You are on page 1of 9

Taтјана Б.

ЕФТИМОСКА
Меѓународни училишта НОВА
Скопје, Р.Македонија
ИНТЕЛИГЕНТНИОТ хумор на расказите (џебни, поткачени, шашави)
Апстракт:

Во средиштето на истражувачкото внимание во овој труд се суптилизациите на хуморно-ирониската


инстанца во расказите на Карел Чапек (Раскази од другиот џеб), на Јарослав Хашек (Шашави раскази) и на
Драги Михајловски (Раскази од шестиот кат). Низ споредба на светогледот што го нудат сите тројца
мајстори во раскажувачката проза преку расказот како кус жанр, трудот ги разгледува елементите што ја
произведуваат гротеската, иронијата, цинизмот, но и веселата, автентична смеа, духовитоста, несериозноста
и, воопшто, играта – сите тие неопходни постапки во литерарното очудување. Авторите извонредно ја
доловуваат и контекстуалната иронија, како и иронијата на просторот: во расказите мошне често смеата
настанува од извесна „збунетост“ на хронотопот, којшто го населуваат натрапнички ликови. Истовремено,
со таквиот пристап кон расказите се укажува и на генијалните размисли на овие тројца автори, на нивните
извонредно префинети нурнувања во најбаналниот и најтрагичниот проблем во историјата на човештвото,
наречен смисла на животот. Најпосле, предмет на научна размисла ќе биде и нивниот јазик, поетиката и
жанровската „решетка“ на расказот.

Клучни зборови:

