You are on page 1of 5

783: 271.22(497.

7)„19/20’’

Игор Гулевски, протопсалт

ОБНОВУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКОТО ЦРКОВНО ПЕЕЊЕ ОД КРАЈОТ НА XX-


от ДО ПОЧЕТОКОТ НА XXI- от ВЕК

Првите преводи на богослужбените книги од грчки на словенски јазик од светите


Кирил и Методиј, всушност претставуваат првите обиди за моделирање на црковното
пеење на словенски јазик. Тоа, пред сé, произлегува од метро-ритмичките усогласувања
на византиската мелодија со словенскиот текст.
Во византиско-словенското црковно пеење на територијата на Македонија, во
текот на еден подолг временски период, се издвојуваат низа карактеристични елементи,
кои, партиципирајќи во богослужбениот ритуал на оваа почва, се издвојуваат како
своевидни и препознатливи за македонското естетско искуство во целина. 1 Фолклорните
мелодии воведени и вкоренети во основата на црковниот богослужбен репертоар,
претставуваат извонредно важен елемент во литургискиот чин, со кој се обезбедува
народниот карактер на црковното пеење, а со тоа и привлекувањето на поголем број
македонски верници во црковната богослужба.2 Во овој поглед за особено важен се смета
просветителскиот период на светите Климент и Наум.
Својот највисок развоен степен црковното пеење во Македонија го достигнува во
децениите пред и по создавањето на средновековната македонска држава - Самоиловото
царство и на Охридската архиепископија. Иако со смален интензитет, оваа развојна
линија на црковното пеење не е прекината и по распадот на македонската држава, кога со
Охридската архиепископија раководеле исклучиво епископи Грци - поставени од
византиската власт. И покрај влошените услови во вековите на византиското владеење во
Македонија, создадени се бројни црковно-музички ракописи на словенски јазик. Но, со
потпаѓањето на Византија под Османлиска власт, источното црковно пеење во целиот
православен свет бележи назадување.
За црковното пеење на територијата на Македонија во овие новосоздадени услови
под Османлиска власт нема многу податоци, ниту пак се сочувани словенски музички
ракописи. Може да се претпостави дека, црковното пеење на словенски јазик можело да
се практикува само во некои пооддалечени селски и манастирски цркви, кои грчкото
свештенство не можело да ги контролира, а во градските цркви (оние што не биле
претворени во џамии), главно се пеело на грчки јазик.3 Состојбите во црковниот и во
целокупниот општествен живот во Македонија, особено се влошиле со укинувањето на
Охридската архиепископија во 1767 година.
Својот втор голем подем црковното пеење во Македонија го доживеа во втората
половина на XIX век, во периодот на Националната преродба. За ова придонесе и ново-
создадената музичка нотација на Хрисант, објавена во 1814 година, која како сублимат од
претходните развојни фази на теоријата и практиката на источното црковно пеење, како и
на некои искуства на европската музика, кон средината на векот беше општо прифатена и
на територијата на Македонија.
1
ПЕЛАГОНИТИСА, Митрополиска библиотека „Св. Јован Богослов“, година осма, број 13 – 15, Илинден,
Битола, 2003, стр. цит. 118
2
Коџабашија, Јане, Црковното пеење во Македонија, Центар за византолошки студии – Скопје, 2008,
стр.цит. 28
3
Коџабашија, Јане, Црковното пеење во Македонија, Центар за византолошки студии – Скопје, 2008, стр.
цит. 37.
Со прифаќањето на новото нотно писмо од страна на нашите преродбеници од XIX
век, се воспостави континуитетот на црковното пеење, коешто во Македонија, како и во
другите православни земји, беше назадено во вековите на османлиското владеење. Но,
благодарение на длабоките корени на источното црковното пеење, воспоставено уште во
просветителскиот период на светите Климент и Наум, како и на големиот број ракописни
и печатени псалтикии, создадени од наши црковно-музички дејци во преродбенскиот
период, македонското црковно пеење го зачува духот на свети Климентовото предание сѐ
до нашево време.4
Во последните три децении на XX и преминот во XXI век, откриени се повеќе
десетици невматски ракописи од наши преродбеници, од кои еден добар дел веќе се
презентирани пред македонската научна јавност и пошироко на Балканот, преку разни
научни трибини, како што е онаа на манифестацијата Струшка музичка есен, основана во
1975 година. Сето тоа во голема мера придонесе интересирањето за црковното пеење од
словенско-византиската традиција, да се зголеми уште повеќе и неговото обновување во
македонските православни храмови да стане императив на цела генерација псалти,
монаси и музиколози.
Со осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година и со
воспоставувањето на демократските процеси, едновремено се создаде широк простор за
повторно актуелизирање на источното црковно пеење.5
Имено, во последната деценија на XX век, во повеќе манастири низ Републикава,
од страна на монасите, полека започна обновувањето и практикувањето на ова наше
древно пеење. И не само монасите, туку и цела една генерација на млади интелектуалци
приврзеници на источното црковно пеење, не можеа да останат рамнодушни спрема
прекрасните мелодии на истото. Кога станува збор за обновувањето на црковното пеење
од византиската традиција во Македонија, интересен е примерот со градот Битола, каде
што една група стари псалти, меѓу кои Трифун Радевски (1914 - 2002), кој што беше псалт
во црквата Св. Димитриј во Битола, покојниот протоѓакон Димитар и псалтот Трајче, кој
што еден подолг период пееше во црквата Св. Недела во Битола, претставуваа последната
непосредна врска со псалтите од изминатиот период. Под нивно влијание денешните
црковни пејачи со начинот на своето интерпретирање, во црковното пеење внесуваат и
елементи од македонската песнопојна традиција.
Меѓу првите кои започнаа да го практикуваат источното црково пеење, се:
монашките братства и сестринства од Бигорскиот манастир, под раководство на игуменот
о. Партениј - по потекло од Битола; манастирите Вељуса и Водоча – Струмичка епархија,
раководена од митрополитот Наум, потоа Зрзе, Трескавец, Лесновскиот манастир под
раководство на игуменот о. Дамаскин6; како и низата новоформирани хорови на црковна
музика од целата Република, како што се: мешаниот хор Св. Климент Охридски од Скопје
и женскиот камерен хор Св. Злата Мегленска од Скопје. Од поново време можеме да ги
споменеме хоровите кои исклучиво изведуваат црковна музика од византиската
традиција: Мешаниот хор Калистрат Зографски од Струга, со диригентот Димитриј
Кумбаровски, Хорот Јоан Хармосин Охридски од Скопје, со диригентот Ристо Солунчев,
Хорот Св. Нектариј - Битолски од Битола, под диригентство на Игор Гулевски, Хорот Св.
Макрина од Битола, под раководство на Мери Чекуткова, Детскиот хор Св. Ѓорѓи -
Кратовски, исто така од Битола, Хорот Димитар Златанов Градоборски, при Центарот за
византолошки студии – Скопје, кој десетина години работеше под раководство на
професорот Јане Коџабашија и др.

