You are on page 1of 4

Ликовни елементи и принципи во цртежот – ликовен јазик

Како што веќе кажавме, ликовната уметност својата комуникација со останатиот


свет ја остварува преку ликовниот јазик, па поради тоа ликовните облици кои во неа се
претставуваат ќе имаат своја смисла, која може да се препознае или прочита со
познавањето на ликовниот јазик. Ликовниот јазик може делумно да се спознае
рационално(умно), а делумно интуитивно преку ликовната интуиција, што секоја
индивидуа во себе помалку или повеќе ја поседува. Структурата на ликовниот јазик
наместо зборови ја чинат ликовните елементи, линија, боја, облик, волумен и др.
Облик – лик, всушност е основата од каде што потекнува името на оваа уметност, која
заедно со умот и рациото ја чинат суштината, но го чинат и називот ликовна
уметност.
Ликовниот јазик во уметничкото дело, се имплементира преку ликовните
елементи(линија, големина, насока, форма, боја текстура, тон – валер и простор)
и преку ликовните принципи(пропорција, хармонија, рамнотежа, ритам, контраст,
градација, единство, движење и композиција). Ликовните елементи и принципи
всушност претставуваат еден вид визуелни алатки, со чија помош се вообличува
начинот на изразување на уметникот. Иако при неговиот творечки набој, правилата и
законитостите се занемаруваат, сепак ликовните елементи на еден начин технички
можат да му помогнат на авторот и да го усмерат кон конечното финализирање на
уметничкото дело. Севкупното ликовно творештво се дели на два основни начини на
изразување, било да се работи за различни временски периоди, теми, стилови или
техники. Кај првиот творбата се реализира врз подлога со две димензии(висина и
должина) или наречен дводимензионален простор, а кај вториот таа се реализира во
простор со три димензии(висина, должина и ширина), поточно ширината ја
претставува длабочината.
Во понатамошното излагање ќе се задржиме само на неколку од ликовните
елементи, поточно на оние кои се непосредно поврзани со создавањето на цртежот и
се значајни при совладувањето на цртачките вештини и техники. Тоа се: линијата,
формата(обликот), создавањето на волумен со линија и просторот(перспективата).
13
Основно ликовно средство за ликовно изразување се ликовните елементи.
Постојат осум ликовни елементи без кои всушност и не може да се создаде едно
уметничко дело. Тоа се:
1. Линија,
2. Големина,
3. Насока (правец на движење),
4. Форма (облик),
5. Боја,
6. Текстура (состав на материјалот),
7. Тон(валер) и
8. Простор (перспектива).
Првите седум служат за дводимензионалната уметност (сликарство, графика,
витраж, фреско, мозаик), а истите тие заедно со просторот, се користат во
тродимензионалната уметност (скулптура, архитектура, керамика). Дизајнот може да
егзистира како дводимензионална и тродимензионална дисциплина.
1.6. ЛИНИЈА како основен ликовен елемент на цртежот
Линијата математички кажано, може да ја дефинираме како збир на точки во
некоја рамнина. Таа претставува црта или потег, повлечени на некоја површина со
помош на молив, јаглен, четка, перо и сл. Исто така таа се дефинира и како
продолжено движење на една точка. Навистина ваквиот заклучок може да го
почувствуваме нижејќи точки на некоја подлога, густо поредени една до друга. Уште
подобро искуство ќе стекнеме кога на екранот на пример, ќе ги затемнуваме пикселите
едни зад други. Но навистина, дури и тогаш кога една грутка снег, ќе почнеме да ја
тркаламе по снежната површина, таа зад себе ќе остава трага која ние ќе ја
дефинираме како линија. Се смета дека всушност линијата претставува огледало на
човечката душа, бидејќи секоја повлечена линија го отсликува човековиот карактер, и
е автентична од самиот автор. Вака, кога им даваме антропоморфни, (човечки)
особини на точката и линијата, ќе ни биде од голема корист, бидејќи ќе можеме
линиите да ги доживуваме како живи суштества спрема кои треба да се однесуваме со
внимание и одговорност додека работиме и твориме, а не да ги третираме како
обични изумрени остатоци од некој материјал поставени на хартија или било која
подлога. Исто така ваквиот пристап би ни помогнал многу повеќе да ја цениме
„случајноста“ вградена во цртежот, имено можноста да замислиме и да препознаеме
дека конечна одлука за финалниот изглед на нацртаниот облик не донесува само оној
што црта, туку и материјалот со кој се работи (молив, јаглен, перо и сл.), како и самите
линии во зависност од својот карактер и афинитет.Иако се мисли дека постојат голем
број на линии, во основа постојат само два вида: прави и криви. Други видови на
линии нема. Останатите особености на линиите како што се: големина, карактер,
дебелина, нагласеност и сл., спаѓаат во карактеристики кои им припаѓаат на другите
ликовни елементи.
