклото и
роднинските врски. Примерот е даден одозгора. Аристократијата сѐ повеќе се
идентификува со царската фамилија. Самата држава се идентификува со
владетелската фамилија, при што хиерархијата е формирана според крвни роднински
врски, според неа се доделувани титулите, а заедно со нив често одат и соодветните
државни служби; започнувајќи од врвот надолу власта се дели според крвната врска.
Државата сега се раководи од владетелскиот род (и роднински поврзаните со него
аристократски фамилии) на чие чело е императорот како родовски лидер.
Единството на државата сè повеќе зависи од единството во владејачката фамилија, која
пак се одликува со постојани судири и поделби. Во Византија она строго правило на
примогенитура што го стабилизира наследувањето на власта на Запад го нема во таков
завршен вид, што отвора можности за борба за круната меѓу блиски роднини. Наместо
најблиска потпора на императорот да бидат роднините, тие надарени со голема моќ
стануваат за него потенцијална најголема опасност. Владејачкиот род со секоја
генерација се зголемува во број и во семејства, а ресурсите за поделба меѓу нив
остануваат исти, што води до неизбежни судири и постојана потрага по финансии и
борба за позиции за одржување на екстравагантниот аристократски начин на живот.
Така користењето на фамилијарните врски во државната управа за стабилизирање на
власта и избегнување на граѓанските војни и узурпациите, ја промашува целта.

64
Имено, Никита Хонијат во овие заговори на брат против брат ќе ја најде причината за
падот на Константинопол. Интригите, жедта за власт, богатства и екстравагантен живот
во императорскиот род, комбинирани со честа некомпетентност и корумпираност
навистина многу придонесуваат за слабеењето на Империјата. Тесната обврзаност
преку бракови меѓу родот Комнини и владетелските фамилии во Европа исто
доведуваат до замешување на европските сили во внатрешните византиски судири на
страната на соодветните роднини, што на крајот ќе доведе и до освојувањето на
Константинопол крстоносците.
Големото значење на владејачкиот род во политичкиот живот на државата и постојаните
внатрешни поделби во него ќе ги поттикне императорите (особено Мануил) да се
обидуваат во својата политика да се потпираат на независни фактори како евнусите или
странците – доделувајќи не само воени, но и високи државни позиции на такви луѓе за
голема огорченост на Ромеите. Тоа заедно со трговските привилегии на италијанските
републики и религиските разлики ќе ја потхранува ксенофобичноста на Ромеите и
омразата спрема странците.
Постојаниот страв од узурпации и континуираното ослабување на провинциите води до
концентрација на силата во Константинопол. Кон тоа води и намалувањето на
византиската територија како последица од навлегувањата на Селџуците. Стравот од
узурпации ги поттикнува императорите, следејќи го примерот на Василиј II лично да
раководат со војската добивајчи ја така нејзината лојалност и избегнувајќи ја опасноста
од појава на влијателни генерали со поддршка во армијата. Опфатот на имперската
контрола затоа веќе ќе оди дотаму до каде императорот може да си дозволи да ја води
војската без неговото долго отсуство од столицата да доведе до загуба на престолот.
Така територијата што Новиот Рим можела ефективно да ја контролира се ограничува
на западниот дел на Мала Азија и еден голем дел од Балканот. Полесната врска по море
давала можност границите на Империјата да бидат повеќе издолжени покрај бреговите,
особено во Мала Азија, каде тие се протегале дури до Антиохија на југ и Трапезунд на
север, предалеку од ефективнатата контрола на Империјата, додека внатрешноста на
мала Азија останала во Турски раце. За поефикасна заштита од непријателски
навлегувања империјата се заградува со гранична зона, која или е оставена ненаселена
и пуста, или во неа се одржуваат само одделни тврдини.
Клучно за заучување на териториите оддалечени од престолнината била соработката
на локалната аристократија. Неуспехот на реконкистата на Империјата во Мала Азија до
голема степен се должела на одбивноста на локалната аристократија спрема
византиската власт и нивното преферирање на Турците Селџуци. Една од причините за
тоа бил притисокот од центарот – размножувањето на владејачката родовска коалиција
со секоја следна генерација бара сѐ повеќе државни служби за задоволување на
нејзините припадници. Постепено тие започнуваат да ги заземаат и позициите во
провинциите, кои на таков начин се губеле како опција за локалните моќници.
Постепеното стеснување на можностите за висока кариера во Константинопол или во
провинциите неизбежно создавало опозиција меѓу локалната аристократија против
центарот. За засилувањето на незадоволството и сепаратистичките тенденции особено
придонесувала и сè посилно изразената неспособност на центарот да ги заштити
периферните провинции од непријателски напади. За периферните провинции ќе стане
контрапродуктивно да ги испраќаат своите пари како даноци во далечниот
Константинопол, и во замена за нив да не добиваат ефикасна одбрана против нападите
на соседите; наместо тоа поразумни и реални ќе станат опциите сами да ги користат
парите за своја одбрана или да ги плаќаат со нив напаѓачите или да поминат под нивна
власт. Константинопол започнува да има потреба од провинциите повеќе отколку тие од
него. Слабите владетели после Мануил доведуваат до ослабување на императорскиот
авторитет во провинциите и до создавање на сепаратистички гнезда во граничните
реони, каде и самата администрацијата во голема мера била во рацете на локални
моќници. Во XII в. локалните заедници и моќници сконцентрираат во свои раце сериозни

65
финансиски средства што се демонстрира со појавата на локални школи во градење на
црквите. Овие зголемени средства ќе им дадат можност на некои провинции да побараат
сопствен политички пат различен од оној на Константинопол.
Во напорите да ги задржи и да ги поврати изгубените територии Византија е принудена
да издржува многубројна и скапа армија од странски платеници и да води борби на
повеќе фронтови. Затоа макар што нејзината економија просперира таа е претоварена
со издржувањето на скапата византиска дипломатија, големата војска, многубројната
бирократија и една извонредно голема за територијално намалената држава
престолнина – меѓу 200 000 и 400 000. Тоа, заедно со недоволната ефикасност во
собирањето даноци, води до постојан недостиг на државни средства и преку тоа до
прибегнување до разорувачки мерки како зголемување на даноци или продавање на
државни служби.
Спротивставена со посиромашни и послабо образовани, но воено супериорни
општества, Византија ќе одговори со злато и лукава дипломатија. Меѓутоа, тоа ќе ѝ се
врати како бумеранг и истите оние манипулирани или плаќани од неа, восхитени од
нејзините големи богатства, но исполнети со презир спрема нејзината воена слабост, на
крајот ќе дојдат кај Константинопол не веќе како наемници и странци, туку како
освојувачи и на крајот - господари.

6.6. Четвртиот крстоносен поход и Византија


(Основна литература: Magdalino, 2009, 651, 652, 653; Острогорски, 1992, 499-502;
Gregory, 2005, 279-281; Runciman, 1997, 148, 149)
Во 1198 г. на запад започнува да се проповеда организирањето за нов, четврт
крстоносен поход насочен против Египет. Меѓутоа, серија совпаѓања ќе доведат до
неговото свртување против Новиот Рим. Интересите на Венеција (која со падот на Исак
Ангел изгубила влијание во Константинопол во корист на Џенова и Пиза) и на Германија
(чиј император Филип бил женет за ќерката на Исак Ангел) против Византија во
конкретниот момент ќе совпаднат. Од друга страна, немањето доволно пари од
крстоносците да го платат превозот на Венеција и да го обезбедат походот,
вклучувањето во игра на Алексиј, синот на симнатиот Исак Ангел, поддржан од неговиот
роднина, германскиот император, и од водачот на походот Бонифациј Монфератски ќе
доведе до спогодба според која крстоносците ќе му помогнат на Алексиј да го освои
престолот во Константинопол, а во замена тој да ја потчини Цариградската црква на
Рим, да им даде 200 000 сребрени марки, да ја снабди крстоносната војска со сè
неопходно за походот, да испрати 10 000 војници на свој трошок во походот и додека е
жив да издржува 500 рицари во Палестина за заштита на Светата земја. Под овие
услови независно од отпорот на дел од крстоносците и на папските легати во мај 1202
г. на остров Корфу бил заклучен овој договор, чии услови биле колку добри за
крстоносците толку и неисполниви за империјата. На 24 јуни 1203 г. крстоносната флота
стигнала пред Константинопол и започнала опсада. На 17 јули Алексиј III избегал од
столицата земајќи ја државната благајна. Ослепениот Исак III бил ослободен, а неговиот
син ‒ прогласен за император - Алексиј IV.
Но Алексиј IV и неговиот татко не биле во состојба да ги исполнат големите ветувања.
Тие владееле само со Константинопол, а и биле непопуларни среде народот поради тоа
што ги довеле крстоносците. Благајната била празна – избеганиот Алексиј ги зел парите
со себе и создал свој императорски двор во Мосинопол и заедно со своите приврзаници
го спречувал исплаќањето на даноците во Константинопол. За да го исполни ветеното и
да ја издржува истовремено големата крстоносна војска Алексиј IV започнал да ги
собира садовите од црквите и заедно со крстоносците организирал поход со цел да ги
потчини провинциите. Големиот пожар што избил во Константинопол уште повеќе ги
ослабил економските можности и популарноста на режимот, влошувајќи ги истовремено
односите меѓу Ромеи и крстоносци. Ромеите во Константинопол водени од патријархот

66
категорично одбиле да исполнат друга клучна обврска од договорот – да ја потчинат
црквата на Рим. Неспособен да ги исполни барањата Алексиј IV се видел принуден да
раскине со крстоносците што довело до нова опсада на Константинопол. Кон крајот на
јануари 1204 г. започнал бунт и Алексиј IV бил симнат и убиен, а престолот го зел Алексиј
V Дука Мурзуфул зет на Алексиј III. И покрај упорната и добра заштита организирана од
Алексиј V, одбраната на градот не издржала. На 13 април 1204 г. Венецијанците
извршиле пробив во бедемите, но и покрај тоа заштитниците продолжиле да се борат.
Кога зад нив избил пожар и настанала опасност тие да бидат изолирани од градот –
морале да се повлечат, со што одбраната на столицата се распаднала. Алексиј
Мурузуфул побегнал кај Алексиј III во Мосинопул. Друг од зетовите на Алексиј III –
Теодор Ласкарис, се обидел да ја реорганизира одбраната и да ја убеди варјашката
гарда да се бори, но духот на заштитниците бил скршен и Ласкарис, патријархот и многу
угледни аристократи избегале од градот. Така Новиот Рим паднал во рацете на
непријатели за прв пат во својата историја.

Византија во 1204 г.
(http://www.ict.griffith.edu.au/wiseman/Roman/Decline&Fall.html)

6.7. Ограбување и осквернување на Новиот Рим


Константинопол бил темелно ограбен, а неговите светињи - осквернети. Библиотеки со
бесценети ракописи биле запалени. Ниту една црква или манастир не биле поштедени.
Биле извршени мноштво ѕверства над жителите, вклучително жени, деца, монаси,
монахињи и свештеници. Се вршеле силувања вклучително на монахињи. Војниците
грабале и предметите што биле осветени и наменети за црковни служби. За да можат
да го изнесат награбеното богатство од Света Софија војниците донеле мулиња во
олтарот. Поставиле проститутка на епископскиот трон да ги забавува грабителите.
Католичките духовници исто се вклучиле масовно во гребењето на реликвии од овој
најбогат на христијански духовни вредности град. Според зборовите на учесниците дури
и духовните водачи на походот тој ден се претвориле во „свети грабачи“. Еден од нив,
абатот Мартин ќе се фали, дека ограбувал само црковни објекти. Ќе бидат земени и
однесени на Запад не само мошти и духовни вредности, туку и мноштво дела на
уметноста – скулптури, слики, книги и сл. (Papadakis – Mayendorff, 1994, 201).
Карактерно за тоа колку на Запад веќе се гледало на Константинопол со непријателство
е химната со која биле дочекани заграбените од Константинопол реликвии во Анжер, во
Франција: „Константинопол, град толку долго време безбожен... “ (Runcman, Schism,
141).

67
6.8. Последици од освојувањето на Новиот Рим
Освојувањето на нивната престолнина им направил на Ромеите не помал впечаток од
освојувањето на Стариот Рим во 410 г. Верата во неосвоивоста на Божјиот град чуван
од света Богородица, била скршена, а со тоа и верата во истрајноста на империјата и
нејзината улога во Божјиот план за спасот на луѓето. Убеденоста во божествената
мисија на Ромеите исто ќе добие длабока рана. Сериозно ќе настрада и нивното
самочувство како вистински Римјани и наследници на Рим.
Не помали ќе бидат последиците на политичко поле. Империјата никогаш нем да може
да си ја врати својата сила од пред 1204 г. и нејзината одбрана во Мала Азија ќе
попушти. На долги патеки тоа го подготвило патот кон османлиските освојувања не само
во Мала Азија, но и на Балканот.
Фундаментални ќе бидат и последиците за расколот во црквата. До овој момент иако
повеќето водачи на црквата и на Исток и на Запад да биле веќе убедени дека е таа
поделена, тоа сеуште не било сеопшто убедување. Нападот против Новиот Рим и
неговото освојување ги потврдил сите стравови на Ромеите кон Западните христијани и
истите ги определил како главни непријатели на нивната империја, поопасни од
муслиманите и номадските Турци. Извршеното за време на освојувањето и политиката
што ја наметнала римо-католичката црква во освоените територии ќе го направат
раскинот конечен и непоправлив, а омразата – длабока (Papadakis – Mayendorff, 1994,
200, 201)

7. РАСПАД НА ИМПЕРИЈАТА И БОРБА ЗА НЕЈЗИНОТО НАСЛЕДСТВО

7.1. Partitio Romaniae и создавање на Латинската империја

„ги разделија меѓу себе алиштата мои, за облеката моја ждрепка фрлија“ (Пс. 21:18)

(Основна литература: Острогорски 510-512; Gregory, 2005, 282, 285-289)


Непосредно пред нападот на Константинопол во март 1204 г. крстоносците и
Венецијанците се договориле за поделбата на империјата – императорот ќе биде избран
од едната од двете групи, а патријархот од другата. Императорот ќе добие 1/4 од
империјата, а останатите 3/4 ќе се поделат порамно меѓу крстоносците и Венецијанците.
После освојувањето договорот бил спроведен и империјата ‒ поделена. За император
со помошта на Венецијанците бил избран не силниот водач на походот Бонифациј
Монфератски, туку доста послабиот Балдуин Фландарски. Венецијанците ја добиле
патријаршијата. Поделен бил соодветно и Константинопол – Венецијанците добиле 37.5
%, императорот 25 %, а останатите крстоносци 37.5 %. Така била поделена и останатата
територија на империјата. За да се ублажи револтот на Бонифациј било решено тој да
добие кралски статут, да биде прв вазал на Балдуин и да ги добие поголемиот дел од
малоазиските владеења на Империјата. Сепак, меѓу двајцата не поминало без судир,
зашто Бонифациј сакал повеќе да добие територија во Европа. Крстоносците се нашле
на работ на меѓусебна војна. Судирот бил решен на таков начин што Бонифациј го добил
Солун каде го основал Солунско кралство, кое вклучувало поголем дел до Македонија и
Тесалија и ќе постои до 1224 г. Понатаму Бонифациј го помогнал освојувањето на Атина
и Пелопонез каде биле формирани како вазали на Солунското кралство кнежевства во
Пелопонез и во Атина. Латинскиот император ја добил Тракија и Мала Азија.

68
Откажувањето на Бонифациј од Мала Азија и судирите меѓу крстоносците ја оставиле
за кратко ромејската територија во Мала Азија на мир што ѝ дало можност на ромејската
аристократија овде да започне да се организира.
Од поделбата најмногу добила Венеција, која ги запоседнала скоро сите острови и
пристаништа на патот за Цариград. Таа при поделбата го добила и Епир, но се откажала
од окупација оставајќи можност за создавање на второ гнездо на ромејски отпор.
Крстоносците го зачувале стариот византиски систем, но централизираната државна
власт била заменета со системот на феудални вазални зависности. Голем дел од
византиската аристократија (особено пониската) била вклучена во новиот ‒ стар систем.

Распадот на Византија во 1204 г.


(Автор: Varana (own work; base map from Natural Earth) [GFDL (http://www.gnu.org/copyleft/fdl.html),
CC-BY-SA-3.0 (http://creativecommons.org/licenses/by-sa/3.0/)via Wikimedia Commons)

7.1.1. Црковна политика на крстоносците во освоените делови на империјата


(Основна литература: Papadakis – Mayendorff, 1994, 202 – 211; Rnciman, Schism, 152 –
155; Ришар, 1996, 272 – 275)
Делови на Балканот традиционално биле поврзани со папството, а ширењето на
Унгарија во Северозападните предели исто допринесувало за тоа. Овој процес се
интензивирал непосредно пред 1204 г. Во 1202 г. Вукан со помош на Унгарија го избркал
брат си Стефан од престолот на Србија и ја потчинил својата црква на папата. Во 1204
г. Калојан поминал во Унија и во неговата држава е основана Архиепископија на Бугарија
и Влахија начело со папски примас. Сега тоа се проширило врз сите делови во кои била
воспоставена власта на Латинската империја.
Од Западна гледна точка падот на Константинопол во 1204 г. и несреќите што ги снашле
Ромеите биле видени како „справедлив Божји суд“ и „чудесно достигнување“ (Инокентиј
III), преку кое источната црква да се осознае и врати под западната. Случувањата биле
видени како разрешување на шизмата и нејзин крај. Тоа убедување ќе потрае десетина
години. Четвртиот Латерански собор во 1215 г. ќе се одржи со изразено убедување
имено дека поделбата е завршена со падот на Византија.
Папата ги укорил крстоносците за грабежите и убиствата во Константинопол и на
почетокот советите биле покорените да бидат третирани со почит и толеранција и да не
се брза да се пополнуваат епископските места на избеганите епископи. Дури и четвртиот

69
Латерански собор во 1215 г., ќе декларира: „Ние сакаме да се грижиме и да ги
почитуваме Грците, кои деновиве се враќаат во покорност кон апостолската столица, и
тие да одржуваат колку што Господ допушта, нивните обичаи и обреди“. Наспроти тоа
на терен толеранцијата станува ретка.
Согласно постигната спогодба за поделба на империјата, Венецијанците ја добиле
патријаршијата и го поставиле за таков Тома Морозини (1204 – 1211). Тие се погрижиле
да си ја гарантираат Света Софија само за Венецијанци и го натерале нивниот патријарх
да се заколне за тоа. После извесно колебање папата го потврдил поставувањето на
венецијански патријарх во Константинопол. Така за прв пат во историјата папата
поставува патријарх во Константинопол, на што православните остро протестираат.
Иако тоа било спротивно со традицијата и каноните, после реформацијата од XI в.,
новата еклесиологија на Запад истото го овозможувала - како што Тома Аквински ќе
каже целата духовна моќ на епископот произлегува од таа на папата како наследник на
свети Петар и според тоа папата има право да поставува, сменува епископи насекаде,
како и да менува диецези. Сега откако Цариград бил ставен во директна потчинетост на
папата, за прв пат во историјата Папството покажало спремност да ја прифати втората
позиција на Константинопол во Пенатрхијата – нешто што го негирала секогаш (канон 5
на латеранскиот собор од 1215), но не во смисла дека на некаква сличност со папата,
туку како архиепископ поставуван од папата, кој добива од него палиум и положува
заклетва за верност.
На почетокот папата барал од епископите само да дадат заклетва (види во Прирачникот)
и да го спомнуваат името на папата на литургија напоредно со она на Латинскиот
патријарх во Константинопол. Многумина од крстоносците феудалци не се сообразиле
со папските совети и гледале да ги наградат своите луѓе со делење светски и црковни
должности при што не се плашеле да посегаат и на манастирските имоти. Иако некои
како солунскиот крал Бонифациј по политички причини ги поддржувале православните.
Западни манастири биле отворени во многу од освоените области, и насекаде биле
поставени католички епископи, но обидите на папството да ги преврти православните
во римокатолицизам завршиле без успех.
Макар културата да останувала доминантно ромејска навлегуваат и многу обичаи од
западната витешка и дворска култура

7.2. Државите наследнички


Крунисувањето на Балдуин во „Св. Софија“ за император јасно ја покажала претензијата
на крстоносците дека тие ја преземаат империјата во свои раце. Таквата претензија
меѓутоа нашла на опозиција. Прв што ќе ја издигне својата против-кандидатура за
круната на василевсите ќе биде не друг туку Калојан. Нешто после него во 1205 г.
(според друга верзија 1207 г.) во Никеја за василевс ќе биде прогласен Теодор Ласкарис.
Обид да го земат византиското наследство направиле и потомците на Андроник Комнин
сами наречени Големи Комнини, но тие рано отпаднале од натпреварот и се задоволиле
со создавање на своја држава во Трапезунд, која ќе опстане најдолго од сите делови на
Византија. Во 1224 г. во Солун и епирскиот деспот Теодор Комнин се прогласил за
василевс на Ромеите.
Повеќето од државите што се бореле за византиското наследство биле водени од
разграноци на родот на Комнините, кои биле поврзани и со Ангелите. Теодор Лаксарс
бил зет на Алексиј III, основачот на епирското деспотство бил негов братучед, а и
подоцнежната династија Палеолози исто така биле поврзани со Ангелите преку бракот
на Алексиј Палеолог со ќерката на Алексиј III. Владетелите на Трапезунд пак биле по
потекло од Андроник I Комнин. Од Комнините ќе потекнуваат или со нив ќе бидат
поврзани и други влијателни родови во доцната византиска историја како Палеолози,
Врана, Кантакузини, Раул и Петралифа.

70
Сите овие претенденти за византиското наследство воделе борба меѓу себе. Во текот
на оваа борба исцело ќе отпаднат Латинците, по загубата на Константинопол во 1261 г.
Но и победата на Никеја нема да биде полна – ниту Епир, ниту Асанидите целосно ќе
отстапат – и двете земји ќе претендираат малку или повеќе за византиското наследство.
Така царевите во Трново често ќе го додаваат во својата титула поимот Грци (= Ромеи),
а епирските деспоти макар и да бидат принудени да се откажат од титулата василевс
никогаш нема до крај да ги напуштат своите претензии, ниту ќе сакаат да се потчинат на
Никеја и Константинопол (Острогорски, 1992, стр. 513-514).
***
Уште откако со помош на крстоносците на власт дошол Алексиј IV во византиските
провинции започнала да се создава опозиција водена од различни претставници на
комнинската или локалната аристократија. Меѓу избеганите од Константинопол бил
зетот на Алексиј III – Теодор Лаксарис, кој се повлекол во Мала Азија каде започнал да
собира приврзаници. Откако Константинопол паднал во рацете на крстоносците во Мала
Азија се оформиле неколку политички центри кои започнале борба меѓу себе и немале
сила да дадат ефективен отпор на крстоносците. Меѓутоа, конфликтот меѓу Бонифациј,
кој требало да ја добие Мала Азија и Балдуин, како и префрлувањето на Бонифациј на
Балканот, ја одложило инвазијата давајќи им малку време на Ромеите овде да ги
консолидираат своите сили.
Поразлична била ситуацијата во Тракија. Овде ромејската аристократија се обидела да
се договори со новиот латински император во Константинопол. Одбивањето на новите
управници да соработуваат со локалната аристократија жестоко им се одмаздило.
Ромејските моќници во Тракија оставени без излез се обратиле за помош кон
омразениот за нив Калојан и кон неговите Власи и Кумани, признавајќи го за свој
василевс. Така Калојан пак ја добил и сега многу позаконски титулата василевс на
Ромеите, претворајќи се за кратко во единствен реален претендент за круната и опонент
на латинскиот император. Неговата голема победа над крстоносците при Адријанопол
на 14 април 1205 г., заробувањето на императорот Балдуин и помошта на ромејската
аристократија му отворила широки можности за освојувања во Тракија и Македонија. Од
друга страна овој пораз на Латинците ја спасил византиска Мала Азија од латинска
окупација и го охрабрила Теподор I Ласкарис (1205– 21) да се прогласи за василевс во
Никеја.
Наскоро ситуацијата повторно се променила откако сојузот меѓу Ромеите во Тракија и
Калојан бил нарушен; од една страна причината за сојузот – латинската закана после
битката кај Адријанопол била минимализирана, од друга пак Калојан не бил во состојба
да ги контролира своите Кумани чие постојано ограбување на Ромеите на крајот ги
довело до очај и тие се кренале на востание против Калојан прогласувајќи го Аспиет за
император во Филипопол. Крајно револтиран Калојан започнал војна против своите
дотогашни сојузници и поданици одмаздувајќи им се на најжесток начин. Во безизлезна
состојба Ромеите во Тракија побарале сојуз со Латинците и сега нивниот предлог бил
прифатен. Како што расколот меѓу Балдуин и Бонифациј, а подоцна и поразот при
Едрене ја спасува византиска Мала Азија од латинска окупација, така сега расколот меѓу
Ромеите и Калојан ја спасил Латинската империја.

7.3. Императорот Хенрих I


Во 1205-1207 г. историската сцена ќе ја напуштат три крупни фигури. Во 1205/6 г.
заробениот латински император Балдуин ќе биде егзекутиран од Калојан. Во 1207 г. ќе
загине солунскиот владетел Бонифациј, а истата година за време на опсадата на Солун
ќе биде убиен и Калојан. За време на Балдуиновото заробеништво како регент во
Константинопол управувал неговиот брат Хенрих. По егзекуцијата на Балдуин Хенрих
во 1206 г. бил крунисан за император. Синот на Бонифациј бил малолетен и така
Солунското кралство останало без силен лидер. Калојан пак немал машки наследник, а

71
децата на неговиот брат Асан биле малолетни. Започнала борба за власта меѓу тројца
братучеди: Борил, Стрез и Слав, кои биле роднински поврзани со Калојан. Добивајќи ја
поддршката на Куманите престолот го освоил Борил. Малолетните синови на Асан
избегале во Галичкото руско кнежевство, а Стрез се засолил кај рашкиот жупан. Слав се
зацврстил во Родопите со центар во Цепина и одовде успешно ги одбивал обидите на
Борил да го потчини. Наскоро и Стрез со поддршка на рашкиот жупан се зацврстил во
Македонија создавајќи опширно кнежевство со центар во Просек.
Положбата во која се наоѓала Латинската империја била многу тешка – серијата порази
и територијални загуби ја истоштиле материјално, но и го поткопале борбениот дух на
Латините, од кои многумина отпатувале за Светите земји за да ја исполнат својата
крстоносна заклетва. По смртта на Бонифациј бароните во Солунското кралство водени
од грофот Хуберт од Биандрате пројавувале јавни стремежи да се осамостојат од
империјата станувајќи независно кралство. Хенрих се покажал способен владетел. Во
битката кај Филипопол во август 1208 г. силите на Борил биле поразени и Латинците си
го вратиле поголемиот дел од Тракија. Важна последица од победата било и тоа што
Алексиј Слав се признал за вазал на Хенрих, стапил во брак со неговата ќерка, а за
возврат ја добил титулата деспот. Со поддршка на императорот тој го проширил своето
владеење на југ преместувајќи ја својата престолнина во Мелник. До смртта на Хенрих
Слав ќе биде верен вазал и важен сојузник на Хенрих.
Во крајот на 1208 и почетокот на 1209 г. латинскиот император извршил успешен поход
против Солунското кралство и го скршил отпорот на неговите барони – малолетниот син
на Бонифациј – Димитриј бил крунисан за крал, а за регент бил поставен братот на
Хенрих. Наскоро, загрозено од експанзијата на Стрез, тоа кралство самото ќе започне
да ја бара и да зависи од помошта на Константинопол. Обединети силите на Хенрих и
на Солунското кралство во 1211 г. во битката во Пелагонија го поразиле Стрез. Неговата
смрт во 1214 г. го ослободило Солунското кралство од оваа опасност.
Успешен бил Хенрих и во Мала Азија каде во 1211 г. му нанел голем пораз на Теодор
Лакскарис и го освоил северозападниот дел на Мала Азија.
Со владеењето на Хенрих Латинската империја го достигнува својот врв, а неговата
неочекувана смрт во 1216 г. ставила почеток на нејзината 45-годишна агонија
(Острогорски, 1992, стр. 517- 519).

7.3.1. Црковна поделеност во империјата


(Основна литература: Papadakis – Mayendorff, 1994, 202 – 211, Rnciman, Schism, 152 –
155, Ришар, 1996, 272 – 275)
За Ромеите кои се нашле под власта на Латинската империја аргументите на папската
Реформација не биле прифаќани. Поставувањето на цариградски патријарх од папата
не го направиле него легитимен во нивните очи. Напротив – фактот дека тој бил
поставен однадвор, на начин на кој тоа никогаш порано не било правено и тоа при жив
патријарх го правел него целосно неканонски. Тие ги признале по неволја новите
латински господари, но одбиле да го признаат патријархот и духовната власт на папата
и останале во Цариград верни на патријархот во прогонство. При освојувањето на
Константинопол патријархот Јоан Каматир побегнал и се засолнил во Димотика, која во
1205 се нашла под власта на императорот признаен од Западните Ромеи – Калојан, а
во 1206 г. истиот град бил во побуна против него. На 20 јуни 1206 г. Јоан Каматир умрел
и патријаршијата во Константинопол останала без поглавар кој да е признаен од
православното население. Кога на 20 август 1206 г. откако се добила вест за смртта на
императорот Балдуин, кој од 1205 г. бил заробеник на Калојан, неговиот брат Хенрих
бил крунисан за император во Константинопол. Откако во Константинопол пак имало
император, жителите на столицата три пати ќе се обидат да најдат решение на новата
црковна ситуација.

72
На 30 август 1206 била организирана православна делегација водена од ѓаконот
Никола. Таа ќе ја изрази православната позиција дека приматот на Рим нема
божествено потекло, а се должи на неговата позиција како римска престолнина и тоа
првенство не предвидува право да се меша во други цркви. Благословот на Петар и
неговата власт се однесуваат на сите епископи, а не само на оној во Рим (види
Прирачникот). Нивните аргументи биле насочени кон тоа сами да си избираат патријарх
без мешање на папата.
На 29 септември 1206 г. втора православна делегација начело со монахот Јоан Месарит
(брат на ѓаконот Никола) се сретнала во Цариград со кардиналот Бенедикт. Тие
истакнале дека поставувањето на Морозини за патријарх било канонски неправилно, и
спротивно со постоечката традиција и затоа одбиваат да го признаат. Никој епископ
нема право да се меша во туѓи епархии согласно каноните и патријарх на Цариград може
да биде издигнат само од диецезата на патријархатот.
Во 1207 г. свештениците и монасите во Константинопол ќе упатат петиција до
император Хенрих да избере патријарх, зашто тие не го прифаќаат ниту Морозини, ниту
папата. По совет на императорот тие напишале писмо до папата дека се спремни да го
признаат како папа и тринаесетти апостол и понудиле да го споменуваат неговото име
после последната молитва на литургијата со пеење „на многаја лета“ за него заедно со
традиционалните императорски акламации. Според нив тоа значело само признавање
на привремена власт, а не таква по принцип и затоа одбивале да го спомнуваат папското
име во текот на самата литургија. Последното би го прифатиле само кога ќе се постигне
унија. Од друга страна тие побарале да биде избран патријарх кој го зборува нивниот
јазик и ги дели нивните црковни обичаи и традиции. Папата така и нема да одговори на
тоа писмо.

7.4. Раѓањето на Никејската империја


(Основна литература: Острогорски, 514-521; Gregory, 2005, 286-288)
Деспотот Теодор I Ласкарис, зет на Алексиј III, го искористил преместувањето на
Бонифациј од Мала Азија во Македонија за да создаде свое кнежевство со центар во
Никеја. На почетокот тој среќавал тешкотии од сите страни. Од една страна против него
тргнал Давид Комнин од Трапезунд, а од друга Латините од Константинопол. Кон крајот
на 1204 г. тој претрпел тежок пораз од Латините кај Појманенон и ја изгубил Витинија.
Големиот пораз на Латините од Калојан кај Адријанопол го ослободил Теодор од
латинската опасност – во таа битка загинал и претендентот за областа на Никеја Луи од
Блоа. Во меѓувреме Теодор постигнал успеси во борбата против Давид Комнин и
локалните византиски магнати во Мала Азија, консолидирајќи ја постепено својата
власт. Обидот на Балдуиновииот брат Хенрих да го нападне Теодор Лаксарис во 1206 г.
бил прекинат од нова инвазија на Калојан во Тракија. Во Никеја започнало обновување
на институциите на Византиската империја.

7.4.1. Против-акција на православната црква, патријаршијата во егзил


(Основна литература: Papadakis – Mayendorff, 1994, 205 – 216, 248, 249, 254 - 256, Cf.
Angelov, 2016, 111-112; Ducellier, 1999, 788).
Првиот важен чекор кон обнова на Империјата после фијаското со Калојан било
воспоставување на патријаршија во егзил. Серија настани го расчистиле патот кон
воспоставување на Константинополска патријаршија во егзил во Никеја. Мнозинството
православните ерарси одбиле да се потчинат и да ги признаат папата и латинскиот
патријарх и избегале во сеуште слободните византиски територии, најголем број од нив
се нашол во Никеја. После смртта на последниот Константинополски патријарх во
Димотика на 20 јуни 1206 г. Ромеите во Цариград во 1206 и 1207 г. не успеале да ги

73
убедат Латините да изберат канонски православен патријарх во Константинопол. На 8
октомври 1207 бил убиен Калојан, најсилниот претендент за императорската круна и
неговата држава западнала во граѓанска војна. Разочарани од Калојан и поставени во
невозможна ситуација водачите на Ромеите во Тракија начело со Алексиј Врана
постигнале спогодба со силно ослабените Латини. Сето тоа го расчистило патот за
поставување на патријарх во егзил во Никеја. На 20 март 1208 Михаил IV Авторианус
бил поставен за патријарх и бил признаен не само од Ромеите под власта на Никејскиот
император, но и оние под власта на Латините. Сега патријархот го крунисал императорот
и со тоа му дал легитимитет меѓу православните, каков никој од другите претенденти не
поседувал. Тоа ќе даде огромна предност на Никеја во борбата за наследството, и ќе
претставува исклучително моќно дипломатско оружје во рацете на нејзините владетели.
Ова било оспорено од последниот легитимен претендент за византиската круна. Во 1209
г. Селџукскиот султанат, кој му дал азил на избеганиот василевс Алексиј III и заклучил
сојуз со Латинската империја против Теодор Лаксарис. Турската инвазија завршила со
тежок пораз во 1211 г. во кој загинал и самиот султан, а Алексиј III бил заробен. Сега
титулата на Теодор станала неспорна. Во истата 1211 г. меѓутоа Никејците биле
поразени од Латините кај реката Риндак и борбите продолжиле без поголеми
поместувања до 1214 г. кога бил заклучен мир. Овој мир му ги одврзал рацете на
никејскиот император да ги освои териториите на Трапезундската империја на запад од
градот Синоп, кој пак паднал во рацете на Селџуците. Макар што Трапезундската
империја успеала да опстане најдолго од сите држави наследници на Византија, таа
повеќе нема да игра сериозна политичка и идејна улога.
Никејската патријаршија презела серија мерки за координирање на православните земји
и нивно оттргнување од влијанието на Папството. Непосреден проблем што го
наследила била црквата во Кипар, која некогаш била автокефална архиепископија, а од
1191 г. под власта на Ерусалимското кралство, и во тешка ситуација. Архиепископите за
да се легитимираат започнале да бараат нивниот избор да биде потврдуван од
Константинопол, а потоа и Никеја, а некои и лично патувале до таму. Никејскиот
патријарх ќе настојува православните во Кипар да не се потчинуваат на епископи и
свештеници кои положиле заклетва пред латинскиот архиепископ, да не присуствуваат
на нивни служби и да не примаат нивни благослови. Тоа барање било дочекана со
извесна нелагодност– зашто од една страна не било лесно да се спроведува и од друга
изгледало како мешање во внатрешните работи на црква која не била под јурисдикцијата
на патријархот. Сепак барањата на Никеја биле генерално почитувани.
На територии каде православни епископи не биле допуштени (како Крит) сите
ракополагања на православни свештеници биле вршени од епископи надвор од
островот на православна територија.
Политиката на патријашијата била подржана од мнозинството на православните и
особено од монасите и епископите во окупираните од Латините територии. Монасите
претпочитале да останат верни на религијата на нивните татковци и се претвориле во
главни а понекогаш единствени говорители на православната црква таму и затоа често
биле подложувани на затвори и прогонства иако мачеништва биле ретки.
Предизвикот за патријаршијата дошол од слободните ромејски територии кои не биле
под власта на Никеја. Трапезунд не го признал никејскиот патријарх, како што не го
признавал ниту никејскиот император. Ракоположените од Никеја епископи испратени
во териториите на Трапезундската империја биле вратени. Во Епирското деспотство
иако на почетокот го признавале Никејскиот патријарх сепак не дозволиле тој да
ракополага овде епископи. На црковен собор одржан во Арта во 1214 г. по заповед на
деспотот Михаил Ангел ќе бидат ракоположени без да се побара дозвола од патријархот
митрополити на Драч и Лариса. Во 1219 г. ќе бидат поставени од собор во Арта
митрополити во Керкира и Лариса. Обидот истите пост-фестум да бидат признаени од
патријархот биле одбиени (Снегаров, 1995, 102, 103).

