Professional Documents
Culture Documents
Поетот и симболот
Одамна е позната вистината дека поетската слика може да содржи антиномични
претстави. Вистина е исто така дека поетската слика на Ацо Шопов има најмалку
aнтиномичности зашто поетот ги усогласил нејзините значења со можните толкувања.
Во вториот катрен на песната „Утеха“ сублимно е изразен цел филозофски трактат за
дијалектиката. Во таа смисла дрвото, често е симбол, визуелен детаљ врз кого Шопов
јa гради својата поетска слика (во песната „Во секој град“ поетот посакува да стане
маслина и да „гладува за невозможноста“). Овој симбол како да му овозможува
најголем број поетски иновации, најдаровита форма на кажување и најадекватен спој
на мислата и сликата, на емотивното и рационалното. По свежината и опфатноста
што ја нуди, „Утеха“ е една од малубројните песни погодна да го искаже поетовиот
етички и филозофски систем, колку што го има кај Шопов.
Четвртата песна на „Небиднина“ посветена ѝ е на мошне суптилната идентификација
на поетот и симболот:
Стебло што самееш на ридот,
мако во ровка земја,
кој ти ги даде моите очи
што зреат во сонот на твоите лисја.
Погледу зелен, зелено вишнеење,
кој нѐ осуди на исто бдеење.
Персонификацијата уште понепосредно е остварена во песната „Август“.
Иако „заминувањето“ е најчест збор во овој круг песни (така почнува песната „Улица”),
би можело да се рече дека на поетските патувања на Ацо Шопов најсвојствен збор би
им бил – „пронајдокот“. До нови пронајдоци поетот доаѓа по осамувањето и
поистоветувањето со природата, со процесите во неа („Илузија“).
Поетот често ги слика разновидните расположби, понекогаш спротивставени. Тоа е
нормално човечко реагирање на појавите во човекот и во природата. Во тој контекст
треба да се објасни новиот симбол на Ацо Шопов – тишината! Често занимавајќи се
со непостоечкото, поетот избира такви визуелни претстави, кои иако од светот на
реалните, дејствуваат аптстрактно (играта на светлината во водата во „Деветта
молитва на моето тело“. Мотивот се пренесува од песна во песна, дури и
дискунтинуирано, зашто многу песни донесуваат мноштво нови мотиви и
реминисценции („Небиднина“, „Долго доаѓање на огнот“) додека не се создаде
проширена симболика во песната „Златен круг на времето“:
Старинска ѕвездо, ѕвездо на пророци и чуда, –
распрсни се во стихот, потони во најдлабок збор,
додека трае во крвта оваа светлина луда
овој подземен оган, овој непрегор.
На досегашните симболи приклучени им се нови (црно сонце, оган, светлина и крв), а
во разгранувањето (тематско, мотивско и стилско) сепак се покажува дека е мал
бројот на опседнати мотиви кај Ацо Шопов, дека тој им се враќа без оглед во која
фаза на поетската еволуција се наоѓа. Аналитичарот ја следи нивната метаморфоза
(„Тажачка од онаа страна на животот“, „Август“, една од најубавите и најцелосни песни)
додека не ја пронајде, повторно, го следи поетот што е во постојана потрага по
вистинскиот збор:
Кај исчезна зборот што семожен те бара
да заѕвечи во тебе како златна пара.
Водата се враќа во фреска на ѕидот.
Со неа изборот и пламенот на ридот.
(„Езеро крај манастирот“)
И по инспиративниот поттик и по тематиката, оваа песна е сродна со песната
„Ангелот од Света Софија“ на Блаже Конески. Како и двете да ги покажуваат
антологиските страни на македонската современа поезија која се раѓала во допирот
со фреско-сликарството (природен продолжеток на цитираната песна на Ацо Шопов
е: „Ноќ над езерото крај манастирот“). Се соединува лакот меѓу творците, без оглед во
кое време создаваат, се зацврстува нововоспоставената врска, како во поентата на
песната „И уште еднаш црно сонце“:
О црно сонце, огну на есента касна,
светлина капе врз нас од ѕвезда што одамна згасна.
