You are on page 1of 22

ГЕОГРАФСКАТА РАЗМЕСТЕНОСТ И ЕТНОГРАФСКИТЕ ОДЛИКИ

НА МАКЕДОНЦИТЕ МУСЛИМАНИ ВО МАКЕДОНИЈА


ВОВЕД

Животниот простор на кој живеат луѓето со својата положба и поставеност отсекогаш


имал големо значење во однос на искористувањето на неговите поволности и воедно имал
големо влијание врз создавањето на одликите и цртите во особините на населението.
Оттаму, проучувањето и истражувањето на одликите на народите и одредени нивни
составни групи неизбежно го наметнува и опфаќа разгледувањето и на нивната географска
разместеност од која пак произлегуваат и нивните посебни етнографски црти и
карактеристики. Македонците со исламска вериосповед како специфичен и нераскинлив
дел од македонскиот народ се распространети во различни краеви и области на
Македонија поради што тие имаат и различни етнографски карактеристики кои што јасно
се одразуваат во нивниот живот, обичаи, говор, свест, душевни па и телесни одлики.
Предмет на ова кратко истражување е географската разместеност и етнографските одлики
на просторите во кои живеат Македонците муслимани во Македонија со цел да дојде до
сознанија и согледувања на нивната положба во рамки на матичниот македонски народ,
општество и држава. Преку употреба на аналитичкиот метод врз бројните материјали
собрани од повеќе книги, стручни монографии, трудови, написи, како и записи и лични
теренски истражувања, како и со делумно користење на историскиот и споредбениот
наративен пристап овој краток труд има за цел да даде слика за положбата на
Македонците со исламска вероисповед во Македонија. Имајќи ги предвид тековните
неповолни општествено-политички тенденции и положба во која живеат Македонците
муслимани во Македонија, неопходноста и релевантноста од ваквите истражувања се
наметнува сама по себе со задача да служи како основа на сознанија, информација и
податоци врз основа на која ќе може да се создадат најцелисходни политики и делувања.

I. ОДЛИКИ НА ПРОЦЕСОТ НА ПРИФАЌАЊЕ НА ИСЛАМОТ КАЈ


МАКЕДОНЦИТЕ И НИВНОТО ВЛИЈАНИЕ

Несомнено, најзначајниот чинител кој ги определува Македонците муслимани како


засебна група во рамки на македонскиот народ е прифаќањето на исламската религија.
Иако постојат доста распространетите претпоставки за еднородност и воедначеност на
прифаќањето на исламот, наеднаш и во широки размери на доброволна или насилна
основа кои имаат политичка позадина и конотација за докажување на одредена посебност
и долготрајна историска самобитност на оваа група, сепак историските податоци и записи
укажуваат дека исламската религија била прифаќана во различни размери во различни
периоди од отоманското владеење во Македонија и тоа на различни начини според
случаите и зададените околности во различни и често оддалечени географски предели и
простори. Разликите во начините, времето и околностите во прифаќањето на исламската
вера во содејство со географскиот простор условиле и појава на различни етнографски
црти, посебно разлики во однос на чувството за припадност, националната определба и
политичката положба. Исламизацијата како процес траела цело време од доѓањето па сѐ
до заминувањето на Османлиите, но во зависност од развитокот и промените во државата,
таа се разликувала во разните периоди по својот метод, интензитет и последиците што ги
предизвикувала (Паликрушева, 1965). Во однос на методот на раширувањето и
наметнувањето на муслиманската вероисповед се започнувало од обичното ветување за
„среќен живот“ во исламот, па се стигнувало до најгруби насилија (Лимановски, 1993).
Еден запис наведува дека турските власти се служеле со разни методи да го натераат некој
христијанин да премине на ислам кои подразбирале задоволување на среброљупците со
пари, суетните и властољупците со почести и изгледи за високи достоинства, додека
плашливите и слабите со закани и сила (Đurđev, 1962). Најзначајна алатка во рацете на
турските феудалци преку која се вршела индиректна интервенција за исламизација на
населението, особено во почетниот и првиот ран период на османлиското владеење, била
даночната политика која во самиот аграрен и даночен систем на турскиот феудален
поредик имала пресудна улога во забрзувањето на процесите за преверување
(Лимановски, 1993: 43). Ослободувањето од даноците при прифаќањето на исламот покрај
сите парични и стоковни давачки на добитокот и земјоделските производи, подразбирале
дека децата на помуслиманет татко не потпаѓале под удар на данокот во крв т.е.
„девширме“ односно собирањето на христијанските деца за јаничари (Лимановски, 1993:
44). Причините за прифаќањето на исламот исто така биле најразлични. Честа причина за
поединечни преминувања во муслиманската вера биле поволностите, правата и
бенефициите во општествените односи кои следувале, како ослободување од разни
даноци, обврски, давачки и обвиненија, задржување на имотот и подоцнежно претворање
во чифлици, а некои биле примамувани од верските достоинственици со ветувања за злато
или станување на господари, аги (Лимановски, 1993). Можноста за зачувување на имотите
и поседите довела до појавата еден брат или член на семејството да го прифати исламот со
цел да се зачува сопственоста, а потоа сите заедно да продолжат заеднички да живеат и да
работат на истиот имот и земја (Апостолски & Антолјак, 1969). Друга причина во тесна
врска со поволностите е и безбедноста по животот и имотот што ја нудело прифаќањето
на исламот при налетот на разни албански банди и башибозук. При вакви случаи на
прифаќање на исламската вера од Македонци, честа била појавата муслиманите да ги
земаат во заштита своите роднини и соселани христијани (Трифуноски, 1990). Потврда за
ова е исламизацијата на селата во Реканската област долината на реката Радика која била
прва на удар при продирањето на пљачкашките качачки банди од Албанија. Фактот што
многу често се случувало еден од двајца браќа или родители и деца во исто семејство да го
прифатат исламот (Лимановски, 1993: 43) пак јасно говорат дека не само етнички туку и
биолошки Македонците муслимани се дел од македонскиот народ. Во поглед на обемот и
интензитетот може да се одвојат два историски периоди односно период на рана и период
на доцна исламизација (Паликрушева, 1965). Дека размерите на прифаќањето на исламот
во Македонија не биле многу големи во почетните периоди сведочи фактот од опширните
пописи дека сѐ до крајот на 16 век исламизацијата не го зафаќа селското население во
Македонија (Паликрушева, 1965). Со оглед на фактот дека владеачката класа секогаш е
сместена во градските средини, македонското население кое го прифатило исламот во
градовите најчесто многу брзо ги попримало јазикот, обичаите и одликите од водечката
класа на турско население при што и се асимилирало. Оттаму, во овој прв ран период на
прифаќање на исламот не би можело да стане збор за формирање на засебната
муслиманска етнографска група во рамки на македонскиот народ. Таков случај на
асимилирање во Турци и Албанци при преселување на Македонците муслимани во
градските средини бил честа појава и подоцна како во Македонија така и при иселувањето
во Турција, а делумно е присутен и во денешно време. Политичките и геополитичките
промени кои настанале како последица од опаѓањето и водењето на неколку војни со
европските империи од 17 век па натаму довеле и до нови поголеми размери и обем на
засилена исламизација со јасна политичка и стратешка намера од страна на властите.
Имено, големите потреси кои уследиле по Австро-турската војна и продорот на
австриските војски сѐ до средишните и јужните делови на Македонија при што имале
голема поддршка од христијанското население за што пример претставува Карпошевото
востание од 1689 година условиле големи промени во сеопштата политичка и безбедносна
состојба со значајно влијание врз демографијата и етничките процеси особено во поглед
на исламизацијата на македонско население. По овој период каде се забележуваат првите
знаци на кризата што со векови ќе го придружува османското владеење (Паликрушева,
1965: 92) започнуваат големите притисоци и несигурност врз христијаните, големото
иселување на христијанско население од северните делови на Македонија и Косово во
Хабсбуршакта империја и Русија што пак го отворило просторот за масовна колонизација
и населување на муслиманско претежно албанско население на нивното место, а покрај
самото безвластие и анархија кои полека се распространувале самите турски власти со цел
да ја разбијат компактноста на христијанското население и да се отстрани опасноста од
бунтови и востанија започнале намерно да дозволуваат да се доселува муслиманско
население на стратешки значајните места како што се главните патишта, превои,
крстопати, премини низ многу области, особено во планинските и пограничните предели.
Со процесот на исламизирање и на селското население чиј зародиш започнал во 16 век и
продолжил во 17 век веќе започнала да се формира мијачката македонска муслиманска
подгрупа во Реканско (Паликрушева, 1965) која пак преку учество во миграционите
движења поттикнати од несигурноста и поддржани од турските власти ќе даде свои
иселеници во пределите на Скопско и Велешко. Напоредно во текот на 17 и 18 век
започнуваат и поголеми процеси на исламизација во Кичевско, Струшко, Тиквешко.
Несигурноста од постојаните албански притисоци и напади довеле до исламизација на
етничкиот македонски предел Гора од каде миграциони движења ќе дадат иселеници во
Тетовско во шарпланинските села Урвич и Јеловјане. Со губењето на повеќе војни против
европските империи, а со тоа и територии во текот на 18 век и ослободувањето на
Балканските држави на почетокот на 19 век уследило населување на огромен број на
муслиманско население составено од разни етнички групи како Черкези, Татари, Албанци
кое како „мухаџири“ односно бегалци дошло во Македонија и вршело дополнителни
притисоци врз христијанското население. Во овој втор подоцнежен период со
исламизација се опфаќаат и се создаваат заедници на Македонци муслимани и во
источните делови на Македонија како Пијанец и Малеш односно Пехчевско, Делчевско и
Беровско, потоа во областа Меглен во егејска Македонија, а во сообразност со широко
распространета исламизација на Помаците во непосредно блискиот предел на Родопските
планини се формира етничка македонска муслиманска целина и во Неврокопско
(Гоцеделчевско) во крајниот источен и југоисточен дел на пиринска Македонија. На тој
начин, во подоцнежниот период на исламизација со опфаќањето на селското население
кое како поотпорно на промени и асимилација го задржало македонскиот јазик со многу
народни обичаи, културни одлики и секојдневни навики, во Македонија се образувале
повеќе групи на Македонци со муслиманска верисповед. Различните области и предели во
кои тие се образувале заедно со различните причини и услови на прифаќање на исламот
условиле кај нив да се појават значајни етнографски разлики во прв ред во нивните
сфаќања, национални чувства за свест, припадност и определби кои пак сѐ до денес
значајно влијаат на нивната општествена и политичка положба.