74
Непосредни предизвици на Балканот надвор од Латинската империја се јавувале
Кралството на Бугари и Власи и неговата архиепископија на Бугари и Власи водена од
примас поставуван од папата. Српското велико жупанство исто ја признало папската
јурисдикција и добило кралска круна од папата.
Прво од влијанието на Рим ќе биде оттргната Србија преку основање православна
Српска автокефална архиепископија во 1219 г. Нејзиниот поглавар носел титула
„архиепископ на сите српски и поморски земји“ и бил независен во својата управа, а
единствен знак за неговата подреденост било задолжението да го спомнувал
патријархот на литургија на прво место. Тоа станало по настојување на императорот и
наспроти противењето на патријархот, кој знаел дека со тоа ги нарушува правата на
Охридската архиепископија. Делото било извршено на база на правото на императорот
да основа нови диецези, истото на кое се базирале правата и на самата Охридска
архиепископија. Прифаќањето на архиепископијата од Никеја значело и признавање од
српска страна на претензиите на Никејскиот владетел дека е вистинскиот василевс на
Ромеите.
Создавањето на српската архиепископија предизвикало остри протести од Охридскиот
архиепископ Димитрија Хоматијан, од чија диецеза биел одземени епархиите од кои
била создадена новата црква. Тој го негирал правото на Никејскиот император да ја
менува Охридската диецеза затоа што „ние немаме легитимна империја и затоа твоето
ракополагање нема легална основа“.
Во 1220 г. Никејскиот патријарх се обидел да собере вселенски собор во Никеја со
претставници на сите источни патријаршии, за да се изберат делегати за преговори со
папата. Епископите од Епирското деспотство одбиле да учествуваат и изјавиле
несогласност за водење преговори за унија во конкретниот момент зашто тоа само би ги
охрабрило Латините во прогоните на православните. Откако не успеал да организира
вселенски собор патријархот собрал поместен собор, на кој меѓутоа не дошле
епископите од епирското деспотство што навестило реален раскол (Снегаров, 1995,
103).
Сепак практиката на оттргнување на црквите во држави со православно население од
папското влијание преку давање автокефалија понатаму ќе се претвори во официјална
црковна политика на Никејската патријаршија и многу ќе помогне за легитимирањето на
Никеја како вистински наследник на Новиот Рим.

7.5. Продлабочување на верскиот судир


(Основна литература: Papadakis – Mayendorff, 1994, 202 – 211; Rnciman, Schism, 152 –
155, Ришар, 1996, 272 – 275)
Одбивањето на Латините да ја инкорпорираат ромејската аристократија и нивните
стремежи да ја наметнат западната реформација на православниот клер, монаси и
население, реално ќе ја делегитимираат Латинската империја како законски
продолжител на Новиот Рим во очите на мнозинското домородно население. Тоа
отворило можности за барање на политички алтернативи на Латинската империја – прво
кај Калојан, а потоа и далеку поопасно – во Никеја, каде ќе биде воспоставена освен
политичка, но исто така и црковна алтернатива. Лојалноста на православното население
кон патријарсите во Никеја и нивните симпатии кон никејските императори ќе ги направат
Ромеите небезбедни поданици со сомнителна лојалност, што од своја страна, ќе
предизвика низа на црковни и законски мерки, кои само ја продлабочиле пропаста и
спротивставувањето меѓу наметнатата од надвор политичка и црковна елита и народот.
Постепено во териториите владеани од Латините станало прифатлива практика
православните да бидат поново крштевани пред примање во општење со Римо-
католичката црква, а православните црковници да бидат поново ракополагани, со што и
крштевањето и таинствата на православните биле де факто прогласени за невалидни,

75
а тие за не-христијани. Таквата практика ќе се одржи и ќе биде применувана при
освојувања на балкански православни територии од западни земји и во крајот на XIV в.
Од друга страна на Латините им било забрането да учествуват на православна служба
од било кој вид. Сите православни епископи кои сакале да ги зачуваат своите позиции,
заедно со секој кој сакал да стане епископ требало да положат заклетва за верност кон
папата и поставениот од него патријарх во Константинопол. Новите епископи требало
да се ракополагаат според латинскиот обред. Латините ја промениле православната
епископска структура според нивните потреби – некои митрополии биле деградирани до
епископии, а епископии - издигнати во митрополии, некои епархии биле зголемени, други
смалени или укинати. На некои места ќе биде укината целата автономна црковна
организација како на Кипар, чија автокефална архиепископија после освојувањето од
Ричард Лавовското срце била деградирана (1191) и од 14 епископи ќе се намали на 4
кои се принудени да ги преместат седиштата во мали гратчиња. Силно настрадало
монаштвото. Најголемиот дел од имотите од кои монасите се издржувале им биле
одземени, повеќе манастири биле напуштени, а оние кои опстанале требало да го
прават преку различни компромиси.
Периодот на Латинска окупација на Константинопол било време на засилено присуство
на западни монашки редови во источниот Медитеран – сите големи западни редови како
Цистерцијанци, Доминиканци и Францисканци воспоставиле свои центри во регионот.
Тие се бавеле со зилотско мисионерство меѓу православните и другите источни
христијани и нивната дејност често резултирала во осиромашувањето на православните
манастири, прогонување и тормоз на монасите
Во периодов што следи бракови меѓу Латини и Ромеи се многу ретки, а не некои места
како Крит и се забранети од освојувачите. Интеграцијата на покорените меѓу
управувачката класа на освојувачите не била допуштана. Дискриминацијата на која се
подложени православните од Латините силно контрастира со многу по толерантниот
однос од страна на Турците, нешто што православните редовно ќе им го воочуваат на
своите западни кореспонденти во наредниот век
Како последица од силниот отпор на Ромеите папската унијатската политика во
Византија по 1204 г. никогаш не успеала да пушти корен. Настаните во и по 1204 г. ќе ја
превртат братската кавга и антипатија во религиска нетолеранција и омраза.

7.6. Нов претендент за Римското наследство: Епирско деспотство – Солунска


империја
(Основна литература: Gregory, 2005, 288, 289; Острогорски, 513, 52-526)
Веднаш после падот на Константинопол деспотот Михаил Ангел (братучед на Алексиј III
и Исак II) успеал да воспостави контрола на територијата од Драч до Коринтскиот залив
и да основа своја држава со столица во Арта. Од овде тој водел борба против Венеција
и Солунското кралство. Во 1215 г. власта над Епир поминала во рацете на неговиот
полубрат Теодор, кој гордо ќе се нарече со три императорски фамилии: Ангел, Дука,
Комнин. Првиот негов сериозен успех бил заробувањето на новокрунисаниот латински
император Петар од Куртене при неговото поминување низ албанските планини.
Солунското кралство без полнолетен крал, ослабено од враќањето на многу рицари на
запад и оставено без поддршка од Константинопол после смртта на Хенрих не издржало
долго пред воениот притисок на Теодор и во 1224 г. Солун паднал во негови раце, што
ставило крај на втората по значење крстоносна држава на Балканот.
Солун станал престолнина и овде во 1224 г. Теодор се крунисал за василевс на Ромеите
претворајќи ја епирската држава во империја и претендент за обновување на
Империјата на Новиот Рим. Неговото крунисување било извршено од Охридскиот
архиепископ Димитар Хоматијан и од „западните епископи“, т.е. оние од цариградската
диецеза во Македонија, Тесалија, Албанија и Епир. Во својата заштита на правото да

76
поставува императори Хоматијан се повикал на тоа дека неговата архиепископија ги има
наследено правата на папството, откако тоа отпаднало од православието. Овој настан
довел до црковен расцеп меѓу Никеја и епископите во доменот на Солунскиот
император. Иако „западните епископи“ го признавале никејскиот патријарх за свој
поглавар, тие политички го поддржале Солунскиот император и не допуштале
патријархот да поставува епископи во неговата држава, туку тие сами ги
ракополагале.Тие во 1224 г. дури и формално му предложиле на патријархот да
прифати компромис – тие да го споменувата неговото име на литургија но
ракоплагањата во територијата на Солунската империја да ги вршат самите тие, зашто
нивниот император не дозволува поинаку. Предлогот бил одбиен (Снегаров, 1995, 111-
113).

Епирски деспотат – Солунска империја 1205 – 1230


(https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/2/20/Epir1205-1230.png)
Императорот Теодор Ангел го наметнал своето влијание во Србија - во 1128 неговата
ќерка Ана се омажила за српскиот крал, а пак Охридскиот архиепископ ја признал
автокефалната српска архиепископија. Теодор го придобил на своја страна владетелот
на североисточна Македонија деспотот Алексиј Слав. Важен чекор по патот кон
Константинопол било обезбедувањето на неутралноста на бугарскиот владетел – што
било постигнато преку заклучување сојузен договор со Јоан Асан II. Потоа ги продолжил

77
своите освојувања на исток ‒ ја протерал никејската војска што го имала заземено
Адријанопол и се пробил кон Константинопол.
Опасноста од сојуз на Латинската империја со Трновскиот владетел го поттикнала
Теодор Комнин да го раскине сојузниот договорот и да го нападне Јоан Асан II. Во
пролета на 1230 г. кај реката Клокотница, недалеку од Марица, војската на солунскиот
цар доживеала целосен пораз, а самиот Теодор бил заробен и ослепен. Јоан Асан го
освоил поголемиот дел од неговата земја од Адријанопол до Драч, оставајќи му ја на
Теодоровиот брат Маноил власта над Солун, Тесалија и Епир и правото да се нарекува
император. Без разлика на тоа Солунската империја практично отпаднала од трката за
византиското наследство. Нејзиниот владетел ќе ја зачува титулата до 1242 г., кога
официјално ќе се откаже од неа во корист на Никејскиот император и ќе стане деспот до
1246 г. кога Солун ќе падне во рацете на никејскиот император. Западни територии ќе
продолжат да постојат како епирски деспотат.

7.7. Никеја и реставрацијата


7.7.1. Победа во борбата за легитимирање: Јоан Дука Ватац
(Основна литература: Острогорски, 524- 536; Gregory, 2005, 289, 291; Papadakis –
Mayendorff, 1994, 205 – 216, 248, 249, 254 – 256; Cf. Angelov, 2016, 111-112; Ducellier,
1999, 788).
Теодор Ласкарис умрел во 1222 г. оставајќи го тронот на својот зет Јоан Дука Ватац
(1222-1254). Браќата на Теодор се обиделе со латинска помош да го освојат тронот за
себе, но Јоан брзо и одлучно ги совладал, поразувајќи ги бунтовниците кај Појманенон.
Како последица на тоа Латинската империја наскоро ги изгубила сите свои поседи во
Мала Азија (1225). Никејската флота ги освоила источно егејските острови. На повик на
Ромеите од Адријанопол никејската војска се префрлила во Европа и создала своја база
во близина на Константинопол. Меѓутоа, била принудена да се повлече пред налетот на
солунскиот император Теодор. Поразот на Теодор кај Колкотница во 1230 г. го
ослободила Јоан Ватац од овој опасен конкурент.
Поразот на Солунскиот император во 1230 г., го отстранил Солунскиот император од
трката за Ромејското наследството и тој бил заменет од Трновскиот владетел Јоан Асан
II, кој сега се прогласил за „цар на сите Бугари и Грци“ поими под кои ги визирал
жителите северно до Стара планина и Скопје („Бугари“), и оние во „Романија“ (т.е.
Тракија и Македонија, наречени „Грци“, т.е. Ромеи). Тој започнал да се однесува како
„император на Западот“ и неговите амбиции да го земе Константинопол не биле криени.
Сепак Никеја ќе успее да излезе победник од комплицираната ситуација.
Првиот успех бил надминувањето на шизмата со „западните епископи“ во 1232 г., каде
патријархот успеал целосно да ја наметне својата јурисдикција.
Понатаму изјаловувањето на надежите на Јоан Асан на мирен начин да стане регент во
Константинопол, ги оладил неговите односи со крстоносците и папството. Јоан Асан
заклучил сојуз со Никеја за борба против Латинската империја, и во 1235 г. во Галиполе
и Лампсак на Дарданелите била прогласена свадбата на никејскиот наследник Теодор
со Асановата ќерка Елена. Во 1235 г. Никеја успеала да ги отклони неговите амбиции и
да го оттргне од влијанието на папата давајќи на Трново патријаршија, чиј поглавар ќе
ја носи титулата „патријарх на сите Бугари“. Условот поново бил Трновскиот патријарх
да го спомнува на прво место Никејскиот. Сојузниците во 1235/6 г заедно го нападнале
Константинопол, кој бил спасен со помош на венецијанската флота. Главна причина за
неуспехот на опсадата било тоа што Јоан Асан го раскинал сојузот со Никеја и заклучил
таков со Латините. Освојувањето на Константинопол би значело обновување на
Империјата на Новиот Рим од страна на Никеја, нешто со што Јоан Асан „цар на сите
Бугари и Грци“ и самиот со аспирации спрема византискиот престол не бил согласен.
Војската на Јоан Асан составена во голем дел од Кумани заедно со Латините ги

78
нападнале европските вледенија на Никејската империја, но ненадејната смрт од чума
на жената и некои од децата на трновскиот владетел довело до неговото повлекување.
Исплашен дека несреќата била божја казна Јоан Асан заклучил мир со Јоан Ватац
(1237).
Монголската инвазија во Европа ја свртела ситуацијата во корист на Никеја. Јоан Асан
II умрел во 1241 г., а неговата земја била опустошена од Монголите. Бугарија и
Иконискиот султанат биле принудени да им плаќаат данок на Монголите, судбина која
Никеја ја избегала.
Никеја по дипломатски пат ќе се погрижи да биде стабилизирано православието и
оттргнато од римо-католичкото влијание во срушената во 1240 г. од Монголите Киевска
Рус. Кнезот Данаил она Галиција и Волинија побарал и добил од никејскиот патријарх,
промена на старото правило според кое за поглавар со титула „митрополит на Киев и
цела Рус“ се поставувал Ромеј од страна на Константинопол и сега се утврдило ново
компромисно правило поглаварите да се редуваат по своето потекло – Ромеј,
домородец и т.н. Во 1248 г. е ракоположен првиот домородец за митрополит на Киев.
Создадените цркви кои не го носат само името на главниот град туку и на државата, не
предвидувало создавање на етнички помесни цркви, нешто што во Православието било
секогаш отфрлано. Имињата биле политички и територијални и се однесуваат на
опфатот на диецезата и на државната единица која тие ја покриваат, додека нивните
паства биле мултиетнички, кои ги обединуваат сите верници од диецезата. Балканот во
средниот век се карактеризира со културен плурализам (Papadakis – Mayendorff, 1994,
243).
Новата структура на православниот свет силно ќе го засили неговото единство,
тенденција што понатаму ќе биде дополнително засилена од исихастичкото движење.
Оваа внимателна и балансирана политика на Никејската патријаршија успеала да ги
заздрави врските на православните земји со Никеја и да ги откине нив од Римското
влијание.
Поволната ситуација после монголскиот поход ѐ помогнал на Никеја да постигне серија
успеси.
Во 1242 г. Јоан Ватац организирал поход против Солунската империја, но бил принуден
да го прекине поради доаѓањето на монголската војска во Мала Азија. Сепак, походот
донесол важен успех – Солунскиот владетел се откажал од титулата император и ја
признал истата на Јоан Ватац, кој за возврат му ја дал титулата деспот.
Во 1246 г. василевсот навлегол на територијата на Трновското царство и после една
мала битка кај Серез цела Источна Македонија до Вардар доброволно поминала под
негова власт, признавајќи го за свој законски господар. Истата година бил освоен Солун
и последниот солунски деспот Михаил бил одведен во заробеништво.
Сега никејскиот цар морал да ги реши односите со Епирското деспотство, кое заедно со
Тесалија уште пред десетина години се имало одвоено од Солун, а во меѓувреме се
проширило во Албанија и делови од Западна Македонија. Таму управувал Михаил
Ангел, кој во 1249 г. заклучил договор со Никејскиот цар. Наговорен од ослепениот
поранешен солунски император Теодор Комнин епирскиот деспот започнал војна со
Никеја, но наскоро бил поразен и ги изгубил териториите во Западна Македонија и
Албанија до Кроја и морал да го даде својот син Никифор за заложник (1252), а
ослепениот Теодор Комнин го завршил својот живот како затвореник во Никеја. Епир
продолжил да постои како полунезависно византиско кнежевство
За да ја неутрализира помошта на Папството за Латинската империја Ватац се сојузил
со германскиот император Фридрих II, природен непријател на папата и се оженил за
неговата ќерка. По смртта на Фридирх дошло до зближување со Папството.

79
7.7.2 Обнова на црковниот дијалог: Никеја и Папството
(Основна литература: Runciman, 1997, 156, 157, Papadakis – Mayendorff, 1994, 217, 218)
Преку сите преземени мерки и внимателната балансирана политика поддржувана од
православните верници Никеја ја добила битката со папите за превласт во
православниот свет на големиот простор од Новгород до Александрија и од Охрид до
Грузија, Никеја.
На почетокот папството одбивало да ја признае новата патријаршија и империја во
Никеја. Кон Теодор Ласкарис папата се обраќал во писмата само како „благороден
господар“, а не император, а како предуслов за вселенски собор поставувал делегатите
од Цариградската патријаршија да бидат избрани од Латинскиот патријарх во Цариград
(Runciman, 1995, 156) . Таквиот однос целосно ги блокирал преговорите .
Постепено папството ќе биде принудено да ги признае својот неуспех да се наметне
меѓу православните со сила и успехот на Никеја да го одржи православното единство.
Прв знак за тоа се јавува прифаќањето на поканата од императорот Јоан Ватаци и
праќањето папска делегација во Никеја во 1234 г.
Православните се надевале на вселенски собор и имено таков се обидувале да
организираат, и затоа имале покането претставници од источните патријаршии – а
Евтимиј, православниот патријарх на Антиохија присуствувал лично. Но папата Григориј
IX не сакал да допушти оваа средба да има толку високо ниво. Тој испратил само
четворица монаси како делегати - двајца Доминиканци и двајца Францисканци, што ги
разочарало православните. Во тој момент, папата изгледа бил спремен да ја признае
патријаршијата во Никеја како законска Константинополска патријаршија, а пак соочени
со опасен конкурент во лицето на Јоан Асан Ласкаридите биле готови во замена за
Константинопол да понудат црковна унија. Нивната формула се состоела во тоа да се
прифати латинската теза дека иако грчкиот начин на причестување со квасен леб не е
погрешен, начинот користен на Запад е подобар, а во замена Латините да отстранат
Filioque од симболот на верата. Никоја од двете цркви не била спремна на сериозен
компромис. На средбата – дебата, што била водена меѓу Никифор Блемид и патријахот
Герман од Никејска страна и папските пратеници и последните инсистирале дека прв
чекор треба да биде Ромеите да се потчинат на Светата столица. Оваа прва дебата меѓу
двете страни после 1204 г., завршила со фијаско - папските делегати гневно ја
напуштиле средбата, додека православните епископи викале по нив: „Вие сте еретици.
Ние ве најдовме еретици и исклучени од црквата и ве оставаме еретици и исклучени од
црквата“, а пак монасите им викнале „Вие исто сте еретици“ (Runcman, Scism, 157).
Сега шизмата била меѓусебно прифатена. Рим го осудил император Фридрих II што ја
дал во 1244 г. својата ќерка за сопруга на никејскиот император, затоа што бил
„шизматик“, а на соборот во Лион во 1245 г. папа Инокентие III ќе ја изрази својата
загриженост за „шизмата во Романија“.
Во 1249 г. нова делегација ја посетила Никеја и дошло до нова дебата, меѓу Никифор
Блемид и францисканецот Јоан од Парма. Аргументацијата презентирана од Јоан
Блемид не останала незабележана од современиците и ќе биде користена од
православните и понатаму. Во тоа време папата веќе бил спремен да го отстапи
Константинопол на Никеја, но разговорите започнати тогаш, така и нема да доведат до
спогодба зашто и императорот Јован Ватаци и папата умреле во 1254 (Papadakis –
Mayendorff, 1994, 217, 218). Големите успеси што Никеја ги постигнала во меѓувреме ја
направиле таквата спогодба непотребна и преговорите биле прекинати

7.7.3. Внатрешната политика на Јован Ватац


Освен надворешно политичките успеси и двојното зголемување на територијата на
никејското царство Јоан Ватац постигнал големи успеси и на внатрешен план. Покажал

80
голема грижа за правосудството и водел енергична борба против злоупотребите и
корупцијата. Водел активна социјална политика – градел болници, сиропиталишта,
домови за стари луѓе. Активно ја поддржувал црквата и градел многу храмови и
манастири.
Во времето на Латинското царство, Цариград престанува да биде културен центар. Како
таков сега се оформува Никеја. Во интелектуалниот круг во Никеја доминирал Никифор
Блемид, роден во 1197 г. во Цариград, кој во Никеја ќе проучува реторика, филозофија
медицина, ќе пишува и трактати против Латините и научни дела од областа на физиката,
медицината и географија, филозофски трактати и автобиографија. Последното е ретка
појава на времето – поголемиот дел на автори и препишувачи во Империјата на Новиот
Рим и генерално во православниот свет претпочитале во духот на христијанското
смирение да останат анонимни (Шене - Флизен, 2010, 351).
Јоан Ватац инвестирал многу во обнова на тврдините и создал мноштво нови војнички
имоти засилувајќи ја одбраната на државата. Населил голем број Кумани, кои бегале
пред наездата на Монголците како војници во Македонија, Тракија и Мала Азија.
Големи напори вложил во обнова на економијата како и да ја направи независна од
увозот на странски стоки. За да ја намали зависноста од увозот на стоки од западните
трговци, без отворено да раскине со нив – нешто што не можел да си го дозволи поради
нивната супериорност на море, тој им забранил на своите поданици да купуваат
луксузни стоки: секој требало да се задоволува со тоа „што римската земја го раѓа и
римските раце го произведуваат“ (Острогорски, 1992, стр. 535). Никеја печалела од
извозот на намирници за Иконискиот султанат настрадан сериозно од монголската
наезда. На таков начин државата била економски и финансиски стабилизирана, без
разлика на големите трошоци поврзани со политиката на експанзија, која сепак ја вршел
максимално економично.
Јоан Ватац го подготвувал освојувањето на Константинопол и само тешката епилепсија
од која страдал на крајот на животот го спречила самиот да го направи тоа. Во 1254 г.
тој умрел и наскоро потоа бил прогласен за светец: свети цар Јоан Милостивиот.

7.7.4. Теодор II Ласкарис (1254–1258)


(Основна литература: Острогорски, 536 -539; Gregory, 2005, 291)
Јоан Ватац бил наследен од неговиот син Теодор II (1254-8), кој ја зел фамилијата
Ласкарис по својата мајка. Добар научник опкружен со луѓе на перото, тој ја претворил
Никеја во важен образовен и научен центар. Со државата раководел самостојно, земал
за советници луѓе од скромно потекло и немал доверба во водечките аристократски
фамилии, поради што често се појавувале конфликти меѓу него и аристократијата. Бил
категоричен противник на унијата – за него таа била можна само при еднаквост на двете
цркви под неговото врховенство како император.
Односите со Иконискиот султанат во негово време се заостриле откако генералот и
угледен аристократ Михаил Палеолог обвинет за велепредавнички намери избегал во
Иконија. Меѓутоа, новата наезда на Монголците ја превртела повторно ситуацијата во
корист на Никеја, која сега султанот морал да ја моли за помош, а Михаил Палеолог –
да се врати покајнички во Никеја. Царот примил монголско пратеништво на кое му
приредил блескав дочек кој требало да ги убеди Монголците во моќта на Никеја.
Теодор Ласкарис успеал да ја стабилизира ситуацијата и на Балканот. Трновскиот цар
Михаил Асан, ја искористил смртта на Јоан Ватац и започнал широка инвазија во
Тракија, а поттикнал некои аристократи во источна Македонија, незадоволни од
позициите што ги добиле да се побунат. Теодор II меѓутоа го принудил на повлекување
и му наметнал поволен за Никеја мир. Кога на власт во Трново дошол потомокот на
Немањиќи Константин Тих (1257-1277), Теодор му ја дал ќерка си за жена и заклучил со

81
него сојуз. Царот го нарушил мирот со Епир освојувајќи го Драч, што довело до жестока
војна која била водена со променлива среќа.
Овие воени дејствија довеле до се поголемо заострување на односите со
аристократијата која ги држела клучните командни позиции во војската и на која царот ѝ
ги припишувал сите неуспеси. Постојаните обвинувања и судски процеси го заостриле
судирот со крупната аристократија и го забрзале падот на династијата Ласкарис.
Теодор II Ласкарис боледувал од епилепсија и умрел во 1258 г. оставајќи за наследник
седумгодишен син Јоан IV (1258-1261). Пред смртта за регент го остава Георги Музалон,
негов пријател од скромно потекло, омразен на аристократијата, а последната на чело
со Михаил Палеолог морала да се заколне дека ќе биде верна на регентот и на
малолетниот цар. Но Музалон преживеал одвај девет дена по смртта на царот и бил
убиен за време на поменот во црква заедно со својот брат. Сега регентството било
дадено на лидерот на аристократијата Михаил Палеолог.

7.7.5. Обновата на Ромејската империја.


(Основна литература: Острогорски, 539-544; Gregory, 2005, 293-297)
Михаил Палеолог ѝ припаѓал на влијателна аристократска фамилија, а самиот бил
оженет за царската роднина Теодора. Бил истакнат војсководец, омилен на војската, со
големо влијание меѓу аристократијата и клерот. Тој бил поставен за голем дукс и ја
добил титулата деспот, а кон крајот на 1258 или почетокот на 1259 г. бил крунисан за
совладетел на малолетниот цар Јоан. Тешките надворешно политички заплети во кои
се нашла Никејската империја по смртта на Теодор II Ласкарис барале силен
раководител и помогнале за неговото брзо издигнување.
Против Никеја, на запад се создала коалиција од амбициозниот сицилиски крал
Манфред, ахејскиот кнез Вилијам II Вилардуен (заедно со зависните од него Атинско
војводство и остров Евбеја) и епирскиот деспот Михаил II, кон кои се приклучил и
српскиот крал Урош I. Учесниците во коалицијата ги освоиле Драч, Скопје, Прилеп и
Кичево. Во 1259 г. во решителната битка во Пелагонија помногубројната, но
неединствената војска на коалицијата доживеала целосен пораз, за што придонела и
дипломатијата на Михаил Палеолог. Ахајскиот кнез бил заробен, а византиската војска
ја окупирала скоро целата епирска територија – само помошта од Манфред го спасила
Епир и помогнала тој да закрепне после овој удар. Србите исто така биле принудени да
ги напуштат освоените градови во Северна Македонија. Михаил Палеолог го искористил
заробувањето на ахајскиот кнез и многу од неговите витези за да издејствува предавање
на повеќе градови во Пелопонез на Никеја. И покрај несогласноста на Вилијам Вилрдуен
сопругите и вдовиците на заробените, и на загинатите витези, се сретнале на „Дамски
парламент“ и се согласиле со дел од византиските барања, ѝ отстапиле дел од
Пелопонез на Никеја во замена на слободата на сопрузите. На таков начин во Пелопонез
била основана византиска провинција која подоцна станала позната како Мореја.
По големите победи на Михаил Палеолог Латинската империја била оставена без помош
– единствената сила на која можела да се надева била Венеција. За да ја неутрализира
Венеција Михаил Палеолог, во 1261 г., потпишал против неа договор и сојуз со Џенова,
ослободувајќи ја од такси и царини во целата империја. Таквиот договор ја поткопувал
економијата на империјата, а се покажал и непотребен. Само 4 месеци и 12 денови по
потпишувањето на договорот, на 25 јули 1261 г., Константинопол бил освоен до голема
степен на среќа и без отпор. Малобројниот латински гарнизон го имал напуштено градот
во експедиција по северниот брег на Црното Море, а еден византиски одред во Тракија
дознал за тоа и влегол во градот. На 15 август, денот на св. Богородица, заштитничката
на Цариград, Михаил свечено влегол во Константинопол, пречекан од народот кој ја
носел иконата на Богородица Ходигитрија.

82
8. НОВИОТ РИМ: 1261-1354 г.
8.1. Михаил VIII Палеолог
(Основна литература: Laiou, 1993, 803-810;, 1992, Острогорски 544-562; Gregory, 2005,
293- 294)
Во септември 1261 г., во „Света Софија“, регентот – совладетел Михаил Палеолог бил
крунисан со старата византиска круна од патријархот за василевс, заедно со неговата
сопруга и син. Малиот Јоан IV не зел учество во крунисувањето – наскоро, кон крајот на
1261 г., 10-годишниот младинец бил ослепен по заповед на Михаил Палеолог, што ѝ
ставило крај на династијата Ласкарис. Тоа создало силна опозиција на чело со
патријархот, кој го исклучил од црквата Михаил. Судирот продолжил до 1265 г. кога
патријархот бил симнат и протеран. Но неговото и влијанието на неговите следбеници
продолжило да расте особено благодарение на напорите на Михаил Палеолог да
спроведе унија со папството, создавајќи внатрешна шизма (расцеп) во византиската
црква.
Константинопол бил многу осиромашен по пожарите и ограбувањето од 1204 г. и потоа
поради постојната потреба од пари и помош за опстојувањето на Латинската империја.
Латинските императори постојано биле принудени да ги подаруваат и продаваат
богатствата на градот. Михаил презел мерки за обнова на бедемите на градот и
направил обид да изгради флота, но големите трошоци го натерале да ја напушти оваа
идеја, и дури да ја намали вредноста на иперперата – византиската монета.

Византија во 1265 г.
(By ByzantineEmpire1265.svg: Neuceu derivative work: Bojan Talk (ByzantineEmpire1265.svg) [CC
BY-SA 2.5 (http://creativecommons.org/licenses/by-sa/2.5)], via Wikimedia Commons)
Враќањето на престолнината довело до преместување на фокусот на имперската
политика на Запад поради постојаната опасност од оваа страна како последица од
плановите и настојувањата на повеќе западни сили да ја обноват Латинската империја.
За истото изместување тежината на империјалната политика кон Балканот играла улога
и желбата на императорот да ги поврати изгубените територии на империјата (Laiou,
1993, 803, 804).
Михаил VIII нашол силен непријател на запад во лицето на братот на францускиот крал
Луј IX ‒ Карл Анжујски, поставен во 1265 г. од папата за крал на Сицилија и Неапол, кој
создал голема антивизантиска коалиција во која влегле остатоците од Латинската
империја (ахајскиот кнез Вилијам Вилардуен, како и поранешниот латински император),
византиските државички Тесалија и Епир, како и Бугарија и Србија.

83
Михаил VIII гледал во политиката на сицилискиот крал главна закана за своето
владеење и ги насочил сите сили во овој правец, занемарувајќи го турското ширење во
Мала Азија како помало зло. Презел широка дипломатска контра-акција и ја придобил
поддршката на папството, кое сакало да воспостави унија со византиската црква и не
било заинтересирано од засилувањето на кралството на Карл Анжујски преку
освојување на Константинопол. Освен тоа, василевсот склучил сојуз со Унгарија и со
Татарите на Златната орда, преку што ги неутрализирал Србија и Бугарија. Се сојузил и
со Мамељуците во Египет (Laiou, 1993, 805). Потоа успеал да ги настрои Венеција и
Џенова едни против други и со нив да постигне договори на ограничен рок што на
империјата ѝ давало подобра дипломатска позиција. Михаил презел повеќе активности
да ги потчини независните државички во денешна Грција – Епир, Тесалија, Ахаја и сл.
но не бил во состојба да го постигне тоа поради помошта што тие постојано ја добивале
од Карл Анжујски.

8.1.1. Лионска Унија


(Основна литература: Papadakis – Mayendorff, 1994, 220 – 225, 227).
Клучен во политиката на василевсот да го блокира Карл Анжујски бил папата. Единствен
сигурен пат да избегне крстоносен поход против Константинопол било постигнување
унија. Папството се стремело во иста насока. Новата формула за која папата се залагал
била постигнување на единство преку дипломатска уцена и закана, наместо со директна
воена сила, што по 1204 се покажало неуспешно. Новата линија, што Рим ќе ја следи до
крајот на Византија ќе биде: прво унија, потоа помош. Единствениот компромис на кој
папата се согласил било унијата да биде прогласена на црковен собор организиран од
него, но не и условите да бидат дискутирани или дебатирани на соборот. Последното би
ја поставило под прашање претензијата на папата за примат во црквата. Наместо тоа
формулата ќе се изготви претходно во папската канцеларија, а соборот ќе треба само
свечено да ја прогласи. Црквата во Константинопол од своја страна барала прво сите
спорни прашања да бидат дискутирани и решени на собор кој ќе ги вклучи сите цркви.
Папата му испратил на василевсот долго и детално исповедање на верата, кое истиот
требало да го потпише без никакви измени. Императорот, свесен дека истото нема да
биде подржано од неговата црква, го потпишал без да се консултира со неа. Михаил ги
дезинформирал црковните лидери дека компромисите ќе бидат само во три формални
точки поврзани со традиционални папаски прерогативи во минатото - признавање на
првенството на папата, спомнување името на папата по време на литургија и
признавање право на апелација до него; Источната црква и нејзината богослужба нема
да бидат засегнати.
На база на писмото на папата била прогласена унија на соборот одржан во Лион на 6
јули 1274 г. Сега Filioque за прв пат во историјата е прогласено за догма и тоа било
направено од соборот дури и пред доаѓањето на византиските пратеници. Исто овде за
прв пат официјално источните цркви ќе бидат осудени и анатемисани зарад отфрлањето
на Filioque. Учењето за чистилиштето исто е прогласено за прв пат за официјална догма
на црквата – иако ова прашање претходно никогаш не било дискутирано меѓу двете
цркви. Соборот прогласил дека Рим сам по себе си е извор на достоинствата и
привилегиите во целата црква, вклучително и оние на Исток, поставувајќи ги сите
епископи на исток во директна зависност од папството.
Поради неучеството на црквата и немањето на вистински собор Лионскиот собор и унија
ќе биде генерално игнорирани во трудовите на византиските автори, како такви кои
немаат никакво значење и не се правно обврзувачки.

