You are on page 1of 15

Екологија

• Екологијата е научна дисциплина која ги изучува заемните односи на


живите организми и нивната интеракција со животната средина.[1] Темите на
интерес на еколозите вклучуваат изучување на составот, поделбата,
количината (биомасата), бројот, состојбите на промена во организмите во
рамки на екосистемите и помеѓу нив. Екосистемите се составени од делови
кои динамично си дејствуваат и ги вклучуваат организмите, заедниците кои
тие ги формираат и неживите компоненти на нивната животна средина.
Процесите на екосистемите како што се првичната продукција, педогенеза,
циклусот на хранливите материи и разновидни активности кои вклучуваат
создавање на нишите, го регулираат протекот на енергија и материја во
животната средина. Овие процеси се одржани од биолошката разновидност
. Биоразновидноста се однесува на разновидноста на видовите во
екосистемите, генетските варијации помеѓу нив и процесите кои се
функционално збогатени од разновидноста на еколошките заемодејства.
• Екологијата е интердисциплинарна област која во себе ја вклучува
биологијата и науката за Земјата. Терминот “екологија” ("Ökologie") за првпат
е воведен во 1866 година од германскиот научник Ернст Хекел (1834г. -
1919г.). Старите грчки филозофи како Хипократ и Аристотел ги поставиле
темелите на екологијата како дисциплина во нивните истражувања за
историјата на природата. Кон крајот на 19 век екологијата преминува во
сериозна научна дисциплина. Еволутивните концепти за адаптација и
природна селекција станале темели на модерната еколошка теорија.
Екологијата не е синоним со животната средина, природозаштитата,
историјата на природата или со науката за животната средина. Повеќе може
да се поврзе со еволутивната биологија, генетиката и етологијата.
Разбирањето на меѓусебните заемодејства на биолошката разновидност и
еколошките функции е значаен фокус на интерес во еколошките
проучувања. Еколозите се трудат да ги објаснат:
• Животните процеси и адаптации
• Распространетоста и бројноста на организмите
• Движењето на материите и енергијата во заедниците
• Сукцесивниот развој на екосистемите и
• Изобилството и поделбата на биоразновидноста во контекст
на животната средина.
• Екологијата е исто така и наука за човекот. Практичната примена на
екологијата е во заштита и зачувување, управувањето со водите и водните
станишта, управувањето со природните ресурси (агроекологија, земјоделство,
шумарство, агрошумарство, рибарство), просторно планирање (
урбана екологија), здравството, економијата, основната и применетата наука и
социјалната комуникација на луѓето (антропогена екологија). Екосистемите
одржуваат биофизички реакциони (фидбек) механизми со кои ги прилагодуваат
метаболичките стапки и еволутивните динамики помеѓу живите (биотски) и
неживите (абиотски) компоненти на планетата. Екосистемите одржуваат
функции за поддржување на животот и произведуваат природен капитал преку
регулацијата на континенталната клима, глобалните биогеохемиски циклуси,
филтрацијата на водата, почвите, храната, влакната, лековите, контрола на
ерозијата и многу други природни одлики на научната, историската,
економската или суштинската вредност.
• Обемот на екологијата опфаќа широк спектар на интерактивни нивоа на
организација префрлајќи ги од микро-ниво (на пример, клетките) во планетарен
размер (на пример, екосфера). Екосистемите, на пример, содржат популации
на поединци кои припаѓаат на различни еколошки заедници. Потребни се околу
илјадници години за еколошките процеси да стигнат до крајната сукцесивна
фаза на шумски екосистем. Површината на екосистемот може да варира, од
мала до пространа. Едно дрво е од мало значање за класификацијата на
шумскиот екосистем, но од големо значење за организмите за кои тоа дрво
претставува место на живеење. Неколку генерации на мушички може да
опстанат за време на животниот век на еден лист. Секоја од овие мушички, пак,
го поддржува развојот на различни бактериски заедници. Природата на врски во
еколошките заедници не може да се објасни ако се знаат деталите за секој вид
одделно, бидејќи постоечкиот образец не може ниту да се открие ниту предвиди
сè додека екосистемот не се изучи како интегрирана целина. Некои еколошки
принципи, сепак, покажуваат колективни својства каде збирот на компоненти ги
објаснува својствата на целината, како што се наталитетот на популациите кој е
еднаков на збирот на поединечните потомци во одредена временска рамка.
