You are on page 1of 6

3.

дел: ПОЕЗИЈА

В. УРОШЕВИЌ (1934, Скопје) – РИЗИЦИТЕ НА ЗАНАЕТОТ


Збирката е објавена во Скопје, 1993 година. Речиси целосно е исполнета со
програмска поезија, односно со песни кои ја промислуваат поезијата како дејност,
улогата на поетот во пренесувањето или „олеснувањето“ на комуникацијата меѓу
универзумот и човекот. Урошевиќ е автор кој ја сфаќа поезијата и како игра, како
бесконечна низа од детски прашања со кои го спознаваме тој универзум или
барем се обидуваме да ја насетиме неговата смисла. Дел од песните во збирката се
имплицитно програмски, а експлицитно или појавно – интертекстуални:
комуницираат со творештвото на претходниците на кои се повикува авторот: Кочо
Рацин, Блаже Конески, Константин Миладинов, Богомил Ѓузел, Федерико Гарсија
Лорка.

ПОЕТОТ ОДГОВАРА НА АНКЕТАТА „Што е за вас поезијата?“

 Дефиниција на поетскиот „занает“

 Визуализација на процесот

Песната има мошне необична, слободна структура, речиси како поезија во проза.
Таков е и нејзиниот наслов. Таа е слободна, необврзна поетска слика на поетовата
работна соба, неговата писателска лабораторија во која тој има мачна задача да
одговори на едно клишеизирано прашање. Поетската слика е, всушност, алегорија
на писателскиот занает, на сета слоевитост и поврзаност на една уметничка
активност која вообичаено ја сметаме за слободна и незауздана со некои тајни, но
строги закони на меѓугалактичкиот простор. Песната е, од една страна, ослободена
од интерпункција, од друга – има „вишок“ интерпункциски знаци што
функционираат како графостилеми. Таа содржи и епски и драмски елементи,
расказност, но и дијалог меѓу поетот и критичарот. Во овој дијалог се крие и идејата
за неопходноста на критиката во целиот процес: за поезијата и, воопшто, уметноста
да биде продуктивна и квалитетна, критичарот, односно читателот, е еднакво
клучна „алка“ како и самиот автор.

 Поезијата е една апстрактна соба во која летаат вистински муви

 Зошто е потребна критиката?

Како можеме да го толкуваме одговорот до којшто доаѓа поетот, дека Поезијата


е една апстрактна соба во која летаат вистински муви? На повеќе начини, од кои
еден е дека поезијата е дестилирана „апстракција“ на стварноста, во која летаат
вистински муви, гладни ластовици, постојат збунети автори или прозаични
прашања. Сè во поезијата е конкретно, таа е составена од конкретни „состојки“ - во
песната наречени муви – но самата таа е префинета естетска активност што, само
по себе, е апстрактно. Поезијата е апстрактен свет, како што вели критичарот во
песната.

1
Песната е програмска, таа „ѕирнува“ зад тајните врати во кои живеат и создаваат
писателите и го следи нивниот мачен „занает“, со сите ризици, авторски блокади,
недоумици и ќорсокаци.

СОСЛУШУВАЊЕ НА ПОЕТОТ

 Административно обоени стихови, контрадикторност

Ова е циклус што се состои од 12 поединечни песни, секоја од нив поврзана со


следното продолжение на „сослушувањето“ на поетот, една суштински
контрадикторна синтагма. Вообичаено, во институциите на системот, како што гласи
клишето, се сослушуваат осомничените, престапниците, обвинетите, но не и –
поетите. Поетите се потпросечни смртници, маргинализирани и безопасни, како што
вели самиот автор во говорот „Зошто да се пишува поезија денес?“ – поетот е
обичен граѓанин со малку необична професија.

Првата песна од циклусот започнува сувопарно и крајно бирократски:


Име? Презиме? Татково име? итн., за веднаш потоа сослушувачот да започне да ги
реди своите бизарни прашања, метафорични и загадочни, а сепак толку
заканувачки и, би рекле, дури воинствени:
Барам одговори брзи и кратки.
Кој ги убива ѕвездите в шума?
Или:
Ние сè знаеме за вас.
Кој ги спојува рудните жили?
Кој ноќе тајни знаци му дава
На подивениот морски прилив?

