You are on page 1of 17

Универзитет „Св.

Кирил и Методиј“ во Скопје


Факултет за драмски уметности

Семинарски труд
по предметната програма
Македонска драма и театар 2

Поетичноста во македонската битова драма изразена


преку трагичното јунаштво на печалбарите

предметен наставник: изработил:


д-р Ана Стојаноска, ред. проф. Петар Антевски
Продукција инд. бр. 789

Скопје
Јуни 2020
Содржина

Интуитивната моќ на мимезисот или


неколку зборови за авторите Антон Панов и Ристо Крле ..……………...…………….. 2
Печалбарството како тема во битовата драма ……………………………………………….. 6
Компаративна анализа на драмите „Печалбари“ и „Парите се отепувачка“ ...... 9
Заклучок ……………………………………………………………………………………………………... 12
Користена литература …………………………………………………………………………….……. 16

1
Интуитивната моќ на мимезисот или неколку зборови за авторите
Антон Панов и Ристо Крле

Објаснувањата за непобивливите успеси на македонските битови драми


веројатно треба да се бараат во општествениот контекст во кои тие се
создадени. Тенденциите да се стандардизира македонскиот јазик, борбата за
осамостојување, стремежот за слобода, желбата за подобар социјален статус и
достоинствен живот, како и важноста на човековата чест се темите кое
македонското поднебје ги обединува со децении. Маките, агонијата и надежта
да се слушне гласот на „наведнатата глава што сабја не ја сече“, а која гласно
вреска во себе, се провлекуваат како трагичка вина на македонскиот народ низ
историјата на македонската драма и театар. Печалбарството како интегрален
дел од историјата на секој еден Костадин или Анѓеле, на секој еден член од
нивното семејство, не мами солзи од среќа на ничие лице. Напротив, тегобните
емоциите врзани за овој социјален модалитет да се напушти огништето со цел
неговиот оган да разгори повеќе се длабоко врежани во колективната меморија
на македонскиот народ, правејќи ги основа за македонскиот народен хабитус и
до денес.

Како и останатите жители на оваа територија, така и македонските


драмски автори низ историјата не се имуни на општествените текови. Со
својата поетична естетика и мелодраматичен израз успешно ги зачувуваат
емоциите на своето време, селективно пристапувајќи кон фолклорните
елементи претставувајќи слики од животот на своите сограѓани. И тука некаде
е сржта на нивниот успех, за што ќе потврди и обраќањето на белградскиот
писател Душан Николајевиќ дека за да успее младиот писател е должен да биде
свој, да опишува материја што ја познава и којашто е специфична за неговото
поднебје, за животот на неговиот народ. (Алексиев, 1972:189) Ова обраќање,
директно насочено кон младиот Антон Панов, ќе биде иницијалната каписла за
пишување на неговото прво и најдобро драмско остварување, „Печалбари“.

2
Роден на 13ти април 1905 (официјално 19071) во Стар Дојран, Антон
Панов е еден од основополжниците на македонската драма, а чија иницијација
во театарот се случила со неговото членство во хорот на Белградската опера,
каде посветил 13 години од сопствениот живот. И не случајно токму ова е
просторот каде Панов миметички го учи драмскиот занает. Операта како дел од
Народниот театар во Белград му овозможила на младиот автор да присуствува
на бројни проби и изведби на драмски дела. Иако неговата примарна желба
била да стане музичар и воедно причина да се пресели во Белград години
претходно, во него полека се пробудила љубовта кон литературата и театарот
која ќе го доведе до пишување на драмата „Печалбари“.

Првично како гимназијалец во Третата машка гимназија во Белград и


посетувач на Музичкото училиште, а тек подоцна дел од Белградската опера,
Панов и самиот водел типично скуден печалбарски живот во странство.
Несомнено дека и сам тој ја осетил тежината на живеењето далеку од дома, но
клучна инспирација во развојот на фабулата во драмата „Печалбари“ биле
неговите средби со македонските работници од градот. Конкретно, тој одблизу
се запознал со фурнаџиите со потекло од Западна Македонија чии животни
приказни Панов ќе ги преточи во својата драма. Оттука и драмата го влече
сопствениот веризам, a согласно истражувањата на театрологот Александар
Алексиев, Панов во одреден дел од пишувањето на драмата почуствувал
потреба поблиску да се запознае со обичаите во Западна Македонија и да го
собере потребниот фолклорен материјал, правејќи ја драмата уште
поверодостојна на битовската матрица.