Раскази, хумор, гротеска, игра, иронија

Јарослав Хашек, Карел Чапек и Драги Михајловски, авторите чиишто раскази ги


проследувам во овој текст, не се современици и не припаѓаат на истото временско
раздобје во книжевноста. Додека Ј. Хашек и К. Чапек се јавуваат во чешката литература
од првата половина на 20 век, Драги Михајловски е современ македонски автор, од
втората половина на минатиот и првите децении на овој век. (Неодамна беше објавена
неговата најнова книга „Пат за рајот“ со необична композиција од 10 раскази и 3 драми.)
Сепак, што нè предизвика да се занимаваме со споредба на делата на двајца понови и еден
современ автор? Повеќе работи ќе бидат разгледани низ трудов, но првенствено, како што
кажува и самиот негов наслов (на трудов) – нивниот интелигентен хумор и сродните
концепти кон хуморот, играта, иронијата, гротеската. Зборот раскази влегува како
семантичка и жанровска определба во насловите на сите три збирки, па така си дозволив
расказите на Чапек да ги наречам џебни (Раскази од другиот џеб), расказите на
Михајловски поткачени (Раскази од шестиот кат) а расказите на Хашек секако си беа –
шашави. Во предговорот на збирката Раскази од шестиот кат, Д. Михајловски го
дефинира расказот вака:
Во текстот наречен расказ мора, преку речениците, да се краде простор и време за, што
побрзо, да се стигне до врвот на единствениот настан кајшто е епифанијата,
откровението или она заради кое авторот нѐ влечел за нос не оставајќи, ниту за миг, да
му побегнеме од позицијата на која смртно сме му потребни – читателската. (2003: V)
Во таа смисла, сметаме дека кај сите тројца автори постои своевидна интензивност во
нивното раскажување. Ова го кажуваме со извесен ризик да завлеземе во плеоназам,
бидејќи како што се гледа од погорната дефиниција, расказот е иманентно интензивен
книжевен жанр. Сепак, интензивноста/интензивитетот кај тројцата автори прво, е
различен по степен, а второ, произлегува од различни аспекти на нивното раскажување. И
ова е еден од заклучоците до кои дојде нашето расчитување, а кое сакам понатаму низ
текстов да го образложам, затоа што сметам дека интензивноста е првата инстанца на
играта, а таа, пак, на смеата.
Карел Чапек ги пишува Расказите од другиот џеб како детективски раскази; тоа се
раскази кои се занимаваат со т.н. „алтернативни факти“ – бизарни злосторства, па дури и
со такви кога злосторството го нема, а криминалецот е сепак фатен: Ме потсети ова на
една случка кога убиец имаа, а убиство не можеа да му најдат, вели господинот Бобек во
„Расказот на стариот криминалец“. (2012: 16) Во истиот тој расказ еден писател прави
плагијат, но не е свесен за тоа додека не си го види расказот отпечатен: А бе, сè ми се чини
дека овој последниов расказ од некого ми е краден (2012: 15), па еден пријател
добронамерно му укажува дека расказот му е позајмен од Чехов, друг – од Мопасан, трет
– од Келер, Дикенс, Д’Анунцио итн. Парадоксот во првиот пример, односно благиот
цинизам во вториот се точки на интензивитет во расказите. Ј.Владова ги нарекува
стапици, но нејзиниов термин го користиме само во онаа смисла на лажно
претставување на текстот: Текстот мошне често за себе ќе рече дека не е
литературен, било затоа што тоа не му успева, било затоа што тоа не му е цел. Така
тој, со помош на ’лажното претставување‘ (најчесто жанровско) сепак бидува
литературно транспониран и како текст. (П.Павличиќ кај Владова, 2003: 126)
Секогаш ми е одново фасцинантно како употребената иронија ги прави авторите актуелни,
ги поврзува со современиот Zeitgeist како вчера да го завршиле расказот. Ќе го преиначам
исказот: секогаш одново ме фасцинира како идентичноста на времињата и човековата
природа произведува блескава иронија кај генијалните писатели. И пак ќе го преиначам
исказот: постои некоја неверојатно фасцинантна способност на генијалните писатели да се
преселуваат низ времињата во кои е тешко а да не се биде ироничен. Па така, може да ни
прозвучи необично познато:
Приказнава, рече Тојзиг, не ти беше лоша, само има една маана: не се случува во Прага.
Оти нели, и во криминалот мора да се мисли на татковината. Ме заболе мене, да
простите, за некој од Палермо или од џенем. Со тоа немаме работа. Ама, а се случи
нешто такво во Прага, овде како да ми заигрува нешто, луѓе; си велам, е сега нè знае цел
свет кои сме и што сме, и душичкава ми се полни. И нормално, кога ќе решиш случај од
таков калибар, и економијата ќе ти тргне напред; сè тоа укажува на значајни промени,
и создава клима на доверба. (Чапек 2012: 22)
Во расказите на Карел Чапек, криминалците се господа: тие се мајстори, домаќини,
