You are on page 1of 7

Кочо Рацин

Коста Солев Рацин (1908 –


1943) е еден од најистакнатите
интелектуалци што ги дала Македонија
во периодот помеѓу двете светски војни,
но и воопшто. Најпознат е по својата
збирка песни „Бели мугри“, напишана на велешки говор, поради која се смета за
основоположник на современата македонската лирика и, воопшто, литература.
Со издигнувањето на велешкиот говор на рамниште на дијалект на којшто може да се
создава убава книжевност, тој се пројавува и како еден од стандардизаторите на
македонскиот јазик.

Рацин, сепак, е многу повеќе од само наш најдобар поет помеѓу двете светски
војни – неговата активност како истакнат работнички и комунистички деец е вградена
во неговата поезија и книжевност, воопшто.

Покрај тоа што се занимавал со поезија, Рацин има напишано и прозни и теоретски
трудови. Неговите написи за богомилите, за филозофот Хегел и неговите гледишта за
дијалектиката и за феминизмот претставуваат мошне револуционерни, напредни дела
за тогашната македонска културна и идеолошка средина. Пишувал и раскази, оставил и
еден недовршен роман, под наслов „Афион“. Блаже Конески, во својата студија
Богомилите на Рацин, вели: „Во Рацин имаме најиздигнат македонски народен
интелектуалец од неговото време, најкултурен наш човек. Тоа што го рекол и како го
кажал Рацин за богомилите не можеше да го постигне тогаш ниеден друг македонски
интелектуалец. Чест му чини на Рацин дека тој од обичен работник – грнчар, со упорно
самообразование, се издигна така високо.“

Живот и творештво

Коста Солев е роден во Велес, на 22 декември 1908 година во семејството на Марија и


Апостол Солеви. Притиснат од сиромаштијата и потребата од работна рака во
грнчарската работилница на татко му, во 1918 година е принуден да го напушти
редовното школување и да стане грнчар. Сепак, неговата желба за учење е голема и
тој продолжува да се самообразува (тој е автодидакт).

Во 1924 г. Рацин станува член на Сојузот на комунистите и набрзо се истакнува како


еден од најнадежни млади кадри на Комунистичката партија на Југославија во
Македонија. Поради ваквата своја дејност, тој повеќепати е испраќан како делегат во
Дрезден, каде што се запознава со авангардните, односно експресионистичките идеи
во уметноста и, посебно, во поезијата. (Во Дрезден се јавува една од првите уметнички
групи кои го втемелуваат експресионизмот.)

Своите први песни ги пишува во 1928 година. Од таа година датира неговата
младешка љубов кон Рахилка Фирфова (Раца), која го инспирира да ги напише своите
љубовни стихови со крв и мастило на 31 дописна картичка, „Стихови и дописки до
1
Раца“, како и стихозбирката „Антологија на болката“ останата во ракопис. Овие први
негови збирки поезија се објавени постхумно. Тој ги пишувал на српскохрватски
јазик, јазикот на којшто се школувал, а некои од песните се пишувани со неговата
сопствена крв која ја мешал со мастилото. И двете збирки се пишувани во духот на
експресионизмот, со сите поетички, стилски и јазични начела на ова движење.

Покрај поезијата, Рацин интензивно пишувал и подолги лирски творби, како што е, на
пример, силната експресионистичка поема „Огномет“, раскази и статии, а во неговата
книжевна оставнина е пронајден и недовршениот ракопис на романот „Афион“.
Неговите песни, раскази и статии биле објавувани низ периодичните списанија во
тогашната Југославија, главно под псевдоним. И самиот бил уредник на месечно
списание, „Искра“, кое излегло само во два броја. Поради оваа своја дејност, Рацин е
уапсен, осуден на 4 години робија и испратен во затворот во Сремска Митровица, каде
што останува само околу една година бидејќи е помилуван.

Интересот на Рацин за богомилите произлегува од дуалистичкиот принцип на


нивното учење: вечната борба на две еднакви противречните сили, доброто и злото, а
оваа борба на противречностите е основа на експресионистичкиот поглед на светот (со
тоа, богомилите се еретичко учење во однос на православното христијанско учење, кое
е монотеистичко, односно верува во апсолутната моќ на една сила: Доброто, односно
Бог; богомилите се и против инстутиционализирањето на религијата.) Според Блаже
Конески, пак, нешто друго уште повеќе го привлекуваше Рацин кон изучувањето на
богомилското движење. Тоа беа социјалните елементи што се содржеа во богомилската
наука, проповедта против приватната сопственост и мечтата за општество каде
што луѓето ќе живеат во братска заедница.

