You are on page 1of 6

Поим за финансиски систем

Финансиските системи се комплексна вмрежена целина од учесници, економски


единици кои ги споменавме во претходното поглавје кои вршат трансфер на
паричните текови од суфицит кон дефицит, кои овозможуваат паричните текови да го
пронајдат потребното или посакуваното место. Овие единици, учесниците, можат да
се јават во улога на дефицитен и суфицитен претставник при реализација на дадена
трансакција. Научно се поделени на:
Физички лица – домаќинства;
Правни лица – бизнис сектор;
Државата – нејзини органи и тела;
Странци – нерезинденти на матичната економија.
Овие единици трансакциите ги реализираат преку директно, полуиндиректно
или индиректно финансирање, при што ги употребуваат своите или инфорамциите од
финансиските посредници и институции за реализирање на посакуваните цели.
Посебно во доменот на индиректното финансирање значајна улога имаат
финансиските институции, финансиски посредници, кои преку низа финансиски
инструменти го реализираат трансферот на парите од плус кон минус, односно од
таму каде што има вишок кон таму каде има потреба од паричните средства или
хартиите од вредност.
2. Финансиски институции
Финансиските средства можат да се движат помеѓу суфицитните и дефицитни
економски единици, не само на директен, туку и на индиректен начин, преку
финансиските посредници. Финансиските посредници се финансиски институции кои
стојат меѓу штедачите и заемопримачите и ја вршат својата функција на тој начин што
позајмуваат средства од суфицитните економски единици и потоа им даваат заеми
или купуваат хартии од вредност од дефицитните економски единици (пример,
банките примаат депозити од публиката и потоа им даваат заеми на домаќинствата и
фирмите, инвестиционите фондови примаат влогови од средства кои ги вложуваат на
берзите, државните пензиски фондови прибираат придонеси кои потоа ги
употребуваат за исплата на пензии).
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
47
Финансиските институции можат да се поделат по различни категории, но во
финансиската теорија најчесто застапена е поделбата на институции според дејноста
која ја вршат и тоа на:
- Депозитни посредници;
- Договорни посредници;
- Инвестициони посредници;
- Други финансиски институции.
Депозитни финансиски посредници: своето име го добиле поради тоа што
основен извор на средства се депозитните средства примени од домаќинствата,
фирмите и државните институции. Прибраните средства ги пласираат во форма на
општи или наменски заеми на населението, а помалку во хартии од вредност.
Во групата депозитни институции се врбројуваат:
- комерцијални банки,
- штедилници,
- штедно – кредитни асоцијации,
- кредитни унии.
Комерцијалните банки се најраспространетата финансиска институција.
Најстара институција за чие што работење е посветено посебно поглавје. Тоа што
овде ќе го потенцираме е дека нивната работа е базирана на принципот прибирање
депозити и издавање кредити. Тие се основен носител на кредитно – депозитниот
однос. Тие се најзастапената финансиска институција, воопшто.
Основна причина за појава на кредитните асоцијации е тоа што банките им
посветувале малку внимание на т.н. мали штедачи, а најмногу биле насочени кон
големите корпорации. Се појавиле во В. Британија како групни шеми или спогодби
помеѓу луѓе, кои се здружувале за да обезбедат финансирање на основни потреби
(купување земја, куќа), а функционирале така што членовите уплатувале месечни
рати, така што оние кои порано добивале кредит (со извлекување, лицитација и сл.),
плаќале камата. На овие институции им било дозволено да инвестираат единствено
во станбени заеми, кај кои како колатерал служел недвижен имот (куќа, стан) кој се
финансира. Во поглед на обврските, нивен доминантен извор на средства биле
депозитите на населението. Овие институции можат да бидат во взаемна или
акционерска сопственост. Поучени од ефектите на големата економска криза од 1929
година, властите во САД поинтензивно почнале да го контролираат и регулираат
нивното работење (преку посебна организација за осигурување на депозитите), но и
покрај тоа, во осумдесеттите години од минатиот век избила голема криза на
штедните и кредитни асоцијации.
