You are on page 1of 6

Инсектициди

Инсектицидите се хемиски соединенија кои се користат во борбата


против штетните инсекти во земјоделството и шумарството и против инсектите
причинители и преносители на болести кај човекот и домашните животни.
Името инсектицид претставува кованица од зборовите insect – бубачка и
глаголот cedeo, ere – убивам. Според тоа, во буквален превод зборот
инсектицид значи средство кое убива инсекти.
Историјата на хемиското уништување на инсектите е долга. Во
праисториското време, како инсектицид се употребувал чадот (кој ги брка
инсектите). Во 79 година п.н.е. се спомнува арсенот како хомоцид. Кинезите од
10 век го употребуваат оловниот арсеноат. Во 17 век се користел никотинот
како пестицид против болвите на кучињата и мачките, а до Втората светска
војна - нафтата, флуорот, динитро соединенијата, тиоцијанатите. Вистинскиот
развиток на хемиското уништување започнува дури со откривањето на
органските синтетички инсектициди. Од 1940 година почнува користењето на
првите органофосфорни инсектициди, синтетизирани од Schrader, а по Втората
светска војна и комерцијално искористување на препаратите врз база на DDT и
други органохлорни инсектициди.
Основни предности на хемиските методи за борба против инсектите се:
 Уништување на скоро сите штетници на земјоделските култури;
 Можност за комбинирано уништување на поголем број штетни инсекти
или дури и комбинирано уништување на болести и штетници;
 Брзи резултати кои се постигнуваат со примена на пестицидите;
 Едноставност на апликацијата на хемиските средства;
 Мали трошоци по единица површина и висока рентабилност, која во
светски размери изнесува 1:5.
Но, покрај корисното дејство врз штетните инсекти, инсектицидите
предизвикуваат и низа негативни последици, па затоа хемиските мерки, имаат
и низа недостатоци, кои се дотолку поголеми, доколку површините на кои се
применуваат се поголеми. Недостатоците на хемиските методи за уништување
на инсектите, главно се следните:
▫ Нарушување на природна рамнотежа во агроекосистемите;
▫ Масовно појавување на штени инсекти чија популација била во латенца
(примери со минери и пајаци во овоштарството);
▫ Токсично дејство на инсектицидите врз човекот, домашните животни,
рибите и дивечот;
▫ Појава на резистентност кон инсектицидите кај одделни инсекти.

