You are on page 1of 47

Македонската литература на преминот од 19 во 20 век

 (македонска литература на почеток од 20.век )

Како историско продолжување на литературното творештво на


македонските преродбеници ги сметаме: големиот собирач на
народни приказни Марко Цепенков и првиот македонски драмски
автор Војдан Чернодрински, кои живееле и твореле на преминот од
19 кон 20 век.

Војдан Чернодрински „Македонска крвава свадба“

Војдан Поп Георгиев Чернодрински (1875—1951) е


основоположник на македонското драмско творештво и театар.
Во Софија го основал гимназискиот литературен кружок
„Македонски зговор“. Бил член и на „Младата македонска
книжовна дружина“. Контактите со македонските емигранти
влијаеле врз формирањето на неговата национално-револуционерна
и социјалистичка свест. Во Грац и во Берн студирал правни науки,
но не ги завршил.

По многу перипетии на сцената на Софискиот театар, на 7. ноември


1900 година,  успеал да ја постави драмата „Македонска крвава
свадба“.

Успехот на претставата го поттикнала тој да формира македонски


театар.

На своето име си го додал псевдонимот Чернодрински и ја оформил


драмската група „Скрб и утеха“ (1901), која подоцна прераснала во
„Столичен македонски театар“ (1902) и патувал низ Бугарија,
Србија и Македонија.
Учествувал во Балканските војни и во Првата светска војна и го
доживеал распарчувањето на Македонија. До крајот на животот
живеел во Софија.

Освен „Македонска крвава свадба“, тој ги напишал и едночинките:


„Дрвари“, „Во меаната“, „Мајстори“; драмите: „Македонска
емиграција“, „Зло за зло“, „Од глаата си патиме“, „Робот и агата“,
„Срешта“ и др.

„Македонска крвава свадба“ за првпат е поставена на сцена 1900


година. Инспирација за пишување на драмата е вистински настан,
прочитан во весник.

Според жанрот таа е битово-социјална трагедија. Темата во драмата


е љубовта на двајца млади (Цвета и Спасе), која не може да се
оствари заради самоволието на турските владетели (Осман-бег).
Идејата, пак, е да се прикаже тешкиот живот на македонскиот
народ во последните години на турското владеење.

Композициски драмата е градена класично, во пет дејствија со:


експозиција, заплет, кулминација, перипетија и расплет. Таа е
драма на конфликтот (судирот).

Како битово-социјална, јасно е дека во драмата е прикажан начинот


на живеење на Македонците и нивните обичаи. На нива се пеат
жетварски и комитски песни, јазикот е народен испреплетен со
народни поговорки, на свадбата ги имаме обичаите на земањето на
невестата, исто така проследени со песна, потоа верувањето во
сонови и нивното толкување. Во драмата е прикажан судирот меѓу
доброто и злото, меѓу поробените и освојувачите, меѓу
сиромашните и екслплоатирани селани и богатите паши и бегови
кои се претерано самоволни.
Македонска литература меѓу двете светски војни

Претставници:
Васил Иљоски 

Ристо Крле

Антон Панов
Кочо Рацин

Васил Иљоски 

Васил Иљоски е продолжувач на започнатата драмска и театарска


традиција во Македонија и поврзувачка нитка со современата
македонска драма. Тој творел цели педесет години придонесувајќи
во развојот на драмското творештво.

Автор е на многу студии и публикации од областа на јазикот и


литературата, поради што е еден од првите академици на МАНУ
(Македонска академија на науки и уметности).

Попознати драми на Иљоски се: „По матурата“, „Бегалка“,


„Чорбаџи Теодос“, „Биро за безработни“, „Чест“, „Два спрема
еден“, „Кузман Капидан“, „Окрвавен камен“ и др.

„Чорбаџи Теодос“ е комедија на интригата што ќе ја подметне


итриот Арсо за да го исмее чорбаџијата.

Инспирирана е од анегдотата за присилното кумство.


Во драмата има многу битово-социјални елементи.

Битови:

 патријархалните односи во семејството — покорноста на


сопругата, синот и сите останати кон главата на семејството;
 избирањето на снаата од страна на родителите;
 обичаите на кумството — пиењето, јадењето, песните, орото;
 менталитетот на Ромите;
 озборувањата во чаршијата;
 итрината и ведрината на сиромашните и должниците итн.
Социјални:

 поделеноста на луѓето на богати и сиромашни.


Темата во драмата е забранетата љубов на двајца млади,
а идејата е да се исмее надуениот чорбаџиски свет.
Дејството се случува во Скопје, во турско време.

Драмата е составена од три чина, а драмското дејствие е развиено


во четири етапи:

1. експозиција — семејната атмосфера и прикажување на


доминантниот лик;

2. заплет — воведување на конфликтот меѓу Арсо и Теодос;

3. кулминација — подметнувањето на кумството;

4. расплет — ослободување од кумството и дозволата за женидба.


Содржина на драмата.

Прв чин

На почетокот од драмата е прикажана куќата на чорбаџијата


Теодос, рано наутро, кога сите се будни, освен тој.

Преку смешните сцени се претставени односите во семејството.


Имено, часовникот застанал и на сите им е страв да го разудат
чорбаџијата. Тој треба на време да стане за да оди да го види
лозјето на Арсо, кое ќе му го земе заради неговите долгови.
Жена му на Теодос, Кева, се туфка дали да влезе кај мажа си. Таа
знае дека тој секако ќе ѝ забележи, и ако го разбуди прерано и ако
го разбуди предоцна.
И нивните слуги, Наца и Спиро, исто така, не сакаат да ризикуваат
и тие да бидат виновни за нерасположението на господарот. Затоа,
одбиваат да го разбудат.
.
Во куќата доаѓа и Ефка, тетката на Стојанка, која сака уште еднаш
да ја помоли Кева да зборува со својот маж за остварувањето на
љубовта на Стојанка и Томче. Стојанка е ќерка на самарџија,
сиромашна, но убава и вредна девојка, а Томче е чорбаџискиот син,
па затоа за нивната љубов Теодос не сака ни да слушне.
При убедувањето Ефка ќе ѝ рече на Кева:
 
„Другачки сме, сестро, се знаеме уште од малечки, можеме да си
кажеме баре маките… Нѐ омажија за невидени и нечуени… А тие
што си ги сакавме, ги оженија за други… Ете, толку години
поминале, а меракот трае и тлее како запретан жар во срцето… И
само пече и боли.“
 
Преку овие зборови се гледа судирот на старото и новото, на
традицијата која се почитува секаде, а особено во куќата на Теодос,
и зачетокот на модерните сфаќања дека родителите не треба да ги
одбираат сопружниците на своите деца, туку тие тоа треба самите
да го сторат. Нив двете ги омажиле родителите за оние што им ги
одбрале, но повеќе не мора да биде така.
 
Тогаш се појавува и Томче, кој во разговорот со мајка си е решен
одлучно да му се спротивстави на таткото и да ја земе за жена
Стојанка. Се сили, дури и тргнува да го тепа. Но, кога му велат да
го разбуди за на лозје, тој се повлекува, го покажува својот страв и
нерешителност. Неговата младешка инаетливост, избрзаност и
избувливост се гасат во моментот кога треба да се соочи со
најсекојдневна работа — будењето на чорбаџијата.
 
