You are on page 1of 2

ЛЕКТОРСКИ БЕЛЕШКИ

За употребата на некои лични и долги личнозаменски форми

Личните заменски форми во македонскиот јазик, покрај субјектната форма (јас, ти, тој,
таа, тоа; ние, вие, тие) имаат и долги и кратки форми за директен објект (мене ме, тебе
те, него го, неа ја, него го; нас нè, вас ве, нив ги) и за индиректен објект (мене ми, тебе ти,
нему му, нејзе ù, нему му; нам ни, вам ви, ним им).

Употребата на заменката он, она, оно, они (наместо: тој, таа, тоа, тие) е сè
позабележлива во медиумите. Оваа форма на заменката, според Блаже Конески, уште на
почетокот имаше ограничена сфера на употреба на поетски контексти и претставува
карактеристика на северните и на источните македонски говори, како и на скопскиот
градски говор, но не и за стандардниот јазичен израз.

Ви благодарам и вам. Ви благодарам и на вас. Употребата на долгите личнозаменски


форми во двете претходни реченици е правилна. Но, во јазикот на медиумите се прават
вакви грешки: Ви благодарам и на вам; Ви благодарам и вас.

Кога заменката треба да се врзе со некој предлог се употребува формата за директен


објект: Ви благодарам и на вас.

Кај долгите личнозаменски форми се забележува еден процес на генерализирање на една


форма и за директен и за индиректен објект, каков што е случајот со мене и со тебе. Така,
кај првото лице множина се генерализира формата нас, кај второто лице множина – вас,
кај третото лице еднина машки род – него, кај трето лице множина – нив, а кај трето лице
еднина женски род – нејзе.

Еве неколку примери од јазикот на средствата за јавно информирање:

Нас морате да ни верувате. Тоа вас сигурно нема да ви се допадне. Лесно му е него! Со
нејзе ќе се избориме...

Еве ги истите реченици според стандарнојазичната норма:

Нам морате да ни верувате. Тоа вам сигурно нема да ви се допадне. Лесно му е нему! Со
неа ќе се избориме...

Согласување меѓу подметот и прирокот (по број)

Во македонскиот јазик заменските форми за второ лице множина се употребуваат за едно


лице – од почит. Притоа можината употребена со еднинско значење може да создаде
недоумица во согласувањето меѓу подметот и прирокот.
* Ако е прирокот глаголски, тој се јавува во множина. Вие дојдовте. Вие сте
дошле.
* Ако е прирокот глаголско-именски, глаголот копула е во второ лице множина, а
именскиот дел од прирокот е во еднинска форма, што претставува согласување по
смисла: Вие сте совесен. Вие сте добар човек.

Од зборообразувањето...

Образувањата со суфиксот -ара, се влијание од српскиот јазик, (железара, пивара,


стаклара) и немаат основа во нашиот јазик. Во македонскиот стандарден јазик соодветни
се образувања според наши зборообразувачки модели (-ница, -ачница, -арница):
железарница, златарница, пиварница, стакларница, свеќарница, цвеќарница, влачарница,
пекарница, плетачница, предилница.

Јазичната пракса покажува дека зборообразувањето на називите на места со -ара е многу


застапено. Со овој суфикс се формирани и имиња на фирми (Скопска пивара), топоними
(населба Железара), под чие влијание се раширува ваквиот начин на зборообразување:
брашнара, сендвичара, слаткара, билетара. Медиумите не треба да го допуштаат
продорот на нестандардниот јазичен израз.

Лексички неправилности : соодветници

мандатор – мандатар

делува – дејствува

прилика – пригода

допринесе – придонесе

даска – штица

оснивач – основач

Љубинка Ајтовска

- лектор

април 2017 година

You might also like