Драмата е завршена во 1933 и истата година е предадена од страна на


Панов на Белградскиот народен театар, од каде што не пројавиле особен
интерес за нејзино поставување. Меѓутоа, на среќа на младиот автор,
единствениот режисер заинтересиран за драмата бил Велимир Живоиновиќ -
Масука кој две години подоцна ќе биде назначен за управник на тогашниот

1
Официјалната дата на раѓање на Панов, наспроти вистинската, се должи на родителската пракса да ги
кријат годините на детето со цел да се одложи војната служба.

3
Народен театар „Краљ Александар I“ во Скопје. Па така, после дузина
перипетија и спорови помеѓу Масука и Панов, „Печалбари“ ја добива својата
праизведба на 3ти март 1936 година во режија на Јосиф Срдановиќ.
Претставата доживува огромен успех, по што во 1939 година Панов добива
награда од Српската академија на науките и со дел од добиените средства
вложува во првото печатно издание на „Печалбари“ објавено истата година во
Скопје.

Иако Антон Панов не бил активен учесник на организираното


револуционерно движење помеѓу двете светски војни, тој сепак уште со својата
прва драма застанува на страната на потчинетите и обесправените обраќајќи
им се на разбирлив, мајчин јазик во време кога македонскиот јазик и идејата за
независност биле најжестоко прогонувани. (Алексиев, 1972:183) Со тоа, во
творештвото на Панов доминира социјалната тематика за позицијата на
македонскиот народ во општественото уредување на режимската управа,
ставајќи го во фокус пожртвувањето и влијанието на индивидуалецот за и врз
благосостојбата на семејниот колектив.

Онаму каде Панов ја начнува семејната трагедија на печалбарството,


Ристо Крле драматуршки ја усовршува давајќи и античка подлога по
Аристотелова дефиниција во „Парите се отепувачка“. Сосем наивно и
интуитивно, а толку уверливо, зачудувачки е како еден човек-занаетчија без
формално образование создава едно капитално дело на македонската битова
драма. Како и својот современик, сепак тој не бил изолиран од театарот пред
воопшто да ја напише неговата прва драма. Ристо Крле бил активен член на
драмската група „Црн Дрим“ во Струга, како актер-аматер. Крле е роден на 3ти
септември 1900 година во Струга каде и работел како кондураџија пред
воопшто да избере да се занимава со пишување, избирајќи ја драмата како
книжевен род кој му прилега на неговото аматерско театарско искуство.

Како и Панов за неговите „Печалбари“, така и Крле фабулата за својата


драма „Парите се отепувачка“ ја презема од вистинита случка која ја начул од

4
селанец во Поградец, каде и самиот Крле извесно време работел како
кондураџија. Пишувањето на драмски дела инспирирани од приказните кој
кружат околу населението се покажува како некаква пракса на македонската
битова драма која на еден извесен начин ја потврдува потребата да се
илустрира таа театралност на неизвесното македонско секојдневие.

Долго време наговестувајќи и на сопствената сопруга дека еден ден ќе


напише драма за чедоморството кое останало врежано во неговата меморија,
Крле конечно во 1937 непланирано и „на нога“ ја започнува својата драма со
која ќе се позиционира себе си како основоположник на на македонската
драма. Тој Петровден, се раѓаат првите реплики на „Парите се отепувачка“ и
веќе во 1938-та година драмата ја доживува својата прва изведба во продукција
на Народниот театар „Краљ Александар I“ - Скопје, а во режија на Јосиф
Срдановиќ. Иако играна на македонски говор, официјално на репертоарот се
нашла под преведениот наслов „Новац је убиство“.

