You are on page 1of 16

Еколошки прашања

Сегашното користење и уназадување на ресурсите на Земјата е неодржливо


и блиско поврзано, неретко и на противречни начини, со процесите на
глобализација. Постојат големи нееднаквости меѓу богатите и сиромашните
во смисла на користење на ресурсите на планетата и еколошката сенка ил
стапалка која тие ја оставаат врз земјата. Реакцијата на меѓународно ниво
подразбира обид да се воспостави некакво глобално еколошко владеење. Во
систем на суверени држави, ова подразбира меѓународна соработка.

Функциите на меѓународна еколошка соработка


Меѓународната соработка воспоставува режими на владеење заради
регулирање на прекуграничните еколошки проблеми и одржување на
глобалните заеднички ресурси. Режимите не се состојат само од формални
договори меѓу државите, иако тие се многу важни. Покрај тоа, освен
режимите, постојат и други функции и последици на меѓународната
соработка. Трката за моќ, статус и богатство редовно е присутна во
меѓународните размислувања.
Кога животните, рибите, водата или загадувањето минуваат преку државните
граници, се јавува потребата од меѓународна соработка. Регулирањето на
прекуграничните еколошки проблеми е најстарата функција на
меѓународната соработка, која се одразува во стотици мултилатерални,
регионални и билатерални договори за здружено управување со ресурсите и
контрола на загадувањето. Контролирањето, оданочувањето и
промовирањето на трговијата отсекогаш биле едни од најважните функции
на државата.

Климатски промени
За разлика од проблемот со озонската обвивка, за климатскте промени и
ефектот на стаклена градина , научниците долго време дебатираа , но до
меѓународен консензус кој ќе биде доволен за поттикнување на
дејствувањето се дојде дури кон крајот на 80тите. Но и натаму остана
сериозни несогласувања во врска со тоа дали промените на просечната
температура кои се предизвикани од човекот навистина го менуваат
глобалниот климатски систем. Ефектот на стаклена градина има пресудна
важност за животот на Земјата. Гасовите на стаклена градина во атмосферата
ја изолираат Земјината површина задржувајќи ги Сончевите зраци. Како
проблем со заеднички ресурси, климатските промени се на едно сосема
поинакво ниво кое не може да се спореди со нешто со кое меѓународниот
систем веќе се има соочено. Климатските промени навистина не се
вообичаен меѓународен еколошки проблем, тие се закануваат со огромни
промени во животните услови.

Животната средина и теоријата за меѓународни односи


Животната средина ужива се поголем интерес на академците кои се
занимаваат со меѓународните односи и кои се обидуваат да ги утврдат
условите во кои може да се развие делотворна меѓународна соработка. Во
своите анализи на активностите за создавање меѓународен еколошки
режим, академците им придаваат различна важност на различните фактори.
Груби пресметки на моќта и интересите на клучните учесници какви што се
државите, споделеното научно признание, влијанието на невладините
организации итн. се дел од проблемот.

Тероризмот и глобализацијата
Односот меѓу тероризмот и глобализацијата тешко може прецизно да се
опише. Секоја од овие две појави е сложена самата по себе и не признава
едноставен опис. Не е вистина дека глобализацијата е одговорна за
тероризмот, но терористите користат технологии кои се во врска со
глобализацијата. Поточно, технологиите им овозможија на терористичите
групи подобро да дејствуваат заедно, да разменуваат информации и да
допрат до публика на која порано не можеле да се надеваат. Меѓутоа,
технологијата не може да го промени карактерот на терористичката порака
или на природата на борбата. Тероризмот е оружје на послабите, на едно
малцинство поединци кои се борат за екстремистичка идеологија.
Тероризмот пред се се опишува како користење на насилство. Тактиката на
насилство има бројни облици и неретко е произволно насочена кон лица кои
не се воени. Несогласувањата во врска со тероризмот почнуваат во врска со
целта за која се користи насилството и со неговите главни причини. Низ
историјата, терминот тероризам се однесувал на државното насилство врз
граѓаните за време на Француската револуција. Меѓутоа, изминатиот
половина век тероризмот почна да значи користење на насилство од страна
на помали групи, заради остварување на некаква политичка промена.
Тероризмот се разликува од криминалот според степенот на насилство и
неговата политичка оправданост. Оние кои сочувствуваат со причините за
тероризмот тврдат дека насилството е единствената опција која е останата на
располагање за скршнување на вниманието врз страдањето на оштетените.
Меѓу тие причини најчесто се идеолошката, етничката и религиозна
исклученост и прогон.