интелектуалци, истражувачи, љубопитници. Си ја знаат работата: Не е битно колку пари
ќе украдеш, битно да не дадеш да те фатат, вели мајсторот за обивање железни каси
Балабан (2012: 42). Дури и научници; во расказот Сефџии и паликуќи, младиот чирак Зеп
за одмазда му ја потпалува куќата на својот газда-мајстор на необичен начин. Направил
заоблено стакленце во вид на лупа и го нагодил да ги одбие сончевите зраци така што ќе ја
потпалат куќата на мајсторот 4 месеци по неговото отпуштање, кога тој одамна веќе нема
да биде таму, ниту пак некој ќе се сомнева во него. Ова е криминалец научник, астроном.
Чапек мошне суптилно се потсмева со природата на провинцискиот човек, а таа има една
црта да сака да биде во центарот на вниманието дури и кога не е заслужна ама баш за
ништо, освен што живее на определена адреса, на пример. Во расказот „Украдено
убиство“ се случува филмски злостор на едно штуро сокаче, никакво и безимено уличе, па
бидејќи полицијата веднаш доаѓа и зема искази, жителите очекуваат дека нивното име ќе
осамне уште со изгрејсонцето на првите утрински весници, во полн сјај на стореното
убиство кое тие имале среќна шанса, таква што животот само еднаш ја дава, да го
посведочат. Но кога веста за убиството и по трет ден не осамнува, жителите на улицата
одат да си го бараат од полицијата, а таму се излегува дека полицајците биле лажни, дека
биле преоблечени соработници на убијците и дека веќе некое време убиството не е ниту
пријавено во полиција; а сега никако и не би можело да се пишува за него да не пукне
брука за намагарчените жители на уличето и за неспособната полиција. Г-н Хоудек,
раскажувачот на овој расказ, вели: И така, нашата улица, ни крива ни должна, си го
загуби убиството; исто како некој да ѝ го скинал најважното поглавје од историјата. И
кога и да дојде кај нас некој надворешен, ..., одма си вели: Види какво штуро сокаче,
никакво! И никој не ни верува дека сме имале кај нас таков злочин, па се мавале ние в
гради или не. Е, тоа ни на душман не му го пожелувам. (2012: 57)
Читателот тука не може а да не се изнасмее на маката на кутрите жители на анонимната
уличка која неоправдано останува таква, но и не може да не се препознае себеси: толку е
типично речиси за секого од нас да се гордее(ме) со нечии туѓи успеси/заслуги само затоа
што се од нашата националност, нашата вера, пол/род или каква било друга деноминација.
Л. Хачион во својата позната книга Острицата на иронијата (1994) токму вака (или
токму тука) ја согледува интерактивноста на иронијата, во смисла дека во нејзиното
создавање учествуваат бројни аспекти како класата, расата, етносот, полот, половите
особености, но и националноста, соседството, струката, религијата и сите останати
микрополитички комплексности/јадра од нашите животи, на кои не мора дури ни да им
најдеме име. (Хачион кај Владимир Бити, Појмовник сувремене књижевне теорије)
Чапек е забавен затоа што е смртно сериозен, како полицискиот инспектор во неговите
раскази: Добро бе, да му ебам мајката, зошто на полицајците не им викнавте полиција?
(2012: 55) Сериозноста на неговиот хумор, исто како и оној на Хашек, ги прави овие
раскази продлабочени, а не забавни. Крими-приказната е само навидум во фокусот на
вниманието на читателот, а многу повеќе тоа се шемите на човековото однесување, имуно
на промената на времињата. Р. Константиновиќ тоа го смета за дел од паланечката
филозофија: Во светот на паланката, поважно е добро да се држиш до востановените
обичаи отколку да бидеш личност. Сè што е претежно лично, индивидуално (во кој било
правец) е непожелно пред сè затоа што е ветување за „светот“, како чиста негација на
паланката, значи ветување за стилска поливалентност, а ваквата поливалентност е, за
паланечкиот дух, чисто отелотворување на какофонијата, музика на самиот пекол.
(2004: 7)
Јарослав Хашек, пак, за синоним го има својот војник Швејк. Швејк денес е името на една
стара централна кафеана/таверна во Прага, Швејк е на магнети, нотеси и приврзоци,
Швејк е сувенирот на Прага, еден од најпознатите пражани. Сметам дека во книжевноста
има само два такви генијални лика – Дон Кихот и војникот Јозеф Швејк (сепак три –
секако и Тристрам Шенди!), по професија препродавач на кучиња (во биографијата на
самиот Хашек стои дека и тој бил сопственик на сомнителен кинолошки институт).
Лојален, искрен, хедонист, бескрајно затапено глупав и натпросечно интелигентен,
просечен провинцијалец и луциден интелектуален ум – војникот Швејк е лик против
секоја бирократија, против секој колектив којшто почива врз редот и послушноста, против
сето она што бара смртна сериозност и поставува норми, начела, правила. Како што вели