8.1.2. Отпор против Лионската унија во Византија

84
Кога стигнала информација за одлуките на Лионскиот собор во Империјата се појавил
силен отпор. Против неа настапило свештенството, монаштвото, епископатот, дури и
членови од фамилијата на императорот, а се придружила и арсенитската партија.
Патријархот одбил да ја прими унијата и императорот го отстранил. Обидот преку
убедување и преку новиот послушен на императорот патријарх Јоан XI Бекус и неговите
латинофилски приврзаници да го наметнат Filioque пропаднал (Види во Практикумот).
Жестоките репресии со кои императорот пробал да ја наметне унијата исто не ја
постигнале целта. Императорот се покажал немоќен да ги принуди своите поданици и
да ја убеди црквата, да го прифати неговиот диктат.
Неспособноста на императорот да се наметне по верските прашања покажува дека
реално и немало цезаро-папизам во Новиот Рим. Меѓутоа Рим продолжувал погрешно
да верува дека таков има и ако го принуди императорот на унија – поданиците ќе го
следат. Затоа неуспехот на Михаил папите го толкувале како резултат од неговата
неискреност. На ист погрешен начин ќе ги толкуваат неуспесите и на други императори
после него и затоа постигнувањето на унија никогаш нема да резултира во испраќање
на реална помош, што пак од своја страна го одземало единствениот аргумент на
приврзаниците на унијата во Константинопол.
Во Рим постепено стануваат нетрпеливи од „неискреността“ на Михаил и кога во 1281 г.
доаѓа нов папа Мартин IV – од Франција, тој бил лесно убеден од Карл Анжујски дека
единствен начин за обединување на црквата е преку сила. На 3 јули 1281 г. унијата била
укината, папата го екскомуницирал Михаил VIII како еретик и шизматик и ги поддржал
амбициите на сицилискиот крал за обнова на Латинската империја (Angold, 1999, 567).
Сега ништо не стоело на патот на Карл Анжујски. Се создала нова антивизантиска
коалиција. Крал Стефан Милутин (1282-1321) навлегол во Македонија. Михаил требало
да се откаже од идејата да се заштити преку унија и со помош на папата и да побара
други начин. Го придобил арагонскиот крал Петар III, поврзан со лозата на поранешните
сицилиски кралеви, да го нападне Крало Анжујски од зад грб. Зголемувањето на
даноците во Сицилија за потребите на идната војна го револтирало локалното
население, а ромејското злато помогнало во Сицилија да се создаде антианжујски
заговор. На 31 март 1282 г. во Сицилија започнало востание – познато како Сицилиска
вечерна служба – поаради знакот за почеток на востанието – камбаните кои известиле
за службата. Многу луѓе на Карл биле убиени, а тој бил принуден да ги употреби војските
собрани за поход против Империјата против востаниците. Пристигнувањето на
арагонската флота во август истата година ѝ ставило крај на власта на Карл во Сицилија
и му ја одзело можноста повеќе да ја загрозува Византија.
Михаил VIII останал во унијата до својата смрт кон крајот на 1282 г., но таа не го
надживеале во Новиот Рим - веднаш после тоа неговиот наследник Андроник II – веднаш
го обновува православието.

8.1.3. Резултати од политиката на Михаил VIII


(Основна литература: Laiou, 1993, 804-806, 810; Острогорски, 1992, 583; Angold,
1999,564-565; Papadakis – Mayendorff,1994, 225, 226; Sophoulis, 2022, 316; Полывянный,
2000, 159).
Резултатот од поместување на тежината на византиската политика на Балканот имало
ужасни последици за Мала Азија. Од една страна Мала Азија била центар на силата на
династијата што ја симнал Михаил Палеолог – Ласкаридите, таа овде била многу
популарна и имала мноштво на поддржатели, кои истапувале против узурпаторот.
Откако станал василевс Михаил никогаш повеќе не го посетил овој дел на империјата.
Тој ја прекинал политиката на Ласкаридите фокусирана на заштита на Мала Азија и
постојано извлекувал одовде војници за војните што ги водел на балканските боишта.
Ослабувајќи ја Мала Азија тој ја ослабувал опозицијата против себе, но и реално ја

85
поткопувал базата ан Империјата. Тешко оптоварувана со даноци, оставена со слаба
заштита и постојано напаѓана и ограбувана од Турците Мала Азија започнува да
осиромашува. Кон крајот на владеењето на Михаил изворите веќе зборуваат за
осиромашување и депопулација на овој дел на империјата ‒ територијата зад реката
Сангарија е нарекувана Скитска пустина. Оваа тенденција се засилува при
наследниците на Михаил отворајќи го патот за турското освојување на Мала Азија (Laiou,
1993, 804-806).
Унијата доживеала целосно фијаско и до длабока внатрешна поделба во Империјата.
Таа ѝ нанела силен удар врз идејата за императорот како заштитник на православието
и врз византискиот авторитет меѓу православните земји. Останатите православни
држави одбиле да ја следат империјата во унијата, а ја поддржале опозицијата во
царството (Angold, 1992, 564-565). Во Бугарија се појавува идејата за „Трново – Нов
Константинопол – Трет Рим“ (Sophoulis, 2022, 316), а Трновскито патријарх започнува да
се пропагира во некои црковни средини како „столб на православието“, наместо
Цариградскиот патријарх (Полывянный, 2000, 159). Иако поради длабоката криза во
Бугарија таа идеја не можела да добие официјален карактер, таа не згаснала и ќе биде
активирана пак во средината на XIV в. Унијатските стремежи на византиските
императори го рушеле авторитетот на империјата и воделе до барања за алтернативи
– слично подоцна и Флорентисннската унија ќе го има како еден од ефектите појава на
идејата за Москва како трет Рим.
Соочен со сѐ посилна внатрешна опозиција од приврзаниците на Ласкаридите и
противниците на унијата Михаил Палеолог требало да прави големи отстапки за да ја
придобие аристократијата од која и самиот потекнувал. Една од неговите далекусежни
мерки во таа смисла било прогласувањето на пронијата на повеќе аристократи и
поддржатели на императорот за наследна (Laiou, 1993, 810, Острогорски, 1992, стр.
583). Тоа отклучило процеси на слабеење власта на императорите врз аристократијата,
кои ќе имаат далекусежни последици за царството.
И покрај големите достигнувања на дипломатско, воено и политичко поле политиката на
Михаил VIII имала фатални последици: таа ги разнишала темелите на империјата
поставени од Ласкаридите, ја поделила внатрешно империјата, ја ослабела долгорочно
императорската власт, го поткопала византискиот авторитет меѓу православните земји
и цркви и ја осудила Мала Азија – базата на империјата на паѓање под турска власт. На
долгорочен план – крајот на империјата бил поставен имено во неговото владеење.

8.2. Новиот Рим на раскрсница: Андроник II (1282 – 1328).


8.2.1. Византија во крајот на XIII в.
(Основна литература: Gregory, 2005, 299-303; Fryde, 2000, 92, 93; Laiou, 1993, 808;
Острогорски, 1992, 584-594)
Наследникот на Михаил VIII ‒ Андроник II Палеолог (1282-1328) се соочил со тешка
финансиска криза, осиромашување на државата, длабока поделба во црквата и
општеството, срушен углед на империјата пред православните земји ирасипани односи
со Западните земји.
Се обидел да ги намали државните трошоци скратувајќи го најскапиот дел – оној за
армијата. По смртта на Карл Анжујски (7 јануари 1285) кога опасноста од западна
интервенција се намалила Андроник ја распуштил флотата префрлајќи ја грижата за
поморска заштита на своите сојузници Џеновјаните, а копнената војска толку ја намалил
што според современиците „служела за потсмев“ (Острогорски, 1992, 584; Gregory, 2005,
299). Тоа, секако, било една од нај фаталните грешки во неговото владеење (Fryde,
2000, 93).

86
За да ја компензира слабоста на империјата Андроник II се обидел да се обезбеди со
мир и со сојузи од сите страни. Негова првостепена цел била да се отстранат
претензиите на западните феудалци за обнова на Латинската империја и Солунското
кралство. По смртта на својата прва жена – унгарската принцеза Ана во 1284 г. се жени
за ќерката на грофот од Монферат – Јоланда-Ирина (Laiou, 1993, 808) и на тој начин
претензиите на родот Монферат кон земјите на некогашното Солунско кралство
згаснале. Тој сакал својот престолонаследник Михаил IX да го ожени за Катерина
Куртене, внука на Балдуин II, која важела за титулалрна царица на Латинската империја,
но до тоа не стигнало – Михаил бил оженет за ерменска принцеза (Острогорски, 1992,
590; Gregory, 2005, 301).
Андроник II се обидел да ја продолжи политиката на својот татко на Балканот.
Перманентниот конфликт меѓу Тесалија и Епир отворал добри можности за нивно
освојување од Византија. Во 1290 г. Андроник II го искористил конфликтот меѓу нив –
ромејска војска се пробила низ Тесалија во Епир и дури го освоила Драч. Меѓутоа, овој
успех нема да се покаже траен – Империјата ќе биде загрозена од север од српското
кралство. Уште во 1282 г. кралот Милутин го одзел до Ромеите Скопје, а околу 1296 г. и
Драч. Контраофанзивата на Ромеите во 1297 г. водена од Михаил Главас останала без
резултат. Андроник II решил да се погоди со Милутин и му ја дал својата петгодишна
ќерка Симонида за идна сопруга, независно што Милутин веќе бил во трет брак со
бугарска принцеза, а црквата не дозволувала четврти брак. Свадбата била направена
во 1299 г. и бил потпишан договор кој за Империјата значел загуба на териториите
северно од линијата Охрид, Прилеп – Штип, кои Милутин ги задржал како мираз. Овој
брак довел до големо засилување на византиското културно и духовно влијание во
Србија (Острогорски, 1992, 592; Gregory, 2005, 301, 302).
Неговата политика на обврзување со Џенова наскоро го вовлекла во џеновјанско-
венецијанските судири – во 1294 г. Империјата веќе се наоѓала во војна со Венеција на
страната на Џенова. Меѓутоа, Џеновјаните во 1299 г. склучиле мир и ги оставиле
Ромеите сами и без флота да се борат со Венеција. Војната завршила во 1302 г. со
десетгодишен мир при што Ромеите ги прифатиле сите венецијански барања, ги
потврдиле сите стари привилегии и им дала нови колонии во Егејот. Џеновјаните пак го
утврдиле пристаништето Галата на брегот на Златниот рог и така се здобиле со клучна
тврдина на Босфорот спроти самиот Константинопол, започнувајќи постепено да ја
преземат контролата врз трговијата што течела низ овој проток. Освен тоа во 1304 г. тие
го освоиле клучниот за контрола на Дарданелите остров Хиос. Византија морала да се
помири со овие стратегиски загуби (Острогорски, 1992, 593, 594; Gregory, 2005, 302, 303).

8.2.2. Положбата во Мала Азија кон крајот на XIII и почетокот на XIV в.


(Основна литература: Острогорски, 1992, 594-597, 612- 613, 661; Gregory, 2005, 303,
304; Fryde, 2000, 93; Laiou, 1993, 806, 807)
Уште пофатална се покажала слабоста на Империјата во Мала Азија. Монголската
инвазија во средината на XIII в. ја потресла цела Средна Азија и довела до преселување
на различни турски племиња на запад. Тие навлегле во Сеџучкиот султанат и оттаму во
ромејска Мала Азија чија одбрана во времето на Михаил VIII била силно ослабена.
Преокупирана со политиката на Запад Империјата не била во состојба да одговори на
оваа нова опасност (Острогорски 595).
За разлика од својот татко Андроник се обидел да се спротивстави на овој развој на
работите во Мала Азија. Уште од почетокот на своето владеење василевсот ги
пренасочил воените сили кон Мала Азија, но серијата воени кампањи, организирани во
текот на 80-те и 90-те години на XIII в. водени од престолонаследникот и совладетел и
де-факто водач на војската - Михаил IX, не дале резултат. Единствениот привремен
успех ‒ кампањата во 1294 г. на големиот генерал Алексиј Филантропин за момент дала
надеж дека ситуацијата може да се поправи. Но опозицијата на месните крупни

87
земјопоседници против него и неуспешната побуна во која самиот се заплеткал ставиле
крај на овие краткотрајни успеси (Laiou, 1993, 806, 807). Поразот на војската на Новиот
Рим кај Бафеус, во близина на Никомидија, во 1302 г., им ставило крај на надежите на
Ромеите дека можат со свои сили да ги повратат изгубените територии.
Причините за оваа слабост на Империјата биле комплексни. Ослепувањето на
последниот василевс од лозата на Ласкаридите и симнувањето на патријархот Арсениј,
кој поради ослепувањето го екскомуницирал од црквата Михаил VIII, создале во
малоазиските владенија на империјата моќна опозиција против Палеолозите, која се
изразувала и во црковен расцеп и непризнавање на Цариградскиот патријарх.
Мнозинството на малоазиските крупни земјопоседници биле наклонети да ги
поддржуваат свештениците Арсенити. Големите даноци ги направиле Палеолозите
дополнително непопуларни меѓу населението. Лишени од поддршката на локалните
моќници и месното население и располагајќи со намалена воена сила после
драстичното намалување на војската, воените операции на Империјата имале мала
шанса за успех (Fryde, 2000, стр. 93).

8.2.3. Каталанската дружина на Роџер де Флор


(Основна литература: Fryde, 2000, 93, 100, 101: Gregory, 2005, 301-305, Острогорски,
1992, 595-600; Laiou, 1993, 809)
Немоќен да се спротивстави на турското навлегување со својата војска Андроник се
обратил за помош кон надворешни сили. Прво ја прифатил помошта на Аланите, кои
потиснати од монголската инвазија барале земја за населување. Но тие биле поразени
од Турците и потоа започнале да ја ограбуваат територијата на Империјата.
Во 1303 г. царот ја прифатил понудата од наемничката каталанска дружина на Роџер де
Флор. Каталанците дошле во Константинопол каде што нивниот водач станал зет на
императорот и добил титула кесар (Острогорски 595). Во 1304 г. со своите 6500
наемници Роџер ги поразил Турците и ја ослободил Филаделфија од опсада. Но потоа
победниците се впуштиле во ограбување на земјата не правејќи разлика меѓу Турци и
Ромеи, па дури го нападнале царскиот град Магнезија. Огорченоста во Империјата
против Каталанците растела – тие се покажале несигурни сојузници, а и нивната плата
била тежок товар за осиромашената држава ‒ Андроник II дури привремено ја запрел
платата на служителите во дворецот и на своите војници за да им плаќа на Каталанците
(Laiou, 1993, 809). Тие од своја страна биле револтирани од нередовното примање
плата, со што ги оправдувале своите грабежи. Во април 1305 г. Роџер де Флор бил убиен
во шаторот на престолонаследникот Михаил IX (Острогорски 597) Каталанците се
кренале во одмазда на својот водач и кај Апр(и) во Тракија, на 10 јули 1305 г., ја поразиле
војската на Михаил IX. Потоа, Каталанската дружина, во меѓувреме засилена со доаѓање
на нови трупи од Каталунија, две години ја пустошела Тракија. Империјата успеала да
зачува контрола само врз некои клучни градови во Тракија (Острогорски 598). Андроник
II презел очајнички мерки забранувајќи им на селаните во Тракија да сеат жито со цел
да ги принуди со глад Каталанците да ја напуштат Тракија. Оваа политика, во
комбинација со каталанските грабежи имале ужасни последици врз населението и
довеле до едно од најстрашните гладувања во историјата на Константинопол при што
умреле мноштво луѓе и самиот град се нашол во опасност да се предаде од глад. Но,
сепак оваа политика ја постигнала целта – Каталаните во летото на 1307 г. ја напуштиле
опустошената Тракија и се префрлиле во Македонија. Трновскиот владетел ја
искористил парализираноста на Империјата за да се прошири во северна Тракија и да
ги заземе важните пристаништа Месемврија и Aнхијало (Fryde, 2000, 100, 101;
Острогорски, 1992, 598; Gregory, 2005, 301). Во Јужна Македонија Каталанците освен
градовите ги нападнале уште и манастирите на Света Гора од кои некои биле ограбени
и запалени. Солун го издржал нападот во пролета на 1308 г. Овде Каталанците се
обидел да ги придобие претендентот за обновување на Латинската империја – Карло

88
Валоа, но од неговите планови не излегло ништо. Во 1309 г. компанијата поминала во
Тесалија, чиј севастократор бил немоќен да им се спротивстави, а потоа стапила на
служба кај Атинскиот војвода. Наскоро и овде дошло до судир и откако кај Кефис во
Беотија во 1311 г. Каталанците ја поразиле војската на Франките тие создале свое
кнежевство кое постоело до 1388 г. (Острогорски, 1992, 569, 600; Laiou, 1993, 811;
Gregory, 2005, 304, 305).

8.2.4. Турски освојувања на Мала Азија во времето на Андроник II


(Острогорски, 1992, 594-597, 612-613, 661; Gregory, 2005, 303, 304; Fryde, 2000, 93)
Овие настани ја запечатиле судбината на ромејска мала Азија. Од една страна
неуспешните обиди да се протераат Турците претставувале силен морален удар.
Зафатена со проблемите на Балканот и нивните последици царската влада повеќе
години нема да е во состојба да реагира на настаните во Мала Азија. Најлош бил
ефектот од неуспешните дејствија на Аланите и Каталанците (Gregory, 2005, 303, 304).
Нивното испраќање во Мала Азија во 1302-1304 г. го дигнало општественото
незадоволство до највисоко ниво. Грабежите на кои тие го подложиле ромејското
население го довеле последното до убедување дека турските грабачи се помалку
опасни од византиските ослободители и сојузници. Како резултат на тоа по 1304 г
земјата надвор од големите градови таму повеќе не била под контролата на Империјата
и големите приходи од царските имоти биле засекогаш загубени (Fryde, 2000, 93). Откако
селата се нашле во рацете на Турците, постепено започнале да се предаваат и
изгладнетите градови. Само некои тврдини како Никеја, Никомедија, Бурса, Сард,
Филаделфија, Магнезија, Хераклеја останале под ромејска контрола, како и некои
држени од Џеновјаните (Острогорски 595). На заземената територија никнале цела низа
турски бејлици, од кои најважниот се појавил во Витинија на чело со Осман (1288-1326)
родоначалникот на Османлиската династија (Острогорски, 1992, стр. 596). Некои од овие
бејлици создале силна флота и започнале да ги ограбуваат и освојуваат византиските
острови во Егејот. (Fryde, 2000, 93).
Обидите да се потисне турското освојување продолжиле и понатаму, но без сериозен
успех. Во првата декада на XIV в. Ефес, Смирна, Милет, Сарди и Тралес паднале во
рацете на селџукските емирати. Помошта од 2000 коњаници што во 1313 г. Милутин му
ја испратил на Андроник независно од извесни успеси (Острогорски, 1992, стр. 601) исто
така не ја променила ситуацијата. Непосредно пред крајот на владеењето на Андроник
II за време на граѓанската војна во 1326 г. Османлиите ја освоиле Бурса и ја направиле
своја престолнина.

8.2.5. Внатрешната положба и мерки за засилување на државата


(Основна литература: Fryde, 2000, 92, 93, 99; Gregory, 2005, 299; Острогорски, 1992,
586, 587, 602, 603, 608; Laiou, 1993, 808)
Загубите на опширни територии во некогаш најбогатите делови на државата – Мала
Азија и опустошувањето на Тракија и Македонија од Каталанците претставувало голем
удар врз и без тоа ослабнатите финансии на државата (Fryde, 2000, 93). Јакнењето на
крупните земјовладелци кое продолжувало без разлика на слабеењето на државата
исто придонесувало за тоа. Тенденцијата на претоварање на прониите во наследни
продолжила и при Андроник намалувајќи ја така државната контрола над пронијарите.
(Gregory, 2005, 299). Девалвацијата на византискиот златник продолжила и во 1303 г.
(и)перперата имала само 2/3 од златната содржина што ги имале парите во Никеја пред
1261 г. (Fryde, 2000, 92, 93). Непотизмот и корупцијата имале земено опасни размери.
За да се сузбие сепаратизмот постепено се воведува практика да се користат членови
на царската фамилија за провинциски гувернери со цел да се спречи сепаратизмот,

89
меѓутоа тоа ги направило провинциските управници полунезависни владетели (Gregory,
2005, 299) со право да претендираат за царската власт што често доведувало до
востанија и до прераснување на семејните конфликти во фамилијата на Палеолозите
во граѓански војни. Втората жена на императорот – Јоланда ‒ Ирена дури инсистирала
византиската територија да биде поделена меѓу нејзините синови според западен обичај
– барање кое било категорично одбиено од Ромеите.
Андроник II вложил напор да ја поправи ситуацијата во државата. Преку зголемување на
некои видови данок и воведување на нови даноци, и со ограничување на имунитетните
права на големите поседи (преку изземање некои видови даноци како земјарината на
пример, од имунитетите привилегии) Андроник II во почетокот на XIV в. успеал да ги
зголеми даночните примања на 1 000 000 перпери годишно (Острогорски, 1992, стр. 586,
587) што значи дека во споредба со времето на Василиј II даночните приходи се
намалиле меѓу 6 и 15 пати (во зависност од различните пресметки на историчарите,
Острогорски, 1992, 586; Шене ‒ Флизен, 2010, 159).
Зголемените даночни примања Андроник II ги искористил за да ја обнови флотата во
размер од 20 триери и да издржува 3000 коњаници (2000 во Европа и 1000 во Мала
Азија), а друг и тоа важен дел од нив одел – за плаќање на надмоќните соседи
(Острогорски, 1992, 587; Gregory, 2005, 299).
Императорот се обидел да застане на патот на огромната корупција во државата и
особено во судскиот систем. Тој пристапил кон реформи во овој сектор после
земјотресот од 1296 г. Создал во Константинопол специјален трибунал од 12 членови –
клерици и сенатори кои положиле специјална заклетва да се раководат само од
правдата. Наместо да доведе до подобрување овој суд наскоро се компромитирал и
требало да престане да работи (Острогорски , 1992, стр. 608). Императорот потоа ја
поддржал идејата да се создаде синодален суд при патријаршијата за обвиненија во
корупција и за злоупотреби против обичните луѓе од страна на на државни службеници
и моќници (Fryde, 2000, 99). Така бил ставен почеток на тенденцијата државата да
префрла дел од своите судски прерогативи на црковните судови што од една страна
претставувало помош за изнемоштената држава, но од друга ја зголемувало силата на
црквата за сметка на државата.
Тоа делумно засилување на државата се манифестирало и со одредени успеси.
Политиката на Андроник II на Пелопонез каде тој ја укинал практиката секоја година да
се менуваат управниците и поставил способни гувернери како Михаил Кантакузин и
Андроник Асан довела до успешно проширувње на царската територија за сметка на
Латините. На пристанишниот град Монемвасија царот му дал големи трговски
привилегии, создавајќи византиски трговски центар кој да им конкурира на
венецијанските трговски републики во овој регион. Со тоа започнал процесот на
засилување на византиска Мореја (Острогорски, 602). После згаснувањето на
династијата на Ангелите во Тесалија и Епир во 1318 г. повеќе градови меѓу кои Јанина
поминале под власта на василевсот, а и северниот дел на Тесалија ја признал власта
на василевсот (Острогорски, 1992, 602, 603; Laiou, 1993, 808)

8.2.6. Религиската политика на Андроник II


(Основна литература: Fryde, 2000, 92, 94, 95; Острогорски, 1992, 589; Gregory, 2005,
299, 300)
Андроник II бил силен приврзаник на православието. Веднаш по стапувањето на
престолот тој свечено се одрекол од Лионската унија: откако со Сицилијанската вечерна
заканата од запад ја снемало, одржувањето на унијата која предизвикала огорчена
опозиција во општеството изгубило секаква смисла.
Сепак Лионската унија имала свои приврзаници, начело со патријархот Бекус. Тие
продолжиле да ја бранат истата. Нивното толкување на Filioque било дека тоа всушност

90
ја изразува посредничката улога на Синот во Света Троица и зборовите „и од Синот“
според нив се еднакви на „преку Синот“, варијација што можела да се поддржи со цитати
кај Светите отци на Црквата; тие сметале дека овие цитати се однесуваат не само на
дејствувањето на Светиот Дух после воскресението на Христос, но и на вечното
ипостасно произлегување на Светиот Дух, кој го има своето постоење од суштината на
Отецот и Синот.
За црковно отфрлање на Лионската унија и соочување со аргументите на нејзините
приврзаници ќе биде организиран собор во дворецот Влахерна во 1285 г. Тој бил
специјално посветен на прашањето за Filioque и ќе биде најважниот конструктивен
принос по тоа во прашање Империјата, а неговиот томус - најважниот доктринарен
документ на Истокот во XIII в. со фундаментално значење во развојот на византиската
богословска мисла. Затоа соборот и примените одлуки ќе биде виден од некои
византиски богослови подоцна дури како рамен по авторитет со Вселенските собори.
Позицијата на соборот изработена од патријархот Григориј ќе повтори во согласност со
традицијата дека „произлегувањето“ е дејствие на ипостасата, не на природата и според
тоа – испостасното постоење на Светиот Дух не е ниту „од“, ниту „преку“ Синот, туку
само од Отецот. Во византиското богословие во минатото изразите кај некои од Светите
Отци дека Светиот дух произлегува од Отецот и преку Синот се разбирале дека се
однесуваат на испраќањето на светиот Дух во светот од страна на Исус Христос после
Неговото воскресение и(ли) на историското дејствие на Духот во времето и просторот,
а не на вечниот и вонвременски однос меѓу испостасите во Света Троица и вечното
произлегување на Духот. Имено во таква смисла биле интерпретираат и фразите во
Новиот Завет за „Христов Дух“ или Духот даван или даруван од Исус Христос - како
дарови на благодатта давани на луѓето од Светиот Дух. Сега со решението во Влахерна
е направен исчекор напред. Во него се прави разлика во внатрешниот живот на Света
Троица меѓу божјата недостапна природа и Божјото „вечно изразување“
(манифестирање). Во таа смисла изразите кај светите Отци се разбрани како
изразување на овие два аспекти: ипостасно и причински Духот го има своето постоење
од Отецот, но наоѓа своето вечно изразување преку Синот. Така Синот е изворот во кој
Духот постои и наоѓа својот покој и „преку“ Кој и „од“ Кој блеска и е манифестиран. Овие
две „движења“ се како продолжение едно на друго и не треба ниту да се мешаат, ниту
разграничуваат. Анализата и понудената формула од соборот имплицира тројно
разграничување во Божеството меѓу единствената и неспознатливата суштина, трите
ипостаси кои не смеат да се мешаат и единствената божествена благодат,
неиздвоива и сепак различна од суштината и ипостасите и која може да им се дарува
на луѓето. Ова разграничување ќе легне во основата на дебатите во следниот век и
судирот околу исихазмот и во дефинирањето на разликата меѓу божествената
суштина и божествените енергии и за прецизирањето на древната христијанска
доктрина за теосис (обожување) на човекот по благодат (Papadakis – Mayendorff, 1994,
228, 231 - 238)
Приврзаникот на унијата патријархот Јоан Век се повлекол (Fryde, 2000, 92, 94, 95). Така
бил отворен патот кон духовно обединување на византиското општество поделено од
унијата.
Другата голема поделба била арсенитската шизма предизвикана од симнувањето на
патријархот Арсениј од Михаил VIII во 1265 г. Арсенитите одбивале да го признаат
новиот патријарх и неговите наследници, како и поставуваните од нив епископи.
Андроник II успеал да ја надмине со многу напори дури во 1310 г. (Papadakis –
Mayendorff, 1994, 219, 220).
Во негово време значењето на црквата нараснало. Тој активно се бавел со
реорганизација на диецезите и регулирање на манастирите. Манастирите на Света
Гора, кои од времето на Алексиј Комнин му биле потчинети на василевсот, Андроник II
во ноември 1312 г. ги предал во надлежност на Цариградската патријаршија. Света Гора

91
доживува златен век, кој започнал имено во времето на Андроник II (Острогорски, 1992,
589; Gregory, 2005, 299, 300).
Наспроти слабеењето на државата Цариградската патријаршија се засилува – од една
страна го зголемува своето значење внатре во Империјата, од друга, додека државата
се намалува територијално таа ги зачувала поголем дел од епископиите надвор од
државните граници, а освен тоа после отфрлањето на Лионската унија си го враќа и го
задржува и угледот на опширен простор во Мала Азија, на Балканот, Кавказ, Русија и
Литванија (Острогорски, 1992, 589; Gregory, 2005, 300).

8.2.7. Андроник II Палеолог како личност и владетел (1282-1328)


(Основна литература. Fryde, 2000, 91, 92, 101; Laiou, 1993, 825, 826)
Императорот Андроник II бил деликатен, образован и длабоко набожен човек. Силно
заинтересиран за интелектуалните прашања тој ги направил како свои најважни
администратори некои од најистакнатите умови на своето време (Никифор Хумнос,
Константин Акрополит, Теодор Метохит). Патријарх го направил Атанасиј –
забележителна личност, кој за својата набожност и извонредни грижи за сиромашните и
за гладните за време на гладот во Константинопол во 1306 г. бил прогласен за светец.
Василевсот самиот активно се бавел со пишување и важел за човек со голема ерудиција
(Fryde, 2000, 91, 92, 101). Активно го поддржувал класичното образование и во дворот
биле организирани научни дебати. Во негово време била преоткриена Географијата на
Птолемеј. До неговата смрт дворот дејствувал како важен покровител на уметноста
(Laiou, 1993, 825, 826).
Како политичар, тој не се покажал особено успешен. Навистина умешно ги парирал
стремежите на одделни западни принцови да ја обноват Латинската империја и успешно
интервенирал во Тесалија и Епир, а неговата политика во Пелопонез ја поставила
основата на византиската сила овде. Презел и низа на внатрешни реформи со различен
успех. Но истовремено во негово време е решена судбината на Малоазиските територии
во корист на Турците, бил изгубен голем дел од Македонија во корист на Србија и од
Тракија – во корист на Бугарија. Особено погубна ќе биде граѓанската војна што ќе го
обележи крајот на неговото владеење. За негово време Империјата конечно слегува од
големата политичка сцена и се претвора во мала држава, а дури и како регионална сила
бргу ја губи позицијата.

8.2.8. Граѓанската војна во Византија во 1321-1328


(Основна литература: Острогорски, 1992, 603-608; Gregory, 2005, 305; Laiou, 1993,
811)
Во 1320 г. на само 43 г. починал престолонаследникот Михаил IX. Непосредно пред тоа
дошло до заладување на односите меѓу царот Андроник II и неговиот внук – Андроник,
чии слуги во истата 1320 г. по грешка го убиле брат му – деспотот Мануил Палеолог.
Макар што младиот Андроник веќе бил крунисан како совладетел сега царот го лишил
од наследството на престолот. Меѓутоа, околу младиот принц се собрале моќни
аристократи и амбициозни авантуристи како Сиргијан, Јоан Кантакузин, Јоан Апокавк и
Теодор Синадин. Во 1321 г. тие собрале војска во Тракија на која ѝ се придружил
младиот принц и се кренале против стариот василевс. Нивното движење во многу било
олеснето од слабоста на владата на Аднроник III – големите територијални загуби,
зголемувањето на даноците и политиката на штедење ја направиле неа силно
непопуларна во повеќето делови на општеството. Од своја страна необврзан со ништо
младиот Андроник можел слободно да ветува и дарува имоти и привилегии на своите
приврзаници и да ветува демагошки мерки како ослободувањето на Тракија од даноци.
Огромната популарност што ја придобил на таков начин го натерале василевсот, кој

92
стравувал од побуна во престолнината, да попушти и бил потпишан мир при што
империјата била поделена и младиот Aндроник ја добил Тракија и дел од Македонија.
Двајцата Андрониковци, набрзо започнале да водат независна и дури спротивна
надворешна политика. Шанса за стариот цар да го обнови единството на Империјата се
појавила кога во 1322 г. во логорот на младиот Андроник настанал расцеп и водачот на
движењето од 1321 г. – Сергијан, запоставен од младиот Андроник поминал на страната
на василевсот. Меѓутоа популарноста на младиот Андроник постојано растела и низа на
градови во близина на Константинопол му се придружиле што го натерало стариот
василевс да го обнови договорот. На 2 февруари 1325 г. тој го крунисал својот внук за
совладетел и наследник (Острогорски, 1992, 604 – 606; Gregory, 2005, 305)
Колку била ослабен авторитетот на централната власт во тоа време се гледа во обидот
на Солунскиот управник Јоан Палеолог – внук на Андроник II да ја отцепи Македонија од
власта на Цариград. Тој добил поддршка од своите роднини од фамилијата Метохит кои
ја држеле власта во Мелник, а побарал помош и од српскиот крал Стефан Дечански кај
кого отишол на средба во Скопје. Единственото што можела да преземе византиската
влада било да се обиде да го одоброволи отцепникот нудејќи му титула кесар. Само
неочекувана смрт на Јоан Палеолог го спасила царството од оваа опасност
(Острогорски , 1992, стр. 606).
Конфликтот меѓу двајцата совладетели повторно се распламтил во 1327 г. Овој пат во
него биле инволвирани и странски сили – и двете страни се обратиле за помош кон
странски владетели – стариот цар го придобил српскиот, а младиот – бугарскиот.
Меѓутоа акцијата на приврзаниците на Андроник II во Македонија пропаднала уште пред
да може да ѝ се придружи српскиот крал Стефан Дечански и Македонија се нашла во
рацете на Андроник III. Последната надеж на стариот цар во помошта на бугарскиот цар
кој поминал на негова страна се изјаловила откако последниот се повлекол. Во 1328 г.
престолнината ги отворила вратите пред Андроник III, кој го принудил стариот цар да
абдицира (Острогорски, 1992, 607; Gregory, 2005, 305; Laiou, 1993, 811).
Макар што граѓанската војна се водела без поголеми воени операции таа силно го
разнишала единството на државата и авторитетот на централната власт, а имала
негативен ефект и врз економијата. (Острогорски, 1992, 606). Во тоа време големи маси
на Албанци започнуваат да се шират во западните делови на империјата и низ
независните држави во Грција создавајќи таму свои во голема степен независни
заедници (Gregory, 2005, 305).