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
48
Штедилниците или штедните банки биле институции кои работеле со
поединци и со посиромашни делови од населението, овозможувајќи им финансирање
на нивните потреби. Слично како и штедно-кредитните асоцијации, и штедилниците
може да бидат во взаемна или акционерска сопственост. Главни средства
(побарувања) на штедилниците се станбените кредити, односно хипотекарните заеми.
Главен извор на средства за штедилниците се депозитите.
Кредитните унии се понови депозитни институции, кои се јавиле во средината
на XIX век, во Германија. Во тоа време групи на обично сиромашни луѓе им се
обраќале на банките со барања за одобрување на кредит врз база на заложување на
делови од нивниот имот. Овие институции се создадени за да се задоволат потребите
на потрошувачите, а не на бизнис секторот. Кредитните унии биле водечки институции
во доделување на мали заеми за финансирање на купување на автомобили, уреди за
домаќинствата, мебел, покривање на трошоци за медицинска заштита или за годишен
одмор. Главна карактеристика на кредитните унии е таа дека не може секој да
депонира средства или да позајмува од некоја кредитна унија. За да се користат
услугите од кредитната унија потребно е да се биде член. Членството во унијата е
ограничено на оние луѓе кои имаат меѓусебна заедничка врска (како луѓе од иста
професија, иста религија, ист дел од градот). Во поглед на организацијата, кредитните
унии се карактеризираат со взаемен тип на сопственост, а акционерската сопственост
кај нив не постои. Технички, бидејќи кредитните унии се поседувани од нивните
депоненти, депозитите на членовите се нарекуваат удели (членот добива дивиденда).
Секој депонент, независно од висината на уделот, има само еден глас. Кредитните
унии често се потпираат на доброволна работа и тоа од страна на самите членови.
Предностите на кредитните унии се: поддршка од работодавците; поволниот
даночен статус (пример, во САД тие не плаќаат федерални даноци); организирање во
асоцијации, т.е. здружување на повеќе унии заради намалување на некои трошоци.
Главен недостаток на кредитните унии е дека, поради тоа што се мали, тие не можат
да ги користат економиите на обем (се стеснува обемот на услуги и активности).
Заклучно може да се констатира дека депозитните институции, освен
комерцијалните банки, се варијанти на депозитно кредитно работење. Разликите се
јавуваат од аспект на влогот со кој се формираат овие институции, целната група на
која припаѓаат, намената за користење на употребените средства и нивниот обем.
Сите овде објаснети институции, во групата на депозитните институции се
разликуваат од комерцијалните банки кои како носечки, целат на поголеми клиенти и
универзалност на услугите во насока на нивно проширување и создавање
универзално банкарство. Работењето на комерцијалните банки сè почесто не е
сведено само на прибирање депозити и давање кредити, туку давање низа други
услуги како платен промет, менувачко девизно работење, учество во активности на
институции од друг домен, и така натаму (детално објаснети во посебно поглавје на
овој учебник), кои нормално треба да бидат законски покриени и одобрени. Голем дел
од земјите во светот одобруваат универзално банкарство и создавање финансиски
конгломерати. Создавање на „финансиски супермаркети“, место на кое истовремено
може да се задоволат повеќе финансиски потреби и да се добијат повеќе финансиски
услуги.
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
49
Договорни посредници склучуваат договори со своите клиенти заради
штедење и/или финансиска заштита од загуба на животот или сопственоста. Своите
средства ги прибираат од премии за полиси и од придонеси од работодавците и
вработените, а вака прибраните средства ги користат за вложување во хартии од
вредност.
Во групата договорни институции се вбројуваат:
- осигурителни компании (за осигурување на живот и сопственост) и
- јавни и приватни пензиски фондови.