авторот кон својот кус предговор на романот, Тој не го запалил храмот на божицата од
Ефес, како што направил оној глупав Херострат само за да влезе во весниците и во
училишните читанки. И тоа е доволно. (1988:7)
Таков е и самиот Хашек во Шашавите раскази; иронично дистанциран од секоја
бирократија и институционален поредок. Во расказот Финансиски проблеми, службеникот
Шима бара од својот газда, по 15 години, да му биде покачена платата за 20 круни и
добива цела проповед за светските ризични потези на берзите, за пропаѓањето на чешките
и германските пазари на пари, за банките кои ги доведуваат до банкрот големите земји-
кредитобаратели, но и за самоубиствата и трагичното одземање на животите на
американските мултимилијардери – Тоа е ужас, а вие ги сакате своите дваесет круни
покачување! (2011: 7) Шима умира во канцеларијата на својот газда, срцето му препукнува
од овие финансиски проблеми.
Во Сонот на гимназијалецот Папоушек, ученикот сонува дека разговара со Гај Јулиј
Цезар, којшто го испрашува за сопствените битки, кога се случиле и кои биле поразените
и освоените територии. Пред да се вивне во небото, на крајот од сонот, Цезар го изрекува
својот татковски совет до потресениот средношколец: Размислувај за латинската
конјугација! (2011: 18)
Една шашавост во расказите на Хашек е што се подбива со начинот на којшто големите
писатели добивале инспирација: некои гледале во сливи, некои седеле во када, а некои се
прејадувале. Раскажувачот кај Хашек добива инспирација за овој свој расказ Кога почнав
да пишувам со чепкање на забите: Не е претерано естетски, ама помогна. (2011: 23)
И Хашек и Михајловски својата, најчесто благо-, ирониска острица ја упатуваат кон
книжевните кругови, кон салонската и по малку стерилна атмосфера во нив, кон начинот
на доделувањето книжевни признанија или критериумите за вклучување во книжевните
антологии. Во расказот Во друштво на библиофили на Јарослав Хашек раскажувачот се
натрапува на една книжевна седенка, а пасошот му е наводната сопственост на
оригинални стихови од персискиот поет Хафиз во повез од човечка кожа, па вели: Во
салонот сретнав дванаесет искрени лица, од кои во мене зјапаше целокупната светска
литература. (2011: 24) И додека за нив е предизвик да му обрнат целосно внимание на
новиот, сè уште непосветен член во нивните езотерични ритуали на пиење чај и колачиња,
а особено на неговата драгоцена сопственост, тој одлучува малку онака смртно сериозно
да се подбива со нив, па се расфрла со базични грешки околу националноста на познатите
писатели и нивните дела, околу авторството на одредени лектири за библиофилите, а
понекогаш и зборува за ликовите како за писатели (Мислев дека Мопасан е Холанѓанин;
еден хемичар како Толстој, човекот кој го пронајде радиумот..., Дали вие некогаш сте
слушнале за некој италијански поет? – Секако, за Робинзон Крусо). Во сето тоа
раскажувачот е крајно самоуверен, а прекрасно трогателно и неповторливо смешно е да се
види соблазнувањето и девастираноста на присутните. Има тука и мошне суптилна
симболика на Тајната вечера, само што менито на оваа е единствено чај и по две колачиња
за секого; сепак, дванаесетте библиофили го исфрлаат својот новокомпиран, блескаво
најавен Исус – да се поседува оригинал Хафиз во повез од човечка кожа не е само пасош
за седенката, туку и виза за вечноста: Тие дванаесет прерано побелени љубители на
литературата и библиофили ме исфрлија на улица низ приземниот прозорец. (2011: 28)
Со човечката природа си поигрува и расказот Сериозна фирма, во која ликот Местек,
откако паѓа во депресија зашто му пропаднал циркусот на дресирани болви, почнува да се
занимава со други атракции; на пример, тој решава на луѓето да им прикаже – апсолутно
ништо, убеден дека успехот на рекламирањето на ништото ќе се заснова врз психолошка
база:
Влезницата ќе биде евтина и, ќе видите, никој нема да зажали. Ви гарантирам дека
луѓето си посакуваат најлошо еден на друг и дека уште и ќе нè рекламираат и ќе ги
наговараат и другите да дојдат и да го видат ’големото изненадување‘, и дека тоа
нешто е супер. (2011: 35)
Измамниците, ситните криминалци, преправачите и сејачите на ветер и магла се клучните
ликови во расказите на Чапек и Хашек. Оние коишто се маргиналци во животот овде ги
стекнуваат своите 5 минути блескава слава на квалитетни личности кои го туркаат
напредокот на човештвото, кои се заслужни за прогресот на научната мисла исто како
некои што го поставиле хелиоцентричниот систем или теоријата на еволуцијата. А како го
прават тоа? Така што апелираат на најинстиктивното во човековата природа, на
Фројдовиот Ид, на она што пребришува секаков разум, логика и дедукција и притоа