Слично како со „Печалбари“ и „Парите се отепувачка“ не издржале без


интервенции од страна на управникот на Народниот театар, Велимир
Живоиновиќ - Масука. По негова сугестија, Ристо Крле прави извесна промена
во оргиналниот крај на неговата прва драма со што во петтиот чин убиството се
поставува само како намера, невидливо за гледачите2. Ова е само еден пример
во античкиот третман кон драмтургијата на македонската битова драма кои
доведуваат до низа претпоставки дека иако без директна намера, овој жанр од
македонската литература во својата конечна форма се темели на правилата
изнесени во „Поетиката“ на Аристотел.

Земајќи ги предвид сличностите кои се пројавуваат во драматургијата на


овие два македонски автори со античките трагедии, во понатамошната анализа
на драмите „Печалбари“ и „Парите се отепувачка“ нивната структура и
содржина ќе биде разгледувана од перспектива на Аристотеловата „Поетика“ со

2
Во античките трагедии смртта на ликовите е невидлива за гледачите. За тоа дознаваат преку реплика
или носење на посмртните останки од страна на друг лик.

5
цел да се пронајдат основите или пак да се дефинира поетичноста на овие
драмски дела. Притоа, во споредбата фокусот ќе биде ставен кон дефинирање
на трагичните јунаци и собитијата низ кои ликовите дејствуваат во овие две
драми. Можеби никогаш нема вистински да се дојде до одговорот како овие
автори, кои немале никакво формално образование во полето на драмската
уметност, успеале да дојдат толку блиску до основната матрица на трагедијата,
веројатно можеме само да претпоставуваме дека нивната литературна
интуиција се должи на остро избрусениот мимезис и поривот да се пишува на
теми кои се субјективно доживеани во една тегобна објективна реалност.

Печалбарството како тема во македонската битова драма

Фолклорот како интегрален дел од битовата матрица треба да се земе


како појдовна точка во потрагата на корените на печалбарството како тема во
македонската битова драма. Особено, затоа што движечката сила на
печалбарството е желбата за подобар живот, што како мотив се проткајува низ
народното творештво без разлика дали станува збор за љубовна, борбена или
пак печалбарска творба. Македонските битови драми изобилуваат со песни чие
постоење го интензивира дејствието, ја збогатува атмосферата и го оформува
мелодрамскиот тон на драмите. Според професорот Миодраг Друговац песните
кои ги пеат младите „Печалбари“ во драмата многу природно се вклопуваат во
драмското дејствие со својата сугестивна лиричност и трогателна содржина.
Следствено на тоа, можеме да заклучиме дека македонската битова драма се
потпира на овие особености на народното творештво преземајќи го трагичниот
патос како основа врз која емотивно ја детализира фабулата.

Друговац потенцира дека печалбарството е всадено во психата, во


менталитетот, во животната филозофија на македонскиот човек што укажува
на тоа дека всушност зборуваме за една вистински голема тема за македонската
битова драма. Тема која го дефинира начинот на живот на еден народ со што
секој обид да се драматизира печалбарството не е само „сликичка“ од животот,
туку цела изложба од слики кои преку ликовите зборуваат за класните разлики,

6
за важноста на семејството и семејната благосостојба, идентитетот, големината
на љубовта и конечно борбата за преживување како примарен двигател на
човековото постоење. И тука всушност може да се согледа универзалноста на
овие подтеми кои ги носи печалбарството во македонската битова драма, со
што можеме да ги крепиме теориите за успех на „Печалбари“ и „Парите се
отепувачка“ или пак да го потврдуваме нивниот веризам дополнително
служејќи се со историскиот контекст на македонскиот народ.

Печалбарството како општествена појава најмногу се однесува на


социјалниот статус на луѓето и декларативно ги изразува класните разлики кои
како во општеството, така и во драмата креираат контрастни положби. Од една
страна оние кои трагаат по подобра живеачка, печалбарите, и од друга
работодавците/чорбаџиите, оние кои „печалат на маката“ на првите како што
тоа ќе го нагласи Фидан, еден од младите „Печалбари“ на Панов. Во таа насока,
печалбарството со своите бинарни опозиции сосем природно, како тема, и
припаѓа на битовата драма бидувајќи непресушен извор на собитија, мотиви и
расправи. Особено во „Парите се отепувачка“, како што објаснува професорот
Друговац, Крле го приложува коренот на општественото зло кое во разни
видови се манифестира од социјалната нееднаквост.