Во овие песни се одразува заедничкиот дух на медитеранската култура, на што инсистира
Конески тврдејќи дека и покрај блискоста со поезијата на Есеннин, повеќе влијание на
македонската поезија имал Лорка, зашто во неговата поезија се одразува медитеранската
култура и подлабоката сродност на двете медитерански поезии.
Во последниот циклус „Африкански мотиви” сочуван е поетоиот континуитет на
интересирања. Првата од песните, во манирот на Шопов, посветена ѝ е на
симболиката дрво. Сликата е соопштена со сугестивноста на описот кај Растко
Петровиќ. Баобабот ја презема симболиката на дабовите во нашата поезија. Од него
избива елементарна сила, додека „сушата во последниот дамар му чука“. Во последниот
збор, односно реченица, дрвото е изедначено со татковината, зашто е заштитник и
симбол на силата, постоењето, стоицизмот, траењето. Овде Шопов ги нашол сите
атрибути на своето поднебје, на дејството само привидно е дислоцирано, по деталите
и амбиентот кој привлекува со својата егзотика, додека со истоветна сила се
пренесуваат основните значења на родното поднебје.
За што и да пишува Шопов, во крајна консеквенца сѐ се сведува на македонскиот
амбиент и на македонскиот човек, како универзум. Посебноста на паралелата се
гледа во спротивставеноста на небото и земјата, земјата која со луѓето – е еден
единствен дел, и од втора страна – небото, далечно, недостижно, и рамнодушно, гола
празнина. Дождот што го нема, станува нов симбол на животот и животноста. Тој има
и трансцедентна смисла, како еманација на доброто („А со изгревот на сонцето како
изгрев од раните на земјата“).
Жената во африканското поднебје е симбол на плодноста, убавината (маѓија на
убавината) и продолжувач на животот. Химнички е интонирана песната „Во сонот на
црната жена“. На прагот од опасноста своето одушевување од другиот и поинаков
амбиент да го обои со сентименталност и конвенционална патетика, Шопов не само
што ја надминал таквата опасност, туку често досегнува виртуозност во
транспозицијата на животната градба (оној дел што го лиризира и осмислува), а и
својата поетска слика, несекојдневно сугестивна, ја хуманизира на начин што може да
послужи како модел во интернационализацијата на поетските мотиви (сличен обид
наоѓаме и кај Матевски, во циклусот „Откривање на пустината“. Тоа истовремено
покажува дека не е во прашање куртоазен гест, туку длабоко преживеана и
почувствувана бура, немир што донесува зрели плодови во алхемијата на зборот:
Сега разбирам зошто не успеав да ти испеам ниедна песна,
зашто самата си песна над песните.
–– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– –– ––
Луно, црна луно,
незарасната, неизлечена рано,
неусетно паѓам и тонам во твојот сон
како афричко сонце во океанот.
(„Во сонот на црната жена“)
Се обновува праисконската слика на светот. По многубројните страдања, обновата на
животот ја симболизира играта на голата жена во транс – „од радост излудена“.
Животот започнува одново во непрекинливата игра на обновувањето:
Дожд врне и чудни приказни плете
како раѓање и плач на прво дете.
(„Жена во ивернажот“)
Не е ли таа повеќестрана симболика истовремено и симболика на самата поезија, на
нејзиното израснување од сентиментално-романтичниот до целосно реалистичкиот
миг на стварноста?
________________
1. Освен на споменатите, Шопов е автор на : Стихови за маката и
радоста (1952), Слеј се со тишината (1955), Ветрот носи убаво
време (1957), Небиднина (1963), Јус-универзум (1969) и Гледач во пепелта (1970)],
како и на поетските избори: Песни (1963), Раѓање на зборот (1966), Избор (1968)
и Песни, Народна книга, Белград, 1974, — на македонски и српскохрватски јазик,
избор и поговор Георги Старделов, кој исто така го има подготвено Изборот во
1968; превод и препев на Сретен Перовиќ]
2. Народна и универзитетска библиотека „Климент Охридски“, Скопје, 1974, на
српскохрватски и македонски јазик.