8.3. Андроник III Палеолог (1328 – 1341)


(Основна литература: Острогорски, 1992, 608-616; Laiou, 1993, 807, 808, 812, 822;
Gregory, 2005, 306; Радић, 1993, 70-114)
Андроник III се покажал како способен владетел. Една од првите негови мерки била да
им помогне на осиромашените од граѓанската војна, простувајќи им ги каматите на
заемите (Laiou, 1993, 822). Продолжувајќи ги напорите на својот дедо тој направил
судска реформа – во 1329 г. создал нов судски колегиум од четворица (двајца световни
и двајца црковни претставници), кои ги нарекол „генерални судии на Ромеите“. Тие
добиле широки судски полномоштва и задача да ги надгледуваат судовите низ
империјата, при што нивните пресуди биле конечни и неотповикливи. Меѓутоа и оваа
мерка не дала голем резултат. Во 1337 г. тројца од членовите требало да бидат
отстранети поради примање мито. Сепак, институтот на генералните судии опстанал и
се проширил низ сите делови на Империјата, претрпувајќи натамошен развој
(Острогорски, 1992, 609; Laiou, 1993, 812).
Андроник III се оженил за Ана Савојска, ќерката на грофот Амадео V (Laiou, 1993, 808).
Клучно место во новото владеење имал блискиот царев пријател и соборец, големиот
доместик Јоан Кантакузин, кој ја презел цивилната власт, додека самиот император се

93
посветил на воените операции. Кантакузин презел мерки да ја елиминира зависноста од
Џенова градејќи флота со пари собрани од византиските аристократи, што од друга
страна ја засилило зависноста на царската влада од големите магнатски фамилии.
Уште во 1329 г. Андроник III тргнал на поход во Мала Азија да ја ослободи опседната од
Османлиите Никеја. Собраната со голем напор 2 000 ромејска војска била поразена од
далеку надмоќниот непријател во битката кај Филокрена. Повеќе ништо не ги запирало
Османлиите освен храбриот отпор на жителите на изолираните градови. Во 1331 г.
Никеја паднала. Во 1333 г. Андорник организирал експедиција по море во помош на
нападнатата од османлискиот владетел Орхан I Никомидија. Заклучениот договор ѝ ги
гарантирал на Империјата тврдините од Никомидија кон Босфорот во замена на 12 000
перпери. Но наскоро мирот бил нарушен и во 1337 г. Никомидија била освоена
(Острогорски, 1992, 612, 613; Laiou, 807, 808). За да се спротивстави против Османлиите,
кои во меѓувреме ја поставиле својата престолнина во Бурса, Кантакузин заклучил
договори со селџукските емири на Сарукхан и Ајдин, кои Империјата ги користела и како
сојузници против териториите на Џенова во Мала Азија. Откако ја освоиле областа
Витинија Османлиите создале своја флота со која започнале да ги напаѓаат и пљачкаат
европските брегови на империјата (Gregory, 2005, 306). Во прво време ромејската
флота, често помагана од флотата на конкурентните на Османлиите селџукските емири
од Западна Мала Азија, се покажала способна да ја заштити престолнината и дури да
ги поврати во Егејско Море од Џеновјаните Хиос (1329 г.) и Фокеја и да го заштити од
освојување Лезбос (Острогорски, 1992, 613; Gregory, 2005, 306; Laiou, 807, 808). Таквите
сојузи претставувале и признавање на турското освојување на Мала Азија. Истите
селџукски сојузници успешно биле искористени во воените операции на Балканот што
придонело за одредени византиски успеси овде (Острогорски, 1992, 610; Gregory, 2005,
305).
На Балканот во напорот да го спречи опасното засилување на Србија Империјата се
сојузила со бугарското царство. Андроник III во 1331 г. отишол со војска во Македонија
од каде што требало да се вклучи во заеднички напад со со бугарскиот цар против
Србија. Меѓутоа, до тоа не дошло зашто во битката кај Велбужд српската војска ѝ нанела
на бугарската целосен пораз во кој загинал и царот Михаил Шишман. Оваа битка
поставила почеток на српската доминација на Балканот во следните децении. Земајќи
го како повод протерувањето на сестра му Теодора – вдовицата на загинатиот бугарски
цар од Трново Андроник освоил од Бугарија повеќе погранични тврдини како и важните
пристаништа Анхијало и Месемврија. Во 1331 г. новиот српски крал Стефан Душан
(1331-1355) се оженил за сестрата на новиот бугарски цар Јоан Александар (1331-1371)
– Елена и двајцата започнале војна против Империјата. Јоан Александар по победата
кај Русокастро во 1332 г. си ги вратил одземени од Андроник градови и потпишал мир.
Стефан Душан започнал голема експанзија против Империјата во Македонија, помогнат
од влијателниот византиски аристократ Сергијан, кој во 1334 г. поминал на негова
страна. Со негова помош биле освоени Охрид, Прилеп, Струмица, Костур и Воден.
Византиската влада морала да се послужи со убијци за да го отстрани опасниот
одметник. После тоа Душан се согласил на мир при кој Империјата била принудена да
ги признае повеќето од неговите освојувања ‒ Охрид, Прилеп и Струмица (Острогорски,
1992, 610 – 612; Gregory, 2005, 306).
Сепак, Империјата постигнала одредени успеси на Запад. Во 1333 г. Андроник III успеал
да ја присоедини северна Тесалија кон својата власт. Притоа, успеал да ги натера
албанските племиња, кои откако се населиле овде се држеле сосема независно, да ја
признаат врховната власт на Империјата. Во 1337 г. епирската деспотка официјално ја
предала власта на епирското деспотство на Андроник III. Востанието на последниот
епирски деспот Никифор II, поддржано од западните сили, завршило неуспешно и во
1340 г. Епир конечно се вратил под византиска власт (Острогорски, 1992, 614, 615; Laiou,
1993, 808). Меѓутоа, овие успеси ќе се покажат нетрајни.

94
8.4. Исихазмот и црковните борби поврзани со него
(Основна литература: Острогорски, 1992, 618 -621, 630, 631; Gregory,2005, 306-308;
Laiou, 1993, 824; Радић, 1993, 188 – 190, 201 – 205, 338 – 342)
Исихазмот имал длабоки корени во византиската монашка традиција. Исихаст бил добро
познат уште од IV в. поим, кој имал потесно значење: монах, кој е во потрага по исихија
(тихување), отшелништво и осаменост, далеку од светот и води живот посветен на
„непрестајна молитва“.
Од XIII в. оваа традиција доживува бурна обнова, а во XIV в. тоа се претворило во
посебна мистична подвижничка струја карактерна со активно практикување на постојана
Исусовата молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот!“,
практика позната уште и како „умно-срдечна молитва“ (Острогорски, 1992, 619; Gregory,
2005, 306, 307). Исихазмот претставувал настојување преку тихување (исихија) и
постојаната молитва човек да се очисти од гревовите за да може да влезе во личносно
општење со Бога. Тој процес има три степени на духовен раст очистување на срцето –
просветлување – обожување. Крајната цел на практикувањето на Исусовата молитва
била да доведе до созерцавање на несоздадената Божја светлина како што ја виделе
апостолите на планината Тавор (Матеј 17:2; Марко 9:2, 3) и така преку личното општење
со Бога самиот да се обожи (Теосис). Исихазмот се базирал врз античката патристичка22
традиција која разликува во Бог недостапна природа (суштина), три лица (ипостаси), и
божја благодат (кај исихастите – божествени енергии). Имено тоа го прави Бог
истовремено трансцедентен и достапен и го прави возможен теозисот, обожувањето на
човекот (Papadakis – Mayendorff, 1994, 269, 283-286 -305). Според најистакнатиот
претставник на исихастичкото движење - св. Григориј Палама иако суштината на Бог е
недостапна за луѓето, тие можат да општат со Него имено преку несоздадените божји
енергии. Понекогаш молитвата била придружена од некои помошни телесни техники
како концентрација на вниманието во срцето, или средината на телото и регулирање на
дишењето. Исихастиката молитвена практика не била нешто ново во православието -
Исусовата молитва со векови била фокус на православната духовност, случаите со
созерцавање на божествена светлина исто не биле непознати во православната
аскетска практика. Потребата да се обезбеди интимност при молитвата, позата на
телото и фокусот, па дури и тоа молитвата да стане едно со дишењето се спомнувани и
порано кај Јоан Климакус (+649) и свети Симеон Нови Богослов (949-1022). Така, макар
навидум нова, исихазмот бил една прастара, христијанска наука, која инсистирала да го
премости јазот меѓу светот и Бога (Острогорски, 620, 621).
Прв поттик за движењето на исихазмот ќе дадат монаси од Синајскиот манастир во
Арабија. Активна улога за започнувањето на оваа духовна ренесанса ќе играат Никифор
Исихаст (+1280) и Свети Григориј Синаит (+1346). На Балканот било раширено во 30-те
години на XIV в. од синајскиот калуѓер Григориј, кој ги обиколил византиските манастири
проповедајќи го исихастичкото учење. Особено добар прием тоа нашло на Света Гора.
Големо влијание имале исто така делото на Никифор „Метод во светото внимание“ и
анонимното дело „Чување на срцето“ кои станале многу популарни.
Исихастичкото движење не било ограничено единствено до аскетски прашања, туку
обраќало големо внимание и на социјалните и црковни активности, црковната
дисциплина, социјалната правда, црковното единство, црковната и духовна обнова. Без
разлика на фокусирањето врз Исусовата молитва Исихастите давале традиционално
централно значење на литургијата и Светата Причест. Настапувајќи во заштита на
настраданите и во заштита на црковната дисциплина, припадниците на тоа движење
често влегуваат во конфликт со моќниците на денот, како световните така и црковни,
каков што бил на пример случајот со патријархот Атанасиј I (1289 – 1293, 1303 – 1309).
Исихастичките архиереи покажувале голема грижа за сиромашните и за проповедта.

22 Т.е. традиција базирана на Светите Отци на православната црква.

95
Смиреноста, строгиот морал и дисциплина и посветеноста на долгот стануваат идеал и
препознатливи карактеристики на исихастите.

8.4.1. Почеток на Исихастичката контроверза


Во 1337 г. во Византија избил интелектуален спор, кој брзо прераснал во остар
богословски спор. Исихастичката, контроверза ќе ја започне во 1337 г. Варлаам - монах
од Калабрија (Италија) учен со големи познавања во западната схоластика и логика,
истакнат универзитетски професор во Константинопол, игумен, а истовремено советник
на Андроник III по духовните прашања. Навреден од критиката на Свети Григориј
Палама против неговите учења, кои имплицирале невозможност за лично искуство со
Бога, тој јавно ќе ги нападне исихастите. Во стремежот да ги исмее тој ќе ги критикува
телесните техники што тие ги употребувале за да ѝ помогнат на концентрацијата при
молитва нарекувајќи ги „папок-гледачи“ omphalopsychoi („луѓе со душата во папокот“).
Варлаам, поаѓал од Платновата идеја дека човек е духовно битие затворено во телесен
затвор и според тоа да се доживее Бог со телото е невозможно. Таворската светлина,
според него или не е дел до Бога и според тоа не е вечна и затоа повеќе не постои за
да може да се види, или пак е вечна, и според тоа е Самиот Бог, Кој е невидлив. Затоа
светлината што исихастите ја гледале била создадена и времена, а нивното тврдење
дека таа е божествена и несоздадена според него било еднакво на тврдење дека тие
можат да ја видат божествената суштина. Затоа ги обвинил во ерес, и Масалијанинство,
кое претходно било повеќе пати осудено од црквата. Масалијните исто практикувале
постојано молење и претендирале дека можат да ја видат со своите телесни очи божјата
суштина иако тие (за разлика од Исихастите) ги отфрлале причестувањето и останатите
таинства на црквата.
Како главен заштитник на исихазмот меѓу 1338 и 1341 г. се јавил Григориј Палама,
најголемиот богослов на тоа време (Острогорски , 1992, стр. 620), Тој напишал три
Тријади во заштита на светите исихасти. Текстот не само му одговарал на Варлаам, но
и го дал најдобро излагање на православната монашка духовност. Тој се потпирал се на
богатата апофатичка23 традиција во византиското богословие, според која, никој логички
систем не може задоволително да го објасни Бога, туку Тој треба да се доживее преку
непосредно лично искуство. Тоа било спротивно со идејата на схоластиката да го
дефинира Бог преку логички рационален систем. Палама дал подлабока богословска
дефиниција – иако Бог е недостапен за човекот во Својата природа, сепак е достапен во
Неговите несоздадени енергии и преку нив човек може да постигне теосис –
обожување, да стане бог по благодат. Телото исто партиципира во процесот затоа што
човекот не е само духовно битие, туку и телесно, човековото тело „е храм на Светиот
Дух“ (1 Кор. 6: 19) тоа е обожено преку овоплоптувањето и воскресението на Исус
Христос и издигнато од десно на Бог. Во 1340 г. Палама објавува скратена верзија –
Светогорски Томос, кој ќе биде потпишан од низа на водечки аскети на Света Гора. Во
Томосот се фрла анатема на Варлаам како еретик.
Заемните обвинувања во ерес предизвикале организирање на црковен собор. На 10 јуни
1341 г. Андроник III свикал собор во Константинопол претседаван од него и патријархот
Јоан Калекас. на кој биле спротивставени двете идеи и било пресудено во корист на
исихазмот. Учењето на Варлаам било осудено, а исихастичките методи - потврдени како
православни. Потврдена била и дефиницијата дадена од св. Григориј Палама за

23Апофатика – метод во богословието за опишување на Бог преку негации, т.е. посочувајќи што
Тој не е. Тоа е спротивно со катафатичкото богословие кое го опишува Бог преку она што Тој е
(семоќен, добар, бесмртен и сл.). Идејата на апофатичкото богословие е дека Бог не може да се
опише преку човековиот јазик и мисла и затоа може да се објаснува само преку негации. Во
исихазмот тоа се изразува во идејата дека човек не треба да го замислува Бога туку да општи со
Него.

96
божјата суштина и божествените енергии. Императорот меѓутоа умрел пред да може
да ја потпише соборната одлука.
Во меѓувреме, пред одлуката на соборот да биде објавена, местото на Варлаам како
критичар на исихастите го зазел друг следбеник на схоластиката - Григориј Акиндин од
Прилеп. Тој настапил како противник не на монашките практики, туку на учењето за
божјата суштина и несоздадените божествени енергии. Наскоро и Варлаам ги
обновил своите критики. Тоа наложило свикување на втор собор во август истата година
кој го осудил Акиндин и ги објавил одлуките на претходниот собор (Papadakis –
Mayendorff, 1994, 288-293).

8.5. Граѓанската војна во Византија по 1341 г.


(Основна лиѕтература; Острогорски, 1992, 616- 618, 623-629; Laiou, 1993, 809, 811,
822-824, 827; Gregory, 2005, 306-308; Радић, 1993, 121 - 146, 149 – 164)

Византија во 1340 г.
(http://www.ict.griffith.edu.au/wiseman/Roman/Decline&Fall.html)
Андроник III умира млад, на 15 јуни 1341 г. Неговиот син Јоан V имал само девет години.
Како главен вдахновител и водач на државната политика во претходниот период
големиот дукс Јоан Кантакузин полагал право да управува како регент. Тој сега ја земал
титулата на Голем доместик (врховен воен командант). Неговото регентство започнало
успешно. Со војска собрана главно од негови средства тој ги спречил упадите на Србите
и Бугарите. Како Голем доместик и член на регентскиот совет на малиот император Јоан
V, тој го водел Соборот против Акиндин. Меѓутоа улогата што ја зел на соборот, а која
му припаѓала по право на царот била видена од неговите противници како прв чекор кон
узурпација. Против Кантакузин бил организиран заговор воден од патријархот Јоан
Калекас, а подржан од царицата мајка Ана Савојска (Papadakis – Mayendorff, 1994, 292,
293).
Ахејските феудалци му се обратиле на Кантакузин со желба да го признаат ромејскиот
суверенитет. Исполнет со занес дека ќе ја простре властта на Империјата од
Константинопол до Пелопонез, како во старо време, Кантакузин тргнал со војската кон
Ахаја.
Неговото отсуство во престолнината било искористено од неговите противници.
Царицата Ана Савојска, патријархот Јоан Калекас и Алексиј Апокавк се сојузиле и
извршиле преврат – палатата на Кантакузин била изгорена, самиот тој бил симнат од

97
сите позиции и прогласен за државен непријател, при што биле затворени сите негови
соработници кои не успеале да побегнат. На чело на новото регентство застанал
патријархот, а Апокавк ја добил титулата на Кантакузин – голем дукс и управата на
Константинопол и соседните градови (Острогорски, 1992, 616, 617, Gregory, 2005, 306).
Кантакузин го прифатил предизвикот и на 26 октомври 1341 г. во Димотика се прогласил
за василевс и совладетел на легитимниот малолетен цар Јоан V, и како таков се објавил
против режимот на Апокавк, на кој гледал како на узурпаторски. Борбата што започнала
набрзина ќе прерасне во социјален и верски конфликт кој се водел со крајна огорченост,
ќе трае од 1341 до 1347 г., и ќе ѝ ги одземе последните сили на малата империја заедно
со последната надеж за нејзиното заздравување и обновување.
Кантакузин нашол потпора во аристократијата и тоа главно онаа во Тракија и дел од
Македонија. Регентството пак било поддржано од трговските слоеви во градовите
(Gregory, 2005, 306). Во многу градови започнале востанија и убиства на аристократи,
така што аристократите биле принудени да ги напуштаат градовите (Laiou, 1993, 822,
823). Тоа било најсилно изразено во Солун каде што таканаречените зилоти (ревнители)
по 1342 г. воспоставиле своја власт и ги протерале приврзаниците на Јоан Кантакузин.
Во војната било замешано и исихастичкото прашање – тоа го направил патријархот кој
неосновано го поврзал исихазмот со движењето на Кантакузин, иако и од двете страни
тоа реално било поддржувано, вклучително и од луѓето во окружувањето на патријархот
и на Јоан Апокавк. Патријархот го охрабрил Акиндин да продолжи со својата критика и
дури независно што бил осуден од соборот го ракоположил за свештеник. Така
исихастичката контроверза добила и политичка димензија – цариградското регентство
водено од латинката Ана Савојска било наклонето на унија и го осудила исихазмот, го
екскомуницирала Григориј Палама, го фрлила во затвор во Константинопол, и
започнала прогони на исихастите, додека Кантакузин истапувал во нивна одбрана
(Gregory, 2005, 307; Остророски, 1992, 621).
Војната тргнала лошо за Кантакузин и наскоро изгледало дека тој ја изгубил борбата –
многу од неговите приврзаници го напуштиле, а тој самиот морал да бара засолниште
кај Стефан Душан со придружба од одвај 2 000 луѓе. Во 1342 и 1343 г. заедно со Душан
организирал походи против Серез, но без успех, а неговите луѓе се намалиле на 500.
Тогаш дошло до неочекуван пресврт и Кантакузин добил поддршка од неодамна
освоените територии во Грција. Прво Тесалија го признала за цар, а потоа преку
поставениот во Тесалија негов вазал Јоан Ангел власта му се проширила во Епир и врз
териториите на Каталанците во Јужна Тесалија. (Острогорски, 1992, 622-625; Gregory,
2005, 307, 308).
Овие успеси на Кантакузин довеле до раскин со Стефан Душан, кој немал интерес од
победата на која било страна во конфликтот, а особено не на оној кој ги држел
териториите во кои тој би можел да се прошири и затоа поминал на страната на
Цариградското регентство. Неговиот син Урош бил свршен за сестрата на Јоан V (1343
г.) (Gregory, 2005, 308). Кантакузин кој се нашол меѓу двајца опасни противници побарал
спас кај селџукскиот емир Умар со кој имал стапено во врска уште во 1342 г. Не можејќи
да го освои Солун каде владееле зилотите Кантакузин со помош на своите турски
пријатели се префрлил во Тракија со што реално ја препуштил Македонија и Северна
Грција на Стефан Душан. Притисната, цариградската влада освен Стефан Душан го
придобила и бугарскиот цар и одметникот во Родопите локален моќник Момчил. Тоа, не
ѝ помогнало. Стефан Душан во 1343 г. освоил големи територии во Македонија и
Албанија, а бугарскиот цар го освоил Филипопол и земјите по горниот тек на реката
Марица. Во 1345 г. Момчил бил поразен и убиен од Турците и Кантакузин со нивна
помош го потчинил скоро целиот преостанат дел на Тракија. (Острогорски, 1992, стр.
626, 627). Поддржан, освен од Турците, уште и од аристократијата, Кантакузин бргу
загосподарил со селските реони и војната се трансформирала во борба за владеење на

98
градовите, кои лишени од поддршката на селата не биле во позиција да издржат долго,
и во 1344/5 започнале да се предаваат (Laiou, 1993, 822, 823).
Убиството на Алексиј Апокавк во 1345 г. драстично ја влошило ситуацијата за
регентството и го отворил патот на Кантакузин кон победата. Загубата на клучниот
Кантакузинов сојузник Умур, кој се повлекол од Балканот, не му помогнала на
регентството. Кантакузин влегол во сојуз со Турците Османлии и во 1346 г. ја дал сестра
си Теодора за жена на нивниот султан Орхан. Во 1346 г. Кантакузин бил свечено
крунисан за василевс во Адријанопол од страна на ерусалимскиот патријарх. Обидот на
регентството да му се спротивстави, привлекувајќи на помош 6000 Турци Селџуци
пропаднал зашто наместо да стапат во борба со Кантакузин тие ја нападнале и
опљачкале територијата на Бугарија, а на враќање ја ограбиле околината на Цариград.
Друга несреќа ги снашла Ромеите од кај морето – Џенова ја искористила ситуацијата и
во 1346 г. пак го освоила стратегиски важниот остров Хиос, кој ќе го задржи до 1566 г.
Соочена со пропаста на својата влада Ана Савојска, на 2 февруари 1347 г., го сменува
антиисихастичкиот патријарх Јоан Калекас со приврзаникот на исихазмот Исидор и го
ослободила од затвор водачот на исихастите Григориј Палама. Тоа не ѝ помогнало и на
следниот ден Кантакузин влегол во Константинопол, каде бил повторно крунисан како
совладетел на малиот Јоан V кого го оженил за својата ќерка Елена. Само Солун
продолжил да дава отпор на Кантакузин при што Зилотите, во 1349 г. дури започнале
преговори за да го предадат градот на Душан. Тоа довело до нивното паѓање од власт
и во 1350 г. Солун му се предал на Кантакузин. (Острогорски, 1992, 629; Laiou, 1993, 822,
823; Gregory, 2005, 308).
Војната ја довела не само државата, но и населението до најголемо осиромашување.
Различни византиски автори од тоа време се жалат дека богатите би го присвоиле и
сонцето и би ги лишиле сиромашните од неговата светлина (Laiou, 1993, 822). Во 1343
г. поради граѓанската војна императорката Ана Савојска ги заложила скапоцените
камења на круната кај венецијанските трговци за да добие заем од 30 000 дукати (Laiou,
1993, 809), а во 1346 г. Јоан V бил принуден да бара пари од Русија и од жителите на
Константинопол за да ја обнови оштетената од земјотрес „Св. Софија“ (Laiou, 1993, 827).
Обновената со толку напори византиска флота во времето на Андроник III за време на
граѓанската војна била изгубена. Најстрашни, меѓутоа, биле огромните територијални
загуби – Империјата ги изгубила цела Македонија без Солун, северна Тракија, Тесалија
и Епир и се свела до жестоко ограбената Јужна Тракија и дел од Пелопонез.

8.5.1. Паѓање авторитетот на Византија и нејзиниот патријарх – појава на


ривалски империи и идеја за Трет Рим.
(Основна литература: Laiou, 1993, 811, 824; Koder, 2018, 117; Stouraitis, 2017, 74;
Билярски, 2002, 28; Стојановић, 1902, 7-8, 17, 47; Дуйчевъ, 1944, 136, 150, 162-169, 172-
173; Papadakis – Mayendorff, 1994, 250, 273; Попруженко, 1928, 77, 80; Стојков, 2016,
136, 142; Ангелов, 1974, 44-45; Полывянный, 2000, 180; Sophoulis, 2022, 316-317; Ракова,
2007, 93)
Слабеењето на византискиот авторитет како резултат на граѓанската војна, големите
територијални загуби и особено прогонувањето на исихастите ќе најде израз во
реактивирање на идејата за нова православна империја и трет Рим.
Бугарскиот цар Јоан Александар од новата куманска династија на Шишманидите се
прогласил себе си за „цар и самодржец на сите Бугари и Грци“, а во 1343 г. веќе е
прославуван во својата престолнина со серија епитети зачувани само за Ромејскиот
император: „најправославен од сите“, „цар на царевите“ и „Нов Константин“. Во
порачаното до него Четроевангелие тој бил нацртан со сите знаци на византискиот цар
и со двоглав златен орел. Во направениот во него во време превод на хрониката на
Манаси сосема јасно е изложена идејата за translatio imperii наместо од Стариот кон
Новиот Рим, сека кон Трново, а името на Мануил Комнин во оригиналот е заменето со

99
она на Јоан Александар (Sophoulis, 2022, 316-317; Ракова, 2007, 93). Трновскиот
патријарх започнува да се однесува како вселенски – во 1346 г. тој ќе подигне српската
архиепископија во патријаршија, а во 1352 г. ќе ракоположи митрополит на Киев и цела
Рус и ќе запре да го спомнува името на цариградскиот патријарх во време на литургија
(Papadakis – Mayendorff, 1994, 250; Полывянный, 2000, 180). Во компилираниот во
втората половина на XIV в. Борилов синодик каде се наведени сите православни
императори, „грчките цареви“ се наброени од Константин до 1204 г., а потоа – само
бугарски (Дуйчевъ, 1944, 162-169).
Слична тенденција се забележува во прогласувањето на Стефан Душан (дотогаш бил
само „крал на сета српска и поморска земја“), за цар и самодржец на Србија и Романија.
Тоа е направено на 16 април 1346 г., во Скопје од новиот Печќи патријарх кој, дотогаш
бил архиепископ на сите српски и поморски земји. Тој за целта бил ракоположен за
патријарх од Трновскиот патријарх кој си ја присвоил улогата на вселенски.
Крунисувањето на Душан било поддржано и од Охридскиот архиепископ, Света Гора,
како и од епископите во потчинетите на Душан територии во Македонија, Тесалија и
Епир. Тоа довело до долгогодишна шизма меѓу Цариградската и Пеќската патријаршија
и до идеолошки судир меѓу двете држави (Laiou, 1993, 811, 824). Скопје било направено
столица на новата империја, која доаѓала да ја замени Византија. Таа била
административно поделена на царски дел, со кој царот управувал лично – Романија (или
„Грција“), која ги опфаќала сите територии од Скопје и на југ, и кралски дел – Србија, на
север, територија давана на престолонаследникот. Дворот бил организиран по ромејски
образец.
Со овие процеси е поврзана и појавата на нова терминологија. Дотогаш во јужно-
словенските текстови словенскиот јазик бил нарекуван само „словенски“. Сега со
појавата на идејата за Трет Рим и замена на Империјата се појавуваат нови термини –
„бугарски јазик“ и „српски јазик“, Тие не содржат идеја за посебни национални јазици и
имињата не содржат идејата за јазици на посебни народи (Koder, 2018, 117; Stouraitis,
2017, 74; Билярски, 2002, 28). Термините ја изразуваат потребата третиот Рим да има
свој јазик, како што Стариот го имал латинскиот, а Новиот – грчкиот. Третиот Рим исто
требало да има свој јазик и истиот да е именуван по државата. Првите датирани примери
за употреба на поимот „бугарски јазик“ доаѓаат од Трново од 1337 г., и потоа од 1347/8
г. (Дуйчевъ, 1944, 136, 172-173). Поимот останува ограничени до канцеларијата ан
бугарските цареви и патријарси, а поимот „словенски јазик“ и „словенски книги“
продолжува да се употребува паралелно (Дуйчевъ, 1944, 150; Попруженко, 1928, 77, 80).
Со прогласувањето на империјата на Срби и Грци се појавува и поимот „српски јазик“,
кој доаѓа да го замени терминот „словенски јазик“ иако продолжува да се употребуваат
и фразите „наш словенски јазик“ (Стојановић, 1902, 7-8, 17, 47; Papadakis – Mayendorff,
1994, 273). И покрај падот на овие кандидат-империи поимите бугарски и српски јазик ќе
продолжат да се употребуваат и во наредните векови (Ангелов, 1974, 44-45), како
алтернативни синонимни политички именувања на старословенскиот јазик, кој
продолжува да се разбира како еден (Стојков, 2016, 136, 142). Разликата меѓу овие
„бугарски“ и „српски“ „јазици“ била минимална и повеќе правописна и дијалектна; денес
во науката тие се познати како редакции на старословенскиот јазик, а не како посебни
јазици.

8.6. Јоан Кантакузин (1347-1354)


(Основна литература: Gregory, 2005, 31-315; Острогорски, 1992, 633-636, 638-642;
Laiou, 1993, 808; Радић, 1993, 164 – 247)
Јоан Кантакузин дошол на чело на една тотално исцрпена држава опкружена од
надмоќни и агресивни непријатели. Како последица од граѓанската војна дошло до
финансиски крах. Територијата се намалила за 70 %, а многу повеќе од тоа се намалиле
даночните примања. Ограбеното население во Тракија не било во состојба да ги плаќа

100
даноците. Оваа територија наликувала на пустина и во неа земјоделството било
целосно упропастено. Тежок удар за изнемоштеното царство претставувала и
епидемијата од чума што го погодила во 1348 г. и му нанела големи загуби на
населението во Константинопол, Солун и Пелопонез, како и на териториите во Тракија
и Македонија. Се намалила и трговијата. Додека царината во џеновјанската Галата на
Босфорот давала годишно 200 000 дукати, онаа во Цариград давала годишно само
30 000. Завладеала незадржлива инфлација. Сиромаштијата била толку голема што при
прославувањето на крунисувањето на Кантакузин наместо златен и сребрен бил
употребен бакарен и сребрен прибор. Владата требало да апелира кон поимотните
граѓани за да ги покрива најитните трошоци. Некогаш заложената круна од Ана Савојска
останала неисплатена и во сопственост на Венеција. Кога во 1350 г. московскиот кнез
испратил пари за реновирање на „Света Софија“ парите биле искористени за
поткупување на помошните турски трупи (Острогорски, 1992, стр. 635, 636).
Единствениот дел на Империјата што просперирал бил оној на Пелопонез, кој не бил
погоден од граѓанската војна. Овде продолжило ширењето на византиската територија
и во 1349 г. таа е организирана како Морејско деспотство, кое понатаму ќе биде
највиталниот дел на доцната империја (Laiou, 1993, 808).
Во времето на Јоан Кантакузин завршило создавањето на системот на фамилијарно
владеење со империјата кој се појавил во времето на Андроник II. Со секој дел на
империјата владееле различни членови на владетелската фамилија. Кантакузин ја
искористил можноста да основа своја династија покрај онаа на Палеолозите.
Претворената во деспотство Мореја ја дал на управување на својот втор син Мануил.
Постариот Матеј ја добил во Западна Тракија територијата од Димотика до Христопол
(Gregory, 2005, 310, 311).
Земањето на власта од Јоан Кантакузин било добар изговор за Стефан Душан да
продолжи со своите освојувања веќе како цар на Ромеи и Срби. До 1348 г. тој успеал да
ги освои Тесалија и Епир. Откако ја воспоставил својата власт во Солун во 1350 г.
Кантакузин презел офанзива во Македонија и ги освоил Бер и Воден, но Душан наскоро
си ги вратил. Душан се занесувал со идејата да го освои Константинопол, но не успеал
да ја обезбеди неопходната за целта флота – Венецијанците со кои стапил во контакт
немале интерес во Константинопол да завладее силен владетел (Острогорски, 1992,
стр. 633, 634). Сепак тој се обратил кон папата и во замена на унија добил знаме и право
да организира крстоносен поход против Турците. Планови на Душан биле прекинати од
неговата неочекувана смрт во 1355 г. на 47 годишна возраст.
Кантакузин се обидел да ја обнови флотата, но успеал да собере одвај 50 000 перпери
од даренија на граѓаните. Сакајќи да го прекине поминувањето на 87 % од босфорските
приходи во рацете на Џеновјаните тој ги намалил царините за увозната стока и така ги
привлекол бродовите кон Цариград. Џенова реагирала со војна и во 1349 г. малата
ромејска флота била уништена и империјата требало да се согласи со условите на
победникот (Острогорски, 1992, 638; Gregory, 2005, 311).
Кога во 1350 г. започнала венецијанско-џеновјанската војна Кантакузин се придружил на
Венецијанците и учествувал на нивна страна во битката во Босфорот во 1352 г. која
завршила без победник. Потоа војната се пренела на Запад и Кантакузин останал
осамен така што морал да заклучи мир со Џенова. Венеција реагирала на тоа и се
поврзала со василевсот Јоан V, кој добил поддршка и од Стефан Душан. Потпрен на нив
Јоан V успешно започнал војна и го освоил Адријанопол – само доаѓањето на Јоан
Кантакузин со турски одреди го спречило неговото напредување. Во решителната битка
кај Димотика Јоан V изгубил – едни од неговите сојузници – Бугарите се повлекле, а
другите – Србите биле поразени од турските сојузници на Канатакузин. Турците жестоко
ги ограбиле побунетите градови (Острогорски, 1992, 638 – 640; Gregory, 2005, 311 - 315).
Сега Јоан Кантакузин решил отворено да ја смени династијата на Палеолозите и во 1353
г. го прогласил својот син Матеј за василевс откако прво го сменил патријархот кој се

101
спротивставувал. Меѓутоа, опозицијата постојано се засилувала, додека популарноста
на Кантакузин била силно поткопана од неговиот сојуз со Турците. Последните во 1352
г. се зацврстиле за прв пат на Балканскиот брег во тврдината Цимпе на Дарданелите, а
после силниот земјотрес од 1354 г. кога паднале ѕидините на клучната тврдина
Галиполе тие ја зазеле и неа и така си обезбедиле пат за непречно навлегување на
Балканот. Обидите на Кантакузин да го врати или откупи градот останале неуспешни.
Сега револтот против императорот достигнал најголем размер – стравот од турско
освојување ги настроил сите против Јоан Канаткузин (Gregory, 2005, 315). Истата година
Јоан V влегол во договор со еден пират од Џенова Франческо Гатилузио на кој му ја дал
за жена сестра си, а како мираз му го ветил најбогатиот ромејски остров Лезбос и со
негова помош влегол во Константинопол. Канаткузин бил принуден да се абдицира и да
се закалуѓери. Под името Јоасаф се повлекол на Света Гора каде живеел до 1383 г. и ја
напишал својата Историја и повеќе теолошки расправи (Острогорски, 1992, стр. 640-642,
Gregory, 2005, 315).
Не долго после падот на Јоан Кантакузин и неговиот син Матеј ја изгубил територијата
што ја држел во Тракија, меѓутоа помалиот Мануил продолжил да управува со
Пелопонез, а потоа бил наследен од брат си Матеј. Енергичната управа на двајцата
браќа довела до подем на Мореја во економски, воен и културен поглед. Тоа е
единствениот дел на Империјата кој ќе просперира во втората половина на XIV в., но кој
реално бил одвоен од власта на Константинопол (Острогорски, 1992, стр. (642).

8.6.1. Победа на Исихазмот


(Основна литература: Острогорски, 1992, 630, 631; Laiou, 1993, 824; Papadakis –
Mayendorff, 1994, 288-293; Gregory, 2005, 308)
Победата на Кантакузин значела и победа на исихазмот. Во февруари 1347 г.
патријархот Јоан Калекас бил симнат поради ракополагањето на анти-исихастот
Акиндин, а на негово место бил избран исихастот и следбеник на св. Григориј Палама –
Исидор. Синодот ја потврдил одлуката на соборите од 1341 г. Победата на исихазмот е
означена и со издигање на повеќе исихасти на клучни црковни позиции. Григориј Палама
бил поставен од Кантакузин за архиепископ на Солун, но Зилотите на два пати не му
дозволиле да влезе во градот, така што тој останал да епископува во неговата околина.
Конечно, Григориј Палама влегува во Солун во 1350 г. заедно со Јоан Кантакузин
(Острогорски, 1992, 630; Laiou, 1993, 824).
Сепак и со тоа опозицијата не била целосно скршена и во столицата се оформува нова
анти-паламитска партија составена од неколку интелектуалци и епископи водени од
учениот Никифор Григора. Тоа предизвикало нов собор на 28 мај 1351 г. во дворецот
Влахерна. Двете страни биле поканети и им била дадена можност да ги изложат и
заштитат своите позиции. Опозицијата не успеала да убеди никого на соборот и на 15
август била донесена нова детална догматска дефиниција, а Варлаам, Акиндин и сите
нивни следбеници, освен веќе раскајаниот Јоан Калекас, биле исклучени од црквата што
реално ѝ ставило крај на опозицијата иако отпор и понатаму се среќава кај поединци,
особено такви повлијаени од учењата на Тома Аквински. Овој собор значел и конечна
канонизација на исихастичката доктрина - неговата одлука влегла во Синодикот на
православието, добивајќи статус на догма во православниот свет (Papadakis –
Mayendorff, 1994, 288-293). Наскоро по неговата смрт (1358 г.) Григориј Палама бил
прогласен за светец. Победата на исихазмот се смета за победа на најконзервативниот
и православен дел во византиската црква и отфрлање на влијанието на западната
схоластика (Острогорски, 631). Истовремено, тој се јавува и како реакција против
занесот на дел од ромејската елита кон елинизмот. Исихазмот понатаму имал големо
влијание во православната мисла (Gregory, 2005, 308), а и до денешен ден се смета за
еден од столбовите на православието.