Песните се структурно мошне едноставни и конвенционални: хомострофични,


секоја со по 4 катрени со вкрстена рима и врзан стих. Интонациски тие се целосно
испеани во вид на прашање, во едно извикнато љубопитство на прашувачот,
наизглед опасен и насилен, но всушност не толку површен трагач по значењата што
ги создаваат поетите:

Дали под зборот „пламен“


не подразбираат всушност „книга“?
Дали не значи зборот „камен“
во некои случаи „тигар“?

 Кој прашува?

 Суштината на поставените прашања

Оттука, несомнено е дека сослушувачот е, всушност, читателот. Тој, вечниот


соговорник на секој автор, е оној којшто прашува, потпрашува, љубопитствува,
разоткрива и разголува. Читателот е дете коешто, преку прашањата, сака да го
научи светот. Вечното „зошто“ му е постојано на усните и со тоа не му дава мира на
авторот, кој, најпосле, не го ни бара тој мир, зашто и тој, како и неговиот читател,

2
сака да учествува во најубавата од сите игри – онаа што си е доволна самата на
себе.

 Метафоризација

Циклусот е полн со метафори и со необични поетски слики, некои и до степен на


натприродност и фантастичност:
Бесмислено е да се браните.
Зошто сте ги пуштиле од библиотеките
земјотресите и вулканите?
Зошто сте ги ослободиле реките

да потечат надвор од мапите?

 Космополитска димензија на поезијата

Постои една мошне едноставна идеја во тежиштето на овој циклус, стара колку и
уметноста: дека авторот, обвинет или не, е творец, креатор, создател, демиург,
прапочеток и праизвор на сè.

ОДГОВОР НА ПОЕТОТ

Песната Одговор на поетот може да се чита самостојно или како 13. песна од
циклусот. Во неа, повторно низ четири едноставни катрени, се јавува лирскиот глас
на поетот ex machina, надмоќен во однос на тоа дека ги има сите одговори на
прашањата на своите „сослушувачи“, дека всушност и однапред ги знае тие
прашања, дека е недопирлив и недостапен за „правдата“ на овоземниот свет. Три
односи се наметнуваат од песнава:

 Поетот и неговиот јазик

Јазикот е природната средина на поетот, неговиот основен елемент. Поетот токму


преку јазикот ја креира својата уметност и таа постои во јазичниот медиум со сите
значења што може да се изнајдат, и буквални и преносни. На пример, во песната се
вели:

За вас: лета птица. За мене: се сели остров.

Тоа се две поетски слики еднакво валидни и вистински, рамноправни и автентични,


но слики кои изразуваат различни перспективи. Едната е секојдневна, мнозинска и
можна, логички прифатлива; другата е паранормална, индивидуализирана и
логички неиздржана. Сепак, ниедна од нив не ѝ е подредена на другата.

 Поетот и знаците, променeтoто значење

Мојот верен сојузник е променетото значење, вели поетот во својот одговор. Но


значењето не е само променето, тоа е антонимно. Тоа е дијаметрално спротивно на
основното значење со кое комуницираат не-поетите и не-читателите:

Кај што пишува „осуден“, јас читам „слободен простор“.

 Поетот и неговата слобода

3
Токму од концептот на слободата се создава целата естетска активност наречена
игра и поезија. Невозможно е авторот да биде покорен, затворен или убиен, зашто
неговото физичко постоење е продолжено и растегнато низ простор-времето. Тоа го
покажува последната строфа од песната.

ЦИКЛУС „ПОСВЕТИ“

 Интертекстуалност

Интертекстуалноста, како врска меѓу два текста во кои едниот/новиот го повикува


присуството на стариот на некаков начин, Урошевиќ ја остварува преку
парафразирање или, едноставно, референцирање на автори кои ги смета за блиски.