Тероризам: од транснационална до глобална појава


Низ историјата, терористите користеле лесно расположиви средства со кои
мал број поединци можат да шират страв колку што е најмногу можно. Кон
почетокот на 20 век, анархистите користеле револвери и динамит. Па сепак,
терористите и терористичките чинови ретко имале некакво влијание надвор
од границите на државата. Три фактори придонесоа за појавата на
транснационалниот тероризам во 1968 година: експанзијата на
комерцијалниот воздушен сообраќај, појавата на телевизиските вести и
широките политички интереси на екстремистите. Како резултат на тоа,
тероризмот прерасна од локална во трансдржавна закана.

Тероризам: влијанието на глобализацијата


Ал Каеда влезе во вниманието на глобалната јавност како резултат на
нападите кои ги изврши во Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2011
година. Ал Каеда е глобална терористичка група која претставува закана за
западната цивилизација и западните вредности, поддржавен обезбедувач на
финансии и ресурси на терористички групи со слична идеологија или
растурач на екстремистички уверувања кои го оправдуваат политичкото
насилство. Веднаш по 11 септември, Ал Каеда почна да се претставува како
центарот на тероризмот, центар поврзан речиси со сите терористички групи.
Обидите да се објасни глобалниот тероризам или Ал Каеда се поврзани со
три области: културата, економијата и религијата.
Културата е еден начин на кој можеме да објасниме зошто повикот на
милитантниот ислам за вооружена борба доживеа толкав успех во
неразвиените земји. Поточно, насилството е единствената метода со која
може да се зачуваат традициите и вредностите од културното цунами на
западните производи и материјализмот.
Не се сложуваат сите дека одбраната на културата или идентитетот е
главната мотивација за глобализираното терористичко насилство. Други
сметаат дека пресудниот мотивациски фактор за користење на насилство
заради политички промени се економските аспекти. Иако глобализацијата
овозможува пристап до светски пазар на стоки и услуги, за нејзиниот конечен
резултат исто така се смета дека е облик на западен економски
империјализам.
Постмодерниот или новиот тероризам се водеше од сосема поинакви цели.
Мотивирани со ветувањата за награда во посмртниот живот, некои
терористи беа поттикнати од религиозни причини да убијата што е можно
повеќе иноверници и неверници. Новиот тероризам (т.н. глобалниот џихад),
се смета за реакција на наводното угнетување на муслиманите ширум светот
и на духовниот банкрот на Западот. Со ширењето на глобализацијата и се
посилните врски меѓу општествата, муслиманите се соочуваат со избор: да ги
прифатат западние верувања и подобро да се интегрираат или да опстојат на
својата духовна чистота по пат на бунт. Оние кои веруваат во глобалниот
џихад сметаат дека водачите на исламските држави како Пакистан, Саудиска
Арабија или Ирак, се отпадници од верата кои ги компромитирале своите
вредности во трката за стекнување и одржување на државна моќ.
Единствена можна реакција е борба против тие влијанија по пат на џихад.