Во целата своја општественост, печалбарството во македонската битова


драма не е лишен од сопствениот етнотеатарски потенцијал. Сепак, корените на
театарот се магиски, и како што нагласува професорката Лужина треба да се
датираат дури и многу пред античката трагедија. (Лужина, 2000) Со тоа, овие
зачетоци својата позиција во битовата драма ја наоѓаат преку фолклорните
обреди и ритуали како значаен културолошки елемент од животот. Без разлика
дали станува збор за проштален оброк пред печалбарскиот пат на кој се крши
погача или едноставно палење на кандило пропратено со молитва, со својата
театралност тие се интегрален дел од дејствието за потврда на неговиот
веризам и нужни за негово целосно читање/разбирање. Следствено на тоа,
наследувањето на овие обреди од културолошки аспект или пак само како

7
информација ја поставуваат темата на печалбарството како релевантна во
општествен контекст.

Од историски аспект, со сите свои елементи, на печалбарството можеме


да гледаме како еден своевиден ритуал на еден народ во смисла на социјална
конвенција чие повторување е константно, генерација по генерација. Од
драмите на Панов и Крле, во театарска смисла, печалбарството се наметнува
како нешто што е пропишано од самата судбина на македонскиот народ, а
трагичното е наговестено уште во самиот вовед на дејствието, како пророштво
кое се исполнува. Воедно и професорот Друговац го дефинира печалбарството
како трагична појава, со трагичен корен, и безпредметно е да се размислува за
среќен крај, затоа што, како што вели тој, откорнатик не може да биде среќен
човек. (Друговац, 1990)

Правејќи паралели со митската матрица која е основа на античката


трагедија, македонската битова драма располага со основниот принцип за
заплетување на дејствието, односот помеѓу космосот и хаосот или контратежата
на безбедниот дом и опасноста која вирее надвор од него. Всушност,
печлабарството како тема се основа на овој принцип кој се провлекува низ
битовите драми. Битовата драма умешно го користи овој принцип при
градењето на дејствието и во дидактичка смисла овозможува да драмата
располага со знаци и симболи кои го надградуваат самото дејствие.
„Класичниот хаос=надвор и космос=внатре принцип во битовиот драмски
простор е поставен како основна координатна шема. Сите настани се подредени
на шемата, а со тоа го градат и основниот комплекс на знаци.“ (Стојаноска,
2018:19) Оттаму, драмите кои ја обработуваат темата на печалбарството по
дефиниција во својата фабула (па дури и во своето име) го содржат лошиот
предзнак на хаосот.

Во смисла на интерпретација на истата тема, „Печалбари“ и „Парите се


отепувачка“ го обработуваат печалбарството низ субјективниот поглед на
авторите кои и самите на своја кожа го осетиле чемерот на оваа општествена

8
појава. Со тоа, неизбежен е пристрасниот светоглед и оправдан, а и нужен затоа
што доколку би било поинаку, драмскиот израз не би бил доволно искрен.

Компаративна анализа на драмите „Печалбари“ и „Парите се


отепувачка“

Како жанр, трагедијата го објаснува светот од една подлабока смисла


врзана за човековото страдање, а пак Аристотел во својата „Поетика“ во
драмска смисла ја дефинира како подражавање на дејство, преку лица кои
дејствуваат, а што со жал и страв го исполнуваат составот на такви собитија.
Несомнено и двете драми, „Печалбари“ и „Парите се отепувачка, по својата
жанровска определба се карактеризираат како трагедии на македонската
битова драма во кои се разработува темата на печалбарството од една позиција
на инфериорен хероизам3 на главните ликови. Ликовите во драмите
дејствуваат од моралниот сензибилитет на самите автори. Нивните
интерпретации на една од најголемите теми во македонската литература во
себе содржат една народна поетичност која го детерминира битовиот
рецептивен феномен, чие постоење може да се објасни преку катарзичното
искуство на самите драми, слично на она во антиката.