102
8.6.2. Обнова и засилување авторитетот на Цариградската патријаршија.
(Основна литература: Papadakis – Mayendorff, 1994, 259, 260, 306 – 310; Билярски,
2004, 67)
Со победата на исихазмот во Византија во 1347 г. започнува нов полет на силата и
авторитетот на патријаршијата кои контрастираат со паралелниот колапс на империјата.
Исихастичкото меѓународно сеправославно движење го поставува во центарот како
обединувачка фигурата на вселенскиот патријарх. Од друга страна небиднатите
империи на третиот Рим ќе ја споделат судбината на Новиот Рим во својот брз распад
под налетот на Османлиите.
Првата мерка на цариградскиот патријарх против овие сепаратистички тенденции ќе
биде отлачувањето во 1349 г. на српскиот поглавар, на целата српска црква и на
Стефан Душан. Сепак ниту Трново ниту Скопје се поколебале во својата политика. Ова
се променило со турската инвазија. Во своите напори да организира коалиција против
нив Серскиот деспот Јоан Углеша во 1368 г. ќе ја врати својата црква под
Константинопол. Во 1371 г. кога згаснува династијата на Немањиќи, анатемата била
дигната од патријаршиски пратеник на Душановиот гроб и единството било обновено, а
поглаварот бил признаен за патријарх на Србите. Новиот бугарски цар Јоан Шишман
(1371 – 1395, од 1378 вазал на Османлиите) и новиот патријарх на Трново исихастот
Евтимиј (1375 – 1393) ќе ја признаат водечката улога на Константинопол и во црковна
и во империјална смисла (Билярски, 2004, 67, Papadakis – Mayendorff, 1994, 259, 260).
Патријарсите исихасти настојувале да ја зајакнат дисциплината, да ја консолидираат и
да го прошират влијанието на црквата, обединета околу зајакнатиот авторитет на
патријаршијата. Извршуваат административни подобрувања и го завршуваат процесот
на создавање литургиско единство. Преземените чекори имале за цел да го зачуваат
православниот комонвелт во услови на империја која умира. Патријархот ја презел
улогата на императорот во одржувањето на тоа единство. Се забележува употреба на
некои нови формулации – патријарсите дејствуваат од името на Христос или како да
седат на „самиот трон на Господ“ (Патријарх Антониј IV 1389 – 1397) и како вселенски
пастири на православните било каде да се тие, што ги става во сенка останатите
патријаршии. Сепак таквите фрази остануваат формални без претензија за реално
владеење во црквата како она на римските папи (Papadakis – Mayendorff, 1994, 306 –
309).
Во периодот на распад на империјата и на турско освојување на Балканот во втората
половина на XIV в. црквата станува постабилна и уверена и дури посилна. Таа ја
зачувала својата јурисдикција во освоените од османлиите територии и дури се шири и
воспоставува нови митрополии во Влашките земји, а се создаваат и нови епископии во
далечниот руски север (Papadakis – Mayendorff, 1994, 310).

9. ВНАТРЕШЕН РАЗВОЈ НА ИМПЕРИЈАТА ОД СРЕДИНАТА НА XIII ДО СРЕДИНАТА


НА XIV В.
9.1. Слабеење на државата во крајот на XIII и во XIV в.
(Основна литература: Острогорски, 1992, 552, 580-585, 604, 609; Laiou, 1993, 808, 812,
813)
Наспроти претензиите на василевсите за светска супрематија нивната власт од крајот
на XIII в. забрзано слабее (Laiou, 1993, 808). Победата на аристократијата во лицето на
Палеолозите водела кон засилување на крупните земјопоседници (аристократи, крупни
манастири и сл.) кои често добивале и целосен имунитет, а од тука и кон опаѓање на и
без тоа ослабениот селански посед. Како резултат на тоа даночните приходи се
намалуваат зашто големите моќници често успеваат да ги избегнат даночните обврски.
Економското засилување на аристократијата наспроти засилената потрага по пари на

103
државата отвора големи можности за растење во државната хиерархија преку силно
распространетата практика императорите да ги продаваат државните должности. Така
економската моќ се трансформира и во политичка и сѐ повеќе реалната власт поминува
во рацете на локалната аристократија и црквата (Острогорски , 1992, стр. 604).
Се забележува постојан напон меѓу централната власт која се труди да ги зачува своите
прерогативи особено во судството и даноците и локалните елити кои се стремат кон
децентрализација (Laiou, 1993, 812, 813). Месните гувернери пројавуваат стремеж кон
присвојување на државните даноци, локалните командири често дејствуваат независно
и се бунат, а и пронијарите кои ги држат прониите од името на императорот се
покажуваат тешки за контролирање (Laiou, 813).
Слабеењето на структурите на власта доведува до тоа провинциите да бидат поврзани
со централната власт пред сè преку личноста на провинцискиот намесник поради што
за такви се поставуваат блиски роднини на василевсот или најдоверливи луѓе
(Острогорски, 552). Но бидејќи и нивната лојалност често била сомнителна тие често
биле менувани.
Длабока криза доживува и византискиот судски систем – корупцијата во него достигнува
легендарни размери. Уште Андроник II се обидува во 1304 г. да создаде нов висок суд
кој ќе ја спречи корупцијата, но во тоа не постигнал успех. Во 1329 г. Андроник III создава
во Константинопол царски суд од тројца мирјани и еден епископ наречени генерални
судии на Ромеите. Наскоро генерални судии на Ромеите се појавуваат и во Солун,
Лемнос, Серес и Трапезунд. (Laiou, 1993, 812, Острогорски , 1992, стр. 609). Меѓутоа,
ниту овие мерки не ја излечиле болеста. Царскиот суд со текот на времето се откажува
од многу свои прерогативи. Голем дел од делата на мирјаните се пренасочуваат кон
патријаршискиот суд, особено при случаи на повремени распади на државниот судски
систем. Постепено црковниот суд започнува да одлучува дури и за трговски случаи. Друг
симптом за слабеењето на државниот судски систем е давањето во XIII-XIV в. на
италијанските поморски републики право да се судат од сопствени судови на византиска
територија, па дури и кога се обвинети од Ромеи.

9.2. Економска и демографска криза во XIV в.


(Основна литература: Laiou, 1993, 817, 818, 829, 830)
Економската криза во XIV в. ги погодила сите сфери на ромејското општество. Селското
население (особено во Македонија) во првата половина на XIV в. економски запаѓа. Како
последици од честите војни (надворешни и граѓански) и честите ограбувања од туѓи и
свои војски, се намалуваат размерите на имотите особено оние на побогатите селани.
На тоа се додала демографската криза во голема степен предизвикана и од чумата, која
во 40-те години на XIV в. ги погодува Константинопол, Македонија (со Света Гора),
Мореја и островите (Laiou, 1993, 817, 818). Сликата што изворите од тоа време ни ја
даваат за селските области во Тракија и Македонија е запустување и депопулација.
Тешко биле погодени и градовите, кои дале и повеќе жртви за време на епидемијата.
Демографската и економската криза предизвикале и перманентна политичка криза
(Laiou, 1993, 829, 830).

9.3. Финансиски колапс


(Основна литература: Laiou, 1993, 809, 810; Острогорски, 1992, 585, 586, 587; Шене -
Флизен, 2010, 159)
Во XIII-XIV в. основната задача на владата била собирањето на такси и даноци, со кои
ќе ги издржува армијата и бирократијата. Меѓутоа, државните примања слабееле со
намалувањето на територијата и од постојаните и скапи војни. Странските навлегувања
и пустошења, честите и жестоки граѓански војни и епидемијата на чума, исто така

104
придонесувале во тоа. Привилегиите дадени на аристократијата и на италијанските
трговски републики, но и на некои византиски градови (како Јанина) биле друга важна
причина за колапсот на државните финансии (Laiou, 1993, 809).
Соочена со финансиски тешкотии владата прибегнувала кон девалвација на парите.
Ромејскиот златник (некогашната номизма нарекувана од времето на Алексиј I
(и)перпера) во почетокот на XIII в. имал 90 % од својата номинална вредност, но во текот
на векот доживеал серија девалвации и конечно го изгуби угледот во меѓународната
трговија. Во времето на Јоан Ватац тој имал 2/3 од номиналната вредност (= 16 карати),
по 1261 г. имал 15 карати, а во почетокот на владеењето на Андроник II – 14. Во
почетокот на XIV в. содржината паднала на 12 карати или половината од некогашната
вредност, а до средината на XIV в. е намалена дури на 11 карати. Местото на
византиската перпера во меѓународната трговија ќе биде заземано од парите на
италијанските трговски републики. Конечно меѓу 1354-1366 г. Империјата прекинува да
кова свои златни монети поради општото осиромашување. Од тогаш во малечката
империја сè почесто се користеле сребрени пари и венецијанските дукати (Laiou, 1993,
809, 810). На внатрешен план девалвирањето на перперата водело до големо
зголемување на цените и соодветно до зголемување на сиромаштијата (Острогорски ,
1992, 585; Laiou, 1993, 809).
Обидите за стабилизирање на државните финансии се покажале неуспешни. После
1283 г. биле воведени серија извонредни даноци, но оптовареното селанство не секогаш
било во состојба да ги плаќа. Преку серија даночни мерки, Андроник II успеал да ги
зголеми днаочните примања до 1 000 000 златни монети во 1321 г. (Laiou, 1993, 809),
меѓутоа тие се со наполовина помала вредност. На таков начин даночните примања на
Византија се намалиле во споредба со времето на Василиј II, меѓу шест (Шене - Флизен,
2010, 159) и петнаесет (Острогорски, 1992, 586, 587) пати. Ова било притоа и последниот
врв – граѓанските војни потоа бргу ќе ги десеткуваат овие приходи.

9.4. Воено слабеење


(Основна литература: Laiou, 1993, 809-811; Острогорски, 1992, 584)
Финансиското слабеење неизбежно и фатално се одразило на војската, која се јавувала
и како најголем расход.
Во 1285 г. откако опасноста од поморски напад од Запад се намалила флотата била
распуштена ‒ одлука со кобни последици. Империјата ја изгубила можноста да се брани
по море и да ја респектира пиратеријата. Италијанските градови наскоро загосподариле
и со Босфорот и со Црното Море (Laiou, 1993, 810). Уште пофатално се покажало тоа во
времето на турските напади во Европа кога останатата без флота Византија не била во
состојба нив да ги спречува и така им го отворила патот за освојување на Балканот
(Laiou, 1993, 810). Империјата направила неколку обиди да ја обнови флотата. Во 1330
г. со голем напор ќе создаде флота од 20 бродови, кои така и не стапуваат во акција
(Laiou, 1993, 810). Подоцна и Кантакузин ќе се обиде да ја обнови флотата со пари
собрани од граѓаните. Меѓутоа, сите обиди ќе завршат неуспешно.
Слично нешто се случило и со копнената војска. Во времето на Михаил VIII Палеолог и
на почетокот на владеењето на неговиот наследник Империјата сè уште била во
состојба да собере до 10 000 и во извонредни случаи и до неколку десетици илјади
војници, но дури и тоа претставувало само сенка од војските што некогаш ги собирале
Комнините (Острогорски , 1992, стр. 584). Размерот на армијата во 80-те години на XIII
в. бил драстично намален по финансиски причини. Војската во крајот на овој век веќе
била во мал број, а воените експедиции станале премногу скапи за осиромашената
влада. Во 1321 г. бил направен обид да се создаде постојана војска која требало да се
состои од 1000 коњаници во Витинија (Мала Азија), 2000 во Македонија и Тракија (Laiou,
1993, 810, 811), една сосема симболична бројка во споредба со кој било период од

105
минатото. Империјата ќе оперира понатаму со војски кои набројуваат само неколку
илјади војници. Така, на почетокот на своето владеење, Андроник III со цел борба против
Турците со полна мобилизација успеал да собере одвај 2 000 војници.
Граѓанските војни во 1320-те и 1340-те години доведуваат до зголемување на бројката
на пронијарите ‒ преку раздавање пронии соперничките императори се стремеле да
придобијат повеќе приврзаници. Од друга страна со истата цел тие ги правеле прониите
наследни, што дополнително ја слабеело финансиската и воената сила на Империјата
(Laiou, 1993, 810, 811). Бидејќи државната контрола врз пронијарите слабеела, улогата
на пронијарите во војската станувала сè помала. Странските наемнички трупи сега
добиваат поголемо значење дури и од она во времето на Комнините. Ромејската војска
при Палеолозите доминантно се состоела од платеници, што ја правела уште поскапа
за издржување. Но поради финансиска слабост на државата тие не биле постојана
армија, туку се изнајмувале привремено и по конкретен повод (Laiou, 1993, 810, 811,
Острогорски , 1992, стр. 584). Понекогаш императорите не биле во состојба да ги
покријат своите воени трошоци со пари па прибегнувале и кон плаќање со нековано
злато (Laiou,1993, 809).
Ромејските императори сѐ почесто ќе прибегнуваат кон помошта на војските на странски
владетели, бидејќи домашните сили често се покажувале недоволни, а за платеници
недостасувале пари. Резултатите често биле еднакви на катастрофа – повиканите освен
што ја ограбувале ромејската територија, освојувале и делови од неа (Laiou, 1993, 811).

9.5. Црквата
(Основна литература: Fryde, 2000, 100, 101; Laiou, 1993, 816, 831)
Црквата имала голема политичка, морална и економска моќ, која особено нараснала за
време на Палеолозите. Таа се јавувала како голем земјопоседник напоредно со
аристократијата. Тоа се однесува особено на манастирите (во овој период особено се
истакнуваат оние на Света Гора), кои користеле мноштво даночни олеснувања (Laiou,
1993, 816).
Слабеењето на државата и аристократијата води до дополнително зголемување на
улогата на црквата и особено на големите манастири на Света Гора. Црквата презема
од државата сѐ повеќе функции од областа на судството и грижата за сиромашните,
бегалците и луѓето без дом. Манастирите на Света Гора просперираат и од големите
донации на српските, влашките и османлиските владетели. Повеќе пати императорите
ќе се обидуваат да го убедат патријархот да им даде или позајми црковна земја за да
може да ги издржуваат војниците, што обично било одбивано. Мануил Палеолог во 1371
г. конфиксувал половината од имотите на светогорските манастири и црквата во Солун
за да ги претвори во пронии. Дел од овие земји по 1403 г. ќе ѝ бидат вратени на црквата
(Laiou, 1993, 831).
Својата голема финансиска и морална сила црквата ја употребувала и за згрижување
на големиот број население погодено од политичките и економски турбуленции на
времето. Кога поради каталанското ограбување на Тракија во Константинопол настапил
жесток глад патријархот Атанасиј ги ангажирал сите сили на црквата и на граѓаните што
успеал да ги убеди за да се спасат од гладна смрт сиромашните – неговото лично
ангажирање оставило толку силен впечаток што по смртта бил прогласен за светец од
обичниот народ, а потоа и прифатен од црквата (Fryde, 2000, 100, 101).

10. СОЦИЈАЛНА И ЕКОНОМСКА ПОЛОЖБА И СЕКОЈДНЕВЕН ЖИВОТ

106
Општеството на Новиот Рим, особено во времето на Палеолозите било јасно поделено
во три групи според својата имотна состојба и влијание во општеството. Највлијателна,
секако, се јавува аристократијата. Најдолу е обичниот народ ‒ слободен или зависен, но
економски слаб и политички немоќен. Постепено се оформува и трета, средна класа на
имотни граѓани занаетчии и трговци со голема финансиска сила, но без достап до
политичката власт, која е узурпирана од аристократијата. Настрана од овие групи се
робовите, чиј број во Империјата е во постојано опаѓање.

10.1. На двата краја на социјалниот спектар: аристократија и робовите


(Основна литература: Laiou, 813-815, 830)
Аристократијата
Со свои корени во Х в. и дојдена на власт со династијата на Комнините аристократијата
се зачувала како мало општество од ограничен врој големи фамилии обврзани со
меѓусебни брачни врски. По неуспешните обиди во време на Ласкаридите да биде
потисната нивната сила, со доаѓањето на власт на Михаил VIII Палеолог, а со него и на
династијата на Палеолозите аристократијата конечно ја зема власта во свои раце (Laiou,
1993, 813). Таа се разликува од западната феудална аристократија по тоа што нема
официјални права и законски гарантирани привилегии врзани за нејзиното потекло и
предавани по наследство (Laiou, 1993, 814). За разлика од епохата на Комнини при
Палеолозите аристократијата била концентрирана во помала степен во престолнината.
Како последица од падот на Константинопол во 1204 г. се развиваат моќни локални
магнатски фамилии. Некои од кои како Комнини-Дука во Епир и Тесалија и Комнини во
Трапезунд создаваат свои држави. Други добиваат голема моќ на регионално ниво (како
Маласени, Гаврилопули, Раул во Епир и Тесалија) и активно се спротивставуваат на
централната власт. Фамилии како Цамплакон, Кантакузин и Метохит поседувале големи
имоти во областа на Серес и Драма. Со обновата на Империјата во 1261 г. многу од овие
семејства добиваат земја во Тракија и Македонија и често членови на такви фамилии
биле назначувани за управници во областа каде што биле сконцентрирани нивните
имоти обединувајќи ја на таков начин на локално ниво економската со политичката моќ.
Макар што аристократијата останува градска и претпочита да престојува во градовите
отколку на своите селски имоти, сепак нејзината моќ се потпира на опширните
земјоделски имоти за кои поседува низа даночни олеснувања и привилегии. Освен тоа
аристократијата акумулира финансиска моќ преку учество во државната власт и
активното занимавање со трговија со прехранбени производи (Laiou, 1993, 815).
Во крајот на XIII и текот на XIV в. аристократијата започнува да слабее по различни
причини. Прво таа губи многу од своите имоти поради големите територијални загуби,
во Мала Азија и на Балканот. Граѓанските војни во втората четвртина на XIV в. и особено
жестоката социјална пресметка во 40-те години на XIV в. довеле до запустување на
мноштво големи селски имоти како и до големо задолжување на аристократијата.
Постојаните ограбувања кои секогаш на прво место ги погодувале селските реони каде
што се наоѓале имотите на аристократијата, исто така негативно влијаеле врз
економската моќ на оваа највисока социјална група. На крајот – слабеењето на
државата, која преку служби и плати се јавувала како важен извор на сила за
аристократијата, исто така имала негативен ефект. Финансиски притисната
аристократијата започнува активно да се вклучува во трговијата во размер непознат
дотогаш ‒ тенденција која ќе продолжи и во XV в. Зафатени со банкарство и трговија тие
тесно ќе се обврзат со џеновјанските и венецијанските трговци. Дури и осиромашените
императори во овој период лично ќе се занимаваат со трговија (на пример, Јоан VII
извезувал жито за Џенова во 1380-те). Слабеењето на високата аристократија и
слабеењето на врските со Константинопол води до зголемување на улогата на
пониската локална аристократија. Познати како архонтопули или архонти нејзините

107
претставници започнуваат активно да учествуваат во управата на градовите, паралелно
со крупната аристократија (Laiou, 1993, 830).

Робовите
Во сите пред индустриски држави имало робови, па така било и во Новиот Рим. Но под
влијание на христијанството и во резултат на одредени економски промени тоа било во
постојано опаѓање и не претставувало некоја основна економска или општествена
појава, ниту составувало голем дел од популацијата. Робовите се користеле главно како
слуги и ги имало не само во најбогатите фамилии, но и во некои од средна класа.
Црквата направила незаконско поробувањето на христијанин. Покрстувањето исто
можело да доведе до ослободување. Роб кој паднал во заробеништво кај непријателот
и избегал од таму и се врател во Византија станувал слободен.
Империјата забранила слободен жител на империјата да биде правен роб. Во случаи
кога ќе се најделе такви случаи, дури ако зделката била извршена по заемна согласност
таа се анулирала и сопственикот не добивал надоместок. Кога човек кој станел роб на
таков начин сакал да се ослободи тој можел да се обрати до црквата. Таков бил случајот
со луѓе во Македонија продадени од своите родители како робови за време на големата
суша и глас во средината и втората половина на XI в., кои се обратиле до Солунскиот
архиепископ, а последниот до императорот Алексиј Комнин, кој наредил тие да бидат
ослободувани доколку успеат да докажат со сведоци дека се родени како слободни, а
истовремено им забранил на господарите да користат сведоци и докази против нив.
Поттикнати од црквата многу господари ги ослободувале своите робови уште додека
биле живи, а некои оставале тестамент за нивно ослободување по својата смрт при што
биле задолжени да им обезбедат имот за да можат да живеат од него. Ослободувањето
на немоќни и стари лица, без да бидат истите обезбедени со неопходното за
преживување било забрането за да се заштитат робовите.
Без разлика што бројката на робови постојано се намалувала, такви ќе има се до крајот
на империјата.

10. 2. Византиското село – селани и аристократи.


(Основна литература: Rice, 1967, 141 – 190; Laiou, 1993, 816, 817, 818; Шене - Флизен,
2010, 296, 297; Geoponika, 2011, 55, 56)
Основната тежина на даночниот товар во Империјата паѓала врз селаните. Селското
стопанство ќе остане основен даночен приход за државата. Селаните го сочинувале и
основниот дел од населението. Земјата, главно, се наоѓала во рацете на крупни
сопственици, па поголемиот дел од селаните ја обработувале земјата или како зависни
селани или преку изнајмување. Се среќаваат и независни селани кои директно ѝ плаќаат
даноци на државата. Тие се наоѓале под силен економски притисок и нивниот број бил
во постепено опаѓање. Во некои планински региони како Епир, мали независни
сопственици се среќавале почесто, отколку во поразвиените делови на империјата
(Laiou, 1993, 816) Но, генерално, слободните селани се јавуваат како малцинство.
Основниот дел на селаните биле парици и клирици. Бројот на париците драстично се
зголемил во текот на XIII и XIV век. Тоа биле селани, зависни од крупниот земјовладелец
(пронијар, манастир или сл.) во смисла дека за својата сопствена земја на господарот
му ги давале сите оние задолженија што би ги должеле на државата (во пари, натура
или работа). Одделно за земјата што ја добивале од својот господар париците плаќале
одредена кирија во пари или пак во натура, која изнесувала од една третина до
половината од продукцијата. Обично биле обврзани 12 дена во година да работат за
господарот. Земјата што била лична сопственост на селанецот можела да се продава

108
или наследува. Париците не биле закрепостени. Парикот има лична слобода и слобода
на движење. Во XIV в. е забележана особено голема мобилност на населението како
последица од граѓанските војни, чумата и османлиските освојувања (Laiou, 1993, 816,
817, 818).
Основна даночна единица во Империјата сочинувало селско домаќинство кое има земја
што се обработува со пар волови– ѕевгар, и таквите се викале ѕевгариоти, луѓето со
повеќе земја и соодветно волови спаѓале во категоријата на побогатите селани – ди-
ѕевгариоти и т.н. Сиромашните луѓе имале по еден вол и требало да се комбинираат со
друг за да ја обработуваат земјата – тие биле сметани за сиромашни. Пониско биле
селаните без земја и волови, а под нив – робовите.
Основно занимање и производство во селата била храната. Основни меѓу нив биле
житариците. Мазнините се набавувале според регионот од маслинки, млеко, животинска
маст. Освен за јадење, тие се користеле и за осветлување на куќите и за медицински
цели. Имало поголем број овошки и зеленчук, а за алкохол се кроистеле различни
видови вино, поради што и лозарството било силно распространето. Силно
распространето било и одгледувањето пчели- освен за природниот антибиотик и
шеќерна храна и деликатес – мед, тоа било многу важно и зарад восокот со кој се
правеле црковните свеќи.
Земјата се обработувала со дрвен плуг, рало, со волови или мулиња. Се сеело два пати
во година – на пролет и на есен. Земјоделската работа била тесно поврзана со смената
не сезоните и температурите и затоа иако рамнодневницата и сонцестојот да биле
добро познати, сезоните биле поделени според потребите на земјоделската работа.
Пролетта, кога започнувала земјоделската работа со режењето на лозјата, започнувала
на 7 февруари и траела до 7 мај. Летото било од 8 мај до 7 август. Есента - од 8 август
до 9 ноември. Зимата бил периодот без земјоделска работа и траела од 10 ноември до
6 февруари (Geoponika, 2011, 55, 56).
Освен со рало, земјата се обработувала и рачно со мотики, лопати, српови, вили, коси,
двострани чекани. Се сеело освен со распрскување на семето,но и со стапчина за
правење дупка во земјата и пуштање зрното. Се жнеело со српови, житото се вршело и
потоа се мелело на воденици.
Големо внимание се обраќало на водата, се граделе повеќе кладенци, кои се
претворале во место за социјален контакт, каде се собирале и разговарале жените.
Насекаде биле изградени мрежи од канали и вади преку кои се доставувала вода и се
наводнувале нивите и тие често течеле низ самите села.
Побогатите села биле опкружени од појас бавчи, овошки и лозја, Мали бавчи имало и
внатре во селата покрај куќите. Дури потоа се доаѓало до нивите со житарици. За
разлика од нив пасиштата биел заедничка сопственост на целото село и се користеле
од сите. Имало организирана заштита на селската сопственост. Во некои бласти се
практикувало активно сточарство со излегување летото во планина со овците а враќање
в зима – особено во Анатолија, таквиот живот давал поголема слобода и заштита од
непријатели.
Освен со земјоделие и сточарство селаните активно се бавеле со рибарење. Оние кои
живееле покрај морето рибареле и ноќно време користејќи светлина за да ги
привлекуваат рибите. Рибната храна била особено важна за време на бројните пости, а
рибите биле барани и купувани особено од манастирите. Таа не била консумирана само
пресна туку и се конзервирала на различни начини: солење, сушење и сл. Селаните се
бавеле активно и со лов. Често се бавеле со лов на птици што пеат, а кои ги продавале
за добри пари на аристократите.
За транспорт се користеле мулињата особено зашто тие не се плашат од височини и се
погодни за патување низ планините и ридовите, кои го доминираат релјефот на
Империјата. По иста причина тие биле многу користени во војската. За потешки товари

109
се користеле волски коли. Воловите биле користени исто за задвижување на водните
пумпи и за вршење на житото. Коњите не биле во состојба да влечат товар поголем од
492 кила и затоа се користеле повеќе за јавање и носење помали товари. При јавање се
користеле самари и узенгии.
Селските куќи биле сосема обични со соба или две, на еден кат, понекогаш добитокот
бил во соседната соба. Богатите селани имале двокатни куќи, при што приземјето
служело за магацин и место за добитокот, а на горниот живееле луѓето при што од
горниот кат се излегувало директно надвор. Куќите се граделе со материјалот кој бил
нај достапен во соодветното место: во планините - од камења а на другите места од
тули.
Тулите се правеле обично од грнчарот, освен во големите села каде тоа биле издвоени
професии. Често се употребувал плет измачкан со кал. Секое село имало ковач,
дрводелец и грнчар. По специјализирани занаетчии имало во градовите. На ковачите им
помагале нивните жени или мали деца.
Селаните се облекувале летно време во долги кошули врзувани низ средината со јаже,
без долна облека и обично оделе боси. Носењето капа или шамија било вообичаено.
Селаните обично си произведувале сѐ што им е неопходно сами. Но тие исто така
морале и да продаваат за да си ги платат даноците во пари, а исто и да купуваат некои
работи, како сол, која била од клучно значење не само за исхраната и здравјето, но и за
конзервирање храната за зимските месеци: сланина, сирење, солено месо и риба и т.н.
Се купувало и продавало во блискиот град или на годишните панаѓури кои се одржувале
во одредени места (манастири, раскрсници, селски и сл).
Клучна улога во селото имал свештеникот. Тој ја имал духовната грижа за луѓето, бил
претставник на селаните пред властите, ги извршувал основните ритуали во животот –
крштевање, венчавка и погребување, но исто така тоа бил писмен човек и често бил
учител кои ги учеле децата на селаните да читаат. Таквото базично образование имало
за цел да обезбеди кадар за селската црква(пејачи, читачи, препишувачи), но можело
понекогаш да послужи за почеток за продолжување на образованието понатаму.
Освен крштевки и венчавки селаните имале општи церемонии и забави и на празникот
на селската црква, големите црковни празници а исто учествувале во празниците на
некои блиски значајни манастири. Меѓу празниците биле и оние поврзани со
земјоделието, при што почетокот и крајот на земјоделската сезона биле обележувани со
празници. Забавата си ја организирале и спроведувале сами, но на поголемите
празници доаѓале и различни професионални забавувачи глумци, акробати и сл.
На животот на село се гледало со извесна идила – многу аристократи се стремеле да
имаат селски имот каде да се повлечат. Реално по XI в. власта над селаните биле во
рацете на крупните сопственици на земја.
Богатствата на некои аристократи на село имале впечатливи размери. Така само од
имотите на Јоан Кантакузин во Тесалија (а тој има повеќе такви и во регионот Филипи-
Драма во Македонија), во 1341 г. биле заграбени: 500 волови, 2500 кобили, 200 камили,
300 мулиња, 5 000 магариња, 50 000 свињи, 70 000 овци, големи количини храна и
сандаци со злато и сребро.
Ловот бил важна забава за аристократите. Тие користеле кучиња, соколи и помошни
момчиња во ловот, ги бркале животнтие со рогови. Во ловот се користеле копја и
лакови, а ловците носеле и секири и ножеви. Зајаците се ловеле главно со соколи, но
биле бркани и со коњи.
Селата биле вообичаена жртва при воени навлегувања, граѓански војни и востанија. При
опасност селаните се засолнувале или во блиските тврдини и градови, или се
засолнувале со својата стока во планините или на некои места како во Кападокија имале
изградено големи подземни скривници.

110
10.3.1. Трговијата во Византија
(Основна литература: Laiou, 1993, 818, 820, 821, 822).
Во градовите и во целата империја голема улога играла класата на трговци и занаетчии,
кои сочинувале голем дел од градското население. Трговците, во XIV в. биле сфаќани
како особена „средна“ (mesoi) група, меѓу земјовладелската аристократија и народот, и
за прв пат ќе бидат забележани во византиската литература како сопоставени на
аристократијата. Макар што претставувале економски моќна класа трговците не
учествувале во управувањето со градовите кое се наоѓало во рацете на аристократијата.
Тие често биле тесно обврзани со италијанските републики со кои и за кои тргувале и
чии интереси понекогаш ги заштитувале дури и против своите императори (така тие се
спротивставуваат на обидот на Јоан VI Кантакузин да воведе извонреден данок со цел
обнова на војската и флотата, зашто последното ги погодувало интересите на нивните
клиенти – италијанските трговци). Ромејските трговци активно се занимавале со трговија
на копното, но исто и на море – низ Егејот и Црното Море, но за нив италијанските пазари
останувале затворени. Присуството на ромејските трговци во Црното Море, на пример,
ќе биде толку силно што ќе предизвика војна со Џенова во 40-те години на XIV в. Таа
војна ќе заврши дури во 1352 г., со мир, кој ќе го ограничи пристапот на византиските
трговци во Азовското Море. Заедно со трговците важна улога играле и банкарите
(особено во Константинопол).
Имено, судирот меѓу оваа нова моќна класа трговци и занаетчии со поземлената
аристократија, која ја имала узурпирано политиката власт за време на граѓанската војна
во 40-те години на XIV в., ѝ дал на оваа војна специфичниот жесток социјален карактер,
извонредна жестокост и разурнувачка сила, што ја поставило изнемоштената стара
империја на колена и практично ја решила нејзината судбина.
Ромејскиот извоз на Запад, во XIV в., се состоел основно од храна и суровини, а увозот:
од мануфактура, текстил и керамика. Постоело и домашно производство на текстил
(забележано е производство на волнени ткаенини, на пример, во Серез и Солун), но тоа
било во ограничен размер – основно текстилот се увезувал од Запад (Laiou, 1993, 818,
820, 821, 822).
Освен по море, трговијата се водела и по суво, со товарни животни, почесто мулиња. По
патиштата и во градовите, имало мноштво анови, кои служеле за згрижување на
трговците, караваните и патниците. Во недела и празник тие отворале доцна – после
литургија, а затворале кога се стемни.
За целите на трговијата се употребувал единствен систем од мерки и кантари, кои биле
редовно проверувани од државни инспектори за да нема измами. Кантарите биле
направени од бронза или железо од вид кој на исток се употребува и до денес (За
мерките што се користеле види во прирачникот).

10.3.2. Византискиот град


(Основна литература: Rice, 1967, 141 – 190; Laiou, 1993, 818, 820, 821, 822, Шене -
Флизен, 2010, 288 – 296).
И покрај тоа што селскостопанските имоти биле основа на богатството на државата, на
аристократијата и на мнозинството од населението ‒ селаните, во Империјата имало и
многу и богати градови. Населението на Константинопол пред 1204 г., достигнало
според некои проценки околу 400 000 - 500 000, а потоа било во постојано опаѓање.
Најголемите градови во XIV в. биле Константинопол и Солун со по 100 000 население.
Пред 1453 г. Константинопол имал само околу 60 – 70 000.

111
Во XIV в. градовите во Византија постепено се здобиваат со различни видови
административна и даночна автономија.
Поголемиот дел од градските жители биле сиромашни луѓе и ситни сопственици (а во
морските градови голем дел од населението го сочинувале и морнарите), но со време
сѐ поголемо значење ќе добиваат трговците.
Империјата се идентификувала со својот прв град – Новиот Рим. Константинопол бил
срцето и главата на империјата, и пример за имитирање од сите градови во Империјата.
Во центарот на Константинопол се наоѓале, императорскиот дворец, хиподромот, Света
Софија. Постепено императорскиот дворец бил напуштен и заменет со дворецот
Влахерна на брегот на Златниот рог. Во централниот дел се наоѓале пазарите и
плоштадите каде луѓето се собирале за да слушнат вести, особено важен во градскиот
живот бил форумот (агората) на Константин.
Повеќето цркви и особено манастирите се наоѓале во поновиот дел од градот меѓу
Константиновиот и Теодосиевиот бедем. Овој простор никогаш не бил целосно заполнет
со градби. Индустриските и религиските градби биле сместени главно во крајните
квартови на градот.
Книжарниците биле сместени во центарот во близина до Августеонот што го направило
него омилено место за средби. Писарите се наоѓале на влезот на Света Софија. На
Агората или во дуќани меѓу големата палата и Константиновата агора имало пазар за
скапоцени работи – камења, бижутерија, а овде се наоѓале и лихварите. И покрај
големиот број дуќани имало и мноштво улични трговци, кои нуделе секакви стоки од
најобични до најскапи. Покрај нив по улиците имало бројни патувачки астролози,
магионичари и гатачи.
Во градот имало мноштво градини и паркови во кои мажите можеле да одмараат од
толпите и шумот. Странците – главно од Италија живееле покрај брегот на Златниот рог,
каде ја извршувале својата трговија.
Уште од доцната антика (од императорот Зенон) улиците во Константинопол не смееле
да бидат потесни од 3.7 метри, но во реалноста дури и во крајните квартови главните
улици биле широки по 5 метри, а дури и во гетото улиците никогаш не биле потесни од
3 метри. Константинопол кој располагал со голем простор меѓу своите бедеми можел да
си дозволи таков раскош, повеќето градови во провинциите не можеле да одржуват
толку висок стандард и улиците често биле тесни.
Балконите во столицата не смееле да бидат пониско под 4.6 метри и на 3,3 метри
оддалеченост од ѕидот на спротивната куќа. Во Константинопол било забрането една
куќа да ја попречува светлината на друга или да ѝ смета на погледот кон морето или кон
некоја позната статуа.
Повеќето куќи се градени од тули, а за палатите се користел уште камен и мермер. Често
таванот бил рамен и служел за тераса.
Во помалите градови се граделе повисоки куќи, но такви имало и во големите градови.
Нивниот прв кат биле без прозори кон улицата, за поголема безбедност. Кога имале
внатрешен двор, првиот кат имал прозори свртени кон дворот.
Куќите биле градени околу една централна соба која служела за примање на гости. Во
неа имало колони од мермер, камен или дрво кои го држеле вториот кат. На првиот кат
обично имало повеќе од една соба за преку ден. Ѕидовите биле често украсени со слики,
крстови или религиски текстови. Приземните соби биле користени повеќе од мажите. На
највисокиот кат, каде бил нај заштитениот дел од куќата, живееле жените и децата. На
горните катови како и на терасите се ставале прозори со стакла, кои биле заштитувани
со капаци. Пред прозорите започнале да прават мали места за седење обезбедени со
железни огради и така се развиваат терасите, кои станале извонредно популарни.

