You are on page 1of 7

Македонски народни носии

Изработиле:
Група 2
Македонски народни носии
Народните носии во Македонија имаат многувековна традиција. Тие се дел од материјалната култура на македонскиот народ и
претставуваат значајна гранка од народното уметничко творештво. Создавани како колективна придобивка на сиот македонски народ,
тие во долга низа години се пренесувале од поколение на поколение и во својот развоен пат во себе вклопиле многу елементи од
разните културни влијанија што се вкрстувале на овој дел од Балканот. На најстариот културен слој - старобалканскиот, како и на
традициите на цивилизациите на стара Грција, се надоврзува културата на облекувањето на старите Словени, кои во силните налети од V
до VII век го населуваат овој дел на Балканскиот Полуостров. Во понатамошните културни текови се надоврзува влијанието на
византиската цивилизација, како и силниот уплив на турско-ориенталните елементи, па сè до најновите струења од Запад. 
Во долготрајниот процес на оформување на народните носии во Македонија учествува сиот македонски народ-творец и создавач на
народните носии. Во нивното оформување се одразени разните историски, општествени, економски и културни настани. Различните
културни влијанија низ вековите, во различни историски епохи, се примани во народните носии, преработувани со творештвото на
народното сознание, прилагодени на народниот бит и начин на живот, развиени и усовршени со народните естетски сфаќања. Така се
создале народните носии во Македонија како израз на народните колективни, естетски и психички диспозиции. 
Освен културно-историските прилики и творечкиот дух на народот, во оформувањето и обликувањето на народните носии во Македонија
од значење се и географско-природните услови. Високите планински масиви, ритчестите падини и питомите котлини, со кои се одликува
релјефот на Македонија, давале одредени услови за стопанисување, кое од своја страна нашло одраз во животот и културата на
населението. Со посебни специфични форми, како во материјалната, така и во духовната култура, се издвојува културата на планинците,
кои, главно, се занимаваат со сточарство, од културата на рамничарите, кои главно се ориентирани кон земјоделството. Во многу предели
овие две култури се преплетуваат, создавајќи на тој начин поинакви форми на сложената култура на облекувањето, како и во
целокупниот народен живот воопшто. 
Сите овие чинители, кои учествувале во оформувањето на народните носии во Македонија и во создавањето на традиционалните форми
на народното облекување, биле важни фактори за дефинитивното обликување на разновидните и типски различни форми на народните
облеки и на народното облекување воопшто. Во оформувањето на нивните типски и декоративни обележја нашле одраз дамнешните
епохи, како и времето во кое се создавани. Со сето свое богатство, изразено со бројноста и разновидноста на облеките, начинот на
нивното украсување, во орнаменталните композиции и во колоритот, народните носии доаѓаат до нас преку сè уште зачуваните
примероци употребувани во XIX и првите децении на XX век.
Носиите по етнографски области, целини и предели

Затворениот економски живот во минатото, слабите патни комуникации, како и повеќевековната