Двете драми се разликуваат по многу нешта, почнувајќи од самата


фабула, структурата и начинот на кој ја третираат темата, но во суштина и двете
ги врзува присуството на трагичката вина која се одразува на хабитусот на
самите ликови. Особено кај Костадин, кој останал во своето рано детство без
својот татко кој умрел на печалба и што истата судбина го очекува него, иако
како одраз на неговата болка одбива да го стори тоа. Во двете драми е присутен
патријархалниот авторитет кој е врвен при развојот на самите дејствија и
подлога за заплетувањето на драмите, па така природно конфликтот доаѓа од
младешкиот дух кој ја предизвикува традицијата и нејзините правила. Земајќи
ја предвид претходно споменатата субјективност на авторите, во однос на
традицијата можеме да кажеме дека авторите на овие драми пристапуваат

3
Инфериорен хероизам = во смисла на послаб противник (од англиското „underdog“)

9
дидактички при преиспитувањето на традицијата, наоѓајќи ја вината за
трагедијата во непишаните конвенции и начин на живот пренесени преку
авторитетите во драмските дела. „Непочитувањето на традицијата е проблем
чии последици треба да се сносат и најчесто резултатот е состојба со негативен
предзнак - болест, заминување, смрт.“ (Стојаноска, 2018)

Од аспект на драмската структура „Печалбари“ е составена од четири


чина или како што авторот жанровски ја определува како „драма со музика и
пеење во четири чина - седум слики“, додека пак „Парите се отепувачка“ е
составена од класична аристотелијанска структура во пет чина. Оттаму,
елементите од структурата кај Крле се подистинктивни и полесно се
препознаваат, додека кај Панов тие повеќе се потпираат на сопствената
мелодраматика, особено во кулминацијата на испраќање во третиот чин која е
пропратена со оро и песна. Структурално, мелодрамската матрица на
македонската битова драма бележи сличности со античката трагедија, во
смисол на хорските изведби. Ако во античката трагедија тие имаа диверзитетни
функции кои одеа во прилог на дијалошката форма на драмата, во битовата
драма овие групни делови ги интензивираат чувствата и го збогатуваат
емотивното доживување. Со овие музички парчиња се служат и Панов и Крле
со што истовремено го негуваат фолклорот во своите драмски дела.

Времето и просторот и во двете драми се драмски и одат во прилог на


пишаниот театар детализирајќи го атмосферското доживување на секоја сцена
посебно. Просторните описи и кај двата автори служат да дадат повеќе
информации за ликовите од драмите и како објаснување на ситуациите во кои
се наоѓаат тие ликови. Доколку кај Панов со просторот во првите два чина е
опишана разликата во богатството кое го поседуваат фамилиите на младите
Костадин и Симка, кај Крле просторот во текот на дејствието го илустрира
прогресот на Анѓеле на печалба прикажувајќи ги домашните во се поимотни
соби до самиот крај. Во битовата драма, просторот служи и како имагинативна
визуелна нарација која го збогатува дејствието, особено кај Крле кој деталите
на просторт ги доведува до ниво на знаци и симболи со што и просторот и

10
времето во „Парите се отепувачка“ , покрај драмски, се истовремено и сценски
и театарски, како кандилото или пак иконата од Св.Никола. Особено интересно
е што Крле „Парите се отепувачка“ ја започнува со описот: „Се случувало, се
случува и ќе се случува насекаде каде што постои и дури постои
капиталистичкиот строј“. Следствено дозволувајќи ни да ја согледуваме
драмата универзално, независно од предетерминираните простор и време во
драмата од него како автор, со што може да се каже дека за самата фабула
(ослободена од драмата) поставува некакво митско време и простор со
одредени предуслови на капитализмот „таму некаде и некогаш“.

Во однос на содржината на двете драми, двајцата автори имаат сосема


различен пристап на обработување на темата. Панов во „Печалбари“ ја
прикажува трагичната трансформација на младиот Костадин, кој согласно
дефиницијата на Аристотел за трагичните ликови, запаѓа од среќа во несреќа,
како и Анѓеле на Крле. Она што кај Костадин го има, а кај Анѓеле не, е
цврстината на неговиот карактер, особено неговиот современ став кон начинот
на кој една жена треба да стапи во брак.

