You are on page 1of 10

Римско Царство

Римската држава (латински: Imperium Romanum) била создадена на Апенинскиот Полуостров.


Опкружен од три страни со мориња, слабо разгранет брег, имал блага клима и мошне плодна земја.
Северниот дел од полуостровот е рамничарски и погоден за земјоделство, а средниот и јужниот
се планини кои се погодни за развој на сточарството.
Во страриот век на Апенинскиот Полуостров живееле многу племиња. Најпознати
биле: Галите, Италите, Латините, Умбрите, Самнитите и други. По Италите подоцна Апенинскиот
Полуостров го добил името Италија. Во јужниот дел на Апенинскиот Полуостров и на Сицилија живееле
колонии на Хелените и овој дел бил наречен Магна Греција.
Етрурците ја населувале Средна Италија (ден. област Тоскана). Тие биле едни од најстарите жители на
Италија. Нивното потекло се уште не е точно утврдено. Тие во 8 и 7 век п.н.е имале свои градови со
развиено занаетчиство и трговија. Градовите биле со поплочени улици, тротоари, канализација и водовод.
Етрурците имале високо развиена култура. За тоа сведочат голем број на материјални остатоци. Тие
извршиле големо културно и политичко влијание на римската држава.
 Латините имале најзначајна улога во историјата на Рим. Ја населувале областа Лациј во Средна Италија,
јужно од Етрурците и од долниот тек на реката Тибар која била граница со Етрурците. Во оваа област
имало повеќе градови меѓу кои бил и градот Рим (Рома), кој имал прекрасна местоположба. Се наоѓал 25
км од морето, на левиот брег на пловната река Тибар, преку која бил поврзан со морето. Градот се
простирал на седум добро утврдени ритчиња, кои се обединиле за да можат полесно да се бранат од
надворешните напади. Според легендата, Рим бил основан во 753 година п.н.е, но
според археолошките податоци порано околу 10 век п.н.е.
Општествено и државно уредување
Во најстариот период Рим имал родовско уредување. Родовите биле составени од патријахални семејства - фамилии, на
чие чело стоел патер. Десет рода сочинувале братство, а десет братства сочинувале племе или триба. Вкупно имало три
триба. Населението го сочинувале слободни и неслободни луѓе. Слободните се делеле на патриции и плебејци.
Патриции биле богати луѓе, кои уживале големи привилегии и ги завземале сите положби во државната управа. Од
нивните редови биле избирани конзули и сенатори. Плебејците воделе потекло од потчинетото население на Лациј и
на Етрурците. Се завземале со земјоделство, занаетчиство и трговија. Плаќале даноци на државата, служеле војска, но
немале политички права и не учествувале во работата на народното собрание. Бракот меѓу патрициите и плебејците бил
забранет со закон. Неслободното население го сочинувале робови, кои во овој ран период во римската држава не биле
бројни.
Во најстариот период со Рим управувал крал. Бил т.н кралски период кој изнесувал од 753-509 г. п.н.е. Кралот ја
предводел војската, бил врховен судија и свештеник. Постоело и народно собрание, што го сочинувале сите полнолетни
мажи и војници, а исто така и сенат, што го сочинуваат старешините на најбогатите и најугледни родови.
Според традицијата постоеле седум кралеви. Последните три кралеви биле етрурски, бидејќи во 7 век п.н.е. Лацј бил
освоен од Етрурците. Со нивното владеење не биле задоволни римските патриции, кои во 509 г. п.н.е го симнале од
престолот и го протерале последниот крал (Тарквиниј Гордиот) и прогласиле република. Таа добила ново уредување. На
нејзиното чело се наоѓале двајца конзули, кое ги избирало народното собрание а било од редовите на патрициите,
со мандат од една година. Сенатот добил многу поголемо значење, а неговите одлуки биле задолжителни и за конзулите.
Римската војска
 Благодарејќи на добро организираната војска, Римјаните продолжиле да водат успешни војни и по освојувањето
на Апенинскиот Полуостров. Во војската служеле Римјани на возраст од 17 до 45 години. Побогатите служеле
во коњицата, а другите во пешадијата. Основна единица во војската била легијата. Таа броела околу 5000 војници, а
се состоела од тешка пешадија, лесна пешадија и коњица. Римската војска била добро вооружена и извежбана. Во
војската владеела строга дисциплина. Војниците биле вооружени со голем штит и кус меч или копје. На горниот
дел од телото имале оклоп, а на главата шлем.
Внатрешни судири во Римската држава
 Воените походи придонеле за уште поголемо раслојување на населението на богати и сиромашни.
Офицерите се враќале со огромен плен на бродови и на коли, а војниците во торби и во кесиња.
Намесниците пак, даночниците и чиновниците во новите провинции преку разни злоупротеби земале
не колку што треба, туку колку што ќе најдат. Бројот на робовите нагло се зголемил и имало
бесплатна работна сила за огромните земјишни имоти на римската аристократија,
наречени латифундии. Нивните поефтини производи направени со бесплатен робовски труд
безмилосно им конкурирале на поскапите производи на селаните и занаетчиите, па тие
осиромашувале и пропаѓале. Политичките прилики во државата нагло се влошиле со селските
бунтови и барања за аграрна реформа, заканувајки се да прераснат во граѓанска војна.
 Со освојувачките војни на римската држава нагло се зголемил бројот на робовите. Од нив, во особено
незавидна положба биле т.н. гладијатори, коишто биле специјално обучувани за меѓусебни борби или
за борби со диви ѕверови во арената заради задоволување и забава на публиката. Токму тие и го