На крајот, никој не се осудува да го разбуди и одлучуваат да
почекаат тој самиот да стане. Неговото будење и неговата личност
се комични од почетокот до крајот на драмата. Всушност, и целта е
таа: да се исмее чорбаџијата, неговото однесување, неговото
претерување
Кога станува, Теодос сака сите да се вртат околу него, да му
помагаат, да го облекуваат, да го четкаат до последното влакно, да
не му остане ни една трошка нечистотија на него. Претерано е
педантен и прецизен, со сите е груб, надмен, ги омаловажува и ги
смета за многу пониски од себе. Тој е големиот газда.

Томче доаѓа да зборува со него, но не храбро како што посакува и


како што се сили, туку со наведната глава. Иако ја искажува својата
желба и намера, тој не може да му се спротивстави на татковото
бескомпромисно НЕ. Затоа е комичен. Силен и бестрашен, целосно
одлучен во остварувањето на намерата да се ожени со Стојанка,
пред таткото спласнува и станува помал од зрнце.
 
Смешна е и појавата на слугата Спиро, кој понекогаш се заборава и
зборува исто како Теодос, повторувајќи ги неговите зборови и
имитирајќи му го гласот и начинот на зборување. Иако тој воопшто
не мисли така, му вели на Томче дека Стојанка не е за него, дека таа
имала црно под ноктите, дека е нечиста и недостојна.
Пред да тргне на лозје, Кева уште еднаш се обидува да зборува со
Теодос за Стојанка, но тој и одвраќа:
 
„А и каква може да биде девојка од таква куќа? Татко ѝ самарџија.
Со него ли да се засватам? Поарно самар на грбот да си ставам. Таа
да ми влезе во куќава! Каков ред, каква чистота ќе биде? Не врткај
ме повеќе, работа ме чека, не е ред!“
 
За Теодос е неприфатливо да се измешаат социјалните слоеви,
неприфатливо е сиромашната (а со тоа и „валкана“) девојка да
стане негова снаа.
.

Втор чин

Hа почетокот од вториот чин е претставена чистата и силна љубов


меѓу Томче и Стојанка, но и притисокот што таа го врши за побрзо
разрешување на ситуацијата. Таа вели дека до вечер мора да знае
дали тој ќе ја земе, зашто и други момчиња се интересираат за неа,
а и за да не се посрамува пред светот.
 
Арсо, пак, на пат кон лозјето што го загубил заради долгот кон
Теодос, смислува начин како да си го задржи. Тој е ведар и
расположен иако се наоѓа во таква ситуација.
 
Дејствието се префрла на група Роми кои бараат нов кум за бебето
што им се родило, бидејќи стариот умрел. Според христијанскиот
обичај, првиот што ќе наиде треба да им стане кум.
Арсо ги здогледува и почнува да си замислува колку би било убаво
прв да нагази Теодос за да може да му се потсмева, да му се
одмазди, да го види и него во безизлезна ситуација. Затоа, смислува
начин да го намести „нагазувањето“.
 
Прво налетува пијан селанец, кого Арсо едвај успева да го одврати,
потоа се појавува и Спиро, слугата на Теодос, кого, исто така,
многу тешко ќе го врати, но сепак успева. Конечно, патот е
расчистен и се појавува Теодос. Тргнуваат заедно кон лозјето, но
Арсо се подвраќа, божем заборавил нешто таму каде што прилегнал
да го чека, а Теодос продолжува сам — нагазувајќи право на бебето
од Циганите. Тој се наоѓа во небрано, но никако не сака да прифати
да им биде кум.

Трет чин

Дејствието на третиот чин се случува на Арсовото лозје, на Водно.


Таму доаѓаат Ефка и Стојанка, а добродушниот и ведар Арсо се
обидува да ѝ помогне на девојката и да го одоброволи Теодос. И
покрај фалбите на Арсо, дека таа е убава, вредна, брза, чиста,
Теодос се однесува надмено, не сака да ја погледне и луто ја
навредува не прифаќајќи ја чашата со вода од нејзината рака.
 
Се слушаат свирки од далеку и се приближуваат Циганите за да го
развеселат својот нов кум. Арсо ликува заради чувството што тие
го предизвикуваат кај Теодос. За уште повеќе да си поигра со него,
му вели да се скрие во колипката која е нечиста и полна со болви.
Теодос ќе мора и таа грозотија да ја истрпи, само за да избега од
поголемото зло.
Циганите со свирките, мезето и ракијата, се подготвуваат да си
одат, бидејќи не го нашле Теодоса, но Арсо им дава знак дека тој е
скриен, па тие ја прифаќаат играта и велат дека ќе одат кај него
дома. Вознемирен, Чорбаџи Теодос излегува од колибата, целиот
извалкан и прекриен со слама. Од мака, иако прво одбива, тој
заседнува и почнува да пие со Циганите, прво од чаша, а потоа и од
заедничкото шише. Тој никогаш не пиел алкохол, не пушел, а
најмалку помислувал да седи со Цигани и да го прави тоа со нив.

Не може да се помири со она што му се случува и вели:


 
„Јас на овој ред! Јас ова да го дочекам во мојот живот… Е, што ти
бил животот. Лажовен, лизгав: одиш, одиш, исправен, силен, чист и
— одеднаш паднат во кал, извалкан, смачкан… Живот!…“
.
Ситуацијата кулминира кога Циганите и Арсо успеваат да го фатат
Теодоса на оро, па дури го натерале и да го заводи орото, како
вистински кум.
Кога доаѓаат жените, Кева и Наца со ручекот, не можат да им
поверуваат на очите. Тогаш и Теодос се освестува и почнува да го
негира и одбива кумството. Се појавува и Томче, и тој како татко
му опијанет. Решен е да го истера своето по секоја цена. Тој дури се
заканува дека ќе се избоде со нож, ако татко му не му даде
благослов за Стојанка.
.
Теодос, сосема избезумен, очаен, цигански кум и самарџиски сват,
не може да најде излез. Тогаш итриот Арсо, во замена за лозјето, му
нуди помош. Му предлага да му дозволи на Томче да ја земе
Стојанка, но и да го земе кумството. Томче сѐ би направил за
својата љубов и затоа ја прифаќа спогодбата.
Теодос исмеан дури и од слугите си заминува да се скрие од
срамот.
Ликови:
Во комедиите на интриги, ликовите не се целосно изградени, туку
се типизирани (со нагласени особини). Интересно е што самиот
автор во објаснувањата (дидаскалиите) ги опишал ликовите.
Чорбаџи Теодос

Чорбаџи Теодос во дидаскалијата е опишан вака:


„Влегува во ноќна, долга кошула, со мазно од вечерта избричено, а
мрачно лице, на кое никогаш, ни за миг не светнува осмевка и
ведрина. Со густи, накуштравани веѓи кои го поцртуваат
намуртеното чело и го засенуваат, правејќи го уште постуден
студениот поглед. Со остар, отсечен говор, кој скоро никогаш не е
разговор со луѓето, ни со најблиските, туку карање, викање на нив,
на најблиските најмногу, со потценување и презирање преку волја,
како и да не заслужуваат со нив да се разговара.“
Теодос е претставник на власта и парите. Сите ги гледа од високо,
со понижување, потценување и ароганција (и жена си и сина си).
Тој е жртва на сопствените предрасуди и фрустрации (другите
особини: претераната педантност, прецизност и сл. се опишани
погоре во текстот).