Идејата за „штедење за црни денови“ или „штедење за дождливи денови“
постои отсекогаш. Осигурувањето претставува инструмент за штедење, кој е
создаден да послужи за дождливите денови на нашиот живот, без оглед кога и колку
често тие ќе се случат. Осигурувањето претставува механизам што може да ја намали
финансиската несигурност. Осигурувањето не може да го спречи случувањето на
лошиот настан (пример, пожар, смрт), меѓутоа ја намалува несигурноста од идните
финансиски загуби, кои може да резултираат од лошите настани. Една несигурна идна
загуба со потенцијално голем обем, може да биде избегната денес, со мал трошок. Тој
мал трошок е осигурителната премија, која сопственикот на осигурителната полиса
ја плаќа, со која всушност се купува заштита од финансиските последици на
несреќните настани. Финансиската несигурност на поединецот на тој начин се
намалува, бидејќи ризикот се префрла на осигурителната компанија. Осигурителот 83
го„
прифаќа овој ризик, бидејќи користи различни техники, како што се групирање на
ризикот и стручните статистички/актуарски проекции, кои му дозволуваат точно да го
пресмета вкупниот износ на загуба од нејзините полиси. Иако постојат многу видови на
осигурување и осигурителни компании, осигурувањето се базира на неколку основни
принципи со кои се обезбедува нешпекулативно работење.
Треба да постои врска помеѓу осигуреникот и корисникот на осигурувањето
(лицето кое ја прима исплатата доколку се случи штетата). Причината за ова правило
е дека осигурителните компании не сакаат да ги мотивираат луѓето да купуваат
полиси за шпекулативни цели. Осигуреното лице треба да ѝ ги даде сите потребни
информации на осигурителната компанија. Осигуреникот не треба да профитира како
резултат на осигурувањето. Ако некое трето лице го компензира осигуреникот за
штетата, обврската на осигурителната компанија се намалува за износот на
компензацијата. Осигурителната компанија треба да има голем број осигуреници, така
што ризикот може да се распредели на поголем број различни полиси. Штетата треба
да биде измерлива. Осигурителната компанија треба да биде во состојба да ја измери
веројатноста за случување на штетата. Без овие принципи луѓето би западнале во
искушение да ги користат осигурителните компании за шпекулирање или коцкање на
идните настани.
Главен дел од работата на осигурителните компании е одлучувањето кои
барања за осигурување ќе бидат прифатени, а кои одбиени, а кај прифатените
барања, колку осигурениците ќе наплатат за пруженото осигурување (проблемот на
погрешна селекција). Како пример на погоре кажаното е фактот дека доколку некој
поединец е често болен, поверојатно е дека многу повеќе ќе бара осигурителна
полиса, отколку некој кој нема здравствени проблеми.
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
50
Поради тоа, осигурителната компанија може да не му обезбеди животно
осигурување на некое тешко болно лице или пак може да му наплати повисока
премија.
Осигурителните компании се соочуваат и со проблемот на морален ризик, кој
се јавува кога осигуреното лице не ги превзема потребните мерки на претпазливост,
за да ги избегне штетите, бидејќи се покриени со осигурувањето (пример, не ја
заклучувате вратата на автомобилот, бидејќи ако истиот биде украден, штетата ќе
биде надоместена од страна на осигурителната компанија).
Еден од начините на кој осигурителните компании се борат со моралниот ризик
е внесувањето на одбитни ставки во полисите, кои го претставуваат износот на штета
кој треба да биде платен од осигуреникот, пред осигурителната компанија да исплати
каква било сума на оштета.
Со оглед на тоа што осигурителните компании ги собираат осигурителните
премии на почетокот, а вршат исплата подоцна кога или ако се случи осигурениот
настан, тие ги вложуваат собраните премии во инвестиционо портфолио, кое носи
определен принос
Профитот на осигурителната компанија =
(осигурителни премии+инвестициони приноси) – осигурителни исплати
Исплатите на осигурителните полиси (по основа на настанување на
осигураните настани) претставуваат главен расход на осигурителните компании, кои
расходи можат да бидат многу нестабилни. Друг главен расход се оперативните
трошоци, кои вообичаено се стабилни.
Значи, осигурителните премии и инвестиционите приноси се средства кои
влегуваат во осигурителните компании, а осигурителните исплати се средства кои
излегуваат од осигурителните компании.