национална зависност на македонскиот народ, придонесоа до неодамна многу носии да зачуваат многу
архаични елементи како во однос на кројот, така и во начинот на нивното украсување. Не помала
важност за таквата зачуваност имаа и селските заедници, кои континуирано опстојуваа до првите
децении на минатиот век. Тие задржаа многу одлики од некогашниот здружен живот, посебно народните
носии со нивната извонредно голема разновидност од облеки, облековни делови и украси, што варира
не само од предел до предел, туку е забележлива и во рамките на определена пределска целина. За да
се направи што поцелосен преглед на македонските народни носии, најпрво треба да се пристапи кон
најчесто применуваниот метод – систематизација на носиите, заснован на културно–географскиот
принцип, усогласен со територијално–етнографската поделба на Македонија на етнографски целини:
горновардарска, дебарско-реканска, брсјачка, средновардарска – како подгрупа на етнографските целини
што ја опкружуваат, шопско–македонска, струмо–местанска и јужномакедонска со бројните пределски
целини. Според таа систематизација поголемиот дел носии во Македонија со оглед на нивните основни
типски одлики во глобална смисла можат да се групираат во два основни типа:
• Источномакедонски тип
• Западномакедонски тип
Кон првиот тип, во најголема мера припаѓаат носиите од горновардарската,
дебарско–реканската и брсјачката етнографска целина со следниве карактеристики:
• Разновидни појаси машки и женски и појасчиња женски, најразлично украсени
ткаени, плетени
• Богат и масивен женски накит со разни форми на китење и украсување.
• Бели платнени кошули од типот на централнобалканските кошули, богато украсени
посебно женските со специфична полихромна декорација во геометриски дух,
поретко и со бел вез
• Горни бели клашнени облеки, со богата декорација од гајтански апликации, украси
со срмен терзиски вез, со апликација од чоја, со волнени рески и сл.
• Специфични женски покривала за на глава со богато везена декорација дополнета
со рески
• Скутини женски ретко и машки во разни димензии големи и мали со специфична
геометриска орнаментална декорација, со дополнителни украсни елементи рески
или без нив
Кај овој тип носии забележливи се постар вид на облековни елементи со
испреплетени траги и влијанија од повеќе култури: старословенска,
старобалканска, византиска и турско-ориентална. Отстапување од овој тип
прават носиите во делови од горновардарската и дебарско-реканската
етнографска целина. Станува збор само за женските носии од пределските
целини Горни Полог, Горна Река и Мавровско Поле, Голо Брдо како и женските
носии кај преселниците од Река исламизираните Македонци Бабуна – Велешко.
Како такви се издвојуваат со следниве облековни делови:
• Застапеноста на две скутини предна и задна – опрегач преден и опрегач заден
• Женски кошули од кенарлија платно, чиј крој отстапува од вообичаениот
централнобалкански тип, без везена декорација
• Специфично обување на нозете со калци, чулци и тозулци кои заедно прават
едни ноги
• Богат женски накит
• Горни облеки женски и машки мошне богато украсени со срмен терзиски вез
Кај овој подвид забележливи се старословенски, старобалкански, но и евидентни се турско-ориентални елементи
пренесени со посредство на печалбарите од Турција. Во орнаменталната декорација од поново време преку
печалбарите од Војводина и Романија присутно е влијанието и оттаму. Кон источномакедонскиот тип припаѓаат
носиите од средновардарската подгрупа, шопско–македонската, струмо–местанската и јужномакедонската
етнографска целина, со следниве карактеристики:
• Женските скутини, за разлика од западномакедонскиот тип се со поскромна вткаена декорација; во некои
пределски целини се застапени скутини со вткаени каро комбинации; застапеност на машките скутини во делови од
средновардарската подгрупа на носии
• Долни облеки машки и женски од коноп, лен, памук или од платно во пруги со кенари. Во декорацијата на женските
кошули и саи важно место има вткаената орнаментална декорација ткаена во техника пребир – шар на разбој или
вез на разбој; украсувањето со вез по карактер и везачки техники значително отстапува од геометрискиот дух
карактеристичен за везената декорација кај облеките од западномакедонскиот тип; на места отсуството на везена
декорација е заменето со украсување од рачно плетени полихромни тантели во турско–ориентален дух
• Горни женски платнени облеки саи, главно бели, како и сино бојосани
• Во голем број случаи машките чорапи се карактеризираат со вплетена орнаментална декорација со
карактеристични геометриски мотиви
• Горни облеки машки и женски во потемен колорит од црн, темносин или во сура боја шајак, облеки од пругава лито
ткаена волнена ткаенина алаџа и антерија. За разлика од западномакедонскиот тип украсувањето е во поскромен
обем, главно со волнени гајтански апликации, индустриски ленти, ширити, и др.
• Во китењето и украсувањето доминантно место има монистрениот накит; кај одделни носии тој е придружен и со
маркантен накит како што се на пример пафтите.
Технолошко креативни постапки, категории и дисциплини

You might also like