II. ГЕОГРАФСКА РАЗМЕСТЕНОСТ И ОДЛИКИ НА МАКЕДОНЦИТЕ


МУСЛИМАНИ ВО МАКЕДОНИЈА

Македонците со исламска вероисповед географски се распространети во најголем дел во


западниот дел на Македонија, а потоа и во средишниот, додека различните општествено-
политички и историски процеси во текот на ХХ век условиле исчезнување на поголеми
македонски муслимански заедници и во централно-јужните и источните делови на
Македонија. Во основа Македонци со исламска религија има во сите делови и градовите
насекаде во Македонија, но поголеми и позначајни заедници и групи со засебни
етнографски црти и одлики денес има во: Струшко во пределите Дримкол и Малесија, во
Дебарско во пределите Жупа и Голо Брдо, соседната мијачка Реканска област односно
нејзиниот предел Долна Река, во Кичевско по долината на Треска во општината Пласница
и околината на Зајас, шарпланинските села Урвич и Јеловјане во Тетовско, пределот
наречен Торбешија во Скопско, во Велешко, во котлината Пелагонија во Прилепско,
Крушевско и Битолско.

II.1. ДРИМКОЛ И МАЛЕСИЈА ВО СТРУШКО

Македонците муслимани во Струшко се најмногу концентрирани во четири поголеми села


лево од Црн Дрим во подгорието на планината Јабланица во пределот наречен Струшки
Дримкол. Најмногу се населени во следните четири села: Октиси, Лабуништа, Подгорци и
Бороец кои сочинуваат еден компактен комплекс на населби (Трифуноски, 1990). Помал
број на Македонци со исламска вероисповед живеат како малцинство и во селото
Јабланица во областа Малесија, како и во Мислешево и градот Струга. Значајна одлика на
селата во струшки Дримкол е нивната извонредно поволна местоположба во подгорието
на Јабланица на допирот на подножјето на планината со пространата и плодна рамнина на
Струшкото Поле обилно напојувана од водите на Црн Дрим и јабланичките потоци. Во тој
поглед овие села изобилуваат со поволни услови за занимавање и развој на сите основни
економски дејности и стопански гранки како земјоделство, сточарство и шумарство и тоа
во пообемни размери што придонело овие села да растат, да се зголемуваат според бројот
на жителите и со самото тоа да јакнат и да претставуваат привлечно место за доселување
како што е случајот со македонските муслимански доселеници од Голо Брдо. Оттаму со
сигурност може да се претпостави дека овие природно-географски одлики најмногу
влијаеле врз поволната економска и високата општествена положба која ја заземале
муслиманските Македонци во Струшко за време на отоманското владеење, што пак се
одразило во нивната поголема приврзаност кон исламот од верски и национален аспект и
оддалечување од своите сонародници христијански Македонци. Струшко-дримколските
Македонци муслимани се јужниот дел од една поголема македонско муслиманска
етногеографска зона која се шири по течението на Црн Дрим од неговата лева страна
зафаќајќи ги пределите Дебарски Дримкол и Голо Брдо (Трифуноски, 1990). Преданијата
за потеклото на ова население во струшки Дримкол воглавно се многу слаби, а покрај тоа
обично потеклото се крие ако се знае предокот кој бил христијанин. Македонското
муслиманско население во струшко-дримколскиот крај во време на турското владеење
претставувало посебна етничка група, врз основа на што такво останало сѐ до денешни
дни (Трифуноски, 1990). Начинот на живот, чувствата и свеста значајно ги одвојуваат од
своите соседи и сонародници христијани (Трифуноски, 1990: 91). Општествената и
политичка положба помеѓу овие две верски групи на македонскиот народ во Струшко
исто така отсекогаш била различна. Македонците муслимани до 1912 година имале и по
некој истакнат човек во турската државна управа како некојси Мемет-паша. Исламската
вера многу ги олабавила врските засновани на македонската крв и припадност, иако не
можела целосно да ги уништи најглавните особини како македонскиот јази кој е потполно
сочуван заедно со некои спомени за потеклото (Трифуноски Ф. Ј., 1990). На основа на
овие околности Македонците муслимани од Струшко имаат национално чувство поврзано
со верата што до 1912 било искажувано исклучиво како турско, а дури по Втората светска
војна започнале одредени изјаснувања како Македонци, Албанци, Турци, Муслимани или
други (Трифуноски, 1990). Интересен показател за разнообразната национална определба
на Македонците со исламска вероисповед во Струшко даваат податоците од пописот во
2002 година каде во поранешната Општина Лабуништа каде од вкупно 8935 жители, како
Македонци се изјасниле 1149 (12,86%), како Албанци 4935 (55,23%), Турци 1618 (18,11%)
и во останати се попишале 1233 (13,80%), додека пак во однос на изјаснувањето според
мајчиниот јазик, македонски јазик имаат 7696 жители или 86,13%, додека албански 1017 а
турски само 102 (Попис на населението 2002 - Книга Х, 2002). Со промените во
територијалната организација од 2004 во рамки на Општината Струга влегоа сите села од
Дримкол и Малесија во кои живеат Македонци со исламска вероисповед. Статистичките
податоци за Општина Струга во новите граници од вкупно 63376 жители бележат 20336
(32%) изјаснети Македонци и 29135 (45,9%) жители со мајчин македонски јазик (Попис на
населението 2002 - Книга Х, 2002). Со оглед на фактот дека како православни христијани
се изјасниле 19764 (31,1%) жители, од претходните податоци произлегува дека во
Струшко живеат 9371 или скоро 10000 Македонци со исламска вероисповед од кои само
околу 1/10 се изјаснуваат како Македонци, додека останатите во најголем дел се
изјаснуваат како Албанци, Турци или останати. Во тој однос Македонците муслимани во
Струшко имаат многу поблиски односи и свест за блискост со Албанците, Турците и
другите муслимани, а односите со Македонците христијани често пати биле конфликти,
непријателски и на раб на нетрпеливост. Очигледни докази за ова беа немилите настани
како меѓуверски тензиии помали судири во Струшко во селата Октиси, Боровец, Вевчани,
Лабуништа и градот Струга на почетокот на 2012 година (Sharevski, 2015), нетрпеливоста
помеѓу соседните села Вевчани и Октиси околу водоводот во 1988, меѓуверските судири
околу изградбата на црква во Октиси во 2013. Во тој контекст е и практиката дел од
децата во Октиси иако зборуваат и следеле настава на мајчин македонски јазик по барање
на родителите да следат настава на албански јазик (Ѓорѓевски, 2013). Дополнителен
показател и воедно резултат на овие одлики во однос на определувањето, е тоа што
предводниците на идеата за одделување и афирмирање на Македонците муслимани во
посебна етничка група признаена во Уставот под името „Торбеши“, Фијат Цаноски и
Шериф Ајрединоски се луѓе токму од овој крај каде што воедно поддршката за ваквата
идеа е најголема. Во однос на етнографските карактеристики македонското население од
струшки Дримкол според говорот припаѓа на брсјачката подгрупа, додека во дебарскиот
Дримкол населението во голема мера припаѓа на мијачката говорна група и претставува
посебен локален тип (Лимановски, 1993: 262). Меѓутоа, бидејќи во струшките дримколски
села, особено во оние каде што живеат исламизирани Македонци, има голем број на
доселени македонски исламизирани родови од дебарскиот Дримкол и Голо Брдо, денес во
говорот кај поголем дел од исламизираните македонски родови, посебно во с.Лабуништа,
јасно се забележуваат карактеристични зборови од мијачкиот говор (Лимановски, 1993:
262). Оттаму, заедницата на исламизираните Македонци во Струшко претставува
своевиден спој и мешавина од брсјачката и мијачката етнографска подгрупа, со
карактеристични особености во дијалектот и носијата.