• Размерот на еколошката динамика може да функционира како затворен
систем, како што мушичките мигрираат на едно дрво, додека во исто
време остануваат отворени во однос на поширок размер на влијанија,
како што се атмосферата или климата. Оттука, еколозите хиерархиски ги
класифицираат екосистемите преку анализа на податоци собрани од
единици во поситен размер, како што се растителните заедници, климата
и почвените типови и ги поврзуваат овие информации за да ги
идентификуваат обрасците на униформната организација и процесите кои
функционираат од локални до регионални, пределни и хронолошки
размери. За да се постави науката за екологијата во концепциска рамка,
биолошкиот свет е подреден на хиерархија која започнува од гените, па
клетките, потоа ткивата, органите, организмите, видовите, па сè до ниво
на биосферата. Оваа рамка формира панархија и прикажува нелинерарно
однесување. Ова значи дека влијанието и причината се непропорцијани,
па мали промени во критични променливи, како бројот на азотни
поврзувачи ќе доведе до непропорционални, па и неповратни промени во
својствата на системот.
• Биоразновидноста (скратено од "биолошката разновидност") ја опишува разноликоста
на животот од гените до екосистемите и го спојува секое ниво на биолошката
организација. Терминот има неколку толкувања и постојат повеќе начини да се
одреди, измери, карактеризира и претстави неговата комплексна организација.
Биоразновидноста ги вклучува видовата разновидност, разновидноста на
екосистемите, генетската разновидност и сложените процеси во и меѓу овие
поединечни нивоа. Биоразновидност има важна улога во еколошкиот интегритет исто
колку што има и во човековото здравје. Спречувањето на видовото изумирање е еден
начин да се зачува биоразновидноста, но факторите, како што се генетската
разновидност и миграциските правци се подеднакво важни и загрозени во глобални
размери. Приоритетот за зачувување и техниките за управување бараат различни
пристапи и сфаќања за да го опфатат целиот еколошки обем на биоразновидноста. На
пример, миграцијата на популациите и видовите се индикатори за екосистемските
услуги кои го одржуваат и придонесуваат за градење на природниот капитал од кој
зависи благосостојбата на човештвото. Разбирањето на биоразновидноста има
практична примена во планерите кои се насочени кон зачувување на екосистемот
зошто тие донесуваат еколошки одговорни одлуки во препораките за управување во
консалтинг фирмите, владите и индустриите. За да се зачува биолошката
разновидност утврдени се заштитени подрачја кои влегуваат во мрежата за заштитни
подрачја низ целиот свет.
• Живеалиштето на одреден вид ја опишува животната средина каде одредени видови најчесто
можат да се јават и видот на заедницата која се формира како резултат на тоа. Поконкретно,
живеалиштата се дефинираат како региони во животниот простор кој се состои од повеќе
димензии, а секоја од тие димензии претставува биотска или абиотска променливa на животната
средина т.е. секоја компонента или одлика на животната средина која директно (на пример,
фуражната биомаса и квалитет) или индиректно (на пр. височината) се поврзува со употребата на
дадена локација од животното. На пример, живеалиштето може да биде во водна или Земјина
средина која понатаму може да се категоризира како планински или алпски екосистем.
Промените на живеалиштата обезбедуваат важен доказ за конкуренција во природата, каде што
една популација се променува во однос на живеалиштата кои ги зафаќаат повеќето други
поединци на видови. На пример, еден популацијата на видот тропски гуштери (Tropidurushispidus)
има зарамнето тело во однос на гуштерите кои живеат во отворени савани. Популациите кои
живеат во изолирана капреста средина се кријат во пукнатини каде нивните срамнети тела им
овозможуваат селективна предност. Ваквите адаптибилни промени поврзани со местото на
живеење, исто така се присутни во текот на историјата на животниот развој на водоземци и
инсекти кои преоѓаат од водни во копнени живеалишта. Термините биотоп и живеалиште
понекогаш се поистоветуваат, но првиот се однесува на животната средина на заедницата, а
другиот се однесува на животната средина на видовите.
• Дефиницијата за еколошката ниша датира од далечната 1917год., но Г.
Евелин Хатчинсон постигнал концептуален напредок во 1957год. преку
воведувањето на пошироко усвоена дефиниција: “тоа е збир од биотски и
абиотски услови во кои видовите можат да опстанат и да одржат
стабилна големина на популацијата”. Еколошката ниша е значаен дел од
екологијата на организмите и е поделена на основна и остварена ниша.
Основната ниша е збир од услови на животната средина каде видовите
можат да опстанат. Остварената ниша е збир од условите на животната
средина и еколошките услови под кои видовите можат да опстанат.
Хатчинсоновата ниша потехнички се дефинира како “Евклидов простор
чии димензии се дефинирани како променливи на животната средина и
чија големина е функција од бројот на вредности на животната средина за
кои се смета дека имаат позитивен ефект врз организмот.”
