You are on page 1of 1

Народните носии во Македонија имаат многувековна традиција.

Тие се дел од
материјалната култура на македонскиот народ и претставуваат значајна гранка од народното
уметничко творештво. Создавани како колективна придобивка на сиот македонски народ, тие
во долга низа години се пренесувале од поколение на поколение и во својот развоен пат во
себе вклопиле многу елементи од разните културни влијанија што се вкрстувале на овој дел
од Балканот. На најстариот културен слој - старобалканскиот, како и на традициите на
цивилизациите на стара Грција, се надоврзува културата на облекувањето на старите
Словени, кои во силните налети од V до VII век го населуваат овој дел на Балканскиот
Полуостров. Во понатамошните културни текови се надоврзува влијанието на византиската
цивилизација, како и силниот уплив на турско-ориенталните елементи, па сè до најновите
струења од Запад. Во долготрајниот процес на оформување на народните носии во
Македонија учествува сиот македонски народ-творец и создавач на народните носии. Освен
културно-историските прилики и творечкиот дух на народот, во оформувањето и
обликувањето на народните носии во Македонија од значење се и географско-природните
услови. Високите планински масиви, ритчестите падини и питомите котлини, со кои се
одликува релјефот на Македонија, давале одредени услови за стопанисување, кое од своја
страна нашло одраз во животот и културата на населението. Сите овие чинители, кои
учествувале во оформувањето на народните носии во Македонија и во создавањето на
традиционалните форми на народното облекување, биле важни фактори за дефинитивното
обликување на разновидните и типски различни форми на народните облеки и на народното
облекување воопшто. Во оформувањето на нивните типски и декоративни обележја нашле
одраз дамнешните епохи, како и времето во кое се создавани. Со сето свое богатство,
изразено со бројноста и разновидноста на облеките, начинот на нивното украсување, во
орнаменталните композиции и во колоритот, народните носии доаѓаат до нас преку сè уште
зачуваните примероци употребувани во XIX и првите децении на XX век. Според таа
систематизација поголемиот дел носии во Македонија со оглед на нивните основни типски
одлики во глобална смисла можат да се групираат во два основни типа:

 Западномакедонски тип
 Источномакедонски тип

You might also like