II.2. ЖУПА, ГОЛО БРДО ВО ДЕБАРСКО

Во Дебарско, Македонците со муслиманска вероисповед се распространети во целата


област и во основа претставуваат мнозинско население. Дебарскиот крај земен во
границите на општините Дебар и Центар Жупа во суштина опфаќа и соединува три
различни целини или заедници на Македонци со исламска вероисповед. Етнографски
Македонците муслимани во Дебарско припаѓаат на 3 различни целини и предели: Жупа,
Река и Голо Брдо. Во рамки на пределот Жупа, Македонци со исламска вероиспвед живеат
во селата: Броштица, Житинени, Горенци, Кочишта, Баланци, Голем и Мал Папрадник
(Русиќ, 1957). На областа Голо Брдо ѝ припаѓаат дебарските села Отишани и Џепиште,
додека селата Горно и Долно Косоврасти, Могорче кои се наоѓаат во долината на Радика,
припаѓаат на етнографската област Река населена со мијачко населние со исклучок на
Горно Косоврасти. Со раселувањето на Македонците со христијанска вероисповед
Македонци муслимани денес живеат и во селата Рајчица и Татар Елевци. Јасните
етнографски разлики, но и географската местоположба на Македонците муслимани во
Дебарско условуваат и видливи разлики во нивното национално чувство и изјаснување
како и политичка положба и определба. Имено, во дебарските села Отишани и Џепиште
кои припаѓаат на пределот Голо Брдо, заедно реканските Долно и Горно Косоврасти и
покрајното жупско село Броштица е многу повеќе, појасно и посилно изразена
македонската национална свест и изјаснување за разлика од целиот предел Жупа каде
исклучиво преовладува турската свест и определба. Имено, како Македонци во Горно
Косоврасти се изјасниле 578 (70,7%), во Долно Косоврасти 388 (47,7%), во Отишани 302
(57%), во Џепиште 105 (21%), а во Броштица 622 (88,5%) од вкупно попишаните жители
(Попис на населението 2002 - Книга Х, 2002). Истовремено, јасен показател на
македонската свест и припадност во селото Броштица е одржувањето на манифестацијата
„Гоцеви Денови“ посветена на македонскиот револуционер Гоце Делчев, добрите односи и
помошта за обнова и изградба на цркви која тука и во други дебарски села на иселениците
христијани ја даваат Македонците со исламска вероисповед. Една причина може да е
фактот што селата Отишани, Џепиште, Горно и Долно Косоврасти се крај самата државна
граница со Албанија па очигледните национални разлики имаат влијание за зацврстување
на свеста за македонска припадност. Јасните јазични и етничко-национални разлики кои
се чувствуваат во селата во Голо Брдо кои потпаѓаат под Албанија се главен чинител за
тамошната силно изразена македонска национална свест која се одразува и преку
изучувањето и залагањата за воведување на мајчиниот македонски јазик во образованието,
политичката активност во партиите на македонското малцинство во Албанија, барањата за
признавање на статус на македонско национално малцинство и малцински права во Голо
Брдо итн. Друга причина е што селата Горно и Долно Косоврасти кои географски се во
долината на Радика, заедно со Броштица во пределот Долна Жупа гравитираат кон
пределот Долна Река и Општината Маврово-Ростуше каде е најсилна свеста за
македонската припадност на Македонците со исламска вероисповед. Од друга страна,
фактот што во областа Жупа во нејзиниот предел Горна Жупа има бројна и значајна
турска јуручка етничка заедница и воедно се наоѓа Коџаџик – или светиград место со
големо духовно и културно значење за турскиот народ укажува на влијанието за
приврзаност кон турската припадност и воедно политичка определба кон турските
малцински партии на жупските Македонци со исламска вероисповед. Во тој однос не е
едноставно и да се одреди точниот број на Македонци со исламска вериосповед во
Дебарско бидејќи значаен дел од нив иако не го говорат, на пописите покрај турската
националност како мајчин јазик го истакнуваат и турскиот јазик на кој во повеќето жупски
села посетуваат и настава во основното и средното образование. Имено, доколку се
погледнат збирно податоците од пописот во 2002 година во општините Дебар и Центар
Жупа како Македонци се изјасниле 3302 луѓе, додека како мајчин македонски јазик
истакнале 5127 луѓе (Попис на населението 2002 - Книга Х, 2002). Според некои проценки
од деведесетите години на ХХ век во селата во Долна Жупа живееле 6600 Македонци со
исламска вероисповед, на кои ако се придодаде бројката од оние во градот Дебар и
дебарските села Џепиште и Отишани во Голо Брдо, Долно и Горно Косоврасти во
Реканско може да се претпостави бројка од нешто повеќе од десетина илјади со што тие
претставуваат околу 41% или скоро половина од населението во Дебарско. Оттаму,
доколку се земе предвид дека останатиот дел или половина од населението се етнички
Албанци, Турци, се доаѓа до податок дека етничките Македонци се всушност најбројната
народност која живее во Дебарско.