најинтензивно ги тера луѓето да дејствуваат. Секако, општествениот поредок законски ги
гони и го уредува нивното дејствување со полиција и судови, но не и
интерниот/иманентниот поредок во расказите на чешките мајстори на хуморот.
Расказот Психијатриска загатка недвосмислено наликува на Чеховиот Павилјон број 6, се
разбира стилски сосема различен. Во него членот на друштвото на апстиненти, г-нот
Хурих, е обвинет дека сакал да изврши самоубиство и сето негово оправдување, дека само
се наведнал преку оградата на Карловиот мост за да провери кому му припаѓа крикот што
го слушнал и да не му треба некому помош, ја создава трагикомичноста и гротескноста на
ситуацијата во расказот. Повикана е полиција и лекарска служба, сите најблагородно,
вклучувајќи го и неговиот „спасител“, не-апстинентот фризерот Билек, го смируваат и
убедуваат да се откаже од самоубиствените намери, за кои тој ги убедува дека ги немал.
Убедувањето е сигурен знак дека тој не ја признава својата болест што го довела до
таквата ситуација, па г-н Хурих си заработува бесплатен психијатриски третман од речиси
една и пол година и тој нема изгледи скоро да заврши, со оглед на тоа дека лекарите кај
него сѐ уште не забележале прифаќање на душевната болест, што е, според
психијатријата, знак дека душевната состојба се подобрува. (2011: 63)
Не знам дали Драги Михајловски учел од мајсторите на чешката нарација, но сигурна сум
дека ги читал. (Во јуни излезе неговата најнова книга, „Пат за рајот“, со необична
композиција од 10 раскази и три драми.) Текстот на Михајловски не покажува никаква
интенција да се зафати со комичност, иронија или игра; па така неговите раскази може да
се читаат и на ниво на фантастика или постмодерно очудување. Но можеби најмногу од
сите овие тројца автори, тој го застапува иронискиот контекст. Иронискиот контекст е
контекстот којшто генерира иронија; којшто има предиспозиција кон неа и најчесто таа
предиспозиција книжевно среќно се остварува. Всушност, тука не мислам на ништо
посебно туку токму на она што американската нова критика го нарече ситуациска иронија.
Во расказот Родителски се јавува ситуација со сите елементи на фантастика:
раскажувачот со својата сенка оди на родителска средба, бара место за неа, седнува со неа,
а се разбира – само тој е свесен за неа, па останатите присутни го гледаат попреку, некои
заклучуваат дека е лудак, а некои дури и се плашат од него. Во расказот се јавува
данилхармсовска смеа измешана со насилство, ликови на луѓе чиишто тела се истопуваат,
а и по некое грбаво маче што излегува од женска чанта.
Раскажувачот вели: И просторијата цели десетина минути смрдеше на простачки
цинизам во којшто сите уживавме. (2003: 51)
Но и тука, како и кај Чапек и Хашек, иронијата неретко произлегува од висцералното во
човековата природа: во еден миг, родителскиот состанок се претвора во порачка на месо
кај еден татко касап. Родителите подзабораваат за што се дојдени, па брзаат да ги порачаат
своите свински кременадли, полутки, џигерчиња и шницли за да не ги испревари некој и
да им го земе пред нос доброто парче, додека глуво одѕвонува само еден глас на разумот:
Состанокот луѓееее! Што направивме со состанокот? Што ќе му кажам на детето
дома? – повторуваше гласот загубен во мноштвото. (2003: 59)
Расказот Свртничар е темноирониски во својата нарација; ликот Флечер е свртничар што
ја сака својата работа и се обидува професионално да ја работи, а притоа е и склон кон
контемплација за човечката суета, амбициозноста. Свртничар што чита книги, именувајќи
ги не според наслов туку според нумерираниот редослед на тие книги во неговата лична
библиотека. Но еден контекст од расказот како да е оттргнат од многубројни сатирични
дела: од Пофалба на глупоста/лудоста на Еразмо Ротердамски до Домановиќевото Мртво
море, важи следново:
Но луѓето од Станицата не сакаа да чујат за какви било промени, а најмалку за тие со
кои Флечер си го богатеше умот. Таа безлична врвулица од немислечки типови што со
векови наназад се задоволуваше со добра ерекција и поднослива беда, претопуваше во
сопствената аморфност сѐ живо и диво, сѐ што се обидуваше да пркне и да се издвои, да
мрдне лево-десно и да биде различно. (2003: 76)
Сепак, иако самиот свртничар Флечер нема високо мислење за амбициозноста, и тој
тежнее кон повисоки нешта. Го подготвува своето богато (по читање книги во слободно
време) CV и решава да се пријави на три конкурси: за гласноговорник при Центарот за
искривен вид, како толкувач на девијациите во душникот на белите глувци и за предавач
на Катедрата за продолжени јазици при Филозофскиот факултет. Флечер сепак останува