Осигурителните премии ги дефиниравме погоре како средствата кои
сопственикот на осигурителната полиса ги плаќа, со неа всушност се купува заштита
од финансиските последици на несреќните настани. Осигурителните куќи прибраните
средства, кои не се потрошени за покривање на трошоците или исплата на штети, и се
останати како вишок, ги вложува во хартии од вредност кои носат одреден принос. Тој
принос за осигурителните компании влегува како категорија инвестициони приноси,
како позитивна добивка која се реализирала од камати или провизии.
На тој начин од сите овие компоненти е оформена формулата дадена погоре.
Осигурителната индустрија е составена од три главни сегменти:
- Животно и здравствено осигурување,
- Осигурување на имот и несреќи,
- Реосигурување.
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
51
Компаниите чии активности зафаќаат повеќе од еден сегмент на индустријата,
се познати како мултилиниски осигурители.
Реосигурувањето е механизам кој се користи од страна на осигурителните
компании за да се распространат ризиците, што тие ги преземаат од имателите на
полисите. Преку него, загубите на осигурителната индустрија се апсорбираат и
дистрибуираат помеѓу група на компании, така што ниедна поединечна компанија не е
преоптоварена со финансиската одговорност од нудењето на заштита на нејзините
осигуреници. Катастрофите, неочекуваните обврски и сериите на големи загуби што
би можеле да бидат преголеми за да бидат апсорбирани од еден поединечен
осигурител, можат да бидат неутрализирани преку реосигурувањето.
Индустријализацијата претставува клучен фактор за воспоставување на
пензиските фондови. Појавата на индустријализацијата придонесе за
специјализација на трудот и за движење на населението од селските подрачја кон
градовите. Луѓето сè помалку можат да сметаат на економската поддршка од
фамилијата во годините на старост и затоа било неопходно на организиран начин
финансиски да се подготват за времето на пензионирање или во случај на
инвалидитет. Денес пензиските фондови се едни од главните инвеститори и учесници
на финансиските пазари. Пензиските фондови се вид на организација за договорно
штедење. Тие претставуваат финансиски институции, кои своите парични средства ги
мобилизираат со уплати на придонеси од страна на вработени и работодавци во текот
на редовното ангажирање и обезбедуваат исплата на надоместок по пензионирањето.
Со пензиските фондови управуваат или банки или финансиски компании. Пензиските
фондови се инвеститори и учесници на финансиските пазари, т.е. се големи
инвеститори во различни хартии од вредност: долгорочни корпоративни обврзници,
обични акции итн.
Постојат два вида на пензиски фондови од аспект на тоа кој стои зад овие
институции:
- Државни пензиски фондови. Кај овие фондови финансирањето на сегашните
пензионери се врши од придонесите на сегашните вработени;
- Приватни пензиски фондови. Во рамките на приватните фондови сегашните
вработени уплаќаат на своја сметка придонеси за времето кога ќе одат во
пензија. Нивните средства ги раководат менаџери, кои ги вложуваат во
различни видови финансиски инструменти.
Пензиските реформи во РМ. Македонија го реформираше пензискиот систем
во 2006 година. При тоа, тој се трансформира во двостолбен систем, при што првиот и
понатаму е државно раководен, а вториот се состои од приватни фондови, кои
раководат со средствата на осигурениците, уплатени на нивните лични сметки.
Од аспект на тоа дали уплатата на придонесите е задолжителна или не,
пензиските фондови се делат на:
- Задолжителни пензиски фондови,
- Доброволни пензиски фондови.
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
52
Државните фондови и еден дел од приватните фондови се задолжителни и
секое лице кое воспоставува работен однос е обврзано од своите бруто примања да
оддели износ на сметка на овие фондови. Доброволните фондови функционираат на
тој начин што се остава слобода на лицата кои сакаат да имаат повисоки пензии, кога
ќе ги исполнат условите за тоа, денес да вложуваат во нив. Доброволните пензиски
фондови функционираат по принципот на приватните пензиски фондови, со таа
карактеристика дека кај нив вложувањето е на доброволна основа и не е
задолжително.
Инвестициони посредници до средства доаѓаат преку емисија на хартии од
вредност, додека прибраните средства ги користат за давање на заеми или за
инвестирање во хартии од вредност.
