You are on page 1of 14

КРАТОК ОСВРТ ВРЗ МИСЛАТА ЗА ОПШТЕСТВЕНОТО

БОГАТСТВО

Луѓето многу одамна, практично уште од античко време, се интересирале за


економски прашања, а со тоа и за богатството, како една од клучните категории во
економската теорија и во општеството во целина. Филозофите и другите тогашни
интелектуалци размислувале за создавањето и распределбата на богатството.
Уште во IV век п.н.е. грчкиот филозоф Аристотел ја дефинирал економската наука
како наука за богатството. Тој разликувал два вида богатство: економија - богатство во
материјални добра, и хремастика – богатство во пари. Економијата ја сметал како
природен вид на богатство и во неа го вклучувал натуралното стопанство,
занаетчиството и ситната трговија. Во хремастиката ги вбројувал крупната трговија и
лихварството. Во античка Грција, мсли за богатството и воопшто за економскиот
живот може да се најдат и во литературните дела. Пример за тоа е Хомер (VIII век
п.н.е.) и неговите епови „Илијада“ и „Одисеја“, во кои богатството го претставува
преку употребни вредности како добиток, алатки, злато, сребро итн. Оној кој
поседувал поголемо количество од тие вредности се сметал за побогат и обратно.
Хомер истакнува дека богатите луѓе добивале прекар „дебели – угоени“. Наспроти нив,
„слабите“ биле сиромашни. Во таа смисла и Маркс во „Капитал“ објаснува дека
големината на стомакот на југот важела за синоним за акумулирана сопственост.
Хомер истакнува три извори на богатството: 1. војни; 2. даноци; 3. делумно трговија.
Одредени размислувања за богатството има и во средниот век, во феудализмот
(средниот век: 5 – 15 век). Во овој период доминирала црквата и црковните догми.
Феудализмот е поделен на ран и развиен феудализам и размислувањата се различни во
двата периода:
 Ран феудализам - Во овој период се проповедала скромност во акумулирањето и
трошењето на богатството и помагање на блискиот. Предност имало духовното над
материјалното богатство, а биле осудувани трговијата и лихварството.
Претставник на ова учење е Августин Блажениот, кој го сметал богатството за
неприродно и неправедно, цитирајќи мисли од религијата: „Секој богаташ е или
грешник или наследник на грешник“.
 Во вториот период, развиениот феудализам, со развојот на стоковно-паричните
односи започнал да се менува ставот кон богатството и други економски појави.
Црковните норми се усогласиле со реалниот живот. Во новите размислувања
почнало да се допушта создавање на умерено богатство (но не и претерано
богатство). Сепак, во отсуство на цврст критериум за разликување помеѓу двете
категории, важело уверувањето дека умерено е она што е вообичаено во дадено
време. Претставници на развиениот феудализам се канонистите, а најистакнат е
Тома Аквински.
Во 16 и 17 век, меркантилистите го развиле ставот дека како вистинско богатство
може да се сметаат само парите, односно поседувањето на благородни метали. Нив не
ги интересирала употребната вредност на благородните метали, туку само нивната
разменска вредност. За меркантилистите непосреден извор на богатството е
надворешната трговија. Така приливот на благородни метали ќе се остварува преку
поскап извоз и поефтин увоз, со што и богатството на земјата ќе се зголемува.
Внатрешната трговија не ја сметале како извор на богатство, бидејќи со неа само се
распределлува постојното богатство на земјата помеѓу поединците.

