You are on page 1of 5

I.

ОСНОВИ НА СОЦИОЛОГИЈАТА КАКО НАУКА


1. ОСНОВИ НА СОЦИОЛОГИЈАТА КАКО НАУКА: ПРЕДМЕТ И РАЗВОЈ
Социологијата е најопшта наука за општеството. Нејзина задача е да ги
објасни појавите и процесите во општеството, да објасни како функционирале
општествата во минатото, а како функционираат денес и што придонело за нивниот
развој. Ги открива заедничките обележја на сите досегашни општества, како и
противречностите со кои се соочуваат. Го проучува местото и улогата на човекот
како поединец, како член нa група и како припадник на општествена заедница. Дава
одговори на прашањата: зошто човекот живее во семејство, зошто ја создава
културата, зошто има потреба да се групира со други луѓе и какви односи
воспоставува. Открива како образованието, работата, религијата, половата,
расната и етничката припадност влијаат врз обликувањето на потребите, желбите,
вредностите, идеите на човекот и неговото однесување во заедницата.
Предметот на проучување на социологијата е мошне широк, а тоа е
општеството во целина (неговата структура, општествените појави, институциите,
односите меѓу луѓето, законитостите според кои се одвиваат општествените
промени и слично).
Социологијата како наука има кратка историја, но затоа има многу долга
предисторија. Интерес за социолошки истражувања пројавувале уште грчките и
римските мислители: Сократ, Аристотел, Платон, Херодот, Тукидит, Кикерон и
Ливиј.
Услови за појава на социологијата се создавале во текот на долг период
(од XVI до XIX век), во кој се случиле три револуции: научната револуција, со која
се намалило влијанието на црквата и религијата; политичката револуција, со која
се докажало дека човекот е способен сам да управува со својата судбина и
индустриската револуција, со која се создало новото (капиталистичко) општество,
кое станало предмет на проучување на социологијата.
Научната револуција го овозможила создавањето на социологијата како
наука дотолку што таа прво овозможила развој на природните науки (астрономија,
физика, хемија, медицина) и научниот метод на проучување, кој сѐ повеќе се
применувал и при проучувањето на општествените појави.
Во овој период избувнала и Француската револуција со која се урнал
феудализмот и се создало новото, капиталистичко општество. Индустриската
револуција довела до појава на нови општествени проблеми. Појавата на парната
машина го променила начинот на производство од мануфактурно рачно) во
машинско производство. Се отворале фабрики, кои ја привлекле работната сила од
селата, а со тоа никнувале нови градови околу фабриките. Работниците работеле
и живееле во многу тешки услови. Се појавил нов тип на експлоатација, со што се
зголемила сиромаштијата. Сето ова ја зголемило и потребата од наука која ќе ги
проучува овие проблеми и ќе понуди решенија за нивното надминување.
Социологијата, најпрво, се појавила во Англија, Франција и Германија,
бидејќи во нив најмногу биле почувствувани промените од индустриската
револуција. Кон крајот на XVIII и половината на XIX век, на голем број универзитети
сите се обидувале да го претстават општеството како природен феномен за кој
важат законите на природата. Во овој период развојот на социологијата бил во
чекор со развојот на природните науки.
Сен Симон кој живеел во време на големата криза на француското
општество, отворено укажувал на потребата од создавање на наука за
општеството.Некои социолози Сен Симон го сметаат за основач на социологијата.
Осамостојувањето на социологијата како посебна наука е долготраен
процес. олем број мислители кои живееле пред и по Француската револуција,
особено во втората половина на XIX век, учествувале во процесот на нејзиното
осамостојување. Сите тие определувајќи го нејзиниот предмет и методи на
проучување го оформиле ликот на социолошката наука. Некои од нив особено се
значајни.
Огист Конт (1798 - 1857) и го дал името на социологијата, кованица од
два збора: од старогрчкиот „logos““ и латинскиот „societas“, со значење - практична
позитивна наука за општеството.
Општеството, според него, е стабилно само ако не ја менува својата
физиономија, односно ако власта остане во рацете на оние кои веќе ја поседуваат
(капиталистите).
Своето учење Конт го поделил на социјална статика (состојба на
мирување) и социјална динамика (состојба на подвижност, промена). Во првото
учење, тој ги истражува механизмите кои придонесуваат за стабилност на
општеството (семејството, јазикот, религијата, поделбата на трудот), a во второто
учење, како настануваат општествените промени. Според Конт, секое општество во
својот развој мора да мине низ три фази: теолошка, метафизичка и позитивна фаза.
Според Конт, во третата фаза се појавила социологијата како наука и има
мисионерска улога, да го подобри општеството. Физиката ја сметал за најразвиена
„позитивна“ наука која треба да послужи за пример на социологијата. Ова
настојување, општествените науки да се градат по примерот на природните науки
е карактеристика на позитивизмот, мошне влијателен правец во општествените
науки.
Карл Маркс (1818 - 1883) е германски интелектуалец, кој поради своите
револуционерни активности бил протеран од Германија и поголем дел од животот
го поминал во Лондон.
Според негово мислење, целта на општествената наука е низ практиката
да го менува светот. За него општеството е арена на конфликти во која предност
имаат оние кои се веќе привилегирани. Историјата на општеството за него е
постојана борба за општествени придобивки помеѓу експлоататорската и
експлоатираната класа во општеството. . Според него, во сите општества каде
постоеле две спротивставени класи, постоела нееднаква распределба на
