You are on page 1of 6

1.

Историја на финансиите како наука


Ако историја означува нешто што се случувало во минатото, тогаш најдобар
откривач на почеток на историјата е откривањето на потеклото на зборот.
Поимот финансии своето потекло го има од латинскиот збор finis, со кој
порано се означувало граница, крај, нешто со кое се завршува, а во подоцнежен
период ова значење се проширува со опис на поимот - рок на плаќање. Нормално,
секое јазично подрачје има употреба на овој термин, како на пример, во францускиот
јазик со овој термин се означуваат парични работи на поединците, а со истиот збор
искажан во множина се означуваат приходи и расходи на државата или целото нејзино
финансиско стопанство. Во англискиот јазик, со истиот збор се означуваат парични
работи на поединечните субјекти и паричните работи на општеството во целина.
Од овие термини е изведен зборот „финансии“ кој денес е прифатен од
поголем број јазици со истото значење и тоа: на англиски - finance, на германски -
finanzen, на француски - finances, на руски - финанси, на италијански - finanza. На
истокот е поразлично: на кинески - лицаи 理財, на јапонски - заисеи 財政.
Во основа, во зародиш финансиите означувале државни приходи и расходи, за
подоцна да се прошират на целокупното работење со пари во една држава. Од овде
се поставува прашањето: Дали финансиите се поврзуваат само со трансферот на
парите низ државните институции?
Финансиите, својот интерес го врзуваат за парите и за различните парични
плаќања, најважно, појавата на финансиите е врзана за пари, па, во согласност со тоа,
финансиите ќе постојат сè додека постојат парите. Неспорен е фактот дека сè додека
постои стоковно производство и делување на законот на вредноста изразен во пари,
ќе има и финансии. Значи, природата на финансиите е парична, односно монетарна.
Одговорот на прашањето поставено погоре е поширокото дефинирање на
поимот финансии. Тоа не се само трансферите низ државните институции, туку ако се
навратиме на дефинирањето на зборот ќе увидиме дека се поврзуваат и со работата
на поединецот, но и општеството во целина. Природата на финансиите е парична, за
секој еден субјект кој ги користи.
Кога станува збор за дефинирање на поимот како научна десциплина во
првата половина на XIX век (1830 година), германскиот научник Малкус прв почнал
да го користи поимот: Наука за финансиите и истиот го издвојува од политичка
економија. Германецот Фон Рау, 1832 година ги има оформено финансиите како нова
научна дисциплина, која била прифатена и од француските и од англиските научници.
Согласно ова, овој е периодот на зародиш кога кај германските научници се создава
потребата од научно евидентирање и проучување на овие процеси, финансиски
текови, како наука. Нивните проучувања и ставови се прифатени и од останатите
економисти.
Согласно овие запишани податоци, финансиите се најстара дисциплина на
економската наука.
Од горе пишаните датуми, можеме да заклучиме дека финансиите како научна
дисциплина припаѓаат во економските науки, затоа што сите процеси и односи кои се
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
12
изучуваат во рамките на финансиите, имаат економски карактер и да заклучиме дека
тие се издвоиле во посебна научна дисциплина во текот на првата половина на XIX
век.
Од 30-тите години на XIX век финансиите се изучуваат како посебна научна
дисциплина на универзитетите, без оглед на конкретниот назив на студиите, односно
назив на наставниот предмет. При тоа, според голем број професори, најголем
придонес за развојот на науката за финансии во текот на XIX век дале германските
теоретичари и тоа:
a) Karl van Rau – прв ги издвоил финансиите во посебна научна дисциплина во
својот труд „Основи на финансиската наука“ (1832 година). Тој прв систематски и
темелно ја обработил материјата на јавните финансии;
б) Lorenc von Stein (1815 – 1890) – придонел науката за финансии да стане
органски поврзана и рамноправен дел од науката за државата;
в) Adolf Wagner (1835 – 1917) – е заслужен за систематизација на материјата за
јавни финансии и за внесување социјално-политички пристап во изучувањето на
различни финансиски инструменти;
г) Albert Schafle (1830 – 1903) – е заслужен за внесување на етички моменти во
изучувањето на финансиските дејности на државата.