1
Во 18 век, посебно во Франција каде доминирало земјоделството, се граделе
размислувања според кои богатството може да се создава само во земјоделството.
Претставници на ова учење се физиократите. Тие тврделе дека единствен извор на
богатството е земјоделството. Според нив само во земјоделството, под дејство на
природата, се создава „нето“ производ (вишок над трошоците на производството) и
така се мултиплицира богатството, додека во другите дејности можна е само промена
на употребната вредност и собирање на постојното богатство. Оттука, Франсоа Кене,
таткото на физиократската школа, напишал: „сиромашни фармери – сиромашна земја,
сиромашна земја – сиромашен крал.“ Со тоа сакал да укаже на значајноста на
земјоделството за богатството на кралот и на земјата во целина. Оттука, богатството на
земјата може да се зголеми со поттикнување на развојот на земјоделството.
Кај класичарите се наоѓа во зародиш пошироката концепција за производството и
богатството. Тие сметаат дека богатството се создава од трите фактори на
производството: капиталот, трудот и земјата, во сите дејности каде за резултат се има
одредено пазарно добро. Класичната економија се фокусира на материјалното
производство. Најпознат претставник на класичната политичка економија е Адам
Смит, „таткото на економијата“, кој своите анализи за богатството ги вклучил во
неговото капитално дело Испитување на природата и причините за богатствто на
народите, објавено во 1776 година. Смит го истакнува влијанието на пазарните сили за
создавање на националното богатство, преку механизмот на т.н. невидлива рака на
пазарот. Една од основните пораки на Смит е дека богатството на народите базира не
на злато, туку на трговија: кога две страни слободно разменуваат две работи од
вредност, водени од очекуваниот профит од размената, се зголемува вкупното
богатство.
Наспроти ова кај марксистите присутна е потесна концепција за создавање на
производството и богатството. Според нив создавач на богатство е трудот што е
вложен во материјално производство.
Приврзаниците на неокласичната (неолибералната) школа се враќаат на
пошироката концепција. Според нив богатството се создава и во материјалното
производство и во услугите – трговијата, финансиските услуги, осигурувањето,
консултантските услуги, информациските и комуникациските услуги, образованието,
медицинските услуги итн. Улогата на услугите е особено изразена во денешното
информатичко општество, а посебно во високоразвиените земји, каде што тие
учествуваат со висок процент во бруто домашниот производ, односно во создавањето
на богатството. Покрај трите фактори на производство, денес се истакнува и улогата
на: организацијата, претприемништвото, технолошкиот прогрес, информациите и сл.
во процесот на создавање на богатството.
Во современ контекст, општественото (националното) богатство е поврзано со
повеќе аспекти:
 Економски – богатството, националните средства, ја подразбираат чистата
вредност на средствата кои ги поседуваат поединците, домаќинствата и нацијата;
 Социолошки – преку богатството се одржува нееднаквоста пренесена од
генерација на генерација. Тука се важни дистрибуцијата на доходот/богатството, и
механизмите на редистрибуција, интересите на поедниечните класи, нивното
порамнување, оценувањето на нееднаквоста и прашања за социјалната правда.

2
 Концептот на природен капитал – со додавање на елементи од природната средина,
природните екосистеми и нивното одржување, кои се сметаат како вредност,
покрај економското богатство;
 Вредноста на богатството како дел од добро функционирање во покомплексен
систем - средствата се поврзани со развојот на еколошкиот систем, регионалниот
развој или дури и етичките аспекти на планирањето и одржувањето на природните
ресурси.

ДЕФИНИРАЊЕ НА ПОИМОТ ОПШТЕСТВЕНО (НАЦИОНАЛНО)


БОГАТСТВО

Самиот поим општествено или национално богатство може да се дефинира од повеќе


аспекти. Во продолжение следуваат неколку дефиниции:

 Марксистичка дефиниција
Таа е изградена врз марксистичката економска теорија која пак се потпира на
трудовата теорија за вредноста. Само трудот создава вредност, а носители на трудот се
работниците. Односно, во Марксистичката политичка економија, националното
богатство се дефинира како „објективизација на човечкиот труд“. Според
марксистичката дефиниција под поимот општествено богатство се подразбира
големината и структурата на матeријалнитe добра со кои располага општеството на
определен ден. Најважна компонента е физичкото богатство, т.е. агрегатот на
акумулирани материјални средства. Дополнително, има резултати од трудот кои не се
во физичка форма, но сепак се сметаат за богатство, како производствени вештини,
способности и искуството на населението.