Арсо

Арсо во опишувањето е претставен како:


„Полн е со животна радост и ведрина, кои тешко можат да му ги
поматат и најтешки грижи и незгоди. Умен и итар е до лукавост и
до препреденост, но никако до расипаност, а по срце е добричина,
осетлив и соосетлив.“
Тој е претставник на средниот сталеж кој сѐ повеќе тоне заради
крвопиите како Теодос. Благороден човек, кој освен на себе си, сака
да им помогне и на другите (на Стојанка и на Циганите). Тој ја
смислува целата интрига затоа што е бистар и снаодлив, зашто е
ведар дух, а и сака да го види својот крвник малку да падне за да го
исмее и барем малку да му биде полесно на душата.
Томче

Томче е „убав младич, со танки мустачиња и густа кадрава коса,


убаво, но негрижливо облечен, блед, потиштен, огорчен, и
инаетлив“. Тој е носител на новото, поинакво сфаќање, кој сака да
се ожени од љубов за многу сиромашна девојка.
Тој е патријархално воспитан, го цени, почитува и се плаши од
својот татко. Без негово одобрение тој нема да се ожени.

Кева

Кева е сопругата на Теодос која е „предвереме остарена и свената


од тешки напори сѐ да му угоди на својот маж со маченичка
ревност која оди до ропска покорност, сметајќи дека тоа е нејзина
должност и нејзина судба. Облечена е сета во сив тон.“
Таа би требало да живее убаво, богато и лагодно. Но, во
патријархалниот дух, таа му е потчинета и работи сѐ за да му угоди
на домаќинот, се плаши од него и од неговите бурни реакции, се
плаши да му се спротивстави и да го каже своето мислење.

Наца

Наца е слугинката која е „помлада и покрупна од својата


чорбаџика, облечена во нејзин износен фустан, кој на неа, оптегнат,
пука, со ракавите засукани над лактите, со завиткани плетенки
преку тулбенот на главата. Многу е брза и подвижна.
Нејзе уште од мала ѝ е всадено чувството на стравопочит спрема
чорбаџијата, повеќе на страв, отколку на почит, и тоа чувство ѝ
преминало некако во навика, така што нејзиниот страв не е силен,
но затоа е постојан.“
Спиро

Спиро слугата, пак, е облечен во старите алишта на чорбаџијата кои


му се преголеми, па во нив изгледа смешно, ненаместено и „за него
чорбаџи Теодос е страшен, но нему тој исто толку му е и смешен.
Затоа, скриено, со лукаво притворство и в очи му се смее, а зад грб
нескриено го исмева и го карикира, наоѓајќи во тоа особено
задоволство, некаква одмазда за сѐ што трпи од него.“

Ристо Крле „Парите се отепувачка“

Ристо Крле од 1920 до 1924 активно учествува во аматерската


театарска група „Црн Дрим“. Следната 1925 година заминува во
Подградец, Албанија, каде работел како чевлар. Тогаш ја слушнал
приказната која ќе го опседне и за која ќе се обидува да пишува
десетина години. Во неговата чевларска работилница дошол
селанец да бара евтини чевли за мртовец. Ја раскажал трагичната
приказна дека синот кога по 20 години печалба се вратил од
Америка домашните не го препознале и го убиле.

Без искуство, но постојано прогонуван од случката, на крајот ја


напишал пиесата во еден здив. Тоа било 1937 година, кога Крле ја
напишал својата неповторлива „Парите се отепувачка“. Скопскиот
театар ја прифатил и премиерата се одржала на 27.12.1938 година.

Тој ги напишал и драмите: „Антица“, „Милиони маченици“, „Гроф


Миливој“, „Велик ден“. До крајот на животот ја пишувал својата
„Автобиографија“. По Втората светска војна работел и живеел во
Скопје. Починал на 29 октомври 1975 година.

Добитник е на награда за животно дело.


„Парите се отепувачка“ е битово-социјална драма со мотиви од
печалбарскиот живот.
Темата е животот и трагедијата на едно македонско сиромашно
семејство кое е принудено да го испрати својот единствен син на
печалба, а идејата е јасно изразена во насловот — проклетството на
парите.

Дејството се случува во дваесеттите години на XX век, некаде во


Западна Македонија иако тоа може да се случи секаде. Но,
амбиентот и битот се македонски.

Драмата е составена од пет чина и четири етапи.

Четирите етапи во драмата се:

1. експозиција — описот на куќата, обичаите за испраќање на


печалбарот и испраќањето;
2. заплет — враќање на печалбарот во куќата на сестра му;
3. кулминација — планот да не се каже кој е и доаѓање во куќата
на родителите;
4. расплет — заслепеноста на таткото од парите, убиството на
туѓинецот, откривањето на вистината и смрт на родителите.
.
(За истава случка Албер Ками прочитал во весник и кратко ја
споменува во неговиот роман „Странецот“, а потоа пишува драма
со истиот мотив „Недоразбирање“).
.

Содржина на драмата

.
Прв чин

.
Во првиот чин на драмата е опишана сиромашната куќа на
селанецот Митре, жена му Мара, синот Ангеле и ќерката Ката. Тие
се будат рано, на првите петли, како што е обичајот кога се испраќа
печалбар. Надвор е студено, снежно, два дена пред Свети Никола,
што предизвикува страв кај домашните за патувањето на Ангеле.
Кај нив доаѓаат Коте и Депа за да го испратат печалбарот. Јадат,
пијат и разговараат за печалбарскиот живот. Коте бил печалбар, па
божем нешто повеќе знае и може да даде добри совети. Но, во
разговорот се гледа нивната наивност, неукост, суеверие и
заостанатост.

Доаѓа и Фроса, кумата, со погача, како што е обичајот. Софрата


мора да е полна, за кога ќе се врати печалбарот да биде, исто така,
полна, односно да го пречекаат на софра.

На крајот, доаѓа Панде кој ќе го испрати Ангеле на брод. И тој


седнува на софрата и од негово искуство кажува дека во Америка,
пред Њу Јорк имало некое островче каде ги симнувале сите
новодојдени и доктори ги прегледувале. Ако не биле здрави, со
здрави заби, со коса на темето — тогаш ги враќале. Домашните се
вознемируваат, бидејќи Ангеле нема пари за назад, но сепак се
надеваат дека сè добро ќе заврши, зашто нивниот Ангеле е млад и
здрав.