4.2.1.1. Поделба на инсектицидите


Инсектицидите можат да се класифицираат според различни
критериуми, но најчесто се класифицираат според:
 Начинот на дејство и начинот на пробив во инсектите;
 Развојните стадиуми на инсектите врз кои се применуваат;
 Хемиската природа на активната материја;
 Според објектот кој го третираме.
Според начинот на дејство на инсектицидите и нивниот пробив во
инсектите, инсектицидите се делат на три основни групи:
 Дигестивни инсектициди – инсектициди кои во телото на инсектите
се пробиваат преку дигестивниот систем, понатаму во
мезентеронот тие се апсорбираат во хемолимфата и со неа одат
во разните делови на телото. Употребата и дејството на
дигестивните инсектициди многу зависи од начинот на исхрана на
инсектите и од типот на усниот апарат. Посебен тип дигестивни
инсектициди се системичните инсектициди, кои се впиваат од
растителното ткиво и потоа преку системот за спроведување
сокови на растението се разнесуваат низ целото растение. Значи,
тие ги затровуваат во одредена доза соковите на растенијата, па
при смукањето на соковите од страна на инсектите доаѓа до
труење на истите. Системичните инсектициди се ефикасни против
инсектите со устен апарат за бодење и шмукање. За разлика од
системичните инсектицид постојат и т.н. инсектициди со моѓ на
пенетрација, кои не се разнесуват преку спроводниот систем на
растенијата, туку имаат моќ длабински да пенетрират во ткивото
под површината на која се аплицирани. И инсектицидите со
пенетрациона моќ во суштина се дигестивни инсектициди.
 Контактни инсектициди – дејствуваат со самиот допир (контакт) на
инсектицидот со инсектот. Тие инсектициди делуваат преку кожата
на инсектот. Се разликува директно контактно дејство, до кое
доаѓа при третирање на самиот инсект, и резидуелно контактно
дејство до кое доаѓа при третирање на површината по која и
нсектот се движи. Контактното дејство е различно во зависност од
местото на телото на инсектот каде дејствува инсектицидот.
Инсектицидите што се пробиваат низ главата и тораксот се
делуваат побрзо отколку тие што се пробиваат низ абдоминалната
регија. Контактните инсектициди се најефикасни кај помладите
ларвени стадиуми, а помалку ефикасни кај постарите ларвени
стадиуми и кај имагата. Тоа зависи од развиеноста и дебелината
на кутикулата и заштитеноста на инсектите со различни четинки,
влакненца и лушпички.
 Инхалациони инсектициди – делуваат и се пробиваат преку
системот за дишење на инсектите. Тие се пробиваат преку
стигмите и трахеите и потоа преку ѕидовите на трахеите
дифундираат во хемолимфата. Инхалационо дејство имаат
инсектицидите кои делуваат во гасовита фаза (фумигантите), но и
прашоците, гранулите и емулзиите, бидејќи дел од активната
материја дејствува волатилно (испарува).
Поделбата на инсектицидите според начинот на дејство е
условна,бидејќи најголем број од нив делуваат комбинирано, а некои на сите
три начини. Познавањето на начинот на дејството на инсектицидите и начинот
на нивниот пробив во телото на инсектите има големо значење при заштитата
на растенијата, за ефикасно спречување на штетните инсекти.
Според развојните стадиуми на инсектите врз кои се применуваат,
инсектицидите се делат на:
 Овициди – инсектициди кои се применуваат против јајцата на
инсектите. Тоа се мал број инсектициди, и тоа, пред сé,
инсектицидите за зимска заштита на овошните видови;
 Ларвициди – инсектициди кои се применуваат против ларвите на
инсектите;
 Адултициди – инсектициди кои се применуваат против имагата
(адултите) на инсектите.
Инсектицидите кои се во употреба се, главно, ларвициди и адултициди,
што значи, борејќи се против инсектите, практично се бориме против ларвите
или имагата на инсектите.
Според хемиската природа на активната материја, инсектицидите се
делат на:
 Органохлорирани соединенија;
 Карбамати;
 Органофосфорни соединенија;
 Органски азотни соединенија;
 Инсектициди од растително потекло и синтетизирани пиретроиди;
 Бензолни уреати;
 Биоинсектициди;
 Инсектицидни масла;
 Неоргански соединенија на арсенот;
 Фумиганти

4.2.1.1.1. Органохлорирани инсектициди


Инсектициди кои содржат јаглерод и водород и хлор. Имаат големо
историско значење, а денес се користат само некои од нив.
- Дифенил алифатици – најстара група органохлорирани
соединенија, во кои спаѓаат: DDT, DDD, дикофол, етилен, хлор-
бензилат и метоксихлор. Никогаш со точност не утврден нивниот
начин на дејство. Најверојатно го уништуваат балансот на Na+ и K+
јони во внатрешноста на аксоните на невроните, со што се
спречува нормалниот пренос на нервните импулси кај инсектите и
кај цицачите. На тој начин невроните спонтано ги испуштаат
импулсите, причинувајќи грчење на мускулите, проследено со
конвулзии и смрт.
- Хексахлорциклохексан – HCH – Има пет изомери во неговата
техничка класа: алфа, бета, гама, делта и ипсилон, од кои само
гама изомерот има инсектицидни својства. Гама изомерот бил
изолиран во производство и продаван како безмирисен
инсектицид линдан. HCH е невротоксин, чиишто ефекти се гледаат
за помалку од еден час, а се манифестираат како зголемена
активност, треперења и грчења кои водат кон паѓање и
изнемоштеност.
- Циклодеини – Повеќето од нив се перзистентни инсектициди,
стабилни во почвата и под влијание на UV зраците, па затоа биле
користени како земјишни инсектициди. Во оваа група спаѓаат:
хлордан, хептахлор, елдрин и диелдрин. Дејствуваат на
инхибиторниот механизам наречен GABA рецептор (гама-
аминобутринска киселина), кој ја зголемува пропустливоста на
невроните кон хлорниот јон. Циклодеините ги спречуваат хлорните
јони од навлегување во невроните и притоа се спротивставуваат
на смирувачките ефектни на GABA рецепторот.
- Полихлортерпени – биле развиени само два хлортерпена,
Токсафен и Стробан. Перзистентни се во почвата. Дејствуваат на
невроните, предизвикувајќи нерамнотежа меѓу Na+ и K+ јоните,
слично на она кај циклодеините.