Глобализација: технологија и тероризам


Технолошкиот напредок кој е поврзан со глобализацијата ги подобри
способностите на терористичките групи да планираат и спроведуваат
операции со многу поголема разорност и координација одошто можеле да
замислат нивните предци. Технологиите особено ги имаат подобрено
способностите на групите и ќелиите во следните области: придобивање,
координација, безбедност, мобилност и смртоносност.
Терористичките групи по традиција барале разбирање и поддршка во
рамките на државните граници или во соседните земји, како начин за
одржување на својата кауза. А одржувањето на терористичките каузи по
традиција било тешко затоа што терористичките пораки, цели и барања
обично се екстремни и не толку популарни колку пораките, целите и
барањата на бунтовниците.
Во ерата на транснационалниот тероризам, групите планираа и спроведуваа
поединечни напади или пак организираа повеќе напади од една единствена
база. Технологиите поврзани со глобализацијата им овозможија на
терористичките ќелии и групи да организираат координирани напади во
различни држави. Всушност, токму препознатливиот белег на
исламистичките групи е нивната способност да спроведат повеќе напади на
различни локации.
Терористичките ќелии без соодветни безбедносни мерки на претпазливост
се изложени на ризикот да бидат откриени. Безбедноста на терористичките
организации низ историјата се чуваше со ограничување на комуникацијата и
размената на информации меѓу ќелиите.
Смалената големина и зголемените способности на личните електронски
уреди им дава на терористите и бројни предности во смисла на мобилност.
Мобилноста отсекогаш била пресуден фактор и за терористите и за
бунтовниците. Во отворените општества кои имаат добро развиена
инфраструктура, терористите успеваа брзо да се движат внатре во државните
граници и преку нив, што ги усложнуваше напорите за нивно лоцирање.
Глобализацијата на трговијата исто така ја подобри нивната мобилност.
За време на транснационалната ера, терористите можеа да дојдат до
радиоактивно оружје, биолошко и хемиско оружје, но главно не го правеа
тоа. Меѓутоа, по крајот на Студената војна, некои терористички лидери
изразија и желба и подготвеност да користат оружје за масовно уништување.
Настрана оружјата за масовно уништување, глобализацијата го олесни
пристапот до оружјето, ресурсите и техничката поткованост кои се потребни
за помали, но посмртоносни напади.
Борба против тероризмот
Државите кои беа соочени со транснационалниот тероризам одговорија
поединечно и колективно за борбата против тероризмот за време на
Студената војна. Тие нивни реакции се разликуваа по обем и делотворност и
подразбираа усвојување на антитерористички закони, преземање
превентивни безбедносни мерки на аеродроми и создавање специјални
противтерористички сили.
Државните лидери не се сложуваат во врска со тоа кој е најдобриот начин на
справување со глобалното терористичко насилство. Контроверзиите главно
се однесуваат на природата на заканата и пристапот кој треба да се преземе
за справување со неа. Некои лидери на држави сметаат дека обликот на
милитантниот ислам е проблем со кој не може да се преговара. На други
лидери на држави не им се допаѓа концептот на „војна“ против тероризмот.
Тие сметаат дека воение операции ќе предизвикаат само реприза на
терористичките чинови, или уште полошо, враќање на тероризмот кон
неговото првобитно значење. За нив, тероризмот е криминал кој најдобро се
сузбива со полициски методи. Иако и натаму постојат несогласувања во
врска со тоа како филозофски да се справиме со тероризмот, во практична
смисла најголемиот проблем и натаму е лоцирањето на терористите и нивно
изолирање од нивните средства за издршка.

Регионализам
Терминот регионализам вообичаено се користи за упатување на зголемената
општествена интеграција во одреден регион и честопати неуправуваните
процеси на општеството. Таквите процеси создаваат меѓузависност и може
да содржат едно продлабочено разбирање за заеднички интереси и
идентитет, вклучително и самосвеста за постоењето на регионот.
Регионалните договори содржат разни комбинации економски,
општествени, политички и безбедносни обѕири. При разгледување на
различните групирања кои може да се договорат меѓу државите, постои
разлика помеѓу соработка и интеграција.
Функционалната соработка се однесува на ограничените групирања меѓу
државите заради работа во некои области, на пример транспортот,
енергијата и здраството.
Формалната интеграција се однесува на процеси кои не се задржуваат само
на отстранување на пречките за заемното дејство и кои создаваат простор
подложен на одредени заеднички правила.