14
Прави и криви линии
Права линија. Постојат само три вида на прави линии: хоризонтална,
вертикална и коса. Без оглед на тоа во која насока се движи и колку е долга или
широка, дали е нагласена или ненагласена, дали е тенка или дебела, таа е секогаш
права. Таа се движи во една од наведените насоки и го задржува вниманието на
окото, кое буквално се влече по неа. Затоа правата линија колку е подолга, толку е по
еднолична и монотона. Поради тоа таа не е пријатна за следење ако е премногу
долга, поради фактот што точката без ритам се повторува во своето движење.
Три вида на прави линии – хоризонтална, вертикална и коса
Крива линија. За разлика од правата линија која е една и единствена, кривата
линија има, така да се каже безброј варијанти. Во зависност од нашиот сензибилитет,
раката заедно со моливот или перото, можат да се движат по подлогата на безброј
начини, поточно постојат неколку особености кои ја дефинираат линијата. Најпрво
можеме да говориме за карактер на линијата. Според нивниот карактер, линиите ги
делиме на: дебели и тенки, на долги и кратки, на остри и цврсти, на меки и тврди,
испрекинати, искршени, еднолични, динамични итн. Преку карактерот на линијата,
поточно преку начинот на кој уметникот неа ја користи, се отсликува неговиот
сензибилитет, карактер, естетика и сл. и таа всушност претставува огледало на
човечката душа. Втората важна особина на линијата е нејзиниот тек, нејзиното
течение или пат. Во зависност од него таа може да биде многу разновидна. Овде
најсоодветна е нејзината споредба со реките, кои така да кажеме, сами си го длабат
својот пат, се искривуваат и се виткаат по нивниот тек, ако за тоа им се укаже
можност. Па така линиите може да бидат од многу малку, до многу остро свиени,
односно да имаат од многу мал до многу голем агол на свивање. Тие можат да бидат
правилно или слободно искривени, затворени или отворени. На овој начин се
добиваат мноштво на разновидни варијанти на криви линии, кои го задржуваат и
привлекуваат вниманието на окото.
Мноштво видови на криви линии
15
Во зависност од аголот на свивање, линиите меѓу себе можат да имаат
хармонични и контрастни односи, па според тоа се поделени на хармонични и
контрастни. Хармонични се оние кои имаат сличен агол на свивање (1,2,3 : 2,3,4 :
3,4,5; ...). Контрастни се оние линии кои имаат драстично различен агол на свивање
(1,5; 1,6; 2,6; ...) итн. На пример кога наспроти неколку кружни линии, ќе се постават
неколку прави линии, и сл.