4.2.1.1.2. Органофосфорни инсектициди


Општоприфатен термин што ги опфаќа сите инсектициди што содржат
фосфор. Имаат две специфични обележја: најтоксични се од сите пестициди за
животните, отколку другите групи инсектициди и повеќето од нив се хемиски
нестабилни или неперзистентни. Дејствуваат со врзување на ензимот
ацетилхолинестераза, за фосфорниот дел од инсектицидот, при што ензимот
се фосфорилизира и настанува насобирање на ацетилхолинот кај
неврон/неврон и неврон/мускул врските причинувајќи благи грчевити движења
на мускулниот систем, а на крај и до парализа.
Органофосфорните инсектициди се поделени во три групи:
› Алифатици – имаат јаглеродна верижна структура: малатион,
трихлорфон, монокротофос, диметоат, оксидеметонметил,
дикротофос, дисулфотон, дихлорвос, мевинфос, метамидофос и
ацефат.
› Фенилни деривати – содржат фенилен прстен: паратион, метил
паратион, профенофос, сулпрофос, изофенфос, фенитротион и
фентион.
› Хетероциклични деривати – диазинон, азинфос-метил, азинфос-
етил, хлорпирифос, метидатион, фосмет и хлорпирифос-метил.

4.2.1.1.3. Органосулфурни соединенија


Имаат слабо инсектицидно дејство и се употребуваат само како
акарициди. Содржат два фенилни прстена, со сулфур, наместо јаглерод како
централен атом. Тука спаѓаат: тетрадифон, пропаргит и овекс.

4.2.1.1.4. Карбаматни инсектициди


Претставуваат деривати на јаглеродна киселина. Начинот на дејство се
состои во попречување на ацетилхолинестеразата. Најчесто употребуван
инсектицид во светор е карбарилот, поради многу ниската орална и дермална
токсичност за цицачите и неговиот извонредно широк спектар на дејство кај
инсектите. Други карбамати се: метомил, карбофуран, алдикарб, оксамил,
тиодикарб, метиокарб, прпопксур, бендиокарб, карбосулфан, алдоксикарб,
промекарб и феноксикарб.

4.2.1.1.5. Амидини
Тоа се мала група инсектициди: хлордимеформ, форметанат и амитраз
кои не се регистрирани кај нас. Нивната вредност се огледа во контрола на
бројноста на штетници кои се отпорни на органофосфатни и карбаматни
инсектициди. Начинот на дејство е во попречување на ензимот
моноаминооксидаза, одговорен за разградување на невротрансмитерите
норпинефрин и серотонин, што доведува до неподвижност и умирање.

4.2.1.1.6. Динитрофеноли
Молекулот на динитрофенолот има широк спектар на токсичност – како
хербицид, инсектицид и фунгицид. Најкористени се: бинапакрил и динокап.
Дејствуваат со разделување или спречување на оксидативната
фосфорилација, кое во основа го спречува формирањето на
високоенергетски фосфатни молекули (ATP).

4.2.1.1.7. Органотини
Тоа се група акарициди кои делуваат и како фунгициди. Дејствуваат со
попречување на оксидативната фосфорилација на местото каде
динитрофенолот се одделува, при што се спречува формирањето на
високоенергетски фосфатни молекули (ATP). Познати се: Цихексатин и
Фенбутатиноксид.