Процесот на европска интеграција


Во Европа, регионализмот по 1945 година го доби обликот на постепен
процес на интеграција, кој кулминираше со Европската Унија. Процесот се
разви во едно засилено градење на институционална архитектура, правна
рамка и широк дијапазон на политики, а во 2007 година веќе броеше 27
европски држави членки.
Европската заедница за јаглен и челик беше основана во 1951 година, а по
неа следуваа Европската економска заедница и Европската заедница за
атомска енергија во 1957 година. Овие договори предвидуваа
конфедеративна заедница со надлежност во разни области. Од 1992 година,
со Договорот за Европска Унија (Договорот од Мастрихт), процесот на
интеграција дополнително се разви и опфати посилни области на
обединување, особено монетарната унија, и други облици на соработка.
Од еден многу ограничен почеток, и во смисла на членство и во смисла на
опфат, Европската Унија постепено се разви во важен политички и економски
фактор чие присуство има значајно влијание и внатре во неа и на
меѓународен план.

Системот на држави и меѓународното право


Современиот систем на меѓународното право еволуира од средновековниот
концепт на природното право. Почетоците на овој концепт за природното
право ги среќаваме кај античките Грци, но неговото влијание врз развојот на
меѓународното право датира од римско време. Римјаните, распознавале два
вида право: jus civile (право што се применува во Рим) и jus gentium
(универзална примена). Подоцна се развил концептот наречен jus natural,
како збир на принципи кои го контролираат човековото однесување
прифатливо за сите, затоа што неговите темели се во природата на човекот
како рационално и општествено битие.
На планот на односите меѓу државите, примената на природното право
значи дека постои нешто, во хиерархиска смисла, повисоко од
суверенитетот, кој е производ на волја повисока од онаа на владетелите –
волја на Господ. Тоа претставува своевидна негација на анархичните односи
меѓу државите и на неодговорното однесување на владетелите.
Меѓународното право претставува збир на правила кон кои се придржуваат
државите во своите меѓусебни односи. Правила кои ги регулираат односите
меѓу политичките заедници, постоеле и во античкиот и во средновековниот
свет, но како посебна гранка на правниот систем меѓународното право е од
понов датум. Имено, тоа датира од 16тиот век и е производ на современиот
европски систем на држави.
Во процес на настанување на националните држави, вододелница е Мирот
од Вестфалија од 1648 година. Овој мир го означува крајот на
Триесетгодишната религиозна војна. Всушност, Мирот од Вестфалија го
означува крајот на последната од целата серија религиозни војни кои ја
пустошат Европа цели 100 години. Триесетгодишната војна е ужасно
комплексна, со огромен број учесници, со бројни и различни интереси. Со
Мирот од Вестфалија се удрени темелите на еден децентрализиран систем
на суверени и еднакви национални држави. Од хаосот се раѓаат нови центри
на независна моќ – државите. Од феудите настануваат држави со строго
дефинирани граници, кои ја обележуваат територијата врз која кралевите
уживаат ексклузивна лична моќ врз луѓето и предметите.