112
Зимно време се отоплувала само една соба каде престојувале сите. Повеќето луѓе се
грееле на отворени или затворени печки со дрвен јаглен. Во богатите куќи имало
централно греење во стилот на античкиот римски хипокауст. Поради опасноста од
пожари и високата цена на каменито јаглен во Константинопол повеќето фамилии не
готвеле дома туку во големи општествени кујни каде фурните биле така направени што
со мала количина јаглен да се готват истовремено повеќе јадеа. Многумина јаделе и во
јавните кујни.
Секоја куќа имала тоалети , кои се истурале веројатно во морето.
Богатите куќи имале свои бањи. За посиромашните имало голем број општествени
бањи. Тие биле како римските и турските Мажите се бањале преку ден, а жените
навечер. Во Константинопол имало голем број на бањи, но такви имало и по градовите
во провинциите. Тие претставувале импозантни градби. Бањата била важна градба –
често тие во Константинопол се граделе или реновирале од императорите, а следејќи
го нивниот пример локалните аристократи граделе такви бањи во градовите низ
империјата. Постоеле и бањи во селските места на места каде имало термални извори.
Водата се затоплувала во бронзени бојлери и донесувана преку цевки во бањата.
Бањата имала ладен и топол пливачки базен како и настрана топла вода за капење. Да
се искапеш два пати на ден се сметало за нормално додека три пати – претераност.
Се користеле кревети за спиење, макар најсиромашните да спиеле врз купка слама или
сено на земјата.
Во крајните делови на Константинопол, но и покрај големата палата имало гето,
сиромашки квартови. Маса луѓе постојано доаѓале да бараат среќа во Константинопол,
често спиеле по улиците или во мали колиби во сиромашките квартови.
Низ улиците врвеле коли понекогаш богато украсени и со позлатени тркала, со коњи или
мулиња, кои можеле исто да бидат богато украсени. Госпоѓите се возеле на кочии или
биле носени на носилки и пред нив оделе евнуси кои го расчистувале патот. Господата
обично јавале на коњ богато украсен со злато и везено седло. Во градот пред нив одел
слуга со стап кој им го отворал патот.
Провинциските градови отстапувале на Константинопол и имале малку од неговиот до
голема степен сочуван антички вид – многу од нив биле уништени или напуштени за
време на раниот среден век, а други биле сосема, нови. Такви како Солун и Никеја биле
во малцинство. Затоа повеќето провинциски градови без разлика на својот стремеж да
ја имитираат столицата имале препознатлив средновековен изглед – голем дел биле
всушност тврдини со многу ограничен простор за градење, што се одразило на ширината
на улиците. Сите без исклучок задржале многу силна врска со селото и голем дел од
граѓаните продолжиле да се бават со земјоделство. И покрај обновата на градскиот
живот и занаетите во провинциските градови во XI и XII в. престолнината продолжува
да држи монопол во повеќе занаети за производство на луксузни стоки.

10.4. Семејството и бракот


(Основна литература: Rice, 1967, 141 – 190; Macrides, 2008, 650 – 660; James, 2008,
645 – 650).
Семејството било основната единица на ромејското општество, не индивидуата.
Животот и во селото и во градот се одвивал основно во и околу фамилијата. Таа се
јавувала и основна економска и даночна единица. Иако во строга смисла фамилијата се
состоела од родителите и децата, во Новиот Рим таа се разбирала и пошироко – како
роднинство, поширок круг од луѓе кон кои човек можел да се обрати за помош. Освен
крвните врски биле многу важни и другите, кои се добивале преку брак или преку
крштевањето. Кумот имал многу голема улога, како втор татко, кој ја преземал улогата
на таткото при негова смрт и бил одговорен за духовното воспитание на детето. Често

113
за кумови биле земани богати и влијателни луѓе и така посиромашната фамилија
влегувала во поблиски односи со нив, создавајќи врски кои потсеќаат до некаде на
некогашните клиентски односи во Стариот Рим. Моќните фамилии така ја ширеле базата
на своето влијание и поддршка, а посиромашните –добивале заштита. Издигнувањето
на деца од сиромашно потекло но кои поради своите способности биле помогнати и
препорачани во државна служба од нивните влијателни кумови, не биле ретка појава.
Успешната кариера на такво дете им давала мноштво предности на неговите роднини и
углед и врски на оние што го препорачале.
Глава на фамилијата бил мажот. Мажот бил и главна производствена единица и ја
произведувал основната храна неопходна за преживување на семејството – житариците
и крупниот добиток, а го градел и одржувал и домот. Мажите исто биле врска меѓу
надворешниот свет и семејството и се јавувале заштитници на жените и децата во него.
Поради тоа мажот, освен ако не бил хендикепиран, болен или стар никогаш не бил објект
на специјална грижа на општеството; грижа се јавувале сиромашните, болните,
сираците и вдовиците - не вдовците. Затоа клучно за секоја жена било да има маж, кој
може да обезбеди исхрана, засолниште и заштита, а преку тоа и положба во
општеството. Загубата на мажот обично значело осиромашување на семејството и
можело да се претвори во вистинска катастрофа. За девојките кои не можеле да најдат
сопруг или пак не сакале да иeмаат таков останувала како опција замонашувањето.
Некои луѓе останувале без семејство и поради економски причини.
Занимањето на жените зависело од нивниот социјален статус. Но генерално тие се
бавеле со подготовката на храната и на облеката, организирањето на домаќинството и
одгледувањето на децата. Некои се бавеле и со трговија со ткаенини и облека, а
најбогатите можеле да бидат и мецени.
Христијанство силно го подигнало угледот на жената преку зголемувањето значењето
на бракот и семејството и особено преку ограничувањето на разводите. Во пред
христијанскиот период било дозволено мажите да ги остават жените ,ако така посакаат
и жените морале да се вратат назад кај нивните родители, губејќи го својот општествен
статус. Сега тоа било речиси невозможно. Затоа помагала црковната и државната
поддршка на бракот.
Од Х в. црквата имала монопол во создавањето на браковите и голема улога во
регулирањето на посинувањата и разводите.
Црквата дозволувала развод само при прељуба. Државата дозволувала и по заемна
согласност, при заразување со опасна нелечива болест како лепра, при обид сопругата
да го убие сопругот, а исто и доколку бракот бил несексуален во тек на две години.
Сексот се разгледувал како должност на двајцата сопружници еден спрема друг и
откажувањето на сексуален однос на партнерот било неприфатливо освен по заемна
согласност и со аскетски цели. За разлика од дуалистичките учења, христијанската
црква имала позитивен однос спрема сексуалните односи, доколку се извршувале во
рамките на бракот. Одвратноста кон сексот и неговото третирање како нечист биле
остро осудувани.
Првиот брак претставувал голема свеченост - се склучувал во црква и личел на царско
крунисување. Црквата била против втор брак без да го забранува, но тој се склучувал
несвечено и како покајание на грешници. Трет брак се допушптал, но со мноштво казни
и ограничувања. Четврт бил допуштан само за владетелите и тоа во извонредна
ситуација, кога немањето машки наследник можело да доведе до граѓанска војна.
Мирјаните кои би заклучиле четврт брак ги чекала екскомуникација од црквата.
Свршувачката се вршела од родителите, често уште кога децата биле мали. Изборот на
партнер бил ограничен од црквата така да исклучувал блиски роднини до трети
братучеди, како и блиски роднини по кумска линија. Сепак луѓето често се труделе да ги
заобиколат овие забрани со цел да го сочуваат имотот во рамките на потесната
фамилија и за создавање важни политички брачно сојузи. Разбирливо таквите појави

114
биле далеку покарактерни за аристократските фамилии. Свршувачката се придржувала
од пишан договор. Подолгиот период пред бракот овозможувал младите да се запознаат
добро меѓу себе како и фамилиите и одрано да навикнат кој е нивниот брачен партнер,
но неретко тие не се имале видно до свадбата.
Бракот исто се склучувал рано, но било нелегално тоа да се прави на 14 годишна и
помала возраст за момчиња и 12 – за девојчиња, иако и такви случаи имало. Причината
за раните бракови била честата рана смрт на родителите, која ги потикнувала
родителите да сакаат да го обезбедат животот на своите деца додека се сеуште живи.
Регистрите на Димитар Хоматијан од XIII в. ни покажуваат на пример дека 40 % од
причинтие за прекинување на првиот брак било смрта на едниот партнер.
Пред свадбата се праќале пишани покани, а куќата се украсувала. Гостите биле
облечени во бело. Младичот доаѓал со музика да ја види невестата. Невестата го
дочекувала во богата извезена облека. Кога идниот сопруг се приближел таа ја кревала
марамата за да ја види – неретко тоа било прво видување. Лицето на невестата било
силно нашминкано – користењето на густи слоеви шминка било израз на богатство и
убавина. Потоа сите заедно оделе кон црквата, а по патот луѓето од терасите им фрлале
цвеќиња. Во црква се венчавале на начин каков се практикува и денес во православната
црква, а потоа се враќале по истата улица назад. Мажот ѝ давал на сопругата прстен и
појас. Обично на прстенот имало крст, маж и жена и натпис или пак - Христос како
крунисува маж и жена. Се ставал и натпис со зборот „Хомонија“ – договор, согласие,
мир, хармонија. Појасите биле со монети или дискови а еден поголем стоел напред и по
можност бил од злато. На главниот диск бил Христос меѓу двајцата и натпис: „Од Бога
единство, блаженство, здравје“.
Потоа продолжувале со славење, јадење и пиење при што мажите и жените биле на
посебни маси. Гостите ги испраќале младите до нивната спална соба, а на сабајле ги
буделе со песни.
Од XI в. започнале да прават и свадбен договор потпишуван од сведоци, но тоа не било
задолжително. Во Византија освен пишан договор и тестамент за законска се сметала
и изјава дадена усно пред двајца сведоци.
Децата се сметале за најголемо задоволство на животот (Кекавмен), а нивниот голем
број – за благослов. Исклучок биле дуалистичките општества на павликјани и богомили
според кои децата биле нешто одвратно и продолжение на делото на сатаната во
светот. Децата се јавувале и пензиското осигурување на родителите. Децата биле и
црковно и законски задолжени да ги почитуваат своите родители и да се грижат за нив
додека се тие живи. Старите луѓе без деца требало да бараат засолниште во манастири
или богати фамилии.
Според објектите кои се произведувале и употребувале во византиските семејства тие
ја испреварувале Западна Европа со неколку векови.
За одгледувањето и базичното образование на децата биле одговорни жените. Детето
обично ги добивало сите неопходни животни умеења во рамките на семејството –
земјоделски, занаетчиски или сточарски. Понекогаш биле давани кај мајстори да
чиракуваат. Децата на побогатите добивале образование. Тоа било достапно и за
посиромашни доколку имало побогат заштитник или направело кариера во црквата.
Децата имале одредена заштита од законот и секое дете требало да добие дел од
наследството на своите родители иако процентот зависел од бројот на децата, редот на
склучување брак и волјата на родителите.
Се правеле и играчки за децата, но во Византија тие морале да пораснуваат многу
побрзо од денес и соодветно се употребувале многу пократко. За момчињата – дрвени
коли со коњи, камени или дрвени модели на куќи, топки и сл. За девојчињата – восок,
пластелин или глина за правење фигури.

115
10.4.1. Улогата на жените
(Основна литература: Rice, 1967, 141 – 190; James, 2008, 645 – 650; Laiou, 1993, 815,
817, 830)
Макар во јавниот општествен живот мажите да доминирале, а жените да играле
индиректна и секундарна улога, но реално внатре во фамилијата тие играле основна
улога. Сопругот обично бил отсутен во текот на денот и од него се очекувала
интервенција по прашања кои не можеле да се решат без него. Имајќи во предвид дека
семејството имало основна улога во животот во империјата тоа ни ја покажува клучната
улога на жената во ромејското општество и особено во секојдневниот живот на обичниот
човек. Жените често управувале со семејствата и тоа легално било дозволено. Мажите
покажувале голема почит спрема жените особено спрема своите мајки.
Општеството немало капацитет да им обезбеди доволно безбедност на жените надвор
од нивниот дом и затоа се почитувале одредени „правила за безбедност“. Тие почесто
излегувале со придружба во градовите и по можност – дење. Кога излегувале надвор
требало да носат шамии, а во градовите и да си ги покриваат лицата со марама. Тие
имале право да учествуваат во јавните церемонии организирани за официјални црковни
празници или од императорот, но не и во јавни забави како театри и натпревари на
хиподромот. Во црква имале свое посебно место во галериите одделно од мажите. Кога
оделе на јавна бања многу од нив носеле костими за капење, за да не се бањаат голи.
Внатре во домот, кога доаѓале гости, тие обично не присуствувале на трпезата. Во
женските одаи имале право да влегуваат само мажи роднини и евнуси – од последната
категорија се одбирале и машките слуги на побогатите госпоѓи. Кога богатите жени
излегувале надвор секој пат имале придружба од слуга - евнух.
Со тек на време улогата на жените се засилувала заедно со нивниот правен статус.
Жените играле важна ролја во доцновизантиското општество. Имотот и дури фамилиите
можеле да се раководат и владеат од жени исто како од мажи, иако мажите како глава
на фамилијата биле типичниот случај. После смртта на мажот ако не се омажела жената
станувала сопственик и раководител на сѐ додека пораснат децата и тогаш таа се јавува
глава на семејството, а нејзините синови требало да ѝ се покоруваат. Законот не правел
разлика меѓи имоти поседувани од мажи и од жени. Немало разлика и во даночните
обврски меѓу имотите држени од жени и мажи. Жените и во градот и во селото обично
имале свој независен имот, најчесто во вид на чеиз (Laiou, 1993, 830). Жените имале
право и успешно настапувале во судот со различни барања – развод, имотни прашања
и сл. Ромејската жена генерално играла активна улога во економскиот живот на Новиот
Рим.
Администрирањето на сопственоста на аристократските фамилии изгледа се наоѓало во
рацете на жените. Во втората половина на XIV в. константинополските дами
започнуваат да се вклучуваат и во трговските операции инвестирајќи ги во нив
средствата од своите мирази, независно од законските ограничувања за користење на
чеизите во ризични операции (Laiou, 1993, 830). Многу жени се вклучувале во
производството и продажбата на плат и облека.
Некои жени-аристократки поседувале извонредно образование и биле покровители на
писатели, учени, богослови и уметници. Некои како Ана Комнина – биле писатели, иако
таквите биле исклучок. Извесен број жени, особено поблиските до царското семејство,
биле активно вклучени во политичките и религиски контроверзии на времето. Попознати
меѓу нив се Теодора Раулина (сестра на Михаил VIII), Ирина Хумнена Палеологина
(мајката на Јоан Кантакузин) и Ирина Палеологина (Laiou, 1993, 815, 817).
За жените кои не сакале да се мажат секогаш постоела можноста да станат монахињи.
Оние кои се бавеле со проституција имале можност да се откажат од својот занает и да
бидат примени во општеството. За целта постоеле повеќе „покајнички домови“ за такви
жени, а паметта на светици кои биле раскајани блудници како Марија Египетска била
многу почитувана.

116
10.5. Заедно во радост и тага
10.5.1. Забавата во градовите
(Основна литература: Rice, 1967, 141 – 190)
Забавата се одвивала главно на семејни и религиски празници. Во Константинопол кон
тоа се додавале и големи општествени процесии организирани од императорот или
црквата. Тие се одликувале со голем раскош и биле средство за засилување врската
меѓу императорот и народот, но и можност на народот да го покаже своето мислење за
императорот. Друга таква можност биле општите црковни служби, во кои императорите
присуствувале, а понекогаш и учествувале во некои сегменти.
Освен црковните празници имало и такви останати од паганството, како некои
карневали, празникот на зарежувањето на лозјата, палење огнови на нова месечина, на
Прочки и сл. Црквата се трудела да ги исчисти паганските елементи од таквите обичаи,
нив да ги претвори во христијански или да ги забрани со различна степен на успех. Во
карневалите учествувале повеќе патувачки глумци, магионичари, пејачи, танчери,
кловнови.
Своја функција продолжувал да има и театарот. Црквата гледала со недоверба на ова
уметност поради силното паганско наследство во него и одредени морални аспекти кои
биле под прашање. Со тек на време таа успеала да спречи организирање на театарски
претстави на црковни празници и во сабота и недела.
Ромејските танци биле повеќе во ориентален стил со ленти плат над глава и виткање на
телото; тие повеќе личеле на оние во Сирија, Персија и Индија, отколку на некогашните
грчки или римски танци.
Вид на забава за толпата биле казните и егзекуциите. Меѓу нив биле и оние на публично
понижување – на пример јавање на мулиња свртени назад со врзани раце во женски
алишта и целосно или на половина избричени глави.
Од XII в. големите колективни забави стануваат поретки, а започнуваат да
преовладуваат семејните и локалните.

10.5.2. Спорт
Центар на забавниот живот во столицата бил Хиподромот. Такви имало и по другите
градови. Најголем бил хиподромот во Константинопол кој собирал 40 000 гледачи. На
хиподромот се комбинирале натпреварите со коњи и коли со театрални забави –
настапувале танчари, глумци, акробати, кловнови, актери, магионичари, пејачи и сл. Тие
настапувале за време на паузите меѓу трките и ги забавувале гледачите во различните
отсеци на хиподромот. Некои од нив станувале ѕвезди и многу богати.
Натпреварите се правеле со кочии со четири коњи – квадриги. Многу императори самите
биле фанови, а некои како Константин VIII (1025 – 1028) држеле бронзени фигури или
портрети на своите омилени натпреварувачи.
Колку големо значење се давало на натпреварите се гледа од улогата што во нив ја
играле императорите. Одлуката за организирање натпревар се донесувала од
императорот два дена порано. На следниот ден се ставал натпис на влезот од
хиподромот. Императорот присуствувал лично и тоа облечен најофицијално со сите
државни знаци и седејќи на трон на својата специјална трибина, која била директно
поврзана со дворецот со посебен ходник. Тој и ги отворал натпреварите. Прво ги
благословувал присутните прекрстувајќи ги во три правци користејќи ги ракавите на
својата облека. Потоа давал знак за почеток од својата трибина со фрлање на бела крпа.

117
Веќе од ΧΙ в. и цариците можеле да ги гледаат натпреварите, но само од покривот на
една од црквите на дворецот, кој се наоѓал во соседство на хиподромот.
Во натпреварот имало 8 трки и во секоја учествувале по 4 коли. Секој натпреварувач
требало да заврши 7 кругови околу хиподромот. Победникот во секоја трка бил
крунисуван со круна од префектот на градот.
Натпреварувачите обично се регрутирале од побогатиот слој на работниците, но не била
реткост да учествуваат аристократи, а во минатото имало случаи да учествуваат и
императори (Х в.).
Катастрофата во 1204 г. става засекогаш крај на овие натпревари во Константинопол
макар во други градови тие да продолжиле.
Хиподромот се користел и за организирање на масовни религиски церемонии, кои
барале многу простор. Οвде често биле мачени и казнувани затвореници постигнувајќи
така истовремено забава за толпата но и испраќајќи порака до прекршителите на
законот.
Во Империјата се играло и Поло кое било земено до Персија уште во времето на
Теодосиј II (408 – 450) кој изградил во големата палата игралиште за Поло.
Во XII в. навлегува практиката на организирање на витешки турнири под западно
влијание.

10.5.3. Страдањата во животот и смртта


(Основна литература: Rice, 1967, 141 – 190)
Луѓето страдале освен од глад при неродни години, исто и од војни, епидемии и болести.
Имало добро организиран систем од болници. Секој град требало да има доволен број
лекари според бројката на населението. Секој град имал болници, сиропиталиште и
домови за сиромашни. На чело на нив стоел професионалец кој одговарал на префектот
на градот, а во Константинопол начело на најголемото сиропиталиште стоел човек со
титула Орфанотроф кој одговарал за својата служба директно пред императорот.
Често и црквите и манастирите згрижувале осамени вдовици и сираци, како и сиромашни
луѓе.
Императорот активно се бавел со благотворна дејност и згрижувал голем број сираци,
вдовици, инвалиди и сиромашни. Секој месец од државната благајна се делеле пари за
таа намена и тие се јавувале првиот трошок на царската благајна за месецот.
Милосрдието и делењето на милостина се сметало за важен дел од службата на
императорот, кој требало да настапува спрема своите најслаби поданици, слично на
Господ, кој се грижел за сите..
Поради опасностите од опсади сите жители во градот биле задолжени да чуваат залихи
храна за одреден период. Градовите се снабдувале со вода на различни начини. Вода
во Константинопол се доведувала со акведукти, но бидејќи тоа било ризично и можело
да се прекине во време на опсада биел изградени голем број големи цистерни за чување
на вода. Многу од нив и денес стојат, а во најголемите можел да плови мал брод. Една
од двете најспектакуларни била наречена од Турците Цистерна на 1001 колони.
Копањето кладенци, користењето извори, реки или вади што поминуваат, правењето
чешми било обичниот начини на снабдување со вода, но особено во тврдините се
правеле подземни цистерни за собирање на дождовна вода.
Погребувањето во градот било забрането. Сепак императори и истакнати личности биле
погребувани во поголеми цркви. И покрај забраната крај многу градски цркви се
оформиле гробишта. Погребувањето се вршело во дрвен ковчег. Гробот се обележувал
со камен со натпис – името на починатиот и добри желби, а понекогаш и портрет. По

118
селата таквиот украс го имало многу помалку и можело да се сведува до камен со крст.
Обично при погребите биле изнајмувани оплакувачки. При тагување сите освен
императорот носеле црно. Императорот носле бело.

10.5.4. Верски живот


Верскиот живот се одвивал во семејството и особено во и околу црквата. Освен
големите празници, кои ги имало повеќе, важен ден била секоја недела. Центарот на
празнувањето била литургиската служба која со вековите станувала сѐ побогата.
Црковната служба била еден од главните општествени настани и место на кое луѓето се
среќавале. Поголемите и богати храмови организирале свои братства, кои се грижеле
за црквите и за организирање на особено важните за заедницата празници или за
вршење на хуманитарна дејност. Важен таков празник се јавувал празникот на патронот
на црквата. Во селата обично тоа се претворал и во празник на селото. Во такви случаи
се организирале славења и панаѓири, кои освен за веселба служеле и за пазари за
размена на стока. Во црквите се извршувале сите клучни обреди поврзани со животот и
смртта на поединецот. Црковниот календар го одредувал и начинот на исхрана – преку
воспоставување на различни пости – 4 големи во текот на годината (најголемиот
Велигденски, Божиќен, Птровденски и Богородичен), како и секоја среда и петок (за
монасите и во понеделник). Со тек на време овие пости станувале сѐ подолги и накрја
опфаќале повеќе од половината денови во годината. Празниците, како и постењето биле
сообразени со годишниот циклус на земјоделската работа и сезонската храна и затоа
најголем дел бил концентриран во неработните зимски месеци (декември и јануари).
Црковните служби биле така организирани што во тек на една година верникот ја
преживувал целата верска историја и го слушал целиот Нов завет (без апокалипсата), а
од Стариот Завет - Псалмите и добар дел од Пророците.
Одењето на поклоничко патување било честа практика – не секогаш до Светите земји,
но до некои поблиски места – цркви и манастири со мошти на светци и други свети
реликвии. Од XI в. особено се засилило патувањето на западни поклоници до Светите
места. Оние кои поминувале по сувоземните патишта носеле добар приход на градовите
и селата низ кои поминувале, а за нивно згрижување имало и многу анови.

10.6. Исхрана
Византиските навики во јадењето биле послични на современите отколку на оние во
средновековна Европа. Постите се почитувале строго. Се јадело три пати на ден.
Надвор од постите во поимотните семејства се ставале по три јадења: предјадења
следени од риба со сос, или пак печено месо, а на крајот се давало нешто благо. Имало
голем избор од храни, но основна улога играле житариците од кои се правел леб,
баници, каши. Важна улога имало свинското и рибата. Се правеле секакви чорби,
салати, плодови (свежи и сушени), сирења, габи. Се употребувал на големо зејтин од
маслинки, а за пиење - многу вино (нај посакуваното било она од островот Хиос).
Монасите во Империјата за разлика од оние на Запад или во посеверните земји воопшто
не јаделе месо. На бебињата во X в. им давале – каша од јачмен, мед и вода. Храната
на децата се состоела од житарици, малку бело вино и овошја и зеленчуци. Месо не им
се давало додека не навршеле 10 г.
Многу од видовите храна употребувани во Новиот Рим биле наследени и развиени
подоцна од Османлиите и така се имаат зачувано до денес – како мусака, кебап,
ќофтиња, баници и т.н. Се разбира истите не ги содржеле зеленчуците што биле
подоцна донесени од Америка како компири, грав, домати, пиперки и пченка. Но во
Империјата одгледувале голем број земјоделски култури – наут, леќа, папуда, грашок,
маслинки, пченица, јачмен, просо, овес, репа, цвекло, земна јаболка, кромид, праз, лук,
спанак, лапат, киселец, а пред крајот на империјата – ориз и патлиџан. Особено богата

119
била Империјата на риба – медитеранска, црноморска, речни езерска (рибата од
Охридското езеро било солена и така продавана подалеку од езерото). Нејзините
планини и пасишта овозможувле одгледување на секаков ситен и крупен добиток.
Храната се сервирала во чисти садови покриени со чисти и често везени крпи. Се
обраќало големо внимание на изгледот на храната. Луѓето ги сменувале своите чевли
за надвор пред да влезат во трапезаријата. Се користеле столови, макар империската
фамилија при банкет да употребувала сеуште кревети според античкиот обичај.
Јадењето започнувало со молитва од свештеникот или главата на семејството. Во
манастирите за време на јадењето еден монах читал мудри и побожни текстови. Се
јадело повеќе со раце, макар да биле во употреба и ножеви и виљушки и лажици.
Виљушките биле внесени од Исток и преку Империјата биле пренесени на Запад во
крајот на Х в.

11. ДУХОВЕН И КУЛТУРЕН ЖИВОТ


11.1. Образованието во Византија
(Основна литература: Markopoulos, 2008, 785- 791)
Образованието во Империјата на Новиот Рим во сите основни елементи го следи
образовниот систем наследен од антиката. Иако образованоста била многу почеста
отколку во Западна Европа сепак таа била релативно ретка и привилегирана положба и
затоа образованието било високо вреднувано.
Тоа било на две основни нивоа – базично и напредно. Второто поделено во Тривиум и
Квадриум. Високо образование можело да се најде само во големите градови и во
доцниот период зависело од иницијативата и поддршката од истакнати државници и
некои императори. Без разлика на тоа Империјата ја зачувала образованоста без
прекини до својот крај.
Образованието зависело од изборот на детето – секое слободно родено дете по
принцип имало право на такво. Се разбира бидејќи училиштата биле приватни, тоа
зависело и до финансиските можности и волјата на родителите. Училишната такса
зависела од репутацијата на учителот и можела да биде и прилично висока. Повремено
императорската благајна или патријаршијата давала финансиска поддршка на одделни
учители, но таа ретко била голема или редовна помош и често била во натура – брашно
или слично.
Во некои случаи училишта се основале на иницијатива и на издршка на императорот,
каков на пример бил случајот со домот за сираци Свети Павле. Повеќе манастири
предлагале базично образование за идни монаси или свештеници. Побогатите фамилии
можеле да обезбедат и домашно образование за своите синови и ќерки. Децата што
посетувале училишта претставувале релативно мал процент од младата генерација.
Додека базичната писменост била релативно широко распространета, бројката на
високо образовани луѓе била ограничена.
Почетното образование ги учело децата на читање, пишување и сметање, и ги вежбало
во паметење преку учење на памет на хомерови стихови. Тоа започнувало на 6-8
годишна возраст и траело 3 – 4 години. Учителот во почетното образование бил познат
како граматис, педагог или детски даскал. Учениците користеле стилус за да ги пишуваат
вежбите врз скршени парчиња од глинени садови или врз дрвени таблети познати како
схедариа. Најдобрите таблети биле покриени со восок, но други можеле повремено да
се покриваат со тенок слој кал или песок и учениците да пишуваат со прст или нокот.
Основна книга бил Псалтирот, но се употребувале и друго книги. Бидејќи книгите биле
многу скапи и ретки, се учело на глас и на паметење. Сметањето се учело со помошта
на прстите или мали камчиња за елементарни пресметки. Се употребувале и абакус –

120
табло со дупки кои одговарале на одредени бројки. До крајот на Империјата за бројки се
употребувале грчките букви (види Практикумот).
Повисокото ниво на образование се водело од учител нарекуван Граматик или мајстор.
Тоа било најважниот дел од образованието, кој траел најмалку 4 години и обично на
возраст меѓу 12 и 16 г. Новите ученици биле учени од перфекти – „школски екрити“ кои
имале збор и во раководењето на училиштето. Граматикот ја надгледувал работата на
екритите и напредокот на новите ученици, но ги учел само постарите ученици. Иако
имало и училишта со покомплициран систем, обично училиштето се создавало на
приватна иницијатива на одделен граматик.
Додека начелните училишта се одржувале често во цркви и манастири, второто ниво на
образование било сместено во центтрите на градовите. Занимањата траеле цел ден и
присуството било задолжително.
Второто ниво било организирано во тривиум: граматика, реторика и логика, и квадриум:
аритметика, музика, геометрија и астрономија. Основни лектири биле Хомеровата
Илијада и поретко Одисеја, девет антички трагедии по три од класиците: Есхил
(Персијанци, Окованиот Прометеј, Седмината против Теба), Софокле (Ајакс, електра,
Крал Едип) и Еврипид (Хекуба, Орест, Феникијци). Се изучувале и три комедии од
Аристофан (Богати, Облаци, Жабите), Хезиод, Пиндар, Теокрит, диалози од Лукиан,
говори на Демостен и Есхил, дијалози на Платон, Ксенофон, Филострат, Елијан,
Давидовите Псалми, поеми од Григориј Назијанзин и др.
Клучен учебник по граматика бил Техне Граматике (Уметноста на Граматиката) од
Дионисиос Тракс, но исто популарни биле Каноните на Теодосиј од Александрија и
граматиката на Георги Хоиробоск. Од крајот на Х в. биле разработени нови техники на
обука познати како шедографија, во која учителот ги учел учениците на правилен
изговор и на граматичките правила преку комбинации од игри на зборови и загатки.
На реториката се гледало како на нај важната компонента од второто ниво на
образованието. Клучни методи за нејзиното изучување биле вежби познати како
прогимназимата, кои имале за цел да го извежбаат ученикот да составува кратки
текстови на теми од древната хеленска митологија, за потеклото на познати изреки, или
еулогии (пофални говори) во чест на историски или митски карактери, или споредба на
личности или настани со спротивни квалитети. Меѓу најпопуларните форми на
прогимназмата биле етхопотиа – имитирање на конкретен карактер или екфрасис – опис
на дело на уметноста или градба. Основен учебник за реториката бил оној на Хермоген
од Тарс (II в. Хр.), но имало и други, од кои најважен бил оној од Антониос од Антиохија
(IV в. Хр.)
Математиката била изучавана или како самостоен предмет или во комбинација со
астрономијата. Најпопуларен учебник по математика во Византија бил оној на
Никомахус од Гераса (II в. Хр.). Евклид бил користен како основен изучување на за
геометрија заедно со мноштвото коментари кои биле додадени на неговото дело од
антиката. Други такви биле Математичките композиции на Птолемеј и Феномени на
Аратос.
Ромеите исто напишале немал број важни теоретски трудови поврзани со квадриумот
меѓу кои се истакнува Четрикнижието на Георги Пахимер.
На второто ниво на образование учениците пишувале на папирус (во доцната антика) и
на пергамент (во средниот век), а од Х в. понатаму – на поевтината хартија. Се пишувало
со писалка од трска (каламус), која ја остреле и цепеле со специјален мал нож.
Меѓу ученици и учители често се создавале тесни врски кои продолжувале понатаму во
животот и учителите често се интересирале од напредокот на своите ученици, им
давале препораки за работа и им помагале на почетокот на нивните кариери, а
последните одржувале врски со своите учители. Учителите гледале на своите најдобри
студенти како на жива реклама за себе и своето училиште. Добро образованите ученици

121
можеле да заземат високи позиции во администрацијата создавајќи врски и протекција
на своите учители и училишта.
Поради важноста на образованието за доброто функционирање на администрацијата и
државата империјата уште во IV в. започнала да воведува стандарди в образованието.
Меѓутоа со општото опаѓање на образованието во средновековниот период државните
интервенции во таа област имале само привремен карактер, најпознат од кои е оној на
Константин IX Мономах. Понатаму црквата зазема сѐ поголема улога во образованието,
ќе биде создадено патријаршиско училиште и патријархот ќе именува 12 учители, 3 од
кои ги предавале соодветно Евангелието (познат и како вселенски учител), Посланијата
и Псалмите. Продолжило да постои и приватно високо образование подржувано од
дворецот. После 1204 г. и покрај тоа што продолжиле да постојат центри за повисоко
образование, тие никогаш нема да го достигнат нивото, а ниту степенот на организација
од претходниот период.

11.2. Книги и книжевност


(Шене - Флизен, 2010, 336 – 341; Митевски 2017, 76 – 79, 175 – 180)
Книгите се препишувале рачно, што ги правело многу скапи. Почесто се користеле за
Светото писмо и делата на Светите отци, и тие често биле богато украсувани со слики
и орнаменти во различни бои, кориците се правеле со опков од скапи метали и камења.
Некои претставувале вистински уметнички дела. Се пишувало на пергамент – изработен
од кожа, кој бил многу по траен, а од XI в. навлегува и хартијата. За економија на
пергамент или хартија се пишувало со минискул – ракописни мали букви. Се
препишувале или лично од образованите луѓе или во манастирите. Во Иперијата нема
да се развијат професионални скриптоиориуми за препишување книги. Дури и кога
ромејската култура го достигнала својот врв во XII в. образованите луѓе продолжувале
да се жалат од тоа дека книгите се тешко достапни.
Книгите биле на голема почит. Бидејќи биле тешко достапни, било вообичаено да се
читаат групно на јавни читања „во театри“.
Библиотеките биле мали. Приватните содржале по неколку десетици книги. Поголеми
имало во манастирите и кај образовани аристократи. На почетокот на XIII в. манастирот
во Св. Јован во Патмос имал 330 книги дел од кои со светска содржина. Во Цариград
постоеле поголеми библиотеки како онаа во дворецот и кај патријаршијата, или во
манастирот св. Јован во Патрион, но тие не биле достапни за секого. Дури и најголемите
библиотеки во доцна Византија далеку отстапувале од оние во антиката. Подароци како
оној што го направил Висарион на Венеција после падот на Империјата во 1468 г., а кој
се состоел до 500 ракописи биле навистина ретки.
Високо образованите луѓе одржувале активна кореспонденција меѓу себе, при што во
своите писма ги вложувале целата своја образованост, интелектуални размислувања и
духовни барања. Писмата на најдобрите понекогаш биле собирани во зборници и така
препишувани и читани, како што бил на пример случајот со Охридскиот архиепископ
Теофилакт.
Тоа што книгите биле тешко достапни ќе биде дополнителна причина за силен развој на
усната уметност. Во XI в. во Мала Азија се појавува епот за Дигенис Акритис, кој изгледа
ќе повлијае подоцна и за развојот на епот за Марко Крале во Македонија и пошироко на
Балканот (Митевски 2017, 76 – 79, 175 – 180).