Клучната збирка Бели мугри, не само за Рациновото творештво туку и воопшто за


современата македонска поезија и нејзините текови, излегува во 1939 година,
отпечатена во местото Самобор во близина на Загреб, во печатницата на
Драгутин Шпулер. Таа содржи 12 песни напишани на велешки говор, со силни
експресионистички елементи и социјални мотиви. Поетички, збирката е блиска до
народната матрица, до фолклорното творештво, а стиховите се испеани на родниот
говор на Рацин – велешкиот дијалект. Во таа смисла, спрегата меѓу содржината и
јазикот кај Рацин ја направиле оваа збирка прецизна и остра како нож. Читателите
веднаш ја почувствувале искреноста и силината на поетскиот сензибилитет на Рацин во
неа. Била испечатена во 4.000 примероци, кои се растуриле по цела тогашна
Југославија и во Пиринска Македонија. Се раширила извонредно брзо низ сите краишта
на тогашната држава, а читателите ја пречекувале гладно и со раширени раце од
повеќе причини: нејзината прогресивност и по содржината и по јазикот на којшто е
напишана не можела да остане без силен одѕив.

Во пролетта 1943 година Рацин заминува во партизани, во одредот „Кораб“. Станува


уредник на партизанскиот весник „Илинденски пат“ и подготвува две збирки на
македонски народни песни. Но, не го дочекува ослободувањето. Набрзо, вечерта на 13
јуни 1943, додека се враќал кон партизанската печатница на планината Лопушник,
Кичевско, Рацин бил смртоносно застрелан од стражарот што го чувал пристапот кон
печатницата. Денес постојат две верзии околу неговата смрт. Според првата, се работи
за несреќен случај: поради вродената наглувост Рацин не го чул повикот на стражарот

2
да застане и да се идентификува, по што овој го истрелал смртоносниот куршум.
Според втората верзија, тој е намерно убиен.

Секоја година во јуни во Велес се одржува традиционалната поетска манифестација во


чест на Рацин, Рацинови средби.

Влада Урошевиќ: Смртта на поетот

„Стој!“ в самрак викаат стражи.


Но поетот и натаму низ шума оди.
Пукот. Пад. Кошула што наеднаш се влажи.
И потоа врз сè течат води.

Течат води, брегови рушат.


Потоа рекле: глув бил поетот.
Не: поетот нечујни гласови слушал.
Глуви се сите стражи на светот.

3
Експресионизам (почеток на 20.век)
лат. expressio – израз, татковина: Германија (Западна Европа)

Експресионизмот првично се јавува во ликовната уметност.

Едвард Мунк Вресок

Ова движење ги напушта рамките на група, школа или правец во


уметноста и формира состојба на духот во времето во кое активно постои, па и
потоа. Експресионистичкото влијание е видливо и во архитектурата, музиката и
кинематографијата, а се одразува и врз текот на општествено-политичките
случувања за време на втората и третата деценија од 20.век. Новиот Sturm und
Drang, како што го нарекуваат некои теоретичари, настанува во силен судир со
својата средина, од којашто впрочем и се изнедрува: тоа е Германија пред
Првата светска војна, територија „преполна со духовни противречности, на која
заедно постојат отменоста и варварството, демонското и невиното, и каде што
’културата‘ не секогаш се вклопува во ’цивилизацијата‘“ (Г. де Торе, Историја
на авангардната книжевност).

Автори ПРЕТХОДНИЦИ на експресионизмот:

 Ниче - германски писател, една од најконтроверзните личности во


филозофијата. Тој тврди дека моралот на граѓанското, конзервативно
општество е прикриена, закамуфлирана волја за моќ. Според него, зад моралот
стојат три сили: инстинктот на несреќните против среќните, инстинктот на
слабите против силните и инстиктот на просечните против исклучоците. Ниче
смета дека слабите, просечни и несреќни луѓе во своја близина не поднесуваат
среќни, силни и натпросечни. За да можат да се спасат од својата безличност,
тие го измислиле моралот и се скриле зад него. Ф. Ниче ја заговара идејата за
експресивниот човек, екстатичниот и дионизиски тип на човек, суштинскиот
човек – титан, човекот со силна волја, што се стреми да го реши својот
однос со космосот.

