You are on page 1of 4

БЛАЖЕ КОНЕСКИ

Блаже Конески е една од најкрупните личности во македонскиот 20 век. Тој даде


најголем придонес во нормирањето на литературниот јазик на Македонците, напиша
извонредни студии за историјата на македонскиот јазик и, се разбира, создаде поезија
според која се препознава втората половина на 20 век. Поетскиот опус на Блаже Конески
се состои од повеќе поетски збирки од кои во сеќавањата на бројните читатели од сите
генерации остануваат „Везилка“, „Стерна“, „Ракувања“, „Златоврв“, „Сеизмограф“.
Блаже Конески е претставник на првата генерација македонски поети заедно со
Ацо Шопов и Славко Јаневски. Тој во првите две збирки песни „Мостот“ и „Земјата и
љубовта“ се препушта на колективистичките теми, општиот народен занес и
градителскиот ентузијазам со кој беа занесени нашите луѓе во првите повоени години на
социјалистичката изградба на разурнатата татковина. Градителското и патриотското во
тие песни одат заедно. Очигледен пример за тоа е поемата „Мостот“ во која лирскиот
јунак, Мајсторот, му се оддолжува на својот паднат син единец на тој начин што гради
мост-споменик за поколенијата. Очигледна е патетиката во песната, исто како и нејзините
идејни и воспитни цели.
Од збирката „Земјата и љубовта“ се изделува антологиската песна „Тешкото“.
Тешкото е оро што се игра, национално македонско оро преку кое се искажува љубовта
кон земјата и достоинството во „времињата мрачни“, стоицизмот и пркосот на нашиот
човек. „Тешкото“ е лирска историја за мачнините во минатото, но паралелно со нив, и за
„бунтовната нога по родниот кат“ како израз на решеноста да се стави крај на „крвје и
огон“.
Стихот на Блаже Конески од стихозбирката „Песни“, во себе крие впечатливо
искуство за македонската земја, македонскиот човек, историскиот настан, митот и
легендата. Меѓутоа паралелно со тоа, во оваа поезија е присутен звукот на интимните
поетски расположби што е карактеристично воопшто за македонската литература во 50-
те години на 20 век. Се раскинува радикално со познатата мелодија на народниот стих и
со неговите версификациски законитости и се користи слободниот стих.
Во некои свои песни Конески ја открива својата ars poetika, односно своето
сфаќање на поезијата. Класичен пример за ова е песната „Везилка“ во која тој го
поставува познатото прашање: „Везилке, кажи како да се роди простата и строга
македонска песна?“ и го дава одговорот за двата конца, црвениот и црниот со кои таа
песна ќе се исткае. Тие два конца, два созвучни збора, темницата и зората можат на
различен начин да се именуваат во поезијата на Конески: како светлина и мрак, живот и
смрт, Ерос и Танатос, но како и да ги наречеме, во сите случаи низ нив се изразува
македонската историска судбина што е сублимирана во неговата поезија.
Меѓу песните на Конески може да се откријат два типа песни. Едниот тип песни
го сочинуваат песните со нагласени интимни доживувања инспирирани од природата и
секојдневниот живот на човекот во кои доминира емоционалното. Вториот тип песни, кои
најчесто се инспирирани од нашето историско и воопшто егзистенцијално искуство, се со
рефлексивен, метафизички карактер.
Но критичарот Герги Старделов за да ја објасни поезијата на Конески тргнува од
класификацијата на поезијата што ја дава Карл Јунг во неговиот есеј „Психологија и
поезија“. Според Јунг постојат два начина на создавање на поезијата: психолошки и
визионерски. Во психолошкиот тип на песната сè се движи во пределот на свеста и во
границите на рационалното и своето настанување го должат на некое секојдневно
интензивно поетско доживување. Во визионерскиот тип на песната сè се движи во
бездните на колективната свест, на колективното несвесно. Тие песни имаат во себе нешто
таинствено, честопати дури и окултно. Во ваквиот вид песна, песна-визија, односно во
песна-бездна на Конески царува ноќниот свет, царуваат демоните, митолошките фигури
како Крале Марко, Болен Дојчин, Одисеј, Колумбо, Виј, итн. Вистински пример за ваква
песна се песните од циклусот „Марко Крале“, којшто, според повеќе критичари, е
најпознатиот циклус песни на Конески. Циклусот се состои од пет песни: „Одземање на
силата“, Стерна“, „Кале“, „Марков манастир“, „Песјо Брдце“. Сите песни од овој циклус
како мото имаат фрагмент од народни легенди за Марко Крале во кои е дадена основната
поента на песната, но во секоја песна Конески го развива ликот на Крале Марко како
лирски субјект.
Во својот есеј „Еден опит“ Конески зборува за легендите што подоцна ќе ги
обработи во некои свои текстови, при што најмногу мисли на песните од овој циклус.
Притоа Конески вели дека тие легенди не ги запознал од книги, туку ги слушал од старите
во својот дом во Небрегово, во своето детство. „И до денеска ме полазува некоја гроза по
коскиве, вели Конески, кога ќе се сетам со каков торжествен глас тие ги кажувале и со