11.3. Полет на монаштвото и влијание на монаштвото во доцно-византиската


култура

122
(Основна литература: Papadakis – Mayendorff, 1994, 267, 270-272, 279, 278, 268, 269,
306; Detrez, 2013, 25-26; Gregorae, 1829, 116; Cantacuzeni, 1828, 429, 23 – 430, 2)
Во XIII в., кога империјата се распаднала и црквата се нашла во тешка криза, често
монасите ќе бидат единствените говорители на православните, организатори на
духовниот живот и отпор и ќе бидат прва линија на борбата против западното влијание,
поради кое пострадале и тие и нивните манастири. После реставрацијата на Империјата
монасите ќе бидат главна сила и водачи на опозицијата против унијатските стремежи на
некои императори. После XIII в. монаштвото и црквата се сила со која сѐ послабата
држава не можела да си дозволи да се конфронтира или да ја игнорира. Монаштвото
играло клучна улога и во арсенитското движење, кое ќе стигне дури до таму да ја
потценува црковната хиерархија.
Монаштвото играло голема ролја во културниот и духовен живот на Империјата и
порано, но сега, особено по загубата на престолнината во 1204 г. улогата на културен
двигател ќе биде преземена од манастирите. Црквите стануваат помали и интимни со
поголем акцент на мистицизмот. Во доцниот среден век православната култура добива
сѐ повеќе монашки вид, се градат повеќе монашки цркви отколку мирјански и црковната
архитектура добива повеќе монашки и интимен вид.
Монаштвото играло улога на поврзувачка сила. Манастирите биле главни центри на
културна размена, во нив се среќаваат и живеат монаси од секакви народности и земји.
Тие биле главни центри за распространување на ракописи, во што Света Гора ќе игра
најважна улога. Скоро сите истакнати автори и духовници во доцниот среден век на
Балканот биле монаси. Растењето на значењето на монаштвото јасно се одразило во
фактот дека од крајот на XIII в. сите цариградски патријарси со исклучок на Јоан Глика
(1315 – 1319) и Јоан Калекас (1334 – 1347) биле монаси. Тоа јасно се гледа и од фактот
дека меѓу 1312 и 1315 г. Света Гора била префрлена од имперска контрола под контрола
на Цариградскиот патријарх и останала таква до денес. Улога на монаштвото се
засилува уште повеќе после победата на исихазмот во Новиот Рим во средината на XIV
в., и од средините на исихастите биле избирани поглавари, митрополити и епископи, а
владетелите си земаат за советници исихасти. Исихасти и блиски и соработници на Св.
Григориј Палама биле патријарсите: „Исидор (1347 – 1350), Калист (1350 – 1353, 1355 –
1363), Филотеј Кокинос (1353-1354, 1364 – 1376) и др. (Papadakis – Mayendorff, 1994, 279,
278, 268, 269, 306).
Исхастичкото движење по својот ентузијазам и ефект наликува на клиниевското
движење на Запад, без неговата централизирана структура организирана околу еден
манастир, туку обединувачко било општото учење, цели и ентузијазмот. Меѓу 1350 –
1450 г. имено Света Гора била духовниот дом на ова меѓународно движење. До крајот
на XIV в. практиките и богословието на ромејскиот исихазам биле прифатени во целото
православие – Руските кнежевства, Бугарија, Србија, Охрид, создавајќи богата
космополитска култура и засилувајќи ја образованоста, ученоста и духовниот
ентузијазам, влијаејќи далеку надвор од манастирските ѕидови. Исихастите создаваат
меѓународна мрежа од меѓусебно поврзани дејци, обединети не само во идеите, но и
преку своето чиракување во Света Гора, личните врски и познанства и кои често
одржувале потоа кореспонденција помеѓу себе (Papadakis – Mayendorff, 1994, 306 – 307).
Тоа во XIV в. ќе создаде чувство за над-етничка православна солидарност, во чиј центар
постепено застанува цариградскиот патријарх, кој ја заменува улогата на императорот,
чија Империја полека пропаѓа. Во врска со битката кај Велбужд меѓу бугарскиот и
српскиот владетел во 1330 г. византиските автори Никифор Григора и Јоан Катакузин ќе
забележат дека меѓу православните на Балканот постои „строго правило“ и „обичај
базиран врз еднаквоста на верата“, кој им забранува да се убиваат надвор од битка и
„дека е неправилно за нив да се заробуваат еден друг зашто се сонародници
(ομοφύλους)” (Gregorae, 1829, 116; Cantacuzeni, 1828, 429, 23 – 430, 2). Ова чувство за
припадност кон единствен православен народ со општа споделена солидарност, дури

123
кога се живее во различни земји се јавува прототип на подоцнежната „мултиетничка и
супраетничка“ „популарна протонација“ на Рум-милетот (Detrez, 2013, 25-26).
Паелеолшката и исихастичката ренесанса не се ограничуваат само во Империјата туку
ги опфаќа сите православни балкански земји и се јасно демонстриранани во новите
манастирски градби. Во Трново патријарх Евтимиј исихаст, ќе изврши јазична и
литургиска реформа која ќе има големо влијание во словенскиот православен свет. Тој
организира чистење во литургиските книги – поправање на преводите според нивните
оригинали. Го прима ромејскиот висок реторички стил во новите книги и тој понатаму е
пренесен во Русија, каде станува познат како „плетение словес“ (плетење на
зборовите). Неговите ученици понатаму ќе ја рашират идејата за црковниот словенски
јазик како свет јазик и икона на вистината, овоплотување на светата традиција, јазик
различен од говорните словенски јазици, што ќе доведе до силен јазичен и текстуален
конзерватизам во словенските текстови во следните векови (Papadakis – Mayendorff,
1994, 267, 270-272).

11.4. Кодифицирање на литургиските текстови


(Основна литература: Papadakis – Mayendorff, 1994, 311- 314; Kazhdan et al, 1991, 3,
2132, 2133)
До Х в. постоеле две основни литургиски практики во Цариградската патријаршија –
катедрални и манастирски служби. Двете биле оформени во типици – едниот во Света
Софија, а другиот во Студитскиот манастир. И двете се развиваат и збогатуваат со
химни и молитви низ вековите. Паралелно во манастирот Св. Сава во Палестина се
создава Ерусалимскиот монашки типик, кој влегува во употреба во патријаршиите во
Ерусалим, Александрија и Антиохија. Истиот бил во употреба и на Балканот – во Солун,
Епир и Јужна Италија, а св. Климент го вовел во словенските етнички епископии во
Македонија и пошироко (Пентковский, 2016, 91). Од Х в. Цариградскиот студитски типик
се раширил во Бугарија и во Охридската архиепископија, а преку ширењето на
студитскиот тип монаштво почнува да се шири насекаде и првите типици на св. Гора
биле имено Студитски. Постепено ерусалимскиот типик започнува да преовладува. По
1204 г. кога рбет на црквата станува монаштвото катедралниот типик бил генерално
напуштен освен во Солун каде се задржува до падот под турска власт, а студитскиот
бил заменет од Ерусалимскиот. Ова ширење слично како и исихастичката обнова која
доаѓа во Империјата од Синајскиот манастир, ја покажува виталноста на православната
екумена, живоста и креативноста на сите нејзини делови. Настанува забележливо
засилување на монашките аспекти во литургиските практики на православната црква.
Еден од видливите ефекти бил организирањето на просторот во црквите во кои сега
конечно се наметнуваат високите иконостаси, кои го одделуваат олтарот од народот.
Преземањето на ерусалимскиот типик од Цариградската патријаршија и особено од
Света Гора, помага истиот да се наметне насекаде и така да се постигне природно
литургиско единство во целиот православен свет. Финален поттик за тоа бил даден
имено од исихазмот. Со тоа во крајот на XIV в. завршува развитокот на литургиските и
службени практики и тие го добиваат оној вид во кој се практикуваат денес (Papadakis –
Mayendorff, 1994, 311- 314; Kazhdan et al, 1991, 3, 2132, 2133).

11.5. Културни и идејни текови во доцна Византија


(Основна литература: Laiou, 1993, 824, 825-827; Gregory, 2005, 315; Papadakis –
Mayendorff, 1994, 293, 294, 296, 317, 318, 319; Шене - Флизен, 2010, 322 – 328, 350-360).
Сè поограничените можности за политичка реализација на образованата елита во XIV и
XV в. предизвикала пренасочување на интелектуалната енергија во сферата на науката
и уметноста. Затоа наспроти политичкото и економското опаѓање, империјата во тоа
време доживува вистински културна ренесанса. Од овој период се познати повеќе

124
интелектуалци како Теодор Метохит и Никифор Григора, Димитар Кидон, Максим
Плануд, Григориј Палама и мн. други. Се собираат и издаваат дела на антички автори
од областа на астрономијата, математиката и географијата, се создаваат нови дела.
Главни интелектуални центри биле Константинопол, Солун и Мистра (на Пелопонез), но
способни интелектуалци и уметници се појавуваат и во помалите градови. Како важен
духовен и уметнички центар се наметнала Света Гора. Важна улога играло
покровителството од императорите и аристократијата. Некои од најзначајните
уметнички дела и реконструкции на познати згради се извршуваат во овој период на
иницијатива и со помош на истакнати припадници на црквата, од аристократи, и членови
на императорската фамилија, а често како патрони се јавуваат и влијателни жени.
Мозаиците и фреските кои настануваат во XIV в. во Константинопол и Солун биле од
највисок квалитет.
Големата криза предизвикана од граѓанските војни ѝ нанесува силен удар на уметноста
и од втората половина на XIV в. монументалната и „скапа“ уметност е на исчезнување,
меѓутоа како компензација се развиваат „поевтини“ уметности особено сликарство –
украсување на манастирските цркви и илуминација на ракописи. Од тоа време се
зачувани ракописи со висока уметничка вредност. Ромејската култура во XIV в. имала
големо влијание надвор од границите на Империјата не само меѓу православните
Словени, Грузинци, Власи или во поранешните ромејски вледенија во Италија, но и на
запад преку нејзините уметници кои работеле во овие земји. Филозофот платонист
Георги Гемист Плитон, кој работел во Мистра, ќе го убеди фирентинскиот банкар Козимо
Медичи да отвори во Фиренца познатата Платонов академија. Повеќе ромејски
интелектуалци ќе предаваат на универзитетот во Фиренца во XIV и XV в. Емигрирањето
на повеќе интелектуалци од Импријата во Италија во текот на XV в. уште повеќе го
засилило тоа влијание и играло важна улога во развојот на италијанската и европската
ренесанса (Laiou, 1993, 824, 825-827; Gregory, 2005, 315).
Општо гледано времето на Палеолозите иако време на политичко опаѓање и слабеење
на државата, претставува време на активен духовен, интелектуален, културен и научен
живот. Тоа е време на процут на историографијата, се појавуваат капитални историски
дела како оние на Георги Акрополит, Никифор Григора, Јоан Кантакузин, а некои се
појавуваат дури и после падот на Новиот Рим – како оние на Критовул од Имброс,
Лаоник Халкокондил, Георги Сфранцес и Дука. Преоткриени биле многу антички научни
дела, вклучително Птолемеевата Географија и на нејзина база Максим Планудес во
1295 г. реконструира мапа на светот од Ирска до Кина. Неговите преводи на и од
латински ќе одиграат важна улога за преоткривањето на грчкиот јазик како и на повеќе
антички автори на Запад и за почетокот на Ренесансата. Автор е и на серија граматички,
математички и астрономски дела. Друг книжевник – Димитар Триклиниј открива дотогаш
непознати дури и за Ромеите 9 трагедии на Еврипид. Навлегуваат индиските цифри со
употребата на нула.
Од друга страна паралелно со големата политичка и економска криза империјата
доживува и идејна криза. Како последица од надмоќта на западните земји и падот на
Константинопол старата римска императорска идеја и самоидентификација која се
поставувала себе си на врвот на светската државната пирамида, била поколебана. Се
појавува силен стремеж во интелектуалните кругови да се разграничат од западот на
кого истовремено силно му завидуваат. Обидот за разграничување ќе биде направен
или преку верност кон православните патристички традиции и римскиот идентитет
(исихазмот) или преку пристрастување кон хеленската ученост и традиција. Втората се
интересирала повече од хеленската филозофија, отколку од чистото богословие.
Занесот кон хеленската ученост бил испреплетен со несвесно прифаќање на западното
влијание. Тоа нашло израз, на пример, во прифаќањето кај некои интелектуалци на
западното негирање на римската припадност и потекло на Империјата преку практиката
Ромеите да бидат дисквалификувани како наследници на Рим преку терминот Грци.
Хеленското име и идентитет кај ограничен круг интелектуалци се појавува прво како

125
последица од катастрофата од 1204 г. и брзиот распад на империјата во XIV в., кои
нанеле силен удар на римскиот идентитет и самодоверба. Такви интелектуалци особено
во XV в. ќе ги идентификуваат филозофијата, јазикот и културата на древна Хелада со
Новиот Рим и ќе се нарекуваат Хелени (збор кој во средновековна Византија обично
служел за означување на пагани) и со тоа реално го отфрлале супра-националниот
ромејски христијански идентитет одржуван од патријаршијата. Восхитот пред паганската
антика бил карактерен за луѓе како митрополитот на Никеја Висарион и Георги Гемист
Плетон. Последниот дури ќе го отфрли христијанството во корист на паганството.
Ова предимензионирање на хеленизмот претставувал очаен обид да се компензира
политичката и економска инфериорност преку повикување на интелектуална и
уметничка големина (Laiou, 1993, 825, 826).
Против таквото возвеличување на античката традиција настапувале влијателни
мислители од тоа време како Григориј Палама и други кои ја застапувале позицијата
дека „елинската мудрост“ не помагала за спасот на човекот, кој може да постигне вечен
живот и без неа, но не и преку неа.
Хеленската ученост и образование никогаш не биле отфрлени во Империјата;
аристотеловата логика се учела и применувала заедно со хеленските филозофи. Но за
разлика од Запад црквата во Новиот Рим не дозволила аристотеловата логика да се
претвори во основен метод за истражување на богословските вистини, нито да се
создаде нецрковен метафизички систем надвор од Откровението. Напротив - се
пројавува силна резервираност кон неоплатонизмот и серија осуди додадени во
Синодиконот во текот на XII в. биле насочени имено во таа насока.
Рамнотежата меѓу светски интелектуалци и богослови била задржана до почетокот на
Варлаамовата контроверза, кога Варлаам ќе ѝ даде на филозофијата и античката
ученост предно место во истражувањето на богословските проблеми. Неговата позиција
се базирала на мислењето дека бидејќи божествената реалност е недостапна за
човековиот ум, секое знаење за Бог е релативно, индиректно и симболичко и како такво
е подредено на филозофијата. Од тука започнува да се појавува одредено разидување
и дел од интелектуалците како Никифор Григора одат по сличен пат. Нивната тенденција
е да знаат за Бог преку својот интелект, наспроти барањето на исихастите да имаат
лично искуство со Бога, да Го запознаат Бог, преку очистување на срцето.
Следниот чекор бил направен со преводи на дела на западни богослови. Поттик за тоа
дал ненамерно Јоан Кантакузин, важна фигура во интелектуалниот живот во втората
половина на XIV в., творец, кој помагал и инспирирал повеќе интелектуалци, како Никола
Кавасила и Димитар Кидон. Со негова поддршка и охрабрување Димитар Кидон -
дипломат и несомнено најважниот преведувач на периодот, превел некои дела на Тома
Аквински. Тој и брат му Прохор биле првите кои ги направиле достапни за Ромеите
делата на Блажени Августин, Анселм од Кентарбери и Тома Аквински. Целта на
преводот не била ширење на Томизмот туку подготовка на православните богослови за
успешен дијалог со римокатолиците и за еден иден вселенски собор за надминување
поделбата во црквата – идеја на која Кантакузин бил искрено оддаден.
Независно од целта со која биле извршени, овие преводи ја засилиле поделбата која
веќе постоела кај дел од интелектуалците во врска со исихазмот. Особено делата на
Тома Аквински, во кои е изложена целосна теологија базирана на аристотеловата
филозофија, ќе се види прифатлива за дел од византиските интелектуалци по различни
причини.
Под влијание на преведените текстови се формира нова опозициска група анти-
паламити, кои се разликуваат од своите претходници Акиндин, Григора или дури
Варлаам имено по употребата на томизмот. Дел од нив, како Максим Хрисоверг, Прохор
Кидон и Мануил Калекас накрај ќе поминат во римо-католицизам. Неколкумина дури се
присоединиле кон Доминиканскиот ред на кој му припаѓал и Тома Аквински, некои
емигрираат во Италија со тек на времето, или пак остануваат и делуваат како активни

126
приврзаници на унијата со папата формирајќи го јадрото на Латинофилската партија во
доцна Византија. Последните се залагале за спогодба со Западното христијанство по
секоја цена и во тоа гледале единствен спас за Империјата пред налетот на
Османлиите.
Овие тенденции останале маргинални. Големото мнозинство интелектуалци останале
верни на патристичката традициија и на исихазмот. Тие исто ги дочекале преводите на
западни богослови позитивно, гледале на нив како средство да се запознаат со
ставовите на другата страна, и од тука како корисни во богословските преговори и
дипломатијата. Некој нашле за потребно да го побијат томизмот. Таков бил случајот со
Нил Кавасила, митрополит на Солун, исихаст, учител на браќата Кидон и чичко на
Никола Кавасила. Тој напишал аргументирано побивање на Томизмот и неговиот
схоластички метод карактерно со својата силна аргументација и образованоста на
авторот. Кон него треба да се додадат Јосиф Вриениј, Ангелус Панаретус, патријарх
Филотеос и Георги Воила. Други богослови не сметале дека треба да се обраќа толку
внимание на погрешноста на методологијата употребена од Тома Аквински, туку
следејќи ја традицијата, тие неговите толкувања ги побивале преку докази од Светото
Писмо и делата на светите Отци. Тоа била линијата на Никола Кавасила, кој не сметал
дека во преведените дела може да се најде мудрост, туку го базирал своето богословие
врз црковните отци и паламизмот.

12. ЗАОДОТ НА ИМПЕРИЈАТА


12.1. Јоан V Палеолог
(Основна литература: Острогорски , 1992, стр. 644-661, Радић, 1993, 249 – 460)
По граѓанската војна од средината на векот Империјата веќе е само мала и раскината
држава во опфатениот од економска криза Медитерански свет. Таа се состои од
Константинопол, Тракија, Солун и автономна Мореја во Европа и поедини егејски
острови и градови во Мала Азија. Благајната на Империјата е хронично празна,
управниот апарат - во целосно распаѓање, а териториите во Тракија биле економски
уништени. Тракија редовно пљачкана од Турците брзо паѓа во нивни раце. Положбата
била толку очајна што според рапортот на венецијанскиот претставник во
Константинопол од 1354 г. пред заканата на Турците и Џеновјаните Ромеите биле
спремни да го предадат Константинопол на Венецијанците, Србите или Бугарите, а
следната година во Венеција веќе се зборувало за анексија на Византија, која инаку
неизбежно би паднала под турска власт (Острогорски, 1992, 643, 644; Laiou, 1993, 827,
828).
Во безизлезна положба василевсот во 1355 г. му се обратил на папата со молба за 1000
војници и 500 коњаници, а во замена ветувал да ја прифати унијата и да го даде својот
втор син Мануил како заложник кај папата (Gregory, 2005, 317, 318). Јоан V како син на
западна принцеза изгледа искрено ја сакал унијата. Обидите да се блокира опасноста
од напад од Запад преку преговори за унија била инструмент со кој ромејските
императори се служеле уште од времето на Комнините. Со појавата на турската
опасност василевсите се обидувале да ги искористат преговорите за унија како начин
да добијат воена помош. Водени било од тешка неволја, било од свеста за својата улога
како лидери на целото христијанство и одговорни за неговото единство практично сите
императори во еден или друг момент започнувале такви преговори. Дури и Андроник II
кој ја прекинал Лионската унија во време на граѓанската војна се обратил за преговори
кон Рим, а и неговиот наследник Андроник III, исто така, водел такви преговори. Слично
направило и регентството на царицата Ана Савојска, и тоа изгледа сосема искрено, а и
еден толку православно ориентиран цар како Јоан Кантакузин во најтешките моменти
на своето владеење го направил истото. Се разбира, побудите биле различни: за едни
тоа било само политички маневар, за други искрена желба да се поврати единството на
црквата. Последните се делеле на две групи – едните биле спремни во името на

127
единството да одат до починување на Рим, а другите сакале да се обнови единството
на базата на старите принципи и положбата пред 1054 г. Така обидот на Јоан V не бил
нешто ново, тој се одликувал со очајот на владетелот и со големината и
нереалистичноста на ветувањата. Сепак, царот имал извесна поддршка ‒ во Империјата
постоела влијателна унијатска партија на чело со Димитар Кидон. Неумерените
предлози на Јоан V биле сосема нереалистични – папата ги пречекал ладно, а и самиот
Јоан брзо увидел дека нема моќ да ја наметне унијата во својата империја (Острогорски,
1992, стр. 645, 646).
Додека царската власт постојано слабеела онаа на црквата се зголемувала и
императорот немал сила да се наметне – само унија придружена со моментална
сериозна воена помош би можела да има шанси да помине , но помош од запад и така
не доаѓала- папите сомневајќи се во искреноста на Ромеите барале прво целосно
имплементирана унија а дури потоа – воена помош. Така преговорите се вртеле во
маѓепсан круг.
Очајниот цар барал поддршка насекаде – во Серското деспотство, во италијанските
градови и дури во Авињоњ. На крајот направил нешто невидено дотогаш, лично заминал
во странство – во 1366 г. отишол во Унгарија да бара помош. Сите молби за помош
добиле ист одговор – прво унија потоа помош. На враќање од Унгарија царот бил
задржан од Бугарите во Видин. Помош дошла неочекувано од братучедот на царот
Амадеј Савојски кој во 1366 г. пристигнал со мала крстоносна флота, го одзел од Турците
Галиполи и го вратил на Империјата, а потоа тргнал кон Бугарија да го ослободи својот
братучед, при што ги одзел од Бугарија и ги дал на Империјата Месемврија и Созопол.
Неговата интервенција ги принудила Бугарите да го пуштат василевсот. Потоа Амадеј
во 1367 г. провел преговори за унија во Константинопол и го убедил Јоан V да замине
за Рим каде тој пристигнал во 1369 г. но без црковни претставници во неговата свита.
Цариградската црква поставила услов – вселенски собор за обединување на црквата,
нешто што Рим го одбил. Затоа византиската црква не учествувала во преговорите. Јоан
V поминал во унија во 1369 г., но тоа останало негов личен акт – цариградскиот патријарх
ги повикал сите православни од истокот да останат верни на својата вера и да не
влегуваат во унија. Јоан V отишол во Венеција, но веќе не за воена помош, туку да бара
заем, во што не успеал поради одбивањето на неговиот син кој управувал со царството
да им го предаде на Венецијанците островот Тенедос, а ниту да му даде пари на татко
му за да може да се врати дома. Царот бил спасен од својот втор син, солунскиот деспот
Мануил (Острогорски, 1992, стр. 649-651).
Големиот пораз на Волкашин и Углеша на Марица во 1371 г. го убедил Јоан V дека
протерувањето на Османлиите со свои сили е невозможно и затоа тој по своето враќање
побарал да ги обезбеди последните владеења во Тракија преку договор со Мурат, кој
набрзо го претворил во османлиски вазал (Gregory, 2005, 318) обврзан на плаќање данок
и давање војска.
Независно од очајничката положба на царството династијата на Палеолозите
продолжила да боледува од постојани борби за власта меѓу членовите на фамилијата,
при што тие постојано ги вовлекувале во своите борби и интриги странските сили
ветувајќи им парчиња од она минимално што сѐ уште го поседувала Империјата.
Престолонаследникот Андорник ја користел секоја можност да ја одземе власта од татко
си. Затоа, по неуспешниот бунт од 1373 г., тој бил казнет и затворен, а позицијата на
престолонаследник ја зел неговиот брат Мануил. Меѓутоа, Андорник продлжил и
понатаму со помош на Џеновјаните да крева бунтови и во 1376 г. успеал да го освои
Константинопол и да ги затвори својот татко и брат. Дури за да ги одоброволи Турците
им го подарил Галиполи. Освен тоа, превратот довел до загуба на островот Тенедос во
корист на Венецијанците. Последните им помогнале на Јоан и Мануил да побегнат од
затворот и со турска помош да си го повратат престолот во 1379 г. За да се смири
ситуацијата, изгледа околу 1381 г., Андорник III бил повратен како престолонаслендик и
добил како апанажа 4 градови на Мраморното Море (Острогорски , 1992, стр. 654-656,

128
Gregory, 2005, 318). Конфликтите продолжиле и понатаму до смртта на Андроник во
1385 г. Така, по 1371 г. власта во Империјата се нашла како заложник на интересите на
Венеција, Џенова и Османлиите и императорот не можел да владее без поддршка на
некоја од овие сили (Laiou, 1993, 827, 829).
Мануил Палеолог откако ја изгубил позицијата на престолонаследник избегал во Солун
и во 80-те години како деспот на Солун се обидел да им се спротивстави на Османлиите.
Тој тука воспоставил „нов ред“, ги одзел половината имоти на црквата и ги направил
пронии со цел да ја засили војската. Така бил во состојба да започне војна и да
организира воени походи против Турците, па дури да ја земе контролата над голем дел
од Тесалија, Епир и дел од Јужна Македонија (Gregory, 2005, 318), предизвикувајќи
огромен ентусијазам меѓу Ромеите. Неговите успеси имале краток век. Мурат кој го
сметал Мануил за опасен непријател и побунет вазал испратил против него големи
воени сили и во 1383 г. бил освоен Серес, а во 1387 г. паѓа Солун, кој претходно бил
напуштен од архиепископот и од самиот Мануил (Laiou, 1993, 829; Gregory, 2005, 319).
Со тоа овој последен обид да се организира ромејски отпор против Османлиите
пропаднал.
Во меѓувреме во 1382 г. Палеолозите успеале да ја одземат Мореја од Кантакузини и
таму власта ја презел третиот царев син ‒ деспотот Теодор, кој се признал за вазал на
султанот. Тој со турска помош ја проширил својата територија, а преку населување на
маси Албанци на Пелопонез да ја засили внатрешно, економски и воено својата
државичка (Острогорски, 1992, 657).
Положбата на Империјата се влошила со доаѓањето на власт на новиот султан Бајазит
(1389-1402). Со негова помош во 1390 г. власта била освоена од синот на Андроник Јоан
VII, болен за власт како татко му. Меѓутоа, неколку месеци потоа Мануил успеал да го
истера од градот и да ја врати власта на татко му. Тие не можеле да ја задржат власта
без одобрувањето на Бајазит. Мануил заедно со Јоан VII морале да престојуваат како
заложници на дворот на султанот и да учествуваат во освојувањето на последниот
ромејски град во Мала Азија – Филаделфија чија херојска одбрана траела половина век.
Јоан V пак во Константинопол морал целосно да се покорува на волјата на султанот.
Кога се обидел да подигне нови тврдини во Константинопол требало по наредба на
Бајазит да ги урне. Царот умрел во почетокот на 1391 г. (Острогорски, 1992, 660, 661;
Gregory, 2005, 320).

12.2. Османлиски освојувања на Балканот во втората половина на XIV в.


(Острогорски, 641, 647-648, 663- 666, Радић, 1993, 293 – 294, 342 – 344, 355 – 357, 388
– 389, 397, 398, 429 – 431, 443 – 447; Gregory, 2005, 315 - 318)
Освојувањето на Цимпе во 1352 г. било почеток на османлиските освојувања на
Балканот. Меѓутоа, вистинската инвазија започнала по 1354 г. кога после земјотресот
тие ја запоседнале моќната тврдина Галиполи, која ја претвориле во база за освојување
и слободен пат за премин низ Дарданелите во Европа (Gregory, 2005, 315; Laju, 1993,
824). Повод да го прават тоа им се појавил истата година – симнувањето на нивниот
сојузник Јоан Кантакузин.
Romejskite градови скоро започнале да паѓаат во нивни раце. Во 1359 г. за прв пат
Турците стигнале пред Константинопол. Во 1361 г. ја освоиле моќната тврдина
Димотика. Особено се забрзал бранот на освојувања под новиот султан Мурат (1362-
1389), кој наскоро ја пренел престолнината на Балканот – во Димотика. Во 1363 г.
славниот турски војсководач Лала Шахин го одзел до Бугарија Филипопол (Пловдив) и
овде се устоличил како прв беглербег на Румелија. Не е точно утврдено кога но, секако,
во текот на 60-те години е освоен и Едрене. Во 1365 г. Едрене станал престолнина на
Османлиите (Острогорски, 1992, 647; Gregory, 2005, 317). Балканските држави се
покажале неспособни да се организираат за отпор. И покрај заедничката опасност во

129
1364 г. Византија и Бугарија дури ја провеле својата последна војна за власта над
Анхијало.
Турските освојувања во Тракија ги поттикнале двајцата феудалци во Македонија
браќата деспот Углеша и крал Волкашин, кои го контролирале како независни владетели
поголемиот дел од Македонија, да организираат крстоносен поход против Османлиите.
Тој завршил со нивниот пораз и гибел крај реката Марица, на 26 септември 1371 г.
(Острогорски, 1992, 652, 653; Gregory, 2005, 318).
Нивната несреќа им дала можност на Ромеите од Солун да си повратат дел од
териториите во Македонија – била освоена престолнината на Углеша Серес и
поголемиот дел од Југоисточна Македонија. Tоа не ѝ помогнало на Империјата и таа за
прв пат во својата историја, по битката на Марица, станала вазал на султанот и се
обврзала да плаќа данок и да дава воена помош. Наскоро истото ќе се случи и со
Трновското царство и со Србија. За прв пат во 1373 г. Јоан V како вазал ќе го придружува
Мурат во воен поход во Мала Азија (Острогорски , 1992, стр. 653, 654)
Серес паднал во османлиски раце во 1383 г., околу 1385 г. паднала Софија, a во 1386 г.
– Ниш. По долга опсада паднал и Солун во 1387 г.
По падот на Ниш Мурат морал да се повлече во Мала Азија за да спречи инвазија од
исток. Оваа можност била искористена од неколку моќни феудалци како кнезот Лазар,
Вук Бранковиќ (Косово) и босанскиот крал Твртко I кои започнале војна против
Османлиите. Во битката кај Плочник силите на кнез Лазар ги поразиле Турците, а во
1388 г. војската на босанскиот крал Твртко ги победил кај Билеќе. Охрабрен од тоа
бугарскиoт цар Шишман се откажал од вазалството спрема Турците. Наскоро дошло до
контраудар од Османлиите. Една турска војска навлегла во Мизија и набрзо го вратила
во вазална зависност трновскиот цар. Решителната битка меѓу Турците и обединетите
српски и босански одреди станала на Косово Поле, на Видовден 1389 г. Турците
победиле и покрај високата цена – убиен бил султанот Мурат. Кнезот Лазар бил фатен
и егзекутиран, а Србија станала вазална на новиот султан Бајазит Илдарам („Молњата“
– 1389-1402) (Острогорски, 1992, 658, 659; Gregory, 2005, 319)
Новиот султан започнува агресивна воена политика. Во 1390/91 г. Империјата требало
да го доживее понижувањето идниот император Мануил Палеолог да ги помага Турците
во освојувањето на последниот византиски град во Мала Азија – херојската
Филаделфија. По неуспешна побуна, поттикната од Унгарците, во 1393 г. паѓа
бугарската престолнина Трново и поголемиот дел од централна Мизија е претворена во
пашалак. Истата година Евренос Беј ја освоил Тесалија. (Острогорски, 1992, 663;
Gregory, 2005, 320, 321). Во 1394 г. Бајазит започнал блокада со цел да го примора
Константинопол да се предаде.
Следната година била фатална и за преостанатите неокупирани делови на Македонија.
Двајцата најкрупни феудалци во Македонија, кралот Марко – владетел на Прилеп и
други области во Северозападна Македонија и деспотот Константин Драгаш, владетел
на територијата од Струмица до Ќустендил, кои како турски вазали војувале на страната
на Османлиите, загинале во битката кај Ровиње во 1395 г., против Влашкиот војвода
Мирчо Стари и нивните владеења веднаш биле окупирани – така цела Македонија паѓа
во турска власт. Истата година и Добруџа паднала под турска власт а Мирчо Стари и
покрај својата победа му станал вазал на султанот (Острогорски, 1992, 664; Gregory,
2005, 321)
Кога Османлиите стигнале до латинските држави во Грција и до унгарските граници
западните земји решиле да организираат голем крстоносен поход со учество на
француски рицари, унгарски војски и помошни одреди од Влашко и Балканот. На 15
септември 1396 г. крстоносната војска ќе доживее тежок пораз во битката при Никопол.
Тоа ќе ја реши и судбината на последниот дел од бугарското царство ‒ во 1396 г.
паднало и Видинското царство (Laiou, 1993, 828, 829; Острогорски, 1992, 665; Gregory,
2005, 321). Бајазит ја подновил симнатата заради крстоносниот поход блокада на

130
Константинопол. Во 1397 г. без да наиде на отпор ги освоила Атина и Аргос. (Gregory,
2005, 321)
Само тешкиот пораз доживеан од Бајазит во битката со Монголите на Тамерлан кај
Ангора (Анкара) во 1402 г. каде и самиот султан бил заробен ставил крај на оваа
забрзана експанзија. Кризата што настанала во османлискиот султанат и борбата меѓу
наследниците ќе ѝ даде можност на Империјата да се реорганизира, а на Србија да се
обнови.