Од понова историја, Светската економска криза од 30-тите години на XX век
придонела да се напушти стерилниот правец во развојот на науката за финансии, за
што најзаслужен е Џон Кејнз. Тој дал поттик во развојот на науката за финансии,
особено со своето дело „Општата теорија за вработеноста, каматата и парите“
од 1936 година, која дала теориска подлога за новиот правец во развојот на науката за
финансии, а тоа е: нагласен економски пристап во изучувањето на стопанската
дејност на државата. Финансиите се анализираат и проучуваат од проширен аспект,
од аспект на економските функции (алокативна, редистрибутивна, стабилизациона,
развојна).
Кејнзовото учење придонело за тоа кај многу подоцнежни теоретичари,
поаѓајќи од неговите основните концепти, своето научно внимание да почнат да го
ориентираат на проучување на делувањето на финансиското стопанство и мерките на
финансиската политика врз областите како што се: вработеност, ниво на цени,
стопански раст, структурни промени во надворешно-трговската размена,
прераспределба на доходот и имотот, алокација на средства, регионален развој итн.
Со самото тоа, финансиите, како интегративен дел на стопанскиот систем,
почнале да попримаат цела низа економски и социјални функции како што се:
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
13
(a) Алокативна функција – подразбира прераспределба/разместување на
производствените сили;
(б) Редистрибутивна функција – подразбира прераспределба на националниот
доход заради задоволување на општествените потреби;
(в) Стабилизациона функција – подразбира употреба на мерки, инструменти и
механизми на финансиската политика заради остварување на стабилно ниво на
цените и вработеноста и урамнотежување на Билансот на плаќања;
(г) Развојна функција – подразбира создавање на поттикнувачки и стабилни
услови за функционирање на економската средина.
Во 1936 година прв пат се споменува поимот фискална политика, а во
средината на 50-тите години од минатиот век Кејнзовите наследници Хансен и
Самуелсон ја развиваат фискалната политика, во смисла на јавно трошење,
оданочување, јавно задолжување и сл.
Натамошниот придонес им припаѓа на двајца Американци кои ги користат
термините фискална политика и функционални финансии – и кои за првпат внесуваат
математички методи, Аба Лернер и Алберт Хансен.
- Аба Лернер – е творец на т.н. „Функционални финансии“ (functional finance), кои
означуваат мерки насочени кон борба против инфлацијата и невработеноста;
- Алберт Хансен – е творец на новиот правец во финансиската политика на
државата, познат под називот „Фискална политика“ (fiscal policy), чиј назив
означува економско-социјална функција на државата која таа ја води, со
посредство на финансиски инструменти и средства.
Заклучно може да дефинираме дека за финансиите во полн облик, како
заокружена научна дисциплина, за која денес сме сведоци, настануваат со појавата и
развојот на стоковното производство и делувањето на законот на вредноста, односно
постоењето на парите како општ еквивалент, според општо познатиот образец (С-П-
С1) – средства, пари, средста или проширениот облик на односот на факторите на
репродукцијата (П-С-(П-д)-П1) - пари, средства, производ, пари. Овој образец укажува
дека секој поединец кој има вишок на средства (ресурси), може или ги користи истите,
при процес на производство да ги претвори во краен производ кој цели да се
реализира на пазарот, односно да се продаде и да се претвори во пари. Образецот не
завршува овде. Продадениот производ, претворен во пари, односно добиените пари
од продажбата се движат во насока на ново инвестирање, набавка на нови ресурси со
кои ќе започне нов производствен процес. При целокупниот овој образец,
разгледувано од научен и комплексен аспект, можат да се надополнат алтернативите
за вложување на вишокот остварени средства, потребите од плаќања даноци,
социјалната оправданост на создадениот производ, одговорноста, профитабилноста,
и така натаму. Сето ова го создава описот на тоа што претставуваат финансиите и
потребата од нивно научно анализирање.