Во групата инвестициони посредници се вбројуваат:
,
- финансиски компании,
- инвестициони 0{фондови.
Инвестиционите фондови се финансиски посредници кои ги собираат
средствата од многу мали инвеститори, продавајќи им акции, а приходите од акциите
ги употребуваат за да купат хартии од вредност.
Видови инвестициони фондови се:
- Отворени инвестициони фондови;
- Затворени инвестициони фондови;
- Инвестициони трастови;
- Инвестициони фондови на пазарот на пари.
Оваа поделба на инвестиционите фондови се прави од аспект на тоа кој може
да членува во нив – и се делат на отворени и затворени; начинот на управување и
структурата на фондовите создала појава на трастови; и зависно нивната
специјализираност да тргуваат само со инструменти на пазарот на пари да ги
дефинира некои од нив како инвестициони фондови на пазарот на пари.
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
53
Финансиски компании основаат големи производни и трговски корпорации,
банки, осигурителни друштва и други финансиски институции.
Банките можат и најчесто основаат финансиски компании со цел да влезат во
небанкарски работи, кои обично им се забранети или ограничени. Финансиските
компании се приспособуваат на посебните потреби на индивидуалните заемобаратели
и испорачуваат високо персонализирани кредитни услуги. Финансиските компании не
земаат депозити од широката јавност, туку тие прибираат средства „на големо“ преку
емисии на комерцијални хартии од вредност и долгорочни обврзници (3/4 извори), со
земање кредити од банки и со емисија на акции. Прибраните средства ги пласират „на
мало“ во облик на кредити на населението и претпријатијата, т.е. даваат
потрошувачки и комерцијални заеми.
- Потрошувачки финансиски компании. Тие даваат мали или средно големи
заеми на семејствата, особено на нискодоходните семејства, и послабо
образовани сегменти на популацијата, поради што определуваат повисоки
каматни стапки и се регулирани и ограничени во поглед на износите на кредити
кои ги даваат;
- Продажни финансиски компании. Овие компании даваат кредити и на
населението и на фирмите, за да ја финансираат продажбата на производи.
Тие директно конкурираат со комерцијалните банки, бидејќи нудат извори за
финансирање за купувањата на потрошувачите;
- Деловни финансиски компании. Тие се специјализирани за кредитирање на
мали и средни фирми и се особено погодни за кроење на финансиски пакети,
изработени според посебните потреби на фирмите-клиенти.
Во групата Други финансиски институции припаѓаат оние институции кои не
се финансиски посредници. Тие не емитуваат свои финансиски инструменти, како
финансиските посредници, туку само ги пренесуваат инструментите од институциите
кои ги издаваат, до крајните купувачи.
Во групата Други финансиски институции припаѓаат:
- инвестициони банки,
- брокери и дилери.
Инвестиционите банки се финансиски специјалисти кои им помагаат на
емитентите на хартии од вредност при нивната иницијална продажба на примарниот
финансиски пазар, а во улога на брокери и дилери вршат тргување со хартии од
вредност на секундарниот пазар. Нивни клиенти се фирми и државни институции, кои
сакаат да мобилизираат капитал преку емисии на акции и обврзници. Инвестиционата
банка не е депозитна институција, не обавува мултипликација на депозити, нема
примарни пари, има посредничка улога.
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
54
Во меѓународни рамки сè повеќе преовладува трендот на бришење на
ограничувањата помеѓу активностите на комерцијалните и инвестиционите банки.
Активностите на овие банки се делат на следниве функции:
- Советодавна функција – инвестиционата банка му дава сугестии на клиентот во
поглед на начинот и временскиот редослед на финансирањето, што најдобро
би му одговарале;
- Административна функција – ги опфаќа правните детали на емисијата;
- Осигурителна функција – подразбира дека инвестиционата банка ја откупува
емисијата од емитентот за потоа да ја препродаде на пазарот;
- Дистрибутивна функција – пласирање на хартиите од вредност во рацете на
инвеститорите.
За брокерите и дилерите дадовме опис на нивното работење и разлики во
делот на полуиндиректното финансирање.__

You might also like