12.3. Мануил II Палеолог (1391-1425)


(Основна литература: Острогорски, 1992, 661-663, 668-670, 673-676; Gregory, 2005,
320 -324).
Кога слушнал за смртта на татко си Мануил избегал од Турците и бил прогласен за
василевс во Константинопол. Бајазит го прифатил неговото крунисување, но ги зголемил
вазалните обврски на Империјата. Мануил Палеолог бил забележителна личност која
вдахнувала почит кај неговите современици, дури и кај неговите противници. Бил
сестрано образован и се занимавал со наука и пишување. Тој бил исклучок во
династијата на Палеолозите – не бил болен за власт, ниту еднаш не се побунил против
татко си, напротив, неколку пати му помагал и го враќал на власт. Се покажал како
способен владетел и при други околности би постигнал многу. Кога во 1391 г. дошол на
власт Империјата во Тракија го држела само Константинопол, кој бил само сенка на
славното минало, со население од околу 40-50 000 - одвај 10 % од некогашното
население на градот. Во 1392 г. Мануил се оженил за ќерката на Константин Драгаш
Елена (Gregory, 2005, 320)
По 1394 г. Бајазит го блокирал Константинопол со намера да го освои, а Мореја била
подложена на жестоки ограбувања и во 1395 и 1397 г. Османлиите на двапати ја
поразиле војската на деспотот Теодор (Острогорски, 1992, стр. 662, 663, 666). Само
благодарение на тоа што морето сѐ уште било во рацете на христијаните
Константинопол можел да се снабдува со храна.
Империјата барала помош насекаде. Во 1398 г. испратила писмо до руските кнезови со
молба за помош и милостина за христијаните. Мануил се обратил и до папата, и до
крелевите на Франција, Англија, Арагон и до венецијанскиот дужд.
Помош дошла од Франција, која во моментот владеела со Џенова и била
заинтересирана да ги одбрани џеновјанските интереси на Исток. Била испратена воена
експедиција од 1000-1200 војници на чело со маршалот Шарл Бусико и таа во 1399 г.
стигнала во Константинопол (Laiou, 1993, 832; Gregory, 2005, 321). И покрај храброста
на Французите таа не била доволна да се спаси градот и затоа во декември 1399 г.
Мануил тргнал во обиколка низ Европа да бара помош, оставајќи го својот соперник –
внукот Јоан VII да управува во негово отсуство. За време на своето тригодишно
патување ги посетил Венеција, Париз и Лондон. Насекаде бил добро пречекан и оставил
извонреден впечаток. На Запад веќе започнувала ренесансата и интересирањето кон
старогрчкиот јазик што овозможувало насекаде добар прием за василевсот. Тој се држел
со достоинство и ниту еднаш не го поставил прашањето за унијата и за потчинувањето
на неговата црква на папата. Но и покрај сите ветувања царот не добил никаква помош
макар што останал во Европа до битката кај Ангора во 1402 г. (Острогорски 668-670,
Gregory, 2005, 321, 322). Блокадата продолжила осум години доведувајќи ги Ромеите до
очај и само ненадејна помош од неочекуван правец ја спасила нивната столица (Laiou,
1993, 832)

12.3.1. Битката кај Ангора и кризата во Османската држава


(Основна литература: Острогорски, 1992, 670-672, Gregory, 2005, 322)

131
Голем кан Тамерлан, откако ги потчинил средна Азија, Златната орда, дел од Индија,
Персија, Месопотамија и Сирија, на крајот го нападнал Османлискиот султанат. Во 1400
г. ја освоил Сива (Севастија), а населението го масакрирал. Христијанските владетели
од поодамна знаеле за движењето на монголскиот кан и се надевале на неговата помош
и дури на негово покрстување (Gregory, 2005, 322). Во 1402 г. Тамерлан навлегол на
османлиска територија, и на 28 јули 1402 г. крај Ангора (Анкара) ја поразил османската
војска, убивајќи 15 000 војници и заробувајќи го самиот Бајазит, кој ќе умре во
заробеништво следната година. Потоа ја освоил Смирна и го исклал нејзиното
население. Тамерлан ги поттикнал синовите на Бајазит и последните независни емири
да војуваат меѓу себе. Но тој немал големо интересирање за малото турско султанство
така што во 1403 г. си заминал (Gregory, 2005, 322).
Во султанатот започнале борби меѓу синовите на Бајазит. Отпрвин најуспешен бил
Сулејман кој се зацврстил во непогодениот од монголската инвазија Балкан. Тој
заклучил договор со Имеријата која ја добила својата независност, а ги добила
градовите на Мраморно Море со Солун и околината, како и Света Гора. Сулејман дури
се признал за вазал на императорот (Gregory, 2005, 323). Кога во 1403 г. Мануил се
вратил од Европа тој го потврдил договорот и дури го засилил давајќи ја својата
незаконска внука за Сулејман. Мануил успеал да го смири својот внук Јоан VII давајќи
му да ги управува Солун и византиските градови во Тракија. Кога во 1407 г. умрел брат
му Теодор, деспотот на Мореја, а во 1408 г. Јоан VII, деспотот на Солун, тој ги дал овие
деспотства на своите помлади синови (Gregory, 2005, 323).
Сулејман бил поразен во 1411 г. од својот брат Муса, кој поради својата голема
жестокост влегол во фолклорот како Муса Кесеџија. Муса го опседнал Цариград. Мануил
се сојузил со другиот брат Мехмед Челеби, кој во 1413 г. поддржан од василевсот и
српскиот деспот го поразил Муса и тоа ставило крај на граѓанската војна во
Османлискиот султанат. Мехмед Челеби (1413-1421) заинтересиран за внатрешна
обнова на државата ја потврдил спогодбата на Империјата со Сулејман и за време на
своето владеење одржувал пријателски односи со Мануил (Острогорски, 1992, 671, 672;
Gregory, 2005, 323). Мануил го искористил пријателството со турскиот султан за да ги
обиколи меѓу 1414-1416 г. ромејските владеења во Солун и Мореја и заповедал да се
изгради бедем кај Коринтскиот теснец за да ги спречува евентуалните идни турски
навлегувања на Пелопонез. Под водството на неговите синови ромејската власт уште
повеќе се проширила на Пелопонез (Острогорски, 1992, 673, 674; Gregory, 2005, 323). Во
1421 г. веќе стариот Мануил го крунисал својот син Јоан VIII за совладетел. Истата
година умрел Мехмед Челеби и бил наследен од Мурат II (1421-1451). Додека Мануил
се залагал за мир со новиот султан Јоан VIII се обидел да го поддржи претендентот за
престолот Мустафа, кој ветил голема награда за Империјата, но изгубил. Разгневениот
Мурат го опсадил Константинопол во 1422 г. и само појавата на нов претендент за
султанскиот престол, поттикнат од искусниот Мануил, го натерало да ја симне опсадата.
Следната 1423 г. Османлиите го нападнале Пелопонез, го урнале бедемот кај
Коринтскиот теснец и го опљачкале полуостровот. Истовремено го блокирале Солун. Не
гледајќи надеж да го задржи градот Мануиловиот син Андроник им го предал на
Венецијанците, но и тоа не го спасило градот – Венецијанците успеале да го задржат
само 7 години и во 1430 г. Солун конечно паднал во турски раце. По двата тешки удара
во 1423 г. Империјата морала да бара мир. Тој бил заклучен во 1424 г. и таа повторно
станала вазал на султанот (Острогорски, 1992, 675, 676; Gregory, 2005, 323, 324).
Мануил умира на 21 јули 1425 г. на 75-годишна возраст откако претходно се закалуѓерил.

12.4. Последните децении на Византија (Јоан VIII (1425-1448)


(Основна литература: Острогорски, 1992, 672-683; Gregory, 2005, 325 -330)
Јоан VIII се нашол во тешка ситуација. Солун, сега венецијански град, бил под постојан
притисок од страна на Османлиите. Во 1430 г. тие го нападнале. Венецијанците ги

132
натерале жителите да го бранат и го искористиле тоа за да можат да отпловат од градот.
Оставени сами Солунчани не успеале да го одбранат градот и тој бил освоен и подложен
на жестоки ограбувања. Веднаш потоа била освоена и Јанина во Епир (Gregory, 2005,
325, 326). Единствено во Пелопонез продолжил позитивниот развој за Империјата и
околу 1432 г. скоро целиот Пелопонез бил во рацете на Ромеите.

12.4.1. Фирентинска унија


(Основна литература: Papadakis – Mayendorff, 1994, 379 – 379, 390, 395 –398, 400 –
405; Laiou, 1993, 829; Gregory, 2005, 326, 329)
Не гледајќи друга можност да го спаси своето мало царство Јоан VIII своите надежи ги
поставил во западната помош и за таа цел, спротивно од советите на татко му Мануил,
во 1431 г. започнал преговори за унија. Така ќе се стигне до најсериозниот обид за Унија
меѓу Православната и Римо-католичката црква. Моментот бил погоден зашто и на Запад
се одвивало движење кое сакало да ја одземе моќта од рацете на папите и да ја врати
во рацете на соборите, и папството, сакајќи да се одбрани и наметне имало потреба од
унија со Истокот и затоа било спремно и ги направило своите најголеми отстапки,
дотогаш, а по специјално се согласило за одржување на Вселенски собор за
разгледување на разликите иако истиот ќе бидел свикан и организиран од папството, а
не од императорот како што било во антиката.
Соборот започнал 9 април во 1438 г. во Ферара. Царот бил придружуван од брат си
Димитар, патријархот Јосиф II, митрополити и игументи, а имало и претставници на
останатите патријаршии, Грузија, Русија и Молдовлахија. Меѓутоа од
Константинополската црква била преставени само неосвоените од османлиите
територии. Претставниците на Истокот биле поделени на латинофилска партија
поддржана од императорот и паламистка партија, која била против компромиси со
верата. Говорители на про-латинската партија биле митрополитот Висарион од Никеја
и митрополитот на Киев и цела Русија Исидор, додека на паламистката партија - Марк
Евгеник, митрополит на Ефес, поткрепуван од претставници од светогорските
манастири Ватопед и Големата лавра и Свети Павле. Генерално во ромејската
делегација немала доволен број филозофски подготвени богослови, а освен тоа
најистакнатите филозофи од нивна страна биле латинофили. Поради неучество на
поголем број подготвени богослови и оратори императорот вклучил во својата
придружба крупни светски интелектуалци како Георги Схолариус, Георги Амируцес и
Георги Гемист Плетон. Од папаска страна присуствувале мал број епископи главно од
Италија и тие настапувале единствено. Нивни говорници биле кардиналот Цезарини,
богословот доминиканец Јоан од Торквемада и архиепископот Андреј од Родос.
Надежите на ромејскиот император за воена помош од Запад биле попарени уште на
почетокот на соборот во Ферара: ниту една поголема држава од Запад не испратила
претставници, а пак папата бил во толку тешка финансиска ситуација што соборот морал
да се премести во Фиренца каде биле финансиран од банкарите Медичи (Papadakis –
Mayendorff, 1994, 390, 396).
За време на дебатите Западните теолози ќе приоѓаат во дискусиите кон секој проблем
повеќе од филозофска страна и дијалектички отколку библиски и патристички, како што
правеле дел од претставниците на Истокот. Различниот приод само ја продлабочувал
кризата и ги оддалечувал позициите. Позицијата на Истокот била ослабена од
поделеноста. Латинофилските филозофи од ромејска страна лесно ги прифаќале
барањата и условите на западната страна - заљубеници во хеленската древност чие
наследство сакале пред сѐ да го спасат, тие спасот го гледаат имено на Запад. Не
случајно двајцата водачи на ова струја - Висарион и Исидор ќе завршат како папаски
легати и кардинали. Тие биле поддржувани од „политичарите“ во ромејската делегација,
групирани околу императорот, кои ја гледаат унијата како средство да се добие воена
помош против Турците. За разлика од нив, за струјата предводена од Марк Ефески,

133
приоритет била чистотата на верата и традицијата. Тие биле искрено за унија, но само
таква која е во согласност со патристичката традиција и не биле спремни да прават
компромиси по тоа прашање.
Политичката волја за унија доминирала и од двете страни. Не само ромејскиот
император, но и папата имал потреба од унијата за да ги замолчи приврзаниците на
соборното движење. Додека се водел соборот во Фиренца во Базел имало друг собор,
кој ќе го прогласи за симнат папата и ќе прогласи антипапа. Доминиран од политички и
дипломатски мотиви соборот во Фиренца не навлегол подлабоко во доктриналните
разлики. Паламитските прашања биле внимателно избегнати, како и секое соочување
на томизам – паламизам, нешто за што допринел со својот став и императорот.
Најспорните моменти биле како и порано – Filioque и неговите импликации во доктрината
за Света Троица, папската супремација и причестувањето. Но сега се додало и
прашањето за чистилиштето.
По прашањето за Filioque православните ги повториле своите аргументи, особено дека
додавањето на делови во Симболот на верата е недозволиво и забрането од
Вселенскиот собор, а западните одговориле дека забраната не се однесува на
менување на зборови туку на неменување на смислата, а според нив Filioque не ја
менува смислата. Двете страни не се согласиле околу тоа и потоа минале на дискусии
на доктрината сама по себе, но и тука не била постигната согласност. За да се заобиколи
ова ромејските привразници на унија по секоја цена ја насочиле дебатата кон
патристичката поткрепа на доктрината за Filioque и да докажуваат дека излегување
преку Синот е исто со излегување од Синот. На крајот овој став бил прифатен како
начин да се заобиколи несогласувањето без истото да се реши. Само Марк Евгеник и
неговите приврзаници инсистирале на тргнувањето на Filioque од Симболот заедно со
укинување на анатемата на Лионскиот собор против сите кои не се согласувале со
доктрината за Filioque – но ништо од тоа не било прифатено.
Стремејќи се кон спогодба Источните не правеле сериозни забелешки во однос на
папскиот примат и дури дозволиле да се прифати дека папата како наследник на
апостол Петар „држи првенство во целиот свет“, како „заменик на Христос“ и „глава на
целата црква“, и дека на него е дадена „целата сила за хранење, раководење и
управување со вселенската црква“. Она што успеале православните да додадат е дека
„се запазуваат сите права и привилегии“ на останатите патријарси меѓу како втор е
посочен оној во Константинопол.
По прашањето за лебот користен во причеста е постигната спогодба – секоја црква да
продолжи со своите обичаи без да ја негира другата.
Прашањето за Чистилиштето било периферно за Источните претставници, но по
барање на Западните истото било детално дискутирано. Идејата за Чистилиштето се
потпирало на идеја дека има потреба да се задоволи Божјата правда, и доколку истата
не е задоволена додека човек е жив тоа треба да се направи потоа, во место наречено
Чистилиште и кое не е исто ниту со пеколот ниту со рајот. Тоа предвидувало
легалистичко гледање на Спасението, туѓо за источната црква и нејзината традиција.
Ромеите ја наоѓале за неприфатлива таквата легалистчка доктрина, која
фундаментално се разликува од православното разбирање на Спасението преку
персонално општење со Бог, кое започнува на овој свет и кое продолжува и после
смртта. Марк Ефески приговарал дека ниту литургиската, ниту патристичката традиција,
а ниту Светото Писмо не ја оправдуваат таквата доктрина. Сепак на соборот била
прифатена латинската позиција.
Генерално стремежот бил да се избегнуваат проблематичните моменти, и од тука да не
се впуштаат во дискусија на суштината, туку барање на формална спогодба по веќе
постојните и познати проблеми. Соборот не ги решил проблемите, туку ги маскирал.

134
Соборот завршува по повеќе од година со усвојување на Декретот за унија на 5 јули 1439
г. Потпишана е од скоро сите ромејски претставници (Laiou, 1993, 829; Gregory, 2005,
326, 329). Не потпишале Марк Ефески, митрополитите на Нитра - Исак, на Гаш –
Софориниј, а други избегнале да ја потпишат како Григориј од Грузија (кој се направил
на луд), и ставрополскиот епископ Исаја (кој успеал да избега). Тие ја имале поддршката
на царевиот брат и противник на унијата. Не потпишал и патријархот Софрониј кој умрел
пред тоа и бил погребан во Санта Марија Новела во Фиренца. Иако има тврдења дека
имало финансиски притисок врз дел од ромејската делегација, нема податоци дека
делегатите биле ставани под директна принуда да потпишат, ниту дека било спречувано
слободно искажување на соборот. Така била заклучена Фирентинската унија, според
која Источната црква ги задржала своите обреди, но се потчинувала на папата и по сите
клучни прашања го прифатила ставот на римо-католицизмот.

12.4.2. Последици од одлуките на соборот на Исток и Запад.


Фирентинската унија не била прифатена од народот и мнозинството на клерот во Новиот
Рим – лидерот на отпорот Марк Евгеник се здобил со голема популарност, а кога
починал неговото место било заземено од Георги Сколариос. Неспособноста на Западот
да ѝ даде конкретна воена помош на Империјата, што во очите на Ромеите било и
единствената причина за унија, истата сосема ја бламира. Единственото што ѝ донела
унијата за Византија биле жестоките внатрешни превирања и губење на угледот во
православниот свет. Московска Рус, откако ќе го протера митрополитот Исидор,
приврзаник и потписник на унијата, и откако нема да добие одговор од Константинопол,
во 1448 г. како привремено решение започнува сама да си ги поставува митрополитите
преку соборот на сите епископи во Голема Рус (Острогорски, 1992, 677-680; Gregory,
2005, 329).
Опозицијата во Империјата била толку силна што унијата нема да биде официјално
прогласена до 12 декември 1452 г. кога градот веќе бил во смртна опасност. Тоа е
направено од Исидор на 12 декември 1452 г. во Света Софија во Константинопол, но
истата останува ограничена само до императорот и државната елита, а народот се
причестувал посебно по другите цркви кои ја одбиле унијата. Во 1453 г Исидор ќе избега
на Запад каде ќе биде титуларен римо-католички патријарх на Константинопол.
Прогласувањето на унијата во 1452 г. не само не ѝ помогнало на Империјата, туку ја
изолирало од последните сојузници од кои можела да се надева на помош –
православните Грузија, Москва, Молдавија и Влашко. Унијата и падот на
Константинопол биле доживеан во православниот свет како казна за предавството на
православието (Papadakis – Mayendorff, 1994, 351 – 356).
Не помалку сериозни биле последиците од одлуките во Фиренца и на Запад. Донесената
одлука за папскиот примат била максималистичка според власта што му ја дава на
папата и била првенствено насочена против соборното движење на Запад и ќе биде
основа за неговото задушување и победа на папите над соборите. Со тоа била уништена
и можноста за внатрешно коригирање на застранувањата на папската власт како и за
решавање на низа на сериозни проблеми во Римо-католичката црква. Постигнатите
формулации за чистилиштето понатаму ќе се претворат во богословска основа на
доктрината за индулгенциите, која ќе биде конкретниот повод што ќе ја започне втората
– протестантската реформација против папите на Запад. Така одлуките на овој собор не
само не постигнале обединување со источната црква, но ќе доведат до расцеп на
Западната (Papadakis – Mayendorff, 1994, 400, 409).

12.4.3. Крстоносниот поход кон Варна


Во меѓувреме Османлиите ја освоиле српската престолнина Смедерево во 1439 г. и
Белград во 1440 г., а следната 1441 г. навлегле на територијата на Трансилванија.

135
Нивното напредување сретнало сериозен отпор во лицето на ерделскиот војвода Јан
Хунјади (влезен во народните песни како Јанко Сабињанин), кој извојувал низа победи
над Турците. Тоа го подигнало духот во Европа и по иницијатива на папата во 1443 г.
започнал нов крстоносен поход на чело со Полско-унгарскиот крал Владислав III Јагело,
а со учество и на Јан Хунјади. 25 000 војска се пробила на југ од Дунав и кај Ниш
спечалила голема победа над румелискиот бејлербег, а потоа ја освоила Софија.
Силниот зимски студ ја натерал на повлекување при што повторно извојувале победа
над турската војска во јануари 1444 г. Во Албанија се кренало востанието на Скендер
бег кој од 1443 до 1468 г. ќе владее независен од Османлиите во планинските делови
на Албанија и Западна Македонија. Истовремено и деспотот Константин поминал во
офанзива од Мореја и откако го обновил бедемот при Коринтскиот теснец ги освоил
Атина и Теба. Мурат II, кој се наоѓал во Мала Азија да задушува кренато востание, брзо
се вратил и настојувал да се спогоди со крстоносците. Во јули 1444 г. во Едрене е
постигната спогодба според која Србија е обновена како држава, зависноста на Влашко
е намалена. Договорот имал важење од 10 години и макар да бил ратификуван од двете
страни тој предизвикал разочарување на Запад и кардиналот Џулио Чезарини ги
прогласил дадените заклетви за неважечки. Војната била обновена, но со намалена
сила поради враќањето на многу од крстоносците и неучеството на Србите. Војската се
пробила низ Мизија и на 10 ноември 1444 г. кај Варна дошло до нова битка во која
крстоносната војска била целосно разбиена, а кралот Владислав загинал (Острогорски,
1992, 680-682; Gregory, 2005, 329).
Деспотот Константин продолжил успешно со воените акции во Грција ширејќи ја својата
територија. Во 1446 г. бил нападнат од големи османлиски сили, кои го разурнале
коринтскиот бедем како и повеќе градови и села на Пелопонез, одвеле 60 000
заробеници и го поставиле немирниот деспот повторно во вазална положба
(Острогорски, 1992, стр. 683). Само Хунјади, кој успеал да ја зачува својата војска во
битката кај Варна, продолжил со борбата, но во 1448 г., во битката на Косово и тој
претрпел пораз од османлиските сили (Gregory, 2005, 329, 330).

12.5. Константин XI Драгаш и падот на Новиот Рим


(Основн литература: Острогорски, 1992, 684-689; Gregory, 2005, 330-337).
Кога на 31 октомври 1448 г. умрел василевсот, тој бил наследен од својот брат храбриот
морејски деспот Константин. Нему, кој го носел името на основачот на Константинопол,
му било судено да биде последниот ромејски василевс во овој град. Напуштајќи ја
позицијата на морејски деспот тој ги поставил своите двајца браќа Тома и Димитар како
совладетели на деспотатот, но меѓу двајцата веднаш започнала борба за власт. Веднаш
по доаѓањето во Константинопол Константин побарал одобрување за своето
крунисување од Мурат II. Императорот формално ја поддржал унијата надевајќи се дека
ќе добие помош од Запад. Меѓутоа унијата продолжувала да наоѓа моќна опозиција
водена од Георги Сколариус и Јоан Евгеник (братот на Марк Евгеник). Кога во 1451 г.
изморениот од контроверзите проунијатски патријарх Григориј III се повлекол и заминал
за Рим градот останал без патријарх (Gregory, 2005, 330).
Во февруари 1451 г. на власт дошол султан Мехмед II, 19-годишен, но со големо
искуство од управувањето со државата и војската. Неговата млада возраст ги
подлажала Ромеите да поверуваат дека можат да ја искористат ситуацијата и кога
против Мехмед започнало востание во Мала Азија Империјата застанала на страната
на претендентот. Откако победил и се зацврстил на престолот Мехмед решил да го
казни нелојалниот вазал и да го освои Новиот Рим. Во 1452 г. тој изградил силна тврдина
Румели Хисар преку која го блокирал дотурот на храна по море за Константинопол
(Gregory, 2005, 330, 331).

136
Константин сите свои надежи ги ставил во помош од Запад, меѓутоа италијанските
републики и Дубровник, повеќе немале интерес да го поддржуваат Константинопол
откако се обезбедиле со трговски договори со Османлискиот султанат.
Во октомври 1452 г. како пратеник на папата пристигнал кардиналот Исидор,
поранешниот Киевски митрополит, кој водел само 200 стрелци од Неапол. Неговата
главна цел била официјално прокламирање на фирентинската унија во Константинопол.
И покрај жестокиот отпор на антиунијатите, на 12 декември 1452 г. унијата била
официјално прогласена. Таа била дочекана со огромно огорчување од страна на
православните Ромеи, кои во своето мнозинство ги бојкотирале богослужбите држени
од унијатите, а оделе во константинополските цркви кои ја отфрлале унијата (Gregory,
2005, 332). Останале во сеќавање зборовите на големиот дукс Лука Нотарис: „Повеќе
сакам сред градот да го видам турбанот на султанот отколку папската митра“. Пред
изборот меѓу духовното потчинување на Рим и политичкото на Османлиите
мнозинството било наклонето кон второто. Уште повеќе што унијата била направена со
единствената цел – добивање воена помош, но западните земји зафатени во своите
конфликти (тоа е финалниот стадиум на 100-годишната војна) и не биле во состојба да
дадат некаква сериозна помош. При тогашното расположение на силите изгледало
поверојатно западната интервенција да дојде со цел потчинување на Византија на
Арагонскиот крал Алфонсо V (Острогорски, 1992, стр. 684, 685). Освен помошта од
Запад празна се покажала и надежта за добивање помош од Мореја – Турхан-паша со
силна војска го нападнал Пелопонез оневозможувајќи го праќањето на каква било војска
во Константинопол (Gregory, 2005, 334). Единствената помош што ја добиле Ромеите
била од Венецијанците и Џеновјаните од Константинопол и од одделни авантуристи,
меѓу кои најзначаен бил Џовани Џустинијани кој пристигнал со две галери со 700 борци
и бил поставен за генерал задолжен за заштитата на бедемите откај копното
(Острогорски, 1992, 684, 685; Gregory, 2005, 334).
Опсадата на Константинопол започнала во април 1453 г. Турската војска била огромна
– не помалку од 80 000, и техничката супериорност била на нејзина страна. Наспроти
турските сили стоеле околу 4 700 бранители, кои требало да ги заштитат долгите 6-7
километри градски бедеми. Соодносот на силите бил околу 20 спрема 1. Бедемите на
Новиот Рим создадени во време кога немало огнострелно оружје не биле прилагодени
за одбрана против силната турска артилерија. Освен тоа Мехмед II со помош на западни
инженери создал артилерија во размер и сила невидена дотогаш. Мехмед сфаќал дека
Константинопол не може да биде освоен без силна морнарица и создал флота доволно
силна за да го запре секој обид да му се помогне на градот по море (Gregory, 2005, 334).
Наспроти нив Градот располагал со неколку џеновјански и венецијански бродови меѓу
чии команданти постојано имало ривалство и несогласувања.
Првите турски војски стигнале на 2 април 1453 г. и на 6-ти започнале првите борби,
Макар и недоволни како бројка бранителите храбро се бореле и ги одбивале нападите
на Османлиите, поправајќи го ноќно време она што Турците го рушеле преку денот.
Османлиите се обиделе да се пробијат во Златниот рог преку веригата што го штитела
неговиот влез. Овде на 20 април дошло до поморска битка кога 3 бродови од Џенова,
испратени од папата и полни со жито подарено од арагонскиот крал Алфонсо, ја пробиле
турската блокада. Меѓутоа, на 22 април Турците успеале да ги пренесат свои бродови
во Златниот рог влечејќи ги по суво. Од оваа страна бедемите биле најслаби. Борбата
продолжила седум недели при што бранителите и самиот цар со голема храброст и
пожртвуваност ги одбивале сите напади. Нова надеж дало востанието што започнало
во Мала Азија. Мехмед, не можејќи долго да ја продолжи опсадата, им понудил на
Ромеите да го предадат градот и да останат во него како негови поданици или мирно да
се преселат на некое друго место. Понудата била одбиена и Мехмед започнал
подготовки за последен напад, ветувајќи им на своите војници дека три дена ќе можат
да го пљачкаат Константинопол (Gregory, 2005, 335, 336).

137
Генералниот напад бил одреден за 29 мај 1453 г. Вечерта пред тоа унијата навистина
се случила во Константинопол – преплашените граѓани заеднички се собрале во „Света
Софија“ за последна литургија молејќи се и причестувајќи се заедно и унијати и
противници на унијата (Острогорски, 1992, 666, 587; Gregory, 2005, 336). Дотогаш само
царот и некои првенци се држеле до неа. Според легендата, жителите виделе како една
светлина излегла од „Света Софија“ и откако ги обиколила бедемите на градот се
кренала на небото – тоа било протолкувано во смисла дека заштитничката на Новиот
Рим - Света Богородица го напуштила градот.
Јуришот започнал рано на 29 мај – прво нападнале најлошо вооружените и извежбани
одреди, кои биле во голем број. Нападот одел бран по бран, истовремено и од копното
и од кај Златниот рог, но заштитата издржала. Потоа започнале нападите на подобро
вооружените војски, но заштитниците продолжиле да ги одбиваат. Нападот на 29 мај
можел и да не успее.
Градот паднал во извесна мера случајно, откако генерално го одбил нападот.
Ранувањето на Џустинијани во време на решителниот последен напад на елитните
трупи на јаничарите и неговото извлекување од борбата предизвикало паника и
повлекување на Џеновјаните, а една случајно заборавена при контранападите отворена
странична врата им дозволила на јаничарите да се качат на бедемите и да го кренат
османлиското знаме. Набрзо успеале да ја отворат и главната капија и масовно да се
пробијат во градот. Царот Константин загинал водејќи го последниот очајнички
контранапад на Ромеите кон портата на свети Роман, откако претходно ги скинал од
себе царските знаци. Никој повеќе не го видел и неговото тело по битката не било
пронајдено раѓајќи ја легендата дека последниот цар останал жив и ќе се врати да го
обнови царството на Ромеите.
Градот бил подложен на тридневно ограбување – многумина биле убиени и заробени.
Црквите и домовите биле ограбени при што биле уништени многу христијански светињи
како иконата на св. Богородица Одигитрија за која се смета дека бил нацртана од самиот
апостол Лука, многу скапоцени книги, мозаици и икони. Многу Ромеи се самоубиле за да
не паднат во рацете на освојувачите, а од другите повеќето биле претворени во робови.
Се проценува дека околу 4000 биле убиени и 50 000 продадени во ропство. Фатените
машки претставници на ромејската аристократија вклучително големиот дукс Лукас
Нотарас биле егзекутирани, но жените и децата биле поштедени. Потоа Константинопол
станал престолнина на Османлиската држава, а „Света Софија“ – џамија (Острогорски,
1992, 687, 688; Gregory, 2005, 336, 337).
Наскоро иста судбина ги снашла и последните делови на Римската империја – во 1460
г. паднала Мореја, а во 1461 г. и Трапезунд. Државата родена пред 2206 години на
бреговите на Тибар, во Италија, згаснала на брегот на Босфорот, на Балканот. Меѓутоа,
ромејската култура и заедницата создадена во неа продолжиле да живеат....

138
БИБЛИОГРАФИЈА
Angelov Dimiter, Prospography of Byzantine World (1204-1261) in the Light of Bulgarian
sources, in: Judith Herrin and Guillaume Saint-Guillain (eds), Identities and allegiances in the
eastern Mediterranean after 1204, Routledge, New York, 2016, 101-119
Ангелов Боньо, Страници из историята на старобългарската литература, София, 1974
Angold Michael, Byzantium in exile, in: David Abulafia (ed.), The new Cambridge Medieval
History, 5: c. 1198–c. 1300, Cambridge, 1999, 543-568
Билярски Иван, Средновековната България: царството и народа, in: Полихрония,
сборник в чест на проф. Иван Божилов, София, 2002, 25-40
Билярски Иван, Покровители на царството, Свети цар Петър и света Параскева-Петка
(София, 2004)
Cantacuzeni Ioannis, Eximperatoris Historiarum, vol I, ed. Ludovic Shopen, Corpus Scriptorum
Historiae Byzantinae 20, Bonn, 1828
Detrez Raymond, Pre-National Identities in the Balkans, in: Roumen Daskalov and Tchavdar
Marinov (eds.), Entangled Histories of the Balkans I: National Ideologies and Language
Policies, Brill, Leiden-Boston, 2013, 13-65
Дуйчевъ Иванъ, Изъ старата българска книжнина 2, София, 1944
Ducellier Alain, Albania, Serbia and Bulgaria, in: David Abulafia (ed.), The new Cambridge
Medieval History, 5: c. 1198–c. 1300, Cambridge, 1999, 779-795
Geoponika, Farm work. A modern translation of the Roman and Byzantine farming handbook,
ed. And tr. Andrew Dalby, Prospect book, 2011
Gregory Timothy E., A history of Byzantium, Blackwell Publishing 2005,
Gregorae Nicephori, Byzantina historia, 1, ed. Ludwig Schopen, Corpus Scriptorum Historiae
Byzantinae 25, Bonnae, 1829
Greenfield Richard, Talbot Alice-Mary (eds. and tr.), Holly Men of Mount Athos, Dumbarton
Oaks, 2016
Fryde Edmund, The Early Palaeologan Renaissance (1261 - c. 1360), The medieval
Mediterranean; Vol. 27, Leiden; Boston; Koln: Brill, 2000
Haldon John, The Palgrave Atlas of Byzantine History, New York, 2010 , Palgrave Mackmilan
James Liz, The Role of women, The Oxford handbook of Byzantine studies, eds Elizabet
Jeffreys et al, Oxford University Press, 2008, 643 – 650
Kazhdan Alexander, Talbot Alice-Mary, Cutler Anthony, Ševčenko Nancy (eds), The Oxford
dictionary of Byzantium, III, New York – Oxford, 1991
Koder Johannes, Remarks on linguistic Romanness in Byzantium, in: Walter Pohl, Clemens
Gantner, Cinzia Grifoni and Marianne Pollheimer-Mohaupt (eds), Transformations of
Romanness, Early Medieval Regions and Identities, Berlin-Boston, 2018, 111-122
Laiou Angeliki E., The Palaiologoi and The World around them (1261-1400), in The Lilie Ralph
– Johannes, Byznatium and the Crusader states 1096-1204, Oxford, 1993, Oxford University
Press
Loud Graham, Southern Italy in the eleventh century, New Cambridge Medieval History,
Volume IV c. 1024–c. 1198, Part II, David Luscombe and Jonathan Riley-Smith (eds),
Cambridge, New York, 2006, 94 –118
Macrides Ruth, Families and kinship, The Oxford handbook of Byzantine studies, eds Elizabet
Jeffreys et al, Oxford University Press, 2008, 652 – 660

139
Magdalino Paul, The Empire оf the Komnenoi (1118-1204), in The Cambridge history of the
Byzantine Empire c. 500–1492 (ed. Jonathan Shepard), 2009, Cambridge University press.
Markopoulos Athanasios, Education, The Oxford handbook of Byzantine studies, eds Elizabet
Jeffreys et al, Oxford University Press, 2008, 785 - 795
Митевски Витомир, Сенката на Марко Крале, Античката, византиската и македонската
епска поезија, МАНУ, Скопје, 2017
Norwick John, Byzantium, The apogee, New York, 1994
Острогорски Георги, Историја на Византија, Скопје, 1992
Papadakis Aristeides, Mayendorff John, The Christian East and the Rise of the Papacy: The
Church 1071-1453 A.D, The Church in History v. IV, St. Vladimir's Seminary Press, 1994
Пентковский Алексей, Славянское богослужение византийского обряда и корпус
славянских богослужебных книг в конце IX – первой половине X веков, Slovene, 2, 2016,
54 - 120.
Полывянный Дмитрий, Культурное своеобразие средневековой Болгарии в контексте
византийско-славянской общности IX—XV веков, Иваново, 2000
Попруженко Михаил, Синодикъ царя Борила, Български старини, кн. 8, София 1928
Радић Радивој, Време Јована V Палеолога, Београд, 1993
Ришар Жак, История на Кръстоносните походи, Рива, София, 2005 (Jean Richard, Historie
des Croisades, 1996)
Rosemary Rosses, The Athonites and their Neighbors, in: Byzantine Macedonia, identity
image and history, ed. John Burke and Roger Scott, Australian Association for Byzantine
Studies, Melbourne 2000, 157 – 167
Runciman Steven, A History of the Crusades, Volume I, The First Crusade and the Foundation
of the Kingdom of Jerusalem, Cambridge University Press 1995
Runciman Steven, The Eastern Schism, A Study of the Papacy and the Eastern Churches
During the XIth and XIIth Centuries, Oxford University Press,1997
Shepard Jonathan (ed.), Cambridge history of the Byzantine Empire c. 500-1492, 2009,
Cambridge University press.
Снѣгаровъ Иван, История на Охридската Архиепископия, Том 1. От основаването ѝ до
завладяването на Балканския полуостров от турците, II изд. Акад. изд. "М. Дринов",
София, 1995
Снежана Ракова, Четвъртия кръстоносен поход в историческата памет на
православните славяни, София, 2007
Sophoulis Panos, "Bulgaria – “The new Byzantium”: Political ideology and self-perception in a
medieval Balkan state", in: Ch. Raffensperger (ed.), Authorship, Worldview, and Identity in
Medieval Europe, Oxford, 2022, 311-326
Stephenson Paul, Balkan borderlands (1018-1204), in The Cambridge History of the Byzantine
Empire c. 500-1492, ed. Jonathan Shepard, New York, 2009, Cambridge University press.
Стојановић, Љубомир, Стари српски записи и надписи, 1, Београд, 1902
Stojkov Stojko, 1018 and after: new reality and new perceptions in Byzantine Balkans, in: Тони
Филиповски, Самуиловата држава 1000 години потоа (1018 – 2018), Скопје, 2022, 124 -
145
Стојков Стојко, Ѩнзыкъ словѣнскый во старословенските текстови (IX – XIV век),
Историја 50-51/1 (Скопје, 2016), 121-145

140
Стојков Стојко: Многуимените Други: Македонија како пресечна точка на другоста на
средновековниот Балкан, Прилози за историјата на Македонија и македонската култура
МАНУ, Скопје 2021, 147 - 166
Stouraitis Ioannis, Reinventing Roman Ethnicity in High and Late Medieval Byzantium,
Medieval Worlds 5 /2017, 70-94
Talbot Rice Tamara, Everyday Life in Byzantium, New York, 1967
Шене Жан Клод, Флизен Бернар, Византија, Историја и Цивилизација, Београд, 2010
Clio.

141
БИОГРАФСКИ ПОДАТОЦИ
СТОЈКО СТОЈКОВ Е РОДЕН НА 16 04. 1974 Г. ВО
САНДАНСКИ, ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА, БУГАРИЈА.
ЗАВРШИЛ ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ, МАГИСТРИРАЛ И
ДОКТОРИРАЛ НА СКОПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ СВ.
КИРИЛ И МЕТОДИЈ. ОД 2014 Г. Е ИЗБРАН ЗА ДОЦЕНТ ПО
СРЕДНОВЕКОВНА ИСТОРИЈА И ВИЗАНТОЛОГИЈА НА
ИНСТИТУТОТ ЗА ИСТОРИЈА И АРХЕОЛОГИЈА НА
ФАКУТЕТОТ ЗА ОБРАЗОВНИ НАУКИ ПРИ
УНИВЕРЗИТЕТОТ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ВО ШТИП, А ОД 2018
Е ВОНРЕДЕН ПРОФЕСОР. ПРЕДАВА ИСТОРИЈА НА
ВИЗАНТИЈА, СРЕДНОВЕКОВНА ИСТОРИЈА НА ЕВРОПА
И МЕДИТЕРАНОТ И ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА ВО
СРЕДНИОТ ВЕК. ЧЛЕН Е НА ПРЕТСЕДАТЕЛСТВОТО НА
МАКЕДОНСКИОТ КОМИТЕТ ЗА ВИЗАНТОЛОГИЈА И
МЕДИЕВИСТИКА ОД 2016 Г.

142
Back cover/ Задна корица
Задна страница

143
ISBN: 978-608-244-962-3

144

You might also like