II.3. РЕКАНСКО

Најпозната област која се истакнува по етнографските карактеристики во која


преовладуваат Македонците со исламска вероисповед е Реканскиот крај по долината на
Радика, односно нејзиниот предел Долна Река во крајниот западен дел на Македонија.
Имајќи ги предвид фактите дека оваа тешко пристапна планинска област била жариште на
познатото востание на Георгија Кастриот – Скендербег, непосредната близина до
албанските области преку планините Дешат, Крчин и Кораб на запад како и големото
христијанско светилиште манастирот Свети Јован Бигорски се наметнуваат неколку
претпоставки за масовниот и широко распространет процес на исламизација во овој
предел. Исламизацијата како метод на пацификација (смирување) на оваа немирна област
започнала во втората половина на XVI век (Лимановски, 1993: 239). Со оглед на тоа дека
оваа област била прва на удар и цел на постојани притисоци како од албанските банди, но
и на турските власти, широкото прифаќање на исламот е повеќе резултат на несигурноста
и насилните методи. Имено, турската власт употребувајќи главно насилни средства во
Долна Река успеала да натера многу од дотогашните Македонци христијани да преминат
во ислам (Трифуноски, 1958: 92). Од крајот на 16 век со новиот елемент, поделбата на
мијачката етничка група две вера од кои припадниците на новопојавената вера во рамките
на етносот и припаѓаат на привлигираната вера во државата, дејствувал кон формирањето
на торбешката подгрупа (Паликрушева, 1965: 144). Верскиот расцеп кој настанал меѓу
македонското население во Реканско довел до создавање односно поделба на две
подгрупи со исти етнографски, јазично-говорни и обичајни особини – Мијаците кои
останале христијани и Торбешите кои преминале на ислам (Лимановски, 1993: 239).
Постојаните притисоци и несигурност нешто подоцна ќе доведат иселување и создавање
на „торбешка-реканска дијаспора“ во пределот Торбешија во Скопско и во Велешко, кои
покрај задржувањето на главните етнографски црти, како резултат на новите услови и
политичко-општествени околности во многу што ќе се разликуваат во однесувањата и
определбата од своите сонародници во стариот крај. Особено значаен е податокот за
општествено-политичката положба на реканските Македонци муслимани во отоманско
време. Имено, иако тие ја примиле исламската вера тие и понатаму останале потчинета
„раја“ спрема Албанците и Турците кои ги исмејувале како „потурици“ (Смиљаниќ,
1925). Според Тома Смиљаниќ, како доказ и показател дека Македонците муслимани во
Долна Река останале „раја“ сведочи фактот што и тие (како и христијаните) морале да се
ислуваат од зулумите (Смиљаниќ, 1925: 42). Голем дел Македонци муслимани од Река кои
се доселиле во селата во долината на Бабуна и Тополка во Велешко и Торбешија во
Скопско од Долна Река се иселиле поради зулумите (насилствата) на Албанците и
турските власти (Смиљаниќ, 1925: 42). Ваква појава и причина за иселување воопшто не е
позната кај Македонците со исламска вероисповед во Струшко, Дебарско и Кичевско кои
дале иселеници во Пелагонија. Истовремено со овие причини, начинот на преминувањето
во ислам, разните политички и безбедносни услови и околности условиле развивање на
специфични чувства, одлики и определби кај реканските Македонци муслимани. Имено,
Македонците со исламска вероисповед во Река сѐ до денес останале најприврзани и
свесни во определбата дека се Македонци. Како главно објаснување на оваа силна
македонска свест и разлика во однос на Македонците муслимани во другите области во
Македонија во прв ред може да се наведе ситуацијата на нивната положба на потчинета
„раја“ и исмевање и презир од Албанците и Турците што пак нив ги ставала во речиси
иста подредена општествена положба со своите христијански сонародници со кои делат
ист јазик, обичаи, а дополнително историското сеќавање и преданија за заедничкиот
живот биле доста силни што донекаде е случај и денес. Јасни показатели на ова се
изјаснувањето на пописите на мнозинството од населението како Македонци, определбата
за македонски политички партии, образованието на македонски јазик, високиот степен на
патриотизам и родољубива приврзаност кон Македонија како и фактот што токму од овој
крај се двајцата највидни личности и поборници за обединувањето на Македонците со
исламска вероисповед со својот матичен македонски народ – научникот д-р Нијази
Лиманоски од Ростуше и поетот Саме Лимани – Жарноски од Жировница. Според
податоците од пописот од 2002 година во поранешната општина Ростуше која го опфаќа
пределот Долна Река како Македонци се изјасниле 5208 жители (55,1%), како Албанци
3040 (32,1%), а како Турци 1105 (11,7%), меѓутоа како мајчин јазик македонскиот го
навеле 8055 жители или 85,2% (Попис на населението 2002 - Книга Х, 2002). Доколку се
има предвид дека во целиот крај само во селото Врбјани со 625 жители живеат вистински
Албанци кои како мајчин јазик го говорат албанскиот, православни Македонци се околу
стотина во Битуше, Ростуше и мијачијата, а етнички Турци воопшто нема бројката на
Македонците со исламска вероисповед во Реканско се движи нешто над 10000 луѓе. Села
во Долна Река кои особено се истакнуваат по изразувањето на македонска свест на
жителите се Жировница со 1314 (81,7%) изјаснети жители како Македонци, Могорче со
1408 (78,5%) изјаснети како Македонци, Велебрдо со 609 (81,2%) изјаснети како
Македонци, Видуше со 152 (82,2%) жители изјаснети како Македонци, Јанче со 146 (76%)
изјаснети како Македонци, Присојница со 232 (73,6%) жители изјаснети како Македонци
(Попис на населението 2002 - Книга Х, 2002). Во однос на етнографските одлики
Македонците со исламска вероисповед се одликуваат по своите изразити мијачки црти
како што е одлично зачуваниот мијачки говор на македонскиот јазик со мали примеси од
горанскиот (призренски) и говорот во Дебарско Поле како на пример: честото додавање и
употреба на честицата “ести“ што е карактеристика на Дебраните, правење на множина во
женски род со наставката –е како во горанскиот (призренски) говор за разлика од
мијачкиот каде е со –и (Смиљаниќ, 1925: 42). Останати изразити мијачки одлики кај
Македонците со исламска вероисповед во Долна Река се и прославувањето на народни и
христијански празници карактеристични за мијаците како Летник, Ѓурѓовден, особената
почит и негувањето на култ кон манастирот Свети Јован Бигорски и др. Забележливо е и
тоа дека дел иселеници кои живеат во Скопје се сосема изедначени во одликите со
градското македонско населние.

II.4. КИЧЕВИЈА

Кичевската котлина која е сместена во средишниот дел на западна Македонија и воедно


кон запад граничи со сите претходно наведени области во кои живеат Македонци со
исламска вероиспвед е исто така предел во кој имало исламизација од поголеми размери
при што сѐ до денес живеат значаен број на Македонци муслимани. Македонците
муслимани денес во Кичевско со својот македонски јазик и сите свои одлики компактно
живеат во селата во Општина Пласница односно во Преглово, Лисичани, Пласница и
Челопек кои се наоѓаат во плодната рамнина од девете страни по горното течение на
Треска пред нејзиниот влез во Порече како и во самиот град Кичево и во неговите
најблиски околни села Србјани, Мамудовци, некогаш во поголем број и во Другово.
Македонци муслимани некогаш живееле и целосно се иселиле од кичевските села
Староец, Миокази, Крушица. Помал број на исламизирани Македонци кои денес се речиси
пред целосно албанизирање живеат и во северниот дел на областа во околината на Зајас во
селата Бачишта, Горно и Долно Строгомиште. Првите зачетоци на исламизацијата во
Кичевско се со помал размер и тоа претежно од земојпоседнички семејства, за што јасен
показател е фактот што сите тие биле во селата во плодната алувијална рамнина крај
реката Треска јужно и источно од градот Кичево. Периодот на исламизацијата во
Кичевско се одвивал кон крајот на 17 и во 18 век, а во преданијата се наведуваат податоци
кои укажуваат на случаи на браќа христијани и браќа муслимани како и деца муслимани
со родители христијани (Трифуноски Ј., 1966). Сепак процесот на исламизација во
Кичевско може да се подели на два периоди. Во првиот период на исламизација еден дел
од населението кое во овој крај е од етнографската подгрупа на брсјаците била принудена
да го прифати исламот при што станале познати како Торбеши, Аповци и Читаци
(Лимановски, 1993: 265). Вториот подоцнежен бран на исламизација во Кичевијата
започнал со продирањето и населувањето на Албанците муслимани кон крајот на XVIII и
почетокот на XIX век (Лимановски, 1993). Постојат записи дека самото село Зајас во
моменти додека повеќето мажи биле на печалба најпрвин било исламизирано од
албанските качачки банди, а потоа бил наметнат и албанскиот јазик. Поради несигурноста
од честите грабежи и напади од Албанците голем број Македонци кои живееле во селата
во Горна Кичава започнале да го прифаќаат исламот. Продолжените притисоци и
насилства од Албанците подоцна постепено довеле албанскиот јазик да го примат и да се
албанизираат голем број на македонски муслимански родови во селата: Србица,
Колибари, Длапкин Дол, Колари, Бериково, Грешница, Поповјани, Лешница, Туин, Ново
Село, Папарадиште и Долно Страгомиште (Лимановски, 1993: 266-267). Етнографски
гледано, Македоните со исламска вероисповед имаат заедничка црта со Македонците
христијани само во јазикот односно во говорот, меѓутоа меѓу нив постојат други многу
поголеми разлики затоа што исламското влијание е многу силно особено во областа на
верскиот и семејниот живот поради што муслиманите се национално одвоени од
Македонците (Трифуноски Ј. , 1966). Една од причините за ова е големиот број на
доселеници од турска и албанска народносна припадност кои се претопиле во кичевските
Македонци муслимани. Имено, како бројна и компактно населена заедница во целиот
кичевски крај кој пак е крстосница на сите патишта во западна Македонија, Македонците
муслимани биле доста значаен елемент кој можел да ги наметне своите одлики и во себе
да асимилира помали групи. Така, во текот на османлиското владеење голем број на
поединци кои дошле од други краишта како спахии, чиновници, духовни лица меѓу кои
голем број на Турци овде ги губеле своите етнички одлики и ги прифаќале јазикот и
навиките на својата нова муслиманска средина (Трифуноски Ј. , 1966). Во текот на 19 век
помеѓу Македонците муслимани во Кичевско особено бил силен приливот на албански
доселеници кои сѐ до Втората светска војна особено во градот Кичево каде муслиманите
биле речиси мнозинство, се претопувале примајќи го македонскиот јазик и одлики
(Трифуноски Ј. , 1966). Имено, сѐ до 1953 година Македонците со исламска вероисповед
биле најбројни односно мнозинство во градот Кичево со 4749 (49,64%) од вкупни 9567
жители (Трифуноски, 1971). Поради овие влијанија примесите на други етнички групи
помеѓу кичевските Македонци со исламска вероисповед не е незначајна при што тие
претставуваат изразита етничка мешавина (Трифуноски Ј. , 1966). Поради овие и верско
политички причини Македонците со исламска вероисповед во Кичевско претежно се
изјаснуваат како „Турци“, а еден дел и за „Албанци“ со мајчин македонски јазик што било
карактеристичко за с.Бачиште (Лимановски, 1993: 267). Македонците муслимани од
Кичевско се одликуваат со многу чист македонски говор од кичевскиот брсјачки дијалект.
Сепак, поради политичко-верските причини најголемото мнозинство од нив како мајчин
јазик на пописите го наведуваат турскиот иако поголем дел не го познаваат или течно го
зборуваат, додека македонскиот јазик како мајчин им е во секојдневна употреба. Јасен
показател на ова е податокот дека 99,3% од Македонците со исламска вероисповед во
Општина Пласница кои се изјасниле како Турци за мајчин јазик го навеле турскиот
(Попис на населението 2002 - Книга Х, 2002). Истовремено во однос на етнографските
одлики, Македонците со исламска вероисповед од Кичевско имаат некои заеднички црти
и со помалубројната заедница на Македонци со исламска вероисповед во Прилепско во
селата Дебреште, Лажани и Пешталево (Трифуноски Ј. , 1966).