СМРТТА НА ПОЕТОТ

 „Глувоста“ на стражите наспроти слухот на поетот

Низ фрагментарен, телеграфски пристап во градењето на синтаксата на стихот


(Пукот. Пад. Кошула што наеднаш се влажи.), Урошевиќ посветува песна на/за
контроверзната смрт на Кочо Рацин. Иако навидум неговата ирониска острица е
вперена кон неуверливата официјална верзија за несреќното, случајно
застрелување на Рацин, во песната всушност како да се поставува прашањето дали
смртта на еден поет е воопшто можна. Па така, и оваа песна може да се чита како
логично продолжение на некои од навестените идеи во претходната „Одговор на
поетот“.

Што значи глувоста на стражите наспроти изострениот слух на поетот? На пример,


тоа би можело да значи дека стражарите и поетот живеат во различни светови и
дека тие едноставно никогаш нема да се разберат; дека стражари има многу и тие
се просекот, медиокритетите, мнозинството на овој свет, а поетот е еден, осамен,
безимен и непослушен – дури и во коренот на овој збор, непослушен, се содржи
значењето на „оној што не слуша“. Поетот живее во својот свет со свои правила,
неговиот слух е изострен, но за некои други фреквенции, од други светови.

ЛОРКА; СТРЕЛАЊЕ

Оваа идеја, речиси идентична, се јавува и во песната Лорка; стрелање,


особено ако се земе предвид трагичната сличност во судбината на Рацин и на
Лорка, нивната заедничка идеологија, авангардноста, различноста по некои основи
и контроверзната смрт од фашизоидни системи.

Поетот, Лорка, е гонет. Тој е прогонуван до изнемоштеност од своите непријатели,


во времето на крв и одмазда, како што се вели во песната. Чувствува: го следи
омразата/зашто е инаков, зашто не е како сите.

Познато е и од биографските податоци за Федерико Гарсија Лорка, големиот


шпански поет, револуционер и драматург, дека бил бестрашен, дека флертувал со
смртта; дека се вратил во родната Гранада иако било извесно дека ќе го убијат,
дека му пркосел на режимот на Франко по многу основи: како комунист, уметник,
атеист, бисексуалец. Неговата смрт е трагична како и Рациновата; уапсен е и
стрелан во 1938 година и затрупан во масовна гробница:

4
Насилно будење. Пред денот да е самнат
го изведуваат. Камионот запира во дол што се вика Волчи.
Пукот. Паѓа, изедначен со другите, во заедничката јама.

Песната е напишана со стилската постапка анжабман, фигура во која синтаксата


на стихот е таква што реченицата/мислата како целина го пречекорува стихот, таа е
подолга од него.

НОЌНО СОВЕТУВАЊЕ ЗА ЈАЗИКОТ

Песната му е посветена на претходникот и професорот на Урошевиќ, Блаже


Конески, како лингвист и поет. Во неа, низ шесте катрени со подолги стихови и
вкрстена рима, авторот создава една фантазмагорична атмосфера на „тајна вечера“
в шума, во која сите го бараат рецептот на тајниот еликсир на поетскиот јазик. Тоа
е јазикот на магијата и мантиката, пра-дејноста од која потекнува поезијата и
нејзината привлеченост кон непознатите зборови и заумниот, метафизички код. Низ
песната провејува уверувањето дека јазикот на поезијата не е секогаш вербален,
туку тоа е и „јазик ластовечки“, „ноќна граматика“, јазикот на шумата, на
месечевите мени.

ПОЕТИКА

 Проширена компарација: поетот и зборот (јазична акробатика)

Поетика е песна токму за „ризиците на занаетот“. Низ првите три строфи се


дадени поетски слики на високоризични професии или хобија: акробатика,
алпинизам или пилотирање, за во последната строфа да се сведат на несреќниот
„екстремист“ во јазикот, поетот што си ја крши главата од сопствениот збор.

Кој е тој збор што ќе го обезглави поетот? Тоа е оној погрешниот, натрапничкиот,
излитениот и банален збор. Единствено таквиот збор е забранет и изгонет од светот
на поезијата, а поетот е препознатлив по својот стил на творење (својата поетика)
не само преку зборовите што ги користи, туку и преку оние кои ги избегнува.