 Шопенхауер - германски филозоф, голем песимист, духовит


писател, мизантроп, женомрзец... Спротивно на Лајбниц, Шопенхауер
заклучува: „Овој свет е најлош од сите можни светови.“ Овој свет е пекол,
огромна кланица, а да се биде значи да се страда. Сите добродетели, според
него, се всушност прикриен егоизам. Шопенхауер вели: „Светот е мојата
претстава за него.” Значи - светот е таков каков што јас мислам дека е. Тој
поаѓа од Јас, смета дека тоа „јас” е извор на сè и затоа е субјективист.

 Таков е и холандскиот филозоф Керкегор („Дневникот на


заводникот“, тоа е неговата книга во која е застапена неговата филозофија на
4
егзистенцијализмот). Според Кјеркегор, човекот се приближува до
спознавањето на својата егзистенција во т.н. гранични ситуации, како што е
чувството на страв, безизлез, криза. Стравот, за Кјеркегор, е чувство кое го
обзема човекот кога се соочува со празнината на својата егзистенција. Оттука,
стравот е израз на човечкото совршенство. Кој научил да чувствува страв, тој
научил најмногу. Што е поинтензивно чувството на страв, толку човекот е
повозвишен. А токму стравот, во најразличен облик, е доминантната
преокупација на експресионистичката душа.

Меѓутоа, Кјеркегоровото сфаќање на животот, не оди до краен


песимизам. Наспроти песимизмот и аскетската пасивност на Шопенхауер,
Кјеркегор одлучно ја нагласува потребата од човекова активност. Стравот, во
крајна линија, треба да побуди револт и активен став. Во таа смисла,
Кјеркегор, сосема се согласува со експресионистичкиот поглед на светот.

 Двајцата лекари С.Фројд и К.Г.Јунг, претставници на


психоанализата, тврдат дека човечката душа е зона на несвесното, дека е
преполна со спомени од најраното детство на човекот, но и од најраното
детство на човештвото воопшто.

КАРАКТЕРИСТИКИ:

Експресионизмот како уметнички правец се распламтува како реакција


на Првата светска војна и на Октомвриската револуција од 1917 год. (со неа на
светската сцена се појавува социјалистичкото општествено уредување), но
неговите почетоци датираат пред овие големи настани во светската историја,
во некаква предвидувачка (антиципирачка) смисла.

Наспроти големата верба во разумот, во цивилизацискиот и


технолошкиот развој во претходниот век, Првата светска војна ја изнела на
виделина сета лажност на таквите убедувања, ја покажала крајната анималност
и примитивност на човештвото. Експресионистите се песимисти во однос на
развитокот на човештвото и предност им даваат на своите внатрешни
расположби, на песимистичките чувства и разочарувањето. Тие
техниката ја доживуваат како пречка за моралниот напредок на човештвото и
како потенцијална причина за војната. Иако техниката го олеснува животот,
таа ја поттикнува и експлоатацијата врз човекот, предизвикува отуѓеност и
заладување на односите меѓу луѓето и народите. Интересот за социјалните
теми е една од најчестите преокупации на експресионистите.

Воопшто, крајот на 19. почетокот на 20. век, а особено Првата светска


војна, експресионистите го доживеале и како крај и уништување на светот. Но,
наспроти овој краен песимизам се раѓа и една верба во раѓање на еден Нов
Свет, на ново братски обединето човештво, како раѓање на Новиот Човек,
центар на космосот.

5
Овој начин на мислење сосема одговара на митското мислење, според
кое сè во универзумот минува низ еден космички циклус: се раѓа еден свет,
полн со хармонија, светлина, изобилие и човечност, овој свет постепено се
деградира (пропаѓа) и конечно се (само)уништува (со апокалипса), но по ова
се раѓа еден нов свет на хармонија, изобилие... И така во круг.
Експресионистите стравуваат дека доаѓа крајот на светот (Првата светска војна
многу наликувала на апокалипса), но и се надеваат дека потоа ќе се роди нов,
поправеден свет.

