You are on page 1of 6

НАУКА ЗА ЈАЗИКОТ

Науката што го проучува јазикот се вика лингвистика.

Лингвистиката ја сочинуваат повеќе дисциплини:

 фонетика – наука за создавањето, артикулацијата и звучното примање на гласовите;


 фонологија – наука за гласовите како смислоразликувачки единици;
 морфологија – наука за зборовите и нивните форми;
 синтакса – наука за речениците и именските групи;
 лексикологија – наука за зборовниот состав на јазикот;
 лексикографија – наука за составување на речници и лексикони;
 фразеологија – наука за зацврстените зборовни состави со преносно значење –
фразеологизми;
 зборообразување – наука за начините на образување на зборовите;
 стилистика – наука за различните стилови на изразување;
 дијалектологија – наука за различните дијалекти на еден јазик итн.
 

Сите дисциплини (науки) што се занимаваат со проучување на јазикот од кој било аспект
ја сочинуваат лингвистиката.

Граматика е дел од лингвистиката која ги опфаќа само:


– фонетиката (и фонологијата),
– морфологијата и
– синтаксата.

ЈАЗИК

Јазикот како систем од знаци

Човечкиот јазик е најсложен систем од знаци.


Јазикот е составен од многу делови, а сите тие се знаци. Гласовите, буквите, зборовите,
речениците се знаци. Граматиката е систем од знаци.
Замислете си што сѐ треба да знаете за да составите една реченица.
Пред сè треба да научите правилно да ги артикулирате гласовите.
Потоа, треба да научите правилно да ги артикулирате зборовите и да го знаете нивното
значење, односно да ги поврзувате со предметите и појавите што ги претставуваат.
За да составите реченица треба да ги знаете правилата на синтаксата (правилниот
редослед на зборовите во реченицата) итн.

На пр.: Денес ќе одам в училиште.


За да ја искажеме оваа мисла ние сме одбрале пет зборчиња од целиот јазик, потоа
сме употребиле правила: сме ги подредиле зборовите по правилен ред (синтакса), сме
употребиле: идно време на глаголот, во прво лице (морфологија) итн.

Јазикот содржи неограничено множество знаци. Не постои човек што ги знае сите
знаци на еден јазик. За да говориме, потребно е да го познаваме системот и да знаеме
определена количина од знаците.

Јазикот е апстрактен систем од знаци.

Кога говориме, ние одбираме конкретни делчиња од системот и ги подредуваме според


зададените правила.
Од целото множество апстрактни знаци на јазикот, ние употребуваме неколку конкретни
знаци и правила за да ја искажеме својата мисла која ја преточуваме во говор.

Говорот е конкретно остварување на јазикот.


 

Јазикот како средство за комуникација (општење)

Функцијата на јазикот е комуникацијата. Потребата на човекот да ги искаже своите мисли


и чувства довеле до создавање на јазикот.

Јазикот претставува систем од знаци што се употребуваат за комуникација. Тој е вродена


способност на човекот. Секој човек е роден со способност да зборува. Ниедно друго живо
суштество на нашата планета нема говорни органи како човекот, ниту мозок кој може да
ги сфаќа симболите така како што може човекот. Од нас зависи колку ќе го усовршиме
знаењето на јазикот и неговиот систем.

Човечкиот јазик е најсовршено средство за комуникација.

Национален јазик (општонароден)

Национален јазик е јазикот што го говори една организирана група луѓе (народ, нација).
Овој јазик е природен и се формирал долг временски период.
Јазикот се јавува спонтано од потребата луѓето да ги разменат своите мисли и чувства.
Секоја организирана заедница создава свои знаци и развива свој специфичен јазичен
систем.

На пример, зборот „не“ во македонскиот јазик е негација, во грчкиот јазик е потврдна


честичка, а во албанскиот е заменка за 1. л. множина. Секоја од овие заедници постигнале
различен договор што кај нив ќе значи зборот „не“.
И гестовите во различни заедници може да бидат различни. За истиот збор (не) кај нас се
одмавнува со главата (лево-десно), додека кај бугарскиот народ гестот за негација е со
движење на главата горе-долу (како кај нас кога се потврдува).

Покрај природните (национални) јазици во светот се создавале и вештачки јазици. Обично


тие се создавани од еден човек за полесна комуникација на луѓето од различни заедници.
Најпознати вештачки јазици се: есперанто и интерлингва. Иако идеата за заеднички,
општочовечки јазик е убава, сепак, во практиката таа не се остварила, туку англискиот
јазик сè повеќе се наметнува со таква улога.

Националниот јазик е јазикот што го употребуваат сите припадници на една нација во


својата држава, но и надвор од неа. Македонскиот јазик, освен во Македонија го говорат и
Македонците во Егејска и Пиринска Македонија, во Австралија, Канада, САД и секаде
каде што ги има.
 