КОСТАДИН:
(По извесно двоумење). ​Не, не сакам жена за пари! Јас милувам, Симка од
чиста милост да ми дојде, не за пари! Сакам со неа век да векувам како со жена,
не како со платен добиток. Ме разбираш ли? Јас сакам и таа да се праша!
Зашто, навистина ако таа се праша, право ќе си каже: „Костадина го сакам“!
Сега дали ти е јасно? Сакам жена, не роб…

БОЖАНА:
Дека немаш, така зборуваш. Да имаше дваесет-триесет лири...

Овој светоглед на Костадин го диференцира неговиот морал од


колективното мнение со што го прави на некој начин човек подобар од
останатите што автоматски се одликува со карактеристика својствена за
трагичните јунаци за кои зборува Аристотел. Неговата трагичка вина е секако

11
наследена, согласно матрицата, неговата сиромаштија оставена во наследство
од неговиот татко, вклучително и неговиот страв дека истото би можело да му
се случи и нему. Иманентно е присуството на овој концепт во „Печалбари“, каде
поради одредена „грешка“ јунакот е оставен да ги сносува последиците
предизвикани од неговите предци.

Доколку детално го разложиме ликот на Костадин, согласно


критериумите на Аристотел за карактерите, ќе согледаме дека тој покажува
одредена волја и е доследен на неа до својата смрт. Иако сепак заминува на
печалба, станува збор за чекор кој е нужен поради своето задолжување кај
својот дедо, нешто што Аристотел го оправдува дека собитијата треба да бидат
логични и карактерите да постапуваат согласно околностите во нив.

Од друга страна пак, Анѓеле, кој исто така запаѓа од среќа во несреќа, за
него, неговата смрт во самата драма е како исполнето пророштво со оглед на
тоа што, согласно знаците кои ги користи Крле, уште од самиот почеток се
најавува неговата смрт. И тој, како и Костадин, има своја волја која делува
предодредена од неговото опкружување и околностите, односно сиромаштијата
не го става во позиција да бира. Неговата намера е прилично јасна, да
овозможи подобар живот за своето семејство, и обратно од Костадин, тогаш да
се ожени кога ќе има доволно пари. Од содржински аспект, тука можеме да ја
согледаме разликата помеѓу авторската обработка на печалбарството. Панов во
„Печалбари“ е повеќе фокусиран на индивидуалната борба на младиот
Костадин, додека кај Крле во „Парите се отепувачка“ јунаштвото е
пожртвуваноста на Анѓеле за семејството и фокусот се расплинува на
целокупната фамилијарна трагедија. Впрочем, жртвувањето на својот живот, во
овој случај на својата младост, за семејната благосостојба е вистински херојски
чин.

Затоа во „Парите се отепувачка“ многу повидлива е семејната трагедија


бидејќи во самата фабула на драмата целото семејство со своите постапки води
кон трагичниот чин. Од идејата на Ката да се пошегува Анѓеле со нивните

12
родители, до неговото прифаќање на играта, намерата на Митре да го убие и
неспречувањето од страна на мајката Мара да се случи убиството. Сите
четворица имаат свој удел во финалниот исход на ситуацијата со што вината за
случката се префрла на сите. Согласно дефинирањето на страшното и жалното
во трагедијата од Аристотел, најголемата трагедија се случува токму во
семејството кога страдањето се случува помеѓу луѓе кои се свои едни со други.
„Парите се отепувачка“ е пример на свесно убиство од незнаење што е
истовремено наведено во „Поетиката“ како еден од потенцијалните случаи да се
постигне трагичноста во драмата.

Во „Печалбари“ семејната трагедија иако не толку експлицитна, сепак се


случува, особено што целиот емотивен товар паѓа на Симка која се наоѓа помеѓу
трите љубови на нејзиниот живот засегнати од трагедијата. Нејзиниот маж
Костадин, нејзиниот татко Јордан, како причина за заминувањето на нејзиниот
маж и нејзиниот син Коле кој останува без таткото кој никогаш не го сретнал, а
сепак делејќи ја неговата судбина и повторно префрлувајќи ја трагичната вина
на следното колено. Панов преку ликот на Симка и нејзините односи со трите
генерации мажи ја составува семејната трагедија која започнува токму поради
заемната љубов помеѓу неа и Костадин. Можеби звучи смешно, ама Костадин
не е првиот, ниту последниот маж (во литературата) кој умрел поради љубовта
кон една жена. Иако основниот мотив за печалба е сиромаштијата, врз
одлуката да се замине врз него влијаат други фактори, особено притисокот од
неговата мајка Божана и неговиот дедо Јордан. Костадин е среќен и без
богатството кое тргнува да го спечали.

