You are on page 1of 5

Воведен Говор

Почитувани присутни, почитуван Градоначалник на општина Прилеп–


доктор Борче Јовчески, почитуван претседател на Советот на општина
Прилеп Дејан Проданоски, почитувано Високо Преосвештенство
Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралискo-
Новозеландски господин Петар, почитувано Високо Преосвештенство
Митрополит Кумановско-осоговски господин Григориј, почитувано
Претседателство и Раководители на Одделенијата на ДНУ-Прилеп,
почитувани семејства на починатите членови на Друштвото, почитувани
редовни и нови членови на Друштвото, почитувани членови на
здружението на Сојуз на борци Прилеп и членови на Здружението на
пензионери Прилеп, почитувани присутни од бизнис секторот, почитувани
Раководители и Директори на Институции добра вечер на сите и
добредојдовте на овој свечен настан – 50 години од постоењето на
Друштвото за наука и уметност – Прилеп.

Оваа година прославуваме голем јубилеј - 50 години од постоењето


на нашето еминентно Здружение на граѓани, Друштвото за наука и
уметност-Прилеп, формирано на 12 јули и регистрирано на 21 септември
1971 година. Овој јубилеј го одбележуваме со една година задоцнување од
познатите причини со Пандемијата и мерките за заштита од неа.

ДНУ-Прилеп секогаш низ времето и во услови на сериозни


економско-политички проблеми и случувања во општеството, имало
суштествена улога во ширењето на науката и научната мисла и уметност,
не само на подрачјето на Општина Прилеп, туку и пошироко.

Во своето досегашно работење тоа успеа да ги здружи научните


работници и уметници и да им овозможи интердисциплинарана соработка
за развој на науката и уметноста и да го унапреди индивидуалното и
заедничкото творештво од различни научно-стручни и уметнички
дисциплини.

Неговото залагање е да ја следи непосредната примена на новите


научни сознанија, развивање на научно-стручна и уметничка соработка со
други научни, културни, наставно-образовни институции и асоцијации,
како и стопански субјекти од земјата и странство, по пат на размена на
искуства и публикации.
Во минатото, многу наши колеги, со својата пожртвуваност и
упорност, успеале да го етаблираат Друштвото, за што сме им длабоко
благодарни, а нам ни останува во аманет да продолжиме, и да го
интензивираме нивното дело.

Во оваа пригода не можеме, а да не ги споменеме луѓето кои со


својот ентузијазам и креативност ставија цврсти темели на нашето
Светилиште на науката и уметноста, го изградија и го промовираа во
земјата и надвор од неа, и денес тоа гордо стои на свои нозе повеќе од 50
години и покрај турбулентните времиња со кои се соочуваше.

Големи заслуги за досегашниот развој и опстојување на ДНУ-


Прилеп од основањето до денес имаат неговите досегашни Претседатели:
Д-р Ѓоре Печијарески, прим. д-р Кирил Димески, проф. д-р Методија
Конески, проф. д-р Бранко Трајкоски, д-р Јосиф Мицковски, д-р Илија
Башески, проф. д-р Петар Трајаноски, проф. д-р Ристо Ристески, прим. д-р
Божидар Котески, проф. Димитар Станкоски, прим. д-р Круме Соколоски,
д-р Дукадин Камшикоски, проф. д-р Љубен Попоски и Вонр. проф. д-р
Силвана Пашовска.

Од вкупно 14 претседатели, десетмина се починати. Вечна им


слава!

Топло ги поздравувам и им посакувам многу здравје на овде


присутните поранешни претседатели на ДНУ-Прилеп: Проф. д-р Ристо
Ристески, прим. д-р Круме Соколоски и проф. д-р Љубен Попоски.

ДНУ-Прилеп соработуваше и продолжи да соработува со


Министерството за образование и наука, со Министерството за култура, со
Македонската академија на науките и уметностите, Универзитетите во
државата, образовни, научни и државни институции и како резултат на таа
соработка, прими во своите редови и прогласи 18 почесни членови и 36
придружни членови. Сега Друштвото брои 170 члена – доктори на наука и
магистри, доктори-примариуси, истакнати научни, стручни, културни
работници и уметници.

Во Друштвото членуваат академици, ректори и проректори на


универзитети, професори на факултети, свештени лица, научни и стручни
истакнати работници во институти и други институции и организации.
Голем број од членовите вршеле и вршат одговорни функции во органите
на државата и во Македонската православна црква.