.
Ангеле: Готов сум… (Тргнува).
Мара: (се пушта го фаќа за рака). Чекај чедо, не брзај, земи збогум
со сестра ти, таа нема да дојде со нас, не чини да ја затвораме
куќава сама.
Депа: Кога се испраќа на туѓина куќа не се затвара, клуч не се
става.
Мара: Земи ја ризата, стави му ја и речи му со здравје да си оди.
(Ката ја зема ризата и му ја става околу вратот и ја спушта главата
на неговото рамо, плаче).
Коте: Што било тоа — плачење, пак ќе си дојде!
Ката: Со… со… со… здравје, ба… ба… бате, да… да… да си о…
одиш… Да не не за… за… заборавиш… (Го загрлува и го бацува).
Коте: Женска работа, што требало плачење, не го испраќате на
бесење, на печалба го праќате. Речи му тука со здравје да си одиш,
повеќе пари да спечалиш и побрзо да си се вратиш…
Фроса: Така е, многу да не седи зашто ќе се заборави за ваму.
Мара: Кате, софрава да не ја креваш додека не се вратиме. Вака
нека стои.
Депа: Не ами, никогаш не сме ја кревале додека не сме се вратиле
од попратувачка.
Мара: Вратава од одајчето и портата да не ги затвораш, вака ќе
останат дури до вечер.
Ката: (со плачење). Убаво…
Панде: (се појавува на вратата). Кинисувајте бре, луѓе, што сакате
да го остави дружината!
Депа: У господ да брани!… Што зборуваш така?
Мара: (зема стомна со вода и ја става на прагот). Ангеле кинисувај,
срце, прв ти и кошни ја стомнава со ногата.
Ангеле: Адет ли е?
Мара: Еми, адет е штом ти велам!
Депа: Слушај постари што те учат и прави, не прашувај. Безбели е
адет штом ти вели. Сите така си правиме.
Мара: (го загрлува) Ај, со здравје да ми одиш, жив и здрав да ми се
вратиш.
Коте: Тоа ќе му го кажеш кога ќе се разделите кај Плачиврби, кај
што е местото за плачење…
Депа: Ти не и се мешај на жената, сака од куќи да му рече со
здравје. Таму ќе биде повторно.
Мара: (го бакнува). Писма да ми праќаш, срце, понабрзо, мајка да
не ми те дума.
Коте: Море, пари — речи — да праќаш понабргу, та за писма ќе ти
праќа.
Депа: И писма и пари, златен!
Мара: Многу години да не сеиш. Спечали што ќе спечалиш, прави
економија, пак дојди си да те жениме. Гледај побрзо пуштај пари да
ја омажиме сестра ти, да одбереме едно гајле, оти еве и таа дваесет
на Митровден ги наполни. Еве, ние со татка ти четириесет ги
поминавме, сто години не ќе сме живи, дојди си побргу. Така,
синко, да ми си прокопсан да не ни се ситат душмани.
.
Испраќањето го прават со сите адети. Мара става стомна со вода на
прагот, а Ангеле кога ќе излегува треба да ја кошне. Мајката го
советува да праќа писма, да не седи многу години, да се врати за да
го женат. Ангеле ветува дека ќе праќа пари, татко му да купи и
ниви и нова куќа да направи. Ветува дека ќе оди кај кумот (мажот
на Фроса) и ќе пренесе поздрави. Ангеле трга, а Мара му фрла
пченица преку главата, тој ја кошнува стомната и сите плачат, а
особено домашните.

.
Втор чин

.
И дејствието на вториот чин се случува во куќата на Митре, каде
сите (Митре, Мара, Ката, Депа, Коте, Фроса и нејзините две деца)
седат покрај огништето и разговараат. Разговараат за обични
домашни работи и за тоа како Ангеле сега ќе почне да праќа пари.

Иако имаат домашни обврски, тие сепак седат и всушност го чекаат


да се врати Панде и да раскаже како поминале по пат. Кога доаѓа,
му даваат вруќа ракија и едвај чекаат да слушнат што има да каже.
Тој на долго и широко им раскажува како уште кога тргнале црна
мачка им претрчала преку патот. Тие од страв, од суеверното
сфаќање дека тоа носи несреќа си помислиле да се вратат назад, но
сепак продолжиле. Стигнале во градот, ги нашле другите гурбетчии
и Ангеле тргнал заедно со нив.

.
Трет чин

.
Во тертиот чин имаме временски скок од 20 години.

Претставена е куќата на Софре, маж на Ката и нивната ќерка Ана,


која е убаво облечена и се дотерува. Таа има веќе 15 години и
мисли на момчиња што фрлаат око на неа. Дотрчуваат деца кои ѝ
кажуваат дека дошол вујко ѝ Ангеле од Америка. Таа ги дарува со
по едно јаболко и шамивче за убавата вест.

Ангеле влегува во куќата со големи куфери и убаво облечен. Од


нива ги викнале Ката и Софре и тие брзо доаѓаат во куќата. Ката е
пресреќна што го гледа брат ѝ по толку години и што прво кај неа
дошол, а не дома. Од куферот тој вади дарови за сите: на Софре му
дава златен саат, на Ката чевли, копринени чорапи и златен прстен,
за Ана исто, но и медалјон со пет златника кој ѝ го става на вратот.
Разговараат за Америка, за тамошната слобода, за кината, театрите,
парковите, но и за гангстерите.

.
Потоа почнуваат да се договараат како и кога да одат кај
родителите. На крај решаваат Ангеле тука да вечера, па да оди кај
родителите, но да не им каже кој е, а утрото да дојде Ката со
семејството и заедно да се радуваат.

Вечерата поминува убаво и весело со песната на жетварките кои се


дојдени за работа на нивата на Софре. Ангеле е воодушевен што
зборува и пее на свој јазик, што е меѓу блиски и што девојките се
убави, па се надева дека брзо ќе си најде жена за себе. На крај,
Ангеле тргнува дома испратен со песна.

.
Четврти чин

.
Четвртиот чин се случува во куќата на Митре, новоизградена,
добро подредена, со нови рогозини и килими, со миндарлак и
перници. Митре и Мара штотуку завршиле со вечерата и
жетварките, па Митре се испружува да испуши тутун, а Мара
средува.

На портата доаѓа некој што се претставува како гурбетчија што му


се расипал автомобилот и бара да преноќи кај нив. Тие го примаат,
го понудуваат да јаде и разговараат. Зборуваат за својот син, кој сѐ
уште е во Америка и во последно време ни писмо не им пратил. Тие
ја искажуваат својата болка што 20 години не си го виделе синот.
Туѓинецот, пак, се фали дека тој за пет-шест години многу
спечалил и дека сигурно и нивниот син ќе дојде со пари.

Откако Мара му ја мести постелата на туѓинецот, тој се повлекува


да се одмори.
Митре ѝ го покажува на Мара полното куферче со пари кое успева
да го отвори. Златниците му го поматуваат умот на Митре. Тие
почнуваат да се сомневаат дека туѓинецот можел да ги спечали
парите, се сомневаат дека најверојатно ги нашол или ги украл.
Мара му предлага да земе некој златник или целото куферче да го
украде и да се прави како да не знае каде е. Но, Митре врие.

.
Митре: Митрејце, жено, што мислиш ти се печалат толку пари за
пет-шест години?
Мара: Мака…
Митре: Мака ја! (Како на уше). Ова куче не ги има спечалено,
слушај ме ти мене! Овој има отепано некого за да дојде до овие
пари! А кога тој можел да отепа што јас не би го отепал него и да
станам богат човек? Како ги спечалил — така нека ги загуби!
Секирата на ова куче!Мара: (спискува). Ау!…
Митре: (и ја затвора со рака устата). Пс’с! Ами што, кум ли ќе го
правам?
Мара: (итро). Ако не да му ги сокриеме и да речеме ти не си
донесол таква работа — пари во куќава.
Митре: Не може, никој нас нè ќе ни верува. Секој ќе каже, кој што
не оставил не бара… Овој не ги има спечалено со пот… Затоа ти
велам: секирата на овега! (Брзо излегува).
.
Петти чин

.
Разврската во петтиот чин е трагична. Утрото Митре и Мара се
соочуваат со гревот што го сториле. Старстите се стивнати, но од
стореното не може да избегаат.

Кога доаѓа Ката со семејството, тие почнуваат да се сомневаат дека


направиле нешто уште пострашно. Ката ја открива вистината.
Мајката не може да го издржи сознанието дека го убиле
сопствениот син и умира од срцев удар, а таткото се прободува со
нож.