 Дефиниција според теоријата на маргинална продуктивност на факторите за


производство
Според оваа теорија, општественото богатство е резултат на трите фактори на
производството за кои зборуваат класичарите: трудот, капиталот и земјата. Покрај нив
се споменува и четврт фактор. Според некои тоа е технологијата, според други –
претприемништвото, потоа организацијата (А. Маршал), знаењето и информациите
итн.
Концепцијата изразена во оваа теорија е позната како поширока концепција на
производството и богатството и според неа општественото богатство се состои од
широк опсег на добра и услуги. Оваа концепција е прифатена и во Системот на
национални сметки 1993 и во неговто надградување од 2008 година.

 Дефиниција од апект на инвестициите


Општественото богатство се дефинира и од апект на инвестициите. Се истакнува
дека богатството настанува како резултат на кумулирани инвестиции во текот на
повеќе периоди и генерации. Притоа се истакнува дека иако инвестициите не создаваат
директна вредност, тие се опредметуваат во разни добра кои служат во материјалното

3
производство и за човечка егзистенција. Оваа дефиниција е теоретска основа за
реконструкција на податоци за општественото богатство од минатите години, како и за
предвидувања, односно проекции на богатството за некој иден период.

 Дефиниција на Рејмонд Голдсмит – сметководствен пристап

Општествено богатство = Вкупни средства – Вкупни обврски


Американскиот економист Рејмонд Голдсмит користи сметководствен пристап и
при градењето на својата дефиниција тргнува од структурата на билансот на состојба
на државата, кој се добива со консолидирање на билансите на состојба на сите
економски единици во рамки на државата. Богатството претставува разлика помеѓу
вкупните средства и вкупните обврски и може да се пресмета на ниво на
институционални единици, институционални сектори и национална економија. Според
него, вкупното општествено богатство може да се добие ако од вкупните средства се
одземат вкупните обврски, односно тоа ја претставува консолидираната нето вредност
на сите економски единици во рамки на државата.

 Дефиниција во Системот на Национални Сметки

Слична дефиниција за општественото богатство е дадена и во Системот на


национални сметки (објавен во 1993 година, а потоа и во изменетото и дополнето
издание во 2008 година). Системот на национални сметки е статистичка рамка за
прикажување на макроекономските сметки. Изработен е и објавен под
покровителство на Обединетите нации, Европската комисија, Организацијата за
економска соработка и развој (ОЕЦД), Меѓународниот монетарен фонд и Светската
банка. Целта е овој систем да се употребува во сите земји и со тоа да се обезбеди
споредливост на податоците.

Во Системот на национални сметки е дадено следното објаснување на поимот и


опфатот на националното богатство: „Финансиските и нефинансиските ресурси кои
институционалната единица или сектор ги има на располагање и кои се вклучени во
билансот на состојба претставуваат индикатор за економскиот статус. Овие ресурси се
сумирани во ставката за порамнување, нето-вредност. Нето-вредноста се дефинира
како вредноста на сите средства кои се во сопственост на институционалната единица
или сектор, минус вредноста на сите обврски. За вкупната економија, билансот на
состојба го покажува збирот на нефинансиските средства и нето-побарувањата од
остатокот од светот (странство). Овој збир често се нарекува национално
богатство.“

Општествено богатство = Нефинансиски имот + Нето-побарувања од странство

 Дефиниција на Томас Пикети (Капиталот во 21 век)


Томас Пикети го дефинира националното богатство (или како што уште го
неркува тој „национален капитал“) како пазарна вредност која во даден момент ја
има се она што е во сопственост на резидентите и на владата на една земја и со кое
може да се тргува на пазарот. Го сочинуваат збирот на нефинансиски средства и

4
финансиски седства, намалени за вкупниот износ на финансиски обврски (долг).
Пикети прикажува два начини за добивање на националното богатство:
- Национално богатство = Приватно богатство + Јавно богатство
- Национално богатство = Национален капитал = Домашен капитал + Нето
странски капитал
Домашниот капитал е вредноста на капиталот (згради, фирми итн.) во рамки на
границите на државата, додека нето странскиот капитал или нето-странските средства
ја мерат позицијата на државата во однос на остатокот на светот (тоа е разлика помеѓу
средствата во сопственост на жителите на земјата во странство и средствата на земјата
во сопственост на жители од други земји)