какви многу значителни гестови го придружувале кажувањето. Уште оттогаш преминала
во мене Стерна, страшната подземна вода“. Уште од овој негов исказ јасно се оцртани
основните три елементи на неговата поетика: традиција, колектив, автор. Односно,
творештвото на Блаже Конески е во нераскинлива врска со народното творештво,
митовите, легендите, фолклорот на нашиот народ. Четвртиот елемент е т.н. откривање
на песната, зашто според Конески, повеќе ја откриваме отколку што ја пишуваме песната.
Така песните од циклусот „Марко Крале“ се веќе дадени во легендите што тој ги цитира
на нивниот почеток, а Конески песните само ги запишува во духот на своето време и ги
издигнува на едно ново и повисоко рамниште.
Сиот амбиент и сета атмосфера во која се случуваат песните од овој циклус е она
познато ноќно време што Конески го нарекува ниедна доба или никоја доба. Тоа е
всушност онаа ноќна страна на животот кога човекот се соочува со сопствената сенка,
кога секое негово зло станало и се претворило во негова сенка. Песните од овој циклус ни
покажуваат дека сите митски и демонски сили, недосегливите појави во природата
всушност не се ништо друго туку само проекција на душевната и духовната драма на
човекот. Во таа смисла тие слики се архетипски, откриваат нешто вечно и неуништливо.
Во песната „Одземање на силата“ Господ му ја одзема силата што му ја дал на
Марко Крале откако станува свесен дека тој му станал со силата рамен нему. Воведната
песна го потцртува „недостатокот“ со којшто Марко Крале ги презема своите јуначки
подвизи опеани во останатите песни од циклусот. Со оглед на почетниот недостаток, секој
добронамерно преземен подвиг на Крале Марко се свртува против него, како грев на
неговата душа. Но тогаш кога започнува одземањето на силата тогаш во човекот
започнува бунтот против Бога, почетокот на својот пат, пат без богови, пат на кој самите
сме си бог. Тоа значи и ослободување на човекот од силата која нè ограничува, нè
заробува и која посакува власт над нас и над нашата судбина.
Во песната „Стерна“ се прикажува човекот како суштество кое е постојано под
закана на стерната, таа страшна подземна вода која се заканува сè да потопи, да уништи.
Човекот се наоѓа над бездната, постојано е соочен со несреќата, со злото, со смртта. Во таа
нивна борба секогаш паѓа задушен човекот. Стерната е значи олицетворение на злото
коешто е неуништливо. Отаде тој страв кај Марко Крале, отаде тој страв кај нас.
Во следната песна од циклусот, „Кале“, Блаже Конески пее за тоа како Марко
Крале го гради калето за да го спречи надоаѓањето на лошотијата. Тој чувствува дека е
судбински предодреден да го изгради калето и при тоа не ги жали ниту мажите, ниту
жените, ниту старите, ниту младите. Со страдањето и смртта на сиот тој жртвуван свет,
Марко ќе ја извиши тврдината. Марко Крале се восхитува на своето кале, но во сонот
доаѓа клетвата на жртвуваниот народ. Тогаш кај него се јавува трагичната самосвест за
постоењето и на некоја друга правдина освен неговата. И повторно, и покрај сè што
презема, Марко Крале го насетува доаѓањето на лошотијата и сфаќа дека нејзе, на
лошотијата, на злото, на несреќата им се безбројни патеките и дека ништо не може да ги
спречи.
Сите песни од овој циклус се заемно поврзани, но особена фабуларна врска постои
меѓу песната „Кале“ и песната „Марковиот манастир“. Воден од грижата на совест
поради смртта на седумдесетте деца при градењето на калето Марко Крале го гради
Манастирот. Марко чекори во темнината на манастирот како да чекори до дното на својот
грев и колку подлабоко навлегува во манастирот толку подлабоко навлегува во себеси и
во својот тежок грев. Манастирот сега станува огледало во кое тој го открива своето
вистинско лице, се спознава самиот себеси.
Но неговото спознавање сè уште не е завршено. Тоа ќе се случи на последната
битка, таа најстрашната што Марко Крале ќе ја води на Песјо Брдце. За тоа се пее во
последната песна од циклусот „Марко Крале“, песната „Песјо Брдце“. Во тој лут и
последен бој Марко го преполовувал душманот на две половини, но двете половини
оживуваат и наместо еден се прават двајца. Ќе види Марко дека не може да победи, па
става барабани да бијат на ветрот и без трага се губи некаде во ноќта. Во песната на
Конески ја слушаме само трагичната исповед на Марко Крале откако завршил бојот,
неговото соочување со поразот во сите дотогашни негови битки. Марко го признава
поразот, но знае дека никој не смее да дознае за неговата смрт.
Сите песни од циклусот „Марко Крале“ ги обединува единствената идеја што се
сугерира во сите нив: никој не може да ја избегне победата на злото, триумфот на
лошотијата, поразот на доброто. Но сепак големата победа на Марко Крале е во неговото
самоспознание: јас сега ја знам вистината.

You might also like