You are on page 1of 1

Крсте Петков Мисирков – човекот кој го обележа 20 век

Крсте Петков Мисирков не е само кодификатор на современиот македонски литературен


јазик и основоположник на современата македонска научна историографија, туку и синоним за
вековната континуирана ослободителна борба на македонскиот народ за културно национална и
државно - политичка афирмација. Тој е несомнено најпремолчуваната, најжестоко напаѓаната и
упорно прогонуваната личност во македонска историја. Но, животот на знаменитите дејци не се
мери по должината на векот, туку по значењето и зрачењето на нивното дело во историјата.

Како основоположник и прв кодификатор на современиот македонски литературен јазик,


Крсте Петков Мисирков зборува за себе исклучиво преку своите дела односно преку својот пишан
збор. Неговото име, неговиот живот и дело се среќаваат во текстовите на многу писатели, како
македонски, така и странски. Неговото дело „За македонцките работи“ е „темелот“ врз кој цврсто
е изграден денешниот стандарден македонски јазик.

Објавувањето на оваа книга е настан од историско значење за остварување на идејата за посебен


литературен јазик.  Во оваа книга тој ја определува својата национална програма и го разгледува
прашањето за македонскиот литературен јазик. Книгата е составена од пет статии. Најпозната и
најобработувана статија од неговата книга е последната „Неколку зборои за македонцкиот
литературен јазик“.

Петтата статија претставува прв научно аргументиран, солидно поставен и разработен проект за
кодификација на македонскиот јазик. Тој укажува на неопходноста од забрзан развој на
македонскиот литературен јазик и на неговото издвојување како посебен јазик меѓу
јужнословенските јазици. Во својата статија, Мисирков ги оформува своите ставови во три точки,
односно, за основа на литературниот јазик да се земат централните говори ( Велес - Прилеп -
Битола - Охрид); поставување на правописот врз фонетска основа, со мали отстапки пред
етимологијата (за секој глас една буква) и во лексиката вклучува елементи од сите македонски
говори. Со определбата за централните македонски говори, Мисирков инсистира на оние јазични
карактеристики со кои македонскиот јазик најмногу се разликува од соседните словенски јазици.

Да ги оставиме настрана неговите дела кои биле поткрепени со ученост и мудрост. Своето
образование го преточил на бледите листови хартија чија вредност сега ја достигнува својата
кулминација и чии врв допрва ќе се издолжува. Живееме во свет каде полека почнуваме да го
губиме својот идентитет и не сме свесни дека она кое нè отсликува нас како народ, а воедно и
како индивидуи, не знаеме да го негуваме. Лисјата на дрвјата нема да растат доколку не се
негуваат корените. Барем на момент да се сетевме на сите големи личности кои го давале своето
срце и душа за ова што ние денес не знаеме да го цениме, ниту пак заштитиме. Ние сме
уништувачите на своето единствено богатство чија вредност ја даваме самите ние!

На крајот, најпознатата мисла на Крсте Петков Мисирков ни кажува сé – „Да си го зачува некој
својот народен јазик и да го брани како светиња, значи да му остане тој верен на духот на своите
предедовци и да почитува сѐ што имаат тие направено за своето потомство. Да се откаже човек од
својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух.“

You might also like