кренале големото востание на робовите предводено од Спартак што траело од 73 до 71 година пред
н.е. Тоа се проширило на цела Јужна Италија. Римјаните очекувале напад на Рим, но намерата на
востаниците била да ја напуштат Италија кон своите родни краеви. Ова најмасовно робовско востание
во светската историја било крваво задушено. Но тоа длабоко ја разнишало римската држава.
 За да го стишат гневот и незадоволството на сиромашните римски граѓани, вештите
римски политичари и извршиле воена реформа и граѓанската војска што била распуштена по секоја
војна била земена со наемничка војска.
Крајот на Западното Римско Царство
 Во одделни случаи римските војсководци успеале да извојуваат победи против варварите, но тие победи не можеле
да ја изменат надворешната политичка ситуација на империјата. Во 475 година кога на чело на империјата бил Јулиј
Непот, патрикиј односно главен командант на римската војска бил Орест. Орест станал доволно моќен па го истерал
од империјата самиот император Јулиј Непот. Бидејќи имал германско потекло немал право да дојде на престолот,
па затоа наумил да го стави на престолот својот млад син Ромул Август и во негово име да управува со државата .
 Кога Флавиј Ромул Август дошол на власт имал отприлика 15 години, па затоа го добил прекарот Августул, што
всушност значи помал Август. Во своето 10-месечно владеење тој бил управуван од својот татко Орест. Орест
почнал да станува непопуларен помеѓу платеничката варварска војска (која претставувала поголем дел од војската),
па затоа како нов командант на војската, самите го избрале Одоакар. Одоакар го заробил и го погубил Орест, а
неискусниот Августул останал сам. Кога Одоакар го заробил и Августул се смилувал и не го убил. Во спротивно тој
го пратил момчето кај своите роднини во Кампанија, а симболите на кралското достоинство биле испратени во
Константинопол. Ова повлекување од тронот оправдано се смета како крај на Западнато Римско Царство. После ова
римскиот сенат испраќа предлог до Источното Римско Царство да се обединат овие две царства бидејќи божем на
светот му бил потребен еден владетел, а за управник на Италија да биде назначен Одоакар кој ќе бил под контрола
на Источно римскиот император Зенон.
 Најпрвин Зенон предложил како император да биде вратен Јулиј Непот, но потоа го прифатил сенатскиот предлог, а за
управник на Италија бил назначен Одоакар. Ромул Августул воопшто не донесувал одлуки и не оставил споменици,
иако биле пронајдени монети со неговото име во Рим, Милано, Равена и Галија. После повлекувањето од власта
Августул, како милост од Одоакар добил пензија од 6000 солиди и најверојатно го продолжил образованието. Во
историските извори понатамошниот живот на Августул не е претставен.
Отпорот против Римското Царство од балканските народи
 Покорените балкански народи се бунтувале, пружале отпор и кревале востанија за да се ослободат од римската
власт. За да ги држат во покорност, Римјаните предизвикувале нетрпеливост и кавги меѓу нив. Оттогаш останала
поговорката „Раздели па владеј“. Македонците први кренале востание против Рим. Тие кренале востание под
водството на Андриск, кој бил наречен „лажниот Филип“. За полесно да ги придобие луѓето, Андриск велел дека
тој е Филип, синот на последниот македонски крал Персеј. Востанието добило широки размери. Андриск се
прогласил за крал и извојувал неколку победи над Римјаните. Но, во 148 година пред н.е. востаничката војска била
поразена, Андриск бил заробен, а востанието задушено. Истата година Македонија била претворена во римска
провинција. Со Македонија сега управувал римски намесник, во земјата била распоредена постојана римска војска
и била воведена римска администрација. Македонија била претворена во главна воена база на Римјаните за нивните
натамошни освојувања. Една година подоцна, и Хелените кренале востание против римската власт. Главен центар
на востанието бил градот Коринт на Пелопонез. Римјаните успеале да ја победат востаничката војска и да го освојат
градот Коринт. Градот бил ограбен, запален и разурнат. Востанието било задушено, а на Хелада биле наметнати
големи даноци. Најголемото востание на Илирите против Рим го предводел Батон, во почетокот на првиот век од
н.е. Во востанието учествувале многу илирски племиња. Во почетокот востаниците забележале неколку победи. Но,
во третата година од востанието, Римјаните излегле со голема војска и успеале да ги победат Илирите во неколку
битки. Батон морал да се предаде, а востанието било задушено.
Остатоци од Римски градови и други градби
 Македонија е многу богата со остатоци од римската култура, особено со остатоци од римски градови.
Еден од нив е градот Стоби. Тој се наоѓа во близината на Велес, на местото каде Црна Река се влева
во Вардар. Стоби имал значајна положба не само за воените походи на Римјаните, туку и за
трговијата. Во Стоби денес можат да се видат остатоци од театар, цркви, луксузни приватни куќи –
палати, улици, бањи и плоштади. Во овој град имало и ковачница за пари. Зачувани се остатоци и од
други римски градови. Тоа се градот Хераклеја (Битола) и градот Скупи (во близината на Скопје).
Остатоци од римски градби има и во Лихнидос (Охрид), Банско (кај Струмица) и други. Римјаните
посветувале многу внимание за да доведат чиста вода во градовите и во другите населби. Во
зачуваните римски населби се откриени остатоци од големи водоводи.

You might also like