Ликови

.
Митре е сиромашен селанец кој е принуден да го испрати
единствениот син на печалба. Тој живее мирен, скромен живот и
постојано мисли на враќањето на синот.

Но, кога доаѓа туѓинецот во неговата куќа, тој сосема се променува.


Страста кон парите му го свртуваат умот и ќе го доведат во
состојба да изврши злосторство. Толку е заслепен, што не ја слуша
жена си, па дури и кон неа станува агресивен. Си наоѓа изговор и го
убива „туѓинецот“. Се разбира дека потоа се кае за стореното
злосторство, а кога разбира дека бил син му — се самоубива. Тој не
е негативен лик, иако убива. Затоа што не убива тој, туку
сиромаштијата и желбата за подобар живот, како и зависта.

.
Мара е типична патријархална жена и мајка која ги почитува сите
обичаи и која е потчинета на мажот и децата. Се обидува да го
одврати мажа си од намерата да убие, бидејќи се плаши да не бидат
откриени. Кога ја дознава вистината, мајчиното срце не може да ја
поднесе — и умира.
.
Ангеле е печалбар кој уште како дете го праќаат на печалба, а се
враќа како возрасен маж. Тој постојано мисли на дома, на
родителите и сестра си. Таму печалел и штедел, им праќал пари на
домашните и среќен се враќа дома. За да направи поголема
претстава од своето враќање, ја смислува играта која ќе заврши
кобно, за сите.
.
Антон Панов
1967 година добитник на наградата 11 Октомври — за животно
дело

Литературно творештво

Панов пишувал:

 поезија: „Стихови“, „Роденденот на Серјожа Јегоркин“, „Беда


во колибата“;
 раскази: „Тинка“, „Чапа“, „Белуши“, „Орденот на Св.Сава од
петти степен“ и
 драми: „Пиликатник“, „Печалбари“, „Стега“, „Преродени“,
„Градинар“. Сепак, најголем успех доживеал со драмата
„Печалбари“.
 

Печалбари

„Печалбари“ е битово-социјална драма со мотиви од печалбарскиот


живот.

Битово — значи дека е опфатен начинот на живеење, обичаите на


Македонците; а социјална, бидејќи е прикажан судирот меѓу
богатите и сиромашните и печалбарството — како нужност да се
спечали.

Темата во драмата е љубовта на двајца млади, поради која момчето


е принудено да оди на печалба.

Во драмата се испреплетуваат неколку мотиви: печалбарството,


мотивот на парите, мотивот на љубовта и на традицијата. Парите се
сепак движечкиот мотив, тие се средство за живот, за богатење, за
купување невеста, за уништување на семејството, за одење на
печалба и смисла за живеење (на Јордан му се и срце и душа).

Карактеристики на драмата

„Печалбари“ е драма во четири чина и драмско дејство развиено во


пет етапи.

Етапите во драмата се:

 експозиција — запознавање со ликовите и Јордан како


носител на семејната трагедија;
 заплет — Костадин, како носител на новите сфаќања (против
купување на невестата и против печалбарството);
 кулминација — доаѓањето на Јордан да си ги земе парите;
 перипетија — печалбарскиот живот, болеста и смртта на
Костадин;
 расплет — враќање на печалбарите, предавањето на парите и
судбината на печалбарската жена.

„Печалбари“ е битово-социјална драма со мотиви од печалбарскиот


живот.

Битово — значи дека е опфатен начинот на живеење, обичаите на


Македонците; а социјална, бидејќи е прикажан судирот меѓу
богатите и сиромашните и печалбарството — како нужност да се
спечали.

Темата во драмата е љубовта на двајца млади, поради која момчето


е принудено да оди на печалба.

Во драмата се испреплетуваат неколку мотиви: печалбарството,


мотивот на парите, мотивот на љубовта и на традицијата. Парите се
сепак движечкиот мотив, тие се средство за живот, за богатење, за
купување невеста, за уништување на семејството, за одење на
печалба и смисла за живеење (на Јордан му се и срце и душа).

Идејата во драмата е да го прикаже животот на Македонците во


првата половина на XX век.

Дејствието се случува во едно село во Западна Македонија (освен


една сцена во Белград) кон крајот на триесеттите години од XX век.

Содржина на драмата

 
Прв чин

Во првиот чин од драмата е претставена богата македонска куќа,


домот на девојката Симка.

Преку разговорот на Симка со своето помало братче Стојче,


авторот нè воведува во светот на драмата. Таа му дава да јаде и го
распрашува што дознал. Тој кажува дека уште утрото се најавиле
стројници од две страни: од Ѓурѓиновци за Јован (од богато
семејство) и од Итромановци за Костадин (сиромашен, но кого
Симка го сака).

Братчето е наклонето кон побогатите бидејќи тие ќе му дадат


повеќе подароци, на што Симка му одвраќа: „Магаре ниедно! Уште
од малечко со татковите очи гледа…“

Јордан е нивниот татко, богат лихвар, кој гледа сè низ призмата на


парите.

Во куќата доаѓа прво Божана, мајката на Костадин. Во разговорот


со Рајна, мајката на Симка, дознаваме дека таа е вдовица и дека
Костадин е нејзиното единствено дете за кое би направила сè.

Се појавува Јордан, кој е многу љубезен со Божана. Таа веднаш му


кажува за што е дојдена — да ја побара Симка за Костадин. Јордан
се согласува, го пофалува Костадин како млад, здрав и работлив, но
споменува дека тој не бил на печалба, па веројатно нема пари за да
гледа семејство и да си ја откупи невестата. Тој ја кажува цената —
триесет лири, облека, појас, сребрен саат итн.

Божана го пренесува ставот на Костадин, дека не сака да плаќа за


невестата, иако би ги направил сите адети, само да не ја купува
жената како добиток. Јордан за тоа не сака ни да слушне. Освен
што парите за него се најважни, важна е и традицијата и не сака да
ја наруши.

Веднаш по заминувањето на Божана доаѓа Ѓорше, сиромашен


селанец, кој бара пари на заем од Јордан. Тој му дава, го запишува
во лихварскиот тефтер и се договара по печалба да му ги врати со
камата. Стојче, синчето, му помага на својот татко, му го носи
тефтерот и всушност го учи занаетот.

На крајот од првиот чин доаѓа стрико Кољо, како стројник за Јован.


По вообичаените поздрави и понудената ракија, Кољо го тера редот
и кажува за Јован, кој е сè уште во Белград на печалба. Го фали —
здрав, млад, работлив.

Јордан веднаш се сложува да ја даде Симка за него, повторно ја


кажува својата цена, малку се ценкаат и на крај си подаваат рака. Ја
повикуваат Симка, која заради редот ја прашуваат дали сака да се
омажи за Јован. Таткото знае дека таа го сака Костадин, но за него
тоа ништо не значи. Со солзи во очите, ќерката послушно прифаќа
и стрико Кољо ја дарува. Нејзините другарки ја започнуваат
обредната песна за свршувачка со што се доловува фолклорниот
амбиент.