КОМПОНЕНТИ НА ОПШТЕСТВЕНОТО БОГАТСТВО

Што го сочинува богатството? Традиционално вниманието било фокусирано на


произведениот капитал, како згради, машини, опрема и инфраструктура. Но, кон нив
треба да се додадат и необновливите ресурси, обновливите ресурси, земјоделските
површини итн., како и нематеријалниот капитал, односно човечкиот капитал (знаење и
вештини), социјалниот капитал и квалитетот на институциите.
Богатството на една земја се добива со консолидирање на средствата на
резидентните единици во рамки на нејзината територија, од кои потоа се одземаат
обврските. Богатството го сочинуваат две основни компоненти: финансиско и
нефинансиско богатство или финансиски и нефинансиски средства.
Нефинансиките средства од своја страна се делат на произведени (т.е.
произведено богатство) и непроизведени средства.
Произведените нефинансиски средства (произведено нефинансиско богатсвто) се
состојат од:
 Фиксен капитал (основни средства) - средства што можат да се користат повеќе
од 1 година и што постепено ја пренесуваат својата вредност на производите во текот
на нивниот век на траење. Оваа категорија содржи:
- материјални средства (машини, опрема, згради, транспортни средства) и
- нематеријални средства – или производи на интелектуална сопственост:
(истражување и развој, истражување на минерали, компјутерски софтвер, бази
на податоци, литературни и уметнички оригинали и др.)
 Залихи (обртен капитал), кои се трошат и целосно ја пренесуваат својата
вредност на новите производи и тоа:
- залихи на материјали,
- производство во тек,
- готови производи и
- трговски стоки.
 Скапоцености, и тоа: скапоцени камења, накит, уметнички предмети,
благородни метали и др.

5
Непроизведените нефинансиски средства се делат на: природно богатство и
нематеријално непроизведено богатство.
 Природното (материјалнио) богатство како компонента на општественото
богатство е мошне разновидно. Овде влегуваат:
- земјиштето (почви, поврзани површински води, унапредувања кои не можат да
се одделат од земјиштето, земјата на која има згради и насади, земја која се
користи како рекреациона површина итн.),
- подземните средства (резерви на нафта, јаглен и природен гас, како и резерви на
минерали, лоцирани на површината или под неа кои што може да се користат
зависно од технологијата или цените),
- необработените биолошки ресурси (животни и растенија кои даваат принос и
над кои има сопственички права – шуми, риболов и сл. - и кои се користат за
економски цели),
- водните ресурси (води над кои има сопственички права, кои пазарно се
валоризираат и кај кои има мерки за економска контрола).
Природното богатство само делумно се вклучува во општественото богатство, т.е.
некои делови од природното богатство се апстрахираат, поради потешткотии во
нивното вреднување. Таков е случајот со природните услови кои не може да се
валоризираат. Во општественото богатство не се вклучуваат и оние природни
богатства кои не може да се користат. Земјиштето, исто така, само делумно е
вклучено во општественото богатство, т.е. во редуцирана форма.
 Во нематеријалното богатство спаѓаат разни патенти, лизинг, други преносливи
договори, потоа гудвил, имиџ, маркетиншки средства, заштитни знаци итн.
 Салдото на странски средства всушност се сведува на салдо на побарувања и
долгови на една земја со странство.

6
Богатство

Нефинансиско Финансиско
имот имот

Произведено Непроизведено
имот оимот
- Монетарно
Природно злато
Фиксен Нематеријално
Залихи Скапоцености (Материјално) - Специјални
капитал
о права на
капитал влечење
- Материјали - Благородни - Земја - Патенти -Валути и
- Станбени
- Производство метали и - Резерви на - Заштитни депозити
згради
во тек скапоцени јаглен, нафта и знаци - Должнички
- Градежни
- Готови камења природен гас - Гудвил хартии од
објекти
производи - Аниквитети и - Резерви на -Договори вредност
- Машини и
- Трговски стоки други уникатни метали -Акции
опрема
производи - Резерви на -Кредити
- Транспортни
- Други неметали -Технички
средства
скапоцености - Необработени резерви на
- Обработени
биолошки осигурување
биолошки
ресурси - Финансиски
ресурси
-Водни ресурси деривати
- Животински
-Друго
ресурси кои
носат
повторени
приноси
- Производи на
интелектуална
сопственост