Хармонични линии Контрастни линии
Линијата може да се одреди и по своето значење. Таа може да биде : а)
контурна б)текстурна и в)структурна линија. Контурната линија го оцртува и
опишува обликот по должината на неговиот раб. Таа го вообличува надворешниот
оквир на обликот. Ако раката ја ставиме на хартија и околу неа извлечеме линија,
тогаш ја добиваме контурата на обликот, а линијата ја викаме контурна. Текстурната
линија името го добива по текстурата, која го означува карактерот на површината и
како таква таа може да биде пластично-текстурна (рапаво или мазно), сликарско-
текстурна поточно да има различни густини кои ја сочинуваат мрчката, и цртачко-
текстурна, каде што се користат цртачките елементи – точката и цртата кои се
најпогодни за разновидно исполнување и нивно растерување по површината оградена
со контурната линија.
Како што веќе спомнавме контурната линија го оцртува или го дефинира
надворешниот облик на предметот или формата. Таа исто така ја има улогата да го
развие деталното одбележување на цртежот со помош на линијата, кој всушност ги
раздвојува карактеристиките на формите почнувајќи од нивните пластични па сè до
нивните просторните вредности. Границите на поедините индивидуални објекти,
нивните промени во просторното ниво, како и варирањето на интензитет на бојата која
се применуваа во рамките на структурата на скицата, сите заедно бараат и тежнеат
кон тоа да го збогатат и појаснат односот помеѓу целината и нејзините композициски
составни делови при создавањето на сликата. Ненадејниот почеток на линијата во
цртежот или нејзиното исчезнувањето или прекинување, исто така создава можности
за постепеното спојување на контурите од формите во цртежот, сѐ додека не станат
рамни, дозволувајќи при тоа на бојата да се слее во тие фини и благи претопувања и
на тој начин да овозможи на линијата за да се изгуби во длабочината на цртежот.
Најсоодветна споредба на контурната со текстурната линија е ораницата во
полето која е омеѓена од останатите соседи, а внатре е обработена со браздите –
линиите. Значи со контурната линија го создаваме обликот, додека истиот внатре го
исполнуваме со такстурни линии.
16
Структирна линија Контурна линија
Структурната линија иако по својот изглед е многу слична со текстурната,
понекогаш дури се толку истреплетени, што е многу тешко да се раздвојат. Но сепак
можната разлика треба да се бара во значењето на структурните линии. Имено,
самиот збор структура го означува внатрешниот принцип според кој се создава некој
облик или некоја творба воопшто. Така на пример една реченица си има своја
структура (внатрешен склоп ), или поточно правила изразени преку граматиката, но не
и своја текстура. Па така збор по збор, еден позади друг, по некои законитости го
создаваат надворешниот облик на реченицата.
Задебелувањето или проредувањето на линиите, исто така, може да се користи
за истакнување на промените на објектот, кои овие линии ги предизвикуваат,
просторно или со употреба на бојата. Дури и тонските вредности на светло и сенка или
валери, можат да се постигнат со помош на разликите во силината на потезите со
линијата. Додека испрекинатите или индивидуални паралелни линии, усмерени во
една насока овозможуваат формата да изгледа помалку цврста, тие во исто време
создаваат еден визуелен ефект на повеќе изразен сликарски начин на работа.
Структурна линија „Ѕвездена ноќ“ – цртеж Винсент ван Гог
17
Истото се случува и во цртежот. Авторот цртајќи линија до линија, точка до
точка, создавајќи мрчки, сите заедно згуснати, но не случајно поставени, тие
постепено градат некој облик од внатре кон надвор, во којшто е занемарена
контурната линија, која пак го гради ликот на формата однадвор. Како погоден пример
за природни облици кои можеме да ги претставиме со структурни линии се ежот,
тревата, глуварчето, боровите гранчиња, пајаковата мрежа и др. Од создадените
облици, погодни за цртање се рибарските мрежи, чипката, тркалото на велосипедот,
разните метални и жичени огради и сл.