Втор чин

Во вториот чин е прикажана сиромашната куќа на Божана и


Костадин каде мајката и синот разговараат за Симка. Костадин не
може да се помири дека нема да живее со неа и ги проколнува
парите — кои се најважни во светот на Јордан. Костадин како
носител на новото сфаќање ги искажува следните зборови:
„Не, не сакам жена за пари! Јас милувам, Симка од чиста милост да
ми дојде, не за пари! Сакам со неа век да векувам како со жена, не
како со платен добиток. Ме разбираш ли? Јас сакам и таа да се
праша! Зашто навистина ако таа се праша, право ќе си каже:
Костадина го сакам! Сега дали е јасно? Сакам жена, не роб…“

Мајката го советува да оди на печалба, да заработи, за да може да ја


оствари својата цел, но Костадин одбива. Не сака и тој како
неговиот татко да ги остави коските на печалба. Го искажува својот
став кон печалбарството — зло на сиромашните, кое од нив прави
робови. Тогаш доаѓа пријателот на Костадин, Зафир, кој му кажува
дека ја свршиле Симка за Јован.

Костадин, изреволтиран, трга да ја грабне Симка. Симка, пак,


патријархално воспитана, не сака да бега, не сака да се посрамоти,
му кажува дека сега е свршена, но сепак љубовта кон Костадин
победува, и покрај сè, таа решава да избега за него. Но, во тој
момент се појавува Јордан кој го спречува грабнувањето и се
пазари со Костадин. Јордан му позајмува пари, а Костадин прифаќа
поради молбите на Симка.

Трет чин

Во третиот чин е претставена семејната хармонија во домот на


Костадин, љубовта меѓу младоженците и среќата заради бебето што
го очекуваат.

Доаѓа Божана која најавува дека Јордан сака да ги посети. Тоа


предизвикува вознемиреност кај младите. Неговото доаѓање и
однесување кулминира во ужасна расправија. Тој си ги сака своите
пари по секоја цена. Не му е важна среќата на ќерката, ниту се
сожалува на молбите од Костадин да почека уште малку за да го
види барем бебето кога ќе се роди. Расправијата го достигнува
својот врв на крајот од оваа слика:
Костадин: Ти немаш срце, Јордане!

Јордан (Потсмешливо): Море, парите ти се и срце и душа! Без нив


ништо не можеш!… Секој чесен печалбар си ја стега торбата…

Костадин: Молчи, не зборувај!… Тие се толку чесни, та дури и не


знаат дека за тебе работат, долг да ти отплатуваат. Молчи, Јордане!
Засрами се!

Јордан: Зошто да молчам, пред кого да молчам, бре? Пари, пари ми


требаат!…

Костадин: Трај! Во домот си ми!

Јордан: Не траам! Јас, или ти имаш за давање?…(скокнува) Море


пари, пари, бре голтар! (крева рака на Костадин).

Костадин (Го зграпчува за гуша): А, куче чорбаџиско! Си дошол


огништето да ми го растуриш!…

Јордан (И тој го фаќа Костадина за гуша): Пари, пари, бре!…

Костадин, немоќен, заради Симка и бебето, решава да оди на


печалба.

Втората слика од овој чин го претставува обичајот на заминувањето


на печалбарите, како и разделбата на Симка и Костадин. Надвор од
селото, во природа, покрај прошталната чешма се збира групата
печалбари и нивните блиски кои ги испраќаат. Пеат песни и пијат.
Групата се зголемува, а водачот, стрико Марко ги собира на едно
место, да јадат и да тргнат. На крајот ги испраќаат солзите на
жените и девојките.
Костадин се поздравува со жена си, која ја наведнала главата, не
може ни да зборува од насобрани солзи и тага, и ѝ ги кажува
последните зборови: „Ех, Симке, Симке!…“

Четврти чин

Првата слика од четвртиот чин е слика на печалбарскиот живот и се


случува во една фурна во Белград. Поминале пет години, а
Костадин лежи, облеан во пот и болен од туберкулоза. Неговите
другари се грижат за него колку што можат, но лекови не можат да
купат бидејќи за нив треба пари.

Суровиот газда Арангел сака да го избрка од фурната, велејќи му


дека тоа не е болница. Тој воопшто не чувствува вина за неговата
болест која ја добил од неподносливите услови за работа. И тој како
Јордан мисли само на парите и загубата што ја трпи чувајќи болен
човек кој не може да работи.

Последните зборови на Костадин се носталгични, со желба за


последен пат да ја види Симка, но и малку ѝ префрла велејќи:

Костадин: (Силно возбуден). Ах, Симке!… Не се согласи на


бегање!… Не, не си ти крива… Требаше на сила!… (Се закашлува.
Другарите се загрижуваат за него)

Зафир: (Му помага на Костадина).

Костадин: Што ми прави таа, мајка ми?

Зафир: Мисли на тебе.


Костадин: И плаче… Плаче Зафире… Плаче тивко, со неведена
глава… Плаче и солзи рони…

Зафир: И ти плачеш…

Костадин: Дали ќе ја видам? Дали таа ќе ме види?… (Се закашлува


силно. Другарите се стрчуваат кон него).

Последната слика е враќањето на печалбарите дома, со песна и


радост.

Коле, синчето на Костадин со нетрпение го очекува татка си кој


никогаш не го видел. Но, пред куќата на Костадин пеењето
престанува. Тоа значи само едно — дека печалбарот умрел. Коле не
сфаќа што се случило и кога Зафир, другарот на Костадин, влегува
во куќата да ги даде спечалените пари, детето се стрчува кон него,
го прегрнува за колената, мислејќи дека тоа е неговиот татко.

Коле: (Трча кон Зафира радосно) Еве го татко, мамо!… (Му ги


опфаќа колената на Зафира. Молчење).

Божана: (Како не со свој глас) Каде ми е син ми Костадин?…

Зафир: (Молчи. Потем го вади од торбата појасот Костадинов и


ќесето со пари; ги предава).

Симка: (Го прима ќесето и појасот) Ела, Коле… (Го прегрнува


Колета). Татко ти не ќе си дојде… Никогаш не ќе си дојде… Ти
пратил пари да го викнеш дедо ти Јордан на задуша…

Божана: (Со шепот кон Зафира). Умре?

Зафир: Умре…
Ликови:

Јордан

Јордан е богат чорбаџија, лихвар, кој сè гледа низ призмата на


парите. За него не претставува ништо среќата на ќерка му, важно
му е само да платат за неа. Суров, бесчувствителен, бездушник, кој
нема да дозволи ќерка му да оди бегалка, застапник на старите
патријархални сфаќања.

Костадин

Костадин е претставник на новите сфаќања. Тој пред сè не сака да


ја купува невестата со пари, зашто смета дека таа не е стока, дека и
нејзиниот глас треба да се слушне. Љубовта за него е поважна од
традицијата и старите закоравени правила.

Исто така, тој е против печалбарството, против оставањето на


својата татковина, на домот и семејството. Смета дека и тука може
да се заработи за живот и да не се жртвува животот за пари.

Симка

Симка е патријархално воспитана, покорна ќерка, која не смее да


му се спротивстави на таткото. Ги потиснува своите желби за да ги
оствари желбите на татка си. Иако е вљубена во Костадин таа не
прави ниту еден храбар чекор за да ја оствари таа љубов. Не сака да
побегне за него, бидејќи како бегалка ќе го посрамоти семејството,
го тера Костадин да ја прифати нагодбата иако знае дека тоа ќе ја
унесреќи и на крајот го тера да оди на печалба — сама жртвувајќи
се да биде бела вдовица.

Нејзината трагедија е уште поголема кога останува без маж, без


човек кој ќе се грижи за семејството. Историјата се повторува, таа е
иста како свекрва ѝ Божана.
Кочо Рацин

Поетско творештво
Кај Рацин јасно се издвојуваат две фази во неговото творештво.