богатството и моќта. Во древна Грција и Рим, основните противречности се помеѓу
слободните луѓе и робовите.
Во средновековните држави спротивставени класи се
благородништвото, свештенството и земјопоседниците наспроти кметовите и
селаните. Во капитализмот спротивставени се буржоазијата и пролетаријатот.
Маркс утврдил дека корените на моќта на владејачките класи во сите дотогашни
општества се наoѓаат во сопственоста над средствата за производство. Значи,
какви односи ќе има во општеството зависи од начинот на производство. Од овие
причини, во неговото учење примарно место заземаат социоекономски односи.
За разлика од Огист Конт, кој општествените конфликти ги сметал за
болест на општеството која треба да се лекува, за Маркс тие се нормална состојба
во која се наоѓа капиталистичкото општество.
Емил Диркем (1858 - 1917) е претставник на позитивизмот, но неговите
ставови и определби за општеството, социологијата и социолошкиот метод се
разликуваат од оние на останатите. Тој ја дефинирал социологијата како наука за
општествените факти.
. За Диркем општествени факти се: густината на населението,
технологијата, семејството, религијата, правото, моралните норми. Тие ги
надживуваат поединците.
На пример, во некои професии постојат правила на облекување (дрес
код) според кои вработените мора да носат соодветна гардероба (полицајците -
полициска униформа, лекарите - лекарски мантил, свештениците - мантија) и
доколку не ги почитуваат правилата и дојдат облечени во некоја друга облека,
можат да бидат санкционирани (опоменати, да им се намали плата, да добијат
отказ).
За Диркем, религијата постои независно од поединецот. Таа постоела и
пред тој да се роди и ќе постои и по неговата смрт. Taa има моќ да влијае врз свеста
и одлуките на поединецот, а нејзината принуда се чувствува ако поединецот и се
спротивстави.
Диркем го проучувал и самоубиството и се обидел да го објасни со помош
на општествените факти. Проучувајќи статистички податоци, дошол до заклучок
дека поединците не се самоубиваат по сопствен избор, туку нешто ги тера да го
направат тоа. Бројот на самоубиства се зголемувал во периоди на општествени
промени, кога колективната (заедничка) свест и однесување влијаеле поизразено
врз одлуките на поединците. Општеството се менува многу брзо, а со тоа и
вредностите. Доколку старите вредности исчезнат пред да се создадат нови, во
општеството настанува состојба на аномија (недостаток на правила за општествена
регулација). Луѓето кои биле воспитувани и социјализирани во стариот систем и
според старите вредности се чувствуваат дезориентирани во општеството во кое
нема никакви правила и вредности, не знаат што се очекува од нив и тоа може да
биде причина некои од нив да се самоубијат.
Макс Вебер (1864 - 1920) социологијата ја сфатил како наука која треба
да го разбере и протолкува дејствувањето на луѓето во општеството. Според него
општественото дејствување е посебен вид на човечко однесување кое е во
врска/релација со однесувањето на другите. Така, на пример, секој ученик кој во
својата соба учи од овој учебник дејствува општествено, затоа што неговото
однесување (учење) е насочено кон општественото дејствување на наставникот
(има намера да испрашува). И дете кое со денови седи затворено во својата соба,
одбива да јаде и да зборува со своите родители, општествено дејствува, бидејќи
неговото однесување е насочено кон родителите со цел да им покаже дека е
повредено од некое нивно однесување.
Тој сметал дека само поединец кој умее да ја разбере културата, може
да се вклопи во неа. За да може да се разбере општеството и појавите во него,
треба да се познава нивната еволуција и законитостите на општествениот развој.
Талкот Парсонс (1902 - 1979) е влијателен американски социолог. За
него социологијата е наука која треба да го проучува општественото дејствување
на поединците организирано во општествени системи.
Тој смета дека социологијата не може да го разбере и протолкува
дејствувањето на луѓето, ако претходно не ги утврди односите меѓу појавите. За
Парсонс социологијата суштински не се разликува од другите науки, бидејќи не
гледа суштинска разлика помеѓу природните и општествените науки. Според него
сите науки го користат аналитичкиот пристап, при проучувањата сите поаѓаат од
поимот систем како целина од делови меѓу кои владеат одредени правилности. Но,
се сложува со тврдењето дека социологијата не треба да ги запостави целите,
мотивите и идеалите кои се двигатели на однесувањето на луѓето.
За Парсонс, основни проблеми со кои треба да се занимава
социологијата е интеграцијата на општеството, поредокот (редот) во општеството
и во неговите делови. Поконкретно, таа треба да одговори на следниве неколку
прашања: Зошто поединците во општеството се поврзуваат и соработуваат? Како
поединците успеваат да не водат општа војна едни против други? На кој начин се
обезбедува согласност и единство во општеството?
Според Парсонс одговорите на овие прашања се наоѓаат во поимот
општествено дејствување. Според него луѓето имаат свест за тоа кои се целите и
средствата на нивното дејствување, а целите, пак, произлегуваат од
општествените вредности, норми, од самата култура. Вака дефинирани целите
овозможуваат дејствувањето на поединците да се остварува на правилен и
предвидлив начин и според очекувањата на другите. На тој начин тие ги поврзуваат
своите дејствувања во општествен систем. Такви системи на вредности и норми се
наоѓаат во облик на морал, право, религија, обичаи, идеологија и слично.
За да функционира општеството, Парсонс вели дека неопходни му се
неколку елементи, а тоа се: јазикот, сродството, технологијата и религијата.

You might also like