You are on page 1of 3

Ало

Бушавко
070 390 632

htpps://alobushavko.mk/

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДУИМИ
- Презентирање на резултатите од кампањата „Можеби сме различни, но сите сме талентирани“
и организирање работилница на тема „Прифаќање на различностите – играчките како алатка
за пренесување вредности и пораки“ -

31.08.2022 година, Скопје

Во периодот април – август 2022 година, Првата детска амбасада во Меѓаши го реализираше
проектот „Можеби сме различни, но сите имаме талент (кампања за подигнување на свеста)“1.

По тој повод на 31 август 2022 година, се одржа конференција за медиуми на која беа промовирани
производите и резултатите од кампањата. Беа произведени и промовирани пет видео записи за пет различни
девојки и момчиња во текот на јули и август, беше промовирана и публикацијата која ги резимира главните
сознанија и искуства со кои се стекнавме во текот на петмесечното патување, како и прирачник за водење
интервјуа/разговори со лица со попреченост. Публикацијата ,,Можеби сме различни, но сите сме талентирани“
можете да ја погледнете овде.

Преку активностите и кампањата што ја спроведовме, а во рамки на која е и оваа публикација, сакаме
да ја промовираме перцепцијата на децата и луѓето со атипичен развој како талентирани личности и да
преминеме од перципирањето на нивната „попреченост“ кон перцепција на нивните квалитети и способности
како личности независно од типичноста на нивниот развој. На пример, децата со оштетен вид имаат
извонреден слух, или, децата од аутистичниот спектар се одлични за брзо меморирање, учат да читаат на многу
рана возраст итн. Почнувајќи од јуни сè до крајот на август беа објавени пет куси документарни филмови за
пет исклучителни млади девојчиња и момчиња со попречености. Во рамки на овој проект подготвивме видео
записи не само за овие лица, туку и споделивме приказни и на други лица со атипичен развој и потсетивме дека
сите деца ги имаат истите права, без разлика дали станува збор за дете и млада личност со типичен или
атипичен развој.

Во реализацијата на активностите беа вклучени и волонтерите на Ало Бушавко - телефонот за деца и


млади. За своето искуство во проектот велат:

„Секое дете е автентично и посебно на свој начин, од нас зависи дали ќе бидеме насочени кон нивните
таленти и моќи, или пак кон нивните ,,слабости”. Проектот ,,Можеби сме различни, но сите сме талентирани”
на практичен начин ми укажа на она што теориски веќе добро ми беше познато. Ми овозможи практично да го

1
Проектот е финансиран од Институтот за комуникациски студии (во рамки на проектот REPORTING
DIVERSITY NETWORK 2.0), финансиски поддржан од ЕУ.
Ало
Бушавко
070 390 632

htpps://alobushavko.mk/

искусам нелимитираниот талент на детето, без разлика на возраста, местото на живеење или пак процесот на
раст и развој секое дете има свои таленти и силни страни кои го оддликуваат како особа“ (Даниел).

„Кога започна проектот „Можеби сме различни, но сите сме талентирани“ не бев свесна до кој степен
искуствата и приказните на децата со кои имавме шанса да се запознаеме ќе влијаат врз мене. Јас имав можност
да учествувам во планирањето и реализацијата на снимањата со Мелани и од првото запознавање со Мелани
знаев дека суштината на овој проект ќе биде подлабока од самиот наслов..„ (Марија)

„Секој од нас е нечие дете на кое што му е потребно љубов, подршка и грижа. Токму овој проект ми
помогна да го остварам мојот сон од детството. Заедно да докажеме дека можеби сме различни, но сепак сме
талентирани. Во секој од нас се крие посебна ѕвезда но до нас е дали ќе се потрудиме да ја најдеме.“ (Стефани)

Видеата што беа објавувани на повеќе социјални медиуми, предизвикаа огромен интерес во јавноста,
или изразено во бројки над 36 000 прегледи на петте видеа, голема поддршка за лицата со попреченост од
јавноста преку нивните коментари за видеата и споделување на истите. За време на кампањата во рамки на
проектот, посетеноста на инстаграм профилот на alobushavko во период од 3 месеци се зголеми за околу 30%,
или 16.789 импресии како резултат на видливоста на кампањата. Особено сме задоволни од достигнатата
гледаност на видеата и објавите кои се прикачуваа секојдневно со различна содржина и истата се зголеми
двојно во однос на објавите прикачувани пред кампањата за зголемување на свесноста за децата со
попреченост. Проектот “Можеби сме различни но сите сме талентирани”, предизвика огромен интерес кај
децата и родителите и желба за вклучување во истиот, со што би сакале да искажеме голема благодарност до
сите кои пројавија интерес а со тоа да ги поттикнеме и општествено одговорните компании да дадат свој
придонес со цел поголема видливост и поддршка на децата со попреченост.