4
Исто, стр. 44
5
Коџабашија, Јане, Црковното пеење во Македонија, Центар за византолошки студии – Скопје, 2008, стр. 59
6
Опширен воскресник, МПЦ, 2008, стр. 37
Потоа следеше појавата на првите компакт–дискови со творби од источното
црковно пеење, кои наидоа на огромно интересирање кај пошироката музичка јавност. Да
ги споменеме овде најуспешните: Пасхални песнопенија од Бигорскиот манастир,
Божествена литургија од сестринството при манастирот Св. Богородица - Елеуса,
изданието на Лајонс клубот Св. Пантелејмон - Скопје, со музички творби од Јоан
Хармосин Охридски, изданието на Хорот Калистрат Зографски од Струга, како и
изданијата од псалтите Гоце Секуловски од Прилеп и Игор Гулевски од Битола. За
повеќето од овие музички изданија проф. д-р Јане Коџабашија напиша рецензии, во кои,
вреднувајќи го трудот на носителите на овие изданија, искажа ласкави зборови на
подршка, за понатамошни активности и афирмација на црковното пеење од византиската
традиција во македонските православни храмови.
Паралелно со овие активности со кои практично започна обновувањето на
традиционалното црковно пеење, во овој период во Македонија се одржаа и бројни
семинари на источно црковно пеење и симпозиуми, на кои значаен простор му беше
посветен на историскиот развој на црковното пеење во Македонија. Овде можеме да ги
издвоиме: Симпозиумот на тема: Културата и уметноста на Охрид, по повод 2000 -
години од христијанството, каде што од страна на проф. д-р. Јане Коџабашија беше
презентирано делото на Јоан Хармосин - Охридски.
Во чест на јубилејот 100 - години од издавањето на четири томниот зборник на
Калистрат Зографски, Центарот за византолошки студии со поддршка на Министерството
за култура на Р. Македонија и Собранието на Р. Македонија, организираше тримесечен
семинар по источно црковно пеење, со проф. д-р. Јане Коџабашија како предавач и
Свечена академија посветена на Калистрат Зографски.
Покрај низата семинари по источно црковно пеење одржани во Скопје и во некои
манастири, треба да се спомене и одржувањето на семинарот во Битола, во 2006 година,
под раководство на професорот Јане Коџабашија, на кој присуствуваше поголема група
млади луѓе, од кои некои подоцна продолжија и професионално да се занимаваат со
источното црковно пеење.
Минатата 2011 година, во рамките на Летната школа на Институтот „Евро –
Балкан” во Охрид, беше организиран напреден Семинар на источно црковно пеење со
основна тема „Гласот на македонското црковно пеење“. Семинарот со кој раководеше
проф. д-р Јане Коџабашија уште еднаш потврди дека во нашава Република постои големо
интересирање за црковното пеење како национално културно наследство.
Од сѐ ова што е кажано досега, очигледни се големиот ангажман и посветеноста на
професорот Коџабашија во обновувањето на црковното пеење од византиската традиција
во македонските православни храмови. По повод неговиот јубилеј 70 години од раѓањето,
овде сосема накусо ќе изнесеме неколку најосновни податоци за неговиот живот и
музичкото дело.
Јане Коџабашија е роден на 19 Јули 1942 г. во с. Купа, Грција.
Музичкиите студии ги започнува во 1960 г. на Педагошката академија во Скопје.
Во 1963 г. се запишува на Музичката академија во Белград на Одделот за музичка теорија.
По враќањето во Скопје, при Факултетот за музичка уметност, најпрвин студира соло -
пеење, потоа, на истиот факултет ги продолжува студиите на Наставно - теоретскиот
оддел, на којшто и дипломира во 1976 година. За време на студиите во Скопје и Белград,
работи како естраден уметник, а извесно време и како наставник по музика.