Еволуцијата на меѓународното право


Современата теорија за меѓународното право се појавува со појавата на
нацијата-држава во 17 век и еволуира со развојот на односите меѓу
државите. Државите настануваат во бунтот против власта на
средновековните политичко-религиозни институции, олицетворение во
императорот и во папата. Тоа го прават така што го афирмираат концептот за
државниот суверенитет.
Правото ги открива своите корени во поимите разум и правда. Бидејќи на
разумот и на правдата се гледа како на принципи применливи насекаде во
светот, тие се сметаат за основа на универзалното право на природата. Во таа
смисла, теоретичарите заклучуваат дека односите меѓу народите почиваат
врз принципот на правдата, која е вечен и непроменлив принцип на
природното право.
Некаде на почетокот од 19 век, правото на народите кое ги регулирало
односите меѓу европските држави, прераснува во меѓународно право.
Виенскиот конгрес од 1815 година се зема како вододелница, зашто тогаш за
првпат присутните држави донесуваат правила кои се однесуваат на целиот
свет, а не само на Европа. Она што дотогаш беше правен систем на
„цивилизираните народи“, на „христијанските народи“, се проширува на
целиот свет.
19тиот век го произведе меѓународното право, определувајќи ги неговите
карактеристики: ова е корпус на правила кои се задолжителни во односите
меѓу цивилизираните земји. Овие норми содржат правила и обврски за
државите. Нормите се производ на согласноста на сите, односно на
поголемиот број држави, и тие можат да бидат модифицирани и
приспособувани на националните услови само доколку не ги повредуваат
правата на други држави.. Меѓународните односи се основен извор на
меѓународното право.
20тиот век го карактеризираат настани кои се одвиваат со темпо и обем
незабележан во досегашната човекова историја. Ги бележиме двете големи
трагедии на човештвото од почетокот и срединаа на векот – Првата и Втората
светска војна, големата економска криза од 30тите години. Холокаустот во
Германија и Сталиновите чистки во Русија, експлозијата на атомските бомби
врз Хирошима и Нагасаки, подемот на технологијата и освојувањето на
вселената.
Во обидот да се создадат услови за мир и соработка меѓу народите, се
создадени Лигата на народите, Обединетите нации, меѓународниот суд на
правдата, Меѓународната организација на трудот, Светската здраствена
оганизација, бројните агенции на Обединетите нации итн.
Колективната безбедност, пак, го карактеризира стремежот кон мир и
безбедност на народите денес.
Меѓународно општество, национално општество и
меѓународно право
Идејата за општество на народите ја среќаваме во античка Грција. Термините
„општество“ и „заедница“, во литературата за меѓународното право и
политика многу често се употребуваат како синоними. Така, зборуваме за
национално општество и за меѓународно општество. Двете општества
претставуваат човечки организации кои се условени од интересите,
мотивациите и способностите на луѓето кои ги сочинуваат.
Државата е врховна организација на човештвото денес. Чувствата кои
членовите на оваа национална заедница ги негуваат кон неа се наречени
национализам. Суверенитетот пак, овозможува национализмот да добие
политички и правен израз во меѓународното општество. Друг збор за
суверенитет е „независност“, што значи дека државата не признава повисока
власт и се смета слободна во донесувањето на политичките одлуки.
Суверенитетот настанува во времето на надминувањето на феудалната
анархија, вршејќи една корисна функција на создавање компактни политички
ентитети со централна власт и законодавство.
И денешните меѓународни договори, билатерални или мултилатерални, ги
упатуваат државите на соработка. Така, Повелбата на Обединетите нации
зборува за должноста државите да „развиваат пријателски односи“, „да
остварат меѓународна соработка“ и да го „хармонизираат“ своето
дејствување.

Правото и политиката во меѓународното општество


Зборот „право“ ужива углед меѓу луѓето од целиот свет. Тој е синоним за ред,
правда, безбедност, легитимитет, ненасилство, авторитет итн. Зборот
„политика“ пак, не предизвикува ниту малку таков почит. Додека на правото
се гледа како на нешто „чисто“, на политиката се гледа како на нешто
„валкано“.
Значаен за разбирање на релацијата право-политика, е доменот на
меѓународните организации. Самите создадени со мултилатерален договор,
меѓународните организации продолжуваат нормативно да го регулираат
просторот на меѓународните односи за кој се формирани. Меѓутоа, погрешно
е да се мисли дека тие имаат живот одвоен од животот на другите членови, а
уште помалку дека поседуваат моќ да ги контролираат државите. Државите
се љубоморни на својата власт и се крајно внимателни кога треба да
пренесат дел од неа врз меѓународните организации.
Како заклучок, можеме да речеме дека во меѓународните односи,
политиката доминира над правото. Испаѓа дека правните норми се средство
за комуницирање меѓу државите. Слободата на дејствување која што
државите си ја резервираат за себе, го слабее правото. Ваквата ситуација им
одговара на можните држави во светот, но и слабите сакаат да ја зачуваат
сопствената слобода на дејствување. Меѓутоа, токму нивната слабост ги тера
да бараат спас во правото, се обидуваат да создадат политичка еднаквост
помеѓу државите, која за жал не постои.