„Мојата стратегија во градењето инклузивна клима претставува мост помеѓу децата со пречки во
развојот и светот кој треба да ги прифати како рамноправни, да ги сака и уважува. Принципот на работа со
децата со пречки во развојот има за цел надминување на бариерите за учење, поттикнување целисходна
комуникација и социјализација, пружање соодветна љубов, грижа и трпение што го заслужуваат, како и
рушење на предрасудите и стереотипите најчесто поврзани со нивните способности и потреби. Перцепцијата
за лицата со попреченост дека се немоќни лица, лица на кои им е постојано потребна туѓа помош, и дека се лица
кои малку нешта можат да направат сами е погрешна. Напротив, фокусирајќи се на нивните силни страни,
способности и таленти ги охрабруваме да се развиваат и афирмираат“, вели Билјана Теовска, специјален
едукатор и рехабилитатор од ООУ „Стив Наумов“ од Скопје, која даде стручна поддршка и насоки при водењето
на кампањата.

Оваа година е посебно важна за Првата детска амбасада во светот Меѓаши – 30 годишниот
jубилеj од основањето (1992-2022). На истиот ден, по завршувањето на конференцијата за медиуми, се
одржа и работилница, на која беа подарени 30 кукли со фокус на инклузија - 10 кукли инспирирани од
деца со Даунов синдром, 10 кукли инспирирани од деца кои носат слушен апарат и 10 кукли
инспирирани од деца со аутизам. Куклите се подарени на Универзитетска детска клиника, ООУ „Стив
Наумов“, Скопје, ООУ „25 Мај“, Скопје, ООУ „Јашар Беј Шкупи“, Скопје, ООУ „Единство-Бирлик-Башкими“,
Ало
Бушавко
070 390 632

htpps://alobushavko.mk/

Гостивар, ЈУДГ „Гоце Делчев“, Виница, ЈУДГ „Брешиа“, Дебар, ЈЗУ Универзитетска клиника за детски
болести, Скопје и Колектив Ветерница, Скопје.

Идејата за поттикнување производство на ,,КУКЛИ КАКО МЕНЕ“ потекнува од Ејми Јандрисевич која
работела како социјална работничка во Клиника за детска онкологија. Таа користела кукли што изгледале
совршено здрави и сфатила колку е тешко да натерате дете да верува дека е убаво ако не може да се види во
нешто што би требало да изгледа како него. Затоа решила да почне да прави нејзини кукли. Кога родителите
разбрале што прави, почнале да бараат да прави кукли со разликите кои ги прават нивните деца посебни.
https://adolllikeme.com/

Нашата интенција е преку овие кукли да ги поддржиме децата со атипичен развој и децата кои се
соочуваат со здравствени проблеми да им овозможиме да играат со различни репрезентативни кукли, но исто
така и децата кои се со типичен развој, од мали нозе да станат свесни за различноста на светот во кој живеат и
воедно да научат да ги прифаќаат разликите. Децата преку игра ги развиваат своите социјални, физички и
емоционални вештини, играат улоги и на тој начин искуствено го разбираат светот и меѓучовечките односи,
сонуваат и замислуваат, градејќи реална свест за своите силни и слаби страни и за она што ги прави уникатни
и единствени.

Куклите се едни од првите и најчестите играчки на децата и тие ги претставуваат идеалите на


детството во општеството. Веруваме дека е исклучително важно децата да можат да гледаат и да играат со
кукли кои се соочуваат со слични проблеми како нив и дека тоа ќе придонесе во развивањето на детското
чувство за самопочит и припадност.

Во иднина би биле среќни да видиме поголемата разновидност во куклите (но и во сите играчки) со
кои децата си играат во општеството воопшто, и сметаме дека на тој начин ќе имаме поголемо влијание врз
тоа како децата се перцепираат себеси и другите и ќе придонесе кон поголемо прифаќање на различностите.
На пр. во детските градинки, групните домови, на полиците за играчки, во болниците и центрите каде се
згрижуваат деца итн. Би сакале да видиме повеќе кукли кои претставуваат различни раси, кукли корисници на
разни помагала или инвалидски колички, различни медицински состојби, постари лица итн.

Сметаме дека можноста за играње со различни кукли, кои ја претставуваат различноста, промовира
поинклузивни ставови и поттикнува прифаќање на разликите.

Воедно, би сакале да се надмине и родовиот момент кај играчките, па посакуваме и повикувме со кукли
да играат сите деца а не само девојчињата.

***

Подарените кукли се на компанијата Lottie Dolls, една од се поголемиот број компании што ја гледаат
важноста на поинакви и инклузивни играчки. Куклите се инспирирани и направени според вистински деца.
Самата компанија за себе вика дека ги „почитува и слави децата во сета нивна разновидност што го загрева
срцето и го потврдува животот“. Повеќе за самите кукли на следните линкови Rosie Boo Lottie , Mia Wildlife
Photographer , Loyal Companion.

You might also like