II.5. ТЕТОВСКО

Една од најмалите области или предели компактно населени со исламизирани Македонци


се наоѓа во Тетовско на источните падини на Шар Планина. Имено станува збор за
горанската подгрупа создадена во Македонија која живее во двете тетовски села Урвич и
Јеловјане (Лимановски, 1993: 274). Македонците со исламска вероисповед кои живеат во
тетовските села Урвич и Јеловјане се преселници кои се доселиле од областа Гора која се
наоѓа на другата југозападна падина на Шар Планина во рамки на денешно Косово и мал
дел Албанија. Најголемиот дел од нив се доселеници од горанските села Борје, Брод,
Рестелица, Зли Поток, Крушево, Лештане (Лимановски, 1993). Поради ова Македонците
муслимани во овие две села во однос на етнографските црти како јазикот односно говорот,
обичаите и одликите тие се блиски до горанците. Како и во матичната област Гора, така и
во новата средина Македонците муслимани се окружени и изложени на чести притисоци и
напади од Албанците. Денес овие села се во рамки на општината Боговиње, а познати се
несогласувањата што ги имаат со општинските власти околу црпењето вода од извори во
атарот на Јеловјане, скратување на бројот на паралелки во училиштето, бројни кражби врз
куќите на печалбари во Урвич и Јеловјане итн. Иселениците од овие села, особено во
градот Тетово, како и останатите исламизирани Македонци од овој град се изложени на
притисоци и асимилација, па пораи етнобиолошките процеси со друго муслиманско
население, голем дел од нив се албанизирани и турцизирани (Лимановски, 1993: 275). Ова
се огледува и во изјаснувањето на националната определба на населението на пописот во
2002 година кога мнозинството жители на Урвич и Јеловјане се изјасниле како Турци со
турски како мајчин јазик.

II.6. ТОРБЕШИЈА ВО СКОПСКО

На падините на планината Китка и северните и североисточните огранки на Караџица и


планинскиот масив Мокра во долината и поречието на Маркова Река во Скопско се наоѓа
пределот наречен Торбешија кој вклучува повеќе села со Македонци со исламска
вероисповед и претставува своевидна мала етногеографска област со посебни и јасно
изразени црти во однос на сета околина. Иако областа наречена Торбешија ја сочинуваат
околу 18 села, Македонците муслимани денес се сконцентрирани и живеат во 6 планински
и ридски села кои се меѓусебно блиску распоредени (Трифуноски Ф. Ј., 1958). Тоа се
селата Држилово во Општина Сопиште и Елово, Умово, Цветово, Долно Количани и
Пагаруша во Општина Студеничани. Во минатото Македонци муслимани живееле и во
сосема раселеното село Гороглед, како и во Умово кое веќе нема постојани жители но сѐ
уште административно се води како село. Сите Македонци муслимани со исклучок на
еден род во селото Пагаруша кои живеат во пределот Торбешија во поречието на Маркова
Река во Скопско се по потекло и се доселени од областа Долна Река во долината на Радика
во западна Македонија. Доселувањето на Македонците муслимани во поречието на
Маркова Река започнало во втората половина на 18 и траело до средината на 19 век
(Трифуноски Ф. Ј., 1958). Постојат голем број показатели меѓу кои најголем докази за ова
се етнографските одлики како што е реканскиот мијачки говор кој е зачуван и се зборува
во селата. Особено изразит реканско-мијачки говор се зборува во Цветово во кое најголем
дел од родовите се доселени од Ростуше, заради што околните селани (држиловци и
други) за цветовци велат дека зборуваат „по ростушки“ (Трифуноски Ф. Ј., 1958: 176).
При мојата посета и разговор со млади и постари жители на селото во 2014, можев да
забележам изразити реканско-мијачки јазични облици и зборови како дорва, пот, рока,
топан, ѕизд. Јазикот на Македонците муслимани од Торбешија претрпел многу мали
речиси безначајни промени како извесен мал број на турски и албански зборови
(Паликрушева, 1965). За потеклото на Македонците муслимани во Торбешија од Реканско
во своите записи од 1896 сведочи и македонскиот револуционер Ѓорче Петров кој
наведува дека мештанин му раскажувал дека жителите на Долно Количани се преселиле
од Жировница и дека имињата на 3 маала во Долно Количани се среќаваат и во
Жировница (Петров, 1896). На доселувањето на Македонци муслимани од Долна Река во
овие простори не влијаеле стопанските можности, туку бидејќи во времето на
доселувањето тие веќе биле муслимани најчесто биле упатувани од турските власти
(Трифуноски Ф. Ј., 1958) кои со населување на муслиманско (и албанско) население
сакале да ја разбијат компактноста на христијаните во планинските предели и со тоа да ја
намалат опасноста од бунтови. Показател на тоа дека тие се целесообразно доселувани е
тоа што на почетокот тие не се прибирале во едно или две села туку во помали групи се
распоредувале во веќе населени македонски православни села како на пример Долно
Лисиче, Кисела Вода, Добри Дол, Зелениково (Трифуноски Ф. Ј.,1958). Помал број на
македонски муслимански родови од Реканско се иселиле и поради несигурност или на
повик на познаници (Трифуноски Ф. Ј., 1958: 57). Ваквите причини на доселувањете,
обврската за одржување во новата средина длабоко се одразиле во навиките, обичаите,
сфаќањата, чувствата и определбата на Македонците муслимани во скопска Торбешија.
Имено, Македонците муслимани од Скопско и Велешко се многу поголеми верски
фанатици од своите соплеменици во Реканско (Паликрушева, 1965: 164). На таа основа
тие иако послабо ги применувале верските прописи за што турските власти меѓу нив
развивале верско мисионерство (Лимановски, 1993: 277), сепак тие за време на
отоманското владеење бил во блиски и добри односи со властите, за што сведочи
примерот кога по убиството на турски бег од македонски комити во 1907 селото Осинчани
населено со Македонци христијани било нападнато, запалено и раселено во знак на
одмазда од Македонци муслимани од Држилово и Албанци од другите села (Трифуноски
Ф. Ј.,1958: 151). Иако до денес меѓу Македонците муслимани од Торбешија и христијани
од Каршијак во Скопско постојат долгогодишни добри и пријателски односи, за што како
денешен пример се заедничките бачила на жители од Цветово, Солње, Сопиште и Добри
Дол, сепак разликите се доста големи и воочливи. Оттаму, Македонците муслимани во
скопска Торбешија чиј вкупен број според податоците од пописот во 2002 изнесува 3940
жители во убедливо најголем дел (87,1%) се изјаснуваат како Турци со турски како мајчин
јазик, а единствен мал искучок се јавува во селото Држилово каде 115 (31,8%) жители се
изјасниле како Македонци, а речиси сите или 357 (98,6%) жители го истакнале
македонскиот како мајчин јазик. Свеста за посебност од Македонците христијани и
останатите етнички групи во Скопско кај Македонците муслимани се должи на нивната
бројност и населување во поголеми групи што придонело тие да ги зачуваат својот јазик,
обичаи и одлики (Паликрушева, 1965) кои во многу голема мера се разликуваат од
јазикот, обичаите и одликите на староседелците Македонци христијани. Истовремено,
културните разлики и компактноста во населеноста ги сочувала од претопување кое пак е
особено изразито во Турци и Албанци во случаите на нивните иселеници во Скопје и
Турција.