________________
* Oригиналниот текст на српски е објавен во Портрети Македонски писаца, Обод, Цетиње,
1975. Македонскиот превод e објавен во Разгледи, 1975, XVII, 1-2, стр. 112-126, и во Портрети
на македонски писатели, Скопје, Мислам 1979.
Поднасловите се од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов
______________________
Радомир Ивановиќ е автор на монографијата Reč o reči: poetika Ace Šopova.— Beograd:
Novo Delo, 1986.- 172 str., објавена на македонски под наслов Поетиката на Ацо Шопов, во
превод од српскохрватски ракопис на Милан Трајков, во издание на Македонска ревија, 1986,
188 стр.
Студии за творештвото на Шопов од Радомир Ивановиќ:
Откривање на убавината : (запис за поезијата на Ацо Шопов). — Разгледи, 1975,
XVII, 1-2, стр. 112-126.
Откривање лепоте, во Портрети македонских писаца.— Цетиње : Обод, 1975
(Винковци : Искра), стр. 21-32.
Откривање лепоте (Запис о поезији Аце Шопова). — Летопис матице
српске, 1976, 152, 417, 1, стр. 110/120 [По повод Одбраните дела на Ацо Шопов,
во издание на Мисла, 1976]
Откривање на убавината : за поезијата на Ацо Шопов. — Портрети на
македонски писатели. — Скопје : Мисла, 1979, стр. 36-48.
Зборот и смислата во поезијата на Ацо Шопов. — Културен живот, 1985, год.
XXX, бр. 9-10, стр. 36-40
Откривање лепоте – естетска опредељења Аце Шопова”.— Живот, 1986, XXXV,
3-4, стр 366-374
Зборот и значењето. — Трета програма Радио Скопје, 1986, бр 25
Поетиката на Ацо Шопов. — Трета програма Радио Скопје, 1986, бр 25, стр 237-
252
Глобалниот систем Небиднина во поезијата на Ацо Шопов.— Развиток, 1986,
XXIII, 6-7, стр. 386-393
Збор за зборот – Врз поезијата на Ацо Шопов.— Нова Македонија, 17.05.1986
Јесноставни песник тишине – педесет година од прве објављење пјесме Аце
Шопова.— Борба, 12-13.07.1986
Poetski govor Ace Šopova. — Izraz, 1986, XXX, 1-2, str. 40-57
Reč i smisao u poeziji Ace Šopova.— Govor dela: studije i ogledi o makedonskoj
književnosti/Radomir Jovanović. — Beograd: Novo delo, 1986, str. 106-106
Зборот и значењето. — Избор од поезијата/Ацо Шопов (избор и предговор: Раде
Силјан.— Скопје: Македонска книга, 1987.— стр. 199-220
Поетскиот првенец на Ацо Шопов и проблемот на генерирање на литературниот
текст“. — Дело 74, 1987, XIV, 6, стр. 511-532.
Љубовта, трајна преокупација — Поетската природа на Ацо Шопов.— Нова
Македонија, 24.10.1987
Реч и смисао у поезији Аце Шопова.— Сознајните апекти на книжевноста / XXI
и XXII Рацинови средби, Титов Велес, 1984/85.— Титов Велес: Совет на
Рациновите средби, 1987.— стр. 26-40
Енергијата на поетскиот говор.— Нова Македонија, 21.09.1994
Тишина као извор латантне енергије поетског говора: реторика тишине у делу Аце
Шопова и Бранка Мильковића, Кровови, Сремски Карловци, бр.33-34, 1995
Поетски првенац Аце Шопова и проблем генерирања књижевног текста“
in Македонске поетске вертикале. — Нови Сад: Змај, 2003, стр. 337-354
Филозофија и психологија стварања Аце Шопова, in Животот и делото на Ацо
Шопов.- Скопје: МАНУ, 2005
„Поет и профет Ацо Шопов“ (студија посвећенa поетском алегоризму и
трансформацији симбола у циклусу „Молитви на моето тело“) / најављен на
Научној конференцији Међународног семинара за македонски језик, литературу и
културу у Охриду (половином августа 2003. године)/ да се провери