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
14
2. Дефинирање на поимот финансии, денес
Според современата теорија, финансиите ги опфаќаат сите парични, односно
финансиски односи, со што имаат и определено пошироко значење, заради тоа што во
себе вклучуваат три најтесно поврзани подрачја:
- Лични финансии: Личното финансирање е процес на планирање и
управување со лични финансиски активности, како што се производство на
приход, трошење, заштеда, инвестирање и заштита. Процесот на управување
со личните финансии може да се сумира во буџет или финансиски план;
- Корпоративни финансии: Корпоративните финансии се занимаваат со
капиталната структура на корпорацијата, вклучувајќи го и нејзиното
финансирање и управувањето со активности кои се преземаат за да ја
зголемат вредноста на компанијата. Корпоративното финансирање исто така
вклучува алатки и анализи кои се користат за да се даде приоритет и
дистрибуција на финансиски ресурси. Крајната цел на корпоративното
финансирање е да се зголеми вредноста на бизнисот преку планирање и
спроведување на ресурси за управување со истовремено балансирање на
ризикот и профитабилноста;
- Јавни / владини финансии: Јавните финансии се управување со приходите,
расходите и оптоварувањето на долговите на една земја преку различни
владини и невладини институции. Овој водич дава преглед на тоа како се
управуваат јавните финансии, што се различните компоненти на јавните
финансии и како лесно да се разбере што значат сите бројки. Финансиската
состојба на една земја може да се процени на ист начин како и финансиските
извештаи на деловната активност.
Финансиите како научна дисциплина ги истражуваа сите прашања кои се
врзани за проблемите со парите: за нивното создавање, за тековите, за
поништувањето, за бројни и сложени дејствувања во стопанството, за тековите на
доходот воопшто, а пред сè, за неговата распределба, прераспределба, облиците,
инструментите и субјектите на трошење на доходот итн.
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
15
Науката за финансии претставува дел од економската наука, која може да се
разгледува и според опфатноста на две големи области, а тоа се:
(a) Макрофинансии, и
(б) Микрофинансии.
- Макрофинансии – претставуваат посебна област на науката за финансии, која
ги проучува проблемите на финансирање на развојот на општеството како
целина;
- Микрофинансии – претставуваат посебна област на науката за финансии, која
ги проучува финансиските проблеми на еден стопански субјект.
Разгледувано од насока на сеопфатност, финансиите како наука може да
сублимираме дека проучуваат:
- Лични финансии;
- Корпоративни финансии;
- Монетарни финансии;
- Јавни финансии;
- Меѓународни финансии.
Личните финансии ги дефиниравме погоре.
Корпоративните финансии ги проучуваат: задачите на финансиската
функција во компаниите, облици на финансирање на компаниите (самофинансирање,
кредитирање, заеднички вложувања со странски лица, неповратно финансирање,
специфични облици на финансирање), ликвидност и солвентност на компаниите,
стратегија на финансирање на компаниите, управување со деловните финансии
(финансиска политика, планирање, организација, евиденција, контрола, анализа и
информирање), финасиска рамнотежа, планирање на паричните текови, планирање и
анализа на обртни средства, инструменти и хартии од вредност, банкарски финансии,
корпоративни финансии.
Корпоративните финансии како научна дисциплина го проучуваат движењето
на паричните средства во сферата на производството, размената, распределбата и
потрошувачката, како и финансиските односи помеѓу стопанските субјекти во земјата,
во странство, банкарските организации и други финансиски институции.
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
16
Науката за монетарни финансии изучува две значајни области:
(а) Монетарно-кредитен систем, и
(б) Монетарно-кредитна политика.
- Монетарно-кредитниот систем се однесува на учесниците, методите,
начелата и институции со помош на кои се создаваат и управуваат
активностите со парите и кредитот, односно се регулираат монетарно-
кредитните текови во процесот на репродукцијата.
- Монетарно-кредитната политика претставува збир на мерки и инструменти за
регулирање на обемот, структурата и динамиката на паричната маса,
кредитните пласмани и ликвидноста на стопанските субјекти.
Монетарниот систем ги вклучува сите учесници, од институции до одделенија,
кои ја спроведуваат утврдената политика, односно спроведуваат чекори со кои се
доаѓа до крајната цел, а тоа е монетарна стабилност.