II.7. ВЕЛЕШКО

Иселеничката струја на муслиманските мијаци Македонци од Долна Река дала свои


доселеници и во Велешко при што во долините на Тополка и Бабуна на јужните и
источните падини под масивот Мокрa е создадена мала македонска муслиманска пределна
целина, која до крајот на отоманското владеење ги опфаќала трите села Мелница, Горно и
Долно Врановци. По брановите на масовно иселување во Турција по Првата светска војна
(Trifunoski, 1977) и во текот на педесетите и шеесетите години на 20 век, денес Македонци
со исламска вероисповед во Велешко живеат само во селото Мелница во Општина Чашка.
Нивното доселување во велешкиот крај според самите преданија на населението датира од
крајот на 17 и почетокот на 18 век (Паликрушева, 1965: 162). Народното предание исто
така наведува дека првите доселеници биле од долнореканските села Жировница,
Присојница, Ростуше и Велебрдо и најпрвин се населиле во селата со многу поволна
местоположба Мелница и Горно Врановци во горното течение на Тополка, а потоа дале
преселници и во пониските села во долината на Бабуна, Долно Врановци и Согле, при што
оние во Согле живеејќи меѓу Албанци го примиле нивниот јазик, обичаи и одлики и
целосно се поалбанчиле (Trifunoski, 1977: 173). Македонците муслимани во Велешко
етнички било и е воглавно хомогено со потекло од стари македонски родови кои го
примиле исламот уште во Долна Река во долината на Радика во западна Македонија
(Trifunoski, 1977: 173). Во однос на етнографските одлики, доаѓајќи од старата област тие
со себе ги понеле не само мајчиниот македонски јазик со изразитите долнорекански
особини на мијачкиот говор и дијалект, туку и старата народна носија од предисламкиот
период (Лимановски, 1993: 279). Во велешките македонски муслимански села најповеќе
од сите групи е зачувана старата „торбешка“ носија (Паликрушева, 1965: 166). Во
минатото кога велешката група на Македонци муслимани со реканско потекло била
побројна, тие биле и поголеми верски фанатици од своите соплеменици во Река, при што
најфанатични биле жителите од Горно Врановци кои дури и не признавале дека било кога
биле христијани и покажувале поголема верска нетрпеливост кон христијаните
(Паликрушева, 1965: 164). Дополнително, велешката група на Македонци муслимани се
одликувала со поголема живост, активност, борбеност и претприемчивост од своите
соплеменици во Река покажувајќи најповеќе сличности во своите психички особини со
мијаците (Паликрушева, 1965: 167). Со големите иселувања овие особини денес се
присутни во многу помали размери. Денес, Македонци со исламска вероисповед во
Велешко живеат само во селото Мелница каде што 304 (40,9%) жители се изјасниле како
Македонци, а 716 или 96,4% жители како мајчин јазик го навеле македонскиот (Попис на
населението, 2002 - Книга Х, 2002).

II.8. ПРИЛЕПСКО И ПЕЛАГОНИЈА

Група на Македонци со исламска вероисповед е населена и живее и во најголемата


македонска котлина Пелагонија, односно претежно во нејзиниот северен дел и северо-
западен раб на границата помеѓу Прилепско и Крушевско кон Порече со Кичевско.
Македонците муслимани во Прилепското Поле во Пелагонија живеат најмногу во селата
Дебреште, Лажани и Пешталево во Општина Долнени. Во минатото познато село со
Македонци муслимани било и битолското село Трновци во Општина Могила кое денес е
населено со Македонци христијани и само десетина муслимани, а исламизирани
Македонци живееле и во пелагониските села Саждево, Јакреново и Борино во Општина
Крушево (Лимановски, 1993: 270). Покрај автохтонотот исламизирано население, во овие
овие села поголемиот дел од жителите претставуваат потомци на доселеници од
миграционата струја од селата со Македонци муслимани во Западна Македонија и тоа од
дебарско-реканскиот и кичевскиот крај (Лимановски, 1993: 270). Потеклото на
најголемиот дел од Македонците со исламска вероисповед во Пелагонија и Прилепско е
од три главни доселенички струи: кичевско-дебарска, од Албанија и од Мала Азија, при
што најсилна со најмногу доселеници е кичевско-дебарската, а најголемиот дел од
населението во овој крај се населило во втората половина на 18 век (Трифуноски Ф. Ј,
1998: 78-79). Предците на родовите доселени од околината на Кичево и Дебар и претходно
пред да се населат во извесна мерка биле во врска со Пелагонија: некои од нив терале
стада со стока на зимување овде или преку познатиот пат Дебар – Кичево – Прилеп –
Кавадарци кон Повардарието, некои минувале тука како ќираџии и турски војници, а
некои доаѓале тука како полјаци, ќаи – сточари на чифлиците (Трифуноски Ф. Ј, 1998).
Оттаму, етнографски во однос на некои особини во говорот и обичаите Македонците со
исламска вероисповед во Прилепскиот дел на Пелагонија покажуваат блискост и сличност
со оние во Кичевско. Поради компактноста на селата, населението го зачувало мајчиниот
македонски јазик и другите карактеристики, меѓутоа исламската религија била фатална
извршувајќи силно влијание во губењето на наицоналното чувство за време на турското
владеење (Лимановски, 1993). Бројноста и опкруженоста на многубројни христијански
македонски села во Пелагонија влијаеле во оваа група да се претопат и да го прифатат
македонскиот јазик и одлики и некои муслимански родови од албанско и турско потекло.
Оттаму, заради исламот кој го сметаат за „турска вера“ се јавува „турска националн свест“
и при сите пописи Македонците муслимани во овој крај се изјаснуваат како Турци, иако
немаат ништо заедничко со турската народност (Лимановски, 1993). Сметајќи се за
„Турци“, Македонците со исламска вера во Пелагонија за време на отоманското владеење
влегувале во редот на повластените групи граѓани, па иако самите Турци и Албанци многу
не ги сакале, до 1912 година тие радо ги помагале турските власти во ослабнувањето на
Македонците христијани (Трифуноски Ф. Ј., 1998). Како резултат на тоа дури и денес
постои извесна нетрпеливост помеѓу Македонците муслимани и христијани каков што е
случајот на несогласувања околу изградбата на православен црковен храм во селото
Пешталево, определбата за албанските и турските политички партии во Општина Долнени
итн. Во однос на бројноста, според пописот од 2002 во Општината Долнени и во
Пелагонија имало околу 2600 Македонци со исламска вероисповед од кои 2500 изјаснети
како Турци, а 150 во Пешталево и како Албанци, при што и како мајчин скоро сите ги
навеле турскиот, односно албанскиот јазик.