Моќта и правото во меѓународното општество


Расправата за моќта и правото во меѓународното општество, кај некои луѓе
буди чувство за цинизам, додека кај други чувство на утопија. Првите го
отфрлаат значењето на меѓународното право, додека вторите го
пренагласуваат. Меѓународниот амбиент го карактеризира една егоистичка
трка на државите за промоција на својот национален интерес. Самата
хоризонтална структура на меѓународното општество, ги диктира правилата
на игра. Првото правило е дека тоа е игра на самопомош (self-help), во која
моќта и богатството се примарните цели кон кои се стреми државата. Тука е
и правилото дека не постои заеднички меѓународен интерес, способен да ги
потчини и да ги координира поединечните национални инереси на
државите.
Облици на организација на моќта: рамнотежа на силите,
колективна безбедност и светска влада
Меѓународното право почива врз определена структура на моќ на
меѓународното општество која ја карактеризираат специфични форми на
политичко однесување и соодветни норми на поведение. Во таа смисла,
можеме да зборуваме за модели на меѓународниот систем, какви што се
рамнотежа на силите, колективна безбедност и светска влада.
Трите концепти за контрола на моќта се разликуваат во степенот на нивната
централизација. Така, рамнотежата на силите е еден децентрализиран
концепт, колективната безбедност е делумно централизиран систем, додека
светската влада би требало да биде централизиран систем.

Рамнотежа на силите
Концептот рамнотежа на силите го среќаваме уште во дамнешни времиња.
Меѓутоа, 18тиот и 19тиот век се сметаат за „златна епоха“ на рамнотежата на
силите. Ханс Моргентау во своето дело „Политика меѓу нациите“, го
употребува изразот рамнотежа на силите во 4 значења: како политика
насочена кон определена состојба на работите, како определена состојба на
работите, како приближно иста дистрибуција на моќ и како која било
дистрибуција на моќ.
Почетна точка во објаснувањето на овој концепт е анархичната структура на
меѓународното општество. Поинаку речено, тоа е структура на која и
недостасува централа власт за разрешување на конфликтите и примена на
правото. Во таквата структура, начелото на самопомош ги раководи
државите во остварувањето на нивната приоритетна задача, безбедноста и
независноста. Тоа начело ги упатува државите да ја здружат својата сила со
силата на други држави, за да му се противстават на центарот на моќта кој се
заканува со доминација.
Основната цел на системот рамнотежа на силите е спречување на војната,
преку оневозможувањето на една држава, или група држави, да воспостават
универзална хегемонија.
Феноменот наречен рамнотежа на силите е составен дел на битката за моќ
во меѓународното општество.

Колективна безбедност
Безбедноста што ја предвидува овој концепт е колективна во вистинска
смисла на зборот. Безбедност на сите држави со акции на сите држави,
против сите држави кои би го загрозиле постојниот поредок.
На местото на променливите сојузи за рамнотежа на силите, која почива врз
нестабилен еквилибриум и неизвесност, системот на колективна безбедност
го соочува потенцијалниот агресор со моќта на целиот свет. Според творците
на системот, проблемот за предоминантна моќ, кој е нерешлив во рамките
за рамнотежа на силите, е решен со колективната безбедност.
Практиката покажува дека некаде од Првата светска војна наваму, државите
мака мачат да проработи колективнаа безбедност како систем. Оспоруван и
фален, напаѓан и бранет, системот на колективна безбедност има свои
подеми и падови во светската политика. Системот на колективна безбедност
не е отфрлен од државите, зашто во него тие гледаат поголеми шанси за мир
отколку кога би се вратиле на рамнотежа на силите.

Лигата на народите и колективната безбедност


Концептот за колективна безбедност првпат беше ставен на проба со
основањето на Лигата на народите. Лигата како инструмент на колективната
безбедност беше воспоставена на крајот од еден ужасен конфликт, Првата
светска војна.