Најголемиот дел од својот работен век го поминува на разни должности во
Македонската радио - телевизија.
Во првиот период пишува популарна и детска музика, а подоцна се ориентира кон
камерна, хорска и црковна музика. Како автор на забавни мелодии и стихови учествувал
на речиси сите најпознати фестивали на популарна музика од поранешните југословенски
простори, на кои бил и добитник на повеќе награди.
Во последните десетина години, негова единствена преокупација е црковната
музика од византиската традиција и транскибирањето на црковно - музички ракописи со
разни византиски нотации на западно нотно писмо. Во една прилика професорот го
истакна она што најдобро го разбираме ние псалтите, кои сме посветени на црковното
пеење од византиската традиција. Тоа е оваа негова реченица: „Во моментот кога почнав
да го истражувам црковното пеење во Македонија, почуствував дака тоа е она што ме
ангажира целосно.”7
Проф. д-р Јане Коџабашија престојувал работно во Грција, Бугарија, Србија и
Романија. Како стипендијант на Владата на Република Романија, заврши последипломски
студии од областа на византиската музика, псалтиката и палеографијата кај проф. д-р.
Себастијан Барбу - Букур, на Музичкиот универзитет во Букурешт. Кај истиот професор ја
одбрани и докторската теза „Музичката култура од византиска традиција на територијата
на Македонија во XIX век.”
Неговата долгогодишна плодна работа во областа на македонското црковно пеење,
резултираше со бројни публикации во домашни и странски списанија и издавање на
поголем број псалтикиски монографии:
- Литургија по св. Јован Златоуст за мешан хор, издадена во 1995 година;
- Пасхалија од Јоан Хармосин Охридски, издадена 1999 година;
- Теорија и практика на црковното пеење од византиска традиција од Јане
Коџабашија, издадена 2004 година;
- Учебник по источно црковно пеење од Јане Коџабашија издадена 2004
година;
- Литургија од Димитар Златанов Градоборски, издадена 2004 година;
- Краток воскресник од Андон Шахпаски, издадена 2004 година;
- Литургија и воскресник од Калистрат Зографски, издадена 2005 година;
- Утрена и вечерна од Калистрат Зографски, издадена 2005 година;
- Литургиски зборник од Андон Шахпаски, издадена 2006 година;
- Хармосин Охридски: Живот и дело, од Јане Коџабашија, издадена 2007
година;
- Црковното пеење во Македонија од Јане Коџабашија, издадена 2008
година;
- Ортографија со основна теорија на византиската музика од Јане
Коџабашија, издадена 2010 година;
- Опширен псалтикиски воскресник од Васил Иванов Бојаџиев, издадена
2011 година;
- Псалтика од Андон Шахпаски. ( во печат)
Во моментов д-р Јане Коџабашија е вонреден професор на Православниот
богословски факултет, по предметот македонско црковно пеење и редовен професор на
Институтот „Евро – Балкан”, каде што ги држи последипломските студии по Теорија и
практика по источно црковно пеење. Избран е за редовен професор и на ново
формираниот универзитет „Евро - Балкан“ на отсекот по византолошки студии.

Сите овие активности се уверливи сведоштва за обновувањето на источното


црковно пеење во Македонија и солидна основа за негово целосно интегрирање и
унифицирање во литургискиот живот во нашите цркви, во духот на свети Климентовото
предание. Затоа аманетот којшто ни го оставија нашите преродбеници, за сопствена

7
Граѓански, магазин од поинаков формат, бр. 11, сабота, 14 јули 2012 година I, стр. 16
црква и црковно пеење, треба да биде исполнет од сегашните генерации, а идните да го
чуваат и негуваат како светост и културна вредност од првостепено национално значење.

You might also like