III. ОБЛАСТИ ВО КОИ НЕКОГАШ ЖИВЕЕЛЕ МАКЕДОНЦИ МУСЛИМАНИ ВО


МАКЕДОНИЈА

Исламизацијата зафатила пошироки размери во Македонија опфаќајќи и други области


ширум целиот македонски етнички простор. Поголеми и позначајни групи на Македонци
со исламска вериосповед се образувале и живееле и во средишниот, крајниот источен дел
на денешна Република Македонија, како и делови на етничкиот македонски простор кои
се денес под Грција односно Мегленско во егејска Македонија и Бугарија односно
крајниот југоисточен дел во Гоцеделчевско (Неврокопско). Силните миграциони процеси
кои настапиле по заминувањето на османлиската власт, балканските и светските војни
довеле до речиси потполно иселување на овие групи на Македонци со исламска
вероисповед во Турција, но меѓу самите иселеници сѐ уште постојат сеќавањето, а
делумно се одржуваат македонскиот јазик, некои обичаи и одлики од старите краеви за
кои сведочи и литературата.
III.1. ТИКВЕШИЈА

По дебарската група на исламизирани Македонци, најголема во минатото била


Тиквешката област во која до 1913 година имало 27 села со македонско муслиманско
население (Лимановски, 1993: 279). Македонци муслимани во Тиквешко живееле и во
градовите Кавадарци околу 3000 луѓе и Неготино скоро 400 жители (Лимановски, 1993).
Имајќи ја предвид средишната положба на Тиквешката котлина во Повардарието и
воопшто Македонија како крстопат помеѓу источниот и западниот дел на Македонија по
долините на Брегалница и Црна, како и северниот и јужниот дел кон Скопје и Солун по
долината на Вардар, исламизацијата во Тиквешко започнала доста рано и зазела доста
големи размери. Почетоците на исламизацијата во Тиквешко датира уште од почетокот на
16 век со доселувањето на Турците – Јуруци од Мала Азија (Радовановиќ, 1924). По
Австро-турската војна кон крајот на XVII век во Тиквешијата и целата Османска империја
завладеале големи безвластија, безредија и анархија при што заедно со процесот на
почифлигувањето настанал и голем и насилен процес на исламизација („потурчување“) на
многу христијански села во рамнината на Тиквешката котлина, предводни од разни
фанатични исламски мисионери, земјопоседници, богаташи како некојси ''Карапаша'' кој
од Дебар се населил во селото Сопот, Махмут Ага од местото Ич Ил во Мала Азија кој се
населил во Долни Дисан, Кантур-бег во Пепелиште, некојси „Турчин“ населен „на џаде“
во Криволак (Радовановиќ, 1924: 204). Доста занимлив е примерот за наметнувањето на
исламот во селото Долни Дисан. Во 1785 година во Долни Дисан се населил богаташот
Махмут Ага од местото Ич Ил во Мала Азија при што во 1790 доселил извесен број свои
соплеменици со чија помош подоцна извршил масовна исламизација на македонското
население во овој крај (Лимановски, 1993: 45). Богаташот Махмут ага чиј имот со висока
кула и широки конаци го чувале голем број платени војници, многу ги малтретирал
христијаните во селото терајќи ги да му го пасат добитокот на ангарија, да му носат дрва
за горење и вода, им наметнувал свои даноци со единствена цел да го прифатат исламот
при што во периодот од 1790 до 1830 година во Долни Дисан биле исламизирани над 200
македонски семејства (Лимановски, 1993: 45). Во тоа време на турските големци важно
им било да се наметне исламската вера кое населението ја прифаќало за да се избави од
маките и насилствата, па така населението си го задржало својот македонски јазик при
што со изградбата и на џамија во 1812 до 1820 година биле исламизирани половината
жители на селото Долни Дисан (Лимановски, 1993: 45). Притисоците за исламизција биле
големи и од честите насилства од компактно населената област со Турци Јуруци на левиот
брег на Вардар, во Радовишко, Штипско и долината на Крива Лакавица на исток, како и
честите продирања на албански банди преку масивот Мокра во велешки Азот на запад. За
одликите на Македонците муслимани во Тиквешко или „познатите тиквешки „Помаци““
во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 пишувал и
македонскиот револуционер Ѓорче Петров. Имено тој запишал дека сето муслиманско
насление во Тиквеш е потурчено, помачко (Петров, 1896: 225). Помачките бегови во
касабите, особено во Кавадарци биле едни од прочуените бегови во Македонија (Петров,
1896: 225). Помашкото население било во селата, од кои главни биле Дреново и Сирково
при што работливи, но фанатици и разбојници биле нивните жители сирковци и дреновци
(Петров, 1896: 225). Фанатизмот на градските бегови бил поослабнат, поради што тие се
обогатиле до одвишок на сметка на христијанското население (Петров, 1896: 225).
Македонскиот јазик и начин на живот биле потполно зачувани кај тиквешките помаци
(Петров, 1896: 225). Бројот на исламизирани Македонци во Тиквешијата мошне брзо опаѓа
по балканските војни, меѓу двете светски војни и по 1955 поради масовното иселување во
Турција (Лимановски, 1993: 279). Најголем дел од Македонците муслимани од
Тиквешијата денес се иселени во Измир и неговата околина, а помали групи има и во
Истанбул, Бурса, Ада-Пазар, Аврет-Хисар и други места. Во Тиквешијата денес има многу
малку односно едвај околу стотина останати Македонци со исламска вероисповед и тоа 85
во Тремник, 33 во Пепелиште, 28 во Криволак, 15 во Долни Дисан кои се изјаснуваат како
Турци, додека во Росоман, Дреново, Сирково и околината повеќе воопшто не живеат
Македонци со исламска вероисповед.

III.2. ПИЈАНЕЦ И МАЛЕШ

Во крајниот источен дел на Македонија во областите Пијанец и Малешево односно


Делчевско, Пехчевско и Беровско во долината на Брегалница во минатото исто така
живеела и опстојувала значајна група на Македонци со исламска вероисповед.
Исламизацијата на овие источно-македонски простори започнала уште во 17 век кога и
самиот султан Мехмед IV при доаѓањето на лов во пределите на планината Доспат
источно од Пирин учествувал во наметнувањето на исламот, кој потоа бил наметнуван од
највисоки турски личности (Лимановски, 1993: 271). Помасовна исламизација е извршена
откако биле заземени најплодните предели крај Брегалница при што со доведување на
сопствена чиновничка управа било создадено Пехчево како главен центар, додека
дотогашното село Василево во чест на турските достоинственици било наречено
Султание, подоцна познато како Царево Село или денешно Делчево (Лимановски, 1993:
273). Исламизацијата се извршила во повеќе села на подножјата на Влаина планина сѐ до
планината Доспат во долината на Места односно околината на Гоцеделчевско
(Невропкопско) во Пиринскиот дел на Македонија (Лимановски, 1993: 273). Во втората
половина и кон крајот на 19 век по Руско-турската војна по која била ослободена Бугарија,
избувнувањето на Разловечкото и Македонското востание од Кресна и воспоставувањето
на државната бугарско-турска граница на североисток заедно со населувањето на голем
број на муслимански бегалци – „мухаџири“ од Босна и Херцеговина по нејзината
окупација од Австроунгарија довеле до уште поголеми притисоци врз населението во овие
краишта, кои на запад непосредно се граничат со областа Јуруклук на падините на
Плачковица со бројни турски јуручки села. Во ова време Царево Село било претежно
„помачко“ село со 2000 жители од кои повеќеод половината биле „потурчењаци“, а
значајна бројка Македонци со исламска вероисповед имало и во селата Истевник,
Тработивиште, Град, Ѕвегор, Црник, Вирче и Стамер (Лимановски, 1993: 273-234). Во 20
век настапува масовно иселување на муслиманското население од овие области во
Турција, при што денес има малубројно останато население само во селото Црник додека
во останатите места воопшто нема останати Македонци со исламска вероисповед.
Македонците со исламска вероисповед во околината на градот Гоце Делчев (Неврокоп) во
пиринска Македонија биле изложени и на силни асимилациони притисоци од бугарските
комунистички власти, а денес дел од нив покажуваат свест за македонска припадност
организирајќи се во свои здруженија и групи.