на своето работно место, бидејќи сите три институции го одбиваат; неговата последна
волја да ја изврши својата работна задача сензационално – се остварува: наместо
посакуваното мечтаење за општо признати заслуги поради тоа што успешно избегнува
судир на два воза, нему му се остварува малку поинаква реалност: свртничарот намерно го
насочува едниот воз да удри во спротивната локомотива и во тој миг и самиот паѓа како
жртва на тој свој, алтернативен „подвиг“. Токму тука ја читаме иронијата на судирот меѓу
мечтите и реалноста, па дури и кај еден книжевен лик.
Во расказот Антологичар на Д. Михајловски од збирката Триполската капија постои една
автоиронија на Михајловски кон сопствениот еснаф, кон книжевните кругови, непотизмот
и медиокритетството во нив дури и кога станува збор за награди и признанија што, пред
сѐ, треба да го издвојат квалитетот. Американецот Ричард од Ричмонд, Вирџинија доаѓа во
Македонија како губитник (по пропаднат брак, осаменик, дури и депресивец) и си
заминува како губитник: токму во моментот кога нему му се чини дека започнува мисија
во Македонија планирајќи ја и полека остварувајќи ја својата антологија на македонскиот
кус расказ на англиски јазик, односно на оние раскази кои добиле Рациново признание –
се појавува автор и воопшто, човек анонимус, да му укаже на антологичарот дека неговите
критериуми за избор на раскази се фалшиви, исто како што се фалшиви и самите раскази и
нивните автори: А дали некогаш си помислил како се делат наградите во Македонија, а?
Триесет години пишувам раскази, објавувам, за мене знаат и врапчињата овде, а ти сега
ми зборуваш за критериуми. Немам Рациново зашто него го делат луѓе како колегите
твои од Факултетот. ... Тие се мочковци што ги наследија местата од своите татковци
и вујковци па сега уште си зедоа право да кажуваат кој прави овде литература, а кој не!
... Литературата секогаш е надвор од универзитетот! (2203: 257)
Непризнаениот и ненаградуван автор успева да ја разниша целата личност на визитинг-
професорот по книжевност Ричард, да го натера да се откаже од идејата за антологија и да
го избрка дома. Yenkee goes home, навистина. Иронијата вреска во овој чин: Ричард не ни
посакува да прочита нешто од делата на авторот што го прогонува а дополнително е и
негов сосед, а сепак се чини дека неговата генијалност е таква што успева да го натера да
се замисли над тоа да не прави неправда и уште и да ја напушти земјата во која кусо бил
среќен.
Ликот-натрапник во просторот во којшто доаѓа/се враќа се јавува и во најпознатиот расказ
на Д. Михајловски, расказот Ѓон од истоимената збирка. Расказот започнува со топла,
паланечка и питорескна атмосфера (Широк сокак е приказна за себе... 2003: 123), а секако
најавтентичниот белег на идиомот на ликовите е нивниот битолски говор, доследно
транскрибиран, малку понов и помодерен кај помладите ликови (братот на раскажувачот)
и поархаичен кај постарите (Стојан Козето). Дополнително забележливо среде сета таа
интензивност и натрапување кај раскажувачот да се заврши обврската на наоѓање и
испраќање на ѓонот како кондураџиски материјал – е дека тој самиот воопшто не зборува.
Не се брани или оправдува пред брат му ни за ненадејното доаѓање во Битола од Скопје,
не му одговара на долгиот монолог на телефон, не се ни обидува да објасни за
„секојдневните журки“ во станот што не ги прави... Тоа е еден извонредно збунет и
молчелив лик, речиси постојано исплашен. Па така, и говорот/идиомот на неговите
типично греимасовски противници, и молкот на субјектот раскажувач се прилично
индикативни и, ќе повторам, интензивни елементи на самиот расказ. Сметам дека во тоа
лежи иронијата на овој расказ: таа, како фигура на говорот, има вградена интенција да
направи читателот да се чувствува неудобно истовремено додека искусува задоволство од
текстот.
Михајловски, во веќе спомнатиот предговор кон збирката Раскази од шестиот кат, вели
дека кога пишува, авторот мора да биде свесен дека настаните и промените што се
случуваат во неговиот текст може да имаат големо влијание врз надворешниот,
автоматизиран, секојдневен свет. И дека токму тука лежи важноста на книжевноста:
таа тргнува од стварноста, има референти во неа, но кога ќе се оформи, влијанието не е
од стварноста врз книжевноста туку обратно, од книжевноста врз стварноста. ...во
која, да не заборавиме, живеат единствено читателот и авторот. Книжевните ликови,
за разлика од нив, живеат само во јазикот. (2003: VIII)
Имајќи го ова предвид, сметам дека Карел Чапек, Јарослав Хашек и Драги Михајловски се
исклучително свесни автори, во потрага по своите свесни (или освестени) читатели.