Финансискитe средства се состојат од следните елементи:

 Монетарното злато, кое е под контрола на монетарните власти и се чува како дел
од девизните резерви.
 Специјалните права на влечење, кои ги креира ММФ и ги алоцира на неговите
членки за дополнување на резервите. Со нив располага централната банка на
земјата.
 Готовина и депозити.
 Должнучки хартии од вредност: обврзници, записи итн.. Тие може да бидат
краткорочни или долгорочни.
 Заради својата специфичност, посебно се сметаат акциите и другите облици на
акционерски капитал.
 Краткорочни и долгорочни заеми.
 Техничките резерви на осигурување кои се јавуваат во различни облици како
претплата на премии, резерви за одредени побарувања итн.
 Друго.

Во консолидираниот биланс на состојба се поништуваат врските помеѓу

7
кредиторите и должниците, како и помеѓу сопствениците и издавачи те на финансиски
средства, кои припаѓаат на иста група или сектор. Оттука, во националниот биланс на
состојба, износот на финансиските средства и обврски на национално ниво (помеѓу
резидентните единици) се анулира. Во општественото богатство се вклучуваат само
финансиските врски помеѓу резидентни и нерезидентни единици. Тоа всушност го
претставува салдото на странски средства на земјата.
Најопшто кажано, под поимот општествено богатство се подразбира
големината и структурата на материјалните и нематеријалните добра со кои
располага некоја земја на одреден ден. На следната слика се прикажани неговите
основни елементи: (компоненти) и тоа се состои од следниве елементи:

ОПШТЕСТВЕНО (НАЦИОНАЛНО)
БОГАТСТВО

Произведено Природно Нематеријално Нето-странски


богатство богатство богатство средства

Човечкиот капитал и утврдувањето на општественото богатство


Постои разлика во мислењата дали работната сила и човечкиот капитал треба да се
вклучат во категоријата општествено богатство. Има поборници и за двете мислења.
Тие што сметаат дека не треба (марксистите), потенцираат дека тие не се вид на
произведено богатство, туку дека тие произведуваат богатство. Според нив,
општественото богатство се состои пред се од употребни вредности или добра кои
имаат материјална форма, додека трудот и човечкиот капитал се само услов за
создавање на богатство. Другите (теорија за маргинална продуктивност на трудот)
сметаат дека работната сила и човечкиот капитал треба да се вклучат во општественото
богатство. Тоа го објаснуват со фактот што тие фактори добиваат сѐ поголемо значење
при производството и создавањето на богатството на една земја.
Пикети, во Капитал во 21от век, од својата дефиниција за „капитал“ или „богатство“
го исклучува човековиот капитал, кој се состои од способностите, обуката, вештините,
работната сила. Тој го дефинира капиталот како збир на нечовечките средства
(материјални и нематеријални) кои можат да бидат поседувани и разменети на некој
пазар. Причините за невклучување на човечкиот капитал ги објаснува со следните
аргументи: човечкиот капитал не може да биде во сопственост на друго лице, ниту да
се размени на пазарот (може да се најми работна сила врз основа на договор, но во
модерните правни системи, тоа е со ограничено време и опфат). И во СНС,
дефиницијата на средствата го исклучува човечкиот капитал, поради две причини: иако
е вграден во лицето кое вложувало во него, човечкиот капитал не може да се поседува
и да се пренесува помеѓу едниците; активностите преземени од лицето кое
инвестирало во него не се сметаат за „производство“ (т.е. не можат да се пренесат на
трето лице).