Обединетите нации и колективната безбедност


Во 1945 година во Сан Франциско, создадена е нова светска организација
која е наречена Обединети нации. Во нејзиното средиште е Вилсоновата
идеја за колективна безбедност, со таа разлика што овој пат Америка е
готова да игра активна улога во светската политика. Нејзиниот влог е
сопствената моќ. Создавањето на нова верзија на концептот за колективна
безбедност доминира со конференцијата во Сан Франциско.
Сознанието дека организацијата не би можела да преживее конфликт помеѓу
големите сили, е основната причина за воведување на институтот наречен
вето. Правото на вето кое го добија петте постојани членки на Советот за
безбедност, значи дека е нужна едногласност на големите сили при
донесувањето значајни одлуки за Организацијата на Обединетите нации.

Светска влада
Светската влада е таков меѓународен систем, во кој моќта е концентрирана
во еден наднационален авторитет, кој поседува монопол на сила и право да
креира политика која е задолжителна за државите и нивните граѓани.
Светската влада како систем е најновиот концепт за регулирање на односите
на сила меѓу државите.
Сите се согласни дека овој концепт, чија цел е спречување на војната,
теоретски, најдобро го решава проблемот. Имено, во свет управуван од еден
центар, или од една супер-држава, на која другите држави и го пренесуваат
суверенитетот, ќе биде надмината состојбата на анархичност, а со тоа ќе
биде отстранета главната причина за војни.
На концептот за светска влада не треба да се гледа како на дефинитивно
решение на проблемот на војната во меѓународното општество, туку како на
една од можните теоретски пристапи за регулирање на моќта во
меѓународната политка. Ова е теоретски пристап кој во регулирањето на
односите меѓу државите оди најдалеку во централизацијата на моќта во
меѓународните односи. Дел од тој процес е целосното разоружување на
државите и лоцирање на воената и полициската моќ во центарот наречен
светска влада.
Извадоци (можеби важни)
Протоколот од Монтреал
Меѓу последиците на истенчувањето на стратосферската озонска обвивка е и
преголемата изложеност на ултравиолетово зрачење, што доведува до
големи стапки на рак на кожата и нарушување на имуниот систем на луѓето.
Исцрпувањето на стратосферската озонска обвивка се појави од некои
вештачки хемикалии. Најважна од тие хемикалии се CFC
(хлорофлуорокарбоните) кои биле развиени некаде во 20 век како
„безбедни“ индустриски гасови и кои безгрижно се произведуваа и користеа
за разни цели.
Протоколот од Монтреал е договор за постепено запирање на
производството и продажбата на CFC и други супстанции кои ја уништуваат
озонската обвивка. Подоцна, човековото однесување се промени во
значителна мера и Протоколот од Монтреал утврди значително намалување
на CFC во атмосферата.

Протоколот од Кјото
Протоколот од Кјото од 1997 година при Рамковната конвенција на ОН за
климатски промени ги задолжува развиените земји да ги намалат своите
емисии на гасови на стаклената градина во просек од 5% на основата од 1990
година.
Заради обезбедување на флексибилни начини за остварување на овие цели,
беа договорени 3 механизми:
- тргување со емисии ( овој механизам предвидува систем со кој се создава
пазар на правото да се загадува );
- заедничко спроведување ( овој механизам предвидува дека една држава
може да добие одредени ослободувања од својата цел за смалување на
емисиите доколку финансира проекти во некоја друга држава );
- механизмот за чист развој ( овој механизам го применува истото начело,
само врз односите на развиените држави и државите во развој ).
Типови на терористички групи
Низ светот дејствуваат 4 типа терористички организации: левичарски,
десничарски, етнонационалистички/сепаратистички и религиозни (свети)
терористи. Сите 4 типа имаа време на релативна доминантност во модерната
ера: левичарскиот тероризам беше во врска со комунистичкото движење,
десничарскиот црпеше инспирација од фашизмот, а
етнонационалистичкиот/сепаратистичкиот тероризам главно одеше со
бранот на деколонизацијата.

You might also like