III.3. МЕГЛЕН

На јужните падини на планинските венци Кожуф и Ниџе во егејскиот дел на Македонија


денес под Грција се наоѓа котлината Меглен која изобилува со одлични услови за живот
давајќи до две па и три жетви годишно (Лиманоски, 1994). Кон крајот на 18 век во овој
крај се населиле и Турците - Јуруци кои дошле со своите стада за да ги напасуваат на
Кожуф, Ниџе и Кајмакчалан (Лиманоски, 1994: 267). Масовната насилна исламизација
која во 18 век ја непосредно ја спроведувале или била поттикнувана од постапките на
турските власти, големци и самите Турци - Јуруци во соседната Тиквешка област, во
Меглен заземала уште поголеми размери. Исламизацијата во Меглен која траела во 18 век
тесно се поврзува со укинувањето на Охридската Архиепископија во 1767 година, а
повеќе случаи и народни преданија сведочат за најзиното спроведување во овој временски
период. Познато е дека во Меглен живеела новомаченичката Света Злата Мегленска кој
одбивајќи да ја прими исламската вера и да се омажи за Турчин била ѕверски убиена во
1795 година. Потоа познато е народното предание за преминувањето во ислам на
тогашниот мегленски владика Иларион кој потоа станал муфтија во Лариса заедно со
своите верници на ден Велигден на почетокот на 18 век, како и семејното предание на
ресенските родови Доревци и Љапчевци чиј предок – основач по име Доре се доселил во
Ресен бегајќи од исламизирањето во Меглен околу 1760-1770 година (Лиманоски, 1994:
268-269). Тогаш исламот го прифатиле 28 македонски и 1 влашко село (Ноте) во Меглен,
при што во историските извори Македонците муслимани од Меглен како и оние во Ениџе
Вардарско од Турците биле нарекувани „Читаци“ етноним кој доаѓа од турските зборови
чит-плот и ак-бел, што пак дошло поради тоа што Турците ги терале да ги варосуваат
плотовите со бела боја со цел кога ќе мине турскиот аскер да ги распознава дека се
муслимани и нив да не им прави пакост (Лиманоски, 1994: 269). Во однос на
етнографските одлики според говорот на јазикот и носиите тие биле блиски до
населението во соседната област Тиквешија преку планината Кожуф, а некои сличности
покажувале и со мариовците припаѓајќи на јужно-македонската етнографска подгрупа
наречена „Пуливаковци“ (Лиманоски, 1994: 268). Поради релативно подоцнежното
прифаќање на исламот, поголемиот дел од мегленските Македонци муслимани во тајност
останале двоверци негувајќи ги битните традиции од пред исламскиот период живеејќи во
хармонија со христијаните (Лиманоски, 1994: 270). Со потпаѓањето на егејскиот дел на
Македонија под грчка власт, започнале масовни притисоци и прогони, при што веднаш по
завршувањето на Грчко-турската војна (1920-1922) и потпишувањето на договорот од
Лозана во 1923 за размена на население, целото македонско муслиманско население од
Меглен како и од други области на егејска Македонија како Леринско, Воденско,
Костурско уште во 1923-1924 година било иселено во Турција, а на нивното место како и
на местото на Македонците христијани иселени во Бугарија и Кралството СХС биле
населени Грците – „Караманли“ од Мала Азија. Иселените Македонци муслимани од
Меглен и нивните потомци денес се претежно населени во европскиот дел на Турција во
Тракија (Лимановски, 1993: 271).

ЗАКЛУЧОК

Од изнесеното во ова кратко истражување може да се извлечат неколку заклучоци. Во


однос на географската разместенот Македонците муслимани се распространети речиси на
целата територија на Македонија, со особена компактност и концентрираност во
западниот дел. Имено од пределот на Дримкол и Малесија на југ во Струшко, преку
Дебарско и Реканско на север, покрај западната граница на Македонија со Албанија
постои целосна зона и непрекинат појас на населени места со Македонци со исламска
вероисповед. Нивната бројност во овој предел е толку голема што тие претставуваат
мнозинска група во Дебарско, Реканско, а исто така во Струшко и Кичевско заедно со
Македонците христијани го прават етничкиот македонски елемент во мнозинство. Ваквата
географска разместеност и компактност на Македонците муслимани како етнички
македонски елемент во пределите крај западната граница со Албанија е од големо
стратешко значење за Република Македонија. Помали групи на Македонци со исламска
вероисповед во иста меридијанска линиска распореденост од север кон југ живеат и во
средишниот дел на Македонија во Скопско, Велешко и Пелагонија. Во однос на
етнографските одлики на Македонците муслимани во Македонија забележителни се 2
јасни тенденции и показатели. Во однос на нивната географска разместеност тие ги имаат
истите етнографски одлики и етнолошки црти во јазикот и говорот, обичаите и навиките
како и Македонците христијани во дадените области и предели во кои живеат што јасно
укажува на нивната етничка припадност како дел од македонскиот народ. Од друга страна,
разнородниот процес на примањето на исламот заедно со различната општествено-
политичка положба која ја имале Македонците со исламска вероисповед придонеле до
појава на различна определба, национално чувство и ориентација кај нив. Во тој поглед,
Македонците со исламска вероисповед во Долна Река во Реканско и делумно во Дебарско
заедно со Голо Брдо се истакнуваат во својата особено изразита свест и определба за
македонска национална припадност, додека кај Македонците со исламска вероисповед во
Струшко е изразита определбата и свесноста за посебност како „Торбеши“, а делумно и
како Албанци, Турци и Македонци. Во Кичевско, Жупа во Дебарско, скопска Торбешија и
Пелагонија, Македонците со исламска вероисповед со мали исклучоци речиси целосно се
определуваат како Турци. Ваквата појава во различните определби на Македонците со
исламска вероисповед има негативно влијание поставувајќи ги овие граѓани како предмет
на различни политички манипулации и притисоци. Имајќи го предвид современиот миг
на живеење во услови на сопствена независна држава Македонија со граѓанско и
демократско политичко уредување, македонската држава и општество треба да овозможат
и поттикнат непречен развој и поддршка на Македонците со исламска вероисповед со
своите културни одлики како дел од македонскиот народ и рамноправни граѓани на
Република Македонија.
БИБЛИОГРАФИЈА

Đurđev, B. V. (1962). Jugoslovenske zemlje pod turskom vlašću (do kraja XVIII stoljeća). Zagreb.
Sharevski, M. (2014). Ethnic composition of the population around the water sources as an internal
security threat in Macedonia. Security Dialogues, 51-72.
Trifunoski, J. (1977). Oblast Babune i Topolke. Zagreb: HAZU.
Апостолски, М., & Антолјак, С. (1969). Историја на македонскиот народ. Кн. 1, Од
предисториското време до крајот на XVIII век . Скопје: Нова Македонија.
Ѓорѓевски, Б. (2013). Македонците-муслимани во Октиси не сакаат православен учител. Дневник.
Јован, Трифуноски. (1971). Наша насеља. . Скопје.
Лимановски, Н. (1993). Исламизацијата и етничките промени во Македонија. Скопје:
Македонска Книга.
Лиманоски, Н. (1994). Исламизацијата на областа Меглен. In Фолклорот и етнологијата на
Мариово и Меглен (p. 340). Прилеп: Здружение за организирање мариовско-мегленски
средби.
Паликрушева, Г. (1965). Исламизацијата на Торбешите и формирање на торбешката субгрупа.
Скопје: Докторска дисертација.
Петров, Г. (1896). Материали по изучванието на Македония. София: Печатница Вълковъ.
(2002). Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2002 -
Книга Х. Скопје: Државен завод за статистика.
Радовановиќ, В. (1924). Тиквеш и Раец. Београд.
Русиќ, Б. (1957). Жупа дебарска. Скопје: Филозофски факултет на универзитетот - Скопје.
Смиљаниќ, Т. (1925). Мијаци, Горна Река и Мавровско Поље. Београд: Српска краљевска
академија.
Трифуноски, Ј. (1966). Народносна структура Кичевске котлине. Гласник српског
географскогдруштва, 93-95.
Трифуноски, Ф. Ј. (1958). Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања. Скопје:
Филозофски факултет.
Трифуноски, Ф. Ј. (1990). Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања. Београд:
САНУ.
Трифуноски, Ф. Ј. (1998). Битољско-прилепска котлина. Антропогеографска проучавања.
Београд: САНУ.

You might also like