ПОЕТ ВО СЕВЕРНИТЕ ПРЕДЕЛИ

Песната, како и двете песни од циклусот Сонцељубиви на Г. Тодоровски


(една посветена на Жинзифов и една посветена на Мисирков), не може да се чита
изолирано од биографскиот контекст за најпознатиот претставник на македонскиот
романтизам, Константин Миладинов. Токму затоа, како поднаслов, Урошевиќ дава
извадок од едно известување, како што се вели, дека К. Миладинов стасал во Русија
зимата 1856 година, облечен бедно, не за зима.
Токму овој цитат станува рефрен во песната. Урошевиќ ретко користи рефрени низ
песните, но овде го има, и како стих што создава ритмика, и како стих што содржи
метафора. Поетот е аутсајдер и натрапник во новата, пристојна граѓанска средина,
тој е дојденецот што не припаѓа таму и неговата „необлеченост за в зима“ е
5
всушност неговата различност. Во песната се јавуваат и експлицитни (Среде
ветришча и виулици), но и имплицитни алузии на носталгијата, елегичноста и
копнежот на скромниот и туберкулозен Миладинов, кој само таков и можел да
напише песна како „Т’га за југ“ (несвикнат никогаш на суровата клима...).
Интертекстуалноста овде не е само директна, меѓу поезијата на Урошевиќ и
онаа на Константин Миладинов, туку и индиректна, меѓу делото на авторот и
народното творештво, како и творештвото на романтизмот или ренесансата,
олицетворено во Зборникот како синегдоха, во спомнувањето на Мандељштам или
Петрарка.

Во книгата разговори со Влада Урошевиќ, Огледало за загатката, се јавуваат две


важни места низ чијашто призма може да се зборува и да се промислува поезијата
на овој автор:

- Зборот е една апстрактна работа. И второ, зборот е во сечија употреба, на


сите нас. И тоа во различна употреба. Постојат зборови кои се ужасно
изветвени и кои ја изгубиле својата врска со предметниот свет. Писателот,
особено поетот, мора секогаш да најде такви зборови и, што е многу почесто,
такви споеви на зборови, кои во себе ќе ја носат својата првобитна сила. Тоа
е проблемот на пишувањето поезија, нели. Денес, со слободниот стих, кој
секому му дава можност да пишува стотици и стотици стихови дневно, мене
сè повеќе и повеќе ме плаши таа инфлација на вредноста на зборот и поради
тоа честопати прибегнувам кон некој вид на нивна специфична употреба. ...
Да се најде вистинскиот збори да се стави на вистинското место, тоа е
идеалот на секој поет. Но, како тоа да се оствари е огромен проблем. За
мене, во поезијата особено, системот од зборови од кои се состои песната
мора така да биде составен што читателот да има впечаток дека тоа на друг
начин никако не би можело да се каже. ... Веќе кажав, или можеби сум го
презел тоа од некој автор, можеби од Борхес, дека мојот идеал, особено кога
пишувам песна, е да маправам песна која ќе изгледа како цврст предмет.
Како еден предмет изработен во јазикот. Ми се чини дека Борхес вели –
како еден убав нож. Јас би рекол, како некаква убава совршена кутија.

- Секогаш во творењето има нешто од играта. Мислам дека ако се загуби


играта и хуморот, желбата за создавање изненадување, доаѓаме до еден
стадиум кога уметноста станува премногу сериозна, подобро речено,
премногу патетична. Определен број наши поети пишуваат во еден став на
живи споменици. Тие заземаат поза на народни водачи, излеани во бронза,
кои стојат во некој парк и кажуваат зборови кои звучат понекогаш премногу
официјално. Понекогаш ми пречи што кај определен број македонски поети
нема повеќе иронија, самоиронија, една извесна доза на неверување во
навистина премногу значајната мисија на поетот. Денес патетичната поза на
поетот како голем пророк, некаков народен водач, искажувач на големи
вистини, е демодирана. Таа кај нас сè уште постои, а инаку во светот поетот
сè повеќе сфаќа дека е отфрлен на маргините на општеството и неговиот
хумор, може да се рече, е неговата мала одмазда кон таквиот став на
општеството.

You might also like