8
МЕТОДИ ЗА ВАЛОРИЗАЦИЈА НА ОПШТЕСТВЕНОТО БОГАТСТВО

Постојат повеќе методи за валоризација, т.е. утврдување на општественото


богатство. Поделени се на две главни групи:
- Директни методи
- Идиректни методи

a) Директни методи (пописи)


Директните методи опфаќаат утврдување на големината на одредени елементи или на
вкупното богатство на една земја со помош на инвентаризација (попис) на определен
ден. Меѓутоа и денес мал е бројот на земјите каде се прави попис на општественото
богатство. Така САД е земја во која попис се прави секои десет години, додека други
земји воопшто не го применуваат овој метод. Овој метод е главно употребуван по II
Светска војна, и тоа во развиените земји.

б) Индиректни методи
Поради големината на општественото богатство, тоа се пресметува со помош на
индиректни методи, односно со помош на некои големини кои се во одредена
поврзаност со општественото богатство. Во тој контекст се користат доходот, имотот,
наследството и сл., на кои се плаќаат одредени даноци. Оттаму со помош на даноците
и постојните каматни стапки се утврдува големината на општественото богатство.
Овие методи речиси биле единствените начини да се дојде до големината на
општественото богатство на една земја до II светска војна.

1. Со помош на податоци за данокот на доход и даночната стапка

Овој метод подразбира пресметување на даночната основица врз база на


расположливите податоци за големината на данокот на доход платен за таа даночна
основа и висината на даночната стапка. Пресметаната даночна основа всушност го
претставува општественото богатство.

Данок на доход
Даночна основа = × 100
Даночна стапка

Пример: Ако од даночната статистика се информираме дека е платен данок на доход од


20.000 п.е., а даночната стапка е 5%, тогаш:
Данок на доход 20.000
Даночна основа = × 100 = × 100 = 400.000 п. е.
Даночна стапка 5

2. Со помош на податоци за данокот на имот, даночната стапка и каматната


стапка

Доколку нема прецизна евиденција за данокот на доход или пак има преголеми
обиди за затајување (евазија) на тој данок, но ако има податоци за платениот данок на
имот и даночната стапка, тогаш врз основа на тие податоци може да се пресмета

9
општественото богатство. Прво се пресметува даночната основица на која е платен
данокот, а потоа таа се капитализира во зависност од постојната камата стапка на
пазарот, со што се добива вредноста на богатството.
I фаза
Данок на имот
Имот (даночна основа) = × 100
Даночна стапка
II фаза
Имот
Приватно богатство = × 100
Каматна стапка

Пример: Доколку ги имаме следните податоци: платен данок на имот: 1.000 п.е.;
даночна стапка: 5%; каматна стапка: 5%, тогаш:
Данок на имот 1.000
Имот (даночна основа) = × 100 = × 100 = 20.000 п. е.
Даночна стапка 5
Имот 20.000
Приватно богатство = × 100 = = 400.000 п. е.
Каматна стапка 5

Оваа двофазна постапка треба да се направи кај сите елементи на богатството


во приватна сопственост. Со собирање на добиените суми се добива вкупното
приватно богатство. Големината на јавното богатство се проценува најчесто со
кумулирање на инвестициите од државниот буџет. Со собирање на двете ставки
(приватно и јавно) се добива вкупното богатство.
Општествено богатство = Приватно богатство + Јавно богатство

3. Методот на Фовил – со помош на данокот на наследство и даночната стапка

Методот на францускиот статистичар Фовил е познат како метод за пресметување


на богатството преку данок на наследство (оставинска маса). Фовил смета дека во
текот на одреден број на години целокупното богатство, а главно имотот, преминува од
една на друга генерација. Со помош на данокот што се плаќа на оставинската маса
(наследството), се пресметува наследеното богатство за една, а потоа и за други
години, и преку нивниот збир се доаѓа до приватното богатство. Потребно е да се
собере богатството за толкав број на години колку што е потребно да се наследи
целиот имот.

Данок на наследство
Оставинска маса = × 100
Даночна стапка

Според расположливите статистички податоци Фовил пресметал дека во Франција


еден циклус на наследство во кој се пренесува целиот имот изнесува 36 години. Во
Италија пак, италијанскиот статистичар Џини утврдиле дека циклусот е 32 години. Со
помош на овој метод пресметувано е богатството и на Австро-Унгарија, Холандија и
др.