Текстурна линија, Рембрант ван Ријн - цртеж
Кога се зборува за структурната линија, треба да се каже дека линиите во
цртежот можат да бидат групирани погусто или поретко. Со постепеното разредување
на нивната густина, се добива таканаречена графичка моделација, која бара високо
цртачко знаење и мајсторство, бидејќи авторот само со линијата како цртачки
елемент, успева да долови различни природни или вештачко создадени материјали.
„Биокинетичен сон“ 2011 год. структурна линија - цртеж Јордан Ефремов
18
Функција на линијата
Во принцип, формално линијата е еднодимензионална, поточно едната нејзина
димензија е најмногу изразена, а тоа е должината. Останатите две димензии,
висината и ширината не се нагласени. Притоа, кога линијата ја перципираме, кај неа
се изедначуваат поимите линија и линијско. Имено ако сакаме овие поими да ги
разликуваме, мора да кажеме дека линијата која како трага е нанесена на некоја
подлога, пред сѐ е наменета за да ја видите визуелно, додека кога го споменеме
поимот линијско, тоа нас не ориентира и насочува кон тактилноста односно начинот на
чувствувањето на линијата.
Линијата врши естетска, но и практична функција. Многу бргу може да се
опише, да се регистрира или да се дефинира одреден лик или предмет. Може лесно
да се соопшти некоја намера, мисла или информација. Може да се одбележи и сочува
некоја замисла или идеја. Може да се сугерира движење, да се изрази структура на
објект или творба. Со неа може да се дизајнираат и декорираат разни предмети, но и
простории. Честопати линијата не ја гледаме само визуелно, туку таа кај нас создава
одредени чувства. Со неа можат да се изразат одредени чувства, карактери и многу
други содржини во областа на ликовната уметност. Примери за ова има многу во сите
дисциплини од визуелните уметности, во архитектурата, или пак на улицата во
урбанизмот, во дизајнот, во скулптурата, сликарството. Нив ги перципираме во
просторот и тие кај нас покрај визуелните, ги активираат и тактилните чувства.
Од ова заклучуваме дека линијата како знак или како ликовен елемент, го
надразнува сетилото за вид на два начини. Првиот е чувствителниот (визуелниот, или
стимулирање на очната ретина), а вториот е чувствително - изведбениот, поточно
ликовниот траг што некоја форма или конструкција го остава во просторот, во
согласност со своите сопствени карактеристики.
Линијата исто така се користи во науката и техниката. Низ историјата, многу
идеи пронајдоци, замисли, потоа многу скици за предмети, па до големи проекти се
произлезени од линијата, бидејќи се исцртуваат токму од неа. Пред да влезат во
процесот на производството, многу предмети пред да се реализизираат до својот
конечен изглед, се исцртуваат со линија. На тој начин се проектираат разните
предмети и објекти од наједноставни детски играчки, картонска или друг вид на
амбалажа, автомобилите, машини за производство, авиони, па сè до големи
архитектонски објекти, мостови, патишта, фабрики, населби и градови.
Содржина на линиите
Линиите имаат своја содржина. Тие својата содржина на некој начин ја
сугерираат и на гледачот.Така на пример натпреварувачката во ритмичка гимнастика,
при изведба на својата вежба ја користи траката (врвцата), за создавање мноштво на
разновидни линии и црти, кои може да ги забележиме при нивното течение низ
просторот во кој траката се извиткува. Притоа таа во својата ритмичка игра го користи
и своето тело како еден додатен реквизит, па заедно со траката покрај визуелното
доживување, вo текот на нејзиното танцување го добиваме и тој тактилниот односно
чувствителниот ефект на линијата. Исто така, постојат и други примери за
сугестивноста на линиите, што тие ја наметнуваат на гледачот преку својата
содржина. Па така на пример чистата и остра права линија сугерира прецизност,
егзактност, тврдост, нè потсеќа на нешто студено. Издолжената права линија сугерира
19
слабост, ласнотија, нежност. Кривата линија сугерира мекост, нежност, топлина,
додека многу крива линија сугерира силна емоција, возбуда и движење итн.__

You might also like