Националниот јазик функционира преку две пројави:

 
1. Нестандардната пројава на јазикот е природно средство за комуникација која ги
опфаќа: дијалектите, социолектите, жаргоните и другите форми кои немаат општонароден
карактер. Овие форми на општење се употребуваат неофицијално во секојдневниот живот.
Тие се карактеризираат со незадолжителен изговор на гласовите, разновидни
морфосинтаксички средства, богата фразеологија итн.
Нестандардната пројава на јазикот може да се сретне и во усна и во писмена форма (многу
поретко).
 
2. Стандардната пројава на јазикот е официјално средство за комуникација.
Стандардниот јазик има точно определени правила за употреба (јазична норма). Јасно се
дефинирани: изговорот на гласовите, граматичките правила и стандардизираната лексика.
Се јавува во усна и писмена форма.
Значи, во националниот јазик се содржани и нестандардните (дијалекти, жаргони), како и
стандардните (литературниот јазик) форми на комуникација.

Дијалектен јазик (народен говор)

Дијалектот е јазик што го говори група луѓе географски одделена од друга група луѓе.
Освен географски, таа група луѓе е поврзана историски и општествено.

Група дијалекти образуваат дијасистем. Тоа претставува целина од дијалекти со речиси


иста структура.
Македонскиот дијасистем го сочинуваат три поголеми групи наречја: западно,
југоисточно и северно (според Божидар Видоески). Тие, пак, содржат голем број
дијалекти.

Стандарден (литературен) јазик

Стандардниот јазик е официјалното средство за комуникација на една нација.

Кај нас термините стандарден и литературен се употребуваат со исто значење.

Стандарден (литературен) јазик е:

– јазикот што официјално се употребува во уметничката и научната литература, во


администрацијата, во училиштата, во медиумите итн.;
– јазикот што има пропишана норма за употреба;
– што го знаат сите припадници на една нација и тој ги обединува;
– што е изграден врз основа на еден дијалект или група дијалекти и претставува
наддијалектна форма.

Од дијалектниот се создава стандардниот (литературниот) јазик, но тој постојано се


збогатува и обновува од дијалектниот. Затоа, тие се во постојан заемен однос.

Поделба на јазиците

Јазиците се делат на:

— живи — јазици што се зборуваат денес;


— мртви — јазици што повеќе не се зборуваат: латински, старогрчки, старословенски и
др.

И на:

— природни — јазици што се создале по природен пат, како општествена неопходност за


комуникација меѓу луѓето;
— вештачки — јазици создадени од еден човек или група луѓе (есперанто, интерлингва) за
полесна комуникација меѓу луѓето.
ПИСМО

Писмото е визуелно претставување на говорот.


Исконската потреба на човекот да остави трага зад себе довела до појавата на писмото.
Писмото е една од најголемите придобивки на цивилизацијата, бидејќи на тој начин се
пренесуваат информациите од генерација на генерација.
.
Видови писма

Според историскиот развиток постојат следните видово писма:

Пиктографско писмо
Во најдалечното минато луѓето своите мисли ги претставувале преку цртежи. Во науката
ова е познато како пиктографско писмо. Тоа е најстариот организиран систем на знаци.
Ова писмо лесно се чита затоа што не претставува ни еден јазик, туку преку цртежите
директно се претставени предметите. Недостаток е тоа што со ова писмо не можат да се
претстават чувства или подетално да се пренесат мислите. Пештерските цртежи се
најстарите примери на ова писмо.
Пиктограмите се цртежи на предметите, а на јазично ниво тие одговараат на речениците.
.
Идеографско писмо
Поразвиена форма на пиктографското писмо претставува идеографското писмо. Со текот
на времето цртежите почнале да се упростуваат и да добиваат симболичко значење (срце –
љубов, куќа – дом).
Идеограмите се цртежи кои имаат преносно (метафоричко) значење, а на јазично ниво
тие одговараат на зборовите.
Најпознати идеографски писма се од месопотамската и асировавилонската цивилизација –
клинестото писмо, и од египетската – хиероглифското.
Преодна фаза кон најсовременото писмо претставува слоговното од кое се развило
фонетското.
.
Фонетско писмо
Фонетското писмо е гласовно, што значи дека секој глас се бележи со еден знак (буква).

Гласовното (фонетското) писмо го развиле Римјаните и Словените. Од Римјаните


потекнува латиницата, а од Словените кирилицата.
.

Други видови писма

.
Во современото општество постојат и друг вид писма. Тоа се: Брајовата азбука (Луј Брај)
за слепи лица која се чита со допир и Морзеовата азбука (Семјуел Морз) која може да се
види (составена од точки и цртички), но и која може да се слушне (комбинација од кратки
и долги звуци). Морзеовата азбука се пренесува во далечина со телеграфски апарат.

Професор:

Лектор м-р Зоран Механџиски

You might also like