10
4. Методот на Голдсмит за кумулирање на инвестициите

Американскиот економист Рејмонд Голдсмит го користи методот на кумулирање


на инвестициите во одредени елементи на богатството. Овој метод се нарекува и метод
на континуирана инвентаризација или попис на богатството (Perpetual Inventory Method
– PIM). Голдсмит го зема во предвид и факторот на временско траење на одреден
елемент на богатство. Суштината е во тоа што се кумулираат инвестициите кај одделни
добра што го сочинуваат општественото богатство. Тоа го објаснува на примерот на
камионите во САД во 1957 година кога врши кумулирање на инвестициите за
претходните 10 години, бидејќи сметал дека камионите во просек се користеле по 10
години. Треба да се истакне дека овој метод може да се примени само кај еден дел од
богатството – само кај фиксниот капитал.
На овој начин, Голдсмит го пресметал богатството на САД за период од околу 150
години (1805 – 1950). Со помош на овој метод се пресметувале богатствата и на Велика
Британија и Австралија.

Проблематиката на пореално изразување на општественото богатство и денес


останува отворено прашање. Тешко да се одговри на прашањето колку е богата една
земја. Тоа призлегува и од тоа што општественото богатство може да се разгледува од
различни аспекти. Најидеално решение сепак е дирекниот метод – попис, но малку
земји можат да го практикуваат тој метод, а дури и да го прават, го прават секоја 10-та
година. Поради тоа за поголем број од земјите останува како изнудено решение да се
користат разни методи за проценка на делови или вкупното богатство.

ЦЕНОВНИ КОНЦЕПЦИИ ЗА ВАЛОРИЗАЦИЈА НА ОПШТЕСТВЕНОТО


БОГАТСТВО

Покрај методите за пресметување на општественото богатство, едно од најважните


прашања се цените по кои се врши валоризација на одделните компоненти на
богатството. Имено, поради тоа што богатството на една земја се состои од разновидни
елементи кои се разликуваат во мерките во кои се изразени, не е можно механичко
собирање на тие елементи за да се дојде до големината на богатството. Поради тоа се
користи инструментот на цените, односно се користи нивната парична вредност
(елементите се искажуваат вредносно). Во поглед на цените кои се употребуваат има
три концепции:
- Според набавни цени - ова значи дека општественото богатство се изразува или
според изворната цена на одредено добро (кога се гради) или според цената по која
е набавено. Така може да се добие претстава за капацитетот на едно добро или за
богатството на земјата.
- Според чинење на замената - ова претпоставува користење на цени од одредена
базна година, при што може да се користат или набавни или сегашни цени.
Разликата меѓу цените е во амортизацијата (потрошен фиксен капитал во Системот
на Национални Сметки). Кога се користи набавна цена се добива вредноста на
богатството во бруто износ, а кога се користи сегашната цена се добива вредноста
на богатството во нето износ.