Значи, експресионизмот се колеба меѓу две крајности (две противречни


чувства): страв и надеж. Стравот предизвикува чувства на болка и
безизлез. Овој страв и болка толку се насобираат, што на крајот експлодираат
во крик (затоа има толку извици низ поезијата на експресионистите). Но, со
ослободениот крик се ослободува и бунтот и револтот, надежта и вербата
во промени, односно во повик за револуција:

Сфативме колку човештвото станало невозможно откако се ставило во


целосна зависност од своите дела, од својата техника, статистика, трговија,
индустрија, од својот скаменет социјален поредок. се обидовме да го
спасиме, да го разбудиме она што останало човечко во човекот, вели Курт
Пинтус, еден од првите теоретичари на движењето.

Кризата и катастрофата – изразени јасно или низ симболи – доминираат во


голем број експресионистички дела, кои за овие настани говорат со патос и
страст. Сето ова постои во силно експресионистички обоената песна на Кочо
Рацин, Огномет. За неа, нашиот поет и критичар Влада Урошевиќ вели: Во неа,
од зачмаеноста и мртвилото што владеат во еден призрачен предел на
згаснатата машинска цивилизација се крева екстатичен повик за започнување
на новиот круг на биолошкиот, на општествениот и на космичкиот процес на
постоење.

Експресионизмот е социјално ангажирана, анархистичка уметност: повикува


на општочовечка револуција. Крвта и црвената боја на светскиот пожар и
револуцијата се доминантни. Истовремено таа е и антимилитаристичка и
космополитска: човечкото братство е опсесивна тема, во услови на разединета
Европа, во политичка и економска криза, со подем на тоталитаристички
режими, кои ќе бидат судии и џелати на експресионизмот.

Експресионистичките поети се обидуваат да создадат лирика која ќе биде


пацифистичка (мирољубива) и наднационална. Тие веруваат дека
лириката го содржи она што обичниот, секојдневен човечки јазик не може да го
искаже. Поетите на експресионизмот биле радикални, екстремни во своите
сфаќања; нив општеството ги сметало за недисциплинирани, избувливи,
непослушни, дури и криминалци, а биле нарекувани и „збунети и збркани
боеми“.

6
Нивната поезија уште се смета за декадентна и нихилистичка.
Експресионистот се надева дека човекот може повторно да се соедини со
космосот, дека може да го контролира, но и се плаши дека човекот, ако
продолжи вака, многу скоро ќе си ја уништи сопствената иднина. Оттука,
надежта и стравот се две централни точки во експресионистичката поезија.

Навлегувајќи во сфери што му се далечни на реалниот свет, во


вокабуларот на оваа поезија многу често се присутни апстрактните поими: Дух,
Бол, Крик, Ужас, Стварност, Разум, Битие – и тоа напишани со голема буква.
Тоа го отвора и прашањето за интерпункцијата во нивните песни: неа или
воопшто ја нема, или се состои, пред сè, од извичници, од точки (повеќе
точки), од тиреа (цртички), така што сето тоа доведува и до визуелен впечаток
за растргнатост на песната, испрекинатост на стиховите, испокинатост на
единственото ткиво на песната. Крикот, на пример, не се внесува само како
поим, туку и честата употреба на извичникот го сугерира тоа. Тој крик, пак, е
логична последица на стравот. Еден норвешки сликар на експресионизмот,
Едуард Мунк, автор на сликата „Крик“, за нејзиното настанување кажува: Бев
уморен и болен...почувствував како во природата јачи врескот; ми се причини
дека го слушам тој врескот. Таа слика ја сликав, насликав облаци како
вистинска крв. Боите врескаа.

Во експресионизмот доминира црвената боја, како боја на крвта и


револуцијата, но и боја на цветот на афионот, познат како растение од кое се
добиваат халуциногените супстанци.

Во експресионистичката поезија постои и ефектот на синестезијата,


стилска фигура која доловува еден вид т.н. „мешање на сетилата“: се слушаат
бои, се гледаат мириси и сл., како во примерот со сликата на Е. Мунк: „Боите
врескаа“, вели тој.

Опсесивни теми за експресионистите се: болеста, болницата, смртта,


земјотресот, распаѓањето, војната, револуцијата, сеопштото човечко братство,
рудникот, фабриката, градот... Експресионизмот е урбана литература; во него
се пее за тротоари, за контејнери, за сиви градски улици.

И на крај, експресионистичкиот поет си задава улога на пророк: да


осознава, да разбудува, да побунува, да води, огорчено и непомирливо борејќи
се против сè што е утврдено, граѓанско, просечно и ограничено.

You might also like