• Биогеографските обрасци и ареалот на распространетост можат да се објаснат или
предвидат преку познавање на особините на видовите и барањата на нишата. Видовите
имаат функционални особини кои се уникатно прилагодени на еколошката ниша. Особината
е мерливо својство, фенотип, или одлика на организмот која може да влијае на неговиот
опстанок. Гените играат важна улога во развојот и изразувањето на особините на животната
форма. Резидентните видови развиваат особини кои се прилагодени на селективните
притисоци на локална животната средина. Ова им обезбедува конкурентна предност и ги
обесхрабрува видовите кои имаат слични прилагодби да се населат на поголем географски
опсег. Принципот на конкурентно исклучување наведува дека два вида не можат да опстанат
истовремено ако и двата вида живеат од исти, ограничени ресурси. Едниот секогаш ќе го
надвладее другиот. Кога видовите кои имаат слични одлики географски ќе се преклопат,
потемелните набљудувања ќе откријат суптилни еколошки разлики во нивното живеалиште
или потребите за храна. Некои модели и емпириските студии, сепак, укажуваат на тоа дека
нарушувањата може да го стабилизираат коеволуирањето и заедничкото држење на нишите
на сличните видови кои живеат во видово богати заедници. Живеалиштето и нишата заедно
се нарекуваат екотоп, кој понатаму се дефинира како целосен опсег на еколошки и
биолошки променливи кои влијаат на сите видови.
• Организмите се предмет на еколошки притисоци, но тие, исто така, ги
модифицираат нивните живеалишта. Регулаторните повратни
информации меѓу организмите и нивната средина можат со текот на
времето, па дури и по смртта да влијаат на условите, од локални (на
пр. барите) до глобални размери, како што се распаѓањето на стебла
или наталожувањето на силициум од скелетните делови на морските
организми. Процесот и концептот на инжинерството на екосистемот,
исто се нарекува и изградба на ниша. Инженерите на екосистемот се
дефинираат како: "организми кои преку предизвикување на промени
во физичката состојба на биотските или абиотските материјали,
директно или индиректно влијаат врз достапноста на ресурсите за
другите видови. Притоа тие ги изменуваат и одржуваат старите и
создаваат нови живеалишта".
• Концептот на инженерството на екосистемот стимулирало ново признание
за влијанието што организмите го имаат врз екосистемот и еволутивниот
процес. Терминот "изградба на нишата" сè повеќе се користи кога се
зборува за потценетите повратни информации на механизмот на
природната селекција врз абиотската ниша. Пример за природна селекција
преку инженерството во екосистемот се случува во гнездата на инсектите,
вклучувајќи ги мравките, пчелите, осите и термитите. Постои растечка
хомеостаза во структурата на гнездото кое ја уредува, одржува и брани
физиологијата на целата колонија. Термитите, на пример, одржуваат
константна внатрешна температура преку дизајнот за климатизација.
Структурата на гнездата е како еден вид експеримент на силите на
природната селекција. Гнездото може да преживее повеќе последователни
генерации, така што потомството го наследува и генетскиот материјал и
нишата која била изградена пред нивното време.
• Биомите се поголеми единици на организацијата кои ги категоризираат
регионите на Земјините екосистеми, во согласност со структурата и составот
на растителноста. Постојат различни методи за да се дефинираат копнените
граници на биомите под влијание на различни функционални типови на
вегетативни заедници кои во распределбата се ограничени со климата,
врнежите, времето и други еколошки променливи фактори. Биомите ги
вклучуваат тропските дождовни шуми, широколистните и мешаните шуми во
умерените предели, листопадните шуми во умерените предели, тајга, тундра,
пустините и поларните пустини. Други истражувачи неодамна категоризирале
други биоми, како што се човековите и океанските микробиоми. За микробите
човечкото тело претставува живеалиште и предел. Микробиомите биле
откриени откако напреднала молекуларната генетика, која открила скриено
богатство на микробна разновидност на планетата. Океанскиот микробиом
има значајна улога во еколошката биогеохемија на океаните на планетата.
• Биосфера е најголемиот размер на еколошка организација: вкупниот износ
на екосистеми на планетата. Еколошките односи го регулираат сè до
планетарни размери приливот на енергија, хранливи материи и климата.
На пример, динамичната историја на планетарниот состав на CO2
(јаглерод диоксид) и О2 (кислород) биле под влијание на биогениот флукс
на гасовите кои доаѓаат од дишењето и фотосинтезата, чии нивоа со текот
на времето се менуваат во однос на екологијата и еволуцијата на
растенијата и животните. Еколошката теорија исто така се користела за да
се објаснат само-иницираните регулаторни феномени во планетарни
размери. На пример, Геја хипотезата е пример за применет холизам во
еколошката теорија. Во Геја хипотезата се вели дека метаболизмот на
живите организми условува појава на повратен циклус што ја одржува
температурата на Земјата и атмосферските услови во тесен
саморегулирачки опсег на толеранција.

You might also like