Тие ги изучуваат:
- Целите и задачите на банкарскиот систем;
- Организација на банкарскиот систем и банкарското работење;
- Начела на банкарското работење;
- Снабденост на деловните процеси со количина на пари и кредити;
- Мобилизација и концентрација на слободни краткорочни и долгорочни средства;
- Организација на платниот промет во земјата и странство.
Јавните финансии ги опишавме погоре.
Меѓународните финансии ја изучуваат проблематиката на: меѓународните
финансиски договори, меѓународните финансиски институции, меѓународните
инструменти и облици на плаќања, обезбедувањето на меѓународни извори на
финансирање и сл.
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
17
3. Причини за постоење на наука за финансии
Паричните средства го напуштаат секторот на стопанските претпријатија на
различни начини: со продажба на производи, со распределбата на доходите и слично
и се одлеваат во секторите население, приватен сектор, држава, во странство.
Бидејќи овие сектори добиените парични средства ги трошат за купување на стока
или услуги во првиот сектор, паричниот доход прелеан во нив повторно се враќа во
секторот на стопанските субјекти.
За да стопанскиот систем биде во рамнотежа, треба да постои следното
равенство:
S=I
штедно-инвестициски циклус
Ѕ – штедења
I – инвестиции
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
18
Секторот Стопанство, како и државата, обично се одликуваат со:
I > S (поголеми инвестиции од штедење),
додека секторот домаќинства обично е со:
S > I (поголемо штедење од инвестиции);
За трансакторите кои имаат S > I обично велиме дека имаат финансиски
суфицит;
За трансакторите кај кои I > S велиме дека имаат финансиски дефицит.
Трансферот на средствата се врши преку т.н. квалитативни елементи на
финансискиот систем:
а) Финансиски текови;
б) Финансиски механизми;
в) Финансиски институции; и
г) Финансиски инструменти.
Финансиските текови кои го регулира финансискиот систем претставуваат
движење на штедењето и парите во стопанството. Основни облици на финансиски
текови се:
- Пазарни текови – како резултат на делувањето на пазарните механизми и
однесувањето на поедини субјекти и сектори на финансискиот пазар;
- Фискални текови – врзани се за распределбата на националниот доход
(даноци, царини, придонеси).
Финансиските механизми претставуваат начин на кој финансиските средства
се влеваат во деловните и производствените процеси:
- Самофинансирање – интерно, каде поголемите компании најголем дел од
капиталот за финансирање на инвестиционите проекти го формираат од
сопствени извори (задржани профити);
- Пазар на финансиски средства – екстерно финансирање, по пат на банкарски
кредити, финансиски пазари, заеднички вложувања.
Функцијата на финансиските институции е да прибираат парични средства,
да ги насочуваат во финансиски пласмани и да вршат финансиски услуги.
Финансиски посредници се стопански друштва чија основна дејност се состои во
„Основи на финансии“, Марија Гогова Самоников
19
давање услуги на своите клиенти во врска со движењето на финансиските
инструменти и производи на финансиските пазари.
Овде ги вбројуваме:
- Депозитни финансиски институции;
- Договорни финансиски институции;
- Инвестициони финансиски институции;
- Останати финансисики институции.
Развојот на стоковното производство и кредитниот систем создава различни
облици на финансиски инструменти со кои се регистрираат, пренесуваат и
реализираат паричните обврски и побарувања;
Според основната функција на парите и карактерот на обврските која ја
претставуваат, имаме:
- Инструменти на плаќање;
- Инструменти во кредитна функција
- Долговни инструменти;
- Сопственички инструменти.
Заклучно на сè погоре опишано, можеме да констатираме дека предмет на
изучување на финансиите се сите активности поврзани со парите кои ги опфаќаат:
1. паричните плаќања;
2. кредитните односи;
3. политиката на прибирање и вложување на паричните
средства;
4. емисија на пари;
5. монетарно-кредитна и девизна политика;
6. јавни (фискални) финансии;
7. финансиска политика и планирање на паричните текови;
8. организација и активност на банкарското работење;,
9. финансиско осигурување, итн.__

You might also like