11
- Според продажни цени - ова подразбира користење на просечни пазарни цени за
одредено добро во одреден временски период.
При примена на било која од споменатите концепции се јавуваат бројни проблеми,
а посебно кај оние делови од богатството кои немаат пазарна вредност. Проблемот се
решава со разни методи за проценка на вредноста на тој дел од богатството. Која било
од трите концепции и да се примени, кај залихите како дел од богатството се добива
еднаков износ. Тоа произлегува од краткиот век на траење на залихите. Случајот со
фиксниот капитал е поинаков. Таму секоја концепција предизвикува различни износи.
Поради тоа кога се користат податоци за фиксниот капитал, треба да се истакне по која
цена е изразен.
Поради разновидноста на богатството, се користат различни цени при
валоризацијата на одредените делови на богатството. Тоа прашање се разгледува и во
СНС 2008, каде се препорачува евидентирање на средствата и обврските според
нивната тековна вредност во моментот за кој билансот на состојба се однесува, а не
според нивната првична, оригинална вредност:
„Теоретски, националните сметки се засноваат на претпоставката дека вредноста
на средствата и обврските континуирано се превреднуваат според тековната вредност,
иако, во основа, ревалоризацијата се врши само периодично. Соодветна основа за
вреднување на средствата и обврските преставува вредноста по која тие можат да се
купат на пазарот во тој даден момент. Во најдобар случај, треба да се користи
вредноста забележана на пазарот или процена направена со помош на таа вредност.
Кога ова не е можно, тековната вредност, за потребите на билансот на состојба, може
приближно да се пресмета на два начина: преку акумулирање и превреднување на
трансакциите во дадениот период или преку процена на дисконтираната сегашна
вредност на идните очекувани приноси од користење на тоа средство.“ (СНС 2008)
Сепак, во СНС се препорачани различни цени за валоризација на одделните делови
на општественото богатство:
 Фиксен капитал – во најголем дел (како и трајните потрошни добра) се
валоризираат по набавна и сегашна цена. Набавна цена – капацитет на средството,
сегашна вредност – остатокот од неискористениот капацитет. Набавните цени го
претставуваат износот платен од страна на купувачите, исклучувајќи го делот што
се одбива од даноците како што е данокот на додадена вредност. Набавните цени
го претставуваат реалниот трошок на корисниците;
 Софтвер купен на пазар - по куповни цени, а самостојно развиен софтвер - по
основни цени, или по трошоците за производство ако не е можно да се направи
процена на основната цена;
 Кај делови на општественото богатство кај кои нема амортизациони отписи, – нема
разлика меѓу набавната и сегашната вредност – се евидентираат според набавната
цена. Пр: сточниот фонд, земјиштето, шумскиот фонд;
 Подземните ресурси, необработените биолошки ресурси, водните ресурси и
уметничките вредности – по тековни цени;
 Нематеријалното богатство кое се реализира преку пазар – по пазарни цени.
Нематеријалното богатство кое не се реализира на пазар и краткорочните обврски
– по номинална вредност;

12
 Залихите на материјали – по набавна цена, бидејќи имаат краток век на траење.
Залихите на готови производи и производството во тек – во основни цени
(цените пред додавањето на износот на даноци и пред одземањето на износот на
субвенции), а залихите на трговски стоки (без натамошна преработка од
трговците на големо и мало) – по цени платени за нив;
 Хартии од вредност кои котираат на берзата – по берзанската цена;
 Полисите за животно и пензиско осигурување – по вредност на актуарската
резерва;
 Патенти, лизинг и други преносливи договори – според тековни цени по кои се
тргува. Ако тоа не е можно, тогаш по сегашна вредност на очекуваните идни
приноси;
 Гудвил – според трошоците на зголемување минус акумулирана аортизација
(соодветно ревалоризирана);
 Готовите пари – по номинална вредност.

СТРУКТУРА НА ОПШТЕСТВЕНОТО БОГАТСТВО

Структурата на општественото богатство може да се изрази на повеќе начини. Ќе ги


наведеме следните класификации на компонентите на општественото богатство:

 Секторска структура (според сектори на дејности, стопански дејности,


стопански гранки итн.) (наведени се само неколку)
 Земјоделство, шумарство и рибарство
 Рударство и вадење камен
 Преработувачка индустрија
 Градежништво
 Трговија на големо и на мало
 Финансиски услуги
 Структура според сопственоста
 Приватно богатство (население и бизнис сектор)
 Јавно богатство
 Територијална структура
 по територијални единици во рамки на државата
 по општини
 по региони и сл.
 Структура според институционални сектори (институционалните сектори во
СНС ги групираат заедно сличните видови на институционални единици):
 Нефинансиски претпријатија
 Приватни претпријатија
 Јавни претпријатија
 Финансиски институции
 Централна банка
 Други монетарни институции
 Осигурителни и пензиски компании
 Други финансиски институции
 Држава

13
 Централна власт
 Локална власт
 Фондови и социјално осигурување
 Приватни некомерцијални организации кои даваат услуги на домаќинствата
 Домаќинства
 Остаток на светот (странство) - сите нерезидентни институционални
единици кои влегуваат во трансакции со резидентните единици, или имаат
други економски врски со резидентните единици.
 Други структури.

14

You might also like