4.2.1.1.8. Синтетички пиретроиди


Стабилни се на сончева светлина и главно се ефикасни против повеќето
штетници во земјоделството, кога се користат во многу мали дози. Имаат
интересен развоен пат, поделен во четири генерации:
› Прва генерација – содржи само еден пиретроид – алетрин;
› Втора генерација – тетраметрин, разметрин, биоразметрин ,
биоалетрин и фонотрин;
› Трета генерација – фенвалерат и перметрин;
› Четврта генерација – бифентрин, ламбда-цихалотрин,
циперметрин, цифлутрин, делтаметрин, есфенвалерат,
фенпропатрин, флуситринат, флувалинат, пралетрин, тау-
флувалинат, тефлутрин, тралометрин и зета-циперметрин.
Имаат слично дејство како она кај DDT и се сметаат за аксонски отрови.
Дејствуваат на тој начин што ги држат отворени натриумовите канали во
невралните мембрани. Дејствуваат на периферниот и на централниот нервен
систем кај инсектите.
Синтетичките пиретроиди се поливалентни инсектициди, при што
делуваат и на природните непријатели на штетниците, што е една од
причините поради која не се употребуваат во програмите за интегрална
заштита на растенијата. Поради честата примена, инсектите брзо пројавуваат
резистентност кон нив.

4.2.1.1.9. Бензоилуреи
Дејствуваат како регулатори на растот кај инсектите (IGR). Ја инхибираат
синтезата на хитинот и имаат поголемо дејство преку дигестивниот систем,
отколку контактно. Познати бензоилуреи се: трифлумурон, дифлубензурон,
хлорфлуазурон, тефлубензурон, хексафлумурон, флуфеноксурон,
флуциклохексурон, флуразурон, новалурон и диафентиурон.

4.2.1.1.10. Никотиноиди
Нови инсектициди со нов начин на дејство. Дејствуваат на централниот
нервен систем кај инсектите, предизвикувајќи иреверзибилна блокада на
постсинаптичките никотинергични ацетилхолински рецептори. Познати
никотиноиди се: имидаклоприд, ацетапримид, тиаметоксам и нитенпирам.

4.2.1.1.11. Фенилпиразоли
Фипронил е единствен инсектицид од оваа група. Дејствува на
блокирање на гама-аминобутерната киселина, регулираните хлоридни канали
во невроните, давајќи отпор на смирувачките ефекти на гама-аминобутерната
киселина.
Претставува системичен инсектицид со контактно и стомачно дејство, кој
се користи за сузбивање на многу почвени и фолијарни инсекти на различни
култури.

4.2.1.1.12. Пироли
Прв и единствен член на оваа хемиска група е хлорфенапирот. Во исто
време е и контактен и стомачен инсектицид и акарицид. Хлорфенапирот е
инхибитор на оксидативната фосфорилација спречувајќи го формирањето на
многу важниот енергетски молекул (ATP).

4.2.1.1.13. Пиразоли
Се состојат од тебуфенпирад и фенпироксимат. Начинот на дејство се
состои во спречување на митохондријалниот транспорт на електрони до
местото на NADH редуктазата, водејќи до попречување на формирање на ATP.

4.2.1.1.14. Пиридазинони
Пиридабенот е единствен претставник на оваа група. Претставува
селективен и контактен, инсектицид и акарицид. Ефикасен е против трипси,
лисни вошки, белокрилки и цикади. Претставува метаболичен инхибитор што го
прекинува митохондријалниот транспорт на електрони.

4.2.1.1.15. Квиназолини
Тоа е група само со еден инсектицид – феназаквин. Феназаквинот е
контактен и стомачен акарицид. Начин на дејство се состои во инхибирање на
митохондријалниот транспорт на електрони.

4.2.1.1.16. Спинозини
Тоа се најнова класа инсектициди, чиј претставник е спиносад.
Спиносадот е ферментиран метаболит на актиномицетата Saccharopolyspora
spinosa, микроорганизам што живее во почвата. Има контактно и стомачно
дејство против ларвите на Lepidoptera, лисните минери, трипси и термити.
Дејствува со раскинување на врската на ацетилхолинот во никотин
ацетилхолинските рецептори во постсинаптичките клетки.

4.2.1.1.17. Инсектициди од растително потекло


Претставуваат природни материи со инсектицидни својства добиени од
растенија. Историски гледано, тие се едни од најдолго користените
инсектициди, со исклучок на сулфурот. Тутун, пиретрум, дерис, хелебор
(кукурек, чемерика), камфор, квазија и терпентин биле едни од најважните
растителни производи во употреба пред масовната употреба на
инсектицидите, по Втората светска војна.

You might also like