За својот придонес во развојот на научната мисла и уметноста, за


активната соработка со научните институции и другите организации,
Друштвото за наука и уметност Прилеп е многу пати наградувано и
одликувано со благодарници и повелби, меѓу кои и Плакетата ,,9-ти
Септември”.

Кога внатрешните и меѓународните процеси и промени секојдневно


раѓаат многу непознати, ова Друштво ќе се залага и ќе работи за ширење и
примена на науката и научната мисла и осознавање на македонската
самобитност.

Волонтерскиот ангажман во нашето здружение е за почит, особено


што секогаш постои реален предизвик да се оптимизира ангажманот
надвор од секојдневните работн задачи.

Во време на невреме, кога општествената клима целосно не окупира


и ја фрла во сенка креативноста и потребата за творење и научна работа,
ние и покрај пандемијата, продолживме со создавањето на нови дела.

Денес, на овој свечен чин, чест ми е, и среќна сум што имам


можност да ја најавам промоцијата на две значајни едиции на Друштвото,
а тоа се: ,,Јубилејното Списание на трудови на ДНУ”, кое е збир на
оригинални, рецензирани статии, добиени како резултат на научните и
стручните сознанија од различни области до кои дошле нашите членови и
соработници и Меморијалната книга ,,Сеќавања 1971 – 2021”, која
обработува тематика со кратки биографии, библиографии и илустрирани
портрети на починатите почесни, придружни и редовни членови на
Друштвото, од основањето заклучно до 1 октомври 2021 година.

И како што рекол големиот Никола Тесла: „Да оставиме иднината да


зборува за вистината и да даде оценка за секој, според неговите дела и
достигнувања. Ако сегашноста е на сите, иднината за која што навистина
сме работеле е само наша! ”

Пред да започнеме со промоцијата, го поканувам градоначалникот


на општина Прилеп-доктор Борче Јовчески да се обрати. Повелете
Градоначалник.
Го поканувам неговото високо преосвештенство Митрополит
Преспанско-пелагониски и администратор Австралискo-Новозеландски
господин Петар да се обрати. Повелете.

Сега им давам збор на промоторите на книгите: проф. д-р Јованка


Тутеска и проф. д-р Цане Котески, а Вам почитувани присутни Ви
посакувам пријатна вечер.

Професорке повелете.

-Благодарност до промоторите на двете нови едиции на Друштвото, а сега


му давам збор на авторите на меморијалната книгата Сеќавања -
Слободан Беличански и Тодор Алексоски.

-Ви благодарам, во прилог да ја проследиме композицијата наречена


Ноктурно-зајди,зајди, од македонскиот композитор Димитрие Бужаровски
во пијано изведба на Денис Најдоски и компопзиции за труба и пијано од
Енио Мориконе во изведба на Денис Најдоски и Бојан Митрески.
Повелете.

- Благодариме на прекрасната изведба на композицијата Зајди,зајди, а во


прилог следи промовирање на нови членови на Друштвото за наука и
уметност – Прилеп и доделување на одлуки за членство на истите.

Оваа година имаме 14 нови членови, најголем дел се магистри и доктори


на наука и уметници, секој од нив докажан во својата област, а за нас чест
е што стануваат дел од ова Здружение.

- Покрај промоцијата на новите членови на Друштвото, во оваа


прилика би сакале да доделиме благодарници на наши поддржувачи
и соработници кои во континуитет низ годините го помагаат
опстојувањето на Друштвото.
1. Прво благодарница на општина Прилеп-Локална самоуправа
Прилеп за долгогодишната плодна соработка и поддршка
2. Благодарница на компанијата Витаминка од Прилеп
3. Благодарница на мермерен комбинат-Прилеп
4. Благодарница на Тутунски комбинат Прилеп
5. Благодарница на печатница Ацетони Прилеп
6. Благодарница на Научен институт за тутун Прилеп, тука е
Директорката на Институтот проф.д-р Валентина
Пеливаноска,повелете и
7. Благодарница на Јавна општинска установа Градска библиотека
Борка Талески Прилеп, тука е Директорката Моника Талеска,
повелете

Пред да завршиме со овој настан му давам збор на долгогодишниот


Претседател на Друштвото за наука и уметност Прилеп – проф. д-р Љубен
Попоски. Повелете професоре.

На крајот на сите ви се зблагодаруваме за присуството на овој свечен


настан, да си посакаме поголеми јубилеи, понатамошна соработка и
заеднички да придонесуваме ова Друштво да опстојува и успешно да
работи уште долги години.

Сега сите ве поканувам на еден скромен коктел тука во фоајето на


библиотеката. Повелете.

You might also like