Користена литература

Примарни извори:

Михајловски, Д. 2003. Раскази од шестиот кат. Скопје: Каприкорнус.

Хашек, Ј. 2011. Шашави раскази. Скопје: Темплум.

Чапек, К. 2012. Раскази од другиот џеб. Скопје: Темплум.

Секундарни извори:

Владова, Ј. 2003. Читање на светската литература. Скопје: Македонска книга 2002.

Хашек, Ј. 1988. Предговор кон Доживувањата на добриот војник Швејк, книга прва.
Скопје: Наша книга.

Biti, V. 1997. Pojmovnik suvremene knjizevne teorije. Zagreb: Matica Hrvatska.

Konstantinovic, R. 2004. Filosofija palanke. Beograd: Otkrovenje.

Abstrakt na hrvatskom:

U središtu istraživačke pažnje ovog uradka su suptilizacije humoristično-ironičnih instanci u pričama


Karla Čapeka (Priče iz drugog džepa), Jaroslava Hašeka (Šašave priče) i Dragog Mihajlovskog (Priče sa
šestog kata). Niz usporedbu svjetonazora što ga nude ova trojica majstora pripovjedačke proze, preko
pripovjetke kao kratkog žanra, ovaj uradak razgleda elemente koji proizvode grotesku, ironiju, cinizam,
no, isovremeno, i veseo, autentičan smijeh, duhovitost, neozbiljnost, uopće, igru – sve neophodne
postupke književnog čuđenja. Autori izvanredno dočaravaju i kontekstualnu ironiju, kao i ironiju
prostora: u pripovjetkama veoma često smijeh nastaje zbog određene zbunjenosti hronotopa kojeg
naseljavaju likovi uljeza. Istovremeno, takav pristup pripovjedanju ukazuje i na genijalno razmišljanje
ove trojice autora, no i njihovo krajnje prefinjeno zaronjavanje u najbanalnije i najtragičnije probleme u
povijesti čovječanstva, nazvano smisao života. Naposljetku, predmet ovog znanstvenog rada bit će i
njihov jezik, poetika i žanrovska “rešetka” pripovjetke.

You might also like