Трагајќи по среќата, Костадин и Анѓеле се трагични херои кои својата


пожртвуваност ја плаќаат со сопствениот живот и несомнено нивната судбина
не може да биде поинаква од онаа која им се случува согласно она што налага
„Поетиката“. Предетерминирана и наговестена, нивната смрт не може да биде
доживеана поинаку од чисто поетска и прерана покажувајќи дека
печалбарскиот живот со целата своја примамлива природа е трнлив и
макотрпен пат што го изодува и оној кој заминува и оној кој останува.

13
Заклучок

Разликата во третирањето на темата „печалбарство“ од страна на Антон


Панов и Ристо Крле иако е евидентна, истовремено и двајцата се служат со исти
драматуршки техники. Ниту една од драмите во целост не може да подлежи на
античките правила изнесени во „Поетиката“ на Аристотел, меѓутоа присуството
на основните елементи кои ги дефинираат драмите како трагични може да се
воочат при анализата на самите дела. „Печалбари“ и „Парите се отепувачка“ се
драми кои не само што ја усовршуваат стилската формација на македонската
битова драма, паралелно претставуваат и нов светоглед кон маките на
македонскиот народ. Ако нивните претходници се обидуваа да ја хранат идејата
за осамостојување и да го заѕврстат македонскиот идентитет, Крле и Панов со
своите драми ги поставуваат прашањата на што со тој идентитет и каде е
позицијата на македонецот во општеството. Несомнено создавајќи драми со
современ дух во кој публиката може да се пронајде и препознае.

Анализирајќи ги овие драми и односнот на нивните автори кон делата ме


доведоа до размислување за природноста на драмата. Дали е возможно после
нешто повеќе од 2500 години рецептот за создавање на едно трагично дело да
ги содржи истите основни состојки? И како без никакво формално образование
Панов и Крле вешто ги употребуваат трагичните топоси при пишувањето на
„Печалбари“ и „Парите се отепувачка“? Наоѓајќи ги елементите на трагедијата
(оние од „Поетиката“) во македонските битови драми докажува дека без
разлика во кое време и со какво предзнаење едно дело е напишано, она што е
важно е дека трагедијата сосем природно му доаѓа на човекот како „одломка на
животот“ кој драмската уметноста несомнено го слави со сите негови
недостатоци.

Поетичноста на македонската битова драма, особено во оние кои го


третираат печалбарството како тема, тргнува од сопствениот трагичен етос и

14
фолклор кој изобилува со етнотеатарски елементи кои културолошки го
збогатуваат битовскиот рецептивен феномен на овој период. А феномен е токму
она миметичко создавање на овие трагични, интиуитивно напишани дела.
Следствено, веројатно е дека токму таа интуиција е онаа која е инспирирана од
длабоко всадениот печалбарски менталитет за кој зборува професорот
Друговац, за она што го наследуваме од нашите предци и што останува
нераскинлив дел од нашиот културолошки код.

15
Користена литература

АЛЕКСИЕВ, Александар (1976) „Основоположници на македонската драмска


литература“, Скопје: Култура

АРИСТОТЕЛ (1990) „За поетиката“, Скопје: Култура

ДРУГОВАЦ, Миодраг (1990) „Историја на македонската книжевност XX век“,


Скопје: Мисла

ЛУЖИНА, Јелена (2008) „Македонска битова драма“, Битола: НИД „Микена“

ЛУЖИНА, Јелена (2000) „Театралика“, Скопје: Матица Македонска

СТОЈАНОСКА, Ана (2018) „Театар: Предизвик: студии и есеи“ Скопје:


Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

16

You might also like