Првата фаза опфаќа песни напишани на српски (и бугарски) јазик, а


втората, на македонски.

Прва фаза

Првата фаза ги опфаќа песните посветени на невозвратената љубов


што тој ја чувствувал кон Рахилка Фирфова-Раца. Тој ѝ пишувал
картички со љубовни изливи, а некои од нив ги напишал со
сопствена крв.

Овие песни, вкупно 24 (19 на српски и 5 на бугарски јазик) како и


31 картичка го сочинуваат поетскиот ракопис „Антологија на
болката“.

Во картичката од 6.10.1928 година, тој ќе напише:

„Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност,


кондензиран воздив по тебе. Антологија на болката… и мое портре
ако побараш… Капка крв од моето тело и душа — ја имаш веќе…
Моето идно име — ме врзува засекогаш со тебе….
… Прости ми или проколнувај — сеедно.
А јас сè љубам, сè проштевам, и сè заборавам…
Едно само жалам: што не ја чув Смислата преку звукот на твоите
зборови… или барем нивната трага со мастило…

Таа никогаш не му одговорила на неговите љубовни изливи.


Освен овие песни, во првата фаза спаѓа и обидот да напише роман
„Афион“ или „Опиум“, на српски јазик, кој не го довршил, а
ракописот бил запален при неговото апсење во 1934 година.

Во 1932 година, добива награда од хрватското списание


„Литература“ за новелата „Во каменоломот“.

Тој ги напишал и расказите: „Резултат“, „Златен занает“, „Татко“,


„Тутуноберачи“, „Пладне“, „Еден живот“, „Радоста е голема“,
„Јулус“, „Новак“.

Втора фаза

Во втората фаза, Рацин ќе биде преокупиран со животот и


експлоатацијата на македонскиот народ и ќе пишува на македонски
јазик.

Ќе ја напише и објави стихозбирката „Бели мугри“, како и неколку


есеи, критики и историски осврти.

 „Бели мугри“ од Рацин

Стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин е составена од 12


песни, од кои 2 се циклуси (со по 6 и 7 песни) напишани на
велешки дијалект со примеси од западномакедонските говори, во
кои доминираат социјалните и револуционерните теми.
Според лирскиот вид, сите песни во збирката се социјални, а
мотивите се: аргатски, печалбарски, за пропаднатите занаети,
елегични и револуционерни.
Насловот на стихозбирката е симболичен — пејзаж кој е посакуван
од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. Тоа е ново
утро, нов почеток, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви.

„Бели мугри“ е создадена под влијание на народната поезија, на


„Зборникот“ на Браќата Миладиновци.

Песни со аргатски мотив

Со аргатски мотив се песните: „Денови“, „Селска мака“,


„Тутуноберачите“, „Печал“.

Денови

Како на вратот ѓердани


ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежнале

Денови ли се — денови
аргатски маки големи!

Стани си утре порано


дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси —

ај пуст да е, пуст да би
останал живот кучешки!

Роди се човек — роб биди


роди се човек — скот умри
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.

За туѓи бели дворови,


копај си црни гробови!

За себе само ’ргај си


за себе маки тргај си —
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,

нижи си синџир железен


околу вратот навезен!

На почетокот од песната „Денови“, преку компарација, поетот ги


опишува тешките аргатски денови. Тие се толку мачни — како
ѓердан од камења постојано висат на вратот од аргатот.

Во продолжение, Рацин ги опишува аргатските денови, долги,


неиздржливи, денови што започнуваат со надеж дека нешто ќе се
смени, но завршуваат со истата тага и очај дека ништо не се
сменило.

Употребувајќи го контрастот (наутро радост понеси — навечер тага


донеси) тој го засилува чувството на безнадежност. И уште повеќе:
со метафората „живот кучешки“ го завршува овој дел.

Врвот на незадоволството и деградацијата на наемните работници е


претставена во третиот дел од песната. Аргатите се принудени да
работат за друг за да преживеат. Тие повеќе не се слободни луѓе,
туку се робови на експлоататорите кои им плаќаат толку малку,
колку да сврзат крај со крај. Повторно употребувајќи го контрастот
(бели дворови — црни гробови) ја потенцира огромната социјална
разлика (некој може да живее раскошно, а за другите гробот е
доволен).

Во завршните стихови, во исчекување на барем малку оптимизам


— го дочекуваме крајниот безизлез. Поетот го прикажува
постојаното, трајно страдање на аргатите кои до крајот на својот
живот ќе си го нижат ѓерданот од тешки денови. Метафорично го
претставува како железен синџир од алки ковани.

Освен наведените стилски фигури, поетот употребува епитети


(камења студени, маки големи, живот кучешки, скотски живот,
бели дворови, црни гробови, синџир железен); како и анафора
(повторување на исти зборови на почетокот од стихот – роди се…,
за себе…,нижи си…).

Според мотивот (аргатски), песната е под директно влијание на


народната поезија. Со бавен ритам и патетичен тон се искажани
елегичните чувства за тешкиот живот на македонскиот народ.

Песната ја сочинуваат осум строфи и тоа четири со по четири стиха


(катрени) и четири со по два стиха (дистих). Стихот е осмерец и не
е римуван (бели стихови).

 
Тутуноберачите

 
На кантар студен со туч го мерат
а можат ли да го измерат,
нашиов тутун — нашава мака
нашава солена пот!
Од темни зори на утрини летни
до никоја доба на вечери зимни
тој гладно пие тагата наша
и потта и крвта и снагата ни.

Жолт — жолти прави лицата бледни


и жолта гостинка у градите носи.

По утрини росни, по мугрите пресни,


наведени ничкум по полињата родни
Зачмаени ние го береме.

Лист по лист кини,


лист по лист нижи,
лист по лист превртуј, притискај,
лист по лист милно, таговно реди
и на долга низа од капки пот
и надеж со клетва и зелена јад,
со коров поглед на очите матни
по кревките лисја жолтозлатни
прикаска горка на живот клет
нанижи безгласна а така јасна.

Та не знаеш ли?

Денот ли дојде тој да се мери —


мерка му нема, а в градите длаби
без да се запре, без дно да најде
не тага а клетва, и в очите матни
и не сакајќи сама се дига
фуријата.

Кантарот носи лисјето златно


а в гради луто далгите беснат
на жолтата мака — на жолтиот тутун
на жолтата пот на рацете ни!

 
Вечната македонска мака со тутунот и тутуноберачите Рацин
поетски ја преточил во оваа песна.
На почетокот од песната се прикажани тутуноберачите кои го носат
својот тутун на мерење (за откуп), но трудот што е вложен при
обработката, никој не може да го плати. Преку реторско прашање
поетот ја дава почетната слика на маката и безизлезот.
Во продолжение го потенцира лошото влијание на тутунот врз
работниците, нивната работа од утро до мрак и жолтата болест
(туберкулозата) која тутунот ја носи поради нивната
незаштитеност. Поетската силина во овој дел е постигната со
персонификација на тутунот (оживување) — тој ја пие тагата и
животот. Покрај тоа, со инверзија и полисиндетон (нижење на
сврзници) тој уште повеќе го засилува страшното влијание на
тутунот (и потта и крвта и снагата ни).
Описот на работата на тутуноберачите е најубавиот дел од песната.
Поетот со спокоен тон ја раскажува приказната за листот и
неговиот пат, за работниците кои својот живот му го посветиле
нему и ропски му се предале. Со употреба на анафората се
постигнува силниот впечаток на доминација на листот — тој е
главниот носител на преживувањето (заработка), но и на маката и
смртта.
Во продолжение, кога доаѓа моментот на откуп, веќе спомнат на
почетокот од песната — трудот, маката, деноноќната работа,
болеста, замагленоста на очите — никој не може да ја плати.
Песната завршува како и „Денови“, без надеж дека нешто ќе се
подобри. Се чувствува само маката и тивкиот револт на
тутуноберачот и неговата помиреност со судбината. Горчливоста на
животот речиси ја чувствуваме и гледаме преку жолтата боја која е
доминантна во песната. Жолти се листовите, тутунот, жолти се
лицата, жолта е гостинката во гради, жолта е маката и жолта е
потта.
Песната не е организирана во строфи, туку во слободни делови со
нерамномерен број стихови.
 

Елегии и балади

 
Во стихозбирката „Бели мугри“ елегија е: „Ленка“, можеби
најпознатата, антологиската песна на Рацин и балада: „Балада за
непознатиот“.
 
 Ленка

 
                              „Билјана платно белеше…“
Откако Ленка остави
кошула тенка ленена
недовезена на разбој
и на наломи отиде
тутун да реди в монопол —
лицето ѝ се измени
веѓи паднаја надолу
и усти свија кораво.
 
Не беше Ленка родена
за тија пусти тутуни!
Тутуни — жолти отрови
за гради — китки розови.
 
Прва година поминагрутка в срцето ѝ легна,
втора година намина
болест ја в гради искина.
Трета година земјата
на Ленка покри снагата.
 

И ноќе кога месечко


гроб ѝ со свила виеше.
Ветерчок тихо над неа
жална ѝ тага рееше:
„Зошто ми, зошто остана
кошула недоткаена?
Кошула беше даровна…“

 
Тажната песна за девојката Ленка, Рацин ја започнува директно,
концизно и јасно, со принуденоста на девојката да го остави
подготвувањето на својот чеиз и поради сиромаштијата да оди и да
работи во монополот. Таа мачна работа не е за девојки и таа веднаш
се изменила во ликот и се разболела.
Во вториот дел, поетот револтирано извикува дека Ленка не
требала да оди и да работи, бидејќи тутунот е отров кој за таквото
нежно и младо суштество ќе биде кобен.
Преку градација, во третата строфа, со многу стегнат израз, само во
шест стиха, поетот успева да ни ја претстави нејзината трагедија.
Нејзината болест (грутка в срце), нејзината претсмртна мака
(болест ја в гради искина) и нејзината смрт (земјата покри снагата).
Во тие услови толку вреди човековиот живот — шест стиха!
На крајот, поетот не може да не ја изрази својата тага за залудно
загубениот живот, за неоствареноста на девојчините соништа, да се
омажи и да создаде семејство.
 

Мотив на пропаднатите занаети

 
Со мотивот на пропаднатите занаети, Рацин се преокупира во
циклусот песни „На Струга дуќан да имам“.
Циклусот содржи седум песни кои може да се поделат на два дела:
првите — во кои се искажува тагата заради пропаднатите занаети; и
вторите — во кои се искажува револтот против капиталистичкото
општество.
 
Циклусот, жанровски го определуваме како елегија, во која се
искажува носталгијата по некогашниот чаршиски живот, љубовта
меѓу луѓето, љубовта кон саканата и желба за враќање на старите
времиња.
Разочараноста на поетот од животот на работниците во
капиталистички услови е основен мотив во целата збирка песни.
Тој речиси во сите песни се помирува со таквиот живот, односно
само ја потенцира тешкотијата без да даде предлог како тој живот
да се подобри.
 

Револуционерен мотив

 
Единствено во песната „Копачите“, која е со експресионистичко-
револуционерен мотив, поетот јасно повикува на борба против
таквиот живот, повикува на револуција.
Уште на почетокот од песната, поетот со извична интонација ги
повикува работниците (копачките и копачите) да тргнат во новиот
ден кој силно ќе светне (слободата). Тој ги повикува да се разбудат,
да ја кренат главата од ропството во кое се наоѓаат и самите да си
го создадат подобриот живот.
Во продолжение го опишува мизерниот живот на работниците,
нивните страдања и работа од утро до мрак за да преживеат.
Поетското јас почнува да се поистоветува со работниците (пее во
1л. множина), тој е подготвен да им се придружи во борбата.
Симболично, преку работата на копачите е претставена борбата и
револуцијата (Да прокопаме меко / полињата родни) — тие треба да
го сменат општествениот поредок за да живеат човечки.
Повикот за борба е содржан во стиховите: на работа, на труд! што
го повторува трипати како рефрен за да ја потенцира неопходноста
од револуција, која поетот ја сфаќа сериозно и сеопфатно. Тој
мисли на светска револуција, на револуција против сите
експлоататори (Та не сме саде ние / та не сме саде тука).
Песната, за разлика од претходните, завршува оптимистички,
односно со надеж за подобар живот.
На крајот, поетот је повторува првата строфа за да ја искаже својата
увереност, а и уште еднаш да поттикне и да нагласи дека времето за
револуција е дојдено.
 
 
Копачите

 
Се к’ти ноќта црна!
Се рути карпа — мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори —
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!Пробудете се морни
копачки и копачи —
на трудот
црн
народ!

Со мотика на рамо
за корка сува леб,
по патиштата стрмни,
по полињата рамни,
у вивналиов ден
да тргнеме и ние
страдалници од век!

На деда Богомил
земјата ровка, мека,
набабрена за род,
со страдна душа чека
ударите ни јаки
со мотиките остри
по троскот
пелин
трат!Да прокопаме меко
полињата родни
афион, тутун, житце
да родат благородни.

И по кривите вади
да пропуштиме води
за оризите млади
и зелени лободи.

На работа!
На труд!

Да роди род богат!


Да бликне живот млад!
На пепел, троскот, пелин
во огин пламен јад!
Жилите да пуштат
корења длабоко
плодови да бликнат
високо, високо
слободно
на воздух!

Ораме со рало
но земjата ни златна
колку е богата!

На пепел троскот, пелин!


Во огин пламен јaд!

Да престане, да снема
тагата голема
за голиот живот
на човек
станал –
скот.

И в тaјa мугра пресна


да екне дружна песна
на дружните удари –
та биjат срца млади
и растат силно гради
пребликнати со јaд!

Од сички маки тешки


не видовме бел ден,
а од солзи жешки
не стануе меден
нашиот живот!

На работа!
На труд!

Та не сме саде ние


та не сме саде тука —
ние сме по цел свет
безбројни
милиони,
на трудот
црн —
народ!

Да биде честит денот


и првата ни стапка
у првиот ни век!
Ќе мине силен ек
Ќе б’сне сонце златно —
по секаде на светот
ќе згине срамно гнетот —
ќе л’сне живот нов!

 
И реки ќе потечат
и бреме ќе одвлечат
на вековите смрт!

Реките од живи
и пробудени сили
на копачи
копачки
и страдни
голи
гладни
по целата земја!

Се к’ти ноќта црна!


Се рути карпа — мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори —
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!

Пробудете се морни
копачки и копачи —
на трудот
црн
народ!
 
 
Останатите песни на Рацин се со: печалбарски мотив, песната
„Проштавање“; патриотски мотив, „Елегии за тебе“ и „Утрото над
нас“ и исповедно-патриотска е песната „Татунчо“.

You might also like